Закон за употреба на јазиците

Член 1

(1) На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

(2) Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон.

(3) Во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо е и јазикот што го зборуваат 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо, на начин определен со овој закон.

(4) Во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на единиците на локалната самоуправа.

Член 2

(1) Граѓаните имаат право да употребуваат било кој од наведените службени јазици и нивните писма од член 1 став (1) и (2) од овој закон, а институциите од член 1 став (3) од овој закон како и другите институции имаат обврска да им овозможат на граѓаните користење, употреба и примена на тие службени јазици и нивните писма во било која постапка како и спроведување на тие постапки на тој службен јазик и писмо.

(2) Во согласност со правото на граѓаните да употребуваат било кој од наведените службени јазици од членот 1 став (1) и (2) од овој закон во судските, управните, извршните постапки, предистражните и истражните постапки, кривични и прекршочни постапки, парнични и вонпарнични постапки, постапка за извршување на санкции, како и другите постапки предвидени со други закони.  Судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и други институции се обврзани да овозможат користење, употреба и примена на било кој од службените јазици од членот 1 став (1) и (2) и нивните писма во тие и други постапки.

(3) Во институциите од член 1 став (3) од овој закон на државната власт во Република Македонија службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо е и јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо во: комуникацијата, употребата и примената во сите постапки на граѓаните пред сите органи кои што ја сочинуваат државната власт (Собрание на Република Македонија, претседател на Република Македонија, Влада на Република Македонија, судство, јавно обвинителство), Уставен суд на Република Македонија, Народен правобранител на Република Македонија, во изборниот процес, образованието, науката, здравството, културата, при примената на полициските овластувања, во радиодифузната дејност, нотаријатот, извршувањето, инфраструктурните објекти, матичната евиденција, личните документи, финансиите, економијата, како и во други области.

Член 3

Избрани или именувани функционери на институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, како и други институции чие седиште е во Скопје или општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, во нивната службена комуникација го употребуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо, доколку најмалку еден од избраните или именуваните функционери зборува службен јазик различен од македонскиот јазик.

Член 4

(1) Во работата на Собранието на Република Македонија службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.

(2) Пратеник, избран или именуван функционер кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, на седница на Собранието на Република Македонија и седници на работни тела зборува и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија.

(3) Пратеник, кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20% граѓаните во Република Македонија кога претседава со седница на собрание или седници на работни тела, истите ги води на тој јазик. 

(4) Пратеник, избран или именуван функционер кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, материјалите навремено ги добива, односно доставува и на неговиот јазик и писмо за да послужат на седница на собрание или седници на работни тела. 

(5) Стенограмите од седница на Собранието на Република Македонија и од седници на работни тела, како и другите материјали и документи се издаваат и се чуваат на македонски јазик и неговото писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.

(6) Сите закони и други акти донесени од страна на Собранието на Република Македонија се објавуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.

Член 5

(1) Во работата на Владата на Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.

(2) Седниците на Владата на Република Македонија се водат на македонски јазик и неговото кирилско писмо.

(3) Кога со седниците на Владата на Република Македонија, на комисиите, како и на Генералниот колегиум на државни секретари претседава избран или именуван функционер кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој јазик го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, истите ги води на тој јазик и писмо.

(4) Избран или именуван функционер кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој јазик го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, на седница на Владата на Република Македонија, на комисиите и на Генералниот колегиум на државни секретари зборува и на тој јазик.

(5) Избран или именуван функционер кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој јазик го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, материјалите навремено ги добива, односно доставува и на неговиот јазик и писмо за да му послужат на седница на Владата на Република Македонија, на комисија или на Генералниот колегиум на државни секретари.

(6) Стенограмите од седница на Владата на Република Македонија, од седница на комисии и Генералниот колегиум на државни секретари, како и другите материјали и документи се издаваат и се чуваат на македонски јазик и неговото писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.

(7) Сите акти донесени од страна на Владата на Република Македонија се издаваат и објавуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.

Член 6

(1) Институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, како и сите други институции се обврзани по службена должност да обезбедат употребата, комуникацијата и постапките да се одвиваат на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо доколку лицето, односно учесникот зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија.

(2) Сите одлуки и други акти, како и легитимациите кои произлегуваат од надлежноста на институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, како и сите други институции се на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо доколку лицето, односно учесникот зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија.

(3) Избрано или именувано лице кое зборува јазик различен од македонскиот јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, личното име во одлуките и другите акти во рамките на надлежностите на институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, како и сите други институции, го пишува на својот јазик и писмо.

(4) Веб страниците на институциите од член 1 од овој закон и содржината на веб страниците покрај на македонскиот јазик и неговото писмо, задолжително се објавуваат и на јазикот различен од македонскиот јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.

