Закон за основање на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Предмет

Член 1

Со овој закон се уредуваат основањето, надлежностите, организацијата и начинот на вршење на работата и раководењето со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и се утврдуваат изворите за обезбедување на средства за финансирање на работата на Агенцијата и нивната намена, како и други прашања од значење за развојот на земјоделството и руралните средини.

Цел на законот

Член 2

Целта на овој закон е да се обезбеди:
– спроведување на земјоделската политика и поддршка на руралниот развој во Република Македонија,
– користење на средствата од претпристапната помош на Европската унија за рурален развој во согласност со критериумите пропишани во билатералните договори меѓу Република Македонија и Европската унија,
– спроведување на заедничката земјоделска политика на Европската унија во Република Македонија,
– спроведување на заедничката рибарска политика на Европската унија во Република Македонија,
– спроведување на мерките на државна помош во земјоделството и
– спроведување на други мерки кои ги утврдува Владата на Република Македонија.

Целите на овој закон се спроведуваат преку програми што согласно со закон ги донесува Владата на Република Македонија.

Член 2-а

Дефиниции

Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:

1. „Барател“ е правно или физичко лице кое до Агенцијата поднесува барање и соодветна документација со цел за одобрување или исплата на финансиска поддршка од програмите кои ги спроведува Агенцијата;

2. „Барање“ е образец на барање за финансиска поддршка или барање за исплата, со потребната документација неопходна за докажување на исполнетоста на критериуми за финансиска поддршка, односно на критериумите за исплата;

3. „Билатерални договори” се договори склучени меѓу Владата на Република Македонија и Комисијата на Европските заедници, а ратификувани согласно со Уставот на Република Македонија;

4. „Контрола на лице место“ е контрола која се врши на лице место од лица овластени од страна на Агенцијата;

5. „Контролор“ е лице овластено од страна на Агенцијата, што врши контрола на лице место;

6. „Корисник“ е правно или физичко лице на кое со решение му е одобрена исплата на финансиска поддршка;

7. „Национален координатор за авторизација“ е орган на целосното децентрализирано управување на кој му е доверена целосната одговорност за финансиско управување на средствата од Буџетот на ЕУ и

8. „Финансиска поддршка“ се парични средства кои Aгенцијата ги одобрува, односно исплатува на корисникот.“

Статус на Агенцијата

Член 3

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (во натамошниот текст: Агенцијата) се основа како самостоен орган на државната управа со својство на правно лице.

Полниот назив на Агенцијата е: Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Скратен назив на Агенцијата е АФПЗРР.

Називот на Агенцијата во меѓународниот промет е AGENCY FOR FINANCIAL SUPPORT OF AGRICULTURE AND RURAL DEVELOPMENT.

Седиштето на Агенцијата е во Скопје.

Акредитација за користење на средства од претпристапната помош на Европската унија

Член 4

За користење на средства од претпристапната помош на Европската унија, Агенцијата добива акредитација од Националниот координатор за авторизација и од Европската  комисија.

Национален координатор за авторизација во смисла на овој закон е лице именувано од страна на Владата на Република Македонија.

Начинот и постапката за добивање на акредитација од Националниот координатор за  авторизација поблиску ги пропишува Владата на Република Македонија, а начинот и постапката за добивање на акредитација од Европската комисија се уредува со билатерални договори склучени меѓу Република Македонија и Европската унија.

Начела на вршење на работите

Член 5

Работата на Агенцијата се заснова на начелото на поделба на надлежности во смисла дека секоја од долунаведените работи се извршува од посебна организациона единица на Агенцијата, и тоа:
– oдобрување на проекти,
– одобрување на плаќања,
– извршување на плаќања,
– контрола и
– сметководство.

Во вршењето на работите на Агенцијата се применуваат и следниве начела:
– законитост,
– еднаквост, непристрасност и објективност,
– стручност,
– сервисна ориентација,
– одговорност,
– ефикасност и ефективност,
– транспарентност,
– материјална вистина и
– заштита на јавниот интерес.

II. НАДЛЕЖНОСТИ НА АГЕНЦИЈАТА

Надлежност

Член 6

Агенцијата е надлежна за:
– извршување на мерките за директните плаќања во земјоделството,
– интервенции на пазарот на земјоделски производи,
– имплементација на производните квоти,
– извршување на мерките за рурален развој,
– реализација на средствата од претпристапната помош на Европска унија за рурален развој,
– спроведување на мерките на државна помош во земјоделството и
– вршење на други работи утврдени со закон.

