Закон за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта

I. ОПШТА ОДРЕДБА

Член 1

Со овој закон се уредуваат условите за вршење на професијата наставник и стручен соработник во основните и средните училишта во Република Северна Македонија, засновањето на работниот однос, категориите на наставници и стручни соработници, работните задачи, континуираното стручно усовршување (професионален развој), напредувањето во звања (кариерен развој) и одземање на звање.

II. ПРИПРАВНИЧКИ СТАЖ

Член 2

(1) Наставник и стручен соработник кој за првпат се вработува во основно односно средно училиште е наставник – приправник односно стручен соработник – приправник.

(2) Приправничкиот стаж по правило трае една година.

(3) За време на приправничкиот стаж на приправникот му следува плата во висина од 90% од платата на наставникот односно стручниот соработник.

(4) За време на приправничкиот стаж лицата од ставот (1) на овој член, се оспособуваат за самостојна воспитно-образовна, односно стручна работа преку стекнување на основните професионални компетенции.

(5) Приправникот за време на приправничкиот стаж соработува со наставниците односно стручните соработници и се подготвува за стручен испит.

(6) За време на приправничкиот стаж приправникот го води/насочува ментор кој го определува директорот на училиштето.

(7) Менторот на приправникот треба да има звање наставник-ментор или наставник-советник, односно стручен соработник-ментор или стручен соработник-советник.

(8) По исклучок од ставот (7) на овој член, доколку во општината, општината во градот Скопје, односно градот Скопје, на чие подрачје е училиштето нема доволен број на ментори и советници, менторот се бира од редот на истакнатите наставници односно стручни соработници, кои ги поседуваат основните професионални компетенции и стандардите за наставник-ментор, односно стручен соработник-ментор и имаат најмалку седум години работно искуство како наставник, односно стручен соработник во училиште.

(9) Ментор на стручен соработник може да биде стручен соработник од ист образовен профил.

(10) По исклучок од ставот (9) на овој член, доколку во основното односно средното училиште нема стручен соработник од ист профил, ментор на стручен соработник може да биде стручен соработник од ист образовен профил од друго основно односно средно училиште на подрачјето на општината, општината во градот Скопје односно Градот Скопје.

(11) Менторот изготвува програма за поддршка на приправникот, врз основа на која го упатува, му помага, ја следи работата на приправникот и подготвува извештај за совладување на основните професионални компетенции и неговата подготвеност за полагање на стручниот испит.

(12) Формата, содржината и елементите на програмата односно извештајот од ставот (11) на овој член ги утврдува директорот на Државниот испитен центар на предлог на Бирото.

(13) Исто лице може да биде ментор во исто време на најмногу двајца приправници.

(14) За вршење на работа на ментор, училиштето на менторот му исплаќа надоместок во висина од 10% од платата која ќе ја прима приправникот по завршувањето на приправничкиот стаж.

(15) Приправникот по истекот на приправничкиот стаж полага стручен испит кој го организира Државниот испитен центар преку стручни комисии за спроведување на приправничкиот испит формирани од директорот на Државниот испитен центар од редот на вработените во Бирото, Државниот испитен центар и наставници по соодветните наставни предмети од основните односно средните училишта кои имаат најмалку седум години работен стаж во верифицирана воспитно-образовна установа и/или наставници од акредитирани високообразовни установи од соодветната област.

(16) Наставничкиот совет, врз основа на извештај за совладување на основните професионални компетенции и неговата подготвеност за полагање на стручниот испит, во рок од 15 дена од денот на приемот на извештајот, донесува предлог за полагање на стручниот испит или за продолжување на приправничкиот стаж најмногу во траење од шест месеци со истиот или друг ментор.

(17) Доколку и по продолжениот приправнички стаж приправникот не добие предлог од наставничкиот совет за полагање на стручниот испит, му престанува работниот однос во училиштето.

(18) Приправникот полага стручен испит само при првото вработување како наставник-приправник во училиштето.

(19) Отсуството од работа на приправникот за време на полагањето на стручниот испит не се смета за отсуство од работа.

(20) Стручниот испит се спроведува во два испитни рока во текот на годината – есенски и пролетен испитен рок.

(21) Есенскиот испитен рок трае од 1 октомври до 30 ноември, а пролетниот во периодот од 1 март до 30 април.

(22) Приправникот за полагање на стручниот испит плаќа надоместок, чија висина ја утврдува министерот за образование и наука (во натамошниот текст: министерот), врз основа на реално направените трошоци за спроведување на стручниот испит. Надоместокот за полагање на стручен испит е приход на Државниот испитен центар.

(23) Приправникот кој нема да го положи стручниот испит, може повторно да го пријави и полага испитот во наредниот испитен рок. Доколку не го положи и во наредниот испитен рок, му престанува работниот однос во училиштето.

(24) На приправникот кој го положил стручниот испит му се издава уверение за положен стручен испит најдоцна во рок од 15 дена од денот на полагањето на стручниот испит. Уверението го издава Државниот испитен центар, а го потпишува директорот на Државниот испитен центар. Уверението се издава во три примероци од кои едниот примерок му се доставува на приправникот, вториот се доставува до училиштето и се приложува во неговото персонално досие, а третиот се чува во архивата на Државниот испитен центар.

(25) За издадените уверенија во Државниот испитен центар се води електронска евиденција.

(26) Програмата за полагање на стручниот испит на приправникот, на предлог на Бирото за развој на образованието (во натамошниот текст: Бирото) и Центарот за стручно образование и обука (во натамошниот текст: Центарот), ја пропишува министерот.

(27) Начинот на менторска поддршка на приправникот, спроведувањето на стручниот испит и формата и содржината на уверението за положен стручен испит ги пропишува министерот на предлог на Бирото, Центарот и Државниот испитен центар.

III. НАСТАВНИЦИ

Член 3

(1) Наставник во основно и средно училиште може да биде лице кое:
– има завршено најмалку четири години соодветно високо образование согласно со нормативот за наставен кадар утврден во наставната програма и се има стекнато со најмалку 240 ЕКТС. Квалификациите со кои се стекнуваат наставниците за професијата наставник во основно и средно училиште припаѓаат на VI А ниво од Македонската рамка на квалификации и соодветствуваат на ниво VI од Европската рамка на високообразовни квалификации.
– има положено стручен испит по истекот на приправничкиот стаж,
– е државјанин на Република Северна Македонија,
– го познава македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот и писмото на кој ќе ја изведува наставата.

(2) По исклучок од ставот (1) алинеја 3 на овој член, наставник за предметите на кои наставата се изведува на странски јазик може да биде и лице странски државјанин кое има соодветно високо образование и го познава јазикот на кој се изведува наставата, за што согласност дава Министерството за образование и наука (во натамошниот текст: Министерството).

(3) По исклучок од ставот (1) алинеја 2 на овој член, наставник во основно, односно средно училиште може да биде и лице кое нема положено стручен испит, најмногу до завршувањето на тековната учебна година и под менторство на наставник-ментор определен од училиштето.

(4) По исклучок од ставот (1) алинеја 1 на овој член, во средното стручно образование, наставници за практична настава можат да бидат и лица кои завршиле соодветно специјалистичко образование од V-степен на образование, односно соодветно образование со V-Б ниво, од Македонската рамка на квалификации, или стручни или универзитетски студии VI-Б ниво од Македонската рамка на квалификации односно VI степен на образование, се здобиле со педагошка, психолошка и методска подготовка на соодветни факултети и имаат положен стручен испит.

(5) Директорот на основното односно средното училиште формира комисија составена од три члена од редот на воспитно-образовниот кадар вработен во училиштето која врши проверка на познавањето на јазикот на наставниците од ставот (1) на овој член, освен наставниците за предметот македонски јазик.

(6) Без положен стручен испит не може да се заснова работен однос на неопределено време.

Член 4

(1) Лице кое се стекнало со високо образование на ненаставна група на наставнички студии, односно на студии кои немаат наставна насока и се утврдени со нормативот за наставен кадар во наставната програма, може да се вработи во основно, односно средно училиште, освен во одделенска настава, само доколку се стекне со педагошко-психолошка и методска подготовка на акредитирани високообразовни установи.

