Прaвилник за распределба нa надоместоци

МАКЕДОНСКА МУЗИЧКА ИНДУСТРИЈА (ММИ)

Врз основа на член 144 став 1 од Законот за авторското право и сродните права („Сл. весник на РМ“ бр. 115/10, 140/10 и 51/11, 147/13), член 18 став 1 точка 1.4, и член 49 став 1 од Статутот на Организацијата за колективно управување на правата на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи ММИ Скопје (во понатамошниот текст: Организацијата/ММИ), Собранието на ММИ на својата седница одржана на ден 14.10.2015 година донесе

ПРAВИЛНИК
ЗА РАСПРЕДЕЛБА НA НАДОМЕСТОЦИ

Воведни одредби

Член 1

Овој Правилник го уредува начинот на распределба на надоместоците кои ММИ ги наплатува по основ на јавно соопштување (јавно пренесување, радиодифузно емитување, радиодифузно реемитување и кабелско реемитување) фонограми со изведби издадени за комерцијална цел и изведби што самите по себе се радиодифузни или се направени од снимка, како и надоместокот од изнајмување на фонограми и видеограми, за кои ММИ има дозвола за колективно управување на правата на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи (во понатамошниот текст: правата), согласно Решение за давање дозвола за колективно управување бр. 54-5231/2 од 10.5.2012 година објавено во „Службен весник на РМ“ бр. 60 од 16 мај, 2012 година.

Надоместоците за кои ММИ дополнително ќе стекне право колективно да ги управува, како надоместокот по основ умножување за приватно користење и сл. ќе бидат исто така распределувани согласно со одредбите на овој Правилник.

Прибирање на надоместоците и трошоци на ММИ

Член 2

Сите средства кои ММИ ќе ги наплати по основ на јавно соопштување (јавно пренесување, радиодифузно емитување, радиодифузно реемитување и кабелско реемитување) фонограми со изведби издадени за комерцијална цел и изведби што самите по себе се радиодифузни или се направени од снимка, како и надоместокот од изнајмување на фонограми и видеограми ќе се наплатуваат на единствената сметка на ММИ.

Надоместокот од умножување за приватно користење кој ќе биде наплатен од страна на организацијата која колективно ќе го управува тоа право врз основа на овластување на ММИ и дозвола за колективно управување на тоа право издадена од Министерот за култура на Владата на РМ, по извршената распределба од страна на таа организација на носителите на правото, делот за произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи ќе биде исплатен на сметката на ММИ, no што ММИ ќе изврши распределба на истите согласно правилата утврдени со овој Правилник.

Правила и принципи на распределбата

Член 3

Овој Правилник за распределба предвидува принципи за распределба на сите носители на правата од соодветната категорија на носители на права, како и правила за пресметка на поединечните надоместоци на домашните и странските носители на правата. При остварувањето на правата на странските носители на права, распределбата се врши во согласност со условите утврдени во ЗАПСП и според билатералните договори склучени со странските организации за колективно управување со правата на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи.

Распределбата на надоместоците се врши врз основа на принципот на користење на фонограмите, односно изведбите, а согласно евиденциите и податоците за емитување доставени од радиодифузерите и другите корисници кои согласно ЗАПСП и Правилникот за утврдување на висината на надоместоците за користење на фонограми и изведби на ММИ имаат обврска да доставуваат вакви евиденции преку системот за електронска евиденција на емитувани дела предвиден со ЗАПСП (во понатамошниот текст: дефинирано користење).

Во случај кога вистинското користење на фонограми не е можно да се утврди, или ако истото би предизвикало неразумни трошоци, собраните средства ќе се распределуваат според правилата утврдени со овој Правилник, а врз принципот на правичност (во понатамошниот текст: недефинирано користење).

Средствата кои ММИ ќе ги добие по основ на изнајмување на фонограми и видеограми и наплата на надоместокот од умножување од приватно користење ќе се сметаат за средства собрани од недефинирано користење.

Средствата на Организацијата остварени од камати на вложени средства во банка и други приходи, во износ од 50% се распределуваат меѓу произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи, сразмерно на исплатата на надоместокот кои тие го оствариле согласно податоците за користените фонограми издадени за комерцијални цели и изведбите кои самите по себе се радиодифузни или се направени од снимка согласно со податоците од електронската евиденција на системот предвиден во член 135-а на ЗАПСП и членот 48 на Статутот на ММИ.

