Правилник за дополнување на правилникот за поблиските критериуми за избор на најповолен понудувач на земјоделско земјиште во државна сопственост кое може да се даде во закуп и определување на големината на површината на земјоделското земјиште кое може да се даде под закуп

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗЕМЈОДЕЛСТВО, ШУМАРСТВО И ВОДОСТОПАНСТВО

Врз основа на член 27 став 3 од Законот за земјоделското земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр. 135/07, 18/11, 148/11, 95/12, 79/13, 87/13 и 106/13), министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, донесе

ПРАВИЛНИК
ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА ПРАВИЛНИКОТ ЗА ПОБЛИСКИТЕ КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР НА НАЈПОВОЛЕН ПОНУДУВАЧ НА ЗЕМЈОДЕЛСКО ЗЕМЈИШТЕ ВО ДРЖАВНА СОПСТВЕНОСТ КОЕ МОЖЕ ДА СЕ ДАДЕ ВО ЗАКУП И ОПРЕДЕЛУВАЊЕ НА ГОЛЕМИНАТА НА ПОВРШИНАТА НА ЗЕМЈОДЕЛСКОТО ЗЕМЈИШТЕ КОЕ МОЖЕ ДА СЕ ДАДЕ ВО ЗАКУП

Член 1

Во Правилникот за поблиските критериуми за избор на најповолен понудувач на земјоделско земјиште во државна сопственост кое може да се даде во закуп и определување на големината на површината на земјоделското земјиште кое може да се даде под закуп (“Службен весник на Република Македонија” бр. 12/08, 26/12 и 2/13), во членот 4 став 2 по заградата се додаваат зборовите: “,односно бројот на грла добитокот во сопственост на понудувачот во постапка по јавен оглас за што треба да достави потврда издадена од овластено ветеринарно друштво.“

По ставот 4 се додаваат два нови става 5 и 6, кои гласат:
“Големината на површината на земјоделско земјиште во државна сопственост која може да се даде во закуп на еден учесник во постапка по пат на јавен оглас за одгледување на земјоделски култури за производство на сточна храна (житни, фуражни и индустриски култури) се утврдува врз основа на бројот на грла добиток (говеда, копитари, овци, кози, свињи и живина) со кои располага понудувачот и тоа:
– за едно говедо или еден копитар, односно 10 овци или кози, односно 4 свињи, односно 100 кокошки, мисирки, гуски, патки или бисерки, се доделува површина од 0,7 хектари;
– големината на површината која може да се даде под закуп сразмерно да расте со бројот на грла добитокот во сопственост на понудувачот.

Минималната површина на земјоделско земјиште во државна сопственост која може да се даде во закуп на еден учесник согласно став 5 од овој член изнесува 3,5 хектари доколку понудувачот достави потврда за располагање со најмалку 5 грла говеда или копитари, односно 50 овци или кози, односно 20 свињи односно 500 кокошки, мисирки, гуски, патки или бисерки.“

Член 2

Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

Бр. 22-15965/5

Министер за земјоделство,

8 ноември 2013 година

шумарство и водостопанство,

Скопје

Љупчо Димовски , с.р.