Правилник за соодветноста на видот на образованието и описот на стручните звања во областа на библиотечната дејност, програмата за полагање на стручниот испит, формата и содржината на обрасците на барањата за избор и реизбор во стручни звања, начинот на полагање на стручниот испит, начинот на вршење избор, односно реизбор во стручни звања и начинот на утврдување на бодовите за избор, односно реизбор во стручните звања

МИНИСТЕРСТВО ЗА КУЛТУРА

Врз основа на член 49-a од Законот за библиотеките („Службен весник на Република Македонија” бр. 66/04, 89/08, 116/10, 51/11, 88/15, 152/15 и 39/16), министерот за култура донесе

ПРАВИЛНИК
ЗА СООДВЕТНОСТА НА ВИДОТ НА ОБРАЗОВАНИЕТО И ОПИСОТ НА СТРУЧНИТЕ ЗВАЊА ВО ОБЛАСТА НА БИБЛИОТЕЧНАТА ДЕЈНОСТ, ПРОГРАМАТА ЗА ПОЛАГАЊЕ НА СТРУЧНИОТ ИСПИТ, ФОРМАТА И СОДРЖИНАТА НА ОБРАСЦИТЕ НА БАРАЊАТА ЗА ИЗБОР И РЕИЗБОР ВО СТРУЧНИ ЗВАЊА, НАЧИНОТ НА ПОЛАГАЊЕ НА СТРУЧНИОТ ИСПИТ, НАЧИНОТ НА ВРШЕЊЕ ИЗБОР, ОДНОСНО РЕИЗБОР ВО СТРУЧНИ ЗВАЊА И НАЧИНОТ НА УТВРДУВАЊЕ НА БОДОВИТЕ ЗА ИЗБОР, ОДНОСНО РЕИЗБОР ВО СТРУЧНИТЕ ЗВАЊА

I. ОПШТА ОДРЕДБА

Член 1

Со овој правилник се пропишува соодветноста на видот на образованието и описот на стручните звања во областа на библиотечната дејност, програмата за полагање на стручниот испит, формата и содржината на обрасците на барањата за избор и реизбор во стручни звања, начинот на полагање на стручниот испит, начинот на вршење избор, односно реизбор во стручни звања и начинот на утврдување на бодовите за избор, односно реизбор во стручните звања.

II. СООДВЕТНОСТ НА ВИДОТ НА ОБРАЗОВАНИЕТО ПОТРЕБНО ЗА СТЕКНУВАЊЕ СТРУЧНИ ЗВАЊА ВО ОБЛАСТА НА БИБЛИОТЕЧНАТА ДЕЈНОСТ

Член 2

(1) За стекнување на неизборни стручни звања во областа на библиотечната дејност, потребно е вработените во јавните библиотеки да имаат соодветно образование, и тоа:

1. Библиотекарски помошник – средно образование од областа на општествените и хуманистичките науки;

2. Самостоен библиотекарски помошник – више образование или стекнати најмалку 180 кредити според ЕКТС од областа на општествените и хуманистичките науки и

3. Библиотекар – високо образование или стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС од областа на општествените, хуманистичките, природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и медицинските науки.

(2) За стекнување на изборни стручни звања во областа на библиотечната дејност, потребно е вработените во јавните библиотеки да имаат соодветно образование, и тоа:

1. Виш библиотекар – најмалку пет години работно искуство како библиотекар или најмалку три години работно искуство како библиотекар и завршено магистерски, односно докторски студии од областа на општествените, хуманистичките, природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и медицинските науки на тема која е во функција на развој и унапредување на библиотечното работење и положено стручен испит за виш библиотекар и

2. Библиотекар – советник – пет години работно искуство како виш библиотекар и стручен придонес за развој и унапредување во библиотечната дејност кој може да се изрази со најмалку 250 бодови согласно овој правилник.

