Закон за поштенските услуги

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Предмет на Законот

Со овој закон се уредуваат условите, начинот и постапките за обезбедување на поштенските услуги во внатрешниот и меѓународниот поштенски сообраќај, правата и обврските на давателите и корисниците на поштенските услуги, се утврдува правната положба, надлежностите, организацијата и работењето на Агенцијата за пошти и се уредуваат други прашања во врска со поштенската дејност.

Член 2

Примена и цели на Законот

(1) Одредбите на овој закон се применуваат на сите даватели на поштенски услуги во внатрешниот и меѓународниот поштенски сообраќај.

(2) На постапките што се утврдени со овој закон се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка, доколку со овој закон поинаку не е уредено.

(3) Целите на овој закон се:
– обезбедување на поштенски услуги,
– обезбедување на универзална услуга на целата територија на Република Македонија,
– утврдување на начин на финансирање на универзална услуга за нејзино постојано обезбедување,
– утврдување на стандарди за квалитет за обезбедување на универзална услуга и утврдување на систем за примена на овие стандарди,
– заштита на интересите на корисниците на поштенските услуги,
– овозможување конкуренција во областа на поштенските услуги според објективни,транспарентни и недискриминаторни услови, на постепен и контролиран начин со цел да се обезбеди обезбедувањето на универзалната услуга,
– развој на поштенската инфраструктура на целата територија на Република Македонија за поквалитетно обезбедување на поштенските услуги,
– формирање на цените за поштенските услуги на објективни, транспарентни и недискриминаторни принципи и
– функционирање на поштенските услуги во интерес на Република Македонија.

Член 3

Јавен интерес

Обезбедувањето на универзалната услуга и издавањето на поштенските марки и поштенските вредносници, како и изградбата, одржувањето, развојот и работата на поштенската мрежа и придружната инфраструктура се работи од јавен интерес.

Член 4

Дефиниции

Одделни поими употребени во овој закон го имаат следново значење:
– поштенска пратка е пратка адресирана со полна адреса која треба да се пренесе од страна на давател на поштенски услуги. Во поштенски пратки спаѓаат пратки за кореспонденција, пратки за слепи лица, директна пошта, книги, каталози, весници, периодични списанија и пакети кои содржат стока со или без означена вредност,
– пратка за кореспонденција е комуникација во писмена форма на каков било физички медиум која треба да се пренесе и достави на адресата означена од испраќачот на самата пратка или на нејзината обвивка, од страна на давател на поштенски услуги. Книги, каталози, весници, периодични списанија и пакети не се сметаат за пратки за кореспонденција,
– директна пошта е комуникација која се состои само од рекламен, маркетиншки или пропаганден материјал со идентична порака која се испраќа на поголем број лица и се доставува на адресата што ја означил испраќачот на самата пратка или на нејзината обвивка. Сметките, фактурите и финансиските извештаи не се сметаат за директна пошта. Комуникација која содржи комбинација од рекламен материјал и други пратки во иста обвивка не се смета како директна пошта,
– пакет е поштенска пратка со определена големина и тежина која содржи стока со или без означена вредност,
– препорачана пратка е услуга со која паушално се гарантира против ризици од губење, ограбување или оштетување на пратката со која на испраќачот, на негово барање, му се обезбедува доказ за достава на пратката на примачот,
– пратка со oзначена вредност е услуга со која се осигурува поштенската пратка до вредноста која ја означил испраќачот во случај на губење, ограбување или оштетување на пратката,
– поштенски услуги се услуги кои вклучуваат прием, пренос, сортирање и дистрибуција на поштенски пратки во внатрешен и меѓународен поштенски сообраќај,
– универзална услуга е пакет од определени поштенски услуги кои постојано се обезбедуваат на целата територија на Република Македонија, со определен квалитет и по пристапни цени за корисниците на услугата,
– пристап до поштенска мрежа е достапност до капацитети, средства, простории и/или услуги на кој било давател на поштенски услуги под определени услови, заради обезбедување на поштенски услуги,
– резервирани поштенски услуги се прием, сортирање, пренос и дистрибуција на пратки за кореспонденција во внатрешниот поштенски сообраќај и на пратки за кореспонденција кои пристигнуваат во Република Македонија од меѓународен поштенски сообраќај, со тежина до 50 гр. Во резервирани поштенски услуга спаѓа и директната пошта во рамките на истото ограничување за тежина,
– независно регулаторно тело е правно лице со јавни овластувања кое врши функции на регулирање на пазарот на поштенските услуги,
– давател на поштенски услуги е домашно или странско правно или физичко лице кое обезбедува поштенски услуги согласно со овој закон,
– давател на универзална услуга е давател на поштенски услуги кој обезбедува универзална услуга на територијата на Република Македонија во согласност со овој закон,
– индивидуална дозвола е акт кој го издава Агенцијата за пошти на давател на поштенски услуги со кој се утврдуваат права и обврски за обезбедување на универзалната услуга, дополнета со правата и обврските од општото овластување,
– општо овластување е акт со кој Агенцијата за пошти на давател на поштенски услуги му дава право за обезбедување на поштенски услуги согласно со поднесената нотификација,
– поштенска мрежа е систем на организација и средства кои се употребуваат од давателот на универзалната услуга за:
• прием на поштенски пратки од давателот на универзалната услуга од точките за пристап на целата територија,
• ракување и пренесување на поштенски пратки од точките за пристап до дистрибутивниот центар и
• дистрибуција до адресата назначена на пратката,
– точки за пристап се сите видови на физички објекти на давателот на универзална услуга, вклучувајќи ги и поштенските сандачиња поставени на јавни места или во просториите на давателот на универзалната услуга, каде што поштенските пратки можат да бидат предадени од корисниците,
– корисник на поштенски услуги е правно и физичко лице кое како испраќач или примач користи поштенски услуги,
– испраќач е правно или физичко лице кое испраќа поштенски пратки,
– примач е правно или физичко лице до кое се адресирани поштенските пратки,
– прием на поштенски пратки е постапка на преземање на поштенски пратки од страна на давател на поштенски услуги,
– дистрибуција е процес кој се состои од сортирање во дистрибутивниот центар до достава на поштенски пратки на примачот,
– овластено лице за вршење надзор е лице вработено во Агенцијата за пошти со посебни овластувања и одговорности утврдени со овој и друг закон кое врши надзор и
– субјект на надзор е правно или физичко лице кое врши поштенски услуги над кое се врши надзор.

II. НАДЛЕЖНОСТ ВО ОБЛАСТА НА ПОШТЕНСКИTE УСЛУГИ

Член 5

Надлежни органи

За вршење на работите од областа на поштенските услуги утврдени со овој закон, надлежни се:
– органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на поштенските услуги (во натамошниот текст: органот на државната управа) и
– Агенцијата за пошти (во натамошниот текст: Агенцијата).

Член 6

Надлежности на органот на државната управа

Органот на државната управа:
– ја реализира политиката на Владата на Република Македонија во областа на поштенските услуги,
– ја изготвува законската регулатива од областа на поштенската дејност во соработка со Агенцијата,
– ја подготвува Стратегијата за развој на поштенските услуги и ја доставува на усвојување до Собранието на Република Македонија,
– го промовира развојот на конкуренцијата и либерализацијата во областа на поштенските услуги,
– ги координира и усогласува работите од областа на поштенските услуги,
– ги спроведува уредбите со законска сила за вршење на дејноста од областа на поштенските услуги во услови на воена и вонредна состојба,
– соработува со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на одбраната и органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на внатрешните работи во врска со прашања од областа на поштенските услуги што се однесуваат на одбраната и безбедноста,
– ја претставува Република Македонија во меѓународните организации во областа на поштенските услуги и поштенскиот сообраќај, преговара и потпишува билатерални и меѓународни договори во областа на поштенските услуги и поштенскиот сообраќај во име на Владата на Република Македонија и
– врши и други работи утврдени со овој закон.

Член 7

Независно регулаторно тело

(1) Независно регулаторно тело во областа на поштенските услуги е Агенцијата.

(2) Собранието на Република Македонија е основач на Агенцијата. Имотот и средствата за работа на Агенцијата се сопственост на Република Македонија, а ги користи и со нив управува Агенцијата.

(3) Агенцијата се основа како самостојно и непрофитно правно лице, кое врши јавни овластувања утврдени со овој закон.

(4) Агенцијата во својата работа и при донесување на одлуки во рамките на своите овластувања е независна од друг државен орган или друго јавно правно лице или трговско друштво што врши дејност од областа на поштенските услуги и е непристрасна кон нив.

(5) Работата на Агенцијата е јавна.

(6) Агенцијата стекнува статус на правно лице со запишување во Централниот регистар на Република Македонија.

(7) Седиштето на Агенцијата е во Скопје.

(8) Со цел за извршување на определени активности во рамките на своите надлежности, Агенцијата може да ангажира други домашни и странски правни и физички лица имајќи го предвид конфликтот на интереси.

Член 8

Делокруг на работа на Агенцијата

(1) Агенцијата извршува работи утврдени со овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон, како и врз основа на Стратегијата за развој на поштенските услуги во Република Македонија, како и меѓународните договори од областа на поштенските услуги што ги склучила или на кои им пристапила Република Македонија.

(2) Агенцијата обезбедува почитување на обврските кои произлегуваат од Директивите на Европската унија и Актите на Светскиот поштенски сојуз.

(3) Агенцијата при извршување на работите од својот делокруг обезбедува:
– услови за постојано, редовно и непречено обезбедување на универзална услуга,
– овозможување еднаков пристап до универзалната услуга за корисниците во однос на избор, цена и квалитет,
– потикнување пристап до поштенската мрежа,
– промовирање и заштита на конкуренција во областа на поштенските услуги и
– отворање на пазарот со цел за создавање единствен пазар на поштенски услуги.

Член 9

Надлежности на Агенцијата

За остварување на работите од членот 8 на овој закон, Агенцијата е надлежна да:
– донесува и спроведува подзаконски акти врз основа на овој закон,
– го осигури обезбедувањето на универзална услуга,
– обезбедува услови за пристап на корисниците до универзалната услуга,
– спроведува постапка за определување на давател на универзална услуга,
– донесува одлука за определување на давател на универзална услуга,
– издава општо овластување за обезбедување на поштенски услуги по поднесена нотификација,
– овозможи и обезбеди услови за подеднаков пристап до поштенската мрежа,
– го следи обезбедувањето на универзалната услуга,
– формира компензациски фонд и да управува со средствата од компензацискиот фонд,
– ги одобрува и врши контрола на трошоците за обезбедување на универзална услуга,
– го следи работењето на давателите на поштенските услуги во согласност со овој закон и прописите донесени врз основа на него,
– го следи развојот на пазарот на поштенските услуги и ја промовира конкуренцијата на пазарот на поштенски услуги,
– врши надзор и контрола на работењето на давателите на поштенските услуги и презема мерки согласно со закон против давателите на поштенските услуги кои не ги спроведуваат одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон,
– води управни постапки и донесува одлуки во управна постапка согласно со одредбите од овој закон и Законот за општата управна постапка,
– води постапки за решавање на спор меѓу давателите на поштенски услуги и нивните корисници, меѓу давател на универзална услуга и другите даватели на поштенски услуги,
– бара податоци и информации од давателите на поштенски услуги,
– воспоставува, одржува и ажурира електронска база на податоци,
– дава мислење и учествува при подготвувањето на закони, прописи и други акти што се однесуваат на поштенските услуги, како и при склучувањето, односно пристапувањето на Република Македонија кон меѓународни договори од областа на поштенските услуги и да го обезбедува нивното спроведување,
– соработува со други државни органи и институции,
– ја врши својата работа транспарентно и на недискриминаторски начин, овозможувајќи им на заинтересираните страни да дадат забелешки и коментари во врска со иницијативите, мерките и одлуките на Агенцијата,
– обезбеди информации за корисниците и давателите на поштенски услуги и меѓународните организации и тела,
– спроведува примена на националните и меѓународните стандарди и технички прописи во областа на поштенските услуги,
– учествува во работата на меѓународни организации и здруженија на национални регулаторни тела во областа на поштенските услуги и
– врши и други работи во согласност со овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Член 10
Статут и други акти на Агенцијата и начин на нивно објавување

(1) Организацијата и работењето на Агенцијата поблиску се уредува со Статутот на Агенцијата.

(2) Статутот на Агенцијата особено содржи одредби за:
– место, заштитен знак и седиште на Агенцијата,
– изработка и употреба на печати на Агенцијата,
– застапување на Агенцијата,
– начин на именување и разрешување на директорот на Агенцијата,
– начин за донесување на општи и подзаконски акти на Агенцијата,
– обврска за вработените во однос на чување на доверливост на податоците и
– други одредби од значење за работењето на Агенцијата.

(3) Статутот на Агенцијата е јавно достапен и се објавува на веб страницата на Агенцијата.

(4) Агенцијата донесува општи акти и подзаконски акти за работите од својата надлежност, годишен извештај за работата на Агенцијата за претходната година и годишна програма за работа на Агенцијата за наредната година.

(5) Агенцијата одлучува за работите од својата надлежност со донесување на одлуки, решенија, препораки и заклучоци.

(6) Подзаконските акти на Агенцијата се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија“ и на веб страницата на Агенцијата.

(7) Општите акти, годишниот извештај за работата на Агенцијата за претходната година, годишната програма за работа на Агенцијата за наредната година, одлуките и решенијата, како и препораките на Агенцијата се објавуваат на веб страницата на Агенцијата

Член 11

Влијание на јавноста

(1) Државните органи и Агенцијата имаат обврска при одредувањето на мерките кои се однесуваат на пазарот за поштенските услуги и пред донесување на одлуки од општа примена кои значително влијаат врз пазарот, како и при донесување на прописите да го земат предвид и мислењето на заинтересираните страни.

(2) Агенцијата ги објавува предлозите на прописите и ги повикува сите заинтересирани страни да дадат свои предлози на сугестии во период кој не смее да биде пократок од 15 дена од денот на објавувањето на предлозите на прописите.

(3) Агенцијата може да одржи јавна расправа за предложениот пропис, на која можат да бидат поканети претставници на сите заинтересирани страни за да ги презентираат своите гледишта и ставови за предложениот предмет на расправа.