(2) Педагошко-психолошка и методска подготовка се стекнува преку следење на настава и полагање на испити, како и изведување на најмалку 45 дена практична настава во основното односно средното училиште во кое се предава наставниот предмет за кој се врши педагошко-психолошка и методска подготовка.

(3) За практичната настава од ставот (2) на овој член, десет дена пред започнување со практичната настава, лицето до Државниот просветен инспекторат доставува план и распоред за реализација на практична настава, заверен од високообразовната установа на која се врши педагошко-психолошка и методска подготовка и училиштето во кое ќе се изведува практичната настава.

(4) За реализираната практична настава од ставот (2) на овој член, лицето добива мислење од менторот во училиштето во кое ќе се изведува практичната настава. Директорот на училиштето го определува менторот.

(5) Државниот просветен инспекторат врши контрола на спроведувањето и реализацијата на доставениот план и распоред од ставот (3) на овој член.

(6) За положеноста на испитите од ставот (2) на овој член, кандидатот се стекнува со 30 кредити според ЕКТС.

(7) Акредитација на високообразовните установи кои ќе вршат настава и полагање на испити за стекнување на педагошко-психолошка и методска подготовка врши Министерството.

(8) Начинот на следењето на наставата, полагањето на испитите за педагошко-психолошка и методска подготовка, како и начинот на акредитација на високообразовните установи од ставот (7) на овој член, ги пропишува министерот.

(9) Наставници во основните училишта со ресурсен центар, центрите за поддршка и државните средни училишта за ученици со попреченост можат да бидат лица со завршено високо образование согласно со членот 3 став (1) од овој закон, а кои се здобиле со соодветно дефектолошко образование и имаат положено стручен испит.

(10) Програмите за педагошка, психолошка и методска подготовка, како и за соодветно дефектолошко образование од ставот (2) на овој член, ги изготвува соодветниот наставнички факултет, во соработка со Бирото.

(11) Во приватното средно училиште, за предметите за кои наставата се изведува на странски јазик, наставници можат да бидат и лица странски државјани кои имаат соодветен вид образование под услови утврдени со закон.

(12) Висината на трошоците за стекнување на педагошко-психолошката и методската подготовка од ставот (1) на овој член, на акредитираните високообразовни установи, ја утврдува министерот врз основа на реално направените трошоци за стекнување на педагошко-психолошката и методската подготовка.

Член 5

Се забранува дискриминација на наставниците по сите основи. Се забранува телесно и психичко малтретирање на наставник.

Член 6

(1) Наставата во основно односно средно училиште ја изведуваат наставници.

(2) Видот на стручната подготовка на наставниците кои остваруваат воспитно-образовна работа во основно односно средно училиште е определен со Нормативот за наставен кадар во наставните програми за соодветните наставни предмети, донесени од страна на министерот, на предлог на Бирото односно Центарот.

Член 7

(1) Вработените во основните училишта кои вршат работи од дејноста основно образование, имаат статус на даватели на јавни услуги во основното образование и за нив се применуваат одредбите од овој закон, одредбите од Законот за основното образование, прописите од областа на вработените во јавниот сектор и општите прописи за работни односи.

(2) За вработените од ставот (1) на овој член, се утврдуваат следниве категории и нивоа на работни места:
– категорија К – наставници:
– ниво К1 советник (наставник-советник, наставник-советник во училишта со ученици со попреченост и наставник-советник во училишта за уметничко образование кои изведуваат индивидуална и групна настава),
– ниво К2 ментор (наставник-ментор, наставник-ментор во училишта со ученици со попреченост и наставник-ментор во училишта за уметничко образование кои изведуваат индивидуална и групна настава),
– ниво К3 наставник (наставник, наставник во училишта со ученици со попреченост, наставник во училишта за уметничко образование кои изведуваат индивидуална и групна настава) и
– ниво К4 приправник (наставник-приправник, наставник-приправник во училишта со ученици со попреченост, наставник-приправник во училишта за уметничко образование кои изведуваат индивидуална и групна настава).

Член 8

(1) Вработените во средните училишта кои вршат работи од дејноста средно образование, имаат статус на даватели на јавни услуги во средното образование и за нив се применуваат одредбите од овој закон, одредбите од Законот за средното образование, прописите од областа на вработените во јавниот сектор и општите прописи за работни односи.

(2) За вработените од ставот (1) на овој член, се утврдуваат следниве категории и нивоа на работни места:
– категорија З – наставници:
– ниво З1 советник (наставник-советник, наставник-советник во училишта со ученици со попреченост и наставник-советник во училишта за уметничко образование кои изведуваат индивидуална и групна настава),
– ниво З2 ментор (наставник-ментор, наставник-ментор во училишта со ученици со попреченост и групна настава),
– ниво З3 наставник (наставник, наставник во училишта со ученици со попреченост, наставник во училишта за уметничко образование кои изведуваат индивидуална и групна настава) и
– ниво З4 приправник (наставник-приправник, наставник-приправник во училишта со ученици со попреченост, наставник-приправник во училишта за уметничко образование кои изведуваат индивидуална и групна настава).

Член 9

(1) Наставникот се избира по пат на јавен оглас и заснова работен однос на определено време до крајот на учебната година.

(2) Доколку вработувањето на наставникот е на постојно работно место испразнето по основ на пензионирање, боледување, отказ, смрт, преземање или друго, а за кое работно место биле обезбедени финансиски средства, јавниот оглас се објавува по претходно обезбедена согласност од Министерството, за вработување на определено време до крајот на учебната година.

(3) Вработувањата за нови работни места за кои се јавила потреба заради проширена дејност, зголемен број на ученици или промени во наставниот план, огласот се објавува по претходно обезбедена согласност за вработување на определено време до крајот на учебната година од Министерството за финансии преку Министерството за образование и наука.

(4) Лицата од ставот (1) на овој член, кои се вработуваат на постојно работно место испразнето по основ на пензионирање, боледување, отказ, смрт, преземање или друго, а за кое работно место биле обезбедени финансиски средства, можат да засноваат работен однос и без јавен оглас, на определено време, најмногу до три месеца, а по претходно обезбедена согласност од градоначалникот за општинските основни училишта односно министерот за државните основни училишта.

Член 10

(1) Јавниот оглас од членот 9 став (1) од овој закон, се објавува во најмалку два дневни весника од кои најмалку во по еден од весниците што се издаваат на македонски јазик и од весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

(2) Училиштето, пред да распише јавен оглас за вработување потребата од наставник на определено време ја обезбедува со наставник со соодветно образование и со неполн фонд на наставни часови од друго јавно училиште во општината, а за градот Скопје од друго јавно училиште во општините во градот Скопје, по претходно обезбедена согласност за вработување на определено работно време од Министерството.

(3) Кога на јавниот оглас од ставот (1) на овој член, ќе се јават повеќе кандидати, предност имаат наставниците, кои имаат повисок степен на соодветно високо образование и повисок успех во текот на додипломските студии.

Член 11

(1) Доколку на јавниот оглас од членoт 10 став (1) од овој закон, не се пријави лице кое ги исполнува условите утврдени во членот 3 став (1) алинеја 1 од овој закон, може да заснова работен однос на определено време до крајот на учебната година лице кое се јавило на јавниот оглас за наставник.

(2) Наставниците можат да засноваат работен однос на неопределено време и на пократко од полното работно време, доколку обемот на работата изнесува најмалку половина од работното време во работната недела и не предаваат изборни предмети, согласно со закон.

(3) Наставниците кои реализираат настава и имаат неполн фонд на часови во училиштето, можат да засноваат работен однос на определено работно време и во друго училиште до исполнување на полн фонд на часови.

Член 12

(1) Наставниците ги избира директорот на училиштето по предлог на училишниот одбор.

(2) Училишниот одбор при изготвувањето на предлогот од ставот (1) на овој член, задолжително треба да ја земе предвид одредбата од членот 10 став (3) од овој закон.

