Устав

Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Северна Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на сé што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Северна Македонија, еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро на Република Северна Македонија во согласност со традицијата на Крушевската Република и правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година на кои се изрази волјата за создавање на самостојна суверена држава и Охридскиот рамковен договор, ја конституираат Република Северна Македонија како самостојна, суверена држава, со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот, преку своите претставници во Собранието на Република Северна Македонија, избрани на слободни и демократски избори, го донесуваат овој

УСТАВ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

I. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ

Член 1

Република Северна Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Суверенитетот на Република Северна Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.

Член 2

Во Република Северна Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.

Граѓаните на Република Северна Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Член 3

Територијата на Република Северна Македонија е неделива и неотуѓива.

Постојната граница на Република Северна Македонија е неповредлива.

Границата на Република Северна Македонија може да се менува само во согласност со Уставот, а врз принципот на доброволност и во согласност со општоприфатените меѓународни норми.

Република Северна Македонија нема територијални претензии кон соседните држави.

Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави.

Член 4

Граѓаните на Република Северна Македонија имаат државјанство на Република Северна Македонија.

На државјанин на Република Северна Македонија не може да му биде одземено државјанството, ниту може да биде протеран од Република Северна Македонија. Државјанин на Република Северна Македонија не може да биде предаден на друга држава, освен врз основа на ратификуван меѓународен договор, со одлука на суд.

Државјанството на Република Северна Македонија се уредува со закон.

Член 5

Државни симболи на Република Северна Македонија се: грб, знаме и химна.

Грбот, знамето и химната на Република Северна Македонија се утврдуваат со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Член 6

Главен град на Република Северна Македонија е Скопје.

Член 7

На целата територија во Република Северна Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член.

Личните документи на граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се издаваат на македонски јазик и неговото писмо, како и на тој јазик и неговото писмо во согласност со закон.

Кој било граѓанин кој живее во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, во комуникацијата со подрачните единици на министерствата, може да употреби кој било од службените јазици и неговото писмо. Подрачните единици надлежни за тие единици на локална самоуправа одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмо што го употребува граѓанинот. Секој граѓанин во комуникација со министерствата може да употребува еден од службените јазици и неговото писмо, а министерствата одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмото што го употребува граѓанинот.

Во органите на државната власт во Република Северна Македонија службен јазик различен од македонскиот јазик, може да се користи во согласност со закон.

Во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на единиците на локалната самоуправа.

Член 8

Темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се:
– основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот;
– слободното изразување на националната припадност; Соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа.
– владеењето на правото;
– поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска;
– политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори;
– правната заштита на сопственоста;
– слободата на пазарот и претприемништвото;
– хуманизмот, социјалната правда и солидарноста;
– локалната самоуправа;
– уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата и
– почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Во Република Северна Македонија слободно e сè што со Уставот и закон не е забрането.

II. ОСНОВНИ СЛОБОДИ И ПРАВА НА ЧОВЕКОТ И ГРАЃАНИНОТ

1. Граѓански и политички слободи и права

Член 9

Граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Член 10

Животот на човекот е неприкосновен.

Во Република Северна Македонија не може да се изрече смртна казна по ниту еден основ.

Член 11

Физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.

Се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување.

Се забранува присилна работа.

Член 12

Слободата на човекот е неприкосновена.

Никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон.

Лицето повикано, приведено или лишено од слобода мора веднаш да биде запознато со причините за неговото повикување, приведување или лишување од слобода и со неговите права утврдени со закон и од него не може да се бара изјава. Лицето има право на бранител во полициската и судската постапка.

Лицето лишено од слобода мора веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од моментот на лишувањето од слобода, да биде изведено пред суд, кој без одлагање ќе одлучи за законитоста на лишувањето од слобода.

Притворот до подигнување на обвинението, по одлука на суд, може да трае најдолго 180 дена од денот на притворувањето.

По подигнување на обвинението, притворот го продолжува или го определува надлежниот суд во случај и во постапка утврдени со закон.

Притвореното лице може под услови утврдени со закон да биде пуштено да се брани од слобода.

Член 13

Лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино сè додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Лицето незаконито лишено од слобода, притворено или незаконито осудено, има право на надомест на штета и други права утврдени со закон.

За прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања.

Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон.

Член 14

Никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука.

Член 15

Се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.

Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Член 16

Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.

Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации.

Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање.

Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање.

Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање.

Цензурата е забранета.

Член 17

Се гарантира слободата и неповредливоста на писмата и на сите други облици на комуникација.

Само врз основа на одлука на суд, под услови и во постапка утврдени со закон, може да се отстапи од правото на неповредливост на писмата и на сите други облици на комуникација, ако тоа е неопходно заради спречување или откривање кривични дела, заради водење кривична постапка или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Републиката.

Законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Член 18

Се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци.

На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците.

Член 19

Се гарантира слободата на вероисповеста.

Се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата.

Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Северна Македонија, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред закон.

Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Северна Македонија, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се слободни во основањето на верски училишта и на социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон.

Член 20

На граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.

Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.

Забранети се воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Северна Македонија.

Член 21

Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола.

Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба.

Член 22

Секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право.

Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање.

Избирачко право немаат лицата на кои им е одземена деловната способност.

Член 23

Секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Член 24

Секој граѓанин има право да поднесува претставки до државните органи и другите јавни служби и на нив да добие одговор.

Граѓанинот не може да биде повикан на одговорност, ниту да трпи штетни последици за ставовите изнесени во претставките, освен ако со нив не сторил кривично дело.

Член 25

На секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Член 26

Се гарантира неповредливоста на домот.

Правото на неповредливост на домот може да биде ограничено единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето.

Член 27

Секој граѓанин на Република Северна Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште.

Секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката.

Остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

Член 28

Одбраната на Република Северна Македонија е право и должност на секој граѓанин.

Остварувањето на ова право и должност на граѓаните се уредува со закон.

Член 29

Странците во Република Северна Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори.

Републиката им гарантира право на азил на странците и на лицата без државјанство, прогонети заради демократско, политичко уверување и дејствување.

Екстрадиција на странец може да биде извршена само врз основа на ратификуван меѓународен договор и врз начелото на реципроцитет. Странец не може да биде екстрадиран заради политичко кривично дело. Дејствијата на тероризам не се сметаат за политички кривични дела.

2. Економски, социјални и културни права

Член 30

Се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.

Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Член 31

Странско лице во Република Северна Македонија може да стекнува право на сопственост под услови утврдени со закон.

Член 32

Секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност.

Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Секој вработен има право на соодветна заработувачка.

Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат.

Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Член 33

Секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Член 34

Граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Член 35

Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани.

Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.

Член 36

Републиката им гарантира посебни социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија, на воените инвалиди, на прогонуваните и затвораните за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, како и на членовите на нивните семејства кои немаат можности за материјална и социјална егзистенција.

Посебните права се уредуваат со закон.

Член 37

Заради остварување на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикати. Синдикатите можат да основаат свои сојузи и да членуваат во меѓународни синдикални организации.

Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на синдикално организирање во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Член 38

Се гарантира правото на штрајк.

Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Член 39

На секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.

Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Член 40

Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството.

Правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон.

Родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата. Децата се должни да се грижат за старите и изнемоштени родители.

Републиката им обезбедува посебна заштита на децата без родители и децата без родителска грижа.

Член 41

Право на човекот е слободно да одлучува за создавање на деца.

Републиката, заради усогласен економски и социјален развој, води хумана популациона политика.

Член 42

Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.

Лице помладо од 15 години живот не може да биде вработено.

Малолетните лица и мајките имаат право на посебна заштита при работа.

Малолетните лица не смеат да бидат вработувани на работни места што се штетни за нивното здравје и моралот.

Член 43

Секој човек има право на здрава животна средина.

Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата.

Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Член 44

Секој има право на образование.

Образованието е достапно на секого под еднакви услови.

Основното образование е задолжително и бесплатно.

Член 45

Граѓаните имаат право, под услови утврдени со закон, да основаат приватни образовни установи во сите степени на образованието, освен во основното образование.

Член 46

На универзитетот му се гарантира автономија. Условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, се уредуваат со закон.

Член 47

Се гарантира слободата на научното, уметничкото и на другите видови творештво.

Се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво.

