Правилник за распределба на авторските надоместоци

ЗДРУЖЕНИЕ ЗА ЗАШТИТА НА АВТОРСКИ МУЗИЧКИ ПРАВА

Врз основа на членот 132 ст. 2 и чл 144 од Законот за авторското право и сродните права на Република Македонија (Сл. весник на РМ бр. 115/10, 140/10, 51/11 и 147/13), како и членовите 13, 24 и 48 од Статутот на Здружението за заштита на авторски музички права (во понатамошен текст ЗАМП), Собранието на ЗАМП, на седницата одржана на ден 23.09.2014 година го донесе следниов

ПРАВИЛНИК
ЗА РАСПРЕДЕЛБА НА АВТОРСКИТЕ НАДОМЕСТОЦИ

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Правилникот за распределба на авторските надоместоци (во натамошниот текст: Правилник), ги утврдува основните начела за распределба на авторските надоместоци на носителите на авторски музички права (во понатамошен текст: носители на права) кои ЗАМП колективно ги управува во согласност со закон и статут, односно со договорот за основање, како и врз основа на Решението за давање дозвола согласно Законот за авторското право и сродните права на Република Македонија (во понатамошен текст: ЗАПСП).

Член 2

ЗАМП е организација за колективно управување на авторските музички права на носителите на права која согласно со Решение за давање дозвола на Министерството за култура на Владата на Република Македонија бр. 54-54-5454/1 од 03.04.2011 година објавено во Службен Весник на РМ бр. 65/11 од 10.05.2011 година, ги управува следните права:
1. Умножување и изнајмување несценски музички дела на фонограми и видеограми;
2. Јавно соопштување несценски музички дела (јавно изведување; јавно пренесување; радиодифузно емитување; реемитување и ставање на располагање на јавноста);
3. Кабелско реемитување на музички несценски дела;
4. Надомест од правото на следство на оригинал (ракопис) на музички дела; ЗАМП во случаите на единствените надоместоци согласно ЗАПСП а предвидени во Статутот, колективното управување на правата може да го врши по овластување на други организации на носители на права преку склучување посебен договор или може со договор да овласти друга соодветна организација да го врши колективното управување на тие права.

ЗАМП може да врши административно технички работи за права кои се надвор од правата за кои има дозвола, а се во надлежност на други здруженија согласно договор.

Член 3

Правата од член 2 на овој Правилник, ЗАМП ги управува врз основа на Законот за авторското право и сродните права, Статутот на ЗАМП, овој Правилник и други акти и одлуки донесени врз основа на Статутот. Во согласност со соодветните законски прописи, ЗАМП го обезбедува колективното управување со моралните и материјални права на носителите на права.

Член 4

ЗАМП колективно ги управува авторските музички права на носителите на права кои со пријавување на своите дела или врз основа на договор за тоа му даваат овластување на ЗАМП.

Колективно управување ЗАМП остварува и без договор со носителите на правата, врз основа на одредбите од член 130 од Законот за авторското право и сродните права.

Странските автори и членовите на странските организации, уживаат еднаква заштита како и домашните автори, доколку така е определено со меѓународен договор, со Законот за авторското право и сродните права на Република Македонија, ако постои фактички реципроцитет и согласно Статутот на ЗАМП.

Член 5

Авторските права на носителите на права ЗАМП ги управува под еднакви услови.

Одредбите на овој Правилник се задолжителни за сите носители на права чии права ЗАМП ги управува согласно ЗАПСП, Статутот, како и врз основа на договор со авторот.

Носителот на право може да изземе (забрани) колективно управување на свое право од страна на Здружението за кое има дозвола за колективно управување, освен во случаи кога од истото не може да се откаже, согласно ЗАПСП.

Изземањето (забраната) од колективно управување, носителот на правото го врши со поднесување писмена изјава заверена кај нотар, на образец утврден и донесен од страна на Собранието. Изземањето, влегува во сила од наредната претсметковна година.

Член 6

ЗАМП може колективно да ги управува авторските права и на други втори согласно ЗАПСП, врз основа на билатерални меѓународни договори за меѓусебно застапување на база на реципроцитет, кои ЗАМП ги склучува со странски организации членки на Меѓународната Конфедерација на друштва на автори и композитори (ЦИСАЦ).

Член 7

Колективно управување на авторските права на македонските носители на права во странство, ЗАМП ги остварува врз основа на посебни договори што ќе ги склучи со соодветни организации на носители на права.

Договорите ЗАМП ги склучува во согласност со законските прописи и меѓународни договори.

Член 8

ЗАМП колективно ги управува, на територијата на Р.Македонија, и правото од умножување и изнајмување несценски музички дела на фонограми и видеограми, јавно соопштување несценски музички дела (јавно изведување; јавно пренесување; радиодифузно емитување; реемитување и ставање на располагање на јавноста), кабелско реемитување на музички несценски дела на странските носители на права, согласно ЗАПСП, а врз основа на меѓународни конвенции и други договори склучени помеѓу Р. Македонија и другите земји, како и врз основа на реципрочни договори склучени помеѓу ЗАМП и соодветните странски организации на носители на права.

Член 9

ЗАМП може да врши административно технички работи за права кои се надвор од правата за кои има дозвола, а се во надлежност на други здруженија согласно договор.

Член 10

ЗАМП колективно ги управува само објавените несценски музички дела.

Член 11

Во колективното управување на авторските музички права, ЗАМП ги извршува следниве работи:
1. Неисклучиво пренесува право за користење авторски дела со договор или на друг пишан начин;
2. Ги прибира утврдените надоместоци од корисниците и врши нивна распределба на носителите на правата во согласност со закон и општите акти;
3. Врши пресметка, рапределба и исплата на авторски надоместоци примени од странските организации, за користење дела од домашни автори во странство;
4. Склучува договори за умножување несценски музички дела на фонограми и видеограми, како и за други видови користења на музички несценски дела и го контролира извршувањето на тие договори;
5. Од корисниците на музички дела собира програми и податоци за изведените и снимените дела и води евиденција за тоа;
6. Врши контрола за користењето на авторските дела;
7. Ги врши правните работи и односите на носителите на правата со корисниците и води постапки пред судовите и другите органи заради заштита на авторското право и слично;
8. Презема и други мерки предвидени со законот и со други прописи заради заштита и остварување на колективното управување на авторските музички права.