Останатите 50% од средствата кои организацијата ги остварила по основ остварени од камати на вложени средства во банка и други приходи, се распределуваат на начин што 70% се распределуваат меѓу произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи сразмерно на исплатата надоместокот кој тие го оствариле согласно со податоците за користените фонограми и изведби добиени преку системот за електронската евиденција, а останатите 30% се распределуваат подеднакво на сите произведувачи на фонограми и уметници музички изведувачи чии фонограми и изведби се застапени во евиденцијата на носители на права на ММИ, согласно пријавите поднесени во согласност со овој Правилник за распределба (во понатамошниот текст: рамномерна распределба).

Средствата кои ММИ ги прибира од корисниците, а се пресметуваат во паушални износи, во износ од 70% се распределуваат меѓу произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи, сразмерно на исплатата на надоместокот кои тие го оствариле согласно со податоците за користени дела согласно електронската евиденција, а останатите 30% се распределуваат подеднакво на сите произведувачи на фонограми и уметници музички изведувачи чии фонограми и изведби се застапени во евиденцијата на носители на права на ММИ, согласно пријавите поднесени во согласност со овој Правилник за распределба.

Групирање на средствата во посебни фондови

Член 4

Со цел на полесно идентификување на собраните парични средства и нивно поврзување со евиденциите и податоците за емитување добиени преку електронската евиденција, собраните парични средства во постапката на распределба се групираат во посебни фондови.

По одбивањето на средствата за покривање на вкупните трошоци за работа на Организацијата во висина утврдена врз основа на одлука на Собранието на ММИ, средствата собрани врз основа на дефинирано користење се групираат во т.н. фондови на надоместоци од дефинирано користење и истите се поврзуваат со називот на радиодифузерот, односно корисникот од кој се наплатени надоместоците (во понатамошниот текст: фондови на средства наплатени од дефинирано користење).

По одбивањето на средствата за покривање на вкупните трошоци за работа на Организацијата во висина утврдена врз основа на одлука на Собранието на ММИ од средствата собрани врз основа на недефинирано користење, и по издвојување на 30-те % од тие средства во посебниот фонд за рамномерна распределба (во понатамошниот текст: Фонд за рамномерна распределба), истите се распределуваат во посебните фондови на средствата наплатени од дефинирано користење од радиодифузерите сразмерно на учеството на секој посебен фонд на средства од дефинирано користење од радиодифузерите во вкупната маса на прибрани средства од дефинирано користење од радиодифузерите, при што се формираат посебни фондови за распределба (во понатамошниот текст: фондови за распределба).

По одбивањето на средствата за покривање на вкупните трошоци за работа на Организацијата во висина утврдена врз основа на одлука на Собранието на ММИ од средствата собрани од концерти и други интерпретаторски приредби се формира посебен фонд за распределба од соодветниот концерт или приредба, при што истиот се распределува врз основа на плеј листата доставена од организаторот на концертот за употребените фонограми,односно изведби на тој концерт, односно приредба, согласно правилата за распределба утврдени со овој Правилник.

Од средствата добиени од камати на вложени средства 85% се распределуваат во посебните фондови на средствата наплатени од дефинирано користење од радиодифузерите сразмерно на учеството на секој посебен фонд на средства од дефинирано користење од радиодифузерите во вкупната маса на прибрани средства од дефинирано користење од радиодифузерите, а 15 % се распределуваат во Фондот за рамномерна распределба.

Средствата добиени од странство се групираат во посебен фонд и истите се распределуваат согласно поединечните пресметки утврдени од страна на странската организација за колективно управување која ги наплатила тие средства.

Минимален износ за исплата

Член 5

Минималниот износ за исплата за поединечен носител на право се утврдува со Одлука на Управниот одбор пред секоја распределба. Доколку износот на распределени средства на поединечниот корисник е помал од износот утврден со одлуката на Управниот одбор, ММИ нема обврска да го исплати тој износ на носителот на правото. Надоместокот ќе се чува до наредната распределба и ќе се исплати тогаш кога вкупниот распределен износ ќе биде над износот утврден од страна на Управниот одбор како минимален износ за распределба, пред конкретната распределба.

Распределениот надоместок кој не го достигнува минималниот износ утврден во ставот 1 на овој член, по исклучок, може да биде исплатен доколку носителот на правото доставил барање за исплата на истиот до ММИ во рок од 8 дена по објавувањето на поединечната пресметка во согласност со овој Правилник.

