Закон за јавните претпријатија

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Јавни претпријатија можат да се основаат заради вршење на дејности од јавен интерес.

Република Македонија, општините и градот Скопје можат да основаат јавни претпријатија во согласност со овој закон, со цел за вршење на дејности од јавен интерес на територијата на Република Македонија.

Јавни претпријатија во име на Република Македонија основа Владата на Република Македонија, во име на општината советот на општината и во име на градот Скопје Советот на градот Скопје.

Член 2

Дејности од јавен интерес се дејностите или одделни работи од дејностите со кои се остварува јавен интерес.

Дејностите од јавен интерес ги вршат јавните претпријатија или друштва на коишто им е доверено вршењето на дејностите од јавен интерес.

Условите и начинот за вршење на дејностите и начинот на остварување на јавниот интерес од став 1 на овој член се уредуваат со закон.

Во извршувањето на дејностите од јавен интерес, треба да се почитуваат следниве принципи: сигурност во давањето на услугите, континуитет и квалитет на услугата, транспарентност, достапност и универзална услуга, заштита на корисниците и потрошувачите.

Член 2-а

Јавните претпријатија и друштвата кои вршат дејност од јавен интерес подлежат на правилата на конкуренција, освен во случаите кога примената на тие правила би го спречило вршењето на услугите од јавен интерес.

Јавните претпријатија и друштвата кои вршат дејност од јавен интерес имаат еднаков третман во вршењето на услугите од јавен интерес, освен ако поради посебен интерес не им се доделат ексклузивни или посебни права.

Член 3

По исклучок од членот 1 став 3 на овој закон, јавни претпријатија од областа на радиодифузијата се основаат под услови и начин утврдени со закон.

Правни и физички лица можат да вршат дејност од јавен интерес на начин и услови утврдени со овој закон.

Член 4

Основачот на јавното претпријатие со одлука може јавното претпријатие да го преобрази во друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво.

Ако во јавно претпријатие се вложат средства на правни или физички лица, основачот донесува одлука јавното претпријатие да се организира како друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво.

(3) Ако друштвото со ограничена одговорност или акционерското друштво е основано согласно со ставовите (1) и (2) на овој член, а одлуката за основање е поништена или укината од основачот, надлежен државен орган или суд, односно договорот склучен заради вложување на средства на правни и физички лица со цел вршење на дејност од јавен карактер е поништен или раскинат, друштвото со ограничена одговорност или акционерското друштво се враќа во форма на јавно претпријатие односно во состојба пред преобразбата и организирање на јавното претпријатие во друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво.

(4) Во случаите од ставот (3) на овој член, надлежниот регистар е должен да изврши упис на јавното претпријатие со враќање во состојба пред неговата преобразба и организирање во друштвото за ограничена одговорност или акционерско друштво и да го избрише од регистарот друштвото со ограничена одговорност или акционерското друштво.

Член 4-а

Основачот, може да донесе одлука за издвојување на подружница или дел од јавното претпријатие, под услов подружницата, односно делот што се издвојува од јавното претпријатие да може непречено да продолжи со работа и да функционира посебно.  Издвоената подружница,  односно дел од јавното претпријатие се организира во друштво со ограничена одговорност или  акционерско друштво во државна сопственост, односно сопственост на општината или градот Скопје или заедно со друг вложувач во друштво со учество на државата, односно општината или градот Скопје, а дејноста ќе ја вршат под услови и начин утврдени со овој и друг закон.

Основачот, носи одлука за издвојување на дел од јавното претпријатие во случаите кога во делот што се издвојува не се врши основната дејност на јавното претпријатие, односно не се вршат стопански дејности кои со закон се утврдени како дејности од јавен интерес. Издвоениот дел се организира како друштво со ограничена одговорност, односно акционерско друштво и ќе се приватизира со соодветна примена на одредбите од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал.

Член 4-б

За уписот во надлежниот регистар, организацијата и работењето на друштвата во државна сопственост, во сопственост на општината, односно градот Скопје, се применуваат одредбите од оваа глава и Законот за трговските друштва.

Во друштвата со ограничена одговорност и во акционерските друштва од ставот 1 на овој член, работите од надлежност на собирот на содружниците, односно правата на собранието на акционери ги врши Владата на Република Македонија во име на Република Македонија, односно Советот на општината, градот Скопје во име на општината, градот Скопје.

II. ВРШЕЊЕ НА СТОПАНСКИ ДЕЈНОСТИ ОД ЈАВЕН ИНТЕРЕС ПРЕКУ ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА

1. Белези на јавното претпријатие

Член 5

Средствата за работењето и развојот на јавното претпријатие се обезбедуваат од приходите кои тоа ги остварува со сопственото работење, од кредитните средства и од други извори во согласност со закон.

Средствата од Буџетот на Република Македонија и средствата од буџетот на општината, односно градот Скопје на јавното претпријатие се обезбедуваат во согласност со законот со кој се уредуваат условите и начинот за вршење на одделни стопански дејности од јавен интерес.

Јавното претпријатие е должно да ги доставува до основачот усвоените тримесечни извештаи кои содржат показатели за финансиското работење, најдоцна 20 дена по истекот на тримесечјето.

Јавното претпријатие е должно по усвојување на тримесечниот извештај кој содржи показатели за финансиското работење од страна на управниот одбор на јавното претпријатие, истиот да го објави на својата веб страница најдоцна 30 дена по истекот на тримесечјето.

Јавното претпријатие кое нема веб страница, извештајот од ставот 4 на овој член е должно да го објави на веб страницата на основачот.

Член 6

Јавното претпријатие има својство на правно лице.

Јавното претпријатие како правно лице може да стекнува право на подвижни и неподвижни предмети, да стекнува права и да презема обврски.

Јавното претпријатие одговара за преземените обврски со сиот свој имот.

Јавното претпријатие стекнува својство на правно лице од денот на уписот во трговскиот регистар.

II ПРИНЦИПИ НА ТРАНСПАРЕНТНОСТ ВО ФИНАНСИСКИТЕ ОДНОСИ 

Член 7

Јавните претпријатија и друштвата кои вршат дејност од јавен интерес, водењето на сметководството, подготвувањето и поднесувањето на годишната сметка и финансиските извештаи го вршат во согласност со Законот за трговските друштва и усвоените меѓународни сметководствени стандарди и меѓународните стандарди за финансиско известување објавени во “Службен весник на Република Македонија.

Водењето на деловните книги и нивното чување, чувањето на сметководствените документи, како и на годишните сметки и финансиските извештаи се врши согласно со одредбите од Законот за трговските друштва, кои се однесуваат на водење на трговските книги.

Член 7-а

Јавното претпријатие е должно годишните сметки и финансиските извештаи да ги објави на својата веб страница во рок од 15 дена од денот на доставување на годишната сметка до Централниот регистар.

Јавното претпријатие кое нема веб страница, годишните сметки и финансиските извештаи од ставот 1 на овој член е должно да ги објави на веб страницата на основачот.

Член 8

Јавно претпријатие и друштво кое врши дејност од јавен интерес, дејноста ја врши трајно и без прекин и неговата работа е јавна и транспарентна.

Член 8-а

Во поглед на условите и обврската за транспарентност на финансиските односи, како што се дефинирани во овој закон под јавно претпријатие се подразбира секое јавно претпријатие и друштво врз кое државата или органите на општината или градот Скопје, имаат директно или индиректно влијание преку сопственоста над нив, односно ако поседуваат поголем дел од капиталот на друштвото, имаат мнозинство гласови на акционерите и именуваат повеќе од половина од членовите на управниот или надзорниот одбор на претпријатието и друштвото.

Обврските и условите за финансиска транспарентност од овој закон се однесуваат и на друштвата коишто вршат дејност од јавен интерес.

За доминантно влијание на органите од ставот 1 на овој член се смета кога овие органи, директно или индиректно во однос со едно друштво:
1) го поседува мнозинството од запишаната основна главина на друштвото или
2) го контролира мнозинството од гласови или
3) именуваат, односно избираат повеќе од половина од членовите на управното, раководното или надзорното тело на претпријатието.

Член 8-б

Финансиските односи меѓу државата, органите на општините и органите на градот Скопје и јавните претпријатија и друштвата кои вршат дејност од јавен интерес, треба да бидат транспарентни така што јасно треба да се прикажат:
а) средствата коишто се директно достапни од органите наведени во воведната реченица на овој став за одредени јавни претпријатија или друштва коишто вршат дејности од јавен интерес;
б) средствата коишто се индиректно достапни од органите наведени во воведната реченица на овој став на јавните претпријатија, фондови или финансиските институции и
в)  начинот и намената за кои средствата од точките а) и б) на овој став се ставаат на користење.

Транспарентност во финансиските односи од ставот 1 на овој член ќе се применува, особено во следниве случаи:
а) порамнување на загубите од работењето;
б) обезбедувањето на капиталот;
в) неповратна помош или заеми под поповолни услови;
г) давање на финансиски поволности преку откажување од наплата на побарувањата;
д) откажување од нормален поврат на искористените средства и
ѓ) компензирање на финансиското оптоварување воведено од страна на државните органи.

