Закон за употребата на грбот, знамето и химната на Република Македонија

I. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ

Член 1

Co овој закон се уредува употребата на грбот, знамето и химната на Република Македонија.

Член 2

Co грбот, знамето и химната на Република Македонија се претставува Република Македонија и се изразува припадноста на Република Македонија.

Член 3

Грбот, знамето и химната на Република Македонија се употребуваат во согласност со одредбите на овој закон и на начин со кој не се нарушува угледот и достоинството на Република Македонија.

Член 4

Грбот и знамето на Република Македонија можат да се употребуваат само во формата и содржината што се утврдени со закон.

Во грбот и знамето на Република Македонија не може ништо да се впишува, односно испишува, ниту тие можат да се менуваат.

По исклучок, ако е тоа со закон и друг пропис пропишано, грбот и знамето на Република Македонија можат да се употребуваат како составен дел на други амблеми, односно знаци (воени, командни и ранговни знамиња и друго) или на знамето на Република Македонија може да се испишува одреден датум или име (воени и други свечени знамиња и слично).

Како химна на Република Македонија може да се изведува само мелодијата и текстот на химната утврдена со Законот за химната на Република Македонија.

Член 5

Грбот и знамето на Република Македонија не можат да се употребуваат како стоковни или услужни жигови, модели, ниту како кој и да било друг знак за одбележување на стоки или услуги.

Член 6

Грбот и знамето на Република Македонија не смеат да се употребуваат ако се дотраени, неуредни, искинати или на друг начин оштетени, или со својот изглед се неподобни за употреба.

Оштетените или за употреба неподобните грб и знаме на Република Македонија се повлекуваат од употреба.

Член 7

При официјални државни посети и меѓународни манифестации од политички, научен, културно-уметнички, спортски и друг карактер, заедно со грбот, знамето и химната на Република Македонија истовремено се истакнуваат, односно изведуваат и грбот, знамето и химната на друга држава и меѓународна организација, во согласност со одредбите на овој закон.

Член 8

Грбот и знамето на Република Македонија, како и грбовите и знамињата на други држави и меѓународни организации кои се употребуваат во Република Македонија согласно со одредбите на овој закон, не смеат намерно да се кинат, палат, газат или на друг начин да се скрнават или изложуваат на презир или исмејување.

II. УПОТРЕБА НА ГРБОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Член 9

Грбот на Република Македонија се употребува:
1) во состав на државниот печат на Република Македонија, согласно со законските прописи за тој печат;
2) во состав на печатот и штембилот на органите на државната власт, во согласност со прописите за печатите и штембилите на тие органи;
3) во службените натписи на органите на државната власт, јавните установи, јавните служби и јавните претпријатија кои ги основа Републиката истакнати на зградите во кои тие се сместени;
4) на објектите со кои се одбележува границата на Република Македонија и на други објекти во Република Македонија во близина на границата, според посебни прописи и
5) во други случаи, под условите и на начинот утврдени со закон.

Член 10

Грбот на Република Македонија може да се употребува:
1) на објектите во кои се сместени органите на државната власт, јавните установи, јавните служби и јавните претпријатија кои ги основа Републиката, како и во свечените простории на тие објекти;
2) на објектите во кои се наоѓаат просториите на дипломатското или конзуларното претставништво на Република Македонија во странство, на резиденцијата на шефот на претставништвото и на превозните средства што тој лично ги користи во вршењето на службените должности, во согласност со соодветните меѓународни договори, прописи и обичаи на земјата во која претставништвата се наоѓаат, односно со правилата и практиката на меѓународната организација при која се наоѓа претставништвото;
3) при меѓународни средби, натпревари и други собири (политички, научни, културно- уметнички, спортски и други) на кои Република Македонија учествува или е презентирана, во согласност со правилата и практиката на одржувањето на тие собири;
4) на воени знамиња на Република Македонија и командни и ранговни знамиња, според прописите за установување на тие знамиња;
5) на банкноти, метални пари и државни вредносни хартии;
6) на воздухопловите, бродовите или другите пловила, како и на другите јавни превозни средства, под услови и на начин кои се утврдени со соодветни прописи;
7) на официјални покани, честитки и слични акти што ги користат: претседателот на Републиката, претседателот на Собранието на Република Македонија, претседателот на Владата на Република Македонија, други овластени претставници на претседателот на Републиката, на Собранието и Владата на Република Македонија, како и шефовите на дипломатските и конзуларните претставништва на Република Македонија во странство и
8) во други случаи, ако неговата употреба не е во спротивност со одредбите на овој закон.

Член 11

Изворникот на грбот на Република Македонија се чува во Собранието на Република Македонија и спрема него се врши обликување на грбовите.

