Календар за организација и работа на основните училишта во учебната 2019/2020 година

МИНИСТЕРСТВО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА

Врз основа на член 40 став (3) од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 103/08, 33/10, 116/10, 156/10, 18/11, 51/11, 6/12, 100/12, 24/13, 41/14, 116/14, 135/14, 10/15, 98/15, 145/15, 30/16, 127/16, 67/17 и 64/18), министерот за образование и наука донесе

КАЛЕНДАР
ЗА ОРГАНИЗАЦИЈА И РАБОТА НА ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА ВО УЧЕБНАТА 2019/2020 ГОДИНА

Член 1

Со овој календар се утврдува организирањето на учебната година во основните училишта согласно програмските целини во наставната година: полугодие, други форми на воспитно образовна дејност и ученички одмор за учебната 2019/2020 година.

Член 2

Учебната година во основните училишта почнува на 1 септември 2019 година, а завршува на 31 август 2020 година.

Наставната година започнува на 2 септември 2019 година и завршува на 10 јуни 2020 година.

Член 3

Наставната година ја сочинуваат две полугодија – I и II полугодие.

Првото полугодие започнува на 2 септември 2019 година и завршува на 31 декември 2019 година.

Второто полугодие започнува на 21 јануари 2020 година и завршува на 10 јуни 2020 година.

Член 4

Во текот на учебната година учениците користат зимски и летен одмор.

Зимскиот одмор започнува на 1 јануари 2020 година и завршува на 20 јануари 2020 година.

За време на зимскиот одмор вработените во училиштето од 01 јануари до 10 јануари 2020 година користат платени неработни денови.

Летниот одмор започнува на 11 јуни 2020 година и завршува на 31 август 2020 година.

Член 5

Основните училишта во времето од 12 јуни до 23 јуни 2020 година организираат дополнителна настава, поправни испити и одделенски испити, а од 17 август до 21 август 2020 година организираат подготвителна настава, консултации и други форми на помош за учениците кои треба да полагаат поправни испити и одделенски испити и ги спроведуваат истите.

Член 6

Воспитно-образовната работа за учениците се организира во текот на целата работнa недела.

Член 7

Во текот на наставната година во основните училишта се остваруваат 180 наставни денови.

Член 8

На денот на училиштето се организираат културни, спортски и други манифестации.

Традиционалниот ден на просветата за припадниците на заедниците кои следат настава на јазик различен од македонскиот јазик се одбележува со организирање на културни и други манифестации.

Член 9

Работните денови кога се изведуваат ученичките екскурзии, денот на еколошката акција на младите во Република Северна Македонија, денот на училиштето и традиционалниот ден на просветата за припадниците на заедниците кои следат настава на јазик различен од македонскиот јазик, се наставни денови кога се изведуваат посебни програми.

Член 10

Со денот на влегувањето во сила на овој календар престанува да важи Календарот за организација и работа на основните училишта во учебната 2018/2019 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 128/18, 138/18 и 53/19).

Член 11

Овој календар влегува во сила осмиот ден од денот на неговото објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе отпочне да се применува од 1 септември 2019 година.

Бр. 12-8316/1

Министер за образование

24 јули 2019 година

и наука,

Скопје

д-р Арбер Адеми, с.р.