Услови за исплата на средствата

Член 6

Средствата од фондовите за распределба се исплатуваат на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи, кои до крајот на пресметковниот период во кој тие средства биле собрани, ги пријавиле фонограмите со изведби снимени за комерцијална цел и изведбите кои сами по себе се радиодифузни или се направени од снимка (во понатамошниот текст: познати носители на правата).

За странските носители на правата, покрај условот од ставот 1 на овој член, треба да биде исполнет и условот до крајот на пресметковниот период за кој се врши распределбата да бил склучен билатерален договор помеѓу ММИ и странската организација за колективно управување на правата која ги управува правата на соодветниот носител на правото.

Доколку странскиот носител на права има овластено застапник во Република Македонија преку кој тој ќе ги остварува своите права, во тој случај средствата се исплатуваат на застапникот на организацијата која ги штити неговите права согласно овој Правилник.

Непознати носители на правата како и странски носители на правата кои немаат право на исплата на надомест

Член 7

Надоместоците за произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи кои не ги пријавиле своите фонограми и изведби, (во понатамошниот текст: непознати носители на правата) или странските произведувачи на фонограми на кои ММИ нема обврска да им исплатува надоместоци, остануваат на сметка на Организацијата уште 3 (три) години по извршената исплата на надоместоците за пресметковниот период во кој се наплатени.

Во случај кога и по истекот на времето утврдено во став 1 на овој член, произведувачот на фонограм, односно уметникот-музички изведувач не го пријават својот фонограм, односно изведба, односно ММИ не стекне обврска да му исплати надомест на странскиот носител на правото, ММИ тие средства ќе ги вклучи во надоместоците собрани за недефинирано користење и истите ќе ги распредели во согласност со правилата за распределба на надоместоци собрани врз основа на недефинирано користење за пресметковната година за која ќе се врши распределба.

Регистрација на носител на право

Член 8

Со цел на остварување на своите права преку ММИ, произведувачите на фонограми и уметниците изведувачи, односно наследниците на нивните права и застапниците го регистрираат својот статус на носител на право преку поднесување на Пријава за регистрирање на носител на право.

Регистрацијата на носител на право се врши со пополнување на пријава за регистрација преку електронскиот систем на веб страната на ММИ и истата се доставува до ММИ во печатена форма преку пошта или лично во седиштето на ММИ со потпис на носителот на право- физичко лице, а кај носителите на права правни лица, со потпис на законскиот застапник или од него овластено лице и печат и штембил, заедно со прилог тековна состојба издадена од Централен Регистар на РМ. Доколку пријавата за регистрација ја поднесува овластено лице, кон неа се приложува и полномошно во оригинал.

Во случај кога носителот на правото е музичка група или оркестар кои немаат својство на правно лице, истите можат да овластат еден од нив како застапник да поднесе поединечна пријава за регистрација за сите членови на музичката група, односно оркестарот. Во овој случај застапникот треба кон пријавите на другите членови да достави соодветно полномошно во оригинал.

Наследникот и застапникот на носителот на правото кон пријавата треба да достават и соодветен документ врз основа на кој ќе се легитимираат дека го стекнале правото, во оригинал или нотарски заверена копија.

Пријавата за регистрација на носител на право содржи:
1. Полно име и презиме и единствен матичен број на граѓанинот (ЕМБГ) за физички лица или полн назив и единствен матичен број на субјектот (ЕМБС) за правни лица, како и име и презиме на законскиот застапник и име и презиме и матичен број на овластеното лице.
2. Адреса на живеење на физичкото лице (од лична карта) како и адреса на привременото живеалиште (доколку носителот на правото не живее на адресата од личната карта), или адреса на седиштето на правното лице, односно адреса на фактичкото седиште на правното лице доколку е различно од регистрираното седиште.
3. Контакт податоци (број на телефон, факс, е-меил адреса).
4. Број на трансакциска сметка и банка во која истата се води на која би се дозначувале надоместоците.
5. Изјава на подносителот на пријавата – носител на право кој согласно овој Правилник има право да пријавува фонограми и изведби со која се гарантира под морална, материјална и кривична одговорност дека сите податоци кои ќе ги внесува при пријавувањето на фонограмите и/или изведбите во електронскиот систем на ММИ ќе бидат вистинити.