Член 7

(1) Називите на институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, како и сите други институции и нивните подрачни единици во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик и во Скопје, ќе се напишат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо како и на англиски јазик. Називите ќе бидат со иста големина и фонт, при што називот на македонски јазик и писмо ќе биде напишан прв.

(2) Во подрачните канцеларии на органите од државната администрација кои покриваат најмалку една единица на локална самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот, називите на канцелариите ќе се напишат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

(3) Печатите на институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон и сите други институции со седиште во Скопје или во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се испишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

(4) Институциите од ставот 1 на овој член ќе овозможат и придонесат во работата ефективно да се користат, употребуваат и применат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Член 8

(1) Книжните и кованите пари, како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

(2) Поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи издадени од институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, фактурите од институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, бандеролите, се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

(3) Униформите на полицијата; пожарникарството; здравството; во Скопје и во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик се напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо. 

Член 9

(1) Во судските, управните, извршните постапки, постапка за извршување на санкции, предистражни и истражни постапки, кривични и прекршочни постапки, парнични и вонпарнични постапки, како и другите постапки пред судовите, јавните обвинителства како и сите други органи, тела и институции, се применува македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

(2) Сите постапки од ставот (1) на овој член се водaт на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо доколку судија, јавен обвинител, странка или друг учесник во постапката е лице кое зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија.

(3) Сите одлуки, писмена и други акти кои произлегуваат од постапките од ставот (1) на овој член се донесуваат и издаваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо доколку судија, јавен обвинител, странка или друг учесник во постапката е лице кое зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија.

(4) Институциите наведени во ставот (1) на овој член се обврзани да овозможат превод на сите потребни документи и материјали, како и симултан превод на излагања, изјави и рочишта во работата или постапките што се водат.

(5) Необезбедувањето на превод на сите потребни документи и материјали, односно необезбедувањето на симултан превод за време на целиот тек на постапката претставува суштинска повреда на постапката.

(6) Називите на институциите наведени во ставот (1) на овој член во Скопје и во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

(7) Во институциите наведени во ставот (1) на овој член со седиште во подрачје кое опфаќа повеќе основни судови од кои најмалку еден од нив се наоѓа во единица на локална самоуправа во кое се зборува службен јазик различен од македонскиот, а кој го зборуваат 20% од граѓаните на Република Македонија, називите исто така ќе се напишат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо. 

(8) Трошоците што настануваат од преведувањето за странките и учесниците во постапката, како и трошоците за судски преведувач што настануваат со примена на одредбите на овој закон, паѓаат на товар на средствата на институциите наведени во ставот (1) на овој член.

Член 10

(1) Во постапките пред нотар, нотарските исправи и заверки може да се издаваат на македонски јазик и неговото писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.

(2) Во постапките пред извршител доколку учесник е лице кое го зборува јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија, налозите, заклучоците, записниците, службените белешки и другите акти на извршителите се издаваат на македонски јазик и неговото писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.

Член 11

(1) Институциите надлежни за управување со институциите за извршување на санкции, како и самите институции надлежни за извршување на санкции се обврзани во комуникацијата и постапките да го применуваат македонскиот јазик и неговото писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо доколку лицето за кое станува збор зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија. 

(2) Институциите надлежни за управување со институциите за извршување на санкции како и институциите надлежни за извршување на санкции се обврзани да овозможат лицата кои се наоѓаат во овие институции да се обратат и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Член 12

(1) Матичните евиденции во Скопје и единиците на локалната самоуправа во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот се водат и на службениот јазик кој го зборува граѓанинот.

(2) Решенијата, изводите, потврдите како и другите акти се издаваат и на службениот јазик кој го збори граѓанинот. 

(3) Личните документи и патните исправи на граѓаните кои зборуваат на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо, по службена должност се издаваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Член 13

(1) На граѓаните кои зборуваат јазик различен од македонскиот јазик што го зборуваат помалку од 20% од граѓаните на Република Македонија, образецот на личната карта се печати и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот.

(2) На граѓаните кои зборуваат јазик различен од македонскиот јазик што го зборуваат помалку од 20% од граѓаните на Република Македонија, на нивно лично барање, податоците за личното име што се внесуваат на личната карта се запишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот.

Член 14

(1) На граѓаните кои зборуваат јазик различен од македонскиот што го зборуваат помалку од 20% од граѓаните на Република Македонија, на нивно барање, образецот на патната исправа и патниот лист се печати и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот.

(2) На граѓаните кои зборуваат јазик различен од македонскиот што го зборуваат помалку од 20% од граѓаните на Република Македонија, на нивно лично барање, податоците кои се внесуваат во патната исправа и во патниот лист се запишуваат и на тој јазик и писмо.