За чувањето и употребата на изворникот на грбот на Република Македонија одговорен е секретарот на Собранието на Република Македонија.

Член 12

Ако грбот на Република Македонија се истакнува во Република Македонија заедно со еден или повеќе грбови или други амблеми на други држави, меѓународни организации и единици на локалната самоуправа, грбот на Република Македонија се наоѓа, во зависност од начинот на поставувањето на тие грбови, односно амблеми:
1) во средината на кругот, така што јасно да се гледа – ако другите грбови и амблеми се наредени во круг;
2) во средината на полукругот – ако другите грбови и амблеми се наредени во полукруг;
3) на чело на колоната ако другите грбови и амблеми се наредени во колона;
4) на прво место во редот, односно од левата страна гледано однапред – ако другите грбови и амблеми се наредени во ред;
5) на чело на групата – ако другите грбови и амблеми се распоредени во групи и
6) на десната страна, гледано однапред, од грбот на странската држава или меѓународ- ната организација – ако тој грб се истакнува во Република Македонија при официјална посета на овластен претставник на соодветната држава или организација.

Во случаите од став 1 на овој член, димензиите на сите грбови треба да се еднакви, а доколку димензиите се различни ниеден друг грб не смее да биде поголем од грбот на Република Македонија.

III. УПОТРЕБА НА ЗНАМЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Член 13

Знамето на Република Македонија постојано е истакнато:
1) на Резиденцијата на претседателот на Републиката, на објектот во кој се наоѓа Собранието на Република Македонија, на објектот на Владата на Република Македонија и на објектите во кои се сместени функционерите кои раководат со министерствата во Владата на Република Македонија;
2) на определени објекти на границата на Република Македонија и на други објекти во Република Македонија во близина на границата, според посебни прописи и
3) во други случаи, под услови и на начин утврдени со овој закон или друг пропис.

Знамето на Република Македонија се употребува како ознака на воздухоплов, брод или друго пловило, како и на други јавни превозни средства, заради означување на нивната припадност на Република Македонија, под услови и на начин утврдени со соодветни прописи.

Член 14

Знамето на Република Македонија се истакнува:
1) во денови на празниците на Република Македонија утврдени со закон на објектите во кои се сместени органите на државната власт, единиците на локалната самоуправа, јавните служби, јавните установи и јавните претпријатија кои ги основа Републиката, односно единицата на локалната самоуправа;
2) при испраќањето на претседателот на Републиката од Република Македонија и пречекот на претседателот на Републиката при враќањето од странство;
3) при официјално доаѓање во Република Македонија, односно при испраќање од Република Македонија на претседател на држава, суверен или овластен претставник на меѓународна организација;
4) на превозните средства кои ги користи претседателот на Републиката;
5) во деновите на жалост што ги определува Владата, на половина копје и
6) во други случаи под услови и на начин утврден со закон.

Член 15

Знамето на Република Македонија може да се истакне:
1) на објектот во кој е сместено дипломатското или конзуларното претставништво на Република Македонија во странство; на резиденцијата на шефот на претставништвото и на превозните средства што тој лично ги користи во вршењето на службените должности, во согласност со соодветните меѓународни договори, прописите и обичаите во земјата во која се наоѓа претставништвото, односно правилата и практиката на меѓународната организација при која што се наоѓа претставништвото;
2) во просториите во кои се гласа, училници, обредни сали, простории за состаноци и слично;
3) при меѓународни средби, натпревари и други собири (политички, научни, културно-уметнички, спортски и други) на кои Република Македонија учествува или е презентирана, во согласност со правилата и практиката на одржувањето на тие собири;
4) при прослави, свечености и други политички, културни, спортски и слични манифестации кои се од значење за Република Македонија;
5) при празнување во приватниот живот на граѓаните и
6) во други случаи, ако неговата употреба не е во спротивност со одредбите на овој закон.

Член 16

Ако знамето на Република Македонија се истакнува во Република Македонија заедно со едно или повеќе знамиња на други држави, или меѓународни организации, знамето на Република Македонија се наоѓа во зависност од начинот на поставувањето на тие знамиња:
1) во средината на кругот така што јасно да се гледа – ако другите знамиња се наредени во круг;
2) во средината на полукругот – ако другите знамиња се наредени во полукруг;
3) на чело на колоната – ако другите знамиња се наредени во колона;
4) на прво место во редот, односно од левата страна гледано однапред – ако другите знамиња се наредени во ред;
5) на чело на групата ако другите знамиња се распоредени во групи.