Регистрација на странските носители на права може да се изврши и странска организација за колективно управување на правата која е овластена да ги управува колективно правата на странскиот носител на право.

Во тој случај потврда за регистрација како носител на право стекнува странската организација која колективно ги управува правата на соодветниот странски носител на права.

Пријавата за регистрација се одобрува од страна на стручната служба на ММИ преку електронскиот систем на ММИ, со што носителот на правото се стекнува со својството на регистриран носител на право во електронската база на носители на права на ММИ.

Доколку Пријавата за носител на право не ги содржи сите податоци и прилозите предвидени со овој Правилник, стручната служба на ММИ ќе го повика подносителот истата да ја уреди во рок од 8 дена. Доколку подносителот на пријавата не ја уреди истата во оставениот рок, пријавата ќе биде отфрлена, по што подносителот има право да поднесе нова пријава.

Пријавување на фонограми и снимки

Член 9

Фонограми можат да пријавуваат регистрирани носители на права од редот на произведувачите на фонограми и водечките изведувачи на фонограмот или снимката.

Изведби кои самите по себе се радиодифузни или се направени од снимка можат да пријавуваат водечките изведувачи на снимката, како и радиодифузната организација која ја продуцирала снимката доколку истата има својство на регистриран носител на право-произведувач на фонограми.

Пријавувањето се врши преку електронскиот систем на ММИ кој е достапен преку интернет страната на ММИ.

Носителот на правото може да пријави фонограм или снимка само доколку истиот е регистриран во електронскиот систем на ММИ како носител на право со што истиот се стекнува со право на пристап во електронскиот систем на ММИ.

При пријавувањето на фонограмите и изведбите, носителите на правата користат посебни обрасци достапни преку интернет страната на ММИ , и тоа:
– Образец ПДФ Пријава на домашни фонограми;
– Образец ПСФ Пријава на странски фонограми;
– Образец ПСИ Пријава на снимени изведби и изведби што самите по себе се радиодифузни или се направени од снимка.

Образецот од став 1 алинеја 1 (ПДФ) на овој член треба да ги содржи следните податоци:
1. Наслов на делото односно фонограмот;
2. Дополнителен наслов – некое друго име на делото доколку го има;
3. Назив на составот, односно име на изведувачот кој го изведува делото;
4. Композитор на делото, автор на текстот и автор на аранжманот (незадолжително);
5. Наслов на издание или албум;
6. Времетраење на фонограмот во минути и секунди;
7. Каталошки број доколку има;
8. ISRC код доколку има;
9. Година на прво издавање (за фонограми кои се издадени за комерцијални цели);
10. Година на прво јавно објавување (за фонограми кои не се издадени за комерцијални цели, а се ставени на располагање на јавноста) публикување;
11. Произведувачот на фонограмот, или произведувачи доколку се повеќе;
12. Име и презиме на секој од изведувачите и нивната улога во создавањето на делото согласно член 10 од овој Правилник. Ако со договор е утврден поинаков сразмер на распределба од оној утврден со овој Правилник, подносителот на Пријавата е должен да се повика на Договорот на начин што ќе ја одбере опцијата ”согласно договор” и ќе ги внесе соодветните проценти за распределба.

Образецот од став 1 алинеја 2 (ПСФ) на овој член треба да содржи:
1. Наслов на делото односно фонограмот;
2. Дополнителен наслов – некое друго име на делото доколку го има;
3. Композитор на делото, автор на текстот и автор на аранжманот (незадолжително);
4. Назив на составот, односно име на изведувачот кој го изведува делото;
5. Наслов на издание или албум;
6. Времетраење на фонограмот во минути и секунди;
7. Име на организацијата која го управува правото на странскиот произведувач на фонограм и правата на изведувачите на фонограмот (доколку пријавата ја поднесува носителот на правото);
8. Каталошки број доколку има;
9. ISRC код доколку има;
10. Година на прво издавање;
11. Година на прво ставање на располагање на јавноста.

Образецот од став 1 алинеја 3 (ПСИ) на овој член треба да содржи:
1. Наслов на делото;
2. Дополнителен наслов – некое друго име на делото доколку го има;
3. Композитор/Текстописец/Аранжер на делото што се изведува (незадолжително);
4. Назив на составот, односно име на изведувачот кој го изведува делото;
5. Назив на радиодифузната организација која ја снимила изведбата која сама по себе е радиодифузна или е направена од снимка;
6. Времетраење на снимката во минути и секунди;
7. Година на прво радиодифузно емитување;
8. Име и презиме на секој од изведувачите и нивната улога во создавањето на делото согласно член 10 од овој Правилник.