Републиката го поттикнува, помага и штити развојот на науката, уметноста и културата.

Републиката го поттикнува и помага научниот и технолошкиот развој.

Републиката ги поттикнува и помага техничката култура и спортот.

Член 48

Припадниците на заедниците имаат право слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и особеностите на своите заедници и да ги употребуваат симболите на својата заедница.

Републиката им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на сите заедници.

Припадниците на заедниците имаат право да основаат културни, уметнички, образовни институции, како и научни и други здруженија заради изразување, негување и развивање на својот идентитет.

Припадниците на заедниците имаат право на настава на својот јазик во основното и средното образование на начин утврден со закон. Во училиштата во кои образованието се одвива на друг јазик се изучува и македонскиот јазик.

Член 49

Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ.

Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство.

Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и за дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите и ги негува и унапредува врските со татковината.

Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

3. Гаранции на основните слободи и права

Член 50

Секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Граѓанинот има право да биде запознат со човековите права и основни слободи и активно да придонесува, поединечно или заедно со други за нивно унапредување и заштита.

Член 51

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Член 52

Законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето.

Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Член 53

Адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Член 54

Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот.

Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

4. Основи на економските односи
Член 55

Се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната  средина или здравјето на луѓето.

Член 56

Сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Републиката гарантира заштита, унапредување и збогатување на историското и уметничкото богатство на Северна Македонија и на сите заедници во Северна Македонија, како и на добрата кои го сочинуваат без оглед на нивниот правен режим.

Со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Член 57

Републиката го поттикнува економскиот напредок и се грижи за порамномерен просторен и регионален развој, како и за побрз развој на стопански недоволно развиените подрачја.

Член 58

Сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето.

Учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност.

Член 59

На странските вложувачи им се гарантира правото на слободно изнесување на вложениот капитал и добивката.

Правата стекнати врз основа на вложениот капитал не можат да се намалуваат со закон или друг пропис.

Член 60

Народната банка на Република Северна Македонија е емисиона банка.

Народната банка е самостојна и одговорна за стабилноста на валутата, за монетарната политика и за општата ликвидност на плаќањата во Републиката и кон странство.

Организацијата и работата на Народната банка се уредуваат со закон.

III. ОРГАНИЗАЦИЈА НА ДРЖАВНАТА ВЛАСТ

1. Собрание на Република Северна Македонија

Член 61

Собранието на Република Северна Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката.

Организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот.

Член 62

Собранието го сочинуваат од 120 до 140 пратеници.

Пратениците се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање.

Пратеникот ги претставува граѓаните и во Собранието одлучува по свое уверување.

Пратеникот не може да биде отповикан.

Начинот и условите за избор на пратениците се уредуваат со закон што се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Член 63

Пратениците во Собранието се избираат за време од четири години. Мандатот на пратениците го верифицира Собранието. Мандатот почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав.

Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите.

Избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието.

Мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба.

Со закон се утврдува неспојливоста и неизберливоста на функцијата пратеник во Собранието со вршење на други јавни функции или професии.

Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници.

Член 64

Пратениците уживаат имунитет.

Пратеникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење или за гласање во Собранието.

Пратеникот не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.

Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник и кога тој самиот не се повикал на него, ако е тоа потребно заради вршење на функцијата пратеник.

За време на мандатот пратениците не подлежат на обврска во вооружените сили.

Пратеникот има право на надомест утврден со закон.

Член 65

Пратеникот може да поднесе оставка.

Пратеникот оставката ја поднесува лично на седница на Собранието.

На пратеникот му престанува мандатот кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.

На пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. Одземањето на мандатот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Член 66

Собранието е во постојано заседание.

Собранието работи на седници.

Седниците на Собранието ги свикува претседателот на Собранието.

Собранието донесува деловник со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Член 67

Собранието од редот на пратениците избира претседател и еден или повеќе потпретседатели, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Претседателот на Собранието го претставува Собранието, се грижи за примена на Деловникот на Собранието и врши други работи утврдени со Уставот и со Деловникот на Собранието.

Функцијата претседател на Собранието е неспојлива со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија.

Претседателот на Собранието распишува избори за пратеници и избор на претседател на Републиката.