(4) По истекот на рокот од ставот (2) на овој член, а пред донесувањето на прописот, Агенцијата има обврска јавно да ги објави доставените мислења и коментари, при што доверливите информации и податоци не се објавуваат.

Член 12

Одговорност за работата на Агенцијата

(1) Агенцијата за својата работа одговара пред Собранието на Република Македонија.

(2) Агенцијата за својата работа е должна до Собранието на Република Македонија да достави годишен извештај за работата за претходната година и годишна програма за работа за наредната година.

(3) Годишниот извештај за работата за претходната година се доставува до Собранието на Република Македонија до 31 март во тековната година и истиот особено содржи:
– извештај за извршени активности на Агенцијата во претходната година,
– извештај за состојбата на пазарот на поштенските услуги во Република Македонија во претходната година,
– извештај за состојбата на средствата во компензациски фонд за универзална услуга по неговото формирање,
– извештај за извршување на финансискиот план на Агенцијата за претходната година и финансиски извештај за претходната година (годишна сметка) и
– ревизорски извештај изработен од надворешен и независен ревизор.

(4) Годишната програма за работа на Агенцијата за наредната година се доставува до Собранието на Република Македонија до 30 ноември во тековната година, а Собранието на Република Македонија ја одобрува најдоцна до 31 декември истата година. Годишната програма за работа содржи:
– програма за работа за наредната година,
– финансиски план за нaредната година и
– одлука за вредноста на поенот од членот 28 став (6) на овој закон.

(5) Годишниот извештај и годишната програма за работа на Агенцијата од ставовите (3) и (4) на овој член јавно се достапни и истите се објавуваат на веб страницата на Агенцијата.

Член 13

Органи на Агенцијата

Органи на Агенцијата се комисија и директор.

Член 14

Комисија

(1) Комисијата се состои од пет члена кои ги именува и разрешува Собранието на Република Макдонија на предлог на Комисијата за прашања за изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија.

(2) Комисијата од редот на своите членови избира и разрешува претседател и заменик на претседателот на Комисијата на начин и по постапка утврдени во Деловникот за работа на Комисијата.

(3) За членови на Комисијата можат да бидат именувани лица кои се државјани на Република Македонија и имаат завршено високо образование од областа на техничките науки, поштенскиот сообраќај, правото или економијата, со работно искуство над пет години и со посебни знаења од областа на поштенскиот сообраќај.

(4) Членовите на Комисијата се именуваат со мандат од пет години.

(5) Членовите на Комисијата не можат да бидат именувани повеќе од два последователни мандати.

(6) Членовите на Комисијата се именуваат не подоцна од 30 дена пред истекот на мандатот на нивните претходници. Претседателот е должен да ја извести Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија за истекот на мандатот на членовите на Комисијата не подоцна од 60 дена пред истекот на истиот.

(7) Ако постапката за именување не е завршена пред истекот на мандатот на Комисијата, членовите на Комисијата чии мандати се истечени, ќе продолжат да ја вршат својата функција, но не подолго од шест месеци.

(8) Во текот на времетрањето на својот мандат, членовите на Комисијата не можат да бидат пратеници во Собранието на Република Македонија, членови на Владата на Република Македонија, избрани и именувани лица од страна на Владата на Република Македонија или Собранието на Република Македонија, лица кои извршуваат должности во органите и телата на политички партии, членови на управни и надзорни органи на јавни претпријатија, како и членови на друг вид асоцијација на правни и физички лица кои би можеле да доведат до конфликт на интереси.

(9) Член на Комисијата, неговиот/нејзиниот брачен или вонбрачен другар, како и блиски роднини во права линија до второ колено, не можат да имаат удели или акции, директно или индиректно во правни лица што извршуваат активности што директно спаѓаат под надлежност на Агенцијата.

(10) Ако член на Комисијата има директен или индиректен приватен инетерес во врска со донесувањето на одлуки од надлежност на Комисијата, членот е должен за тоа да ја извести Комисијата. Комисијата одлучува за постоењето на таквиот интерес и учеството на тој член во одлучувањето по тоа прашања.

Член 15

Начин на работа и одлучување на Комисијата

(1) Комисијата работи и одлучува на состаноци.

(2) Одлуките на Комисијата се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Комисијата.

(3) Претседателот на Комисијата ги свикува состаноците на Комисијата по писмен предлог на директорот на Агенцијата или по писмен предлог на тројца членови на Комисијата. Претседателот на Комисијата претседава на состаноците на Комисијата и ја претставува Комисијата, а во случај на негово отсуство или спреченост обврските ги извршува заменикот на претседателот на Комисијата.

(4) За членови на Комисијата можат да бидат именувани лица вработени во други правни лица, но не и во други правни лица кои можат да бидат во конфликт на интересите, согласно со овој закон.

(5) Членовите на Комисијата имаат право на:
– месечен надоместок во висина до две просечни месечни плати во Република Македонија според податоци објавени од Државниот завод за статистика согласно со Статутот на Агенцијата и
– надоместок за патни трошоци за оние членови на Комисијата кои живеат надвор од Скопје кога присуствуваат на состаноците на Комисијата и надоместок за патни трошоци, сместувања и дневници за службено патување согласно со закон.

(6) Месечниот надоместок од ставот (5) на овој член не се исплатува доколку во тековниот месец не се одржи состанок, како и за неприсуство на одржан состанок.

(7) Средствата за месечниот надоместок и на другите трошоци од ставот (5) на овој член на членовите на Комисијата се обезбедуваат од средствата на Агенцијата утврдени со финансискиот план.

(8) Одлуките кои ги донесува Комисијата се објавуваат на веб страницата на Агенцијата во рок од седум дена од денот на одржувањето на состанокот.

(9) Работата на Комисијата и начинот на донесување на одлуки поблиску се уредува со Деловникот за работа на Комисијата.

Член 16

Надлежности на Комисијата

Комисијата е надлежна да:
– донесува статут по претходно добиена согласност од Собранието на Република Македонија,
– донесува подзаконски и други акти за спроведување на овој закон,
– донесува општи акти за работењето на Агенцијата, утврдени во Статутот на Агенцијата, а по предлог на директорот на Агенцијата,
– донесува деловник за својата работа во согласност со овој закон и Статутот на Агенцијата,
– донесува одлука за вредноста на поенот,
– донесува акт за утврдување на висината на вредноста на бодот за пресметување на основната плата на вработените во Агенцијата, кој е составен дел на финансискиот план на Агенцијата,
– го одобрува годишниот извештај за работа за претходната година на Агенцијата и годишната сметка,
– ја усвојува годишната програма за работа за наредната година на Агенцијата,
– го именува и разрешува директорот на Агенцијата во согласност со овој закон и по постапка утврдена во Статутот на Агенцијата,
– го следи спроведувањето на годишната програма за работа на Агенцијата преку кварталните извештаи доставени од директорот на Агенцијата,
– соработува со други државни органи и институции, органи на единиците на локалната самоуправа и со невладини организации и здруженија на граѓани во Република Македонија,
– дава мислења, препораки и предлози до Собранието на Република Македонија и други државни органи и институции од областа на поштенскиот сообраќај и
– врши и други работи утврдени со овој закон и Статутот на Агенцијата.

Член 17

Разрешување на член на Комисијата

(1) Собранието на Република Македонија, по предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија, може да разреши член на Комисијата пред истекот на мандатот:
– на негово барање,
– ако е осуден за кривично дело за кое му е изречена казна затвор во траење подолго од шест месеци или му е изречена прекршочна санкција забрана за вршење професија, дејност или должност, во траење подолго од шест месеци
– ако неоправдано отсуствувал од три состаноци на Комисијата едноподруго или вкупно од пет состаноци за време од една година и
– ако вршењето на функцијата член на Комисијата е неспојлива со вршење на друга јавна функција согласно со членот 14 став (8) на овој закон.

(2) Недоставување на годишниот извештај за работа или на годишната програма за работа на Агенцијата до Собранието на Република Македонија може да биде причина за колективното разрешување на Комисијата.

Член 18

Директор на Агенцијата

(1) Комисијата избира директор на Агенцијата по пат на јавен оглас кој се објавува во најмалку три дневни весници кои се издаваат на целата територија на Република Македонија од кои еден од весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик. При изборот ќе се земе предвид професионалното и менаџерското искуство во областа од надлежност на Агенцијата.

(2) За директор на Агенцијата може да биде избрано лице кое ги исполнува следните услови и тоа:
1) да е државјанин на Република Македонија;
2) во моментот на изборот со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност;
3) да има завршено високо образование со стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен;
4) да има минимум пет години работно искуство;
5) поседува еден од следниве меѓународно признати сертификати за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години:
– ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 74 бода,
– ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 6 бода,
– ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) – најмалку Б2 (B2) ниво,
– ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) – положен,
– БУЛАТС (BULATS) – најмалку 60 бода или
– АПТИС (АPTIS) – најмалку ниво Б2 (B2).

(3) Комисијата е должна да избере директор не подоцна од 30 дена пред истекот на мандатот на директорот.

(4) Директорот, неговиот брачен или вонбрачен другар, како и блиски роднини во права линија до второ колено, не можат да имаат удели или акции, директно или индиректно во правни лица што извршуваат активности што директно спаѓаат под надлежност на Агенцијата.

(5) Директорот е професионално ангажиран во Агенцијата со полно работно време.

Член 19

Права и обврски на директорот

(1) Директорот раководи со работата на Агенцијата, одговорен е за законитото работење на Агенцијата и ги врши следниве работи:
– ја застапува и претставува Агенцијата,
– потпишува договори во име на Агенцијата,
– донесува одлуки по прашања за кои не одлучува Комисијата,
– ги предлага Статутот, годишниот извештај за работа и годишната програма за работа на Агенцијата,
– дава овластувања во рамките на своите надлежности,
– донесува решенија по прашања од надлежност на Агенцијата,
– дава овластувања на раководни и стручни лица за вршење надзор,
– се грижи за спроведување на подзаконски и други акти кои ги донесува Комисијата и
– врши и други работи утврдени со овој закон и Статутот на Агенцијата.

(2) Директорот има право да присуствува и учествува на состаноците на Комисијата, без право на глас.

(3) Директорот е должен на Комисијата да и доставува квартални извештаи за спроведување на годишната програма за работа на Агенцијата.

(4) Мандатот на директорот е пет години со можност за уште еден последователен мандат.

(5) Директорот до Комисијата може да поднесе оставка на својата функција во писмена форма.

(6) Ако мандатот на директорот е завршен, а постапката за избирање на директор не е завршена, директорот продолжува да ја врши функцијата се додека не се избере директор, но не подолго од шест месеци.

Член 20

Разрешување на директорот

(1) Директорот може да биде разрешен од Комисијата во следниве случаи:
– на негово барање,
– во случај на спреченост за вршење на функцијата поради болест подолго од шест месеци,
– прифаќање на функција или работа што е неспојлива со неговата функција на директор,
– ако е осуден за кривично дело за кое му е изречена казна затвор во траење подолго од шест месеци или му е изречена прекршочна санкција забрана на вршење професија, дејност или должност, во траење подолго од шест месеци,
– повреда на одредбите на овој закон или на прописите донесени врз основа на него што може да се утврди од годишниот извештај за работа на Агенцијата или
– злоупотреба на функцијата според ревизорскиот извештај од членот 12 на овој закон.

(2) Директорот против кого е започната постапка за разрешување претходно се известува за можните сомневања и му се овозможува одбрана пред Комисијата.

(3) Одлуката за разрешување на директорот покрај другото треба да ги содржи причините за неговото разрешување, детално образложени и истата се објавува на веб страницата на Агенцијата во рок од седум дена од денот на нејзиното донесување.

(4) Ако директорот е разрешен, а постапката за именување на директор не е завршена, функцијата директор ќе ја врши лице вработено во стручната служба на Агенцијата кое за таа цел ќе биде овластено од Комисијата за период не подолг од три месеци.

Член 21

Организација и статус на вработените во Агенцијата

(1) Вработените во Агенцијата кои вршат административни работи во стручната служба на Агенцијата, чија внатрешна организација, делокруг на работа и услови за вработување поблиску се уредуваат со актите за внатрешна организација и систематизација на работите и задачите, имаат статус на административни службеници.

(2) За прашањата кои се однесуваат на работниот однос на вработените од ставот (1) на овој член кои не се уредени со овој закон и со колективен договор се применуваат одредбите од Законот за административните службеници и општите прописи за работните односи.

(3) Вработените во Агенцијата кои вршат помошни и технички работи имаат статус на помошно-технички персонал.

(4) На помошно-технички персонал во Агенцијата ќе се применува Законот за вработените во јавниот сектор и општите прописи за работни односи.

(5) Начинот на утврдување на основната плата и на додатоците на плата на вработените во Агенцијата се уредува со колективен договор.

Член 22

Транспарентност во работењето на Агенцијата

(1) Агенцијата организира јавни состаноци најмалку два пати годишно со сите заинтересирани лица, со цел за да им се овозможи да бидат запознати со работата на Агенцијата и да им се даде можност да ги изразат нивните ставови и мислења за унапредување на состојбите во областа на поштенските услуги во Република Македонија.

(2) Агенцијата со општ акт поблиску ги уредува:
– постапката за начинот на примање на предлози од заинтересираните страни,
– начинот и местото на објавување на своите одлуки и други акти,
– податоците и информациите што Агенцијата ќе ги објавува, како и начинот на пристап до истите и
– начинот на соработка со претставници на организации на корисниците на поштенските услуги.

Член 23

Финансирање, сметководство и ревизија на Агенцијата

(1) Работењето на Агенцијата се финансира од:
– средства остварени од приходите од надоместоците предвидени со овој закон и
– донации, заеми и друга финансиска и техничка помош.

(2) Финансискиот план на Агенцијата кој е составен дел на годишната програма за работа за наредната година на Агенцијата го усвојува Комисијата и истиот содржи податоци за предвидените приходи и трошоци за наредната година.

(3) Нереализираните средства од финансискиот план на Агенцијата од претходната година се пренесуваат во финансискиот план на Агенцијата за наредната година.

(4) Ревизијата на материјалното и финансиското работење на Агенцијата ја врши надворешен и независен ревизор избран согласно со Законот за јавните набавки.

(5) Агенцијата е должна да води посебно сметководство за средствата во компензацискиот фонд за универзалната услуга, по неговото формирање, како и за средствата од работењето на Агенцијата.

