Правилник за образецот на службената легитимација на инспекторот за авторско право и сродни права и за начинот на нејзиното издавање

МИНИСТЕРСТВО ЗА КУЛТУРА

Врз основа на член 170 а став 3 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на РМ“ бр. 47/96 и 3/98), министерот за култура донесе

ПРАВИЛНИК
ЗА ОБРАЗЕЦОТ НА СЛУЖБЕНАТА ЛЕГИТИМАЦИЈА НА ИНСПЕКТОРОТ ЗА АВТОРСКО ПРАВО И СРОДНИ ПРАВА И ЗА НАЧИНОТ НА НЕЈЗИНОТО ИЗДАВАЊЕ

Член 1

Co овој правилник се пропишува образецот на службената легитимација на инспекторот за авторско право и сродни права (во натамошниот текст: службена легитимација) и за начинот на нејзиното издавање.

Член 2

Службената легитимација се издава според образец бр. 1, кој е составен дел на овој правилник.

Член 3

Големината на службената легитимација е 7,5 x 11 cm.

Кориците на службената легитимација се изработени од природна кожа и имаат темносина боја. Во внатрешниот дел од службената легитимација има пластифицирана бела влошка на која, од двете страни, се внесени податоците.

На предната страна од корицата, во горниот дел, со златно жолта боја е отпечатен грбот на Република Македонија и под него е отпечатен текстот: „РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, МИНИСТЕРСТВО ЗА КУЛТУРА”, а во долниот дел е отпечатен текстот: СЛУЖБЕНА ЛЕГИТИМАЦИЈА”.

На предната страна од влошката, во горниот лев агол, се наоѓа место за фотографија на инспекторот, a во горниот десен агол е отпечатен грбот на Република Македонија, а под него текстот: „РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, МИНИСТЕРСТВО ЗА КУЛТУРА, СЛУЖБЕНА ЛЕГИТИМАЦИЈА”. На истата страна од влошката, во средниот дел, се впишуваат податоци за: името и презимето на инспекторот и за работното место на инспекторот. Во долниот лев агол, се впишува регистерскиот број на службената легитимација, а под него датумот на издавањето, а во долниот десен агол потпис на министерот за култура и место за печат (М.П.).

На задната страна од влошката е отпечатен текстот: „ОВЛАСТУВАЊА – Лицето, чие име, презиме и фотографија се наоѓаат на оваа службена легитимација е работник на Министерството за култура и согласно Законот за авторското право и сродните права, е овластено да врши инспекциски надзор. Ова лице има право да остварува увид во спроведувањето на законите и другите прописи за кое е овластено во вршењето на инспекцискиот надзор и да презема соодветни мерки утврдени со закон”.

Во внатрешната десна страна од кожната корица се втиснува во метален облик грбот на Република Македонија.

Член 4

Службената легитимација се издава за период од 4 години, за кој инспекторот е назначен.

Доколку инспекторот, по истекот на рокот од став 1 на овој член, повторно е назначен, службената легитимација и натаму е во важност, под ист реден број под кој е издадена.

Доколку инспекторот, по истекот на рокот од став 1 на овој член, повторно не биде назначен или пред истекот на рокот од став 1 на овој член, се распореди на други работи и работни задачи или му престане работниот однос, треба веднаш да ја врати службената легитимација.

Член 5

Инспекторот кој ќе ја загуби службената легитимација или на друг начин ќе остане без неа, го известува министерот за култура.

Во случајот од став 1 на овој член, на инспекторот му се издава нова службена легитимација.

Член 6

Службената легитимација се заменува со нова кога поради дотраеност или оштетување стане неупотреблива и кога има промена на личните податоци на имателот на службената легитимација.

Член 7

Службената легитимација што се враќа или заменува се поништува.

Поништувањето на службената легитимација го врши тричлена комисија, определена од министерот за култура, од редот на вработените во Министерството за култура.

Член 8

За секоја издадена, заменета или вратена службена легитимација, во Министерството за култура се води евиденција.

Редниот број од евиденцијата под кој е извршен упис на податоците се впишува во службената легитимација како регистарски број.

Член 9

Овој правилник влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Бр. 07-915/1

2 февруари 1998 година

Министер за култура,

Скопје

Слободан Унковски, с р.

Додаток