Член 68

Собранието на Република Северна Македонија:
– го донесува и изменува Уставот;
– донесува закони и дава автентично толкување на законите;
– ги утврдува јавните давачки;
– донесува републички буџет и завршна сметка на буџетот;
– донесува просторен план на Републиката;
– ратификува меѓународни договори;
– одлучува за војна и мир;
– донесува одлука за менување на границата на Републиката;
– донесува одлука за стапување и истапување од сојуз или заедница со други држави;
– распишува референдум;
– одлучува за резервите на Републиката;
– основа совети;
– избира Влада на Република Северна Македонија;
– избира судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија;
– врши избори, именувања и разрешувања и на други носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон;
– врши политичка контрола и надзор над Владата и над другите носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието;
– дава амнестија и
– врши други работи утврдени со Уставот.

Собранието за вршење на работите од својата надлежност донесува и одлуки, декларации, резолуции, препораки и заклучоци.

Член 69

Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство.

За закони кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија. Спорот во врска со примената на оваа одредба го решава Комитетот за односи меѓу заедниците.

Член 70

Седниците на Собранието се јавни.

Собранието може да одлучи да работи без присуство на јавноста со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Член 71

Право да предлага донесување на закон има секој пратеник во Собранието, Владата на Република Северна Македонија и најмалку 10.000 избирачи.

Иницијатива за донесување на закон до овластените предлагачи може да даде секој граѓанин, група граѓани, институции и здруженија.

Член 72

Интерпелација може да се постави за работата на секој носител на јавна функција, Владата и секој нејзин член поединечно, како и за прашања од работата на државните органи.

Интерпелација можат да поднесат најмалку пет пратеници.

Пратеничко прашање може да постави секој пратеник.

Начинот и постапката на поднесувањето и расправата по интерпелација и пратеничко прашање се уредуваат со Деловникот.

Член 73

Собранието одлучува за распишување на референдум за одделни прашања од својата надлежност со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Одлуката на референдумот е усвоена, ако за неа гласало мнозинството од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број избирачи.

Собранието е должно да распише референдум кога предлог ќе поднесат најмалку 150.000 избирачи.

Одлуката донесена на референдумот е задолжителна.

Член 74

Собранието донесува одлука за менување на границата на Републиката со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Одлуката за менување на границата на Републиката е усвоена на референдум, доколку за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи.

Член 75

Законите се прогласуваат со указ.

Указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието.

Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.

Претседателот е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Член 76

Собранието основа постојани и повремени работни тела.

Собранието може да основа анкетни комисии за сите области и за секое прашање од јавен интерес.

Предлог за основање анкетна комисија можат да поднесат најмалку 20 пратеници.

Собранието основа постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.

Наодите на анкетните комисии се основа за поведување постапка за утврдување на одговорност на носителите на јавните функции.

Член 77

Собранието избира народен правобранител со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија.

Народниот правобранител ги штити уставните и законските права на граѓаните кога им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања. Народниот правобранител ги штити уставните и законските права на граѓаните што им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања. Народниот правобранител посветува особено внимание за заштита на начелата на недискриминација соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа и во јавните установи и служби.

Народниот правобранител се избира за време од осум години, со право на уште еден избор.

Условите на избор и разрешување, надлежноста и начинот на работата на народниот правобранител се уредуваат со закон.

Член 78

Собранието основа Комитет за односи меѓу заедниците.

Комитетот го сочинуваат 19 члена од кои по седум члена од редот на пратениците во Собранието Македонци и Албанци и по еден член од редот на пратениците Турци, Власи, Роми, Срби и Бошњаци. Доколку некоја од заедниците нема пратеници, народниот правобранител, по консултации со релевантните претставници на тие заедници, ќе ги предложи другите членови на Комитетот.

Собранието ги избира членовите на Комитетот.

Комитетот разгледува прашања од односите меѓу заедниците во Републиката и дава мислења и предлози за нивно решавање.

Собранието е должно да ги разгледува мислењата и предлозите на Комитетот и да донесе одлука во врска со нив.

Во случај на спор во врска со спроведување на постапката за гласање во Собранието, утврдена во членот 69 став 2 Комитетот одлучува, со мнозинство гласови од членовите, за тоа дали ќе се спроведе постапката.

