Закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам

ГЛАВА I.

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој закон се уредуваат мерките, дејствијата и постапките кои субјектите и надлежните органи и тела ги преземаат заради откривање и спречување на перење пари, поврзани казниви дела и финансирање на тероризам (во натамошниот текст: перење пари и финансирање на тероризам), како и работењето и надлежностите на Управата за финансиско разузнавање (во натамошниот текст: Управата).

Дефиниции

Член 2

Изразите употребени во овој закон го имаат следново значење:

1. „Перење пари” се дејствијата предвидени со Кривичниот законик како кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело;

2. „Финансирање на тероризам“ се дејствијата предвидени со Кривичниот законик како кривично дело финансирање на тероризам;

3. „Терористички акт“ е кривично дело дефинирано во членот 2 од Меѓународната конвенција за спречување на финансирање на тероризам ратификувана согласно со Законот за ратификација на Меѓународната конвенција за спречување на финансирање на тероризам, („Службен весник на Република Македонија“ број 30/2004), како кривично дело тероризам и други кривични дела поврзани со тероризам предвидени со Кривичниот законик;

4. „Терорист“ е физичко лице кое:
а) извршува или се обидува да изврши терористички акт на кој било начин, директно или индиректно, незаконски и свесно;
б) учествува како соучесник во терористички акт;
в) организира или им наредува на други да извршат терористички акт или
г) придонесува кон извршувањето на терористички акт од страна на група лица која дејствува со заедничка цел, со намера реализирање на терористичкиот акт и/или со знаење за намерата на групата да изврши терористички акт;

5. „Терористичка организација“ е група на терористи која:
а) извршува или се обидува да изврши терористички акт на кој било начин, директно или индиректно, незаконски и свесно;
б) учествува како соучесник во терористички акт;
в) организира или им наредува на други да извршат терористички акт или
г) придонесува кон извршувањето на терористички акт од страна на група лица која дејствува со заедничка цел, со намера реализирање на терористичкиот акт и/или со знаење за намерата на групата да изврши терористички акт;

6. „Принос од казниво дело“ е секој имот или корист прибавена или добиена, непосредно или посредно, со извршување на казниво дело. Приносот од казниво дело опфаќа и принос од казниво дело сторено во странство, под услов во времето кога е сторено да било предвидено како казниво дело и според законите на државата во која е сторено и според законите на Република Македонија;

7. „Поврзано казниво дело” е кривично дело кое генерира приход кој може да биде објект на дејствието на кривичното дело перење пари;

8. „Имот“ е пари или други инструменти за плаќање, хартии од вредност, депозити, друга сопственост од секаков вид и тоа материјална или нематеријална, движна или недвижна, без оглед на начинот на стекнување, како и други права врз предметите, побарувања, правни документи во каков било облик, вклучувајќи и во пишан или електронски облик, со кои се докажува сопственост над имотот или интерес/удел во таквиот имот;

9. „Финансиски институции“ се:
а) банки и штедилници основани со дозвола од гувернерот на Народната банка на Република Македонија чија основна дејност е прибирање депозити и други повратни извори на средства од јавноста и одобрување на кредити во свое име и за своја сметка;
б) правни лица кои не се банки или штедилници кои вршат една или повеќе од следните активности:
– кредитирање, вклучително и факторинг и финансирање на комерцијални трансакции,
– издавање и администрирање на платежни средства (парични картички, чекови, патнички чекови, меници),
– издавање на електронски пари,
– финансиски лизинг,
– менувачки работи,
– платежни услуги (платен промет во земјата и странство, вклучувајќи уплата и исплата на готовина на сметка преку која се вршат платежни трансакции, активности поврзани со отворање, водење/одржување и затворање на сметката, извршување на платежни трансакции, издавање на платни инструменти/или прифаќање на платежни трансакции, парични дознаки (брз трансфер на пари), услуги за иницирање на плаќања),
– издавање на платежни гаранции, авали и други форми на обезбедување,
– тргување со инструменти на пазарот на пари,
– тргување со девизни средства, што вклучува и тргување со благородни метали,
– тргување со хартии од вредност,
– тргување со финансиски деривати,
– управување со средства и портфолио на хартии од вредност за клиенти и/или инвестициско советување на клиенти,
– давање на услуги на чување на имот на инвестициски и пензиски фондови,
– купопродажба, гарантирање или пласман на емисија на хартии од вредност,
– чување на хартии од вредност за клиенти,
– советување на правни лица во врска со структурата на капиталот, деловната стратегија или други поврзани прашања или давање услуги поврзани со спојување или припојување на правни лица,
– посредување во склучување договори за кредити и заеми и
– обработка и анализа на информации за кредитна способност на правни лица,
в) друштва за осигурување, осигурително брокерски друштва, друштва за застапување во осигурувањето, осигурителни брокери и застапници во осигурувањето, кога вршат работи на осигурување на живот, односно вршат работи на застапување или посредување во осигурувањето при склучување на договори за осигурување на живот;
г) друштва за управување со приватни инвестициски фондови и приватни фондови;
д) друштва за управување со отворени инвестициски фондови и затворени инвестициски фондови;
ѓ) друштва за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови;
е) филијали на странски финансиски институции од точките а) до ѓ) во Република Македонија;
ж) Македонска пошта АД во делот на работењето кој се однесува на поштенски парични упатници;
з) и други правни или физички лица кои согласно со закон извршуваат една или повеќе активности во врска со одобрување кредити, издавање на електронски пари, издавање и администрирање на кредитни картички, финансиски лизинг, факторинг, форфетинг, давање на услуги на инвестициски советник, посредување при микроплаќање, чуваат или администрираат/дистрибуираат готовина и други финансиски активности утврдени со закон;

10. „Деловен однос“ е деловен, професионален или комерцијален однос, кој е поврзан со професионалните и деловните активности на субјектот од членот 5 од овој закон и за кој се очекува во моментот на негово воспоставување да има елемент на времетраење;

11. „Повремена трансакција“ е трансакција која не се извршува во рамки на воспоставен деловен однос;

12. „Клиент“ е физичко лице, правно лице, странски труст и сличен правен аранжман кое воспоставува, има воспоставено деловен однос со субјектот или извршува повремена трансакција;

13. „Трансакција“ е уплата и/или исплата на готовина, уплата (прием) и исплата на депозит, размена на валути, пренос на средства, склучување договори, набавка и купопродажба на стоки и услуги, продажба или отстапување на основачки вложувања, купопродажба или отстапувања на акции или удели, регистрација на хартии од вредност или пренос на хартии од вредност или друг имот и друга активност која ја вршат субјектите согласно со законските овластувања;

14. „Пари“ се готовина, жирални пари или електронски пари;

15. „Готовина“ се книжни и ковани пари кои врз основа на закон се во оптек во Република Македонија или во странска држава;

16. „Електронски пари“ се електронски пари согласно со закон;

17. „Физички преносливи средства за плаќање” се патнички чекови, чекови, меници, парични упатници и други физички преносливи средства за плаќање кои се исплаќаат на доносител или се преносливи без ограничување;

18. „Даватели на услуги на правни лица или трустови“ се физички или правни лица кои во рамките на својата дејност ги даваат следниве услуги на трети лица:
а) основаат правни лица;
б) дејствуваат како или ангажираат друго лице да дејствува како орган на управување или член на органот на управување на правното лице;
в) обезбедуваат седиште, деловна адреса, адреса за кореспонденција или други поврзани услуги на правно лице или странски труст;
г) дејствуваат како или ангажираат друго лице да дејствува како управител на странски труст или сличен правен аранжман основан со изрична изјава;
д) дејствуваат како или ангажираат друго лице да дејствува како содружник или дејствува како акционер за друго лице (освен за трговско друштво што котира на берза);

19. „Труст“ е правен однос воспоставен согласно со прописите на друга држава меѓу лице-основач, за време на живот (inter vivos) или по смрт, кога имотот се доверува на управување на повереник во корист на корисник/група на корисници или за определена цел;

20. „Вистински сопственик“ е секое физичко лице (лица) кое е краен сопственик на клиентот или го контролира клиентот и/или физичко лице (лица) во чие име и за чија сметка се извршува трансакција. Поимот вклучува и физичко лице (лица) кое врши крајна и ефективна контрола над правно лице или странски правен аранжман;

21. „Регистар на вистински сопственици“ е информациски систем кој овозможува прием, евидентирање, обработка, чување и размена на податоци и/или документи за вистински сопственици во електронска форма;

22. „Носители на јавни функции” се физички лица на кои им е или им била доверена јавна функција во Република Македонија или во друга држава, како:
а) претседатели на држави и влади, министри и заменици или помошници министри;
б) избрани претставници во законодавната власт;
в) судии на врховни или уставни судови или други носители на високи правосудни функции против чија одлука, освен во исклучителни случаи, не може да се користат правни лекови;
г) членови на органи на управување на супервизорски и регулаторни тела и агенции, државна ревизорска институција и членови на одбор на централна банка;
д) амбасадори;
ѓ) офицери од висок ранг во вооружените сили (чинови повисоки од полковник);
е) избрани и именувани лица согласно со закон и членовите на органите на управување и надзор на правни лица основани од државата;
ж) лица со функции во политички партии (членови на извршните органи на политичките партии);
з) лица на кои им е или им била доверена истакната функција во меѓународна организација, како директори, заменици директори, членови на управни и надзорни одбори или други еквивалентни функции и
ѕ) градоначалници и претседатели на совети на општини.

За носители на јавна функција од точка а) до ѕ) се сметаат лицата најмалку две години по престанокот на извршување на јавната функција, а врз основа на претходно спроведена проценка на ризик од страна на субјектите.

Поимот „носители на јавни функции“ вклучува и:
1) членови на семејството на носителот на јавна функција и тоа:
– брачен другар или лице со кое носителот на јавна функција е во вонбрачна заедница,
– деца и нивни брачни другари или лица со кои децата на носителот на јавна функција се во вонбрачна заедница или
– родители на носителот на јавна функција. 
2) лице кое се смета за близок соработник на носителот на јавна функција е физичко лице:
– за кое е познато дека има заедничка правна или вистинска сопственост врз правно лице, има склучено договори или воспоставено други блиски деловни врски со носителот на јавна функција или
– кое е единствен вистински сопственик на правно лице или правен аранжман за кое е познато дека се основани во корист на носителот на јавна функција,

23. „Привремени мерки“ се времена забрана за користење или располагање со пари, хартии од вредност, фондови или друг имот, времено чување и обезбедување врз основа на одлука издадена од страна на суд или друг надлежен орган во постапка утврдена со закон;

24. „Кореспондентски однос“ е:
а) кога банка како „кореспондент“ и дава банкарски услуги на друга банка како „респондент“, вклучително и водење на сметка и давање услуги поврзани со водење на сметка како што се управување со готовина, меѓународни преноси на парични средства, порамнување на чекови, плаќање кое се користи директно од страна на трети лица заради извршување работа во нивно сопствено име и услуги на девизно работење и/или
б) однос помеѓу и во рамки на банки и други финансиски институции кога слични услуги се даваат преку финансиска институција кореспондент на финансиската институција респондент, како и односи воспоставени за трансакции со хартии од вредност или пренос на парични средства;

25. „Пренос на парични средства“ е секоја трансакција, вклучително и парични дознаки, која барем делумно се извршува по електронски пат во име на плаќачот преку давател на платежна услуга со цел средствата да се стават на располагање на примачот преку давател на платежна услуга, без оглед на тоа дали плаќачот и примачот се исто лице и без оглед на тоа дали давателот на платежни услуги на плаќачот и на примачот е еден ист;

26. „Програма“ е акт на субјектот кој определува правила, процедури и упатства за примена на мерки и дејствија за спречување на перење пари и финансирање на тероризам за ефикасно намалување и управување со идентификуваниoт ризик од перење пари и финансирање на тероризам;

27. „Овластено лице“ е лице вработено во субјектот и назначено од органот на управување на субјектот, кое се грижи за спроведување на мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам и за соработка со Управата;

28. „Високо раководство на субјектот“ е лице кое со закон и интерните акти е овластено да управува и е одговорно за работењето на субјектот и кое има соодветни овластувања и функција да носи одлуки кои може да влијаат на изложеноста на субјектот на ризик од перење пари и финансирање на тероризам;

29. „Shell bank“ („Банка школка”) е финансиска институција која во државата каде е регистрирана нема деловни простории, вработени и органи на управување и не е членка на банкарска или друг вид групација која е предмет на супервизија на консолидирана основа;

30. „Игри на среќа“ се игри на среќа согласно со Законот за игри на среќа и за забавните игри;

31. „Група“ е група на трговски друштва која е составена од матичното друштво, друштва ќерки и друштва во кои матичното друштво или друштвото ќерка учествуваат, како и трговски друштва кои се меѓусебно поврзани на начин на кој е уредено со прописите кои ги уредуваат трговските друштва;

32. „Национална проценка на ризикот“ е сеопфатен процес на идентификација и анализа на ризиците од перење пари и финансирање на тероризам во одредена држава, заради развивање на адекватни мерки за спречување на перење пари и финансирање на тероризам и ефикасна алокација на расположливите ресурси со цел контрола, намалување или елиминирање на утврдените ризици и унапредување на системот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам;

33. „Единица за финансиско разузнавање“ е централен национален орган надлежен за примање и анализа на извештаи за сомнителни трансакции и други информации од значење за перење пари и финансирање на тероризам и доставување на резултатите од анализата и други дополнителни релевантни информации до надлежните органи кога постојат основи за сомневање за перење пари и финансирање на тероризам;

34. „Правен аранжман“ е труст и друга слична правна форма основана согласно со регулатива на странска држава;

35. „Високоризични држави“ се држави кои не ги имплементирале или недоволно ги имплементирале меѓународните стандарди за спречување на перење пари и финансирање на тероризам и држави утврдени како ризични согласно со Националната проценка на ризик;

36. „Непрофитни организации“ се правни лица, правни аранжмани или организации кои примарно се вклучени во прибирање или прераспределба на средства за добротворни, религиозни, културни, образовни или социјални цели или друг вид на добротворни активности.

ГЛАВА II.

НАЦИОНАЛНА ПРОЦЕНКА НА РИЗИКОТ ОД ПЕРЕЊЕ ПАРИ И ФИНАНСИРАЊЕ НА ТЕРОРИЗАМ

Национална проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам

Член 3

(1) Република Македонија спроведува национална проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам (во натамошниот текст: национална проценка на ризикот) заради идентификување, проценување, разбирање и намалување на ризикот поврзан со перење пари и финансирање на тероризам и врши нејзино ажурирање најмалку на секои четири години.

(2) Советот за борба против перење пари и финансирање на тероризам од членот 125 од овој закон е надлежен за координирање на активностите за спроведување на националната проценка на ризикот во Република Македонија и изготвување извештај за национална проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам.

(3) Извештајот за национална проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам Советот за борба против перење пари и финансирање на тероризам од членот 125 од овој закон го доставува на усвојување до Владата на Република Македонија.

(4) Извештајот за национална проценка на ризикот се објавува на интернет страницата на Управата.

Цели на националната проценка на ризикот

Член 4

(1) Наодите од извештајот за национална проценка на ризикот се користат за следниве цели:
– подобрување на националната регулатива за спречување на перење пари и финансирање на тероризам,
– идентификување на недостатоци на системот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам и мерки за нивно надминување,
– идентификување на сектори или активности со помал или поголем ризик од перење пари и финансирање на тероризам,
– идентификување на сектори или активности во однос на кои субјектите се должни да преземаат засилени мерки на анализа и по потреба утврдување на други мерки кои субјектите се должни да ги преземаат,
– дефинирање на приоритети и алокација на ресурсите со цел спречување на перење пари и финансирање на тероризам,
– подготовка и донесување на релевантни прописи за одделни сектори или активности и спроведување мерки во согласност со идентификуваните ризици од перење пари и финансирање на тероризам и
– информирање и помош на субјектите при спроведување на нивната интерна проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам.

(2) Советот за борба против перење пари и финансирање на тероризам од членот 125 од овој закон врз основа на наодите од извештајот за национална проценка на ризиците подготвува предлог Национална стратегија за борба против перење пари и финансирање на тероризам со акционен план на мерки и активности за намалување и управување со идентификуваните ризици и последици од перење пари и финансирање на тероризам и ја следи нејзината реализација и исполнетост на акциониот план.

(3) Владата на Република Македонија ја донесува Националната стратегија за борба против перење пари и финансирање на тероризам со акциониот план на мерки и активности од ставот (2) на овој член, за период од четири години.

ГЛАВА III.

МЕРКИ И ДЕЈСТВИЈА КОИ ГИ ПРЕЗЕМААТ СУБЈЕКТИТЕ ЗАРАДИ ОТКРИВАЊЕ И СПРЕЧУВАЊЕ НА ПЕРЕЊЕ ПАРИ И ФИНАНСИРАЊЕ НА ТЕРОРИЗАМ

1. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Субјекти

Член 5

Субјекти се лицата кои имаат обврска да ги преземаат мерките и дејствијата за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам предвидени со овој закон (во натамошниот текст: субјекти) и тоа: 
1. Финансиски институции и подружници, филијали и деловни единици на странски финансиски институции кои согласно со закон вршат дејност во Република Македонија;
2. Правни и физички лица кои ги вршат следниве услуги:
а) посредување во промет со недвижности;
б) ревизорски и сметководствени услуги;
в) давање совети од областа на даноците;
г) давање на услуги како инвестиционен советник и
д) давање на услуги за организирање и спроведување на аукции;
3. Нотари, адвокати и адвокатски друштва кои вршат јавно овластување согласно со закон;
4. Приредувачи на игри на среќа:
а) лотариски игри на среќа;
б) игри на среќа во казино;
в) игри на среќа во обложувалница;
г) игри на среќа во автомат клуб;
д) електронски игри на среќа;
ѓ) томбола од затворен тип и
е) интернет игри на среќа;
5. Даватели на услуги на трустови или правни лица;
6. Централен депозитар за хартии од вредност и
7. Правни лица кои вршат дејност на примање во залог на подвижни предмети и недвижности (заложувалници).

Исклучоци во однос на правни и физички лица кои вршат финансиски активности на повремена или ограничена основа

Член 6

(1) Субјектите од членот 5 од овој закон кои вршат финансиски активности на повремена или ограничена основа и за кои со националната проценка на ризикот е утврден низок ризик од перење пари и финансирање на тероризам, не се должни да ги применуваат мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам предвидени со овој закон, доколку се исполнети следниве услови:
– финансиската активност е споредна и директно поврзана со главната деловна активност,
– годишниот нето промет од финансиската активност не надминува 100.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија или 5% од вкупниот годишен промет на субјектот,
– главна активност не е давање на ревизорски услуги, организирање и приредување игри на среќа, сметководствени услуги, услуги на даночен советник, активности на промет со недвижности, давање услуги на трустови или правни лица или нотарски и адвокатски услуги,
– највисокиот износ на трансакција по клиент и по поединечна трансакција без оглед дали се извршува како една или неколку трансакции кои изгледаат меѓусебно поврзани не смее да надминува 500 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија и
– финансиската активност се извршува само за лица кои се клиенти гледано од аспект на главната деловна активност и не е генерално достапна за јавноста.

(2) Одредбите од ставот (1) на овој член не се применуваат на правни лица, трговци поединци или физички лица кои самостојно вршат дејност доколку вршат парични дознаки согласно со закон.

(3) Субјектот од ставот (1) на овој член поднесува барање да не ги применува одредбите од овој закон до Управата. Кон барањето се доставува документација од која може да се утврди дека се исполнети условите од ставот (1) на овој член и документација за спроведена проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам за секоја финансиска активност.

(4) За барањето од ставот (3) на овој член, Управата донесува решение во согласност со одредбите на Законот за општата управна постапка.

(5) Решението од ставот (4) на овој член е со важност од две години од неговото донесување. По истекот на важноста на решението, за изземање од примената на одредбите од овој закон, субјектот поднесува ново барање согласно со ставот (3) на овој член.

(6) Ако околностите врз основа на кои се издава решението се изменат пред истекот на важноста на решението, субјектот од ставот (1) на овој член е должен да ја извести Управата за овие промени во рок од петнаесет дена од денот на нивното настанување. Врз основа на ова известување или врз основа на други информации, Управата по службена должност донесува ново решение со кое го поништува претходното решение и одлучува за примена на одредбите од овој закон.

Член 7

(1) Нотарите, адвокатите и адвокатските друштва кои вршат јавни овластувања согласно со закон се должни да ги применуваат мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам во случаите кога даваат правни услуги за нивните клиенти кои се однесуваат на следниве активности:
а) купопродажба на подвижни предмети, недвижности, содружнички удели или акции;
б) тргување и управување со имот;
в) отворање и располагање со банкарски сметки, сефови и други финансиски активности;
г) основање или учество во работењето или управувањето на правни лица, трустови или правни аранжмани и
д) застапување на клиенти во трансакции.

(2) Обврските кои произлегуваат од овој закон не се однесуваат на адвокатите и адвокатските друштва кога вршат функција на одбрана и застапување на клиентот во судска постапка. Во овој случај адвокатите и адвокатските друштва, на барање на Управата, во рок од седум дена треба да достават писмено образложение за причините поради кои не постапиле согласно со одредбите од овој закон.

2. МЕРКИ И ДЕЈСТВИЈА ЗА ОТКРИВАЊЕ И СПРЕЧУВАЊЕ НА ПЕРЕЊЕ ПАРИ И ФИНАНСИРАЊЕ НА ТЕРОРИЗАМ

Член 8

Мерки и дејствија за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам (во натамошниот текст: мерки и дејствија), кои ги преземаат субјектите се:
– изготвување на проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам и нејзино редовно ажурирање,
– воведување и примена на програми за ефикасно намалување и управување со идентификуваниoт ризик од перење пари и финансирање на тероризам,
– анализа на клиентите,
– известување и доставување на податоци, информации и документација до Управата согласно со одредбите од овој закон и подзаконските акти донесени врз негова основа,
– чување, заштита и водење евиденција на податоци,
– именување на овластено лице и негов заменик и/или формирање на оддел за спречување на перење пари и финансирање на тероризам,
– спроведување на внатрешна контрола и
– други мерки кои произлегуваат од одредбите на овој закон.

Член 9

(1) Обврската за преземање на мерките и дејствијата предвидени со овој закон, постои и во случај кога субјектите се во постапка на стечај и ликвидација.

(2) Обврската од ставот (1) на овој член ја извршува стечајниот управник до завршување или заклучување на стечајната постапка, односно ликвидатор до завршување на ликвидаторна постапка.

Изготвување на проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам

Член 10

(1) Субјектите се должни да изготват проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам со цел да ги идентификуваат, проценат, разберат и намалат ризиците од перење пари и финансирање на тероризам, земајќи ги предвид факторите на ризик кои се однесуваат на:
а) клиентот;
б) државите или географските подрачја;
в) производите, услугите или трансакциите и
г) каналите на дистрибуција.

(2) Проценката на ризикот од ставот (1) на овој член мора да биде документирана и соодветна на големината на субјектот, видот, опфатот и сложеноста на неговата деловна активност.

(3) Субјектот е должен редовно да ја ажурира проценката на ризикот од ставот (1) на овој член.

(4) Субјектот е должен проценката на ризикот од ставот (1) на овој член да ја достави на барање на надлежните органи на надзорот од членот 146 од овој закон.

(5) Субјектот е должен проценката на ризикот од ставот (1) на овој член да ја усогласи со националната проценка на ризикот.

(6) Субјектот е должен, пред да направи значителни промени во своите деловни активности и процеси кои можат да влијаат на мерките кои се преземаат со цел спречување на перење пари и финансирање на тероризам, како и при воведување на нов производ, услуга, активност или канал на дистрибуција, како и при воведување на нови технологии, да спроведе проценка на ризикот со цел утврдување и проценка на тоа како промените влијаат на изложеноста на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам и е должен да преземе соодветни мерки за намалување и за ефикасно управување со ризикот.

