Закон за кривичната постапка

ПРВ ДЕЛ

ОПШТИ ОДРЕДБИ

ОДДЕЛ А. НАЧЕЛА И ЗАКОНСКИ ИЗРАЗИ

Глава I

ОСНОВНИ НАЧЕЛА

Член 1

Цел на Законот

Овој закон ги утврдува правилата со кои се овозможува правично водење на кривичната постапка, така што никој невин да не биде осуден, а на сторителот на кривичното дело да му се изрече кривична санкција под условите предвидени во Кривичниот законик и врз основа на законито спроведена постапка.

Член 2

Пресумпција на невиност

(1) Лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино сѐ додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда.

(2) Државните органи, средствата за јавно информирање и другите субјекти се должни да се придржуваат до правилото од ставот (1) на овој член, а со своите јавни изјави за постапката што е во тек не смеат да ги повредат правата на обвинетиот и оштетениот, како и судската независност и непристрасност.

Член 3

Начело на законитост и пропорционалност

(1) Пред да се донесе правосилна пресуда, слободите и правата на обвинетиот и другите лица пропорционално со тежината на кривичното дело и степенот на сомневање можат да бидат ограничени само во мера која е нужна и под услови што ги предвидуваат Уставот на Република Македонија, меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Македонија и овој закон.

(2) Кривичната санкција на сторителот на кривичното дело може со одлука да му ја изрече само надлежен суд во постапка спроведена според овој закон.

Член 4

Одлучување на начин поповолен за обвинетиот
(In dubio pro reo)

За сомневањето во однос на постоењето или непостоењето на фактите што го чинат обележјето на кривичното дело или од кои зависи примената на некоја одредба од Кривичниот законик, судот ќе одлучи на начин поповолен за обвинетиот.

Член 5

Право на правично судење

Лицето обвинето за кривично дело има право во правично и јавно судење пред независен и непристрасен суд, во контрадикторна постапка да може да ги оспорува обвиненијата против него и да предлага и изведува докази во своја одбрана.

Член 6

Право на судење во разумен рок

(1) Лицето против кое се води постапката има право во разумен рок да биде изведено пред суд и да му биде судено без неоправдано одолжување.

(2) Судот е должен постапката да ја спроведе без одолжување и да ја оневозможи секоја злоупотреба на правата кои им припаѓаат на лицата кои учествуваат во постапката.

(3) Со парична казна од 700 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе се казни физичко лице, а со казна во висина од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе се казни правно лице кое ќе ги злоупотреби правата што му припаѓаат во постапката.

(4) Траењето на притворот и другите ограничувања на личната слобода мора да бидат сведени на најкратко нужно време.

Член 7

Забрана за двојно судење или казнување

Никој не може повторно да биде суден или казнет за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука.

Член 8

Службен јазик и писмо

(1) Во кривичната постапка службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

(2) Друг службен јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо во постапката се користи во согласност со закон.

Член 9

Право на преведувач, односно толкувач

(1) Обвинетиот, оштетениот, приватниот тужител, сведоците и другите учесници во постапката кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот имаат право во постапката да го употребуваат својот јазик и писмо.

(2) Странките, сведоците и учесниците во постапката пред судот имаат право на бесплатна помош на преведувач, односно толкувач, ако не го разбираат или не го зборуваат јазикот на кој се води постапката.

(3) Органот што ја води постапката ќе обезбеди усно преведување на тоа што лицето и другите го изнесуваат, како и на исправите и на другиот пишан доказен материјал. Органот што ја води постапката ќе обезбеди писмено да се преведе пишаниот материјал што е од значење за постапката или за одбраната на обвинетиот.

(4) Лицето ќе се поучи за правото на преведувач, односно толкувач. Во записникот ќе се забележи дека е дадена поука и изјавата на лицето.

(5) Преведувањето го врши судски преведувач, односно толкувач.

Член 10

Поднесување писмена

(1) Тужбите, жалбите и другите поднесоци се поднесуваат на јазикот на кој се води постапката.

(2) Граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот, поднесоците можат да ги поднесуваат на својот јазик и писмо. Ваквите поднесоци се преведуваат и се доставуваат до странките во постапката.

(3) Другите лица кои не го зборуваат или разбираат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, поднесоците можат да ги поднесуваат на својот јазик и писмо. Во тие случаи се постапува како во ставот (2) на овој член.

(4) На обвинетиот кој не го разбира јазикот на кој се води постапката му се доставува превод од обвинението на јазикот со којшто се служел во постапката.

(5) Странски државјанин лишен од слобода или притворен, поднесокот може да го поднесе на својот јазик, а во други случаи под услови на реципроцитет.

Член 11

Достава на писмена

(1) Поканите, одлуките и другите писмена се доставуваат на јазикот на кој се води постапката.

(2) На граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик поканите, одлуките и другите писмена ќе им се достават и на тој јазик.

(3) На обвинетиот кој е во притвор, на издржување казна или на задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа, ќе му се достави превод од поднесоците од ставот (1) на овој член на јазикот со којшто се служел во постапката.

(4) На обвинетиот кој не го разбира јазикот на кој се води постапката, ќе му се достави превод од пресудата на јазикот со кој се служел во постапката.

Член 12

Законитост на доказите

(1) Забрането е да се изнудува од обвинетиот или од друго лице кое учествува во постапката признание или некаква друга изјава.

(2) Доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука.

Член 13

Право на отштета и рехабилитација

Лицето незаконито лишено од слобода, притворено или незаконито осудено, има право на надоместок на штета од буџетските средства, има право да биде рехабилитирано, како и други права утврдени со закон.

Член 14

Поука за правата на неуката странка

Обвинетиот или друго лице кое учествува во постапката кое од незнаење би можело да пропушти некое дејствие во постапката, или поради тоа да не ги користи своите права, органот што ја води постапката ќе го поучи за правата што според овој закон му припаѓаат и за последиците од пропуштањето на дејствието.

Член 15

Начело на објективност

Судот и државните органи се должни со еднакво внимание да ги испитуваат и да ги утврдат како фактите што го товарат обвинетиот, така и оние што му одат во корист.

Член 16

Начело на слободна оцена на доказите

(1) Правото на судот и на државните органи што учествуваат во кривичната постапка да го оценуваат постоењето или непостоењето на фактите не е врзано ниту ограничено со посебни формални доказни правила.

(2) Судот и другите државни органи се должни јасно да ги образложат причините за одлуката која ја донеле.

Член 17

Начело на акузаторност и официјалност

(1) Кривичната постапка се поведува и се води само по барање од овластениот тужител.

(2) За дела за кои се гони по службена должност или по предлог на оштетениот овластен тужител е јавниот обвинител, а за дела за кои се гони по приватна тужба овластен тужител е приватниот тужител.

Член 18

Начело на легалитет на кривичното гонење

Јавниот обвинител е должен да преземе кривично гонење ако постојат докази дека е сторено кривично дело за кое се гони по службена должност, освен ако со овој закон поинаку не е определено.

Член 19
Започнување на кривичната постапка и последиците од започнувањето на постапката

(1) Кривичната постапка започнува со издавање на наредба за спроведување истражна постапка, или со првото преземено истражно дејствие пред да биде издадена наредба за спроведување истражна постапка, со определување на главната расправа по обвинителен предлог или приватна тужба, со предлог за издавање казнен налог или со предлог за определување мерка на безбедност.

(2) Кога е пропишано дека започнувањето на кривична постапка има за последици ограничување на определени права, тие настапуваат со одобрување на обвинителниот акт.

Член 20

Претходни прашања

(1) Ако примената на одредбите на Кривичниот законик зависи од претходното решение на некакво правно прашање за чие решение е надлежен судот во некоја друга постапка или некој друг државен орган, тоа прашање ќе се реши според одредбите што важат за докажување во кривичната постапка. Решението на ова правно прашање од страна на кривичниот суд има дејство само за кривичниот предмет што го расправа овој суд.

(2) Ако за таквото претходно прашање судот во некоја друга постапка или друг државен орган веќе донел одлука, таквата одлука не го врзува кривичниот суд во однос на оцената дали е сторено определено кривично дело.

Глава II

ЗНАЧЕЊЕ НА ЗАКОНСКИТЕ ИЗРАЗИ И ДРУГИ ОДРЕДБИ

Член 21

Значење на изразите

Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:

1.  Осомничен е лице против кое се води претходна постапка;

2.  Обвинет е лице против кое е потврден обвинителен акт, поднесен обвинителен предлог, поднесен предлог за примена на мерка за безбедност, поднесена приватна тужба или поднесен предлог за издавање на казнен налог.
Изразот обвинет во овој закон се употребува и како општ назив за осомничен, обвинет и осуден;

3.  Осуден е лице за кое со правосилна пресуда е утврдено дека е кривично одговорно за определено кривично дело;

4.  Жртва на кривично дело е секое лице кое претрпело штета, вклучувајќи физичка или ментална повреда, емотивно страдање, материјална загуба или друга повреда или загрозување на неговите права и интереси како последица на сторено кривично дело;

5.  Оштетен, покрај жртвата, е и друго лице чие лично или имотно право е повредено или загрозено со кривично дело и кое учествува во кривичната постапка со приклучување кон кривичното гонење или заради остварување на имотноправно барање;

6.  Приватен тужител е лице кое поднело приватна тужба заради гонење на кривични дела кои се гонат по приватна тужба;

7.  Тужител е јавниот обвинител и приватниот тужител;

8.  Странки се тужителот и обвинетиот;

9. Правосудна полиција се полициските службеници од Министерството за внатрешни работи и припадниците на Финансиската полиција, со закон овластени лица на Царинската управа кои работат на откривањето на кривичните дела и овластени службени лица на Министерството за одбрана кои работат на откривање и пријавување на кривични дела;

10.  Изразот полиција во овој закон се употребува како општ назив за правосудната полиција, во смисла на овој закон, и за припадниците на полицијата во смисла на Законот за полицијата, како и припадниците на Воената полиција;

11.  Судија на претходната постапка е судија кој во текот на претходната постапка одлучува за слободите и правата на обвинетиот во случај пропишан со Уставот на Република Македонија, со закон и меѓународен договор ратификуван во согласност со Уставот на Република Македонија и за други работи определени со овој закон;

12.  Директно испитување е испитување на сведок и вештак од странката, односно бранителот кој го предложил сведокот, односно вештакот што претставува начин на изведување на овие докази во текот на главната расправа;

13.  Вкрстено испитување е испитување на сведок и вештак од спротивната страна што претставува начин на изведување на овие докази во текот на главната расправа;

14.  Основи на сомневање се сознанија кои врз основа на криминалистичкото знаење и искуство може да се оценат како доказ за сторено кривично дело;

15.  Основано сомневање е повисок степен на сомневање заснован врз прибавените докази кои упатуваат на заклучок дека определено лице сторило кривично дело;

16.  Преглед на лица, возила, багаж и простории, претставува овластување врз основа на овој и друг закон, ограничено на надворешни проверки на облеката и други предмети и багаж со помош на сетилата за вид, слух и мирис, но не и на дејствија со кои нешто што не е видливо се прави видливо со отворање, отпакување и слично;

17.  Претрес е детално истражување на лице, средство за превоз, дом под услови определени со закон;

18.  Под снимање се подразбира визуелно-тонско или визуелно или тонско снимање и

19.  Технички советници се стручни лица од регистарот на вештаци кои странките ги ангажираат тогаш кога во текот на постапката им е потребна експертска помош од определена област.

Член 22

Гонење по предлог и по претходно одобрение

(1) Кога гонењето за кривично дело зависи од предлогот на оштетениот, јавниот обвинител не може да поведе истражна постапка ниту да поднесе обвинителен предлог или предлог за издавање на казнен налог додека оштетениот не поднесе предлог.

(2) Кога со закон е определено дека за гонење на одделни кривични дела е потребно претходно одобрение од надлежниот државен орган, јавниот обвинител не може да поведе истражна постапка, ниту да поднесе обвинителен предлог или предлог за издавање на казнен налог ако не поднесе доказ дека е дадено одобрение.

Член 23

Запирање на кривичната постапка во случај на смрт

Кога во текот на кривичната постапка ќе се утврди дека обвинетиот умрел, кривичната постапка ќе се запре со решение.

ОДДЕЛ Б. СУБЈЕКТИ

Глава III

НАДЛЕЖНОСТ НА СУДОВИТЕ И ИЗЗЕМАЊЕ

1. Стварна надлежност и состав на судот

Член 24

Стварна надлежност

Судовите во кривичните предмети судат во границите на својата стварна надлежност определена со закон.

Член 25

Состав на судот

(1) Во прв степен судовите судат во совети составени од двајца судии и тројца судии – поротници за кривични дела за кои со закон е пропишана казна затвор во траење од 15 години или казна доживотен затвор, а во совети составени од еден судија и двајца судии – поротници за кривични дела за кои со закон е пропишана поблага казна. За кривични дела за кои како главна казна е пропишана парична казна или казна затвор до пет години, во прв степен суди судија поединец.

(2) Во втор степен судовите судат во совети составени од петмина судии за кривични дела за кои со закон е пропишана казна затвор во траење од 15 години или казна доживотен затвор, а во совети составени од тројца судии за кривични дела за кои е пропишана поблага казна. Кога суди во втор степен на расправа, советот е составен од двајца судии и тројца судии поротници.

(3) Во трет степен судовите судат во совети составени од петмина судии.

(4) Судијата на претходната постапка, судијата, односно советот за оцена на обвинителниот акт, претседателот на судот и претседателот на советот одлучуваат во случаите предвидени во овој закон.

(5) Првостепените судови, во совет составен од тројца судии, одлучуваат за жалби против одлуките на судијата на претходна постапка и против други решенија кога тоа е определено со овој закон, донесуваат одлуки во прв степен надвор од главната расправа, донесуваат пресуда според одредбите за извршување на странска кривична пресуда утврдени со посебен закон и ставаат предлози во случаите предвидени во овој или во друг закон.

(6) По барање за заштита на законитоста судот одлучува во совет составен од петмина судии, а доколку барањето е поднесено против одлука на Врховниот суд на Република Македонија, за барањето Врховниот суд на Република Македонија одлучува на општа седница.

(7) Ако со овој закон поинаку не е определено, судовите од повисок степен одлучуваат во совет составен од тројца судии во случаите што не се предвидени во ставовите од (1) до (6) на овој член.

(8) Ако во првостепениот суд поради недоволен број судии не може да се оформи совет, предвиден во ставот (5) на овој член, по барање од претседателот на тој суд, претседателот на непосредно повисокиот суд ќе делегира судија од друг суд од своето подрачје.

2. Месна надлежност и пренесување на месната надлежност

Член 26

Месна надлежност

(1) Месно надлежен, по правило, е судот на чие подрачје е извршено или обидено кривичното дело.

(2) Приватна тужба може да се поднесе и до судот на чие подрачје обвинетиот има живеалиште или престојувалиште.

(3) Ако кривичното дело е извршено или обидено на подрачја на различни судови или на границата на тие подрачја или е неизвесно на кое подрачје е извршено или обидено, надлежен е оној од тие судови што по барање од овластениот тужител прв ја започнал постапката, а ако постапката сé уште не е започната, судот до кој прво е поднесено барањето за поведување на постапката.

(4) Ако кривичното дело е сторено на домашен брод или на домашен воздухоплов додека се наоѓа во домашно пристаниште, надлежен е судот на чие подрачје се наоѓа тоа пристаниште. Во други случаи кога кривичното дело е сторено на домашен брод или на домашен воздухоплов, надлежен е судот на чие подрачје се наоѓа матичното пристаниште на бродот, односно на воздухопловот или домашното пристаниште во кое бродот, односно воздухопловот прв пат ќе се запре.

(5) Ако кривичното дело е сторено преку печат, надлежен е судот на чие подрачје списот е печатен. Ако тоа место не е познато или списот е печатен во странство, надлежен е судот на чие подрачје се растура печатениот спис. Ако според Законот е одговорен составувачот на списот, надлежен е и судот на местото во кое составувачот има живеалиште или судот на местото каде што се случил настанот на кој се однесува списот.

(6) Одредбите од ставот (5) на овој член согласно ќе се применат и во случај ако списот или изјавата е објавена преку радио, телевизија или интернет.

(7) Ако не е познато местото на извршување на кривичното дело или ако тоа место е надвор од територијата на Република Македонија, надлежен е судот на чие подрачје обвинетиот има живеалиште или престојувалиште.

(8) Ако судот на чие подрачје обвинетиот има живеалиште или престојувалиште веќе ја започнал постапката, останува надлежен иако се дознало за местото на извршувањето на кривичното дело.

(9) Ако не е познато местото на извршување на кривичното дело, ниту живеалиштето или престојувалиштето на обвинетиот или обете се надвор од територијата на Република Македонија, надлежен е судот на чие подрачје обвинетиот ќе биде фатен или самиот ќе се пријави.

(10) Ако некое лице сторило кривични дела во Република Македонија и во странство, надлежен е судот што е надлежен за кривичното дело сторено во Република Македонија.

(11) Ако според одредбите на овој закон не може да се установи кој суд е месно надлежен, Врховниот суд на Република Македонија ќе определи еден од стварно надлежните судови пред кој ќе се спроведе постапката.

Член 27

Пренесување на месната надлежност

(1) Ако надлежниот суд од правни или стварни причини е спречен да постапува, е должен да го извести за тоа непосредно повисокиот суд кој по испитувањето на јавниот обвинител, кога постапката се води по барање од јавниот обвинител, ќе определи друг стварно надлежен суд на своето подрачје.

(2) Против ова решение не е дозволена посебна жалба.

(3) Заеднички непосредно повисокиот суд може за водење на постапката да определи друг стварно надлежен суд на своето подрачје ако е очигледно дека така полесно ќе се спроведе постапката или ако постојат други правни или стварни причини.

(4) Решението во смисла на ставот (3) од овој член судот може да го донесе по предлог од судијата на претходната постапка, судијата поединец или од претседателот на советот или по предлог од јавниот обвинител кој постапува пред судот што одлучува за пренесување на месната надлежност кога кривичната постапка се води по барање од јавниот обвинител.

3. Спојување и раздвојување на постапката

Член 28
Спојување на постапката

(1) Ако исто лице е обвинето за повеќе кривични дела, надлежен е оној суд кој по барање од овластениот тужител прв ја започнал постапката, а ако постапката уште не е започната, судот до кој прво е поднесено барањето за поведување на постапката.

(2) Според ставот (1) на овој член се определува надлежноста и во случај ако оштетениот истовремено сторил кривично дело спрема обвинетиот.

(3) За соизвршителите, по правило, е надлежен судот кој како надлежен за еден од нив прв ја започнал постапката.

(4) Судот што е надлежен за извршителот на кривичното дело, по правило, е надлежен и за соучесниците, прикривачите, лицата што му помогнале на сторителот по извршувањето на кривичното дело, како и за лицата кои не го пријавиле подготвувањето на кривичното дело и извршувањето на кривичното дело или сторителот.

(5) Во сите случаи од ставовите (1), (2), (3) и (4) на овој член, по правило, ќе се спроведе единствена постапка и ќе се донесе една пресуда.

(6) Судот може по предлог од јавниот обвинител да одлучи да се спроведе единствена постапка и да се донесе една пресуда и во случај кога се обвинети повеќе лица за повеќе кривични дела, но само ако меѓу извршените кривични дела постои меѓусебна врска и ако постојат исти докази.

(7) Судот може да одлучи да се спроведе единствена постапка и да се донесе една пресуда ако пред ист суд се водат одвоени постапки против исто лице за повеќе кривични дела и против повеќе лица за исто кривично дело.

(8) За спојување на постапката одлучува судот што е надлежен за спроведување на единствена постапка. Против решението со кое е определено спојување на постапката или со кое е одбиен предлогот за спојување не е дозволена посебна жалба.

Член 29

Раздвојување на постапката

(1) Судот што е надлежен според членот 28 од овој закон може од важни причини или од причини на целесообразност или во случај на признавање вина во однос на дел од кривичните дела содржани во обвинението, односно признавање вина од некои од сообвинетите, до завршувањето на главната расправа да одлучи постапката за одделни кривични дела или против одделни обвинети да се раздвои и посебно да се доврши или да му се предаде на друг надлежен суд.

(2) Решението за раздвојување на постапката го донесува надлежниот суд по испитувањето на јавниот обвинител кога кривичната постапка се води по негово барање.

(3) Против решението со кое е определено раздвојување на постапката или со кое е одбиен предлогот за раздвојување на постапката не е дозволена посебна жалба.

4. Последици од ненадлежност и судир на надлежноста

Член 30

Ненадлежност на судот

(1) Судот е должен да внимава на својата надлежност и веднаш штом ќе утврди дека не е надлежен ќе се огласи за ненадлежен и по правосилноста на решението ќе го упати предметот до надлежниот суд.

(2) Откако обвинителниот акт ќе влезе во правна сила, судот не може да се огласи за месно ненадлежен ниту странките можат да истакнуваат приговор за месната ненадлежност.

(3) Ненадлежниот суд е должен да ги преземе оние дејствија во постапката за кои постои опасност од одлагање.

Член 31

Судир на надлежност

(1) Ако судот на кој му е отстапен предметот како на надлежен смета дека е надлежен судот што му го отстапил предметот, или некој друг суд, ќе поведе постапка за решавање на судирот на надлежноста.

(2) Кога по повод жалбата против одлуката на првостепениот суд со кој тој се огласил за ненадлежен донел одлука второстепениот суд за таа одлука е врзан по прашањето на надлежноста и судот на кој му е отстапен предметот ако второстепениот суд е надлежен за решавање на судирот на надлежноста меѓу тие судови.

Член 32

Постапка за решавање на судир на надлежност

(1) Судирот на надлежноста меѓу судовите го решава заеднички непосредно повисокиот суд.

(2) Пред да донесе решение по повод судирот на надлежноста, судот ќе побара мислење од јавниот обвинител кој е надлежен да постапува пред тој суд, кога кривичната постапка се води по барање од јавниот обвинител. Против ова решение не е дозволена посебна жалба.

(3) При одлучувањето за судирот на надлежноста, судот може истовремено по службена должност да донесе одлука за пренесување на месната надлежност, ако се исполнети условите од членот 27 на овој закон.

(4) Додека не се реши судирот на надлежноста меѓу судовите, секој од нив е должен да ги преземе оние дејствија во постапката за кои постои опасност од одлагање.

5. Изземање

Член 33

Причини за изземање

(1) Судија или судија – поротник не смее да врши судиска должност, ако:
1) е оштетен со кривичното дело;
2) обвинетиот, неговиот бранител, тужителот, оштетениот, неговиот законски застапник или полномошник, му е брачен, односно вонбрачен другар или роднина по крв во права линија до кој и да е степен, во странична линија до четврти степен, а по сватовство до втор степен;
3) со обвинетиот, неговиот бранител, тужителот или со оштетениот е во однос на старател, лице под старателство, посвоител, посвоеник, хранител или храненик;
4) во истиот кривичен предмет учествувал како судија на претходна постапка, учествувал во испитувањето на обвинението пред главната расправа, или учествувал во постапката како тужител, бранител, законски застапник или полномошник на оштетениот, односно на тужителот, или е испитан како сведок или како вештак и
5) во истиот предмет учествувал во донесувањето на одлуката на понискиот суд или ако во истиот суд учествувал во донесувањето на одлуката која се побива со жалбата.

(2) Судија или судија – поротник може да биде изземен од вршење на судска должност покрај случаите наведени во ставот (1) на овој член, ако постојат околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност.

Член 34

Постапка за изземање

Судијата или судија – поротник веднаш штом ќе дознае дека постои некоја од причините за изземање од членот 33 став (1) на овој закон, е должен да ја прекине секоја работа врз тој предмет и за тоа да го извести претседателот на судот, кој ќе му определи замена. Ако станува збор за изземање на претседателот на судот, тој самиот ќе си определи заменик од редот на судиите на тој суд, а ако тоа не е можно ќе побара од претседателот на непосредно повисокиот суд да определи замена.

Член 35

Изземање по барање на странките

(1) Изземање можат да бараат и странките.

(2) Странките можат да поднесат барање за изземање до почетокот на главната расправа, а ако за причината за изземањето од членот 33 став (1) на овој закон дознале подоцна, барањето го поднесуваат веднаш по дознавањето.

(3) Барањето за изземање на судија на повисокиот суд, странката може да го стави во жалбата или во одговорот на жалбата.

(4) Странката може да бара изземање на судија само поименично определен или на судија – поротник кој постапува во предметот, односно на судија на повисокиот суд.