Работи на Агенцијата

Член 7

За извршување на надлежностите од членот 6 на овој закон Агенцијата ги врши следниве работи:
– прием, евиденција и обработка на барања за финансиска поддршка,
– одобрување на исплата на средства,
– организирање на финансиските, сметководствените и функциите за известување кои  се однесуваат на плаќањата согласно со овој закон,
– внатрешна ревизија,
– организирање, спроведување и координирање на административните и технички контроли и контролите на лице место,
– прибирање и обработка на податоци,
– водење бази на податоци и регистри,
– подготовка на извештаи и анализи,
-објавување на огласи за доставување на барања за финансиска поддршка,
– склучување на договори со барателите на финансиската поддршка,
– вршење на поврат на средства и
– други работи утврдени со закон.

Извршување на работи со договор

Член 8

Освен за работите утврдени во членот 7 алинеја 3 од овој закон, за вршење на определени работи од надлежност на Агенцијата кои бараат посебна стручност и за чие извршување се потребни соодветни стручни лица, опрема и уреди кои не ги поседува Агенцијата, Агенцијата може да склучи договор за соработка со друг орган на државната управа, јавна установа или друго правно лице, а особено со органите на државната управа надлежни за управување со работите од областа на земјоделството, шумарството и водостопанството, безбедноста на храната, финансиите, економијата, туризмот и угостителството и животната средина

Агенцијата редовно врши контрола на извршувањето на договорените работи со цел да утврди дали извршувањето на истите ги задоволува стандардите утврдени со договорот за соработка од ставот 1 на овој член.

Агенцијата останува одговорна за законито исплаќање и ефикасно извршување на работите од ставот 1 на овој член.

III. ФИНАНСИРАЊЕ НА РАБОТАТА НА АГЕНЦИЈАТА

Извори на средства

Член 9

Средствата за финансирање на работата на Агенцијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

Покрај со средствата од ставот 1 на овој член, работата на Агенцијата може да се финансира и со средства од други извори утврдени со закон, како и од Буџетот на Европската унија во согласност со критериумите пропишани во билатералните договори склучени меѓу Република Македонија и Европската унија.

Агенцијата обезбедува средства за вршење на работите од членот 8 став 1 на овој закон.

Начин на исплата на средствата

Член 10

Исплатата на средствата за намените од членот 2 алинеи 1, 5 и 6 на овој закон ќе се врши во согласност со законодавството на Република Македонија.

Исплатата на средствата за намените од членот 2 алинеи 2, 3 и 4 на овој закон ќе се врши во согласност со законодавството на Република Македонија и законодавството на Европската унија.

IV. РАКОВОДЕЊЕ СО АГЕНЦИЈАТА

Директор

Член 11

Со Агенцијата раководи директор.

Директорот на агенцијата има заменик.

Директорот и заменикот на директорот на Агенцијата ги именува и разрешува Владата на Република Македонија.

За именување на директор и заменик на директорот се објавува јавен оглас во три дневни весници кои се издаваат на целата територија на Република Македонија од кои еден од весниците се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

За директор може да биде именувано лице кои ги исполнува следниве услови:
1) е државјанин на Република Македонија;
2) во моментот на именувањето со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност;
3) има стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен;
4) има најмалку пет години работно искуство;
5) поседува еден од следниве меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години:
– ТОЕФЕЛ ИБТ – најмалку 74 бода,
– ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 6 бода,
– ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) – најмалку Б2 (B2) ниво,
– ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) – положен,
– БУЛАТС (BULATS) – најмалку 60 бода или
– АПТИС (АPTIS) – најмалку ниво Б2 (B2).

За заменик на директорот може да биде именувано лице кое ги исполнува условите наведени во ставот 5 на овој член.

Именувањето на директорот и заменикот на директорот се врши врз основа на неговата стручност и компетентност.

Мандатот на директорот и на заменик на директорот трае четири години.