Обврската за транспарентност на финансиските односи ќе се однесува на јавните претпријатија и друштвата коишто вршат дејности од јавен интерес.

Член 8-в

Јавните претпријатија, односно друштвата коишто меѓу другото вршат и дејности од јавен интерес се должни да водат посебна сметководствена евиденција во следниве случаи, ако:
1) вршат повеќе дејности од јавен интерес, односно други дејности;
2) имаат ексклузивни права во вршењето на дејноста од јавен интерес и
3) добиваат државна помош во која било форма вклучувајќи помош, поддршка или компензација, во врска со вршењето на дејностите од јавен интерес.

Преку посебните сметки од ставот 1 на овој член треба јасно да се прикажат:
а) приходите и расходите коишто настанале од различните дејности и
б) целосни податоци за методот со кој приходите и расходите се назначени или алоцирани на различните дејности.

За да се обезбедат целите од ставот 2 на овој член, потребно е:
а) внатрешното сметководство кое се однесува на различните дејности да е одвоено;
б) сите приходи и расходи се коректно означени или алоцирани врз основа на конзистентно, објективно и праведно применување на сметководствените начела.

2. Основање на јавното претпријатие

Член 9

Владата на Република Македонија, советот на општините и Советот на градот Скопје за основање на јавно претпријатие донесуваат акт за основање на јавното претпријатие.

Член 10

Со актот за основање на јавното претпријатие се утврдува:
1. Дејноста;
2. Фирмата и седиштето;
3. Износот на средствата за основање и начинот на нивното обезбедување;
4. Организацијата на јавното претпријатие;
5. Начинот на спроведување на одлуките на органите на јавното претпријатие;
6. Одговорност на јавното претпријатие за обврските во правниот промет со трети лица и
7. рокот за донесување на статутот и именувањето на органите на јавното претпријатие, како и именувањето на лице кое ќе ги води работите на претпријатието до неговото конституирање.

Член 11

Основачот на јавното претпријатие дава согласност на:
1. Статутот на јавното претпријатие;
2. Статусните промени;
3. Актот за употреба на средствата остварени со работењето на јавното претпријатие и покривањето на загубите;
4. Актот за задолжување на јавното претпријатие;
5. Актот со кој се утврдуваат цените на производите и услугите што јавното претпријатие ги продава и врши за корисниците доколку таквите цени не се предмет на регулирање од страна на независно регулаторно тело
6. Актот за утврдување на висината на вредноста на бодот за пресметување на платите на вработените во јавното претпријатие;
7. Годишната сметка и извештајот за работењето на јавното претпријатие и
8. Годишната инвестициона програма усогласена со вкупниот стопански развој.

Член 12

Јавното претпријатие се запишува во трговскиот регистар врз основа на пријава, потпишана од страна на лицето кое ќе ги води работите на претпријатието до неговото конституирање.

Кон пријавата за упис на основањето на јавното претпријатие се приложува актот за основање на јавното претпријатие од основачот.

Јавното претпријатие е должно на регистарскиот суд да му го достави статутот, актот за именување на членови на управниот и одборот за контрола на материјално-финансиското работење, како и доказ за именување на директор на јавното претпријатие, во рок од 30 дена од истекот на рокот предвиден со актот за основање, за донесување на статутот иименување на органите на јавното претпријатие, со пријава за упис на новите факти и промена на лицето за застапување на јавното претпријатие.

Уписот во трговскиот регистар се објавува во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Организација на јавното претпријатие

Член 13

Јавното претпријатие се организира така што дејноста, заради која е основано, да ја врши на начин со кој се обезбедува:
1. Техничко-технолошко и економско единство на системот;
2. Ефикасност и транспарентност во работењето;
3. Развој и усогласеност на сопствениот развој со вкупниот стопански развој;
4. Заштита и унапредување на добрата од општ интерес;
5. Трајно, уредно и квалитетно задоволување на потребите на корисниците на производи и услуги и
6. Самостојност и еднаквост во рамките на системот и функционална поврзаност со другите системи во земјата и светот.

Член 14

Јавното претпријатие може да основа подружници.

Подружниците на јавното претпријатие немаат својство на правно лице, но можат да настапуваат во правниот промет во име и за сметка на јавното претпријатие.

Со подружницата раководи раководител што го именува директорот на јавното претпријатие.

Основањето на подружница се пријавува кај регистарскиот суд според седиштето на јавното претпријатие што ја основало. Регистарскиот суд го запишува основањето на подружницата во својот регистар и на судот на уписот на чие подрачје е седиштето на подружницата му ја испраќа пријавата со прилозите и потписите со службено заверен извод од својот регистар. Судот на уписот ќе изврши упис на подружницата ако според состојбата на неговиот регистар нема пречки, а изводот од регистарот на судот кај којшто е запишано јавното претпријатие кое ја основало подружницата, го запишува во својот регистар без измени. Ако има пречки, го известува судот на чие подрачје е седиштето на субјектот на уписот што ја основал подружницата.

Член 15

Избришан 

4. Органи на јавното претпријатие

Член 16

Органи на јавното претпријатие се: управниот одбор, надзорниот одбор за контрола на материјално-финансиското работење и директорот. 

Член 17

Управниот одбор на јавното претпријатие се состои од најмалку пет, а најмногу 15 членови.

Во управниот одбор основачот именува, односно разрешува претставници од редот на афирмирани и познати стручњаци во областа на предметот на работењето на јавното претпријатие имајќи ја предвид соодветната и правичната застапеност на припадниците на сите заедници.

За претседател и член на управниот одбор може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови:
– е државјанин на Република Македонија,
– има стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен образование,
– во моментот на именувањето со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност и
– има минимум три години работно искуство.

Времетраењето на мандатот на членовите на управниот одбор не може да биде подолг од четири години.

Член 18

Член на управниот одбор на јавното претпријатие не може да има лично, преку трето лице или по било која основа, интереси во претпријатие или трговско друштво кое е во деловни односи со јавното претпријатие, кои можат да имаат било какво влијание на неговата независност и непристрасност во одлучувањето во јавното претпријатие. Секој член на управниот одбор, односно директорот на јавното претпријатие, се должни да го предупредат основачот на постоењето на ваков интерес кај еден или повеќе членови на Управниот одбор.

Неспојливи се функцијата претседател и член на управниот одбор на јавното претпријатие со функциите претседател и членови на Владата на Република Македонија, како и градоначалникот на општината и градот Скопје, за јавните претпријатија основани од општината, односно градот Скопје.

Член 19

Управниот одбор на јавното претпријатие ги има сите овластувања да презема мерки кои се потребни и корисни заради постигнување на целите на јавното претпријатие во согласност со законот.

Управниот одбор на јавното претпријатие:
1. Го донесува статутот на јавното претпријатие;
2. Ги усвојува програмата за работа и развој на јавното претпријатие;
3. Ја утврдува деловната политика;
4. Ги усвојува тримесечниот извештај кој содржи показатели за финансиското работење, годишната сметка и извештајот за работењето на јавното претпријатие;
5. Одлучува за употребата на средства остварени со работењето на јавното претпријатие и покривањето на загубите;
6. Ги донесува одлуките за инвестиции;
7. Ги утврдува цените на производите и услугите;
8. Одлучува за внатрешната организација на јавното претпријатие;
9. Го донесува актот за утврдување на висината на вредноста на бодот за пресметување на платите на вработените во јавното претпријатие;
10. Врши други работи утврдени со актот за основање и статутот на јавното претпријатие и
11. Го избира и разрешува директорот и заменик на директор на јавното претпријатие, основано од Владата на Република Македонија врз основа на јавен конкурс.

Член 19-а

Управниот одбор на јавното претпријатие, односно градоначалникот на општината, односно на градот Скопје, три месеци пред истекот на мандатот на постојниот директор донесува одлука за распишување на јавен конкурс за избор на директор. Управниот одбор на јавното претпријатие основано од Владата на Република Македонија три месеци пред истекот на мандатот на постојниот заменик на директор донесува одлука за распишување на јавен конкурс за избор на заменик на директор.

Во објавениот јавен конкурс од ставот 1 на овој член се утврдуваат условите кои треба да ги исполнува кандидатот за директор и заменик на директор на јавното претпријатие основано од Владата на Република Македонија, потребната документација и времетраењето на конкурсот.

Пристигнатите документи ги прегледува тричлена комисија избрана од управниот одбор, односно градоначалникот на општината, односно на градот Скопје и во рок од осум дена по истекот на рокот на конкурсот целокупната документација ја доставува до управниот одбор на јавното претпријатие, односно градоначалникот на општината, односно на градот Скопје.

Управниот одбор, односно градоначалникот на општината, односно на градот Скопје, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на документацијата од ставот 3 на овој член, донесува одлука за избор на директор и заменик на директор во јавното претпријатие основано од Владата на Република Македонија.

Ако по распишаниот конкурс не се избере директор, управниот одбор, односно градоначалникот на општината, односно на градот Скопје во рок од пет дена од денот на истекот на рокот од ставот 4 на овој член именува вршител на должноста директор до именување на директор по распишан конкурс, но не подолго од шест месеци. Јавното претпријатие основано од Владата на Република Македонија кое има заменик на директор на кој не му е истечен мандатот, до именување на директор по распишан конкурс но не подолго од шест месеци ја врши должноста директор.

