Закон за финансиска поддршка на инвестиции

Предмет на законот

Член 1

Со овој закон се уредуваат видовите, висината, условите, начинот и постапката за доделување на финансиска поддршка на инвестициите на деловните субјекти кои ќе инвестираат во Република Македонија.

Член 2

Овој закон претставува шема на помош согласно прописите со кои се уредува контролата на државната помош.

Цел на законот

Член 3

Целта на овој закон е поттикнување на економскиот раст и развој во Република Македонија преку поддршка на инвестициите за зголемување на конкурентноста на македонската економија и вработувањето.

Значење на употребени поими

Член 4

Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:

1. „Давател на државна помош“ е Владата на Република Македонија,

2. „Деловен субјект“ е трговец регистриран во Регистар на трговски друштва во Централен Регистар на Република Македонија, 

3. „Добавувач“ е секој деловен субјект кој не е капитално или на кој било друг начин согласно закон поврзан со корисникот на финансиската поддршка од овој закон и кој врши претходни процеси и операции врз производот кој се доставува и вградува во производот на корисникот на финансиската поддршка,

4. „Државна помош“ е помош доделена од давателот на државната помош во форма на финансиска поддршка согласно овој закон,

5. „Оправдани трошоци“ се трошоци за вложувања во материјални и нематеријални средства и/или трошоци за плата за новосоздадените работни места,

6. „Оправдани инвестициски трошоци“ се трошоци за вложувања во материјални и нематеријални средства за потребите на инвестицискиот проект,

7. „Материјални средства“ се сите средства како земјиште, згради, опрема, постројки и машини потребни за реализација на инвестицискиот проект,

8. „Нематеријални средства“ се вложувања во трансфер на технологија, стекнување патенти, лиценци, знаење и искуство (know-how), други права од интелектуална сопственост признаени во националното законодавство во земјата на потекло на правото односно во Република Македонија или непатентирано техничко знаење потребни за реализација на инвестициски проект,

9. „Трошоци за плата“ претставува вкупниот износ на средства кој како бруто плата корисникот на финансиската поддршка треба да ја плати за работните места директно создадени за реализација на инвестицискиот проект,

10. „Висина на финансиска поддршка“ е износ на поддршката изразен како процент од оправдани инвестициски трошоци или од оправдани трошоци за исплата на плати за ново создадени работни места,

11. „Корисник на финансиска поддршка“ е секој деловен субјект на кој му е доделена финансиска поддршка за реализација на инвестициски проект согласно овој закон,

12. „Продуктивни почетни инвестиции“ се инвестиции во материјални и/или нематеријални средства поврзани со:
– основање на нов деловен субјект;
– проширување на капацитетот на производството на постојниот деловен субјект;
– воведување на нови производи;
– суштинска промена во целокупниот процес на производство на постојниот деловен субјект и
– стекнување на основни средства од деловен субјект кој е во постапка на стечај или ликвидација, под услов истите да се купени од субјект којшто не е во капитална или друга поврзаност согласно закон со субјектот од кој се купуваат средствата. 

13. „Нова машина“ е секоја машина, опрема или постројка произведена не порано од две години од датумот на купување, која не е претходно користена (неамортизирана) и е набавена од корисникот на финансиската поддршка под реални пазарни услови и цена утврдени согласно меѓународни сметководствени стандарди прифатени во Република Македонија,

14. „Инвестициски проект“ се сите активности кои ќе бидат превземени од деловниот субјект и кои вклучуваат инвестиции во изградба на нови односно адаптација, реконструкција или доградба на веќе постоечки објекти, набавка на опрема, машини и постројки и отворање на нови работни места согласно деловниот план. 

15. „Голем инвестициски проект“ е инвестициски проект со вредност над 50.000.000 евра во денарска противвредност,

16. „Почеток на реализација на инвестициски проект“ е почетокот на градежни работи поврзани со инвестицискиот проект во кои не спаѓаат обезбедување дозволи, изработка на физибилити студии и слични активности за што корисникот на финансиската поддршка го известува барателот; првиот правно обврзувачки акт за нарачка на опрема; односно правно обврзувачки акт со кој се превземаат обврски поради кои инвестицијата не може да се врати во поранешна состојба.

Времетраење на инвестициски проект

Член 5

Инвестицискиот проект за кој се доделува финансиска поддршка согласно овој закон не може да трае подолго од пет години од денот на почетокот на реализација на инвестицискиот проект.

Учество на корисникот на финансиска поддршка во финансирањето

Член 6

Учеството на корисникот на финансиската поддршка во инвестицијата треба да изнесува најмалку 25% од вкупните оправдани инвестициски трошоци преку сопствени средства или од други извори на финансирање кое не претставува државна помош во смисла на Законот за контрола на државната помош.