Член 13

Наставниците се должни да работат на постигнување на целите на потсистемот на образование во којшто работат, во согласност со пропишаните национални стандарди за постигање на учениците, наставни планови, наставните програми и програмата за работа на училиштето.

Член 14

Работните должности на наставникот во училиштето опфаќаат воспитно-образовна и други видови професионална работа во училиштето:
– планирање и подготовка на воспитно-образовната и другите видови професионална работа,
– реализирање на наставни и воннаставни активности,
– следење и оценувања на напредокот и постигањата на учениците,
– учество во надворешните мерења на постигањата на учениците (меѓународни и државни тестирања),
– водење на педагошка документација и евиденција,
– соработка со родители,
– соработка со директорот, стручните соработници и другите органи на училиштето,
– работа во стручните активи и другите тела и комисии,
– вршење на задачи на одделенски/класен раководител,
– собирање и обработка на податоци во врска со воспитно-образовната и друга работа,
– менторство на ученици,
– учествува во реализација на испитите од државната матура, училишна матура, завршен испит, државни и меѓународни тестирања,
– планирање и реализација на професионален развој,
– реализирање на дополнителна и додатна настава за учениците,
– подготвување и водење ескурзии, излети, натпревари, настава во природа, летување, логорување што ги организира училиштето,
– учество на истражувачки проекти и други активности за унапредување на воспитно-образовната работа,
– водење на портфолио (дел од професионалното досие) и
– вршење на други работи определени со годишната програма за работа на училиштето.

Член 15

(1) Наставникот има слобода и право да го избере начинот на реализација на наставните и воннаставните активности согласно со националните стандарди за постигање на учениците, наставните планови, наставните програми и програмите за работа на училиштата.

(2) Наставникот има право професионално да се усовршува, да напредува во кариера согласно со стандардите за напредување во звање кои ги утврдува министерот на предлог на Бирото.

(3) Наставникот има право на соодветни работни услови во училиштето согласно со утврдените нормативи и стандарди за изведување настава.

(4) Наставникот има право да учествува во органите на управување на училиштето, истите да ги избира и да биде избран.

(5) Наставникот има право на заштита од злоупотреба и мобинг, дискриминација, физичко, сексуално и психичко насилство и вознемирување.

Член 16

(1) Наставникот ја изведува наставата согласно со професионалните компетенции за наставници.

(2) Наставникот ги изведува наставата и воннаставните активности со активно вклучување на учениците и со користење на современа наставна технологија.

Член 17

(1) Работното време на наставникот изнесува 40 работни часови неделно од коишто 20 до 23 наставни часови.

(2) Во неделниот фонд на наставни часови од ставот (1) на овој член, не влегуваат часовите за дополнителна и додатна настава.

(3) Во 40 работни часови неделно, наставникот е обврзан да има 5 работни часа неделно директна, непосредна работа со ученици во додатна, дополнителна настава и воннаставни активности.

(4) За наставниците во основното образование, во 40 работни часови неделно влегува и времето за организирано прифаќање на учениците пред и по наставата.

(5) Почетокот и завршетокот на работното време и користењето на дневниот и годишниот одмор на лицата од ставот (1) на овој член, се утврдува со статутот на училиштето.

(6) Одржувањето на интегрираната база на податоци (ЕСАРУ), одржувањето на веб-страницата на училиштето и другите обврски поврзани со компјутерската работа во училиштето ги врши наставник по предметна настава, за што добива три наставни часа во фондот на часови, доколку училиштето има до 400 ученици, односно шест наставни часа за училиште до 1000 ученици и осум наставни часа за училиште со над 1000 ученици.

(7) Наставникот од став (6) на овој член, го определува директорот од редот на наставниците во училиштето, за чие работно место се обезбедени финансиски средства, а кои немаат полн фонд на наставни часови.

(8) Начинот и обемот на работните должности во рамките на работното време на наставниците и стручните соработници во текот на 40-часовна работна недела, ги утврдува министерот, на предлог на Бирото и Центарот.

Член 18

(1) Наставникот односно стручниот соработник што покажува исклучителни резултати во работата и афирмацијата на училиштето и професијата може да биде пофален и/или награден од страна на општината, општината во градот Скопје, односно градот Скопје, а за државните училишта од страна на Министерството.

(2) Одлука на пофалба и/или награда донесува училишниот одбор на предлог на наставничкиот совет, а по претходно добиено мислење од ученичката заедница, советот на родители и директорот на училиштето.

(3) Средствата за награди ги обезбедува училиштето или општината, општината во градот Скопје, односно градот Скопје, а за државните училишта ги обезбедува Министерството.

Член 19

(1) Работата на наставниците ја следи директорот и Бирото односно Центарот во рамки на своите надлежности.

(2) За наставниците кои во остварувањето на воспитно-образовниот процес не покажуваат задоволителни резултати или потешко ги нарушува стандардите на професионално однесување, Бирото, Центарот, советот на родители или Државниот просветен инспекторат покренуваат иницијатива до училишниот одбор за преиспитување на работата на наставникот.

(3) Стандардите за професионално однесување од ставот (2) на овој член, ги утврдува министерот, на предлог на Бирото.

(4) Ако причините за незадоволителни резултати не се должат на објективните услови во училиштето и организацијата на работата во училиштето, училишниот одбор донесува одлука на наставникот да му се определи дополнителна стручна помош.

(5) Дополнителната стручна помош му се определува на наставник за којшто се обезбедени сознанија дека: не успева да одржи работна дисциплина во училницата, не користи ефективни методи на настава и комуникација со учениците и родителите, не ги следи и оценува постигањата на учениците согласно со воспоставените стандарди за оценување во наставните програми.

(6) Програмата за дополнителната стручна помош ја изготвува тимот за професионален развој во соработка со Бирото односно Центарот.

(7) Програмата може да трае најмногу шест месеци.

(8) Реализацијата на програмата ја следи директорот на училиштето и на секои три месеци го информира училишниот одбор за нејзината реализација и постигнатите резултати.

(9) Доколку наставникот не се придржува до препораките во програмата и не ја реализира програмата за дополнителна стручна помош, директорот, на предлог на училишниот одбор, донесува решение за намалување на платата во износ од 1/3 од последната исплатена плата на наставникот пред донесување на решението.

(10) Доколку наставникот и во наредните шест месеци не се придржува до препораките во програмата и не ја реализира програмата за дополнителна стручна помош, директорот, на предлог на училишниот одбор, донесува решение за престанок на работниот однос на наставникот.

(11) Против решенијата од ставовите (9) и (10) на овој член, наставникот има право на жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.

(12) За наставник којшто не го почитува распоредот на работното време и прави потешки прекршувања на Етичкиот кодекс за наставниците и стручните соработници се поведува дисциплинска постапка.

(13) Етичкиот кодекс за наставниците и стручните соработници го донесува училишниот одбор на училиштето.

(14) Дисциплинската постапка ја спроведува дисциплинската комисија на начин утврден со статутот на училиштето.

(15) Директорот, врз основа на предлогот на дисциплинската комисија, донесува решение за изрекување дисциплинска мерка.

(16) Во случаите на потешки прекршувања на Етичкиот кодекс за наставниците и стручните соработници, до донесувањето на решението од ставот (15) на овој член, директорот може со решение да го отстрани наставникот од работа најмногу до три месеци за кој период наставникот добива плата во износ од 50% од последно исплатена плата пред да биде отстранет од работа.

(17) Наставникот, против донесеното решение од ставот (15) на овој член и решението од ставот (16) на овој член, има право на жалба до Училишниот одбор, во рок од осум дена од денот на добивање на решението од ставот (15) на овој член, односно решението од ставот (16) на овој член.

(18) Доколку постои основано сомневање дека на наставникот му е нарушено менталното здравје односно заради болести или други околности кои можат како било да го оневозможат или суштествено да го ограничат при извршувањето на обврските, или можат да го загрозат здравјето или животот на другите вработени и учениците при извршување на неговите обврски, директорот задолжително го упатува наставникот на вонреден комисиски лекарски преглед за преиспитување на способноста за реализација на работните обврски во надлежна здравствена установа.