(5) За претседателот на судот не може да се поднесе барање за изземање, освен кога тој постапува како судија, а за неговото изземање одлучува претседателот на непосредно повисокиот суд.

(6) Странката е должна во барањето да ги наведе околностите поради кои смета дека постои некој од законските основи за изземање.

(7) Не е дозволено барање за изземање ако е засновано врз исти причини, односно околности за кои веќе е одлучено. Против решението со кое барањето за изземање е отфрлено не е дозволена посебна жалба.

Член 36

Одлучување по барањето за изземање

(1) За барањето за изземање од членот 35 на овој закон одлучува претседателот на судот.

(2) Ако се бара изземање само на претседателот на судот, или на претседателот на судот и на судија или на судија – поротник, одлуката за изземање ја донесува претседателот на непосредно повисокиот суд, а ако се бара изземање на претседателот на Врховниот суд на Република Македонија одлуката за изземање ја донесува општата седница на тој суд.

(3) Ако е поднесено барање за изземање според членот 33 став (1) од овој закон, постапката се прекинува, а по барањето за изземање донесува решение претседателот на судот веднаш, а најдоцна во рок од три дена од денот на поднесувањето на барањето.

(4) Ако е поднесено барање за изземање според членот 33 став (2) од овој закон, постапката не се прекинува, а решение по барањето за изземање донесува претседателот на судот веднаш, а најдоцна во рок од три дена од денот на поднесувањето на барањето.

(5) Пред да се донесе решение за изземање ќе се прибави изјава од судијата, од судијата – поротник, односно од претседателот на судот, а по потреба ќе се спроведат и други дејствија.

(6) Ако претседателот на судот изземе судија ќе определи по предметот да постапува следниот судија според внатрешниот распоред за работа.

(7) Против решението со кое се усвојува барањето за изземање не е дозволена посебна жалба. Решението со кое се одбива барањето за изземање може да се побива со посебна жалба во рок од три дена од денот на донесувањето на решението, а ако такво решение е донесено по потврдено обвинение, тогаш само со жалба на пресудата.

(8) Ако барањето за изземање според членот 33 став (2) од овој закон е поднесено по почетокот на главната расправа, главната расправа нема да се прекине. Претседателот на судот по барањето ќе одлучи веднаш, а најдоцна во рок од три дена од денот на поднесувањето на барањето за изземање. Ако се донесе одлука по предметот пред претседателот да одлучи по барањето за изземање, странката може причините и доказите за изземањето да ги изнесува во жалба на одлуката.

(9) Против решението од ставот (8) на овој член не е дозволена посебна жалба.

Член 37

Валидност на дејствијата преземени по поднесено барање за изземање

Кога судијата или судијата – поротник дознае дека е ставено барање за негово изземање е должен веднаш да ја запре својата работа врз предметот, а ако станува збор за изземање од членот 33 став (2) на овој закон до донесувањето на решението за барање може да ги презема само оние дејствија за кои постои опасност од одлагање.

Член 38

Изземање на јавните обвинители и другите учесници во постапката

(1) Одредбите за изземање на судии и судии – поротници согласно ќе се применуваат и врз јавните обвинители, освен во случаите кога постои основот од членот 33 став (1) точки 4 и 5 на овој закон.

(2) Одредбите за изземање на судии и судии – поротници согласно ќе се применуваат и врз записничарите, преведувачите, односно толкувачите и стручните лица, како и врз вештаците, ако за нив не е определено нешто друго (член 238).

(3) Јавниот обвинител на јавното обвинителство одлучува за изземањето на јавните обвинители во јавното обвинителство. За изземањето на јавниот обвинител на јавното обвинителство одлучува јавниот обвинител на непосредно повисокото јавно обвинителство.

(4) За изземање на записничари, преведувачи, односно толкувачи и на вештаци одлучува органот што ја води постапката.

Глава IV

ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ И ПРАВОСУДНА ПОЛИЦИЈА

1. Јавен обвинител

Член 39

Права и обврски на јавниот обвинител

(1) Основно право и должност на јавниот обвинител е да ги гони сторителите на кривични дела за кои гонењето се презема по службена должност.

(2) Во предметите за кривични дела за кои гонењето се презема по службена должност, јавниот обвинител има право и должност да:
– ги насочува дејствијата на органите надлежни за откривање и пријавување на кривичните дела и на нивните сторители,
– предлага или да издава наредба за преземање на посебни истражни мерки, под услови и на начин определени со овој закон,
– донесува наредба и да спроведува истражна постапка,
– пронаоѓа, предлага и да обезбедува докази, под услови и на начин определени со овој закон,
– предлага привремени мерки заради обезбедување на имот или предмети прибавени со кривично дело или заради извршување на мерката конфискација,
– одлучува за одлагање на кривичното гонење под услови и на начин определени со овој закон,
– предлага издавање на казнен налог под услови определени со овој закон,
– преговара и да се спогодува со обвинетиот за признавање на вина, на начин и под услови определени со овој закон,
– поднесува и застапува обвиненија пред надлежниот суд,
– поднесува жалби против неправосилни судски одлуки и вонредни правни лекови против правосилни судски одлуки,
– одлучува по жалба на оштетениот во случаи утврдени со овој закон и
– презема и други дејствија утврдени со закон.

(3) Јавниот обвинител поведува посебни постапки и учествува во нив кога тоа е пропишано со посебен закон.

Член 40

Надлежност на јавниот обвинител

(1) Стварната надлежност на јавниот обвинител е определена според одредбите што важат за надлежноста на судот за подрачјето за кое е избран јавниот обвинител и со Законот за Јавното обвинителство.

(2) Месната надлежност на јавниот обвинител се определува според одредбите што важат за надлежноста на судот за подрачјето за кое е избран јавниот обвинител.

(3) Судирот на надлежност меѓу јавните обвинители го решава непосредно повисокиот јавен обвинител.

(4) Кога постои опасност од одлагање, дејствијата во постапката ќе ги преземе и ненадлежен јавен обвинител, но за тоа мора веднаш да го извести надлежниот јавен обвинител.

Член 41

Раководна улога на јавниот обвинител во предистражната постапка

(1) Заради остварување на функцијата на кривично гонење, јавниот обвинител раководи со предистражната постапка и ја има на располагање правосудната полиција.

(2) Јавниот обвинител може сам да го преземе секое дејствие потребно за откривање на кривичното дело и откривање и гонење на неговиот сторител за кое со закон е овластено Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и Царинската управа.

Член 42

Откажување на јавниот обвинител од кривично гонење

Јавниот обвинител во случаи определени со закон може да се откаже од кривичното гонење до завршување на кривичната постапка.

Член 43

Условно одлагање на кривичното гонење

(1) Јавниот обвинител со согласност на оштетениот може со решение да го одложи кривичното гонење за кривично дело за кое е пропишана казна затвор до три години ако осомничениот е подготвен да се однесува според упатствата на јавниот обвинител и да ги исполни определените обврски со кои се намалуваат или отстрануваат штетните последици на кривичното дело, се става крај на вознемирувањето што е резултат на кривичното дело, односно се влијае со цел да се реинтегрира осомничениот. Такви обврски можат да бидат:
1) отстранување или надоместување на штетата;
2) враќање на одземените предмети;
3) плаќање на паричен придонес во полза на Буџетот на Република Македонија или институција што врши јавни овластувања или во хуманитарни цели;
4) исполнување на обврските во однос на издржувањето;
5) подложување под третман за одвикнување од зависности;
6) подложување на психосоцијална терапија заради отстранување на насилничко однесување;
7) забрана за посетување или контактирање со жртвите на казненото дело, како и со трети лица определени од страна на јавниот обвинител во период не подолг од шест месеци;
8) определување општокорисна работа во траење од 40 до 120 часа или
9) кога се исполнети условите за ослободување поради компензација на штетата определени со Кривичниот законик.

(2) Во однос на обврските од ставот (1) точките 1, 2, 3, 4, 7, 8 и 9 на овој член, ако осомничениот во рок кој не може да е подолг од шест месеци ја исполнил обврската, односно се придржувал кон забраната, јавниот обвинител ќе донесе решение со кое не се презема кривично гонење против осомничениот за кривичното дело од ставот (1) на овој член.

(3) Во однос на обврските од ставот (1) точки 5 и 6 на овој член, времетраењето на условното одлагање јавниот обвинител го определува во консултација со специјализирана установа за лекување зависности, односно со надлежниот центар за социјални работи. Времетраењето на условното одлагање не може да биде подолго од една година.

(4) Ако сторителот ги започнал, но не ги довршил наметнатите обврски во определениот рок, јавниот обвинител поднесува предлог за поведување скратена постапка, при што се зема предвид делот од извршените обврски.

Член 44

Непреземање на кривично гонење

Јавниот обвинител не е должен да преземе кривично гонење, односно може да се откаже од гонењето, ако:
1) во Кривичниот законик е утврдено дека судот може сторителот на кривично дело да го ослободи од казна и ако јавниот обвинител со оглед на конкретните околности на случајот ќе оцени дека самата пресуда без кривична санкција не е потребна;
2) во Кривичниот законик за кривичното дело е пропишана парична казна или казна затвор до три години, а осомничениот поради вистинско каење го спречил настанувањето на штетните последици или ја надоместил сета штета и ако јавниот обвинител со оглед на конкретните околности на случајот ќе оцени дека кривичната санкција не е основана или
3) осомничениот како член на организирана група, банда или друго злосторничко здружение доброволно соработува пред или по откривањето или во текот на кривичната постапка и ако таквата соработка и изјава на тоа лице е од суштествено значење за кривичната постапка.

Член 45

Истражни центри на јавното обвинителство

(1) За потребите на кривичната постапка, за подрачјето на едно или повеќе јавни обвинителства се формираат истражни центри на јавното обвинителство.

(2) Истражните центри од ставот (1) на овој член се формираат со одлука на јавниот обвинител на Република Македонија.

(3) Вкупниот број на припадници на правосудната полиција во истражните центри на Јавното обвинителство се определува со одлука на јавниот обвинител на Република Македонија, по претходно мислење на министерот за внатрешни работи, министерот за правда и министерот за финансии.

(4) Работите во истражниот центар ги вршат вработените од организационите единици од членот 48 став (1) точка 2 на овој закон, кои се избираат за вршење работи на определено време, по пат на објавен внатрешен оглас, како и лица вработени во јавното обвинителство согласно со Законот за Јавното обвинителство.

(5) Лицата од ставот (4) на овој член можат да учествуваат во преземањето на истражните дејствија на начин што го подготвуваат нивното спроведување, примаат изјави и предлози, како и самостојно преземаат определени истражни дејствија доверени од страна на јавниот обвинител. Записникот за ваквото дејствие го одобрува јавниот обвинител во рок од 48 часа од преземеното дејствие.

(6) Работниците кои се избрани да работат во истражниот центар му се на располагање на јавниот обвинител, работат под негова контрола и надзор, ги почитуваат и извршуваат неговите наредби, работат согласно со неговите насоки и упатства и за својата работа му одговараат на јавниот обвинител.

(7) За времето додека работниците се избрани да работат во истражниот центар не може да бидат распоредени на друго работно место во државните органи од каде што доаѓаат или да бидат отстранети да работат од предметниот случај без изрично одобрение на јавниот обвинител.

2. Правосудна полиција

Член 46

Должности на правосудната полиција

(1) Правосудната полиција по службена должност или по наредба на јавниот обвинител презема мерки и активности со цел за откривање и криминалистичко истражување на кривични дела, спречување на натамошни последици на кривични дела, фаќање и пријавување на нивните сторители, обезбедување на докази и други мерки и активности што можат да користат за непречено водење на кривичната постапка.

(2) Правосудната полиција спроведува истражување и дејствија наложени или доверени од судот и јавното обвинителство.

(3) Должностите од ставовите (1) и (2) на овој член ги вршат старешините и службениците на правосудната полиција.

Член 47

Овластувања на Управата за финансиска полиција, Царинската управа и овластените службени лица на Министерството за одбрана кои работат на откривање и пријавување на кривични дела

(1) Овластувањата што со овој закон и се дадени на правосудната полиција, Управата за финансиска полиција ги има во случаите кога се работи за откривање и истражување за кривичните дела: перење пари и други приноси од казниво дело од членот 273, недозволена трговија од членот 277, криумчарење од членот 278 и даночно затајување од членот 279, сите од Кривичниот законик, како и други кривични дела со противправна имотна корист од значителна вредност.

(2) Овластувањата што со овој закон и се дадени на правосудната полиција, Царинската управа ги има во случаите кога се работи за откривање и истражување за кривичните дела: производство и пуштање во промет на штетни средства за лекување од членот 212, производство и пуштање во промет штетни прехранбени и други производи од членот 213, неовластено производство и пуштање во промет наркотички дроги,  психотропни супстанции и прекурсори од членот 215, неовластено прибавување и  располагање со нуклеарни материи од членот 231, внесување опасни материи во земјата од членот 232, изнесување, односно извезување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природна реткост од членот 266, перење пари и други приноси од казниво дело од членот 273, криумчарење од членот 278, царинска измама од членот 278-а, прикривање на стоки предмет на криумчарење и царинска измама од членот 278-б, даночно затајување од членот 279, недозволено држење оружје и распрскувачки материи од членот 396 и трговија со луѓе од членот 481-а, сите од Кривичниот законик, кривични дела од Законот за акцизи и други кривични дела поврзани со увоз, извоз и транзит на стоки преку граничната линија.

(3) Овластувањата што со овој закон и се дадени на правосудната полиција, овластените службени лица на Министерството за одбрана кои работат на откривање и пријавување на кривични дела, ги има во случаите кога се работи за кривичните дела сторени во воените единици и установи, на простори на кои логоруваат воени единици или се изведуваат вежбовни активности на АРМ, како и во објекти и зони што ќе ги определи Владата на Република Македонија.

Член 48

Состав на правосудната полиција

Должностите на правосудната полиција, во смисла на овој закон, ги вршат:
1) полициските службеници во организационите единици во Министерството за внатрешни работи, овластените службени лица на Министерството за одбрана кои работат на откривање и пријавување на кривични дела, Управата за финансиска полиција и Царинската управа кои согласно со законски утврдениот делокруг на работа преземаат мерки и активности за откривање на кривични дела, фаќање и пријавување на сторителите на кривични дела, обезбедување на докази на кривичните дела и други мерки со кои се овозможува непречено водење на кривичната постапка;
2) припадниците на правосудната полиција во истражните центри на јавното обвинителство и
3) службениците доделени на јавниот обвинител согласно со членот 50 на овој закон.

Член 49

Старешини и службеници на правосудната полиција

(1) Старешини на правосудната полиција се раководителите на организационите единици од членот 48 став (1) точка 1 на овој закон кои се во непосредна врска со јавниот обвинител.

(2) Службеници на правосудната полиција се полициските службеници во Министерството за внатрешни работи, припадниците на Управата за финансиска полиција и со закон овластени лица на Царинската управа од организационите единици наведени во членот 48 точки 1 и 3 од овој закон, овластените службени лица на Министерството за одбрана кои работат на откривање и пријавување на кривични дела од членот 48 точка 1, како и припадниците на правосудната полиција во истражните центри на јавното обвинителство од членот 48 точка 2 на овој закон.

Член 50

Службеници доделени на јавниот обвинител по потреба

(1) По потреба, заради ефикасно спроведување на кривичната постапка, на јавниот обвинител по негова наредба ќе му бидат доделени на работа службеници од членот 48 точка 1 на овој закон.

(2) Службениците доделени на јавниот обвинител исклучиво му се на располагање на јавниот обвинител, работат под негова контрола и надзор, ги почитуваат и извршуваат неговите наредби, работат согласно со неговите насоки и упатства и за својата работа му одговараат на јавниот обвинител.

(3) За времето додека службениците се доделени да работат кај јавниот обвинител не можат да бидат распоредени на друго работно место во државните органи од каде што доаѓаат или да бидат отстранети да работа од предметниот случај, без изречно одобрение на јавниот обвинител.

(4) Вон сила 

Член 51

Функционално располагање со правосудната полиција

(1) Правосудната полиција работи по налог на надлежните јавни обвинители.

(2) За своето постапување согласно со одредбите од овој закон припадниците на правосудната полиција се одговорни пред надлежниот јавен обвинител.

(3) Старешините и службениците на правосудната полиција се должни да ги вршат задачите што им се доделени. Припадниците на правосудната полиција не може да бидат оддалечени од задачата што им е доверена во рамките на истрагата за кривично дело, освен со одлука на надлежниот јавен обвинител.

Член 52

Дисциплинска одговорност на правосудната полиција

(1) За дисциплинска одговорност на припадниците на правосудната полиција во врска со вршењето на функциите согласно со овој закон, надлежниот јавен обвинител може да поднесе иницијатива за поведување дисциплинска постапка до надлежниот орган каде што се вработени припадниците на правосудната полиција, согласно со закон.

(2) За резултатите од поднесената иницијатива во смисла на ставот (1) од овој член, органот е должен без одлагање да го извести подносителот на предлогот.

(3) Доколку во соодветниот орган не е поведена дисциплинска постапка или ако јавниот обвинител не е задоволен со резултатот од дисциплинската постапка или со начинот на кој е спроведена, јавниот обвинител на Република Македонија ќе ја извести Владата на Република Македонија.

Глава V

ЖРТВА, ОШТЕТЕН И ПРИВАТЕН ТУЖИТЕЛ

1. Жртва

Член 53

Права на жртвата

(1) Жртвата на кривично дело ги има следниве права:
1) да учествува во кривичната постапка како оштетен со приклучување кон кривичниот прогон или за остварување на имотноправното барање за штета;
2) на посебна грижа и внимание од страна на органите и субјектите кои учествуваат во кривичната постапка и
3) на делотворна психолошка и друга стручна помош и поддршка од страна на органи, установи и организации за помош на жртви за кривични дела.

(2) Полицијата, јавниот обвинител и судот постапуваат со посебна грижа спрема жртвите на кривични дела, давајќи им поуки од ставот (1) на овој член и членовите 54 и 55 од овој закон и се грижат за нивните интереси при донесувањето на одлуки за кривично гонење против обвинетиот, односно при преземањето на дејствија во кривичната постапка во која жртвата мора лично да присуствува, за што се составува службена белешка или записник.

(3) Во согласност со посебните прописи, жртвата на кривично дело за кое е пропишана казна затвор од најмалку четири години има право на:
1) советник на товар на буџетските средства пред давањето на исказ, односно изјава или поднесување на имотноправно барање, ако има тешки психофизички оштетувања или потешки последици од кривичното дело и
2) надоместок на материјална и нематеријална штета од државен фонд под услови и на начин пропишан со посебен закон, доколку надоместокот на штета не може да се обезбеди од осудениот.

Член 54

Посебни права на ранливи категории жртви

(1) Жртвите имаат право на посебни мерки на процесна заштита при давањето исказ и испитувањето во сите фази на постапката, ако:
1) во времето на давањето на исказот се на возраст под 18 години;
2) со давањето исказ или одговор на определено прашање би се изложиле себе си или блиско лице на сериозна опасност по животот, здравјето или физичкиот интегритет (загрозени жртви) и
3) заради возраста, природата и последиците на кривичното дело, физичкиот или психичкиот инвалидитет или друга од значење здравствена состојба, општественото и културното минато, семејните околности, религиозните уверувања и етничката припадност на жртвата, однесувањето на обвинетиот, членовите на семејството или пријателите на обвинетиот кон жртвата би имало штетни последици по нивното психичко или физичко здравје или негативно ќе влијае врз квалитетот на дадениот исказ (посебно чувствителни жртви).

(2) Посебните мерки на процесна заштита ги определува судот по предлог на јавниот обвинител или на жртвата или по сопствена оцена кога е потребно да се заштитат загрозените и посебно чувствителните жртви.

(3) При одлучувањето за определување на посебните мерки за процесна заштита од ставот (2) на овој член судот мора да ја земе предвид волјата на жртвата.

(4) Судот мора да определи посебна мерка на процесна заштита во случаите од ставот (1) точка 1 на овој член, и тоа:
1) кога детето жртва има потреба од посебна грижа и заштита или
2) кога детето е жртва на трговија со луѓе, насилство или сексуална злоупотреба.

(5) Во случаите од ставот (4) на овој член судот мора да определи поединечно или заедно со друга посебна мерка на заштита, видео и тонски запис на исказот и испитувањето на детето за да се користи како доказ во постапката. Во исклучителни случаи, заради нови околности на случајот, судот може да нареди повторно испитување на детето жртва најмногу уште еднаш преку користење на технички средства за комуникација.

(6) Спроведувањето на посебните мерки на процесната заштита на децата жртви е уредено со посебен закон.

Член 55

Посебни права на жртвите на кривични дела против половата слобода и половиот морал, човечноста и меѓународното право

(1) Жртвата на кривични дела против половата слобода и половиот морал, човечноста и меѓународното право, покрај правата од членот 53 на овој закон ги има и следниве права:
1) пред испитувањето да разговара со бесплатен советник или со полномошник, доколку во постапката учествува како оштетен;
2) да биде испитувана од лице од ист пол во полицијата и во јавното обвинителството;
3) да не одговори на прашања што се однесуваат на личниот живот на жртвата, а не се поврзани со кривичното дело;
4) да бара испитување со помош на визуелно-тонски средства на начин определен со овој закон и
5) да бара исклучување на јавноста на главната расправа.

(2) Судот, јавното обвинителство и полицијата се должни да ја поучат жртвата за нејзините права од ставот (1) на овој член, најдоцна пред нејзиното прво испитување за што составуваат службена белешка или записник.

Член 56

Жртва која не е известена за своето право во постапката да учествува како оштетена

(1) Жртвата која не е известена за своето право во постапката да учествува како оштетена има право да се пријави пред полицијата или јавното обвинителство како оштетена до поднесување на обвинението, а пред судот до завршување на главната расправа.

(2) Пријавата на жртвата како оштетена ќе се отфрли ако е очигледно дека е неоправдана или е дадена со задоцнување.

2. Оштетен и приватен тужител

Член 57

Права на оштетениот

Во кривичната постапка оштетениот ги има следниве права:
1) да биде запознаен со своите права;
2) да го употребува својот јазик и писмо и право на помош од преведувач, односно толкувач доколку не го разбира јазикот на кој се води постапката;
3) да стави предлог за остварување на имотноправното барање;
4) да има полномошник;
5) да укажува на факти и да предлага докази;
6) да присуствува на доказното рочиште;
7) да присуствува на главната расправа и да учествува во доказната постапка, како и да се произнесе по имотноправното побарување и по кривичноправниот настан;
8) по завршување на истражната постапка да ги разгледа списите и предметите што служат како доказ;
9) да поднесе жалба под условите предвидени со овој закон;
10) да поднесе предлог за гонење и приватна тужба согласно со одредбите на Кривичниот законик;
11) да биде известен за непреземање или за секое откажување од кривично гонење од страна на јавниот обвинител;
12) да изјави жалба до повисокиот јавен обвинител против одлуката на јавниот обвинител со која тој се откажува од кривично гонење, под условите предвидени со овој закон;
13) да побара враќање во поранешна состојба;
14) да му се почитува правото на приватност и
15) да учествува во постапката за медијација на начин и под услови определени со овој закон.

Член 58

Поднесување предлог и приватна тужба

(1) За кривичните дела за кои се гони по предлог или по приватна тужба, предлогот или тужбата се поднесуваат во рок од три месеци од денот кога лицето овластено за поднесување на предлогот или приватна тужба узнало за кривичното дело и за сторителот.

(2) Ако е поднесена приватна тужба поради кривичното дело навреда, обвинетиот до завршувањето на главната расправа и по истекот на рокот од ставот (1) на овој член може да поднесе тужба против тужителот кој истовремено му ја возвратил навредата (противтужба). Во ваков случај судот донесува една пресуда.

(3) Предлог за гонење се поднесува до надлежниот јавен обвинител, а приватна тужба до надлежниот суд.

(4) Ако самиот оштетен поднесе кривична пријава или стави предлог за остварување на имотноправно барање во кривичната постапка ќе се смета дека со тоа ставил предлог за гонење.

(5) Кога оштетениот поднел кривична пријава или предлог за гонење, а во текот на постапката ќе се утврди дека станува збор за кривично дело за кое се гони по приватна тужба, пријавата, односно предлогот ќе се смета како навремена приватна тужба ако е поднесена во рокот предвиден за приватна тужба. Навремено поднесената приватна тужба ќе се смета како навремено поднесен предлог на оштетениот, ако во текот на постапката се утврди дека се работи за кривично дело за кое се гони по предлог.

