Правилник за висината на трошоците за категоризација на автокампови

Врз основа на член 39 став 2 од Законот за автокампови („Службен весник на Република Македонија“ бр. 13/13), министерот за економија, донесе

ПРАВИЛНИК ЗА ВИСИНАТА НА ТРОШОЦИТЕ ЗА КАТЕГОРИЗАЦИЈА НА АВТОКАМПОВИ

Член 1

Со овој правилник се пропишува висината на трошоците за категоризација на автокампови.

Член 2

За категоризација на автокампови се наплатуваат трошоци по однос на:
– користење на службено патничко моторно возило и
– работа на членовите на Комисијата за вршење на увид на лице место.

Член 3

Трошоците од членот 2 алинеа 1 од овој правилник подносителот на барањето за категоризација ги уплатува на сметка на Буџетот на Република Македонија и тоа:
– доколку се користи службено патничко моторно возило за категоризација на автокамп кој се наоѓа во Градот Скопје и населените места во околината на градот, трошоците изнесуваат 500 денари;
– доколку патничкото возило се користи за категоризација на автокамп во градовите и населените места кои се оддалечени од градот Скопје до 100 км трошоците изнесуваат 1000 денари и
– доколку патничкото возило се користи за категоризација на автокамп, во градовите и населените места кои се оддалечени од градот Скопје над 100 км, трошоците изнесуваат 2000 денари.

Член 4

Трошоците од членот 2 алинеја 2 на овој правилник, се пресметуваат во висина од 150 денари за секој започнат час, за секој член на Комисијата. Бројот на часовите за вршење на увидот се утврдува записнички од страна на Комисијата и на овластеното лице – претставник на автокампот, за ефективно поминатото време.

Член 5

Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Бр. 13-4302/3

10 септември 2014 година

Министер за економија,

Скопје

Беким Незири, с.р.