Ако знамето на Република Македонија се истакнува заедно со други знамиња со вкрстени копја, копјето на знамето на Република Македонија мора да биде поставено пред копјата на тие знамиња, гледано однапред.

Член 17

Ако знамето на Република Македонија се истакнува заедно со две други знамиња, знамето на Република Македонија се наоѓа во средина.

Ако знамето на Република Македонија се истакнува покрај друго знаме, тоа секогаш се наоѓа на левата страна, гледано однапред. По исклучок, тоа се наоѓа на десната страна, гледано однапред, од знамето на странската држава или меѓународната организација, ако тоа знаме се истакнува во Република Македонија при официјални посети на овластен претставник на соодветната држава или организација.

Ако знамето на Република Македонија се истакнува заедно со повеќе знамиња на други држави, знамињата на другите држави ќе бидат истакнати по абецеден ред.

Во случаите од овој член, димензиите на сите знамиња треба да се еднакви, а доколку димензиите се различни ниедно друго знаме не смее да биде  поголемо од знамето на Република Македонија, ниту пак било кое друго знаме, може да биде поставено повисоко од знамето на Република Македонија.

Ако знамето на Република Македонија се истакнува со знамето на единиците на локал- ната самоуправа и други знамиња, знамето на Република Македонија се истакнува на прво место од левата страна оддалечено два метри, а повисоко за еден метар и со поголема димензија од знамето на единицата на локалната самоуправа и од другите знамиња.

Член 18

Знамето на Република Македонија се подига и спушта, истакнува и симнува, односно пренесува, со вообичаени почести (станување, поздравување и друго).

При истакнувањето знамето не смее да допира до ништо што се наоѓа до или под него.

Член 19

Кога знамето на Република Македонија се истакнува на јарбол се истакнува меѓу изгрејсонце и зајдисонце, а може да биде изложено и дваесет и четири часа  дневно под  услов знамето соодветно да биде осветлено за време на часовите кога е темно.

Кога знамето е спуштено ниеден негов дел не смее да го допира подот или било кој друг предмет.

Кога знамето се вади од јарболот и се става на чување, треба да се свитка уредно и на церемонијален начин.

Член 20

Знамето треба да се подига динамично, а спушта бавно и церемонијално.

При подигање и спуштање на знамето сите присутни се во став мирно, со лицето свртени кон знамето, се додека знамето не биде одврзано од јарболот, односно ако се свири химната, се додека не биде отсвирен последниот тон на музиката. Машките лица кои носат и каков и да е вид шапка, истата треба да ја симнат. Лицата во воени униформи поздравуваат војнички.

Член 21

При истакнување на знамето на Република Македонија во затворени простории, тоа секогаш се става од десната страна гледано од страна на говорникот, а доколку истовремено се истакнуваат знамето на единицата на локалната самоуправа и други знамиња тие треба да стојат од левата страна оддалечени два метри, едно метро пониско и со помали димензии од знамето на Република Македонија.

Член 22

Кога знамето се истакнува на автомобил, тоа треба да биде цврсто прицврстено на шасијата, на предниот дел, од десната страна гледано од страна на возачот.

Член 23

Истакнувањето на половина копје на знамето што се истакнува на јарбол се врши така што знамето за момент се подига до крај, а потоа се спушта на позиција што се наоѓа на половина пат од врвот до долниот крај на јарболот. Пред да сe спушти сосема, знамето уште еднаш се подига до врвот.

Знамето може да се користи за покривање на мртовечки сандак, но не смее да се спушти во гробот.

Член 24

Знамето не смее да се употребува:
– како драперија, завеса или прекривка;
– свиткано во форма на венец или набрано и
– како украс на перници, марамчиња, салвети, кутии од хартија, долна облека или предмети кои веднаш по употребата се фрлаат.

IV. ИЗВЕДУВАЊЕ НА ХИМНАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Член 25

Химната на Република Македонија се изведува:
1) при испраќање на претседателот на Републиката од Република Македонија во официјални посети на странски држави и при неговото враќање во Република Македонија;
2) при официјално доаѓање во Република Македонија, односно при испраќање од Република Македонија на претседател на држава, суверен или  овластен претставник на меѓународна организација;
3) при полагање венци на воени гробишта, гробови на паднати борци и на други слични места од страна на официјалните претставници на Република Македонија и
4) во други случаи предвидени со закон.

Член 26

Химната на Република Македонија може да се изведува:
1) на прослави, политички собири, паради и други свечени манифестации со кои офцијално се одбележуваат настани од значење за единиците на вооружените сили на Република Македонија и за граѓаните на Република Македонија;
2) при меѓународни средби, натпревари и други собири (политички, научни, културно-уметнички, спортски и други) на кои Република Македонија официјално учествува или е презентирана, во согласност со правилата и практиката на одржувањето на тие собири;
3) на погреб на заслужни личности кои се граѓани на Република Македонија кога од  страна на Република Македонија им се укажува посебна почест и
4) во други случаи, ако нејзината употреба не е во спротивност со одредбите на овој закон.