Член 59

Предлог за кривично гонење или приватна тужба поднесена во име на малолетник

(1) За малолетници и лица кои се наполно лишени од деловна способност, предлог за кривично гонење или приватна тужба поднесува нивниот законски застапник.

(2) Малолетник кој наполнил 18 години може и самиот да поднесе предлог или приватна тужба.

Член 60
Поведување и продолжување на постапката по смртта на жртвата

Ако жртвата на кривичното дело умре во текот на рокот за поднесување на предлог или приватна тужба или во текот на постапката неговиот брачен, односно вонбрачен другар, децата, родителите, посвоениците, посвоителите, браќата и сестрите можат во рок од три месеци по неговата смрт да поднесат предлог или тужба, односно да дадат изјава дека ја продолжуваат постапката.

Член 61

Повеќе оштетени лица

Ако со кривичното дело се оштетени повеќе лица гонењето ќе се преземе, односно ќе се продолжи по предлог или приватна тужба од секој оштетен.

Член 62

Откажување од предлогот, односно приватната тужба

(1) Оштетениот и приватниот тужител можат со своја изјава до судот пред кој се води постапката да се откажат од предлогот, односно приватната тужба до завршувањето на главната расправа. Во тој случај тие го губат правото повторно да поднесат предлог, односно приватна тужба.

(2) Доколку оштетениот се откаже од предлогот, односно приватната тужба до започнување на главната расправа, судот донесува решение за запирање на постапката, а доколку се откаже од започнување до завршување на главната расправа судот донесува одбивателна пресуда (член 402 став (3)).

Член 63

Недоаѓање на приватниот тужител на главна расправа

(1) Ако приватниот тужител не дојде на главната расправа иако е уредно повикан, или поканата не можела да му се врачи поради непријавување до судот за промената на адресата на живеалиштето, односно престојувалиштето ќе се смета дека се откажал од тужбата.

(2) Претседателот на советот или судијата поединец ќе му дозволи враќање во поранешната состојба на приватниот тужител кој од оправдани причини не можел да дојде на главната расправа или навремено да го извести судот за промената на адресата на живеалиштето, односно престојувалиштето, ако во рок од осум дена по престанувањето на пречката поднесе молба за враќање во поранешната состојба.

(3) По истекот на три месеци од денот на пропуштањето не може да се бара враќање во поранешната состојба.

(4) Против решението со кое се дозволува враќање во поранешната состојба не е дозволена посебна жалба.

Член 64

Право на предлагање докази, увид во списи и други права

(1) Оштетениот и приватниот тужител имаат право во текот на постапката да укажат на сите факти и да предложат докази што се од важност за утврдување на кривичната одговорност и имотноправното барање.

(2) На главната расправа тие имаат право да предлагаат докази, да им поставуваат прашања на обвинетиот, на сведоците и на вештаците, да изнесуваат забелешки и објасненија во поглед на нивните искази да даваат други изјави и да ставаат други предлози.

(3) Оштетениот и приватниот тужител имаат право да ги разгледуваат списите и да ги разгледуваат предметите што служат како доказ. На оштетениот може да му се забрани разгледувањето на списите додека не биде испитан како сведок.

(4) Јавниот обвинител и судот ќе ги запознаат оштетениот и приватниот тужител со правата наведени во ставовите (1), (2) и (3) на овој член.

Член 65

Права на приватниот тужител

Приватниот тужител според одредбите на овој закон ги има истите права што ги има јавниот обвинител, освен оние што му припаѓаат на јавниот обвинител како на државен орган.

Член 66

Малолетник како оштетен

(1) Ако оштетениот е малолетник или лице наполно лишено од деловна способност, неговиот законски застапник е овластен да ги дава сите изјави и да ги презема сите дејствија за кои според овој закон е овластен оштетениот.

(2) Оштетениот кој наполнил 18 години е овластен самиот да дава изјави и да презема дејствија во постапката.

Член 67

Полномошник на приватниот тужител и на оштетениот

Приватниот тужител и оштетениот, како и нивните законски застапници своите права во постапката можат да ги вршат и преку полномошник.

Член 68

Должност за известување за промената на адресата

Приватниот тужител и оштетениот, како и нивните законски застапници и полномошници, се должни за секоја промена на адресата или на престојувалиштето, односно живеалиштето да го известат судот.

Глава VI

ОБВИНЕТ И БРАНИТЕЛ

Член 69

Права на лице повикано, приведено или лишено од слобода

(1) Лицето повикано, приведено или лишено од слобода мора веднаш да биде известено, на јазик што го разбира, за причините за повикувањето, приведувањето или лишувањето од слобода за какво и да е сомневање за сторено кривично дело против него, како и за неговите права и од лицето не може да се бара изјава.

(2) Обвинетиот најпрвин на јасен начин мора да се поучи за правото да молчи, за правото насамо да се советува со адвокат и да има бранител по негов избор за време на испитувањето.

(3) Лицето приведено или лишено од слобода ќе се поучи и за правото да извести член на неговото семејство или нему блиско лице, односно дипломатско-конзуларното претставништво на државата чиј државјанин е лицето за неговото приведување или лишување од слобода. По потреба или по барање на лицето приведено или лишено од слобода ќе му се обезбеди соодветна лекарска помош.

(4) Лицето лишено од слобода мора веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од моментот на лишување од слобода, да биде изведено пред суд, кој без одлагање ќе одлучи за законитоста на лишувањето од слобода.

(5) Објавувањето на фотографии или снимки на лица приведени или лишени од слобода се врши со прикривање на изгледот на лицето.

Член 70
Права на обвинетиот

Секој обвинет ги има следниве основни права:
– да биде навремено и детално информиран, на јазик што го разбира, за делата за кои се товари и за доказите против него,
– да има доволно време и можности за подготвување на својата одбрана, а особено да има увид во списите и да биде запознаен со доказите против него и во негова корист, како и да комуницира со бранител по сопствен избор,
– да биде суден во негово присуство и да се брани лично или со помош на бранител по сопствен избор, а доколку нема средства да плати бранител, да добие бесплатен бранител кога тоа го бараат интересите на правдата,
– да ја изнесе својата одбрана,
– да не биде присилен да даде исказ против себе или своите блиски или да признае вина,
– да има можност да се изјасни за фактите и доказите што го товарат и да ги изнесе сите факти и докази што му одат во прилог,
– самиот или преку бранител да ги испита сведоците против него, како и да му се обезбеди присуство и испитување на сведоците во негова корист под исти услови, како и сведоците против него и
– во текот на главната расправа да се советува со својот бранител, но не може да се договара како ќе одговори на поставено прашање.

Член 71

Право на бранител

(1) Секое лице осомничено или обвинето за кривично дело има право на бранител во текот на целата кривична постапка против него.

(2) Обвинетиот пред првото испитување или пред друго дејствие за кое таа обврска е предвидена со овој закон мора да се поучи дека има право на бранител по свој избор со кого може насамо да се советува и дека бранителот може да присуствува на неговото испитување.

(3) Бранител на обвинетиот можат да му обезбедат и неговиот законски застапник, брачниот, односно вонбрачниот другар, роднина по крв во права линија, посвоител, посвоеник, брат, сестра и хранител, освен ако обвинетиот на тоа изречно се противи.

(4) Бранител може да биде само адвокат.

(5) Укинат 

(6) Бранителот е должен да поднесе полномошно до органот пред кој се води постапката. Обвинетиот може на бранителот да му даде и усно полномошно на записник пред органот пред кој се води постапката.

Член 72

Заеднички бранител за повеќе обвинети и повеќе бранители за еден обвинет

(1) Повеќе обвинети можат да имаат заеднички бранител само ако тоа не е во спротивност со интересите на нивната одбрана. Доколку органот што ја води постапката смета дека обвинетите не можат да имаат ист бранител, ќе ги повика во определен рок да именуваат друг бранител, а во случај на задолжителна одбрана ќе постапи согласно со членот 74 од овој закон.

(2) Еден обвинет може да има повеќе бранители, а одбраната се смета за обезбедена кога во постапката учествува најмалку еден од бранителите.

Член 73

Лица кои не можат да бидат бранители

(1) Бранител не може да биде жртвата, оштетениот, брачниот, односно вонбрачниот другар на жртвата, на оштетениот или на тужителот, ниту нивен роднина по крв во права линија.

(2) Бранител не може да биде лице кое е повикано како сведок во постапката, освен ако според овој закон е ослободено од должноста за сведочење и изјавило дека нема да сведочи или ако бранителот се сослушува како сведок во случајот од членот 213 точка 2 на овој закон.

(3) Бранител не може да биде лице кое во истиот предмет е сообвинето, ниту лице кое постапувало како судија, јавен обвинител или полициски службеник.

Член 74

Задолжителна одбрана со бранител и бранител по службена должност

(1) Ако обвинетиот е нем, глув или неспособен самиот успешно да се брани, или ако против него се води кривична постапка за кривично дело за кое во законот е пропишана казна доживотен затвор, мора да има бранител уште при првото испитување.

(2) Обвинетиот мора да има бранител ако против него е определен притвор за времето додека трае притворот.

(3) По поднесениот обвинителен акт поради кривично дело за кое со закон е пропишана казна затвор од десет години или потешка казна затвор, обвинетиот мора да има бранител во времето на доставувањето на обвинителниот акт.

(4) Во текот на постапката за преговарање и спогодување со обвинителот за признавање на вината, обвинетиот мора да има бранител.

(5) Обвинетиот на кој му се суди во отсуство мора да има бранител веднаш по донесеното решение за судење во отсуство.

(6) Ако обвинетиот во случаите на задолжителна одбрана од претходните ставови на овој член не земе бранител сам, претседателот на судот ќе му постави бранител по службена должност за натамошниот тек на кривичната постапка до правосилноста на пресудата. Кога на обвинетиот ќе му се постави бранител по службена должност по поднесениот обвинителен акт, за тоа ќе се извести обвинетиот заедно со доставувањето на обвинителниот акт.

Член 75

Одбрана на сиромашни

(1) Кога не постојат услови за задолжителна одбрана, ако според својата имотна состојба не може да ги поднесува трошоците на одбраната, на обвинетиот може по негово барање да му се постави бранител, кога тоа го бараат интересите на правдата, а особено тежината на кривичното дело и сложеноста на случајот. Во барањето обвинетиот може самиот да посочи определен адвокат за бранител од листата на адвокати од соодветната адвокатска заедница.

(2) За барањето од ставот (1) на овој член одлучува судијата на претходната постапка, односно претседателот на советот, а бранителот го поставува претседателот на судот.

(3) Трошоците за одбрана од ставот (1) на овој член паѓаат на товар на Буџетот на Република Македонија.

Член 76

Отповикување и откажување на полномошно

(1) Правата и должностите на бранителот престануваат кога обвинетиот ќе го отповика полномошното.

(2) Кога обвинетиот го отповикува полномошното на својот бранител, за тоа ќе го извести судот веднаш, а најдоцна во рок од три дена.

(3) Ако обвинетиот не го извести судот дека ополномоштил нов бранител, судот во рок од три дена ќе му постави бранител по службена должност, сметано од денот кога обвинетиот го известил, односно бил должен да го извести судот.

(4) Бранителот на кого му е отповикано полномошното е должен да ги преземе сите дејствија во постапката во корист на обвинетиот до соопштувањето дека е ополномоштен нов бранител, но не подолго од 15 дена од денот на отповикувањето на полномошното.

(5) Кога бранителот го откажал полномошното на обвинетиот, обвинетиот е должен веднаш, а најдоцна во рок од три дена да го извести судот за отповикувањето на полномошното и ако обвинетиот не определил нов бранител, судот во рок од три дена ќе му постави бранител по службена должност.

(6) Ако обвинетиот го извести судот дека самиот ополномоштил бранител, судот ќе го отповика решението за поставување бранител по службена должност.

(7) Ако откажувањето или отповикувањето е сторено на рочиште за главна расправа, бранителот е должен да ги преземе сите дејствија во корист на обвинетиот до завршувањето на тоа рочиште.

(8) Ако судот оцени дека откажувањето на полномошното не содржи основани причини и е дадено со цел да се одолжува постапката, за тоа ќе ја извести Адвокатската комора на Република Македонија.

(9) За преземените дејствија Адвокатската комора на Република Македонија е должна да го извести судот најдоцна во рок од три месеци.

Член 77

Разрешување на назначениот бранител

(1) Наместо поставениот бранител од членовите 74 и 75 на овој закон, обвинетиот може самиот да земе друг бранител. Во тој случај поставениот бранител ќе се разреши.

(2) Поставениот бранител само од оправдани причини може да бара да биде разрешен.

(3) За разрешување на бранителот во случајот од ставовите (1) и (2) на овој член, пред главната расправа одлучува судијата на претходната постапка, односно претседателот на советот, на главната расправа одлучува советот, а во жалбената постапка претседателот на првостепениот совет, односно советот надлежен за одлучување во постапка по жалба. Против ова решение не е дозволена посебна жалба.

(4) Претседателот на судот, по барање на претседателот на советот или обвинетиот, или со негова согласност, може да го разреши поставениот бранител, ако неуредно и несовесно ја врши должноста. Наместо разрешениот бранител, претседателот на судот ќе постави друг бранител. За разрешувањето на бранителот претседателот на судот ќе ја извести Адвокатската комора на Република Македонија.

Член 78

Права на бранителот

(1) Бранителот е овластен во корист на обвинетиот да ги презема сите дејствија што може да ги преземе обвинетиот.

(2) За подготовка на одбраната бранителот може да бара известувања од граѓани согласно со членот 307 на овој закон.

Член 79

Увид на бранителот во списите

(1) Во текот на кривичната постапка, бранителот има право да ги разгледа списите и доказите, согласно со одредбите од овој закон.

(2) Бранителот има право да направи увид и да добие препис од записниците и другите списи од дејствијата на кои одбраната имала право да присуствува, а кои се чуваат во јавното обвинителство.

Член 80

Комуникација меѓу бранителот и обвинетиот во притвор

Ако обвинетиот се наоѓа во притвор бранителот може со него слободно и без надзор да се допишува и да разговара. По исклучок, судијата на претходната постапка ова право може да го подложи само на визуелен надзор ако притворот е одреден по основ на членот 165 став (1) точка 2 од овој закон, а постои веројатност дека обвинетиот ќе ги злоупотреби контактите со бранителот.

Глава VII

МЕЃУИНСТИТУЦИОНАЛНА СОРАБОТКА И ПРАВНА ПОМОШ

Член 81

Обврска за давање помош

(1) Правосудната полиција, јавниот обвинител и судот за потребите за водењето на кривичната постапка можат да побараат помош од судовите, јавното обвинителство, органите на државната управа и други државни органи, институции што вршат јавни овластувања и од органите на единиците на локалната самоуправа. Тие органи се должни да одговорат по барањето во најкраток рок, а можните пречки да ги отстранат без одлагање. По потреба нив може да им биде доставена копија од казнените списи.

(2) Органите на државната управа и другите државни органи можат да го одбијат барањето од ставот (1) на овој член, со образложена одлука согласно со нивните законски надлежности, ако на тој начин се повредува обврската за чување класифицирани информации, сѐ додека надлежниот орган не ја укине таквата обврска.

Член 82

Спроведување доказно рочиште со помош на видеотонска конференција

(1) Надвор од случаите посебно пропишани со овој закон, судот може со писмена наредба да определи доказното рочиште да се спроведе со помош на затворен технички уред за врска на далечина (видеотонска конференција).

(2) Наредбата содржи податоци за местото и времето на преземање на видеотонската конференција, како и за името и адресата на лицето чие испитување се бара. Поканите на сведоците и обвинетиот се праќаат според одредбите од Главата XIII на овој закон.

(3) Во наредбата може да се определи лицето кај кое се наоѓаат предметите кои според Кривичниот законик треба да се одземат или можат да се употребат за утврдување на фактите во кривичната постапка, по барање од судот да ги покаже во текот на видеотонската конференција, а потоа да ги предаде на судот според одредбите на членот 195 од овој закон.

Член 83

Спроведување на видеотонска конференција

(1) Странките можат да бидат присутни на видеотонската конференција и да учествуваат во неа согласно со одредбите за изведување докази на главната расправа. На обвинетиот кој се наоѓа во притвор на соодветен начин ќе му се овозможи следење на видеотонската конференција, како и поставување прашања и изнесување забелешки.

(2) На видеотонската конференција мора да присуствува и стручно лице што ќе ракува со уредите.

Член 84

Записник за видеотонска конференција

(1) Судот што ја води кривичната постапка составува записник од видеотонската конференција, во кој се наведува времето и местото на дејствијата, лицата кои биле присутни, видот и состојбата на техничкиот уред за врска на далечина, како и стручното лице кое ракувало со уредот. Записникот го води судски советник.

(2) Органот што ја води кривичната постапка може да ги задоволи и посебните барања во однос на обликот и содржината на видеотонската конференција, согласно со прописите од посебните закони или меѓународните договори ратификувани согласно со Уставот на Република Македонија.

Член 85

Телефонска конференција

Јавниот обвинител или полицијата, алибито и другите важни факти за поведување и водење на кривичната постапка можат да ги проверат со употреба на телефонска врска која на испитуваните лица им овозможува истовремена комуникација (телефонска конференција).

Член 86

Записник и снимка од телефонска конференција

(1) Записникот за телефонската конференција мора да содржи податоци за идентитетот на лицата во телефонската комуникација, податок за тоа во кое својство лицето ја дава изјавата, а во зависност од тоа својство и соодветните лични податоци.

(2) Снимката од телефонската конференција од ставот (1) на овој член може да се употреби во кривичната постапка, ако:
1) лицето, кое е испитано како сведок, е поучено според членот 219 од овој закон и е предупредено за снимањето;
2) обвинетиот претходно е поучен за правата според членот 206 од овој закон и
3) на испитувањето на обвинетиот е присутен неговиот бранител.

ОДДЕЛ В. ПРОЦЕСНИ ДЕЈСТВИЈА

Глава VIII

ПОДНЕСОЦИ И ЗАПИСНИЦИ

Член 87

Поднесоци

(1) Приватните тужби, обвинителните акти, обвинителните предлози, предлозите, правните лекови и другите изјави и соопштенија (поднесоци) се поднесуваат писмено или се даваат усно на записник или се поднесуваат по електронски пат до приемното одделение на надлежниот орган.

(2) Поднесоците од ставот (1) на овој член мораат да бидат разбирливи и да содржат сѐ она што е потребно за да може да се постапи по нив. Поднесоците поднесени од адвокати, органи на државна управа, правни лица и лица кои вршат јавни овластувања треба да содржат и податоци за електронско сандаче за достава на писмената регистрирано согласно со закон.

(3) Ако со овој закон поинаку не е определено, органот што ја води постапката ќе го повика подносителот на поднесокот кој е неразбирлив или не содржи сé што е потребно да го исправи поднесокот, односно да го дополни за да може по него да се постапува, а ако тој не го стори тоа во определениот рок, ќе го отфрли поднесокот.

(4) Во поканата за исправка, односно за дополнение на поднесокот подносителот ќе се предупреди за последиците од пропуштањето.

(5) Поднесоците, кои според овој закон се доставуваат до спротивната странка, му се предаваат на органот што ја води постапката во доволен број примероци за органот и за другата странка. Ако вакви поднесоци не се предадени во доволен број примероци, ќе се умножат на трошок на подносителот.

Член 88

Казнување поради навреда на судот

(1) Судот ќе го казни со парична казна од 200 до 1.200 евра во денарска противвредност учесникот во постапката кој во поднесокот или усно, односно на друг начин го навреди судот или лицето кое учествува во постапката. Решението за казнување го донесува судот пред кој е дадена изјавата, а ако тоа е сторено во поднесокот, судот што треба да одлучи за поднесокот.

(2) Против ова решение е дозволена жалба по која одлучува советот од членот 25 став (5) на овој закон.

(3) За казнувањето на јавниот обвинител, судот ќе го извести надлежниот јавен обвинител на јавното обвинителство.

(4) За казнувањето на адвокат, судот ќе ја извести Адвокатската комора на Република Македонија.

(5) Кога јавниот обвинител ја води претходната постапка и притоа оцени дека учесник во постапката во изјавата или во поднесокот го навреди судот, јавниот обвинител или друго лице кое учествува во постапката, ќе му достави копија од поднесокот или изјавата на надлежниот суд кој може да донесе решение за казнување од ставот (1) на овој член.

(6) Казнувањето според ставот (1) на овој член не влијае врз гонењето и изрекувањето на казната за кривичното дело извршено со навредата.

(7) Ако според ставот (1) на овој член навредата на судот и покрај изречената парична казна се повторува, судот може да изрече парична казна и до десеткратен износ од казната од ставот (1) на овој член.

Член 89

Записник

(1) За секое преземено дејствие во текот на кривичната постапка се составува записник истовремено кога се врши дејствието, а ако тоа не е можно, непосредно по тоа.

(2) Записникот го составува записничар. Само кога се врши претрес на дом или лице, или дејствието се презема надвор од службените простории на органот, а не може да се обезбеди записничар, записникот може да го состави лицето кое го презема дејствието.

(3) Записникот што го составува записничар се составува на тој начин што лицето кое го презема дејствието му кажува гласно на записничарот што ќе внесе во записникот.

Член 90

Содржина на записникот

(1) Во записникот се внесува називот на државниот орган пред кој се врши дејствието, местото каде што се врши дејствието, денот и часот кога дејствието е започнато и завршено, имињата и презимињата на присутните лица и во кое својство присуствуваат, како и назначување на кривичниот предмет според кој се презема дејствието.

(2) Записникот треба да ги содржи суштествените податоци за текот и содржината на преземеното дејствие. Ако при преземањето на дејствието се одземени предмети или списи, тоа ќе се назначи во записникот, а одземените предмети ќе се приклучат кон записникот или ќе се наведе каде се наоѓаат на чување.

(3) При преземање на дејствија како што е увид, претрес на дом или на лице, или препознавање на лица или на предмети во записникот ќе се внесат и податоци што се важни со оглед на природата на таквото дејствие или за утврдување на идентичноста на одделни предмети (опис, мери и големина на предметите или трагите, ставање на ознака врз предметите и друго), а ако се направени скици, цртежи, планови, фотографии, забелешки на електронски, механички и други направи за тонско или визуелно-тонско снимање и стенографски белешки, тоа ќе се наведе во записникот и ќе се приклучи кон записникот.

Член 91

Водење на записникот

(1) Записникот мора да се води уредно, во него не смее ништо да се избрише, да се додаде или менува. Прецртаните места мора да останат читливи.

(2) Сите преиначувања, исправки и додатоци се внесуваат на крајот на записникот и веднаш им се предочуваат на странките и бранителот и тие мораат да бидат заверени од лицата кои го потпишуваат записникот.

Член 92

Увид во записникот и потпишување на записникот

(1) Лицата кои задолжително присуствуваат на дејствијата во постапката, како и странките, бранителот и оштетениот, ако се присутни, имаат право да го прочитаат записникот или да бараат да им се прочита. За тоа лицето кое го презема дејствието е должно да предупреди, а во записникот ќе се назначи дали предупредувањето е сторено и дали е прочитан записникот. Записникот секогаш се чита, а ако нема записничар, во записникот и тоа ќе се назначи.

(2) На крајот од записникот ќе се потпише преведувачот, односно толкувачот ако имало, а при претресувањето и лицето кое се претресува или чијшто дом се претресува. Ако записникот не го пишува записничар, записникот го потпишуваат лица кои присуствуваат на дејствието. Ако такви лица нема или не се во состојба да ја сфатат содржината на записникот, записникот го потпишуваат двајца сведоци, освен ако не е можно да се обезбеди нивно присуство.

(3) Неписменото лице место потпис става отпечаток од показалецот од десната рака, а записничарот под отпечатокот ќе го запише неговото име и презиме. Ако поради неможност да се стави отпечаток од десниот показалец, се става отпечаток од некој друг прст или отпечаток од прст на левата рака, во записникот ќе се назначи од кој прст и од која рака е земен отпечатокот.

(4) Ако дејствието не можело да се врши без прекин, во записникот ќе се назначи денот и часот кога настанал прекинот, како и денот и часот кога продолжува дејствието.

(5) Ако имало приговор во поглед на содржината на записникот, во записникот ќе се наведат и тие приговори.

(6) Записникот на крајот го потпишува лицето кое го презело дејствието и записничарот.

Член 93

Издвојување на доказ

(1) Кога во овој закон е определено дека врз некој доказ не може да се заснова судската одлука, судијата на претходната постапка, по службена должност или по предлог на странките, ќе донесе решение за издвојување на тој доказ од списите, најдоцна до завршувањето на истражната постапка. По подигањето на обвинителниот акт, решение за издвојување на доказ донесува советот за оцена на обвинителниот акт. Против ова решение е дозволена посебна жалба по која одлучува повисокиот суд.

