Правилник за начинот на користење на средствата од даночно поттикнување

АГЕНЦИЈА ЗА МЛАДИ И СПОРТ

Врз основа на член 14-д став (2) од Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” бр. 29/02, 66/04, 81/08, 18/11, 51/11, 64/12, 148/13, 187/13, 42/14, 138/14, 177/14, 72/15, 153/15, 6/16, 55/16, 61/16, 106/16 и 190/16), директорот на Агенцијата за млади и спорт донесе

ПРАВИЛНИК
ЗА НАЧИНОТ НА КОРИСТЕЊЕ НА СРЕДСТВАТА ОД ДАНОЧНО ПОТТИКНУВАЊЕ

Член 1

Со овој правилник се пропишува начинот на користење на средствата од даночно поттикнување по Законот за данокот на добивка од страна на националните спортски федерации, Македонскиот олимписки комитет, спортските клубови и активните спортисти кои се натпреваруваат во индивидуални спортови.

Член 2

Средствата од даночно поттикнување согласно Законот за данокот на добивка се користат врз основа на поднесено барање од страна на корисниците на средствата до Агенцијата за млади и спорт.

Кон барањето од став 1 на овој член се приложува:

а) За национална спортска федерација:
– записник од одржаното редовно годишно собрание;
– усвоена и објавена завршна сметка за годината што изминала и официјален годишен билтен за реализиран национален систем на натпревари во последните две натпреварувачки години;
– потпишан договор со трговското друштво за финансирање на програмите од јавен интерес;
– извештај за користење на средствата од договорот со трговското друштво за финансирање на програмите од јавен интерес и
– листа на клубови и активни спортисти кои се натпреваруваат во индивидуалните спортови;

б) За Македонскиот олимписки комитет:
– записник од одржаното редовно годишно собрание;
– усвоена и објавена завршна сметка за годината што изминала;
– потпишан договор со трговското друштво за финансирање на програмите од јавен интерес;
– извештај за користење на средствата од договорот со трговското друштво за финансирање на програмите од јавен интерес;

в) За спортски клуб:
– записник од одржаното редовно годишно собрание;
– усвоена и објавена завршна сметка за годината што изминала;
– листа на регистрирани членови на спортскиот клуб и официјален годишен билтен за учество во национален систем на натпревари во последните две натпреварувачки години;
– потпишан договор со трговското друштво за финансирање на програмите од јавен интерес и
– извештај за користење на средства од договорот со трговското друштво за финансирање на програмите од јавен интерес;

г) За активен спортист во индивидуалните спортови:
– доказ за остварен врвен спортски резултат;
– доказ за исполнета норма за учество на меѓународен натпревар;
– доказ за освоена титула или национален рекорд и дека не бил суспендиран од односната национална или меѓународна федерација во последната година;
– потпишан договор со трговското друштво за финансирање и извештај за користење на средства од договорот со трговското друштво за финансирање и
– посебната наменска сметка на матичниот спортски клуб или националната спортска федерација за која се определува да ја користи во користењето на средствата од даночно поттикнување по Законот за данокот на добивка.

Член 3

Овој правилник по неговото влегување во сила ќе отпочне да се применува од 1 јануари 2017 година.

Член 4

Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се објави по добивањето на согласност од Владата на Република Македонија.

Бр. 08-2005/1

Директор на Агенцијата

1 декември 2016 година

за млади и спорт,

Скопје

м-р Марјан Спасески, с.р.