Закон за урбано зеленило

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Предмет на Законот

Член 1

(1) Со овој закон се уредува планирањето, проектирањето, подигањето, одржувањето, заштитата и реконструкцијата на урбаното зеленилото, финансирањето и управувањето со него, како и надзорот над примената на одредбите на овој закон. 

(2) Под урбано зеленило во смисла на овој закон се подразбираат зелените површини во границите на планскиот опфат на урбанистички план, урбанистичко-планска документација, регулациски план на генерален урбанистички план, архитектонско урбанистички проект, како и зелените површини во непосредна близина на градот, надвор од планскиот опфат, кои со посебен акт се дадени под надлежност на општините со седиште во градот, како парк-шуми, спортско-рекреативни центри и друго (во натамошниот текст: зеленило).

Дефиниции

Член 2

Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:

1) „Зелен катастар“ е попис на вкупното зеленило на подрачјето на општината, општината во градот Скопје и градот Скопје, според вид, старост, квалитет, просторна распределба и друго;

2) „Парк“ е зелена површина со големина над 1ха, која се користи за одмор, шетање, разонода и игра;

3) „Парк-шума“ е земјишна површина обрасната со шумски дрва, со големина над 5ха и заштитена со закон поради посебни природни вредности;

4) „Зелен плоштад“ е зелена површина со големина под 1ха, која се користи за пешачки транзит, краткотраен одмор и игра;

5) „Дрворед“ е линиски облик на зеленило, поставено по должината на сообраќајницата;

6) „Зелен коридор“ е зелена површина долж сообраќајници и површини за пешачки и велосипедски сообраќај (средишно зеленило на булевари, живи огради и слично);

7) „Заштитно зеленило“ е зеленило што се поставува за да ги изолира зоните со инкомпатибилни намени и има улога на тампон-зона за заштита од индустриско загадување, ветер, подземни води, ерозија и свлекување на земјиштето, бучава, прав, непријатни мириси, како и за рекултивирање на јаловиштe, депонии и деградирани простори;

8) „Неуредено зеленило“ се неуредени површини наменети за јавно зеленило во урбанистичките планови (напуштени површински копови, депонии, земјишта и слично);

9) „Оштетено дрво“ е исушено дрво, дрво со надмината физиолошка и биолошка возраст, дрво нападнато од карантински болести и штетници, дрво со значителни физички оштетувања по разни основи и заболено дрво кај кое не постои можност за успешно санирање на неговата здравствена состојба.

Цели на законот

Член 3

(1) Основна цел на овој закон е управување со урбаното зеленило на начин на кој трајно ќе се сочува и зголеми неговата вредност, за да може да ги врши своите функции.

(2) Под функции на урбаното зеленило се подразбира неговата улога во:
– подобрување на квалитетот на воздухот,
– подобрување на здравјето на граѓаните,
– подобрување на микроклимата,
– намалување на бучавата,
– намалување на загадувањето на почвата,
– зачувување на биолошката разновидност,
– заштита од прекумерна инсолација,
– адаптирање кон климатските промени,
– намалување на лизгањето и ерозијата на земјиштето,
– естетско облагородување и декорација на теренот,
– создавање услови за спорт, одмор и рекреација,
– социјална интеграција на заедниците и подобар квалитет на живот,
– зачувување на естетскиот, историскиот и културниот идентитет на градот,
– заштита на пејзажните вредности во урбаните предели,
– развој на туризмот и други услужни дејности и
– обезбедување рамнотежа во изградениот простор и допир со природата.

Член 4

Посебни цели на овој закон се:
1) планирање, проектирање, подигање, одржување, заштита и реконструкција на зеленилото на одржлив начин;
2) утврдување на фактичката состојба на фондот на зеленило со Зелениот катастар;
3) третирање на зеленилото како посебна планска проекција од членот 1 став (2) од овој закон;
4) дефинирање стандарди и нормативи за планирање и проектирање на зеленилото;
5) дефинирање нормативи за одржување на зеленилото;
6) утврдување мерки за заштита и обнова на зеленилото;
7) воспоставување систем за управување и финансирање на зеленилото;
8) унапредување на зеленилото заради подобрување на квалитетот на живот и
9) подигање на еколошката свест кај граѓаните.