Член 12

ЗАМП може да поведе и да води спорови пред судовите и другите органи заради остварување на авторските права, во свое име и за сметка на авторот, само со посебно полномошно од авторот чие право е предмет на спорот.

За застапување пред судовите и другите органи, заради колективното управување на авторските музички права и правата, на ЗАМП не му е потребно посебно полномошно од авторот.

Во случај на спор меѓу членови на ЗАМП, ЗАМП нема да поведе постапка во име на еден од нив.

Член 13

Репертоарот на ЗАМП го сочинуваат објавени музичко несценски дела како што се:
а) ораториуми, кантати, дела на симфониската, камерната, солистичката, хорската, забавната, детската, народната, џез музиката и сл.;
б) извадоци од музички сценски дела (опери, балети, оперети и сл.) без оглед на нивното траење под услов тие извадоци да не претставуваат драмска целина;
в) музика од музичко-кореографски дела (концертни и радио изведувања) без оглед на траењето;
г) музички дела користени во драмски дела, било да се користени како музичка придружба или како музичка илустрација или да се вклопени во самиот драмски текст;
д) музика користена во ТВ серии, ТВ филмови и кинематографски филмови што се емитуваат преку телевизија;
ѓ) несценски музички дела кои драмско-сценски или кореографски се прикажуваат на сцена или телевизија;
е) музика за музичко-литературни емисии или приредби (музички приказни, рецитали, хумористични и слични емисии, приредби и слично);
ж) музички дела употребени за шпици, звучни записи, интермеца со звучна илустрација;
з) обработка на народни творби.

II. ДОКУМЕНТАЦИЈА

Член 14

Документацијата на ЗАМП ја сочинува:
– документација на дела;
– документација на автори, носители на права;
– документација на странски дела, автори, носители на права.

a) Документација на дела

Член 15

Секој автор или носител на авторски права должен е своите дела (односно дела за кои стекнал право) да ги пријави во ЗАМП на пропишан образец – пријава на дело, со наведување на сите податоци кои влијаат на правилната заштита на авторските права и распределбата на авторските надоместоци.

За точноста на податоците одговара поднесителот на пријавата. Пријавата која ќе ја поднесе еден од носителите на авторски права се прифаќа за точна се додека поинаку не се докаже. Подносителот на пријавата е одговорен спрема ЗАМП и спрема другите носители на авторско право за штетата која би произлегла од неточни и непотполни податоци.

Со пријавата на дело авторот го овластува ЗАМП да ги штити неговите авторски права на јавна изведба во земјата и во странство, под исти услови како и носителите на авторски права кои потпишале договор со ЗАМП, со што го овластуваат да ги штити нивните права.

Пријавите на дела доставени до ЗАМП до 31 декември влегуваат во пресметката за тековната година.

Ако делото не е пријавено, ЗАМП ја остварува заштитата врз основа на податоците со кои располага.

Член 16

За домашните дела издадени во странство или создадени во соработка со странски автори, ќе бидат прифатени за точни оние податоците што ќе ги прифати странската организација, доколку домашниот носител на авторско право не ја оспори таквата пријава со веродостојна документација или на некој друг начин.

Член 17

Примената на документацијата која служи за изменување и дополнување на податоците на веќе пријавените дела се земаат предвид до 31 декември во тековната година.

Податоците за изменување и дополнување кои ќе стигнат по тој рок ќе се применат во следната пресметка на авторскиот надоместок.

Член 18

Авторот, покрај своето граѓанско име може да користи и псевдоним.

Недозволено е да се користи псевдоним на веќе постоечко граѓанско име или псевдоним на некој автор, односно носител на права. Според тоа, пред употреба на псевдоним потребно е од ЗАМП да се побара информација дали веќе постои такво граѓанско име, односно псевдоним на некој домашен или странски автор, односно носител на право.

Член 19

Доколку граѓанските имиња на авторите се идентични, потребно е да се направи разлика помеѓу имињата со цел авторскиот надоместок правилно да се распореди.

Член 20

Доколу ЗАМП има сознание дека е дојдено до спорна ситуација помеѓу коавторите за одредено дело, ќе ја блокира исплата на авторскиот надоместок во целина или само за спорниот дел, се до решавање на спорот, а врз основа на доставен меѓусебен договор или судска одлука.

б) Документација на автори, носители на права

Член 21

Носителите на права се должни да го пријават авторското дело.

Носителот на права е должен да под полна материјална и кривична одговорност на пропишан образец ги наведе неговите точни, лични податоци, како и за секоја промена по писмен пат благовремено го извести ЗАМП.

Доколку носителот на права по писмен пат не го извести ЗАМП за промена на лични податоци, како и за секоја друга промена, ќе се смета за уредно доставена секоја писмена пратка од страна на ЗАМП до носителот на права, согласно неговите последни доставени податоци содржани на пропишаниот образец.

Член 22

Носителите на права се должни да достават до ЗАМП еден примерок од секој издавачки договор, кој го склучиле со домашен или странски издавач, како и еден примерок од секој договор кој ќе го склучи со произведувачот на комерцијален филм, ТВ-филм или ТВ-серија заради користење музика во филм, односно серија, како и сите други видови договори за нарачка или користење музички дела.

Доколку носителот на права не постапи согласно став 1 од овој член, во тој случај ЗАМП ќе ја земе во предвид документацијата со која располага.

Член 23

Наследникот на авторските права е должен на пропишан образец да ги наведе точните лични податоци, да достави до ЗАМП копија на правосилно оставинско решение, во кој предмет е наведен како наследник на авторско право, а оригиналот на правосилното оставинско решение го приложи на увид.

Наследникот на авторските права со ЗАМП склучува Договор за колективно управување.

в) Документација на странски дела, автори, носители на права

Член 24

Согласно со правилата на Меѓународната Конфедерација на друштва на автори и композитори (ЦИСАЦ) и правилата на Меѓународното Биро на друштва за заштита на правата на снимање и механичка репродукција (БИЕМ), а врз основа на билатералните меѓународни договори за меѓусебно застапување на база на реципроцитет, кои ЗАМП ги склучува со странски организации, документацијата на ЗАМП ја сочинува и странската документација.