III. ОПИС НА СТРУЧНИТЕ ЗВАЊА ВО ОБЛАСТА НА БИБЛИОТЕЧНАТА ДЕЈНОСТ

Член 3

Вработените лица во јавните библиотеки, со стручни звања од областа на библиотечната дејност, ги вршат следните работи:

1. Библиотекарски помошник врши: оперативно-технички и помошни стручни работи во процесите на набавка, прием, комплетирање и размена на библиотечен материјал; обработка на библиотечената граѓа и библиотечното добро; заштита и дигитализација на библиотечното добро; услуги на корисниците; учествува во изработка и одржување на библиотечни каталози; ракува со библиотечниот фонд и води евиденција и статистика за користење на истиот; се грижи за правилно сместување и чување на книжниот фонд; ја следи состојбата на библиотечниот фонд и спроведува мерки за негова заштита и правилно чување и користење и врши други работи;

2. Самостоен библиотекарски помошник врши: посложени оперативно-технички и помошни стручни работи во процесите на набавка, прием, комплетирање и размена на библиотечен материјал; обработка на библиотечната граѓа и библиотечното добро; заштита и дигитализација на библиотечното добро; услуги на корисниците; учествува во изработка и одржување на библиотечни каталози; ракува со библиотечниот фонд и води евиденција и статистика за користење на истиот; се грижи за правилно сместување и чување на книжниот фонд; ја следи состојбата на библиотечниот фонд и спроведува мерки за негова заштита и правилно чување и користење; се грижи за примена на меѓународни стадарди за обработка, чување и заштита на библиотечен материјал од доменот на тековното работење; врши посложени оперативно-технички и помошни стручни работи во процесите на континуирано образование на библиотекарите и се грижи за функционирањето на библиотечно-информацискиот систем и информацискиот систем за истражувачка дејност;

3. Библиотекар врши: сложени задачи од областа на библиотечната и информациската дејност; учествува во дефинирањето и реализацијата на набавната политика; врши сложени задачи во процесите на набавка, стручна обработка, обезбедување пристап, чување, заштита и дигитализација на библиотечната граѓа и библиотечните добра; учествува во истражувања во областа на библиотечната дејност и подготовка на елаборати за категоризација, валоризација и ревалоризација на библиотечните добра; следи, проучува и применува меѓународни и национални стандарди и нормативи од предметната област; учествува во национални и меѓународни проекти од предметната област, во маркетинг на библиотеката и соработката со библиотеки и сродни институции од земјата и од странство; учествува во
подготовка на стручни и методолошки материјали и програми за едукација од предметната област; учествува во едукација на библиотечниот кадар и учествува во развојот на библиотечно-информацискиот систем и информацискиот систем за истражувачката дејност;

4. Виш библиотекар врши: посложени задачи од областа на библиотечната и информациската дејност; учествува во дефинирањето и реализацијата на набавната политика и во изработувањето стратегии и методологии за развој на библиотечната и информациската дејност; врши самостојни истражувања во доменот на заштита на библиотечните добра и подготвува елаборати за валоризација, категоризација и ревалоризација на збирки библиотечни добра; учествува во подготовка на предлози за измена, дополнување и унапредување на меѓународните и националните стандарди и нормативи од предметната област; учествува во подготовка на стручни и методолошки материјали од доменот на предметната област; учествува во работата на стручни тела во библиотеката, како и во домашни и меѓународни стручни тела и организации; учествува во национални и меѓународни проекти од предметната област, во маркетинг на библиотеката и соработката со библиотеки и сродни институции од земјата и од странство; учествува во едукација и стручно усовршување на библиотечниот кадар; учествува во планирањето на развојот на библиотечно-информацискиот систем и информацискиот систем за истражувачката дејност;

5. Библиотекар-советник покрај работите од точката 4 на овој став врши и: најсложени задачи од областа на библиотечната и информациската дејност; ја креира набавната политика; изработува стратегии и методологии за развој на библиотечната и информациската дејност; раководи со истражувањата во доменот на заштита на библиотечните добра и постапките на валоризација, категоризација и ревалоризација на збирки библиотечни добра; подготвува предлози за измена, дополнување и унапредување на меѓународните и националните стандарди и нормативи од предметната област; изработува програми и го организира и води процесот на едукација и стручно усовршување на библиотечниот кадар; подготвува програми и учествува во спроведувањето стручен библиотекарски испит; го планира развојот на библиотечно-информацискиот систем и информацискиот систем на истражувачката дејност; учествува во работата на стручни тела на библиотеката, како и во домашни и меѓународни стручни тела и организации; изработува стратегија за маркетинг на библиотеката, соработка со други библиотеки и сродни институции од земјата и странство; врши стручни истражувања и подготвува стручни и методолошки материјали од доменот на предметната област и истражува и дава предлози за вклучување во домашни и странски проекти од стратешка и функционална важност.