2. Претседател на Република Северна Македонија
Член 79

Претседателот на Република Северна Македонија ја претставува Републиката.

Претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили на Северна Македонија.

Претседателот на Републиката своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Член 80

Претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање, за време од пет години.

За претседател на Републиката исто лице може да биде избрано најмногу два пати.

Претседателот на Републиката мора да биде државјанин на Република Северна Македонија.

За претседател на Републиката може да биде избрано лице кое на денот на изборите наполнило најмалку 40 години живот.

За претседател на Републиката не може да биде избрано лице кое до денот на изборите не било жител на Република Северна Македонија најмалку десет години во последните 15 години.

Член 81

Кандидат за претседател на Републиката можат да предложат најмалку 10.000 избирачи или најмалку 30 пратеници.

За претседател на Републиката е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи.

Ако во првиот круг ниту еден кандидат за претседател не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови.

Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето.

За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од 40% од избирачите.

Доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.

Ако за претседател на Републиката е предложен еден кандидат, а во првиот круг на гласање не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.

Изборот за претседател на Републиката се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател. Во случај на престанок на мандатот на претседателот на Републиката од кои и да е причини, изборот за нов претседател се врши во рок од 40 дена од денот на престанокот на мандатот.

Пред преземањето на должноста, претседателот на Републиката дава свечена изјава пред Собранието со која се обврзува на почитување на Уставот и законите.

Член 82

Во случај на смрт, оставка, трајна спреченост да ја врши функцијата или престанок на мандатот по сила на Уставот, до изборот на нов претседател на Републиката, функцијата претседател на Републиката ја врши претседателот на Собранието.

Настапувањето на условите за престанок на функцијата претседател на Републиката го утврдува Уставниот суд на Република Северна Македонија по службена должност.

Во случај на спреченост да ја врши функцијата, претседателот на Републиката го заменува претседателот на Собранието.

Кога претседателот на Собранието ја врши функцијата претседател на Републиката, тој учествува во работата на Собранието без право на одлучување.

Член 83

Должноста претседател на Републиката е неспојлива со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија.

Претседателот на Републиката ужива имунитет.

За одземање на имунитетот на претседателот на Републиката одлучува Уставниот суд на Република Северна Македонија со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.

Член 84

Претседателот на Република Северна Македонија:
– го определува мандаторот за состав на Владата на Република Северна Македонија;
– ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и пратениците на Република Северна Македонија во странство;
– ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници;
– предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија;
– Предлага двајца членови на Судскиот совет на Република Северна Македонија.
– именува тројца членови на Советот за безбедност на Република Северна Македонија;
– именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и со закон;
– доделува одликувања и признанија во согласност со закон;
– дава помилувања во согласност со закон и
– врши други функции утврдени со Уставот.

Член 85

Претседателот на Републиката го известува Собранието за прашања од неговата надлежност најмалку еднаш годишно.

Собранието може да побара од претседателот на Републиката мислење за прашања од неговата надлежност.

Член 86

Претседателот на Републиката е претседател на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.

Советот за безбедност на Републиката го сочинуваат: претседателот на Републиката, претседателот на Собранието, претседателот на Владата, министрите кои раководат со органите на државната управа во областите на безбедноста, одбраната и надворешните работи и тројца членови кои ги именува претседателот на Републиката. При именувањето на тројцата членови, претседателот ќе обезбеди составот на Советот, како целина, соодветно да го одразува составот на населението во Република Северна Македонија.

Советот ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и Владата.

Член 87

Претседателот на Републиката е одговорен за кршење на Уставот и законите во вршењето на своите права и должности.

Постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.

Ако Уставниот суд утврди одговорност на претседателот на Републиката, функцијата му престанува по сила на Уставот.

3. Влада на Република Северна Македонија

Член 88

Владата на Република Северна Македонија е носител на извршната власт.

Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Член 89

Владата ја сочинуваат претседател и министри.

Претседателот и министрите не можат да бидат пратеници во Собранието.

Претседателот ужива имунитет. За неговиот имунитет одлучува Собранието.

Претседателот и министрите не подлежат на обврска во вооружените сили.

