Правилник за распределба на авторските надоместоци

ЗДРУЖЕНИЕ ЗА ЗАШТИТА НА АВТОРСКИ МУЗИЧКИ ПРАВА СОКОМ – МАП

Врз основа на член 132 ст. 2 и чл 144 од Законот за авторското право и сродните права на Република Македонија („Сл. весник на РМ“ бр. 115/10, 140/10, 51/11, 147/13, 154/15 и 27/16), како и членовите 21, 27, 28, 38 и 39 од Статутот на Здружението за заштита на авторски музички права (во понатамошен текст СОКОМ МАП), Собранието на СОКОМ МАП, на седницата одржана на ден 16.10.2016 година го донесе следниот

ПРАВИЛНИК
ЗА РАСПРЕДЕЛБА НА АВТОРСКИТЕ НАДОМЕСТОЦИ

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Правилникот за распределба на авторските надоместоци ги утврдува основните начела според кои СОКОМ МАП врши распределба на авторските надоместоци на носителите на авторски музички права во согласност со закон, статут, актите на СОКОМ МАП, како и врз основа на Решението за давање дозвола согласно Законот за авторското право и сродните права на Република Македонија.

Член 2

Здружението за заштита на авторски музички права СОКОМ МАП врши колективно управување на следните авторски права:
– Умножување и изнајмување несценски музички дела на фонограми и видеограми
– Јавно соопштување несценски музички дела (јавно изведување, јавно пренесување, радиодифузно емитување, реемитување и ставање на располагање на јавноста
– Кабелско реемитување на музички несценски дела
– Надомест од правото на следство на оригинал (ракопис) на музички дела
СОКОМ МАП во случаите на единствените надоместоци согласно ЗАПСП и Статутот, колективното управување на правата може да го врши по овластување на други организации на носители на права преку склучување на посебен договор, или може со договор да овласти друга соодветна организација да го врши колективното управување на тие права.

СОКОМ МАП може да врши административно технички работи за права кои се надвор од правата за кои има дозвола, а се во надлежност на други здруженија согласно договор.

Член 3

СОКОМ МАП, на територијата на Р. Македонија, колективно го управува и правото од умножување, како и правото на изнајмување на несценски музички дела на фонограми и видеограми, јавно соопштување несценски музички дела (јавно изведување, јавно пренесување, радиодифузно емитување, реемитување и ставање на располагање на јавноста), кабелско реемитувње на музички несценски дела на странските носители на права, согласно ЗАПСП, а врз основа на меѓународни конвенции и други договори склучени помеѓу Р.Македонија и другите земји, како и врз основа на реципрочни договори склучени помеѓу СОКОМ МАП и соодветните странски организации на носители на права.

Член 4

СОКОМ МАП колективно ги управува авторските права на авторите и носителите на права кои со пријавување на своите дела или врз основа на договор за тоа му даваат овластување на СОКОМ МАП.

Колективно управување од овој Правилник СОКОМ МАП остварува и без договор со носителите на права врз основа на одредбите од член 130 од ЗАПСП.

Странските автори и членовите на странските организации, уживаат еднаква заштита како и домашните автори, доколку така е определено со меѓународен договор, со Законот за авторското право и сродните права на Република Македонија, ако постои фактички реципроцитет и согласно Статутот на СОКОМ МАП.

СОКОМ МАП врши колективно управување на авторските права на домашните носители на права во странство врз основа на посебни договори што ќе ги склучи со соодветни организации на носители на права.

Врз основа на меѓународни договори со странски организации (за меѓусебно застапување на база на реципроцитет) кои СОКОМ МАП ги склучува согласно со ЗАПСП, СОКОМ МАП може колективно да управува и авторски права на други автори.

Член 5

СОКОМ МАП, под еднакви услови ги управува авторските права на носителите на права. Одредбите на правилникот за распределба на авторските надоместоци се задолжителни за сите носители на права чии права ги управува СОКОМ МАП согласно Законот за авторското право и сродните права, Статутот, како и врз основа на договор со авторот.

Носителот на право може да забрани (изземе) колективно управување на свое право од страна на Здружението за кое има дозвола колективно да управува, освен во случаи кога од истото не може да се откаже согласно Законот за авторското право и сродните права.

Забраната, носителот на правото го врши со поднесување на писмена изјава заверена кај нотар, на образец утврден и донесен од страна на Собранието. Изземањето, влегува во сила осмиот ден од денот на поднесување на изјавата.

Носителот на право неможе да забрани (изземе) колективно управување на свое право од страна на Здружението доколку СОКОМ-МАП спрема истиот има парично побарување се додека не го подмири долгот.

Член 6

Согласно договор, СОКОМ МАП може да врши административно технички работи за права кои се надвор од правата за кои има дозвола, а се во надлежност на други здруженија.

Член 7

Во остварувањето на колективно управување СОКОМ МАП ги извршува следните работи:
– Ги прибира утврдените надоместоци од корисниците и врши нивна распределба на носителите на правата во согласност со закон и општите акти
– Врши контрола за користењето на авторските дела
– Неисклучиво пренесува право за користење авторски дела со договор или на друг пишан начин
– Склучува договори за умножување несценски музички дела на фонограми и видеограми, како и за други видови користења на музички несценски дела и го контролира извршувањето на тие договори
– Од корисниците на музички дела собира програми и податоци за снимените и изведените дела и води евиденција за тоа
– Врши пресметка, распределба и исплата на авторски надоместоци примени од странските организации, за користење дела од домашни автори во странство
– Ги врши правните работи и односите на носителите на правата со корисниците и води постапки пред судовите и другите органи заради заштита на авторското право и сл.
– Презема и други мерки предвидени со законот и со други прописи заради заштита и остварување на колективното управување на авторските музички права.

