Кодекс за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата

ВЛАДА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Заради обезбедување на законито, чесно, транспарентно и одговорно работење на членовите на Владата на Република Северна Македонија, замениците на министрите и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата, Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 20 август 2019 година, утврди

КОДЕКС
ЗА ЕТИЧКО ОДНЕСУВАЊЕ ЗА ЧЛЕНОВИТЕ НА ВЛАДАТА И НОСИТЕЛИТЕ НА ЈАВНИ ФУНКЦИИ ИМЕНУВАНИ ОД СТРАНА НА ВЛАДАТА

I ДЕЛ

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој кодекс се уредува начинот на однесување и работење на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, неговите заменици, министрите, замениците на министрите и другите носители на извршни функции именувани од Владата на Република Северна Македонија, (во натамошниот текст: носители на извршни функции), заради обезбедување на почитување на уставноста, законитоста, професионалниот интегритет, ефикасноста, лојалноста, одговорноста, транспарентноста и заштитата на човековите слободи и права, при вршење на нивните функции односно должности во рамките на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани согласно Уставот на Република Северна Македонија, со цел за јакнење на интегритетот на институциите и на довербата на граѓаните во нивната работа.

II ДЕЛ

ОСНОВНИ ПРИНЦИПИ

Член 2

Основни принципи во вршењето на функцијата односно должноста, согласно овој кодекс се:
– остварување на јавниот интерес, согласно со Уставот и со законите,
– стручност, совесност, чесност и одговорност во вршењето на функцијата, во интерес на граѓаните на Република Северна Македонија и другите субјекти при остварувањето на нивните права, должности и интереси,
– посветеност на функцијата како основна и единствена должност,
– обезбедување еднаков третман на граѓаните и правните лица во остварување на нивните права и интереси и непристрасност при носење на одлуките,
– избегнување секаков судир помеѓу општиот и приватниот интерес,
– избегнување на ситуации и однесувања што можат да наштетат на интересот или угледот на Владата на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Владата), на органите на државната управа и на институции основани од Владата,
– избегнување на користење и употребување на статус или влијание за задоволување на сопствени материјални и лични интереси, интереси на членовите на нивните семејства и интересите на политичката партија од која потекнуваат,
– избегнување секаков вид на етички некоректно однесување, настап или говор, што покрај другото, вклучува барање или примање на лични подароци или услуги на граѓани или правни лица што имаат потреба да добијат или задржат стекнато право, услуга или помош,
– воспоставување односи на заемна доверба и соработка со граѓаните и правните лица, покажувајќи разбирање, пристојност и волја да се помогне, а не да се попречи остварувањето на нивните права и интереси,
– почитување на принципот на правичност при применување на дискреционите права.

III ДЕЛ

ПРИНЦИПИ ЗА ВРШЕЊЕ НА ФУНКЦИИ И ДОЛЖНОСТИ

Член 3

Носителите на извршни функции, покрај основните принципи од член 2 на овој кодекс, при вршењето на нивните функции и должности, се придржуваат на следните принципи:

1. Владеење на правото – јавните овластувања и должности да ги вршат во согласност со Уставот, законите, други прописи донесени врз основа на закон и меѓународните договори ратификувани согласно Уставот на Република Северна Македонија;

2. Непристрасност – во својата работа да се грижат за еднаква, непристрасна и објективна примена на Уставот и законите кон сите;

3. Јавен интерес и општо добро – да работат исклучиво и посветено на јавниот интерес и општото добро на Република Северна Македонија и нејзините граѓани;

4. Отчетност и транспарентност – овозможување надзор и пристап до податоци и информации од јавен карактер согласно закон; редовно да даваат отчет за својата работа и однесување пред јавноста, Владата и Собранието на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Собранието); навремено, целосно и самоиницијативно јавно да даваат информации и податоци од својата работа на јасен и разбирлив начин, во писмена и електронска форма, на веб страницата на институцијата со која раководат или во чие раководење учествуваат и да не ускратуваат информации и податоци од јавноста, освен ако не е забрането со закон; преземање мерки за информирање на јавноста за доказите врз кои се засноваат причините, начинот и целите за донесените одлуки, спроведените политики и начинот на кои институциите им овозможуваат услуги на граѓаните;