Странската документција од претходниот став е: Меѓународната база на автори и носители на авторски права ИПИ (Интерестед Партиес Информатион), Меѓународна база на дела ЊИД (Мусицал Њоркс Информатион Датабасе), ЊЊЛ (Њорлд Њоркс Лист) и ЦИС-Нет, меѓународна база на дела, модификациони картици и дописи и друга документација добиена од странските организации.

Член 25

Авторскиот надоместок за делата од странскиот репертоар се пресметува согласно одредбите на овој Правилник, договорите за меѓусебно застапување склучени со странски соодветни организации на носители на права, како и врз основа на документацијата што тие организации ја доставуваат за делата на своите членови.

Член 26

Распределба на надоместокот помеѓу носителите на права на едно дело – членови на едно или повеќе странски организации, се врши врз основа на учествата назначени на интернационалната картичка доставена за тоа дело.

Ако интернационалната картичка не содржи податоци за учествата на носителите на права – членови на различни авторски организации, надоместокот за тоа дело се распределува врз основа на правилата на ЗАП.

Член 27

Ако податоците кои ќе ги достават повеќе странски организации за исто дело се различни, авторскиот надоместок за тоа дело не се исплаќа се до разрешувањето на спорот на заинтересираните организации.

Член 28

Ако не постојат податоци за изведеното дело, а врз основа на податоците од програмите и другата документација е утврдено кој е композитор на тоа дело, тогаш целиот авторски надоместок му се исплатува на друштвото на кое му припаѓа композиторот.

Член 29

Ако во програмата не е наведено полното име на авторот на изведеното дело, а врз основа на другите податоци може да се претпостави дека авторот е заштитен, тогаш таквото дело се внесува во посебен список-циркулар кој се доставува до странските организации заради собирање на потребната документација.

Согласно правилата на меѓународните организации БИЕМ/ЦИСАЦ, во циркуларот не се внесуваат делата чиј вкупен авторски надоместок не го преминува денарскиот износ на 10 американски долари за еден пресметковен период.

Странската документација не може да се дополни доколку не се добие валиден одговор на циркуларот, пропратен со соодветна документација во рок од три години. По истекот на трите години, авторските надоместоци за делата се распределуваат во вонредни приходи и на тој начин се вклучуваат во системот на распределба.

III. ПРИЈАВА И КАТЕГОРИЗАЦИЈА НА ДЕЛА

Член 30

Музичко дело (оригинално или обработка) се категоризира и определува согласно на ефективното траење на делото.

Авторот на делото е должен при пријавувањето да го назначи неговото траење.

Член 31

Пријавата на дело содржи податоци за ЗАМП, лични податоци за поднесителот на пријавата и особено:
1. Наслов на делото и ставовите (година на создавањето);
2. Автор на музика (име и презиме);
3. Автор на текстот, преведувач, кореографијата (име и презиме);
4. Автор на аранжманот – обработката (име и презиме);
5. Издавач (година кога делото е издадено);
6. Траење (на целото дело и ставовите);
7. Изведувачки состав-изведувач;
8. Дали е делото снимено (носач на звук) и каде се наоѓа снимката;
9. Каде се наоѓа партитурата и материјалот на делото;
10. Референтен број (пополнува ЗАМП);
11. Согласност на коавторите за пријава на дело (согласно чл. 60 од Правилникот);

Составен дел на овој Правилник е пријавата на дело.

IV. РАСПРЕДЕЛБА НА АВТОРСКИТЕ НАДОМЕСТОЦИ НАПЛАТЕНИ ЗА ЈАВНО СООПШТУВАЊЕ НА НЕСЦЕНСКИ МУЗИЧКИ ДЕЛА (ЈАВНО ИЗВЕДУВАЊЕ, ЈАВНО ПРЕНЕСУВАЊЕ, РАДИОДИФУЗНО ЕМИТУВАЊЕ, РЕЕМИТУВАЊЕ И СТАВАЊЕ НА РАСПОЛАГАЊЕ НА ЈАВНОСТА)

А) КАТЕГОРИИ НА НАПЛАТА

Член 32

Наплатата на авторските надоместоци за јавно соопштување на музички несценски дела во една календарска година се разликуваат според видот на користењето и се однесува на следните категории:
– Македонско радио
– Концерти на сериозна музика
– Македонска телевизија
– Приредби (приходи од забави, игранки, другарски вечери,матурски, дипломски, модни ревии, артистички и спортски натпревари)
– Јавно пренесување приходи по основ на јавно соопштување преку звучник, екран или било кое друго техничко средство во (угостителски објекти, диско клубови, ноќни барови, хотели, трговски и деловни простории, занаетчиски дуќани, превозни средства, спортски објекти и др.)
– Жива музика (Угостителски објекти со жива музика)
– Концерти на популарна музика
– Радиодифузно емтување
-Трговски радиодифузни друштва (радиа и телевизии) на локално, регионално и државно ниво
– Кабелско реемитување.

Б) РЕПАРТИЦИСКИ КЛАСИ И ФОНДОВИ

Член 33

Авторските надоместоци за јавно соопштување на музички дела во една календарска година се разликуваат според видот на користењето, и се основа за формирање на репартициските класи. Авторските надоместоци од секоја репартициска класа на прибрани средства се внесуваат во соодветниот репартициски фонд.

Секој репартициски фонд се состои од надоместок наплатен за јавно соопштување на музички дела од соодветната репартициска класа.

Авторските надоместоци од категоријата на наплата од јавното пренесување кои се пресметани во паушални износи се распределуваат сразмерно на наплатата согласно ЗАПСП, а авторските надоместоци од категоријата на наплата од кабелското реемитување се пресметуваат сразмерно на наплатата на надоместоците кај Радиодифузното емитување (Македонско радио и телевизија и Трговски радиодифузни друштва – радиа и телевизии на локално, регионално и државно ниво).

