Закон за Централен регистар на население

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

1. ПРЕДМЕТ НА ЗАКОНОТ

Член 1

Со овој закон се уредуваат правата, обврските и одговорностите на органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа и другите државни органи основани согласно со Уставот и со закон, судовите, јавните обвинителства, државното правобранителство, правни и други лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, правни лица кои даваат и обезбедуваат услуги од јавен интерес, односно субјекти од областа на образованието, здравството, социјалната и детската заштита, финансиите, банкарството, осигурувањето, енергетиката, водоснабдувањето, електронските комуникации, поштенските услуги и комуналните услуги, кои се однесуваат на Централниот регистар на население, структурата и содржината на Централниот регистар на население, условите за негово користење, размената на податоци помеѓу надлежните органи и другите субјекти, како и правата и обврските на населението во Република Северна Македонија.

2. ЦЕЛИ НА ЗАКОНОТ

Член 2

(1) Целта на овој закон е обезбедување на пристап до податоците за населението во Република Северна Македонија заради остварување на правата и обврските или користење на услуги обезбедени од страна на надлежни органи или други лица, согласно со закон.

(2) Со воспоставувањето на Централниот регистар на население (во натамошниот текст: Регистарот), кој се води во Министерството за информатичко општество и администрација во електронска форма, се обезбедува унифициран и единствен начин на водење на поединечните бази на податоци за населението, врз основа на утврдени стандарди и процедури, согласно со одредбите од овој закон.

3. ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ

Член 3

(1) Со одредбите од овој закон се уредува извршувањето на надлежностите утврдени со закон за органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа и другите државни органи основани согласно со Уставот и со закон, судовите, јавните обвинителства, државното правобранителство, правни и други лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, правни лица кои даваат и обезбедуваат услуги од јавен интерес, односно субјекти од областа на образованието, здравството, социјалната и детската заштита, финансиите, банкарството, осигурувањето, енергетиката, водоснабдувањето, електронските комуникации, поштенските услуги и комуналните услуги, при обезбедување на услуги за остварување на правата и обврските од интерес и за потребите на населението во Република Северна Македонија, а поврзани со податоците содржани во Регистарот.

(2) Со одредбите од овој закон се уредува водењето на поединечните бази на податоци од страна на надлежните органи, согласно со одредбите од овој закон.

(3) Со одредбите од овој закон се уредува и пристапот и обработката на податоците содржани во Регистарот од страна на другите субјекти, согласно со одредбите од овој закон.

(4) Одредбите на овој закон се однесуваат на личните податоци на граѓаните на Република Северна Македонија, кои живеат во државата или во странство, како и на податоците за странски државјани со регулиран престој во Република Северна Македонија подолго од една година.

(5) Одредбите од овој закон се применуваат за извршување на надлежностите утврдени со закон за органите на државната управа кои имаат за цел заштита на правниот поредок, спречување и откривање на казниви дела како и преземање мерки за гонење на сторителите на тие дела утврдени со закон.

(6) Одредбите од овој закон не се однесуваат на личните податоци на физичките лица кои се упатени на привремен престој во Република Северна Македонија заради извршување на работни задачи за целите на странски дипломатски претставништва, мисии или конзуларни претставништва, членовите на нивните семејства кои престојуваат во Република Северна Македонија, физичките лица кои се исклучени од примената на домашното право врз основа на меѓународни конвенции, лицата со регулиран краткотраен престој во Република Северна Македонија, како и сите други лица опфатени со Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година, Виенската конвенција за конзуларни односи од 1963 година или Виенската конвенција за претставување на државите во нивните односи со меѓународните организации од универзален карактер од 1975 година.