Член 24

Плаќање на парични обврски

(1) Плаќањето на паричните обврски, на име надоместоци и трошоци од овој закон, субјектите се должни да го извршат на начин и во рокови утврдени со поединечни акти донесени од страна на Агенцијата, во управна постапка.

(2) Поединечните акти од ставот (1) на овој член имаат карактер на извршна исправа и претставуваат основ за спроведување постапка за присилна наплата согласно со Законот за извршување.

Член 25

Обезбедување на податоци и информации од даватели на поштенски услуги

(1) Давателите на поштенски услуги се должни на Агенцијата, заради извршување на нејзините надлежности, редовно да и доставуваат финансиски податоци и информации поврзани со обезбедувањето на поштенски услуги.

(2) Агенцијата ги пропишува видовите на финансиските податоци и информации поврзани со обезбедувањето на поштенските услуги од ставот (1) на овој член.

(3) По исклучок од ставот (1) на овој член давателите на поштенски услуги се должни и на барање на Агенцијата да достават информации и податоци, во обем и во рок утврдени во барањето. Во барањето Агенцијата ја наведува причината за бараните информации и податоци.

(4) Информациите и податоците од ставот (3) на овој член кои ги бара Агенцијата треба да бидат оправдани, засновани врз разумна основа и пропорционални на целта за којашто ќе бидат употребени.

(5) Агенцијата при извршувањето на своите надлежности соработува со други државни органи и тела за прашања кои се во врска со поштенските услуги.

(6) Агенцијата, другите регулаторни тела и другите државни органи и тела од ставот (5) на овој член се должни да разменуваат податоци и информации што им се потребни за вршење на нивните надлежности, чиј обем на размена е ограничен на податоци и информации што се соодветни и пропорционални на целите за коишто се разменуваат.

(7) Агенцијата може доверливите информации добиени од други регулаторни тела и другите државни органи и тела од ставот (5) на овој член да ги користи само за цели за коишто тие се побарани со почитување на тајноста на истите.

Член 26

Службена евиденција за даватели на поштенски услуги

(1) Агенцијата води службена евиденција за давателите на поштенски услуги.

(2) Службената евиденција од ставот (1) на овој член содржи:
– назив, седиште, лого и ЕДБ на правното или физичко лице,
– име и презиме на законскиот застапник на правното лице,
– број и датум на одлуката за определување и/или назначување на давател на универзална услуга,
– број и датум на општото овластување за обезбедување поштенски услуги, видот на поштенските услуги и поштенски пратки, како и географското подрачје за кое е издаденоопштото овластување и
– број и датум на решение за одобрени исклучоци при обезбедување на универзалната услуга и подрачје за кое е одобрен исклучокот.

(3) Агенцијата ќе го избрише од службената евиденција правното или физичкото лице кое по кој било основ го изгубило статусот на давател на поштенски услуги.

(4) Заради остварување на некое право или правен интерес, по барање, на странка ќе и се овозможи пристап до податоците од службена евиденција на Агенцијата, со плаќање на надомест на реално направени трошоци.

(5) Агенцијата поблиску ги пропишува формата и начинот на воспоставување и водење на службената евиденција од ставот (1) на овој член и висината на трошоцитеза пристап до податоците од службената евиденција на Агенцијата.

Член 27

Пристап до службена евиденција и јавни информации

(1) По примено барање за добивање пристап до податоците од службената евиденција, Агенцијата издава извод од службената евиденција за даватели на поштенски услуги, со податоците наведени во барањето, во рок од пет дена од приемот.“ 

(2) Во случај на неиздавање извод во рокот од ставот (1) на овој член може да се изјави приговор до директорот на Агенцијата во рок од 15 дена од приемот на барањето.“ 

(3) Јавно достапни информации на Агенцијата се:
– број и вид на издадени општи овластувања и индивидуални дозволи,
– општи услови на даватели на поштенски услуги,
– рекламациони постапки и постапки за надоместок на штета за давателите,
– ценовници на даватели на поштенски услуги,
– лица одговорни за постапување по рекламации и приговори кај давателите на поштенски услуги и
– поставеноста на поштенската мрежа надавателот на универзална услуга.

(4) Агенцијата ги пропишува податоците, информациите, извештаите за поштенскиот пазар и поштенските услуги идругите податоци и информации за состојбата на пазарот на поштенски услуги кои се јавно достапни.

(5) На јавноста нема да и биде достапна документацијата доколку поинаку не е уредено со овој закон, а се однесува на:
– акти за лицата вработени во Агенцијата и акти за внатрешната организација и систематизација на Агенцијата,
– лична и здравствена документација за вработените и друга документација чие откривање би значело нарушување на приватноста,
– документи што содржат информации за имотот на давателите на поштенски услуги,
– документи за деловни тајни, комерцијални, финансиски или технички информации, на давателите на поштенски услуги,
– документи доставени до надлежните судови до завршување на постапката,
– документи кои се однесуваат на спорови меѓу давателите на поштенски услуги и меѓу даватели на поштенски услуги и корисници на поштенски услуги до завршување на спорот и
– документи што не се достапни на јавноста по сила на закон.

(6) Агенцијата е должна да ги даде на увид документите од ставот (5) на овој член на барање на судот и на надлежен државен орган за работи од негова надлежност.

(7) Со статутот на Агенцијата се утврдува обврската на вработените за чување на тајноста на податоците кои не се јавно достапни.

Член 28

Обврска за плаќање на надоместок кон Агенцијата

(1) Давателите на поштенските услуги се должни на Агенцијата да и плаќаат надоместок врз годишна основа, однапред за тековната година и за трошоците за работа на Агенцијата за извршување на надлежностите пропишани со овој закон.

(2) Надоместокот од ставот (1) на овој член давателите на поштенските услуги се должни да го платат најдоцна до 31 јануари секоја година на сметка на Агенцијата.

(3) Висината на надоместокот од ставот (1) на овој член претставува производ од број на поени и вредноста на поенот.

(4) Бројот на поени од ставот (3) на овој член, за обезбедување на поштенски услуги во внатрешен поштенски сообраќај врз основа на општо овластување изнесува:
– од 20 до 50 поени за поштенски пратки до 2 кг,
– од 20 до 50 поени за пакети до 10 кг,
– дополнителни 10 поени за вредносни и препорачани услуги и
– 10 поени за поштенски пратки над 2 кг и пакети над 10 кг.

(5) Бројот на поени од ставот (3) на овој член, за обезбедување на поштенски услуги во меѓународен поштенски сообраќај врз основа на општо овластување изнесува:
– 25 поени за поштенски пратки до 2 кг,
– 25 поени за пакети до 10 кг и
– 5 поени за поштенски пратки над 2 кг и пакети над 10 кг.

(6) Бројот на поени од ставот (3) на овој член, за обезбедување на универзална услуга врз основа на индивидуална дозвола изнесува 50.000 поени, без разлика на бројот на даватели на универзална услуга на територијата на Република Македонија.

(7) Вредноста на поенот од ставот (3) на овој член Комисијата на Агенцијата, на годишно ниво, ја определува со одлука. Во пресметување на вредноста на поенот се земаат предвид ставките на трошоците од финансискиот план на Агенцијата за извршување на активности и задачи дадени во годишната програма за работа на Агенцијата. Одлуката за вредноста на поенот содржи образложение за причините за прифаќање или промена на вредноста на поенот и целите кои се планира да се постигнат на овој начин.

(8) Начинот на определување на бројот на поени за обезбедување на поштенски услуги во границите утврдени во ставот (4) алинеи 1 и 2 на овој член, го пропишува Комисијата на Агенцијата при што се земаат предвид видот и обемот на поштенските услуги кои ги обезбедува давателот на поштенските услуги.

(9) Обемот на поштенските пратки за слепи и делумно слепи лица не се зема предвид при определување на бројот на поени.

(10) Одлуката од ставот (7) на овој член е составен дел на годишната програма за работа на Агенцијата. Одлуката заедно со образложението се објавува во “Службен весник на Република Македонија“.

(11) Агенцијата донесува решение со кое се утврдува висината на надоместокот од ставот (1) на овој член.

(12) Решението од ставот (11) на овој член е конечно, а незадоволната страна има право да покрене постапка за управен спор пред надлежен суд.

III. УНИВЕРЗАЛНА УСЛУГА

Член 29

Опсег на универзална услуга

(1) Секој корисник има право на универзална услуга која се обезбедува со утврден квалитет по пристапни цени на целата територија на Република Македонија.

(2) Универзалната услуга опфаќа:
– прием, пренос, сортирање и дистрибуција на поштенски пратки со тежина до 2 кг,
– прием, пренос, сортирање и дистрибуција на пакети со тежина до 10 кг,
– препорачани поштенски пратки и пратки со означена вредност и
– прием, пренос, сортирање и дистрибуција на поштенски пратки за слепи лица и за лица со делумно оштетен вид.

(3) Агенцијата може да го зголеми опфатот на универзалната услуга со пакети до тежина која не е поголема од 20 кг и може да дефинира посебни услови за достава на вакви пакети во зависност од состојбата на пазарот на поштенските услуги во Република Македонија, како и во зависност од потребите на корисниците на поштенски услуги.

(4) За димензиите и другите карактеристики на поштенските пратки во меѓународен поштенски сообраќај се применуваат актите на Светскиот поштенски сојуз.

(5) Универзалната услуга дефинирана со овој закон ги опфаќа поштенските услуги од внатрешниот и меѓународниот поштенски сообраќај.

Член 30

Обезбедување на универзална услуга

(1) Универзалната услуга се обезбедува на целата територија на Република Македонија постојано, со утврден квалитет и по пристапни цени за сите корисници.

(2) Давателот на универзалната услуга е должен да ја обезбедува универзалната услуга секој работен ден, но не помалку од пет пати неделно, најмалку едно собирање и една достава на поштенските пратки во станот или во просториите на секое правно или физичко лице.

(3) Обезбедувањето на универзалната услуга може да се прекине само во случај на виша сила или во услови кои претставуваат опасност за давателот на универзална услуга.

(4) Податоците и информациите за универзалната услуга кои давателот на универзалната услуга е должен да ги објави се пропишани со овој закон и подзаконските акти донесени врз основа на него.

(5) На барање на давателот на универзалната услуга Агенцијата може да одобри исклучоци при обезбедување на универзалната услуга од ставот (2) на овој член, во услови на непристапност до корисникот, ретка населеност на подрачје или во услови на опасност по безбедност и здравје на вработен.

(6) Со барањето за одобрување исклучоци давателот на универзалната услуга е должен да поднесе докази за исполнување на условите од ставот (5) од овој член и докази за степенот на усогласеност со обврските за пристапност на универзалната услуга за подрачјето за кое се бара исклучокот.

(7) По барањето за одобрување исклучоци Агенцијата решава врз основа на доказите од ставот (6) на овој член со решение во управна постапка, во рок од 30 дена од прием на уредно пополнето барање. Против решението може да се поведе управен спор пред надлежен суд.

(8) Агенцијата ја пропишува формата, содржината и начинот на постапување по барање за одобрување исклучоци.

Член 31

Квалитет на обезбедување на универзалната услуга

(1) Агенцијата ги пропишува барањата за квалитетот на услугите опфатени со универзалната услуга, параметрите за квалитет и нивното мерење, согласно со утврдените CEN стандарди за мерење на квалитетот на универзалната услуга.

(2) Давателот на универзална услуга е должен да ја обезбедува универзалната услуга согласно со пропишаните барања за квалитет од ставот (1) на овој член.

(3) Агенцијата го следи квалитетот на универзалната услуга и по потреба презема соодветни мерки согласно со овој закон.

(4) Давателот на универзална услуга е должен да врши мерење на квалитетот на обезбедувањето на универзалната услуга во внатрешниот и меѓународниот поштенски сообраќај врз основа на методологија утврдена согласно со CEN стандарди.

(5) Давателот на универзална услуга е должен да ја достави методологијата од ставот (4) на овој член на одобрување во Агенцијата.

(6) Давателот на универзалната услуга е должен да го врши мерењето на квалитетот на обезбедувањето на универзалната услуга во внатрешниот и меѓународниот поштенски сообраќај, преку независна компанија определена од негова страна. Податоците од извршеното мерење еднаш годишно ги доставува до Агенцијата.

(7) Агенцијата ги проверува податоците од ставот (6) на овој член и може по службена должност да спроведе постапка на ревизија заради проверка на нивната вистинитост преку независна компанија на сметка на давателот на универзална услуга.

(8) Агенцијата ги обработува и проценува податоците добиени со мерењето на квалитетот на обезбедувањето на универзалната услуга и истите ги објавува на својата веб страница.

(9) Ако давателот на универзална услуга не ги постигне утврдените параметри за квалитет три пати последователно, Агенцијата може да започне постапка за негово отповикување и да определи нов давател на универзална услуга.

Член 32

Надоместок за обезбедување на универзална услуга

(1) Давателот на универзалната услуга има право на надоместок на нето трошоците што настанале со обезбедувањето на универзалната услуга доколку докаже дека трошоците се повисоки од приходот остварен од обезбедувањето на универзалната услуга во претходната година.

(2) Давателот на универзалната услуга има право на надоместок со кој ќе се покрие разликата меѓу приходот и трошоците од ставот (1) на овој член.

(3) Методологијата на утврдување на нето трошоците на давателот на универзалната услуга и нивното пресметување, како и начинот на пресметување на надоместокот од ставот (1) на овој член ги пропишува Агенцијата.

Член 33

Постапка за остварување на правото за надоместок на нето трошоци за обезбедување на универзална услуга

(1) За остварување на правото за надоместок од членот 32 став (1) на овој закон давателот на универзална услуга поднесува барање до Агенцијата. Со барањето е потребно да поднесе и пресметка за нето трошоци направени со исполнување на обврската за обезбедување на универзалната услуга, поткрепена со финансиски извештај и други сметководствени информации базирани на ревидиран годишен извештај за претходната година, не подоцна од 31 март во тековната година.

(2) Агенцијата ја проверува вистинитоста на податоците при што може да ангажира независен ревизор.

(3) Трошоците направени за ревизијата од ставот (2) на овој член ги плаќа давателот на универзалната услуга.

(4) На барање на Агенцијата давателот на универзалната услуга е должен да ги достави сите податоци и информации кои се однесуваат на нето трошоците за обезбедување на обврската од универзална услуга.