Член 5

Целите од членовите 3 и 4 од овој закон се остваруваат со:
1) изработка на Зелен катастар на подрачјето на општината, општината во градот Скопје и градот Скопје;
2) изработка на Стратегија за развој на зеленилото на подрачјето на општината или на градот Скопје за период од 10 години;
3) изработка на Основен план за планирање, проектирање, подигање, одржување, заштита и реконструкција на зеленилото на подрачјето на општината или на градот Скопје за период од три до пет години;
4) изработка на Годишна оперативна програма за подигање и одржување на зеленилото на подрачјето на општината или на градот Скопје;
5) утврдување стандарди и нормативи за планирање и проектирање на зеленилото;
6) носење Одлука за зеленило или друг правен акт со кој општината или градот Скопје го уредува зеленилото.

Основни принципи

Член 6

(1) Основни принципи за заштита и унапредување на зеленилото се:
1) Одржливост – подразбира систем на општествени и економски активности со кои се обезбедува соодветно користење на постојните зелени површини, нивно зачувување, заштита и унапредување, во согласност со воспоставени стандарди и нормативи.
2) Интегрираност – подразбира вградување на заштитата и унапредувањето на зелените површини како природни вредности во стратегијата за одржлив развој, просторното и урбанистичкото планирање, како и други планови и програми, со издвојување на приоритетни интервентни мерки и создавање основа за долгорочна развојна политика на системот на зелени површини.
3) Соработка – подразбира заедничко дејствување и координирање на органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа, организациите и институциите, како и други правни и физички лица, во извршувањето на своите должности и задачи во согласност со начелата, целите и мерките за заштита, обнова и унапредување зелените површини. 
4) Едукација – подразбира информирање, едукација и обука од најмала возраст и подигање на свеста за значењето на зелените површини и животната средина, како и за примената на законите од оваа област.
5) Пристап до информации и учество на јавноста – подразбира обезбедување право на пристап до информации на секој граѓанин за активностите поврзани со зелените површини, со кои располагаат органите на управата и стручните организации на кои им се доверени работите за одржување и унапредување на зелените површини, вклучувајќи ја и можноста да учествуваат во процесот на донесување одлуки.

(2) За заштитата и унапредувањето на зелените површини се применуваат и основните начела за заштита на животната средина, во согласност со закон.

II. ВИДОВИ ЗЕЛЕНИЛО

Член 7

Урбаното зеленило согласно со овој закон опфаќа:
1) јавно зеленило и
2) останато зеленило.

Јавно зеленило

Член 8

(1) Јавно зеленило се зелените површини или земјиштето наменето за озеленување од членот 1 став (2) од овој закон, со основна намена да бидат урбано зеленило, а се под надлежност на општината, општината во градот Скопје и градот Скопје.

(2) Јавното зеленило е добро за општа употреба.

Член 9

Типови јавно зеленило се:
1) парк;
2) парк-шума;
3) зелен плоштад;
4) дрворед;
5) зелен коридор;
6) заштитно зеленило;
7) неуредено зеленило и
8) друго зеленило на јавни отворени простори.

Останато зеленило

Член 10

Останато зеленило се зелените површини или земјиштето наменето за озеленување од членот 1 став (2) од овој закон, кои претставуваат придружна содржина на други основни намени, а се во сопственост на физички и правни лица, или дадени на нивно користење.

Член 11

Типови останато зеленило се:
1) зелени површини покрај објекти за домување (станбени куќи, станбени згради и друго);
2) зелени површини покрај комерцијални и деловни објекти (комерцијални и деловни единици, угостителски единици, хотелски комплекси и слично);
3) зелени површини покрај објекти на јавни институции (образовни, здравствени, социјални, културни, државни, верски и други);
4) зелени површини покрај објекти за производство, дистрибуција и сервиси (мали и големи комерцијални и деловни единици, угостителски единици, хотелски комплекси и друго);
5) зелени површини покрај објекти за спорт, рекреација и меморијални простори (гробишта и меморијални паркови);
6) зелени површини покрај инфраструктура (комунална, некомпатибилна и друга);
7) посебни зелени комплекси (ботанички градини, зоолошки градини, дендро-паркови, арборетуми, изложби на цвеќе и слично);
8) расадници;
9) зеленило на кровни тераси и вертикално зеленило на фасади.