Член 20

Управниот одбор може полноправно да работи и одлучува доколку се присутни повеќе од половината членови на Управниот одбор.

Одлуките на управниот одбор се сметаат за донесени ако за нив гласале повеќе од половината од сите членови на управниот одбор.

Член 21

Јавно претпријатие не може на претседателот или на член на управниот одбор, на претседателот или на член на надзорниот одбор или на директорот на јавното претпријатие да им дава заеми или гаранции на заеми кои тие ги склучиле со трети лица.

Преземената обврска спротивно на став 1 од овој член е ништовна и без правно дејство.

Член 22

Владата на Република Македонија, односно општината или градот Скопје по предлог на министерот надлежен за работите од соодветната дејност може да му даде на управниот одбор на јавното претпријатие насоки од општ карактер во поглед на вршењето на одделни работи од делокругот на управниот одбор утврдени во членот 19 од овој закон, а кои Владата, односно општината или градот Скопје смета дека се од интерес за Република Македонија, односно за општината или за градот Скопје.

Насоките од општ карактер од ставот 1 на овој член не можат да се однесуваат на секојдневното управување со јавното претпријатие.

Член 23

Со работата на јавното претпријатие основано од Владата на Република Македонија раководи директор кој има заменик што го заменува и го води тековното работење на јавното претпријатие во негово отсуство, кои ги избира односно разрешува управниот одбор. Директорот на јавното претпријатие основано од страна на општината, односно градот Скопје може да определи вработен кој во негово отсуство го заменува и го води тековното работење на јавното претпријатие.

Директорот и заменик на директорот од ставот 1 на овој член се избира со мандат од четири години.

Со работата на јавното претпријатие, основано од страна на општината, односно градот Скопје, раководи директор што го избира, односно разрешува градоначалникот на општината, односно градот Скопје. За именување на директор и заменик на директор од ставот 1 на овој член се објавува јавен оглас во три дневни весници, кои се издаваат на целата територија на Република Македонија, од кои во еден од весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

За директор и заменик на директор од ставот 1 на овој член може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови:
– е државјанин на Република Македонија,
– има стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен образование,
– во моментот на именувањето со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност,
– има минимум пет години работно искуство,
– поседува еден од следните меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години и тоа: ТОЕФЕЛ ИБТ (TOEFL iBT) – најмалку 74 бода, ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 6 бода, ИЛЕЦ (ILEC Cambridge English: Legal) – најмалку Б2 (B2) ниво, ФЦЕ (FCE Cambridge English: First) – положен, БУЛАТС (BULATS) – најмалку 60 бода или АПТИС (АPTIS) – најмалку ниво Б2 (B2).

Директорот на јавното претпријатие го обезбедува спроведувањето на одлуките и заклучоците  на управниот одбор, учествува во спроведувањето на основите на програмата за работа и развој,  учествуваат во утврдувањето на критериуми за користење и располагање со средствата и употребата на средства остварени со работењето на јавното претпријатие, врши усогласување на деловната активност на јавното претпријатие и врши други извршни работи во врска со работата и работењето на јавното претпријатие утврдени со статутот. Функцијата директор, и член на надзорниот одбор за контрола на јавното претпријатие е неспојлива со функцијата пратеник во Собранието на Република Македонија и функциите претседател и членови на Владата на Република Македонија, како и член на Советот и градоначалник на општината и Градот Скопје за јавните претпријатија, основани од општината, односно градот Скопје.

Член 23-а

Директорот е должен секои шест месеца да доставува извештај за работата на јавното претпријатие до управниот одбор, односно градоначалникот на општината, односно на градот Скопје.

Во извештајот од ставот 1 на овој член директорот е должен особено да достави податоци за видот и обемот на работите извршени при обавување на дејноста на јавното претпријатие, како и податоци за финансиското работење.

Ако од извештајот за работа се утврдат недостатоци и/или загуби во финансиското работење, директорот е должен истите да ги отстрани во наредните шест месеца.

Директорот е должен да ги објави тримесечниот извештај кој содржи показатели за финансиското работење, годишната сметка и извештајот за работењето на јавното претпријатие на веб страницата на јавното претпријатие.

Член 24

Директорот и заменик на директор на јавното претпријатие, основано од Владата на Република Македонија, за својата работа одговара пред управниот одбор на јавното претпријатие. Директорот склучува договор со управниот одбор за уредување на односите со јавното претпријатие, во кој поединечно се утврдуваат правата, одговорностите и овластувањата согласно со закон.

Директорот на јавното претпријатие, основано од општината, односно градот Скопје, за својата работа одговара пред градоначалникот на општината, односно градот Скопје. Директорот склучува договор со градоначалникот на општината, односно градот Скопје за уредување на односите со јавното претпријатие, во кој поединечно се утврдуваат правата, одговорностите и овластувањата согласно со закон.

Директорот, заменик на директорот, членовите на управниот одбор и членовите на надзорниот одбор, ако извршат, односно донесат одлука за која знаеле или за која со оглед на околностите, морале да знаат дека ги повредуваат интересите на јавното претпријатие, одговараат неограничено и солидарно за штетата настаната со таквата одлука. Одговорноста се утврдува согласно со одредбите од Законот за трговските друштва кои се однесуваат на органите на управување.

Член 24-а

Директорот на јавното претпријатие и заменик на директор на јавното претпријатие основано од Владата на Република Македонија се разрешува пред истекот на мандатот, во следниве случаи:
– на негово барање,
– ако настане некоја од причините, поради кои според прописите за работни односи му престанува работниот однос согласно со закон,
– ако не работи и постапува според закон, статут и актите на јавното претпријатие или неоправдано не ги спроведува одлуките на управниот одбор или постапува во спротивност со нив,
– ако со својата несовесна и неправилна работа предизвика штета на јавното претпријатие,
– ако ги занемарува или не ги извршува обврските и со тоа ќе настанат нарушувања во вршењето на дејноста од јавен интерес на јавното претпријатие,
– ако не достави извештај согласно со членот 23-а став 1 од овој закон,
– ако и по истекот на рокот определен во членот 23-а став 3 од овој закон не ги отстрани недостатоците или и во тој рок повторно има недостатоци и/или загуби во финансиското работење и
– ако и по истекот на рокот определен во членот 5 став 3 и членот 7-а став 1 од овој закон не ги објави тримесечниот извештај кој содржи показатели за финансиското работење, годишната сметка и извештајот за работењето на јавното претпријатие на веб страницата на јавното претпријатие.

Управниот одбор, односно градоначалникот на општината, односно на градот Скопје, во случаите од ставот 1 на овој член ќе донесе одлука за разрешување на директорот и заменик на директор.

До изборот на нов директор, управниот одбор, односно градоначалникот на општината, односно на градот Скопје во рок од пет дена од донесувањето на одлуката од ставот 2 на овој член, именува вршител на должноста директор на јавното претпријатие, но не подолго од шест месеци. Во јавното претпријатие основано од Владата на Република Македонија кое има заменик на директор на кој не му е истечен мандатот, до именување на директор по распишан конкурс но не подолго од шест месеци ја врши должноста директор.

Член 25

Избришан 

Член 26

За вршење контрола на материјално-финансиското работење на јавното претпријатие се формира надзорен одбор за контрола на материјално-финансиското работење (во натамошниот текст: надзорен одбор) од пет члена. Времетраењето на мандатот на членовите на надзорниот одбор не може да биде подолг од четири години.

Членовите на надзорниот одбор од ставот 1 на овој член ги именува, односно разрешува основачот.

За член на надзорниот одбор може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови:
– е државјанин на Република Македонија,
– има стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен образование,
– во моментот на именувањето со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност и
– има минимум три години работно искуство.

Член 27

Заради вршење на работите на контрола надзорниот одбор за контрола може да врши испитување на лице место на сите документи и списи на јавното претпријатие. Надзорниот одбор за контрола може  заради испитување на документите и списите на јавното претпријатие да повика стручни лица кои ќе му помагаат во решавањето на надзорот.

Членовите на надзорниот одбор за контрола можат да присуствуваат на седницата на управниот одбор и им се доставува покана со сите материјали што им се доставуваат на членовите на управниот одбор.

Надзорниот одбор за контрола задолжително ги прегледува тримесечните извештаи кои содржат показатели за финансиското работење, годишните сметки и извештајот за работа на јавното претпријатие и по прегледувањето му дава мислење на управниот одбор. Управниот одбор не може да ги усвои тримесечните извештаи кои содржат показатели за финансиското работење, годишните сметки и извештајот за работењето на јавното претпријатие, ако претходно не добие позитивно мислење од надзорниот одбор за контрола.

Надзорниот одбор за контрола може да дава одобрение на актите донесени од управниот одбор, доколку тоа е утврдено со статутот на јавното претпријатие.

