Правилник за распределба на надоместоци од користење на авторски аудиовизуелни дела и предмети на сродни права

АСОЦИЈАЦИЈА ЗА ЗАШТИТА НА АВТОРСКИ И СРОДНИ ПРАВА

Врз основа на членот 132 ст. 2 и членот 144 од Законот за авторското право и сродните права на РСМ („Слyжбен весник на РМ“ бр. 115/2010; 140/2010; 51/2011; 147/2013; 154/2015 и 27/2016), како и членовите 64, 65 и 66 од Статутот на Асоцијација за заштита на авторски и сродни права АЗАС Скопје (во понатамошниот текст АЗАС), Собранието на АЗАС, на седницата одржана на ден 3.5.2019 година го донесе следниот

ПРАВИЛНИК
ЗА РАСПРЕДЕЛБА НА НАДОМЕСТОЦИ ОД КОРИСТЕЊЕ НА АВТОРСКИ АУДИОВИЗУЕЛНИ ДЕЛА И ПРЕДМЕТИ НА СРОДНИ ПРАВА

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Правилникот за распределба на надоместоци од користење на авторски аудиовизуелни дела и предмети на сродни права (во понатамошниот текст: Правилник), ги утврдува основните начела за распределба на надоместоци на носителите на авторски и сродни права (во понатамошниот текст: носителите на права) кои АЗАС колективно ги управува во согласност со закон и статут, како и врз основа на Решението за давање дозвола за колективно управување на авторското и сродни права на аудиовизуелните дела согласно Законот за авторското право и сродните права на РСМ. (во понатамошниот текст: ЗАПСП).

Член 2

АЗАС е организација за колективно управување на авторски и сродни права на аудиовизуелните дела на носителите на права која согласно со Решението за давање дозвола за колективно управување на авторското и сродни права на аудиовизуелните дела на Министерството за култура на РМ бр. УП1-52-469 од 11.09.2018 година објавено во „Службен весник на РМ“ бр. 203/18 од 08.11.2018 година, ги управува следните права:
1. Право на кабелско реемитување аудиовизуелни дела, односно видеограми;
2. Право на надоместок на автори на аудиовизуелно дело од јавна послуга;
3. Право на надоместок на автори и изведувачи на аудиовизуелно дело од изнајмување;
4. Право на надоместок на изведувач на аудиовизуелно дело за радиодифузно емитување; и
5. Друго јавно соопштување на изведувачите на својата изведба од страна на автори на аудиовизуелни дела, односно дела снимени (фиксирани) на видеограми, изведувачи на аудиовизуелни дела, односно дела снимени (фиксирани) на видеограми и филмски продуценти на аудиовизуелни дела, односно дела снимени (фиксирани) на видеограми.

АЗАС во случаите на единствените надоместоци согласно ЗАПСП а предвидени во Статутот, колективното управување на правата може да го врши по овластување на други организации на носители на права преку склучување посебен договор или може со договор да овласти друга соодветна организација да го врши колективното управување на тие права.

АЗАС може со склучување на посебен договор да врши административно технички работи за права кои се надвор од правата за кои има дозвола, а се во надлежност на други здруженија.

АЗАС може со склучување на посебен договор да го предаде на други здруженија извршувањето на административно техничките работи за правата за кои има дозвола.

Член 3

Правата од член 2 на овој Правилник, АЗАС ги управува врз основа на Законот за авторското право и сродните права, Статутот на АЗАС, овој Правилник и други акти и одлуки донесени врз основа на Статутот. Во согласност со соодветните законски прописи, АЗАС го обезбедува колективното управување со материјални права на носителите на права.

Член 4

АЗАС колективно ги управува авторските и сродните права на аудиовизуелните дела и предметите на сродните права на носителите на права кои со пријавување на своите дела и предмети на сродни права или врз основа на договор за тоа му даваат овластување на АЗАС.

Колективно управување АЗАС остварува и без договор со носителите на правата, врз основа на одредбите од член 130 од ЗАПСП.

Странските автори и членовите на странските организации, уживаат еднаква заштита како и домашните автори, согласно Статутот на АЗАС, доколку така е определено со меѓународен договор, со Законот за авторското право и сродните права на Република Македонија, или врз основа на фактички реципроцитет.