(19) Наставникот кој е упатен на вонреден комисиски лекарски преглед, од став (18) на овој член, нема право да го одбие упатувањето на вонреден комисиски лекарски преглед.

(20) Доколку наставникот го одбие упатувањето на вонреден комисиски лекарски преглед од став (18) на овој член, му престанува работниот однос по сила на овој закон.

Член 20

(1) На наставник за чија работа потребата престанала поради деловни причини, не може да му престане работниот однос додека не му се обезбеди едно од правата согласно со закон и колективен договор.

(2) Начинот и критериумите за престанок на работниот однос поради деловни причини се утврдуваат со колективен договор.

Член 21

(1) При промени во обемот на работата во јавното училиште што се јавуваат поради промени во плановите и програмите, организацијата на работа, бројот на паралелки и други промени, работниот однос на наставникот се променува од работен однос на неопределено време со полно работно време во работен однос на неопределено време пократко од полното работно време и обратно.

(2) Директорот е должен во случаите од ставот (1) на овој член, со наставникот да склучи нов договор за работа, во рок од седум дена од денот на настанувањето на промените од ставот (1) на овој член.

Член 22

(1) На наставник кој има засновано работен однос на неопределено време во основно односно средно училиште му мирува работниот однос во училиштето доколку се запише на втор, односно на трет циклус на студии на високообразовна установа од областа на образованието на наставници, која е рангирана помеѓу првите 200 високообразовни установи на листата која ја изготвува Центарот за светска класа универзитети при Шангајскиот Џиао Тонг Универзитет од Народна Република Кина, или на универзитет кој е на ранг листата на универзитети од областа на образованието, која ја изготвува Quacquarelli Symonds (QS) од Велика Британија.

(2) Наставникот од став (1) на овој член, има право, во рок од 15 дена од денот на завршувањето на образованието на високообразовната установа од ставот (1) на овој член, да се врати на работа во училиштето во кое имал засновано работен однос, за вршење работи кои одговараат на неговиот вид и степен на стручна подготовка.

IV. ОСНОВНИ ПРОФЕСИОНАЛНИ КОМПЕТЕНЦИИ НА НАСТАВНИЦИТЕ

Член 23

(1) Наставникот треба да ги поседува основните професионални компетенции за наставник за да реализира настава во основно односно средно училиште.

(2) Основните професионални компетенции се однесуваат на знаењата вештините и професионалните вредности што се неопходни за квалитетно изведување на воспитно-образовната работа.

(3) Наставникот ги стекнува основните професионални компетенции во текот на образованието за наставник и за време на приправничкиот стаж.

Член 24

(1) Основните професионални компетенции опфаќаат знаења, вештини и професионални вредности, во следните подрачја:
1. Знаења за наставниот предмет и за воспитно-образовниот систем;
2. Поучување и учење (планирање и подготовка на наставата, реализација на наставата, оценување на учениците, познавање на учениците и излегување во пресрет на нивните потреби);
3. Создавање на стимулативна средина за учење (создавање на безбедна и стимулативна средина за учење и позитивна училишна клима);
4. Социјална и образовна инклузија;
5. Комуникација и соработка со семејството и заедницата и
6. Професионален развој и професионална соработка.

(2) Основните професионални компетенции од подрачјата од став (1) на овој член, ги утврдува министерот, на предлог на Бирото и Центарот.

V. ПРОФЕСИОНАЛЕН РАЗВОЈ НА НАСТАВНИЦИТЕ

Член 25

(1) Наставниците во текот на својата работа се должни континуирано професионално да се усовршуваат.

(2) Министерот донесува годишна програма за обуки за стручно усовршување на наставниците до крајот на месец јануари за тековната година.

(3) Предлог годишната програма за обуки за стручно усовршување ја изработува и предлага Бирото во соработка со Центарот и Државниот просветен инспекторат.

Член 26

(1) Професионалното усовршување на наставниците се остварува преку акредитирани програми за обука, преку проекти одобрени од Министерството, интерно стручно усовршување во училиштето, меѓуучилишни тимови за учење и преку индивидуални форми на учење.

(2) Професионалното усовршување од ставот (1) на овој член, се остварува без да се наруши воспитно-образовниот процес во училиштето, за што грижа води директорот на училиштето.

Член 27

(1) Наставниците се обврзани во рамки на континуираното стручно усовршување да посветат најмалку 60 часа на обуки во текот на три учебни години.

(2) Во рамките на обуките од ставот (1) на овој член, најмалку 40 часови се од учество на акредитирани програми за обука.

(3) Средствата за обуките од ставот (2) на овој член, се обезбедуваат во буџетот на Бирото, единиците на локалната самоуправа и преку образовни проекти одобрени од Министерството.

(4) Акредитацијата на програмите за обука од ставот (2) на овој член, се врши согласно со Законот за Бирото за развој на образованието.

(5) Секој наставник во рок од три години поминува 20 часови обука за приоритетни програми определени од министерот за што средства се обезбедуваат во буџетот на Бирото.

Член 28

(1) За сопственото стручно усовршување наставникот прави личен план за професионален развој за секоја учебна година врз основа на самоевалуацијата во однос на професионалните компетенции, резултатите од интегралната евалуација и извештаите од посети на директорот на училиштето, советници од Бирото, Центарот и Државниот просветен инспекторат.

(2) Планот од ставот (1) на овој член, го одобрува директорот на училиштето на предлог на тимот за професионален развој во училиштето.

(3) Тимот за професионален развој го сочинуваат координаторите на стручните активи на наставници во училиштето, директор и стручен соработник во училиштето.

(4) Формата и содржината на личниот план за професионален развој на наставникот и стручниот соработник ги уредува министерот, на предлог на Бирото и Центарот.

Член 29

(1) Наставникот, кој од објективни причини не може да реализира дел од планираните активности во личниот план за професионален развој од членот 28 став (1) од овој закон, има право, во консултација со директорот на училиштето да направи измена во личниот план за професионален развој.

(2) На наставникот кој не го реализирал личниот план за професионален развој, а за тоа нема објективни причини, директорот следната учебна година му определува поддржан професионален развој.

(3) Поддржан професионален развој од ставот (2) на овој член, подразбира доделување на наставник во повисоко звање или друг наставник од училиштето кој му помага на наставникот во изработка и реализација на личниот план за професионален развој на наставникот.

Член 30

(1) За професионалниот развој на секој наставник се води професионално досие.

(2) Формата, содржината и начинот на водење на професионалното досие за наставникот и стручниот соработник ги пропишува министерот, на предлог на Бирото и Центарот.

VI. КАРИЕРЕН РАЗВОЈ НА НАСТАВНИЦИТЕ

Член 31

Наставниците во основните и средните училишта може да напредуваат во звања.

Член 32

(1) Категоријата наставник се добива со полагање на стручен испит за наставник.

(2) Наставникот може да напредува во звањата наставник-ментор и наставник-советник.

(3) Професионалните стандарди за звањата наставник-ментор и наставник-советник и начинот на стекнување ги пропишува министерот на предлог на Бирото и Центарот.

(4) Бројот на наставници кои може да се стекнат со звања наставник-ментор или наставник-советник за секоја општина, општина во градот Скопје, односно град Скопје за секоја фискална година го определува министерот, по претходна согласност од Владата на Република Северна Македонија.

Член 33

(1) Наставник може да напредува во звање наставник-ментор доколку:
– има најмалку седум години работно искуство како наставник,
– е вработен на неопределено работно време и
– ги исполнува професионалните стандарди за наставник-ментор.

(2) Барањето за напредување во звање наставникментор се доставува до Министерството по објавен јавен повик, преку електронска апликација на интернет страницата на Министерството, со следнава документација:
– диплома или уверение за завршено соодветно образование или копија заверена на нотар,
– доказ за исполнетоста на професионалните стандарди за наставник-ментор од доказите содржани во професионалното досие на наставникот,
– оценка од Бирото односно Центарот и мислење од училиштето за исполнетоста на стандардите за наставник-ментор и
– извештај од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија за остварен работен стаж на наставникот.

