Правилник за формата и содржината на поканата за едукација, начинот на спроведување на едукацијата и начинот на водење на евиденцијата за спроведената едукација (автокампови)

Врз основа на член 50 ставови (2) и (9) од Законот за aвтокампови („Службен весник на Република Македонија” бр. 13/13), министерот за транспорт и врски донесе

ПРАВИЛНИК ЗА ФОРМАТА И СОДРЖИНАТА НА ПОКАНАТА ЗА ЕДУКАЦИЈА, НАЧИНОТ НА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ЕДУКАЦИЈАТА И НАЧИНОТ НА ВОДЕЊЕ НА ЕВИДЕНЦИЈАТА ЗА СПРОВЕДЕНАТА ЕДУКАЦИЈА

Член 1

Со овој правилник се пропишува формата и содржината на поканата за едукација, начинот на спроведување на едукацијата и начинот на водење на евиденцијата за спроведената едукација.

Член 2

(1) Поканата за едукација од член 1 од овој правилник се изготвува на образец во А4 формат, на тенка индиго хартија во бела боја во три идентични примероци и ги содржи следните елементи:
– грб на Република Македонија и назив на органот која ја спроведува едукацијата;
– име и презиме на сторителот на прекршокот, место на живеење односно адреса, а за одговорното лице во правното лице и функцијата што ја врши во тоа правно лице;
– назив и седиште на правното лице;
– датум, време и место на спроведување на едукацијата;
– кратко означување на предметот на поканата;
– напомена: “Согласно член 50 став (5) од Законот за автокампови („Службен весник на Република Македонија” бр. 13/13), доколку во закажаниот термин лицето или субјектот над кој се спроведува едукацијата не се јави на едукацијата ќе се смета дека едукацијата е спроведена.“;
– име и презиме на државниот пазарен инспектор;
– датум и место на издавање на поканата и
– место за печат.

(2) Формата и содржината на образецот на поканата за едукација се дадени во Прилог кој е составен дел на овој правилник.

Член 3

(1) Едукацијата ја организираат државните пазарни инспектори.

(2) Едукацијата се врши во најблиските просториите на Државниот пазарен инспекторат до местото на сторување на прекршокот или местото каде се наоѓа седиштето односно живеалиштето на контролираниот субјект.

(3) По исклучок од став (2) на овој член едукацијата може да се врши во деловните простории на контролираниот субјект доколку одговорното лице на правното лице е присутно при вршење на инспекцискиот надзор.

(4) Едукацијата се врши двапати во неделата, а по потреба и повеќе пати во текот на работното време.

Член 4

(1) За спроведената едукација се составува записник кој содржи:
– назив на органот која ја спроведува едукацијата;
– име, презиме и адреса на сторителот на прекршокот, а за одговорното лице во правното лице и функцијата што ја врши во тоа правно лице;
– назив и седиште на правното лице;
– датум, време и место на спроведување на едукацијата;
– име и презиме на државниот пазарен инспектор;
– укажување на одредбата во која е утврдена неправилноста за која се спроведува едукација и на мерките кои следат доколку не се отстрани неправилноста во дадениот рок и
– укажување дека доколку инспекторот при инспекциски надзор утврди неправилност за кој веќе е спроведена едукација ќе бидат веднаш превземени соодветни законски мерки.

(2) Евиденцијата за спроведената едукација се води рачно и во електронска форма.

Член 5

Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.

Бр.

01-7458/1

 Mинистер

26 јули 2013 година

 за транспорт и врски,

Скопје

Миле Јанакиески, с.р.