Член 5

Правата на носителите на права АЗАС ги управува под еднакви услови.

Одредбите на овој Правилник се задолжителни за сите носители на права чии права АЗАС ги управува согласно ЗАПСП, Статутот на АЗАС, како и врз основа на договор со носителот на права.

Носителот на права може да изземе (забрани) колективно управување на свое право од страна на Здружението за кое има дозвола за колективно управување, освен во случаи кога од истото не може да се откаже, согласно ЗАПСП.

Изземањето (забраната) од колективно управување, носителот на правото го врши со поднесување писмена изјава заверена кај нотар, на образец утврден и донесен од страна на Собранието. Изземањето влегува во сила од наредната пресметковна година.

Член 6

АЗАС може колективно да ги управува правата и на други носители на права согласно ЗАПСП, врз основа на билатерални меѓународни договори за меѓусебно застапување на база на реципроцитет, кои АЗАС ги склучува со странски организации Асоцијацијата на меѓународно колективно управување на аудиовизуелни дела АГИКОА (AGICOA), Друштвото на аудиовизуелни автори САА (SAA) и други регионални и национални организации, како и со нивните членки.

Член 7

Колективно управување на авторските и сродните права на македонските носители на права во странство, АЗАС ги остварува врз основа на посебни договори што ќе ги склучи со соодветни организации на носители на права.

Договорите АЗАС ги склучува во согласност со законските прописи и меѓународните договори.

Член 8

АЗАС колективно ги управува, на територијата на РСМ, и правото на кабелско реемитување аудиовизуелни дела, односно видеограми, правото на надоместок на автори на аудиовизуелно дело од јавна послуга, правото на надоместок на автори и изведувачи на аудиовизуелно дело од изнајмување, правото на надоместок на изведувач на аудиовизуелно дело за радиодифузно емитување; и другото соопштување на изведувачите на својата изведба од страна на автори на аудиовизуелни дела, односно дела снимени (фиксирани) на видеограми, изведувачи на аудиовизуелни дела, односно дела снимени (фиксирани) на видеограми и филмски продуценти на аудиовизуелни дела, односно дела снимени (фиксирани) на видеограми; на странските носители на права, согласно ЗАПСП, а врз основа на меѓународни конвенции и други договори склучени помеѓу РСМ и другите земји, како и врз основа на реципрочни договори склучени помеѓу АЗАС и соодветните странски организации на носители на права.

Член 9

АЗАС колективно управува само изведени, објавени, прикажани и/или емитувани авторски аудиовизуелни дела и предмети на сродни права.

Член 10

Во колективното управување на правата на носителите на права, АЗАС ги извршува следниве работи:
1. Неисклучиво пренесува право за користење авторски дела и предмети на сродни права со договор или на друг пишан начин;
2. Ги прибира утврдените надоместоци од корисниците и врши нивна распределба на носителите на правата во согласност со закон и општите акти;
3. Врши пресметка, распределба и исплата на надоместоци за користење на авторски аудивизуелни дела и предмети на сродни права примени од странските организации, за користење аудиовизуелни дела и предмети од сродни права од домашните носители на права во странство;
4. Склучува договори за умножување на аудиовизуелни дела, односно видеограми, како и за други видови користења на авторски аудиовизуелни дела и предмети на сродни права и го контролира извршувањето на тие договори;
5. Од корисниците на аудиовизуелни дела, односно видеограми собира програми и податоци за прикажаните и снимените дела и води евиденција за тоа;
6. Врши контрола за користењето на авторските дела и предмети на сродни права;
7. Ги врши правните работи и односите на носителите на правата со корисниците и води постапки пред судовите и другите органи заради заштита на правата на носителите на права и слично;
8. Презема и други мерки предвидени со законот и со други прописи заради заштита и остварување на колективното управување на правата на носителите на права.

Член 11

АЗАС може да поведе и да води спорови пред судовите и другите органи заради остварување на авторските и предметите на сродни права, во свое име и за сметка на носителот на права, само со посебно полномошно од носителот на право чие право е предмет на спорот.

За застапување пред судовите и другите органи, заради колективното управување на правата на носителите на права, на АЗАС не му е потребно посебно полномошно од носителот на права.