Функцијата претседател на Владата и министер е неспојлива со вршење на други јавни функции или професии.

Организацијата и начинот на работата на Владата се уредува со закон.

Член 90

Претседателот на Република Северна Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.

Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.

Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Член 91

Владата на Република Северна Македонија:
– ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување;
– предлага закони, републички буџет и други прописи што ги донесува Собранието;
– предлага просторен план на Републиката;
– предлага одлуки за резервите на Републиката и се грижи за нивно извршување;
– донесува уредби и други прописи за извршување на законите;
– утврдува начела за внатрешна организација и за работа на министерствата и другите органи на управата, ја насочува и врши надзор над нивната работа;
– дава мислења за предлозите на закони и други прописи кои на Собранието му ги поднесуваат други овластени предлагачи;
– одлучува за признавање на држави и влади;
– воспоставува дипломатски и конзуларни односи со други држави;
– донесува одлуки за отворање на дипломатско-конзуларни претставништва во странство;
– предлага именување амбасадори и пратеници на Република Северна Македонија во странство и именува шефови на конзуларни претставништва;
– Предлага Јавен обвинител на Република Северна Македонија по претходно мислење од Советот на јавни обвинители.
– врши именувања и разрешувања на носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон и
– врши други работи утврдени со Уставот и со закон.

Член 92

Владата и секој нејзин член, за својата работа одговараат пред Собранието.

Собранието може да изгласа недоверба на Владата.

Прашање за доверба на Владата можат да постават најмалку 20 пратеници.

Гласањето за доверба на Владата се врши по истекот на три дена од поставувањето на прашањето за доверба.

Повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето за доверба го постават мнозинството од вкупниот број пратеници.

Одлуката за изгласување недоверба на Владата се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако на Владата ѝ е изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка.

Член 93

Владата има право да постави прашање за доверба пред Собранието.

Владата има право да поднесе оставка.

Оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата.

На Владата ѝ престанува мандатот кога Собранието се распушта.

Владата на која ѝ е изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот и престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада.

Член 94

Член на Владата има право да поднесе оставка.

Претседателот на Владата може да предложи разрешување на член на Владата.

За предлогот за разрешување на член на Владата одлучува Собранието на првата наредна седница.

Доколку претседателот на Владата предложи разрешување на повеќе од една третина од членовите на Владата од првобитниот состав, Собранието одлучува како за избор на нова Влада.

Член 95

Државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон.

Се забранува политичко организирање и дејствување во органите на државната управа.

Организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Член 96

Органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Член 97

Со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години.

4. Судство

Член 98

Судската власт ја вршат судовите.

Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Забранети се вонредни судови.

Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Член 99

Судијата се избира без ограничување на траењето на мандатот.

Судијата не може да биде преместен против својата волја.

На судијата му престанува судиската функција:
– ако тоа сам го побара;
– ако трајно ја загуби способноста за вршење на судиската функција, што го утврдува Судскиот совет на Република Северна Македонија;
– ако ги исполни условите за старосна пензија;
– ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеца и
– ако е избран или именуван на друга јавна функција, освен кога судиската функција мирува под услови утврдени со закон.

Судијата се разрешува:
– поради потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција пропишана со закон и
– поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција под услови утврдени со закон.

Член 100

Судиите уживаат имунитет.

Судија не може да биде повикан на кривична одговорност за искажано мислење и одлучување при донесувањето на судските одлуки.

Судија не може да биде притворен без одобрување на Судскиот совет на Република Северна Македонија, освен ако е затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.

Судиската функција е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на друга јавна функција или професија утврдена со закон.

Се забранува политичко организирање и дејствување во судството.

Член 101

Врховниот суд на Република Северна Македонија е највисок суд во Републиката и го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите.

Член 102

Расправата пред судовите и изрекувањето на пресудата се јавни.

Јавноста може да биде исклучена во случаи утврдени со закон.

Член 103

Судот суди во совет.

Со закон се утврдува кога суди судија поединец.

Во судењето учествуваат и судии поротници кога тоа е утврдено со закон.

Судиите поротници не можат да бидат повикани на одговорност за мислење и одлучување при донесувањето на судските одлуки.