Член 27

Химната на Република Македонија се изведува со: свирење, пеење или и со свирење и со пеење.

Химната секогаш треба да се свири со достоинство. Химната не се користи како дел од друг вид музика. Химната на Република Македонија може да се свири на почетокот, средината или крајот од манифестацијата на која се изведува, во зависност од тоа на кој начин на химната ќе и се даде најголемо достоинство.

Член 28

Ако химната на Република Македонија треба да се изведе во Република Македонија заедно со химната на странска држава или свечена песна на меѓународна или друга странска организација, прво се изведува химната на странската држава  или свечената песна на меѓународната или друга странска организација, а потоа химната на Република Македонија.

Член 29

При изведувањето на химната на Република Македонија сите присутни стојат во став мирно од свирењето, односно пеењето на првиот тон па сè до последниот тон на химната, свртени со лице кон изведувачите на химната.

V. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

Член 30

Глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра во денарска противвредност за прекршок ќе се изрече на правното лице ако:
1) ги употребува грбот и знамето на Република Македонија спротивно на одредбите од член 3 на овој закон;
2) ги употребува грбот и знамето на Република Македонија и ја изведува химната на Република Македонија во поинаква форма и содржина од онаа утврдена со овој закон (член 4);
3) ги употребува грбот и знамето на Република Македонија како знаци за одбележување на стоки и услуги (член 5);
4) употребува оштетени или со својот изглед неподобни за употреба грб и знаме на Република Македонија (член 6);
5) не ги употребува грбот и знамето на Република Македонија согласно со одредбите од член 7 на овој закон;
6) ја изведува химната спротивно на одредбите од овој закон и
7) изведувањето на химна на странска држава спротивно на одредбите на овој закон.

Глоба во износ од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече и на одговорното лице на правното лице за прекршок од став 1 на овој член.

За прекршок од став 1 на овој член глоба во износ од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече и на одговорното лице на органот на државната власт, единицата на локалната самоуправа, јавната установа, јавното претпријатие и јавната служба, што ја основа Републиката, односно единицата на локалната самоуправа.

За прекршок од став 1 на овој член глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече и на физичко лице.

Ако прекршокот од став 1 на овој член се изврши на јавен собир глоба во износ од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече и на лицето одговорно за организацијата на јавниот собир.

Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност за прекршок ќе се изрече на физичко лице ако постапува спротивно на одредбите од член 24 на овој закон.

Член 31

На сторителите на прекршоците од членот 30 на овој закон, ќе им се изрече и посебна прекршочна мерка одземање на предметите со кои е извршен прекршокот.

Овластеното лице на Министерството за внатрешни работи, пред поведувањето на прекршочната постапка, може да ги заплени предметите од став 1 на овој член. Запленетите предмети веднаш се предаваат на органот надлежен за водење на прекршочната постапка.

VI. ОВЛАСТУВАЊА ЗА ДОНЕСУВАЊЕ ПРОПИСИ

Член 32

Врховниот командант на вооружените сили на Република Македонија во согласност со одредбите на овој закон, донесува прописи за употребата на грбот, знамето и химната на Република Македонија во вооружените сили на Република Македонија.

Член 33

Владата на Република Македонија ќе ги пропише критериумите и условите за изведување на химната на Република Македонија на погреби на заслужни личности (член 26 став 1 точка 3).

Член 34

Поблиски прописи за начинот на употребата на грбот и знамето на Република Македонија, донесува:
1) министерот за внатрешни работи, во согласност со министерот за одбрана на определени објекти на границата на Република Македонија и на други објекти во Република Македонија во близина на границата (член 9 став 1 точка 4 и член 13 став 1 точка 2);
2) министерот за надворешни работи – за дипломатските и конзуларни претставништва на Република Македонија во странство (член 10 став 1 точка 2 и член 15 став 1 точка 1) и
3) министерот надлежен за работите на сообраќајот и врски – за воздухопловите, бродовите или други пловила, како и за други јавни превозни средства, заради означување на нивната припадност на Република Македонија (член 10 став 1 точка 6 и член 13 став 2).

VII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 35

Bo рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон, мора да се усогласат одредбите на прописите и другите акти што се во спротивност со одредбите на овој закон.

Член 36

Co денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за употреба на знамињата („Службен весник на СРМ“ број 40/73).

Член 37

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.