(7) Органите на надзор од членот 146 од овој закон се должни да изготват упатство за вршење на проценка на ризикот за субјектите за кои вршат надзор.

Воведување и примена на Програми за ефикасно намалување и управување со идентификуваниот ризик од перење пари и финансирање на тероризам 

Член 11

(1) Субјектите се должни да изготват и применуваат Програма за ефикасно намалување и управување со идентификуваниот ризик од перење пари и финансирање на тероризам која содржи: 
– цели, обем и начин на работа на системот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам на субјектот,
– организациска структура на субјектот, позиција на овластеното лице и неговиот заменик во организационата структура,
– податоци за овластеното лице и неговиот заменик,
– овластувања и одговорности на овластеното лице и неговиот заменик,
– овластувања и одговорности на сите вработени во субјектот кои учествуваат во спроведувањето на одредбите на овој закон и подзаконските акти донесени врз негова основа,
– заклучоци од спроведената проценка на ризик и начин на управување со ризик од перење пари и финансирање на тероризам,
– мерки на анализа на клиентот и прифатливост на клиенти,
– начин на препознавање на невообичаени трансакции и трансакции на сомневање за перење пари и финансирање на тероризам,
– начин на воспоставување на внатрешен механизам за навремено и адекватно известување,
– начин на чување на податоците и документите,
– начин на доставување на извештаи до Управата,
– план за постојана обука на вработените во субјектот од областа на спречување на перење пари и финансирање на тероризам која обезбедува реализација на најмалку две обуки во текот на годината и
– процедура и план на вршење на внатрешна контрола на спроведување на мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам адекватни на големината и видот на субјектот.

(2) Високото раководство на субјектот е должно да ја донесе програмата од ставот (1) на овој член, редовно да ја следи и оценува нејзината адекватност, усогласеност и ефикасност и доколку е потребно, да ги засили мерките кои ги презема субјектот.

(3) Субјектот е должен програмата од ставот (1) на овој член во рок од седум дена да ја достави на барање на надлежните органи на надзорот од членот 146 од овој закон.

Анализа на клиентот

Член 12

Субјектите се должни да спроведуваат анализа на клиентот во следниве случаи:
а) кога се воспоставува деловен однос со клиентот;
б) кога се извршува трансакција во износ од 15.000 евра или повеќе во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија, без оглед дали трансакцијата се извршува како една операција или неколку операции кои се меѓусебно очигледно поврзани;
в) кога се извршува повремена трансакција која претставува пренос на парични средства во вредност поголема од 1.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија;
г) кај игри на среќа во случај на уплата и исплата на добивка, како и при купување или исплаќање на чипови во износ од 1.000 евра или повеќе во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија, без оглед дали трансакцијата се извршува како една трансакција или неколку трансакции кои се меѓусебно очигледно поврзани и кои вкупно достигнуваат вредност од 1.000 евра или повеќе во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија;
д) кога постои сомневање за вистинитоста или адекватноста на претходно добиените податоци за идентитетот на клиентот или вистинскиот сопственик и
ѓ) кога постои сомневање за перење пари или финансирање на тероризам, без оглед на каков било исклучок или износ на средства.

Случаи кога не се спроведува анализа на клиентот

Член 13

(1) Субјектите не се должни да ги спроведат мерките од членот 14 од овој закон во однос на електронските пари, доколку се исполнети следниве услови:
1. инструментот за плаќање не може да се надополни повторно или вкупниот износ на трансакции на инструментот за плаќање е ограничен на месечно ниво во износ од 150 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија и може да се користи единствено во Република Македонија;
2. средствата уплатени на инструментот за плаќање не смеат да надминат 150 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија;
3. инструментот за плаќање се користи исклучиво за набавка на стоки или услуги;
4. анонимните електронски пари не можат да се складираат на инструментот за плаќање и
5. издавачот на електронски пари врши мониторинг/контрола на трансакции или деловни односи, со цел да се откријат сложени и невообичаени трансакции или сомнителни трансакции.

(2) Исклучокот од ставот (1) на овој член, не важи во случаи на откуп на електронски пари во готово или подигнување на пари во готовина во еквивалентна вредност на електронските пари поголеми од 100 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија.

(3) Одредбите од ставот (1) на овој член не се применуваат во случаите кога постојат причини за сомневање за перење пари или финансирање на тероризам.

Мерки на анализата на клиентот

Член 14

(1) Анализата на клиентот од членот 12 од овој закон вклучува:
а) идентификација на клиентот и потврдување на неговиот идентитет со користење на документи, податоци и информации од сигурни и независни извори;
б) идентификација на ополномоштувачот и потврдување на неговиот идентитет со користење на документи, податоци и информации од сигурни и независни извори;
в) идентификација на вистинскиот сопственик и преземање на соодветни мерки за потврдување на неговиот идентитет, со користење на документи, податоци и информации од сигурни и независни извори со цел субјектот да е уверен дека знае кој е вистинскиот сопственик;
г) обезбедување на информации за целта и намерата на деловниот однос и
д) постојано следење на деловниот однос и на трансакциите кои се остваруваат во рамки на воспоставениот деловен однос со цел да се осигура дека овие трансакции се конзистентни со профилот на ризик и бизнисот на клиентот, а во случај кога е потребно и утврдување на изворите на средства, при што документите и податоците со кои субјектот располага мора да бидат ажурирани.

(2) Кога клиентот е правно лице или правен аранжман, субјектот е должен да преземе мерки со цел да ја утврди природата на неговата деловна активност и сопственичката и контролната структура.

(3) Субјектите ја применуваат секоја мерка од анализата на клиентот, а нејзиниот обем зависи од проценката на ризикот на клиентот.

(4) Субјектите се должни да им ги направат достапни на органите на надзор од членот 146 од овој закон документите за проценка на ризикот на клиентот, за да потврдат дека утврдениот ризик од перење пари и финансирање на тероризам е соодветен и дека обемот на преземените мерки е во согласност со ризикот на клиентот.

(5) Субјектите се должни мерките за анализа на клиентот да ги применат и на постојните клиенти и деловниот однос со истите врз основа на проценка на ризикот, на определен временски период согласно со изготвената проценка на ризикот, земајќи ја предвид претходно спроведената анализа на клиентот и промената на околностите кои се од значење за примена на одредбите од овој закон.

Идентификација и потврдување на идентитетот

Член 15

(1) Идентификацијата и потврдувањето на идентитетот на клиентот, ополномоштувачот или вистинскиот сопственик, субјектите се должни да го извршат пред да воспостават деловен однос или пред да извршат повремена трансакција.

(2) По исклучок на ставот (1) на овој член, субјектите може да го потврдат идентитетот на клиентот, ополномоштувачот или вистинскиот сопственик во текот на воспоставување на деловниот однос, за да не се наруши водењето на деловниот однос и кога постои низок ризик од перење пари и финансирање на тероризам.

(3) Во работите поврзани со осигурување на живот, дозволено е потврдувањето на идентитетот на клиентот, ополномоштувачот или вистинскиот сопственик на полисата, да се изврши откако деловниот однос е воспоставен. Во овој случај потврдувањето на идентитетот треба да се изврши пред или за време на исплаќањето на полисата или пред или кога корисникот има намера да ги изврши правата кои произлегуваат од полисата.

Идентификување и потврдување на идентитетот на клиентот

Член 16

(1) Кога клиентот е физичко лице се идентификува и се потврдува неговиот идентитет со поднесување на оригинален и важечки документ за идентификација, издаден од надлежен орган или копија заверена на нотар.

(2) Од документот од ставот (1) на овој член се утврдува име, презиме, дата и место на раѓање, место и адреса на живеалиште или престојувалиште, единствен матичен број или број за идентификација и број на документот за идентификација, органот кој го издал и дата на важење.

(3) Кога клиентот е правно лице или правен аранжман се идентификува и неговиот идентитет се потврдува со документ за регистрација во оригинал или копија заверена на нотар, издаден од надлежен орган на државата во која е регистрирано правното лице или акт за основање на правниот аранжман. Документот за регистрација или основање се поднесува во хартиена и/или електронска форма. Документите за регистрација издадени од надлежен орган на странска држава, треба да бидат преведени на македонски јазик од страна на овластен судски преведувач.

(4) Од документот од ставот (3) на овој член се утврдува називот, правната форма, седиштето, даночниот број или друг регистрациски број на правното лице или правниот аранжман, основачот/ите, повереникот/ците, корисник или група на корисници на трустот, законскиот застапник, органот на управување и лицата ополномоштени за влегување во деловен однос во име на клиентот.

(5) Од документите од ставовите (1) и (3) на овој член, за целите на идентификација, субјектите задолжително задржуваат копија во хартиена и/или електронска форма при што применуваат технички и организациски мерки согласно со прописите за заштита на личните податоци.

(6) Субјектите може да побараат и други податоци, информации и документи од клиентот и/или сигурни и независни извори за потврдување на идентитетот на клиентот.

Идентификување и потврдување на идентитетот на ополномоштувачот

Член 17

(1) Субјектите се должни да утврдат дали клиентот дејствува во име и за сметка на трето лице.

(2) Во случаите од ставот (1) на овој член, субјектите се должни да го идентификуваат и да го потврдат идентитетот на лицето кое ја врши трансакцијата (ополномоштеник), носителот на правата (ополномоштувачот) и полномошното.

Идентификување и потврдување на идентитетот на вистинскиот сопственик

Член 18

(1) Субјектите се должни да го идентификуваат вистинскиот сопственик.

(2) Субјектите се должни да го потврдат идентитетот на вистинскиот сопственик врз основа на податоци и информации од сигурни и независни извори, во обем адекватен на извршената проценка на ризикот, со тоа што ќе бидат уверени кој е вистинскиот сопственик.

(3) Субјектите, податоците за вистинскиот сопственик ги обезбедуваат од оригиналната или заверената документација од трговски, судски или друг јавен регистар, која не смее да биде постара од шест месеци. Субјектите, податоците за вистинскиот сопственик се должни да ги проверат од регистарот на вистински сопственици, при што, не смеат исклучиво да се потпрат на податоците внесени во регистарот.

(4) Доколку субјектите не можат да ги добијат сите податоци за вистинскиот сопственик на клиентот од трговскиот, судскиот или друг јавен регистар или регистарот на вистински сопственици, потребните податоци треба да ги обезбедат со проверка на оригиналните или заверени документи и деловни евиденции поднесени од страна на законскиот застапник на клиентот или лице овластено од него.

(5) Доколку клиентот не подлежи на упис во соодветен регистар субјектите не можат да ги добијат потребните податоци за вистинскиот сопственик на начинот опишан во ставовите (2), (3) и (4) на овој член, субјектите се должни податоците да ги обезбедат директно со писмена изјава под полна морална и материјална одговорност заверена на нотар на законскиот застапник или лице овластено од него. 

(6) Доколку при утврдувањето на вистинскиот сопственик, субјектите се сомневаат во веродостојноста на доставените податоци или веродостојноста на документите или другата деловна документација, се должни да побараат писмена изјава од законскиот застапник под полна морална и материјална одговорност заверена на нотар или од него овластено лице пред да воспостават деловен однос или пред да извршат трансакција.

(7) Во случаите од ставовите (5) и (6) на овој член, субјектите се должни да применат една или повеќе мерки за засилена анализа согласно со одредбите на овој закон.

(8) Директорот на Управата со упатство го утврдува начинот на идентификување на вистинскиот сопственик.

Вистински сопственик на правно лице

Член 19

(1) Вистински сопственик на правно лице е: 
1. Физичко лице (лица) кое е сопственик на правното лице или го контролира правното лице преку директна сопственост на доволен процент на удели, акции, вклучително и акции на доносител или право на глас или други права во правното лице;
2. Физичко лице (лица) кое го контролира правното лице преку индиректна сопственост на доволен процент на удели, акции, вклучително и акции на доносител или право на глас или други права во правното лице или
3. Физичко лице (лица) кое на друг начин остварува контрола на правното лице.

(2) Индикатор на директна сопственост од ставот (1) точка 1 на овој член е сопственоста на над 25% од уделите, правата на глас или други права во правното лице или сопственоста на 25% плус една акција.

(3) Индикатор на индиректна сопственост од ставот (1) точка 2 на овој член е сопственоста или контролата на физичко лице (лица) над едно или повеќе правни лица кои поединечно или заедно имаат над 25% од уделите или 25% плус една акција.

(4) Ако со примена на точките 1 и 2 од ставот (1) на овој член не може да се утврди физичко лице/а за вистински сопственик/ци или ако субјектот не е сигурен дека физичкото лице/а идентификувано/и согласно со точките 1 и 2 од ставот (1) на овој член е/се вистински сопственик/ци, во тие случаи за вистински сопственик/ци е/се смета лицето/та идентификувано/ни со примена на точката 3 од ставот (1) на овој член.

Вистински сопственик на други правни лица

Член 20

Вистински сопственик на домашни и странски здруженија и нивни сојузи, фондации, установи, комори, синдикати, политички партии, задруги, верски заедници или други организации во кои учеството во управувањето врз основа на сопственички удел во капиталот не е можно да се утврди, се смета секое физичко лице кое е овластено да ги застапува или физичкото лице кое има контролна позиција во управувањето со имотот на организацијата.

Вистински сопственик на правен аранжман

Член 21

(1) Вистински сопственик на правен аранжман е секое физичко лице кое е:
1. основач;
2. повереник;
3. управител/и (доколку има);
4. корисник или група на корисници на имотот со кој управува под услов идните корисници да се утврдени или да можат да се утврдат;
5. физички лица кои извршуваат функции исти или слични на оние од точките 1, 2, 3 и 4 на овој став и/или
6. друго физичко лице кое преку директна или индиректна сопственост или на друг начин врши контрола над правниот аранжман.

Вистински сопственик на трговец поединец или на самостојни вршители на дејност

Член 22

Вистински сопственик на трговец поединец или самостојни вршители на дејност е физичкото лице регистрирано за вршење на дејноста и во исто време е единствен овластен претставник.

Вистински сопственик на буџетски корисници

Член 23

Вистински сопственик на буџетски корисник е раководител на буџетскиот корисник.

Исклучоци во однос на идентификацијата на вистинскиот сопственик

Член 24

Субјектот не мора да го идентификува и потврди идентитетот на вистинскиот сопственик доколку клиентот е правно лице чии хартии од вредност котираат на домашна или странска берза на хартии од вредност од држави кои ги исполнуваат меѓународните стандарди за спречување на перење пари и финансирање на тероризам или податоците за вистинските сопственици се транспарентни и јавно достапни.

Обврска за поседување и чување на податоци за вистинскиот сопственик

Член 25

(1) Обврска за поседување и чување на податоци и документи за вистинскиот сопственик имаат субјектите на упис во регистрите кои се водат при Централниот регистар на Република Македонија (во натамошниот текст: правни субјекти) и тоа:
1. трговски друштва, трговец поединец, самостојни вршители на дејност, подружници и филијали на странски трговски друштва и странски трговец поединец;
2. здруженија, сојузи, фондации, комори, синдикати, политички партии, задруги, верски заедници или други организации и
3. нотари, адвокати и други лица кои вршат јавни овластувања.

(2) Правните субјекти од ставот (1) точки 1 и 2 на овој член се должни да поседуваат и чуваат адекватни, точни и ажурни податоци и документи за:
а) вистинскиот сопственик/ци и тоа:
1. име и презиме;
2. држава на живеалиште, односно престојувалиште;
3. ден, месец и година на раѓање;
4. единствен матичен број или друг идентификациски број и податок за видот, бројот, издавачот, државата и датумот на издавање на документот за идентификација;
5. државјанство и
6. податоци за видот и обемот на вистинската сопственост. 
б) сопственичката структура, а трговските друштва и податоци за уделите, влоговите или друга форма на учество во сопственоста на друштвото.

(3) Правните субјекти од ставот (1) точка 3 на овој член се должни да поседуваат и чуваат адекватни, точни и ажурни податоци од ставот (2) точка а) на овој член.

(4) Правните аранжмани основани согласно со правото на странска држава кои имаат добиено единствен даночен број (ЕДБ) во Република Македонија согласно закон се должни да поседуваат и чуваат адекватни, точни и ажурни податоци од ставот (2) точка а) на овој член.

Регистар на вистински сопственици

Член 26

(1) Заради обезбедување на транспарентност на сопственичката структура на правните субјекти се воспоставува регистар на вистински сопственици (во натамошниот текст: регистар).

(2) Централниот регистар на Република Македонија (во натамошниот текст: администратор на регистарот) го воспоставува, води, одржува и управува со регистарот.

(3) Правните субјекти од членот 25 став (1) од овој закон, со исклучок на трговци поединци и самостојни вршители на дејност, ги внесуваат податоците за нивните вистински сопственици во регистарот во рок од осум дена од уписот на основањето на деловниот субјект во соодветниот регистар или во рок од осум дена од промената на податоците за вистинскиот сопственик. Регистрациониот агент или администраторот на регистарот во постапката на упис е должен да го запознае правниот субјект за обврската за задолжително запишување на податоците за вистинскиот сопственик.

(4) Одредбите од ставовите (1) и (2) на овој член не се однесуваат на правните субјекти кои се компании чии акции котираат на организиран пазар на хартии од вредност и кои се обврзани да се усогласат со условот за објавување на податоците за вистинските сопственици со што се обезбедува соодветна транспарентност на информации за сопственост согласно релевантните меѓународни стандарди.

Подносители

Член 27

(1) Овластеното лице за застапување и претставување на правниот субјект е должно да ги внесе податоците во регистарот.

(2) Правните субјекти преку системот на администраторот на регистарот може да овластат друго лице во нивно име да ги внесе податоците за нивните вистински сопственици, како и податоците за промените на вистинските сопствениците во регистарот.

(3) Правните субјекти се одговорни за точноста, адекватноста и ажурноста на податоците внесени во регистарот.

Внесување на податоци во регистарот

Член 28

(1) Во регистарот се запишуваат следниве податоци:
а) податоци за правниот субјект назив, седиште, ЕМБС и даночен број, датум на основање и бришење на деловниот субјект и
б) податоци за вистинскиот сопственик лично име, единствен матичен број или друг идентификациски број, адреса на постојан и привремен престој, датум на раѓање, даночен број, државјанство, сопственички удел или друга форма и вид на сопственост или контрола и датум на внесување и бришење на вистинскиот сопственик од регистарот.

(2) Администраторот на регистарот го води и управува регистарот на начин што:
– покрај последниот статус на податоците за вистинските сопственици, исто така, се чуваат сите претходни записи, измени на податоци и бришење според времето и видот на настанот,
– податоците во регистарот се достапни десет години по бришењето на правниот субјект од надлежен регистар и
– по исклучок од алинејата 2 на овој став, податоците во регистарот се трајно достапни за Управата, органите на прогонот, судовите и органите на надзор од членот 146 од овој закон.

(3) Внесувањето се врши бесплатно преку веб-порталот на администраторот на регистарот по електронски пат при што се применуваат технички и организациски мерки согласно со прописите за заштита на личните податоци.

(4) Министерот за финансии го пропишува начинот на внесување, пријавување, исправка и бришење на податоците од регистарот, начинот на користење, начинот на изразување на висината на уделот (индикатор за утврдување на сопственоста), начин на одржување и администрирање, техничките барања (потреби) за воспоставување на регистарот.

Пристап до податоците за вистински сопственици

Член 29

(1) Податоците кои се запишуваат во регистарот директно и врз основа на електронски пристап им се достапни на Управата, надлежните државни органи на прогонот, судовите, органите кои вршат надзор од членот 146 од овој закон и субјектите од членот 5 од овој закон.

(2) Податоците од регистарот за лично име, месец и година од датумот на раѓање, државјанство, земја на престој, сопственички удел или друга форма и вид на сопственост или контрола се јавно достапни и се користат со надомест согласно со тарифата на администраторот на регистарот.

Проверка на податоците во регистарот

Член 30

(1) Администраторот на регистарот врши проверка на податоците во регистарот и утврдува дали правните субјекти од членот 25 став (1) од овој закон ги впишале податоците од членот 28 став (1) од овој закон, промената на тие податоци во рокот од членот 26 став (3) од овој закон и на начин пропишан со правилникот од членот 28 став (4) од овој закон.

(2) Администраторот на регистарот, веднаш ја информира Управата по електронски пат за правните субјекти од членот 25 став (1) од овој закон кои не ги впишале податоците од членот 28 став (1) од овој закон и не ја впишале промената на тие податоци на начин и во рок пропишан во правилникот од членот 28 став (4) од овој закон.

Постојано следење на деловен однос

Член 31

(1) Субјектот е должен внимателно да ги следи деловните активности и трансакциите кои се вршат во рамки на деловниот однос со клиентот, со цел да се потврди дека истите се во согласност со целта и намерата на деловниот однос, ризичниот профил на клиентот, неговата финансиска состојба и неговите извори на финансирање.

(2) Субјектот е должен да врши редовна проверка и ажурирање на документите и податоците за клиентите, вистинските сопственици и ризичниот профил на клиентите со кои има воспоставено деловен однос.

(3) Субјектот е должен да обезбеди дека обемот и зачестеноста на спроведувањето на мерките од ставот (2) на овој член се во согласност со анализата и проценката на ризикот од членот 10 од овој закон и дека истите се усогласени со ризикот од перење пари и финансирање на тероризам на кои субјектот е изложен во текот на извршување на определена деловна активност или трансакција, односно во рамки на деловниот однос со клиентот.

Поедноставена анализа на клиент

Член 32

(1) Субјектите можат да применат поедноставени мерки за анализа на клиентот, кога согласно со одредбите од членот 10 од овој закон утврдиле дека постои низок ризик од перење пари и финансирање на тероризам.

(2) При одлучувањето за примена на поедноставени мерки за анализа на клиентот, субјектите се должни да ги земат предвид и резултатите од националната проценка на ризикот.

(3) Мерки на поедноставена анализа на клиентот може да бидат:
– потврдување на идентитетот на клиентот или вистинскиот сопственик по воспоставувањето на деловниот однос,
– намалување на зачестеноста на ажурирањето на документите и податоците за клиентите и/или
– намалување на степенот на следење на деловниот однос и трансакциите на клиентот.

(4) Субјектите се должни да обезбедат соодветна документација врз основа на која ќе може да се потврди дека е дозволена примена на поедноставена анализа на клиентот и дека мерките на поедноставена анализа на клиентот се соодветни на ризикот, како и да ја направат достапна таа документација на органите на надзор од членот 146 од овој закон.

(5) Поедноставената анализа на клиентот не е дозволена кога во однос на клиентот, трансакцијата, деловниот однос или имотот постои сомневање за перење пари или финансирање на тероризам, се применуваат специфични сценарија на висок ризик од перење пари или финансирање на тероризам или во случаите на сложени и невообичаени трансакции.

(6) Министерот за финансии го пропишува начинот на спроведување на мерките за поедноставена анализа на клиентот.

Засилена анализа на клиентот

Член 33

(1) Во случај кога постои висок ризик од перење пари или финансирање на тероризам утврден согласно со членот 10 од овој закон или врз основа на националната проценка на ризикот од членот 3 од овој закон или во случај на сомневање за перење пари или финансирање на тероризам, субјектот освен мерките за анализа на клиентот од членот 14 од овој закон е должен да преземе една или повеќе од следниве мерки:
– обезбедување на дополнителни податоци за клиентот,
– зачестено ажурирање на документите и податоците за клиентот,
– обезбедување на дополнителни податоци за природата на деловниот однос и трансакциите на клиентот,
– обезбедување на дополнителни податоци за изворот на средствата и изворот на имот на клиентот,
– обезбедување на информации за причината на планираните или извршените трансакции,
– обезбедување одобрение од високото раководство за воспоставување на нов или за продолжување на деловен однос,
– засилено следење на деловниот однос и/или
– барање првото плаќање да биде извршено преку сметка на клиентот во банка во Република Македонија.