(3) Формата и содржината на образецот на барањето од ставот (2) на овој член, го пропишува министерот, на предлог на Бирото и Центарот.

(4) Комисијата од членот 35 став (1) од овој закон, е должна да ја направи ранг-листата од членот 35 став (3) од овој закон, во рок од 90 дена од денот на доставувањето на документацијата од ставот (2) на овој член.

(5) Ако барањето од ставот (2) на овој член, е доставено без комплетната документација, подносителот на барањето се известува во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето со документацијата.

(6) Подносителот на барањето од ставот (5) на овој член, е должен да ја комплетира документацијата во рок од седум дена од денот на приемот на известувањето од ставот (5) на овој член.

Член 34

(1) Наставник-ментор може да напредува во звање наставник-советник доколку:
– има најмалку девет години работно искуство, од кои три години во звањето наставник-ментор и
– ги исполнува професионалните стандарди за наставник-советник.

(2) Барањето за напредување во звање наставник-советник се доставува до Министерството по објавен јавен повик, преку електронска апликација на интернет страницата на Министерството со следната документација:
– доказ за стекнато звање наставник-ментор,
– доказ за исполнетоста на професионалните стандарди за наставник-ментор од доказите содржани во професионалното досие на наставникот,
– оценка од Бирото односно Центарот и мислење од училиштето за исполнетоста на стандардите за наставник-советник и
– извештај од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија за остварен работен стаж на наставникот.

(3) Формата и содржината на образецот на барањето од ставот (2) на овој член го пропишува министерот, на предлог на Бирото и Центарот.

(4) Комисијата од членот 35 став 1 од овој закон, е должна да ја направи ранг-листата од членот 35 став (3) од овој закон, во рок од 90 дена од денот на комплетирање на документацијата од ставот (2) на овој член.

Член 35

(1) Исполнетоста на професионалните стандарди за звањата наставник-ментор и наставник-советник ја проверуваат комисии формирани од министерот.

(2) Комисиите од ставот (1) на овој член, се составени од: еден претставник од соодветните наставнички факултети, еден претставник од репрезентативниот синдикат за образование, еден претставник од Заедницата на единиците на локалната самоуправа и по еден претставник од Министерството, Бирото односно Центарот за наставниците по стручните предмети.

(3) Комисијата ги проценува пристигнатите апликации и документација на наставниците за стекнување на звањето наставник-ментор и наставник-советник и согласно со освоените бодови на кандидатите прави ранг-листа. Највисоко рангираните наставници, според бројот определен од министерот за таа година, се стекнуваат со звање наставник ментор, односно наставник-советник.

(4) Наставникот кој нема да биде задоволен со оценката од комисијата има право на жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос, во втор степен во рок од 15 дена од денот на приемот на оценката на комисијата.

(5) Начинот на формирање на комисиите и нивниот број, проценувањето на пристигнатите апликации и документација на наставниците за стекнување на звањето наставник-ментор и наставник-советник, бодирањето на кандидатите, ранг листата, како и начинот на работењето на комисиите ги пропишува министерот на предлог на Бирото и Центарот.

Член 36

(1) На наставникот, без спроведена постапка за преиспитување на стекнатото звање, му се одзема стекнатото звање ако:
– со правосилна одлука му е изречена мерка забрана за вршење професија, дејност или должност и
– со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор во траење повеќе од шест месеци.

(2) Постапка за преиспитување на стекнатото звање покренува училиштето ако:
– наставникот има континуиран прекин на работен однос или мирување на работен однос во воспитно-образовна установа повеќе од три години,
– не го реализира планот за личен професионален развој и како резултат на тоа на наставникот му е доделен поддржан професионален развој во одреден временски период и
– не ги реализира работните задачи на наставник-ментор односно наставник-советник.

(3) Постапката за преиспитување на стекнатото звање не се покренува ако наставникот има континуиран прекин на работен однос во воспитно-образовна установа повеќе од три години согласно со членот 22 од овој закон, како и заради упатување на стручно усовршување од страна на работодавачот.

(4) Иницијатива за одземање на стекнатите звања покренува директорот на училиштето во коешто наставникот работи, Бирото, Центарот или Државниот просветен инспекторат и се доставува до Министерството во рок од седум дена од денот на покренување на иницијативата.

(5) Министерот во рок од 15 дена од денот на добивање на иницијативата од ставот (4) на овој член, формира Комисија за одземање и преиспитување на звањата на наставниците, составена од три члена, од кои еден е од редот на вработените во Бирото, односно Центарот за наставниците по стручните предмети, еден од Државниот просветен инспекторат и еден од репрезентативниот синдикат за образование.

(6) Комисијата дава предлог за одземање на звањето или предлог за одбивање на инцијативата од став (4) на овој член, до министерот во рок од 30 дена од денот на нејзиното формирање.

(7) Министерот во рок од 15 дена од денот на добивањето на предлогот од ставот (6) на овој член, донесува решение.

(8) Против решението на министерот од ставот (7) на овој член, може да се поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.

Член 37

Работните должности на наставниците со звање наставник-ментор, освен задолженијата на членот 14 од овој закон, опфаќаат и:
– менторирање на наставник-приправник,
– менторирање на студенти од факултетите за наставници,
– менторирање на наставници што имаат поддржан професионален развој,
– користење иновативни приоди и помагање на колегите во спроведување на акциски истражувања,
– учество во изготвување на развојни политики на училиштето и
– други задачи согласно со стекнатите компетенции за наставник-ментор.

Член 38

Работните должности на наставниците со звање наставник-советник, освен задолженијата на член 14 од овој закон, опфаќаат и:
– менторирање на студенти од факултетите за наставници,
– менторирање на колеги што имаат поддржан професионален развој,
– водење меѓучилишни тимови за учење,
– изготвување наставни материјали за учење,
– креирање, аплицирање и спроведување иновативни проекти во училиштето,
– учество во изготвување на развојни политики на училиштето и
– други задачи согласно со стекнатите компетенции за наставник-советник.

VII. СТРУЧНИ СОРАБОТНИЦИ

Член 39

(1) Стручен соработник во основно и средно образование (педагог, психолог, специјален едукатор и рехабилитатор, социолог, социјален работник, библиотекар и друго) може да биде лице кое:
– има завршено најмалку четири години соодветно високо образование и се има стекнато со најмалку 240 ЕКТС,
– е државјанин на Република Северна Македонија и
– го познава македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот и писмото на кој се изведува наставата.

(2) Квалификациите со кои се стекнуваат стручните соработници за професијата стручен соработник во основно и средно училиште припаѓаат на VI А ниво од Македонската рамка на високообразовни квалификации и соодветствуваат на ниво VI од Европската рамка на високообразовни квалификации.

(3) Видот на стручната подготовка на стручните соработници во основно односно средно образование е определен со Нормативот за стручни соработници во основно односно средно образование, утврден од страна на министерот, на предлог на Бирото и Центарот.

(4) Директорот на основното односно средното училиште формира комисија составена од три члена од редот на воспитно-образовниот кадар која врши проверка на познавањето на јазикот на стручните соработници од ставот (1) на овој член.

(5) Без положен стручен испит не може да се заснова работен однос на неопределено време.

Член 40

(1) Стручниот соработник се избира по пат на јавен оглас.

(2) Лицата од ставот (1) на овој член, можат да засноваат работен однос и без јавен оглас, на определено време, најмногу до три месеци.

(3) Јавниот оглас од ставот (1) на овој член, се објавува во најмалку два дневни весника од кои најмалку во по еден од весниците што се издаваат на македонски јазик и од весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

(4) Кога на јавниот оглас од ставот (1) на овој член, ќе се јават повеќе кандидати, предност имаат стручните соработници, кои имаат повисок степен на соодветно образование и повисок успех во текот на додипломските студии.

(5) При изборот на стручни соработници се применува начелото на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници и почитување на критериумите на стручност и компетентност.

Член 41

(1) Стручните соработници ги избира директорот на училиштето по предлог на училишниот одбор.