(2) По правосилноста на решението издвоените докази се чуваат кај судијата на претходната постапка, одвоено од другите списи и не можат да се разгледуваат ниту можат да се користат во постапката. Издвоените записници се затвораат во посебна обвивка и се чуваат кај судијата на претходната постапка.

Член 94

Снимање на истражните дејствија

(1) Изведувањето на истражните или други дејствија се снима со уреди за визуелно-тонско снимање кога е пропишано со овој закон. Органот кој го спроведува дејствието претходно ќе го извести за тоа лицето кое се испитува.

(2) Снимката мора да ги содржи податоците од членот 90 став (1) на овој закон, податоците потребни за идентификација на лицето чија изјава се снима и податокот во кое својство тоа лице ја дава изјавата. Кога се снимаат изјави на повеќе лица, мора да се обезбеди од снимката јасно да може да се распознае кој ја дал изјавата.

(3) Во записникот за истражното дејствие ќе се внесе дека е извршено снимање, кој го извршил снимањето, дека лицето кое се сослушува претходно е известено за снимањето, дали снимката е репродуцирана и каде се чува, ако не е приложена кон списите на предметот.

(4) Кога со овој закон поинаку не е определено, органот што го спроведува истражното дејствие, може да определи снимката во целост или делумно да се препише и да и се предаде на странката, по нејзино барање. Преписот ќе се прегледа и ќе се завери со потпис од лицето кое го спровело дејствието и ќе се приклучи кон записникот за преземање на истражното дејствие.

(5) Снимката направена според одредбите од ставовите (1), (2), (3) и (4) на овој член, се чува во судот се додека се чуваат и списите во предметот.

(6) Снимките направени според одредбите од ставовите (1), (2), (3) и (4) на овој член, не може јавно да се прикажуваат без писмено одобрение на странките и учесниците во истражното дејствие.

Член 95

Записник за главна расправа

За записникот за главна расправа важат одредбите од членовите 374 и 375 на овој закон.

Член 96

Записник за советување и гласање

(1) За советувањето и гласањето се составува посебен записник.

(2) Записникот за советувањето и гласањето го содржи текот на гласањето и одлуката што е донесена.

(3) Овој записник го потпишуваат сите членови на советот и записничарот. Одвоените мислења ќе се приклучат кон записникот за советувањето и гласањето, ако не се внесени во записникот.

(4) Записникот за советувањето и гласањето ќе се затвори во посебна обвивка. Овој записник може да го разгледа само повисокиот суд кога решава за правниот лек и во тој случај е должен записникот повторно да го затвори во посебна обвивка и на обвивката да назначи дека го разгледал записникот.

Глава IX

РОКОВИ

Член 97

Рокови за давање изјава и предавање на поднесок

(1) Роковите предвидени со овој закон не можат да се продолжат, освен кога законот изречно го дозволува тоа. Ако е во прашање рок што со овој закон е определен заради заштита на правото на одбрана и на другите процесни права на обвинетиот, тој рок може да се скрати ако тоа го бара обвинетиот писмено или усно на записник пред судот.

(2) Кога изјавата е врзана за рок, се смета дека е дадена во рокот, ако пред да истече рокот му е предадена на оној кој е овластен да ја прими.

(3) Кога изјавата е упатена по пошта со препорачана пратка, по електронска пошта или по телеграфски пат, денот на предавањето на поштата, односно денот на испраќање по електронска пошта се смета како ден на предавањето на оној до кого е упатена. Предавањето на воена пошта во места каде што не постои редовна пошта се смета како предавање на препорачана пратка во пошта. Се смета дека испраќачот на изјавата не го пропуштил рокот, ако примателот испратената изјава не ја добил на време, поради погрешно работење на уредот за предавање или прием на изјавата, а за кое испраќачот не знаел.

(4) Осомничениот кој се наоѓа во притвор може изјавата што е врзана за рок да ја даде на записник кај органот што ја води постапката или да ја предаде на управата на затворот, а лицето кое се наоѓа на издржување казна или се наоѓа во установа заради примена на мерка на безбедност или на воспитна мерка, може таквата изјава да и ја предаде на управата на установата во која е сместено. Денот и часот кога е составен таков записник, односно кога изјавата и е предадена на управата на установата се смета како ден на предавање до органот што е надлежен да ја прими.

(5) Ако поднесокот што е врзан за рок поради незнаење или очигледна грешка на подносителот, е предаден или упатен до ненадлежен јавен обвинител или суд пред истекот на рокот, па до надлежниот јавен обвинител или суд ќе стигне по истекот на рокот, ќе се земе дека е поднесен на време.

Член 98

Сметање на роковите

(1) Роковите се сметаат на часови, денови, месеци и години.

(2) Часот или денот кога е извршено доставувањето или соопштувањето, односно во кој паѓа настанот од кога треба да се смета траењето на рокот, не се засметува во рокот, туку за почеток на рокот се зема првиот нареден час, односно ден. Во еден ден се сметаат 24 часа, а месецот се смета по календарското време.

(3) По исклучок од ставот (2) на овој член, роковите за пресметување на приведување, задржување и притвор, почнуваат да течат од моментот на лишување од слобода.

(4) Роковите определени по месеци, односно по години се завршуваат со истекот на оној ден на последниот месец, односно на годината што по својот број му одговара на денот кога почнал рокот. Ако го нема тој ден во последниот месец, рокот се завршува последниот ден на тој месец.

(5) Саботите, неделите и државните празници се засметуваат во рокот. Ако последниот ден на рокот паѓа на државен празник, сабота, недела или во некој друг ден кога државниот орган не работел, рокот истекува со истекот на првиот нареден работен ден.

Член 99

Враќање во поранешна состојба

(1) На обвинетиот кој од оправдани причини ќе го пропушти рокот за изјавување жалба на пресуда или на решение за примена на мерки на безбедност, или на воспитна мерка или за одземање на имотна корист, судот ќе му дозволи враќање во поранешна состојба заради изјавување жалба, ако во рок од осум дена по престанувањето на причината поради која го пропуштил рокот поднесе молба за враќање во поранешна состојба и ако истовремено со молбата предаде и жалба.

(2) По истекот на три месеци од денот на пропуштањето, не може да се бара враќање во поранешна состојба.

Член 100

Решавање за враќање во поранешна состојба

(1) За враќање во поранешна состојба одлучува судот што ја донел пресудата или решението кое се побива со жалбата.

(2) Против решението со кое се дозволува враќање во поранешна состојба, не е дозволена жалба.

(3) Кога обвинетиот изјавил жалба на решението со кое не се дозволува враќање во поранешна состојба, судот е должен оваа жалба, заедно со жалбата на пресудата или на решението за примена на мерка на безбедност, или на воспитна мерка или за одземање на имотна корист, како и со одговорот на жалбата и со сите списи да ја достави до повисокиот суд на решавање.

Член 101

Дејство на молбата за враќање во поранешна состојба

Молбата за враќање во поранешна состојба, по правило, не го задржува извршувањето на пресудата, односно на решението за примена на мерка на безбедност или на воспитна мерка или за одземање на имотна корист, но судот надлежен за решавање на молбата може да одлучи извршувањето да се запре додека не се донесе одлука по молбата.

Глава X

ТРОШОЦИ НА КРИВИЧНАТА ПОСТАПКА

Член 102

Содржина на трошоците на кривичната постапка

(1) Трошоците на кривичната постапка се издатоците направени по повод кривичната постапка, од нејзиното поведување до нејзиното завршување и издатоците за преземени истражни дејствија пред истражната постапка.

(2) Трошоците на кривичната постапка опфаќаат:
1) трошоци за сведоци, вештаци, преведувачи, толкувачи и стручни лица, трошоците за визуелно-тонско снимање и препис на снимките, како и трошоци на увидот;
2) превозни трошоци на обвинетиот;
3) издатоци за приведување на обвинетиот, односно на лицето лишено од слобода;
4) превозни и патни трошоци на службените лица;
5) трошоци за лекување на обвинетиот за време додека се наоѓа во притвор, како и трошоци за породување, освен трошоците што се наплаќаат од фондот за здравствено осигурување; 
6) паушален износ;
7) награда и нужни издатоци на бранителот, нужни издатоци на приватниот тужител и на неговиот законски застапник, како и награда и нужни издатоци на неговиот полномошник и
8) нужни издатоци на оштетениот и на неговиот законски застапник, како и награда и нужни издатоци на неговиот полномошник.

(3) Паушалниот износ се утврдува во рамките на износите определени со пропис, со оглед на траењето и сложеноста на постапката и имотната состојба на лицето кое е должно да го плати тој износ.

(4) Трошоците од ставот (2) точки 1, 2, 3, 4 и 5 на овој член, како и нужните издатоци на поставениот бранител и назначениот полномошник, во постапката поради кривичните дела за кои се гони по службена должност, се исплатуваат однапред од средствата на органот што ја води кривичната постапка, а се наплатуваат подоцна од лицата кои се должни да ги надоместат според одредбите на овој закон. Органот што ја води постапката е должен сите трошоци што се однапред исплатени да ги внесе во пописот кој ќе се приложи кон списите.

(5) Трошоците за преведување што ќе настанат со примена на одредбите на овој закон не се наплатуваат од лицата кои, според одредбите на овој закон, се должни да ги надоместат трошоците на кривичната постапка.

Член 103

Одлука за трошоците на кривичната постапка

Во секоја пресуда и решение со кое се запира кривичната постапка ќе се одлучи кој ќе ги поднесува трошоците на постапката и колку изнесуваат тие.

Член 104

Поднесување на трошоци настанати по сопствена вина

(1) Обвинетиот, оштетениот, приватниот тужител, бранителот, законскиот застапник, полномошникот, сведокот, вештакот, преведувачот, толкувачот и стручното лице, без оглед на исходот на кривичната постапка, ги поднесуваат трошоците за нивното доведување, за одложувањето на главната расправа и другите трошоци на постапката што ги причиниле по сопствена вина.

(2) За трошоците од ставот (1) на овој член се донесува посебно решение, освен ако за трошоците што ги поднесува приватниот тужител и обвинетиот се решава во одлуката за главната работа.

(3) По жалбата против решението од ставот (2) на овој член одлучува советот од членот 25 став (5) на овој закон.

Член 105

Одлучување за трошоците во осудителна пресуда

(1) Кога судот ќе го огласи обвинетиот за виновен во пресудата ќе изрече дека е должен да ги надомести трошоците на кривичната постапка.

(2) Лицето кое е обвинето за повеќе кривични дела нема да се осуди да ги надомести трошоците во однос на делата за кои е ослободено од обвинението, доколку можат да се издвојат тие трошоци од вкупните трошоци.

(3) Во пресудата со која се огласени повеќе обвинети за виновни, судот ќе определи колкав дел од трошоците ќе поднесува секој од нив, а ако тоа не е можно, ќе ги осуди сите обвинети да ги поднесуваат трошоците солидарно. Плаќањето на паушалниот износ ќе се определи за секој обвинет посебно.

(4) Во одлуката со која се решава за трошоците, судот може да го ослободи обвинетиот од должноста да ги надомести во целост или делумно трошоците на кривичната постапка од членот 102 став (2) точки 1, 2, 3, 4, 5 и 6 на овој закон, ако со нивното плаќање би било доведено во прашање издржувањето на обвинетиот или на лицата кои тој е должен да ги издржува. Ако се утврдат овие околности по донесувањето на одлуката за трошоците, претседателот на советот може со посебно решение да го ослободи обвинетиот од должноста за надоместување на трошоците на кривичната постапка.

Член 106

Одлучување за трошоците при запирање на кривичната постапка и при донесување на ослободителна или одбивателна пресуда

(1) Кога ќе се запре кривичната постапка или кога ќе се донесе пресуда со која обвинетиот се ослободува од обвинението или со која се одбива обвинението, во решението, односно во пресудата ќе се изрече дека трошоците на кривичната постапка од членот 102 став (2) точки 1, 2, 3, 4, 5 и 6 на овој закон, нужните издатоци на обвинетиот, како и нужните издатоци и наградата на неговиот бранител, паѓаат на товар на Буџетот на Република Македонија, освен во случаите определени во ставовите (2), (3), (4) и (5) на овој член.

(2) Лицето кое свесно поднело лажна пријава ќе ги поднесува трошоците на кривичната постапка.

(3) Приватниот тужител е должен да ги надомести трошоците на кривичната постапка од членот 102 став (2) точки 1, 2, 3, 4, 5 и 6 на овој закон, нужните издатоци на обвинетиот, како и нужните издатоци и наградата на неговиот бранител, ако постапката е завршена со пресуда со која обвинетиот се ослободува од обвинение, или со пресуда со која се одбива обвинението или со решение за запирање на постапката, освен ако е запрена постапката, односно ако е донесена пресуда со која се одбива обвинението поради смрт на обвинетиот или поради заболување од некоја трајна душевна болест или поради тоа што настапила застареност на кривичното гонење поради одолжување на постапката, кое не може да му се припише во вина на приватниот тужител. Ако постапката е запрена поради откажување од тужбата, обвинетиот и приватниот тужител можат да се порамнат во однос на нивните меѓусебни трошоци. Ако има повеќе приватни тужители, трошоците ќе ги поднесат сите солидарно.

(4) Оштетениот кој се откажал од предлогот за гонење, поради што постапката е запрена, ќе ги поднесе трошоците на кривичната постапка ако обвинетиот не изјави дека тој ќе ги плати.

(5) Кога судот ќе го одбие обвинението поради ненадлежност, одлука за трошоците ќе донесе надлежниот суд.

Член 107

Трошоци на бранителот и полномошникот

(1) Наградата и нужните издатоци на бранителот и на полномошникот на приватниот тужител или на оштетениот е должно да ги плати застапуваното лице, без оглед на оној што според одлуката на судот е должен да ги поднесува трошоците на кривичната постапка, освен ако според одредбите на овој закон наградата и нужните издатоци на бранителот паѓаат на товар на Буџетот на Република Македонија. Ако на обвинетиот му бил поставен бранител, а со плаќањето на наградата и на нужните издатоци би било доведено во прашање издржувањето на обвинетиот или издржувањето на лицето кое е должен тој да го издржува, наградата и нужните издатоци на бранителот ќе се исплатат од Буџетот на Република Македонија.

(2) Полномошникот кој не е адвокат нема право на награда, освен на надоместок на нужните издатоци.

Член 108

Одлучување за трошоци настанати во постапка пред повисокиот суд

За должноста за плаќање на трошоците што ќе настанат кај повисокиот суд конечно одлучува тој суд согласно со одредбите од членовите 102, 103, 104, 105, 106 и 107 на овој закон.

Член 109

Донесување на поблиски прописи за трошоците на кривичната постапка

Висината и начинот на определување на реално направените трошоци во кривичната постапка ги пропишува претседателот на Врховниот суд по претходно прибавено мислење од јавниот обвинител на Република Македонија.

Глава XI

ИМОТНОПРАВНО БАРАЊЕ

Член 110

Расправање на имотноправно барање и негов предмет

(1) Имотноправно барање што настанало поради извршување на кривично дело ќе се расправи по предлог од овластените лица во кривична постапка, ако со тоа значително не би се одолжувала оваа постапка.

(2) Имотноправно барање може да се однесува на надоместок на штета, на враќање предмети или на поништување на определена правна работа.

(3) Имотноправното барање од ставот (2) на овој член, во случај на осигурување, оштетениот може да го поднесе и спрема осигурително друштво.

Член 111

Овластени лица за поднесување на имотноправно барање

(1) Имотноправно барање во кривична постапка може да поднесе лице кое е овластено да го остварува таквото барање во спор.

(2) Кога барањето од ставот (1) на овој член го поднесува жртвата на кривичното дело, во барањето ќе наведе дали остварила надоместок или поднела барање согласно со членот 53 став (1) од овој закон.

Член 112

Поднесување на имотноправно барање

(1) Имотноправно барање во кривична постапка се поднесува до органот до кој се поднесува кривичната пријава или до судот пред кој се води постапката.

(2) Барањето може да се поднесе најдоцна до завршувањето на главната расправа пред првостепениот суд.

(3) Овластеното лице е должно да го наведе своето барање според видот и висината и да поднесе докази.

(4) Ако овластеното лице не поднесе имотноправно барање во кривичната постапка до поднесување на обвинението, ќе се извести дека може тој предлог да го поднесе до завршувањето на главната расправа.

Член 113

Откажување од предлогот за остварување имотноправно барање

(1) Овластените лица од членот 111 став (1) на овој закон можат до завршувањето на главната расправа да се откажат од предлогот за остварување на имотноправно барање во кривична постапка и да го остваруваат преку спор. Во случај на откажување од предлогот, таков предлог не може да се стави повторно.

(2) Ако имотноправното барање по поднесениот предлог, а пред завршувањето на главната расправа преминало на друго лице според правилата на имотното право, тоа лице ќе се повика да се изјасни дали останува при предлогот. Ако уредно повиканиот не се јави, се смета дека се откажал од ставениот предлог.

Член 114

Одлучување за имотноправно барање

(1) За имотноправното барање одлучува судот.

(2) Со пресудата со која обвинетиот се огласува за виновен, судот одлучува целосно за имотноправното барање или делумно, а за преостанатиот износ на имотноправното барање го упатува оштетениот да го остварува во спор. Доколку доказите во кривичната постапка не даваат доволна основа за целосно или делумно пресудување на имотноправното барање, а за нивно дополнително обезбедување постои опасност од неоправдано одолжување на кривичната постапка, судот ќе го упати оштетениот имотноправното барање да го остварува во спор.

(3) Кога судот ќе донесе пресуда со која обвинетиот се ослободува од обвинението или со која се одбива обвинението или кога со решение ќе ја запре кривичната постапка, ќе го упати оштетениот дека може имотноправното барање да го остварува во спор. Кога судот ќе се огласи за ненадлежен за кривичната постапка, ќе го упати оштетениот дека може имотноправното барање да го пријави во кривичната постапка што ќе ја започне или продолжи надлежниот суд.

Член 115

Предавање на предмети

Ако имотноправното барање се однесува на враќање на предмет, а судот ќе установи дека предметот му припаѓа на оштетениот и дека се наоѓа кај обвинетиот или кај некој од учесниците во кривичното дело или кај лице на кое му го дале тие на чување, во пресудата ќе определи предметот да му се предаде на оштетениот.

Член 116

Поништување на правна работа

Ако имотноправното барање се однесува на поништување на определена правна работа, а судот најде дека барањето е основано, ќе изрече во пресуда целосно или делумно поништување на таа правна работа, со последиците што произлегуваат од неа, не засегајќи во правата на трети лица.

Член 117

Измена на правосилна пресуда со која е одлучено за имотноправно барање

(1) Правосилната пресуда со која е одлучено за имотноправно барање судот може во кривичната постапка да ја измени само по повод вонреден правен лек.

(2) Надвор од овој случај осудениот, односно неговите наследници можат да бараат само во спор правосилната пресуда на кривичниот суд со која е одлучено за имотноправно барање да се измени и тоа ако постојат услови за повторување според одредбите што важат за парничната постапка.

Член 118

Привремени мерки за обезбедување на имотноправно барање

(1) По предлог на јавниот обвинител и на овластените лица во кривичната постапка според одредбите со кои се регулира извршувањето, може да се определат привремени мерки за обезбедување на имотноправното барање што настанало поради извршувањето на кривичното дело.

(2) Решението од ставот (1) на овој член го донесува во текот на истражната постапка судијата на претходната постапка. По подигнато обвинение, решението го донесува надвор од главната расправа претседателот на советот, а на главната расправа советот.

(3) Жалбата на решението за привремени мерки не го задржува извршувањето на решението.

Член 119

Враќање на предмети

(1) Ако се во прашање предмети кои несомнено му припаѓаат на оштетениот, а не служат како доказ во кривичната постапка, предметите ќе му се предадат на оштетениот и пред завршувањето на постапката.

(2) Ако повеќе оштетени се спорат за сопственоста на предметите, ќе се упатат на спор, а судот во кривичната постапка ќе определи само чување на предметите како привремена мерка за обезбедување.

(3) Предметите што служат како доказ ќе се одземат привремено и по завршувањето на постапката ќе му се вратат на сопственикот. Ако ваков предмет неопходно му е потребен на сопственикот, тој може да му се врати и пред завршувањето на постапката, со обврска по барање да го донесе.

Член 120

Привремено обезбедување спрема трето лице

(1) Ако оштетениот има барање спрема трето лице затоа што кај него се наоѓаат предметите прибавени со кривичното дело, или затоа што поради кривичното дело тоа дошло до имотна корист, судот во кривичната постапка, по предлог од овластените лица од членот 111 став (1) на овој закон, може според одредбите што важат за извршувањето да определи привремени мерки за обезбедување и спрема тоа трето лице. Одредбите од членот 118 ставови (2) и (3) на овој закон важат и во овој случај.

(2) Во пресудата со која обвинетиот се огласува за виновен, судот или ќе ги укине мерките од ставот (1) на овој член, ако веќе порано не се укинати, или ќе го упати оштетениот на спор со тоа што ќе се укинат овие мерки, ако не се поведе спор во рокот определен од судот.

Глава XII

ДОНЕСУВАЊЕ И СООПШТУВАЊЕ НА ОДЛУКИТЕ

Член 121

Видови одлуки во кривичната постапка

(1) Во кривичната постапка одлуките се донесуваат во форма на пресуда, решение, наредба и казнен налог.

(2) Пресуда и казнен налог донесува само судот, а решенија и наредби донесуваат и други органи што учествуваат во кривичната постапка.

Член 122

Советување и гласање

(1) Одлуките на советот се донесуваат по усното советување и гласање. Одлуката е донесена кога за неа гласале мнозинството од членовите на советот.

(2) Претседателот на советот раководи со советувањето и гласањето и гласа последен. Тој е должен да се грижи да се разгледаат сите прашања сестрано и целосно.

(3) Ако во однос на одделни прашања за кои се гласа, гласовите се поделат на повеќе различни мислења, така што ниту едно од нив нема мнозинство, прашањата ќе се раздвојат и гласањето ќе се повторува додека не се постигне мнозинство. Ако на тој начин не се постигне мнозинство, одлуката ќе се донесе така што гласовите што се најнеповолни за обвинетиот ќе се придодадат кон гласовите што се помалку неповолни од овие, сé додека не се постигне потребното мнозинство.

(4) Членовите на советот не можат да одбијат да гласаат за прашањата што ќе ги постави претседателот на советот, но ако член на советот кој гласал обвинетиот да се ослободи или пресудата да се укине и останал во малцинство, не е должен да гласа за санкцијата. Ако не гласа, ќе се земе како да се согласил со гласот што е најповолен за обвинетиот.

Член 123

Редослед на прашањата за кои се гласа

(1) При одлучувањето прво се гласа дали судот е надлежен, дали е потребно да се дополни постапката, како и други претходни прашања. Кога ќе се донесе одлуката за претходните прашања, се преминува на решавање за главната работа.

(2) При одлучувањето за главната работа прво ќе се гласа дали обвинетиот сторил кривично дело и дали е кривично одговорен, а потоа ќе се гласа за казната, за другите кривични санкции, за трошоците на кривичната постапка, за имотноправните барања и за другите прашања за кои треба да се донесе одлука.

(3) Ако исто лице е обвинето за повеќе кривични дела ќе се гласа за кривичната одговорност и за казната за секое од тие дела, а потоа за единствената казна за сите дела.

Член 124

Тајност на гласањето

(1) Советувањето и гласањето се врши на тајно заседание.

(2) Во просторијата во која се врши советување и гласање можат да бидат присутни само членовите на советот и записничарот. Резултатите од гласањето се тајни.

Член 125

Објавување на судските одлуки

(1) Ако одлуката усно е соопштена, тоа ќе се назначи во записникот или на списот, а лицето на кое му е дадено соопштението ќе го потврди тоа со свој потпис. Ако странките изјават дека нема да се жалат, заверениот препис на усно соопштената одлука нема да им се доставува, доколку со овој закон поинаку не е определено.

(2) Преписите на одлуките против кои е дозволена жалба се доставуваат со упатство за правото на жалба. Жалбата изјавена во корист на обвинетиот ќе се смета за навремена кога е изјавена во рокот наведен во упатството за правото на жалба, ако во упатството е наведен рок што е подолг од законски определениот рок.