(5) Агенцијата донесува решение со кое се утврдува висината на надоместокот, односно решение со кое врз основа на пресметките утврдува дека давателот на универзалната услуга нема право на надоместок или има право на помал надоместок на нето трошоците од оној што го предложил давателот.

(6) Решението од ставот (5) на овој член е конечно, а незадоволната страна има право да покрене постапка за управен спор пред надлежен суд.

Член 34

Компензациски фонд за финансирање на универзална услуга

(1) Агенцијата формира компензациски фонд со отворање на посебна жиро-сметка со кој управува и за него води посебно сметководство.

(2) Компензацискиот фонд се состои од средства од давателите на поштенски услуги и служи за исплата на надоместокот на нето трошоците на давателот на универзалната услуга од членот 32 став (1) на овој закон.

(3) Средствата за исплата на надоместокот од членот 32 став (1) на овој закон се обезбедуваат од даватели на поштенски услуги кои остваруваат минимум бруто приход во висина утврдена од Агенцијата (во натамошен текст: задолжени даватели).

(4) Агенцијата го утврдува износот на средствата од ставот (2) на овој член и истиот не смее да биде помалку од 2% и не повеќе од 4% од вкупниот приход што се остварува со обезбедување на поштенски услуги од страна на сите задолжени даватели што подлежат на обврска за плаќање на средства според ставот (3) на овој член.

(5) Давателот на универзалната услуга на кој пресметаниот придонес во компензацискиот фонд е помал од пресметаниот надоместок за обврската за обезбедување на универзалната услуга нема да плаќа во компензацискиот фонд. Како надоместок на давателот на универзалната услуга ќе се утврди само разликата меѓу пресметаниот надоместок и пресметаниот придонес.

Член 35

Приходи за компензациски фонд

(1) Со цел да се утврди вкупниот приход на давателите на поштенски услуги Агенцијата издава посебен образец што давателите на поштенски услуги се должни да го пополнат и да и го испратат на Агенцијата секоја година до 30 април. Доколку давателите на поштенски услуги и по истекот на овој рок не достават податоци, Агенцијата ги користи податоците за вкупните приходи на давателите на поштенски услуги од годишната сметка за претходната година.

(2) Агенцијата ја проверува вистинитоста на податоците при што може да ангажира независен ревизор.

(3) Трошоците направени за ревизијата од ставот (2) на овој член ги плаќа давателот на поштенска услуга.

(4) Задолжените даватели се должни да ги уплатат средствата од ставот (2) на овој член на посебна сметка на Агенцијата најдоцна до 31 мај во тековната година за претходната година врз основа на издадено решение од Агенцијата.

(5) Агенцијата од компензацискиот фонд врши исплата на средствата на давателот на универзална услуга врз годишна основа за надоместување на нето трошоците за обезбедување на универзалната услуга.

(6) Сметката од членот 34 став (1) на овој закон се ревидира на годишно ниво од независен ревизор ангажиран од и за сметка на Агенцијата.

Член 36

Пристап до универзална услуга

(1) Давателот на универзална услуга е должен да обезбеди точки за пристап до универзална услуга и тоа поштенски единици, како и поштенски сандачиња на улици.

(2) Агенцијата ги утврдува критериумите за пристап до универзалната услуга, со утврдување на подрачјата на единиците на мрежата, на растојание меѓу поштенските единици, број на поштенски сандачиња и слично.

(3) За секоја планирана измена на поштенската мрежа давателот на универзалната услуга е должен најмалку еден месец претходно да ја извести Агенцијата.

(4) За затвoрање на поштенска единица подолго од шест месеци давателот на универзална услуга треба да добие претходна согласност од Агенцијата, за што доставува барање до Агенцијата и докази за исполнување на критериумите за пристапност на универзалната услуга.

(5) По барањето согласност за затворање на поштенска единица Агенцијата решава врз основа на расположивите докази, со решение во управна постапка, во рок од 30 дена од прием на уредно пополнето барање. Против решението може да се поведе управен спор пред надлежен суд.

(6) Забрането е затворање на единица на поштенска единица од страна на давателот на универзална услуга без претходна согласност од Агенцијата.

(7) Агенцијата ги пропишува формата, содржината и начинот на постапување по барањето согласност за затворање на поштенска единица.

Член 37

Определување на давател на универзална услуга

(1) Агенцијата може да определи еден или повеќе даватели на поштенски услуги за обезбедување на универзална услуга, со цел да осигури универзалната услуга да биде достапна на целата територија на Република Македонија. Давателот или давателите на универзална услуга може да обезбедуваат различни услуги и/или да покриваат различни делови од територијата на Република Македонија.

(2) За определување на даватели на универзална услуга, Агенцијата објавува јавен тендер за избор на еден или на повеќе даватели на универзална услуга. Пред да покрене постапка за објавување на јавен тендер, Агенцијата упатува јавен повик за изјавување интерес за обезбедување на една или на повеќе услуги опфатени со универзалната услуга. Рокот за изјавување интерес не може да биде пократок од 30 дена од денот на објавувањето на јавниот повик.

(3) При определувањето на давател или даватели на универзална услуга, Агенцијата е должна да ги примени принципите на објективност, транспарентност, ефикасност и недискриминација при што ниту едно правно или физичко лице кое врши дејност нема однапред да биде изземено од постапката за избор на давател на универзална услуга.

(4) Агенцијата ја пропишува тендерската постапка со претквалификација, преку објективни и транспарентни критериуми за избор на давател на универзална услуга кои особено се однесуваат на:
– подготвеноста на кандидатот да обезбеди универзална услуга во определената област
– висината на потребните средства за обезбедување на услугата и соодветниот нето трошок за тоа обезбедување и соодветниот износ на надоместок од компензацискиот фонд за универзална услуга што го бара кандидатот за да ја обезбеди универзалната услуга.

(5) За определување на давател на универзална услуга Агенцијата донесува одлука. Одлуката за определување давател на универзална услуга, Агенцијата ја донесува во рок од 30 дена од денот на истекот на рокот за поднесување на понуди.

(6) Доколку при тендерската постапка не се изврши избор на давател на универзалната услуга, или нема ниту една понуда, Агенцијата донесува одлука со која ќе се определи еден или повеќе даватели на универзална услуга. При донесувањето на одлуката Агенцијата е должна да ги примени принципите на ефективност, објективност и транспарентност.

(7) Агенцијата континуирано го следи работењето на давателот на универзална услуга, а давателот е должен до Агенцијата да достави податоци за своето работење, најмалку еднаш во годината.

(8) Агенцијата организира јавна расправа најмалку на пет години со цел да утврди дали:
– универзалната услуга се обезбедува на пропишаниот и соодветниот начин и
– има даватели што се заинтересирани за обезбедување на една или повеќе услуги во рамките на универзалната услуга и за кој дел од територијата на Република Македонија.

(9) По спроведената јавна расправа, Агенцијата за пошти изработува анализа на состојбата на пазарот на поштенските услуги во која се вклучени и резултатите од следењето на давателот на универзалната услуга, од спроведениот јавниот повик за изразување на интерес и од спроведената јавна расправа.

(10) Агенцијата поведува постапка за определување давател или даватели на универзалната услуга со објавување јавен тендер, кога врз основа на анализата на состојбата на пазарот на поштенските услуги од ставот (9) на овој член ќе оцени дека најмалку двајца даватели на поштенски услуги можат да ја обезбедуваат универзалната услуга на начин и под услови пропишани со овој закон.

(11) Во случај да не се исполнети условите од ставот (10) од овој член за поведување постапка за определување давател или даватели на универзалната услуга со објавување јавен тендер, Агенцијата донесува одлука за назначување давател на универзалната услуга со примена на принципите на ефективност, објективност и транспарентност .

(12) Одлуката за определување еден или повеќе даватели на универзалната услуга од ставовите (5) и (6) на овој член како и одлуката за назначување давател на универзалната услуга од ставот (11) од овој член, Агенцијата за пошти ја донесува со рок на важење од шест до 15 години, во зависност од исполнетост на условите од членовите 29, 30, 31 и 33 на овој закон, како и од времето потребно за поврат на вложувањата на давателот на универзалната услуга.

(13) Одлуката за определување и одлуката за назначување давател на универзална услуга особено содржат:
– податоци за давателот на универзалната услуга;
– право и обврска за обезбедување на универзалната услуга во согласност со одредбите од овој закон;
– рокот во кој давателот е должен да започне со обезбедување на универзалната услуга;
– рок на важење на одлуката;
– обврските кои давателот е должен да ги исполнува за времето на важење на одлуката, детално уредени со индивидуалната дозвола.

(14) Доколку Агенцијата утврди дека универзалната услуга, односно услуги од опсегот на универзалната услуга не се обезбедуваат на пропишаниот и соодветниот начин, Агенцијата започнува постапка за определување на давател, односно даватели на универзална услуга и ќе донесе одлука со која ќе ги отповика обврските за обезбедување на универзална услуга, односно на услугите од опсегот на универзалната услуга на претходниот давател на универзална услуга.

(15) Агенцијата ја спроведува постапката за определување на давател на универзална услуга на начин пропишан од страна на Комисијата на Агенцијата.

(16) Во рок од 15 дена од конечноста на одлуката за определување односно за назначување, на давателот на универзална услуга, Агенцијата му издава индивидуална дозвола.

IV. ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА ПОШТЕНСКИ УСЛУГИ

Член 38

Услови за обезбедување на поштенски услуги

(1) За обезбедување поштенски услуги потребно е да се добие Општо овластување од Агенцијата. За добивање Општо овластување за обезбедување поштенски услуги, правно или физичко лице треба да исполнува минимум услови, односно да има регистрирана дејност, техничка и професионална оспособеност и опременост за обезбедување на поштенските услуги за кои што побарал општо овластување.

(2) Пред започнување, промена или престанок со обезбедување на поштенски услуги, секое правно или физичко лице е должно да достави нотификација до Агенцијата.

(3) Престанувањето со обезбедување поштенски услуги Агенцијата само го констатира со бришење на податоците за давателот на поштенски услуги од службената евиденција без одлагање, а најдоцна во рок од седум дена од приемот на нотификацијата за престанок.

(4) Давателот на универзална услуга не поднесува нотификација за обезбедување поштенски услуги надвор од опсегот на универзалната услуга, а правата и обврските за обезбедување на тие поштенски услуги се уредуваат со индивидуалната дозвола од членот 37 од овој закон.

Член 39

Нотификација

(1) Агенцијата ја пропишува содржината формата и начинот на поднесување на нотификација, како и доказите кои Агенцијата со согласност на подносителот, ги прибавува по службена должност.

(2) Доказите за исполнување на условите од членот 38 став (1) ги прибавува овластеното службено лице од Агенцијата кое ја води постапката за добивање општо овластување, кое е должно во рок од три дена од денот на приемот на нотификацијата да ги побара доказите од надлежниот јавен орган.

(3) Овластеното службено лице од надлежниот јавен орган е должно бараните докази од ставот (2) на овој член да ги достави во рок од три дена од денот на приемот на барањето.

(4) Нотификацијата од членот 38 став (2) од овој закон треба да ги содржи особено следниве податоци:
– име, седиште, ЕДБ и ЕМБС на подносителот на нотификацијата, како и изјава од законски застапник со име, адреса, број за контакт и ЕМБГ,
– вид на дејност на правното или физичкото лице,
– датум на планиран почеток, промена или престанок со обезбедување поштенски услуги,
– подрачје каде што ќе се обезбедуваат поштенските услуги,
– видот на поштенските услуги кои ќе се обезбедуваат и
– сите други податоци што се бараат согласно со прописите донесени врз основа на овој закон.

(5) Во прилог на нотификација за започнување или промена со обезбедување на поштенски услуги, подносителот задолжително ги доставува доказите наведени во нотификацијата, за исполнување на минимум услови за регистрирана дејност и техничка и професионална оспособеност и опременост за обезбедување на поштенските услуги за кои што побарал општо овластување.

(6) Доколку е доставена нејасна или нецелосна нотификација Агенцијата во рок од 15 дена ќе го извести подносителот да ги дополни нотификацијата и доказите во рок не подолг од 30 дена. Ако подносителот не постапи во определениот рок, Агенцијата ќе ја отфрли нотификацијата со решение во рок од дополнителни седум работни дена.

(7) По доставена нотификација за започнување или промена со обезбедување на поштенски услуги, Агенцијата одлучува врз основа на доказите, во рок од 15 дена и издава општо овластување за обезбедување поштенски услуги (во натамошниот текст: општо овластување) или донесува решение со кое се одбива нотификацијата.

(8) Општото овластување за обезбедување поштенски услуги, решението за одбивање и за отфрлање на нотификацијата се конечни и против истите може да се поведе управен спор пред надлежен суд.

(9) За промена на податоците дадени во нотификацијата и на општите услови за обезбедување поштенски услуги, давателот на поштенски услуги има обврска писмено да ја извести Агенцијата во рок од седум дена од промената.

Член 40

Содржина на индивидуалната дозвола

(1) Индивидуалната дозвола особено содржи:
– податоци за давателот на универзална услуга,
– права и обврска за обезбедување на универзална услуга на територијата на Република Македонија и
– права и обврски кои давателот на универзалната услуга ги има за време на обезбедувањето на универзалната услуга, како што се изградбата, одржувањето, развојот и работата на поштенската мрежа и придружната инфраструктура, квалитетот на обезбедување на поштенските услуги, како и други барања и обврски пропишани со овој закон и подзаконските акти донесени врз основа на него.

(2) Давателот на универзалната услуга е должен за сите статусни промени и промени во сопственичката структура да ја извести Агенцијата во рок од 30 дена од денот на нивното настанување.

Член 41

Содржина на општото овластување

(1) Општото овластување особено содржи:
– податоци за носителот на општото овластување,
– видот на поштенските услуги кои ќе се обезбедуваат и
– права и обврски за обезбедување на поштенски услуги согласно со овој закон и подзаконските акти донесени врз основа на него.

(2) Забрането е давателот на поштенски услуги да обезбедува поштенски услуги кои не се наведени во општото овластување.

(3) Резервираните поштенски услуги давателите се должни да ги обезбедуваат по цена најмалку два ипол пати повисока од цената по која давателот на универзална услуга ги обезбедува пратките за кореспонденција од стандардна категорија во првата тежинска стапка.