При пријавувањето на фонограмот, односно изведбата, подносителот на пријавата задолжително го прикачува фонограмот, односно изведбата во соодветен формат.

При пријавување на фонограм кој е произведен за комерцијални цели пожелно е да се прикачи и графичкото решение на соодветното издание.

Во случај кога фонограм или изведба се пријавени од регистриран носител на право кој има право да пријавува фонограми, пријава на истиот фонограм не ќе може да пријави другиот регистриран носител на право кој има право согласно овој правилник да пријавува фонограми. Во таков случај самиот електронски систем нема да дозволи да се поднесе втора пријава за истиот фонограм со идентични податоци за сите носители на правата.

Носителот на правото кој пријавил фонограм има право да ја дополнува, односно менува веќе поднесената пријава преку електронскиот систем на ММИ.

Поделба на уметниците музички изведувачи и нивно рангирање

Член 10

Уметниците музички изведувачите се делат во следните категории:
– водечки изведувачи;
– значајни договорни изведувачи;
– други договорни изведувачи.

Категоријата на водечки изведувачи ја сочинуваат соло изведувачи и членови на музичка група.

Категоријата на значајни договорни изведувачи ја сочинуваат изнајмени солисти и други повидни изведувачи како музички продуцент, диригент, членови на оркестар, членови на хор, гостин солист/и, програмер на музиката или солист кој со изведбата му дава значаен придонес на делото.

Категоријата на други договорни изведувачи ја сочинуваат изнајмени студиски музичари, тон сниматели, создавачи на звук и други изведувачи кои врз основа на нивниот придонес при создавање на музичката снимка не можат да се рангираат во ниедна од другите две категории.

Во случај кога оркестар изведува инструментална музика, истиот има улога на водечки изведувач, при што и диригентот има улога на водечки изведувач, но само во случај ако не учествува во изведбата на оркестарот по службена должност како вработен во институцијата на која и припаѓа тој оркестар.

Диригентот и музичкиот продуцент може да имаат улога на водечки изведувач ако за тоа е склучен договор со произведувачот на фонограмот.

Во случај на изведување дело каде има еден или повеќе вокални солисти, хор или инструментални солисти со оркестар, тие имаат улога на водечки изведувачи, а диригентот и оркестарот или оркестарот и хорот имаат улога на други договорни изведувачи, доколку со писмен договор не е поинаку утврдено.

Одделен изведувач во една снимка може да се рангира само во една од категориите освен во случај кога при создавање на снимката, покрај изведувачката работа, извршил и работа на музички продуцент или диригент. Рангирањето го врши произведувачот на фонограмот или водечкиот изведувач при пријавувањето на фонограмот, доколку прецизно не е определено со договор.

Распределба на надоместоци меѓу одделните категории на уметници музички изведувачи

Член 11

Од делот кој им припаѓа на уметниците музички изведувачи на одделна изведба, 2/3 од тие средства им припаѓа на водечките изведувачи, а 1/3 на сите договорни изведувачи заедно, доколку со договор не е поинаку утврдено, освен доколку на снимката нема договорни изведувачи, при што надоместокот се дели само меѓу водечките изведувачи.

Надомест на водечки изведувачи

Член 12

Надоместокот што им припаѓа на водечките изведувачи се дели на еднакви делови меѓу сите водечки изведувачи на снимката, доколку поинаку не е определено со договор.

Доколку начинот на распределба на надоместок на водечките изведувачи, опишан во претходниот став на овој член е утврден поинаку со договор, истото треба да биде наведено во пријавата на фонограмот или на изведбата.

Надомест на договорни изведувачи

Член 13

Надоместокот кој им припаѓа на договорните изведувачи се дели во сооднос 2/3 во корист на значајните договорни изведувачи и 1/3 во корист на другите договорни изведувачи, доколку не е поинаку утврдено со договор.

Надоместокот кој им припаѓа на значајните договорни изведувачи, како и делот кој им припаѓа на другите договорни изведувачи, помеѓу нив се дели на еднакви делови, доколку со договор не е поинаку утврдено.

