Правилник за распределба на надоместоци

MАКЕДОНСКА МУЗИЧКА ИНДУСТРИЈА

Врз основа на членовите 22 и 49 од Статутот на Македонска Музичка Индустрија – Здружение на фонограмски продуценти (во натамошниот текст: ММИ), Собранието на ММИ, на својата седница одржана на 22.05.2003 година, донесе

ПРАВИЛНИК
ЗА РАСПРЕДЕЛБА НА НАДОМЕСТОЦИ

Воведни одредби

Член 1

Овој правилник го одредува начинот на распределба на надоместоците за користење на фонограми коишто ММИ ги прибира и наплатува, врз основа на одредбите од Законот за авторски и сродни права и во согласност со важечкиот Правилник за користење на фонограми.

Прибирање на средства и трошоци на ММИ

Член 2

Сите средства коишто ММИ ќе ги прибере од обврзниците за плаќање на надоместоци за:
– радиодифузно емитување и друго јавно соопштување на фонограми со снимени изведби на несценски музички дела, издадени за комерцијални цели или нивни репродукции коишто непосредно се користат за радиодифузно емитување и друго јавно соопштување;
– кабловско реемитување на фонограмите, независно дали се работи за нивните сопствени права или за правата што им се пренесени од другите носители на правата;
– репродуцирање на фонограми со снимени изведби на несценски музички дела – механички права;
– изнајмување на фонограми;
– јавно соопштување, односно репродуцирање делови на фонограми со снимени авторски музички дела и изведби за наставни цели ќе се собираат на единствена сметка.

Од тие средства ММИ може за вршење на својата дејност да користи само 30%.

Принцип на распределбата

Член 3

Основен принцип за распределба на собраните средства меѓу фонограмските продуценти е принципот на фактичко користење (во натамошниот текст: дефинирано користење).

Дури во случај кога вистинското користење на фонограми не ќе може да се утврди, или ако утврдувањето и распределбата би одзеле премногу време или би биле несразмерни со трошоците, собраните средства ќе се распределуваат според правилата утврдени со овој Правилник (во натамошниот текст: недефинирано користење).

Распределба на средствата за дефинирано користење

Член 4

По одбивање на 30% од средствата собрани врз основа на дефинирано користење, остатокот од 70% ММИ ќе го подели на половина, со тоа што едната половина ќе ја распредели меѓу производителите на фонограми, а втората ќе ја исплати на изведувачите кои имаат право на тоа, при што уделот во распределбата меѓу производителите на фонограми и изведувачите не може да се менува.

Распределба на средствата собрани за недефинирано користење

Член 5

Средствата собрани за недефинирано користење во секој пресметковен период, се додаваат кон надоместокот на комерцијални радио-станици коишто го покриваат регионот, во којшто надоместокот за недефинирано користење бил собран.

Средствата од претходниот став, се додаваат кон надоместоците на одделни комерцијални радио-станици, пропорционално на висината на надоместокот што тие радио-станици и го плаќаат на ММИ.

Средствата од првиот став од овој член се распределуваат само меѓу тие фонограмски продуценти, кои до крајот на пресметковниот период во којшто тие средства биле собрани, на ММИ ќе и потпишат овластување или пак, ММИ ги застапува врз основа на спогодба склучена со друго Здружение за колективно остварување на правата.

Исплата на  фонограмски продуценти

Член 6

На фонограмските продуценти им се исплатуваат средствата коишто им припаѓаат (во натамошниот текст: надомест), кога ќе ја достигнат минималната сума што по потреба и ја одредува Собранието на ММИ, во зависност од трошоците сврзани со дознаката.

Надоместоците коишто не се исплаќаат остануваат на сметката на изведувачот уште пет години, откако ММИ ќе ги прокнижи во полза на изведувачот. Ако сите надоместоци на изведувачот и за пет години не ја достигнат потребната минимална сума, тогаш ММИ тие средства ќе ги вклучи во надоместоците собрани за недефинирано користење, и истите ќе ги распредели, во согласност со правилата за распределба на надоместоци собрани врз основа на недефинирано користење.