Обврска за пријавување на големи проекти

Член 7

За секој голем инвестициски проект, давателот на државната помош задолжително ја известува Комисијата за заштита на конкуренцијата согласно закон.

Кумулација на финансиската поддршка

Член 8

(1) Вкупната финансиска поддршка која може да биде исплатена согласно овој и друг закон не може да надмине 50% од висината на реализираните оправдани трошоци.

(2) За големи инвестициски проекти висината на финансиска поддршка од овој закон изнесува:
– до 50% од оправданите инвестициски трошоци за инвестициски проект до 50.000.000 евра;
– до 25% за делот на оправданите инвестициски трошоци за инвестициски проекти од 50.000.000,00 евра до 100.000.000 евра и
– до 17% за делот на оправданите инвестициски трошоци за инвестициски проект кои надминуваат 100.000.000 евра.

(3) Ограничувањето од ставот (1) на овој член не се однесува на финансиска поддршка која се доделува и исплатува за воспоставување на организациони облици за технолошки развој и истражување.

Субјекти кои можат да бидат корисници на финансиска поддршка

Член 9

(1) Субјекти кои можат да бидат корисници на финансиска поддршка се деловни субјекти:
– кои вршат производствени дејности и
– кои оствариле пораст на приходи од дејност во последната година во однос на просекот од претходните три години или за пократок период доколку деловниот субјект е регистриран и започнал со дејност во период пократок од четири години сметано од денот на доставување на барање за доделување на финансиска поддршка и
– кои имаат ист просечен број односно пораст на просечниот број на вработени во последната година во однос на просекот од претходните три години или за пократок период доколку деловниот субјект е регистриран и започнал со дејност во период пократок од четири години сметано од денот на доставување на барање за доделување на финансиска поддршка.

(2) По исклучок од ставот (1) на овој член финансиска поддршка согласно овој закон не може да биде доделена на деловни субјекти кои вршат производствени дејности и воедно се вршители на:
– дејност од јавен интерес утврдени со закон;
– лиценцирана дејност;
– регулирана дејност;
– корисници на право на концесии, ако им е тоа доминантна дејност;
– кои вршат дејности поврзани со наменско производство (вооружување и воена опрема);
– кои произведуваат акцизна стока.

(3) Деловниот субјект кој ќе се стекне со право да користи финансиска поддршка согласно овој закон ќе го користи правото ако постојано и кумулативно ги исполнува условите предвидени во ставот (1) на овој член.

Субјекти кои не можат да бидат корисници на финансиска поддршка

Член 10

Финансиска поддршка согласно овој закон не може да биде доделена и на субјекти:
– кои користат субвенции, а кои вршат дејности од областа земјоделство и рибарство;
– кои вршат градежни дејности поврзани со изградба и продажба на станови и станбени згради и тоа само за делот на градежната дејност изградба и продажба на станови;
– кои вршат дејности од областа на информациско-комуникациски услуги освен ако дејноста е поврзана со воспоставување на организациони облици за технолошки развој и истражување.

Ограничување на финансиска поддршка

Член 11

Финансиска поддршка за реализација на инвестициски проект согласно овој закон не може да се додели на деловен субјект во технолошки индустриски развојни зони за исти оправдани трошоци како и на други деловни субјекти надвор од технолошко индустриски развојни зони за исти оправдани трошоци за кои веќе е доделена државна помош.

Реализација на финансиската поддршка

Член 12

(1) Финансиската поддршка се доделува за инвестиции и подобрување на конкурентноста, а се исплаќа во тековната година согласно членот 9 став (1) алинеја 2 од овој закон.

(2) Финансиската поддршка која се доделува на деловните субјекти согласно овој закон ќе се реализира на годишно ниво со директна исплата на сметката на корисникот во постапката утврдена со овој закон и согласно склучениот договор за финансиска поддршка.

Враќање на примена финансиската поддршка во случај на неисполнување на преземени обврски 

Член 13

Во случај на неисполнување на преземени обврски врз основа склучен договор за доделување на финансиска поддршка согласно овој закон, корисникот на финансиската поддршка е должен да ја врати примената финансиска поддршка во обем, рок и на начин уредени со договорот за финансиска поддршка.

Видови на финансиска поддршка

Член 14

(1) Видови на финансиска поддршка за инвестиции се:
а) Поддршка за нови вработувања;
б) Поддршка за воспоставување и унапредување на соработка со добавувачи од Република Македонија;
в) Поддршка за воспоставување на организациони облици за технолошки развој и истражување;
г) Поддршка за инвестициски проекти од значаен економски интерес;
д) Поддршка за пораст на капитални инвестиции и приходи и
ѓ) Поддршка за откуп на средства од претпријатија во потешкотии.