Доколку на фонограмот или изведбата не се појавуваат други договорни изведувачи, тогаш целиот надомест кој им припаѓа на договорните изведувачи се дели само помеѓу нив значајните договорни изведувачи на еднакви делови, доколку со договор не е поинаку утврдено.

Начин на распределба

Член 14

Распределбата на надоместоците се одвива во следните фази:
1. Формирање на посебни фондови за распределба, вклучително и фондот за рамномерна распределба и утврдување на вредноста на посебните фондови за распределба;
2. Обработка на евиденциите на користени фонограми, односно изведби за секој посебен фонд;
3. Пресметка на надоместокот за секоја изведба од евиденцијата на користени фонограми;
4. Распределба на надоместокот за поединечна изведба;
5. Распределба на средствата на препознаени фонограми и снимени изведби на уметниците музички изведувачи;
6. Распределба на надоместок од фондот за рамномерна распределба;
7. Повикување на непознатите носители на права;
8. Поединечна пресметка;
9. Исплата на надоместоците.

Формирање и утврдување на вредноста на фондовите за распределба

Член 15

Формирање и утврдување на вредноста на посебните фондови за распределба се врши најдоцна до 1 март во тековната година, врз основа на наплатени надоместоци заклучно со 31 декември од претходната пресметковна година.

Вредноста на посебните фондови на распределба се утврдува на начин што за секој посебен фонд за распределба се зема во предвид износот кој одговара на висината на надоместокот кој организацијата го наплатила непосредно од корисникот намален за висината на делот кој ММИ има право да го задржи за покривање на трошоците на работењето и откако на тој износ ќе се додаде вредноста на износот од недефинирано користење, (по одбивање на делот кој ММИ има право да го задржи за покривање на трошоците на работењето и вредноста на делот за кој се распределува во фондот за рамномерна распределба), како и додавање на вредноста на износот кој ММИ го остварила по основ на камати од вложени средства по одбивање на делот за рамномерна распределба.

Доколку корисникот од ставот 2 на овој член има повеќе радио и телевизиски програми, секој радио и ТВ канал ќе се смета како посебен емитер и фондот за распределба ќе се распредели соодветно на секое радио, односно ТВ канал, во вкупно емитувана музика согласно евиденцијата остварена преку системот за електронска евиденција или добиените плеј листи од соодветните радио, односно ТВ канали.

Обработка на користени фонограми/односно изведби за секој посебен фонд

Член 16

Листата на користени фонограми, односно изведби претставува список на фонограми и изведби со вкупна должина на емитување на сите фонограми и изведби, како и со вкупно време на емитување на секој фонограм и изведба, во пресметковниот период за кој се врши распределбата, а врз основа на податоците од електронската евиденција на соодветниот радиодифузер/емитер.

Истата се обработува преку соодветниот софтвер на ММИ, при што се утврдува: листа на сите емитувани фонограми и изведби за секој посебен фонд , препознавање на фонограми и изведби кои се пријавени во електронската база на ММИ и утврдување на листа на препознаени фонограми и изведби за секој посебен фонд, препознавање на фонограми и изведби кои не се пријавени во електронската база на ММИ и утврдување на листа на непрепознаени фонограми и изведби.

Пресметка на надоместокот за секоја изведба од листата на користени фонограми/изведби

Член 17

На секоја изведба од листата на користени фонограми/изведби и се доделува износ на надомест (во понатамошниот текст: надомест за поединечна изведба).

Надоместокот за поединечна изведба се утврдува на следниот начин:
1. Вредноста на фондот за распределба се дели со вкупното времетраење на сите изведби од листата на користени изведби за тој фонд, во секунди и така се добива вредноста на секундата за тој фонд,
2. Збирот на емитуваните секунди на соодветната изведба од листата се множи со вредноста на секундата за тој фонд,
3. Така добиениот резултат е износ на надомест за соодветната изведба во фондот за соодветниот пресметковен период.

Постапката од претходниот став на овој член се повторува за секоја изведба и за секој фонд за распределба.

Доколку определен радиодифузер не дозволил инсталирање на системот за електронска евиденција и нема доставено плеј листи за целиот пресметковен период или истите не се комплетни (не се доставени за целиот пресметковен период), средствата собрани од тој радиодифузер ќе се сметаат за средства од недефинирано користење и истите ќе се распоредат согласно правилата утврдени согласно овој Правилник.