Надлежности

Член 12

Директорот на Агенцијата ги врши следниве работи:
– раководи со работата на Агенцијата,
– се грижи и е одговорен за законито, стручно и ефикасно извршување на работите од надлежност на Агенцијата,
– ја организира и контролира работата на Агенцијата на начин на кој се заштитуваат финансиските интереси на Република Македонија и финансиските интереси на Европската унија во поглед на користењето на средства од Буџетот на Република
Македонија и Буџетот на Европската унија,
– ги донесува актите за организација и систематизација на работите и задачите на Агенцијата,
– донесува годишен и повеќегодишен финансиски план,
– донесува стратешки план и годишна програма за работа и го организира нејзиното спроведување,
– донесува други акти во врска со работата и работењето на Агенцијата (правилници, прирачници, планови, упатства, решенија итн.),
– одлучува за вработување, распоредување и за правата и должностите на вработените,
– донесува годишна финансиска сметка на Агенцијата,
– се грижи за независноста и ефикасноста на внатрешната ревизија,
– се грижи за доследна примена на интерните акти на Агенцијата и постапките за добивање на акредитацијата од членот 4 на овој закон,
– склучува договори за финансиска поддршка со барателите
– воспоставува соодветен систем на информирање, преку кој Националниот координатор за авторизација добива потврда за ефективното функционирање на управувањето и контролите во Агенцијата, потврда за законитоста на финансиските трансакции и информации кои се однесуваат на било каква промена на начинот на работа во Агенцијата, промена на начинот на вршење на контролите и промена на елементите на сметководствените информации и
– врши други работи во врска со работата на Агенцијата.

Директорот при одлучување за вработување треба да обезбеди правична и соодветна застапеност на припадниците од сите заедници кои живеат во Република Македонија, без притоа да се нарушат критериумите за стручност и компетентност.

Директорот со писмено овластување може да пренесе одделни негови надлежности на заменик на директорот и раководни службеници во Агенцијата.

Во случај кога директорот на Агенцијата е отсутен или кога поради болест и други причини не е во можност да ја врши својата функција го заменува заменик на директорот во рамките на доверените овластувања дадени од страна на директорот на Агенцијата.

Формирање на стручни тимови

Член 13

Освен за работите утврдени во членот 7 алинеја 3 од овој закон, за вршење на стручните работи од надлежност на Агенцијата, директорот може да формира стручни тимови со учество на надворешни стручни лица.

Составот и бројот на членовите на стручните тимови ги утврдува директорот на Агенцијата.

Одговорност

Член 14

Директорот и заменик на директорот на Агенцијата за својата работа се одговорни пред Владата на Република Македонија, а во врска со користењето на средства од претпристапната помош на Европската Унија се одговорни и пред Националниот координатор за авторизација.

Директорот на Агенцијата за својата работа и работењето на Агенцијата до Владата на Република Македонија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство доставува полугодишен и годишен извештај за реализација на програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој финансирани од Буџетот на Република Македонија, а во врска со користењето на средствата од претпристапната помош на Европската унија доставува извештаи и до Националниот координатор за авторизација.

Разрешување

Член 15

Директорот и заменик на директорот на Агенцијата може да биде разрешен пред истекот на мандатот за кој е именуван во следниве случаи:
– на негово барање,
– ако настане некоја од причините поради кои, според прописите за работните односи, му престанува работниот однос по сила на закон и
– не постапува согласно со законодавството на Република Македонија и законодавството на Европската унија.

V. ОРГАНИЗАЦИЈА НА АГЕНЦИЈАТА

Член 16

Внатрешната организација на Агенцијата ја утврдува директорот со актите за внатрешна организација и систематизација на работите и задачите согласно со надлежностите на Агенцијата.

VI. ПОСТАПКА ПРЕД АГЕНЦИЈАТА

Управна постапка

Член 17

Во поглед на преземањето на дејствија во постапката пред Агенцијата се постапува согласно со овој закон, а за се што не е уредено со овој закон се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка.

Рок за донесување решение

Член 18

По однос на примените барања за финансиска поддршка Агенцијата издава решение кое го доставува на странката најдоцна во рок од три месеца од истекот на рокот за поднесување на барањето на финансиска поддршка утврден во програмите за финансиска поддршка, односно оглас за доставување барања за финансиска поддршка.

Поради должината и сложеноста на извршувањето на контролите при спроведувањето на одделни мерки, Агенцијата може да го издаде решението и по предвидениот рок од ставот 1 на овој член, но истиот не може да биде подолг од утврдениот рок за исплата на финансиските средства наведен во програмите за финансиска поддршка.

Одредбите од ставот 2 на овој член не се однесуваат на мерките финансирани со средства од Буџетот на Европската унија.

Рок за отфрлање на непотполно и неразбирливо барање

Член 19

Барањето за финансиска поддршка поднесено за мерки финансирани од Буџетот на Европската Унија кое не ја содржи потребната документација во моментот на поднесувањето на барањето, Агенцијата ќе го одбие како неосновано.