(2) Видови на финансиска поддршка за конкурентност се:
а) Поддршка за зголемување на конкурентност на пазарот;
б) Поддршка за освојување на пазари и пораст на продажба.

Финансиска поддршка за нови вработувања

Член 15

(1) Финансиска поддршка за нови вработувања се доделува за нови вработувања на државјани на Република Македонија со полно работно време.

(2) Деловен субјект кој ќе исплаќа континуирано месечна нето плата која е најмалку за 50% повисока од минималнатата нето плата предвидена со Законот за минимална плата во Република Македонија има право на финансиска поддршка во износ од 20% од исплатената месечна нето плата за секое ново вработување во текот на претходната година. 

(3) Максималниот годишен износ на финансиската поддршка од ставот (2) на овој член кој може да се додели за едно ново вработување изнесува 4.400 евра. Максималниот годишен износ на финансиската поддршка се утврдува сразмерно за периодот од денот на вработување.

(4) Финансиската поддршка од ставот (2) на овој член не може да се доделува за временски период подолг од пет години сметано од денот на првото вработување на конкретното работно место.

Член 16

За доделување на финансиска поддршка од членот 15 од овој закон деловниот субјект треба да ги исполни следните услови и тоа: 
1. Да оствари раст на приходи од дејноста и на просечниот број на вработените согласно членот 9 од овој закон и
2. Најмалку 75% од нововработените лица во текот на годината за која се бара финансиска поддршка треба да се лица кои исполнуваат најмалку еден од следните услови и тоа:
– најмалку 3 месеци пред вработувањето да немале засновано работен однос и најмалку 12 месеци пред вработувањето да не биле вработени кај корисникот на финансиската поддршка или во поврзан деловен субјект; или
– прв пат засноваат работен однос со него или
– последниот работен однос да им престанал поради отворање на стечајна или ликвидациска постапка или
– непосредно пред вработувањето да бил вработен во јавна или државната администрација.

Финансиска поддршка за воспоставување и унапредување на соработка со добавувачи регистрирани во Република Македонија

Член 17

(1) Финансиската поддршка за воспоставување и унапредување на деловната сорабoтка со добавувачи регистрирани во Република Македонија се однесува на деловни субјекти кои вршат дејност во технолошко индустриските развојни зони, кои ќе набават и вградат производи во крајниот производ наменет за извоз од добавувачи регистрирани во Република Македонија кои вршат производствена дејност.

(2) Финансиската поддршка од ставот (1) на овој член изнесува 1% од вредноста на вкупно извршените набавки под услов 15% од вкупниот производ кој се доставува и вградува во производот на корисникот на финансиската поддршка во претходната година, да биде извршен од добавувачи регистрирани во Република Македонија.

(3) Максималниот годишен износ на финансиската поддршка од ставот (2) на овој член не може да изнесува повеќе од 300.000 евра во денарска противвредност по среден курс на Народна банка на Република Македонија на денот на исплатата.

(4) Деловната соработка од ставот (1) на овој член се утврдува согласно процентуалниот удел на набавките на производите кои се доставуваат и вградуваат во производот на корисникот на финансиската поддршка од добавувачите. При тоа не се земаат во предвид набавки извршени од јавни претпријатија (електрична енергија, горива, гас, вода, комуналии, телеком услуги, и сл.) како и адвокатски, сметководствени или консултантски услуги. 

(5) Финансиската поддршка од ставот (1) на овој член не може да се доделува за временски период подолг од седум години од датумот на започнувањето на користење на поддршката.

Член 18

За остварување на правото на финансиска поддршка од членот 17 од овој закон треба да бидат исполнети следните услови и тоа:
– корисникот да оствари раст на приходи од дејноста и на просечниот број на вработените согласно членот 9 од овој закон и
– корисникот да реализирал набавка од добавувач регистриран во Република Македонија кој не е капитално или на кој било начин согласно закон поврзан со корисникот на финансиската поддршка и кој врши претходни процеси и операции врз производот кој се доставува и вградува во производот на корисникот на финансиската поддршка.

Член 19

Корисникот на финансиската поддршка од членот 17 од овој закон има обврска да ја одржи дејноста најмалку три години сметано од последната година за која е исплатена финансиската поддршка.