4. ДЕФИНИЦИИ

Член 4

(1) Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следното значење: 

1. Централен регистар на население е интегрирана база на лични податоци на населението во Република Северна Македонија, создадена врз основа на автоматско интегрирање на податоците содржани во поединечните бази на податоци што ги водат надлежните органи, во согласност со нивните законски утврдени надлежности, преку употреба на алгоритми и логички поврзани процеси кои ги прочистуваат личните податоци на населението, а која база на податоци го содржи последниот упис или упис на промена на личен податок, евидентирана во поединечната база на податоци во надлежност на конкретен државен орган – изворник на податоци;

2. Контролор и обработувач на податоците од Регистарот е Министерството за информатичко општество и администрација (во натамошниот текст: Министерството);

3. Корисник на податоците од Регистарот се надлежните органи и други субјекти кои имаат соодветно ниво на пристап до личните податоци, во зависност од својата надлежност, заради остварување на своите законски утврдени надлежности;

4. Единствен обработувач и корисник на податоците од Регистарот е органот на државната управа надлежен за извршувањето на работите од областа на државната статистика, согласно со Законот за државната статистика;

5. Население се граѓаните на Република Северна Македонија, кои живеат во државата или во странство, како и странски државјани со регулиран престој во Република Северна Македонија подолго од една година;

6. Надлежен орган се органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа и другите државни органи основани согласно со Уставот и со закон, кои обезбедуваат услуги за остварување на правата и обврските од интерес и за потребите на населението во Република Северна Македонија;

7. Други субјекти во смисла на овој закон се:
– судовите, јавните обвинителства, државното правобранителство,
– правни и други лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања,
– правни лица кои даваат и обезбедуваат услуги од јавен интерес, односно субјекти од областа на образовaнието, здравството, социјалната и детската заштита, финансиите, банкарството, осигурувањето, енергетиката, водоснабдувањето, електронските комуникации, поштенските услуги и комуналните услуги;

8. Крипција на податоци е логички поврзан процес изведен со користење на алогоритми преку кој се обезбедува тајност и доверливост на податоците во комуникација помеѓу надлежните органи и субјектите и претставува мерка за спречување на неовластен пристап до Регистарот и истовремено го потврдува интегритетот и изворот на податоците; 

9. Изворник на податоци е надлежен орган кој прв пат врши упис, промена или бришење на личен податок и обезбедува чување на личните податоци врз основа на закон и истиот има својство на контролор и обработувач на податоците од поединечните бази на податоци;

10. Овластено лице е:
– лице вработено во надлежен орган коe согласно описот и видот на работните задачи е овластено да врши прием на барања за уписи или промени на лични податоци поднесени од физички лица при користењето на услугите од тој орган,
– раководно лице на надлежен орган, раководно лице на друг субјект или лице вработено во надлежен орган или друг субјект, кое согласно описот и видот на работните задачи е овластено да издава конкретни акти во име на надлежниот орган или другиот субјект, по претходно овластување од раководното лице кое раководи со надлежниот орган или другиот субјект,
– лице вработено во друг субјект кое согласно описот и видот на работните задачи е овластено да врши прием на барања за уписи или промени на лични податоци поднесени од физички лица или да издава документација во име на правното лице – друг субјект;

11. Статус на податочен сет е статус на конкретен сет на лични податоци што се однесуваат на конкретно физичко лице евидентирано во поединечни бази на податоци и може да биде активен или пасивен податок, во зависност од тоа дали субјектот на личните податоци е жив или починат;

12. Експортирање на податоци е логички поврзан процес преку користење на алгоритми за безбедно вадење на податоци од Регистарот;

13. Податочен сет е комбинација од повеќе поединечни лични податоци што се однесуваат на конкретно физичко лице од кои може да се утврди за кое физичко лице се однесуваат и истите ја претставуваат содржината на секоја поединечна база на податоци што ја води надлежен орган, согласно со закон;

14. Реално време го означува времето во кое се врши упис, промена или бришење во моментот на преземањето на конкретната активност, со отстапување од 5 минути од времето на уредно извршениот упис, промена или бришење. 

15. Генерирање во смисла на овој закон е логички поврзан процес чија цел е создавање на барања или други дејствија во правниот промет, со примена на информатичко комуникациски технологии.

(2) Другите изрази употребени во овој закон имаат значење определено со закон.