5. Ефикасност, економичност и ефективност – рационално и навремено ги спроведуваат своите функции, должности и овластувања и разумно ги користат државните ресурси заради постигнување на целта на функцијата односно должноста која ја вршат и од нивното користење, корисниците имаат мерливи резултати и одржлива корист во однос на вложените средства и труд;

6. Правичност, партиципативност и вклученост – имаат еднаков пристап кон сите поединци и групи во општеството, без оглед на нивната родова, етничка, расна, верска и партиска припадност, социо-економски статус или сексуална ориентација и ги применуваат сите легитимни форми на учество и ги вклучуваат сите засегнати страни во процесот на развивање, спроведување и оценување на јавните политики;

7. Респонзивност – одговараат неселективно, навремено и аргументирано на прашања и коментари на јавноста и засегнатите страни;

8. Ориентираност кон консезуалност – при развивањето на владините политики се посветени кон усогласување на различните интереси во општеството заради постигнување широк консензус за одлуки кои ќе бидат од интерес за сите граѓани и целокупното општество и придонесуваат за одржливост на решенијата за владините политики;

9. Лична одговорност за работата на институцијата – лично се одговорни за институциите со кои раководат, соодветната примена на нивното овластување и должност, за своите одлуки и постапки во текот на мандатот, како и спроведувањето на овој кодекс.

IV ДЕЛ

ОДГОВОРНОСТ НА ЧЛЕНОВИТЕ НА ВЛАДАТА И НА ЗАМЕНИЦИТЕ НА МИНИСТРИТЕ

Член 4

Претседателот на Владата, неговите заменици, министрите (во натамошниот текст: членовите на Владата) и замениците на министрите се лојални на Владата и на претседателот на Владата на чиј предлог се именувани и се однесуваат и изразуваат на начин кој доликува на функцијата која ја вршат.

Членовите на Владата и замениците на министрите имаат колективна и лична одговорност.

Членовите на Владата и замениците на министрите се колективно одговорни за:
– донесување на владините одлуки и за спроведување на владините политики и работат заедно со другите членови на Владата со цел да постигнат кохерентност и усогласеност при одлучувањето за нивното донесување,
– слободно и отворено ги изразуваат своите ставови во врска со предложените политики, но по донесувањето на владините одлуки и политики, солидарно ги поддржуваат истите,
– во своите изјави и коментари, не ги доведуваат во прашање одлуките, политиките, угледот и достоинството на Владата.

Членовите на Владата и замениците на министрите се лично одговорни за извршувањето на своите должности и надлежности во рамките на нивниот ресор, односно министерство, институциите над кои вршат надзор, како и за своето однесување во согласност со Уставот, законите и овој кодекс, и тоа пред претседателот на Владата и пред Собранието.

Членовите на Владата и замениците на министрите се присутни на седниците во Собранието при разгледување на закони и други акти и материјали од нивна надлежност и на седниците за поставување на пратенички прашања и да одговараат на прашањата во врска со остварувањето на нивните надлежности, вклучувајќи и на прашања за начинот и целта за која се трошат средствата од Буџетот на Република Северна Македонија.

V ДЕЛ

ОДБЕГНУВАЊЕ НА СУДИР НА ЈАВНИОТ И ПРИВАТНИTE ИНТЕРЕСИ

Член 5

Носителите на извршни функции, во извршувањето на нивните овластувања и должности, при извршувањето на должностите, избегнуваат било каков судир помеѓу јавниот и приватниот интерес, како и било каков сомнеж за постоење на судир на интереси. Во своето постапување и однесување тие се водат од јавниот интерес во согласност со Уставот, законите и начелата на еднаквост, ефикасност, самостојност, јавност, непристрасност, чесност и професионалност и ќе постапуваат совесно, стручно, без дискриминација или повластување на кој било и без никаков приватен интерес.

Носителите на извршни функции, во извршувањето на овластувањата и должностите особено водат сметка за почитување на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и Законот за заштита на укажувачите и обезбедуваат механизми за нивното почитување од страна на сите вработени во институцијата со која раководат.