III. УПРАВУВАЊЕ СО ЗЕЛЕНИЛОТО

Надлежност за управување со зеленилото

Член 12

(1) Управувањето со зеленилото, што подразбира подигање, одржување, заштита и реконструкција на зеленилото, е во надлежност на општината, општините во градот Скопје, градот Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање.

(2) Општината, општината во градот Скопје и градот Скопје има надлежност да:
1) подготвува и предлага до советот на единицата на локалната самоуправа Стратегија за развој на зеленилото, која ги дава насоките за креирање на планските решенија во делот на зеленилото при изработката на сите планови и проекти од членот 1 став (2) од овој закон и ја следи неговата реализација во поглед на заштита и унапредување на системот на зеленило;
2) подготвува и предлага до советот на единицата на локалната самоуправа Основен план за подигање и развој на зеленилото за период од три до пет години, во кој се утврдува просторот кој треба да се озелени и процентот на озеленетост што треба да се реализира во временскиот период и ја следи неговата реализација во согласност со Стратегијата за развој на зеленилото;
3) подготвува и предлага до советот на единицата на локалната самоуправа Годишна оперативна програма за подигање и одржување на зеленилото, во која се утврдуваат видот и површината на зеленилото што ќе биде подигнато и одржувано, динамиката на подигање и начинот на одржување, процентот на озеленетост, изворот на обезбедување и висината на финансиските средства во тековната година и друго и ја следи нејзината реализација во согласност со Основниот план за подигање и развој на зеленилото;
4) подготвува и предлага до советот на единицата на локалната самоуправа Одлука за зеленило или друг правен акт со кој се уредува зеленилото;
5) иницира и координира изработка на студии од интерес за унапредување на зеленилото;
6) издава решенија во согласност со овој закон;
7) воспоставува и ажурира Зелен катастар, достапен за јавноста;
8) врши инспекциски надзор преку комунални инспектори,
9) обезбедува учеството на јавноста и невладините организации во донесувањето одлуки од значење за заштита и унапредување на зеленилото, во областа на едукацијата, информирањето и слично.

(3) Министерството за животна средина и просторно планирање има надлежност да:
1) пропишува Правилник за планирање, проектирање, подигање и одржување на зеленилото, во кој се утврдени формата и содржината на Стратегијата, Планот и Програмата од ставот (2) точки 1, 2 и 3 на овој член, како и формата и содржината на Зелениот катастар;
2) врши надзор над спроведувањето на законот.

Член 13

Подигање, одржување, заштита и реконструкција на јавното зеленило врши јавно претпријатие основано од општината или градот Скопје, или правно лице регистрирано за вршење на овие дејности согласно со закон.

Член 14

Подигање, одржување и реконструкција на останатото зеленило, кое е дел од градежна парцела со одредена намена, врши правно или физичко лице, сопственик или корисник на таа градежна парцела, во согласност со овој закон.

IV. ПЛАНИРАЊЕ И ПРОЕКТИРАЊЕ НА ЗЕЛЕНИЛОТО

Планирање на зеленило

Член 15

(1) Планирањето на зеленилото во границите на планскиот опфат на град во општините и градот Скопје се врши со Генерален урбанистички план кој ги дава основните намени на просторот, во согласност со Стратегијата за развој на зеленилото.

(2) Планирањето на зеленилото во границите на планскиот опфат на општината, надвор од град, се врши со урбанистички план и урбанистичко-планска документација, во согласност со членот 1 став (2) од овој закон.

(3) Надлежност за планирање на зеленилото има општината, градот Скопје и Министерството за транспорт и врски.

Планирање на просторот за зеленило

Член 16

(1) Просторот предвиден за зеленило на ниво на град, генерално се планира со Стратегијата за развој на зеленилото на подрачјето на градот од членот 12 став (2) точка 1 од овој закон, која се вградува во секој нов Генерален урбанистички план.

(2) Просторот за зеленило се разработува во Урбанистички план за четврт, со кој се утврдуваат наменските зони за зеленило.