Во случај на несразмерно високи трошоци за колективно управување, наплатата остварена од поединечните репартициски класи на користење на музичките дела, Управниот одбор на ЗАМП може да предложи на Собранието за таа категорија да не се работи посебен репартициски фонд. Прибраните средства да се вклучат во друг репартициски фонд, така што прибраните средства се распределуваат врз основа на програмата на тој фонд.

Кога авторскиот надоместок од еден корисник е наплатен во единствен износ за радио и ТВ емитување (ЈП Македонска радиотелевизија), во тој случај вкупната сума се распределува во определени проценти (%) – радио и телевизија согласно на добиените податоци од корисникот по завршувањето на календарска годината.

Член 34

Со овој Правилник се утврдуваат следниве репартициски класи:
100) Радио
(Јавно претпријатие Македонско радио)
200) Концерти на сериозна музика
300) Телевизија
(Јавно претпријатие Македонска телевизија)
400) Приредби
500) Угостителски објекти со жива музика
600) Концерти на популарна музика
700) Трговски радиодифузни друштва на локално ниво
(радио и телевизиски програмски сервиси)
800) Трговски радиодифузни друштва на регионално ниво
(радио и телевизиски програмски сервиси)
900) Трговски радиодифузни друштва на државно ниво
(радио програмски сервиси)
910) Трговски радиодифузни друштва на државно ниво
(телевизиски програмски сервиси)

Член 35

Паричните фондови на репартициските класи се составени од следниве видови приходи:
100) Радио (Јавното претпријатие македонско радио)
– приходите од Јавното претпријатие македонско радио;
– дел од приходите од јавното пренесување .т.е јавното соопштување преку звучник екран или друго техничко средство согласно членовите 32, 33 став 3 и 37 ст. 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци и
– приходите од радијските кабелски мрежи.
200) Концерти на сериозна музика (приходите од концерти на сериозна музика);
300) Телевизија (Јавното претпријатие македонска телевизија)
– приходите од Јавното претпријатие македонска телевизија;
– дел од приходите од јавното пренесување .т.е јавното соопштување преку звучник екран или друго техничко средство согласно членовите 32, 33 став 3 и 37 ст. 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци и
– приходите од телевизиските кабелски мрежи.
400) Приредби (приходите од забави, игранки, другарски вечери,матурски, дипломски, модни ревии, артистички и спортски натпревари од игранки, забави, модни ревии, артистички и спортски приредби и сл.);
500) Угостителски објекти со жива музика – приходи остварени врз оваа основа.
600) Концерти на популарна музика (приходите од концертите на популарна музика);
700) Трговски радиодифузни друштва на локално ниво
– приходите од радио и телевизиски програмски сервиси врз оваа основа;
– дел од приходите од јавното пренесување .т.е јавното соопштување преку звучник екран или друго техничко средство согласно членовите 32, 33 став 3 и 37 ст. 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци и
– приходите од телевизиските и радијските кабелски мрежи,
800) Трговски радиодифузни друштва на регионално ниво
– приходите од радио и телевизиски програмски сервиси врз оваа основа;
– дел од приходите од јавното пренесување .т.е јавното соопштување преку звучник екран или друго техничко средство согласно членовите 32, 33 став 3 и 37 ст. 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци и
– приходите од телевизиските и радијските кабелски мрежи.
900) Трговски радиодифузни друштва на државно ниво
– приходите од радио програмски сервиси врз оваа основа;
– дел од приходите од јавното пренесување .т.е јавното соопштување преку звучник екран или друго техничко средство согласно членовите 32, 33 став 3 и чл. 37 ст. 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци и
– приходите од телевизиските и радијските кабелски мрежи,
910) Трговски радиодифузни друштва на државно ниво
– приходите од телевизиски програмски сервиси врз оваа основа;
– дел од приходите од јавното пренесување .т.е јавното соопштување преку звучник екран или друго техничко средство согласно членовите 32, 33 став 3 и чл. 37 ст.2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци и
– приходите од телевизиските и радијските кабелски мрежи.

Член 36

Приходите по основ на авторскиот надомест за користење на авторското право за дистрибуција на радио и телевизиски програми во кабелска мрежа остварени во текот на календарската година, по одбивањето на трошоците на заштита се делат на таков начин што за домашните радиодифузни друштва се зголемуваат соодветните репартициски класи, а за странските радиодифузни друштва, авторскиот надоместок се исплаќа на странските организации, во земјата со економско седиште на соодветното радиодифузно друштво.

Член 37

Средствата на организацијата остварени од камати на вложени средства во банка и други приходи, во износ од 50% се распределуваат меѓу авторите, сразмерно на исплатата на надоместокот кои тие го оствариле согласно со податоците за користени дела од членот 135 став (1) од ЗАПСП и согласно со електронската евиденција од членот 135-а став (1) од ЗАПСП, а останатите 50% од средствата на организацијата остварени од камати на вложени средства во банка и други приходи се распределуваат на начин што 70% се распределуваат меѓу авторите, сразмерно на исплатата на надоместокот кои тие го оствариле согласно со податоците за користени дела од членот 135 став (1) од ЗАПСП и согласно со електронската евиденција од членот 135-а став (1) од ЗАПСП, а 30% се распределуваат подеднакво на сите автори кои се застапени во евиденцијата на автори на организацијата.

Средствата кои организацијата ги прибира од корисниците, а се пресметуваат во паушални износи, во износ од 70% се распределуваат меѓу авторите сразмерно на исплатата на надоместокот кои тие го оствариле согласно со податоците за користени дела од членот 135 став (1) од ЗАПСП и согласно со електронската евиденција од членот 135-а став (1) од ЗАПСП, а останатите 30% се распределуваат подеднакво на сите автори кои се застапени во евиденцијата на автори на организацијата.

Член 38

За покривање на вкупните трошоци за работа на Здружението може да се користат средства од прибраните надоместоци во износ до 15%,

Трошоците за водење на судските постапки, судските такси, трошоците за вештачење, адвокатските трошоци и извршните трошоци се утврдуваат со одлука на Собранието и тие не влегуваат во вкупните трошоци на ЗАМП.

Трошоците за колективно управување ги теретат сите репартициски фондови во единствен процент.