(2) Спроведувањето на мерките на засилена анализа од ставот (1) на овој член субјектот е должен да ги документира и да ја направи достапна таа документација на органите на надзор од членот 146 од овој закон.

Кореспондентен однос

Член 34

Освен во случаите од членот 33 од овој закон, кога се воспоставуваат кореспондентски односи, финансиската институција е должна да ги преземе следните мерки на засилена анализа:
а) да прибере доволнo податоци за кореспондентната финансиска институција за потполно да ја утврди нејзината дејност и од јавно достапни информации да ја определи нејзината репутација, како и квалитетот на супервизијата, вклучително и дали била предмет на истрага за перење пари или финансирање на тероризам или друга мерка на надзор;
б) да побара информации и врз база на истите да го оцени системот на заштита од перење пари и финансирање на тероризам на кореспондентната финансиска институција;
в) да обезбеди одобрение од високото раководство за воспоставување на нов кореспондентски однос;
г) прецизно да ги пропишат меѓусебните права и обврски во областа на спречување на перење пари и финансирање на тероризам и
д) да утврди дали кореспондентната финансиска институција ја врши анализата на клиентот од овој закон на лицата коишто имаат директен пристап до нејзините кореспондентски сметки кај финансиските институции во Република Македонија, најмалку во обем и на начин определен со овој закон, како и да утврдат дали кореспондентската финансиска институција е спремна да ги обезбеди податоците за идентификување и потврдување на идентитетот на клиентот на странската банка или друга финансиска институција и неговиот вистински сопственик и да ги достави на банката или друга финансиска институција по нејзино барање.

Клиент кој не е физички присутен

Член 35

Освен во случаите од членот 33 од овој закон, кога клиентот, ополномоштеникот или законскиот застапник на клиентот правно лице не е физички присутен за целите на идентификација, субјектот треба да преземе една или повеќе од следните мерки на засилена анализа:
а) идентитетот на клиентот да го утврди со дополнителни документи, податоци или информации;
б) да преземе дополнителни мерки со кои ги потврдува обезбедените документи или да бара документите да ги потврди финансиска институција од Република Македонија, од земја членка на Европската Унија или од земја во која прописите предвидуваат приближно исти критериуми и стандарди за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, како барањата предвидени со овој закон и
в) првото плаќање да се изврши преку сметка на клиентот во банка во Република Македонија.

Клиент – носител на јавна функција

Член 36

(1) Освен во случаите од членот 33 од овој закон, кога субјектот врши трансакции или воспоставува деловен однос со клиент – носител на јавна функција е должен да ги преземе следниве мерки на засилена анализа:
а) да утврди дали клиент – носител на јавна функција и/или вистинскиот сопственик е носител на јавна функција или да обезбеди негова изјава;
б) да обезбеди одобрение од високото раководство за воспоставување деловен однос со клиент – носител на јавна функција и/или вистинскиот сопственик, како и да обезбеди согласност за продолжување на деловниот однос со постоечки клиент – носител на јавна функција и/или вистинскиот сопственик кој станал носител на јавна функција;
в) да преземе соодветни мерки за да го утврди изворот на средствата и изворот на имот на клиент – носител на јавна функција и/или вистинскиот сопственик којшто е носител на јавна функција и
г) да врши засилено следење на деловниот однос.

(2) Субјектот е должен да преземе мерки со кои ќе утврди дали корисникот и/или вистинскиот сопственик на корисникот на животно осигурување и други осигурувања поврзани со вложување е носител на јавна функција.

(3) Во случаите од ставот (2) на овој член, субјектот е должен да го извести високото раководство пред исплатата на премијата од полисата на осигурување и детално да го разгледа и утврди целокупниот деловен однос со клиентот.

(4) Комисијата за спречување на корупција треба да изготви и води ажурирана листа на овие лица државјани на Република Македонија.

Клиенти од високоризични држави

Член 37

(1) Освен во случаите од членот 33 од овој закон, кога клиентот е од високоризична држава, субјектот е должен при воспоставување на деловен однос или извршување на трансакција да ги преземе особено следниве мерки:
– обезбедување на дополнителни податоци за клиентот и/или вистинскиот сопственик, неговата дејност, природата на деловниот однос, целта на најавената или извршената трансакција, изворот на средствата и изворот на имот на клиентот,
– зачестено ажурирање на документите и податоците за клиентот и вистинскиот сопственик,
– обезбедување одобрение од високото раководство за воспоставување на нов деловен однос или продолжување на постоечкиот деловен однос или
– засилено следење на деловниот однос и активностите кои се преземаат во рамки на истиот.

(2) Управата редовно ја објавува листата на високоризични држави на својата официјална веб страница.

Сложени и невообичаени трансакции

Член 38

(1) Субјектот е должен да посвети посебно внимание на сите сложени и невообичаено големи трансакции, како и на секоја трансакција која се извршува на невообичаен начин која нема очигледна економска оправданост или правна цел или отстапува од вообичаеното или очекуваното деловно работење на клиентот и во случаите кога во однос на истите сè уште немаат утврдено причини за сомневање за перење пари или финансирање на тероризам.

(2) Субјектите се должни да посветат посебно внимание на деловните односи и трансакциите со непрофитни организации.

(3) Во врска со трансакциите од ставовите (1) и (2) на овој член, субјектот во рамки на засилената анализа на клиентот е должен да ги преземе особено следниве мерки:
1. прибира и провери дополнителни податоци за:
а) деловната активност на клиентот и
б) природата на деловниот однос со клиентот;
2. прибира и провери податоци за целта на најавената или извршената трансакција;
3. ажурира податоци од идентификацијата на клиентот и вистинскиот сопственик и
4. прибира и провери податоци за изворот на средства за трансакцијата.

(4) Во врска со трансакциите од ставовите (1) и (2) на овој член субјектот е должен резултатите од анализата од ставот (3) на овој член, да ги чува во писмена форма и да ги направи достапни на барање на органите на надзор од членот 146 од овој закон.

(5) Доколку по спроведената анализа од ставот (3) на овој член, субјектот утврди дека постојат основи за сомневање на перење пари или финансирање на тероризам, е должен да достави извештај до Управата согласно со членот 54 од овој закон.

Одбивање на деловен однос и трансакција

Член 39

(1) Кога не може да ги спроведе мерките за анализа на клиентот од членот 14 на овој закон, субјектот е должен да одбие да воспостави деловен однос или да не изврши трансакција или да го прекине деловниот однос со клиентот.

(2) Во случај кога вистинскиот сопственик на правниот субјект од членот 27 од овој закон не е внесен или ажуриран во регистарот на вистински сопственици, субјектот е должен да го одложи воспоставувањето на деловен однос или да го одложи извршувањето на трансакцијата сè додека податоците не бидат внесени во регистарот.

(3) Во случаите од ставот (2) на овој член, субјектот е должен веднаш да ја извести Управата.

(4) Во случаите од ставот (1) на овој член, субјектот е должен да ја утврди потребата од доставување извештај до Управата согласно со членот 54 од овој закон.

Исклучок од спроведувањето на мерките за анализа на клиентот

Член 40

Во случај кога субјектот има сомневање за перење пари или финансирање на тероризам и има основано уверување дека спроведувањето на мерките за анализа на клиентот ќе доведе до информирање на клиентот за преземање на истите, субјектот може да не го спроведе целиот процес на анализа на клиентот, туку веднаш да достави извештај до Управата согласно со членот 54 од овој закон.

Примена на мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам од страна на подружници и филијали на субјектот

Член 41

(1) Субјектот кој има свои подружници или филијали во друга држава треба да обезбеди примена на мерките за спречување на перење пари и финансирање на тероризам во подружниците или филијалите.

(2) Во случај кога прописите на државата во која подружницата или филијалата од ставот (1) на овој член има седиште, не дозволуваат примена на мерките од ставот (1) на овој член, субјектот треба веднаш да го информира соодветниот орган на надзор од членот 146 од овој закон.

Доверување на обврските за анализа на клиентот на трети лица

Член 42

(1) Во случаите кога субјектите ги спроведуваат мерките од членот 14 од овој закон, можат под услови определени со овој закон да го доверат вршењето на мерките и дејствијата од членот 14 став (1) точки а), б), в) и г) од овој закон на трети лица.

(2) Во случаите од ставот (1) на овој член субјектите треба од третите лица:
а) веднаш да ги обезбедат потребните информации согласно со членот 14 став (1) точки а), б), в) и г) од овој закон;
б) на нивно барање без одлагање да ја добијат потребната документација за извршената анализа на клиентот и
в) да утврдат дека третото лице е лиценцирано за дејноста која ја извршува и предмет на контрола од надлежен орган и ги исполнува мерките за анализа на клиентот и чување на податоците согласно со овој закон.

(3) Субјектите можат вршењето на мерките и дејствијата од членот 14 став (1) точки а), б), в) и г) од овој закон да го доверат на трети лица дел од иста финансиска група, доколку финансиската група ги применува барањата за анализа на клиентите, чување на податоци и интерни програми за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, засилена анализа на носителите на јавни функции согласно со меѓународните стандарди.

(4) Субјектот е должен претходно да провери дали третото лице од ставовите (1) и (3) на овој член ги исполнува условите од членот 14 од овој закон. Во случај кога третото лице е од друга држава субјектот треба да го има предвид степенот на ризик од перење пари и финансирање на тероризам во државата. Не е дозволено доверување на вршењето на мерките и дејствијата од членот 14 став (1) точки а), б), в) и г) од овој закон на трето лице кое е од држава која не ги применува стандардите за спречување на перење пари и финансирање на тероризам или на банка школка.

(5) Одговорноста за спроведување на мерките за анализа на клиентот во случаите од ставот (1) на овој член останува на субјектот кој го доверил вршењето на мерките и дејствијата од членот 14 став (1) точки а), б), в) и г) од овој закон на трети лица.

(6) Трето лице може да биде банка, нотар, друштво за управување со инвестициски фондови и инвестициски фонд, друштво за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови и друштво за осигурување кое врши работи на осигурување на живот.

(7) Субјектот може во рамките на својата групација, да го довери вршењето на мерките и дејствијата од членот 14 став (1) точки а), б), в) и г) од овој закон на трето лице кое е дел од групацијата под услов:
1. групацијата да ги применува мерките и дејствијата од член 14 став (1) точки а), б), в) и г) од овој закон и ги следи обврските поврзани со чувањето на податоци и има воведено и спроведува програма за спречување на перење пари и финансирање на тероризам која содржи елементи согласно со одредбите на овој закон и
2. спроведувањето на обврските на ниво на групација подлежи на надзор од страна на надлежните органи за надзор од членот 146 од овој закон или од надлежните органи за надзор на третата држава.

(8) Како трети лица не се сметаат даватели на услуги на субјектите или агенти со кои субјектите имаат склучено договор за услуги, како и субјектите основани во високоризични држави.

Обезбедување и проследување информации кај пренос на парични средства

Член 43

(1) Финансиските институции се должни при уплата на износ од 1.000 евра или друга валута во противвредност на 1.000 евра или повеќе според средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на уплата, заради пренос на парични средства преку меѓународниот платен промет, да обезбедат податоци за:
а) плаќачот – од кои може да се утврди и верификува неговиот идентитет и тоа:
– името и презимето, односно називот на плаќачот,
– бројот на сметката, при што доколку недостасува или не може да се утврди, тогаш е потребно да се утврди единствената идентификациска ознака на трансакцијата, кој овозможува нејзино следење и
– адреса или број на националниот документ за идентификација или идентификационен број на клиентот или датум и место на раѓање. 
б) примачот – од кои може да се утврди неговиот идентитет и тоа:
– името и презимето, односно називот на примачот и
– бројот на сметката, при што доколку недостасува или не може да се утврди, тогаш е потребно да се утврди единствена идентификациска ознака на трансакцијата, која овозможува нејзино следење.

(2) Финансиските институции се должни при уплата на износ од 1.000 евра или друга валута во противвредност на 1.000 евра според средниот курс на Народната банка на Република Македонија или повеќе на денот на уплата, заради пренос на парични средства преку домашниот платен промет, да ги обезбедат податоците за плаќачот од кои може да се утврди и верификува неговиот идентитет. Доколку поради технички причини, обезбедените податоци не можат да ги проследат, се проследува само податокот за бројот на сметката или единствената идентификациска ознака на трансакцијата.

(3) Финансиските институции од ставот (2) на овој член, по барање на финансиската институција која треба да ја изврши исплатата, или на надлежните органи, се должни податоците од ставот (1) на овој член да ги стават на располагање најдоцна во рок од три работни дена од доставувањето на барањето.

(4) Финансиските институции кои се јавуваат како посредници во преносот на парични средства за износи од 1.000 евра или друга валута во противвредност на 1.000 евра или повеќе според средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на трансферот, во меѓународниот платен промет, се должни да ги проследат податоците за плаќачот од ставот (1) на овој член до финансиската институција којашто ќе ја врши исплатата на средствата.

(5) Кога се вршат исплати при пренос на парични средства во меѓународниот платен промет во износ од 1.000 евра или друга валута во противвредност на 1.000 евра или повеќе според средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на исплата, финансиските институции се должни да обезбедат податоци од финансиската институција на плаќачот за идентитетот на плаќачот и во рамките на своите интерни акти да утврдат дали недостасуваат дел од податоците од ставовите (1), (2) и (4) на овој член и начинот на постапување со таквите трансфери. Субјектите треба да ги побараат податоците кои недостигаат или да го одбијат извршувањето на трансферот.

(6) Финансиските институции можат да го ограничат или прекинат деловниот однос со финансиските институции кои не ги обезбедуваат, односно проследуваат податоците предвидени со ставовите (1), (2), (4) и (5) на овој член.

(7) Одредбите од овој член не се однесува на следниве видови трансфери: 
– користење картички за повлекување средства од сметка во банка, банкомати или преку пост терминали и за плаќање во трговијата на мало, 
– трансфери и порамнувања кај кои и плаќач и примачот се банки коишто трансферот го вршат во свое име и за своја сметка и
– плаќања на данок, парични казни и други јавни давачки.

Менувачки работи

Член 44

Субјектите кои имаат дозвола за менувачко работење, покрај мерките пропишани со членот 14 од овој закон, се должни да го утврдат идентитетот на клиентот согласно со членот 16 од овој закон пред секоја трансакција која вклучува сума поголема од 500 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија.

Член 45

(1) Субјектите од членот 44 од овој закон се должни податоците за клиентот да ги забележуваат по хронолошки редослед во нумериран регистар потпишан од овластеното лице или друго лице со овластување да го потпишува регистарот дадено од раководно лице согласно со актите на субјектите.

(2) Министерот за финансии на предлог на директорот на Управата ги пропишува формата и содржината на нумерираниот регистар од ставот (2) на овој член. 

Приредувачи на игри на среќа

Член 46

(1) Приредувачите на игри на среќа во играчница (казино), покрај мерките пропишани со членот 14 од овој закон, се должни да го утврдат идентитетот на клиентот согласно со членот 16 од овој закон веднаш по влегувањето во казиното и при купување или при исплаќање на чипови во износ над 1.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на купување, односно исплаќање, без оглед дали трансакцијата се извршува како поединечна или преку неколку трансакции кои се очигледно поврзани.

(2) Приредувачите на игри на среќа, со исклучок на приредувачите на игри на среќа во играчница (казино), покрај мерките пропишани со членот 14 од овој закон се должни да го утврдат идентитетот на клиентот согласно со членот 16 од овој закон пред исплата на добивка, уплата на влог или и во двата случаи кога трансакцијата е во вредност од 1.000 евра или повеќе во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија, без оглед дали трансакцијата се извршува како поединечна или преку неколку трансакции кои се очигледно поврзани.

Брокерски куќи и банки со дозвола за работа со хартии од вредност

Член 47

(1) Брокерските куќи и банките со дозвола за работа со хартии од вредност се должни да водат нумериран регистар за тргувањето на хартии од вредност чиј вкупен износ е поголем од 15.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија, потпишан од овластеното лице или друго лице со овластување да го потпишува регистарот дадено од раководно лице согласно со актите на брокерските куќи и банките со дозвола за работа со хартии од вредност.

(2) Министерот за финансии на предлог на директорот на Управата ги пропишува формата и содржината на нумерираниот регистар од ставот (1) на овој член.

Забрани

Член 48

(1) Се забранува плаќање со готовина на стоки и услуги во износ од 2.000 евра или повеќе во денарска противвредност во вид на една или повеќе очигледно поврзани трансакции, што не е извршено преку банка, штедилница или преку сметка во друга институција која дава платежни услуги.

(2) Субјектите што со закон се овластени за регистрација на хартии од вредност, друг имот или правни работи, или за пријавување или вршење на пренос на пари, хартии од вредност или друг имот, можат да извршат таква регистрација или пренос само ако клиентот поднесе доказ дека преносот на парите над износот од ставот (1) на овој член е извршен преку банка, штедилница или преку сметка во друга институција која дава платежни услуги.

(3) Забраната од ставот (1) на овој член не се однесува на приредувачите на игри на среќа.

Член 49

(1) Се забранува финансиските институции да воспоставуваат или да го продолжат деловниот однос со Shell bank (банките школки) и да започнат или продолжат кореспондентски деловен однос со банка за која знаат дека дозволува отворање и работење со сметки на Shell bank (банките школки).

(2) Се забранува банки школки на кој било начин да вршат финансиски активности во Република Македонија.

Член 50

Се забранува финансиските институции да отвораат и чуваат анонимни сметки и сметки на фиктивни имиња.

Чување на податоци

Член 51

(1) Субјектите се должни копиите од документите со кои го утврдуваат и верификуваат идентитетот на клиентот, ополномоштувачот и вистинскиот сопственик, за спроведените процедури за анализа на клиентот или вистинскиот сопственик и за реализираните трансакции или трансакциите во обид, клиентското досие и деловната кореспонденција, да ги чуваат десет години во електронска или хартиена форма по извршената трансакција, сметано од последната трансакција.

(2) Субјектите се должни да чуваат копии во електронска или хартиена форма од извршената анализа согласно со членот 38 од овој закон десет години.

(3) Субјектите се должни податоците, да ги чуваат, на начинот на кој ги доставиле до Управата, десет години од денот на доставувањето.  По истекот на овој рок, субјектите се должни да ги избришат личните податоци на клиентот.

(4) Финансиските институции се должни да ги чуваат податоците за плаќачот и примачот на безготовинскиот пренос на парични средства од членот 43 од овој закон, десет години од извршениот трансфер.

(5) Регистарот од членовите 44 и 47 од овој закон задолжително се чува десет години од последниот заведен податок.

(6) Субјектите се должни да чуваат копии од документацијата од членот 58 од овој закон десет години.

(7) Во случај на престанок на постоењето на субјектот, обврската за чување на податоците во рокот определен во ставот (1) на овој член се пренесува врз правните наследници на субјектот.

(8) Ако нема правни наследници на правното лице, обврската за чување на податоците од ставот (1) на овој член се пренесува врз неговите основачи.

(9) Субјектите се должни документите од ставот (1) на овој член да ги стават на располагање по барање на органите на надзор од членот 146 од овој закон.

(10) По барање на Управата субјектите се должни да ги чуваат податоците од ставот (1) на овој член подолго од десет години.

Доставување на податоци до Управата

Член 52

(1) Субјектите се должни собраните податоци, информации и документи, да ги достават до Управата во случај на готовинска трансакција во износ од 15.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија или повеќе без оглед дали станува збор за една трансакција или повеќе очигледно поврзани трансакции.

(2) Субјектите собраните податоци, информации и документи за извршените трансакции од ставот (1) на овој член се должни да ги достават до Управата најдоцна во рок од три работни дена од извршената трансакција во форма на извештај.

(3) Министерот за финансии на предлог на директорот на Управата ги пропишува формата и содржината на извештајот од ставот (2) на овој член.

Член 53

(1) Нотарите собраните податоци за составени нотарски акти, потврдени приватни исправи и заверени потписи на договори со кои се стекнува имот во вредност од 15.000 евра или повеќе, во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот кога се составени нотарските акти, потврдени приватните исправи и заверени потписи, наведени во договорот, ги доставуваат до Управата на крајот на денот во електронска форма.

(2) Банките собраните податоци за исплатени кредити кон своите клиенти во вредност од 15.000 евра или повеќе, во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот кога кредитот е исплатен, ги доставуваат до Управата до десеттиот ден во тековниот месец за претходниот месец во електронска форма.

(3) Банките собраните податоци за дадени и/или примени позајмици помеѓу клиентите во вредност од 5.000 евра или повеќе, во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија, ги доставуваат до Управата до десеттиот ден во тековниот месец за претходниот месец во електронска форма.

(4) Давателите на услуги на парични дознаки (брз трансфер на пари) податоците за трансакции во износ од 1.000 евра или повеќе во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на извршување на трансакцијата, ги доставуваат до Управата на крајот на денот во електронска форма за трансакциите извршени претходниот работен ден.

(5) Осигурителните друштва кои вршат работи на осигурување на живот собраните податоци за склучени полиси за осигурување живот со вредност на осигурување во износ од 15.000 евра или повеќе, во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот кога е склучена полисата за осигурување, ги доставуваат до Управата на крајот на денот во електронска форма.

(6) Правните лица чија дејност е купопродажба на возила собраните податоци за склучените договори за купопродажба на нови возила во вредност од 15.000 евра или повеќе, во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот кога е склучен договорот, ги доставуваат до Управата на крајот на денот во електронска форма.

(7) Приредувачите на игри на среќа во играчница (казино), собраните податоци за купување или исплаќање на чипови во износ над 1.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на купување, односно исплаќање, без оглед дали трансакцијата се извршува како поединечна или преку неколку трансакции кои се очигледно поврзани, ги доставуваат до Управата на крајот на денот во електронска форма.

(8) Другите приредувачи на игри на среќа, освен приредувачите на игри на среќа во играчница (казино), собраните податоци за исплата на добивка, уплата на влог или и во двата случаи кога трансакцијата е во вредност од 1.000 евра во денарска противвредност или повеќе според средниот курс на Народната банка на Република Македонија, без оглед дали трансакцијата се извршува како поединечна или преку неколку трансакции кои се очигледно поврзани, ги доставуваат до Управата на крајот на денот во електронска форма.

(9) Министерот за финансии на предлог на директорот на Управата, ја пропишува содржината и видот на податоците од ставовите (1), (2), (3), (4), (5), (6), (7) и (8) на овој член и начинот на електронско доставување до Управата.

Член 54

(1) Субјектите се должни собраните податоци, информации и документи, да ги достават до Управата кога се сомневаат или имаат основи за сомневање дека:
– било или е извршено перење пари и/или финансирање на тероризам или е направен обид или се прави обид за перење пари и/или за финансирање на тероризам, без оглед на износот на трансакцијата,
– имотот е принос од казниво дело и
– имотот е поврзан со финансирање на терористички акт, терористичка организација или терорист или лице кое финансира тероризам.

(2) Субјектот за сомневањата од ставот (1) на овој член, е должен веднаш да ја извести Управата и да ја задржи трансакцијата:
– најдолго до 2 часа од известувањето на Управата, кога основите на сомневање ги сознал пред извршување на трансакцијата и
– најдолго до 4 часа од известувањето на Управата, кога основите на сомневање ги сознал во текот на извршување на трансакцијата.

(3) Субјектот за сомневањата од ставот (1) на овој член е должен да достави точни податоци, информации и документи до Управата во форма на извештај најдоцна во рок од 24 часа од кога ги сознал основите на сомневање.

(4) Доколку доставените податоци од ставовите (2) и (3) на овој член се недоволни, Управата може да побара дополнителни информации, податоци и документација од субјектот.

(5) Доколку Управата не го извести субјектот за натамошните активности во роковите определени од ставот (2) на овој член, субјектот може да ја изврши или одбие трансакцијата.