IV. НАЧИН НА ПОЛАГАЊЕ СТРУЧЕН ИСПИТ ЗА ИЗБОР ВО ИЗБОРНОТО СТРУЧНО ЗВАЊЕ ВИШ БИБЛИОТЕКАР

Член 4

(1) Стручниот испит за избор во изборното стручно звање виш библиотекар (во натамошниот текст: стручниот испит) се полага во два дела според Програмата за полагање стручен испит за избор во изборното стручно звање виш библиотекар, која е дадена во Прилог број 1 и е составен дел на овој правилник.

(2) Првиот дел од стручниот испит се полага со одговарање на прашања од областа на прописите за библиотечната дејност, во вид на писмен тест.

(3) Вториот дел од стручниот испит се состои од одбрана на писмено изработен стручен труд пред рецензионата комисија, на тема по предлог на кандидатот и по препорака од непосредниот раководител на кандидатот и/или по препорака од раководителот на проектот во кој учествувал кандидатот, а кој е во врска со темата на стручниот труд.

(4) Стручниот труд се изработува на тема избрана од областите и подобластите од Програмата од став (1) на овој член.

Член 5

(1) Барањето за избор во изборното стручно звање виш библиотекар се поднесува на образец, кој е даден во Прилог број 2 и е составен дел на овој правилник.

(2) Образецот на барањето од став (1) на овој член содржи:
– податоци за кандидатот (име и презиме, адреса на живеење, назив на установата каде што е вработен, работно место, завршена стручна подготовка – вид на образование, работно искуство како библиотекар и контакт податоци);
– назив на стручниот труд;
– податоци за приложените документи и докази кон барањето;
– место и датум на поднесување на барањето и
– потпис на кандидатот.

(3) Во прилог кон барањето од став (1) на овој член кандидатот доставува:
– биографија (CV);
– решение за распоредување на работно место библиотекар;
– доказ за завршено образование (во оригинал или во копија заверена на нотар);
– стручен труд во осум примероци;
– препораки;
– библиографија на објавени трудови и
– дипломи, сертификати и учества на конференции (во оригинал или во копија заверена на нотар).

Член 6

(1) Првиот дел на стручниот испит е одговар на писмен тест составен од 60 прашања од Програмата од член 4 став (1) од овој правилник, со три можни одговори од кои еден е точен и два се неточни одговори.

(2) Првиот дел од стручниот испит го положил кандидатот кој точно одговорил на 60% од поставените прашања.

Член 7

(1) Од страна на рецензионата комисија се известува кандидатот кој го положил првиот дел на стручниот испит за датумот, времето и местото за одбрана на стручниот труд. Одбраната на стручниот труд се врши пред рецензионата комисија.

(2) Кандидатот кој на вториот дел од стручниот испит добил оценка „одбранил“ се смета дека го положил стручниот испит за стекнување на стручното звање виш библиотекар.

V. НАЧИН НА ВРШЕЊЕ ИЗБОР ВО ИЗБОРНОТО СТРУЧНО ЗВАЊЕ БИБЛИОТЕКАР-СОВЕТНИК

Член 8

(1) Барањето за избор во изборното стручно звање библиотекар – советник се поднесува на образец, кој е даден во Прилог број 3 и е составен дел на овој правилник.

(2) Образецот на барањето од став (1) на овој член содржи:
– податоци за кандидатот (име и презиме, адреса на живеење, назив на установата каде што е вработен, работно место, завршена стручна подготовка – вид на образование, работно искуство како виш библиотекар и контакт податоци);
– податоци за приложените документи и докази кон барањето;
– место и датум на поднесување на барањето и
– потпис на кандидатот.

(3) Во прилог кон барањето од став (1) на овој член кандидатот доставува:
– биографија (CV);
– решение за стекнатото стручно звање виш библиотекар;
– докази за стручниот придонес во библиотечната дејност (учество и реализација на проекти, стручно истражување, објавување на стручни трудови и публикации и учество на стручни собири од областа на библиотечната дејност), кој што се утврдува со бодови;
– библиографија на објавени трудови и
– дипломи, сертификати и учества на конференции (во оригинал или во копија заверена на нотар).