Член 39

Поединечните пресметки и исплатите на надоместоците на авторите се вршат најмалку еднаш годишно најдоцна до крајот на март во тековната за претходната година.

Член 40

Распределбата на авторските надоместоци се врши врз основа на општата пресметка која:
а) ги утврдува вкупните трошоци за колективно управување;
б) го утврдува нето-износот на репартициските фондови;
в) ја утврдува вредноста на поенот за соодветна репартициска класа;

Финансискиот план за прибраните средства за распределба и исплата на надоместоците ја утврдува Собранието на ЗАМП на предлог на Управниот одбор.

Б) ПОЕДИНЕЧНА РАСПРЕДЕЛБА

Член 41

Распределбата на надоместоците се врши согласно со евиденциите и податоците за користење на делата, а паушално кога не е можно или предизвикува неразумни трошоци, според принципот на правичност.

Распределбата на авторските надоместоци се врши за заштитени дела што се појавиле во програмите доставени до ЗАМП во определен рок за една репартициска година.

За распределба се земаат предвид сите собрани програми, освен:
а) неверодостојните програми;
б) нејасните и нечитливите програми;
в) програмите за кои не е наплатен авторски надомест.

Програмите кои се доставени по определениот рок ќе се земат предвид за распределба во наредната репартициска година.

Надоместоците од радиодифузно емитување на авторски дела се распределуваат меѓу авторите, врз основа на податоците за исплата добиени од системот за електронска евиденција на емитувани авторски дела, согласно со закон.

Член 42

Авторските надоместоци врз основа на правата од јавно соопштување се пресметуваат и исплатуваат на домашните и странските автори, најмалку еднаш годишно.

Од средствата кои се пресметани за исплата на авторите на име авторски права се издвојуваат парични средства за резервен фонд од 10%, кои произлегуваат од меѓународните договори за заемно застапување на здруженијата за колективно остварување на правата.

Авторските надоместоци остварени во странство се исплатуваат на македонските автори веднаш по обработката на исплатните списоци, добиени од странските организации.

Член 43

Врз основа на општата пресметката и податоците за изведените дела, за домашните автори се прават поединечни пресметки и исплата на авторските надоместоци.

Поединечната пресметка му се доставува на авторот, односно на носителот на авторските права при исплатата, а најдоцна два месеца од денот на исплатата на авторските надоместоци.

Авторските надоместоци се исплатуваат на домашните носители на права само ако нето-сумата за исплата го премине минималниот износ што ќе го утврди Собранието.

Надоместоците под минималниот износ се исплатуваат во онаа репартициска година кога нивниот збир ќе го помине определениот минимум. Исклучително, на барање од носителот на права, исплата може да се изврши и порано во вид на аконтација, според одлуката на Управниот одбор.

Авторските надоместоци остварени во странство им се исплатуваат на домашните носители на права после одбивањето на трошоците за колективно управување, без оглед на височината на нето-износот.

Висината на трошоците ја утврдува Собранието. Штом надоместокот, примен од странска организација, не го поминува минималниот износ што ќе го утврди Собранието, на авторот не му се доставува пресметката на таа организација.

Висината на минималниот износ го утврдува Собранието посебно за домашните надоместоци и посебно за надоместоците од странство.

Член 44

Сите податоци за остварените авторски надоместоци на одделни носители на права се деловна тајна и можат да се дадат само на барање на носителот на права на кој се однесуваат, како и на барање од судот во случај на водење судска постапка против носителот на право, или по барање на друг орган согласно со закон.

Член 45

Секој носител на права има право на увид во личните податоци за користење на неговите дела, на пресметката и на другата документација поврзана со тоа.

Носителот на права има право, да поднесе приговор и достави докази доколку е незадоволен од извршената пресметка.

Приговорот од став 2 на овој член се поднесува до Управниот одбор најдоцна во рок од 30 дена од приемот на поединечната пресметка.

По приговорот од став 2 на овој член, одлучува Управниот Одбор, по прибавување на соодветно мислење од Стручната служба и/или други органи кои располагаат со содветни податоци, најдоцна во рок од 30 дена по приемот на приговорот.

Против одлуката на Управниот одбор, носителот на права има право да поднесе жалба до Собранието, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на одлуката.

Одлуката на Собранието е конечна.

V) ПОЕНТИРАЊЕ НА ДЕЛАТА

Член 46

Пресметката на авторскиот надомест се определува врз основа на ефективното траење на изведбата, емитувањето или било каква употреба на музичкото дело.

Траење

Коефициент

1-4 минути

1

5-8 минути

3

9-15 минути

5

16-20 минути

6

21-25 минути

7

26-30 минути

8

и.т.н.

Секоја минута од ефективното траење на делото се множи со соодветниот коефициент.

Деловите со траење над 30 секунди се сметаат како цела минута.

Член 47

Врз основа на начинот на употреба на делото и степенот на застапеност на музиката во делото, видот на изведувачкиот состав, музичкото дело кое се употребува или користи како:
– авизо музика, односно употреба на музички мотиви за најава и/или одјава на програма или емисии (вести, репортажи, драми и сл), за раздвојување на делови од иста емисија (звучни завеси, џинглови или музички ефекти во реклами) или повеќе различни емисии, добива коефициент 0,50
– кулисна музика, односно употреба на музички дела или нивни фрагменти како кулисна музика во говорни емисии (вести, репортажи, како и во својство на придружна музика во емисиите од други жанрови (поезија, проза, ТВ серија, драма и сл.) добива коефициент 0,10.

Член 48

За музичките дела кои се користени како авизо музика се зема траење од 30 секунди, доколку траењето на делото наведено во програмата е подолго од 30 секунди.

Вкупното ефективно траење на музичко дело користено како авизо музика не може да биде поголемо од 30.000 секунди, во одредена класа на распределба за одреден пресметковен период.

Вкупното ефективно траење на музичкото дело користено како кулисна музика не може да биде поголемо од 60.000 секунди во одредена класа на распределба за одреден пресметковен период.

Член 49

Дела кои не се пријавени, односно за кои не постои документација, се пресметуваат врз основа на ефективното траење на изведбата со коефициент 0.50.

