Закон за регулирање на дел од долгот кон Обединетата банка на Швајцарија

Член 1

Со овој закон се уредуваат условите и начинот под кои Република Македонија презема дел од долгот кон Обединетата банка на Швајцарија кој произлегува од Договорот за замена на алтернативни инструменти на учество од 29 септември 1988 година.

Член 2

(1) Република Македонија презема дел од долгот кон Обединетата банка на Швајцарија по основ на алтенативни инструменти на учество, и тоа:
– 4,26% од главнината на долгот и
– 3,1034% од пристигнатата а не платена редовна камата.

(2) Апсолутниот износ на долгот од ставот (1) на овој член ќе се утврди на денот на порамнувањето.

Член 3

Долгот од членот 2 од овој закон ќе се регулира по пат на порамнување со дел од побарувањата на Република Македонија од Обединетата банка на Швајцарија по основ на депозити на Народната банка на поранешната СФРЈ на сметки во Обединетата банка на Швајцарија кои со Резолуцијата бр. 24 за распределба на средствата на НБЈ на девизни сметки во комерцијални банки во Швајцарија од 7 јули 2005 година, донесена од Комитетот за распределба на финансиските средства и обврски на поранешна СФРЈ и се распределени на Република Македонија.

Член 4

За порамнувањето од членот 3 од овој закон, во име на Владата на Република Македонија, министерот за финансии ќе потпише договор со Обединетата банка на Швајцарија со кој ќе се уреди постапката за порамнувањето.

Член 5

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија“.