Распределба на надоместокот за поединечна изведба

Член 18

Поединечниот надомест за секој изведуван фонограм издаден за комерцијална цел се дели по 50% на произведувачот на фонограм 50% на изведувачите на таа изведба.

Поединечниот надомест за снимените изведби кои самите по себе се радиодифузни или се направени од снимка се дели само на уметниците музички изведувачи.

Распределба на надоместокот помеѓу уметниците музички изведувачи

Член 19

Надоместокот за поединечна изведба кој им припаѓа на уметниците музички изведувачи се распределува помеѓу изведувачите кои учествувале во изведбата во делови соодветно на правилата утврдени со овој правилник, а во зависност од категоријата на која припаѓа изведувачот која се утврдува врз основа на податоците од пријавата на фонограмот, односно изведбата.

Постапката за распределба на надоместокот помеѓу изведувачите се повторува за секоја изведба од листата на користени фонограми/изведби.

Доколку врз основа на податоците со кои располага ММИ, содржани во пријавата на соодветниот фонограм/изведба, не може несомнено да се утврди точниот вкупен број на изведувачи на конкретна изведба која се појавува на листа на користени фонограми/изведби, односно идентитетот на сите изведувачи или нивната категорија, стручната служба на ММИ го повикува подносителот на пријавата на тој фонограм или изведба истата да ја уреди и да ги достави податоците кои недостасуваат.

Доколку УО не може да усвои претпоставки за бројот и/или идентитетот и/или категоријата на изведувачите на одредена изведба која е пријавена во ММИ, надоместокот ќе се распредели на познатите изведувачи на тој фонограм. Доколку такви нема, со тој дел на надоместокот ќе се постапи во согласност со член 8 на овој Правилник.

Распределба на надомест од Фондот за рамномерна распределба

Член 20

Средствата распределени во Фондот за рамномерна распределба во согласност со овој Правилник се распределуваат 50% за произведувачите на фонограми и 50% за уметниците музички изведувачи, по што се формираат Фонд за рамномерна распределба на произведувачите на фонограми и Фонд за рамномерна распределба на уметниците музички изведувачи.

Средствата од посебните фондови утврдени во претходниот став на овој член се распределуваат подеднакво на сите поодделни носители на права кои припаѓаат на категоријата на посебниот фонд – произведувачи на фонограми или уметници музички изведувачи, кои се застапени во евиденцијата на носители на права на ММИ, согласно пријавените фонограми и изведби.

Повикување на непознатите носители на права од листата на користени фонограми/изведби

Член 21

Доколку на листата на користени фонограми/изведби се појават фонограми и изведби кои не се пријавени во електронската база на ММИ, односно произведувачите на фонограм и/или изведувачи се непознати со оглед дека истите немаат статус на регистриран носител на право во електронската база на ММИ, ММИ ќе спроведе разумни мерки за идентификување на носителите на правата од таа изведба, и тоа:
1. Ќе објави листа на непрепознаени фонограми и изведби и нерегистрирани носители на правата на својата веб страница со повик за регистрирање на носителите на правата и пријавување на фонограмот/изведбата,
2. Ќе ги контактира носителите на правата за кои има доволно податоци според кои може да ги идентификува, Доколку ни по истекот на рокот од 30 дена од денот на објавувањето на јавниот повик од точка 1 на претходниот став на овој член, соодветните фонограми/изведби не бидат пријавени, односно носителите на правата не бидат регистрирани на начин и во постапка утврдена со овој Правилник, ММИ ќе постапи со соодветните надоместоци согласно одредбите од чл. 7 од овој Правилник.

Поединечна пресметка

Член 22

Поединечната пресметка се изготвува за секој носител на правото (произведувач на фонограм и уметник музички изведувач) посебно.

Пресметката содржи податок за пресметковниот период, називот на користениот фонограм/фонограми, односно изведба/изведби согласно листата на изведби за соодветниот фонд за распределба, вредност на фондот и вредност на секундата на соодветниот фонд, висина на износот бројот на користени секунди на изведбата и износот на бруто надоместокот на носителот на правото, висината на пресметаниот данок, како и нето износот за исплата на носителот на правото.

Поединечната пресметка ја утврдува стручната служба на ММИ, и истата се става на увид исклучиво на веб страната на профилот на носителот на правото на кое истата се однесува, до кој истиот има пристап преку корисничкото име и лозинката која ја добива при одобрувањето на регистрацијата како носител на право.