Финансиска поддршка за воспоставување на организациони облици за технолошки развој и истражување

Член 20

(1) Финансиска поддршка за воспоставување на организациони облици за технолошки развој и истражување се доделува за воспоставување на одделенија, центри или друг облик на организациска структура, во кои се реализираат одржливи истражувачки и развојни проекти и се ангажира висококвалификуван персонал со цел стекнување на нови знаења и вештини за развој на нови производи, производни процеси или услуги, или за значително подобрување на постојните производи, производните процеси и услуги во производните дејности.

(2) Финансиската поддршка од ставот (1) на овој член се доделува на деловни субјекти кои ќе формираат самостојни организациони облици за технолошки развој и истражување, или ќе ги формираат како дел од постојната организациона структура.

(3) Финансиската поддршка од ставот (1) на овој член изнесува до 50% од вкупните оправдани трошоци за индустриско истражување по корисник од кои 30% се доделуваат за инвестициски трошоци од ставот (4) алинеја 1 на овој член, но не повеќе од 1.000.000 евра во денарска противвредност по среден курс на Народна банка на Република Македонија на денот на исплатата по проект за кој се генерирани инвестициски трошоци.

(4) Оправдани инвестициски трошоци од ставот (1) на овој член се:
– трошоци за инструменти и опрема кои се користат за потребите на истражувачкиот проект;
– трошоци за згради и земјиште на кое ќе се воспостави организационен облик за технолошки развој;
– трошоци за договорно истражување, техничко знаење и патенти купени или лиценцирани од страна на надворешни извори по пазарни цени;
– дополнителни трошоци настанати директно како резултат на истражувачки проекти и
– други оперативни трошоци, вклучувајќи ги и трошоците за материјали, набавки и слични производи настанати директно како резултат на истражувачката дејност.

(5) Финансиската поддршка од ставот (3) на овој член се доделува за временски период не подолг од пет години сметано од годината во кое е поднесено барање за доделување на финансиска поддршка. 

Член 21

(1) За остварување на правото на финансиска поддршка од членот 20 од овој закон деловниот субјект треба да ги исполни следните услови и тоа:
– да оствари раст на приходи од дејноста и на просечниот број на вработените во однос на остварениот приход и просечниот број на вработени согласно член 9 од овој закон;
– претежната дејност на деловниот субјект да е од областа на производството; и
– активностите и резултатите на организациониот облик за технолошки развој и истражување да се применливи во производство.

(2) Корисникот на финансиската поддршка треба да го задржи просечниот број на нововработени доколку користел финансиска поддршка за исплата на нето платите од членот 15 од овој закон, за период од најмалку три години од последната година за која е исплатена финансиска поддршка.

Финансиска поддршка за инвестициски проекти од значаен економски интерес за Република Македонија

Член 22

Инвестициски проекти од значаен економски интерес за Република Македонија се:
– инвестициски проекти чија инвестиција изнесува најмалку 4.000.000 евра и обезбедува најмалку 300 нови работни места или
– инвестициски проекти чија инвестиција изнесува најмалку 20.000.000 евра.

Член 23

(1) Финансиската поддршка за инвестициски проекти од значаен економски интерес за Република Македонија се состои од:
а) исплата на средства во висина на платен персонален данок на доход од платите на вработени државјани на Република Македонија;
б) исплата на средства во висина на платен данок на добивка;
в) парични средства во износ до 10% од реализираниот износ на инвестицијата (материјални и нематеријални средства) предвидена со договор реализирана по склучување на Договорот за доделување на финансиска поддршка, но не повеќе од 1.000.000 евра во денарска противвредност по среден курс на Народна банка на Република Македонија на денот на исплатата; 
г) исплата на парични средства за секој вработен за кој е исплатена нето плата повисока за најмалку 50% повисока од висината на минималната нето плата пропишана со Законот за минимална плата во Република Македонија и тоа: 
– износ од 2.000 евра во денарска противвредност по среден курс на Народна банка на Република Македонија на денот на исплатата за деловен субјект кој вработува до 300 лица;
– износ од 3.000 евра во денарска противвредност по среден курс на Народна банка на Република Македонија на денот на исплатата за деловен субјект само за делот на вработените од 301 до 500 лица;
– износ од 3.500 евра во денарска противвредност по среден курс на Народна банка на Република Македонија на денот на исплатата за деловен субјект само за делот на вработените од 501 – 1000 лица;
– износ од 4.000 евра во денарска противвредност по среден курс на Народна банка на Република Македонија на денот на исплатата за деловен субјект само за делот на вработените од 1001 – 2000 лица.

(2) Финансиската поддршка од ставот (1) точки а) и б) од овој член не може да се додели на корисници кои користат финансиска поддршка од ист вид согласно закон.