(3) Судовите се должни донесените одлуки во рок од два дена од изготвувањето да ги објават на веб страницата на судот, на начин утврден со закон

Член 126

Достапност на судските одлуки

(1) Сите судски пресуди се јавни и достапни во електронски или печатени примероци, освен во случаите кога јавноста е исклучена согласно со Уставот на Република Македонија, овој закон и меѓународните договори ратификувани согласно со Уставот на Република Македонија.

(2) Другите судски одлуки се достапни на увид и препис на секое заинтересирано лице, освен во случаи кога јавноста е исклучена согласно со ставот (1) на овој член.

Глава XIII

ДОСТАВУВАЊЕ ПИСМЕНА И РАЗГЛЕДУВАЊЕ СПИСИ

Член 127

Начини на доставување на писмена

(1) Писмената се доставуваат по пошта, по електронски пат, преку службено лице на државниот орган кој го упатува писменото или непосредно кај тој орган, или преку правно лице со посебни овластувања утврдени со закон.

(2) Судот може да му изрече парична казна во висина од 700 до 1.000 евра во денарска противвредност на лицето од ставот (1) на овој член кое нема да преземе дејствија на вршење на доставувањето на писменото или несовесно ќе го изврши доставувањето на писменото и со тоа ќе предизвика одолжување на постапката.

(3) Странката на која лицето од ставот (1) на овој член со своето несовесно вршење на должноста на доставување причини дополнителни трошоци во постапката, може во рок од 15 дена од денот на дознавањето за неизвршувањето, односно за несовесното извршување на доставувањето, во истата постапка од судот да побара лицето од ставот (1) на овој член да му ги надомести зголемените трошоци на постапката согласно со општите правила за надоместок на штета. Судот по барањето ќе одлучи со решение во рок од 15 дена од денот на неговото поднесување. Тоа не го исклучува правото на странката во друга постапка со тужба согласно со закон да бара надоместок на штета причинета со несовесно вршење на доставувањето, од лицето од ставот (1) на овој член.

(4) Судот води евиденција на изречени казни од ставот (2) на овој член за лицата од ставот (1) на овој член.

(5) Три изречени парични казни за исто лице согласно со ставовите (2) и (3) од овој член, претставува основ за поведување на дисциплинска постапка согласно со овој и друг закон. Претседателот на судот по службена должност ги известува администраторот на судот, Нотарската комора на Република Македонија, Комората на извршители и одговорното лице на правното лице заради поведување на дисциплинска постапка.

(6) Поканата за главната расправа или другите покани судот може и усно да му ги соопшти на лицето кое се наоѓа пред судот, со поука за последиците од недоаѓањето. Повикувањето извршено на овој начин ќе се забележи во записникот, кој повиканото лице ќе го потпише, освен ако тоа повикување е забележано во записникот за главна расправа. Се смета дека со тоа е извршено полноважно доставување.

Член 128

Место на достава на писмената

(1) Органот што го изготвил писменото го доставува до лицето за кое е испратено (примател) на адресата на неговото живеалиште или престојувалиште или на адресата каде што работи, а може да се испрати и на друга адреса на која примателот може да се затекне или на адреса на електронско сандаче на примателот.

(2) Доставувањето на писмената на адвокати, правни лица, органи на државна управа и на правни и физички лица кои вршат јавни овластувања, се врши по електронски пат во електронско сандаче регистрирано согласно со закон. Доставувањето по електронски пат се врши преку информатичкиот систем на надлежниот орган на адресата на електронското сандаче на примателот на доставата.

(3) Доколку обвинетиот, оштетениот, сведокот, вештакот или други физички лица кои учествуваат во постапката, на главната расправа, поучени од судот, се согласат доставата да им се врши по електронски пат и достават адреса на електронско сандаче, доставата на овие лица ќе продолжи да се врши по електронски пат, преку информатичкиот систем на судот.

(4) Доколку не постојат технички можности, доставувањето на писмената на адвокати, правни лица, органи на државната управа и на правни и физички лица кои вршат јавни овластувања се врши на адресата запишана во регистарот. Доколку доставата не успее на таа адреса, писменото ќе се истакне на огласна табла на судот и по истекот на осум дена од денот на истакнувањето, се смета дека е извршена уредна достава.

(5) На воените лица, на припадниците на полицијата и на судската полиција, на припадниците на стража во установите во кои се сместени лица лишени од слобода и на работниците од сувоземниот, водениот и воздухопловниот сообраќај, доставувањето на писмена се врши лично и со известување на непосредниот старешина. 

(6) На лицата лишени од слобода доставувањето се врши во судот или на управата на установата во која се сместени.

(7) На лицата кои уживаат дипломатски имунитет во Република Македонија, ако меѓународните договори ратификувани согласно со Уставот на Република Македонија не определуваат поинаку, доставувањето се врши преку Министерството за надворешни работи.

(8) Доставувањето на државјаните на Република Македонија во странство, ако не се применува постапката предвидена во прописите за меѓународна соработка во кривичната материја, се врши по пошта, по електронски пат или со посредство на дипломатско или конзуларно претставништво на Република Македонија во странската држава, под услов странската држава да не му се противи на таквиот начин на доставување и лицето на кое доставувањето се врши доброволно да се согласи да го прими писменото. Овластениот работник на дипломатското или конзуларното претставништво ја потпишува доставницата како доставувач, ако писменото е врачено во самото претставништво, а ако писменото е доставено по пошта, тоа го потврдува на доставницата. Доставата на правно лице кое има седиште во странство може да се изврши преку неговото претставништво или застапништво во Република Македонија.

(9) На лицата вклучени во програма за заштита на сведоци доставувањето се врши преку органот што ја спроведува заштитата.

Член 129

Предавање на писменото

(1) Писменото му се предава непосредно на лицето на кое му е испратено, а тоа е должно да го прими. Ако лицето не се затече таму каде што треба да се изврши доставувањето, доставувачот ќе го предаде на некој од членовите на неговото домаќинство, постари од 16 години, кои се должни да го примат писменото. Ако тие не се затечат во домот, писменото ќе му се предаде на настојникот или на сосед, ако тие се согласат да го примат. Ако доставувањето се врши на работното место на лицето на кое треба да му се достави писменото, а тоа лице не се затече таму, доставувањето може да му се изврши на лице овластено за прием на пошта кое е должно да го прими писменото или на лице кое е вработено на истото место, ако тоа се согласи да го прими писменото. Доколку лицето не се затекне на адресата на која треба да му се изврши доставувањето, доставувачот ќе остави писмено известување заради примање на писменото со кое лицето се известува да дојде во определен ден и час во определена просторија на надлежниот орган за прием на писменото. Ако лицето не постапи по известувањето, се смета дека доставувањето е извршено на денот и часот наведени во известувањето. Со тоа се смета дека писменото е доставено.

(2) Ако се утврди дека лицето на кое писменото треба да му се достави е отсутно и дека лицата од ставот (1) на овој член поради тоа не можат писменото навреме да му го предадат, писменото ќе се врати со назначување каде се наоѓа отсутниот.

(3) Доколку доставата не се изврши согласно со ставот (1) на овој член, органот што ја води постапката ќе го истакне писменото на огласната табла на судот и по истекот на осум дена од денот на истакнувањето се смета дека е извршена уредна достава.

Член 130

Достава до обвинетиот

(1) Ако органот што ја води постапката на обвинетиот не може да му го достави писменото, затоа што не ја пријавил промената на адресата или очигледно на друг начин избегнува да го прими писменото, писменото и пресудата освен во случаите од ставот (2) на овој член ќе се истакне на огласната табла на судот и по истекот на осум дена од денот на истакнувањето се смета дека е извршена уредна достава.

(2) Ако на обвинетиот кој нема бранител треба да му се достави пресуда со која му е изречена казна затвор или издаден казнен налог со пресуда, а доставувањето не може да се изврши на неговата пријавена, адреса, судот по службена должност ќе му постави бранител, кој ќе ја врши оваа должност додека се дознае новата адреса на обвинетиот. На поставениот бранител ќе му се определи потребен рок за запознавање со списите, кој не може да биде пократок од осум дена, а потоа пресудата ќе му се достави на поставениот бранител и постапката ќе продолжи.

(3) Ако обвинетиот има бранител обвинителниот акт, обвинителниот предлог, приватната тужба и сите одлуки од чие доставување тече рокот за жалба, како и жалбата на противната странка која се доставува заради одговор, ќе му се достават и на бранителот и на обвинетиот, според членот 127 од овој закон. Во тој случај рокот за изјавување на правен лек, односно одговор на жалбата, тече од денот на доставата на обвинетиот. Ако на обвинетиот му е изречена мерката притвор или е на издржување на казна затвор, рокот тече од денот на доставата на бранителот.

(4) Ако писменото треба да се достави до бранителот на обвинетиот, а тој има повеќе бранители, доволно е да се достави до еден од нив.

(5) Кога на обвинетиот му се суди во отсуство, писмената се доставуваат на неговиот бранител и со тоа се смета дека е извршена уредна достава.

Член 131
Потврда за извршена достава

(1) Потврдата за извршена достава ја потпишуваат примателот и доставувачот. Примателот ќе го назначи сам на доставницата денот на приемот.

(2) Ако примателот е неписмен или не е во состојба да се потпише, доставувачот ќе го потпише, ќе го назначи денот на приемот и ќе стави забелешка зошто не го потпишал примателот.

(3) Ако примателот или лицето кое е должно да го прими писменото одбие да го прими писменото или да ја потпише доставницата, доставувачот писменото ќе го остави на местото на кое го затекнал примателот или лицето кое е должно да го прими писменото и тоа ќе го забележи на доставницата и ќе го назначи денот, часот и местото на оставање на писменото и со тоа доставувањето е извршено.

(4) Доставата по електронски пат во електронско сандаче се смета за извршена на денот на приемот на писменото по електронски пат.

(5) Информатичкиот систем на надлежниот орган истовремено со испраќање на писменото до примателот на доставата на неговата електронска адреса испраќа и известување дека од информатичкиот систем на надлежниот орган е испратен писмен документ кој имателот на адресата мора да го преземе.

(6) Електронската пошта од електронското сандаче мора да биде преземена најдоцна осум дена од денот на нејзиното испраќање.

(7) Во известувањето од ставот (5) на овој член примателот на доставата се предупредува дека доколку електронската пошта од електронското сандаче не биде преземена во рокот од ставот (6) на овој член, доставувањето ќе се смета за извршено.

(8) Примателот на електронската пошта со својот електронски потпис го докажува својот идентитет, врши увид во своето електронско сандаче и електронски го потпишува писменото кое го упатува до надлежниот орган, односно го потврдува приемот на електронската пошта.

(9) Доколку писменото кое се доставува по електронски пат содржи прилози за кои нема техничка можност да се достават електронски, надлежниот орган во писменото кое го доставува ќе го извести примателот чие седиште, живеалиште или престојувалиште се наоѓа во седиштето на надлежниот орган, дека прилозите треба да ги подигне непосредно во надлежниот орган во рок од три дена од денот на известувањето, а доколку во тој рок не ги подигне, се смета дека прилозите се доставени.

(10) Доставата на прилозите од ставот (9) на овој член, до примателот чие седиште, живеалиште или престојувалиште е надвор од седиштето на надлежниот орган, се врши на еден од начините определени во членот 128 став (1) на овој закон.

Член 132

Доставување преку учесник во постапката, законски застапник и полномошник

(1) Поканите за лицата кои учествуваат во постапката можат да му се предадат на учесник во постапката кој се согласува да му ги врачи на оној до кого се упатени, ако органот смета дека на тој начин е обезбеден нивниот прием.

(2) За поканата за главната расправа или за друга покана, како и за одлуката за одлагање на главната расправа или на други закажани дејствија, лицата наведени во ставот (1) од овој член можат да бидат известени со телеграма, електронска пошта или по телефон, ако според околностите може да се претпостави дека известувањето извршено на тој начин ќе го прими лицето до кое е упатено.

(3) Одредбите од ставовите (1) и (2) на овој член се однесуваат и на обвинетиот, доколку за тоа се согласи изречно на записник пред судот.

(4) За повикувањето и предавањето на одлуката извршени на начинот предвиден во ставовите (1), (2) и (3) на овој член, ќе се состави службена забелешка на списот.

(5) Спрема лицето кое е известено според ставовите (1), (2) или (3) на овој член, односно до кое е упатена одлуката, можат да настапат штетни последици предвидени за пропуштањето само ако се утврди дека тоа навремено ја примило поканата, односно одлуката и дека било поучено за последиците од пропуштањето.

(6) Судот е должен во просториите на судот секој работен ден на сите учесници во постапката по електронски пат или на друг начин да им овозможи пристап до евиденцијата за закажаните расправи.

(7) Ако оштетениот или приватниот тужител има законски застапник или полномошник, доставувањето ќе се изврши на законскиот застапник, односно на полномошникот, а ако ги има повеќе, само на еден од нив.

Член 133

Право на оштетениот и жртвата на разгледување на списи и предмети

Право на разгледување на списи и предмети што служат како доказ во постапката имаат жртвата, оштетениот и нивниот полномошник откако жртвата, односно оштетениот се испитани, освен ако со овој закон поинаку не е определено.

Глава XIV

ИЗВРШУВАЊЕ НА ОДЛУКИТЕ

Член 134

Правосилност и извршност на одлуките

(1) Пресудата и решението стануваат правосилни кога не може повеќе да се побиваат со жалба или кога не е дозволена жалба.

(2) Правосилната пресуда се извршува кога е извршено нејзиното доставување и кога за извршувањето не постојат законски пречки. Ако не е изјавена жалба или странките се одрекле или се откажале од жалбата, пресудата е извршна со истекот на рокот за жалба, односно од денот на одрекнувањето или откажувањето од изјавената жалба. 

(3) Ако судот што ја донел пресудата во прв степен не е надлежен за нејзино извршување ќе достави до органот што е надлежен за извршувањето заверен препис од пресудата со потврда за извршноста.

(4) Ако резервен помлад офицер, офицер или воен службеник е осуден на казна, судот ќе достави заверен препис од правосилната пресуда до органот надлежен за работи на одбраната.

(5) Ако со овој закон поинаку не е определено, решенијата се извршуваат кога ќе станат правосилни. Наредбите се извршуваат веднаш ако органот што ја издал наредбата поинаку не нареди.

(6) Решенијата и наредбите, ако поинаку не е определено, ги извршуваат органите што ги донеле тие одлуки. Ако судот со решение одлучил за трошоците на кривичната постапка, наплатата на тие трошоци се врши според одредбите на членот 135 ставови (1) и (2) од овој закон.

Член 135

Извршување на пресудата во делот на трошоците на кривичната постапка, одземањето на имотната корист и имотноправните барања

(1) Извршувањето на пресудата во делот на трошоците на кривичната постапка, на одземањето на имотната корист и на имотноправните барања го врши надлежниот орган определен со закон.

(2) Присилната наплата на трошоците на кривичната постапка, во корист на Буџетот на Република Македонија се врши по службена должност. Трошоците на присилната наплата претходно се исплатуваат од Буџетот на Република Македонија.

(3) Ако со пресудата не е определен рок за доброволно исполнување на обврската, обврската мора да биде исполнета во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата. По истекот на тој рок пресудата во тој дел станува извршна.

(4) Лицето на кое со пресудата му е наредено плаќање на трошоците на кривичната постапка или од кое е одземена имотната корист, по настапување на извршност на пресудата, судот што ја донел пресудата ќе го повика да достави доказ за навремено исполнување на обврските.

(5) Доколку лицето од ставот (4) на овој член не ја исполни обврската во предвидениот рок, судот што ја донел пресудата по службена должност ќе ја достави пресудата, со потврда за нејзина извршност, на надлежниот орган за извршување од ставот (1) на овој член.

(6) Ако од лицето од ставот (4) на овој член биле привремено одземени пари или други вредности кои се наоѓаат кај судот, секретарот на судот ќе нареди наплата на побарувањата од ставот (1) на овој член, од овие средства. Од овој износ најнапред се наплатува имотноправното побарување, потоа одземената имотна корист, па трошоците на постапката. Ако од одземените пари не можат целосно да се исплатат овие побарувања, за ненаплатениот дел ќе се постапи според одредбите од ставовите (1), (2), (3), (4) и (5) на овој член.

(7) Ако во пресудата е изречена посебна мерка одземање на предмети, судот што ја изрекол пресудата во прв степен ќе одлучи дали таквите предмети ќе се продаваат според одредбите што важат за извршувањето или ќе се предадат на државни органи, криминалистички музеј или на други институции или ќе се уништат. Парите добиени со продажбата на предметите се внесуваат во Буџетот на Република Македонија.

(8) Одредбата од ставот (7) на овој член соодветно ќе се примени и кога ќе се донесе одлука за одземање на предметите врз основа на членот 529 од овој закон.

(9) Правосилната одлука за одземање на предмети, освен во постапка по вонреден правен лек, може да се измени со одлука во парнична постапка ако се јави спор за сопственоста на одземените предмети.

Член 136

Сомневање за дозволеност на извршувањето

(1) Ако се јави сомневање за дозволеноста на извршувањето на судската одлука или засметувањето на казната, или ако во правосилната пресуда не е одлучено засметувањето на притворот или на порано издржаната казна, или засметувањето не е правилно извршено ќе одлучи за тоа со посебно решение претседателот на советот на судот што судел во прв степен, односно судијата поединец. Жалбата не го задржува извршувањето на решението, освен ако судот поинаку не определил.

(2) Ако се јави сомневање за толкувањето на судската одлука за тоа одлучува судот што ја донел правосилната одлука.

Член 137

Препис на одлуката за имотноправно барање

Кога одлуката со која е одлучено за имотноправно барање станала правосилна, оштетениот може да бара судот што одлучил во прв степен да му издаде заверен препис од одлуката со назначување дека одлуката е извршна.

Член 138

Донесување прописи за казнената евиденција

Начинот на водењето, уредувањето и чувањето на казнената евиденција го пропишува министерот за правда.

Глава XV

ЗАШТИТА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ

Член 139

Обработка на личните податоци за потребите на кривичната постапка

(1) Судот, обвинителството и другите органи со посебни овластувања, според овој закон, собираат, обработуваат и чуваат лични податоци за потребите на кривичната постапка, водејќи сметка природата и обемот на податоците да се соодветни на потребите во конкретниот случај.

(2) Збирките кои содржат лични податоци за потребите на кривичната постапка се востановуваат со закон.

(3) Објавувањето на пресудите во електронска форма може да се врши само на интернет или друга комуникациска мрежа, при што не смее да постои можност за дигитално пребарување според категории на лични податоци, категории на лица или по поединечни лични податоци.

(4) Објавените судски пресуди во електронска форма на интернет или друга комуникациска мрежа се бришат по истекот на рокот за бришење на осудата согласно со одредбите од Кривичниот законик.

Член 140

Точност, измена, бришење и чување на личните податоци

(1) Личните податоци кои не се точни или кои се собрани спротивно на закон, мора веднаш да се изменат или избришат.

(2) Точноста на податоците во збирките на лични податоци се проверува на секои пет години, на начин утврден со законот со кој е воспоставена збирката.

(3) Роковите за чување и бришење на личните податоци од збирките се утврдуваат со законот со кој е воспоставена збирката.

Член 141

Давање на личните податоци на корисници

(1) Личните податоци собрани за потребите на кривичната постапка може да се даваат на користење на државни органи и други правни и физички лица само ако тоа е дозволено со закон.

(2) Личните податоци од ставот (1) на овој член можат да се користат, во согласност со закон, во други кривични постапки, во постапка на меѓународна соработка во кривична материја и меѓународна полициска соработка, а во други судски постапки може да се користат само ако предметот во другата судска постапка е директно поврзан со предметот на кривичната постапка.

(3) Личните податоци собрани исклучиво врз основа на утврдување на идентитетот, телесен преглед или молекуларно-генетска анализа, по завршувањето на кривичната постапка можат да се користат, во согласност со закон, само заради откривање или спречување на кривични дела.

Член 142

Право на информираност на субјектот на лични податоци

(1) Ако со закон поинаку не е определено, јавното обвинителство или судот, ќе го информира субјектот на лични податоци, по негово барање, за тоа дали неговите лични податоци биле собрани, обработувани или чувани за потребите на кривичната постапка.

(2) Јавното обвинителство или судот не може да го информира субјектот на лични податоци од ставот (1) на овој член, пред истекот на една година од денот на донесувањето на наредбата за спроведување на истражната постапка.

Член 143

Надзор над обработката на личните податоци

(1) Надзор над обработката на личните податоци и нивната заштита утврдена со овој закон и друг закон врши Дирекцијата за заштита на личните податоци.

(2) Ако со овој закон поинаку не е определено, за собирањето, обработката и чувањето на личните податоци за потребите на кривичната постапка, соодветно се применуваат прописите кои се однесуваат на заштитата на личните податоци и други прописи.

ОДДЕЛ Г. ПРОЦЕСНИ МЕРКИ И ДЕЈСТВИЈА ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА ЛИЦА И ДОКАЗИ

Глава XVI

МЕРКИ ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ПРИСУСТВО НА ЛИЦА И ЗА НЕПРЕЧЕНО ВОДЕЊЕ НА КРИВИЧНАТА ПОСТАПКА

1. Заедничка одредба

Член 144

Мерки за обезбедување присуство на обвинетиот

(1) Мерките кои можат да се преземат спрема обвинетиот за обезбедување на негово присуство и за непречено водење на кривичната постапка се покана, мерки на претпазливост, гаранција, приведување, лишување од слобода, задржување, краткотраен притвор, куќен притвор и притвор.

(2) При одлучувањето која од наведените мерки ќе ја примени, надлежниот орган ќе се придржува кон условите определени за примена на одделни мерки, водејќи сметка да не се применува потешка мерка ако истата цел може да се постигне со поблага мерка. Судот спрема обвинетиот истовремено може да определи повеќе мерки од ставот (1) на овој член, освен кога ќе ја определи мерката притвор.

(3) Овие мерки ќе се укинат по службена должност кога ќе престанат законските услови за определување на мерките или ќе се заменат со друга мерка кога ќе настапат услови за тоа.

(4) Кога обвинетиот не се придржува кон определената мерка за обезбедување присуство, судот може да определи друга мерка за обезбедување присуство.

(5) За приведувањето, лишувањето од слобода и задржувањето, обвинетиот има право да го извести семејството или друго блиско лице.

2. Покана

Член 145

Содржина и доставување на поканата

(1) Обвинетиот и други лица кои учествуваат во кривичната постапка се повикуваат со покана. Поканата ја упатува органот што ја води постапката.

(2) Повикувањето се врши со доставување на затворена писмена покана која ги содржи називот на органот што повикува, името и презимето на повиканото лице, називот на кривичното дело што му се става на товар, местото каде што повиканото лице треба да дојде, денот и часот кога треба да дојде, назначување во какво својство се повикува и предупредување дека во случај на недоаѓање може да биде приведен, службен печат и потпис од одговорното лице, во органот кој го повикува лицето, односно на надлежниот суд и судијата кој го повикува.

(3) Кога обвинетиот за прв пат се повикува ќе се поучи во поканата за правото да земе бранител и дека бранителот може да присуствува на неговото испитување.

(4) Повиканото лице е должно веднаш да го извести органот кој го повикал за промената на адресата, како и за намерата да го промени живеалиштето или престојувалиштето. За тоа ќе се поучи повиканото лице при првото испитување, односно при доставувањето на обвинителниот предлог или приватната тужба, со тоа што ќе се предупреди за последиците определени со овој закон.

(5) Ако повиканото лице не е во состојба да се јави на поканата поради болест или друга неотстранлива пречка, тој може да се испита во местото каде што се наоѓа или за него ќе се обезбеди превоз до седиштето на органот кој повикува или до друго место каде што се презема дејствието.

(6) По потреба, судот може да нареди телесен преглед или вештачење заради проверка на околностите од ставот (5) на овој член.

3. Мерки на претпазливост

Член 146

Видови мерки на претпазливост

(1) Заради остварување на целта предвидена во членот 144 став (1) од овој закон, судот може да определи некоја од следниве мерки на претпазливост:
1) забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето;
2) обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган;
3) привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање;
4) привремено одземање на возачка дозвола, односно забрана за нејзино издавање;
5) забрана за посетување на определено место или подрачје;
6) забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица и
7) забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.

(2) Мерките на претпазливост може да траат додека постои потреба, а најдолго до правосилноста на пресудата.

(3) Судот по службена должност на секои два месеца преиспитува дали има потреба за траење на мерката на претпазливост и таа може да се укине и пред рокот од ставот (2) на овој член, ако престанала потребата или ако повеќе не постојат законски основи за примената.