5. НАЧЕЛА ЗА ВОДЕЊЕ НА РЕГИСТАРОТ

Доверливост

Член 5

Податоците содржани во Регистарот се лични податоци и се обработуваат согласно со закон.

Интегритет на податоци

Член 6

Изворниците на податоци се должни да обезбедат крипција на податоците при комуникацијата помеѓу надлежните органи и субјектите со цел да се обезбеди нивниот интегритет.

Единственост

Член 7

Податоците содржани во Регистарот се евидентираат на единствен начин и во поединечните бази на податоци преку користење на логички поврзани процеси и алгоритми во функција на прочистување на податоците, согласно со стандардите за квалитет на податоци.

Достапност

Член 8

Податоците од Регистарот се достапни на надлежните органи и другите субјекти определени со овој закон и истите се користат согласно со условите утврдени со овој закон и прописите од областа на заштитата на личните податоци.

Унифицирана размена

Член 9

(1) Со цел да се воспостави унифициран начин на размена на податоците од поединечните бази, се утврдуваат стандарди за квалитет на податоци во поединечните бази на податоци на надлежните органи.

(2) Стандардите за квалитет на податоци во поединечните бази на податоци на надлежните органи ги пропишува министерот за информатичко општество и администрација.

II. КОНТРОЛОР, ОБРАБОТУВАЧ, СТРУКТУРА И СОДРЖИНА НА РЕГИСТАРОТ

1. КОНТРОЛОР И ОБРАБОТУВАЧ НА РЕГИСТАРОТ

Член 10

(1) Контролор и обработувач на Регистарот е Министерството за информатичко општество и администрација, кое обезбедува единствена околина за пристап на надлежните органи и другите субјекти, преку која се овозможува процесот на интеграција на поединечните бази на податоци кои ја претставуваат содржината на Регистарот.

(2) Министерството за информатичко општество и администрација, во својство на контролор и обработувач на Регистарот, врши единствено автоматско интегрирање без право на внесување или промена на податоците од Регистарот, согласно со прописите од областа на заштитата на личните податоци.

2. КОНТРОЛОРИ И ОБРАБОТУВАЧИ НА СОДРЖИНАТА НА ПОДАТОЦИТЕ ОД РЕГИСТАРОТ

Член 11

(1) Контролори и обработувачи на содржината на податоците од Регистарот се: Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда – Управа за водење на матични книги и надлежниот орган за водење на адресниот регистар на Република Северна Македонија.

(2) Органите од ставот (1) на овој член се изворници на податоците содржани во Регистарот.

3. ИНТЕГРАЦИЈА НА ПОДАТОЦИТЕ СОДРЖАНИ ВО ПОЕДИНЕЧНИТЕ БАЗИ НА ПОДАТОЦИ

Член 12

(1) Интеграцијата на податоците содржани во поединечните бази на податоци, коишто ја претставуваат содржината на Регистарот, се врши со употреба на логички поврзани процеси и алгоритми кои обезбедуваат автоматски генерирано споредување на податоците од поединечните бази на податоци на изворниците на податоци.

(2) Интеграцијата на податоците се врши преку единствената околина, во реално време.

4. СОДРЖИНА НА ПОДАТОЦИТЕ ВО РЕГИСТАРОТ

Член 13

(1) Регистарот ги содржи следниве лични податоци: 
1) Име;
2) Презиме;
3) ЕМБГ;
4) Пол;
5) Датум на раѓање;
6) Место на раѓање;
– Држава,
– Општина,
– Населено место,
7) Лични документи;
– Документ,
– Број на документ,
– Вид на документ,
– Датум на издавање на документот,
– Датум на важност на документот,
– Статус на документот,
– Место на издавање на документот,
8) Мајка (ЕМБГ);
9) Татко (ЕМБГ);
10) Адреса на живеалиште;
– Општина,
– Населено место,
– Улица,
– Број (Број, Влез, Стан),
– Додаток на број,
11) Адреса на привремен престој;
– Општина,
– Населено место,
– Улица,
– Број (Број, Влез, Стан),
– Додаток на број,
12) Државјанство;
– Држава,
– Статус,
– Датум на почеток,
– Датум на престанок,
13) Брачен статус;
– Датум на брачен статус,
– Сопруг/а (ЕМБГ),
14) Смрт;
– Датум на смрт,
– Место на смрт,
– Држава,
– Општина,
– Населено место.