(6) Субјектите се должни во писмена форма да го известат надлежниот орган за надзор од членот 146 од овој закон дека доставиле извештај од ставот (3) на овој член до Управата, во рок од три работни дена од доставувањето на извештајот.

(7) Министерот за финансии на предлог на директорот на Управата ги пропишува формата и содржината на извештајот од ставот (3) на овој член.

(8) Управата е должна да го извести субјектот за приемот и за извршените проверки на извештајот од ставот (3) на овој член.

Член 55

Основите на сомневање од членот 54 став (1) од овој закон, субјектот ги утврдува врз основа на:
– непосредни сознанија,
– листата на индикатори за препознавање на сомнителни трансакции утврдени од Управата, субјектите и надзорните органи,
– консолидираната листа која се води согласно со прописите за рестриктивни мерки,
– проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам и
– други релевантни информации.

Член 56

(1) Субјектите се должни извештаите до Управата да ги достават по заштитен електронски пат. Доколку ваквиот начин на доставување е оневозможен од технички причини, субјектите извештаите ги доставуваат во писмена форма.

(2) Известувањата дадени на Управата по телефон треба да бидат потврдени согласно со ставот (1) на овој член најдоцна во рок од 24 часа.

(3) Управата не смее да го открие идентитетот на вработениот во субјектот кој го доставува извештајот, освен во случаите кога постои сомневање дека вработениот или субјектот извршил казниво дело перење пари и/или финансирање на тероризам, на писмено барање на надлежниот суд кога е неопходно да се утврдат факти во текот на кривична постапка.

Именување на овластено лице и формирање на оддел за спречување на перење пари и финансирање на тероризам

Член 57

(1) Субјектите се должни да именуваат овластено лице и негов заменик.

(2) Доколку во субјектот се вработени повеќе од 50 лица, покрај обврската од ставот (1) на овој член, субјектот во рамките на своето работење е должен да формира посебен оддел за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.

(3) Во одделот од ставот (2) на овој член треба да бидат вработени најмалку четири лица доколку во субјектот се вработени од 50 до 300 лица, а бројот на вработени во одделот треба да се зголемува за по едно лице на секои наредни 100 вработени.

(4) Субјектот може, врз основа на резултатите од проценката на ризикот, во одделот од ставот (2) на овој член да вработи и повеќе лица од бројот на предвидени лица согласно со ставот (3) на овој член.

(5) Со работењето на одделот од ставот (2) на овој член раководи овластеното лице.

(6) Oвластеното лице, неговиот заменик, како и вработените во одделот треба да ги исполнуваат следниве услови:
а) не се осудени за кривични дела против имотот, кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството, кривични дела против службената должност, кривични дела против јавниот ред и кривични дела против човечноста и меѓународното право и други;
б) имаат високо образование, соодветно стручно знаење и искуство за извршување на задачите од областа на спречување на перење пари и финансирање на тероризам и
в) има добро познавање на деловната активност и работните процеси на субјектот.

(7) Овластеното лице, неговиот заменик, како и сите лица вработени во одделот од ставот (3) на овој член, подлежат на безбедносни проверки согласно со прописите за безбедност на класифицирани информации и се должни да поседуваат безбедносен сертификат со степен „доверливо“. Овластено лице, заменик и вработен во одделот од ставот (3) на овој член не може да биде лице на кое согласно со прописите за безбедност на класифицирани информации не може да му се издаде безбедносен сертификат со степен „доверливо“.

(8) Заради ефикасно работење на овластеното лице, неговиот заменик и на вработените во одделот, субјектот е должен да обезбеди исполнување најмалку на следниве услови:
– издвоеност на активностите на овластеното лице, односно на одделот, од другите деловни активности на субјектот, коишто не се поврзани со активностите на спречувањето на перење пари и финансирање на тероризмот и контрола на усогласеноста на работењето со прописите,
– независност на овластеното лице и на одделот при спроведувањето на мерките и дејствијата за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам согласно со овој закон,
– право на директен пристап до електронските бази на податоци и навремен пристап до сите информации потребни за непречено спроведување на програмата и одредбите на овој закон и
– воспоставување директна комуникација со органите на управување на субјектот и друго.

(9) Банките и давателите на услуги на парични дознаки (брз трансфер на пари) се должни да именуваат овластено дежурно лице и негов заменик кое во случај на итни ситуации (терористички акт, закани од терористички акт) веднаш, а најдоцна во рок од три часа ќе биде достапно на Управата. Овластеното дежурно лице и неговиот заменик треба да го исполнуваат условот од ставот (7) на овој член.

(10) Банките и давателите на услуги на парични дознаки (брз трансфер на пари) се должни за извршување на обврските на овластеното дежурно лице и неговиот заменик од ставот (9) на овој член да му ги обезбедат потребните услови за работа.

(11) Субјектот е должен да донесе мерки со кои ќе обезбеди дека вработените кои вршат задачи од областа на спречување и откривање на перење пари и финансирање на тероризам согласно со овој закон, се запознати со одредбите на овој закон, вклучувајќи и соодветни мерки во врска со заштита на податоците. Мерките мора да бидат пропорционални на видот и големината на субјектот и проценетиот ризик од перење пари и финансирање на тероризам.

(12) Субјектот е должен да обезбеди редовна стручна обука од областа на спречување и откривање на перење пари и финансирање на тероризам согласно со овој закон за сите вработени.

(13) Субјектите се должни до Управата да достават податоци за лицата (име, презиме и контакт) од ставовите (1) и (9) на овој член, како и да ја известат Управата за секоја промена.

Обврска за внатрешна контрола

Член 58

Субјектите се должни да вршат внатрешна контрола над спроведувањето на мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам најмалку еднаш годишно и да изготват документација за констатираните наоди од спроведената контрола.

Имплементирање на софтвер за автоматска обработка на податоците

Член 59

(1) Банките се должни да имплементираат и редовно надоградуваат софтвер за автоматска обработка на податоците согласно за карактеристиките на софтверот за автоматска обработка на податоците. 

(2) Министерот за финансии на предлог на директорот на Управата поблиску ги пропишува карактеристиките на софтверот за автоматска обработка на податоците.

Користење на податоците обезбедени со овој закон од страна на субјектите

Член 60

(1) Податоците обезбедени врз основа на овој закон, вклучително и личните податоци се користат единствено за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам.

(2) Не се смета за оддавање на деловна тајна или за откривање на класифицирани податоци и информации доставувањето на податоците од ставот (1) на овој член до Управата и до соодветниот орган на надзор од членот 146 од овој закон при вршење на надзор согласно со овој закон.

(3) Вработените во субјектите и лицата коишто управуваат со субјектите кои имаат обврска да преземаат мерки и дејствија за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам, согласно со овој закон, не смеат да ги користат личните податоци од досиејата на клиентите за други цели, освен за спроведување на мерките и дејствијата за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам согласно со целите предвидени со овој закон.

Забрана за откривање на податоци и информации

Член 61

(1) Субјектот и неговите вработени, вклучувајќи ги и членовите на управниот и надзорниот одбор или други лица на кои на кој било начин им се достапни податоците обезбедени согласно со овој закон или подзаконските акти донесени согласно со овој закон, не смеат да го известат клиентот или трето лице:
1. дека е во тек или е можна анализа за утврдување на основи на сомневање за перење пари или финансирање на тероризам од страна на Управата;
2. дека до Управата е доставен или ќе се достави податок, информација или документација за клиентот или трето лице или трансакција;
3. дека Управата издала налог за следење на деловен однос или писмен налог за привремено задржување на трансакција;
4. дека против клиентот или трето лице се започнати или е можно започнување на предистражни дејствија, истрага или кривична постапка за перење пари или финансирање на тероризам.

(2) Податоците, информациите и документацијата од ставот (1) на овој член се класифицирани податоци за кои е утврден соодветен степен на класификација во согласност со прописите за заштита на класифицирани информации.

(3) Субјектот е должен да преземе технички, кадровски и организациски мерки за заштита на податоците обезбедени согласно со одредбите на овој закон кои се потребни со цел нивна заштита од случајно губење, уништување или недозволен пристап, неовластена примена и секаква друга злоупотреба и да утврдат обврска на вработените кои ги обработуваат податоците да потпишат изјава за доверливост.

(4) Забраната за откривање на податоци и информации од ставот (1) на овој член не се применува, освен доколку Управата не одлучи поинаку, кога:
а) се разменуваат податоци и информации помеѓу финансиски институции кои се дел од иста група под услов да ги спроведуваат прописите кои произлегуваат од важечките меѓународни прописи и стандарди за спречување на перење пари и финансирање на тероризам;
б) се разменуваат податоци и информации помеѓу субјектите од членот 5 точка 2 од овој закон од држави во кои се пропишани исти одредби за откривање и спречување на перење пари како одредбите од овој закон, а кои својата професионална дејност ја извршуваат како дел од исто правно лице или како дел од поголема сопственичка или управувачка структура кон која припаѓа правното лице.

(5) Забраната за откривање на податоци и информации од ставот (1) на овој член не се применува за податоци и информации кои се однесуваат на ист клиент или иста трансакција каде учествуваат два или повеќе субјекти под услов да ги спроведуваат мерките за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, извршуваат ист вид на дејност и подлежат на обврските за заштита на деловна тајна и заштита на лични податоци.

Изземање од одговорност за известување и задржување

Член 62

(1) Нема да се покрене постапка за утврдување на одговорност за оддавање на деловна тајна против лицата или работоводниот орган и вработените во субјектите кои доставиле информации или извештаи во врска со сомнителни трансакции до Управата.

(2) Не може да се покрене постапка за граѓанска или кривична одговорност против службените или одговорните лица, работоводниот орган или вработените во субјектите кои доставиле податоци, информации, документи или извештаи согласно со одредбите од овој закон, дури и во случај кога постапката по дадените информации и извештаи не довела до утврдување на одговорност, односно правосилна пресуда.

(3) Не може да се покрене постапка за граѓанска или кривична одговорност против службените или одговорните лица, работоводниот орган и вработените во субјектите, заради настаната материјална или нематеријална штета како последица од задржување на трансакции согласно со одредбите од овој закон, освен ако со таквото задржување се исполнети обележјата на некое кривично дело.

Деловна тајна

Член 63

Повикувањето на оддавање на деловна тајна не може да се прифати како основа за одбивање да се достават податоци, информации, документи според овој закон.

ГЛАВА IV.

УПРАВА ЗА ФИНАНСИСКО РАЗУЗНАВАЊЕ

Член 64

(1) Управата е единица за финансиско разузнавање на Република Македонија, основана за целите на прибирање и анализа на извештаи за сомнителни трансакции и други информации од значење за спречување и откривање перење пари и финансирање на тероризам и доставување на резултатите од анализата и други дополнителни релевантни информации до надлежните органи кога постојат основи за сомневање за перење пари и финансирање на тероризам.

(2) Управата е орган на државната управа во состав на Министерството за финансии, со својство на правно лице.

(3) Управата ги има следниве надлежности:
– прибира, обработува, анализира, чува и доставува податоци добиени врз основа на овој закон,
– прибавува податоци, информации и документи, неопходни за извршување на своите надлежности,
– изготвува и доставува извештаи до надлежните државни органи, секогаш кога постојат основи на сомневање за сторено кривично дело перење пари или финансирање на тероризам,
– изготвува и доставува известување до надлежните државни органи за постоење на основи на сомневање за сторено друго кривично дело,
– издава писмен налог на субјектот со кој привремено ја задржува трансакцијата,
– поднесува барање за поднесување на предлог за определување на привремени мерки до надлежниот јавен обвинител,
– поднесува налог за следење на деловниот однос до субјектот,
– издава прекршочен платен налог,
– поднесува барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежниот суд,
– изготвува стратешки анализи за утврдување на трендовите и типологиите на перење пари и финансирање на тероризам,
– соработува со субјектите од членот 5 од овој закон, со Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за правда, Министерството за надворешни работи, Јавното обвинителство на Република Македонија, Агенцијата за разузнавање, Управата за финансиска полиција, Царинската управа, Управата за јавни приходи, Државниот девизен инспекторат, Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија, Народната банка на Република Македонија, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Агенцијата за супервизија на осигурување, Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија, Централниот Регистар на Република Македонија и други државни органи и институции, како и со други организации, институции и меѓународни тела за борба против перењето пари и против финансирањето на тероризмот, 
– склучува договори за соработка и разменува податоци и информации со единици за финансиско разузнавање на други држави и меѓународни организации, вклучени во борба против перење пари и финансирање на тероризам,
– самостојно или во соработка со органите за надзор од овој закон врши надзор над субјектите за примената на мерките и дејствијата определени со овој закон,
– учествува во спроведување на национална проценка на ризик од перење пари и финансирање на тероризам и спроведува проценка на ризик над одредени категории на субјекти,
– поведува иницијативи или дава мислења на закони и подзаконски акти што се однесуваат на спречување на перење пари и финансирање на тероризам,
– може да помага во професионалното усовршување на овластените лица и вработените во одделот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам во субјектите од членот 5 од овој закон,
– утврдува листи на индикатори за препознавање на сомнителни трансакции во соработка со субјектите и органите кои вршат надзор врз нивното работење и редовно ги ажурира,
– планира и спроведува обуки за усовршување и оспособување на вработените во Управата,
– спроведува активности насочени кон подигање на свеста на невладиниот сектор за ризиците од нивна можна злоупотреба за целите на финансирање на тероризам,
– дава појаснување во примената на прописите за спречување на перење пари и финансирање на тероризам,
– води евиденции, како и сеопфатна статистика за целите на оценка на ефикасноста на системот за борба против перење пари и финансирање на тероризам,
– постапува согласно со одредбите од Законот за рестриктивни мерки и подзаконските акти донесени на негова основа и
– врши други работи определени со закон.

(4) Заради извршување на своите надлежности, Управата има навремен директен или индиректен електронски пристап до податоци, информации и документација со кои располагаат субјектите, државните органи и институции и други правни или физички лица согласно со одредбите на овој закон.

(5) Управата работите од своја надлежност ги врши согласно со закон и ратификуваните меѓународни договори со кои се уредува спречувањето перење пари и финансирање на тероризам.

(6) Личните податоци прибрани за целите на овој закон се користат согласно со овој закон и прописите за заштита на личните податоци.

(7) Управата еднаш годишно изготвува извештај за работите од својата надлежност и програма за работа за следната година и ги доставува до министерот за финансии и до Владата на Република Македонија. Управата може да достави и друг извештај по барање на министерот за финансии или на Владата на Република Македонија.

Член 65

(1) Управата своите надлежности ги спроведува на целата територијата на Република Македонија. 

(2) Седиштето на Управата е во Скопје.

Самостојност, оперативна независност и финансирање на Управата

Член 66

(1) Управата е самостојна и оперативно независна при извршувањето на надлежностите пропишани со овој закон и има овластување целосно слободно да ги извршува своите надлежности, вклучувајќи и одлучување во однос на анализирање, барање, проследување и доставување на резултатите од своите анализи и информации, податоци и документација до надлежните органи и единици за финансиско разузнавање на друга држава.

(2) Потребните финансиски средства за финансирање на Управата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

Член 67

(1) Управата и нејзините вработени не се одговорни за штетата предизвикана на субјектите, клиентите на субјектите или трети лица во случаите кога постапуваат во согласност со одредбите од овој закон или подзаконските акти донесени на негова основа.

(2) Република Македонија не одговара за штетите кои можат да бидат предизвикани со примена на одредбите од овој закон или подзаконските акти донесени на негова основа.

(3) По исклучок, одредбите од ставовите (1) и (2) на овој член не се применуваат ако штетата е предизвикана намерно.

Член 68

(1) Директорот на Управата го именува и разрешува Владата на Република Македонија на предлог на министерот за финансии по спроведен јавен оглас, објавен во три дневни весници на целата територија на Република Македонија од кои еден од весниците што се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

(2) Директорот на Управата има мандат од пет години, со можност за реизбор.

(3) За директор може да биде именувано лице кое ги исполнува следните услови:
1) да е државјанин единствено на Република Македонија;
2) да има стекнати 240 кредити според ЕКТС или VII/1 степен на образование;
3) да има најмалку пет години работно искуство од областа на спречување на перење пари и финансирање на тероризам;
4) не е осудено за кривични дела против имотот, кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството, кривични дела против службената должност, кривични дела против јавниот ред и кривични дела против човечноста и меѓународното право и други кривични дела и
5) да има соодветен доказ (сертификат) не постар од пет години, за положен англиски јазик:
– ТОЕФЕЛ ИБТ – најмалку 74 бода,
– ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 6 бода,
– ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English First) – најмалку Б2 (B2) ниво,
– БУЛАТС (BULATS) – најмалку 60 бода или
– АПТИС (APTIS) – најмалку ниво Б2 (B2).

(4) Мандатот на директорот престанува:
– по истек на пет години од денот кога е именуван,
– во случај на смрт,
– во случај на негова оставка,
– во случај на разрешување,
– во случај кога со правосилна пресуда е осуден за кривично дело на казна затвор во траење од најмалку шест месеци,
– кога од страна на судот му е изречена мерка забрана за вршење на дејност на раководно лице во институцијата и
– ако ја изгубил деловната способност.

(5) Директорот може да биде разрешен, поради:
– незаконито работење,
– нестручно вршење на должноста на директор,
– во случај на долготрајна тешка болест која го спречува во извршувањето на своите обврски и
– по негово барање.

(6) Директорот раководи и ја претставува Управата, организира и обезбедува законито, ефикасно и стручно вршење на работите на Управата, донесува решенија, налози и интерни наредби, упатства, планови и програми, опомени со препораки и други акти.

(7) Директорот може да овласти финансиски разузнавач од категорија А од член 71 став (1) од овој закон, во случај на негово отсуство или спреченост, да потпишува акти од ставот (6) на овој член.

Член 69

Директорот на Управата и нејзините вработени подлежат на безбедносни проверки согласно со прописите за безбедност на класифицирани информации.

Член 70

Во Управата работните места на вработените се групираат во групи и подгрупи:
– овластени службени лица,
– административни службеници и
– помошно-технички лица.

Класификација на работни места на овластени службени лица во Управата

Член 71

(1) За овластените службени лица во Управата се утврдуваат следните категории на работни места:
– категорија А – раководни лица – финансиски разузнавачи и
– категорија Б – финансиски разузнавачи.

(2) Во рамките на категоријата А се утврдуваат следниве нивоа на работни места:
– ниво А1 – раководител на сектор – финансиски разузнавач,
– ниво А2 – помошник раководител на сектор – финансиски разузнавач и
– ниво А3 – раководител на одделение – финансиски разузнавач.

(3) Во рамките на категоријата Б се утврдуваат следниве нивоа на работни места:
– ниво Б1 – самостоен финансиски разузнавач,
– ниво Б2 – виш финансиски разузнавач,
– ниво Б3 – финансиски разузнавач и
– ниво Б4 – помлад финансиски разузнавач.

Член 72

(1) Вработените во Управата имаат службена легитимација.

(2) Формата, содржината, начинот на издавање, одземање и користење на службената легитимација на предлог на директорот, ја пропишува министерот за финансии.

Член 73

На финансиските разузнавачи во Управата се применува овој закон, Законот за работните односи, Законот за вработените во јавниот сектор и прописите од областа на здравственото, пензиското и инвалидското осигурување и Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија, доколку со овој закон поинаку не е уредено.

Вработување на финансиски разузнавач

Член 74

(1) Во Управата како финансиски разузнавач може да се вработи лице кое покрај општите услови ги исполнува и посебните услови предвидени со овој закон и актот за систематизација на работните места во Управата.

(2) За финансиски разузнавач може да биде вработено лице кое:
1) е државјанин на Република Македонија,
2) има завршено соодветно образование пропишано со актот за систематизација,
3) ги исполнува и посебните услови пропишани со актот за систематизација и
4) да има соодветен доказ (сертификат) не постар од пет години, за положен англиски јазик:
– ТОЕФЕЛ ИБТ – најмалку 74 бода,
– ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 6 бода,
– ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English First) – најмалку Б2 (B2) ниво,
– БУЛАТС (BULATS) – најмалку 60 бода или
– АПТИС (APTIS) – најмалку ниво Б2 (B2).

Постапка за вработување на финансиски разузнавач

Член 75

(1) Вработувањето на финансиски разузнавач во Управата се врши во согласност со Годишниот план за вработување.

(2) Годишниот план за вработување го донесува директорот на Управата најдоцна до 31 март за наредната година по претходна согласност на Министерство за финансии.

(3) Финансиски разузнавач заснова работен однос во Управата врз основа на јавен оглас, во постапка и под услови утврдени со овој закон.

(4) Постапката за засновање на работен однос на финансиски разузнавач врз основа на јавен оглас се спроведува по претходно добиено известување за обезбедени финансиски средства од Министерството за финансии.

(5) Управата го објавува јавниот оглас од ставот (3) на овој член, на својата интернет страница и во најмалку два дневни весника од кои еден од весниците што се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

(6) Рокот за пријавување на јавниот оглас од ставот (3) на овој член не може да биде пократок од пет дена од денот на неговото објавување.

Член 76

(1) Директорот на Управата формира Комисија за селекција за вработување на финансиски разузнавач (во натамошниот текст: Комисијата за селекција) која ја спроведува постапката од членот 81 став (1) од овој закон.

(2) Комисијата за селекција од ставот (1) на овој член е составена од финансиски разузнавачи вработени во Управата, и тоа претседател и два члена и нивни заменици.

(3) Претседател на Комисијата за селекција од ставот (1) на овој член е раководителот на секторот, односно на одделението во кое се вработува финансискиот разузнавач, а другите два члена на Комисијата за селекција се финансиски разузнавачи вработени во Управата.

Член 77

(1) Постапката за селекција за вработување на кандидат за финансиски разузнавач се состои од административна селекција, писмен испит и интервју.

(2) Административната селекција се состои од проверка на внесените податоци во пријавата и доставената документација за вработување со условите утврдени во јавниот оглас.

(3) Административната селекција од став (2) на овој член се спроведува во рок од пет дена по завршувањето на јавниот оглас и завршува со објавување листа на кандидати кои ја поминале административната селекција на интернет страницата на Управата.

(4) Кандидатите кои ги исполниле условите по спроведената административна селекција полагаат писмен испит.

(5) Датумот и времето на одржување на писмениот испит од ставот (1) на овој член не може да биде пократок од десет дена и подолг од 30 дена по завршување на административната селекција.

(6) Кандидатот за финансиски разузнавач се смета дека го положил писмениот испит доколку одговори точно на 70% од прашањата дадени при спроведувањето на писмениот испит кој трае еден час. Комисијата за селекција подготвува листа на кандидати кои го положиле писмениот испит и ја објавува на интернет страницата на Управата.

(7) Во рок од пет дена по завршувањето на писмениот испит, а врз основа на резултатите од писмениот испит, Комисијата за селекција спроведува интервју со петмината најуспешни кандидати кои го положиле испитот. По исклучок, интервју се спроведува и со кандидатите кои имаат ист резултат како и петтиот кандидат на листата.

(8) Интервјуто треба да содржи ситуациони прашања од областа на спречување на перење пари и финансирање на тероризам со кои се проценуваат потенцијалот и интегритетот на личноста на кандидатот за финансиски разузнавач.

(9) Во рок од три дена по завршувањето на интервјуто, врз основа на резултатите од спроведениот писмен испит и интервју, Комисијата за селекција подготвува ранг-листа на тројцата најуспешни кандидати и ја доставува до директорот на Управата.

(10) Директорот на Управата во рок од три дена по добивањето на ранг-листата од ставот (9) на овој член донесува одлука за избор на кандидат.

(11) Управата во рок од три дена по извршениот избор, писмено ги известува кандидатите за извршениот избор.

(12) Ако директорот на Управата во рокот од ставот (10) на овој член, не изврши избор на кандидат, нова постапка за вработување на финансиски разузнавач на истото работно место не може да се спроведе пред истекот на шест месеци од денот на објавувањето на јавниот оглас.