Заради остварување на авторски права, во свое име и за сметка на авторот со посебно полномошно од авторот чие право е предмет на спорот СОКОМ МАП може да поведе и да води спорови пред судовите и другите органи, додека за застапување заради колективното управување на авторските музички права на СОКОМ МАП не му е потребно посебно полномошно на авторот.

Во случај на спор меѓу членови на СОКОМ МАП, СОКОМ МАП нема да поведе постапка во име на еден од нив.

Член 8

Репертоарот на СОКОМ МАП го сочинуваат објавени музичко несценски дела како што се:
– Ораториуми, кантати, дела на симфониската, камерната, солистичката, хорската, забавната, детската, народната, џез музиката и сл.,
– Извадоци од музички сценски дела (опери, балети, оперети, и сл.) без оглед на траењето,
– Музика од музичко-кореографски дела (концертни и радио изведувања) без оглед на траењето,
– Музички дела користени во драмски дела, било да се користени како музичка придружба или како музичка илустрација или да се вклопени во самиот драмски текст,
– Музика користена во ТВ серии, ТВ филмови и кинематографски филмови што се емитуваат преку телевизија,
– Несценски музички дела кои драмско-сценски или кореографски се прикажуваат на сцен или телевизија,
– Музика за музичко-литратурни емисии или приредби (музички приказни, рецитали, хумористични и сличнни емисии, приредби и слично),
– Музички дела употребени за шпици, звучни записи, интермеца со звучна илустрација,
– Обработка на народни творби.

ДОКУМЕНТАЦИЈА

Член 9

Како основ за распределба СОКОМ-МАП ја применува документацијата која е неспорна и комплетна, односно која ги содржи сите потребни податоци за утврдување на авторските надоместоци. Задолжителните податоци се пропишани во овој Правилник за распределба и во согласност со ЦИСАЦ (CISAC) стандардите.

Документацијата на СОКОМ-МАП ја сочинуваат:
– Документација на автори и носители на права
– Документација на дела
– Документација на странски автори, дела и носители на права.

Документација на автори, носители на права

Член 10

Авторите или носителите на права преку Договор за колективно управување склучен со СОКОМ-МАП ги остваруваат своите права. Носителите на права се должни да го пријават авторското дело.

При склучување на договорот за колективно управување aвторите или носителите на права се должни до СОКОМ-МАП да достават:
– копија од лична карта (физичко лице)
– копија од извод од книгата на родени кога се работи за малолетно лице
– решение од надлежен орган кога се работи за правно лице
– копија на правосилно оставинско решение во кое е наведен како наследник на авторско право, а оригиналот на правосилното оставинско решение да го приложи на увид (наследникот на авторски права склучува договор за колективно управување со СОКОМ-МАП)

Авторот т.е носителот на права е должен по писмен пат да го извести СОКОМ-МАП за секоја промена на лични податоци, како и за секоја друга промена. Во обврските од страна на СОКОМ-МАП наспрема авторот т.е носителот на права ќе се сметаат за веродостојни неговите последни податоци доставени на пропишаниот образец.

Член 11

Носителите на право, во случај да склучат договор со домашен или странски издавач или произведувач на комерцијален филм, ТВ – филм или ТВ – серија заради користење на музика во филм односно серија, како и сите други видови договори за нарачка или користење на музички дела се должни за истите да достават еден примерок до СОКОМ МАП. Доколку носителот на право не постапи согласно погорекажаното, СОКОМ МАП ќе ја земе во предвид документацијата со која располага.

Документација на дела

Член 12

Авторот или носителот на авторското право е должен да своите дела, односно делата за кои стекнал право ги пријави во СОКОМ МАП на образец – пријава на дело, во пишана или електронска форма со наведување на сите потребни податоци. Образецот за пријава на дело (електронски или пишан) се пропишува со Одлука на Управниот одбор врз основа на претходно мислење на Собранието на авторите и истиот претставува составен дел од Правилникот за распределба. Истиот се објавува на интернет страницата на СОКОМ МАП.

За точноста на податоците одговара подносителот на пријавата и истата се прифаќа за точна се додека не се докаже поинаку. Подносителот на пријавата (авторот односно другиот носител на право) со свој потпис, под целосна материјална и кривична одговорност гарантира за точноста на податоците за делото кое е наведено во пријавата и истиот е одговорен спрема СОКОМ МАП и спрема другите носители на авторското право за штетата која би произлегла од неточни и непотполни податоци. Авторот односно другиот носител на право има обврска да неточните податоци ги исправи со нова пријава или да достави изјава за повлекување на пријавата во рок од 10 дена од применото известување дека пријавата не е точна/комплетна.

Со пријавата на дело авторот го овластува СОКОМ МАП да ги штити неговите авторски права на јавна изведба во земјата и во странство, под исти услови како и носителите на авторски права кои потпишале договор со СОКОМ МАП со кој го овластуваат да ги штити нивните права.

Пријавите на дела доставени до СОКОМ-МАП до 31 декември влегуваат во пресметката за тековната година.

Примената на документацијата која служи за изменување и дополнување на податоците на веќе пријавените дела се земаат предвид до 31 декември во тековната година.

Податоците за изменување и дополнување кои ќе стигнат по тој рок ќе се применат во пресметката за следната година.

Доколку делото не е пријавено СОКОМ МАП ја остварува заштитата врз основа на податоците со кои располага.

Член 13

За домашните дела издадени во соработка со странски автори ќе се прифатат како точни податоците добиени од странското авторско друштво се додека авторот не достави соодветна документација односно не ја оспори таквата пријава со веродостојна документација.