(3) Финансиската поддршка од ставот (1) точка в) од овој член не може да се додели на корисници кои користат финансиска поддршка од членот 25 од овој закон.

(4) Финансиската поддршка од ставот (1) точка г) алинеи 1, 2, 3 и 4 на овој член не се доделува на корисници кои користат финансиска поддршка од членот 15 од овој закон.

Член 24

(1) Финансиската поддршка од членот 23 став (1) точка а) од овој закон се остварува на годишно ниво во времетраење од 10 години сметано од месецот за кој прв пат била исплатена плата на вработените, но не подоцна од една година сметано од датумот на склучување на договорот за финансиска поддршка.

(2) Финансиската поддршка од членот 23 став (1) точка б) од овој закон се остварува на годишно ниво во времетраење од 10 години сметано од датумот кога деловниот субјект започнал со дејност, односно не подоцна од една година сметано од годината на склучување на договорот за финансиска поддршка.

(3) Финансиската поддршка од членот 23 став (1) точка в) од овој закон се остварува на годишно ниво за период од три години сметано од годината на склучување на договорот за финансиска поддршка, односно не подоцна од годината на започнување на инвестицискиот проект.

(4) Финансиската поддршка од членот 23 став (1) точка г) алинеи 1, 2, 3 и 4 на овој закон ќе се исплатува еднократно за секое ново создадено работно место на годишно ниво за период од четири години сметано од годината на склучување на договорот, односно од годината на започнување на инвестицискиот проект.

(5) Корисникот на финансиската поддршка треба ја одржи инвестицијата и новосоздадените работни места за период од најмалку пет години од последната година во која е завршен инвестицискиот проект.

Финансиска поддршка за пораст на капитални инвестиции и приходи

Член 25

(1) Финансиска поддршка за пораст на капитални инвестиции и приходи е поддршка за деловни субјекти кои реализираат почетни или дополнителни инвестициски вложувања за набавка на нови машини и опрема или за инвестиции во објекти и земјиште неопходни за дејноста на корисникот во рамките на инвестицискиот проект.

(2) Максималниот годишен износ на финансиската поддршка од ставот (1) на овој член ќе изнесува 10% од реализираната инвестиција, но не повеќе од 1.000.000 евра во денарска противвредност по среден курс на Народна банка на Република Македонија на денот на исплатата вкупно за времетраењето на целиот инвестициски проект.

(3) Финансиската поддршка од ставот (1) на овој член ќе се исплатува на годишно ниво за временски период од пет години од датумот на започнување на инвестицискиот проект.

Член 26

(1) За остварување на финансиска поддршка од членот 25 од овој закон деловниот субјект треба да не го намали просечниот број на вработени и приходите од дејноста на работењето под просекот во претходните три години, или за пократок период во зависност од датумот на кој деловниот субјект е основан или започнал со дејност.

(2) Корисникот на финансиската поддршка треба ја одржи инвестицијата за период од најмалку пет години од последната година во која е завршен инвестицискиот проект.

Финансиска поддршка за откуп на материјални средства од деловни субјекти со потешкотии

Член 27

(1) Финансиска поддршка за откуп на материјални средства од деловни субјекти со потешкотии се доделува на деловни субјекти кои ќе започнат инвестициски проект и откупиле материјални средства на деловен субјект во постапка на стечај или ликвидација кои ќе ги користат исклучиво во производствениот процес во рамки на инвестицискиот проект.

(2) Максималниот износ на финансиската поддршка од ставот (1) на овој член ќе изнесува 10% од трошоците за купување на материјални средства на деловниот субјект во стечај или ликвидација, но не повеќе од 1.000.000 евра во денарска противвредност по среден курс на Народна банка на Република Македонија на денот на исплатата.

(3) Финансиската поддршка од став (1) на овој член се исплатува еднократно во рок од 12 месеци сметано од денот на започнување на производствениот процес.

(4) Користењето на финансиската поддршка од ставот (1) на овој член го исклучува користењето на финансиска поддршка од членот 25 од овој закон.

Член 28

(1) За остварување на финансиската поддршка од членот 27 од овој закон корисникот треба да ги исполни следните услови и тоа:
– да е деловен субјект кој во периодот од последните три години пред отворањето на стечајната или ликвидациската постапка освен преку деловна соработка не бил поврзан на кој било начин со деловниот субјект кој е во постапка на стечај или ликвидација и
– да откупи материјални средства од деловниот субјект кој е во постапка на стечај или ликвидација и кој пред отворањето на постапката на стечај или ликвидација имало најмалку 50 вработени. 

(2) Корисникот на финансиската поддршка треба да го одржи инвестицискиот проект за кој се откупени материјалните средства најмалку пет години по датумот на започнување на инвестицискиот проект.