Доколку барањето за финансиска поддршка поднесено за мерки финансирани од Буџетот на Република Северна Македонија е некомплетно, Агенцијата го известува подносителот на барањето во рок не пократок од осум дена од денот на приемот на известувањето да го дополни барањето со потребната документација.

Ако барањето од ставовите 1 и 2 на овој член е неразбирливо, Агенцијата го известува подносителот на барањето во рок не пократок од осум дена од денот на приемот на известувањето да го појасни барањето.

Барањето за финансиска поддршка кое нема да биде дополнето, односно појаснето во рокот определен согласно со ставовите 2 и 3 на овој член, Агенцијата ќе го отфрли.

Жалба на решение

Член 20

Против решенијата на Агенцијата не е дозволена жалба и истите се конечни во управна постапка.

Против решенијата на Агенцијата може да се поведе управен спор.

Поведувањето на управен спор не го одлага извршувањето на решението.

Член 21

Доделување на финансиска поддршка со склучување на договор

Доколку со програмите за финансиска поддршка финансирани од Буџетот на Република Македонија, Буџетот на Европската унија и/или билатералните договори е утврдено, Агенцијата склучува договори за финансиска поддршка со барателите на кои со решение им е одобрена финансиска поддршка.

Договорите од ставот 1 на овој член се склучуваат во рок определен од страна на Агенцијата кој не може да биде подолг од 30 дена од денот на приемот на решението за одобрување на финансиската поддршка.

Доколку барателот не го потпише договорот во рокот од ставот 2 на овој член ќе се смета дека се откажал од склучувањето на договорот.

Во однос на правата и обврските кои произлегуваат од договорот од ставот 1 на овој член се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи, доколку со овој или друг закон поинаку не е определено.

Исплатата на финансиската поддршка се врши по донесено решение за исплата од страна на Агенцијата, во рок од шест месеци од денот на поднесувањето на барањето за исплата.

Поради повреда на договорните обврски на договорите од ставот 1 на овој член, финансирани од Буџетот на Европската Унија, Агенцијата може да примени намалување на одобрената и/или исплатената финансиска поддршка и тоа:
1) во случај на поднесување на барањето за исплата на финансиска поддршка до 30 дена по истекот на рокот за поднесување определен во договорите од ставот 1 на овој член, финасиската поддршка која треба да се исплати на барателот се намалува во износ од 5%;
2) во случај на реализација на инвестицијата до 60 дена по истекот на рокот предвиден во договорите од ставот 1 на овој член, финансиската поддршка која треба да се исплати се намалува во износ од 10%;
3) во случај на неизвестување на Агенцијата за изменетите околности кои немаат суштинско влијание на реализација на инвестицијата констатирани при контрола на терен, финансиската поддршка ќе се намали во износ од 10% од претходно исплатениот износ;
4) во случај на констатирана повреда за неподмирени обрски по однос на даноци, здравстено, пензиско и инвалидско осигурување како и обврските кон Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за времетраењето на договорот од ставот 1 на овој член, финансиската поддршка ќе се намали во износ од 5% од претходно исплатениот износ;
5) во случај на необележување на инвестицијата согласно со правилата за користење на средства од инструментот за предпристапна помош на Европската Унија, финансиската поддршка ќе се намали во износ од 2% од претходно исплатениот износ;
6) во случај на отстранување на ознаката од точката 5) на овој став со која била обележана инвестицијата за цело времетраење на договорот финансиската поддршка ќе се намали во износ од 5% од претходно исплатениот износ.

Намалувањето на финансиската поддршка ќе се примени доколку примачот не ги отстрани констатираните повреди на договорните обврски од ставот 7 на овој член, во рок од 20 дена од денот кога е известен од страна на Агенцијата за констатираната повреда.

Во случај на повторена повреда на договорните обврски од ставот 7 на овој член ќе се примени намалување на финансиската поддршка во зголемен износ за два пати.

Во случај кога намалувањето на финансиската поддршка ќе го надмине износот од 20% од одобрената и/или исплатената финансиска поддршка, Агенцијата врши поврат на финансиската поддршка.

Член 22

Содржина на договорот

Договорот од членот 21 на овој закон особено содржи одредби за:
– износот на финансиската поддршка,
– времетраење на договорот,
– начинот и роковите за поднесување на барање за исплата,
– обврски на договорните страни,
– начин и постапка за негово изменување и дополнување,
– други елементи за исполнување на критериумите, условите од програмата за финансиска поддршка или билатералните договори,
– намалување на финансиската поддршка поради повреда на договорните обврски од помал обем и
– начин, постапка и услови за раскинување на договорот.