(13) Против одлуката за избор од ставот (10) на овој член незадоволниот кандидат има право на жалба до комисијата за жалби при Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, во рок од осум дена од денот на приемот на писменото известување за избраниот кандидат.

(14) Жалбата го одлага извршувањето на одлуката.

(15) По завршувањето на постапката за избор, директорот на Управата без одлагање донесува решение за вработување на финансискиот разузнавач.

Член 78

Во Управата може да се вработи лице со преземање, без огласување на работното место, од еден во друг државен орган со негова согласност, на работно место кое одговара на неговата стручна подготовка, односно квалификации и услови пропишани со актот за систематизација, кога тоа го налага потребата на Управата, по претходно добиена согласност од министерот за финансии.

Престанување на работен однос на финансискиот разузнавач

Член 79

(1) На финансискиот разузнавач работниот однос му престанува, ако:
а) сам тоа го побара;
б) трајно ја загуби здравствената способност за извршување на должностите во Управата како последица на болест или намалување на физичките или менталните капацитети;
в) ако се утврди дека при вработувањето премолчил или дал невистинити податоци во однос на општите и посебните услови за вработување со денот на конечноста на решението или со истекот на рокот за одлучување по жалба против решението;
г) му е изречена дисциплинска мерка престанок на работен однос со денот на врачувањето на конечното решение;
д) поради издржување казна затвор мора да биде отсутен од работа подолго од шест месеци – со денот на упатувањето на издржувањето на казната;
ѓ) ги исполни условите за пензија согласно со закон и
е) биде оценет со оцена „не задоволува” трипати последователно или во последните пет години најмалку трипати.

(2) За престанокот на работниот однос одлучува министерот за финансии.

Права и обврски на финансискиот разузнавач

Член 80

(1) Финансиските разузнавачи имаат обврска:
а) работните задачи да ги вршат совесно, стручно, ефикасно, уредно и навремено во согласност со Уставот, закон и други прописи;
б) да ги извршуваат наредбите од непосредно претпоставениот раководител и да постапуваат по нив во согласност со Уставот, закон и друг пропис;
в) да го почитуваат пропишаното работно време и
г) опремата што им е дадена на користење за извршување на нивните должности да ја употребуваат со должно внимание и како добар домаќин во согласност со нејзината намена и истата да не ја користат во приватни цели.

(2) Финансискиот разузнавач покрај обврските од ставот (1) на овој член ги има и следниве обврски:
а) да ја врши својата работа непристрасно и без влијание од политичките партии, да не се раководи од свои политички уверувања, од лични финансиски интереси, да не ги злоупотребува овластувањата и статусот и да го штити угледот на Управата;
б) стручно да го усовршува своето знаење заради унапредување на професионалните барања со постојано почитување и применување на прописите за вршење на своите службени должности;
в) да се однесува во согласност со Кодексот на однесување на вработените во Управата;
г) да ги почитува сите безбедносни мерки за да не дојде до загрозување на неговиот живот и здравје, како и животот и здравјето на другите вработени во Управата и
д) да не користи привилегии и ослободувања, барање или примање материјална или друга корист при исполнување на своите службени обврски.

(3) Финансиските разузнавачи се должни да ракуваат и да ги чуваат класифицираните информации согласно со прописите за класифицирани информации.

(4) Финансиските разузнавачи се должни да ги собираат, обработуваат и чуваат личните податоци согласно со одредбите од овој закон и прописите за заштита на лични податоци.

(5) Финансиските разузнавачи за непридржување кон обврските пропишани со ставовите (1), (2), (3) и (4) на овој член подлежат на дисциплинска, прекршочна и кривична одговорност во согласност со закон.

Член 81

(1) Управата, планира, организира и спроведува обуки за вработените. 

(2) Со вработен кој се упатува на обука чија вредност надминува десет просечни плати исплатени во Република Македонија последниот месец пред упатувањето, Управата склучува договор во писмена форма со кој се уредуваат правата и обврските на договорните страни.

(3) Вработениот кој нема да ги исполни обврските од склучениот договор од ставот (2) на овој член е должен да ги надомести трошоците направени за неговата обука зголемени за три пати.

Член 82

(1) Финансиските разузнавачи имаат право на плати, надоместоци на плата и други надоместоци кои се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

(2) Финансискиот разузнавач, поради специфичностите на работите кои ги извршува, има право на плата зголемена за 20% од основицата утврдена со актот за исплата на плата и надоместоци.

(3) На финансискиот разузнавач во случај на привремена неспособност за работа, настаната при вршење или по повод вршење на работите и задачите, му припаѓа надоместок во висина на тековната плата за времето на отсуство од работа.

(4) На финансискиот разузнавач согласно со прописите за пензиско и инвалидско осигурување, стажот на осигурување му се смета со зголемено траење, така што старосната граница за стекнување на право на старосна пензија се намалува зависно од степенот на зголемување на стажот и тоа за по една година за секои четири години поминати на работни места на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 15 месеци.

(5) Управата ги осигурува финансиските разузнавачи во случај на смрт, телесно оштетување или губење на работната способност за време на вршење на работите од нивна надлежност.

Член 83

Финансиските разузнавачи при вршење на своите овластувања имаат посебни права да влегуваат и да имаат слободен премин на станиците, аеродромите, пристаништата и јавните паркинзи само со покажување на службена легитимација.

Член 84

(1) Финансискиот разузнавач во зависност од постигнатите исклучителни и натпросечни резултати во работењето, стручното знаење и способности во работењето, залагањето, креативноста и совесноста при извршувањето на службените должности може да биде унапреден на повисоко работно место со одлука на директорот, а по претходна согласност на министерот за финансии.

(2) Финансискиот разузнавач може да биде унапреден доколку ги исполнува следниве услови:
– работното место на кое се унапредува е слободно (непополнето или упразнето),
– во целост ги исполнува условите утврдени во актот за систематизација на работните места за работното место на кое се врши унапредувањето,
– ги има завршено обуките утврдени за работното место на кое се унапредува,
– било оценето со оцени “задоволува” или “се истакнува” на начин и под услови утврдени со овој закон,
– поминала најмалку една година од неговото последно унапредување и
– во последните 12 месеци не било казнувано поради кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со закон.

Член 85

(1) Финансиските разузнавачи во текот на своето работење ќе бидат оценувани еднаш годишно од страна на непосредно претпоставениот раководен финансиски разузнавач. Во случај на немање на непосредено претпоставен раководен финансиски разузнавач оценувањето го врши повисокиот раководен финансиски разузнавач согласно со актот за систематизација. Во случај на немање на повисок раководен финансиски разузнавач согласно со актот за систематизација оценувањето го врши директорот на Управата.

(2) Финансиските разузнавачи кои оправдано отсуствувале од работа подолго од шест месеци во текот на годината (боледување, неплатено отсуство итн.) нема да бидат оценувани.

(3) Оценувањето на финансиските разузнавачи се врши врз основа на податоци кои се однесуваат на следните критериуми:
– стручното знаење и способности во работењето,
– залагањето,
– постигнатите резултати,
– креативноста и
– совесноста.

(4) Критериумите од ставот (3) на овој член се оценуваат поединечно, бројчено со оценка од еден до четири и описно со следниве описни оцени “се истакнува”, “задоволува”, “делумно задоволува” и “не задоволува”.

(5) Финансискиот разузнавач кој не е задоволен од оценката, може во рок од осум дена од денот на оценувањето да поднесе барање за преиспитување на оценката до Комисија за преиспитување на оценката, која ја формира директорот.

(6) Финансискиот разузнавач кој не е задоволен од одлуката на Комисијата за преиспитување на оценката во рок од осум дена од денот на врачување на одлуката има право да поднесе жалба преку Управата до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

(7) Начинот на оценување на работењето на финансиските разузнавачи, видовите на извештаи, формата и содржината на образецот за оценување и другите обрасци ги пропишува министерот за финансии на предлог на директорот.

Член 86

(1) Кодексот на однесување ги опишува стандардите на однесување кои треба да се почитуваат од сите вработени и дава насоки и упатства за решавање на етичките прашања за оние кои работат во Управата и оние кои соработуваат и работат со вработените на Управата.

(2) Кодексот на однесување го пропишува министерот за финансии на предлог на директорот.

Член 87

(1) За кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски, финансискиот разузнавач одговара дисциплински.

(2) Одговорноста за сторено кривично дело не ја исклучува дисциплинската одговорност на финансискиот разузнавач.

Член 88

(1) Финансискиот разузнавач одговара дисциплински за дисциплинска неуредност и дисциплински престап.

(2) Дисциплинска неуредност, во смисла на ставот (1) на овој член, е полесна повреда на работната дисциплина, работните задачи, угледот на Управата и на вработените.

(3) Дисциплински престап, во смисла на ставот (1) на овој член, е потешка повреда на работната дисциплина, работните задачи, угледот на Управата и на вработените.

Член 89

(1) Финансискиот разузнавач врши дисциплинска неуредност, односно полесна повреда на работната дисциплина, работните задачи, угледот на Управата и на вработените, кога: 
1) не го почитува работниот ред и дисциплина;
2) не ги извршува или несовесно и ненавремено ги извршува работните обврски;
3) не се придржува кон прописите кои важат за вршење на работите на работното место;
4) не се придржува на утврденото работно време, распоредот и користењето на работното време;
5) не побара отсуство или навремено писмено не го извести директорот, односно непосредниот раководител или друг одговорен работник за отсуството од работа;
6) поради болест или оправдани причини отсуствува од работа, а за тоа веднаш или најдоцна во рок од 24 часа не го извести директорот, односно непосредниот раководител или друг одговорен работник;
7) со средствата за работа не постапува совесно или во согласност со техничките упатства за работа;
8) настане штета, грешка во работењето или загуба, а за тоа веднаш не го извести директорот, односно раководителот на организациската единица или друг одговорен работник;
9) не ги одржува средствата и опремата за заштита при работа согласно со прописите за заштита при работа;
10) предизвикува неред и насилнички се однесува за време на работата;
11) незаконски или неовластено ги користи средствата на Управата и
12) избегнува обука.

Член 90

Финансискиот разузнавач врши дисциплински престап, односно потешка повреда на работната дисциплина, работните задачи, угледот на Управата и на вработените, доколку:
1) неоправдано изостане од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година;
2) го злоупотреби боледувањето;
3) не се придржува кон прописите за здравствена заштита, заштита при работа, пожар, експлозија, штетно дејствување на отрови и други опасни материи и ги повредува прописите за заштита на животната средина;
4) внесе, употреби или е под дејство на алкохол и наркотични средства;
5) стори кражба или во врска со работата намерно или од крајно невнимание предизвика штета на Управата;
6) не се придржува до одредбите од Законот за класифицирани информации;
7) изврши злоупотреба на лични податоци;
8) ги злоупотреби или пречекори законските обврски и овластување;
9) избегнува лекарски преглед заради утврдување на работната способност;
10) противправно прибавува лична корист во врска со вршењето на работите и задачите;
11) изврши послуга или овозможување на послуга на друго лице со пари или со други работи од вредност кои на финансискиот разузнавач му се доверени во вршењето на работите и задачите и
12) основа, раководи, застапува, претставува политичка партија, членува во органите на партијата утврдени со нејзиниот статут, изразува и застапува партиски ставови и убедувања во вршењето на работите и задачите, носи или истакнува партиски симболи во просториите или во службените возила на Управата и партиски се организира или дејствува во Управата.

Член 91

(1) Во случај на дисциплинска неуредност на финансискиот разузнавач може со решение да му се изрече една од следниве дисциплински мерки:
1) писмена опомена или
2) парична казна во висина од 15% од последната исплатена месечна нето плата на финансискиот разузнавач, во траење од еден до три месеци.

(2) Во случај на дисциплински престап на финансискиот разузнавач може со решение да му се изрече една од следниве дисциплински мерки:
1) парична казна во висина од 15% од последната исплатена месечна нето плата на финансискиот разузнавач, во траење од три до шест месеци;
2) распоредување на работно место кое согласно со хиерархијата на работни места утврдени во актот за систематизација на работните места во Управата е еден степен пониско од работното место од кое финансискиот разузнавач бил распореден или
3) прекин на договорот за вработување.

(3) При изрекување на дисциплинските мерки од ставовите (1) и (2) на овој член се земаат предвид степенот на одговорноста, условите под кои е сторена повреда на работната дисциплина, работните задачи, угледот на Управата и на вработените, поранешната работа и однесување на работникот, тежината на повредата и нејзините последици, околностите под кои е сторена повредата и други олеснувачки и отежнувачки околности.

Член 92

Збирот на парични казни на финансискиот разузнавач во еден месец за повреда на работната дисциплина, работните задачи, угледот на Управата и на вработените не може да надмине 20% од износот на неговата вкупна нето плата за тој месец.

Член 93

(1) Дисциплинските мерки против финансискиот разузнавач за дисциплинска неуредност се изрекуваат на предлог од непосредниот раководен финансиски разузнавач, повисокиот раководен финансиски разузнавач или раководен финансиски разузнавач на исто ниво, кој истовремено се доставува до директорот и до финансискиот разузнавач против кој се поднесува предлогот.

(2) Финансискиот разузнавач против кој се поднесува предлогот има право во рок од три дена од денот на приемот на предлогот од ставот (1) на овој член да се произнесе по предлогот, односно да даде одговор во писмена форма.

(3) Дисциплинските мерки против финансискиот разузнавач за дисциплинска неуредност ги изрекува директорот во рок од осум дена од денот на приемот на писмениот одговор од ставот (2) на овој член.

(4) Против одлуката од ставот (3) на овој член, незадоволниот финансиски разузнавач има право да поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во рок од осум дена од приемот на одлуката.

Член 94

Предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност на финансискиот разузнавач за дисциплински престап може да поднесе непосредниот раководен финансиски разузнавач, повисокиот раководен финансиски разузнавач или раководен финансиски разузнавач на исто ниво. Предлогот мора да биде образложен и поткрепен со факти и докази.

Член 95

(1) За водење на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност на финансискиот разузнавач за дисциплински престап во случаите утврдени со овој закон, директорот во рок од осум дена од денот на поднесувањето на предлог за поведување на дисциплинска постапка формира комисија за утврдување на дисциплинска одговорност.

(2) Комисијата од ставот (1) на овој член е составена од финансиски разузнавачи и тоа претседател од редот на раководни финансиски разузнавачи и два члена од кои доколку е можно, еден да е финансиски разузнавач со исто звање како финансискиот разузнавач против кого се води дисциплинска постапка. Претседателот и членовите имаат свои заменици.

(3) Комисијата од ставот (1) на овој член постапката за утврдување на дисциплинска одговорност ја води согласно со овој закон.

(4) Комисијата од ставот (1) на овој член, по спроведената дисциплинска постапка, ако утврди дека финансискиот разузнавач е одговорен, му предлага на директорот да донесе соодветна дисциплинска мерка.

(5) Ако комисијата од ставот (1) на овој член утврди дека финансискиот разузнавач не е одговорен, му предлага на директорот да го отфрли предлогот или да ја запре постапката.

(6) Директорот, врз основа на предлогот на комисијата, донесува решение за изрекување на дисциплинска мерка, отфрлање на предлогот или за запирање на постапката во рок од три дена од приемот на предлогот од ставот (5) на овој член. Решението за изрекување на дисциплинска мерка содржи и образложение за основот и причините за изрекување на дисциплинската мерка.

(7) Решението за изрекување на дисциплинска мерка се врачува лично на финансискиот разузнавач, по правило, во работните простории на Управата, односно на адреса на живеалиштето, односно престојувалиштето.

(8) Ако финансискиот разузнавач го одбие врачувањето, решението се објавува на огласната табла во Управата. По изминувањето на три работни дена од денот на објавувањето на огласната табла се смета дека врачувањето е извршено.

(9) Против решението за изрекување на дисциплинска мерка или отфрлање на предлогот, односно за запирање на постапката, финансискиот разузнавач има право на жалба преку Управата до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, во рок од осум дена од денот на доставувањето на решението.

(10) Жалбата го задржува извршувањето на решението до донесување на конечна одлука или истек на рокот во кој требало да одлучи Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Управата е должна жалбата, со придружните списи, да го достави до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапки од работен однос во втор степен, во рок од осум дена од приемот на жалбата. 

(11) Дисциплинската постапка завршува во рок од 60 дена сметано од денот на донесувањето на решение за формирање на комисијата од ставот (1) на овој член.

Член 96

(1) До донесување на решение во дисциплинска постапка што се води против финансиски разузнавач, финансискиот разузнавач со писмена одлука – решение се отстранува од работното место и од Управата во случаите утврдени со прописите за работните односи, ако настане една од следниве ситуации:
– непосредно се загрозува животот или здравјето на работниците или други лица или се оштетуваат средства од поголема вредност,
– присуството на работното место и натамошната работа штетно ќе се одрази врз работењето на Управата и
– кога против финансискиот разузнавач е покрената кривична постапка за кривично дело сторено на работа или во врска со работата.

(2) За време на отстранувањето од работното место и од Управата, на финансискиот разузнавач му се утврдува и исплатува надоместок во висина од 60% од износот на нето платата што финансискиот разузнавач ја остварил во месецот пред отстранувањето од работното место.

(3) Решението од ставот (1) на овој член го донесува директорот.

(4) Решението од ставот (1) на овој член се врачува лично на финансискиот разузнавач, по правило, во работните простории на Управата, односно на адреса на живеалиштето, односно престојувалиштето.

(5) Ако финансискиот разузнавач го одбие врачувањето, решението се објавува на огласната табла во Управата. По изминувањето на три работни дена од денот на објавувањето на огласната табла се смета дека врачувањето е извршено.

(6) Финансискиот разузнавач има право на жалба против решението од ставот (1) на овој член до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, во рок од осум дена од денот на доставувањето на решението.

(7) Жалбата против решението од ставот (1) на овој член не го одложува извршувањето на решението.

(8) Во случај на враќање на работа и доколку не се утврди постоење на дисциплинска одговорност, на финансискиот разузнавач му следува надоместок ретроактивно до 100% од нето платата.

Член 97

Доколку на финансискиот разузнавач поради дисциплински престап му биде изречена мерката прекин на договорот за вработување, финансискиот разузнавач има право на отказен рок во траење од 30 дена од денот на врачувањето на решението за прекин на договорот за вработување.

Член 98

За време на отказниот рок Управата е должна на финансискиот разузнавач да му овозможи отсуство од работа заради барање ново вработување, шест часа во текот на работната недела.

Член 99

За време на отказниот рок и отсуство од работа заради барање на ново вработување, на финансискиот разузнавач му се утврдува и исплатува надоместок во висина на платата што финансискиот разузнавач ја остварил во месецот пред донесувањето на решението за прекин на договор за вработување.

Член 100

(1) Дисциплинската постапка против финансиски разузнaвач не може да се поведе ако поминал еден месец од денот кога непосредниот или повисокиoт раководен финансиски разузнaвач или директорот, дознале за сторениот дисциплински престап.

(2) Дисциплинската постапка против финансиски разузнaвач не може да се поведе ако поминале три месеци од денот кога е сторен дисциплинскиот престап.

(3) Кога за сторен дисциплински престап е покрената и кривична постапка за финансискиот разузнавач, решението за изрекување на дисциплинска мерка се донесува најдоцна до истекот на рокот за застареност за кривично гонење на соодветното кривично дело.

Член 101

(1) Финансискиот разузнавач е одговорен за штетата која на работа или во врска со работа, со умисла или од крајна небрежност, ја предизвикал на Управата.

(2) Директорот формира комисија за утврдување на материјална одговорност на финансискиот разузнавач составена од финансиски разузнавачи вработени во Управата и тоа претседател од редот на раководни финансиски разузнавачи и два члена од кои доколку е можно, еден да е финансиски разузнавач со исто звање како финансискиот разузнавач против кого се води дисциплинска постапка. Претседателот и членовите имаат свои заменици.

(3) Комисијата од ставот (2) на овој член ја утврдува материјалната одговорност за постоење на сторена материјална штета, нејзината висина и начинот на сторување, кој ја предизвикал штетата и кој ќе ја надомести.

(4) Комисијата од ставот (2) на овој член за утврдената фактичка состојба поднесува извештај врз основа на кој директорот донесува решение за надоместок на штета.

Член 102

Предлог за покренување на постапка за утврдување на материјална одговорност против финансиски разузнавач поднесува непосредниот раководен финансиски разузнавач, повисокиот раководен финансиски разузнавач или раководен финансиски разузнавач на исто ниво.

Член 103

Постапката за утврдување на материјална одговорност не може да се поведе, ако поминале 60 дена од денот кога непосредно раководниот финансиски разузнавач или повисокиот раководен финансиски разузнавач дознал за тоа.

Член 104

Постапката за утврдување на материјална одговорност не може да се покрене, ако од денот кога е сторена материјална штета поминала една година.

Член 105

Постапката за утврдување на материјална одговорност не може да се води подолго од 60 дена, сметано од денот на донесувањето на решението за формирање на комисијата за утврдување на материјална одговорност на финансискиот разузнавач.

Член 106

(1) Против решението за надоместок на штета финансискиот разузнавач има право да изјави жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен преку Управата, во рок од осум дена од денот на врачувањето на решението.

(2) Жалбата го задржува извршувањето на решението до донесување на конечна одлука или истекот на рокот во кој требала да одучи Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Член 107

Постапката за утврдување на материјална одговорност на финансискиот разузнавач се уредува со одлука која ја донесува директорот.

Член 108

Ако финансискиот разузнавач во рок од три месеци од конечноста на решението за надоместок на штета не ја надомести штетата, Управата поведува постапка пред надлежниот суд.

Член 109

Директорот може целосно или делумно да го ослободи финансискиот разузнавач од надоместување на штетата, доколку таа не е сторена со умисла или доколку со исплатата на надоместокот на штетата се загрозува егзистенцијата на финансискиот разузнавач и неговото семејство.

Член 110

(1) За долгогодишна стручна работа, организациски унапредувања, успех во вршењето на работните задачи, подобрување на угледот на службата, на финансиските разузнавачи им се доделуваат признанија.

(2) Финансиските разузнавачи можат да добијат и еднократен износ на парична награда за постигнати натпросечни, исклучителни резултати во работењето.

(3) Признанијата и наградите од ставовите (1) и (2) на овој член, пo правило, се доделуваат на денот на Управата.

(4) За доделување на признанијата и паричните награди одлучува министерот за финансии на предлог на директорот.

(5) Ден на Управата е 1 март.

Член 111

(1) Вработените во Управата кои вршат работи од административна природа имаат статус на административни службеници.

(2) За вработените од ставот (1) на овој член категориите, нивоата и звањата се утврдуваат согласно со Законот за административните службеници.

(3) За прашањата кои се однесуваат на класификацијата, евиденцијата, вработувањето, унапредувањето, стручното усовршување и оспособување, мерењето на ефектот и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници се применуваат одредбите од Законот за административните службеници.

(4) Вработените во Управата, кои вршат помошно-технички работи имаат статус на помошно-технички персонал.

(5) За прашањата кои се однесуваат на класификацијата, евиденцијата, вработувањето и други прашања во врска со работниот однос на вработените од ставот (4) на овој член се применуваат одредбите од овој закон, Законот за вработените во јавниот сектор и општите прописи за работни односи.

Анализа на податоци, информации и документација

Член 112

Управата е надлежна да прибира и да врши анализа врз основа на следниве видови на податоци, информации и документација:
1. за сомневање на перење пари и финансирање на тероризам доставени од субјектите врз основа на членот 54 од овој закон;
2. доставени од субјектите врз основа на членовите 52 и 53 од овој закон;
3. иницијатива на надлежните органи согласно со членот 117 од овој закон;
4. доставени од Царинската Управа врз основа на членот 126 од овој закон; 
5. добиени при вршење надзор согласно со овој закон и
6. добиени од единиците за финансиско разузнавање на други држави.