Член 14

Авторот на музичкото дело, покрај своето граѓанско име може да користи и псевдоним.

Пред употреба на псевдоним или граѓанско име, авторот на делото треба да побара информација од СОКОМ МАП дали веќе постои такво граѓанско име или псевдоним на некој домашен или странски автор, односно носител на право, бидејќи користење на веќе постоечки граѓански имиња односно псевдоними е недозволено.

Во случај на постоење на идентични имиња на автори, потребно е да се направи разлика помеѓу имињата со цел правично распределување на авторскиот надоместок.

Доколку СОКОМ МАП сознае дека постои спорна ситуација помеѓу коавторите на одредено дело ќе ја блокира исплатата на авторскиот надоместок во целина или само за спорниот дел, се до решавање на спорот, а врз основа на меѓусебен договор или судска одлука доставени до СОКОМ МАП.

Документација на странски автори, дела и носители на права

Член 15

Авторскиот надоместок за делата од странскиот репертоар се пресметува согласно податоците што организациите ги доставуваат за делата на своите членови, договорите за меѓусебно застапување склучени со странски организации на носители на права, и согласно одредбите од овој Правилник.

Член 16

Согласно со правилата на Меѓународната конфедерација на друштва на автори и композитори (CISAC) и правилата на Меѓународното биро да друштва за заштита на правата на снимање и механичка репродукција (BIEM), а врз основа на билатералните договори за меѓусебно застапување на база на реципроцитет, кои СОКОМ-МАП ги склучува со странски организации, документацијата на СОКОМ-МАП ја сочинува и странската документација.

Под странска документација од претходниот став се подразбира: Меѓународната база на дела (Musical Works Information Database), Меѓународната база на автори и носители на авторски права (Interested Parties Information), Cis-Net, меѓународна база на дела, модификациони картици и дописи, и друга документација добиена од странски организации.

Член 17

Распределбата на надоместокот помеѓу членови на едно или повеќе странски организации, се врши врз основа на учествата назначени на интернационалната картичка доставена за тоа дело. Ако интернационалната картичка не содржи податоци за учествата на носителите, надоместоците за тоа дело се распределуваат врз основа на ЗАПСП.

Член 18

Ако податоците кои ќе ги достават повеќе странски организации за исто дело се различни, авторскиот надоместок за тоа дело не се исплаќа се до решавање на спорот на заинтересираните организации.

Ако во моментот на распределбата СОКОМ-МАП нема документација за користено дело а авторот или носителот на права е член на некои странско здружение за заштита на колективни права надоместокот за тоа дело во целост ќе биде исплатено на странското здружение (Варшавска конвенција).

Ако во моментот на распределбата СОКОМ-МАП нема документација за дело издадено на носач на звук, звук и слика, а авторот или носителот на права е член на некое странско здружение за заштита на колективни права надоместокот за тоа дело во целост ке биде исплатено на странското здружение (Римска конвенција).

Ако во програмата не е наведено полното име на авторот на изведеното дело, а врз основа на другите податоци може да се претпостави дека авторот е заштитен, тогаш таковото дело се внесува во посебен циркулар за кој се бара од странските здруженија да извршат препознавање во согласност со нивниот репертоар.

Согласно правилата на меѓународните организации BIEM/CISAC, во циркуларот не се внесуваат делата чиј вкупен надоместок не го преминува денарскиот износ на 10 американски долари за еден пресметковен период.

По приемот на документацијата (валиден одговор на циркуларот) за делата СОКОМ-МАП ќе изврши исплата на авторите и носителите на права според новата документација а највеќе 3 години наназад сметајќи од годината на која се однесува циркуларот. По истекот на 3 години средствата се распределуваат во вонредни приходи и на тој начин се вклучуваат во системот на распределба.

Пријава и категоризација на дела

Член 19

Пријавата на дело содржи податоци за СОКОМ-МАП, лични податоци за подносителот на пријавата, поточно:
1. Наслов на делото и ставовите (година на создавањето)
2. Автор на музика (име и презиме)
3. Автор на текстот, преведувач, кореографија (име и презиме)
4. Автор на аранжманот-обработка (име и презиме)
5. Издавач (година кога делото е издадено)
6. Траење (на целото дело и ставовите)
7. Изведувачки состав – изведувач
8. Дали е делото снимено (носач на звук) и каде се наоѓа снимката
9. Каде се наоѓа партитурата и материјалот на делото
10. Референтен број
11. Согласност на коавторите за пријава на дело

Составен дел на овој Правилник е пријавата на дело.

Музичкото дело (оригинално или обработка) се категоризира и определува согласно на ефективното траење на делото.

Авторот на делото е должен при пријавување да го назначи неговото траење.

Категории на наплата

Член 20

Наплатата на авторските надоместоци за јавно соопштување на музички несценски дела во една календарска година се разликуваат според видот на користењето и се поделени во следните категории:
1. Македонско радио
2. Македонска телевизија
3. Приредби (забави, игранки, матурски, дипломски, модни ревии, артистички и спортски натпревари)
4. Јавно пренесување (приходи по основ на јавно соопштување преку звучник, екран или друго техничко средство во угостителски објекти, диско клубови, ноќни барови, хотели, трговски и деловни простории, спортски објекти и др.)
5. Жива музика (угостителски објекти со жива музика)
6. Музички концерти
7. Радиодифузно емитување (радиа и телевизии на локално регионално и државно ниво)
8. Кабелско реемитување.

Трошоци за покривање на колективното управување на авторските права, фондови за промоција и култура и други фондови

Член 21

За покривање на трошоците за работа на Здружението може да се користат средства од прибраните надоместоци во износ од 15%.