Член 104

Судскиот совет на Република Северна Македонија е самостоен и независен орган на судството. Советот ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста  на судската власт.

Советот го сочинуваат петнаесет члена.

По функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија и министерот за правда.

Осум члена на Советот ги избираат судиите од своите редови. Тројца од избраните членови се припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија, при што ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.

Тројца членови на Советот избира Собранието на Република Северна Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија.

Двајца членови на Советот предлага претседателот на Република Северна Македонија, а изборот го врши Собранието на Република Северна Македонија, од кои еден е припадник на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија.

Членовите на Советот што ги избира Собранието на Република Северна Македонија, односно што ги предлага претседателот на Република Северна Македонија се од редот на универзитетските професори по право, адвокатите и други истакнати правници.

Мандатот на избраните членови на Советот трае шест години, со право на уште еден избор.

Условите и постапката за избор, како и основите и постапката за престанок на функцијата и разрешување на член на Советот се уредуваат со закон.

Функцијата избран член на Советот е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на други јавни функции и професии утврдени со закон.

Член 105

Судскиот совет на Република Северна Македонија:
– ги избира и разрешува судиите и судиите поротници;
– утврдува престанок на судиската функција;
– ги избира и разрешува претседателите на судовите;
– ја следи и оценува работата на судиите;
– одлучува за дисциплинската одговорност на судиите;
– одлучува за одземање на имунитетот на судиите;
– предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија од редот на судиите и
– врши други работи утврдени со закон.

При изборот на судиите, судиите поротници и претседателите на судовите ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.

Советот за својата работа поднесува годишен извештај до Собранието на Република Северна Македонија, чија форма, содржина и начин на усвојување се уредуваат со закон.

5. Јавно обвинителство

Член 106

Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.

Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Функцијата на јавното обвинителство ја вршат Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и јавните обвинители.

Надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија го именува и разрешува Собранието на Република Северна Македонија за време од шест години со право на повторно именување.

Јавните обвинители ги избира Советот на јавни обвинители без ограничување на траење на мандатот.

При изборот на јавните обвинители ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.

За разрешување на јавните обвинители одлучува Советот.

Надлежноста, составот и структурата на Советот, мандатот на неговите членови, како и основите и постапката за престанок и разрешување на член на Советот се уредуваат со закон.

Основите и постапката за престанок и разрешување на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и јавните обвинители се уредува со закон.

Функцијата Јавен обвинител на Република Северна Македонија и јавен обвинител е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на други јавни функции и професии утврдени со закон.

Се забранува политичко организирање и дејствување во Јавното обвинителство.

Член 107

Избришан

IV. УСТАВЕН СУД НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Член 108

Уставниот суд на Република Северна Македонија е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.

Член 109

Уставниот суд го сочинуваат девет судии.

Собранието ги избира судиите на Уставниот суд. Собранието избира шест судии на Уставниот суд со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Собранието избира тројца судии со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија. Мандатот на судиите трае девет години без право на повторен избор.

Уставниот суд избира претседател од своите редови за време од три години и без право на повторен избор.

Судиите на Уставниот суд се избираат од редот на истакнати правници.

Член 110

Уставниот суд на Република Северна Македонија:
– одлучува за согласноста на законите со Уставот;
– одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите;
– ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност;
– решава за судирот на надлежностите меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт;
– решава за судирот на надлежностите меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа;
– одлучува за одговорноста на претседателот на Републиката;
– одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните и
– одлучува и за други прашања утврдени со Уставот.

Член 111

Функцијата судија на Уставниот суд е неспојлива со вршење друга јавна функција и професија или со членување во политичка партија.

Судиите на Уставниот суд уживаат имунитет. За нивниот имунитет одлучува Уставниот суд.

Судиите на Уставниот суд не подлежат на обврска во вооружените сили.

На судија на Уставниот суд функцијата му престанува ако поднесе оставка. Судијата на Уставниот суд ќе биде разрешен од должноста ако биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или кога трајно ќе ја загуби способноста да ја врши својата функција, што го утврдува Уставниот суд.

Член 112

Уставниот суд ќе укине или поништи закон ако утврди дека не е во согласност со Уставот.