Финансиска поддршка за зголемување на конкурентност на пазарот

Член 29

(1) Финансиската поддршка за деловни субјекти кои ја зголемиле својата конкурентност на пазарот се доделува за остварување на пораст на продадени количини или пораст на приход од дејност за продадени производи на пазарот.

(2) Максималниот износ на финансиската поддршка од ставот (1) на овој член изнесува 10% од оправданите инвестициските трошоци но не повеќе од 1.000.000 евра во денарска противвредност по среден курс на Народна банка на Република Македонија на денот на исплатата годишно. 

(3) Финансиската поддршка од ставот (1) на овој член ќе се доделува на годишно ниво, но не повеќе од пет години сметано од датумот на започнување на инвестициски проект.

Член 30

За остварување на финансиска поддршка од членот 29 од овој закон корисникот на финансиската поддршка треба да ги исполни следните услови и тоа:
– да оствари пораст на продадени количини или пораст на приход од дејност за продадени производи на пазарот во годината за која аплицира, за најмалку 5% повеќе од просекот во последните три години и
– да задржи или да оствари пораст на просечниот број на вработени и пораст на приходите од дејноста на работењето од најмалку 5% над просекот во претходните три години, или за пократок период во зависност од датумот на кој претпријатието е основано или започнало со дејност утврдено согласно договорот за финансиска поддршка.

Финансиска поддршка за освојување на нови пазари и пораст на продажба

Член 31

(1) Финансиската поддршка за освојување на нови пазари и пораст на продажба се доделува на деловни субјекти за оправдани трошоци за освојување на нови пазари и остварување на пораст во продажбата на новите пазари кои се однесуваат на:
– заеднички (организиран) настап на саеми во странство;
– заеднички (организиран) настап на деловни настани при посети на држави;
– деловни средби со фирми на странски пазари;
– истражување на странски пазари;
– сертифицирање на производите согласно барањата на странски пазари и
– подготовка за маркетиншки настап на странски пазари (изработка на промотивен материјал, каталози, брошури, дизајн на веб-страници) 

(2) Максималниот износ на финансиската поддршка од ставот (1) на овој член ќе изнесува 20% од оправданите трошоци за освојување на нови пазари, но не повеќе од 30.000 евра во денарска противвредност по среден курс на Народна банка на Република Македонија на денот на исплатата.

(3) Финансиската поддршка од ставот (1) на овој член не се однесува на корисниците на технолошко-индустриските развојни зони.

(4) Финансиската поддршка од ставот (1) на овој член се исплаќа на годишно ниво, а ќе се доделува континуирано се до достигнување на максималниот износ од ставот (2) на овој член.

Член 32

За остварување на финансиската поддршка од членот 31 од овој закон корисникот треба да задржи ист или да оствари пораст на просечниот број на вработени и да оствари пораст на приходите од дејноста на работењето согласно членот 9 од овој закон.

Член 33

За почетни инвестициски вложувања на деловни субјекти основани од државјани на Република Македонија, коишто имаат живеалиште или привремен престој надвор од Република Македонија, износот на финансиската поддршка од членот 23 став (1) под в), членот 25 став (2), членот 27 став (2) и членот 29 став (2) од овој закон, се зголемува за 10% од реализираната инвестиција, но не повеќе од 1.000.000 евра во денарска противвредност по среден курс на Народна банка на Република Македонија на денот на исплатата.

Постапка за доделување на финансиска поддршка

Член 34

(1) Финансиската поддршка согласно овој закон ја доделува Владата на Република Македонија.

(2) Договорите за финансиска поддршка во име на Владата ги потпишува еден од следните потписници:
– Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори;
– Министерот за економија;
– Министрите без ресор задолжени за странски инвестиции;
– Министерот без ресор, задолжен за регулатива за подобрување на инвестиционата клима за домашните претпријатија;
– Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони;
– Директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија.

Средства за финансиска поддршка

Член 35

Финансиската поддршка од членовите 15, 17, 20, 23, 25, 27, 29, 31 и 33 од овој закон се одобрува до износот на средства за таа цел утврдени во буџетот за тековната година на институциите надлежни за исплата.

Надлежни органи за спроведување на постапката за доделување на финансиска поддршка

Член 36

(1) Надлежни органи за спроведување на постапката за доделување на финансиска поддршка се Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони и Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.

(2) За инвестициски проекти во технолошко индустриски развојни зони деловните субјекти поднесуваат барања за користење на финансиска поддршка до Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони.

(3) За инвестициски проекти надвор од технолошко индустриски развојни зони деловните субјекти поднесуваат барања за користење на финансиска поддршка до Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија.

