Правилник за формата и содржината на планот за уредување на просторот за кампирање

Врз основа на член 33 став (3) од Законот за автокампови („Службен весник на Република Македонија“ број 13/13) министерот за транспорт и врски донесе

ПРАВИЛНИК ЗА ФОРМАТА И СОДРЖИНАТА НА ПЛАНОТ ЗА УРЕДУВАЊЕ НА ПРОСТОРОТ ЗА КАМПИРАЊЕ

Член 1

Со овој правилник се пропишува формата и содржината на планот за уредување на просторот за кампирање.

Член 2

(1) Планот за уредување на просторот за кампирање се состои од текстуален и графички дел.

(2) Текстуалниот дел се изработува во А4 формат и содржи податоци за:
– корисникот на автокампот;
– вкупната површина на автокампот;
– површината на просторот за кампирање;
– начинот на оградување на просторот за кампирање и на камп единиците;
– просторот наменет за сместување на возилата;
– бројот на камп единици за поставување на опремата за кампирање (шатор, камп приколка и камперско возило);
– површината на секоја камп единица поединечно;
– начинот на обележување и означување на камп единиците;
– минималната површина на просторот за кампирање по гостин (кампер);
– процентот на просторот за кампирање односно камп единиците кои имаат можност за приклучување на електрична енергија;
– поставеноста и бројот на тоалети и кујни во просторот за кампирање;
– начинот на испуштање на отпадна вода од камперските возила кои се со тоалети и
– пристапните патеки до камп единиците како и за начинот за пристап на лица со посебни потреби.

(3) Графичкиот дел содржи графички приказ на просторот за кампирање изработен во соодветен размер (1:200, 1:500 или 1:1000), во кој се означени камп единиците (посебно се означуваат камп единици наменети за кампирање со шатори, со камп приколки и со камперско возило), тоалетите, кујните и пристапните патишта до камп единиците.

Член 3

Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Број 01-7457/1

 Mинистер

 26 јули 2013 година

 за транспорт и врски,

Скопје

 Миле Јанакиески, с.р.