Во случај на спор меѓу членови на АЗАС, АЗАС нема да поведе постапка во име на еден од нив.

Член 12

Репертоарот на АЗАС го сочинуваат изведени, објавени, прикажани и/или емитувани авторски аудиовизуелни дела и предмети на сродни права како што се:
а) Долгометражен игран, документарен и анимиран филм;
б) Краткометражен игран, документарен и анимиран филм;
в) ТВ Серии и ТВ Новели (изработени во било која техника);
г) ТВ Програми;
д) Музички спотови;
ѓ) Реклами;
е) Видео игри;
ж) Виртуелна реалност.

II. ДОКУМЕНТАЦИЈА И ЛИСТИ

Член 13

Документацијата и листите на АЗАС се сочинети од:
– документација и листи на дела;
– документација и листи на носители на права на аудиовизуелно дело и предмети на сродни права;
– документација и листи на странски дела, носители на права на аудиовизуелно дело и предмети на сродни права.

a) Документација на дела и предмети на сродни права

Член 14

Секој носител на права должен е своите дела (односно дела за кои стекнал право) да ги пријави во АЗАС на пропишан образец – пријава на дело, со наведување на сите податоци кои влијаат на правилната заштита на неговите права и распределбата на надоместоците.

За точноста на податоците одговара подносителот на пријавата. Пријавата која ќе ја поднесе еден од носителите на права се прифаќа за точна сѐ додека поинаку не се докаже.

Подносителот на пријавата е одговорен спрема АЗАС и спрема другите носители на права за штетата која би произлегла од неточни и непотполни податоци.

Со пријавата на дело носителите на права го овластуваат АЗАС да ги штити нивните права во земјата и во странство, под исти услови како и носителите на права кои потпишале договор со АЗАС, со што го овластуваат да ги штити нивните права.

Пријавите на дела доставени до АЗАС до 31 декември влегуваат во пресметката за тековната година.

Ако делото не е пријавено, АЗАС ја остварува заштитата врз основа на податоците со кои располага.

Член 15

За домашните дела издадени во странство или создадени во соработка со странски носители на права, ќе бидат прифатени за точни оние податоците што ќе ги прифати странската организација, доколку домашниот носител на права не ја оспори таквата пријава со веродостојна документација или на некој друг начин.

Член 16

Примената на документацијата која служи за изменување и дополнување на податоците на веќе пријавените дела се земаат предвид до 31 декември во тековната година.

Податоците за изменување и дополнување кои ќе стигнат по тој рок ќе се применат во следната пресметка на авторскиот надоместок.

Член 17

Носителите на права можат, покрај своето граѓанско име, да користат и псевдоним.

Недозволено е да се користи псевдоним на веќе постоечко граѓанско име или псевдоним на некој друг носител на права. Според тоа, пред употреба на псевдоним потребно е од АЗАС да се побара информација дали веќе постои такво граѓанско име, односно псевдоним на некој домашен или странски носител на права.

Член 18

Доколку граѓанските имиња на некои од носителите на права се идентични, потребно е да се направи разлика помеѓу имињата со цел надоместокот правилно да се распореди.

Член 19

Доколку АЗАС има сознание дека е дојдено до спорна ситуација помеѓу носителите на права за одредено дело, ќе ја блокира исплатата на соодветниот надоместок во целина или само за спорниот дел на овие носители на права, сѐ до решавање на спорот, а врз основа на доставен меѓусебен договор или судска одлука.

б) Документација на носители на права на аудиовизуелно дело и предмети на сродни права

Член 20

Носителите на права се должни да го пријават аудиовизуелното дело, односно предметот на сродно право.

Носителите на права се должни во пријавата да ги наведат нивните лични податоци, како и за секоја промена по писмен пат благовремено го известат АЗАС. Носителите на права сносат полна материјална и кривична одговорност за точноста на податоците наведени во пријавата.

Доколку носителот на права по писмен пат не го извести АЗАС за промена на неговите лични податоци, како и за секоја друга промена, ќе се смета за уредно доставена секоја писмена пратка од страна на АЗАС до носителот на права, согласно неговите последно доставени податоци содржани на пропишаниот образец.