Извештајот за прегледот на годишните сметки и извештајот за работењето на јавното претпријатие со свое мислење, надзорниот одбор за контрола му го доставува на министерот за финансии. Во извештајот до министерот за финансии, надзорниот одбор за контрола го известува за состојбата на јавното претпријатие врз чие работење врши контрола. Надзорниот одбор за контрола копие од извештајот му доставува и на министерот надлежен за работите на соодветната дејност.

Надзорниот одбор задолжително се состанува најмалку четири пати годишно.

Член 28

Одредбите од членот 18 ставови 1 и 2 на овој закон се применуваат и на директорот и заменик на директорот на јавното претпријатие основано од Владата на Република Македонија, и на членовите на надзорниот одбор на јавното претпријатие.

5. Статут на јавното претпријатие

Член 29

Со статутот на јавното претпријатие поблиску се уредува организацијата, управувањето и раководењето со јавното претпријатие, општите акти и постапката за нивното донесување, како и други прашања од значење за јавното претпријатие.

6. Распоредување на вишокот на средства од работењето на јавното претпријатие и покривање на загубите на јавното претпријатие

Член 30

Основачот, вишокот на средствата остварени од работењето на јавното претпријатие го вложува во јавното претпријатие врз основа на детални финансиски планови.

Јавните претпријатија се должни годишно да изработуваат детални финансиски планови кои ќе ги содржат сите приходи и расходи на јавното претпријатие, инвестициите со динамиката на нивно реализирање.

Вишокот на средства остварени од работењето на јавното претпријатие, а кои не се опфатени со вложувања во јавното претпријатие со инвестиционата програма изготвена согласно со деталниот финансиски план, а за која е добиена согласност согласно со овој закон, јавното претпријатие ги уплаќа во Буџетот на Република Македонија или буџетот на општината или градот Скопје кои се основачи.

Основачот за вишокот на средствата од работењето на јавното претпријатие кои се уплатени во Буџетот на Република Македонија согласно со ставот 3 на овој член, може да донесе одлука да се покријат загубите на друго јавно претпријатие, да се уплатат на посебна сметка со намена за финансиска поддршка и развој за вршење дејност од јавен интерес на правно лице основано од Република Македонија или да се покријат обврски на буџетот спрема фондовите.

Основачот за вишокот на средствата кои се уплатени во буџетот на општината или градот Скопје, согласно со ставот 3 на овој член, може да донесе одлука да се покријат загубите на друго јавно претпријатие или да се уплатат на посебна сметка со намена за финансиска поддршка и развој за вршење дејност од јавен интерес на правно лице основано од општината или град Скопје.

Член 31

Избришан 

7. Штрајк во јавно претпријатие

Член 32

Ако синдикатот, односно работниците во јавното претпријатие одлучат да го користат правото на штрајк, најдоцна 7 дена пред денот кога имаат намера да најават штрајк, треба на директорот на јавното претпријатие да му достават писмено предупредување во кое синдикатот, односно штрајкувачкиот одбор ќе ги изнесе причините за намерата да се организира штрајк.

Штрајкувачкиот одбор, претставниците на управниот одбор и директорот се должни по предупредувањето од став 1 на овој член да понудат предлог за решавање на спорот и со тој предлог да ги запознаат работниците и јавноста.

Ако не се постигне согласност во рок од 15 дена од денот на предупредувањето од ставовите 1 и 2 на овој член, синдикатот, односно штрајкувачкиот одбор ако донесат одлука да стапат во штрајк, должен е да ја достави одлуката за стапување во штрајк до директорот на јавното претпријатие најмалку 7 дена пред отпочнувањето на штрајкот. Во одлуката се наведува местото, датата, часот и траењето на штрајкот. Кон одлуката задолжително се приложува и изјава за начинот на обезбедувањето на условите од член 33 на овој закон.

Доставувањето на одлуката за стапување во штрајк не ги запира преговорите за решавање на спорот.

Член 33

Штрајкувачкиот одбор и работниците кои учествуваат во штрајкот во јавното претпријатие, се должни штрајкот да го организираат и да го водат на начин и да преземат мерки со кои ќе обезбедат физичка сигурност на вработените и заштита на опремата на инсталациите, како и извршување на обврските спрема граѓаните, правните лица и државните органи и само под услов да се обезбеди:
– неопходното ниво на процесот на работата со кое нема да се загрози животот, здравјето и економската и социјална сигурност на граѓаните и неопходното одвивање на стопанските и други дејности во земјата, во обем и на начинот утврдени со законот од соодветната дејност од јавен интерес и
– извршување на меѓународни договори.

Штрајкувачкиот одбор е должен за време на штрајкот да соработува со директорот на јавното претпријатие заради обезбедување на условите од став 1 на овој член и од ставовите 1 и 2 од членот 35 од овој закон.

Член 34

Во случај на штрајк во јавното претпријатие, времето на започнување и запирање на работењето не може да биде различно за одделни категории на вработени, ниту за одделни лица меѓу вработените.

Забрането е сукцесивно распоредување на запирањето или сменувањето на различни групи на вработени или делови од претпријатието.

Штрајкувачкиот одбор и работниците кои учествуваат во штрајкот во јавното претпријатие, не можат да ги спречуваат работниците што согласно со овој и со друг закон не можат да учествуваат, односно работниците кои не сакаат да учествуваат во штрајкот, да работат.

Непочитувањето на одредбите од ставовите 1, 2 и 3 на овој член се смета за повреда на работната дисциплина.

Член 35

Основачот утврдува кои лица носители на раководни функции, односно лица од кои зависи техничко-технолошкиот процес и се од незаменливо значење за одвивање на дејноста на претпријатието, со оглед на местото во водењето на работите на јавното претпријатие, не можат да учествуваат во штрајк и пропишува кои се нивните обврски, односно како тие мора да постапуваат во случај на штрајк во јавното претпријатие.

Во прописот од став 1 на овој член може да се утврдат работните места и начинот на извршувањето на работите и задачите на работните места од кои зависи вршењето на дејноста од јавен интерес и од кои може да се загрози сигурноста на луѓето, инсталациите и опремата и кога вработените не можат да ја запрат работата без предупредувањето дадено во рокот утврден со овој закон.

Основачот може заради спречување на запирањето на работата во јавното претпријатие што може да предизвика големи материјални штети и да го загрози здравјето и сигурноста на луѓето, инсталациите и опремата, да преземе мерки на индивидуална или групна мобилизација на вработените.

Работникот кој нема да постапи во согласност со наредбата за мобилизација се смета дека сторил повреда на работната дисциплина.

Член 36

Објектите и административните простории на јавното претпријатие треба да им бидат достапни за непречено располагање на лицата кои го обезбедуваат работењето на јавното претпријатие.

Ако вработените спротивно на овој закон ги запоседнале и се задржуваат во објектите и административните простории на јавното претпријатие, директорот на јавното претпријатие е должен да преземе мерки заради нивно отстранување.

8. Положба на вработените во јавното претпријатие

Член 37

Работните места на вработените во јавните претпријатија се групираат во групи и подгрупи согласно со Законот за вработените во јавниот сектор, и тоа:
– група I подгрупа 2 јавни службеници,
– група III подгрупа 5 даватели на јавни услуги во јавните претпријатија и
– група IV подгрупи 1, 2, 3, 4 и 5 помошно-технички лица.

Актот за систематизација на јавното претпријатие го донесува директорот по претходна согласност од управниот одбор на јавното претпријатие и од Министерството за информатичко општество и администрација во делот на усогласеноста на описите на работни места со Каталогот на работни места, утврден во Законот за вработени во јавниот сектор.

Член 37-а

Вработените во јавното претпријатие кои вршат работи од административна природа заради остварување на дејноста заради која е основано јавното претпријатие имаат статус на административни службеници и за нивниот работен однос се применуваат одредбите од Законот за административните службеници и колективните договори.

Звањата на административните службеници од ставот 1 на овој член подетално ги пропишува директорот на јавното претпријатие во Актот за систематизацијата на работни места согласно со спецификите на дејноста која ја извршува јавното претпријатие и согласно со колективните договори.

Член 37-б

Вработените во јавното претпријатие кои вршат работи од дејноста заради која е основано јавното претпријатие имаат статус на даватели на јавни услуги, и за нивниот работен однос се применуваат одредбите од овој закон, Законот за вработени во јавен сектор и колективните договори.

Во рамките на категориите на давателите на јавни услуги од ставот 1 на овој член се утврдуваат следниве категории и нивоа на работни места:

Категорија А раководни
Ниво А1 раководен давател на јавна услуга од прво ниво,
Ниво А2 раководен давател на јавна услуга од второ ниво,
Ниво А3 раководен давател на јавна услуга од трето ниво и
Ниво А4 раководен давател на јавна услуга од четврто ниво.

Категорија Б стручни
Ниво Б1 стручен давател на јавна услуга од прво ниво,
Ниво Б2 стручен давател на јавна услуга од второ ниво,
Ниво Б3 стручен давател на јавна услуга од трето ниво и
Ниво Б4 стручен давател на јавна услуга од четврто ниво.

Категорија В помошно-стручни
Ниво В1 помошно стручен давател на јавна услуга од прво ниво и
Ниво В2 помошно стручен давател на јавна услуга од второ ниво.