(2) Училишниот одбор при изготвувањето на предлогот од ставот (1) на овој член, задолжително треба да ја земе предвид одредбата од членот 40 став (4) од овој закон.

Член 42

Стручните соработници се должни да работат на постигнување на целите на потсистемот на образование во којшто работат, во согласност со програмата за работа на училиштето и насоките за работа на стручни соработници подготвени од Бирото.

Член 43

Се забранува дискриминација на стручните соработници по сите основи. Се забранува телесно и психичко малтретирање на стручен соработник.

Член 44

(1) Работните должности на стручниот соработник во основното и средното образование опфаќаат стручни работи согласно со основните професионални компетенции за стручни соработници.

(2) Основните професионални компетенции за стручен соработник опфаќаат професионални вредности и професионални знаења и вештини во следниве подрачја:
– работа со ученици,
– работа со наставници,
– работа со родители,
– соработка со заедницата,
– професионален развој и професионална соработка,
– аналитичко-истражувачка работа и
– училишна структура, организација и клима.

(3) Основните професионални компетенции од подрачјата од ставот (2) на овој член, ги утврдува министерот, на предлог на Бирото и Центарот.

Член 45

Стручниот соработник има право:
– професионално да се усовршува и да напредува во кариера согласно со стандардите за напредување во звање,
– на соодветни работни услови во училиштето согласно со утврдените нормативи и стандарди,
– да учествува во органите на управување на училиштето, истите да ги избира и да биде избран и
– на заштита од злоупотреба и мобинг, дискриминација, физичко, сексуално и психичко насилство и вознемирување.

Член 46

(1) Стручните соработници во основните училишта вршат работи од дејноста образование, имаат статус на даватели на јавни услуги во основното образование и за нив се применуваат одредбите од овој закон, прописите од областа на вработените во јавниот сектор и општите прописи за работни односи.

(2) За вработените од ставот (1) на овој член, се утврдуваат следниве категории и нивоа на работни места:
– категорија Л – стручни соработници,
– ниво Л1 советник (стручен соработник-советник, стручен соработник-советник во училишта со ученици со попреченост),
– ниво Л2 ментор (стручен соработник-ментор и стручен соработник-ментор во училишта со ученици со попреченост),
– ниво Л3 стручен соработник (стручен соработник, стручен соработник во училишта со ученици со попреченост) и
– ниво Л4 приправник (стручен соработник-приправник, стручен соработник-приправник во училишта со ученици со попреченост).

Член 47

(1) Стручните соработници во средните училишта вршат работи од дејноста образование, имаат статус на даватели на јавни услуги во средното образование и за нив се применуваат одредбите од овој закон, прописите од областа на вработените во јавниот сектор и општите прописи за работни односи.

(2) За вработените од ставот (1) на овој член, се утврдуваат следниве категории и нивоа на работни места:
– категорија И – стручни соработници,
– ниво И1 советник (стручен соработник-советник, стручен соработник-советник во училишта со ученици со попреченост),
– ниво И2 ментор (стручен соработник-ментор и стручен соработник-ментор во училишта со ученици со попреченост),
– ниво И3 стручен соработник (стручен соработник, стручен соработник во училишта со ученици со попреченост) и
– ниво И4 приправник (стручен соработник-приправник, стручен соработник-приправник во училишта со ученици со попреченост).

Член 48

Стручниот соработник со полагањето на приправничкиот испит се здобива со основни компетенции за стручен соработник во училиште.

Член 49

Работното време на стручниот соработник во основното училиште во текот на неделата изнесува 40 часа.

Член 50

(1) Работата на стручните соработници ја следи директорот и Бирото, односно Центарот во рамки на своите надлежности.

(2) За стручните соработници кои во остварувањето на својата работа не покажуваат задоволителни резултати или потешко ги нарушуваат стандардите на професионално однесување, Бирото, Центарот, советот на родители или Државниот просветен инспекторат покренуваат иницијатива до училишниот одбор за преиспитување на работата на стручниот соработник.

(3) Стандардите за професионално однесување од ставот (2) на овој член, ги утврдува репрезентативниот синдикат за образование.

(4) Ако причините за незадоволителни резултати не се должат на објективните услови во училиштето и организацијата на работата во училиштето, училишниот одбор донесува одлука на стручниот соработник да му се определи дополнителна стручна помош.

(5) Дополнителната стручна помош му се определува на стручниот соработник за којшто се обезбедени сознанија дека: не користи ефективни методи на комуникација со учениците и родителите, не дава поддршка на наставниците, односно не ги извршува своите задачи согласно со утврдените основни професионални компетенции.

(6) Програмата за дополнителната стручна помош ја изготвува тимот за професионален развој во соработка со Бирото, односно Центарот.

(7) Програмата за дополнителната стручна помош може да трае најмногу шест месеци.

(8) Реализацијата на програмата за дополнителната стручна помош ја следи директорот на училиштето и на секои три месеци го информира училишниот одбор за нејзината реализација и постигнатите резултати.

(9) Доколку стручниот соработник не се придржува до препораките во програмата за дополнителната стручна помош и не ја реализира програмата за дополнителна стручна помош, директорот, на предлог на училишниот одбор, донесува решение за намалување на платата во износ од 1/3 од последната исплатена плата на стручниот соработник пред донесување на решението.

(10) Доколку стручниот соработник и во наредните шест месеци не се придржува до препораките во програмата и не ја реализира програмата за дополнителна стручна помош, директорот, на предлог на училишниот одбор, донесува решение за престанок на работниот однос на стручниот соработник.

(11) За стручниот соработник којшто не го почитува распоредот на работното време и прави потешки прекршувања на Етичкиот кодекс за наставниците и стручните соработници се поведува дисциплинска постапка.

(12) Дисциплинската постапка ја спроведува дисциплинската комисија на начин утврден со статутот на училиштето.

(13) Директорот, врз основа на предлогот на дисциплинската комисија, донесува решение за изрекување дисциплинска мерка.

(14) Во случаите на потешки прекршувања на Етичкиот кодекс за наставниците и стручните соработници, до донесувањето на решението од ставот (14) на овој член, директорот може со решение да го отстрани стручниот соработник од работа.

(15) Стручниот соработник, против донесеното решение од ставот (13) на овој член, и решението од ставот (14) на овој член, има право на жалба до Училишниот одбор, во рок од осум дена од денот на добивање на решението од ставот (13) на овој член, односно решението од ставот (14) на овој член.

(16) Доколку постои основано сомневање дека на стручниот соработник му е нарушено менталното здравје односно заради болести или други околности кои можат како било да го оневозможат или суштествено да го ограничат при извршувањето на обврските, или можат да го загрозат здравјето или животот на другите вработени и учениците при извршување на своите обврски, директорот задолжително го упатува стручниот соработник на вонреден комисиски лекарски преглед за преиспитување на способноста за реализација на работните обврски во надлежна здравствена установа.

(17) Стручниот соработник кој е упатен на вонреден комисиски лекарски преглед, од ставот (16) на овој член, нема право да го одбие упатувањето на вонреден комисиски лекарски преглед.

(18) Доколку стручниот соработник го одбие упатувањето на вонреден комисиски лекарски преглед, од ставот (16) на овој член, му престанува работниот однос по сила на овој закон.

Член 51

(1) На стручниот соработник за чија работа потребата престанала поради деловни причини, не може да му престане работниот однос додека не му се обезбеди едно од правата согласно закон и колективен договор.

(2) Начинот и критериумите за престанок на работниот однос поради деловни причини се утврдуваат со колективен договор.

VIII. ПРОФЕСИОНАЛЕН РАЗВОЈ НА СТРУЧНИТЕ СОРАБОТНИЦИ

Член 52

(1) Стручните соработници во текот на својата работа се должни континуирано професионално да се усовршуваат.

(2) Министерот донесува годишна програма за обуки за стручно усовршување на стручните соработници до крајот на месец јануари за тековната година.

(3) Предлог годишната програма за обуки за стручно усовршување ја изработува и предлага Бирото во соработка со Центарот и Државниот просветен инспекторат.