(3) Основниот план за подигање и развој на зеленилото на подрачјето на градот од членот 12 став (2) точка 2 од овој закон се изготвува во согласност со Стратегијата за развој на зеленилото.

(4) Деталното планирање на зелените површини на ниво на град се врши со Детален урбанистички план, кој треба да е во согласност со Основниот план за подигање и развој на зеленилото на подрачјето на градот.

(5) Архитектонско-урбанистичките проекти и основните проекти содржат графички прилог за уредување на зеленилото.

Изработка на планска документација

Член 17

Планската документација за зеленилото во рамките на урбанистичко-планерскиот процес на изработка на урбанистичка документација од членовите 15 и 16 од овој закон, се изработува од изготвувачот на урбанистичката и урбанистичко проектната документација.

Изработка на проектно-техничка документација за зеленило

Член 18

(1) Проектно-техничката документација за проектирање и подигање на зеленило се изработува согласно со Планот и Програмата од членот 12 став (2) точки 2 и 3 од овој закон.

(2) Проектно-техничката документација од ставот (1) е составен дел на основниот проект за изградба на објект, за кој се бара одобрение за градење, освен за домување во станбени куќи.

(3) Проектно-техничката документација за зеленило може да ја изработува јавно претпријатие на локалната самоуправа формирано за подигање и одржување на јавното зеленило или правно лице, регистрирано за вршење на овие дејности во согласност со закон.

Стандарди и нормативи за планирање и проектирање на зеленило

Член 19

(1) Со Генералниот урбанистички план се одредува обемот на зелена површина по жител, што единицата на локалната самоуправа треба да го постигне во временскиот рок утврден со планската документација.

(2) Во процесот на урбанистичко планирање, при изработка на Генералниот урбанистички план, треба да се обезбеди 25м2 зеленило по жител во рамките на планскиот опфат на град.

Член 20

(1) При изработка на сите планови и проекти од членот 1 став (2) од овој закон, треба да се обезбеди најмалку 20% зеленило на секоја градежна парцела.

(2) На градежните парцели со веќе изградени објекти, каде не постојат просторни можности за обезбедување на процентот за зелена површина од ставот (1) на овој член, се прави компензација со поставување дрвореди и зеленило во жардињери, на кровни тераси и фасади.

(3) Процентуалната застапеност на зелената површина од ставовите (1) и (2) на овој член попрецизно ќе се дефинира со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, кој го пропишува Министерството за транспорт и врски, зависно од локацијата, намената и големината на градежната парцела.

Член 21

Министерството за животна средина и просторно планирање, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје се должни да предвидат средства во Буџетот на Република Македонија, буџетите на општините и буџетот на градот Скопје, за обезбедување на стандардот од 25м2 зеленило по жител.

Член 22

Во текот на постапката за добивање одобрение за градење, надлежниот орган на инвеститорот во изводот му дефинира процент на зеленило во согласност со овој закон.

V. ПОДИГАЊЕ НА ЗЕЛЕНИЛОТО

Подигање на зеленилото

Член 23

(1) Подигање на зеленилото се врши врз основа на проектно-техничката документација за проектирање и подигање зеленило, која е составен дел на основниот проект за изградба на објект.

(2) Проектно-техничката документација се изработува согласно со Правилникот за планирање, проектирање, подигање и одржување на зеленило од членот 12 став (3) од овој закон.

(3) Подигањето на зеленилото го врши јавно претпријатие формирано од општината или од градот Скопје за вршење на работите од областа на озеленувањето, или правно лице кое е регистрирано за изведување на работите за озеленување и кое има вработено најмалку едно лице земјоделски или шумарски инженер со соодветна насока.

Услови за издавање употребна дозвола за објекти

Член 24

Актот за употреба на објектот согласно со закон, не може да биде издаден за објекти за кои во текот на техничкиот прием се утврди дека не е реализирано зеленилото кое е предвидено со проектот.

VI. ОДРЖУВАЊЕ НА ЗЕЛЕНИЛОТО

Член 25

(1) Одржувањето на зеленилото е обврска на сите физички и правни лица независно од типот на сопственоста.