Непознати продуценти и продуценти без овластување

Член 7

Надоместоците за непознатите фонограмски продуценти или фонограмски продуценти кои на ММИ не и потпишале овластување, или ММИ не ги застапува врз основа на спогодба склучена со друга колективна организација, остануваат на сметка на здружението уште пет години.

Во случај кога фонограмскиот продуцент за тоа време не може да се пронајде, или пак тој на ММИ не и потпишал овластување за застапување, односно ММИ не го застапува врз основа на спогодба склучена со друга колективна организација, ММИ тие средства ќе ги вклучи во надоместоците собрани за недефинирано користење и истите ќе ги распредели во согласност со правилата за распределба на надоместоци, собрани врз основа на недефинирано користење.

Достава на податоци  на фонограмските продуценти и пријава на фонограми и снимки

Член 8

Податоците за изведувачот, потребни за пресметка и дознака на хонорари, производителот на фонограми и ги доставува на ММИ на посебен образец којшто е составен дел на овој правилник, а истите можат да ги достават и изведувачите при потпишување на овластувањето за застапување.

Изведувачите кои ќе се зачленат во Здружението на изведувачи, самите, на истиот образец ги доставуваат потребните податоци до ММИ при зачленувањето.

Секој производител на фонограми и ги доставува на ММИ потребните податоци при зачленувањето и тоа на образец што е составен дел на овој правилник, а податоците за странските производители на фонограми, ММИ ги добива од претставниците на странските производители во Македонија, од странските здруженија за колективно остварување на правата и од други меѓународни извори.

Производителот треба на ММИ да и го пријави новиот фонограм на образецот којшто е составен дел од овој правилник и тоа, 10 дена по објавувањето.

Во случај, снимката се уште да не е издадена на фонограм и не и е општо достапна на јавноста, а истата веќе почнува јавно да се емитува, производителот на фонограмот е должен снимката да ја и пријави на ММИ на образецот што е составен дел на овој правилник. Во случај кога производителот на фонограмите сеуште е непознат, а снимката веќе започнува да се емитува во јавноста, изведувачите треба на ист начин како и производителите, снимката да ја пријават сами.

За пријавување на снимката од претходниот став на овој член, производителот може да се договори и непосредно со изведувачите.

Поделба на изведувачи

Член 9

Изведувачите се делат на следниот начин:
– водечки изведувачи,
– значајни договорни изведувачи,
– други договорни изведувачи.

Категоријата на водечки изведувачи ја сочинуваат соло изведувачи (изведувачи со соло кариера) и членови на музичка група.

Категоријата на значајни договорни изведувачи ја сочинуваат изнајмени солисти и други повидни изведувачи.

Категоријата на други договорни изведувачи ја сочинуваат изнајмени студиски музичари, создавачи на звук и други изведувачи кои врз основа на нивниот придонес при создавање на музичката снимка, не можат да се рангираат во ниедна од другите две категории.

Во случај кога при создавање на снимка учествуваат и продуцентот и диригентот, на продуцентот му се признава статус на водечки изведувач, а на диригентот статус на значаен договорен изведувач, освен кај снимките што најпрвин се објавени на филм, каде што на двајцата им се признава статус на водечки изведувач, и кај снимки на посложени музички дела, каде што на диригентот му се признава статус на водечки изведувач, а на продуцентот-статус на значаен договорен изведувач.

Изведувачите во поголеми групи (оркестарски изведби без водечки изведувачи, биг бендови), спаѓаат во договорни изведувачи, додека диригентот и солистите кои ќе отсвират поголема соло улога во поголем дел од музичката творба, се сметаат за водечки изведувачи.

Рангирање во категории

Член 10

Одделен изведувач во една снимка може да се рангира само во една од категориите, освен во случај кога при создавање на снимката, покрај изведувачката работа, извршил и работа на продуцент, диригент или друг изведувач и врз основа на тоа дело има право на дополнителен изведувачки надоместок, односно на рангирање во дополнителна изведувачка категорија.

Во случај да настапат околностите од претходниот став од овој правилник, изведувачот во категоријата на други изведувачи може да се рангира само еднаш.