Трошоците за водење на судски постапки, судски такси, вештачења, адвокатски и извршни трошоци се утврдуваат со одлука на Собранието и не влегуваат во вкупните трошоци наменети за работата на Здружението.

Трошоците за колективно управување ги теретат сите репартициски фондови во единствен процент.

По завршување на календарската година со финансискиот извештај изготвен од страна на Надзорниот одбор и Стручната служба на Здружението, остатокот од средствата по извршување на административно технички работи за други здруженија кои се предвивдени со посебен договор, нивната намена ја утврдува со акт Собранието на Здружението.

Член 22

Согласно член 25 од овој Правилник Здружението ги формира следниве фондови:
1. Фонд за промоција и развој на свеста на авторските права
2. Фонд за стимулирање на македонското творештво
3. Хуманитарен фонд
4. Фонд за жалби

Член 23

Средствата од фондот за промоција на авторските права и дигитализација на македонското музичко творештво се наменети за:
– Учество на меѓународни конвенции и симпозиуми од областа на авторските права,
– Дигитализација на македонското музичко творештво,
– Издавање на online списание,
– Промоција на авторските права и борба против пиратеријата,
– Други видови кампањи,
– Поттикнување соработка на корисниците и авторите.

Член 24

Средствата од фондот за стимулирање на македонското творештво се наменети за музика обликувана на начин кој одразува специфично користење на форми, композициски техники и постапки, посложено структурирање на музичкиот материјал.

Член 25

Висината на средствата кои се одвојоуваат во фондовите од член 22 не може да биде поголем од 10 % од прибраните средства наменети за распределба во тековната година.

Средствата кои нема да се искористат во тековната година се враќаат во соодветните класи за распределба за тековната година, освен доколку Собранието не одлучи да се префрлат во фондовите за следната календарска година.

Во надлежност на Собранието е определување на процентуалниот износ за фондовите утврдени во членот 22 од овој Правилник, како и конкретните намени и критериуми врз основа на кои ќе бидат искористени средствата.

Репартициски класи и фондови

Член 26

Авторските надоместоци за јавно соопштување на музички дела се разликуваат според видот на користењето, кoj e основа за формирање на репартициските класи.

Секој репартициски фонд се состои од надоместок наплатен за јавно соопштување на музички дела од соодветната репартициска класа.

Авторските надоместоци од категоријата на наплата од јавното пренесување кои се пресметани во паушални износи се распределуваат сразмерно на наплатата согласно ЗАПСП, а авторските надоместоци од категоријата на наплата од кабелското реемитување се пресметуваат сразмерно на наплатата на надоместоците кај Радиодифузното емитување (Македонско радио и телевизија и Трговски радиодифузни друштва-радија и телевизии на локално, регионално и државно ниво).

Во случај на несразмерно високи трошоци за колективно управување, наплатата остварена од поединечните репартициски класи на користење на музичките дела, Управниот одбор на СОКОМ-МАП може да предложи на Собранието за таа категорија да не се работи посебен репартициски фонд. Прибраните средства да се вклучат во друг репартициски фонд, така што прибраните средства се распределуваат врз основа на програмата на тој фонд.

Кога авторскиот надоместок од еден корисник е наплатен во единствен износ за радио и ТВ емитување, во тој случај вкупната сума се распределува во определени проценти (%) – радио и телевизија согласно на добиените податоци од корисникот по завршувањето на календарска годината.

Член 27

Со овој Правилник се утврдуваат следниве репартициски класи:
100) Радио
(Јавно претпријатие Македонско радио)
300) Телевизија
(Јавно претпријатие Македонска телевизија)
400) Приредби
500) Угостителски објекти со жива музика
600) Музички концерти
700) Трговски радиодифузни друштва на локално ниво
(радио и телевизиски програмски сервиси)
800) Трговски радиодифузни друштва на регионално ниво
(радио и телевизиски програмски сервиси)
900) Трговски радиодифузни друштва на државно ниво
(радио програмски сервиси)
910) Трговски радиодифузни друштва на државно ниво
(телевизиски програмски сервиси).

Член 28

Паричните фондови на репартициските класи се составени од следниве видови приходи:

100) Радио (Јавното претпријатие македонско радио)
– приходите од Јавното претпријатие македонско радио;
– дел од приходите од јавното пренесување т.е. јавното соопштување преку звучник
екран или друго техничко средство согласно членовите 20,26 став 3 и 30 ст. 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци и
– приходите од радијските кабелски мрежи.

300) Телевизија (Јавното претпријатие македонска телевизија)
– приходите од Јавното претпријатие македонска телевизија;
– дел од приходите од јавното пренесување .т.е јавното соопштување преку звучник екран или друго техничко средство согласно членовите 20,26 став 3 и 30 ст. 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци и
– приходите од телевизиските кабелски мрежи.

400) Приредби (приходите од забави, игранки, другарски вечери, матурски, дипломски, модни ревии, артистички и спортски натпревари од игранки, забави, модни ревии, артистички и спортски приредби и сл.);

500) Угостителски објекти со жива музика – приходи остварени врз оваа основа.

600) Музички концерти – приходи остварени врз оваа основа.

700) Трговски радиодифузни друштва на локално ниво
– приходите од радио и телевизиски програмски сервиси врз оваа основа;
– дел од приходите од јавното пренесување .т.е јавното соопштување преку звучник, екран или друго техничко средство согласно членовите 20,26 став 3 и 30 ст. 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци и -приходите од телевизиските и радијските кабелски мрежи,

800) Трговски радиодифузни друштва на регионално ниво
– приходите од радио и телевизиски програмски сервиси врз оваа основа;
– дел од приходите од јавното пренесување т.е. јавното соопштување преку звучник, екран или друго техничко средство согласно членовите 20, 26 став 3 и 30 ст. 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци и -приходите од телевизиските и радијските кабелски мрежи.

