Правилник за условите за категоризација на автокампови

Врз основа на член 34 став 5 од Законот за автокампови („Службен весник на Република Македонија“ бр. 13/13), министерот за економија, донесе

ПРАВИЛНИК ЗА УСЛОВИТЕ ЗА КАТЕГОРИЗАЦИЈА НА АВТОКАМПОВИ

Член 1

Со овој правилник се пропишуваат условите за категоризација на автокампови.

Член 2

Автокамповите се распоредуваат во категории во зависност од уредувањето, опремувањето и квалитетот на услугата.

Распоредувањето на автокамповите според уредувањето и опремувањето се врши во зависност од тоа дали ги имаат следните содржини: приод и сообракајна поврзаност; влез во кампот, прием и заминување на гостите; терен, уреденост на просторот во кампот; простор за кампирање; снабдување со вода; хигиена, ред и чистота; заштита во кампот; снабдување со електрична енергија; санитарии; услуги на храна и пијалок; трговија, снабдување со прехрамбени продукти и други потреби; простор за приготвување и конзумирање храна; апарати за ладење и условите за гостите.

Автокамповите се распоредуваат во категории во зависност од услугите кои ги даваат: чуварската служба, прием и испраќање на гостите, менувачница и услуги со телефон; простори за кампирање; заштита на гостите во кампот; одржување на инсталациите и апаратите; одржување на санитарните простории и апарати; познавање на странски јазици и изглед на персоналот; услуги во трговија; услови за гостите – анимирање и забава; можност за чување на скапоцености на гостите во рамките на рецепцијата; прифаќање платежни и кредитни картички и банкомат.

Категориите на автокамповите се означуваат со број на ѕвездички, при што распоредувањето во категории и означувањето на категории се врши на начин што автокампови во прва, втора, трета и четврта категорија се означуваат со број на ѕвездички четири, три, две и една.

Член 3

Условите за категоризација на автокамповите се дадени во Прилог кој е составен дел на овој правилник.

Категоријата на објектот со називот се испишува на плочка која треба да биде истакната на видливо место при влезот во автокампот.

Член 4

Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Бр. 13-4302/2

10 септември 2014 година

Министер за економија,

Скопје

Беким Незири, с.р.

Прилог – Категоризација на автокампови