Распределба на надоместоци меѓу категориите на изведувачи

Член 11

Од делот кој ММИ ќе го распредели меѓу изведувачите, 50% од тие средства им припаѓаат на водечките изведувачи, а 50% на сите договорни изведувачи заедно, при што тој сразмер не може да се менува.

Хонорар на водечки изведувачи

Член 12

Надоместокот што им припаѓа на водечките изведувачи се дели на еднакви делови меѓу сите водечки изведувачи на снимката.

Начинот на распределба на изведувачките хонорари, опишан во претходниот став, не се применува ако водечките изведувачи своите удели во поделбата на надоместокот ги определат поинаку, а тоа треба да се гледа во пријавата на снимката при првото излегување на фонограмот со снимката, за којашто важи поинаква распределба, или на пријавата на снимката од став 5 од члeн 9 од овој правилник.

За снимките на фонограмите издадени пред стапувањето во сила на овој правилник, важи двегодишен преоден рок за пријава, во којшто изведувачите, во случај на поинаква распределба, на ММИ треба да и достават оригинал од спогодбата со којашто се договориле за поинаква распределба.

Во случај, ако изведувачите се договорат за поинаков начин на распределба, подоцна, тие мораат на ММИ да и ја достават оригиналната спогодба за изменетиот начин на распределба. Променетата распределба стапува во сила дури во тој пресметковен период кога изведувачите спогодбата ќе му ја достават на ММИ.

Хонорар на договорни изведувачи

Член 13

Значајните договорни изведувачи кои учествувале во создавањето на употребената снимка, за секое користење добиваат по два поена, а другите договорни изведувачи по еден.

Делот на надоместоците којшто во одделен пресметковен период им припаѓа на сите договорни изведувачи врз основа на сите употребени снимки во тој пресметковен период, се распределува меѓу изведувачите сразмерно со бројот на поени што ги собрал секој одделен изведувач во тој пресметковен период.

Начин на распределба

Член 14

Средствата собрани за недефинирано користење (член 5 од овој правилник) и средствата од став 2 од член 7 и ст 2 од чл. 8 од овој правилник во согласност со одредбите од овој правилник се додаваат кон средствата собрани врз основа на дефинирано користење.

По дедукција (одбивање) на трошоците на ММИ од став 2 од член 2 од овој правилник и констатацијата на времетраењето на употребените фонограми, односно снимки, целосниот износ се дели по одделно употребени композиции, во зависност од должината на нивното времетраење (во секунди).

Половината од средствата што припаѓаат на одредена употребена композиција, во согласност со одредбите и роковите утврдени во овој правилник, му се исплаќа на производителот на фонограми, а другата половина на изведувачите (член 4 од правилникот).

Половината од надоместокот за изведувачи, согласно член 11, а во врска со член 12 од овој правилник, им се исплаќа на водечките изведувачи, а втората половина, кога сиот пресметковен период се собира на едно конто од кое, потоа, се исплатува надоместок на значајните договорни и други изведувачи, согласно одредбите од член 13 од овој правилник.

Со надоместоците за непознати фонограмски продуценти или на фонограмски продуценти кои на ММИ не и потпишале овластување и ММИ не ги застапува, врз основа на спогодба склучена со странско здружение за колективно остварување на правата, ММИ се однесува согласно одредбите од чл. 8 од овој правилник.

Исплата на надоместоци

Член 15

ММИ ги исплаќа надоместоците на фонограмските продуценти три месеци по завршување на пресметковниот период, односно кога надоместокот на одделен фонограмски продуцент ќе го достигне минималниот износ од член 7 од овој правилник.

ММИ може да им исплатува и аванси на тие фониограмски продуценти кои примаат значителни приходи. Условите и начинот на исплатување на авансите го пропишува Собранието на ММИ.

Завршни одредби

Член 16

Овој правилник влегува во сила 8 дена од објавувањето во „Службен весник на РМ“.

Бр. 9/03

Претседател

22 мај 2003 година

на Собранието на ММИ,

Скопје

Златко Ристовски , с.р.