900) Трговски радиодифузни друштва на државно ниво
– приходите од радио програмски сервиси врз оваа основа;
– дел од приходите од јавното пренесување т.е. јавното соопштување преку звучник екран или друго техничко средство согласно членовите 20, 26 став 3 и 30 ст. 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци и – приходите од телевизиските и радијските кабелски мрежи,

910) Трговски радиодифузни друштва на државно ниво
– приходите од телевизиски програмски сервиси врз оваа основа;
– дел од приходите од јавното пренесување .т.е јавното соопштување преку звучник екран или друго техничко средство согласно членовите 20,26 став 3 и 30 ст. 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци и -приходите од телевизиските и радијските кабелски мрежи.

Член 29

Приходите по основ на авторскиот надомест за користење на авторското право за дистрибуција на радио и телевизиски програми во кабелска мрежа остварени во текот на календарската година, по одбивањето на трошоците на заштита се делат на таков начин што за домашните радиодифузни друштва се зголемуваат соодветните репартициски класи, а за странските радиодифузни друштва, авторскиот надоместок се исплаќа на странските организации, во земјата со економско седиште на соодветното радиодифузно друштво.

Член 30

Средствата на организацијата остварени од камати на вложени средства во банка и други приходи, во износ од 30% се распределуваат меѓу авторите, сразмерно на исплатата на надоместокот кои тие го оствариле согласно со податоците за користени дела од членот 135 став (1) од ЗАПСП, а во износ од 70% се распределуваат меѓу авторите, во согласност со податоците за користени дела од системот за електронска евиденција, односно во согласност со податоците од член 135 ставови (6) и (7) од ЗАПСП.

Средставата кои организацијата ги прибира од корисниците, а се пресметуваат во паушални износи и средствата кои организацијата ги прибира од кабелско реемитување авторски дела, се распределуваат меѓу авторите сразмерно на исплатата на надоместокот кои тие го оствариле во согласност со податоците за користени дела од системот за електронска евиденција односно во согласност со со податоците од член 135 ставови (6) и (7) од ЗАПСП.

Член 31

Поединечните пресметки и исплатите на надоместоците на авторите се вршат најмалку еднаш годишно најдоцна до крајот на март во тековната за претходната година.

Член 32

Распределбата на авторските надоместоци се врши врз основа на општата пресметка која:
а) ги утврдува вкупните трошоци за колективно управување;
б) го утврдува нето-износот на репартициските фондови;
в) ја утврдува вредноста на поенот за соодветна репартициска класа;

Финансискиот план за прибраните средства за распределба и исплата на надоместоците ја утврдува Собранието на СОКОМ-МАП на предлог на Управниот одбор.

Поединечна распределба

Член 33

Распределбата на надоместоците се врши согласно со евиденциите и податоците за користење на делата, а паушално кога не е можно или предизвикува неразумни трошоци, според принципот на правичност.

Распределбата на авторските надоместоци се врши за заштитени дела што се појавиле во програмите доставени до СОКОМ-МАП во определен рок за една репартициска година.

За распределба се земаат предвид сите собрани програми, освен:
а) неверодостојните програми;
б) нејасните и нечитливите програми;
в) програмите за кои не е наплатен авторски надомест.

Програмите кои се доставени по определениот рок ќе се земат предвид за распределба во наредната репартициска година.

Надоместоците од радиодифузно емитување на авторски дела се распределуваат меѓу авторите, врз основа на податоците за исплата добиени од системот за електронска евиденција на емитувани авторски дела, согласно со закон.

Член 34

Авторските надоместоци врз основа на правата од јавно соопштување се пресметуваат и исплатуваат на домашните и странските автори, најмалку еднаш годишно. Од средствата кои се пресметани за исплата на авторите на име авторски права се издвојуваат парични средства за резервен фонд од 10%, кои произлегуваат од меѓународните договори за заемно застапување на здруженијата за колективно остварување на правата.

Авторските надоместоци остварени во странство се исплатуваат на македонските автори веднаш по обработката на исплатните списоци, добиени од странските организации.

Член 35

Врз основа на општата пресметката и податоците за изведените дела, за домашните автори се прават поединечни пресметки и исплата на авторските надоместоци.

Поединечната пресметка му се доставува на авторот, односно на носителот на авторските права при исплатата, а најдоцна два месеца од денот на исплатата на авторските надоместоци.

Авторските надоместоци се исплатуваат на домашните носители на права само ако нето-сумата за исплата го премине минималниот износ што ќе го утврди Собранието.

Надоместоците под минималниот износ се исплатуваат во онаа репартициска година кога нивниот збир ќе го помине определениот минимум. Исклучително, на барање од носителот на права, исплата може да се изврши и порано во вид на аконтација, според одлуката на Управниот одбор.

Авторските надоместоци остварени во странство им се исплатуваат на домашните носители на права после одбивањето на трошоците за колективно управување, без оглед на височината на нето-износот.

Висината на трошоците ја утврдува Собранието. Штом надоместокот, примен од странска организација, не го поминува минималниот износ што ќе го утврди Собранието, на авторот не му се доставува пресметката на таа организација. Висината на минималниот износ го утврдува Собранието посебно за домашните надоместоци и посебно за надоместоците од странство.

Член 36

Сите податоци за остварените авторски надоместоци на одделни носители на права се деловна тајна и можат да се дадат само на барање на носителот на права на кој се однесуваат, како и на барање од судот во случај на водење судска постапка против носителот на право, или по барање на друг орган согласно со закон.