Член 9

(1) Од страна на рецензионата комисија се врши бодирање на стручниот придонес на кандидатот во библиотечната дејност согласно Бодовната листа за утврдување на стручниот придонес на кандидатите за избор и за реизбор во изборните стручни звања виш библиотекар и библиотекар – советник (во натамошниот текст: Бодовната листа), која е дадена во Прилог број 4 и е составен дел од овој правилник.

(2) Вкупниот број на бодовите со кои се утврдува стручниот придонес на кандидатот, претставува збир на одделните бодови од Бодовната листа, кој се утврдува од страна на рецензионата комисија врз основа на доставените докази од кандидатот, при што се бодираат само активности кои се однесуваат на библиотечната дејност и за кои постојат потврди или писмени докази, при што една истородна активност може да биде бодирана само еднаш.

(3) При утврдување на вкупниот број на бодовите за утврдување на стручниот придонес, потребно е бодовите да се соберат од најмалку три групи на активности од Бодовната листа.

VI. НАЧИН НА ВРШЕЊЕ РЕИЗБОР ВО ИЗБОРНИТЕ СТРУЧНИ ЗВАЊА ВИШ БИБЛИОТЕКАР И БИБЛИОТЕКАР-СОВЕТНИК

Член 10

(1) Барањето за реизбор во изборно стручно звање во областа на библиотечната дејност се поднесува на образец, кој е даден во Прилог број 5 и е составен дел на овој правилник.

(2) Образецот на барањето од став (1) на овој член содржи:
– податоци за кандидатот (име и презиме, адреса на живеење, назив на установата каде што е вработен, работно место, завршена стручна подготовка – вид на образование, работното искуство во соодветното стручно звање во областа на библиотечната дејност и контакт податоци);
– назив на стручното звање за реизбор;
– податоци за приложените документи и докази кон барањето;
– место и датум на поднесување на барањето и
– потпис на директорот на установата.

(3) Во прилог кон барањето од став (1) на овој член се доставуваат следните документи и податоци за кандидатот:
– биографија (CV);
– решение за претходно стекнатото соодветно стручно звање во кое кандидатот се реизбира;
– решение за распоредување на соодветно работно место предметно за звањето во кое кандидатот се реизбира;
– докази за стручниот придонес во библиотечната дејност (учество и реализација на проекти, стручно истражување, објавување на стручни трудови и публикации и учество на стручни собири од областа на библиотечната дејност), кој што се утврдува со бодови;
– библиографија на објавени трудови и
– дипломи, сертификати и учества на конференции (во оригинал или во копија заверена на нотар).

Член 11

(1) Од страна на рецензионата комисија се врши бодирање на стручниот придонес на кандидатот во библиотечната дејност согласно Бодовната листа.

(2) Вкупниот број на бодовите со кои се утврдува стручниот придонес на кандидатот, претставува збир на одделните бодови од Бодовната листа, кој се утврдува од страна на рецензионата комисија врз основа на доставените докази од кандидатот, при што се бодираат само активности кои се однесуваат на библиотечната дејност и за кои постојат потврди или писмени докази, при што една истородна активност може да биде бодирана само еднаш.

(3) При утврдување на вкупниот број на бодовите за утврдување на стручниот придонес, потребно е бодовите да се соберат од најмалку три групи на активности од Бодовната листа.

VII. ЗАВРШНА ОДРЕДБА

Член 12

Овој правилник влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.

Бр. 52-6644/1

31 мај 2016 година

Министер за култура,

Скопје

 д-р Елизабета Канческа-Милевска, с.р.

Додаток:

Програма за полагање стручен испит за избор во изборното стручно звање виш библиотекар
Барање за избор во изборното стручно звање виш библиотекар
Барање за избор во изборното стручно звање библиотекар-советник
Бодовна листа за утврдување на стручниот придонес на кандидатите за избор и за реизбор во изборните стручни звања виш библиотекар и библиотекар-советник
Барање за реизбор во изборното стручно звање во областа на библиотечната дејност

Превземи