Член 21

Носителите на права се должни да достават до АЗАС еден примерок од секој договор за филмска продукција, кој авторите продуцентите или изведувачите го склучиле со домашен или странски продуцент.

Доколку носителот на права не постапи согласно став 1 од овој член, во тој случај АЗАС ќе ја земе предвид документацијата со која располага.

Член 22

Наследникот на авторските права е должен на пропишан образец да ги наведе точните лични податоци, да достави до АЗАС копија од правосилно оставинско решение, во кое е наведен како наследник на авторското право, а оригиналот на правосилното оставинско решение да го приложи на увид.

Наследникот на авторските права со АЗАС склучува Договор за колективно управување.

в) Документација на странски дела, носители на права на аудиовизуелно дело и предмети на сродни права

Член 23

Согласно со правилата на колективни организации наведени во член 6 од овој Правилник, а врз основа на билатералните меѓународни договори за меѓусебно застапување на база на реципроцитет, кои АЗАС ги склучува со странски организации, документацијата на АЗАС ја сочинува и странската документација.

Странската документација од претходниот став се состои од постоечките меѓународни бази на дела и друга документација на дела и предмети.

Член 24

Надоместокот за делата од странскиот репертоар се пресметува согласно одредбите на овој Правилник, договорите за меѓусебно застапување склучени со странски соодветни организации на носители на права, како и врз основа на документацијата што тие организации ја доставуваат за делата на своите членови.

Член 25

Распределба на надоместокот помеѓу носителите на права на едно дело – членови на едно или повеќе странски организации, се врши врз основа на учествата назначени на интернационалната листи доставена за тоа дело до АЗАС.

Ако интернационалната листа не содржи податоци за учествата на носителите на права – членови на различни авторски организации, надоместокот за тоа дело се распределува врз основа на правилата на АЗАС.

Член 26

Ако податоците кои ќе ги достават повеќе странски организации за исто дело се различни, надоместокот за тоа дело не се исплаќа сѐ до разрешувањето на спорот на заинтересираните организации.

Член 27

Ако не постојат податоци за изведеното, објавено, прикажано и/или емитувано авторско аудиовизуелно дело или предмет на сродно право, а врз основа на податоците од програмите и другата документација е утврдено кој е носител на правата на тоа дело, тогаш целиот надоместок му се исплатува на правното лице на кое му припаѓа носителот на правото.

Член 28

Ако во програмата не е наведено полното име на носителот на правото на делото, а врз основа на другите податоци може да се претпостави дека носителот на правото е заштитен, тогаш таквото дело се внесува во посебен список циркулар кој се доставува до странските организации заради собирање на потребната документација.

Согласно правилата на меѓународните организации наведени во член 6 од овој Правилник во циркуларот не се внесуваат делата чиј вкупен надоместок не го преминува денарскиот износ на 10 американски долари за еден пресметковен период.

Странската документација не може да се дополни доколку не се добие валиден одговор на циркуларот, пропратен со соодветна документација во рок од три години. По истекот на трите години, надоместоците за делата се распределуваат во вонредни приходи и на тој начин се вклучуваат во системот на распределба.

III. ПРИЈАВА И КАТЕГОРИЗАЦИЈА НА ДЕЛА

Член 29

Аудиовизуелното дело, односно предметот на сродно право се категоризира и определува согласно на ефективното траење на делото, видот на делото и, доколку е емитувано, односно реемитувано, времето на прикажување на делото.

Носителот на правото на делото е должен при пријавувањето да го назначи неговото траење и вид.

Член 30

Пријавата на дело содржи податоци за АЗАС, лични податоци за подносителот на пријавата и особено:
1. Наслов на делото (година на создавањето);
2. Траење на делото (во минути)
3. Вид на аудиовизуелно дело;
4. Формат и место каде делото се наоѓа делото
5. Продуцент на делото
6. Сценарист на делото;
7. Режисер на делото;
8. Кинаматографер на делото;
9. Автор на музиката користена во делото;
10. Изведувач (актер);
11. Главен аниматор;
12. Референтен број (пополнува АЗАС);
13. Учество на носител/-ите на права во создавањето на делото искажано во проценти

Составен дел на овој Правилник е пријавата на дело.