Звањата на давателите на јавни услуги за сите категории и нивоа од ставот 2 на овој член, подетално ги пропишува директорот на јавното претпријатие во Актот за систематизацијата на работни места согласно со спецификите на дејноста која ја извршува јавното претпријатие.

Член 37-в

Давателот на јавна услуга од категорија А, треба да ги исполни следниве посебни услови за работното место:
– стручни квалификации: најмалку 240 кредити стекнати според ЕКТС или завршен VII/1 степен,
– работно искуство, и тоа за:
– нивото А1: најмалку четири години работно искуство во струката, од кои најмалку две години на раководно работно место во јавен сектор, односно најмалку шест години работно искуство во струката, од кои најмалку три години на раководно работно место во приватен сектор,
– нивото А2: најмалку три години работно искуство во струката, од кои најмалку две години на раководно работно место во јавен сектор, односно најмалку пет години работно искуство во струката, од кои најмалку три години на раководно работно место во приватен сектор или
– нивоата А3 и А4: најмалку две години работно искуство во струката, од кои најмалку една години на работно место во јавен сектор, односно најмалку четири години работно искуство во струката, од кои најмалку две години на раководно работно место во приватен сектор,
– активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење, преку приложување на потврда и
– други посебни работни компетенции утврдени во актот за систематизација на работни места за соодветното работно место.

Член 37-г

Давателот на јавна услуга од категоријата Б треба да ги исполни следните посебни услови за работното место:
– стручни квалификации за:
– нивото Б1 стекнати најмалку 180 кредити според ЕКТС или завршен VI Б степен или
– нивоата Б2, Б3 и Б4 стекнато најмалку ниво на квалификации IV, 240 кредити според ЕЦВЕТ или МКСОО или четири годишно средно образование.
– работно искуство, и тоа за:
– нивото Б1 најмалку три години работно искуство во струката;
– нивото Б2 најмалку две години работно искуство во струката;
– нивото Б3 најмалку една години работно искуство во струката; или
– нивото Б4 со или без работно искуство во струката.
– други посебни работни компетенции утврдени во актот за систематизација на работни места за соодветното работно место.

Член 37-д

Давателот на јавна услуга од категоријата В треба да ги исполни следниве посебни услови за работното место:
– стручни квалификации: за сите нивоа – најмалку ниво на квалификации I или основно образование,
– работно искуство и тоа за:
– нивото В1 најмалку една години работно искуство во струката или
– нивото В2 со или без работно искуство во струката и
– други посебни работни компетенции утврдени во актот за систематизација на работни места за соодветното работно место.

Чен 37-ѓ

Вработените во јавното претпријатие кои вршат помошно-технички работи со кои се овозможува непречено функционирање на јавното претпријатие имаат статус на помошно-технички лица и за нивниот работен однос се применуваат одредбите од овој закон, Законот за вработени во јавен сектор и општите прописи за работни односи.

За вработените од ставот 1 на овој член се утврдуваат подгрупи согласно со Законот за вработените во јавниот сектор.

Во секоја категорија во подгрупите од ставот 2 на овој член се утврдуваат следниве нивоа:
– помошно-технички лица од прво ниво, со најмалку ниво на квалификации IV, 240 кредити според ЕЦВЕТ или МКСОО или четиригодишно средно образование,
– помошно-технички лица од второ ниво, со најмалку ниво на квалификации III, 180 кредити според ЕЦВЕТ или тригодишно средно образование и
– помошно-технички лица од трето ниво со најмалку ниво на квалификации I или основно образование.

Звањата на помошно-техничките лица за нивоа од ставот 3 на овој член, подетално ги пропишува директорот на јавното претпријатие во Актот за систематизацијата на работни места согласно со спецификите на дејноста која ја извршува јавното претпријатие.

Член 37-е

Пополнувањето на работно место на давател на јавна услуга се врши преку спроведување на постапка за:
– вработување и
– мобилност преку распоредување или преземање.

Постапката за вработување започнува со објавување на јавен оглас, по што во транспарентна, фер и конкурентна постапка на селекција се избира најдобриот кандидат за работното место и истиот заснова работен однос со работодавачот.

Постапките за мобилност се спроведуваат во транспарентна и фер постапка на распоредување, односно преземање на вработен на работно место во исто ниво во истата или друга институција и за нив важат одредбите за мобилност од Законот за вработени во јавниот сектор.

Постапките за пополнување на работно место од ставот (1) на овој член се спроведуваат по претходно известување за обезбедени финансиски средства од надлежниот орган Министерството за финансии за јавните претпријатија основани од Република Македонија, односно градоначалникот на единицата на локалната самоуправа за јавните претпријатија основани од единицата на локалната самоуправа.

Член 37-ж

За пополнување на работно место на давател на јавна услуга, кандидатот треба да ги исполни следниве општи услови:
– да е државјанин на Република Македонија,
– активно да го користи македонскиот јазик,
– да е полнолетен,
– да има општа здравствена способност за работното место и
– со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност.

Покрај општите услови за пополнување на работно место на давател на јавна услуга од ставот (1) на овој член, кандидатот треба да ги исполни следниве посебни услови:
– да има соодветни стручни квалификации потребни за работното место,
– да има соодветно работно искуство потребно за работното место и
– да поседува соодветни посебни работни компетенции потребни за работното место.

Како дополнителен услов за пополнување на работно место на давател на јавна услуга може да се утврди и:
– статус на дете без родители и без родителска грижа, кое до својата осумнаесетгодишна возраст имало ваков статус, согласно со закон,
– статус на лице со посебни потреби, согласно закон или
– статус на корисник на државна стипендија, согласно со закон.

Член 37-з

Директорот на јавното претпријатие, по претходно мислење на Министерството за информатичко општество и по претходна согласност од Министерството за финансии за јавните претпријатија основани од Република Македонија, односно по претходна согласност од советот на општината за јавните претпријатија основани од единиците на локалната самоуправа, подготвува годишен план за вработување во јавното претпријатие за следната година, согласно со Законот за вработени во јавен сектор.

Планот од ставот 1 на овој член во текот на годината на која се однесува може да се менува само по претходно добиена согласност од Министерството за финансии за јавните претпријатија основани од Република Македонија, односно по претходна согласност од советот на единицата на локалната самоуправа за јавните претпријатија основани од единиците на локалната самоуправа.

Член 37-s

Постапката за вработувањето на административни службеници во јавното претпријатие се спроведува согласно со Законот за административните службеници.

За започнување на постапка за вработување на административен службеник директорот на јавното претпријатие до Агенцијата за администрација доставува барање во кое го назначува бројот, нивоата и описите на работните места кои се предлагаат за пополнување.

Кон барањето од ставот (1) на овој член директорот на јавното претпријатие, задолжително го приложува изводот од годишниот план на јавното претпријатие во кој е предвидено пополнување на работното место, односно работните места, како и известувањето за обезбедени финансиски средства од надлежниот орган.

Член 37-и

За започнување на постапка за вработување на давател на јавна услуга директорот на јавното претпријатие објавува јавен оглас во кој се назначува бројот, нивоата и описите на работните места кои се пополнуваат.

Јавниот оглас за вработување на давател на јавна услуга во јавното претпријатие се објавува на интернет страницата на јавното претпријатие, како и во најмалку три дневни весници, од кои еден од весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

Во јавниот оглас се назначува нивото и посебните услови за пополнување на работните места.

Рокот за пријавување на јавниот оглас од ставот (1) на овој член не може да биде пократок од 15 дена, односно подолг од 20 дена од денот на неговото објавување во дневните весници.

Член 37-ј

Кандидатите за пополнување на работно место на давател на јавна услуга во јавното претпријатие поднесуваат пријава за вработување согласно со условите предвидени во огласот за вработување на давател на јавна услуга во јавното претпријатие.

Кон пријавата кандидатите задолжително ги прикачуваат потребните докази за податоците внесени во истата.

Кандидатите се должни под материјална и кривична одговорност, да потврдат дека податоците во пријавата се точни а доставените докази верни на оригиналот.

Член 37-к

Директорот на јавното претпријатие за пополнување на работните места за вработени со статус на даватели на јавна услуга, со решение формира Комисија за селекција за постапка за вработување на даватели на јавна услуга.

Комисијата за селекција во постапка за вработување на даватели на јавни услуги е составена од тројца раководни даватели на јавна услуга во јавното претпријатие и тоа претседател и два члена, од кои задолжително непосредниот раководител и раководителот на организациoната единица за управување со човечки ресурси во јавното претпријатие, како и нивни заменици.

За јавните претпријатија во кои нема организациона единица за управување со човечки ресурси, работите на организационата единица за управување со човечки ресурси може да ги врши еден административен службеник, и истиот учествува во комисијата за селекција од ставот 2 на овој член.

Член 37-л

Постапката за селекција за вработување на даватели на јавни услуги во јавното претпријатие се состои од проверка на внесените податоци во пријавата за вработување со условите утврдени во јавниот оглас, проверка на приложените докази во пријавата и интервју.

Член 37-љ

По спроведување на сите фази од постапката за селекција за вработување на даватели на јавни услуги во јавното претпријатие, Комисијата за селекција изготвува конечната ранг листа од пријавените кандидати.

