Правилник за содржината и начинот на водење на Регистарот на овластувања и проверката на валидноста на овластувањата

МИНИСТЕРСТВО ЗА ИНФОРМАТИЧКО ОПШТЕСТВО И АДМИНИСТРАЦИЈА

Врз основа на член 61 став (6) од Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/19) министерот за информатичко општество и администрација донесе

ПРАВИЛНИК
ЗА СОДРЖИНАТА И НАЧИНОТ НА ВОДЕЊЕ НА РЕГИСТАРОТ НА ОВЛАСТУВАЊА И ПРОВЕРКАТА НА ВАЛИДНОСТА НА ОВЛАСТУВАЊАТА

Член 1

Со овој правилник се пропишува содржината и начинот на водење на регистарот на овластувања (во натамошниот текст: Регистарот) и проверката на валидноста на овластувањата за остварување на права и исполнување на обврски пред трети лица преку полномошник по електронски пат.

Член 2

Регистарот претставува електронска база на податоци која содржи податоци за овластувањата кои лицата на кои им е издаден квалификуван сертификат за електронски потпис или квалификуван сертификат за електронски печат, ги издаваат на други лица – полномошници, заради остварување на права и исполнување на обврски пред секое трето лице по електронски пат.

Член 3

Овластувањата се впишуваат во Регистарот врз основа на изјава за упис дадена во електронска форма на веб страницата на давателите на квалификувани доверливи услуги кои издаваат квалификувани сертификати за електронски потпис или квалификувани сертификати за електронски печат.

Регистарот содржи податоци за:
– сериски број на издадениот квалификуван сертификат за електронски потпис кога властодателот е физичко лице,
– единствен матичен број на субјектот кога властодателот е правно лице,
– сериски број на издадениот квалификуван сертификат за електронски потпис кога полномошникот е физичко лице, за секој посебно кога се повеќе полномошници,
– единствен матичен број на субјектот кога полномошникот е правно лице, за секој посебно кога се повеќе полномошници,
– датум на започнување на важноста на овластувањето,
– датум на престанување на важноста на овластувањето, доколку овластувањето се дава за определен период и
– обем на овластувањето.

Член 4

Властодателот – физичко лице го дава овластувањето по претходна проверка на неговата електронска идентификација.

Властодателот од став 1 на овој член го потпишува овластувањето со својот квалификуван електронски потпис.

По потпишувањето на овластувањето, истото се запишува во Регистарот и се потврдува со електронски временски жиг.

По запишувањето на овластувањето во Регистарот, полномошникот добива известување на електронската пошта дека е запишан како полномошник во Регистарот.

Исправки на грешки во врска со овластувањата запишани во Регистарот се вршат на ист начин како запишувањето на овластувањата во Регистарот согласно ставовите 1, 2 и 3 на овој член.

Член 5

Овластувањето дадено во име и за сметка на правно лице може да го даде само овластеното лице на правното лице кое е запишано во Централниот регистар на Република Северна Македонија.

Верификацијата на овластеното лице на правното лице се врши автоматски.

По потврдата на овластувањето со квалификуван електронски печат, истото се запишува во Регистарот и се потврдува со електронски временски жиг.

По запишувањето на овластувањето во Регистарот, полномошникот добива известување на електронската пошта дека е запишан како полномошник во Регистарот.

Исправки на грешки во врска со овластувањата запишани во Регистарот се вршат на ист начин како запишувањето на овластувањата во Регистарот согласно ставовите 1, 2 и 3 на овој член.

Член 6

Повлекувањето, продолжувањето и проширувањето на обемот на дадените овластувања се впишуваат во Регистарот на ист начин како нивното запишување.

Член 7

Давателот на квалификувани доверливи услуги кој води регистар на овластувања му овозможува на Министерството за информатичко општество и администрација пристап до Регистарот заради поднесување на барања преку Националниот портал за електронски услуги од страна на корисниците преку полномошник согласно видот и обемот на овластувањата запишани во Регистарот.

Член 8

Пристап до податоците во Регистарот имаат единствено властодателот, полномошникот и давателот на квалификуваната доверлива услуга.

Пристап до овластувањата се обезбедува преку веб страницата на Регистарот.

Властодателот и полномошникот се најавуваат на Регистарот на ист начин на кој што се најавуваат при користење на квалификувани доверливи услуги од давателот на квалификувани доверливи услуги.

Член 9

Проверка на валидноста на овластувањата во Регистарот може да извршат трети лица само тогаш кога пред нив е поднесено барање преку полномошник по електронски пат.

Проверките на валидноста на овластувањата се вршат според:
– ознака на овластувањето,
– сериски број на квалификуваниот сертификат за електронски потпис или квалификуваниот сертификат за електронски печат,
– број под кој е заведена услугата во Регистарот.

Член 10

Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 11/1-4031/8

 Министер за информатичко

31 декември 2019 година

 општество и администрација,

Скопје

Дамјан Манчевски, с.р.