Правилник за бројот на учениците со посебни образовни потреби во паралелка и начинот и условите за запишувањето на учениците со посебни образовни потреби во основните училишта

МИНИСТЕРСТВО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА

Врз основа на член 41 став (10) и член 51 став (4) од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ број 103/08, 33/10, 116/10, 156/10, 18/11, 51/11, 6/12, 100/12, 24/13, 41/14, 116/14, 135/14, 10/15, 98/15, 145/15, 30/16, 127/16 и 67/17), министерот за образование и наука, донесе

ПРАВИЛНИК
ЗА БРОЈОТ НА УЧЕНИЦИТЕ СО ПОСЕБНИ ОБРАЗОВНИ ПОТРЕБИ ВО ПАРАЛЕЛКА И НАЧИНОТ И УСЛОВИТЕ ЗА ЗАПИШУВАЊЕТО НА УЧЕНИЦИТЕ СО ПОСЕБНИ ОБРАЗОВНИ ПОТРЕБИ ВО ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА

Член 1

Со овој правилник се утврдуваат бројот на учениците со посебни образовни потреби во паралелка и начинот и условите за запишувањето на учениците со посебни образовни потреби во основните училишта.

Член 2

Ученици со посебни образовни потреби, во смисла на овој правилник, се:
– ученици со оштетен вид;
– ученици со оштетен слух;
– ученици со пречки во гласот, говорот и јазикот;
– ученици со пречки во телесниот развој;
– ученици со пречки во менталниот развој;
– ученици со аутизам и аутистичен спектар на нарушување и
– ученици со комбинирани посебни образовни потреби.

Член 3

Бројот на ученици со посебни образовни потреби во посебна паралелка, односно наставна група изнесува:
– за ученици со оштетен вид до шест, а за комбинирана паралелка до четири ученика;
– за ученици со оштетен слух до шест, а за комбинирана паралелка до четири ученика;
– за ученици со пречки во гласот, говорот и јазикот до осум ученика;
– за ученици со телесна инвалидност до осум, a за комбинирана паралелка до шест ученика;
– за ученици со лесна попреченост во менталниот развој до осум, а за комбинирана паралелка, до шест ученика;
– за ученици со умерена, тешка и длабока ментална попреченост до четири ученика;
– за ученици со аутизам и аутистичен спектар на нарушување до пет ученика и
– за ученици со комбинирани посебни образовни потреби до пет ученика.

Член 4

Во паралелка во редовно основно училиште може да се вклучат најмногу до два ученика со посебни образовни потреби.

За еден ученик со посебни образовни потреби кој се вклучува во паралелката, бројот на останатите ученици во паралелката се намалува за три ученика.

Ако во училиштето има повеќе ученици со посебни образовни потреби кои не можат да се распоредат согласно став 1 на овој член, училиштето рамномерно ги распределува учениците во сите паралелки во исто одделение од основното училиште.

Член 5

За детето кое се запишува како ученик со посебни образовни потреби се доставува наод и мислење за оцена на видот и степенот на пореченост и посебните потреби.

Член 6

По препорака на комисијата за запишување на учениците во прво одделение, учениците со посебни образовни потреби се упатуваат кај инклузивниот тим на училиштето.

Инклузивниот тим во разговор со родителите и со детето прибира информации за развојот на детето, неговата здравствена состојба, како и за неговите посебни потреби.

Член 7

Со денот на влегувањето во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот за критериумите и начинот на остварување на основното образование на учениците со пречки во развојот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/96).

Член 8

Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Бр. 20-11836/1

 Министер за образование

22 септември 2017 година

и наука,

Скопје

Рената Дескоска, с.р.