Комисијата за селекција го бира најдобро рангираниот кандидат и во рок од три дена го предлага на директорот на јавното претпријатие.

Во случај кога на јавниот оглас за вработување на давател на јавна услуга во јавното претпријатие нема пријавено ниту еден кандидат, јавниот оглас се повторува.

Член 37-м

Директорот на јавното претпријатие, во рок од пет дена по добивањето на предлогот од членот 37-м став 2 од овој закон, е должен да донесе одлука за избор.

Одлуката за избор се доставува до избраниот кандидат и се објавува на интернет страницата и на огласната табла на јавното претпријатие.

Против одлуката од ставот 1 на овој член незадоволниот кандидат има право во рок од осум дена да поднесе жалба до надлежен орган согласно со закон.

Во рок од пет дена од конечноста на одлуката за избор, директорот на јавното претпријатие со избраниот кандидат склучува договор за вработување.

Член 37-н

Унапредувањето на вработените во јавното претпријатие со статус на даватели на јавни услуги се врши во транспарента, фер и конкурентска постапка на селекција, во која врз основа на оцената за ефектот, стручноста и компетентноста на кандидатите, се избира најдобриот кандидат за работното место од редот на вработените во јавното претпријатие од страна на Комисијата за селекција за постапка за унапредување на даватели на јавна услуга по пат на интерен оглас.

Член 37-њ

Формата и содржината на јавниот оглас и на интерниот оглас, како и на пријавата за вработување и унапредување, начинот на спроведување на селекцијата за вработување и за унапредување, како и начинот на нивно бодирање, се утврдуваат со општ акт на јавното претпријатие што го донесува управниот одбор, на предлог на директорот.

Член 37-о

Вработените во јавното претпријатие со статус на даватели на јавна услуга во остварувањето на правата и должностите од работниот однос имаат право да бараат заштита пред надлежниот суд, како и од друг надлежен орган во согласност со закон.

Надлежен орган за одлучување по жалби и приговори на вработените во јавното претпријатие со статус на даватели на јавни услуги во втор степен е управниот одбор на јавното претпријатие.

Управниот одбор одлучува по жалби и приговори на вработените во јавното претпријатие со статус на даватели на јавни услуги во втор степен.

Жалбата го одлага извршувањето на одлуките.

Управниот одбор одлучува во рок од осум дена од денот на приемот на жалбата.

За донесената одлука по изјавената жалба, управниот одбор го известува јавното претпријатие и подносителот на жалбата, во рок од три дена од донесувањето на истата.

Против одлуката на управниот одбор може да се поднесе тужба пред надлежен суд во рок од 15 дена од денот на нејзиниот прием.

Доколку управниот одбор не донесе одлука во рок од осум дена од денот на приемот на жалбата, вработениот во јавното претпријатие со статус на давател на јавни услуги во рок од 15 дена по истекот на осумте дена, има право да поднесе тужба пред надлежен суд.

Член 37-п

Непосредно претпоставениот вработен во јавното претпријатие со статус на давател на јавна услуга е должен континуирано да го следи ефекот на непосредно понискиот давател на јавна услуга во текот на целата година и по потреба да предлага мерки за подобрување на истиот.

Вработените во јавното претпријатие со статус на даватели на јавна услуга задолжително се оценуваат еднаш годишно, и тоа најдоцна до 1-ви декември за тековната година.

Оценувањето од ставот 2 на овој член го врши непосредно претпоставениот давател на јавна услуга во јавното претпријатие (во натамошниот текст: оценувач).

Оценувачот го оценува квалитетот, ефективноста и ефикасноста на работењето, почитувањето на роковите и нивото на исполнување на утврдените работни цели и задачи, нивото на вклученост и посветеност на работата, придонесот во реализацијата на стратешкиот план на институцијата, реализацијата на индивидуалниот план за стручно усовршување и однесувањето на административниот службеник.

Поблиските критериуми за спроведување на оценувањето на давателите на јавни услуги во јавното претпријатие, паричната или друг вид материјална или нематеријална награда, намалувањето на плата или распоредување на работно место на пониско ниво, се утврдуваат со општ акт на претпријатието што го донесува управниот одбор, на предлог на директорот.

Член 37-р

Вработениот во јавното претпријатие е лично одговорен за вршењето на работите и работните задачи од работното место, за чија повреда одговара дисциплински.

Секој вработен во јавното претпријатие и друго лице, во согласност со закон, има право да поднесе иницијатива за покренување на дисциплинска постапка против вработен во јавното претпријатие, која треба да биде образложена.

Предлог за покренување на дисциплинска постапка против давателот на јавна услуга во јавното претпријатие поднесува непосредно претпоставениот давател на јавна услуга односно раководниот давател на јавна услуга или директорот на јавното претпријатие.

Предлогот од ставот 3 на овој член се доставува до вработениот со статус на давател на јавна услуга, против кого се покренува дисциплинска постапка.

Вработениот во јавното претпријатие со статус на давател на јавна услуга одговара дисциплински за дисциплинска неуредност и дисциплински престап.

Член 37-с

Дисциплинската неуредност претставува полесна повреда на работната дисциплина, работните задачи, угледот на јавното претпријатие или на вработениот, и тоа:
– непочитување на работното време, распоредот и користењето на работното време,
– неуредно чување на службените списи и податоци,
– недоаѓање на работа два работни дена во текот на една календарска година без оправдување,
– непочитување на обврската за носење на ознаките со личното име и звањето или називот,
– неизвршување, несовесно, ненавремено или небрежно вршење на работните задачи со полесни последици од повредата,
– непристојно однесување на давателот на јавна услуга при вршење на работа и работни задачи со полесни последици од повредата,
– недомаќинско користење и употреба на доверените финансиски средства и средствата за работа,
– неоправдано не известување на непосредно претпоставениот давател на јавна услуга или директорот на јавното претпријатие, за спреченоста за недоаѓање на работа во рок од три часа и
– одбивање на стручно оспособување и усовршување на кое вработениот во јавното претпријатие со статус на давател на јавна услуга се упатува.

Дисциплински престап преставува потешка повреда на службената должност, работната дисциплина, угледот на јавното претпријатие или угледот на вработениот во јавното претпријатие, и тоа:
– неизвршување, несовесно, ненавремено или небрежно вршење на работните задачи,
– непристојно однесување на вработениот со статус на вршител на јавна услуга при вршење на работа и работни задачи,
– одбивање на давање или давање на неточни податоци на институциите, односно на граѓаните и правните лица, доколку давањето на податоци е утврдено со закон,
– незаконито располагање со материјалните и финансиските средства,
– одбивање на вршење на работни задачи поврзани со работното место на кои е распореден,
– одбивање на писмена наредба за извршување на работни задачи поврзани со работата на јавното претпријатие издадени од непосредно претпоставениот вработен со статус на вршител на јавна услуга, директорот, односно раководното лице на јавното претпријатие, во случај на неодложна потреба,
– непреземање или нецелосно преземање на пропишаните мерки за осигурување на безбедноста на доверените предмети во работа,
– предизвикување на материјална штета со намера или од крајно невнимание,
– повторување на дисциплинска неуредност повеќе од два пати во тековната година,
– примање на подароци или друг вид корист,
– злоупотреба на статусот на вработен во јавното претпријатие,
– злоупотреба на доверените овластувања во вршењето на работните задачи,
– злоупотреба на боледување,
– злоупотреба на лични податоци,
– злоупотреба на доверливи податоци,
– оддавање класифицирана информација со степен на тајност утврдена со закон,
– внесување и употреба, како и работење под дејство на алкохол или наркотични средства,
– непридржување кон прописите за заштита од болест, безбедност и здравје при работа, пожар, експлозијa, штетно дејствување на отрови и други опасни материи и на прописите за заштита на животната средина,
– поставување на личен финансиски интерес во судир со положбата и статусот на вршителот на јавна услуга во јавното претпријатие и
– навредливо или насилничко однесување на работното место.

Член 37-т

Со одлука за утврдена дисциплинска неуредност на вработениот во јавното претпријатие со статус на давател на јавна услуга може да му се изрече една од следниве дисциплински мерки:
– писмена опомена и
– парична казна во висина од 20% од висината на едномесечниот износ на нето платата исплатена во последниот месец пред дисциплинска неуредност, во траење од еден до три месеци.

Со одлука за утврден дисциплински престап на административниот службеник може да му се изрече една од следниве дисциплински мерки:
– парична казна во висина од 30% од висината на едномесечниот износ на нето платата исплатена во последниот месец пред дисциплинскиот престап во траење од еден до шест месеци,
– распоредување на работно место во непосредно пониско ниво и
– престанок на работниот однос кога настапиле штетни последици за институцијата, а притоа не се утврдени олеснителни околности за вработениот со статус на давател на јавна услуга кој го сторил престапот.

При изрекување на дисциплинските мерки од ставовите 1 и 2 на овој член се земаат предвид тежината на повредата, последиците од повредата, степенот на одговорноста на давателот на јавна услуга во јавното претпријатие, околностите под кои е сторена повредата, неговото поранешно однесување и вршењето на работите, како и други олеснителни и отежителни околности кои се од значење за изрекување на дисциплинската мерка.