Носителите на извршни функции, функцијата ја извршуваат како основна и единствена должност, односно не смеат да вршат друга дејност која може да влијае врз непристрасно вршење на нивните овластувања и должности и доследно да се придржуваат на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите за:
– забрана за вршење на други дејности,
– ограничувања за вршење на дејност за време на вршење на функцијата,
– ограничување на вршење надзор,
– ограничување за вршење дејност по престанокот на функцијата,
– забрана за членство во управни и надзорни органи,
– забрана за злоупотреба на службени податоци,
– ограничувања во соработката со правни лица,
– забрана за користење на заеми и други видови поддршка од државата,
– располагање со државен имот,
– економично користење на државни средства,
– забрана за стекнување акционерски права,
– забрана на влијание за вработување блиски роднини и
– забрана за влијание врз постапките за јавни набавки.

Носителите на извршни функции постојано се достапни и ангажирани за целите на работата и надвор од работното време поради што, може да ги користат електронските уреди, телефонските или интернет врските кои им се доделени за службени цели.

VI ДЕЛ

ОДДЕЛУВАЊЕ НА ДРЖАВНИТЕ ОД ПАРТИСКИТЕ ИНТЕРЕСИ – УЧЕСТВО ВО ПАРТИСКИ АКТИВНОСТИ ЗА ВРЕМЕ НА МАНДАТОТ

Член 6

Носителите на извршни функции, при учеството во партиски активности како членови и носители на функции во политички партии, кандидирање или застапување на партии и кандидати за локални, парламентарни или претседателски избори, не смеат да ја загрозат професионалноста и достапноста на вршење на функцијата односно должноста и секогаш приоритет ќе има јавната функција, односно должност.

Носителите на извршни функции, надвор од работното време на институцијата со која раководат, можат да учествуваат во партиски активности како членови на политички партии, да бидат кандидати или да застапуваат партии и кандидати за локални, парламентарни и претседателски избори, но не смеат да ја загрозат нивната професионалност и достапноста на функцијата, односно должноста која ја извршуваат, а притоа секогаш приоритет ќе има функцијата, односно должноста која ја извршуваат.

Учество на носителите на извршни функции во партиски активности исклучува вршење на функции како што е генерален, организациски секретар на партија или раководител на изборна кампања на национално, локално или на ниво на изборна единица.

Носителите на извршни функции кои имаат намера да учествуваат во избори ќе го известат претседателот на Владата на Република Северна Македонија за оваа своја намера.

VII ДЕЛ

ОДНОСИ СО ЛОБИСТИ

Член 7

Носителите на извршни функции, при контактите со лобисти и лоби организации доследно го почитуваат Законот за лобирање.

Носителите на извршни функции, при контактите со лобисти и лоби организации кога се цел на лобирање:
– внимаваат да не се стават во состојба на судир на интереси,
– ги имаат предвид целите на лобирањето кое го врши лобистот, односно лоби организацијата која го контактира,
– во ситуација на судир на интереси при лобирање го прекинуваат контактот и одбиваат било каков понатамошен контакт со лобистот односно лоби организацијата и претставник на лоби организацијата,
– изготвуваат записник, кој содржи информација за предметот на дискусија и идентитетот на лицата кои биле присутни,
– објавуваат копија од записникот на веб страната на институцијата со која раководат,
– објавуваат информации за средби со лобисти и информации за остварен контакт со трети страни, односно други засегнати страни.

VIII ДЕЛ

ОДНОС КОН ВРАБОТЕНИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР

Член 8

Носителите на извршни функции ја почитуваат професионалноста и непристрасноста на вработените во јавниот сектор, при што под ниту еден услов нема да ги доведат во ситуација на однесување спротивно на одредбите на Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за административни службеници, другите закони, колективните договори, Кодексот за административните службеници и на кодексите на институциите во кои работат.

Носителите на извршни функции со своето однесување кон вработените во институцијата со која раководат, односно во чие раководење учествуваат, се однесуваат со должно почитување на нивната личност и нема да влијаат врз нив на начин кој е спротивен на законот.

Носителите на извршни функции, при вработувањето, унапредувањето и престанокот на вработувањето во институцијата со која раководат, се раководат од критериумите на стручност и компетентност и примена на начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците и професионалните способности на кандидатите и на вработените во институцијата со која раководат и водат грижа за родовата перспектива.