Анализа и обработка на податоци, информации и документација

Член 113

Податоците, информациите и документацијата кои ги прибира Управата согласно со овој закон ги анализира во рамките на:
а) оперативна анализа што се однесува на лица, трансакции, активности, имот опфатени со податоци, информации и документација од членот 115 од овој закон;
б) стратешка анализа што се однесува на одредување на трендови и типологии за перење пари или финансирање на тероризам.

Член 114

(1) Податоците, информациите и документацијата кои ги прибира, анализира, обработува и доставува Управата согласно со овој закон се класифицирани за кои е утврден соодветен степен на класификација согласно со прописите за класифицирани податоци.

(2) Податоците, информациите и документацијата кои ги прибира, анализира, обработува и доставува Управата се користат согласно со овој закон.

Барање на податоци, информации и документација од страна на Управата

Член 115

(1) Заради извршување на своите надлежности, Управата може да бара податоци, информации и документација од државните органи, субјектите или други правни или физички лица согласно со одредбите од овој закон.

(2) Државните органи, субјектите или другите правни или физички лица се должни најдоцна во рок од десет работни дена од денот на приемот на барањето од ставот (1) на овој член да ги достават до Управата бараните податоци по заштитен електронски пат. Доколку ваквиот начин на доставување е оневозможен од технички причини, бараните податоци се доставуваат во писмена форма.

(3) Доколку Управата итно бара податоци, државните органи, субјектите или други правни или физички лица се должни најдоцна во рок од четири часа да ги достават бараните податоци по заштитен електронски пат. Доколку ваквиот начин на доставување е оневозможен од технички причини, бараните податоци се доставуваат во писмена форма.

Електронски пристап до податоци, информации и документација од страна на Управата

Член 116

(1) За извршување на надлежностите определени со овој закон Управата има електронски пристап и користи податоци од базите на податоци, без надоместок и тоа од:
1. Министерство за внатрешни работи:
– податоци од евиденцијата на матичен број,
– податоци од регистар на државјани на Република Македонија,
– податоци од евиденцијата на државјаните на Република Македонија кои стекнале државјанство на Република Македонија, односно на кои им престанало државјанството на Република Македонија,
– податоци од регистар на издадени лични карти,
– податоци од регистар на пасоши на државјани на Република Македонија,
– податоци од регистар, картотека и азбучник на граѓаните кои пријавиле заминување во странство,
– податоци од регистар на исчезнати, изгубени и погрешни патни исправи,
– податоци од евиденцијата на матичен број на странец,
– податоци од евиденцијата на издадени лични карти за странци,
– податоци од евиденција за влез и излез од државата,
– податоци за кривична евиденција,
– податоци од евиденцијата на издадени дозволи за оружје,
– податоци од евиденцијата на издадени дозволи за носење на оружје,
– податоци од евиденцијата на одобренија за набавување на колекционерско оружје,
– податоци од евиденцијата на поднесени барања за регистрирање на колекционерско оружје,
– податоци од евиденцијата на дозволи за колекционерско оружје,
– податоци од евиденција на колекционери,
– податоци од евиденцијата на одземено, пронајдено, предадено оружје и муниција,
– податоци од евиденцијата на издадени одобренија за промет со оружје/муниција и делови за оружје,
– податоци од евиденција на детективи на кои им е издадена лиценца за вршење на детективска дејност,
– податоци од евиденција за регистрирани моторни возила (листа на возила во сопственост на физичко и правно лице, листа на сопственици на моторни возила),
– податоци од евиденција за регистрирани пловни објекти,
– податоци од регистар на домаќинства и друго;
2. Министерство за правда 
– податоци од евиденција за следење на случаи за корупција,
– податоци од евиденции (од системот за електронско водење на предметите за меѓународна правна помош) на предметите за меѓународна правна помош;
3. Фонд за пензиско и инвалидско осигурување:
– податоци од евиденцијата за лица осигурани согласно со прописите за пензиско и инвалидско осигурување и статус,
– податоци од евиденцијата за години за работен стаж,
– податоци од евиденцијата за пензионер и статус на пензионер;
4. Фонд за здравствено осигурување:
– податоци од евиденцијата за лица осигурани согласно со прописите за задолжително здравствено осигурување;
5. Управа за јавни приходи:
– податоци од евиденцијата за ЕМБС и ЕДБ,
– податоци од евиденцијата од даночен регистар,
– податоци од евиденцијата за приходи од годишни даночни пријави за физички лица за персонален данок на доход,
– податоци од евиденцијата за месечни даночни пријави по однос на ДДВ,
– податоци од евиденцијата за поврат на повеќе или погрешно наплатен данок,
– податоци од евиденцијата за поврат на ДДВ,
– податоци од евиденцијата за спроведени даночни контроли и истраги,
– податоци од евиденцијата за регистрирани дејности кои вршат готовински плаќања,
– податоци од евиденцијата за овластени сметководители на правни лица;
6. Агенција за вработување:
– податоци од евиденција на вработени лица (историски М1/М2 образец, вработени во определена фирма),
– податоци од евиденција на невработени лица и други лица кои бараат работа,
– податоци од евиденција странски државјани и лица без државјанство вработени во Република Македонија; 
7. Агенција за катастар на недвижности:
– податоци од регистар на просторни единици,
– податоци од евиденција на имотни листови,
– податоци од регистар на цени и закупи,
– податоци за движење на сопственост на имот;
8. Централен депозитар за хартии од вредност:
– податоци од регистар на хартии од вредност,
– податоци од регистар на сопственици на хартии од вредност,
– податоци од регистар за порамнувања на трговски трансакции,
– податоци од регистар за нетрговски пренос на хартии од вредност,
– податоци од регистар на позајмени хартии од вредност;
9. Податоци од единствен регистар на трансакциски сметки – Клириншка куќа „КИБС“ АД Скопје:
– податоци од регистрите на трансакциски сметки;
10. Податоци од кредитно биро:
– податоци од портал МОЈ.МКБ.МК.
11. Централен регистар:
– податоци од трговски регистар и регистар на други правни лица,
– податоци од регистар на годишни сметки,
– податоци од заложен регистар,
– податоци од регистар за лизинг,
– податоци од регистар на вложувања во недвижности,
– податоци од регистар на права врз недвижности,
– податоци од регистар на директни инвестиции на резиденти во странство,
– податоци од регистар на директни инвестиции на нерезиденти во Република Македонија,
– податоци од регистар на физички и правни лица на кои им е изречена санкција забрана на вршење професија, дејност или должност и привремена забрана за вршење одделна дејност,
– податоци од регистар на споредни казни за сторени кривични дела на правни лица,
– податоци од регистар за обезбедување со пренос на сопственост на предмети и пренос на права (фидуцијарен регистар),
– податоци од регистар за продажба на подвижни ствари со задржување на правото на сопственост;
12. Царинска Управа на Република Македонија: 
– податоци од евиденција за царински декларации на физичко лице,
– податоци од евиденција за царински декларации на правно лице,
– податоци од евиденција за извршен увоз и за извршен извоз,
– податоци од регистар на обврзници за акциза,
– податоци од евиденција за единствен царински документ,
– податоци од евиденција за внесени, изнесени странски пари и хартии од вредност,
– податоци од евиденција за поднесени кривични пријави и прекршочни постапки;
13. Управа за финансиска полиција:
– податоци од евиденција за поднесени кривични пријави;
14. Судови:
– податоци од евиденција за водење на кривична постапка против определено лице,
– податоци од казнена евиденција,
– податоци од евиденција за изречена забрана за вршење на дејност на определено лице,
– податоци од евиденција за одземена или ограничена деловна способност на лица;
15. Министерство за правда – Управа за водење на матичните книги:
– податоци од матичните книги на родени,
– податоци од матичните книги на венчани,
– податоци од матичните книги на умрени лица,
– податоци од евиденции за родители/старатели на одредено лице,
– податоци од евиденции за сродство помеѓу лица;
16. Министерство за труд и социјална политика:
– податоци од евиденции за лица корисници на социјална помош;
17. Државен завод за ревизија:
– податоци од евиденции за извршени ревизии,
– податоци од електронски систем за управување со ревизија;
18. Македонска берза на хартии од вредност:
– податоци од евиденции содржани во МБ НЕТ,
– податоци од евиденции за склучени трансакции, вклучително и блок трансакции;
19. Јавно обвинителство на Република Македонија:
– податоци од евиденции за примени кривични пријави,
– податоци од евиденции за поднесени обвиненија,
– податоци од евиденции за мерки за обезбедување на имот во текот на постапката,
– податоци од евиденции за остварена меѓуобвинителска соработка;
20. Министерство за економија:
– податоци од регистар на склучени договори за концесии;
21. Државен завод за статистика:
– статистички податоци по области општи и регионални статистики, население и социјални статистики, приходи, потрошувачка и цени, економија и финансии, индустрија, градежништво и енергија, надворешна трговија, транспорт, туризам, трговија и други услуги и повеќедоменски статистики. 

(2) Видот, пристапот и начинот на користење на податоците од базите на органите од ставот (1) на овој член се регулира со меморандуми за соработка склучени меѓу Управата и надлежниот орган од ставот (1) на овој член.

Доставување иницијатива до Управата

Член 117

(1) Јавното обвинителство на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи, Министерството за финансии – Управа за финансиска полиција, Министерството за финансии – Царинска Управа, Агенцијата за разузнавање, Министерството за одбрана – Воено разузнавање, Државната комисија за спречување на корупција, органите за вршење на надзор од членот 146 од овој закон, може да достават иницијатива до Управата, ако постојат причини за сомневање на перење пари и финансирање на тероризам. 

(2) Иницијативата за вршење анализа од ставот (1) на овој член во писмена форма доставена на безбеден начин треба да содржи:
1. податоци за лицето на кое се однесува иницијативата и тоа за:
– физичко лице име, презиме, дата на раѓање, број на документ за идентификација, живеалиште, односно престојувалиште, ЕМБГ и
– правно лице назив, адреса, седиште, ЕМБС, ЕДБ и други податоци;
2. податоци за трансакцијата, средствата, активностите, временскиот период во врска со кој постои сомневањето од точката 3 на овој став и
3. причините за сомневање за перење пари и/или финансирање на тероризам, како и податоци за видот и начинот на извршување на претходно кривично дело, а кои се утврдени во текот на извршувањето на надлежностите.

(3) Кога иницијативата од ставот (1) на овој член не е образложена и не ги содржи податоците од ставот (2) на овој член Управата ќе ја врати иницијативата на органот кој ја поднел на дополнување.

(4) Доколку во рок од 10 дена иницијативата од став (1) на овој член не е дополнета согласно со ставот (2) на овој член, Управата по писмен пат го известува органот кој ја поднел дека не може да постапи по така доставената иницијатива.

(5) Кога Управата постапува по иницијативата од ставот (1) на овој член и утврди дека постојат основи на сомневање за сторено кривично дело перење пари и/или финансирање на тероризам или друго кривично дело, Управата постапува согласно со членот 118 од овој закон.

(6) Управата го известува органот од ставот (1) на овој член за исходот од постапувањето по иницијативата.

Доставување на податоци до надлежни органи

Член 118

(1) Секогаш кога постојат основи на сомневање за сторено кривично дело перење пари и/или финансирање на тероризам, Управата веднаш изготвува и поднесува извештај до надлежните државни органи кои одлучуваат за натамошните дејствија.

(2) Извештајот од ставот (1) на овој член содржи податоци, информации и документи за лицето и дејствијата за кои постои сомневање дека се поврзани со перење пари и/или финансирање на тероризам.

(3) Податоците, информациите и документите од ставот (2) на овој член може да се користат како докази во судска постапка за кривично дело перење пари и/или финансирање на тероризам.

(4) Кога постојат основи на сомневање за сторено друго кривично дело освен перење пари и финансирање на тероризам, Управата изготвува и поднесува известување до надлежните државни органи.

(5) Надлежните органите за извештајот од ставот (1) на овој член и известувањето од ставот (4) на овој член добиени од Управата, се должни редовно, а најмалку на шест месеци да ја информираат Управата за резултатот и исходот од истите. 

Налог за следење на деловен однос

Член 119

(1) Кога постои сомневање за перење пари и/или финансирање на тероризам, Управата може да поднесе до субјектот налог во писмена форма за следење на деловниот однос на клиентот.

(2) За трансакциите кои во рамките на деловниот однос се вршат или треба да се извршат, субјектот ја известува Управата согласно со напатствијата дадени во налогот.

(3) Во налогот од ставот (1) на овој член, Управата ги определува роковите во кои субјектот е должен да ги достави податоците за трансакциите од ставот (2) на овој член.

(4) Доколку субјектот поради објективни околности не може да ја извести Управата во роковите од ставот (3) на овој член, е должен веднаш по отстранувањето на околностите да ја извести Управата и да ја образложи причината поради која не го доставил известувањето во определениот рок.

(5) Следењето на деловниот однос од ставот (1) на овој член може да трае најдолго три месеци, а во оправдани случаи траењето на мерката може да се продолжи за по еден месец, со тоа што следењето на деловниот однос може да трае најдолго шест месеци.

(6) По исклучок од ставот (5) на овој член, за целите на спречување на финансирање на тероризам траењето на мерката може да се продолжи сè додека за истата има потреба зависно од целта за која се спроведува мерката.

Привремени мерки

Член 120

(1) При постоење на сомневање за кривично дело перење пари и/или финансирање на тероризам, Управата може да достави до субјектот писмен налог за привремено задржување и/или забрана за вршење на трансакции.

(2) Управата по доставувањето на налогот од ставот (1) на овој член поднесува до надлежниот јавен обвинител барање за поднесување предлог за определување на привремени мерки.

(3) Задржувањето и/или забраната за вршење на трансакции трае до донесувањето на судска одлука по предлогот, а најдолго 72 часа од доставувањето на писмениот налог за привремено задржување и/или забрана за вршење на трансакциите.

(4) Кога рокот од ставот (3) на овој член опфаќа недели, празници или други неработни денови, Управата може да му достави налог на субјектот за привремено задржување и/или забрана за вршење на трансакции најдолго до 120 часа од издавањето на налогот.

(5) Кога поради природата или начинот на извршување на сомнителните трансакции, односно околностите кои ја пратат сомнителната трансакција не е возможно да се издаде писмен налог на субјектот, како и во други итни случаи, Управата може на субјектот да му издаде устен налог за привремено задржување и/или забрана за вршење на трансакции.

(6) Устниот налог од ставот (5) на овој член Управата мора да го потврди со писмен налог најдоцна првиот нареден работен ден по издавањето на устен налог.

(7) Овластеното лице е должно да состави записник за примениот устен налог од ставот (5) на овој член кој го чува во своите евиденции согласно со членот 51 од овој закон.

Член 121

Барањето за поднесување предлог за определување на привремени мерки од членот 120 од овој закон, содржи податоци за кривичното дело за кое се бара привремената мерка, фактите и околностите кои ја оправдуваат потребата од примена на привремената мерка, податоци за физичкото или правното лице за кое се бара примена на привремената мерка и износот на парите или видот на имотот.

Член 122

(1) Надлежниот јавен обвинител го разгледува барањето за поднесување предлог за определување на привремени мерки од членот 120 од овој закон и доколку утврди дека е основано, без никакво одлагање, а најдоцна во рок од 24 часа од приемот на барањето доставува предлог за определување на привремени мерки до судијата на надлежниот основен суд.

(2) Ако надлежниот јавен обвинител утврди дека барањето за поднесување на предлог за определување на привремени мерки од членот 120 од овој закон е неосновано, е должен без одлагање да ја извести Управата дека барањето е одбиено. По приемот на известувањето од јавниот обвинител Управата без одлагање доставува писмено известување до субјектот за одбивање на барањето.

Член 123

(1) Судијата на надлежниот основен суд е должен во рок од 24 часа од приемот на предлогот од членот 122 став (1) од овој закон да донесе решение за примена на привремена мерка или за одбивање на предлогот на јавниот обвинител.

(2) Ако со решението се применети привремени мерки, во истиот рок судијата е должен решението да го достави до јавниот обвинител, субјектот и клиентот.

(3) Ако е донесено решение за одбивање на предлогот на јавниот обвинител, во истиот рок судијата е должен решението да го достави до јавниот обвинител.

(4) Надлежниот јавен обвинител е должен за донесената одлука на судијата од ставот (1) на овој член веднаш да ја извести Управата.

(5) Против решението на судијата од ставот (1) на овој член, надлежниот јавен обвинител и клиентот имаат право на жалба до кривичниот совет на надлежниот основен суд во рок од три дена од денот на приемот на решението, која не го одлага извршувањето на решението.

Статистички податоци

Член 124

(1) За целите на подготовка на национална проценка на ризикот, оценка на ефикасноста на системот за борба против перење пари и финансирање на тероризам како и за водење на стратешки анализи, Управата ги прибира и води следниве статистички податоци за:
– број, големина, вид и важност на определени групи на субјекти,
– број на примени извештаи за сомнителни трансакции согласно со членот 54 од овој закон,
– број на примени извештаи согласно со членовите 52 и 53 од овој закон,
– број на примени иницијативи и барања од надлежни органи согласно со членот 117 од овој закон,
– број на извештаи и известувања доставени до надлежните органи,
– број на извештаи доставени од Управата по кои надлежните органи постапиле,
– број на добиени и доставени спонтани информации од/до единици за финансиско разузнавање на други држави,
– број на доставени, примени, одбиени и одговорени барања на единици за финансиско разузнавање на други држави и други податоци,
– број на извршени надзори, спроведени едукации, издадени прекршочни платни налози и покренати прекршочни постапки,
– број на доставени налози за следење на деловен однос и
– број на случаи и вредност на имот опфатен со привремени мерки согласно со членовите од 120, 121, 122 и 123 од овој закон. 

(2) Управата објавува на својата официјална интернет страница информации за актуелните техники, методи и трендови за перење пари и финансирање на тероризам, примери на откриени случаи на перење пари и финансирање на тероризам, годишен преглед за извршени надзори и за спроведена едукација и други акти кои произлегуваат од овој закон или од членството во меѓународни тела и организации.

(3) За целите на оценка на ефикасноста на системот за борба против перење пари и финансирање на тероризам судовите, Јавното обвинителство на Република Македонија, Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција, Царинската Управа, Агенцијата за управување со одземен имот и други надлежни органи прибираат и водат статистички податоци за: 
– број на кривични пријави и број на лица за кои е поднесена кривична пријава за перење пари и/или финансирање на тероризам,
– број на обвинителни акти и број на лица за кои е подигнат обвинителен акт за перење пари и/или финансирање на тероризам,
– број на случаи и број на лица опфатени во барања за меѓународна правна помош за перење пари и/или финансирање на тероризам,
– број на случаи во кои во текот на кривичната постапка е извршена преквалификација на кривичното дело перење пари и/или финансирање на тероризам и обратно,
– број на пресуди и број на лица за кои е донесена пресуда за перење пари и/или финансирање на тероризам,
– број и вид на поврзани претходни кривични дела и
– број на случаи и вредност на имот замрзнат, одземен и конфискуван во случаите на перење пари и/или финансирање на тероризам во Република Македонија и други држави и други податоци.

(4) Судовите, Јавното обвинителство на Република Македонија, Министерството за правда, Министерство за внатрешни работи, Управа за финансиска полиција, Царинска управа, Агенција за управување со одземен имот и други надлежни органи податоците од ставот (3) на овој член се должни најмалку еднаш годишно да ги доставуваат до Управата и тоа најдоцна до 30 јануари во тековната година за претходната година или на барање на Управата.

Меѓуинституционална соработка

Член 125

(1) За целите на подетално уредување на меѓуинституционалната соработка Управата може да потпише Меморандуми или Протоколи за соработка со надлежните државни органи заради исполнување на целите предвидени во овој закон. 

(2) За унапредување на меѓуинституционалната соработка согласно целите на овој закон, за координирање на активностите за спроведување на национална проценка на ризикот од членовите 3 и 4 од овој закон и за унапредување на системот за борба против перење пари и финансирање на тероризам, Владата на Република Македонија на предлог на министерот за финансии формира Совет за борба против перење пари и финансирање на тероризам (во натамошниот текст: Советот).

(3) Работата на Советот од ставот (2) на овој член ја води директорот на Управата, а негови членови се раководни и одговорни лица од Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за финансии, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Управата за финансиска полиција, Царинската управа, Управата за јавни приходи, Народната банка на Република Македонија, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на осигурување, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Агенцијата за пошти, како и претставници на Адвокатската комора, Нотарската комора, Институтот на овластени ревизори и Институтот на сметководители и овластени сметководители.

(4) Членовите на Советот имаат заменици кои се определуваат од редот на вработените во органите и институциите од ставот (3) на овој член кои имаат адекватни познавања од областа на откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам.

(5) Советот од ставот (2) на овој член донесува Деловник за начинот на своето работење.

(6) Стручно административните работи за Советот ги врши Управата.

Царинска управа

Член 126

(1) Царинската управа задолжително го евидентира секое внесување и изнесување на пари и физички преносливи средства за плаќање преку царинската линија на Република Македонија, ако износот го надминува со закон или друг пропис дозволениот максимум.

(2) При евидентирањето од ставот (1) на овој член Царинската Управа задолжително прибира податоци за: 
– идентитетот на лицето кое за себе или за друг врши внесување или изнесување на пари и физички преносливи средства за плаќање податоци за името и презимето, датум и место на раѓање, број на патна исправа и државјанство, 
– идентитетот на сопственикот на парите и физички преносливите средства за плаќање,
– идентитетот на вистинскиот сопственик,
– износот и валутата на парите и физички преносливите средства за плаќање кои се внесуваат или изнесуваат преку царинската линија,
– изјава за потеклото на парите и физички преносливите средства за плаќање, потпишана од лицето кое врши нивно внесување или изнесување,
– намерата за внесувањето или изнесувањето на парите и физички преносливите средства за плаќање и
– местото и времето на преминување на царинската линија.

(3) Царинската управа задолжително по заштитен електронски пат, а во случај кога тоа не е можно, во писмена форма го пријавува до Управата внесувањето или изнесувањето на пари и физички преносливите средства за плаќање над 10.000 евра во денарска противвредност, најдоцна во рок од три работни дена, од евидентирањето.

(4) Царинската управа задолжително писмено го пријавува до Управата внесувањето или изнесувањето на пари и физички преносливи средства за плаќање без оглед на износот, секогаш кога постои основа за сомневање за перење пари или финансирање на тероризам најдоцна во рок од 24 часа од сознанието за сомнителноста на внесувањето или изнесувањето на пари и физички преносливи средства за плаќање.

(5) Царинската управа е должна да ги чува сите податоци за внесување или изнесување на пари и физички преносливи средства за плаќање, преку царинската линија десет години од денот на извршениот пренос.

Меѓународна соработка

Член 127

(1) Управата остварува меѓународна соработка со единици за финансиско разузнавање на други држави преку размена на релевантни податоци, информации и документација за целите на спречување и откривање на перење пари и финансирање на тероризам согласно со одредбите на овој закон.

(2) Меѓународната размена на релевантни податоци, информации и документација од ставот (1) на овој член се остварува врз основа на:
– барање за размена на податоци, информации и документација кое го доставува Управата до единицата за финансиско разузнавање на друга држава,
– барање за размена на податоци, информации и документација кое Управата го добила од единицата за финансиско разузнавање на друга држава,
– доставување податоци, информации и документација на Управата до единицата за финансиско разузнавање на друга држава или
– доставување податоци, информации и документација на единица за финансиско разузнавање на друга држава до Управата.

(3) Управата остварува меѓународна соработка со единици за финансиско разузнавање на други држави без оглед на нивниот организациски облик.

(4) Управата може да склучува договори за соработка со единици за финансиско разузнавање на други држави, како и со меѓународни организации вклучени во борба против перење пари и финансирање на тероризам за целите на спречување и откривање на перење пари и финансирање на тероризам. Потпишувањето на договори за соработка не е предуслов Управата да остварува меѓународна соработка со единици за финансиско разузнавање на други држави.