Член 23

Исплата на финансиска поддршка

Агенцијата врши исплата на финансиска поддршка на мерките финансирани од Буџетот на Република Македонија по донесено решение за одобрување и исплата, освен во случаите од членот 21 на овој закон.

Порамнување и враќање на неправилно исплатени средства

Член 24

Начинот и постапката за користење на финансиска поддршка за мерки финансирани од Буџетот на Европската унија ги пропишува Владата на Република Македонија, на предлог на Агенцијата.

Член 24-а

Поврат на средства

Агенцијата донесува решение за поврат на средства доколку корисникот стекнал финансиска поддршка како резултат на:
– неправилно утврдена фактичка состојба од пријавената во барањето,
– погрешна примена на материјалниот пропис,
– административна грешка, или
– неисполнување на обврските од договорите од членот 21 на овој закон.

Со решението од ставот 1 на овој член корисникот се задолжува во рок од 15 дена од денот на приемот на решението да изврши поврат на средствата.

Доколку се утврди дека корисникот стекнал финансиска поддршка како резултат на дејствија од ставот 1 на овој член Агенцијата може да изврши пребивање на средства доколку корисникот ги исполнува условите за користење на финансиска поддршка по друг основ во рамките на иста буџетска година.

Одредбите од ставот 3 на овој член не се однесуваат на мерките финансирани со средства од Буџетот на Европската унија.

Член 24-б

Агенцијата води Листа на корисници кои извршиле злоупотреба на финансиската поддршка.

Корисниците кои се евидентирани на листата од ставот 1 на овој член не можат да поднесат барање за финансиска поддршка во рок од две години од денот на евидентирањето на листата.

Листата од ставот 1 на овој член се објавува на интернет страницата на Агенцијата.

Поднесување на барање

Член 25

Барањето и соодветната документација за финансиска поддршка се поднесува до Агенцијата.

Во барањето барателот е должен да достави веродостојни и вистинити податоци и исправи.

Формата и содржината на барањето од ставот 1 на овој член и соодветната документација, како и начинот и постапката за поднесување на барањето ги пропишува директорот на Агенцијата.

Прописот од ставот 3 на овој член се објавува на интернет страницата на Агенцијата.

Постапки за работа

Член 26

Директорот на Агенцијата ги пропишува деталните постапки за извршување на работите од членот 7 на овој закон.

Намена на средствата

Член 27

Средствата обезбедени согласно со членот 9 од овој закон ќе се користат за извршување на надлежностите и работите на Агенцијата од членовите 6 и 7 на овој закон.

VIII. ЈАВНОСТ ВО РАБОТАТА

Начин на информирање

Член 28

Агенцијата за своите активности ги известува заинтересираните субјекти согласно со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Агенцијата е должна на својата интернет страница најмалку еднаш на шест месеци да ги објави корисниците на финансиски средства од Буџетот на Европска Унија по име, локација и висина на исплатени средства, како и по природата и целта на доделениот договор.

Содржината на податоците од ставот 2 на овој член детално ја пропишува директорот на Агенцијата.

Користење податоци и увид во списите

Член 29

Странките во постапката пред Агенцијата имаат право на увид во списите на својот предмет.

Барањето за увид во списите се поднесува во писмена форма, а го одобрува овластено службено лице на Агенцијата.

Член 29-а

Обработка на лични податоци

Заради вршење на надлежностите утврдени со закон, Агенцијата има право да обработува лични податоци од барателите, односно корисниците на финансиска поддршка, како и да бара копија од нивните лични исправи.

Со копијата од ставот 1 на овој член Агенцијата постапува согласно со Законот за  заштита на личните податоци.

IX. КОНТРОЛА НА ЛИЦЕ МЕСТО

Член 30

Контрола

Заради одлучување по барањата и следење на исполнување на обврските од склучените договори од членот 21 на овој закон, Агенцијата врши контрола на лице место преку контролори.

При вршењето на контролата на лице место, контролорот мора да поседува легитимација со коja се докажува неговото службено својство и налог за вршење на контрола издаден од директорот на Агенцијата.

Формата и содржината на легитимацијата од ставот 2 на овој член, како и начинот на нејзино издавање и одземање ги пропишува директорот на Агенцијата.