IV. РАСПРЕДЕЛБА НА НАДОМЕСТОЦИ НАПЛАТЕНИ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА АВТОРСКИ АУДИОВИЗУЕЛНИ ДЕЛА И ПРЕДМЕТИ НА СРОДНИ ПРАВА
(кабелско реемитување аудиовизуелни дела, односно видеограми, јавна послуга, изнајмување, радиодифузно емитување, јавно соопштување на изведби, аудиовизуелни дела, односно видеограми)

А) КАТЕГОРИИ НА НАПЛАТА

Член 31

Наплатата на надоместоците за користење на авторски аудиовизуелни дела и предмети на сродни права во една календарска година се разликуваат според видот на користењето и се однесува на следните категории:
– Кабелско реемитување;
– Јавна послуга;
– Изнајмување;
– Радиодифузно емтување
– Јавно радиодифузно претпријатие
– Трговски радиодифузни друштва на локално, регионално и национално ниво
– Јавно соопштување на аудиовизуелни дела и предмети на сродни права (филмски манифестации, угостителски објекти, хотели, продажни центри и други деловни простории, занаетчиски дуќани, саеми, службени простории со масовен пристап на странки, чекалници и станици, игри на среќа, спортски објекти, кина и др.)
– Телевизиска содржина преку интернет протокол мрежи (IPTV)
– Интернет страници
– Компјутерски игри и виртуелна реалност

Б) РЕПАРТИЦИСКИ КЛАСИ И ФОНДОВИ

Член 32

Надоместоците за користење на аудиовизуелни дела и предмети на сродни права во една календарска година се разликуваат според видот на користењето, и се основа за формирање на репартициските класи. Надоместоците од секоја репартициска класа на прибрани средства се внесуваат во соодветниот репартициски фонд.

Секој репартициски фонд се состои од надоместок наплатен за користење на аудиовизуелни дела и предмети на сродни права од соодветната репартициска класа.

Надоместоците од категоријата на наплата од користење на аудиовизуелни дела и предмети на сродни права кои се пресметани во паушални износи се распределуваат сразмерно на наплатата согласно ЗАПСП.

Во случај на несразмерно високи трошоци за колективно управување, наплатата остварена од поединечните репартициски класи на користење на аудиовизуелни дела и предмети на сродни права, Управниот одбор на АЗАС може да му предложи на Собранието за таа категорија да не се работи посебен репартициски фонд. Прибраните средства да се вклучат во друг репартициски фонд, така што прибраните средства се распределуваат врз основа на програмата на тој фонд.

Член 33

Со овој Правилник се утврдуваат следниве репартициски класи:
– Кабелско реемитување
– Јавна послуга
– Изнајмување
– Телевизија
(Јавно радиодифузно претпријатие)
– Јавно соопштување
– Телевизиска содржина преку интернет протокол мрежи (IPTV)
– Интернет страници
– Компјутерски игри
– Виртуелна реалност
– Трговски радиодифузни друштва на локално ниво
(телевизиски програмски сервиси)
– Трговски радиодифузни друштва на регионално ниво
(телевизиски програмски сервиси)
– Трговски радиодифузни друштва на национално ниво
(телевизиски програмски сервиси)

Член 34

Паричните фондови на репартициските класи се составени од следниве видови приходи:
– Кабелско реемитување – приходите од кабелските оператори;
– Јавна послуга – приходи остварени од јавна послуга
– Изнајмување – приходи остварени од изнајмување
– Телевизија (Јавно радиодифузно претпријатие) – приходите од Јавно радиодифузно претпријатие;
– Јавно соопштување – приходи остварени од јавно соопштување
– Телевизиска содржина преку интернет протокол мрежи (IPTV) – приходи остварени преку оператори за IPTV
– Интернет страници – приходите од интернет страници
– Компјутерски игри – приходи остварени по овој основ
– Виртуелна реалност – приходи остварени по овој основ
– Трговски радиодифузни друштва на локално ниво
– приходите од телевизиски програмски сервиси врз оваа основа;
– Трговски радиодифузни друштва на регионално ниво – приходите од и телевизиски програмски сервиси врз оваа основа;
– Трговски радиодифузни друштва на национално ниво – приходите од телевизиски програмски сервиси врз оваа основа;

Член 35

Средствата на организацијата остварени од камати на вложени средства во банка и други приходи, во износ од 30% се распределуваат меѓу авторите односно носителите на сродните права, сразмерно на исплатата на надоместокот кои тие го оствариле согласно со податоците за користени дела од членот 135 став (1) од ЗАПСП, а во износ од 70% се распределуваат меѓу авторите односно носителите на сродните права, во согласност со податоците за користени дела од системот за електронска евиденција, односно во согласност со податоците од член 135 ставови (6) и (7) од ЗАПСП.

