Закон за правата на претседателот на Република Македонија и неговото семејство по престанување на функцијата

I. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој закон се уредуваат правата на претседателот на Република Македонија и на неговото семејство по престанување на функцијата.

Под семејство, во смисла на овој закон, се подразбираат брачниот другар на претседателот и неговите деца.

Член 2

Претседателот на Република Македонија стекнува права утврдени со овој закон по престанокот на мандатот за кој е избран.

Претседателот на Република Македонија стекнува права утврдени со овој закон и поради трајна спреченост да ја извршува функцијата за времетраење на мандатот.

Семејството на претседателот на Република Македонија стекнува права утврдени со овој закон во случај на смрт на претседателот.

II. ПРАВА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ПО ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ФУНКЦИЈАТА

Член 3

Претседателот на Република Македонија по престанување на функцијата согласно со членот 2 ставови 1 и 2 од овој закон има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на Република Македонија.

Член 4

Претседателот на Република Македонија на кого му престанала функцијата согласно со членот 2 став 1 од овој закон има право на канцелариски простор и најмногу до три стручни лица.

Стручните лица од ставот 1 на овој член правата од работниот однос ги остваруваат во кабинетот на претседателот на Република Македонија, а се именуваат на предлог на претседателот на кого му престанала функцијата.

Член 5

Претседателот на Република Македонија на кого му престанала функцијата согласно со членот 2 став 1 од овој закон има право на лично обезбедување, како и право на користење на службено возило и возач согласно со прописите што ги донесува министерот за внатрешни работи.

Член 6

Претседателот на Република Македонија на кого му престанала функцијата согласно со членот 2 став 1 од овој закон учествува на државни свечености и манифестации редоследно по претседателот на Република Македонија, претседателот на Собранието на Република Македонија, претседателот на Владата на Република Македонија и претседателот на Уставниот суд на Република Македонија.

Член 7

На претседателот на Република Македонија на кого му престанала функцијата може по негово барање да му мируваат правата утврдени со овој закон.

Член 8

Во случај на смрт, претседателот на Република Македонија на кого му престанала функцијата се погребува на државен трошок и со државни почести, доколку не искажал поинаква волја.

Член 9

Финансиските и административно-техничките работи за потребите на претседателот на Република Македонија на кого му престанала функцијата согласно со членот 2 став 1 од овој закон ги врши надлежната служба на Владата на Република Македонија.

Член 10

Претседателот на Република Македонија на кого му престанала функцијата согласно со членот 2 став 1 од овој закон има право на материјални трошоци за потребите при остварувањето на неговите активности.

Средствата од ставот 1 на овој член се обезбедуваат во Буџетот на Република Македонија во висина до 8% од средствата утврдени во Буџетот за претседателот на Република Македонија.

III. ПРАВА НА СЕМЕЈСТВОТО НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕПУБЛИКА  МАКЕДОНИЈА ПО ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ФУНКЦИЈАТА

Член 11

Во случај на смрт на претседателот на Република Македонија по престанокот на мандатот, пензијата од членот 3 на овој закон намалена за 30% ја користат неговиот брачен другар и неговите малолетни деца до завршување на редовното школување, односно до наполнети 26 години возраст.

Член 12

Во случај на смрт на претседателот на Република Македонија за времетраење на мандатот, семејството на претседателот има право на месечен паричен надоместок.

Висината на надоместокот од ставот 1 на овој член е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на Република Македонија.

Брачниот другар правото од ставот 1 на овој член го користи трајно.

Ако починатиот претседател во моментот на настапувањето на смртта имал само малолетни деца, правото од ставот 1 на овој член неговите малолетни деца го користат до завршувањето на редовното школување, односно до наполнети 26 години возраст.

Член 13

Во случај на смрт на претседателот на Република Македонија за времетраење на мандатот, неговите деца имаат право на стипендија за школување во земјата или странство до наполнети 26 години возраст како и на други трошоци поврзани со школувањето (такси за пријавување, сместување, исхрана, патни трошоци и здравствено осигурување).

За остварување на правото од ставот 1 на овој член Владата на Република Македонија донесува одлука врз основа на претходно поднесено барање за потребните финансиски средства за школување.

Член 14

Во случај на смрт на претседателот на Република Македонија за времетраење на мандатот, семејството на претседателот има право на исплата на еднократен паричен надоместок по основ на нематеријална штета чија висина ја утврдува Владата на Република Македонија.

Член 15

Во случај на смрт на претседателот на Република Македонија за времетраење на мандатот, семејството има право на сопственост на градежно неизградено земјиште за изградба на семејна куќа со регулиран надоместок за уредување на градежно земјиште и на надоместок на трошоците за изградба на семејна куќа или право на сопственост на стан.

Средствата за изградба на семејна куќа или за купување на стан од ставот 1 на овој член се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

За изградба на семејна куќа или за купување на стан од ставот 1 на овој член се обезбедуваат средства до 300 м 2 простор по цена за м 2 на таа градежна зона, според пазарната вредност.

Ако семејството го користи правото на сопственост на градежно неизградено земјиште од ставот 1 на овој член, до создавање на услови за живеење во семејната куќа, семејството може да користи сместување во недвижност во сопственост на Република Македонија или изнајмена недвижност без надоместок за користење и за тековно одржување на недвижноста, но најдолго за период од четири години од денот на предавањето на земјиштето од ставот 1 на овој член во сопственост на семејството.

Средствата за надоместоците од ставот 4 на овој член се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

За начинот на остварување на правата утврдени во ставовите 1 и 4 на овој член, Владата на Република Македонија донесува одлука.

Член 16

Во случај на смрт на претседателот на Република Македонија за времетраење на мандатот, семејството на претседателот може да користи и други права како што се:
– лично обезбедување, користење на службено возило и возач;
– службени простории по потреба при прием на домашни и странски делегации и
– финансиски средства и службена придружба при патувања на член на семејството по повод официјална покана за присуство на манифестација надвор од земјата.

За начинот на остварување на правата од ставот 1 алинеите 1 и 2 на овој член, Владата на Република Македонија донесува одлука.

За остварувањето на правата од ставот 1 алинеја 3 на овој член, решение донесува Министерството за финансии.

Член 17

Во случај на смрт на претседателот на Република Македонија за времетраење на мандатот, правата на семејството на претседателот не го опфаќа и правото утврдено во членот 11 од овој закон.

IV. ФИНАНСИСКИ СРЕДСТВА

Член 18

Средствата потребни за остварување на правата утврдени со овој закон се обезбедуваат со Буџетот на Република Македонија.

V. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 19

Правата утврдени со членовите 12, 13, 14, 15 и 16 на овој закон им припаѓаат и на семејството на претседателот на Република Македонија на кој му престанала функцијата претседател пред денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 20

Претседателот на Република Македонија кој по престанокот на функцијата претседател на Република Македонија со истекот на мандатот за кој бил избран и стекнал права согласно со Законот за правата на претседателот на Република Македонија по престанување на функцијата, продолжува да ги остварува правата утврдени со овој закон.

Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за правата на претседателот на Република Македонија по престанување на функцијата (“Службен весник на Република Македонија” бр. 79/99).

Член 21

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.