Закон за претворање на побарувањето на Република Северна Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во Друштво за производство на производи со посебна намена 11 Октомври – Еурокомпозит АД Прилеп

Член 1

Со овој закон се уредува начинот и постапката за претворање на побарувањата на Република Северна Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во Друштво за производство на производи со посебна намена 11 Октомври – Еурокомпозит АД Прилеп.

Член 2

Побарувања на Република Северна Македонија од Друштво за производство на производи со посебна намена 11 Октомври – Еурокомпозит АД Прилеп во смисла на овој закон се побарувања по основ придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, здравствено осигурување, професионален дополнителен придонес, придонес за вработување и персонален данок од плата.

Каматите и другите споредни побарувања на главниот долг од ставот 1 на овој член се пресметуваат согласно со закон до денот на влегувањето во сила на овој закон.

Висината на главниот долг и каматите од ставовите 1 и 2 на овој член, со записник ја утврдуваат претставници на органите на државната управа или друг надлежен орган или институција која води евиденција за утврдување и наплата на јавната давачка и претставници на друштвото.

Член 3

По утврдување на висината на главниот долг и каматите, Владата на Република Северна Македонија преку органите на управување на друштвото предлага свикување на Собрание на акционери на кое се одлучува за зголемување на основната главнина на друштвото во висина на побарувањето на Република Северна Македонија определено согласно со членот 2 од овој закон.

Член 4

Постапка за издавање на акции од страна на друштвото се врши по пат на приватна понуда согласно со одредбите од Законот за хартии од вредност, освен ако со овој закон поинаку не е уредено.

Друштвото акциите од ставот 1 на овој член ги издава по номинална вредност.

Под приватна понуда во смисла на овој закон се подразбира понуда за запишување на хартии од вредност врз основа на претворање на побарувањата во траен влог во друштвото која е наменета за Република Северна Македонија.

При издавање на акции согласно со овој закон, во случај кога Владата на Република Северна Македонија се јавува како познат купувач, не се применува забраната од Законот за хартии од вредност постојаните акционери да се јават како познати купувачи. 1

Член 5

Владата на Република Северна Македонија ги презема акциите од новата емисија со претворање на своето побарување во траен влог во друштвото.

Претворањето на побарувањето во траен влог во друштвото по основ на придонеси за задолжително социјално осигурување се пребива со правото на друштвото да побарува уплата на паричниот влог кој Република Северна Македонија требало да го уплати за преземените акции, кои се по износ еднакви.

Претворањето на побарувањето во траен влог во друштвото по однос на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување се врши со уплата на долгуваниот износ на друштвото на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија од страна на Владата на Република Северна Македонија, а за уплатениот износ Владата го презема побарувањето спрема друштвото и истото го претвора во траен влог, за што добива соодветен број на акции од новата емисија.

Сите државни органи и институции чии побарувања се претвораат во траен влог во друштвото, своите побарувања ги пренесуваат на Владата на Република Северна Македонија, без надоместок. За пренесувањето на побарувањата се склучуваат договори.

Член 6

По уписот на зголемената основна главнина на друштвото во трговскиот регистар и запишувањето на Република Северна Македонија како сопственик на акциите во Централниот депозитар на хартии од вредност, престанува паричната обврска на друштвото по основ на главен долг и камата, согласно со членот 2 од овој закон.

Член 7

Во постапување по овој закон соодветно се применуваат одредбите од Законот за хартии од вредност и Законот за трговските друштва со исклучок на одредбите од членот 322 ставови 3 и 4 од Законот за трговските друштва, доколку со овој закон поинаку не е определено.

Претворањето на побарувањата на Република Северна Македонија во траен влог во друштвото заради приватизација на државниот капитал не може да биде на штета на побарувањата на трети лица по било која основа.

Член 8

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.