Член 50

Музичките и литературните дела изведени во репартициските класи 100-Радио, 200-Концерти на сериозна музика, 300-Телевизија, 700, 800, 900, 910, -Трговски радиодифузни друштва се поентираат според одредбите од член 46 на овој Правилник.

Член 51

За музичките дела со зборови или без нив, изведени во репартициските класи: 400-Приредби, 500-Угостителски објекти со жива музика и 600-Концерти на популарна музика, авторскиот надоместок ќе се пресметува на тој начин така што износот наплатен и назначен во соодветните програми, се распределува на авторите чии дела се евидентирани во тие програми, сразмерно со траењето на нивната изведба.

Пресметаните надоместоци во секоја од наведените класи посебно, сразмерно се зголемува за износот кој припаѓа на соодветната класа, а за кои не се прибрани програми.

Член 52

Во репартициската класа 2ОО-Концерти на сериозна музика се распоредуваат концертните јавни изведби на дела поентирани според одредбите на член 46, и тоа ако концертот содржи претежно дела од сериозната музика.

Г) ОСТАНАТИ ОДРЕДБИ

Член 53

Ако податоците од пријавата на делото што ги дал авторот не се во согласност со податоците во програмите (траење, изедувачки состав и сл.), распределбата на надоместокот се врши врз основа на податоците од програмите што се прифатени како веродостојни (програмите на радио, ТВ).

Член 54

Доколку во програмите недостасуваат податоци за правилна распределба на авторскиот надомест, податоците ќе се дополнат од расположливата документација на ЗАМП.

Ако податоците за траењето на делата не можат да се утврдат ниту според програмата, ниту според пријавата на авторот,тогаш за делата:
а) од поголем облик (сонати,симфонии и сл.) се зема траење од 8 минути, а
б) за сите останати дела – траење од 3 минути.

За пресметка на авторскиот надоместок на едно дело изведено на концерт во целост, се зема предвид полното траење на делото наведено во програмите на радио-телевизиските станици односно, фонограм или видеограм, ако тоа дело е снимено.

Доколку делото не е изведено на радио, ниту е снимено на фонограм или видеограм, податоците за траењето се земаат од пријавата на авторот, односно од документацијата на странската организација.

За изведените фрагменти на едно дело, авторскиот надоместок се пресметува според траењето назначено на програмата.

Член 55

При пресметката на авторските надоместоци за сплет или микс на изведба на повеќе творби нема да се земе предвид збирот на ефективното траење на секое дело, туку реалното траење во кое сите дела истовремено биле изведени.

Надоместокот за секое дело од претходниот став ќе се утврди сразмерно на неговото ефективно траење, во однос на реалното траење на изведбата, како и останатите критериуми за утврдување на надоместокот предвиден со овој Правилник.

Член 56

Ако делото не е изведено во оригинал, а во програмата не е означено името на аранжерот, целиот авторски надоместок му се пресметува на авторот на оргиналното дело.

Ако од други податоци може да се утврди дека делото е изведено во пријавениот аранжман, на аранжерот ќе му се пресмета соодветниот дел на надоместокот.

Член 57

Музичкото дело изведено фрагментарно или во целост повеќе пати на радио или телевизија во рамките на една емисија заради учење или како илустрација, ќе се смета како да е еднаш изведено.

Член 58

Музичкото дело се поентира со единствен поен без разлика дали се изведува со текст или без него.

Доколку музичкото дело, кое во оригиналната форма е пријавено со текст, а се изведе без текст, на авторот на текст му припаѓа делот за текстот.

Доколку делото од претходниот став е пријавено и во самостојна инструментална форма, за вакво изведено дело на авторот на текст не му припаѓа делот за текстот.

Член 59

За музички дела пишувани на текст на слободни или незаштитени автори, на композиторот не му се исплатува делот за текстот.

Член 60

Основа за распределба на авторските надоместоци за музички дела создадени во соработка на повеќе лица (коавтори), е пријавата на делото, на која мора да бидат потпишани сите коавтори и во која треба да биде точно утврдено секое поединечно учество искажано во проценти.

Ако не е поднесена пријава или ако од пријавата не може да се утврди учеството на секој коавтор поединечно, распределбата се извршува согласно одредбите на овој Правилник и тоа:

КОМПОЗИТОР

АРАНЖЕР

АВТОР НА ТЕКСТ

66.67%

33.33%

50%

50%

33,34%

33.33%

33,33%

Член 61

Ако со договор не е поинаку утврдено, авторскиот надоместок за збирка на музички дела се дели на следниов начин:
– на авторот на збирката 25%
– на авторите чии дела ги содржи збирката 75%

Авторскиот надоместок за секое дело во збирката се определува во зависност од неговото траење во однос на вкупното траење на збирката.

За издадената збирка, на издавачот му се распределува договорениот износ на авторски надоместок, а останатиот дел се дели помеѓу коавторите во однос предвиден со овој член.

За составување збирка од заштитени музички дела потребна е претходно добиена писмена согласност од авторите на делата кои се вклучени во збирката.

Член 62

Под аранжман (обработка) на авторско дело се подразбира напишаната преработка на оригинално дело, на пример: измена на формата, хармонијата, ритамот, изведувачкиот состав и сл.

За аранжман (обработка) на заштитено авторско дело потребно е писмено одобрение од авторот.

Член 63

На аранжерот на слободно или незаштитено дело му се пресметува 25% од вкупниот надоместок, што му припаѓа на тој вид дело.

Собранието на ЗАМП може, на барање од авторите, да определи и поголемо учество за аранжман, транскрипција, редакција и инструментација, доколку станува збор за позначајно уметничко или стручно остварување.

За транскрипција, редакција и инструментација на слободно или незаштитено дело, на авторот му се пресметува 16,66% од вкупниот авторски надоместок што му припаѓа на тој вид дело.

Член 64

На аранжер на домашни, народни уметнички дела и на автор на збирка на домашни народни уметнички дела му се пресметува 100% од авторскиот надоместок што му припаѓа на тој вид дело.

Член 65

На преведувач на заштитен текст на музички дела му припаѓаат 50% од авторскиот надоместок предвиден за текстот, ако поднесе одобрение од авторот на оригиналниот текст.