(2) Податоците од ставот (1) на овој член надлежните органи и другите субјекти можат да ги употребуваат единствено заради обезбедување услуги на физички лица, согласно со закон.

(3) По исклучок од ставот (2) на овој член, податоците од ставот (1) на овој член ги употребуваат надлежните органи на државната управа при извршување на нивните законски утврдени надлежности кои имаат за цел заштита на правниот поредок, спречување и откривање на казниви дела, како и преземање мерки за гонење на сторителите на тие дела утврдени со закон.

5. НОТИФИКАЦИЈА ЗА НЕСОВПАЃАЊЕ НА ПОДАТОЦИ

Член 14

(1) Во случај кога постои несовпаѓање на личните податоци содржани во поединечните бази на податоци, Регистарот испраќа нотификација за несовпаѓање на податоци до изворникот на податокот кој отстапува во чијашто база на податоци е евидентирано отстапувањето.

(2) Во случаите од ставот (1) на овој член, за точен се смета податокот кој е последно евидентиран за упис или промена на личен податок во соодветната база на податоци на изворникот на податокот, согласно со закон.

6. КОРИСТЕЊЕ НА ПОДАТОЦИТЕ ОД РЕГИСТАРОТ

Член 15

(1) Надлежните органи и другите субјекти се должни да ги користат податоците од Регистарот единствено заради остварување на своите законски утврдени надлежности или заради извршување на дејноста за која се регистрирани, на начин соодветен за остварување на целта поради која ги обезбедуваат услугите на физичките лица, согласно со закон.

(2) Овластените лица на надлежните органи и другите субјекти имаат право на пристап до податоците содржани во Регистарот, под услови и во постапка утврдена со закон, при обезбедување на услуги за остварување на правата и обврските од интерес и за потребите на физичките лица.

(3) Физичките лица, чиишто податоци се содржани во Регистарот имаат право на пристап единствено до своите лични податоци, заради остварување на право или исполнување на обврска пред надлежен орган или друг субјект, согласно со овој закон.

(4) По исклучок од ставовите (1) и (2) на овој член, органите на државната управа кои имаат за цел заштита на правниот поредок, спречување и откривање на казниви дела, како и преземање мерки за гонење на сторителите на тие дела утврдени со закон, имаат право да ги користат податоците од Регистарот единствено заради остварување на своите законски утврдени надлежности.

III. ОПШТИ И ПОЕДИНЕЧНИ ПРАВА И ОБВРСКИ

1. ПРАВА И ОБВРСКИ НА НАДЛЕЖНИТЕ ОРГАНИ И ДРУГИТЕ СУБЈЕКТИ

Општи обврски на надлежните органи и другите субјекти

Член 16

Надлежните органи и другите субјекти се должни при обезбедувањето на услугите по електронски пат преку Националниот портал за електронски услуги да ги применуваат законите со кои е утврдена постапката за обезбедување на услугите, а особено прописите од областа на заштитата на личните податоци.

Посебни обврски на изворниците на податоци

Член 17

(1) Изворниците на податоците содржани во Регистарот, определени во член 11 од овој закон, се должни да ги интегрираат следните податоци: 

1. Министерство за правда – Управа за водење на матичните книги:
А. Од матичната книга на родените:
– ЕМБГ,
– Име,
– Презиме,
– Пол,
– Датум на раѓање,
– Место на раѓање,
– Држава,
– Општина,
– Населено место,
– Мајка (ЕМБГ),
– Татко (ЕМБГ),
Б. Од матичната книга на венчаните:
– Брачен статус,
– Датум на брачен статус,
– Сопруг/а (ЕМБГ),
В. Од матичната книга на умрените:
– Смрт,
– Датум на смрт,
– Место на смрт,
– Држава,
– Општина,
– Населено место,

