Закон за основање на Државен универзитет „Гоце Делчев“ во Штип

Член 1

Се основа Државен универзитет „Гоце Делчев“ во Штип (во натамошниот текст: Универзитет), како највисока автономна, високообразовна, научна, односно уметничка установа.

Во состав на Универзитетот се следниве високообразовни установи:
1) Економски факултет;
2) Правен факултет;
3) Земјоделски факултет;
4) Музичка академија;
5) Факултет за информатика;
6) Факултет за медицински науки со седиште во Штип;
7) Филолошки факултет со седиште во Штип;
8) Факултет за туризам и бизнис логистика со седиште во Гевгелија;
9) Технолошко-технички факултет со седиште во Штип;
10) Машински факултет со седиште во Штип;
11) Електротехнички факултет со седиште во Штип;
12) Ликовна академија и
13) Филмска академија.

Член 2

Универзитетот има својство на правно лице.

Универзитетот има една сметка за редовно работење преку која располага со буџетските средства, како и една или повеќе посебни сметки преку кои располагаат со средствата што ги остварува од самофинансирачки активности, од донации и од кредити. Седиштето на Универзитетот е во Штип.

Член 3

Подготовките за почеток со работа на Универзитетот ќе ги врши матична комисија.

Членовите на матичната комисија ќе ги именува Владата на Република Македонија на предлог на министерот надлежен за работите за високото образование. Универзитетот ќе почне со работа веднаш по завр-шувањето на постапката водена од страна на матичната комисија.

 Член 4

Средствата за финансирање на дејноста на Универзитетот ќе се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија и од други извори определени со закон.

Член 5

Институтот за јужноземјоделски култури во Струмица ќе се спои со Државниот универзитет “Гоце Делчев” во Штип согласно со Законот за високото образование.

Член 6

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.