Средствата кои организацијата ги прибира од корисниците, а се пресметуваат во паушални износи и средствата кои организацијата ги прибира од кабелско реемитување авторски дела и предмети на сродни права, се распределуваат меѓу авторите односно носителите на сродните права сразмерно на исплатата на надоместокот кои тие го оствариле во согласност со податоците за користени дела од системот за електронска евиденција односно во согласност со податоците од член 135 ставови (6) и (7) од ЗАПСП.

Член 36

За покривање на трошоци за работа на АЗАС може да се користат средства од прибраните надоместоци на име колективно управување со единствениот надоместок, определен со закон, не повисок од 15%.

Трошоците за водење на судските постапки, судските такси, трошоците за вештачење, адвокатските трошоци и извршните трошоци се утврдуваат со одлука на Собранието и тие не влегуваат во вкупните трошоци за работа на АЗАС. По завршување на календарската година со финансискиот извештај изготвен од страна на Надзорниот одбор, остатокот од средствата по извршување на административно-технички работи за други здруженија кои се предвидени со посебен договор, нивната намена ја утврдува со акт Собранието на АЗАС.

Трошоците за колективно управување ги теретат сите репартициски фондови во единствен процент.

Член 37

Поединечните пресметки и исплатите на надоместоците на носителите на права се вршат најмалку еднаш годишно најдоцна до крајот на март во тековната за претходната година.

Член 38

Распределбата на авторските надоместоци се врши врз основа на општата пресметка која:
а) ги утврдува вкупните трошоци за колективно управување;
б) го утврдува нето-износот на репартициските фондови;
в) ја утврдува вредноста на поенот за соодветна репартициска класа;

Финансискиот план за прибраните средства за распределба и исплата на надоместоците ја утврдува Собранието на АЗАС на предлог на Управниот одбор.

В) ПОЕДИНЕЧНА РАСПРЕДЕЛБА

Член 39

Распределбата на надоместоците се врши согласно со евиденциите и податоците за користење на делата, а паушално кога не е можно или предизвикува неразумни трошоци, според принципот на правичност.

Распределбата на надоместоците се врши за заштитени дела што се појавиле во програмите и извештаите доставени до АЗАС во определен рок за една репартициска година.

За распределба се земаат предвид сите собрани програми и извештаи, освен:
а) неверодостојните програми и извештаи;
б) нејасните и нечитливите програми и извештаи;
в) програмите и извештаите за кои не е наплатен авторски надомест.

Програмите и извештаите кои се доставени по определениот рок ќе се земат предвид за распределба во наредната репартициска година.

Надоместоците од радиодифузно емитување за изведувачите на аудиовизуелни дела се распределуваат меѓу изведувачите, врз основа на податоците за исплата добиени од системот за електронска евиденција на емитувани аудиовизуелни дела, согласно со закон.

Член 40

Надоместоци од користење на авторските дела и предмети на сродни права се пресметуваат и исплатуваат на домашните и странските автори, најмалку еднаш годишно.

Од средствата кои се пресметани за исплата на носителите на права се издвојуваат парични средства за резервен фонд од 10%, кои произлегуваат од меѓународните договори за заемно застапување на здруженијата за колективно остварување на правата.

Надоместоци остварени во странство се исплатуваат на македонските носители на права веднаш по обработката на исплатните списоци, добиени од странските организации.

Член 41

Врз основа на општата пресметката и податоците за прикажаните дела, за домашните носители на права се прават поединечни пресметки и исплата на надоместоците од користење на авторските дела и предмети на сродни права.

Поединечната пресметка му се доставува на авторот, односно на носителот на авторските права при исплатата, а најдоцна два месеца од денот на исплатата на авторските надоместоци.

