Закон за регулирање на обврските на Република Македонија кон Меѓународниот монетарен фонд по основ на користење на средствата од општата и специјалната нето кумулативна алокација на специјални права на влечење одобрени со Резолуција на Одборот на гувернери на Меѓународниот монетарен фонд бр. 64-3 и бр. 52-4

Член 1

Со овој закон се регулираат обврските на Република Македонија кон Меѓународниот монетарен фонд по основ на користење на средствата од општата нето кумулативна алокација на специјални права на влечење во износ од 51.076.245 СПВ одобрени од Одборот на гувернери на Меѓународниот монетарен фонд со Резолуцијата бр. 64-3 од 7 август 2009 година и специјалната нето кумулативна алокација на специјални права на влечење во износ од 6.161.937 СПВ одобрени од Одборот на гувернери на Меѓународниот монетарен фонд со Резолуцијата за четвртата измена на Статутот на Фондот бр. 52-4 од 23 септември 2007 година која влегува во сила на 10 август 2009 година.

Член 2

Се овластува Народната банка на Република Македонија во својство на фискален агент на Република Македонија и депозитар на паричните средства на Меѓународниот монетарен фонд да ги прими и да ги трансферира средствата од членот 1 на овој закон на посебна сметка на Министерството за финансии која за таа намена ќе биде отворена во Народната банка на Република Македонија.

Член 3

Средствата од членот 1 на овој закон ќе се користат за финансирање на буџетски расходи и долгот на Република Македонија.

Член 4

Користењето на средствата од членот 1 на овој закон претставува финансиска обврска на Република Македонија кон Меѓународниот монетарен фонд.

Средствата од членот 1 на овој закон ќе се вратат на начин и во рок предвидени во Статутот на Меѓународниот монетарен фонд.

Враќањето на средствата од членот 1 на овој закон, како и сервисирањето на обврските по основ на камата и другите трошоци ќе се врши со средства од Буџетот на Република Македонија, преку Народната банка на Република Македонија.

Член 5

Министерството за финансии и Народната банка на Република Македонија ќе склучат Договор за регулирање на користењето и враќањето на средствата од членот 1 на овој закон.

Член 6

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.