На преведувач или адаптатор на незаштитен текст на музичко дело му припаѓа учество во авторскиот надоместок од предходниот став.

Член 66

Ако во една музичко-литературна емисија (музичка приказна, рецитал и сл.) е изведена композиција (или фрагмент), авторскиот надоместок се пресметува како самостојно изведено музичко дело.

Меѓутоа, ако музичкото дело е неделива целина авторскиот надомест се дели врз основа на договор помеѓу авторот на музиката и авторот на текстот.

Член 67

Кога увертирите и оркестарските интермеца на една музичко сценско дело (опера, оперета) се изведуваат посебно, авторскиот надоместок се пресметува како за дело без текст.

Член 68

Авторскиот надоместок за дело емитувано во рамките на заедничка програма на повеќе радио-телевизиски станици, се пресметува како да е изведено на секоја од тие радио-телевизиски станици посебно.

Член 69

Траењето на делата изведени во соодветните репартициски класи се пресметува со цели минути.

Кога траењето на делата пречекори цела минута за повеќе од 30 секунди, се пресметува во траење за следната цела минута.

Член 70

Авторскиот надоместок за изведено музичко-кореографско дело кое спаѓа во категоријата на мали права, им се пресметува на композиторот и кореографот само според нивниот писмен договор. Ако таков договор не постои целиот надоместок му се пресметува на композиторот.

Авторскиот надоместок за изведено дело од народната уметност се распределува на еднакви делови на аранжерот и кореографот, ако со нивниот меѓусебен договор не е поинаку регулирано.

Член 71

За издадено дело од домашен или странски автор во земјата, како и за дело од домашен автор издадена во странство, учеството во авторскиот надоместок што му припаѓа на издавачот се утврдува со писмен договор.

На издавачот му се пресметува договорениот дел почнувајќи од годината кога делото е издадено, се додека трае важноста на договорот.

Договорените делови на издавачот и подиздавачот за правата од јавно соопштување не можат да бидат поголеми од деловите предвидени со правилата на Меѓународната конференција на друштвата на авторите и композиторите (ЦИСАЦ).

VI. ПРАВА ОД МЕХАНИЧКА РЕПРОДУКЦИЈА

Член 72

Правата од механичката репродукција на македонските носители на права ЗАМП ги остварува врз основа на поединечни договори.

Правата од механичката репродукција на странските носители на права се остваруваат во согласност со договорите за меѓусебно застапување, што ЗАМП ќе ги склучи со странските соодветни организации на носители на права.

Член 73

Во колективното управување на авторските права врз основа на механичката репродукција се применуваат одредбите на Законот за авторското право и сродните права на Р. Македонија, актите на ЗАМП и правилата на Меѓународното биро на друштвата за заштита на правата на снимање и репродукција (БИЕМ), чиј член е ЗАМП.

Во смисла на правилата од претходниот став, носителот на права не може на еден производител да му даде исклучително право на снимање на свое дело.

ФОНОГРАМИ (грамофонски и дигитални плочи, звучни касети, компакт дискови и други видови носачи на звук)

Член 74

Авторските надоместоци за дела снимени на фонограми се наплатуваат согласно одредбите на типскиот договор кој ЗАМП го склучил со производителите на фонограми.

Надоместоците од предходниот став се наплатуваат врз основа на извештаите на производителите за снимените дела и за бројот на продадените фонограми.

Авторскиот надоместок се наплатува само за дела на оние автори кои ЗАМП ги штити во смисол на чл. 81 на овој Правилник.

Член 75

Износот на надоместокот што е наплатен за еден фонограм ќе им се подели на авторите сразмерно на траењето на нивните дела снимени на тој фонограм, ако тие се снимени сукцесивно, односно самостојно.

Ако на еден фонограм се наоѓаат музички дела што не се снимени сукцесивно, односно самостојно, туку претставуваат целина (на пример: придружна музика со читање текст или обратно), надоместокот се дели исклучиво според договор на авторите на музиката и текстот. Ако до моментот на распределбата таков договор не му е доставен на ЗАМП, ЗАМП е должен да го чува наплатениот надоместок додека авторите не се изјаснат за начинот на распределбата.

Член 76

Авторскиот надоместок пресметан за едно снимено дело, во смисла на член 84, став 1 од овој Правилник,се дели на следниве начини:
1. Ако едно музичко дело го создал еден автор, 100% од надоместокот му се доделува на авторот на тоа музичко дело.
2. Ако делото е создадено со соработка на повеќе лица (коавтори), надоместокот се дели според нивниот писмен договор.

Доколку таков договор не постои, надоместокот се дели на тој начин што на музичките дела со зборови или без нив се применуваат одредбите на член 64 и другите соодветни одредби на овој Правилник.

Член 77

Распределбата на надоместокот на странските автори се врши врз основа на одредбите на овој Правилник и на договорите за меѓусебна заштита на правата на механичката репродукција што ЗАМП ги склучил со странските организации, како и врз основа на документацијата што ќе ја доставаат тие организации.

ВИДЕОГРАМИ (видеокасети, видеоплочи и сл.)

Член 78

Авторските надоместоци за делата снимени на видеограми се наплатуваат според одредбите на типскиот договор, што ЗАМП го склучил со производителите на видеограми или во согласност со овој Правилник.

Надоместоците од предходниот став се наплатуваат врз основа на извештаите на производителите за снимените дела и за бројот на продадените видеограми. Авторски надоместоци се наплатуваат само за дела кои ги штити ЗАМП, согласно чл. 72 од овој Правилник.

Член 79

Износот на надоместокот што е наплатен за еден видеограм им се распределува на авторите чии дела се снимени на тој видеограм.

Во зависност од видот на делото и од начинот на видеографската репродукција, за распределба на авторските надоместоци се утврдуваат следниве категории:
1. Репродукција на видеограми:
а) порано изработени снимки на дела од репертоарот на ЗАМП (видеокопии), освен музичките дела од кинематографски играни и кратки филмови, ТВ-филмови и ТВ-серии;
б) порано создадени дела во нивната оригинална форма, со посебна реализација (сложени дела);
в) порано создадени дела, адаптирани врз основа на дозвола, во рамките на договорот за адаптација.
2. Снимање оригинални видеографски дела, специјално создадени и напишани за аудиовизуелна репродукција, врз основа на договор за нарачка.
3. Репродукција на видеограм на кратки филмови, ТВ филмови и ТВ серии.

