Закон за правосудниот испит

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој закон се уредуваат условите и постапката за полагање на правосудниот испит (во натамошниот текст: испитот).

Член 2

Испитот се полага заради проверка на стручната оспособеност на лицата кои имаат завршено четиригодишно високо образование на правни студии VII/1, како и лицата кои студирале правни студии според Болоњската декларација и имаат 300 кредити според европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС) (во натамошниот текст: дипломираните правници) за самостојна примена на прописите во практиката и вршење на правни работи за кои со закон е предвиден тој услов.

Член 3

Судовите, јавните обвинителства, адвокатите, нотарите, извршителите, Државното правобранителство на Република Северна Македонија и Народниот правобранител на Република Северна Македонија можат да примаат на практика дипломирани правници, ако практиката им е потребна за стручно оспособување и за стекнување на услови за полагање на испитот.

II. УСЛОВИ И НАЧИН НА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ИСПИТОТ

Член 4

(1) Испитот можат да го полагаат дипломирани правници кои работеле најмалку една година на правни работи во суд, јавно обвинителство, Државно правобранителство на Република Северна Македонија, кај Народен правобранител на Република Северна Македонија, адвокат, нотар или извршител.

(2) Испитот можат да го полагаат и дипломирани правници кои работеле најмалку две години на правни работи во други државни органи, органи на единиците на локалната самоуправа, трговски друштва и други правни лица.

(3) Времето поминато на практика заради стручно оспособување во суд, јавно обвинителство, Државно правобранителство на Република Северна Македонија, кај Народен правобранител на Република Северна Македонија, адвокат, нотар или извршител, во согласност со закон, се смета како време поминато на работа во тие органи.

(4) Кандидатите треба да ги исполнат условите од ставовите (1) или (2) на овој член најдоцна до петтиот ден од месецот во кој се спроведува сесијата.

(5) Предвремено полагање на испитот е забрането.

Член 5

(1) Испитот се состои од писмен и устен дел.

(2) Писмениот дел се полага по предметите Кривично и Граѓанско право.

(3) Усниот дел се полага по предметите:
– Кривично право (кривично материјално и процесно право),
– Граѓанско право (граѓанско материјално и процесно право),
– Трговско право,
– Трудово право,
– Уставно уредување на Република Северна Македонија и Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи,
– организација на правосуден систем и управно право и
– судир на закони и меѓународна правна помош.

(4) Програмата за полагање на испитот ја пропишува министерот за правда и истата се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

(5) Програмата од ставот (4) на овој член ги содржи прописите, правната литература и испитните прашања.

(6) Програмата од ставот (4) на овој член ја изготвува комисија формирана од министерот за правда.

Член 6

(1) Испитот се полага пред испитна комисија (во натамошниот текст: Комисијата) која се состои од претседател и шест члена и нивни заменици.

(2) Претседателот, членовите на Комисија и нивните заменици ги именува министерот за правда од редот на професорите по право од акредитираните правни факултети во државата, судиите, јавните обвинители и адвокати, со решение со кое се определени предметите по кои тие испитуваат.

(3) Мандатот на претседателот и членовите на Комисијата е две години со право на уште еден избор по истек на најмалку пет години од претходниот мандат.

(4) Мандатот на заменикот на претседателот и замениците на членовите на Комисијата е две години со право на уште еден избор.

Член 7

(1) Стручните и административните работи за потребите на спроведување на испитот ги врши Министерството за правда, за што министерот за правда определува одговорно лице – секретар на Комисијата.

(2) Министерот за правда формира Комисија за утврдување на исполнетост на условите за полагање на испитот составена од тројца вработени во Министерството за правда која утврдува дали кандидатот ги исполнува условите за полагање на испитот.

(3) Претседател на Комисија за утврдување на исполнетост на условите за полагање на испитот е секретарот на Комисијата од ставот (1) на овој член.

Член 8

Испитот се полага во февруарска, априлска, јунска, октомвриска и декемвриска испитна сесија.

Член 9

(1) Барањето за полагање на испитот кандидатот го поднесува до Министерството за правда.

(2) Кон барањето за полагање на испитот кандидатот е должен да поднесе докази за исполнување на условите за полагање на испитот, утврдени со овој закон.

Член 10

(1) Kандидатот е должен да го пријави учеството на испитна сесија од 1 до 15 ден во месецот кој претходи на месецот во кој се одржува испитната сесија (јануари, март, мај, септември и ноември).

(2) На кандидатот мора да му се овозможи да започне да го полага испитот во првата наредна сесија од денот на одобреното барање за полагање на испитот.

(3) Кандидатите се информираат за датумот, времето и местото на полагањето на испитот најмалку десет дена пред одржувањето на испитот преку веб страницата на Министерството за правда.

Член 11

(1) Комисијата за утврдување на исполнетост на условите за полагање на испитот во рок од пет дена од денот на завршување на пријавувањето изготвува записник кој содржи список на лица кои исполнуваат и не исполнуваат условите за полагање на испитот.