(4) Ограничувањата за тежина и цена од ставот (3) на овој член се однесуваат и на услугата на директната пошта.

(5) Забрането е давателите на поштенски услуги да обезбедуваат пратки за кореспонденција и услуги на директна пошта од ставовите (3) и (4) на овој член по цени пониски од пропишаното ограничување.

(6) Давателот на поштенски услуги е должен за сите статусни промени да ја извести Агенцијата во рок од 30 дена од денот на нивното настанување.

Време на важење на индивидуалната дозвола и на општо овластување

Член 42

(1) Индивидуалната дозвола од членот 40 од овој закон, Агенцијата за пошти ја издава со време на важење од шест до 15 години.

(2) Општото овластување од членот 41 од овој закон Агенцијата за пошти го издава на неопределено време.

Член 43
Пренесување на правата и обврските од индивидуална дозвола и општо овластување

(1) Давателот на универзална услуга не смее да ги пренесе правата и обврските дадени во индивидуалната дозвола на друго правно или физичко лице.

(2) Давателот на поштенски услуги не смее да ги пренесе правата и обврските дадени во општото овластување на друго правно или физичко лице.

(3) Обезбедување услуги во прием и/или во достава на поштенски пратки во внатрешен поштенски сообраќај, кое што го врши друго правно или физичко лице во име и за сметка на давателот на универзалната услуга врз основа на договор за услуги, не се смета за пренесување на правата и обврските дадени во индивидуалната дозвола во смисла на ставот (1) од овој член. Начинот и критериумите за избор на правното и физичкото лице со кое се склучува договорот за услуги се утврдени со подзаконски акт од членот 36 став (2) од овој закон.

(4) Договорот од став (3) на овој член, се склучува во писмена форма, за обезбедување точки за пристап до универзалната услуга организирани преку поштенски единици на договорна пошта и доставно подрачје на поштенски единици во согласност со критериумите за пристап до универзалната услуга утврдени со подзаконски акт од член 36 став (2) од овој закон.

Член 44

Измена на индивидуална дозвола и општо овластување по службена должност

(1) Индивидуалната дозвола и општото овластување може да се изменат во секое време по службена должност.

(2) Кога постапката за измена на индивидуалната дозвола или општото овластување е поведена по службена должност, Агенцијата е должна веднаш да ги извести давателите на поштенски услуги за измената и за причините за измената.

(3) Агенцијата има право да ја измени индивидуалната дозвола или општото овластување по службена должност, доколку:
– тоа е потребно со цел да се обезбеди ефикасно обезбедување на универзалната услуга,
– јавниот интерес бара промена на опсегот на универзалната услуга,
– тоа е потребно заради одбраната, заштитата и државната безбедност и
– тоа се бара заради усогласување со законите на Република Македонија и меѓународните акти.

(4) Агенцијата има право да го измени општото овластување доколку давателот на поштенски услуги повеќе не ги исполнува правата и обврските дадени во општото овластување.

(5) Агенцијата издава нова индивидуална дозвола или општо овластување со која издадената индивидуална дозвола или општо овластување се менува делумно или целосно.

(6) Индивидуалната дозвола или општото овластување од ставот (5) на овој член се конечни, а незадоволната страна има право да покрене постапка за управен спор пред надлежен суд.

Член 45

Укинување на индивидуална дозвола и општо овластување

(1) Индивидуалната дозвола и општото овластување можат да се укинат врз основа на решение што го донесува директорот на Агенцијата, согласно со Законот за општата управна постапка.

(2) Постапката за укинување на индивидуалната дозвола и општото овластување, Агенцијата ја поведува по службена должност.

(3) Доколку од објективни причини универзалната услуга не може да се обезбедува, Агенцијата може да ја укине индивидуалната дозвола само откако ќе определи друг давател на универзална услуга.

(4) Агенцијата ја укинува индивидуалната дозвола и општото овластување по службена должност, доколку:
– носителот на индивидуалната дозвола и општото овластување повеќе не ги исполнува правата и обврските од индивидуалната дозвола и општото овластување согласно со овој закон и прописите донесени врз основа на него и
– давателот на поштенски услуги три пати едноподруго не постапи по решение за отстранување на недостатоците донесено од Агенцијата.

(5) Укинувањето на индивидуалната дозвола и општото овластување е со денот на донесувањето на решението.

(6) Решението од ставот (1) на овој член е конечно, а незадоволната страна има право да покрене постапка за управен спор пред надлежен суд.

(7) Забрането е обезбедување на поштенски услуги по укинувањето на индивидуалната дозвола и општото овластување.

Член 46

Престанок на важност на индивидуалната дозвола и општото овластување

(1) Индивидуалната дозвола и општото овластување по сила на закон престануваат да важат, доколку:
– давателот на поштенски услуги престанал да постои и
– давателот на поштенски услуги не започнал да ги обезбедува поштенските услуги во рок од една година од издавањето на индивидуалната дозвола или општото овластување, освен ако поинаку не е предвидено со истите.

(2) За престанок на важноста на индивидуалната дозвола и општото овластување, Агенцијата донесува решение.

(3) Решението од ставот (2) на овој член е конечно, а незадоволната страна има право да покрене постапка за управен спор пред надлежен суд.

(4) Надоместоците што се платени за годината во која престанале да важат, односно се укината или изменети индивидуалната дозвола и општото овластување, не се враќаат.

(5) Забрането е обезбедување на поштенски услуги по престанок на важноста на индивидуалната дозвола и општото овластување.

V. ПОШТЕНСКА МРЕЖА И ОПШТИ УСЛОВИ ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА ПОШТЕНСКИ УСЛУГИ

Член 47

Пристап на даватели на поштенски услуги до поштенската мрежа

(1) Давателот на универзална услуга е должен да ји гради, одржува и развива поштенската мрежа и придружната инфраструктура.

(2) Давателот на универзална услуга е должен, согласно со условите утврдени со овој закон, да овозможи пристап до поштенската мрежа и до услуги кои се поврзани со обезбедувањето на поштенските услуги на даватели на поштенски услуги.

(3) Давателот на универзалната услуга е должен да ги утврди начинот и условите за пристап до поштенската мрежа, цената за пристап и други прашања поврзани со пристапот и во вид на понуда за пристап да ја достави до Агенцијата за одобрување. Давателот на универзалната услуга ја носи одговорноста од докажување во постапки покренати согласно со овој член. Агенцијата дава одобрување во рок од 30 дена.

(4) Доколку се потребни дополнителни информации и пресметки, Агенцијата може да го продолжи рокот за 15 дена откако претходно ќе го извести давателот на универзалната услуга.

(5) Агенцијата при одредување на цената за пристап на давателот на универзална услуга треба да му овозможи разумна стапка на поврат на инвестирани средства, земајќи ги предвид и ризиците што се составен дел од инвестициите.

(6) Сите механизми за поврат на трошоците или методологии за определување на цени што ги пропишува Агенцијата се определуваат така за да служат за промовирање на ефикасна и одржлива конкуренција и за зголемување на поволностите за корисниците, а Агенцијата може да ги земе предвид цените од споредливи конкурентни пазари.

(7) Предлог-цените за пристап до поштенската мрежа треба да бидат базирани врз основа на трошоци, утврдени врз недискриминаторска основа и за еднакви услуги еднакви за сите даватели на поштенски услуги. Давателот на универзалната услуга во врска со цените ориентирани според трошоците, има обврска да докаже дека цените се изведени од трошоци и дека во нив е вклучена и стапката за поврат на инвестицијата. При утврдувањето на усогласеноста на оваа обврска, Агенцијата може да користи сметководствени методи кои се независни од оние кои ги користат давателите на поштенски услуги, Агенцијата може, исто така, да одлучи да побара од давателот на универзалната услуга да ги оправда цените и каде што е соодветно да бара од истиот да ги промени цените.

(8) Давателот на универзална услуга е должен цените за пристап до поштенската мрежа да ги применува првиот ден од наредниот месец кој следи по месецот во кој е добиено одобрение од Агенција.

(9) Давателот на универзална услуга е должен да склучи договор за пристап до поштенската мрежа со други даватели на поштенски услуги на нивно барање.

(10) Доколку страните не го постигнат договорот од ставот (9) на овој член или постигнатиот договор е спротивен на одредбите од овој закон, Агенцијата по барање на едната страна одлучува согласно со одредбите од Главата XII на овој закон.

(11) Давателот на универзална услуга е должен да и испрати на Агенцијата копија од потпишаниот договор, како и изменувања и дополнувања, доколку ги има.

(12) Доколку договорот за пристап до поштенската мрежа не се склучи во рок од 60 дена од денот на приемот на барањето или постигнатиот договор е спротивен на одредбите од овој закон, на барање на една од страните Агенцијата постапува во согласнот со одредбите од Главата XII на овој закон.

(13) Давателот на универзалната услуга може да одбие пристап до поштенската мрежа само во случаите кога давањето пристап до поштенската мрежа претставува закана за обезбедувањето на универзалната услуга и во таков случај давателот на универзалната услуга ја известува Агенцијата во рок од седум дена со приложување на докази зошто барателот е одбиен.

(14) При утврдувањето на цената и условите за пристап до поштенската мрежа, давателот на универзалната услуга не смее да прави разлика меѓу различните даватели на поштенски услуги.

(15) Агенцијата може, по сопствена иницијатива, да му наложи на давателот на универзалната услуга исполнување на обврските утврдени со овој член кога пречката за пристап до поштенската мрежа образложена од страна на давателот на универзална услуга е недоволна, односно необјективна.

(16) Давателот на универзална услуга е должен на давателите на поштенските услуги со пристапот до поштенската мрежа да ги даде и поштенските кодови поврзани со адресни податоци врз основа на комерцијален договор.

(17) Давателот на универзална услуга е должен да води посебно сметководство за активностите поврзани со пристапот до поштенската мрежа.

(18) Страните се должни да ја штитат тајност на сите податоци разменети при склучувањето на договорот за пристап. Податоците не смеат да се користат за ниедна друга намена или да се пренесуваат на трети лица, на кои таквите информации би им овозможиле конкурентна предност.

(19) Агенцијата со пропис подетално ќе ги пропише содржината и информациите од одобрената понуда за пристапот од ставот (3) на овој член кои давателот на универзална услуга треба да ги објави.

(20) Агенцијата може да побара од давателот на универзална услуга да изврши измена на одобрената понуда за пристап, односно да подготви и достави обновена и ажурирана понуда за пристап како што налагаат условите на пазарот, односно прописите согласно со овој закон, а давателот на универзална услуга може да го стори тоа и по негова иницијатива.

(21) Давателот на универзална услуга е должен да постапи по барањето на Агенцијата за измена на одобрената понуда за пристап во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето, а Агенцијата ја одобрува измената на понуда за пристап во рок од 30 дена од денот на нејзиното доставување до Агенцијата. Кога давателот на универзална услуга доставува до Агенцијата измена на одобрената понуда за пристап по сопствена иницијатива, Агенцијата е должна да се произнесе по истата во рок од 30 дена од денот на нејзиното доставување до Агенцијата.

(22) Одредбите од ставовите (7) и (18) на овој член кои се однесуваат на примената и објавувањето на понуди за пристап се однесуваат и за измените на одобрените понуди за пристап.

Член 48

Општи услови за обезбедување на поштенски услуги

(1) Агенцијата ги пропишува Општите услови за обезбедување на универзална услуга во кои особено се содржани видовите на поштенски услуги, условите за прием, пренос, сортирање и дистрибуција на поштенски услуги, постапките за рекламации и други услови поврзани со обезбедувањето.

(2) Давателите на поштенски услуги се должни да донесат општи услови за обезбедување на поштенски услуги и да формираат цени за поштенските услуги кои ги обезбедуваат.

(3) Давателите на поштенските услуги се должни цените и општите услови од ставот (2) на овој член да ги достават до Агенцијата и да ги објават во просториите на давателот на поштенските услуги на видно место. Секоја измена на цените и општите услови од ставот (2) на овој член се доставува до Агенцијата во рок од три дена од извршените измени.

(4) Агенцијата со пропис ќе ги предвиди задолжителните елементи на општите услови од ставот (2) на овој член.

(5) Давателите на поштенски услуги се должни да водат евиденција за бројот на поднесените рекламации и начинот на нивното решавање, а податоците за бројот и начинот на решавањето да ги достават до Агенцијата. Добиените податоци од давателите на поштенски услуги, Агенцијата ќе ги објави на својата веб страница.

Член 49

Штрајк

(1) Давателите на поштенски услуги во случај на штрајк се должни да обезбедат прием, пренос, сортирање и дистрибуција на поштенските пратки што се користат во судски постапки, административни постапки и постапки во врска со прекршоци, како и пренос, сортирање и дистрибуција на препорачани поштенски пратки за потребите на одбраната и безбедноста.

(2) По исклучок од ставот (1) на овој член давателите на поштенски услуги се должни да обезбедат дистрибуција на препорачани пратки и на пратки со означена вредност што се собрани пред почетокот на штрајкот.

(3) Давателите на поштенски услуги се должни да обезбедат дистрибуција на сите пратки кои се примени пред стапување на штрајк, веднаш по завршување на штрајкот.

(4) Органот кој го организира штрајкот е должен да обезбеди поштенските пратки пристигнати за време на штрајкот да не бидат оштетени, изгубени или уништени и сите пратки пристигнати за време на штрајкот да бидат дистрибуирани во рок од два дена по завршување на штрајкот.

VI. ЦЕНИ ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА ПОШТЕНСКИ УСЛУГИ И ФИНАНСИСКИ ПРЕСМЕТКИ

Член 50

Цени на универзална услуга

(1) За секоја промена на цените за обезбедување на универзална услуга давателот на универзална услуга е должен да поднесе барање до Агенцијата. Барањето за промена на цените за обезбедување на универзална услуга, треба да биде образложено со анализа на трошоци, за да се утврди вистинската потреба од промената на цените.

(2) Давателот на универзалната услуга ја носи одговорноста од докажување во постапки покренати согласно со овој член.

(3) По повод барањето од ставoт (1) на овој член Агенцијата одлучува со решение во рок од 30 дена од денот на приемот на целосната документација. Доколку се потребни дополнителни информации и пресметки, Агенцијата може да го продолжи рокот за одлучување за 15 дена откако претходно ќе го извести давателот на универзалната услуга.