Збирот на паричните казни изречени на вработениот со статус на давател на јавна услуга во еден месец за дисциплинска неуредност, дисциплински престап и намалувањето на плата заради слаб ефекок не може да надмине 30% од износот на неговата вкупна нето плата за тој месец.

Дисциплинските мерки против вработениот во јавното претпријатие со статус на давател на јавна услуга за дисциплинска неуредност ги изрекува директорот на јавното претпријатие, а по претходен писмен извештај од претпоставен вработен во јавното претпријатие со статус на давател на јавна услуга.

По исклучок, доколку нема претпоставен вработен во јавното претпријатие со статус на давател на јавна услуга, писмениот извештај го поднесува директорот на јавното претпријатие.

Пред изрекување на мерката вработениот во јавното претпријатие со статус на давател на јавна услуга се известува писмено за наводите што постојат против него и тој има можност да даде одговор на извештајот од ставот 1 на овој член.

Против одлуката од ставот 1 на овој член незадоволниот вработен во јавното претпријатие со статус на давател на јавна услуга има право во рок од осум дена да поднесе жалба до надлежниот орган согласно со закон.

Член 37-ќ

Директорот формира Комисија за водење на дисциплинска постапка за дисциплински престап (во натамошниот текст: дисциплинска комисија), во рок од осум дена од денот на поднесувањето на предлогот за покренување на дисциплинска постапка.

Дисциплинската комисија е составена од три члена и нивни заменици.

Претседател на комисијата е раководен давател на јавна услуга, а членови се двајца даватели на јавни услуги на исто ниво како вработениот со статус на давател на јавна услуга против кого се води дисциплинската постапка.

По исклучок од ставот 3 на овој член, во јавните претпријатија во кои нема раководни даватели на јавни услуги, дисциплинската комисија ја сочинуваат кои било тројца вработени со статус на даватели на јавни услуги од јавното претпријатие.

Дисциплинската комисија, по спроведената дисциплинска постапка му предлага соодветна дисциплинска мерка на директорот на јавното претпријатие.

Ако дисциплинската комисија утврди дека вработениот со статус на давател на јавна услуга не е одговорен или не се исполнети условите за донесување решение за изрекување на дисциплинска мерка, му предлага на директорот да го отфрли предлогот, односно да ја запре постапката.

Директорот врз основа на предлогот на дисциплинската комисија, донесува одлука за изрекување на дисциплинска мерка, односно за отфрлање на предлогот, односно за запирање на постапката.

Одлуката за изрекување на дисциплинска мерка се врачува лично на вработениот со статус на давател на јавна услуга, по правило во работните простории на јавното претпријатие во кои истиот работи, односно на адреса на живеалиштето, односно престојувалиштето од кое вработениот со статус на давател на јавна услуга секојдневно доаѓа на работа.

Ако вработениот со статус на давател на јавна услуга не може да се пронајде на адресата на живеалиштето, односно престојувалиштето или ако го одбие врачувањето, решението се објавува на огласната табла во јавното претпријатие. По изминувањето на осум работни дена од денот на објавувањето на огласната табла се смета дека врачувањето е извршено.

Дисциплинската постапка завршува во рок од 60 дена, сметано од денот на донесувањето на решение за формирање на дисциплинската комисија.

Против одлуката од ставот 7 на овој член незадоволниот вработен со статус на давател на јавна услуга има право во рок од осум дена да поднесе жалба до надлежниот орган согласно со закон.

Дисциплинската постапка не може да се поведе ако поминале еден месец од денот кога непосредно раководниот давател на јавна услуга, односно директорот во јавното претпријатие, дознал за повредата на службената должност.

Дисциплинската постапка не може да се поведе ако поминале три месеци од денот кога е сторена повредата на службената должност, освен кога дисциплинската постапка се поведува по наод на внатрешна ревизија за што рокот на застареност е една година.

Ако повредата на службената должност повлекува и кривична одговорност, дисциплинската постапка за утврдување на одговорноста на вработениот со статус на давател на јавна услуга застарува во рок од две години од денот на дознавањето за повредата.

Член 37-у

Задршката од плата, на име изречени парични казни на вработениот со статус на давател на јавна услуга за сторена дисциплинска неуредност или дисциплински престап, вклучително и намалувањето од плата како резултат на оценувањето, во текот на еден месец не може да надмине една третина од износот на неговата вкупна нето плата за тој месец.

Ако на вработениот со статус на давател на јавна услуга, му престане работниот однос во јавното претпријатие во која му била изречена парична казна, наплатата на изречената парична казна, по барање на јавното претпријатие во која што казната е изречена, ќе ја спроведе новиот работодавач или надлежен орган во постапка утврдена со закон.

Вработениот со статус на давател на јавна услуга може да биде суспендиран од јавното претпријатие врз основа на решение на директорот на јавното претпријатие.

Вработениот со статус на давател на јавна услуга може да биде суспендиран од јавното претпријатие, во случаи кога против него е покрената кривична постапка за кривично дело сторено на работа или во врска со работата или е покрената дисциплинска постапка за дисциплински престап, а повредата е од таква природа што неговото натамошно присуство во јавното претпријатие додека трае постапката штетно ќе се одрази врз јавното претпријатие, односно ќе го осуети или оневозможи утврдувањето на одговорноста за дисциплински престап.

Суспензијата од ставот 4 на овој член трае до донесувањето на правосилно решение.

Член 37-ф

Вработениот со статус на давател на јавна услуга, кој на работа или во врска со работата, намерно или од крајно небрежност ќе предизвика штета на јавното претпријатие, одговорен е за настанатата штета и е должен да ја надомести.

Директорот со решение формира Комисија за утврдување на материјална одговорност на вработениот со статус на давател на јавна услуга.

Комисијата од ставот 2 на овој член е составена од три члена и нивни заменици.

Претседател на комисијата е раководен давател на јавна услуга, а членови се двајца вработени со статус на даватели на јавни услуги на исто ниво како вработениот со статус на давател на јавна услуга против кого се води постапка за утврдување на материјална одговорност.

По исклучок од ставот 4 на овој член, во јавните претпријатија во кои нема раководни даватели на јавни услуги, комисијата ја сочинуваат кои било тројца вработени со статус на даватели на јавни услуги.

Комисијата од ставот 2 на овој член ја утврдува материјалната одговорност за постоење на сторена материјална штета, нејзината висина и начинот на сторување, кој ја предизвикал штетата и кој ќе ја надомести.

Комисијата од став 2 на овој член, за утврдената фактичка состојба поднесува извештај, врз основа на кој директорот на јавното претпријатие, донесува одлука за надоместок на штета.

Против одлуката од ставот 7 на овој член незадоволниот вработен со статус на давател на јавна услуга има право во рок од осум дена да поднесе жалба до надлежниот орган согласно со закон.

Член 37-х

Предлог за покренување на постапка за утврдување на материјална одговорност против вработен со статус на давател на јавна услуга поднесува раководниот давател на јавни услуги, односно директорот на јавното претпријатие.

Постапката за утврдување на материјална одговорност не може да се поведе, ако поминале 30 дена од денот кога раководниот давател на јавни услуги, односно директорот на јавното претпријатие, дознал за тоа, освен кога постапката се поведува по наод на внатрешна ревизија за што рокот на застареност е една година.

Постапката за утврдување на материјална одговорност не може да се поведе, ако од денот кога е сторена материјалната штета поминала една година.

Постапката за утврдување на материјална одговорност не може да се води подолго од 60 дена, сметано од денот на донесувањето на решението за формирање на Комисијата од членот 37-ф став 2 од овој закон.

Против вработениот со статус на давател на јавна услуга, кој во рок од 60 дена од конечноста на одлуката за надоместок на штета, не ја надомести штетата, јавното претпријатие поведува постапка пред надлежниот основен суд.

Директорот на јавното претпријатие, може целосно или делумно да го ослободи вработениот со статус на давател на јавна услуга од надоместување на штетата, доколку таа не е сторена со намера или доколку со исплата на надоместок за настанатата штета се загрозува егзистенцијата на вработениот со статус на давател на јавна услуга и неговото семејство или во други случаи утврдени со колективен договор.

Начинот на водењето на постапка за уредување на материјална одговорност, како и формата и содржината на решението од членот 37-ф став 7 од овој закон, ги пропишува директорот на јавното претпријатие.

Ако вработениот со статус на давател на јавна услуга претрпи штета на работа или во врска со работата, јавното претпријатие е должно да му ја надомести штетата согласно со одредбите од Законот за облигационите односи.

Јавното претпријатие е должно да ја надомести материјалната штета што вработениот со статус на давател на јавна услуга во вршењето на работите и работните задачи ја предизвикал кон трети лица.

Член 37-ц

Начинот на утврдување на основната плата и на додатоците на плата на вработените во јавните претпријатија ги утврдува управниот одбор на јавното претпријатие, а вредноста на бодот на основната плата ја утврдува директорот на јавното претпријатие.