Член 53

(1) Професионалното усовршување на стручните соработници се остварува преку акредитирани програми за обука, преку проекти одобрени од министерството, интерно стручно усовршување во училиштето, меѓуучилишни тимови за учење и преку индивидуални форми на учење.

(2) Професионалното усовршување од ставот (1) на овој член, се остварува без да се наруши воспитно-образовниот процес во училиштето, за што грижа води директорот на училиштето.

Член 54

(1) Стручните соработници се обврзани во рамки на континуираното стручно усовршување да посветат најмалку 60 часа на обуки во текот на три учебни години.

(2) Во рамките на обуките од ставот (1) на овој член, најмалку 40 часови се од учество на акредитирани програми за обука.

(3) Средствата за обуките од ставот (2) на овој член, се обезбедуваат во буџетот на Бирото, единиците на локалната самоуправа и преку образовни проекти одобрени од Министерството.

(4) Акредитацијата на програмите за обука од ставот (2) на овој член, се врши согласно со Законот за Бирото за развој на образованието.

(5) Секој стручен соработник во рок од три години поминува 20 часа обука за приоритетни програми определени од министерот, за што средства се обезбедуваат во буџетот на Бирото.

Член 55

(1) За сопственото стручно усовршување стручниот соработник прави личен план за професионален развој за секоја учебна година врз основа на самоевалуацијата во однос на професионалните компетенции, резултатите од интегралната евалуација, увидот од директорот и извештаите од посети на советници од Бирото и Државниот просветен инспекторат.

(2) Планот од ставот (1) на овој член, го одобрува директорот на училиштето на предлог на тимот за професионален развој во училиштето од членот 28 став (3) од овој закон.

Член 56

(1) Стручниот соработник, кој од објективни причини не може да реализира дел од планираните активности во личниот план за професионален развој од членот 55 став (1) од овој закон, има право, во консултација со директорот на училиштето да направи измена во личниот план за професионален развој.

(2) На стручниот соработник кој не го реализирал личниот план за професионален развој, а за тоа нема објективни причини, директорот следната учебна година му определува поддржан професионален развој.

(3) Поддржан професионален развој од ставот (1) на овој член, подразбира доделување на стручен соработник во повисоко звање или друг стручен соработник кој му помага на стручниот соработник во изработка и реализација на личниот план за професионален развој.

Член 57

За професионалниот развој на секој стручен соработник се води професионално досие.

IX. КАРИЕРЕН РАЗВОЈ НА СТРУЧНИТЕ СОРАБОТНИЦИ

Член 58

Стручните соработници во основните и средните училишта може да напредуваат во звања.

Член 59

(1) Категоријата стручен соработник се добива со положен приправнички испит.

(2) Стручниот соработник може да напредува во звањата стручен соработник-ментор и стручен соработник-советник.

(3) Професионалните стандарди за звањата стручен соработник-ментор и стручен соработник-советник и начинот на стекнување ги пропишува министерот, на предлог на Бирото и Центарот.

(4) Бројот на стручни соработници кои може да се стекнат со звања стручен соработник-ментор или стручен соработник-советник за секоја фискална година го определува министерот, по претходна согласност од Владата на Република Северна Македонија.

Член 60

(1) Стручен соработник може да напредува во звање стручен соработник-ментор доколку:
– има најмалку седум години работно искуство како стручен соработник,
– е вработен на неопределено работно време и
– ги исполнува професионалните стандарди за стручен соработник-ментор.

(2) Барањето за напредување во звање стручен соработник-ментор се доставува до Министерството по објавен јавен повик, преку електронска апликација на интернет страницата на Министерството со следнава документација:
– диплома или уверение за завршено соодветно образование или копија заверена на нотар,
– доказ за исполнетоста на професионалните стандарди за стручен соработник-ментор од доказите содржани во професионалното досие на стручен соработник,
– оценка од Бирото и мислење од училиштето за исполнетоста на стандардите за стручен соработник-ментор и
– извештај од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија за остварен работен стаж на стручен соработник.

(3) Формата и содржината на образецот на барањето од ставот (2) на овој член, го пропишува министерот, на предлог на Бирото.

(4) Комисијата од членот 62 став (1) од овој закон, е должна да ја направи ранг-листата од членот 62 став (3) од овој закон, во рок од 90 дена од денот на комплетирање на документацијата од ставот (2) на овој член.

Член 61

(1) Стручен соработник-ментор може да напредува во звање стручен соработник-советник доколку:
– има најмалку девет години работно искуство, од кои три години во звањето стручен соработник-ментор и
– ги исполнува професионалните стандарди за стручен соработник-советник.

(2) Барањето за напредување во звање стручен соработник-советник се доставува до Министерството по објавен јавен повик, преку електронска апликација на интернет страницата на Министерството, со следнава документација:
– доказ за стекнато звање стручен соработник-ментор,
– доказ за исполнетоста на професионалните стандарди за стручен соработник-советник од доказите содржани во професионалното досие на стручен соработник,
– оценка од Бирото и мислење од училиштето за исполнетоста на стандардите за стручен соработник-советник и
– извештај од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија за остварен работен стаж на стручен соработник.

(3) Формата и содржината на образецот на барањето од ставот (2) на овој член, го пропишува министерот, на предлог на Бирото.

(4) Комисијата од членот 62 став (1) од овој закон, е должна да ја направи ранг-листата од членот 62 став (3) од овој закон, во рок од 90 дена од денот на комплетирање на документацијата од ставот 2 на овој член.

Член 62

(1) Исполнетоста на професионалните стандарди за звањата стручен соработник-ментор и стручен соработник-советник ја проверува комисија формирана од министерот.

(2) Комисијата од ставот (1) на овој член е составена од: двајца претставници од соодветните факултети кои образуваат стручни соработници, еден претставник од репрезентативниот синдикат за образование и по еден претставник од Министерството и Бирото.

(3) Комисијата ги проценува пристигнатите апликации и документација на стручните соработници за стекнување на звањето стручен соработник-ментор и стручен соработник-советник, и согласно со освоените бодови на кандидатите прави ранг листа. Највисоко рангираните стручни соработници според бројот определен од министерот за таа година, се стекнуваат со звање стручен соработник-ментор, односно стручен соработник-советник.

(4) Стручниот соработник кој нема да биде задоволен со оценката од комисијата има право на жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во рок од 15 дена од денот на приемот на оценката на комисијата.

(5) Начинот на формирање на комисијата, проценувањето на пристигнатите апликации и документација на стручни соработниците за стекнување на звањето стручен соработник-ментор и стручен соработник-советник, бодирањето на кандидатите, ранг листата, како и начинот на работењето на комисијата ја пропишува министерот на предлог на Бирото.

Член 63

(1) На стручниот соработник, без спроведена постапка за преиспитување на стекнатото звање, му се одзема стекнатото звање ако:
– со правосилна одлука му е изречена мерка забрана за вршење професија, дејност или должност и
– со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор во траење над шест месеци.

(2) Постапка за преиспитување на стекнатото звање покренува училиштето ако:
– стручниот соработник има континуиран прекин на работен однос или мирување на работен однос во воспитно-образовна установа повеќе од три години,
– не го реализира планот за личен професионален развој и како резултат на тоа на стручен соработникот му е доделен поддржан професионален развој во одреден временски период и
– не ги реализира работните задачи на стручен соработник-ментор односно стручен соработник-советник.

(3) Постапката за преиспитување на стекнатото звање не се покренува ако стручен соработникот има континуиран прекин на работен однос во воспитно-образовна установа повеќе од три години заради упатување на стручно усовршување од страна на работодавачот.

(4) Иницијатива за одземање на стекнатите звања покренува директорот на училиштето во коешто стручниот соработник работи, Бирото или Државниот просветен инспекторат и се доставува до Министерството.

(5) Министерот формира Комисија за одземање и преиспитување на звањата на стручните соработници, составена од три члена, од кои еден е од редот на вработените во Бирото, еден од Државниот просветен инспекторат и еден од репрезентативниот синдикат за образование.

