Одлука за утврдување распоред на работното време во Владата на Република Северна Македонија, министерствата и другите органи на државната управа

ВЛАДА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Врз основа на член 36 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 30 јули 2019 година, донесе

ОДЛУКА
ЗА УТВРДУВАЊЕ РАСПОРЕД НА РАБОТНОТО ВРЕМЕ ВО ВЛАДАТА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, МИНИСТЕРСТВАТА И ДРУГИТЕ ОРГАНИ НА ДРЖАВНАТА УПРАВА

Член 1

Распоред на работното време во Владата на Република Северна Македонија, министерствата и другите органи на државната управа се утврдува со почеток на работното време помеѓу 07:30 и 08:30 часот и завршеток на истото помеѓу 15:30 и 16:30 часот , а со вкупно времетраење на работниот ден од осум часа.

По исклучок, oд став 1 на овој член, во Управата за јавни приходи, Управата за водење на матични книги, Министерството за внатрешни работи – подрачните единици на Одделот за граѓански работи во Сектор за управно надзорни работи и Министерство за одбрана – одделенијата за одбрана за региони во состав на Секторот за цивилно воена соработка со регионални центри за одбрана, работното време ќе се одвива двосменски од 07:30 до 15:30 часот и од 11:30 до 19:30 часот.

Распоредот на работното време во Државниот пазарен инспекторат, Инспекторатот за земјоделство, Државниот управен инспекторат, Државниот инспекторат за техничка инспекција, Државниот просветен инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за локална самоуправа, Државниот девизен инспекторат, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Државниот инспекторат за транспорт и Државниот комунален инспекторат се одвива согласно распоредот утврден во ставот 2 на овој член, а по потреба и на барање на претпоставените во органот работните обврски и задачи ќе се извршуваат за време на викендите и државните празници .

Член 2

Паузата во текот на дневното работно време во Владата на Република Северна Македонија, министерствата и другите органи на државната управа од член 1 од оваа одлука, ќе се користи од 12:00 до 12:30 часот, во вкупно времетраење од 30 минути, а во втората смена паузата ќе се користи од 15:00 до 15:30 часот.

Член 3

Со денот на отпочнувањето на примената на оваа одлука престанува да важи Одлуката за утврдување распоред на работното време во Владата на Република Македонија, министерствата и другите органи на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 86/17).

Член 4

Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе отпочне да се применува од 1 септември 2019 година.

Бр. 45- 5939/1

Претседател на Владата

30 јули 2019 година

на Република Северна Македонија,

Скопје

Зоран Заев, с.р.