(4) Со мерките на претпазливост не може да се ограничи правото на обвинетиот на непречена комуникација со својот бранител.

(5) Мерките на претпазливост по предлог на јавниот обвинител во текот на истражната постапка ги определува судијата на претходната постапка, а по стапувањето на обвинението во правна сила или по поднесувањето на обвинителниот предлог до правосилноста на пресудата, судот пред кој се води постапката.

(6) Против решението со кое се определуваат или укинуваат мерките на претпазливост, странките имаат право на жалба во рок од три дена. По жалбата на решението кое го донел судијата на претходната постапка или судијата поединец, одлучува советот од членот 25 став (5) на овој закон, а по жалбата на решение кое го донел судечкиот совет, одлучува советот на непосредно повисокиот суд.

Член 147

Содржина на решението за определување мерка на претпазливост

(1) Со решението со кое се определува мерката на претпазливост забрана на напуштање на престојувалиштето, односно живеалиштето судот ќе го определи местото во кое обвинетиот мора да престојува додека трае мерката, како и границите вон кои не смее да се оддалечува.

(2) Со решението со кое се определува мерката на претпазливост обвинетиот повремено да се јавува на одредено лице или надлежен државен орган, судот ќе определи службено лице на кое обвинетиот мора да му се јавува, рокот во кој треба да се јавува и начинот на водење на евиденцијата за јавување.

(3) Решението со кое се определува мерката на претпазливост привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање, судот го донесува ако постои опасност од бегство. Во решението се наведуваат податоците за патната исправа. Одземената патна исправа се чува кај органот што ја одзел и се враќа со одлука на судот кога ќе престанат причините поради кои била одземена. Забраната за издавање на патна исправа престанува со одлука на судот. Жалбата против одземањето на патната исправа или забраната за нејзино издавање не го задржува извршувањето на решението.

(4) Со решението со кое се определува мерката на претпазливост забрана за посетување на определено место или подрачје судот ќе го определи местото или подрачјето, како и растојанието над кое не смее да се приближува.

(5) Со решението со кое се определува мерката на претпазливост забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со одредени лица, судот ќе ја определи далечината, местото или подрачјето до кое обвинетиот не смее да се приближи, односно ќе наведе поблиски податоци за лицето или лицата со кои се забранува воспоставување или одржување контакти или врски.

(6) Со решението со кое се определува мерката на претпазливост забрана за преземање на определени работни активности што се поврзани со кривичното дело, судот подетално ќе ги определи видот и предметот на тие работни активности.

Член 148

Доставување и извршување на решението

(1) Решението со кое се определуваат мерките на претпазливост, надлежниот орган го доставува и до органот надлежен за нивното извршување.

(2) Мерките на претпазливост ги извршува полицијата.

(3) Мерката на претпазливост обврска на обвинетиот повремено да се јавува на определено службено лице или на надлежен државен орган, ја извршува полицијата или друг надлежен државен орган на кој обвинетиот треба да му се јави.

Член 149

Проверка на извршувањето

(1) Судот може во секое време да наложи проверка на извршувањето на мерката на претпазливост и да побара извештај од полицијата или од друг надлежен државен орган кој ги извршува мерките. Извештајот веднаш се доставува до судот кој ја определил мерката на претпазливост.

(2) За постапувањето на обвинетиот спротивно на забраните или неисполнувањето на обврските определени со мерките на претпазливост, надлежниот државен орган кој го спроведува извршувањето на мерките веднаш го известува судот.

(3) На лице кое ги нарушува мерките на претпазливост определени спрема обвинетото лице, надлежниот орган со посебно решение ќе му ги забрани активностите. Доколку лицето постапи спротивно на решението, ќе се казни со парична казна од членот 88 став (1) на овој закон.

4. Гаранција

Член 150

Определување на гаранцијата

(1) Судот на предлог на странките може да определи гаранција против лице за кое е донесена наредба за спроведување на истражна постапка ако оцени дека постои основано сомневање дека сторило кривично дело и кога постојат околности што:
1) укажуваат на опасност од бегство или
2) го оправдуваат стравот дека обвинетиот ќе го повтори или доврши кривичното дело или ќе го стори кривичното дело со кое се заканува.

(2) Гаранција може да даде обвинетиот лично за себе или за обвинетиот гаранција може да даде некое друго лице.

(3) Висината на гаранцијата ја определува судот по службена должност и таа секогаш гласи на паричен износ што се определува со оглед на тежината на кривичното дело, личните и семејните прилики и имотната состојба на обвинетиот.

(4) Гаранцијата, по правило, се состои во полагање готови пари, хартии од вредност, скапоцености или други подвижни предмети од поголема вредност што лесно можат да се претворат во пари и да се чуваат, или во лична обврска на еден или повеѓе граѓани дека во случаите на бегство, повторување, довршување или сторување на делото со кое се заканува обвинетиот ќе го платат утврдениот износ на гаранцијата. По исклучок, гаранцијата може да се состои и во ставање хипотека за износот на гаранцијата на недвижни добра на лицето кое дава гаранција, кои лесно можат да се претворат во пари. Гаранцијата во готови пари се полага на посебна сметка на судот.

(5) При определувањето на гаранцијата судот може да определи една или повеќе мерки на претпазливост со кои се обезбедува присуството на обвинетиот.

Член 151

Менување на висината на гаранцијата

Веќе определената висина на гаранцијата може да се промени во случај на проширување на истражната постапка, како и доколку во текот на постапката се дознаат дополнителни околности во однос на имотната состојба на обвинетиот, а кои влијаат врз определувањето на висината на гаранцијата.

Член 152

Укинување и враќање на гаранцијата

(1) Гаранцијата му се враќа на лицето кое ја положило ако е донесена ослободителна пресуда, ако обвинението се одбива или ако постапката е запрена.

(2) Ако со пресудата е изречена казна затвор, гаранцијата се укинува дури кога осудениот ќе почне да ја издржува казната.

(3) Во случаите од ставовите (1) и (2) на овој член положените средства и предмети се враќаат, а хипотеката се симнува.

Член 153

Пропаѓање на гаранцијата

(1) Положената гаранција ќе пропадне и на обвинетиот ќе му се определи притвор, ако:
– не дојде на уредно доставената покана и за тоа не го оправда изостанокот;
– побегне и
– го повтори или доврши кривичното дело или го стори кривичното дело со кое се заканува.

(2) Во случаите од ставот (1) на овој член положената гаранција пропаѓа и со решение ќе се одлучи вредноста дадена како гаранција да се внесе како приход во Буџетот на Република Македонија.

Член 154

Надлежен орган за донесување решение за гаранција

(1) Решение за гаранција донесува во текот на истражната постапка судијата на претходна постапка, а по потврдување на обвинителниот акт или поднесување на обвинителен предлог, решение за гаранцијата донесува советот од членот 25 став (5) на овој закон.

(2) Решението со кое се определува гаранција и решението со кое се укинува гаранцијата се донесува по предлог на странките.

Член 155

Жалба на решението за гаранција

Против решението за определување, укинување или пропаѓање на гаранцијата е дозволена жалба до непосредно повисокиот суд.

Член 156

Предлагање гаранција со жалба на решението за притвор

Кога во жалбата на решението со кое е определена мерката притвор обвинетиот поднел и предлог за определување на гаранција, судот надлежен за одлучување по жалбата е должен да одлучи и за гаранцијата.

5. Приведување

Член 157

Основи и постапка за приведување

(1) Наредба да се приведе обвинетиот може да издаде судот ако постојат основи за притвор од членот 165 на овој закон, ако веќе е донесено решение за притвор или ако уредно повиканиот обвинет не дојде, а својот изостанок не го оправда или ако не можело да се изврши уредно доставување на поканата, а од околностите очигледно произлегува дека обвинетиот го одбегнува приемот на поканата.

(2) Наредбата за приведување ја извршува полицијата.

(3) Наредбата за приведување се издава писмено. Наредбата треба да содржи име и презиме на обвинетиот што треба да се приведе, назив на кривичното дело што му се става на товар со наведување на одредбата од законот, основот поради кој се наредува приведувањето, службен печат и потпис од судијата кој го наредува приведувањето.

(4) Лицето на кое му е доверено извршувањето на наредбата на обвинетиот му ја предава наредбата и го повикува доброволно да појде со него. Ако обвинетиот одбие доброволно да појде, ќе го приведе присилно. По исклучок, кога се очекува активен отпор, приведувањето ќе се изврши без претходно предавање на наредбата од ставот (1) на овој член.

6. Лишување од слобода

Член 158

Основи и постапка на лишување од слобода без налог на суд

(1) Лицето затечено во извршување на кривично дело за кое се гони по службена должност може да го лиши од слобода секој ако постои опасност од бегство за што веднаш се известува полицијата. Лицето лишено од слобода се задржува сѐ до доаѓањето на полицијата, која мора за тоа веднаш да биде известена.

(2) Лице затечено во извршување на кривично дело е лице кое е забележано при вршење на дејствието на делото, односно лице кое непосредно по сторено кривично дело е затечено под околности кои укажуваат дека сторило кривично дело.

(3) Правосудната полиција може без одлука на суд да лиши од слобода и лице за кое постојат основи на сомневање дека сторило кривично дело за кое се гони по службена должност само ако постои опасност од одлагање, ако постои некоја од причините за притвор од членот 165 став (1) на овој закон, но е должна веднаш, а најдоцна во рок од шест часа од лишувањето од слобода да го изведат лицето пред надлежниот судија на претходната постапка и за тоа да го извести јавниот обвинител. За причините и за времето на лишувањето од слобода правосудната полиција го известува судијата на претходната постапка, за што составува службена белешка. Ако не е составена службена белешка, судијата на претходната постапка даденото известување ќе го внесе во записник.

(4) При лишувањето од слобода лицето веднаш ќе се запознае за причините за лишувањето од слобода и ќе се поучи за правата од членот 69 на овој закон веднаш или откако за тоа ќе се создадат услови.

7. Задржување

Член 159

Основи за задржување и поука за правата на задржаното лице

(1) Правосудната полиција, по исклучок, лицето лишено од слобода согласно со членот 158 од овој закон може да го задржи, ако задржувањето е потребно заради утврдување на идентитетот, проверување на алиби или од други причини е потребно да се соберат нужни податоци за водење на постапката против тоа лице.

(2) Лицето лишено од слобода кое е задржано мора да биде известено за причините за лишувањето од слобода и за задржувањето, како и за делото за кое се товари, ќе се поучи за правото на молчење, правото на информирање на семејството или друго лице по негов избор, правото на бранител и на лекарски преглед. На овие права лицето може да се повика веднаш или во кое било време додека е задржано.

Член 160

Доведување на задржаното лице пред службеникот за прифат

(1) Лицето лишено од слобода мора во рок од најмногу шест часа да се доведе пред службеникот за прифат во посебно определените полициски станици, кој со посебно пишано и образложено решение ќе одлучи дали лицето ќе се задржи поради причините од членот 159 став (1) на овој закон или ќе биде пуштено на слобода. Секое задоцнување мора посебно да се образложи.

(2) За лицата лишени од слобода се води посебен регистар во информатичкиот систем на Министерството за внатрешни работи. Увид и контрола во овој регистар редовно врши надлежниот јавен обвинител. Увид во овој регистар врши и Народниот правобранител на Република Македонија.

(3) Службеникот за прифат го известува јавниот обвинител веднаш по приемот на лицето лишено од слобода. Известувањето се внесува во записникот за задржување.

(4) Службеникот за прифат ги внесува во записник и приемот на предметите одземени од лицето лишено од слобода. Примерок од овој записник се доставува на јавниот обвинител, лицето лишено од слобода и полицискиот службеник што го довел.

(5) Службеникот за прифат наложува претрес на лицето лишено од слобода при неговото доведување во полициската станица или друго место определено за задржување согласно со членот 161 став (4) на овој закон. Предметите и трагите кои можат да послужат како доказ или кои можат да ја загрозат безбедноста на лицето лишено од слобода или некое друго лице привремено ќе се одземат со потврда.

(6) По потреба ќе се наложи и лекарски преглед на лицето лишено од слобода. Лекарски преглед секогаш ќе се наложи ако лицето се жали на повреда, болка или болест. Службеникот за прифат секогаш ќе праша дали лицето боледува од некаква болест и дали е на некаков медицински третман, односно лекарства.

Член 161

Постапка со задржаните лица

(1) Лицето лишено од слобода може насамо да се советува со адвокат во секое време, било да е дење или ноќе. Ако нема свој адвокат или не може да стапи во контакт со него, лицето лишено од слобода може да побара да ја види листата на дежурните адвокати. Адвокатот може во секое време да дојде да го посети во полициската станица. Во времето од 20,00 часот навечер до 8,00 часот наутро лицето има право да добие адвокат од листата на дежурни адвокати, која ја составува Адвокатската комора на Република Македонија. Трошоците за дежурниот адвокат како бранител за време на задржувањето ноќе паѓаат на товар на Буџетот на Република Македонија.

(2) Лице кое е странски државјанин има право да контактира со дипломатско-конзуларното претставништво на неговата земја. Полицијата ќе му помогне да стапи во контакт со дипломатско-конзуларното претставништво или со друг претставник со дипломатски статус кој ги застапува интересите на неговата земја.

(3) Задржувањето може да трае најдолго 24 часа од моментот на лишување од слобода и во овој рок лицето мора да се изведе пред надлежниот судија. По истекот на овој рок задржаното лице мора да биде пуштено на слобода.

(4) Лицето се задржува во посебно уредени полициски станици или за таа намена посебно уредени простории на Царинската управа и Управата за финансиска полиција, определени со акт на министерот за внатрешни работи, односно министерот за финансии. За секое задржано лице, службеникот за прифат составува посебен записник во кој се внесуваат податоци за: денот и часот на лишувањето од слобода; причините за лишувањето од слобода; причините за задржувањето; времето кога е поучено за неговите права; знаци на видливи повреди, болест, ментална растроеност и слично; кога е контактирано со семејството, бранителот, лекар, дипломатско-конзуларно претставништво и слично; податоци кој и кога разговарал со него; дали е префрлено во друга полициска станица; ослободување или изведување пред суд и други важни податоци. Задржаното лице ќе се потпише на записот во однос на часот и датумот на лишувањето, часот и датумот на пуштањето на слобода и поуката за правото на бранител, како и на записникот во целина. Отсуството на потпис на задржаното лице службеникот за прифат мора да го образложи. На задржаното лице му врачува примерок од записникот при негово пуштање на слобода или предавањето на судијата на претходната постапка. Доколку лицето е префрлено во друга полициска станица или друго место определено за задржување, се доставува копија од записникот до тамошниот службеник за прифат.

(5) Народниот правобранител на Република Македонија, претставниците на Европскиот комитетот за превенција од тортура или понижувачко однесување или казнување на Советот на Европа, претставниците од Поткомитетот за превенција од тортура и друг вид нечовечко постапување и казнување при Комитетот за спречување на тортурата при Организацијата на Обединетите нации имаат право без дозвола и одобрение да ги посетуваат и без надзор да разговараат со задржаните лица.

Член 162

Контрола на законитоста на лишувањето од слобода

Ако лицето лишено од слобода, односно задржаното лице е изведено пред судијата на претходната постапка, судијата на претходната постапка по службена должност ја испитува законитоста на лишувањето од слобода и задржувањето е должен тоа да го утврди со решение (член 69 став (4)). Лицето лишено од слобода, односно задржаното лице кое не е изведено пред судијата на претходната постапка, може во рок од 30 дена од денот на пуштањето на слобода да бара од судијата на претходната постапка на надлежниот суд да ја испита законитоста и тоа да го утврди со посебно решение. Против ова решение е дозволена посебна жалба во рок од 48 часа до советот од членот 25 став (5) на овој закон, кој решава во рок од три дена.

8. Куќен притвор

Член 163

Определување куќен притвор

(1) Ако постои основано сомневање дека определено лице сторило кривично дело и има услови за определување притвор од членот 165 став (1) на овој закон, судот може да определи мерка куќен притвор и да му нареди на тоа лице да не го напушта домот за определено време.

(2) На лицето против кое е определен куќен притвор судот може по исклучок да му определи да се оддалечи за одредено време од станот или од друг простор, ако:
1) тоа е потребно за лекување или
2) тоа го бараат посебните околности поради кои може да настапат штетни последици по животот, здравјето или имотот на лицето или на неговите блиски.

(3) Во решението со кое се определува куќен притвор, покрај забраната за оддалечување од домот или од друг простор, судот може да определи забрана за комуникација со лица или забрана за употреба на средствата за комуникација, односно обврска за почитување на мерките на видео и електронски надзор, или да нареди примена на други мерки согласно со членот 146 од овој закон.

(4) Ако лицето против кое е определен куќниот притвор се оддалечи од домот или од друг простор спротивно на забраната на судот, или во определено време не се врати во домот или другиот определен простор, или не се придржува на забраната за комуникација со лицата или забраната за употреба на средствата за комуникација или го избегнува или попречува спроведувањето на мерките на видео и електронски надзор, против тоа лице ќе се одреди притвор. Лицето за тоа ќе се опомене со решението за куќен притвор.

(5) Судот врши надзор над куќниот притвор, а надзорот може да го довери на полицијата, определувајќи го и начинот на неговото извршување.

(6) При определување на куќниот притвор соодветно се применуваат одредбите во однос на определување на мерката притвор, ако со овој закон поинаку не е определено.

9. Притвор

Член 164

Определување притвор

(1) Притвор може да се определи само под условите предвидени во овој закон.

(2) Траењето на притворот мора да биде сведено на најкратко нужно време. Должност е на сите органи што учествуваат во кривичната постапка и на органите што им укажуваат правна помош да постапуваат со особена итност ако обвинетиот се наоѓа во притвор.

(3) При одлучување за притворот, особено за неговото траење, ќе се води посебна сметка за сразмерноста меѓу тежината на стореното кривично дело, казната која може да се очекува според податоците со кои располага судот и потребите за определување и траење на притворот.

(4) Во текот на целата постапка притворот ќе се укине веднаш штом ќе престанат причините врз основа на кои бил определен.

Член 165

Основи за определување притвор

(1) Ако постои основано сомневање дека определено лице сторило кривично дело, доколку притворот е неопходен за непречено водење на кривичната постапка, против тоа лице може да се определи притвор, ако:
1) се крие, ако не може да се утврди неговиот идентитет или ако постојат други околности што укажуваат на опасност од бегство;
2) постои основан страв дека ќе ги сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело или ако особени околности укажуваат дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, вештаците, соучесниците или прикривачите;
3) особени околности го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело, или ќе го доврши обиденото кривично дело или дека ќе стори кривично дело со кое се заканува или
4) уредно повиканиот обвинет очигледно избегнува да дојде на главната расправа, или ако судот направил два обиди уредно да го повика обвинетиот, а сите околности укажуваат дека обвинетиот очигледно одбегнува да ја прими поканата.

(2) Во случајот од ставот (1) точка 1 на овој член притворот што е определен само поради тоа што не може да се утврди идентитетот на лицето, трае додека овој идентитет не се утврди.

(3) Во случајот од ставот (1) точка 2 на овој член притворот ќе се укине веднаш штом ќе се обезбедат доказите поради кои е определен притворот.

(4) Во случајот од ставот (1) точка 4 на овој член притворот трае до објавувањето на пресудата, а најдолго 30 дена.

(5) Притвор нема да се определи врз основа на ставот (1) точка 2 на овој член ако обвинетиот дал изјава со која ја признал вината.

Член 166

Орган за определување притвор во претходна постапка

Притвор во претходна постапка определува судот по писмен и образложен предлог на овластен тужител и само врз основите што ги навел овластениот тужител во предлогот.

Член 167

Елементи на решението за притвор

(1) Притворот се определува со писмено решение. Изреката на решението за определување притвор, содржи:
1) име и презиме на лицето кое се лишува од слобода;
2) кривичното дело за кое се обвинува;
3) податоците за наредбата за спроведување истражна постапка;
4) законскиот основ за определување притвор;
5) рокот на кој во истражната постапка бил определен притворот;
6) одредбата за пресметување на времето за кое лицето кое се притвора било лишено од слобода пред донесување на решението за притвор;
7) називот на установата во која се извршува мерката притвор и
8) поуката за правото на жалба на решението за притвор.

(2) Во образложението на решението за притвор задолжително ќе се наведат:
1) сите факти и докази од кои произлегува основаното сомневање дека обвинетиот го сторил кривичното дело,
2) образложените причини кои ја оправдуваат секоја одделна основа по која е определен притворот и
3) причините поради кои судот смета дека целта на притворот не може да се оствари со некоја друга мерка за обезбедување присуство.

(3) Решението се заверува со службен печат и потпис на судијата кој го определува притворот.

(4) Со решението со кое се определува притворот од оправдани причини може да се определи извршувањето на притворот да се спроведе во одделение за притвор во друга казнено-поправна установа.

(5) Ако обвинетиот не определил бранител, заедно со решението, ќе му се определи бранител по службена должност (член 74 ставови (1), (2) и (6)). Во случај на спреченост на претседателот на судот, бранителот ќе го постави судијата на претходната постапка.

Член 168

Изведување пред судија и определување бранител

(1) Судијата на претходната постапка ќе ги испита двете странки и бранителот за околностите од значење за определување на притворот, а на лицето лишено од слобода кое му е доведено веднаш ќе му соопшти дека може да земе бранител кој може да присуствува на неговото испитување и ако е потребно ќе му помогне да најде бранител.

(2) Ако лицето лишено од слобода изјави дека не сака да земе бранител, судијата на претходната постапка е должен да го сослуша без одлагање.

(3) Ако во случај на задолжителна одбрана (член 74 ставови (1) и (2)) лицето лишено од слобода не земе бранител во рок од 12 часа од часот кога е поучено за ова право, или изјави дека не сака да земе бранител, ќе му се назначи бранител по службена должност.

(4) Веднаш по сослушувањето судијата на претходна постапка ќе одлучи дали лицето лишено од слобода ќе го притвори или ќе го пушти на слобода.

Член 169

Доставување на решението за притвор и правото на жалба

(1) Решението за притвор му се предава на лицето на кое се однесува веднаш, но не повеќе од шест часа од неговото изведување пред судијата на претходна постапка. Во списите мора да се назначи часот на изведување пред судијата и часот на предавањето на решението.

(2) Против решението со кое се определува притвор, притвореното лице може да се жали до советот од членот 25 став (5) на овој закон во рок од 24 часа од часот на предавањето на решението. Ако притвореното лице прв пат се испитува, по истекот на овој рок, може да изјави жалба при сослушувањето. Жалбата со препис од записникот за сослушување, ако притвореното лице е сослушано, и решението за притворот се доставуваат веднаш до советот. Жалбата не го задржува извршувањето на решението.

(3) Против решението на судијата на претходна постапка со кое се одбива предлогот за определување притвор, дозволена е жалба во рок од 24 часа до советот од членот 25 став (5) на овој закон. Жалбата не го задржува извршувањето на решението. Против решението на советот од членот 25 став (5) на овој закон, со кое се определува притвор, обвинетиот има право на жалба во рок од 24 часа за која одлучува советот на повисокиот суд.

(4) Во случаите од ставовите (2) и (3) на овој член советот што одлучува по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа.

(5) Јавниот обвинител и бранителот можат да бараат да бидат известени за седница на советот и на седницата усно да ги изнесат и да ги образложат своите предлози. Нивното недоаѓање не го спречува одржувањето на седницата.

Член 170

Краткотраен притвор

(1) Судијата на претходната постапка може по предлог на јавниот обвинител со писмено и образложено решение да му определи на лицето лишено од слобода краткотраен притвор до 48 часа од доведувањето на лицето лишено од слобода пред судијата на претходна постапка, во случај кога ќе најде дека постои основано сомневање дека лицето е сторител на кривично дело кое му се става на товар и дека постојат основи за определување на мерката притвор од членот 165 став (1) точки 1, 2 и 3 на овој закон, ако јавниот обвинител против лицето сѐ уште не донел наредба за спроведување истражна постапка.

(2) Ако јавниот обвинител по истекот на рокот од 48 часа не поднесе предлог за определување мерка притвор од членот 165 став (1) точки 1, 2 и 3 на овој закон обвинетиот ќе се пушти на слобода.

(3) Во случаи со поголем број обвинети или други особено сложени случаи по образложено барање на јавниот обвинител, судијата на претходната постапка рокот од ставот (1) на овој член може да го продолжи најмногу за уште 48 часа.

(4) Решението за краткотраен притвор од ставот (1) на овој член му се врачува на лицето против кое е определен и се доставува до надлежниот јавен обвинител.