Носителите на извршни функции ги имаат предвид аргументите и стручните совети на вработените при изготвувањето и донесувањето на одлуките и спроведувањето на владините политики.

Носителите на извршни функции нема да вршат влијание врз вработените во јавниот сектор да се зачленат во било какво здружение, организација или партија, ниту пак ќе ги уценуваат со напредок во кариерата и не може да бараат, ниту да очекуваат присуство или учество на вработен во активности на политичка партија.

IX ДЕЛ

ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА ПОЛИТИКИ

Член 9

Носителите на извршни функции не можат да настапуваат само од свое лично име, а дадените изјави, гостувања, интервјуа, објави на социјалните мрежи треба да бидат конзистентни со владината политика и утврдената програма за работа на Владата и не можат да содржат владини одлуки и ставови кои не се јавно објавени.

Доколку од носителите на извршни функции се побараат коментари и изјави за работи од надлежност на друг орган и за коj одговорност има друг носител на извршна функција, тие се консултираат со носителот на извршната функција во чија надлежност е прашањето.

Носителите на извршни функции пред да дадат изјава која се однесува на стратешките цели на Владата, се консултираат со претседателот на Владата.

Носителите на извршни функции се непристрасни и неутрални кон сите учесници во медиумската сфера и ја почитуваат неприкосновената слобода на медиумите.

Официјалните профили на социјалните медиуми на институциите се примарен извор за комуникација на владините политики, програми, најави и иницијативи, истите можат да бидат преземени од страна на официјалните профили на социјалните медиуми на носителите на извршни функции. Официјалните профили не содржат партиски симболи или обележја.

Носителите на извршни функции ги одделуваат своите дигитални идентитети како избрани и именувани функционери од личните или партиски профили, заради избегнување опасност од несоодветно користење и подривање на довербата на граѓаните, а содржината на објавите на официјалните профили на социјалните медиуми ќе се однесува единствено на присуство на настани и изјави дадени во официјално својство на носител на извршна функција.

Носителите на извршни функции не може да употребуваат државни ресурси, симболи и обележја на Владата на своите приватни или партиски профили.

X ДЕЛ

ПРИМАЊЕ НА ПОДАРОЦИ

Член 10

Носителите на извршни функции при вршењето на функциите и должностите не можат да примаат подароци, освен во случаите, во износ и на начин утврдени со Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост и Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Носителите на извршни функции не смеат да бараат, примаат односно да дозволат друго лице во нивно име или нивна корист да дава или прима подарок, услуга или било каква друга вредност, помош или друга корист во врска со вршењето на функцијата, односно должноста, а која би можела да има влијание или на било кој начин да го компромитира нивното расудување или да ги стави во несоодветна подреденост и обврска.

Носителите на извршни функции не смеат да прифаќаат ордени, декорации, награди или почести од странски држави за време на извршувањето на својата функција односно при извршувањето на нивната должност, а во случај на вакви почести, тие се консултираат со Министерството за надворешни работи во врска со примањето на почестите за секој поединечен случај.

XI ДЕЛ

КОРИСТЕЊЕ НА МАТЕРИЈАЛНИ РЕСУРСИ – ИНТЕГРИТЕТ НА ФУНКЦИОНЕРИТЕ ВО ТРОШОЦИТЕ, НАДОМЕСТОЦИТЕ

Член 11

Носителите на извршни функции обезбедуваат максимално ефективно и економично управување и користење на материјалните средства, опремата и другите предмети што им се доверени и го спречуваат нивното незаконито располагање, се грижат за преземање на соодветни мерки за осигурување на безбедноста на доверените предмети, како и за отстранување на можностите за предизвикување на материјална штета во органот со кој раководат.

Носителите на извршни функции, владините и другите државни простории, инвентарот, финансиските и техничките средства што им се ставени на располагање во врска со вршењето на функцијата, ги користат совесно и одговорно и исклучиво за вршење на функцијата.

Носителите на извршни функции на секои шест месеци до министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, доставуваат извештаи за службените трошоци направени при извршувањето на нивните јавни овластувања и должности, освен во ситуации кога јавното објавување на овие информации може да претставува безбедносен ризик. За полесно следење и отчетност пред граѓаните, сите извештаи се јавно достапни преку софтверско решение за прикажување и визуелизација на службените трошоци на официјалната веб страница на Владата.