Член 37-ч

На вработениот во јавното претпријатие со статус на давател на јавна услуга му престанува работниот однос:
– со спогодба,
– по негово барање,
– по сила на закон и
– во други случаи утврдени со овој и друг закон и колективен договор.

На вработениот давател на јавна услуга му престанува работниот однос со спогодба, кога со директорот на јавното претпријатие, ќе склучи писмена спогодба за престанок на работниот однос.

На давателот на јавна услуга во јавното претпријатие му престанува работниот однос во јавното претпријатие, ако поднесе писмено барање за престанок на работниот однос.

Во случај на престанок на работниот однос по барање на давателот на јавна услуга, отказниот рок трае 30 дена од денот на поднесувањето на барањето за престанок на работниот однос, освен ако со закон поинаку не е утврдено.

На давателот на јавна услуга му престанува работниот однос по сила на закон, ако:
– ја загуби работната способност со денот на доставувањето на правосилното решение за утврдување на загубената работна способност,
– му престане државјанството на Република Македонија, со денот на доставувањето на решението за отпуст од државјанство на Република Македонија,
– биде осуден за кривично дело во врска со службената должност, со денот на правосилноста на пресудата,
– му е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност, со денот на правосилноста на пресудата,
– поради издржување на казна затвор во траење подолго од шест месеци, со денот на започнувањето на издржување на казната,
– наврши 64 години старост,
– неоправдано отсуствува од работа најмалку три работни дена последователно во еден месец,
– се утврди дека при вработувањето премолчил или дал невистинити податоци во однос на општите и посебните услови за вработување,
– во рок од три работни дена не се врати на работа по завршувањето на неплатеното отсуство поради стручното оспособување или усовршување,
– органот на државната управа, надлежен за инспекцискиот надзор, во рок од една година утврди дека вработениот е вработен спротивно на одредбите од овој закон и
– други услови согласно со овој закон и посебните закони.

Решението за престанок на работниот однос на вработениот со статус на давател на јавна услуга во јавното претпријатие го донесува директорот на јавното претпријатие.

Против решението од ставот 6 на овој член вработениот со статус на давател на јавна услуга во јавното претпријатие има право во рок од осум дена да поднесе жалба до управниот одбор на јавното претпријатие.

9. Остварување и заштита на јавниот интерес во јавните претпријатија

Член 38

Во случај на нарушување на работењето, односно вршењето на дејноста на јавното претпријатие или ако јавното претпријатие не ги извршува со закон утврдените обврски, а што не е последица на неизвршувањето на обврските од страна на основачот утврдени со актот за основање, основачот може да презема мерки со кои се обезбедуваат услови за непречено работење на јавното претпријатие.

Член 39

Нарушување на работењето на јавното претпријатие во смисла на овој закон се смета дека настапило:
1. Ако со начинот на работење на јавното претпријатие не се обезбедува трајно и непречено вршење на производството и прометот на определени производи и пружање на услуги, или остварувањето на планот за развој, на начин утврден со законот, со што се нанесува штета или може да се нанесе штета на корисниците;
2. Ако со располагање на средствата се менува основната намена на средствата, се менуваат и основните услови за работење на јавното претпријатие утврдени во согласност со законот, заради остварување на јавниот интерес во јавното претпријатие, со што суштествено се отежнува вршењето на неговата дејност утврдена со актот за основање и
3. Во други случаи утврдени со законот.

Член 40

Во случаите од член 39 од овој закон, спрема јавното претпријатие, основачот може да ги преземе следниве мерки:
1. Да го разреши управниот одбор;
2. Да го разреши одборот за контрола;
3. Да ја промени организацијата на јавното претпријатие;
4. Да го запре од извршување актот на јавното претпријатие кој е спротивен на законот;
5. Да го запре од извршување актот на јавното претпријатие ако го доведува во прашање остварувањето на основните функции на јавното претпријатие и
6. Други мерки утврдени со посебниот закон со кој се уредуваат условите и начинот на вршење на одделна дејност од јавен интерес.

Член 41

Ако биде преземена мерката од точката 2 од членот 40 од овој закон, основачот ги пренесува овластувањата на управниот одбор на еден или повеќе претставници кои се именуваат со мандат од најмногу шест месеци.

10. Контрола над јавните претпријатија

Член 42

Јавните претпријатија подлежат на економско-финансиска контрола уредена со посебен закон.

III. ВРШЕЊЕ НА ДЕЈНОСТ ОД ЈАВЕН ИНТЕРЕС ВРЗ ОСНОВА НА ДОЗВОЛА

Член 43

Дејност од јавен интерес за Република Македонија, можат да вршат физички и правни лица врз основа на дозвола.

Дозвола за вршење на одделни стопански дејности од јавен интерес од страна на физички или правни лица, може да се даде за сите дејности од јавен интерес освен за дејностите утврдени со закон.

Дозволата ја дава Владата на Република Македонија, односно општината, односно градот Скопје (во натамошниот текст: давател на дозволата).

Член 44

Давателот на дозвола и физичкото, односно правното лице склучуваат договор во писмена форма во кој поблиску се утврдуваат постапката и начинот за вршење на дејност од јавен интерес и меѓусебните права и обврски на давателот на дозволата и непосредниот вршител на дејност од јавен интерес.

Договорот од став 1 на овој член кој не е склучен во писмена форма нема правно дејство.

Договорот од ставот 1 на овој член, особено содржи:
– предметот, начинот и рокот за вршење на дејноста од јавен интерес;
– условите за вршење на дејноста од јавен интерес;
– критериумите, индексите и параметрите со кои ќе се дефинира соодветното вршење на дејноста од јавен интерес, односно содржи обврска за соодветно и квалитетно давање на услугата за задоволување на барањата на корисниците;
– клаузула за ограничување на надоместокот на непосредниот вршител на дејноста од јавен интерес. Надоместокот не смее да го надмине износот потребен за покривање на трошоците настанати при вршењето на дејноста плус разумна добивка и
– причини за раскинување.

Член 45

Договорот од член 44 на овој закон престанува да важи со:
1. Истекот на рокот на кој бил склучен;
2. Со еднострано раскинување од страна на давателот на дозволата;
3. Со одземање на дозволата;
4. Виша сила и
5. Со раскинување.

Причини за еднострано раскинување на договорот, особено се:
–  вршењето на дејноста од јавен интерес се врши на несоодветен или неквалитетен начин, имајќи ги предвид правилата, параметрите и другите услови со кои е утврдено соодветното вршење на дејноста и
–  вршителот на дејноста на друг начин да изврши битна повреда на одредбите од договорот или на законите кои се применуваат за вршењето на таа дејност.

Член 46

Дозволата за непосредно вршење на дејност од јавен интерес од страна на физичко или правно лице може да се одземе ако:
1. Физичкото, односно правното лице не започне со непосредно вршење на  дејност од јавен интерес, во рокот утврден во договорот за вршење на дејност од јавен интерес,
2. Престанала потребата од вршењето на дејност од јавен интерес која ја врши физичкото или правното лице,
3. Физичкото, односно правното лице престанало да ги исполнува условите за вршење на дејноста и
4. Договорот од членот 44 на овој закон престанал да важи.

Член 47

Лицето кое непосредно врши дејност од јавен интерес врз основа на дозвола, должно е дејност да ја врши и во случај на настанување на непредвидливи околности со виша сила.

Ако лицето од став 1 од овој член не ја врши дејноста согласно со став 1 од овој член ќе му престане договорниот однос.

Член 48

Физичкото и правно лице кое врши дејност врз основа на дозвола од страна на Република Македонија или општина, односно градот Скопје, одговара за штетата, што во вршењето на дејност од јавен интерес, ќе ја причинат вработените на корисниците на услугите, односно на другите физички и правни лица.

Физичкото и правно лице кое врши дејност врз основа на дозвола одговара и за штетата што ќе настане во вршењето на дејност од јавен интерес на корисниците на услугите и другите физички и правни лица, заради штрајк на лицата кои кај него се вработени. Во случај на штрајк, за време траењето на штрајкот давателот на дозволата за вршење на дејност од јавен интерес може на сметка на физичкото или правно лице што ја врши дејност од јавен интерес врз основа на дозвола да обезбеди извршување на дејноста на начинот што го смета за најсоодветен.

IV. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 49

Постојните јавни претпријатија се должни организацијата и работењето да го усогласат со одредбите на овој закон во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Претпријатијата кои вршат дејност од јавен интерес должни се да ја усогласат организацијата и работењето со овој закон и законот со кој се уредуваат начинот и условите за вршењето на дејност од јавен интерес во рок од шест месеци од денот на влегување во сила на овој закон.

Член 50

Со денот на влегувањето во сила на овој закон престануваат да важат членовите 24-а, 24-б, 24-в, 196-б и член 196-з, од Законот за претпријатијата (“Службен лист на СФРЈ”,  број 77/88, 40/89, 46/90 и 61/90 и “Службен весник на Република Македонија” број 15/93), и членовите 7, 8, 9, 10, 15 од Законот за штрајкот (“Службен лист на СФРЈ” број 23/91), кои се однесуваат на правото на штрајк на работниците во јавните претпријатија.

Член 51

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.