(2) Доколку кандидатот не ги исполнува условите за полагање на испитот, секретарот на Комисијата од членот 7 став (1) од овој закон, врз основа на записник од Комисијата за утврдување на исполнетост на условите за полагање на испитот, во рок од 15 дена од денот на поднесување на барањето, со решение одлучува за одбивање на барањето за полагање на испитот.

(3) Против решението со кое е одбиено барањето за полагање на испитот од ставот (2) на овој член, може да се поведе управен спор пред надлежен суд во рок од 30 дена од денот на приемот на решението.

Член 12

(1) Ако предметот е составен од писмен и устен дел, кандидатот мора прво да го положи писмениот дел за да пристапи кон полагање на усниот дел.

(2) На писмениот дел од испитот кандидатот решава определен случај од практиката (архивиран судски предмет) со примена на прописи од соодветната област.

(3) Времето за решавање на случајот од практиката, одделно за секој предмет, изнесува по четири часа непрекинато.

(4) На писмениот дел од испитот задолжително присуствува членот на Комисијата или неговиот заменик кој го испитуваат конкретниот предмет и секретарот на Комисијата.

(5) Резултатите од писмениот дел се објавуваат на веб страницата на Министерството за правда најдоцна во рок од пет дена од денот на полагањето на испитот.

Член 13

(1) Пред почетокот на полагањето на испитот, секретарот на Комисијата го утврдува идентитетот на кандидатот со увид во документ за лична идентификација.

(2) При полагање на писмениот дел од испитот кандидатот може да се служи само со закони и други прописи во кои не се содржани објаснувања, коментари и слично и не може да се користат мобилни телефони, преносни компјутерски уреди и други технички и информатички средства.

(3) На кандидатот за време на полагањето на испитот не му се дозволува да контактира со другите кандидати.

(4) Доколку кандидатот при полагањето на испитот постапува спротивно на ставовите (2) и (3) на овој член, нема да му се дозволи натамошно полагање на испитот во таа испитна сесија и му се изрекува забрана за полагање на испитот во траење од една година, за што министерот за правда донесува решение.

(5) Против решението од ставот (4) на овој член може да се поведе управен спор пред надлежен суд во рок од 30 дена од денот на приемот на решението.

(6) Во случаите од ставот (4) на овој член се смета дека кандидатот не го положил испитот и истото се констатира во записникот за полагање на испитот.

(7) Во случаите од ставот (4) на овој член, забраната се внесува во личното досие на кандидатот и евиденцијата на Министерството за правда.

Член 14

(1) Усниот дел од испитот се спроведува најдоцна во рок од 14 дена од денот на завршувањето на последниот писмен испит.

(2) Усниот дел од испитот е јавен и се спроведува пред најмалку тројца членови на Комисијата од кои еден е испитувачот по конкретниот предмет.

(3) На усниот испит по секој предмет кандидатот одговара на три прашања кои ги влече од претходно подготвените прашања. Секое ливче содржи само едно прашање. Испитувачот и присутните членови на Комисијата можат на кандидатот да му поставуваат дополнителни прашања заради оценка на неговото вкупно знаење од определена област.

(4) По завршување на испитниот ден, членовите на Комисијата кои го спроведувале испитот со мнозинство гласови одлучуваат дали кандидатот го положил или не го положил предметот.

(5) Ако предметот се состои од писмен и од устен дел, се смета дека е положен доколку се положени и двата дела од предметот.

(6) Начинот на полагање на испитот го пропишува министерот за правда.

Член 15

(1) Претседателот на комисијата врз основа на записник потпишан од сите членови на Комисијата кои го спроведувале испитот, најдоцна во рок од пет дена од денот на завршување на испитот по сите предмети, јавно објавува дали кандидатот го положил испитот или не го положил, врз основа на вкупните резултати по секој одделен предмет.

(2) Министерството за правда на кандидатот кој го положил испитот му издава уверение за положен правосуден испит во рок од 30 дена од денот на објавување на резултатите од ставот (1) на овој член.

(3) Формата и содржината на уверението од ставот (2) на овој член ги пропишува министерот за правда.

Член 16

(1) Кандидадот пријавува полагање на сите или одреден број на предмети по негов избор во една испитна сесија.

(2) Испитот се смета дека е положен доколку во рок од една година почнувајќи од првата испитна сесија кандидатот ги положи сите испити.

(3) Кандидатот кој нема да положи одреден предмет, може да се јави на поправен испит во следна сесија во рокот од ставот (2) на овој член.

(4) Ако кандидатот не го положил испитот кој се состои од писмен и устен дел, поправниот испит по тој предмет го полага писмено и усно.

(5) Доколку кандидатот не ги положи сите предмети во рокот од ставот (2) на овој член, се смета дека не го положил испитот и може одново да го полага испитот во целост.

Член 17

(1) Кандидатот кој нема да дојде во определениот ден на полагање на испитот или пред почетокот на испитот изјави дека се откажува од полагањето, се смета дека испитот не го полагал.

(2) Ако кандидатот го започнал полагањето, доделен му е случај од практиката или ги извлекол прашањата, без оправдани причини (болест, несреќа, смртен случај во семејството и слично) се откажал од испитот, се смета дека не го положил предметот.