Авторските надоместоци се исплатуваат на домашните носители на права само ако нето-сумата за исплата го премине минималниот износ што ќе го утврди Собранието. Надоместоците под минималниот износ се исплатуваат во онаа репартициска година кога нивниот збир ќе го помине определениот минимум. Исклучително, на барање од носителот на права, исплата може да се изврши и порано во вид на аконтација, според одлуката на Управниот одбор.

Авторските надоместоци остварени во странство им се исплатуваат на домашните носители на права после одбивањето на трошоците за колективно управување, доколку го надминуваат минималниот износ што ќе го утврди Собранието.

Висината на трошоците ја утврдува Собранието. Штом надоместокот, примен од странска организација, не го поминува минималниот износ што ќе го утврди Собранието, на авторот не му се доставува пресметката на таа организација.

Висината на минималниот износ го утврдува Собранието посебно за домашните надоместоци и посебно за надоместоците од странство.

Член 42

Сите податоци за остварените надоместоци на одделни носители на права се деловна тајна и можат да се дадат само на барање на носителот на права на кој се однесуваат, како и на барање од судот во случај на водење судска постапка против носителот на право, или по барање на друг орган согласно со закон.

Член 43

Секој носител на права има право на увид во личните податоци за користење на неговите дела, на пресметката и на другата документација поврзана со тоа.

Носителот на права има право, да поднесе приговор и достави докази доколку е незадоволен од извршената пресметка.

Приговорот од став 2 на овој член се поднесува до Управниот одбор најдоцна во рок од 30 дена од приемот на поединечната пресметка.

По приговорот од став 2 на овој член, одлучува Управниот Одбор, по прибавување на соодветно мислење од Стручната служба и/или други органи кои располагаат со содветни податоци, најдоцна во рок од 30 дена по приемот на приговорот.

Против одлуката на Управниот одбор, носителот на права има право да поднесе жалба до Собранието, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на одлуката. Одлуката на Собранието е конечна.

Г) ПОЕНТИРАЊЕ НА ДЕЛАТА

Член 44

Пресметката на надоместоците се определува врз основа на ефективното траење на делото, видот на делото и, доколку е емитувано, односно реемитувано, времето на прикажување на делото или каква било употреба на аудиовизуелното дело.

Ефективното траење на аудиовизуелното дело се определува во минути. Деловите со траење над 30 секунди се сметаат како цела минута.

Поентирањето на аудиовизуелното дело се врши на начин што секоја минута од неговото ефективното траење се множи со долунаведените коефициенти.

Првиот коефициент се однесува на видот на аудиовизуелното дело согласно општо прифатени стандарди и се применува во секој случај. Вториот коефициент се однесува на времето во кое аудиовизуелното дело е емитувано, односно реемитувано, и се применува само на аудиовизуелните дела кои се емитувани, односно реемитувани.

Вид на аудиовизуелно дело

Коефициент

Долгометражен игран, документарен и анимиран филм

6

Краткометражен игран, документарен и анимиран филм

2

ТВ Серии и ТВ Новели (изработени во било која техника)

3

ТВ Програми

1.5

Музички спотови

1.5

Реклами

1.5

Видео игри

5

Виртуелна реалност

4

Време на емитување, односно реемитување

Коефициент

19:00 – 23:00

6

23:00 – 05:00

2

05:00 – 12:00

2.5

12:00 – 15:00

3

15:00 – 19:00

4

Член 45

Врз основа на начинот на употреба на аудиовизуелното дело, делото кое се употребува или користи за: одјавна или најавна шпица добива коефициент 1.

Член 46

Дела кои не се пријавени, односно за кои не постои документација, се пресметуваат врз основа на ефективното траење на изведбата со коефициент 0.50.

Д) ОСТАНАТИ ОДРЕДБИ

Член 47

Ако податоците од пријавата на делото што ги дал носителот на права не се во согласност со податоците во програмите (траење, изедувачки состав и сл.), распределбата на надоместокот се врши врз основа на податоците од програмите што се прифатени како веродостојни (програмите и извештаите).

Член 48

Доколку во програмите недостасуваат податоци за правилна распределба на надоместот, податоците ќе се дополнат од расположливата документација на АЗАС.