Член 80

Износот на надоместокот што е наплатен за еден видеограм, на кој се снимени дела од точките 1 и 2 од член 79 на овој Правилник, им се дели на носителите на права сразмерно на траењето на нивните дела кои се наоѓаат на тој видеограм, ако делата се снимени сукцесивно, односно самостојно.

Ако на еден видеограм се наоѓаат музички и литературни творби што не се снимени сукцесивно, односно самостојно, туку претставуваат целина (придружна музика со читање текст или обратно), надоместокот се дели исклучиво според договорот на авторите на музиката и текстот.

Ако до моментот на распределбата таков договор не му е доставен на ЗАМП, ЗАМП е должен да ги чува наплатените надоместоци додека заинтересираните автори не се изјаснат за начинот на распределбата.

Член 81

Авторскиот надоместок пресметан за едно снимено дело според точките 1 и 2 од член 79 на овој Правилник се дели на начини утврдени во член 76 од овој Правилник.

Член 82

Износот на надоместокот што е наплатен за еден видеограм, на кој се снимени творби од точка 3 од член 79 од овој Правилник, им се дели на авторите на тие дела на следниов начин:

1. Износот на надоместокот на авторот на музиката и авторот на сценариото се дели според писмениот договор на заинтересираните автори.

Ако до моментот на распределбата таков договор не му е доставен на ЗАМП, ЗАМП е должен да го чува наплатениот надоместок додека авторите не се изјаснат за начинот на распределбата.

2. Во случај кога ЗАМП го штити само авторот на музиката, или авторот на сценариото, врз основа на кое сценариото е изработено, износот на надоместокот се дели на следниве начини:

а) ако музиката, сценариото ги создал еден автор, надоместокот во висина од 100% му се распределува на авторот на музиката, сценариото;

б) ако музиката и сценариото се создадени во соработка на повеќе лица (коавтори) износот на надоместокот се дели на начин утврден со нивен договор.

Ако до моментот на распределбата ваков договор не е доставен во ЗАМП, ЗАМП е должен да го чува наплатениот надоместок се додека заинтересираните автори не се изјаснат за начинот на распределба.

в) Исклучително од одредбите на ставот б), ако музичкото дело е создадено во соработка на повеќе лица (коавтори), а нивен договор за распределба на надоместокот не постои, за распределбата се применуваат одредбите од чл.60 и останатите соодветни одредби од овој Правилник. (ЗАПСП)

Член 83

Надоместоците што им припаѓаат на странските носители на права се распределуваат врз основа на овој Правилник и на одредбите од договорите за меѓусебна заштита на правата од механичката репродукција кои ЗАМП ги склучил со странските организации, како и врз основа на документацијата што ја доставаат тие организации.

Член 84

Надоместоците по основ на правата од механичката репродукција се пресметуваат и исплатуваат најмалку еднаш годишно, за изминатата година.

Надоместоците се исплатуваат според претходно одбивање на трошоците на заштитата.

Висината на трошоците за колективно управување на домашните носители на права ја утврдува Собранието на ЗАМП.

Висината на трошоците на колективно управување на странските автори се утврдува со договорите што ќе ги склучи ЗАМП со соодветните странски организации.

Член 85

Секој носител на права има право на увид во личните податоци за користење на неговите дела, на пресметката и на другата документација поврзана со тоа.

Носителот на права има право, да поднесе приговор и достави докази доколку е незадоволен од извршената пресметка.

Приговорот од став 2 на овој член се поднесува до Управниот одбор најдоцна во рок од 30 дена од приемот на поединечната пресметка.

По приговорот од став 2 на овој член, одлучува Управниот Одбор, по прибавување на соодветно мислење од Стручната служба и/или други органи кои располагаат со содветни податоци, најдоцна во рок од 30дена по приемот на приговорот.

Против одлуката на Управниот одбор, носителот на права има право да поднесе жалба до Собранието, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на одлуката.

Одлуката на Собранието е конечна.

VII. ТРОШОЦИ ЗА ПОКРИВАЊЕ НА КОЛЕКТИВНОТО УПРАВУВАЊЕ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА

Член 86

За покривање на вкупните трошоци за работа на Здружението може да се користат средства од прибраните надоместоци во износ до 15%..

Трошоците за водење на судските постапки, судските такси, трошоците за вештачење, адвокатските трошоци и извршните трошоци се утврдуваат со одлука на Собранието и тие не влегуваат во вкупните трошоци за работа на Здружението.

По завршување на календарската година со финансискиот извештај изготвен од страна на Надзорниот одбор и Стручната служба на Здружението, остатокот од средствата по извршување на административно-технички работи за други здруженија кои се предвидени со посебен договор, нивната намена ја утврдува со акт Собранието на Здружението.

VIII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 87

Толкување на одредбите на овој Правилник и упатство за неговата примена дава Собранието.

Член 88

Правилникот за распределба на авторските надоместоци по неговото донесување согласно ЗАПСП и Статутот на ЗАМП, се објавува во “ Службен весник на Република Македонија”.

Правилникот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето.

Член 89

Овој Правилник ќе се применува почнувајќи со распределбата на авторските надоместоци за 2014 година што ќе биде утврдена со општата пресметка во 2015 година.

Член 90

Со влегувањето во сила на овој Правилник престанува да важи Правилникот за заштита на авторските права и распределба на авторските надоместоци од изведување музички несценски дела бр. 384-1-03 од 03.12.2013 година.

Сите започнати постапки по Правилникот за заштита на авторските права и распределба на авторските надоместоци од изведување музички несценски дела бр. дела бр. 384-1-03 од 03.12.2013 година ќе се применуваат, се до стапувањето во сила на новиот Правилник за распределба.

Бр. 282-1-0201

Собрание на ЗАМП

24 септември 2014 година

Претседател,

Скопје

проф. Живоин Глишиќ, с.р.

Пријава на дело