(5) Против решението од ставот (1) на овој член е дозволена жалба во рок од пет часа од врачувањето до советот од членот 25 став (5) на овој закон, кој е должен да реши по жалбата во рок од три часа.

Член 171
Траење на притворот во истражната постапка

(1) Притворот определен со решение на судијата на претходната постапка или притворот кој прв пат е определен за време на истражната постапка со решение на советот може да трае најдолго 30 дена од денот на лишувањето од слобода. Во времетраењето на притворот се засметува секое лишување од слобода.

(2) По образложен предлог на јавниот обвинител советот од членот 25 став (5) на овој закон може притворот во текот на истражната постапка да го продолжи најмногу за уште 60 дена.

(3) Ако истражната постапка се води за кривично дело за кое според законот може да се изрече казна затвор во траење од најмалку четири години, по образложен предлог на јавниот обвинител, советот на непосредно повисокиот суд може по истек на рокот од ставот (2) на овој член, притворот да го продолжи уште најмногу за 90 дена.

(4) Вкупното траење на притворот во истражната постапка, сметајќи го и времето на траење на лишувањето од слобода пред донесувањето на решението за притвор не може да биде подолго од 180 дена и со истекот на тој рок притворениот веднаш ќе се пушти на слобода.

(5) Пред подигањето на обвинителниот предлог во скратена постапка, притворот може да трае толку колку што е потребно да се извршат истражните дејствија, но не повеќе од осум дена.

(6) Против решението на советот за продолжување на притворот дозволена е жалба во рок од 48 часа до непосредно повисокиот суд. Жалбата не го одлага извршувањето.

Член 172

Траење на притворот по одобрување на обвинителниот акт

(1) По одобрување на обвинението до завршувањето на главната расправа, по предлог на странките, притворот може да се определи, продолжи или укине само со решение на советот (член 25 став (1) или (5)).

(2) По правосилност на обвинението притворот може да трае најмногу до:
1) една година за кривичните дела за кои може да се изрече казна затвор до 15 години и
2) две години за кривичните дела за кои може да се изрече казна затвор доживотен затвор.

(3) По предлог на странките и по службена должност советот е должен по истекот на 30 дена од правосилноста на последното решение за притвор, да испита дали сѐ уште постојат причините за притвор и да донесе решение за продолжување или укинување на притворот.

(4) Жалбата против решението од ставовите (1) и (3) на овој член не го задржува извршувањето на решението.

(5) Против решението на советот со кое се одбива предлогот за определување или укинување на притворот не е дозволена посебна жалба.

(6) Ако обвинетиот побегне од притвор роковите за притвор од овој член ќе почнат да течат одново.

Член 173

Укинување на притворот

(1) Притворот се укинува со решение и обвинетиот ќе се пушти на слобода кога судот ќе оцени дека е исполнет некој од следниве услови:
1) кога ќе престанат причините поради кои притворот бил определен, односно продолжен;
2) ако натамошниот притвор не би бил во сразмерност со тежината на стореното кривично дело;
3) кога истата цел заради која е определен притворот може да се постигне со некоја друга мерка;
4) кога укинување на притворот предложил јавниот обвинител пред поднесување на обвинителниот акт;
5) ако обвинетиот е ослободен од обвинението или е огласен за виновен а е ослободен од казната или е осуден само на парична казна, или му е изречена судска опомена или условна осуда, или поради засметувањето на притворот казната веќе ја издржал или ако обвинението е одбиено, освен во случај кога е одбиено поради ненадлежност на судот;
6) кога ќе истечат роковите за траење на притворот или
7) кога притворот е определен според членот 165 став (1) точка 2 од овој закон, а обвинетиот дал изјава за признавање на вината или откако ќе бидат прибавени сите докази поради кои притворот по овој основ бил определен, а најдоцна до завршување на главната расправа.

(2) Против решението од ставот (1) на овој член дозволена е жалба во рок од 24 часа до советот од членот 25 став (5) на овој закон, односно советот на повисокиот суд кој во рок од 48 часа мора да одлучи по жалбата.

(3) Жалбата не го одлага извршувањето на решението.

Член 174

Притвор по објавување на пресудата

(1) Кога ќе изрече пресуда со која обвинетиот се осудува на казна затвор, судечкиот совет може да определи притвор ако обвинетиот веќе не се наоѓа во притвор.

(2) За определување или укинување на притворот од завршување на главната расправа до објавување на пресудата надлежен е судечкиот совет, а од објавувањето на пресудата до нејзината правосилност, надлежен е советот од членот 25 став (5) на овој закон.

(3) Пред донесувањето на решението со кое се определува или укинува притвор во случаите од ставовите (1) и (2) на овој член ќе се испита јавниот обвинител кога постапката се води по негово барање.

(4) Ако обвинетиот веќе се наоѓа во притвор, а советот најде дека сѐ уште постојат причините поради кои бил определен притвор ќе донесе посебно решение за продолжување на притворот. Посебно решение советот донесува и кога треба да се определи или укине притворот. При одлучувањето за притвор ќе се води посебна сметка за штетноста на последиците на кривичното дело и на јачината на загрозувањето или повредата на заштитното добро.

(5) Притворот што е определен или продолжен според одредбите на овој член, може да трае до започнување со издржување на казната, односно до правосилноста на пресудата, но најдолго додека не истече времето на траење на изречената казна затвор.

(6) Кога судот ќе изрече казна затвор обвинетиот, кој се наоѓа во притвор со решение на претседателот на советот, може да се упати во установа за издржување на казна и пред правосилноста на пресудата, ако тој го бара тоа.

10. Постапка со притворениците

Член 175

Известување на семејството

(1) Судот е должен во рок од 24 часа за притворувањето да го извести семејството на притвореното лице, освен ако лицето се противи на тоа. За притворувањето ќе се извести надлежниот орган за социјални работи, ако е потребно да се преземат мерки за згрижување на децата и на другите членови на семејството за кои се грижи притвореното лице.

(2) Доколку притвореното лице е странски државјанин, судот е должен во рок од 24 часа да го извести за притворувањето дипломатско-конзуларното претставништво на државата чиј државјанин е лицето.

Член 176

Почитување на личноста и достоинството

(1) При издржувањето на притворот не смее да се навредува личноста и достоинството на обвинетиот.

(2) Спрема притворенкот може да се применуваат само ограничувања што се потребни да се спречи бегството и договор што би можел да биде штетен за успешното водење на постапката.

(3) Во иста просторија не можат да бидат затворени лица кои не се од ист пол. По правило, во иста просторија не можат да се сместуваат лица кои учествувале во извршување на исто кривично дело ниту лица кои се на издржување казна со лица во притвор. Ако е тоа можно, лицата кои сториле кривично дело во поврат нема да се сместуваат во иста просторија со други лица лишени од слобода врз кои би можеле штетно да влијаат.

(4) Притвореното лице има право да бара притворот да го издржува во индивидуална просторија.

Член 177

Права на притвореникот

(1) Притвореникот има право на осумчасовен непрекинат одмор во време од 24 часа. Покрај тоа нему ќе му се обезбеди движење на отворен простор во затворот најмалку два часа дневно.

(2) Притвореникот има право да се храни на свој трошок, да носи своја облека и да се служи со свои постелни работи, на свој трошок да набавува книги, весници и други работи што одговараат на неговите редовни потреби, доколку тоа не би било штетно за успешно водење на постапката. За тоа одлучува органот што ја спроведува истражната постапка.

(3) Притвореникот ја одржува хигиената во просторијата во која престојува. Ако притвореникот бара да работи судијата на претходна постапка, односно претседателот на советот, во спогодба со управата на затворот, може да дозволи тој да работи во кругот на затворот на работи што одговараат на неговите психофизички особености, под услов тоа да не е штетно за водењето на постапката.

(4) Начинот на примањето и распоредувањето на притворените во затворите, како и организирањето на работата на притвореникот од ставот (3) на овој член ги пропишува министерот за правда.

Член 178

Посета на притвореникот

(1) По одобрение на судијата на претходната постапка во текот на истражна постапка и по негов надзор или под надзор на лице кое тој ќе го определи, притвореникот, во границите на куќниот ред, можат да го посетуваат блиски роднини, а по негово барање – лекар и други лица.

(2) Шефови на дипломатско-конзуларните претставништва во Република Македонија по одобрение на судијата на претходната постапка кој ја спроведува истражната постапка имаат право да го посетуваат и без надзор и да разговараат со притвореното лице државјанин на нивната држава. Одобрение за посета се бара преку Министерството за правда.

(3) Народниот правобранител на Република Македонија, претставниците на Европскиот комитетот за превенција од тортура или понижувачко однесување или казнување на Советот на Европа, претставниците од Поткомитетот за превенција од тортура и друг вид нечовечно постапување или казнување при Комитетот за спречување на тортурата при Организацијата на Обединетите нации имаат право без дозвола и одобрение да ги посетуваат и без надзор да разговараат со притворени лица. 

(4) Претставници на Меѓународниот комитет на црвениот крст имаат право по одобрение на судијата на претходната постапка да ги посетуваат и без надзор да разговараат со притворените лица. 

(5) Притвореникот може да се допишува со лица надвор од затворот со знаење и под надзор на органот што ја спроведува истражната постапка. Овој орган може да забрани испраќање и примање писма и други пратки штетни за водењето на постапката. Испраќањето на молба, поплака или жалба не може никогаш да се забрани.

(6) По поднесено обвинение или приватна тужба до правосилноста на пресудата, овластувањата од ставовите (1) и (2) на овој член ги врши претседателот на советот.

Член 179

Дисциплинска одговорност на притвореникот

(1) За дисциплински престапи на притвореникот судијата на претходната постапка, односно претседателот на советот може да изрече дисциплинска казна ограничување на посети. Ова ограничување не се однесува на комуникацијата на притвореникот со бранителот.

(2) Против решението за казната изречена според ставот (1) од овој член е дозволена жалба до советот од членот 25 став (5) на овој закон на надлежниот суд во рок од 24 часа од часот на приемот на решението. Жалбата не го задржува извршувањето на решението.

Член 180

Надзор над притворениците

(1) Надзор над притворениците врши претседателот на надлежниот првостепен суд.

(2) Претседателот на судот од ставот (1) на овој член или судијата кој тој ќе го определи е должен најмалку еднаш неделно да ги посети притворениците без присуство на надзорникот и стражарите и ако најде за потребно да информира и како се хранат притворениците, како се снабдуваат со други потреби и како се постапува со нив. Претседателот, односно судијата кој тој ќе го определи е должен да преземе потребни мерки да се отстранат неправилностите воочени при посетата на затворот. Определениот судија не може да биде судијата на претходната постапка.

(3) Претседателот на судот, судијата на претходната постапка и Народниот правобранител на Република Македонија можат да го посетат притвореното лице во кое било време, да разговараат со него без присуство на службени лица и да примаат поплаки од него.

Глава XVII

МЕРКИ ЗА ПРОНАОЃАЊЕ И ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА ЛИЦА И ПРЕДМЕТИ

1. Претрес

Член 181

Поим

(1) Претрес е дејствие на истражување на простории, лица и предмети под услови и на начин пропишан со закон.

(2) Претресот на дом и пребарувањето на компјутер го наредува судот со писмена и образложена наредба по барање на јавниот обвинител, а во случај на опасност од одлагање и по барање на правосудната полиција.

Член 182

Основи за претрес

(1) Претрес на дом на обвинетиот и на други лица, може да се преземе кога е веројатно дека ќе се пронајде обвинетиот кој се бара заради приведување или ќе се пронајдат траги на кривичното дело или предмети важни за кривичната постапка.

(2) Претрес на адвокатска канцеларија може да се преземе само во постапка против адвокатот и тоа во однос на предмет, спис или исправа посебно определени во наредбата за претрес.

(3) Претрес на лице може да се преземе кога е веројатно дека кај него ќе се пронајдат траги или предмети важни за кривичната постапка.

Член 183

Претрес на дом

(1) При претрес на дом се претресува една или повеќе простории кои лицето ги користи како свој дом и простории кои се просторно поврзани со домот и имаат иста цел на користење.

(2) Претрес на домот опфаќа и претрес на подвижните предмети на лицето затечени во домот и другите простории, кога тоа е наведено во наредбата за претрес или кога во однос на затеченото лице постојат услови за претрес без наредба.

Член 184

Пребарување на компјутерски систем и компјутерски податоци

(1) По барање на извршителот на наредбата лицето, кое го користи компјутерот или има пристап до него или до друг уред или носител на податоци, е должно да овозможи пристап до нив и да ги даде потребните известувања за непречено остварување на целта на претресот.

(2) По барање на извршителот на наредбата лицето кое го користи компјутерот или има пристап до него или до други уред или носител на податоци е должно веднаш да преземе мерки со кои се спречува уништување или менување на податоците.

(3) Лицето кое го користи компјутерот или има пристап до него или до друг уред или носител на податоци, а кое нема да постапи по ставовите (1) и (2) на овој член, а за тоа не постојат оправдани причини, судијата на претходната постапка ќе го казни според одредбите од членот 88 став (1) на овој закон.

Член 185

Претрес на лице

(1) Претрес на лице опфаќа претрес на облеката, обувките, површината на телото, подвижните предмети што лицето ги носи или се во негово владение, просторот во кој е затечено лицето во време на преземањето на претресувањето и средството за превоз кое се користи во време на претресувањето.

(2) Претресот го врши лице од ист пол, освен ако тоа не е можно од околностите во кои се врши. Околностите поради кои претресувањето го извршило лице од друг пол ќе се внесат во записникот за претрес.

(3) Претресот кој вклучува соблекување на делови од облеката секогаш го врши лице од ист пол.

(4) За претрес на интимните делови на телото или телесните отвори е неопходно изрично одобрение на судот. Интимните претреси ги врши медицинско лице.

Член 186

Барање за издавање на наредба за претрес

(1) Барањето за издавање на наредба за претрес се поднесува во усна или писмена форма. Ако барањето е поднесено во писмена форма, тогаш тоа мора да е составено, потпишано и заверено на начин пропишан во ставот (2) на овој член.

(2) Барањето за издавање наредба за претрес мора да содржи:
– назив на судот, како и име и функција на подносителот на барањето,
– факти што укажуваат на веројатноста дека лицето, односно предметите наведени во членот 182 став (1) на овој закон ќе се најдат на означеното или опишаното место или кај определено лице и
– барање судот да издаде наредба за претрес поради пронаоѓање на лице или одземање на предмети.

Член 187

Усно барање за издавање на наредба за претрес

(1) Барањето за издавање на наредба за претрес може да се поднесе во усна форма кога постои опасност од одлагање. Усното барање може да му се соопшти на судијата на претходната постапка и по телефон, радиоврска или преку друго средство на електронска комуникација.

(2) Кога е поднесено усно барање за издавање на наредба за претрес, судијата на претходната постапка натамошниот тек на разговорот ќе го забележи. Во случајот кога се користи звучен или стенографски запис, судијата на претходната постапка е должен да го даде записникот на препис, да ја завери идентичноста на преписот и да ги предаде оригиналниот записник и преписот на судот во рок од 24 часа од издавањето на наредбата. Во случај на дословно бележење на разговорот, судијата на претходната постапка ќе се потпише на копијата од записникот и ќе ја предаде на судот во рок од 24 часа од издавањето на наредбата.

Член 188

Решавање по барањето за издавање наредба за претрес

По барањето за издавање на наредба за претрес судијата на претходната постапка одлучува веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од приемот на барањето.

Член 189

Содржина на наредбата за претрес

Наредбата за претрес содржи:
– назив на судот што ја издал наредбата,
– ако наредбата за претрес се издава врз основа на усно барање, тоа ќе се наведе заедно со означување на името на судијата на претходната постапка што ја издава наредбата и времето и местото на издавање,
– органот на кој се однесува наредбата,
– целта на претресувањето,
– име и презиме, а по потреба и опис на лицето кое треба да се пронајде или опис на предметите што треба да се пронајдат при претресувањето,
– одредување или опис на местото што ќе се претресува или лицето кое треба да се пронајде, со наведување на адреса, податоци за сопственикот, односно владетелот на предметот или домот и другите простории и други податоци значајни за утврдување на идентитетот,
– упатство дека наредбата треба да се изврши меѓу 5,00 и 21,00 часот или овластување дека наредбата може да се изврши во кое било време ако тоа судот изрично го одреди,
– овластување на извршителот на наредбата дека може без предавање на наредба да влезе во просториите што треба да се претресат ако тоа судот изрично го одреди,
– упатство наредбата и одземените предмети да му се однесат на судот без одлагање,
– поука дека обвинетиот има право да го извести бранителот и дека претресот може да се изврши и без присуство на бранителот ако тоа го бараат исклучителни околности и
– потпис на судијата на претходната постапка кој ја издава наредбата и службен печат на судот.

Член 190

Време на извршување на претресот

(1) Наредбата за претрес мора да се изврши во рок од 15 дена од денот на нејзиното издавање по чиј истек, без одлагање, мора да му се врати на органот што ја издал наредбата, кој ќе ја поништи.

(2) Наредбата за претрес може да се изврши во кој било ден од седмицата.

(3) Претресувањето се врши дење. Претресувањето може да продолжи и ноќе ако е започнато дење па не е довршено. По исклучок, претресувањето може да се изврши ноќе ако постои опасност од одлагање.

Член 191

Правила за претрес

(1) Пред почетокот на претресот, извршителот на наредбата мора да се легитимира и да му ја предаде наредбата за претрес на лицето кај кое или врз кое ќе се врши претресот. Пред претресот лицето на кое се однесува наредбата за претрес ќе се повика доброволно да го предаде лицето, односно предметите што се бараат.

(2) Лицето ќе се поучи дека има право да земе бранител, кој може да присуствува на претресот. Кога лицето на кое се однесува наредбата за претрес бара присуство на бранител, почетокот на претресот ќе се одложи до неговото доаѓање, но најдолго два часа. Ако е веројатно дека избраниот бранител во тој рок не може да дојде, на лицето ќе му се овозможи да земе бранител од листата на дежурни адвокати. Ако лицето не земе бранител или повиканиот бранител во тој рок не дојде, претресот може да се изврши и без присуство на бранител.

(3) При извршување на наредбата за претрес со која се одредува претрес на дом кој очигледно е напуштен, извршителот на наредбата не е должен да информира за причините за претресот, туку може да влезе веднаш во домот или друга просторија ако тие се празни или ако оправдано смета дека се празни, или ако со наредбата изречно е овластен да влезе без претходна најава.

(4) Кон претрес може да се пристапи и без претходно предавање на наредбата, без претходна покана за предавање на лице или предмети и без поука за право на бранител, ако:
– се претпоставува вооружен или физички отпор,
– е нужно при сомневање дека е сторено тешко кривично дело што го сторила група или организација или злосторничко здружение, претресот да се изврши ненадејно,
– претресувањето треба да се изврши во јавни простории и
– се стравува од уништување или прикривање на трагите на кривичното дело или предметите важни за кривичната постапка.

(5) Држателот на домот или на други простории ќе се повика да биде присутен при претресувањето, а ако тој е отсутен ќе се повика неговиот застапник или некој од возрасните домашни лица или соседи. Доколку лицето кај кое треба да се изврши претресувањето не е присутно, наредбата се остава во просторијата каде што се врши претресувањето, а претресувањето ќе се изврши и без негово присуство.

(6) Кога претрес се врши во простории на државни органи, институции што вршат јавни овластувања или правни лица, ќе се повика нивниот старешина да присуствува на претресувањето.

(7) Кога претресувањето се врши во воен објект, писмената наредба за претресувањето им се предава на воените власти кои ќе определат воено лице да биде присутно при претресувањето.

(8) Кога претрес се врши во адвокатска канцеларија во отсуство на адвокатот на кој таа му припаѓа, ќе се повика претставник на Адвокатската комора, а ако тоа не е можно, друг адвокат. Ако повиканиот адвокат не дојде во рок од три часа од повикувањето, претресувањето може да се изврши и без негово присуство.

(9) Заклучените простории, мебелот или другите предмети ќе се отворат со сила само ако нивниот држател не е присутен или не сака доброволно да ги отвори. При отворањето ќе се избегнува непотребно оштетување.

(10) Претресувањето на дом, на други простории или на лице треба да се врши внимателно, со почитување на достоинството на личноста и правото на интимност и без непотребно нарушување на куќниот ред.

(11) При претресувањето ќе се одземат привремено само оние предмети и исправи што се во врска со целта на претресувањето во дадениот случај.

(12) Ако при претресувањето се најдат предмети што немаат врска со кривичното дело поради кое е наредено претресувањето, но кои укажуваат на друго кривично дело кое се гони по службена должност, тие привремено ќе се одземат, а за одземањето веднаш ќе се издаде потврда и веднаш ќе се извести јавниот обвинител заради поведување на кривична постапка. Ако јавниот обвинител најде дека нема основа за поведување на кривична постапка, а не постои некоја друга законска основа според која би требало предметите да се одземат, тие веднаш ќе се вратат.

Член 192

Записник за претрес

(1) За секој претрес се составува записник. Записникот го потпишуваат извршителот на наредбата што го врши претресот, лицето кај кое или врз кое се врши претресот и лицата чие присуство е задолжително. Текот и начинот на вршењето на претресот може да се сними со апарат за визуелно-тонско снимање, при што посебно се внимава на местата каде што се пронајдени определени лица и предмети. Местото на претресот и неговите одделни делови, како и лицата и предметите пронајдени во текот на претресот може да се фотографираат. Звучните и видеоснимките и фотографиите се приложуваат кон записникот и можат да служат како доказ.

(2) Во записникот се внесуваат и точно се опишуваат предметите и исправите што се одземаат, а тоа ќе се стори и во потврдата за одземање на предмети која веднаш му се издава на лицето од кое се одземени предметите, односно исправите.

Член 193

Влегување во дом врз основа на согласност или наредба за приведување

(1) Без наредба за претрес може да се влезе во дом:
– ако држателот на домот се согласува со тоа,
– ако таму се наоѓа лице кое по наредба на суд треба да се притвори или присилно да се доведе,
– поради лишување од слобода на сторител кој е затечен при извршување на кривично дело кое се гони по службена должност или
– на место каде што е извршено кривично дело заради вршење увид.

(2) Во случаите од ставот (1) на овој член нема да се состави записник, туку на држателот на домот веднаш ќе му се издаде потврда, во која ќе се назначи причината за влегувањето во домот и сите забелешки на држателот. Ако во домот е извршен и претрес тогаш ќе се состави записник во согласност со членот 192 од овој закон кој мора да ги содржи причините за претрес без наредба.

(3) Кога е извршен претрес без наредба за претрес, извршителот на претресот мора веднаш да го извести јавниот обвинител.

2. Привремено обезбедување и одземање на предмети или имот

Член 194

Наредба за привремено одземање на предмети

(1) Предметите што според Кривичниот законик треба да се одземат или што можат да послужат како доказ во кривичната постапка привремено ќе се одземат и ќе му се предадат на чување на јавниот обвинител или органот определен со посебен закон или на друг начин ќе се обезбеди нивното чување.

(2) Наредбата за привремено одземање на предмети ја издава судот по предлог на правосудната полиција или јавниот обвинител.

(3) Наредбата за привремено одземање на предмети содржи назив на судот, правен основ за привремено одземање на предмети, определување и прецизен опис на предметите што треба привремено да се одземат, име и презиме на лицето од кое треба привремено да се одземат предметите, место на кое, односно во кое треба привремено да се одземат предметите, рок во кој треба да се одземат и поука за правен лек.

Член 195

Правила за привремено одземање на предмети

(1) Секој што држи предмети од членот 194 став (1) на овој закон е должен да ги предаде. Судијата на претходната постапка по образложен предлог на јавниот обвинител ќе го казни лицето кое ќе одбие да ги предаде предметите со парична казна според одредбите на членот 88 став (1) од овој закон, а ако лицето и понатаму одбива да ги предаде предметите ќе се казни според одредбата на членот 88 став (7) од овој закон. За жалбата против решението со кое е изречена парична казна одлучува советот од членот 25 став (5) на овој закон. Жалбата не го задржува извршувањето на решението. На ист начин ќе се постапи и спрема службено или одговорно лице во државен орган, институција што врши јавни овластувања или правно лице.

(2) При одземањето на предметите ќе се назначи каде се пронајдени и ќе се опишат, а по потреба и на друг начин ќе се обезбеди утврдување на нивната идентичност. За одземените предмети се издава потврда.

(3) Казните од ставот (1) на овој член не може да се применат кон осомничениот.