Член 37

Секој носител на права има право на увид во личните податоци за користење на неговите дела, на пресметката и на другата документација поврзана со тоа.

Носителот на права има право, да поднесе приговор и достави докази доколку е незадоволен од извршената пресметка.

Приговорот од став 2 на овој член се поднесува до Управниот одбор најдоцна во рок од 30 дена од приемот на поединечната пресметка. По приговорот од став 2 на овој член, одлучува Управниот Одбор, по прибавување на соодветно мислење од Стручната служба и/или други органи кои располагаат со содветни податоци, најдоцна во рок од 30 дена по приемот на приговорот.

Против одлуката на Управниот одбор, носителот на права има право да поднесе жалба до Собранието, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на одлуката.

Одлуката на Собранието е конечна.

Поентирање на делата

Член 38

Пресметката на авторскиот надомест се определува врз основа на ефективното траење на изведбата, емитувањето или било каква употреба на музичкото дело.

Траење

Коефициент

1-4 минути

1

5-8 минути

3

9-15 минути

5

16-20 минути

6

21-25 минути

7

26-30 минути

8

над 30 минути

9

Секоја минута од ефективното траење на делото се множи со соодветниот коефициент.

Деловите со траење над 30 секунди се сметаат како цела минута.

Член 39

Врз основа на начинот на употреба на делото и степенот на застапеност на музиката во делото, видот на изведувачкиот состав, музичкото дело кое се употребува или користи како:
– авизо музика, односно употреба на музички мотиви за најава и/или одјава на програма или емисии (вести, репортажи, драми и сл.), за раздвојување на делови од иста емисија (звучни завеси, џинглови или музички ефекти во реклами) или повеќе различни емисии, добива коефициент 0,50
– кулисна музика, односно употреба на музички дела или нивни фрагменти како кулисна музика во говорни емисии (вести, репортажи, како и во својство на придружна музика во емисиите од други жанрови (поезија, проза, ТВ серија, драма и сл.) добива коефициент 0,10.

Член 40

За музичките дела кои се користени како авизо музика се зема траење од 30 секунди, доколку траењето на делото наведено во програмата е подолго од 30 секунди.

Вкупното ефективно траење на музичко дело користено како авизо музика не може да биде поголемо од 30.000 секунди, во одредена класа на распределба за одреден пресметковен период.

Вкупното ефективно траење на музичкото дело користено како кулисна музика не може да биде поголемо од 60.000 секунди во одредена класа на распределба за одреден пресметковен период.

Член 41

Дела кои не се пријавени, односно за кои не постои документација, се пресметуваат врз основа на ефективното траење на изведбата согласно член 38 од овој Правилник.

Член 42

Музичките и литературните дела изведени во репартициските класи 100-Радио, 300-Телевизија, 700, 800, 900, 910, -Трговски радиодифузни друштва се поентираат според одредбите од член 38 на овој Правилник.

Член 43

За музичките дела со зборови или без нив, изведени во репартициските класи: 400-Приредби, 500-Угостителски објекти со жива музика и 600-Музички концерти авторскиот надоместок ќе се пресметува на тој начин така што износот наплатен и назначен во соодветните програми, се распределува на авторите чии дела се евидентирани во тие програми, сразмерно со траењето на нивната изведба.

Пресметаните надоместоци во секоја од наведените класи посебно, сразмерно се зголемува за износот кој припаѓа на соодветната класа, а за кои не се прибрани програми.

VI. ПРАВА ОД МЕХАНИЧКА РЕПРОДУКЦИЈА

Член 44

Авторски механички права се права од механичка репродукција кои се однесуваат на музички дела снимени на фонограм или видеограм.

Член 45

СОКОМ-МАП правото на снимање на авторските дела ќе го дозволи на сите произведувачи на фонограми и видеограми под исти услови.

Член 46

Авторските надоместоци за дела снимени на фонограми се наплатуваат согласно одредбите на типскиот договор кој СОКОМ-МАП го склучил со производителите на фонограми, и во согласност со овој Правилник.

Надоместоците од предходниот став се наплатуваат врз основа на извештаите на производителите за снимените дела и за бројот на продадените фонограми.

Правата од механичката репродукција на македонските носители на права СОКОМ- МАП ги остварува врз основа на поединечни договори. Правата од механичката репродукција на странските носители на права се остваруваат во согласност со договорите за меѓусебно застапување, што СОКОМ-МАП ќе ги склучи со странските соодветни организации на носители на права.

Распределба на авторските надоместоци по основ на механичка репродукција

Член 47

Износот на надоместокот што е наплатен за еден фонограм/видеограм ќе им се подели на авторите сразмерно на траењето на нивните дела снимени на тој фонограм/видеограм, ако тие се снимени сукцесивно односно самостојно.

Ако на еден фонограм/видеограм се наоѓаат музички дела што не се снимени сукцесивно односно самостојно, туку претставуваат целина (на пример: придружна музика со читање текст или обратно), надоместокот се дели исклучиво според договор на авторите на музиката и текстот.

Ако до моментот на распределбата таков договор не му е доставен на СОКОМ-МАП, СОКОМ-МАП е должен да го чува наплатениот надоместок додека авторите не се изјаснат за начинот на распределбата.

Член 48

Авторскиот надоместок пресметан за едно снимено дело се дели на следниве начини:

1. Ако едно музичко дело го создал еден автор, 100% од надоместокот му се доделува на авторот на тоа музичко дело.

2. Ако делото е создадено со соработка на повеќе лица (коавтори), надоместокот се дели според нивниот писмен договор. Доколку таков договор не постои, надоместокот се дели на тој начин што на музичките дела со зборови или без нив се применуваат одредбите на член 65 и другите соодветни одредби на овој Правилник.