(4) Решението од ставoт (3) на овој член е конечно, а незадоволната страна има право да покрене постапка за управен спор пред надлежен суд.

(5) Цените за обезбедување на универзалната услуга, одобрени од Агенцијата, давателот на универзалната услуга е должен да го објави на својата веб страница и во деловните простории наменети за корисници на поштенски услуги, како и да го стави на корисниците на поштенските услуги на увид, по нивно барање.

(6) Давателот на универзална услуга е должен одобрените цени за обезбедување на универзалната услуга да ги применува првиот ден од наредниот месец кој следи по месецот во кој се одобрени од Агенцијата.

(7) Давателот на универзалната услуга е должен одобрените цени да ги објави во јавните гласила најмалку осум дена пред почетокот на нивната примена.

(8) Цените за обезбедување на универзалната услуга треба да бидат:
– пристапни за сите корисници до услугите независно од георгафското подрачје,
– базирани на трошоците за ефикасно обезбедување на универзална услуга,
– транспарентни и утврдени на недискриминаторска основа и
– еднакви за еднакви услуги на целата територија на Република Македонија.

(9) По исклучок од ставот (8) алинеја 4 на овој член давателот на универзална услуга може да утврди посебни цени за големите корисници. Цената за големите корисници треба да биде еднаква за сите големи корисници кои користат поштенски услуги под еднакви услови.

(10) Агенцијата може по службена должност да побара измена на цените врз основа на показатели добиени од анализа на пазарот.

(11) Агенцијата може да побара од давателот на универзална услуга да изврши измена на цените за обезбедување на универзална услуга, како што налагаат условите на пазарот, односно прописите согласно со овој закон.

(12) Давателот на универзална услуга е должен да постапи по барањето на Агенцијата за измена на цените за обезбедување на универзална услуга во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето, а Агенцијата ја одобрува измената на цените за обезбедување на универзална услуга во рок од 30 дена од денот на нејзиното доставување во Агенцијата.

Член 51

Водење на сметководство

(1) Задолжени даватели на поштенски услуги кои се должни да придонесуваат во компензацискиот фонд се должни да водат посебно сметководство за функционирање на компензацискиот фонд.

(2) Давателот на универзалната услуга е должен да води посебно сметководство за универзалната услуга, за резервираните услуги, како и за другите поштенски услуги што ги обезбедува. Посебното сметководство ќе се користи за пресметување на нето трошоците за универзалната услуга.

(3) Агенцијата го пропишува начинот на водење на сметководството и други прашања кои произлегуваат од овој член.

(4) Давателот на универзалната услуга не смее да ги субвенционира другите услуги кои ги обезбедува со приходите остварени со обезбедување на универзалната услуга.

(5) Ревидираните сметководствени извештаи давателот на универзална услуга ги доставува еднаш годишно до Агенцијата.

(6) Задолжените даватели се должни на Агенцијата да и доставуваат информации за сметководствениот систем кој го користат, како и детални сметководствени информации кои произлегуваат од овој систем.

(7) Агенцијата го пропишува начинот на спроведувањето на обврската од ставот (6) на овој член.

VII. ПОШТЕНСКИ ВРЕДНОСНИЦИ

Член 52

Поштенски вредносници

(1) Поштенски вредносници се поштенски марки, стандардизирани поштенски пликови и поштенски картички со втиснати поштенски марки.

(2) Органот на државната управа ја одобрува годишната програма за издавање поштенски марки што ја доставува давателот на универзалната услуга.

(3) Давателот на универзална услуга има право да:
– издава редовни и пригодни поштенски марки,
– издава пликови со отпечатена поштенска марка и поштенски картички,
– издава пригодни поштенски жигови,
– издава филателистички пликови кои се издаваат на денот на издавањето на поштенската марка,
– издава каталози и други филателистички производи,
– ги известува странските поштенски оператори кои се членки на Светскиот поштенски сојуз за издавањето на поштенски марки и
– продава и разменува меѓународни купони за одговор.

(4) Поштенските марки треба да бидат во согласност со условите пропишани во актите на Светскиот поштенски сојуз.

Член 53

Неважечки марки

(1) Давателот на универзална услуга не смее да користи неважечки поштенски марки.

(2) За неважечки поштенски марки од ставот (1) на овој член се сметаат марките кои:
– се издадени спротивно на овој закон,
– се оштетени,
– веќе се користени за плаќање на поштенските услуги и
– не се издадени од страна на давателот на универзална услуга.

(3) Доколку неважечката поштенска марка е ставена на поштенска пратка се смета дека поштенската услуга не е платена.

VIII. ДОСТАВА

Достава на поштенски пратки

Член 54

(1) Давателот на поштенски услуги е должен поштенските пратки да ги достави во станот односно во деловните простории на примачот, по правило лично на примачот или на лице овластено од примачот односно на овластено лице за прием на пратки во правното лице или во куќно поштенско сандаче за достава или во деловните простории на давателот на поштенски услуги.

(2) Доставата во поштенските преградоци поставени во деловните простории на давателот на поштенски услуги, како и доставата на пратки за кои е договорен определен начин на достава со примачот, се врши на договорениот начин врз основа на писмен договор склучен со примачот.

(3) Доставата во деловните простории на давателот на поштенски услуги се врши лично на примач или на лице овластено од примачот за прием на поштенски пратки.

(4) Доставата на поштенските пратки за кои со друг закон е предвиден посебен начин на постапување при доставата, давателот на поштенски услуги ја врши на начин утврден со друг закон.

(5) Условите и начинот на достава на поштенските пратки поблиску се уредени со општите услови на давателот на поштенски услуги од член 48 ставовите (1) и (2) од овој закон.

Член 55

Обврска за поставување на куќни поштенски сандачиња од страна на корисници на поштенски услуги

(1) Примачот на поштенските пратки е должен да обезбеди поставување и одржување на куќно поштенско сандаче на влез на семејна или индивидуална станбена зграда, односно на влез на деловен простор, во кое ќе му бидат доставувани поштенските пратки.

(2) Куќното поштенско сандаче треба да го носи бројот на семејната или индивидуалната станбена зграда или бројот на деловните простории.

(3) Куќните поштенски сандачиња од ставот (1) на овој член треба да се одржуваат од страна на примачот на начин кој ќе обезбеди сигурна достава на поштенските пратки.

(4) Давателите на поштенските услуги нема да вршат достава на поштенските пратки доколку не се обезбедени условите од ставовите (1) и (2) на овој член и за истото се должни да ја известат Агенцијата.

Член 56

Обврска за поставување на поштенски сандачиња од страна на давател на универзална услуга

(1) Давателот на универзалната услуга е должен на јавни места и улици да постави поштенски сандачиња за да обезбеди подобар пристап до неговата мрежа и поефикасна услуга на корисниците.

(2) Давателот на универзалната услуга е должен да ги одржува поштенските сандачиња на начин што ќе овозможи безбедност на поштенските пратки.

(3) Давателот на универзалната услуга е должен најмалку еднаш дневно, не помалку од пет работни дена во неделата, да собира поштенски пратки доставени во поштенските сандачиња од ставот (1) на овој член.

IX. ЗАШТИТА НА КОРИСНИЦИТЕ НА ПОШТЕНСКИ УСЛУГИ

Член 57

Право на користење на поштенски услуги и право на приговор

(1) Секоj корисник има право да користи поштенски услуги согласно со општите услови од членот 48 ставови (1) и (2) на овој закон и согласно со цените од членот 50 на овој закон.

(2) Секој корисник на поштенски услуги има право на приговор на одлука или на постапка преземена од давателот на поштенски услуги во врска со пристапот до услугите и обезбедувањето на услуги. Корисникот може да даде приговор до давателот на поштенските услуги во рок од 30 дена од денот кога ќе дознае за одлуката или постапката на давателот на поштенските услуги.

(3) Давател на поштенски услуги е должен да прими и да одговори на приговор од корисник во рок од 30 дена од приемот, а ако не го стори тоа, корисникот кој ги исполнил своите обврски кон давателот на поштенски услуги, може да поднесе управен приговор до Агенцијата во дополнителен рок од 15 дена, доколку се уште траат основот и причините поради кои бил поднесен приговорот до давателот на поштенски услуги.

(4) Давателите на поштенските услуги се должни да ја објават постапката за поднесување приговор од страна на корисници на поштенски услуги во рамките на општите услови од членот 48 ставови (1) и (2) на овој закон.

(5) Агенцијата ќе ја уреди постапката за заштита на интересите на корисниците на поштенските услуги преку утврдување на постапки за решавање на спорови, согласно со овој закон.

(6) Агенцијата решава по управниот приговор во рок од 30 дена од денот на приемот на управниот приговор.

X. ПРИВАТНОСТ НА ПОШТЕНСКИТЕ ПРАТКИ

Член 58

Тајност на поштенските пратки

(1) Давателите на поштенски услуги се должни да обезбедат неповредливост на тајноста на поштенските пратки.

(2) Правните или физичките лица кои обезбедуваат поштенски услуги се должни да обезбедат неповредливост на тајноста на поштенските пратки и по завршување на активноста во кое биле обврзани да ја обезбедат тајноста.

(3) Податоците што вработените кај давателот на поштенски услуги на овој член ќе ги дознаат при извршувањето на работните обврски се должни да ги чуваат и по престанокот на работниот однос кај давателот на поштенските услуги.

(4) Давателите на поштенски услуги се должни да воспостават систем кој ќе обезбедува неповредливост на тајност на поштенските услуги.

(5) Покрај одредбите утврдени во овој член постапката и начинот на обезбедување тајност на поштенските пратки ќе се врши во согласност со подзаконските акти донесени врз основа на овој закон.

Член 59

Податоци за корисниците на поштенски услуги

(1) Давателите на поштенските услуги можат да ги собираат и да ги обработуваат личните податоци на корисниците на поштенски услуги кои се составен дел на адресата на поштенската пратка, доколку тие податоци им се потребни за обезбедување на поштенските услуги.

(2) Давателите на поштенските услуги се должни да ги обработуваат податоците од ставот (1) на овој член согласно со прописите со кои се регулира заштитата на личните податоци.

XI. СОДРЖИНА НА ПОШТЕНСКИТЕ ПРАТКИ И ОДГОВОРНОСТ ЗА ПРЕДИЗВИКАНА ШТЕТА

Член 60

Забранета содржина на поштенските пратки

(1) Забрането е поштенските пратки да содржат:
– опојни дроги, освен ако испраќачот или примачот не е лице кое е законски овластено да тргува или да користи вакви материи,
– експлозивни, запаливи, радиоактивни или други опасни материи,
– живи животни,
– предмети чиј увоз и промет се забранети во одредишната земја,
– предмети кои се опасни за вработените кај давателот на поштенски услуги,
– предмети што се забранети со актите на Светскиот поштенски сојуз и
– други материи и предмети чие пренесување е забрането, согласно со овој и друг закон.

(2) По исклучок од ставот (1) алинеја 2 на овој член опасните материи што се разменуваат меѓу надлежните институции можат да се пренесуваат со поштенски пратки на начин и под услови утврдени со закон.

(3) По исклучок од ставот (1) алинеја 3 на овој член поштенските пратки, различни од пратките со означена вредност, е дозволено да содржат пчели, пијавици и свилени буби.

(4) Давателите на поштенски услуги се должни да ги достават поштенските пратки што содржат материи или предмети од ставот (1) алинеи 1 и 2 на овој член, со оглед на нивната природа и степен на ризик до надлежните државни органи и институции.

(5) Начинот на постапување со пратките за кои ќе се утврди дека содржат супстанции или предмети од ставот (1) на овој член се уредува со актите од членот 48 на овој закон.

Член 61

Одговорност на испраќачот за содржината на поштенските пратки

(1) Испраќачот е одговорен за внатрешното пакување на поштенската пратка.

(2) Испраќачот е одговорен за сите штети што неговата пратка заради несоодветно пакување ги предизвикала на другите поштенски пратки, на средствата и објектите кај давателите на поштенските услуги, како и за повреди или смрт на вработените и на други лица, доколку тие настанат поради тоа што пратката содржела предмети чиј пренос е забранет.

(3) Испраќачот е должен да ја означи стварната вредност на содржината на пратката со означена вредност.

Член 62

Одговорност на давател на поштенски услуги за настаната штета

(1) Давателите на поштенски услуги се одговорни за штета настаната на препорачана поштенска пратка, пратка со означена вредност и пакет во случај на:
– губење, ограбување или оштетување на пратката и
– пречекорување на рокот за достава.

(2) По исклучок од ставот (1) на овој член давателите на поштенски услуги нема да бидат одговорни ако докажат дека:
– истите се предизвикани од виша сила,
– се по вина на испраќачот,
– надлежен орган ја одзел или ја уништил поштенската пратка што содржи забранети материи или предмети,
– корисникот на поштенски услуги со измама ја осигурал содржината на поштенската пратка на износ кој ја надминува вистинската вредност на содржината,
– поштенската пратка не е доставена како последица на неточна адреса и
– корисникот на поштенските услуги не направил рекламација согласно со членот 63 од овој закон.

(3) Во меѓународниот поштенски сообраќај давателите на поштенски услуги одговараат во согласност со меѓународните акти што ги склучила, односно им пристапила Република Македонија.

Член 63

Рекламација

(1) Корисниците на поштенски услуги имаат право да поднесат рекламација.

(2) Испраќач има право да поднесе писмена рекламација до давателот на поштенските услуги во рок од три месеци од денот на испраќањето на пратката.

(3) Корисниците на поштенски услуги можат да поднесат рекламација за обични поштенски пратки без право за надоместок на штета.

(4) За оштетување на поштенска пратка кое е видливо од надвор примачот има право да поднесе рекламација веднаш при приемот на пратката или да одбие прием.За оштетување кое не е видливо однадвор примачот може да поднесе рекламација, по правило, првиот нареден работен ден од денот на приемот на пратката, при што треба да докаже дека оштетувањето или намалувањето на содржината на поштенската пратка настанало пред нејзиното врачување.

(5) Доколку корисникот на поштенските услуги не поднел рекламација во предвидениот рок го губи правото за надоместок на штета.

(6) Давателот на поштенските услуги е должен да прими рекламација и да одговори на поднесена рекламација:
– во рок од 30 дена за поштенски пратки во внатрешниот поштенски сообраќај и
– во рок од два месеца за поштенски пратки во меѓународен поштенски сообраќај.

