Одлука за образување на Национална комисија за мало и лесно оружје

ВЛАДА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Врз основа на член 36 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), а во врска со точка 4 од Националната стратегија за контрола на мало и лесно оружје (МЛО) и Акционен план 2017-2021 (Ревидирана Верзија), Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 20 август 2019 година, донесе

ОДЛУКА
ЗА ОБРАЗУВАЊЕ НА НАЦИОНАЛНА КОМИСИЈА ЗА МАЛО И ЛЕСНО ОРУЖЈЕ

Член 1

За планирање, следење и анализирање на состојбата со контролата на малото и лесно оружје, како и координирање на активностите на надлежните институции во Република Северна Македонија, кои работат на решавањето на проблемите во врска со превенцијата, искоренувањето на пролиферација на нелегално оружје и контрола на легално оружје, а со цел создавање на поефикасна контрола врз малото и лесно оружје, се образува Национална комисија за мало и лесно оружје (во натамошниот текст: Националната комисија).

Член 2

Националната комисија се состои од претседател, национално контакт лице, членови и секретар, именувани од Владата на Република Северна Македонија.

Претседателот, националното контакт лице, членовите и секретарот од став 1 на овој член, се именуваат по предлог од: Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за одбрана, Министерството за надворешни работи, Министерството за економија, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за финансии – Царинската управа.

Член 3

Лицата од член 2 од оваа одлука се именуваат за време од четири години и можат да бидат повторно именувани.

Член 4

Во извршување на работите од член 1 од оваа одлука, Националната комисија соработува со меѓународни организации и здруженија кои се вклучени во решавањето на проблемите со контролата на малото и лесно оружје.

Член 5

Националната комисија доставува до Владата на Република Северна Македонија извештај за својата работа најмалку еднаш годишно.

Член 6

Со денот на влегувањето во сила на оваа одлука престанува да важи Одлуката за образување на Национална комисија за мало и лесно оружје („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/07).

Член 7

Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 45-6112/1

Заменик на претседателот

20 август 2019 година

на Владата на Република

Скопје

Северна Македонија,

Оливер Спасовски, с.р.