Член 49

Износот на надоместокот што е наплатен за еден видеограм им се распределува на авторите чии дела се снимени на тој видеограм. Во зависност од видот на делото и од начинот на видеографската репродукција, за распределба на авторските надоместоци се утврдуваат следниве категории:

1. Репродукција на видеограми:
а) порано изработени снимки на дела од репертоарот на СОКОМ-МАП (видеокопии), освен музичките дела од кинематографски играни и кратки филмови, ТВ-филмови и ТВ- серии;
б) порано создадени дела во нивната оригинална форма, со посебна реализација (сложени дела);
в) порано создадени дела, адаптирани врз основа на дозвола, во рамките на договорот за адаптација.

2. Снимање оригинални видеографски дела, специјално создадени и напишани за аудиовизуелна репродукција, врз основа на договор за нарачка.

3. Репродукција на видеограм на кратки филмови, ТВ филмови и ТВ серии.

Член 50

Износот на надоместокот што е наплатен за еден видеограм, на кој се снимени творби, им се дели на авторите на тие дела на следниов начин:

1. Износот на надоместокот на авторот на музиката и авторот на сценариото се дели според писмениот договор на заинтересираните автори.

2. Во случај кога СОКОМ-МАП го штити само авторот на музиката, или авторот на
сценариото, врз основа на кое сценариото е изработено, износот на надоместокот се дели на следниве начини:
а) ако музиката, сценариото ги создал еден автор, надоместокот во висина од 100% му се распределува на авторот на музиката, сценариото;
б) ако музиката и сценариото се создадени во соработка на повеќе лица (коавтори) износот на надоместокот се дели на начин утврден со нивен договор.
в) Исклучително од одредбите на ставот б), ако музичкото дело е создадено во соработка на повеќе лица (коавтори), а нивен договор за распределба на надоместокот не постои, за распределбата се применуваат одредбите од чл.61 и останатите соодветни одредби од овој Правилник. (ЗАПСП)

Ако до моментот на распределбата на СОКОМ-МАП не е доставен договор, СОКОМ-МАП е должен да го чува наплатениот надоместок додека авторите не се изјаснат за начинот на распределбата.

Член 51

Распределбата на надоместокот на странските автори се врши врз основа на одредбите на овој Правилник и на договорите за меѓусебна заштита на правата на механичката репродукција што СОКОМ-МАП ги склучил со странските организации, како и врз основа на документацијата што ќе ја доставаат тие организации.

Член 52

Надоместоците по основ на правата од механичката репродукција се пресметуваат и исплатуваат најмалку еднаш годишно, за изминатата година.

Надоместоците се исплатуваат според претходно одбивање на трошоците на заштитата.

Висината на трошоците за колективно управување на домашните носители на права ја утврдува Собранието на СОКОМ-МАП. Висината на трошоците на колективно управување на странските автори се утврдува со договорите што ќе ги склучи СОКОМ-МАП со соодветните странски организации.

Член 53

Секој носител на права има право на увид во личните податоци за користење на неговите дела, на пресметката и на другата документација поврзана со тоа.

Носителот на права има право, да поднесе приговор и достави докази доколку е незадоволен од извршената пресметка. Приговорот се поднесува до Управниот одбор најдоцна во рок од 30 дена од приемот на поединечната пресметка. По приговорот од став 2 на овој член, одлучува Управниот Одбор, по прибавување на соодветно мислење од Стручната служба и/или други органи кои располагаат со содветни податоци, најдоцна во рок од 30 дена по приемот на приговорот.

Против одлуката на Управниот одбор, носителот на права има право да поднесе жалба до Собранието, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на одлуката.

Одлуката на Собранието е конечна.

ОСТАНАТИ ОДРЕДБИ

Член 54

Ако податоците од пријавата на делото што ги дал авторот не се во согласност со податоците во програмите (траење, изедувачки состав и сл.), распределбата на надоместокот се врши врз основа на податоците од програмите што се прифатени како веродостојни (програмите на радио, ТВ).

Член 55

Доколку во програмите недостасуваат податоци за правилна распределба на авторскиот надомест, податоците ќе се дополнат од расположливата документација на СОКОМ-МАП.

Ако податоците за траењето на делата не можат да се утврдат ниту според програмата, ниту според пријавата на авторот,тогаш за делата:
а) од поголем облик (сонати, симфонии и сл.) се зема траење од 8 минути, а
б) за сите останати дела – траење од 3 минути.

За пресметка на авторскиот надоместок на едно дело изведено на концерт во целост, се зема предвид полното траење на делото наведено во програмите на радио-телевизиските станици односно, фонограм или видеограм, ако тоа дело е снимено.

Доколку делото не е изведено на радио, ниту е снимено на фонограм или видеограм, податоците за траењето се земаат од пријавата на авторот, односно од документацијата на странската организација. За изведените фрагменти на едно дело, авторскиот надоместок се пресметува според траењето назначено на програмата.

Член 56

При пресметката на авторските надоместоци за сплет или микс на изведба на повеќе творби нема да се земе предвид збирот на ефективното траење на секое дело, туку реалното траење во кое сите дела истовремено биле изведени.

Надоместокот за секое дело од претходниот став ќе се утврди сразмерно на неговото ефективно траење, во однос на реалното траење на изведбата, како и останатите критериуми за утврдувањена надоместокот предвиден со овој Правилник.

Член 57

Ако делото не е изведено во оригинал, а во програмата не е означено името на аранжерот, целиот авторски надоместок му се пресметува на авторот на оргиналното дело.

Ако од други податоци може да се утврди дека делото е изведено во пријавениот аранжман, на аранжерот ќе му се пресмета соодветниот дел на надоместокот.