(7) Доколку е незадоволен од одговорот на рекламацијата, корисникот кој ги исполнил своите обврски кон давателот на поштенски услуги, може да поднесе управен приговор до Агенцијата во дополнителен рок од 15 дена од приемот на одговорот, доколку се уште траат основот и причините поради кои била поднесена рекламација до давателот на поштенски услуги. Истото право го има корисникот кога му оневозможено да поднесе рекламација или кога во законскиот рок не добил одговор од давателот на поштенски услуги.

(8) Агенцијата решава по управниот приговор во рок од 30 дена од денот на приемот на управниот приговор.

Член 64

Висина за надоместок за настаната штета

(1) Давателот на поштенските услуги е должен на корисникот на поштенските услуги да му исплати надоместок за настаната штета, и тоа:
а) за губење или целосно оштетување на:
– поштенска пратка со означена вредност во висина на нејзината означена вредност и
– препорачана поштенска пратка и пакет, 15 пати од износот платен за услугата;
б) за делумно оштетување на поштенска пратка или ограбување на пратка:
– за поштенска пратка со означена вредност во висина на нејзината стварна настаната штета, но не поголема од означената вредност и
– за препорачана поштенска пратка и пакети, десет пати од износот платен за услугата и
в) за пречекорување на рокот за достава на:
– приоритетни поштенски пратки, се плаќа десет пати од износот платен за услугата и
– неприоритетни поштенски пратки се плаќа пет пати од износот платен за услугата.

(2) Во случаите од ставот (1) точка а) на овој член, давателот на поштенските услуги покрај надоместокот е должен да го врати и износот платен за услугата, намален за износот платен за препорачано ракување или ракување за пратка со означена вредност.

(3) Ако покрај пречекорување на рокот за достава на препорачана поштенска пратка, пратка со означена вредност и пакет настане и делумно оштетување или ограбување на пратката, од давателот на поштенските услуги не може да се исплати надоместок поголем од означената вредност на поштенската пратка.

(4) Висината на надоместоците за поштенски пратки во меѓународниот поштенски сообраќај е утврдена во согласност со меѓународните акти што ги склучила, односно им пристапила Република Македонија.

(5) Давателот на поштенските услуги не е одговорен за индиректно настаната штета на поштенските пратки.

XII. РЕШАВАЊЕ НА СПОРОВИ

Член 65

Спогодбено решавање на спор

(1) Агенцијата води постапка за спогодбено решавање на спор во случаи пропишани со овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон меѓу давателот на универзална услуга и давателите на поштенски услуги во врска со пристапот до поштенската мрежа, како и меѓу давателите на поштенски услуги и корисниците на поштенски услуги.

(2) Во случаите од ставот (1) на овој член, Агенцијата започнува постапка за спогодбено решавање на спор на барање на една од страните во спорот или во случаи кога страните писмено се договориле меѓусебниот спор да се решава спогодбено во постапка пред Агенцијата.

(3) Спогодбеното решавање на спорните односи меѓу странките од ставот (2) на овој член е доброволна, ефикасна, брза и евтина постапка која се води пред Агенцијата во која страните настојуваат спорниот однос да го решат на мирен начин со помош на Агенцијата која неутрално и непристрасно на страните им помага да постигнат заеднички прифатливо решение.

(4) Постапката за спогодбено решавање на спорот, странките доброволно ја поведуваат, учествуваат во истата и во секое време можат да се откажат од истата.

(5) Постапката за спогодбено решавање на спорот завршува во рок од 42 дена од денот на приемот на барањето за започнување на постапка за решавање на спорот, без оглед на нејзиниот исход.

(6) Крајниот рок за решавање на спорот од ставот (5) на овој член може да се продолжи доколку тоа е потребно заради обемот на постапката, но не смее да биде подолг од четири месеци. Согласноста за вакво продолжување странките ја изразуваат писмено.

(7) Агенцијата е должна во постапката за спогодбено решавање на спорот да ги има предвид и целите за обезбедување на ефикасна конкуренција и заштита на интересите на корисниците на пазарот, согласно со овој закон.

(8) Кога е тоа со закон утврдено, како и кога ќе утврди или дознае дека со оглед на постојната фактичка состојба треба заради заштита на јавниот интерес да се поведе управна постапка, Агенцијата ќе поведе постапка по службена должност при што ќе ги земе предвид и наводите од барањето од ставот (2) на овој член.

(9) Управната постапка по службена должност од ставот (8) на овој член се поведува и води согласно со Законот за општата управна постапка доколку со овој закон поинаку не е уредено.

(10) Агенцијата ги објавува на својата веб страница постигнатите спогодби меѓу страните, односно одлуките во постапката за спогодбено решавање на споровите при што води сметка за примена на прописите за заштита и пристап на лични податоци и класифицирани информации.

(11) Агенцијата го пропишува начинот на постапување при решавање на спорови.

Член 66

Арбитража

Давателот на универзалната услуга и давателите на поштенските услуги како корисници на поштенската мрежа, како и давателите на поштенските услуги и корисниците на поштенските услуги можат писмено да се договорат, спорот да се реши со арбитража на начин и по постапка утврдени со овој закон.

Член 67

Арбитражна постапка

(1) Арбитражната постапка ја спроведува Арбитражен совет кој се избира од список на арбитри.

(2) Арбитражната постапка започнува со доставување на писмен предлог до Агенцијата од една или двете страни во спорот која го проследува до Арбитражниот совет.

Член 68

Список на арбитри

(1) Списокот на арбитри е составен од најмалку десет компетентни и стручни лица од областа на поштенските услуги, техничките науки, правото, економијата и други области што се од значење за остварување на надлежностите на Агенцијата и истиот се води во Агенцијата.

(2) Арбитрите се именуваат од Комисијата, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на поштенските услуги и други заинтересирани страни.

(3) Мандатот на арбитерот изнесува пет години со можност за повторно именување.

(4) Именуваните арбитри треба да бидат непристрасни и независни од страните во постапката.

Член 69

Основање на арбитражни совети

(1) Арбитражните совети се основаат на следниов начин:
– секоја страна од спорот, во рок од седум дена од денот на поднесувањето на предлогот за арбитражна постапка, избира по еден арбитер од списокот на арбитри и
– двата арбитри избрани од страните во спорот, во рок од седум дена од денот на нивниот избор треба договорно да изберат трет арбитер од списокот на арбитри, кој ќе биде претседавач на Арбитражниот совет.

(2) Ако изборот на претседавачот, или на кој било друг арбитер не е извршен во рокот утврден во ставот (1) на овој член, директорот на Агенцијата е должен да го изврши изборот на овие лица во рок од пет дена по истекот на утврдениот рок.

(3) Рокот за избор на арбитри може да се продолжи спогодбено меѓу страните во спорот и за тоа треба да ја извести Агенцијата.

Член 70

Правила на постапката

(1) Страните во спорот можат спогодбено да ги изберат правилата на постапката за Арбитражниот совет.

(2) Во отсуство на таква спогодба Арбитражниот совет самостојно решава за начинот на водење на постапката.

(3) Арбитражниот совет ги сослушува страните, ги разгледува жалбите и приговорите и на страните им дава предлози за спогодбено решавање на спорот.

(4) Ако не може да се постигне спогодбено решавање на спорот, Арбитражниот совет го решава спорот по сопствено убедување.

(5) Арбитражната одлука може да биде достапна за јавноста, но самото досие за арбитражната постапка останува доверливо.

Член 71

Место и трошоци на арбитражата

(1) Ако поинаку не е договорено со страните од спорот Арбитражниот совет го избира местото на арбитражната постапка.

(2) Трошоците за арбитражата ги сносат рамноправно страните во спорот, освен ако поинаку не се договорат.

Член 72

Арбитражна одлука

(1) Арбитражите завршуваат со донесување на одлука од страна на Арбитражниот совет.

(2) Арбитрите ги донесуваат одлуките со мнозинство гласови.

(3) Арбитражната одлука им се доставува на страните во спорот и се депонира кај Агенцијата.

(4) Арбитражната одлука, вклучитело и заклучоците утврдени во однос на фактите или законските прашања, се обврзувачки за страните од спорот и се извршуваат преку судовите.

(5) Против одлуката на арбитражниот совет не е дозволена жалба.

XIII. НАДЗОР

Член 73

Надлежност за вршење надзор

(1) Надзор над спроведувањето на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон врши Агенцијата.

(2) Надзорот од ставот (1) на овој член го вршат раководни и стручни лица од Агенцијата, овластени за тоа со решение на директорот на Агенцијата (во натамошниот текст: овластеното лице).

(3) Директорот на Агенцијата донесува годишна програма за вршење надзор и поднесува годишен извештај за спроведен надзор како составен дел на годишниот извештај за работа за претходната година на Агенцијата за пошти.

Член 74

Надлежности на овластеното лице

Овластеното лице врши надзор над спроведувањето на одредбите на овој закон, прописите и другите општи акти донесени врз основа на него, а особено над:
– пристапот до универзална услуга,
– квалитетот на обезбедување на универзалната услуга,
– обезбедувањето пристап до поштенската мрежа,
– примена на цените на универзалната услуга,
– имплементацијата на сите акти издадени од Агенцијата и
– над други работи утврдени со овој закон и над прописите и другите општи акти донесени врз основа на него.

Член 75

Овластено лице

(1) За овластено лице може да биде назначено лице кое е вработено во Агенцијата и кое има високо образование во областа на поштенскиот сообраќај, правото, економијата и техничките науки, со најмалку три години работно искуство во струката.

(2) Директорот на Агенцијата на овластеното лице му издава службена легитимација која му служи за докажување на неговото службено својство и која е должен да ја покаже при вршењето на надзорот.

(3) Формата и содржината на службената легитимација од ставот (2) на овој член и начинот на издавање и одземање ги пропишува Агенцијата. Службената легитимација на овластеното лице му се одзема кога му е одземено овластувањето или му престанал работниот однос во Агенцијата.

(4) Овластеното лице има право и должност стручно да се оспособува за извршување на своите работи и задачи во согласност со програма за специјализирана обука донесена од директорот на Агенцијата.

(5) Овластеното лице има право на зголемен износ на плата во висина од 10% до 30%. Правото на зголемен износ на платата се утврдува со општите акти за работа на Агенцијата во зависност од одговорноста, видот и степенот на изложеност на ризици при извршување на работите на надзорот.

Член 76

Постапка за надзор

(1) Надзорот може да биде:
1) редовен надзор кој опфаќа надзор над спроведувањето на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон врз основа на годишната програма за вршење надзор;
2) вонреден надзор кој по правило се врши ненајавено, врз основа на поднесена иницијатива од корисници или даватели на поштенски услуги, како и во случај на сомневање на овластеното лице (по службена должност) и
3) контролен надзор кој се врши по истекот на рокот определен во решението донесено од страна на Агенцијата, при што овластеното лице при утврдување на фактичката состојба ќе констатира дека субјектот на надзорот:
– постапил по решението во целост,
– делумно постапил по решението или
– не постапил по решението.

(2) За извршениот надзор овластеното лице составува записник кој го дава на субјектот на надзорот на потпис.

(3) Записникот треба да содржи приказ на утврдената фактичка состојба при надзорот.

(4) Формата и задолжителните елементи од записникот за извршениот надзор ги пропишува Агенцијата.

(5) За резултатите од надзорот овластеното лице е должно веднаш, а најдоцна во рок од три дена од денот на извршувањето на надзорот да го извести директорот на Агенцијата и да му поднесе нацрт на решение заедно со сите списи од надзорот. Нацртот на решението го потпишува овластеното лице.

(6) Во случај на утврден прекршок при надзорот, овластеното лице е должно веднаш да го извести директорот на Агенцијата и да му ги достави сите списи од надзорот заради поведување прекршочна постапка.

(7) Постапката за надзор овластеното лице ја спроведува согласно со одредбите од овој и друг закон.

Член 77

Права и обврски на субјектот на надзорот

(1) Субјектот на надзорот е должен на овластеното лице при вршење надзор да му овозможи непречено вршење надзор.

(2) За непречено вршење надзор одговара субјектот на надзорот и одговорното лице во субјектот на надзорот.

(3) Субјектот на надзорот е должен на овластеното лице заради вршење надзор да му овозможи:
– влегување во просторија и превозно средство каде што се наоѓаат средствата и предметите за обезбедување на поштенските услуги и пратките и
– да стави на увид и на барање на овластеното лице да ги даде сите потребни информации, податоци и документација без оглед на медиумот на кој истите се чуваат.

(4) Доколку овластеното лице се сомнева дека некое правно или физичко лице кое нема поднесено нотификација до Агенцијата обезбедува поштенски услуги, правното или физичкото лице е должно на овластеното лице заради вршење надзор да му овозможи:
– влегување во просторија и превозно средство каде што се наоѓаат средствата и предметите за обезбедување на поштенските услуги и пратките и
– да стави на увид и на барање на овластеното лице да ги даде потребните податоци и документација без оглед на медиумот на кој истите се чуваат.

(5) Доколку на овластеното лице при вршење на надзорот не му се овозможи влегување во станбена просторија, овластеното лице може тоа да го стори со налог издаден од надлежен суд.

(6) Субјектот на надзорот има право да дава изјави на записник и забелешки поврзани со надзорот со образложение за причините за истите.

(7) Субјектот на надзорот има право да одбие да го потпише записникот ако не се согласува со фактите кои се наведени во записникот или му е оневозможено правото од ставот (6) на овој член. Одбивањето да се потпише записникот не го спречува натамошното вршење на надзорот.

(8) Агенцијата го пропишува начинот на вршењето на надзорот.

Член 78

Решение

(1) Во случај на повреда на одредбите од овој закон или друг пропис донесен врз основа на овој закон утврдена од страна на овластеното лице и констатирана со записник, Агенцијата донесува решение.

(2) Со решението од ставот (1) на овој член се утврдуваат услови и се наложуваат обврски, мерки и активности кои давателот на поштенски услуги е должен да ги исполни и изврши заради отстранување на утврдените неправилности, во рокови определени соодветно на природата и тежината на условите и обврските.

(3) Давателот на поштенски услуги е должен да постапи по решение од ставот (1) на овој член и да ги отстрани утврдените неправилности во утврдениот рок.

Член 79

Право на судска заштита

(1) Решение на Агенцијата донесено во управна постапка е конечно.