Постапка за доделување на финансиска поддршка

Член 37

(1) За доделување на финансиска поддршка согласно овој закон, деловниот субјект поднесува барање за доделување на финансиска поддршка до надлежните органи од членот 36 ставови (2) и (3) од овој закон.

(2) Кон барањето се доставува Писмо на намери, деловен план за инвестициски проект и финансиски извештај за последните три години или за пократок период во зависност од датумот на кој деловниот субјект е основан или започнал со дејност. 

(3) Освен документите од став (1) на овој член надлежниот орган од членот 36 ставови (2) и (3) од овој закон може да побара од подносителот на барањето да достави и други документи со кои се потврдуваат податоци и факти наведени во барањето за финансиска поддршка. 

(4) Формата и содржината на барањето од ставот (1) на овој член како и потребната документација од ставот (3) на овој член ги пропишува министерот за економија.

Член 38

(1) Надлежните органи од членот 36 ставови (2) и (3) од овој закон најдоцна до крајот на тековниот месец ги разгледуваат барањата пристигнати во претходниот месец и доставената документација при што ја утврдува комплетноста на барањето и доставената документација како и дали поднесените барања ги исполнуваат условите за доделување финансиска поддршка согласно овој закон врз основа на што составува писмен извештај за разгледаните барања. 

(2) Доколку доставените барања и документацијата од ставот (1) на овој член не се комплетни надлежните органи од членот 36 ставови (2) и (3) од овој закон доставуваат известување во рок од осум дена од разгледувањето на барањето, до барателот со укажување за дополнување на поднесеното барање со потребна документација во рок од 15 дена од денот на доставувањето на известувањето.

(3) Доколку барателот не постапи согласно ставот (2) на овој член надлежните органи од членот 36 ставови (2) и (3) од овој закон ќе го известат барателот во рок од осум дена од истекот на рокот за дополнување на барањето, дека барањето поради некомплетност нема да биде предмет на разгледување во постапката за доделување на финансиска поддршка.

(4) Доколку барањето од ставот (1) на овој член не ги исполнува условите за доделување на финансиска поддршка согласно овој закон, на барателот во рок од осум дена од разгледување на доставеното комплетно барање му се доставува известување дека нема да биде предмет на разгледување во постапката за доделување на финансиска поддршка.

(5) Надлежните органи од членот 36 ставови (2) и (3) од овој закон до Комисијата за евалуација на барањата за финансиска поддршка за инвестиции формирана од Владата на Република Македонија (во понатамошниот текст: Комисија за евалуација) во рок од 15 дена го доставува писмениот извештај од ставот (1) на овој член со сите барања со потребната документација кои ги исполнуваат условите согласно овој закон за доделување на финансиска поддршка. 

(6) Комисијата за евалуација од ставот (5) на овој член ја сочинуваат по еден член од Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија, Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, кабинетите на министрите без ресор задолжени за странски инвестиции, Кабинетот на министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Министерството за економија, Министерството за финансии, Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија.

На членовите на Комисијата за евалуација им следува надоместок, кој го определува Владата на Република Македонија, врз основа на бројот на разгледани барања и бројот на одржани состаноци. Со работата на Комисијата претседава членот од Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори. 

(7) За начинот на својата работа Комисијата за евалуација донесува Деловник за работа.

(8) Комисијата за својата работа најмалку двапати годишно доставува Извештај за својата работа до Владата на Република Македонија. 

(9) Комисијата за евалуација го разгледува писмениот извештај со добиените барања и документацијата од ставот (5) на овој член и во рок од 15 дена од приемот на истите изготвува Извештај.  Извештајот содржи: број на добиени барања, видот на финансиската поддршка и висината на финансиските средства потребни за доделување на истата, листа на деловните субјекти и инвестициските проекти чии барања ги исполнуваат условите за склучување на договор за финансиска поддршка, како и мислење за исполнетост на услови за добивање финансиска поддршка согласно овој закон. Извештајот треба да биде потпишан од најмалку две третини од сите членови на Комисијата.

(10) Извештајот од ставот (9) на овој член, се доставува до надлежните органи од членот 36 ставови (2) и (3) од овој закон во рок од 15 дена од изготвување на Извештајот од ставот (9) на овој член. 

Член 39

Надлежните органи од членот 36 ставови (2) и (3) од овој закон врз основа на Извештајот на Комисијата за евалуација од членот 38 став (9) од овој закон, најдоцна во рок од 30 дена од добивањето на Извештајот до Владата на Република Македонија доставуваат нацрт договор за добивање согласност за доделување на финансиска поддршка. 