Член 58

Музичкото дело изведено фрагментарно или во целост повеќе пати на радио или телевизија во рамките на една емисија заради учење или како илустрација, ќе се смета како да е еднаш изведено.

Член 59

Музичкото дело се поентира со единствен поен без разлика дали се изведува со текст или без него. Доколку музичкото дело, кое во оригиналната форма е пријавено со текст, а се изведе без текст, на авторот на текст му припаѓа делот за текстот. Доколку делото од претходниот став е пријавено и во самостојна инструментална форма, за вакво изведено дело на авторот на текст не му припаѓа делот за текстот.

Член 60

За музички дела пишувани на текст на слободни или незаштитени автори, на композиторот не му се исплатува делот за текстот.

Член 61

Основа за распределба на авторските надоместоци за музички дела создадени во соработка на повеќе лица (коавтори), е пријавата на делото, на која мора да бидат потпишани сите коавтори и во која треба да биде точно утврдено секое поединечно учество искажано во проценти.

Ако не е поднесена пријава или ако од пријавата не може да се утврди учеството на секој коавтор поединечно, распределбата се извршува согласно одредбите на овој Правилник и тоа:

КОМПОЗИТОР

АРАНЖЕР

АВТОР НА ТЕКСТ

70%

30%

50%

50%

35%

35%

30%

Член 62

Ако со договор не е поинаку утврдено, авторскиот надоместок за збирка на музички дела се дели на следниов начин:
– на авторот на збирката 25%
– на авторите чии дела ги содржи збирката 75%

Авторскиот надоместок за секое дело во збирката се определува во зависност од неговото траење во однос на вкупното траење на збирката. За издадената збирка, на издавачот му се распределува договорениот износ на авторски надоместок, а останатиот дел се дели помеѓу коавторите во однос предвиден со овој член. За составување збирка од заштитени музички дела потребна е претходно добиена писмена согласност од авторите на делата кои се вклучени во збирката.

Член 63

Под аранжман (обработка) на авторско дело се подразбира напишаната преработка на оригинално дело, на пример: измена на формата, хармонијата, ритамот, изведувачкиот состав и сл. За аранжман (обработка) на заштитено авторско дело потребно е писмено одобрение од авторот.

Член 64

На аранжерот на слободно или незаштитено дело му се пресметува 25% од вкупниот надоместок, што му припаѓа на тој вид дело. Собранието на СОКОМ-МАП може, на барање од авторите, да определи и поголемо учество за аранжман, транскрипција, редакција и инструментација, доколку станува збор за позначајно уметничко или стручно остварување.

За транскрипција, редакција и инструментација на слободно или незаштитено дело, на авторот му се пресметува 16,66% од вкупниот авторски надоместок што му припаѓа на тој вид дело.

Член 65

На аранжер на домашни, народни уметнички дела и на автор на збирка на домашни народни уметнички дела му се пресметува 100% од авторскиот надоместок што му припаѓа на тој вид дело.

Член 66

На преведувач на заштитен текст на музички дела му припаѓаат 50% од авторскиот надоместок предвиден за текстот, ако поднесе одобрение од авторот на оригиналниот текст.

На преведувач или адаптатор на незаштитен текст на музичко дело му припаѓа учество во авторскиот надоместок од предходниот став.

Член 67

Ако во една музичко-литературна емисија (музичка приказна, рецитал и сл.) е изведена композиција (или фрагмент), авторскиот надоместок се пресметува како самостојно изведено музичко дело. Ако музичкото дело е неделива целина авторскиот надомест се дели врз основа на договор помеѓу авторот на музиката и авторот на текстот.

Член 68

Кога увертирите и оркестарските интермеца на една музичко сценско дело (опера, оперета) се изведуваат посебно, авторскиот надоместок се пресметува како за дело без текст.

Член 69

Авторскиот надоместок за дело емитувано во рамките на заедничка програма на повеќе радио-телевизиски станици, се пресметува како да е изведено на секоја од тие радио- телевизиски станици посебно.

Член 70

Траењето на делата изведени во соодветните репартициски класи се пресметува со цели минути. Кога траењето на делата пречекори цела минута за повеќе од 30 секунди, се пресметува во траење за следната цела минута.

Член 71

Авторскиот надоместок за изведено музичко-кореографско дело кое спаѓа во категоријата на мали права, им се пресметува на композиторот и кореографот само според нивниот писмен договор. Ако таков договор не постои целиот надоместок му се пресметува на композиторот.

Авторскиот надоместок за изведено дело од народната уметност се распределува на еднакви делови на аранжерот и кореографот, ако со нивниот меѓусебен договор не е поинаку регулирано.

Член 72

За издадено дело од домашен или странски автор во земјата, како и за дело од домашен автор издадена во странство, учеството во авторскиот надоместок што му припаѓа на издавачот се утврдува со писмен договор. На издавачот му се пресметува договорениот дел почнувајќи од годината кога делото е издадено, се додека трае важноста на договорот.

Договорените делови на издавачот и подиздавачот за правата од јавно соопштување не можат да бидат поголеми од деловите предвидени со правилата на Меѓународната конференција на друштвата на авторите и композиторите (ЦИСАЦ).

ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 73

Толкување на одредбите на овој Правилник и упатство за неговата примена дава Собранието.

Член 74

Правилникот за распределба на авторските надоместоци по неговото донесување согласно ЗАПСП и Статутот на СОКОМ-МАП, се објавува во „Службен весник на Република Македонија”.

Правилникот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето.

Претседател на Собранието

16 октомври 2016 година

на СОКОМ-МАП,

Скопје

Кокан Димушевски, с.р.

Додаток