(2) Одржувањето на зеленилото се врши согласно со Правилникот од членот 12 став (3) од овој закон.

(3) Одржувањето на јавното зеленило на подрачјето на единицата на локалната самоуправа се врши во согласност со овој закон и Одлуката за зеленило, а врз основа на Годишната оперативна програма за подигање и одржување на зеленилото.

(4) Одржувањето на останатото зеленило е во надлежност на правни или физички лица кои се нивни сопственици или корисници.

(5) Правните и физичките лица, сопственици или корисници на зеленилото, можат, на своја сметка, обврската за одржување на зеленилото да ја доверат на правно лице регистрирано за вршење на работите за одржување на зеленилото.

(6) Одржувањето на останатото зеленило што е во државна сопственост, за кое се грижат неговите корисници, се врши согласно со овој закон.

(7) Во случај на промена на сопственоста, давање или пренесување права за користење над парцела, се пренесува и обврската за одржување на зеленилото.

Член 26

(1) Одржувањето на зеленилото, во зависност од неговата намена и значење, може да биде интензивно и умерено.

(2) Интензивното, односно умереното одржување на зеленилото се одредува со годишните програми што ги усвојува советот на општината или на градот Скопје.

(3) По потреба можат да се пропишат интензивни мерки за одржување за умерено одржуваното зеленило.

Член 27

(1) Во интензивно одржувано зеленило спаѓаат:
– паркови,
– зелени плоштади,
– зелени површини на детски игралишта,
– здравствени и јавни објекти,
– објекти на културата и образованието,
– спортски терени,
– ботанички градини,
– зоолошки градини,
– зеленило на гробишта и
– зеленило на други јавни отворени простори.

(2) Интензивното одржување подразбира:
– редовно прихранување,
– редовно косење,
– кастрење жива ограда и ползавци, во склад со естетските и функционалните барања на видливоста и безбедното одвивање на сообраќајот,
– нега на дрворедните садници во однос на наводнување, дренажа и кастрење на крошните, како и санитарна сеча во насока на заштита на дрвата,
– обновување на растителниот материјал што е исушен или уништен,
– редовно собирање на искосената трева, искастрените гранки и отпадот од зелените површини,
– одржување на градинарско-архитектонски елементи,
– одржување на инфраструктурни објекти и инсталации во функција на одржување на зеленилото,
– заштита на растителниот материјал од штетници, пожари, снег, ниски или високи температури и други елементарни непогоди,
– санитарна сеча и друго.

Член 28

(1) Во умерено одржувано зеленило спаѓаат:
– парк-шуми,
– заштитни зелени појаси покрај улици,
– индустриски зони и слично,
– рекултивирани копови, депонии и друго.

(2) Умереното одржување подразбира:
– спроведување на неопходните мерки за санитарна сеча,
– заштита од штетници и
– заштита од пожари.

Член 29

(1) Постапката за утврдување на потребата за сечење, односно кастрење на оштетено дрво, како и за дрво за кое надлежната служба ќе утврди потреба за негово сечење, односно кастрење, започнува со барање на физичко, правно лице или по службена должност.

(2) Врз основа на поднесеното барање од ставот (1) на овој член, општината или градот Скопје се должни да донесат решение со кое ќе ја утврдат потребата за сечење, односно кастрење на оштетеното дрво, и на видливо место се обележува дека дрвото е за сечење или кастрење со црвена боја на височина од 130 сантиметри (сечење: „С“ или кастрење: „К“).

(3) Со решението од ставот (1) на овој член се определува извршителот и рокот во кој истото ќе се спроведе, согласно со Правилникот од од членот 12 став (3) од овој закон. 

(4) Против решението од ставот (3) на овој член може да се поднесе жалба до Министерството за животна средина и просторно планирање.

Член 30

(1) Одржувањето на зеленилото е соодветно на просторно-климатските услови на единицата на локална самоуправа.

(2) Нормативите за одржување на зеленилото, односно видот и бројот на операции во текот на една календарска година, се утврдуваат со Одлуката за зеленило, која единицата на локална самоуправа ја донесува согласно со овој закон.