Ако податоците за траењето на делата не можат да се утврдат ниту според програмата, ниту според пријавата на делото, тогаш за делата:
Долгометражен игран, документарен и анимиран филм – 63 минути
Краткометражен игран, документарен и анимиран филм – 10 минути
ТВ Серии и ТВ Новели (изработени во било која техника) – 24 минути
ТВ Програми – 30 минути
Музички спотови – 3 минути
Реклами – 30 секунди
Видео игри – 60 минути
Виртуелна реалност – 20 минути

Доколку делото не е емитувано на телевизија, ниту е снимено на видеограм, податоците за траењето се земаат од пријавата на делото, односно од документацијата на странската организација.

За изведените фрагменти на едно аудиовизуелно дело, надоместок се пресметува според траењето назначено на програмата.

Член 49

Аудиовизуелно дело изведено фрагментарно или во целост повеќе пати на телевизија во рамките на една емисија заради учење или како илустрација, ќе се смета како да е еднаш изведено.

Член 50

За аудиовизуелни дела направени на слободно или незаштитено сценарио на слободни или незаштитени сценаристи, на сценаристот не му се исплатува делот за текстот.

Член 51

Основа за распределба на надоместоците за користење на аудиовизуелни дела и предмети на сродни права создадени во соработка на повеќе лица (Продуцент, Сценарист, Режисер, Кинаматографер, Автор на музиката користена во делото, Изведувач (актер), Главен аниматор), е пријавата на делото, на која мора да бидат потпишани сите горенаведени лица поединечно и во која треба да биде точно утврдено секое поединечно учество искажано во проценти, или пак да бидат поднесени посебни пријави на дело од кои може точно да се утврди секое поединечно учество искажано во проценти.

Во случај на постоење на договор за филмска продукција кој е доставен до АЗАС, во согласност со член 91 став 2 од ЗАПСП, се смета дека авторите и авторите на придонесите, исклучиво и неограничено му ги пренеле на филмскиот продуцент сите свои материјални права на аудиовизуелното дело, вклучително и правото на превод со титлување или надсинхронизација, доколку со договорот поинаку не е определено.

Ако не е поднесена пријава ниту договор за филмска продукција или ако од пријавите не може да се утврди учеството на секое од горенаведените лица, распределбата се извршува согласно одредбите на овој Правилник и тоа:

АВТОР

ИЗВЕДУВАЧ

ПРОДУЦЕНТ

40%

20%

40%

Во случај да постојат повеќе коавтори, повеќе изведувачи или повеќе копродуценти на едно аудиовизуелно дело, се смета дека имаат придонес според вложениот труд или средства и надоместокот се распределува во зависност од ова меѓу нив.

Член 52

Надоместок за дело емитувано во рамките на заедничка програма на повеќе телевизиски станици, се пресметува како да е прикажано на секоја од тие телевизиски станици посебно.

Член 53

Траењето на делата изведени во соодветните репартициски класи се пресметува со цели минути.

Кога траењето на делата пречекорува цела минута за повеќе од 30 секунди, се пресметува во траење за следната цела минута.

V. ТРОШОЦИ ЗА ПОКРИВАЊЕ НА КОЛЕКТИВНОТО УПРАВУВАЊЕ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА

Член 54

За покривање на вкупните трошоци за работа на Здружението може да се користат средства од прибраните надоместоци во износ до 15%. Трошоците за водење на судските постапки, судските такси, трошоците за вештачење, адвокатските трошоци и извршните трошоци се утврдуваат со одлука на Собранието и тие не влегуваат во вкупните трошоци за работа на АЗАС. По завршување на календарската година со финансискиот извештај изготвен од страна на Надзорниот одбор и Стручната служба на АЗАС, остатокот од средствата по извршување на административно-технички работи за други здруженија кои се предвидени со посебен договор, нивната намена ја утврдува со акт Собранието на АЗАС.

VI. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 55

Толкување на одредбите на овој Правилник и упатство за неговата примена дава Собранието.

Член 56

Правилникот за распределба на авторските надоместоци по неговото донесување согласно ЗАПСП и Статутот на АЗАС, се објавува во “Службен весник на Република Северна Македонија”.

Правилникот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето.

Претседател

3 мај 2019 година

на Асоцијацијата,

Скопје

Саша Станишиќ, с.р.

Додаток