Правилник за поблиските критериуми за избор на најповолен понудувач на земјоделско земјиште во државна сопственост кое може да се даде во закуп и определување на големината на површината на земјоделското земјиште кое може да се даде под закуп

Врз основа на член 27 став 3 од Законот за земјоделско земјиште („Службен весник на Република Македонија” бр. 135/07), министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство донесе

ПРАВИЛНИК
ЗА ПОБЛИСКИТЕ КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР НА НАЈПОВОЛЕН ПОНУДУДУВАЧ НА ЗЕМЈОДЕЛСКО ЗЕМЈИШТЕ ВО ДРЖАВНА СОПТВЕНОСТ КОЕ МОЖЕ ДА СЕ ДАДЕ ВО ЗАКУП И ОПРЕДЕЛУВАЊЕ НА ГОЛЕМИНАТА НА ПОВРШИНАТА НА ЗЕМЈОДЕЛСКОТО ЗЕМЈИШТЕ КОЕ МОЖЕ ДА СЕ ДАДЕ ПОД ЗАКУП

Член 1

Со овој правилник се пропишуваат поблиските критериуми за избор на најповолен понудувач на земјоделско земјиште во државна сопственост кое може да се даде во закуп и определување на големината на површината на земјоделското земјиште кое може да се даде под закуп.

Член 2

Изборот на најповолен понудувач при спроведена постапка за давање на земјоделско земјиште во државна сопственост во закуп се врши врз основа на највисока понудена годишна закупнина по хектар.

Во случај кога е понудена еднаква годишна закупнина по хектар, предност добива понудата на понудувачот која во бизнис планот содржи поголем број на планирани вработувања односно вработени во однос на бараната површина.

Член 3

По исклучок од член 2 на овој правилник кога предмет на давање во закуп е земјоделско земјиште во државна сопственост со максимална површина помала од 10 хектари, што може да ја добие еден понудувач по јавен оглас во однос на понудените катастарски парцели, се врши избор на најповолен понудувач врз основа на:
– одалеченоста на местото на живеење, односно седиштето на понудувачот во однос на земјоделското земјиште кое се нуди на огласот – 60 бодови.
– понудена годишна закупнина по хектар – 40 бодови.

Критериумот од став 1 алинеја 1 на овој член значи дека одалеченоста на местото на живеење, односно седиштето на понудувачот во однос на катастарската парцела што се објавува се наоѓаат во иста катастарска општина.

Критериумот од став 1 алинеа 2 од овој член се бодира согласно формулата – понудената годишна закупнина по хектар поделена со највисоката годишна закупнина по хектар,помножена со максималниот број на бодови кои можат да се добијат согласно овој критериум при што:
S=(Х/Хмаџ) џ 40
S – број на бодови
Х – понудената закупнина
Хмаџ – највисока понудена закупнина

Во случај на постапка согласно овој член, максималната површина на која може да аплицира еден понудувач не може да биде поголема од 10 хектари, ниту помала од големината на една катастарска парцела.

Член 4

Големината на површината на земјоделско земјиште во државна сопственост која може да се даде во закуп на еден учесник во спроведени постапки по пат на јавен оглас се утврдува врз основа на материјално-техничката опременост на понудувачот по еден  хектар во моментот на поднесувањето на пријавата и бројот на планирани вработувања односно вработени според бизнис планот.

Под материјално-техничката опременост во смисла на став 1 од овој член, се подразбира трактор како основно средство за обработка на земјоделско земјиште во сопственост на понудувачот заради што треба да достави соодветен доказ (сообраќајна дозвола, фактура, договор за купопродажба заверен на нотар, правосилна судска одлука или акт на друг надлежен орган).

Големината на површината на земјоделското земјиште во државна сопственост за која може да се поднесе пријава и која може да се даде под закуп на еден учесник, се утврдува врз основа на минимално материјално-техничката опременост на понудувачот и бројот на планирани вработувања односно вработени според бизнис планот и тоа:
– за површини до 15ха – најмалку 1 трактор од лесна категорија (до 80 KW) и најмалку еден планиран вработен во редовен работен однос;
– за површини до 30ха – најмалку 2 трактори од лесна категорија или најмалку 1 средна (од 80-120 KW) и најмалку 2 планирани вработени во редовен работен однос;
– за површини до 50ха – најмалку 4 трактори од лесна категорија или најмалку 2 средна или најмалку 1 тешка (над 120 KW) и најмалку 4 планирани вработени во редовен работен однос;
– за површини до 50ха бројот/капацитетот на механизацијата сразмерно да расте со  големината на површината која ќе се обработува и на секој 15 хектари планирано по еден вработен во редовен работен однос.

Член 5

Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

Бр. 08-274/1

Министер за земјоделство

9 јануари 2008 година

шумарство и водостопанство,

Скопје

Ацо Спасеноски , с.р.