Договор за финансиска поддршка

Член 40

(1) Договорот за доделување на финансиска поддршка особено ги содржи следните елементи:
– договорни страни;
– предмет на Договор за доделување на финансиска поддршка; 
– видот на финансиската поддршка која се доделува со Договор за доделување на финансиска поддршка;
– права и обврски на договорни страни;
– рокови за исполнување на превземни права и обврски;
– начин на исплата на финансиската поддршка;
– одредби во случај на неисполнување на преземени обврски;
– одредби за престанок;
– одредби за раскинување на договорот;
– одредби за решавање на спорови.

(2) Договорот за финансиска поддршка кој не ги содржи елементите од ставот (2) на овој член е ништовен. 

Известување и евиденција за склучен договор за доделување на финансиска поддршка

Член 41

(1) Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони води евиденција за сите склучени договори за доделување на финансиска поддршка и во име на давателот на финансиската поддршка доставува годишен извештај до Комисијата за заштита на конкуренцијата, еднаш годишно.

(2) Примерок од договорот за доделување на финансиска поддршка веднаш, но најдоцна во рок од три дена по потпишувањето се доставува до органот кој води евиденција на склучени договори за финансиска поддршка.

Следење на спроведување на склучени договори за доделување на финансиска поддршка

Член 42

Надлежните органи од членот 36 ставови (2) и (3) од овој закон го следат спроведувањето на склучените договори за доделување на финансиска поддршка.

Исплата на финансиска поддршка

Член 43

(1) Корисникот на финансиската поддршка кој ги исполнил условите согласно договорот за финансиска поддршка најдоцна до 30 јуни во тековната година за исплата на средства согласно склучениот договор за финансиска поддршка доставува барање за исплата на финансиската поддршка со потребната документација до надлежниот орган од членот 36 ставови (2) и (3) од овој закон. Доколку надлежниот орган не е потписник на договорот за финансиска поддршка барањето за исплата до Владата на Република Македонија се доставува преку надлежните органи од членот 36 ставови (2) и (3) од овој закон.

(2) Надлежните органи за исплата од ставот (1) на овој член го разгледуваат Барањето за исплата на финансиската поддршка и откако ќе утврдат дека се исполнети условите за користење на финансиска поддршка предвидени во овој закон ќе изврши исплата на износот кој му следува на корисникот не подоцна од 60 дена од денот на поднесување на комплетно барање за исплата. 

(3) Формата и содржината на барањето и потребната документација од ставот (1) на овој член ги пропишува министерот за економија.

Надзор

Член 44

Надзор над примената на овој закон врши Министерството за економија.

Преодни и завршни одредби

Член 45

Деловните субјекти кои ќе склучат договори за финансиска поддршка од денот на влегувањето во сила на овој закон до крај на јули 2018 година, можат да поднесат барања за исплата на финансиската поддршка за реализираните оправдани инвестициски трошоци согласно овој закон најдоцна до 30.11.2018 година. Одобрената финансиска поддршка ќе се исплати најдоцна до 31.12.2018 година.

Член 45-а 

(1) Деловните субјекти од кожарско преработувачката и текстилната индустрија, најдоцна во рок од две години од денот на влегување во сила на овој закон, можат да поднесуваат барања за исплата за финансиска поддршка за реализирани оправдани инвестициски трошоци при што за овие деловни субјекти не се применуваат ограничувањата од членот 9 став (1) алинеја 3 од овој закон.

(2) Деловните субјекти од ставот (1) на овој член можат да поднесуваат барања за исплата за финансиска поддршка за реализирани оправдани инвестициски трошоци само во случај кога оствариле пораст на приходи од дејност во последната година во однос на просекот од претходните три години или за пократок период доколку деловниот субјект е регистриран и започнал со дејност во период пократок од четири години, сметано од денот на доставување на барање за доделување на финансиска поддршка.

Донесување на подзаконските акти

Член 46

Подзаконските акти, предвидени во овој закон, ќе се донесат во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Примена на одделни одредби

Член 47

(1) Деловните субјекти кои се корисници на технолошки индустриски развојни зони и кои до денот на влегувањето во сила на овој закон имаат склучено договори за државна помош согласно Закон за технолошки индустриски развојни зони и кои ги исполнуваат условите предвидени во овој закон можат да поднесат барање за доделување на финансиска поддршка.

(2) Деловните субјекти кои до денот на влегувањето во сила на овој закон кои имаат склучено договори за државна помош согласно Закон за контрола на државна помош и кои ги исполнуваат условите предвидени во овој закон можат да поднесат барање за доделување на финансиска поддршка.

Влегување во сила

Член 48

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.