(3) Одлуката од ставот (2) на овој член ги опфаќа сите потребни дозволени и забранети дејства за зачувување на дендрофондот, го утврдува начинот и процедурата на сечење на дрвата и материјалната и финансиската компензација за исечените дрва.

VII. ЗАШТИТА НА ЗЕЛЕНИЛОТО

Член 31

Заштитени се сите дрвја, како од јавните така и од приватните површини, со обем на стебло над 40 цм, мерено во висина од 1,3 м, освен овошките, дрвјата во малите градини и дрвјата во шумите.

Зелен катастар

Член 32

(1) Заради заштита на зеленилото, општината или градот Скопје формира зелен катастар.

(2) Во зелениот катастар од ставот (1) на овој член, дрвата, грмушките и другите повеќегодишни растенија се евидентираат според бројот, видот, возраста, состојбата и локацијата.

(3) Катастарот ги евидентира сите зелени површини, дрва, останати насади, инфраструктура во функција на зеленилото, ретки, ендемични, реликтни видови, како и капитални примероци од дрва кои подлежат на посебна заштита како природно и културно наследство, независно од нивната сопственост, но и придружните содржини на зелените површини (парковски, градинарско-урбанистички и други содржини) и претставува нивна лична карта.

(4) Општината или градот Скопје редовно го ажурира зелениот катастар.

(5) Зелениот катастар е јавен документ, достапен на јавноста.

(6) Формата и начинот на водење на зелениот катастар се пропишани со Правилникот од членот 12 став (3) од овој закон.

Забранети активности на јавни зелени површини

Член 33

(1) На јавните зелени површини не е дозволено:
– корнење, сечење и кастрење дрвја, грмушки и жива ограда,
– какво било оштетување на зеленилото (соголување и засекување на стеблата, уништување на тревниците, кинење цвеќе, откорнување цветни и тревни бусени и друго),
– деградирање на растителните услови (отстранување на земјата, откривање и оштетување на корените, затрупување на стеблата, неовластено користење на системот за наводнување, промена на структурата и составот на почвата и друго),
– собирање плодови и цветови од дрвјата,
– неовластено копање и изнесување земја, копање канали, вршење прекопи и друго,
– палење оган и палење стебла,
– фрлање и оставање отпадоци во зеленилото,
– истоварување и оставање стока, амбалажа, шут, градежен и огревен материјал и друго на или покрај зеленилото,
– истурање нечиста вода и други течности што ја загадуваат и оштетуваат озеленетата површина,
– чување и напасување добиток и живина,
– уринирање и дефекација на домашни миленици,
– закачување, ковање и потпирање на рекламни паноа, натписи и лепење плакати по дрвјата,
– неовластено поставување, поправка, замена и преместување на објекти, уреди, инсталации, комунална опрема, киосци, рекламни паноа, натписи, знаци, патокази, соопштенија и друго,
– уништување и оштетување објекти, уреди, инсталации, комунална опрема, рекламни паноа, натписи, знаци, патокази, соопштенија и слично и
– минување, запирање, паркирање и оставање кој било вид возила и нивно миење.

(2) Неуредените површини, наменети за јавно зеленило, не може да се изнајмуваат или користат за поставување привремени објекти кои не се во склад со основната намена на земјиштето.

Дозволени активности на јавни зелени површини

Член 34

(1) Корнење, сечење и кастрење дрвја, грмушки и жива ограда на јавни зелени површини може да се врши заради нивно одржување или обновување, ако се нападнати од штетни инсекти и растителни болести, ако се суви или оштетени од елементарни непогоди, ако пречат на подземни или надземни инсталации, кога постои опасност да причинат човечки или материјални штети, ако пречат на видливоста на улиците и на проодноста на тротоарите и патеките, како и заради изградба на објекти предвидени со урбанистичките планови.

(2) Работите од ставот (1) на овој член се вршат само врз основа на решение издадено од општината или градот Скопје од членот 29 од овој закон, со кое се утврдуваат условите и начинот за извршените работи.

Дозволени активности на останати зелени површни

Член 35

(1) Корнење, сечење и кастрење дрвја, грмушки и жива ограда на останатите зелени површини, меѓу кои и на површините на дворните места на индивидуално и колективно домување, може да се врши согласно со членот 29 став (2) од овој закон.