Уставниот суд ќе укине или поништи друг пропис или општ акт, колективен договор, статут или програма на политичка партија или здружение, ако утврди дека тие не се во согласност со Уставот или со закон.

Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Член 113

Начинот на работа и постапката пред Уставниот суд се уредуваат со акт на Судот.

V. ЛОКАЛНА САМОУПРАВА

Член 114

На граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа.

Единици на локалната самоуправа се општините.

Во општините можат да се основаат облици на месна самоуправа.

Општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.

Локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија. Законите за локално финансирање, локални избори, општинските граници и за градот Скопје, се донесуваат со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија.

Член 115

Во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.

Републиката со закон може да ѝ довери вршење на определени работи на општината.

Член 116

Територијалната поделба на Републиката и подрачјата на општините се утврдуваат со закон.

Член 117

Градот Скопје е посебна единица на локална самоуправа, чија организација се уредува со закон.

Во градот Скопје граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од значење за градот Скопје, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Градот Скопје се финансира од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.

Градот Скопје е самостоен во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на неговата работа ја врши Републиката.

Републиката со закон може да му довери вршење на определени работи на градот Скопје.

VI. МЕЃУНАРОДНИ ОДНОСИ

Член 118

Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Член 119

Меѓународните договори во името на Република Северна Македонија ги склучува претседателот на Република Северна Македонија.

Меѓународни договори може да склучува и Владата на Република Северна Македонија кога тоа е определено со закон.

Член 120

Предлог за стапување во сојуз или заедница со други држави или истапување од сојуз или заедница со други држави можат да поднесат претседателот на Републиката, Владата или најмалку 40 пратеници.

Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена, ако на референдум за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи.

Член 121

Одлука за стапување во членство или за истапување од членство во меѓународни организации донесува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници по предлог од претседателот на Републиката, Владата или најмалку 40 пратеници.

VII. ОДБРАНА НА РЕПУБЛИКАТА, ВОЕНА И ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 122

Вооружените сили на Република Северна Македонија го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката.

Одбраната на Републиката се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Член 123

Никој нема право да признае окупација на Република Северна Македонија или на нејзин дел.

Член 124

Воена состојба настапува кога претстои непосредна воена опасност од напад врз Републиката или кога Републиката е нападната или ѝ е објавена војна.

Воена состојба прогласува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници по предлог од претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници.

Ако Собранието не може да се состане, одлука за прогласување на воена состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

Член 125

Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.

Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници.

Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена.

Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

Член 126

При постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.

Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Член 127

За време на воена состојба, ако Собранието не може да се состане, претседателот на Републиката може да ја именува и разрешува Владата и да именува и разрешува функционери чиј избор е во надлежност на Собранието.

Член 128

Мандатот на претседателот на Републиката, Владата, судиите на Уставниот суд и на членовите на Републичкиот судски совет се продолжува за време на траењето на воената или вонредната состојба.

VIII. ИЗМЕНА НА УСТАВОТ

Член 129

Уставот на Република Северна Македонија се изменува и дополнува со уставни амандмани.

Член 130

Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија може да поднесат претседателот на Републиката, Владата, најмалку 30 пратеници или 150.000 граѓани.

Член 131

Одлука за пристапување кон измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Нацртот за измената на Уставот го утврдува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и го става на јавна дискусија.

Одлука за измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Одлука за измена на Преамбулата, членовите за локална самоуправа, членот 131, која било одредба што се однесува на правата на припадниците на заедниците, вклучувајќи ги особено членовите 7, 8, 9, 19, 48, 56, 69, 77, 78, 86, 104 и 109, како и одлука за додавање која било нова одредба која се однесува на предметот на тие одредби и тие членови, ќе биде потребно двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во кое мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Северна Македонија.

Измената на Уставот ја прогласува Собранието.

IX. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 132

Во времето предвидено во ставот 5 на член 80 од овој устав се смета и времето на жителство во други републики во Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

Член 133

За спроведување на Уставот ќе се донесе уставен закон.

Уставниот закон се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Уставниот закон го прогласува Собранието и влегува во сила истовремено со прогласувањето на Уставот.

Член 134

Овој устав влегува во сила со денот на прогласувањето од Собранието на Република Северна Македонија.