Барање за размена на податоци кое го доставува Управата до единицата за финансиско разузнавање на друга држава

Член 128

(1) Управата за спроведување на своите надлежности согласно со одредбите од овој закон може да достави барање за размена на податоци, информации и документација до единица за финансиско разузнавање на друга држава.

(2) Барањето за размена на податоци, информации и документација од ставот (1) на овој член треба да биде образложено со соодветните познати факти кои укажуваат на перење пари и/или финансирање на тероризам и целта за која ќе се користат бараните податоци и информации.

(3) Податоците, информациите и документацијата обезбедени согласно со ставот (1) на овој член Управата е должна да ги употреби за спроведување на своите надлежности согласно со одредбите од овој закон, согласно со ограничувањата и условите одредени од страна на единицата за финансиско разузнавање на државата која ги обезбедила.

(4) Податоците, информациите и документацијата обезбедени согласно со ставот (1) на овој член Управата може да ги разменува со надлежни органи, откако ќе обезбеди претходна согласност од страна на единицата за финансиско разузнавање на државата која ги обезбедила.

(5) Податоците, информациите и документацијата обезбедени согласно со ставот (1) на овој член се класифицирани и се означуваат со најмалку ист степен на класификација одреден од страна на единицата за финансиско разузнавање на државата која ги обезбедила.

Барање за размена на податоци, информации и документација кои Управата го добила од единицата за финансиско разузнавање на друга држава 

Член 129

(1) На барање за размена на податоци, информации и документација на единица за финансиско разузнавање на друга држава доставено во писмена форма, Управата доставува податоци, информации и документација кои ги обезбедува согласно со надлежностите определени со овој закон.

(2) Барањето за размена на податоци, информации и документација од ставот (1) на овој член треба да биде образложено со соодветните познати факти кои укажуваат на перење пари и/или финансирање на тероризам и целта за која ќе се користат бараните податоци и информации.

(3) Управата може да го одбие барањето за размена на податоци од ставот (1) на овој член доколку тоа е спротивно на овој закон или ќе го попречи водењето на истрага на друг надлежен државен орган или кривичната постапка против лицето за кое се бараат податоци. Управата е должна да ги образложи причините поради кои го одбила барањето.

(4) Податоците, информациите и документацијата обезбедени согласно со ставот (1) на овој член се класифицирани и се означуваат со најмалку ист степен на класификација одреден од страна на единицата за финансиско разузнавање на државата која ги доставила.

(5) На барање на единица за финансиско разузнавање на друга држава од ставот (1) на овој член Управата без одлагање доставува согласност за проследување на податоците, информациите и документацијата обезбедени согласно со ставот (1) на овој член до надлежни органи на државата.

(6) Управата може да одбие да даде согласност за проследување на податоците, информациите и документацијата со писмено образложение до единицата за финансиско разузнавање од ставот (1) на овој член, ако барањето за согласност е спротивно на овој закон или го попречува водењето на истрагата во кривичната постапка.

Доставување податоци, информации и документација на Управата до единицата за финансиско разузнавање на друга држава

Член 130

(1) Управата може податоците, информациите и документацијата кои ги обезбедува согласно со надлежностите определени со овој закон, кога постои сомневање за перење пари или финансирање на тероризам и без барање од единица за финансиско разузнавање на друга држава, да ги достави до истата.

(2) За податоците, информациите и документацијата кои Управата ги доставува согласно со ставот (1) на овој член се применуваат одредбите од овој закон.

Привремени мерки во рамки на меѓународна соработка

Член 131

(1) Одредбите на членовите 120, 121, 122 и 123 од овој закон ќе се применуваат кога единица за финансиско разузнавање на друга држава ќе побара одбивање или одлагање на трансакција.

(2) Барањето од ставот (1) на овој член треба да биде образложено и да се однесува за трансакција поврзана со перење пари и/или финансирање на тероризам и одбивањето или одлагањето би се реализирало доколку трансакцијата е предмет на домашен извештај за сомнителна трансакција.

(3) Управата може да достави барање до единица за финансиско разузнавање на друга држава за одбивање или одлагање на трансакција при постоење на сомневање за перење пари и/или финансирање на тероризам.

Повратни информации

Член 132

(1) Управата на барање на единица за финансиско разузнавање на друга држава обезбедува повратни информации за употребата на доставените податоци, информации и документација.

(2) Управата може да побара од единица за финансиско разузнавање на друга држава повратни информации за употребата на доставените податоци, информации и документација.

Безбедни начини на остварување на меѓународна соработка

Член 133

Размената на податоци, информации и документација помеѓу Управата и единиците за финансиско разузнавање на други држави согласно со овој закон ќе се одвива преку безбедни електронски меѓународни комуникациони системи.

Член 134

(1) Управата може индиректно да разменува податоци, информации и документација со органи надлежни за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам на други држави, но ваквата размена мора да се спроведува преку единицата за финансиско разузнавање на државата преку безбедни електронски меѓународни комуникациони системи.

(2) При размена на податоци, информации и документација согласно со ставот (1) на овој член, се применуваат одредбите од овој закон кои ја регулираат меѓународната соработка.

Чување на податоци, информации и документација од страна на Управата

Член 135

Управата е должна податоците, информациите и документацијата обезбедени согласно со овој закон да ги чува десет години од нивниот прием и по истекот на овој период може да ги уништи.

ГЛАВА V.

СОБИРАЊЕ, ОБРАБОТКА, АНАЛИЗИРАЊЕ, ПРОЦЕНУВАЊЕ, ОЦЕНУВАЊЕ, КОРИСТЕЊЕ, ПРЕНЕСУВАЊЕ, ЧУВАЊЕ И БРИШЕЊЕ НА ПОДАТОЦИ И ОБРАБОТКА НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ

Член 136

(1) Управата собира, обработува, анализира, проценува, оценува, користи, пренесува, чува и брише податоци, обработува лични податоци под услови и на начин утврдени со овој и посебен закон и води евиденции за личните и други податоци за чие собирање е овластена со овој закон, заради спречување на перење пари и/или финансирање на тероризам.

(2) Управата обработува лични податоци кога за лицето постои сомневање за перење пари и/или финансирање на тероризам.

(3) Податоци за правно лице се собираат кога постојат основи за сомневање за перење пари и/или финансирање на тероризам.

Член 137

Лични податоци, во смисла на овој закон, се лично име, податоци за раѓање (ден, месец, година и место), живеалиште или престојувалиште, единствен матичен број, адреса на живеење и државјанство, како и други податоци преку кои директно или индиректно може да се идентификува одредено лице.

Член 138

Управата собира лични и други потребни податоци од субјекти, надлежни државни органи, јавни институции, установи, меѓународни организации и други правни и физички лица.

Член 139

(1) Управата води евиденции за:
1) лица за кои е доставен извештај за сомнителна активност;
2) лица за кои е доставен извештај за готовинска трансакција во износ од 15.000 евра во денарска противвредност или повеќе без оглед дали станува збор за една трансакција или повеќе очигледно поврзани трансакции;
3) лица за кои е доставен извештај од нотар за составен нотарски акт, потврдена приватна исправа и заверен потпис на договор;
4) лица за кои е доставен извештај за исплатен кредит;
5) лица за кои е доставен извештај за дадена и/или примена позајмица;
6) лица за кои е доставен извештај за трансакција реализирана преку брз трансфер на пари;
7) лица за кои е доставен извештај за склучување на полиса за осигурување на живот;
8) лица за кои е доставен извештај за купопродажба на возила;
9) лица за кои е доставен извештај за купување или исплаќање на чипови во играчница (казино);
10) лица за кои е доставен извештај за исплата на добивка, уплата или сторнирање на влог или/и во сите случаи кај други приредувачи на игри на среќа;
11) лица за кои е доставен извештај за сомневање за перење пари и финансирање на тероризам до надлежните органи;
12) лица за кои е доставено известување за сомневање за друго кривично дело до надлежните органи;
13) лица за кои е издаден налог за следење на деловен однос;
14) лица за кои е издаден налог за примена на привремени мерки;
15) лица за кои е доставена иницијатива и барање од надлежните органи во Република Македонија;
16) лица за кои се разменети податоци со единици за финансиско разузнавање на други држави;
17) лица кои пренеле пари или физички преносливи средства за плаќање преку царинската линија на Република Македонија;
18) лица за кои се издадени прекршочни платни налози;
19) лица за кои е спроведена едукација и
20) лица за кои се разменети податоци помеѓу органите на надзор.

(2) Евиденциите од ставот (1) на овој член содржат лични податоци согласно со овој закон и други податоци и информации за носителот на личните податоци и за трето лице.

Член 140

Евиденцијата од членот 139 од овој закон може да биде структурирана и да се води како:
1) евиденции за доставен извештај за сомнителна активност;
2) евиденции за доставен извештај за готовинска трансакција во износ од 15.000 евра во денарска противвредност или повеќе без оглед дали станува збор за една трансакција или повеќе очигледно поврзани трансакции;
3) евиденции за доставен извештај од нотар за составен нотарски акт, потврдена приватна исправа и заверен потпис на договор;
4) евиденции за доставен извештај за исплатен кредит;
5) евиденции за доставен извештај за дадена и/или примена позајмица;
6) евиденции за доставен извештај за трансакција реализирана преку брз трансфер на пари;
7) евиденции за доставен извештај за склучување на полиса за осигурување на живот;
8) евиденции за доставен извештај за купопродажба на возила;
9) евиденции за доставен извештај за купување или исплаќање на чипови во играчница (казино);
10) евиденции за доставен извештај за исплата на добивка, уплата и сторнирање на влог или/и во сите случаи кај други приредувачи на игри на среќа;
11) евиденции за доставен извештај за сомневање за перење пари и финансирање на тероризам до надлежните органи;
12) евиденции за доставено известување за сомневање за друго кривично дело до надлежните органи;
13) евиденции за издаден налог за следење на деловен однос;
14) евиденции за издаден налог за примена на привремени мерки;
15) евиденции за доставена иницијатива и барање од надлежните органи во Република Македонија;
16) евиденции за разменети податоци со единици за финансиско разузнавање на други држави;
17) евиденции за доставени извештаи за пренесени пари или физички преносливи средства за плаќање преку царинската линија на Република Македонија;
18) евиденции за извршен надзор над субјектите од членот 5 од овој закон;
19) евиденции за извршен надзор над правните субјекти од членот 25 од овој закон;
20) евиденции за издадени прекршочни платни налози;
21) евиденции за спроведена едукација и
22) евиденции за разменети податоци помеѓу органите на надзор.

Член 141

(1) Податоците за кои Управата води евиденции согласно со членовите 139 и 140 од овој закон се користат за статистички и аналитички цели на Управата, како и за целите на спроведување на национална проценка на ризикот и проценка на ефикасноста на системот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.

(2) Лични податоци можат да се доставуваат до субјекти, надлежни државни органи, јавни институции, установи, единици за финансиско разузнавање на други држави и други правни и физички лица во согласност со закон и ратификуваните меѓународни договори.

Член 142

Лични податоци можат да се користат согласно со целите пропишани со овој закон и согласно прописите со кои се уредува заштитата на личните податоци.

Член 143

Личните податоци внесени во евиденциите од членовите 139 и 140 од овој закон веднаш се бришат во случаите кога ќе се утврди дека не се точни или престанале причините, односно условите заради кои личниот податок е внесен во евиденцијата.

Член 144

Податоците содржани во евиденциите од членовите 139 и 140 од овој закон, од нивното внесување, сé до нивното бришење смеат да се разменуваат под услови и на начин предвидени со овој закон.

Член 145

Податоците од евиденциите од членовите 139 и 140 од овој закон се чуваат во рок од десет години од денот на нивниот прием.

ГЛАВА VI.

НАДЗОР

Член 146

(1) Надзорот над примената на мерките и дејствијата утврдени со овој закон го вршат органите за надзор во смисла на овој закон и тоа:
– Народната банка на Република Македонија врз банките, штедилниците, менувачниците и давателите на услуги на парични дознаки (брз трансфер на пари) и други финансиски институции кои даваат платежни услуги,
– Агенцијата за супервизија на осигурување врз друштвата за осигурување, осигурителните брокерски друштва, друштвата за застапување во осигурувањето, осигурителните брокери и застапниците во осигурувањето,
– Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија врз брокерските куќи, лицата кои даваат услуги на инвестициски советници, друштвата за управување со отворени, затворени и приватни инвестициски фондови и на отворените, затворените и приватните инвестициски фондови,
– Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување врз друштвата кои управуваат со доброволни пензиски фондови,
– Управата за јавни приходи врз приредувачите на игри на среќа, правните и физички лица кои ги вршат следниве услуги: посредување во промет со недвижности, давање совети од областа на даноците и правните лица кои вршат дејност на примање во залог на подвижни предмети и недвижности,
– Агенцијата за пошти врз Македонска пошта АД,
– Комисија на нотарите во рамки на Нотарската комора на Република Македонија врз нотарите и
– Комисија на адвокатите во рамки на Адвокатската Комора на Република Македонија врз адвокатите и адвокатските друштва. 

(2) Управата врши надзор над примената на мерките и дејствијата определени со овој закон врз субјектите кои не се опфатени со ставот (1) на овој член.

(3) Управата самостојно или во соработка со органите од ставот (1) на овој член врши надзор над примената на мерките и дејствијата определени со овој закон врз субјектите.

(4) Управата по добиено известување од администраторот на регистарот спроведува надзор согласно со овој закон над правните субјекти од членот 30 став (2) од овој закон.

(5) Управата врши надзор над правните субјекти од членот 25 став (1) од овој закон и утврдуваат дали поседуваат, чуваат и впишале во регистарот адекватни, точни и целосни податоци за вистинскиот сопственик. 

(6) Управата со органите од ставот (1) на овој член се должни меѓусебно да ги координираат активностите при спроведување надзор над субјектите од членот 5 од овој закон.

(7) Управата и органите од ставот (1) на овој член се должни да изготват годишна програма или план за вршење надзор за примената на мерките и дејствијата определени со овој закон и меѓусебно да ги усогласат.

(8) Управата и органите од ставот (1) на овој член можат да пропишат начин на адекватно спроведување на мерките за спречување на перење пари и финансирање на тероризам за субјектите за чиј надзор се одговорни.

(9) Органите од ставот (1) на овој член, доколку при вршење надзор, утврдат сомневање за перење пари и/или финансирање на тероризам, за тоа доставуваат писмен извештај до Управата.

(10) Финансиските разузнавачи кои вршат надзор согласно одредбите на овој закон, доколку утврдат сомневање за перење пари и/или финансирање на тероризам, доставуваат писмен извештај до директорот на Управата и до организационата единица на Управата надлежна да спроведува оперативна анализа.

(11) Управата и органите од ставот (1) на овој член соработуваат при извршувањето на своите задачи и овластувања при вршење на надзор со цел обезбедување ефикасност на мерките и надзорот во борбата против перењето пари и финансирањето на тероризам.

(12) Управата може да достави предлог до органите од ставот (1) на овој член да извршат надзор над одреден субјект врз основа на сознанијата кои произлегуваат од податоците и информациите со кои располага, како и врз основа на извршените стратешки и оперативни анализи.

(13) Управата и органите од ставот (1) на овој член преземаат активности во насока на усогласување на методолошкиот пристап при спроведувањето на надзорот.

(14) Управата за јавни приходи во согласност со своите надлежности врши надзор врз правни и физички лица во однос на примената на забраната за готовински плаќања во износ од 2.000 евра или повеќе во денарска противвредност од членот 48 од овој закон.

Член 147

(1) Надзорот кој го спроведува Управата може да трае најдолго 45 работни дена, со можност да се продолжи, но не подолго од 60 работни дена.

(2) Министерот за финансии ја пропишува формата и содржината на налогот за вршење надзор од страна на Управата.

(3) Директорот на Управата донесува годишна програма за вршење надзор најдоцна до 31 јануари за тековната година.

Член 148

(1) Надзорот кој самостојно го спроведува Управата може да биде теренски и вонтеренски, редовен, вонреден и контролен надзор.

(2) Надзорот од ставот (1) на овој член го вршат финансиски разузнавачи, вработени во Управата кои ги исполнуваат општите услови утврдени со Законот за вработените во јавниот сектор и условите утврдени со актот за систематизација на работните места во Управата.

(3) Врз основа на надзорот од ставот (1) на овој член Управата може да:
– спроведе постапка за едукација,
– издаде прекршочен платен налог и
– поднесе барање за поведување на прекршочна постапка.

Член 149

(1) При вршењето на надзорот кој го спроведува Управата, финансискиот разузнавач има обврска:
1) да постапи по налогот за вршење надзор;
2) да преземе подготвителни активности за вршење надзор;
3) да ги извести одговорното и овластеното лице на субјектот за почетокот на вршењето на надзорот, законскиот основ, целта и обемот на надзорот, освен во случај на вонреден и контролен надзор;
4) да се легитимира пред субјектот, односно пред овластеното лице на субјектот;
5) да ја чува тајноста на податоците;
6) да постапува законито, навремено и во согласност со Етичкиот кодекс на Управата;
7) да состави записник за извршениот надзор;
8) да предложи постапка за порамнување и да издаде прекршочен платен налог;
9) да донесе решение согласно со членот 155 од овој закон;
10) да донесе заклучок;
11) да поднесе барање за поведување на прекршочна постапка и
12) да ги собира, обработува и чува личните податоци согласно со одредбите од овој закон и прописите за заштита на личните податоци.

(2) Покрај обврските од ставот (1) на овој член, финансискиот разузнавач за спроведениот надзор е должен изготвената документација да ја подреди во досие по следниот редослед:
1) документи прибрани во подготовката на надзорот;
2) барање од одделениjaта во Управата, друг орган или институција доколку надзорот се извршил по нивно барање;
3) налог за надзор;
4) записник за извршен надзор;
5) решение;
6) заклучок;
7) записник од извршено порамнување;
8) прекршочен платен налог;
9) барање за покренување на прекршочна постапка и
10) правосилни и извршни решенија од судска постапка.

Член 150

(1) При вршење на надзорот кој го спроведува Управата, финансискиот разузнавач е овластен:
1) да проверува општи и поединечни акти, фајлови, документи, докази и информации во обем според предметот на надзорот, како и да побара да подготват потребни копии и документи; 
2) да бара од субјектот да му бидат обезбедени канцелариски услови за работа во деловните простории на субјектот и лице што ќе присуствува за време на надзорот заради навремено обезбедување на документација и информации во врска со предметот на надзор;
3) да влегува и врши проверка во деловните простории на субјектот и неговите деловни единици;
4) да побара асистенција од надлежен орган на државна управа за отстранување на лице кое го попречува вршењето на надзорот под услови и во постапка утврдена со закон;
5) да проверува идентификациски документи на лица поради потврдување на нивниот идентитет во согласност со закон;
6) да бара од субјектот или од неговите вработени писмено или усно објаснување во врска со прашања од делокругот на надзорот;
7) да бара стручно мислење од вешти лица кога е тоа потребно за надзорот;
8) да врши попис на затекнати документи во деловниот објект и
9) да обезбеди други потребни докази.

(2) Копијата со оригиналот на фајловите, документите, доказите и информациите од ставот (1) на овој член субјектот ја потврдува со потпис на овластеното лице. 

(3) Финансискиот разузнавач е овластен да покрене постапка за издавање прекршочен платен налог и прекршочна постапка во согласност со закон.

Член 151

(1) При вршење на надзорот кој го спроведува Управата, финансискиот разузнавач заради отстранување на утврдените прекршоци, има право и обврска на субјектот: 
1) да му укаже на утврдените прекршоци и да определи рок за нивно отстранување и да му врачи покана за спроведување на едукација согласно со членот 155 од овој закон;
2) да му издаде прекршочен платен налог или
3) да му поднесе барање за поведување на прекршочна постапка или да поведе друга соодветна постапка.

Член 152

По жалба против решението на финансискиот разузнавач во Управата одлучува посебна комисија од три члена именувани од министерот за финансии, при што претседателот на комисијата се определува од редот на раководните лица во Управата кои не се вклучени во вршењето на надзорот.

Член 153

(1) Коморите на адвокатите и коморите на нотарите во рамките на своите надлежности формираат комисии за вршење на надзор над примената на одредбите од овој закон врз работењето на нивните членови. 

(2) Членовите на комисиите од ставот (1) на овој член се именуваат со мандат од четири години.

(3) За именувањето и составот на комисиите од ставот (1) на овој член ја известуваат Управата во рок од седум дена.

Член 154

(1) Органите на надзор од членот 146 од овој закон се должни да ја известат Управата за:
– наодите од извршениот надзор над спроведувањето на мерките и дејствијата определени со овој закон,
– спроведена едукација или изречени други мерки,
– издадени и наплатени прекршочни платни налози,
– поднесеното барање за покренување на прекршочна постапка за сторен прекршок од страна на субјектите над кои вршат надзор и за исходот од овие постапки,
– сторителот на прекршокот, и тоа: назив и седиште на правното лице, име и презиме на одговорното лице во правното лице, име и презиме на физичкото лице, лице кое врши јавно овластување и овластено службено лице,
– прекршокот: опис на дејствието кое претставува прекршок и
– изречената глоба.

(2) Органите на надзор од членот 146 од овој закон се должни најмалку два пати годишно да ја известат Управата за податоците поврзани со извршениот надзор од ставот (1) на овој член.

(3) Управата за извршениот надзор над субјектите и за наодите од извршениот надзор два пати годишно го известува соодветниот орган на надзор од членот 146 од овој закон.

Постапка за едукација

Член 155

(1) Доколку при вршењето на надзор кој го спроведуваат органите на надзор од членот 146 од овој закон, е констатирана неправилност по прв пат од страна на субјектот, од членовите 163 и 166 од овој закон, се составува записник во кој се утврдува констатирана неправилност и се донесува решение со укажување за отстранување на констатираната неправилност во рок од осум работни дена и истовремено се врачува покана за едукација на сторителот на прекршокот.

(2) Формата и содржината на поканата за едукација, како и начинот на спроведување на едукацијата ја пропишува министерот за финансии, на предлог на директорот на Управата.

(3) Едукацијата се организира и спроведува во рок не подолг од осум работни дена од денот на спроведување на надзорот.

(4) Доколку во закажаниот термин сторителот на прекршокот од ставот (1) на овој член, над кој се спроведува едукација, не се јави на едукацијата, ќе се смета дека едукацијата е спроведена.

(5) Доколку сторителот на прекршокот од ставот (1) на овој член се јави на закажаната едукација и истата ја заврши, ќе се смета дека е едуциран по однос на утврдениот прекршок. 

(6) Доколку при спроведување на контролниот надзор се утврди дека се отстранети утврдените прекршоци од ставот (1) на овој член, се донесува заклучок со кој се запира постапката на надзор.

(7) Доколку при спроведување на контролниот надзор се утврди дека не се отстранети утврдените прекршоци од ставот (1) на овој член, се издава прекршочен платен налог.

(8) Органите на надзор од членот 146 од овој закон водат евиденција за спроведената едукација на начин и форма пропишана од министерот за финансии, на предлог на директорот на Управата.

Надзор согласно проценка на ризикот

Член 156

(1) При спроведување на надзорот над субјектите, органите на надзор од членот 146 од овој закон се должни да го применуваат пристапот базиран на проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам.

(2) При подготвување и спроведување на програмата или планот за надзор, органите на надзор од членот 146 од овој закон се должни најмалку да ги земат предвид:
– податоците за идентификувани ризици од перење пари или финансирање на тероризам согласно со наодите од извештајот за националната проценка на ризикот од членот 4 од овој закон,
– податоците за специфичните национални или меѓународни ризици поврзани со клиенти, производи и услуги,
– податоците за ризикот на одделни категории на субјекти, одделни субјекти и други достапни податоци за субјектите и
– значајни настани или промени поврзани со управувањето на субјектот и секоја промена на неговите деловните активности. 