2. Министерството за внатрешни работи, за административните податоци и тоа:
А. Лични документи:
– Документ,
– Број на документ,
– Вид на документ,
– Датум на издавање на документот,
– Датум на важност на документот,
– Статус на документот,
– Место на издавање на документот,
Б. Адреса на живеалиште:
– Општина,
– Населено место,
– Улица,
– Број (Број, Влез, Стан),
– Додаток на број,
В. Адреса на привремен престој:
– Општина,
– Населено место,
– Улица,
– Број (Број, Влез, Стан),
– Додаток на број,
Г. Државјанство:
– Држава,
– Статус,
– Датум на почеток,
– Датум на престанок.

(2) За начинот на експортирање на податоците од ставот (1) на овој член кои ги формираат содржините на податочните сетови, изворниците и Министерството за информатичко општество и администрација склучуваат посебен договор за техничко усогласување за преземање на податоците.

Обврска за изворни податоци

Член 18

(1) Изворниците на податоци се должни да вршат упис, упис на промена, да обезбедат чување и бришење на изворните податоци, под услови и во постапка утврдена со закон.

(2) Изворниците на податоци се должни да обезбедат безбедна интеграција на поединечните бази на податоци во Регистарот преку единствената околина.

(3) Начинот и техничките процедури на вршење уписи, чување и бришење на изворните податоци во регистарот ги пропишува министерот за информатичко општество и администрација. 

Обврска за интеграција

Член 19

(1) Секој изворник на податоци е должен извршениот упис, промена или бришење во поединечната база на податоци да го интегрира во Регистарот во реално време.

(2) Секој изворник на податоци е должен веднаш да изврши соодветна промена во статусот на податокот, доколку извршената промена на личниот податок на физичкото лице упатува на потребата и од промена на статусот на податокот и истата да ја интегрира во Регистарот во реално време.

(3) Начинот и техничките процедури за интеграција на податоците во Регистарот ги пропишува министерот за информатичко општество и администрација.

Обврска за чување

Член 20

(1) Надлежните органи и другите субјекти имаат обврска да ги чуваат архивираните и експортираните податоци, под услови и во постапка утврдена со овој закон, прописите од областа на архивското работење и прописите од областа на заштитата на личните податоци.

(2) Архивираните податоци пред нивното експортирање се криптираат на соодветен начин во дигитализирана форма согласно со закон и истите се експортираат од Регистарот по истекот на законски утврдениот рок за нивно чување, по што се предаваат во Државниот архив на Република Северна Македонија.

Обврска за ажурирање

Член 21

(1) Секој изворник на податоци е должен да ги ажурира податочните сетови и промените на статусот на податочните сетови, во постапка утврдена со овој закон.

(2) Надлежните органи од ставот (1) на овој член се должни ажурираните податочни сетови да ги интегрираат во Регистарот.

(3) Контролорот и обработувач на Регистарот е должен преку единствената околина да овозможи интеграција на податочните сетови кои се криптирани, во постапка утврдена со овој закон и Законот за електронско управување и електронски услуги.

Обврска за издавање на потврда за прием на барање за упис или упис на промена

Член 22

(1) Во случаите кога физичко лице иницира постапка за упис на изворни податоци или промена на податоци во Регистарот по пат на користење на електронска услуга од надлежен орган преку Националниот портал за електронски услуги по извршеното генерирање на барањето, надлежниот орган на физичкото лице му издава потврда за прием, согласно со Законот за електронско управување и електронски услуги.

(2) Надлежниот орган ја издава потврдата за прием од став (1) на овој член во форма на автоматски генерирана порака испратена преку Националниот портал за електронски услуги, согласно со Законот за електронско управување и електронски услуги.

(3) Содржината и начинот на поднесување барање за иницирање постапка за вршење уписи на изворните податоци или промена на податоци во Регистарот и содржината и начинот на издавање потврдата за прием ги пропишува министерот за информатичко општество и администрација. 