(2) Сопствениците на зелени површини покрај сообраќајници, тротоари, велосипедски и пешачки патеки се должни да го одржуваат зеленилото и редовно да ги кастрат гранките и живата ограда кои му пречат на безбедното одвивање на сообраќајот или движењето на минувачите и да го одржуваат комуналниот ред.

(3) Комуналниот инспектор е должен да го опомене сопственикот на зелените површини од ставот (2) на овој член, да ги исполни своите обврски во рок од седум дена, во спротивно работите од ставот (2) на овој член, ќе ги изврши вршителот на одржувањето на јавните зелени површини на сметка на сопственикот на зеленилото.

Компензациски мерки

Член 36

(1) Со решението за сечење на дрва се утврдува обврската на подносителот на барањето, да изврши компензациско садење со соодветен број дрва чиј збирен пречник одговара на пречникот на пресеченото дрво, при што новите дрва треба да бидат постари од шест години.

(2) Ако пресеченото дрво се наоѓало во централно градско подрачје, компезациското садење изнесува двоен вкупен пречник на исеченото стебло.

(3) Компензациското садење се врши на истата парцела, а ако тоа не е можно, во пречник од 500 м од местото на исеченото стебло, на сопствена или туѓа парцела, со писмена согласност на сопственикот на парцелата.

Финансиска компензација

Член 37

(1) Ако компензациското садење не може да се реализира, подносителот на барањето плаќа парична компензација.

(2) Износот на паричната компензација се пресметува со методологија за проценка на паричната вредност на дрвото, што во соодветен акт го пропишува министерот на надлежниот државен орган од областа на животната средина.

(3) Уплатата на паричната компензација се врши пред издавање на решението за сечење, а се користи исклучиво за садење дрва во урбаните делови на општината, во согласност со Годишната оперативна програмата од членот 12 став (3) и условите од членот 36 од овој закон.

VIII. ФИНАНСИРАЊЕ НА ЗЕЛЕНИЛОТО

Финансирање на јавното зеленило

Член 38

(1) Средствата за подигање и реконструкција на јавното зеленило на подрачјето на општината, општините во градот Скопје и градот Скопје, предвидени со овој закон, се обезбедуваат од приходите од надоместокот за уредување на градежно земјиште од делот за заедничката комунална потрошувачка, во минимален износ од 2,5%.

(2) Средствата од ставот (1) на овој член, може да се обезбедуваат и од:
1) приходи од комунална такса за користење на јавни зелени површини за манифестации;
2) приходи од надоместокот за поставување рекламни паноа и истакнување на фирми на јавни зелени површини во минимален износ од 5%, на посебна наменска сметка;
3) приходи по основ на донации и
4) кредити и заеми.

Член 39

Средствата за одржување и заштита на јавното зеленило на подрачјето на општината, општините во градот Скопје и градот Скопје, предвидени со овој закон, се обезбедуваат од:
1) надоместок за индивидуална комунална потрошувачка во согласност со Законот за комунални дејности и
2) други извори.

Финансирање на останатото зеленило

Член 40

Средствата за подигање, одржување, заштита и реконструкција на останатото зеленило ги обезбедува сопственикот или корисникот на објектот во чиј состав се наоѓа зеленилото.

IX. НАДЗОР

Надзор над спроведувањето на законот

Член 41

Надзор над спроведувањето на овој закон вршат Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за транспорт и врски, соодветно на надлежностите.

Инспекциски надзор

Член 42

Инспекциски надзор над спроведувањето на овој закон вршат комуналните инспектори на општината, општината во градот Скопје и градот Скопје, согласно со закон.

Член 43

(1) При вршењето на инспекцискиот надзор комуналниот инспектор за утврдените неправилности составува записник и донесува решение за прекршоци кои не подлежат на мандатна казна.

(2) Пред донесувањето на решението од ставот (1) на овој член, комуналниот инспектор на правното или физичкото лице му изрекува опомена и му определува дополнителен рок од седум дена да ги отстрани утврдените неправилности.

(3) Против решението на комуналниот инспектор од ставот (1) на овој член може да се поднесе жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението, до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.