XII ДЕЛ

ПАТУВАЊА

Член 12

Носителите на извршни функции при патувањата организирани за приватни или партиски цели не смеат да се покриваат со државни средства, ниту пак да се користат привилегиите кои произлегуваат од овластувањата и должностите (дипломатска патна исправа, обезбедување и службен возач/возило) за приватни или партиски цели, освен кога истиот не подлежи на специјални мерки на безбедност.

Носителите на извршни функции при службени патувања за професионални обврски во странство се водат од начелото на ефикасност и економичност и обезбедуваат економски најприфатливи аранжмани.

Носителите на извршни функции се лично одговорни за големината и составот на официјалните делегации за патување во странство и истите треба да бидат што е можно помали, обезбедувајќи ги притоа потребните предуслови за соодветно исполнување на целите на патувањето.

Во околности кога носителот на извршна функција на своето службено патување во странство е придружуван од својот брачен другар или партнер/ка, тој/таа патува исклучиво на приватен трошок. Ова не го вклучува брачниот другар или партнер/ка на претседателот на Владата кога патува како дел од официјална делегација.

Носителите на јавни функции не може да прифаќаат патување и сместување кои не се платени од средства за таа намена, освен кога тоа е од дипломатски или протоколарен карактер.

XIII ДЕЛ

СПРОВЕДУВАЊЕ НА КОДЕКСОТ И ОДГОВОРНОСТ ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ НА ОДРЕДБИТЕ ОД КОДЕКСОТ

Член 13

Носители на извршни функции ќе потпишат писмена изјава со која потврдуваат дека ќе се придржуваат до овој кодекс при извршувањето на нивните овластувања односно должности.

Претседателот на Владата го назначува министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност одговорен за воспоставување и следење на придржувањето на овој кодекс од страна на носителите на извршните функции.

На барање на претседателот на Владата, неговите заменици, министрите, замениците на министрите и другите именувани функционери од Владата, по сопствена иницијатива или по допрен глас, министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност ќе ги советува за било какво етичко прашање поврзано со овој кодекс и ќе даде генерални препораки за понатамошно постапување. Сите носители на извршни функции кои подлежат на одредбите на овој кодекс, соработуваат со министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност и му ги прават достапни сите релевантни информации кои тој ќе ги побара, освен оние кои имаат карактер на класифицирани информации.

Носители на извршни функции навремено го информираат претседателот на Владата и министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во случај на постоење сомнеж кој се однесува на примената на овој кодекс при извршување на функцијата односно должноста.

Во случај на непочитување на одредбите од овој кодекс, врз основа на мислењето на министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, претседателот на Владата може да одлучи да примени некоја од следниве мерки:
– изразување на несогласување односно официјална критика за однесувањето на лицето кое не го почитувало овој кодекс при што истата може и јавно да се објави,
– политичка одговорност, односно барање за поднесување на оставка на носителот на извршна функција и/или
– покренување на иницијатива за информирање на надлежни институции, најдоцна во рок од шест месеци од денот на дознавањето за непочитувањето на овој кодекс, закон, особено Законот за спречување на корупција и судир на интереси, Законот за заштита на укажувачи и Законот за лобирање.

XIV ДЕЛ

ПРИМЕНА НА ОДРЕДБИТЕ НА КОДЕКСОТ НА СОВЕТНИЦИТЕ

Член 14

Овој кодекс соодветно ќе се применува и на советниците кои ги именува претседателот на Владата на Република Северна Македонија и на посебните советници ангажирани од министрите кои при потпишување на договорот за нивно ангажирање ја потпишале Изјавата за прифаќање на овој кодекс.

XV ДЕЛ

ЗАВРШНИ И ПРЕОДНИ ОДРЕДБИ

Член 15

Со денот на објавувањето на овој кодекс, престанува да се применува Етичкиот кодекс на членовите на Владата на Република Македонија и носителите на јавни функции именувани од Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 60/10).

Член 16

Овој кодекс се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 45-5568/1

Претседател на Владата

20 август 2019 година

на Република Северна Македонија,

Скопје

Зоран Заев, с.р.