Обврска за одржување

Член 23

(1) Изворниците на податоците се должни да преземат соодветни мерки за одржување на системите на кои се обработуваат поединечните бази на податоци за кои се надлежни согласно со закон, да ги воспостават и да ги одржуваат единствените технолошки стандарди и процеси за интеграција во Регистарот, согласно со закон.

(2) Контролорот и обработувач на Регистарот е должен да го одржува системот за интеграција во Регистарот согласно со закон.

(3) Корисниците на податоците од Регистарот се должни да ги воспостават и да ги одржуваат единствените технолошки стандарди и процеси за пристап до Регистарот, согласно со закон.

(4) Единствениот обработувач и корисник на податоците од Регистарот е должен да ги воспостави и да ги одржува единствените технолошки стандарди и процеси за пристап до Регистарот, соодветни на највисокото ниво на пристап до Регистарот.

(5) Начинот, техничките процедури и мерките за одржување на системите на кои се обработуваат поединечните бази на податоци од ставот (1) на овој член, ги пропишува министерот за информатичко општество и администрација.

Обврска за обезбедување на единствени технолошки стандарди и процеси

Член 24

(1) Надлежните органи и другите субјекти се должни да преземат мерки за обезбедување примена на единствените технолошки стандарди и процеси, пред да им се одобри пристап до Регистарот, согласно со Законот за електронско управување и електронски услуги.

(2) Надлежните органи и другите субјекти се должни да ги одржуваат единствените технолошки стандарди и процеси, согласно со Законот за електронско управување и електронски услуги.

(3) Начинот, техничките процедури и мерките кои треба да се преземат за обезбедување примена на единствените технолошки стандарди и процеси од ставот (1) на овој член ги пропишува министерот за информатичко општество и администрација.

Право на пристап и ниво на пристап

Член 25

(1) Надлежните органи и другите субјекти во својство на корисници на податоците од Регистарот имаат право на пристап до истите, доколку се исполнети условите утврдени со овој закон и со законот со кој е утврдена нивната надлежност, односно вршење дејност.

(2) Целосен пристап до податоците од Регистарот има единствениот корисник и обработувач на податоците од Регистарот, согласно со закон.

(3) Пристапот до податоците од Регистарот се определува врз основа на начинот и под условите под кои надлежните органи и другите субјекти ги обезбедуваат своите услуги преку единствената околина, а обемот на користење на податоците од Регистарот се определува врз основа на уписот во Каталогот на услуги, согласно со одредбите од Законот за електронско управување и електронски услуги.

(4) По исклучок на ставовите (1), (2) и (3) на овој член, доколку надлежните органи или другите субјекти кои имаат право на пристап до податоците од Регистарот заради извршување на својата надлежност или заради вршење на дејноста за која што се регистрирани, не се запишани во Каталогот на услуги согласно со одредбите од Законот за електронско управување и електронски услуги, истите се должни да достават барање за утврдување на пристап до податоци до Министерството за информатичко општество и администрација.

2. ПРАВА И ОБВРСКИ НА ФИЗИЧКИТЕ ЛИЦА

Право на увид

Член 26

(1) Физичките лица имаат право на увид во своите лични податоци содржани во Регистарот по електронски пат, автоматски или преку полномошник.

(2) Контролорот и обработувачот на Регистарот може да издаде потврда во хартиена форма на физичко лице за личните податоци содржани во Регистарот, по претходно поднесено барање.

(3) Начинот за вршење увид од страна на физичките лица во своите лични податоци содржани во Регистарот, го пропишува министерот за информатичко општество и администрација.

Право на нотификација поради несовпаѓање на податоци

Член 27

(1) Секое физичко лице чии податоци се содржани во Регистарот, во случај на несовпаѓање на неговите лични податоци, има право на нотификација преку Националниот портал за електронски услуги, согласно со одредбите од Законот за електронско управување и електронски услуги.