Процедура за пријавување за сторен прекршок

Член 157

(1) Субјектот е должен да воспостави процедура за пријавување за сторен прекршок преку независен и анонимен канал за пријавување, кој ќе овозможи вработените да пријават прекршок на одредбите од овој закон.

(2) Процедурата за пријавување за сторен прекршок од ставот (1) на овој член треба да содржи јасни правила за прием и обработка на пријавите за сторен прекршок, пропорционални на природата и големината на субјектот.

(3) Субјектот не смее да го открие идентитетот на лицето кое доставило пријава за сторен прекршок без да обезбеди негова претходна согласност, освен во случаите кога тоа е потребно за целите на спроведување на предистражна или кривична постапка.

Член 158

(1) Органите на надзор од членот 146 од овој закон се должни да воспостават ефикасни процедури за пријавување за сторен прекршок кој ќе овозможи вработените во субјектите да пријават прекршок на одредбите од овој закон кој ќе обезбеди:
– едноставен и лесно достапен метод на поднесување на известувања за сторен прекршок,
– внатрешни правила за прием и обработка на известувањата за сторен прекршок и
– заштита на личните податоци на лицето кое доставило известување за сторен прекршок согласно со прописите за заштита на личните податоци.

(2) Органите на надзор од членот 146 од овој закон не смеат да го откријат идентитетот на лицето кое доставило известување за сторен прекршок без да обезбедат негова претходна согласност.

Објавување на информации во врска со надзорот

Член 159

(1) За целите на спречување и одвраќање од извршување на активности кои се сметаат за прекршоци согласно со овој закон, Управата е должна, врз основа на податоците добиени согласно со членот 154 од овој закон, јавно да ги објави информациите за изречени глоби врз основа на правосилна одлука.

(2) Информациите од ставот (1) на овој член содржат податоци за:
– сторителот на прекршокот, и тоа: назив и седиште на правното лице, име и презиме на одговорното лице во правното лице, име и презиме на физичкото лице, лице кое врши јавно овластување и овластено службено лице,
– прекршокот: опис на дејствието кое претставува прекршок и
– изречената глоба.

(3) Информациите од ставот (2) на овој член се објавуваат на интернет страницата на Управата и истите се достапни во рок од три години од денот на објавувањето.

(4) По исклучок на ставот (1) на овој член, Управата не ја објавува информацијата за идентитетот на сторителот на прекршокот доколку:
– глобата е изречена за прекршок за кој може да се определи мерка едукација согласно со членот 155 од овој закон или
– објавувањето на информацијата може да попречи спроведување на предистражна или кривична постапка.

ГЛАВА VII.

ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

Член 160

(1) Глоба во износ од 80.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице, односно трговецот поединец, ако:
– не спроведува процедура на анализа на клиентот согласно со членот 12 од овој закон,
– не спроведе засилена анализа при воспоставување на кореспондентен однос согласно со членот 34 од овој закон,
– не одбие воспоставување на деловен однос или изврши трансакција или не го прекине деловниот однос со клиентот согласно со членот 39 ставови (1) и (2) од овој закон,
– воспостават или продолжат деловен однос со shell bank (банки школки) и да започнат или продолжат кореспондентски деловен однос со банка за која знаат дека дозволува отворање и работење со сметки на банки школки спротивно на членот 49 став (1) од овој закон,
– shell bank (банки школки) вршат финансиски активности во Република Македонија спротивно на членот 49 став (2) од овој закон,
– отворат или чуваат анонимни сметки или сметки на фиктивни имиња спротивно на членот 50 од овој закон,
– не достават до Управата податоци, информации и документи согласно со членот 54 став (1) од овој закон,
– не врши внатрешна контрола согласно со членот 58 од овој закон,
– се повикува на деловна тајна при доставувањето на информација спротивно на членот 63 од овој закон,
– не ги достави побараните податоци, неточно ги одговори побараните податоци или не ги одговори во рок согласно со членот 115 ставови (2) и (3) од овој закон,
– не постапи согласно со налогот за следење на деловен однос од членот 119 од овој закон,
– не ја задржува трансакцијата врз основа на издадениот налог согласно со членот 120 од овој закон.

(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба на правното лице, односно трговецот поединец ќе му се изрече за прекршок и на одговорното лице во правното лице, односно трговецот поединец за дејствијата од ставот (1) на овој член.

(3) На одговорното лице за дејствијата од ставот (1) на овој член покрај глобата може да му се изрече и прекршочна санкција забрана за вршење на должност до една година согласно со закон.

(4) За дејствијата од ставот (1) на овој член сторени намерно, на организиран начин, кои се повторуваат, со кои е предизвикана значителна штета или се стекнува со значителна имотна корист, на правното лице му се изрекува глоба во износ од 1.000.000 евра до 5.000.000 евра во денарска противвредност и прекршочна санкција забрана за вршење на одделна дејност од три месеци до три години согласно со закон.

(5) За сторени дејствија од ставот (1) на овој член, Управата може да достави образложен предлог за привремено или трајно одземање на лиценца, односно дозвола за работа на правното лице до органите надлежни за нивно издавање согласно со закон.

Член 161

(1) Глоба во износ од 80.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на банката ако не стави во употреба или не го надгради софтверот за автоматска обработка на податоците согласно со членот 59 од овој закон.

(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба на банката ќе му се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член и на одговорното лице во банката.

Член 162

(1) Глоба во износ од 30.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице, односно трговец поединец, ако:
– не спроведе проценка на ризикот согласно со членот 10 од овој закон,
– не изготви и применува програма согласно со членот 11 став (1) од овој закон,
– не ја донесе програмата, редовно не ја следи и оценува нејзината адекватност, усогласеност и ефикасност согласно со членот 11 став (2) од овој закон,
– постапи спротивно на исклучоците за анализа на клиентот во однос на електронските пари од членот 13 од овој закон,
– не ги спроведе мерките за анализа на клиентот од членот 14 од овој закон,
– не го идентификува и потврди идентитетот на клиентот, ополномоштувачот или вистинскиот сопственик согласно со членот 15 од овој закон,
– не го идентификува и потврди идентитетот на клиентот согласно со членот 16 од овој закон,
– не го идентификува и потврди идентитетот на ополномоштувачот согласно со членот 17 од овој закон,
– не го идентификува и потврди идентитетот на вистинскиот сопственик согласно со членот 18 од овој закон,
– не го следи деловниот однос согласно со членот 31 од овој закон,
– не спроведе поедноставена анализа на клиентот согласно со членот 32 од овој закон,
– не спроведе засилена анализа на клиентот согласно со членот 33 од овој закон,
– не спроведе засилена анализа на клиент кој не е физички присутен согласно со членот 35 од овој закон,
– не спроведе засилена анализа на клиентот – носител на јавна функција согласно со членот 36 од овој закон,
– не спроведе засилена анализа на клиентот од високо ризични држави согласно со членот 37 од овој закон,
– не спроведе засилена анализа кон сложени и невообичаени трансакции согласно со членот 38 од овој закон,
– не ги чува податоците, информациите или документите согласно со членот 51 од овој закон,
– не ја извести Управата и не ја задржи трансакцијата согласно со членот 54 став (2) од овој закон,
– не достават до Управата податоци, информации и документи во форма на извештај согласно со членот 54 став (3) од овој закон,
– не обезбеди примена на мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам согласно со членот 41 од овој закон,
– ги довери обврските за анализа на клиентот на трети лица спротивно на членот 42 од овој закон,
– не обезбеди и проследи информации кај безготовински пренос на парични средства согласно со членот 43 од овој закон,
– не утврди идентитет на клиент согласно со членот 44 став (1) од овој закон,
– не утврди идентитет на клиент согласно со членот 46 од овој закон,
– не утврди идентитет на клиент согласно со членот 47 став (1) од овој закон,
– прими готовина спротивно на членот 48 од овој закон,
– извршат регистрација на хартии од вредност, друг имот или правни работи, или за пријавување или вршење на пренос на пари, хартии од вредност или друг имот, можат да извршат таква регистрација или пренос спротивно на членот 48 став (2) од овој закон,
– не ги достави до Управата собраните податоци, информации и документи во случај на готовинска трансакција во износ од 15.000 евра во денарска противвредност или повеќе без оглед дали станува збор за една трансакција или повеќе очигледно поврзани трансакции согласно со членот 52 од овој закон,
– не достави податоци до Управата согласно со членот 53 од овој закон,
– не ги достави извештаите до Управата согласно со членот 56 од овој закон,
– не именуваат овластено лице и негов заменик согласно со членот 57 став (1) од овој закон,
– не формира посебен оддел за спречување на перење пари и финансирање на тероризам согласно со членот 57 став (2) од овој закон,
– не формира посебен оддел за спречување на перење пари и финансирање на тероризам согласно со членот 57 став (3) од овој закон,
– не обезбеди исполнување на услови согласно со членот 57 став (8) од овој закон,
– користење на податоците обезбедени со овој закон спротивно на членот 60 од овој закон,
– го известат клиентот или трето лице согласно со членот 61 став (1) од овој закон,
– не преземе потребни мерки за заштита на податоците согласно со членот 61 став (3) од овој закон.

(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба на правното лице, односно трговецот поединец ќе му се изрече за прекршок и на одговорното лице во правното лице, односно трговецот поединец за дејствијата од ставот (1) на овој член.

Член 163

(1) Глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице, односно трговецот поединец, ако:
– не ја извести Управата согласно со членот 7 став (2) од овој закон,
– не ја достави програмата на барање на надлежните органи на надзорот од членот 146 од овој закон согласно со членот 11 став (3) од овој закон,
– не ги забележува податоците по хронолошки редослед во нумериран регистар кај менувачки работи согласно со членот 45 од овој закон,
– не води нумериран регистар за тргувањето на хартии од вредност чиј вкупен износ е поголем од 15.000 евра во денарска противвредност согласно со членот 47 став (1) од овој закон,
– не го известат надлежниот орган за надзор од членот 146 од овој закон дека доставиле извештај до Управата согласно со членот 54 став (6) од овој закон,
– вработи во одделот лица кои не ги исполнуваат условите од членот 57 ставови (6), (7) и (11) од овој закон,
– не обезбеди редовна стручна обука согласно со членот 57 став (12) од овој закон,
– не достави податоци до Управата согласно со членот 57 став (13) од овој закон.

(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба на правното лице, односно трговецот поединец ќе му се изрече за прекршок и на одговорното лице во правното лице, односно трговецот поединец за дејствијата од ставот (1) на овој член.

Член 164

(1) Глоба во износ од 30.000 до 40.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на лице кое врши јавно овластување или физичкото лице, ако:
– не спроведува процедура на анализа на клиентот согласно со членот 12 од овој закон,
– не ги чува податоците, информациите или документите согласно со членот 51 од овој закон,
– не достават до Управата податоци, информации и документи согласно со членот 54 став (1) од овој закон,
– не врши внатрешна контрола согласно со членот 58 од овој закон,
– се повикува на деловна тајна при доставувањето на информација спротивно на членот 63 од овој закон,
– не ги достави побараните податоци, неточно ги одговори побараните податоци или не ги одговори во рок согласно со членот 115 ставови (2) и (3) од овој закон,
– не постапи согласно со налогот за следење на деловен однос од членот 119 од овој закон,
– не ја задржува трансакцијата врз основа на издадениот налог согласно со членот 120 од овој закон.

(2) На лицето кое врши јавно овластување или физичкото лице за дејствијата од ставот (1) од овој член покрај глобата му се изрекува и прекршочна санкција забрана за вршење на дејност до три години.

Член 165

(1) Глоба во износ од 12.000 до 15.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на лице кое врши јавно овластување или физичкото лице, ако:
– адвокатите и адвокатските друштва на барање на Управата не достават писмено образложение согласно со членот 7 став (2) од овој закон,
– не спроведе проценка на ризикот согласно со членот 10 од овој закон,
– не изготви и применува програма согласно со членот 11 став (1) од овој закон,
– не донесе програмата, редовно не ја следи и оценува нејзината адекватност, усогласеност и ефикасност согласно со членот 11 став (2) од овој закон, 
– не ги спроведе мерките за анализа на клиентот од членот 14 од овој закон,
– не го идентификува и потврди идентитетот на клиентот, ополномоштувачот или вистинскиот сопственик согласно со членот 15 од овој закон,
– не го идентификува и потврди идентитетот на клиентот согласно со членот 16 од овој закон,
– не го идентификува и потврди идентитетот на ополномоштувачот согласно со членот 17 од овој закон,
– не го идентификува и потврди идентитетот на вистинскиот сопственик согласно со членот 18 од овој закон,
– не го следи деловниот однос согласно со членот 31 од овој закон,
– не спроведе поедноставена анализа на клиентот согласно со членот 32 од овој закон,
– не спроведе засилена анализа на клиентот согласно со членот 33 од овој закон,
– не спроведе засилена анализа на клиент кој не е физички присутен согласно со членот 35 од овој закон,
– не спроведе засилена анализа на клиентот – носител на јавна функција согласно со членот 36 од овој закон,
– не спроведе засилена анализа на клиентот од високо ризични држави согласно со членот 37 од овој закон,
– не спроведе засилена анализа кон сложени и невообичаени трансакции согласно со членот 38 од овој закон,
– не одбие воспоставување на деловен однос или изврши трансакција или не го прекине деловниот однос со клиентот согласно со членот 39 ставови (1) и (2) од овој закон,
– не обезбеди примена на мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам согласно со членот 41 од овој закон,
– ги довери обврските за анализа на клиентот на трети лица спротивно на членот 42 од овој закон,
– не утврди идентитет на клиент согласно со членот 43 став (1) од овој закон,
– не утврди идентитет на клиент согласно со членот 45 од овој закон,
– не утврди идентитет на клиент согласно со членот 46 од овој закон,
– не утврди идентитет на клиент согласно со членот 47 став (1) од овој закон,
– прими готовина спротивно на членот 48 од овој закон,
– извршат регистрација на хартии од вредност, друг имот или правни работи, или за пријавување или вршење на пренос на пари, хартии од вредност или друг имот, можат да извршат таква регистрација или пренос спротивно на членот 48 став (2) од овој закон,
– не достави податоци до Управата согласно со членот 53 од овој закон,
– не ја извести Управата и не ја задржи трансакцијата согласно со членот 54 став (2) од овој закон,
– не достават до Управата податоци, информации и документи во форма на извештај согласно со членот 54 став (3) од овој закон,
– не ги достави извештаите до Управата согласно со членот 56 од овој закон,
– не именуваат овластено лице и негов заменик согласно со членот 57 став (1) од овој закон,
– користење на податоците обезбедени со овој закон спротивно на членот 60 од овој закон,
– го известат клиентот или трето лице согласно со членот 61 став (1) од овој закон,
– не преземе потребни мерки за заштита на податоците согласно со членот 61 став (3) од овој закон.

(2) На лице кое врши јавно овластување или физичкото лице за дејствијата од ставот (1) на овој член покрај глобата му се изрекува и прекршочна санкција забрана за вршење на дејност до една година.

Член 166

(1) Глоба во износ од 2.000 до 2.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на лице кое врши јавно овластување или физичкото лице, ако:
– не ја извести Управата согласно со членот 7 став (2) од овој закон,
– не ја достави програмата на барање на надлежните органи на надзорот од членот 146 од овој закон согласно со членот 11 став (3) од овој закон,
– не го известат надлежниот орган за надзор од членот 146 од овој закон дека доставиле извештај до Управата согласно со членот 54 став (6) од овој закон,
– не обезбеди редовна стручна обука согласно со членот 57 став (12) од овој закон,
– не достави податоци до Управата согласно со членот 57 став (13) од овој закон.

(2) На лице кое врши јавно овластување или физичкото лице за дејствијата од ставот (1) на овој член покрај глобата му се изрекува и прекршочна санкција забрана за вршење на дејност до една година.

Член 167

(1) Глоба во износ од 10.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правниот субјект од членот 25 став (1) од овој закон, ако:
– не поседува и чува адекватни, точни и ажурни податоци за вистинскиот сопственик согласно со членот 25 став (2) и 
– не ги внесе податоците за вистински сопственик/ци, како и податоците за промените на вистински сопственик/ци во регистарот согласно со членот 26 став (3) и членот 27.

(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба на правниот субјект од членот 25 став (1) од овој закон ќе му се изрече за прекршок и на одговорното лице во правниот субјект од членот 25 став (1) за дејствијата од ставот (1) на овој член.

Член 168

Глоба во износ од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на стечајниот управник или ликвидациониот управник ако не презема мерки и дејствија во случај кога субјектот е во постапка на стечај и ликвидација согласно со членот 9 од овој закон.

Член 169

Глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на овластено службено лице, ако:
– не ги достават бараните податоци согласно со членот 115 став (2) од овој закон,
– не ја информираат Управата за резултатот и исходот од доставените извештаи или известувања согласно со членот 118 став (5) од овој закон,
– не достават статистички податоци до Управата согласно со членот 124 став (4) од овој закон,
– не го евидентира секое внесување и изнесување на пари или физички преносливи средства за плаќање преку царинската линија на Република Македонија согласно со членот 126 став (1) од овој закон,
– не ги прибира податоците согласно со членот 126 став (2) од овој закон,
– не го пријавува до Управата внесувањето или изнесувањето на пари или физички преносливи средства за плаќање над 10.000 евра во денарска противвредност согласно со членот 126 став (3) од овој закон,
– не го пријавува до Управата, сомневањето за перење пари и/или финансирање на тероризам согласно со членот 126 став (4) од овој закон,
– не ги чува сите податоци за внесување или изнесување на пари или физички преносливи средства за плаќање, преку царинската линија најмалку пет години од денот на извршениот пренос согласно со членот 126 став (5) од овој закон,
– не изготват годишни програми или планови за вршење надзор над примената на мерките и дејствијата согласно со членот 146 став (7) од овој закон,
– не ја известат Управата кога ќе утврдат сомневање за перење пари и/или финансирање на тероризам како и прекршување на одредбите од овој закон согласно со членот 146 став (9) од овој закон,
– не формираат комисии за вршење на надзор согласно со членот 153 став (1) од овој закон,
– не ја известат Управата согласно со членот 153 став (3) од овој закон,
– не ја известат Управата за поднесеното барање за покренување на прекршочна постапка согласно со членот 154 од овој закон.

Член 170

Одмерувањето на висината на глобата за правно лице и трговец поединец се врши согласно со Законот за прекршоците.

Постапка за издавање на прекршочен платен налог

Член 171

(1) За прекршоците од овој закон, органите на надзор од членот 146 од овој закон при констатирање на прекршок се должни да му предложат на сторителот на прекршокот постапка за порамнување со издавање на прекршочен платен налог, пред да го поднесат барањето за поведување на прекршочна постапка.

(2) Доколку органите на надзор од членот 146 од овој закон констатираат прекршок, составуваат записник во кој ги забележуваат елементите на прекршокот, времето, местото и начинот на сторување на прекршокот, описот на дејствието на прекршокот, лицата кои се вклучени и даваат предлог за порамнување со издавање на прекршочен платен налог. Записникот го потпишува органот на надзор и сторителот.

(3) Ако сторителот го признае прекршокот, органите на надзор од членот 146 од овој закон ќе издадат прекршочен платен налог.

(4) Сторителот е должен да го плати прекршочниот платен налог издаден согласно со ставот (3) на овој член во рок од осум дена од приемот на налогот, на сметката означена во платниот налог.

(5) Сторителот кој ќе ја плати глобата во рокот од ставот (4) на овој член ќе плати половина од изречената глоба, за што се поучува во правната поука.

(6) Ако сторителот не го плати прекршочниот платен налог во рокот од ставот (4) на овој член, органите на надзор од членот 146 од овој закон поднесуваат барање за поведување на прекршочна постапка до надлежен суд.

(7) Органите на надзор од членот 146 од овој закон се должни да водат евиденција за издадените прекршочни платни налози од ставот (1) на овој член и за исходот на покренатите постапки.

(8) Во евиденцијата од ставот (7) на овој член се собираат, обработуваат и чуваат следниве податоци име и презиме, односно назив на сторителот на прекршокот, живеалиште, односно престојувалиште, седиште, вид на прекршокот, број на прекршочен платен налог кој му се издава и исходот на постапката. 

(9) Личните податоци од ставот (8) на овој член се чуваат десет години од денот на внесувањето во евиденцијата.

(10) Министерот за финансии ја пропишува формата и содржината на прекршочниот платен налог.

Член 172

Прекршочна постапка за сторен прекршок од овој закон не може да се поведе или води ако поминат повеќе од шест години од денот кога е сторен прекршокот.

Член 173

За прекршоците пропишани со овој закон одлучува надлежниот суд во постапка пропишана со закон.

ГЛАВА VIII.

ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 174

(1) Подзаконските акти кои произлегуваат од Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам („Службен весник на Република Македонија“ број 130/14, 192/15, 27/16 и 83/18) продолжуваат да се применуваат до денот на донесувањето на подзаконските акти утврдени со овој закон.

(2) Подзаконските акти утврдени со овој закон ќе се донесат во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон, освен подзаконскиот акт од членот 28 став (4) од овој закон кој ќе се донесе во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 175

(1) Органите на надзор од членот 146 од овој закон се должни во рок од девет месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон да изготват упатство од членот 10 став (7) од овој закон.

(2) Субјектите од членот 5 од овој закон се должни да изготват проценка на ризикот од членот 10 од овој закон во рок од 12 месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

(3) Субјектите од членот 5 од овој закон се должни да донесат Програма од членот 11 од овој закон во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон. 

(4) Субјектите од членот 5 од овој закон се должни одделот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам од членот 57 од овој закон да го формираат најдоцна во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 176

Регистарот од членот 26 од овој закон ќе се воспостави во рок од една година од денот на влегувањето во сила на подзаконскиот акт од членот 28 став (4) од овој закон.

Член 177

(1) Правните субјекти од членот 25 став (1) од овој закон се должни обврската од членот 25 став (3) од овој закон да ја исполнат во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

(2) Правните субјекти од членот 25 став (1) од овој закон се должни податоците од членот 25 став (3) од овој закон да ги внесат во регистарот во рок од три месеци од денот на воспоставување на регистарот од членот 26 од овој закон.

Член 178

Коморите на адвокатите и коморите на нотарите се должни да ги формираат комисиите од членот 153 од овој закон во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон. 

Член 179

Директорот на Управата именуван до денот на влегувањето во сила на овој закон продолжува да ја извршува функцијата до истекот на мандатот за кој е именуван.

Член 180

Управата за финансиско разузнавање од денот на влегувањето во сила на овој закон продолжува да работи како Управа за финансиско разузнавање согласно со надлежностите утврдени со овој закон.

Член 181

Советот за борба против перење пари и финансирање на тероризам формиран до денот на влегувањето во сила на овој закон продолжува да ја извршува функцијата согласно со надлежностите утврдени со овој закон.

Член 182

(1) Од 1 јануари 2019 година, забраната за плаќање со готовина на стоки и услуги од членот 48 од овој закон, ќе се однесува на готовински плаќања, во износ од 1.000 евра или повеќе во денарска противвредност во вид на една или повеќе очигледно поврзани трансакции, што не е извршено преку банка, штедилница или преку сметка во друга институција која дава платежни услуги.

(2) Од 1 јуни 2019 година, забраната за плаќање со готовина на стоки и услуги од членот 48 од овој закон, ќе се однесува на готовински плаќања, во износ од 500 евра или повеќе во денарска противвредност во вид на една или повеќе очигледно поврзани трансакции, што не е извршено преку банка, штедилница или преку сметка во друга институција која дава платежни услуги.

Член 183

Со денот на влегувањето во сила на овој закон, престанува да важи Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам („Службен весник на Република Македонија“ број 130/14, 192/15, 27/16 и 83/18).

Член 184

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.