(3) На граѓаните кои зборуваат јазик различен од македонскиот што го зборуваат помалку од 20% од граѓаните на Република Македонија, на нивно лично барање, податоците за личното име што се внесуваат во патната исправа се запишуваат и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот.

Член 15

На седниците на Државната изборна комисија и општинските изборни комисии во Скопје и единиците на локална самоуправа во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, при спроведување на изборите во работата и постапките на сите комисии, и други тела и институции подеднакво се користат, употребуваат и применуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Член 16

(1) Име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект во сите единици на локалната самоуправа каде што најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, како и во Скопје се пишува на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо како и на јазиците што се општоприфатени од меѓународната заедница.

(2) На граничните премини на Република Македонија и аеродромите кои се наоѓаат на подрачјата каде најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик називите на институциите, другите натписи и патокази се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Член 17

(1) Сите закони, подзаконски акти, одлуки и огласи од институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон кои што се објавуваат во Службен весник на Република Македонија се објавуваат на македонскиот јазик и неговото писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо. 

Член 18

(1) Заради остварување на целите на овој закон, промовирање, заштита и воедначена примена на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо се основа Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија (во натамошниот текст: Агенцијата) со својство на правно лице, надлежна за стандардизирање и воедначена употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо со помошни тела за поддршка на институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, како и сите други институции.

(2) Директорот на Агенцијата го избира Владата на Република Македонија по претходно објавен јавен повик со мандат од 4 години со право на реизбор.

(3) Во Агенцијата покрај овластени судски преведувачи се вработуваат и лингвисти и дипломирани филолози по албански јазик, како и лиценцирани лектори.

(4) Директорот ја претставува Агенцијата, раководи со нејзината работа, ги врши работите определени со овој закон и донесува годишна програма за работа на Агенцијата. Директорот поднесува извештај за работата на Агенцијата до Владата на Република Македонија најмалку еднаш годишно до 31 март во тековната година за претходната година.

(5) Средствата за работа и функционирање на Агенцијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

Член 19

Агенцијата е надлежна за:
– поддршка на институциите во остварувањето на обврските од овој закон вклучувајќи превод и лекторирање на документи;
– лекторирање на сите акти што се објавуваат во Службен весник на Република Македонија;
– промовира и презема мерки за унапредување на употребата на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија;
– изготвување на извештаи за информирање на Владата на Република Македонија за спроведување на нејзините надлежности;
– за потребите на Владата на Република Македонија да подготвува стручно-аналитички материјали од своја надлежност;
– дава стручни мислења по материјалите кои се во функција на спроведување и унапредување на употребата на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија;
– други работи поврзани со спроведувањето на целите утврдени во овој закон.

Член 20

(1) За надзорот над целосно и доследно спроведување на одредбите на овој закон кои се однесуваат на употребата на јазиците, се формира Инспекторат за употреба на јазиците (во натамошниот текст: Инспекторатот), во состав на Министерството за правда со својство на правно лице.

(2) Начелата, надлежноста, организацијата на инспекција и постапките на инспекцискиот надзор на Инспекторатот за употреба на јазиците се уредуваат со посебен закон.

Член 21

Владата на Република Македонија и сите институции надлежни за спроведување на одредбите од овој закон, ќе донесат мерки за промовирање на примената на сите службени јазици, како и за гарантирање на заштитата на јазиците на другите заедници чиј мајчин јазик не е службен јазик.

Член 22

(1) Глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра во денарска противвредност за прекршок ќе се изрече на органите наведени во член 1 став (3), член 2 (став 3), како и сите други институции за непочитување на одредбите од овој закон.

(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба ќе му се изрече на службеното лице и одговорното лице во органите од став 1 на овој член.

Член 23

(1) Во рок од една година од денот на влегувањето на сила на овој закон сите надлежни институции се обврзани да ги донесат подзаконските акти за спроведување на овој закон.

(2) Во рок од шест месеци од денот на влегување во сила на овој закон, институциите се обврзани да ги спроведуваат обврските наведени во член 7 од овој закон.

(3) Владата на Република Македонија веднаш по влегувањето во сила на овој закон ќе развие програма за покренување на јавната свест за примената на овој закон.

(4) Во рок од една година одредбите од другите закони се усогласуваат со одредбите на овој закон. 

(5) Во случај на неусогласеност на одредбите на овој закон со јазичните одредби на друг закон, органите се должни да ги применуваат одредбите од овој закон.

Член 24

Со донесувањето на овој закон престанува да важи Законот за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 101/08 и 100/11).

Член 25

Овој закон влегува во сила со денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“.