(6) Комисијата дава предлог за одземање на звањето или предлог за одбивање на инцијативата од ставот (4) на овој член, до министерот.

(7) Министерот врз основа на предлогот од ставот (6) на овој член, донесува решение.

(8) Против решението на министерот од ставот (7) на овој член, може да се поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.

Член 64

Работните должности на стручните соработници со звање стручен соработник-ментор, освен задолженијата од членот 44 од овој закон, опфаќаат и:
– менторирање на стручен соработник-приправник,
– менторирање на студенти од соодветните факултети,
– следење и насочување на професионалниот развој на вработените во училиштето,
– воведување иновативни приоди во воспитно-образовната работа на училиштето и раководи со спроведувањето,
– иницирање и развивање партнерска соработка со семејството и заедницата за прашања релевантни за заедницата од аспект на образование,
– изготвување развојни политики на училиштето и
– други задачи согласно со стекнатите компетенции за стручен соработник-ментор.

Член 65

Работните должности на стручните соработници со звање стручен соработник-советник, освен задолженијата од членот 44 од овој закон, опфаќаат и:
– менторирање на студенти од соодветните факултети,
– менторирање на колеги што имаат поддржан професионален развој,
– вршење комплексни истражувања релевантни за образованието во поширок контекст,
– водење на процесот на развојно планирање во училиштето и предлага училишни политики за квалитет,
– идентификување нови подрачја и начини за соработка на училиштето со семејството и заедницата и има водечка улога во имплементацијата и
– други задачи согласно со стекнатите компетенции за стручен соработник-советник.

X. ТРАНСФОРМАЦИЈА НА РАБОТНИОТ ОДНОС НА НАСТАВНИК И СТРУЧЕН СОРАБОТНИК

Член 66

(1) Во дејноста на основното и средното образование трансформацијата на работниот однос од определено во неопределено време е дозволена само ако:
– наставникот, односно стручниот соработник има работен стаж повеќе од две години во воспитно-образовна установа верифицирана од Министерството, со прекин или без прекин,
– наставникот, односно стручниот соработник е на постојно работното место ослободено по основ на пензионирање, отказ, смрт или други основи и се обезбедени финансиски средства за кое се бара трансформација,
– наставникот, односно стручниот соработник ги исполнува условите предвидени во нормативот за наставник/стручен соработник,
– наставникот, односно стручниот соработник има положен стручен испит и
– работодавачот утврди дека има трајна потреба од наставникот, односно стручниот соработник и истото нема да предизвика технолошки вишок и
– е добиена согласност за трансформација на работниот однос од Министерството.

(2) Барањето за трансформација на работен однос, училиштето го доставува до комисијата за трансформација на работен однос (во натамошниот текст: комисијата за трансформација), која ја формира градоначалникот на општината, односно градоначалникот на Град Скопје, односно министерот за државните основни и средни училишта и е составена од три члена и тоа: по еден член од општината/Град Скопје, односно Министерството, Државниот просветен инспекторат и претставник од репрезентативниот синдикат за образование. Претседател на комисијата за трансформација е претставник од Државниот просветен инспекторат.

(3) Комисијата за трансформација се формира за период од три години.

(4) Кон барањето за трансформација на работниот однос, училиштето до комисијата за трансформација доставува:
– извештај за остварен работен стаж од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија,
– изјава од директорот на училиштето дека работното место за кое се бара трансформација е ослободено по основ на пензионирање, отказ, смрт или други основи и се обезбедени финансиски средства,
– изјава од директорот на училиштето дека има трајна потреба од наставникот, односно стручниот соработник и нема да предизвика технолошки вишок,
– копија од диплома/уверение за завршено соодветно образование согласно со нормативот,
– копија од уверение за положен стручен испит и
– анализа на работните места на ниво на училиште.

(5) Комисијата за трансформација врши проверка на доказите од ставот (4) на овој член, и изготвува извештај со предлог за трансформација само за наставник односно стручен соработник кои ги исполнуваат условите за трансформација на работен однос. Извештајот со предлогот потребно е да содржи и анализа на работните места на ниво на училиште и на општина/град Скопје и истиот задолжително треба да биде потпишан од сите членови на Комисијата за трансформација.

(6) Комисијата за трансформација за општинските основни, општинските средни училишта/град Скопје, извештајот со предлогот од ставот (5) на овој член, го доставува до Министерството.

(7) На наставниците, односно стручните соработници кои не ги исполнуваат условите од ставот (1) на овој член, Комисијата за трансформација ги враќа документите на училиштето со образложение во рок од седум дена од денот на разгледувањето на истите.

(8) Директорот на училиштето врз основа на известувањето од ставот (7) на овој член, во рок од седум дена од денот на добивањето на известувањето, донесува одлука за одбивање на трансформација на работниот однос.

(9) Наставникот, односно стручниот соработник кој не е задоволен од одлуката од ставот (8) на овој член, има право на жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката, до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

(10) Министерството, врз основа на извештајот со предлогот од ставот (5) на овој член за наставникот, односно стручниот соработник кој ги исполнува условите за трансформација на работен однос дава согласност за трансформација на работниот однос.

(11) Директорот на училиштето, врз основа на дадената согласност од ставот (10) на овој член, во рок од седум дена од денот на добивањето на согласноста, донесува одлука за трансформација на работниот однос.

XI. НАДЗОР

Член 67

(1) Надзор над спроведувањето на одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон врши Министерството.

(2) Инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон врши Државниот просветен инспекторат и овластените општински инспектори согласно со закон.

XII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 68

Одредбите од членот 3 став (1) алинеите 1 и 2 од овој закон не се однесуваат за наставниците кои се во работен однос на неопределено време во основните и средните училишта на денот на влегувањето во сила на овој закон.

Одредбата од членот 39 став (1) алинеја 1 од овој закон не се однесува за стручните соработници кои се во работен однос на неопределено време во основните и средните училишта на денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 69

(1) До 2022 година работните задачи на наставник-ментор може да ги врши наставник кој има работен стаж од најмалку седум години како наставник.

(2) До 2022 година работните задачи на стручен соработник-ментор може да ги врши стручен соработник кој има работен стаж од најмалку седум години како стручен соработник.

Член 70

Постапките започнати пред денот на влегувањето во сила на овој закон ќе завршат согласно со Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ број 103/2008, 33/10, 116/10, 156/10, 18/11, 51/11, 6/12, 100/12, 24/13, 41/14, 116/14, 135/14, 10/15, 98/15, 145/15, 30/16, 127/16, 67/17 и 64/18), односно Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ број 44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007, 49/2007, 81/2008, 92/2008, 33/10, 116/10, 156/10, 18/11, 51/11, 6/12, 100/12, 24/13, 41/14, 116/14, 135/14, 10/15, 98/15, 145/15, 30/16, 127/16, 67/17 и 64/18).

Член 71

Подзаконските акти предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 72

До донесувањето на подзаконските акти предвидени со овој закон, се применуваат подзаконските акти што биле во примена до денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 73

Со денот на влегувањето во сила на овој закон престануваат да важат Законот за наставници во основните и средните училишта („Службен весник на Република Македонија“ број 10/15, 145/15, 30/16, 127/16, 67/17 и 220/18) и Законот за Академијата за наставници („Службен весник на Република Македонија“ број 10/15, 192/15, 30/16, 127/16 и 220/18).

Член 74

Со денот на влегувањето во сила на овој закон престануваат да важат член 59, член 59-в став (1), став (2) алинеите 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9 и 10, во член 60 одредбите кои се однесуваат на наставниците и стручните соработници, член 61, член 62, член 63, член 65, член 66, член 67, член 68, член 68-а, член 69, член, 69-а, член 70, член 71, член 72 и член 72-а од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ број 44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007, 49/2007, 81/2008, 92/2008, 33/10, 116/10, 156/10, 18/11, 51/11, 6/12, 100/12, 24/13, 41/14, 116/14, 135/14, 10/15, 98/15, 145/15, 30/16 127/16, 67/17 и 64/18).

Член 75

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.