Член 18

(1) Ако во текот на полагањето на испитот настанат оправдани причини (болест, несреќа, смртен случај во семејството и слично) поради кои кандидатот не може да го продолжи полагањето на истиот, испитот ќе се прекине за определено време, кое не може да биде подолго од шест месеци.

(2) Времето на прекинување на испитот не се засметува во рокот од членот 16 став (2) од овој закон.

(3) За прекинување на испитот и одлуката за оправданост на причините за прекинување на испитот од ставот (1) на овој член, одлучува Комисијата со мнозинство гласови од сите членови врз основа на писмено барање на кандидатот.

(4) Кандидатот со барање до Комисијата во рок од осум дена од денот на престанок на причините за одлагање на испитот, но најдоцна во рок од шест месеци, може да побара продолжување на полагањето за што одлучува Комисијата.

(5) Ако кандидатот во рокот од ставот (4) на овој член не поднесе барање за продолжување на полагањето ќе се смета дека не го положил испитот.

(6) Против одлуката на Комисијата од ставот (4) на овој член, кандидатот има право на приговор до министерот за правда во рок од осум дена од денот на приемот на одлуката.

(7) Во продолжувањето на испитот, кандидатот не го полага оној дел од испитот што го полагал до одлагањето.

Член 19

(1) Секретарот на Комисијата е должен да води записник за текот на полагањето на секој предмет за секој кандидат во кој задолжително се внесуваат податоци за: име и презиме на кандидатот, единствен матичен број на граѓанинот, состав на Комисијата, присутни членови на Комисијата за полагањето по предметот, датум, времето и местото на полагање на предметот, испитни прашања кои кандидатот ги извлекол, дополнителни прашања кои му биле поставени на кандидатот и од кој член на Комисијата, одлуката на Комисијата дали кандидатот го положил или не го положил испитот и други поважни забелешки за текот на испитот.

(2) Министерството за правда води евиденција за полагањето на испитот која се чува трајно.

(3) Формата, содржината и начинот на водењето на евиденцијата за полагање на испитот ги пропишува министерот за правда.

III. ТРОШОЦИ ЗА ПОЛАГАЊЕ, ПРАВО НА НАДОМЕСТОК И НАДЗОР

Член 20

(1) Министерството за правда ги утврдува трошоците за полагање на испитот кои ги опфаќаат реалните трошоци за спроведување на испитот (ангажирање на сала за полагање, подготвување на материјали за полагање, надоместок за членовите на Комисијата, печатење и издавање на уверенија и слично).

(2) Трошоците за полагање на испитот и поправниот испит ги сноси кандидатот доколку институцијата каде што е вработен не ги плати.

(3) Претседателот, членовите и секретарот на Комисијата и членовите на Комисијата за утврдување на исполнетост на условите за полагање на испитот имаат право на надоместок за својата работа, чијашто висина ја определува министерот за правда како процент од реално направените трошоци за полагање на испитот.

(4) Право на надоместок за работата во Комисијата има и заменикот на членот кој учествува во спроведувањето на испитот на местото на членот.

(5) Трошоците за полагање на испитот се уплатуваат на сметката на сопствени приходи на Министерството за правда.

(6) Ако трошоците не се уплатени на соодветната сметка на Министерството за правда најдоцна 15 дена пред денот определен за почеток на испитната сесија, на кандидатот нема да му се дозволи полагање на испитот.

(7) Ако кандидатот во рок од една година од денот на уплатата на средствата не го полага испитот, уплатените средства се враќаат согласно со закон.

(8) Исплатата на паричниот надоместок од ставовите (3) и (4) на овој член се врши од сметката на сопствени приходи на Министерството за правда од уплатите на средствата од кандидатите кои полагаат испит.

Член 21

Членовите на комисијата од членот 5 став (6) од овој закон за извршената работа имаат право на еднократен надоместок од една просечна месечна нето-плата исплатена во Републиката во последните три месеци.

Член 22

Надзор врз спроведувањето на одредбите од овој закон врши Министерството за правда.

Член 23

(1) Глоба во износ од 100 до 200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на кандидатот кој постапува спротивно на членот 13 ставови (2) и (3) од овој закон.

(2) За прекршоците утврдени со овој закон прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува надлежен суд.

IV. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 24

Правосудниот испит кој е положен според прописите кои важеле до денот на влегувањето во сила на овој закон е изедначен со испитот во смисла на овој закон.

Член 25

Подзаконските акти предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од два месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 26

(1) Од 1 јануари 2020 година престанува да важи Законот за правосудниот испит („Службен весник на Република Македонија“ број 137/13 и 153/15).

(2) Испитите кои до денот на започнување на примена на овој закон се започнати, ќе завршат согласно со Законот за правосудниот испит („Службен весник на Република Македонија“ број 137/13 и 153/15).

(3) Испитите кои биле пријавени до денот на започнување на примена на овој закон, а чие полагање не започнало, ќе се спроведат согласно со одредбите од овој закон.

Член 27

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе започне да се применува од 1 јануари 2020 година.