(2) Против решението од ставот (1) на овој член може да се поднесе тужба за поведување управен спор пред надлежен суд.

(3) Тужбата за поведување на управен спор се поднесува во рок од 30 дена од денот на приемот на решението и истата не го одлага извршувањето на решението.

XIV. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

Член 80

(1) Глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правно лице – давател на поштенски услуги, ако:
– не обезбедува универзална услуга согласно со членот 30 став (2) од овој закон,
– доколку со обезбедувањето на универзалната услуга во девет месеци последователно или 12 месеци во текот на две години не го постигне пропишаниот квалитет од членот 31 став (2) на овој закон,
– еднаш годишно не достави податоци добиени со мерењето на квалитетот на обезбедување на универзалната услуга во внатрешниот и меѓународниот поштенски сообраќај (член 31 став (6)),
– обезбедува поштенски услуги без општо овластување спротивно на членот 38 став (1) од овој закон,
– обезбедува поштенски услуги кои не се наведени во општото овластување (член 41 став (2)),
– обезбедува пратки за кореспонденција и услуги на директна пошта по цени пониски од пропишаното ограничување (член 41 ставови (3), (4) и (5)),
– пренесува права и обврски на друго правно лице (член 43),
– обезбедува поштенски услуги и по престанок на важноста на индивидуалната дозвола и општото овластување (член 46 став (5)),
– обезбедува поштенски услуги и по укинување на индивидуалната дозвола или општото овластување (член 45 став (7)),
– не гради, не ја одржува и не ја развива поштенската мрежа (член 47 став (1)),
– не овозможи пристап до поштенска мрежа согласно со членот 47 став (2) од овој закон,
– не достави понуда за пристап на одобрување (член 47 став (3)),
– не постапува во услови на штрајк согласно со членот 49 од овој закон,
– применува цени кои не се одобрени од Агенцијата (член 50),
– не води посебно сметководство согласно со членот 51 ставови (1) и (2) од овој закон,
– врши субвенционирање на други услуги спротивно на членот 51 став (4) од овој закон,
– издава поштенски марки спротивно на членот 52 од овој закон,
– достави поштенска пратка спротивно на членот 54 став (1) од овој закон,
– не ја штити тајноста на поштенските пратки при обезбедувањето на поштенските услуги од членот 58 на овој закон,
– обезбедува поштенски пратки со забранета содржина (член 60),
– не овозможи влегување на овластеното лице согласно со членот 77 ставови (3) алинеја 1 и (4) алинеја 1 од овој закон,
– не стави на увид и на барање на овластеното лице да не ги даде сите потребни информации, податоци и документација согласно со членот 77 ставови (3) алинеја 2 и (4) алинеја 2 од овој закон и
– не постапи по решение и не ги отстрани утврдените неправилности во утврдениот рок (член 78 став (3)).

(2) Глоба во износ од 1.500 евра во денарска противвредност, ќе му се изрече за прекршокот од ставот 1 на овој член и на одговорното лице во правното лице.

(3) За прекршоците од ставот (1) на овој член на правното лице, покрај глобата, може да му се изрече и привремена забрана на вршење одделна дејност во траење до една година.

(4) За прекршоците од ставот (2) на овој член на одговорното лице во правното лице, покрај глобата, може да му се изрече и забрана на вршење професија, дејност или должност во траење до една година.

Член 81

(1) Глоба во износ од 2.000 до 2.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правно лице – давател на поштенски услуги, ако:
– не дава на располагање информации и финансиски податоци на Агенцијата заради извршување на нејзините надлежности (член 25 став (1)),
– не доставува податоци за вкупниот приход (член 35 став (1)),
– затвoра поштенската единица без добиена согласност (член 36 став (6)),
– не склучува договор за пристап со даватели на поштенски услуги (член 47 став (9)),
– при утврдување на цена и условите за пристап до поштенската мрежа прави разлика меѓу различните даватели на поштенски услуги (член 47 став (14)),
– не предвиди цени и општи услови од членот 48 став (2) на овој закон,
– формира цени за големите корисници спротивни на членот 50 став (9) од овој закон,
– користи неважечки поштенски марки спротивно на членот 53 став (1) од овој закон и
– го попречува вршењето на надзорот на овластеното лице (член 77 став (1)).

(2) Глоба во износ од 400 евра во денарска противвредност, ќе му се изрече за прекршокот од ставот 1 на овој член и на одговорното лице во правното лице.

Член 82

(1) Глоба во износ од 1.000 до 1.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правно лице – давател на поштенски услуги, ако:
– не постави поштенски сандачиња (член 56 став (1)),
– не ги одржува поштенските сандачиња во согласност со членот 56 став (2) од овоj закон и
– не прима или не одговори на рекламации од корисници на поштенски услуги согласно со членот 63 став (6) од овој закон.

(2) Глоба во висина од 30% од одмерената глоба за правното лице, ќе му се изрече за прекршокот од ставот 1 на овој член и на одговорното лице во правното лице.

Член 83

(1) Глоба во износ од 500 до 750 евра во денарска противредност ќе му се изрече за прекршок на физичко лице – давател на поштенски услуги, ако:
– обезбедува поштенски услуги без општо овластување спротивно на членот 38 став (1) од овој закон,
– обезбедува поштенски услуги кои не се наведени во општото овластување (член 41 став (2)),
– обезбедува пратки за кореспонденција и услуги на директна пошта по цени пониски од пропишаното ограничување (член 41 ставови (3), (4) и (5)),
– пренесува права и обврски на друго правно лице (член 43),
– обезбедува поштенски услуги и по престанок на важноста на индивидуалната дозвола и општото овластување (член 46 став (5)),
– обезбедува поштенски услуги и по укинување на индивидуалната дозвола или општото овластување (член 45 став (7)),
– не води посебно сметководство согласно со членот 51 ставови (1) и (2) од овој закон,
– достави поштенска пратка спротивно на членот 54 став (1) од овој закон,
– не ја штити тајноста на поштенските пратки при обезбедувањето на поштенските услуги од членот 58 на овој закон,
– обезбедува поштенски пратки со забранета содржина (член 60),
– не овозможи влегување на овластеното лице согласно со членот 77 ставови (3) алинеја 1 и (4) алинеја 1 од овој закон,
– не стави на увид и на барање на овластеното лице да не ги даде сите потребни информации, податоци и документација согласно со членот 77 ставови (3) алинеја 2 и (4) алинеја 2 од овој закон и
– не постапи по решение и не ги отстрани утврдените неправилности во утврдениот рок (член 78 став (3)).

(2) Глоба во износ од 250 до 375 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичко лице лице – давател на поштенски услуги, ако:
– не дава на располагање информации и финансиски податоци на Агенцијата заради извршување на нејзините надлежности (член 25 став (1)),
– не доставува податоци за вкупниот приход (член 35 став (1)),
– не предвиди цени и општи услови од членот 48 став (2) на овој закон,
– го попречува вршењето на надзорот на овластеното лице (член 77 став (1)).

(3) Глоба во износ од 150 до 225 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичко лице лице – давател на поштенски услуги, ако:
– не прима или не одговори на рекламации од корисници на поштенски услуги согласно со членот 63 став (6) од овој закон.

(4) За прекршоците од ставовите (1), (2) и (3) на овој член на физичко лице, покрај глобата, може да му се изрече и забрана на вршење дејност во траење до една година.

Член 83-а

(1) Глоба во износ од 15 до 50 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на овластеното службено лице од Агенцијата ако не ги побара доказите по службена должност во рокот утврден во членот 39 став (2) од овој закон.

(2) Глоба во износ од 15 до 50 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на овластеното службено лица од надлежниот јавен орган од кој се побарани доказите ако не ги достават бараните докази во рокот утврден во членот 39 став (3) од овој закон.

(3) За прекршоците од ставовите (1) и (2) на овој член прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува надлежен суд.

Член 84

Избришан 

Член 85

Постапка за едукација

(1) Доколку при вршењето на надзорот овластеното лице утврди дека е сторена неправилност од членoвите 56 ставови (1) и (2) и 63 став (6) на овој закон, е должно да состави записник во кој ќе ја утврди сторената неправилност со укажување за отстранување на утврдената неправилност во определен рок и со истовремено врачување на покана за спроведување на едукација на лицето или субјектот каде што е утврдена неправилноста при вршењето на надзорот.

(2) Формата и содржината на поканата за едукација, како и начинот на спроведување на едукацијата ги пропишува Комисијата на Агенцијата.

(3) Едукацијата ја организира и спроведува овластеното лице во рок не подолг од осум дена од денот на спроведувањето на надзорот.

(4) Едукацијата може да се спроведува за повеќе утврдени исти или истородни неправилности, за едно или повеќе лица.

(5) Доколку во закажаниот термин лицето над кое се спроведува едукација не се јави на едукацијата ќе се смета дека едукацијата е спроведена.

(6) Доколку лицето над кое се спроведува едукација се јави на закажаната едукација и истата ја заврши ќе се смета дека е едуциран по однос на утврдената неправилност.

(7) Доколку овластеното лице при спроведување на контролниот надзор утврди дека се отстранети утврдените неправилности од ставот (1) на овој член, со заклучок се запира постапката за надзор, а доколку утврди дека не се отстранети утврдените неправилности, овластеното лице е должно веднаш да го извести директорот на Агенцијата и да му ги достави сите списи од надзорот заради поведување прекршочна постапка.

(8) Агенцијата води евиденција за спроведената едукација на начин пропишан од Комисијата на Агенцијата.

Член 86

Постапка за порамнување

(1) За прекршоците утврени со овој закон пред поднесување барање за поведување на прекршочна постапка, овластеното лице е должно на сторителот на прекршокот да му предложи постапка за порамнување со издавање на прекршочен платен налог.

(2) Кога овластеното лице ќе го констатира прекршокот од ставот (1) на овој член составува записник во кој се забележуваат битните елементи на прекршокот, времето, местото и начинот на сторување на прекршокот, описот на дејствието на прекршокот и лицата затекнати на самото место. Записникот го потпишуваат овластеното лице и сторителот.

(3) Ако сторителот го признае делото што му се става на товар или ако овластеното лице прекршокот го утврди лично или го утврди со употреба на соодветни технички средства и направи, овластеното лице веднаш ќе издаде прекршочен платен налог.

(4) Прекршочниот платен налог содржи лично име, адреса и единствен матичен број на граѓанинот, ако се работи за странец и број на патната исправа и држава, а за правно лице, назив, седиште и даночен број, местото и времето на сторување на прекршокот, правната квалификација на прекршокот, износот на глобата, број на сметката за плаќање и правна поука, а може и други податоци во согласност со закон.

(5) По приемот и потпишувањето на прекршочниот платен налог сторителот е должен да ја плати глобата изречена согласно со ставовите (4) и (5) на овој член во рок од осум дена од приемот на прекршочниот платен налог на сметката означена во платниот налог.

(6) Сторителот кој ќе ја плати глобата во рокот од ставот (6) на овој член ќе плати половина од изречената глоба, за кое право се поучува во правната поука.

(7) Ако сторителот не ја плати глобата во рокот од ставот (6) на овој член, овластеното лице поднесува барање за поведување на прекршочна постапка до надлежниот суд.

(8) Доколку сторителот на прекршокот одбие да се потпише на платниот налог овластеното лице евидентира дека лицето одбило да се потпише.

(9) Доколку сторителот на прекршокот не се согласи на постапка за порамнување или во утврдениот рок не ја плати глобата, овластеното лице е должно веднаш да го извести директорот на Агенцијата и да му ги достави сите списи од надзорот заради поведување прекршочна постапка.

(10) Агенцијата води евиденција за прекршочните постапки за порамнување и за издадените прекршочни платни налози и за исходот на покренатите постапки.

(11) Во евиденцијата од ставот (11) на овој член се собираат, обработуваат и чуваат следните податоци: име и презиме, односно назив на сторителот на прекршокот, живеалиште, односно престојувалиште, седиште, вид на прекршокот, број на прекршочниот платен налог кој му се издава и исходот на постапката.

(12) Личните податоци од ставот (11) на овој член се чуваат пет години од денот на внесување во евиденцијата.

(13) Формата и содржината на прекршочниот платен налог ја пропишува министерот за транспорт и врски.

Член 86-а

Одмерувањето на висината на глобата за правно лице се врши согласно со Законот за прекршоците.

XV. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 87

Започнатите постапки до денот на влегувањето во сила на овој закон ќе продолжат пред Агенцијата согласно со Законот за поштенските услуги (“Службен весник на Република Македонија“ број 9/2008).

Член 88

Претседателот и членовите на Комисијата како орган на Агенцијата и директорот на Агенцијата, именувани до денот на влегувањето во сила на овој закон, продолжуваат со работа до истекот на мандатот за кој се именувани.

Член 89

Статутот на Агенцијата ќе се усогласи со одредбите на овој закон во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 90

(1) Постојниот давател на универзална услуга по влегувањето во сила на овој закон ќе продолжи да ја обезбедува универзалната услуга заедно со резервираната услуга врз основа на индивидуална дозвола издадена од Агенцијата во согласност со Законот за поштенските услуги (“Службен весник на Република Македонија“ број 9/2008) се до истекот на рокот на важење на дозволата.

(2) Правните и физичките лица кои имаат добиено индивидуална и стандардна дозвола или одобрение за обезбедување на поштенски услуги ќе продолжат со нивното обезбедување на начин и под услови пропишани со овој закон.

(3) Заради спроведување на овој закон Агенцијата може да побара од лицата од ставот (2) на овој член дополнителни податоци доколку смета дека е потребно.

Член 91

(1) Подзаконските прописи чие донесување е предвидено со овој закон ќе се донесат во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

(2) До донесувањето на прописите од ставот (1) на овој член ќе се применуваат постојните прописи.

Член 92

(1) Давателот на универзалната услуга со денот на влегувањето во сила на овој закон има ексклузивно право да обезбедува резервирани поштенски услуги до 31 декември 2020 година.

(2) По истекот на рокот од ставот (1) на овој член престануваат да важат одредбите од членот 41 ставови (3), (4) и (5), членот 80 став (1) алинеја 6 и членот 83 став (1) алинеја 5 на овој закон.

Член 93

Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за поштенските услуги (“Службен весник на Република Македонија“ број 9/2008).

Член 94

Овој закон влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.