(2) По приемот на нотификацијата од ставот (1) на овој член, доколку евидентираниот податок кој во Регистарот е заведен како точен податок, а истиот не е точен, физичкото лице е должно да побара евидентирање на точниот податок кај изворникот на податокот.

(3) Физичкото лице е должно да побара евидентирање на точниот податок кај изворникот на податокот, најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот на нотификацијата поврзана со податокот од став (2) на овој член.

(4) По спроведеното евидентирање на точниот податок, физичкото лице има право на нотификација дека е извршен соодветен упис на промена на личниот податок, преку Националниот портал за електронски услуги, согласно со одредбите од Законот за електронско управување и електронски услуги.

(5) Содржината и начинот за нотификацијата од став (1) на овој член ги пропишува министерот за информатичко општество и администрација.

3. ОДОБРУВАЊЕ НА ИНТЕГРАЦИЈА ВО РЕГИСТАРОТ

Член 28

(1) Надлежните органи и другите субјекти имаат право да се интегрираат и да ги користат податоците од Регистарот, доколку:
– се поврзани на единствената околина, односно на платформата за интероперабилност, согласно со Законот за електронско управување и електронски услуги,
– ги имаат исполнето во целост обврските кои произлегуваат од прописите од областа на заштитата на личните податоци, согласно со закон.

(2) Условите од ставот (1) на овој член ги докажува надлежниот орган или субјектот при поднесување на барањето за интеграција со Регистарот до Министерството за информатичко општество и администрација.

(3) По извршената проверка за исполнетост на условите од ставот (1) на овој член, Министерството за информатичко општество и администрација на надлежниот орган односно друг субјект му издава потврда за интеграција во Регистарот, согласно со Законот за електронско управување и електронски услуги.

4. РЕГИСТАР НА НАДЛЕЖНИ ОРГАНИ И ДРУГИ СУБЈЕКТИ ШТО КОРИСТАТ ПОДАТОЦИ ОД РЕГИСТАРОТ

Член 29

(1) Во Министерството за информатичко општество и администрација се воспоставува и води регистар на надлежни органи и други субјекти што користат податоци од Регистарот.

(2) Содржината, формата и начинот на водење на регистарот од ставот (1) на овој член ги пропишува министерот за информатичко општество и администрација.

IV. НАДЗОР

Член 30

Надзор над примената на овој закон врши Министерството за информатичко општество и администрација.

V. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

Член 31

Избришан 

Член 32

(1) Глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на друг субјект од членот 4 став (1) точка 7 алинеи 2 и 3 од овој закон, ако:
– ги користат податоците од Регистарот спротивно на своите законски утврдени надлежности или спротивно на дејноста за која се регистрирани (член 15 став (1) од овој закон),
– не изврши упис, упис на промена, не обезбеди чување или бришење на изворните податоци, согласно со членот 18 став (1) од овој закон,
– не обезбеди мерки за безбедна интеграција на поединечните бази на податоци во Регистарот преку единствената околина, согласно со членот 18 став (2) од овој закон,
– не обезбеди мерки за чување и архивирање на податоците, согласно со членот 20 став (1) од овој закон,
– не обезбеди мерки за експортирање на податоците преку криптирање на соодветен начин во дигитализирана форма, согласно со членот 20 став (2) од овој закон,
– не ги ажурира податочните сетови, промените на статусот на податочните сетови, не ги интегрира во Регистарот преку единствената околина ажурираните криптирани податочни сетови, согласно со членот 21 од овој закон,
– не обезбеди соодветни мерки за одржување на системите на кои се обработуваат поединечните бази на податоци за кои е надлежен согласно со закон, не ги воспостави и не ги одржува единствените технолошки стандарди и процеси за пристап до Регистарот, согласно со членот 23 ставови (1) и (3) и членот 24 став (1) од овој закон,
– не обезбеди мерки за одржување на единствените технолошки стандарди и процеси, согласно со членот 24 став (2) од овој закон.