Член 30-а

Надлежности на контролата

Агенцијата врши контрола на лице место кај оние физички или правни лица кои се баратели или корисници од програмите на финансиска поддршка за рурален развој, финансирани од Буџетот на Република Македонија и Буџетот на Европската унија.

Баратели или корисници на финансиска поддршка се должни да обезбедат целосен и непречен пристап на контролорите до сите објекти, простории, опрема, имот и документација која е во врска со предметот на барањето и договорот од членот 21 на овој закон.

Податоците од извршената контрола на лице место се користат само за утврдување на исполнетоста на критериумите за одобрување, односно исплата на финансиска поддршка согласно со закон и договорот од членот 21 на овој закон. Контролорот е должен да ја чува деловната тајна и сите податоци што ги дознал при вршењето на контролата.

Доколку при вршењето на своите законски определени надлежности, контролорот констатира дека е сторена повреда на закон или друг пропис, односно е сторен прекршок или кривично дело, должен е без одлагање да поднесе пријава до соодветен надлежен орган.

Член 30-б

Рок за спроведување на контролите на лице место

Контролата на лице место во зависност од потребите може да се спроведе:
– пред одобрување на барањето за користење на финансиска поддршка,
– пред исплата на финансиската поддршка или
– за цело времетраење на договорот од членот 19 на овој закон.

Кај мерките финансирани од Буџетот на Европската унија контролата на лице место се спроведува во сите случаи наведени во ставот 1 на овој член за сите поднесени барања.

Член 30-в

Државниот инспекторат за земјоделство врши контрола на лице место за мерките финансирани од Буџетот на Република Македонија, освен за мерките за рурален развој.

X. СОРАБОТКА НА АГЕНЦИЈАТА

Член 31

Агенцијата остварува соработка со органите на државната управа, научните установи, меѓународните организации и други асоцијации кои се од значење за вршење на работите од надлежност на Агенцијата.

XI. КОНТРОЛА НА РАБОТАТА НА АГЕНЦИЈАТА

Надзор

Член 32

Надзор на работата на Агенцијата во врска со реализацијата на програмите за финансиска поддршка врши Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Надзор на работата на Агенцијата во врска со користењето на средствата од претпристапната помош за рурален развој на Европската унија врши и Националниот координатор за авторизација.

Инспекциски надзор на реализација на мерките од програмите за финансиска поддршка финансирани со средства од Буџетот на Република Македонија, освен за мерките за рурален развој врши Државниот инспекторат за земјоделство.

Внатрешна контрола

Член 33

Директорот на Агенцијата е должен да воспостави внатрешна контрола преку имплементација на соодветен систем на финансиски менаџмент и контрола и внатрешна ревизија согласно со Законот за јавна внатрешна финансиска контрола.

Ревизија

Член 34

Ревизија на материјалното и финансиското работење на Агенцијата се врши согласно со:
– законодавството за ревизија на Република Македонија и
– законодавството за ревизија на Европската унија во делот на реализацијата на средствата од Буџетот на Европската унија.

XI-a ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

Член 34-а

Глоба

Глоба на правно лице во износ од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на мало трговско друштво, а глоба на правно лице во износ од 3.000 до 6.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на средно и големо трговско друштво, доколку не ги врати во определениот рок незаконски добиените средства (член 24-а став 2).

Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на одговорното лице во правното лице за прекршоците од ставот 1 на овој член.

Член 34-б

Глоба во износ од од 150 до 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице за прекршок доколку не ги врати во определениот рок незаконски добиените средства (член 24-а став 2).

Член 34-в

Постапка за порамнување

За прекршоците утврдени во овој закон, прекршочна постапка води и прекршочни санкции изрекува надлежен суд

Член 34-г

За прекршоците утврдени во членот 34-а од овој закон, државниот инспектор за земјоделство е должен на сторителот да му предложи постапка за порамнување со издавање на прекршочен платен налог, пред да поднесе барање за поведување на прекршочна постапка, согласно со Законот за државниот инспекторат за земјоделство.

Член 34-д

Одмерувањето на висината на глобата за правното лице се врши согласно со Законот за прекршоците.

XII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 35

Одредбите од членот 2 алинеи 3 и 4 ќе се применуваат по приемот на Република Македонија во Европската унија.

Член 36

Одредбите од членовите 10 став 2, 15 алинеја 3, 22 и 34 алинеја 2 на овој закон кои упатуваат на примена на законодавството на Европската унија ќе се применуваат во согласност со билатералните договори склучени меѓу Република Македонија и Европската Унија.

Член 37

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија’.