За ставањето на увид на поединечните пресметки на носителите на правата секој регистриран носител на право добива нотификација на неговата регистрирана е-меил адреса.

Секој носител на правото има право, во рок од 8 (осум) дена од денот кога е известен за ставањето на увид на поединечната пресметка за соодветниот пресметковен период, да поднесе барање за исправка на поединечната пресметка направена од стручната служба на ММИ кое се поднесува до Управниот одбор на ММИ и истото мора да содржи образложени причини.

По барањето за исправка на пресметката Управниот одбор на ММИ е должен да одлучи во рок од 30 (триесет) дена од приемот на истото, за што стручната служба на ММИ го известува носителот на правото по електронски пат. Доколку барањето за исправка биде усвоено, стручната служба на ММИ изготвува нова коригирана пресметка која ја прави достапна до корисникот на истиот начин како и првичната пресметка. Коригираната пресметка се смета за конечна. Доколку барањето за исправка е одбиено, пресметката се смета за конечна.

Исплата на надоместоци

Член 23

Исплатата на надоместоците по правило се врши најмалку еднаш годишно, најдоцна до 31 март во тековната година, за претходната година.

Исплата на надоместоците наплатени од концерти и други интерпретаторски приредби се врши во рок од 30 дена од денот на наплатата на надоместокот за соодветниот концерт, односно друга интерпетаторска приредба, доколку е добиена плеј листа. Распределбата се врши согласно правилата утврдени со овој Правилник, во спротивно ММИ ќе ги смета овие средства како средства од недефинирано користење.

Исплатата на надоместоците наплатени од странство се врши во рокот утврден со билатералниот договор со странската организација за колективно управување.

Постапување во случај на спорни пријави на фонограми/изведби

Член 24

Во случај кога два или повеќе носители на права пријавиле еден исти фонограм или изведба со различни податоци, пријавите ќе се сметаат за спорни и средствата за распределба по основ на тој фонограм, односно изведба нема да бидат исплатени и истите ќе се чуваат до решавање на спорот.

Во случај кога стручната служба на ММИ ќе нотира постоење на спорни пријави, истата е должна да се обрати до носителите на правата кои ги поднеле тие пријави со укажување на состојбата на постоење на разлики во нивните пријави и ќе ги повика истите во нареден рок од 30 дена да ги усогласат пријавите, односно некој од нив да ја повлече пријавата со цел во електронската база на ММИ да остане само една валидна пријава на тој фонограм/односно изведба, или да поднесат доказ дека повеле соодветна постапка за разрешување на спорниот однос. Притоа ќе им се укаже на последиците од постоењето на две или повеќе пријави за ист фонограм со различни податоци и неподнесувањето на доказ за поведување на соодветна постапка.

Спорот ќе се смета за решен доколку било кој од носителите на правата достави на увид на ММИ:
– правосилна пресуда донесена од страна на надлежен суд или арбитража или спогодба потпишана од двете страни.
– доколку еден од носителите на правата ја повлече пријавата.

Доколку страните кои се во спор, не поднесат доказ дека е поднесена тужба или друг иницијален акт за поведување на соодветна постапка за разрешување на спорниот однос во рок од 30 дена од денот кога е извршена исплатата за соодветниот пресметковен период, овие средства ќе имаат третман како средствата кои им припаѓаат на непознатите носители на правата согласно член 6 на овој Правилник.

Преодни и завршни одредби

Член 25

Овој Правилник влегува во сила со денот на неговото објавување во „Сл.весник на РМ“.

Со влегувањето во сила на овој Правилник престанува да важи Правилникот за распределба на ММИ објавен во „Сл. весник на РМ“ број 77 од 15 мај 2014 година.

Пријавените фонограми и изведби пред влегување во сила на овој Правилник не подлежат на промени и за нив во однос на пријавувањето важат одредбите од претходниот Правилник за распределба на ММИ објавен во „Сл. весник на РМ“ број 77 од 15 мај 2014 година.

Носителите на правата кои немаат статус на регистриран носител на право во електронската база на ММИ до денот на влегувањето во сила на овој Правилник ќе се регистрираат согласно одредбите на овој Правилник.

Надоместоците кои се прибрани во 2015 година пред влегувањето во сила на овој Правилник ќе се распределуваат согласно одредбите на овој Правилник.

Собрание на ММИ

14 октомври 2015 година

Претседател,

Скопје

Марко Коловски, с.р.