(4) Жалбата не го одлага извршувањето на решението.

(5) Доколку правното или физичкото лице не постапи по решението на комуналниот инспектор, по истото ќе постапи давателот на услугата, на сметка на лицето наведено во решението.

(6) Формата и содржината на записникот од ставот (1) на овој член ги пропишува министерот кој раководи со органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи.

X. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

Член 44

(1) Глоба во износ од 500 до 1.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице, ако:
1) врши подигање и одржување на зеленило без да е регистриран и не поседува дозвола за вршење дејност согласно со членот 14 од овој закон;
2) не обезбеди редовно и квалитетно одржување на зеленилото согласно со членот 25 од овој закон;
3) ако не формира зелен катастар и тековно не го ажурира согласно со членот 32 од овој закон; 

(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба на правното лице ќе му биде изречена на одговорното лице во правното лице за прекршокот од ставот (1) на овој член.

Член 45

(1) Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице кое е сопственик на зелената површина ако редовно не ја одржува согласно со членот 25 став (1) од овој закон.

(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба на правното лице ќе му биде изречена на одговорното лице во правното лице за прекршокот од ставот (1) на овој член.

Член 46

Глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се изрече на физичко лице кое е сопственик на зелената површина ако редовно не ја одржува согласно со членот 25 став (1) од овој закон.

Член 47

(1) Глоба во износ од 600 до 2.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице ако постапи спротивно на членовите 38 и 39 од овој закон.

(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба на правното лице ќе му биде изречена на одговорното лице во правното лице за прекршокот од ставот (1) на овој член.

Член 48

Глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се изрече на физичко лице ако постапи спротивно на членовите 38 и 39.

Член 49

(1) Глоба во износ од 2.000 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице носител на лиценца за изработка на урбанистички планови ако изработи детален урбанистички план и архитектонско урбанистички проект спротивно на членот 20 став (1) од овој закон.

(3) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба на правното лице ќе му биде изречена на одговорното лице во правното лице за прекршокот од ставот (1) на овој член.

Член 50

(1) Кога комуналниот инспектор на општината, односно на град Скопје, ќе утврди дека е сторен прекршок од членовите 40, 41 и 43 од овој закон, ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка до надлежен суд.

(2) Пред поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежен суд инспекторите од ставот (1) на овој член, се должни да спроведат постапка за порамнување согласно со Законот за прекршоци.

(3) Ако сторителот на прекршокот не ја плати мандатнатната казна во рок од осум дена, комуналниот инспектор на општината, општината во градот Скопје, и градот Скопје поднесува барање за поведување прекршочна постапка пред Комисијата за одлучување по прекршоци во Министерството за животна средина и просторно планирање. 

(4) Средствата од глобите изречени во мандатна или прекршочна постапка од страна на комуналните инспектори од членот 42 од овој закон, се приход на општината, општината во градот Скопје и градот Скопје.

Член 51

(1) Одговорност за штетa настанатa над објекти или возила поради паднато оштетено дрво или гранка, освен над бесправно изградените објекти и непрописно паркирани возила, сноси извршителот на работите за одржување на зеленилото, на коj, согласно со членот 29 од овој закон, му е издадено решение за сечење или кастрење од страна на надлежен орган, а кој по истото не постапил по истекот на рокот определен во решението.

(2) Штети во смисла на ставот (1) на овој член се сите штети кои не се настанати како резултат на елементарни непогоди: земјотрес, поплава, неповолни временски услови (ветер, дожд, снег, град, гром и друго), кои се утврдуваат врз основа на податоци од Управата за хидрометеролошки работи. 

(3) Штетите наведени од ставот (2) на овој член ќе се сметаат како штети предизвикани под влијание на виша сила и за нив извршителот на работите за одржување на зеленилото не сноси одговорност.

XI. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 52

(1) Усогласувањето на овој закон со други закони ќе се изврши во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

(2) Подзаконските акти предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 53

Општините и Градот Скопје врз основа од членот 30 став (2) од овој закон, донесуваат Одлука за зеленило, во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 54

Со влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за зеленило („Службен весник на Република Македонија“ број 71/16).

Член 55

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.