(2) Глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на раководното лице на надлежниот орган или друг субјект, ако:
– овозможи користење на податоците од Регистарот спротивно на своите законски утврдени надлежности или спротивно на дејноста за која се регистрирани (член 15 став (1) од овој закон),
– не преземе мерки за чување и архивирање на податоците, согласно со членот 20 став (1) од овој закон,
– не преземе мерки за експортирање на податоците преку криптирање на соодветен начин во дигитализирана форма, согласно со членот 20 став (2) од овој закон,
– не преземе соодветни мерки за одржување на системите на кои се обработуваат поединечните бази на податоци за кои е надлежен согласно со закон, не ги воспостави и не ги одржува единствените технолошки стандарди и процеси за пристап до Регистарот, согласно со членот 23 ставови (1), (3) и (4) и членот 24 став (1) од овој закон,
– не преземе мерки за одржување на системот за интеграција во Регистарот, согласно со членот 23 став (2) од овој закон,
– не преземе мерки за одржување на единствените технолошки стандарди и процеси, согласно со членот 24 став (2) од овој закон.

(3) Глоба во износ од 100 до 300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на овластеното лице на надлежниот орган или на друг субјект, ако:
– овозможи пристап до податоците од Регистарот спротивно на своите законски утврдени надлежности или спротивно на дејноста за која се регистрирани (член 15 став (2) од овој закон),
– не изврши интеграција на извршениот упис, промена или бришење од поединечната база на податоци во Регистарот во реално време, согласно со членот 19 став (1) од овој закон,
– не изврши соодветна промена во статус на податок или истата не ја интегрира во Регистарот во реално време, согласно со членот 19 став (2) од овој закон.

Член 33

За прекршоците утврдени со овој закон, прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува надлежен суд.

Член 34

(1) За прекршоците утврдени во членовите 31 и 32 од овој закон, административниот службеник од Министерството за информатичко општество и администрација овластен за вршење надзор, е должен на сторителот на прекршокот да му издаде прекршочен платен налог согласно со закон.

(2) Доколку сторителот го прими прекршочниот платен налог, истиот треба да го потпише. Примањето на прекршочниот платен налог од сторителот на прекршокот се забележува во записник.

(3) Во записникот од ставот (2) на овој член се утврдува начинот на кој ќе се отстранат штетните последици од прекршокот, како и начинот на надминување на последиците од сторениот прекршок.

(4) Кога како сторител на прекршок се јавува правно лице, записникот и прекршочниот платен налог ги потпишува одговорното лице во правното лице или од него овластено лице.

(5) Административниот службеник од Министерството за информатичко општество и администрација овластен за вршење надзор, е должен да води евиденција за издадените прекршочни платни налози и за исходот од покренатите постапки.

(6) Во евиденцијата од ставот (5) на овој член се собираат, обработуваат и чуваат следните податоци: име и презиме, односно назив на сторителот на прекршокот, живеалиште, односно престојувалиште, седиште, вид на прекршокот, број на прекршочниот платен налог кој му се издава и исходот на постапката.

(7) Личните податоци од ставот (6) на овој член се чуваат пет години од денот на внесување во евиденцијата.

(8) Формата и содржината на записникот и на прекршочниот платен налог ги пропишува министерот за информатичко општество и администрација.

VI. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 35

(1) Подзаконските акти предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

(2) Министерството за информатичко општество и администрација ќе го воспостави Централниот регистар на население, најдоцна во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

(3) Договорот од член 17 став (2) од овој закон ќе се склучи најдоцна во рок од 15 дена сметано од денот на влегувањето во сила на овој закон.

(4) До денот на приемот на Република Северна Македонија во Европската унија, изворниците на податоци определени со член 11 став (1) од овој закон ќе ги интегрираат податоците од поединечните бази на податоци во Регистарот, најмалку еднаш на секои 24 часа.

Член 36

Одредбите од овој закон кои се однесуваат на другите субјекти од членот 4 став (1) точка 7 од овој закон, ќе започнат да се применуваат во рок од една година од денот на започнувањето на примената на овој закон.

Член 37

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе започне да се применува во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.