(4) Запленетите наркотични дроги, психотропни супстанции, прекурсори и други предмети чиј промет е забранет или ограничен и не се задржани како примерок за вештачење, со одлука на надлежниот суд може да се уништат и пред правосилноста на пресудата.

Член 196

Привремено одземање предмети без наредба

(1) Предметите од членот 194 став (1) на овој закон може привремено да се одземат и без наредба од судот доколку постои опасност од одлагање и за кои постојат основи за сомневање дека се предмети на кривично дело. Доколку лицето кое се претресува изрично се спротивстави на одземањето на предметите, јавниот обвинител во рок од 72 часа од извршениот претрес ќе поднесе барање до судијата на претходната постапка за дополнително одобрување за одземање на предмети.

(2) Доколку судијата на претходната постапка го одбие барањето на јавниот обвинител, одземените предмети не може да се користат како доказ во кривичната постапка. Привремено одземените предмети веднаш ќе му се вратат на лицето од кое се одземени.

Член 197

Предмети што не можат да се одземат

(1) Со судска наредба не можат да се одземат:
1) списи и други исправи на државните органи со чие објавување би се повредило чувањето на државна или воена тајна, сé додека надлежниот орган поинаку не одлучи;
2) писмени обраќања на обвинетиот спрема бранителот или лицата од членот 215 став (1) на овој закон, освен ако обвинетиот доброволно не ги предаде;
3) технички снимки што се наоѓаат кај лицата од членот 214 став (1) на овој закон, а кои тие ги направиле за факти за кои се ослободени од должноста за сведочење;
4) записи, изводи од регистар и слични исправи кои се наоѓаат кај лицата од членот 214 став (1) на овој закон, а кои ги направиле за факти за кои тие во вршењето на своето занимање ги дознале од обвинетиот и
5) записи за факти што ги направиле новинари и нивни уредници во средствата за јавно информирање од изворот за известување и податоците за кои дознале во вршењето на своето занимање и кои се употребени во текот на уредувањето на средствата за јавно информирање, кои се наоѓаат во нивно владение или во редакцијата во која се вработени.

(2) Забраната од ставот (1) на овој член не се применува:
1) во однос на бранителот или лицето ослободено од обврската на сведочење согласно со членот 214 став (1) од овој закон, ако постои основано сомневање дека на обвинетиот му помагале во вршењето на кривичното дело, или му давале помош по извршувањето на кривичното дело или постапувале како прикривачи или
2) ако се работи за предмети што мора да се одземат според Кривичниот законик.

(3) Забраната за привремено одземање на предмети, исправи и технички снимки од ставот (1) на овој член не се применува и во однос на кривичните дела сторени на штета на деца и малолетници.

Член 198

Привремено одземање на компјутерски податоци

(1) Одредбите од членовите 194 став (1), 195 став (1) и 197 на овој закон се однесуваат и на податоците сочувани во компјутер и слични уреди за автоматска, односно електронска обработка на податоци, уреди кои служат за собирање и пренос на податоци, носители на податоци и претплатничките информации со кои располага давателот на услуги. По писмено барање на јавниот обвинител, овие податоци мора да му се предадат на јавниот обвинител во рокот што тој го определил. Во случај на одбивање на предавањето, ќе се постапи според членот 196 став (1) од овој закон.

(2) Судијата на претходната постапка по предлог на јавниот обвинител може со решение да одреди заштита и чување на компјутерските податоци од членот 185 на овој закон додека тоа е потребно, а најдолго шест месеци. По истекот на овој период податоците ќе се вратат, освен ако не се вклучени во извршување на кривично дело Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем од членот 251, Компјутерска измама од членот 251-б и Компјутерски фалсификат од членот 379-а сите од Кривичниот законик, ако не се вклучени во извршување на друго кривично дело со помош на компјутер и ако не служат како доказ за кривично дело.

(3) Против решението на судијата на претходната постапка со кое се определени мерките од ставот (2) на овој член, лицето кое го користи компјутерот и лицето кое е давател на услугата имаат право на жалба во рок од 24 часа. За жалбата одлучува советот од членот 25 став (5) на овој закон. Жалбата не го задржува извршувањето на решението.

Член 199

Привремено одземање на писма, телеграми и други пратки

(1) Привремено можат да се одземат писма, телеграми и други пратки упатени до обвинетиот или оние што тој ги испратил, а кои се наоѓаат кај правните лица во областа на поштенскиот, телеграфскиот и друг сообраќај, ако постојат околности поради кои основано може да се очекува дека тие ќе послужат како доказ во постапката.

(2) Наредбата за привремено одземање на пратките од ставот (1) на овој член ја издава судијата на претходната постапка по предлог на јавниот обвинител.

(3) Наредба за привремено одземање на пратки може да издаде и јавниот обвинител ако постои опасност од одлагање, со тоа што оваа наредба мора да биде потврдена од страна на судијата на претходната постапка во рок од 72 часа од привременото одземање на пратките.

(4) Доколку наредбата не биде потврдена во смисла на ставот (3) од овој член тие пратки не можат да се користат како доказ во кривичната постапка.

(5) Наредбата од ставот (2) на овој член содржи:
– податоци за лицето на кое се однесува наредбата,
– начин на извршување на наредбата и време на траење на мерката и
– правното лице кое треба да ја изврши наредбата.

(6) Преземените мерки можат да траат најдолго три месеци, а судијата на претходната постапка по образложен предлог на јавниот обвинител може да го продолжи траењето уште за три месеци, со тоа што преземените мерки ќе се укинат веднаш штом ќе престанат причините за нивно натамошно преземање.

(7) Предадените пратки ги отвора јавниот обвинител во присуство на двајца сведоци. При отворањето се внимава да не се оштетат печатите, а обвивките и адресата ќе се зачуваат. За отворањето се составува записник.

(8) Ако интересите на постапката дозволуваат, за преземените мерки од ставот (1) на овој член може да се информира лицето против кое се преземени овие мерки.

(9) Ако интересите на постапката дозволуваат, содржината на пратката во целост или делумно може да му се соопшти на лицето на кое му е упатена, а може да му се предаде и пратката или нејзин дел. Ако лицето е отсутно, пратката ќе им се соопшти или ќе им се предаде на некој од неговите роднини, а ако нема роднини, ќе му се врачи на испраќачот, доколку тоа не е спротивно на интересите на постапката.

(10) Мерките преземени во согласност со овој член не можат да се применуваат на писма, телеграми и други пратки разменети меѓу обвинетиот и неговиот бранител.

Член 200

Постапување со податоци кои се банкарска тајна, имот во банкарски сеф, следење на платен промет и трансакции на сметки и привремено запирање на извршување определени финансиски трансакции

(1) Ако постои основано сомневање дека одредено лице на своите банкарски сметки прима, чува, пренесува или на друг начин располага со приноси од казниво дело, а тој принос е важен за истражната постапка на тоа кривично дело или според законот подлежи на присилно одземање, по образложено барање од јавниот обвинител, судот може да издаде решение со кое на банката или на другите финансиски институции ќе им нареди да му достават документација и податоци за банкарските сметки и други финансиски трансакции и работи на тоа лице, како и за лицата за кои основано се верува дека се вклучени во тие финансиски трансакции или работи на осомничениот, ако таквите податоци би можеле да бидат доказ во кривичната постапка.

(2) Барањето на јавниот обвинител се однесува за податоци на правно или физичко лице, за сите приноси што ги прима, чува, пренесува или на друг начин располага со нив.

(3) Ако лицето од ставот (1) на овој член чува во банкарски сеф, или на друг начин располага со приноси од казниво дело, а тој принос е важен за истражната постапка на тоа кривично дело или според законот подлежи на присилно одземање, по образложено барање од јавниот обвинител, судот може да издаде решение со кое ќе и наложи на банката да му овозможи на јавниот обвинител пристап до сефот.

(4) Во решенијата од ставовите (1) и (3) на овој член ќе се определи и рокот во кој банката или другата финансиска институција мора да постапат по нив.

(5) Пред почетокот и во текот на истражната постапка одлука по барањето на јавниот обвинител од ставовите (1) и (3) на овој член донесува судијата на претходната постапка, а по подигањето на обвинението судот пред кој ќе се одржи претресот. Судијата на претходната постапка одлучува по барањето на јавниот обвинител веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од приемот на барањето. Ако судијата на претходната постапка не го прифати барањето на јавниот обвинител без одлагање ќе побара одлука да донесе советот од членот 25 став (5) на овој закон. Советот донесува одлука во рок од 24 часа од приемот на барањето.

(6) Ако постојат околностите од ставот (1) на овој член по образложен предлог на јавниот обвинител, судијата на претходната постапка може со решение да и наложи на банката или на другата финансиска институција да го следи платниот промет, трансакциите на сметките или други работи на определено лице и редовно да го известува јавниот обвинител за времето определено во решението.

(7) По образложен предлог на јавниот обвинител, судот со решение може да им наложи на финансиска институција или на правно лице привремено да го запрат извршувањето на одредена финансиска трансакција или работа, а имотот привремено се одзема.

(8) Во итни случаи јавниот обвинител може да ги определи мерките од ставовите (1), (3), (6) и (7) на овој член и без судска наредба. За преземените мерки јавниот обвинител веднаш го известува судијата на претходната постапка, кој во рок од 72 часа треба да ја издаде наредбата. Во случај судијата на претходната постапка да не издаде наредба, јавниот обвинител ќе ги врати податоците без претходно да ги отвори.

Член 201

Попишување на привремено одземени списи, исправи и технички снимки

(1) Ако се врши привремено одземање на списи или исправи што можат да послужат како доказ, ќе се изврши нивен попис. Ако тоа не е можно, списите ќе се стават во обвивка и ќе се запечатат. Сопственикот на списите или исправите може да стави и свој печат на обвивката.

(2) Обвивката ја отвора јавниот обвинител. При прегледувањето на списите или исправите мора да се води сметка нивната содржина да не ја дознаат неовластени лица. За отворањето на обвивката се составува записник.

(3) Лицето од кое се одземени списите или исправите ќе се повика да присуствува при отворањето на обвивката. Ако тоа не се јави на поканата или е отсутно, обвивката ќе се отвори, списите или исправите ќе се прегледаат и ќе се попишат во негово отсуство.

(4) Ако со овој закон не е поинаку определено, на начинот пропишан во ставовите (1), (2) и (3) на овој член, исто ќе се постапи и кај привременото одземање на техничка снимка која може да послужи како доказ.

Член 202

Привремено одземање на имот или предмети заради обезбедување

(1) Судот може во кое било време во текот на кривичната постапка да донесе, по барање на јавниот обвинител, привремена мерка одземање на имот или предмети кои  според Кривичниот законик треба да се одземат, мерка запленување или друга неопходна привремена мерка за да се спречи користењето, отуѓувањето или располагањето со тој имот или предмети.

(2) Барањето на јавниот обвинител од ставот (1) на овој член содржи:
– краток опис на кривичното дело и неговиот законски назив,
– опис на имотот или предметите што потекнуваат од извршување на кривично дело,
– податоци за лицето што го поседува тој имот или предмети,
– докази на кои се засновува сомневањето дека имотот, односно предметите, потекнуваат од кривичното дело и
– причини за веројатноста дека до крајот на кривичната постапка ќе биде особено отежнато или оневозможено одземањето на имотот или предметите.

(3) Пред почетокот и во текот на претходната постапка по барањето на јавниот обвинител од ставот (1) на овој член одлука донесува судијата на претходната постапка, а по подигањето на обвинението судот пред кој ќе се одржи претресот. Судијата на претходната постапка одлучува по барањето на јавниот обвинител веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од приемот на барањето. Ако судијата на претходната постапка не го прифати барањето на јавниот обвинител без одлагање ќе побара одлука да донесе советот од членот 25 став (5) на овој закон. Советот донесува одлука во рок од 24 часа од приемот на барањето.

(4) Во решението за изрекување на мерките од ставот (1) на овој член, судот ќе ја означи вредноста и видот на имотот, односно предметот и времето за кое се одзема.

(5) Против решението на судијата на претходната постапка со кое се одредени мерките од ставот (1) на овој член може да се поднесе жалба во рок од 24 часа. За жалбата одлучува советот од членот 25 став (5) на овој закон. Жалбата не го задржува извршувањето на решението.

(6) Ако постои опасност од одлагање, правосудната полиција привремено може да одземе имот или предмети од ставот (1) на овој член, да ги заплени или да преземе други неопходни привремени мерки за да се спречи какво било нивно користење, отуѓување или располагање. За преземените мерки мора веднаш да се информира јавниот обвинител, а преземените мерки мора да бидат одобрени од страна на судијата на претходната постапка во рок од 72 часа од нивното преземање.

(7) Доколку судијата на претходната постапка не даде одобрение, преземените мерки од ставот (6) на овој член ќе се запрат, а привремено одземените имот или предмети веднаш ќе му се вратат на лицето од кое се одземени.

(8) Мерките од ставот (1) на овој член може да траат најдолго до завршување на кривичната постапка пред првостепениот суд.

(9) Ако мерките од ставот (1) на овој член се определени во претходната постапка, ќе се укинат по службена должност доколку истражната постапка не започне во рок од три месеци од денот на донесување на решението со кое се определени.

(10) Пред истекот на роковите од ставот (9) на овој член мерките можат да се укинат по службена должност од судот или по барање на јавниот обвинител, односно заинтересираното лице, ако се покаже дека не се потребни или оправдани со оглед на тежината на кривичното дело, имотните прилики на лицето на кое се однесувааат или приликите на лицата кои според закон ова лице е должно да ги издржува и околностите кои укажуваат дека одземањето на имотот или предметите нема да биде оневозможено или особено отежнато до завршување на кривичната постапка.

(11) Сите дејствија врз имотот и предметите што се предмет на обезбедување, а кои се преземени по поднесувањето на барањето од ставот (1) на овој член, се ништовни.

(12) Барањето од ставот (1) на овој член и одлуката за изрекување на мерките од ставот (1) на овој член без одлагање се доставуваат по електронски пат до сите надлежни органи за евиденција на имотот и предметите чие обезбедување се бара и определува.

Член 203

Враќање на привремено одземени предмети

Предметите што во текот на кривичната постапка се привремено одземени ќе му се вратат на сопственикот, односно држателот ако се запре постапката, а не постојат причини за нивно одземање (член 529).

Член 204

Постапување со сомнителни предмети

(1) Ако се најде кај обвинетиот туѓ предмет а не се знае чиј е, органот што ја води постапката ќе го опише тој предмет и описот ќе го објави на таблата на органот на општината на чие подрачје тој живее и на подрачјето на кое е сторено кривичното дело. Во огласот ќе се повика сопственикот да се јави кај органот што ја води постапката во рок од една година од денот на објавувањето на огласот, зашто во спротивно предметот ќе се продаде. Парите добиени од продажбата се внесуваат во Буџетот на Република Македонија.

(2) Ако се во прашање предмети од поголема вредност објавувањето може да се изврши и преку дневните весници.

(3) Ако предметот е подложен на расипување или неговото чување е врзано со значителни трошоци, тој ќе се продаде според одредбите што важат за извршната постапка, а парите ќе се чуваат како судски депозит.

(4) Според одредбата од ставот (3) на овој член ќе се постапи и кога предметот му припаѓа на побегнат или на непознат сторител на кривично дело.

(5) Ако во рок од една година не се јави никој за предмет или за пари добиени од продажба на предмет ќе се донесе решение со кое предметот станува државна сопственост, односно парите ќе се внесат во Буџетот на Република Македонија.

(6) Сопственикот на предметот има право преку спор да бара враќање на предметот или на парите добиени од продажба на предметот. Застарувањето на ова право почнува да тече од денот на објавувањето на огласот.

Глава XVIII

ДОКАЗНИ СРЕДСТВА

1. Исказ на обвинетиот

Член 205

Земање лични податоци од обвинетиот

(1) Кога се испитува обвинетиот прв пат ќе се праша дали го разбира јазикот на кој се води постапката, за името и презимето, за прекарот ако го има, за името и презимето на родителите, за моминското презиме на мајката, местото на раѓање, местото на живеење, денот, месецот и годината на раѓање, единствениот матичен број, за припадноста на заедница, државјанството, занимањето, семејните прилики, образованието, имотната состојба, дали, кога и зошто е осудуван, дали и кога ја издржал изречената казна, дали против него се води постапка за некое друго кривично дело, а ако е малолетен кој му е законски застапник.

(2) Обвинетиот ќе се поучи дека е должен да се јави на поканата и веднаш да ја соопшти секоја промена на адресата или намерата да го промени живеалиштето односно престојувалиштето, а ќе се предупреди и за последиците ако не постапи по тоа. Ако обвинетиот нема постојано живеалиште, односно престојувалиште во Република Македонија или се работи за странец, ќе се поучи дека е должен во рок од осум дена да определи адреса или лице во Република Македонија за доставување на писмена и одлуки, а ќе се предупреди дека доколку самиот не определи адреса или лице за примање на писмената, органот што го повикува ќе го истакне писменото на огласната табла во судот и со истекот на осум дена од денот на истакнувањето се смета дека е извршено доставувањето.

Член 206

Поука за правата на обвинетиот

(1) Пред секое испитување обвинетиот задолжително ќе се информира и поучи:
1) зошто се обвинува и кои се основите на сомневањето што стојат против него;
2) дека не е должен да ја изнесе својата одбрана, ниту да одговара на поставените прашања, но доколку даде изјава таа може да се користи во постапката против него;
3) дека може да земе бранител по свој избор со кого може насамо да се советува и кој може да присуствува на испитувањето;
4) дека може да се изјасни за делото кое му се става на товар и да ги изнесе сите факти и докази кои му одат во полза;
5) дека има право на увид во списите и да ги разгледува предметите кои се одземени;
6) дека има право на бесплатна помош на преведувач, односно толкувач ако не го разбира или зборува јазикот кој се користи при испитувањето и
7) дека има право на преглед од лекар при потреба од медицински третман или заради утврдување на евентуални полициски пречекорувања.

(2) Обвинетиот може доброволно да се откаже од некое од правата од ставот (1) на овој член, но неговото испитување не може да започне доколку изјавата дека се откажува од некое од правата не се забележи писмено и додека не биде потпишана од него. Лицето не може да се откаже од правото на бранител доколку одбраната е задолжителна согласно со овој закон.

(3) Ако нема свој адвокат или не може да стапи во контакт со него, на обвинетиот ќе му се достави листата на дежурните адвокати изготвена од Адвокатската комора на Република Македонија.

(4) Доколку обвинетиот прво не сакал бранител, но подоцна изрази желба да земе бранител, испитувањето ќе се прекине и повторно ќе продолжи кога обвинетиот ќе добие бранител, со кого може да се советува.

(5) Ако е постапено спротивно на одредбите од ставовите (1), (2), (3) и (4) на овој член, исказот на обвинетиот не може да се користи во текот на судската постапка.

(6) Пред започнувањето на првото испитување, обвинетиот ќе се информира и за правото на спогодување за вината со јавниот обвинител согласно со членовите 489 до 496 од овој закон.

Член 207

Снимка од испитувањето на обвинетиот

(1) Испитувањето на обвинетиот од страна на јавниот обвинител или во негово присуство може да се снима со апарат за визуелно-тонско снимање. За снимањето обвинетиот посебно ќе се поучи, при што ќе се опомене за тоа дека снимените изјави можат да се користат во постапката.

(2) За секој прекин во испитувањето во снимката ќе се назначат причините и времетраењето на прекинот, како и времето на продолжување и завршување на испитувањето.

(3) За испитувањето ќе се изработат три примероци, од кои по еден примерок за јавниот обвинител и обвинетиот и еден примерок се запечатува и се предава на судијата на претходната постапка. Јавниот обвинител ќе изработи писмен препис од снимката, и тој препис се приложува во списите на предметот.

(4) Снимката од ставот (3) на овој член не смее да се објавува, емитува и користи за намени и цели надвор од кривичната постапка.

(5) Начинот на вршење на снимањето го пропишува министерот за правда, по претходно прибавено мислење од јавниот обвинител на Република Македонија.

Член 208

Забрана за употреба на измама, сугестивни и каприциозни прашања

Откако е поучен за правото на молчење и другите права од членот 206 на овој закон, на обвинетиот треба да му се поставуваат прашања јасно, разбирливо и прецизно, така што да може наполно да ги разбере. При испитувањето не смее да се поаѓа од претпоставката дека обвинетиот признал нешто што не признал, ниту смеат да му се поставуваат прашања во кои е веќе содржано како треба на нив да се одговори. Спрема обвинетиот не смее да се употреби измама за да се дојде до негова изјава или признание.

Член 209

Препознавање на предмети

Предметите што се во врска со кривичното дело или што служат како доказ ќе му се покажат на обвинетиот заради препознавање, откако претходно ќе ги опише. Ако овие предмети не може да се донесат, обвинетиот може да се одведе на местото каде што се наоѓаат тие.

Член 210

Начин на испитување на обвинетиот

(1) По поуката за правата обвинетиот ќе се праша што има да наведе во своја одбрана. При испитувањето на обвинетиот треба да му се овозможи во непречено излагање да се изјасни за сите околности што го товарат и да ги изнесе сите факти што му служат за одбрана.

(2) Обвинетиот се испитува усно. При испитувањето на обвинетиот може да му се дозволи да ги користи своите забелешки.

(3) Кога обвинетиот ќе го заврши својот исказ, ќе му се постават прашања доколку е потребно да се пополнат празнините и да се отстранат противречностите или неразбирливоста во неговото излагање.

(4) Испитувањето треба да се врши така што ќе се почитува личноста на обвинетиот.

(5) Спрема обвинетиот не смеат да се употребат сила, закана или други слични средства (член 249 став (4)) за да се дојде до негова изјава или признание.

(6) Обвинетиот може да биде испитан во отсуство на бранител само ако изречно се одрекол од тоа право, а одбраната не е задолжителна или ако во рок од 24 часа од моментот кога е поучен за ова право (член 71 став (2)) самиот не обезбеди бранител, освен во случај на задолжителна одбрана.

(7) Ако е постапено спротивно на одредбите од ставовите (5) и (6) на овој член, исказот на обвинетиот не може да се користи во постапката.

Член 211

Испитување на обвинетиот преку толкувач

(1) Испитување на обвинетиот ќе се изврши преку толкувач во случаите предвидени со овој закон.

(2) Ако обвинетиот е глув, писмено ќе му се поставуваат прашања, а ако е нем, ќе се повика писмено да одговара. Ако испитувањето не може да се изврши на овој начин ќе се повика како толкувач лице кое може да се разбере со обвинетиот.

(3) Ако толкувачот не е порано заколнат, ќе положи заклетва дека верно ќе ги пренесе прашањата што се упатуваат до обвинетиот и изјавите што тој ќе ги дава.

(4) Одредбите на овој закон што се однесуваат на вештаците согласно се применуваат и на толкувачите.

2. Сведоци

Член 212

Лица кои можат да бидат сведоци

(1) Како сведоци се повикуваат лица за кои е веројатно дека ќе можат да дадат известување за кривичното дело и сторителот и за други важни околности.

(2) Оштетениот и приватниот тужител можат да се испитаат како сведоци.

(3) Секое лице кое се повикува како сведок е должно да се јави на поканата, а ако со овој закон поинаку не е определено е должно и да сведочи.

Член 213

Лица кои не можат да бидат сведоци

Не може да биде сведок:
1) лице кое со својот исказ би ја повредило должноста на чување државна или воена тајна, додека надлежниот орган не го ослободи од таа должност;
2) бранител на обвинетиот за она што му го доверил обвинетиот како на свој бранител, освен ако самиот обвинет го бара тоа;
3) лице кое со својот исказ би ја повредило должноста за чување деловна тајна во однос на тоа што го дознало во вршењето на своето занимање (верски исповедник, адвокат и лекар), освен ако е ослободено од таа должност со посебен пропис или со писмено, односно со дадена изјава на записник на лицето во чија корист е востановено чувањето тајна, односно со таква изјава на неговиот правен наследник;
4) малолетно лице кое со оглед на својата возраст и душевна развиеност не е способно да го сфати значењето на своето право дека не мора да сведочи освен ако самиот обвинет го бара тоа и
5) лицето кое поради својата душевна или телесна болест, односно својата возраст воопшто не е во состојба да сведочи.

Член 214

Лица ослободени од должноста да сведочат

(1) Ослободени од должност да сведочат се:
1) брачниот и вонбрачниот другар на обвинетиот;
2) роднините на обвинетиот по крв во права линија, роднините во странична линија заклучно до трет степен, како и роднините по сватовство заклучно до вториот степен и
3) посвоеник и посвоител на обвинетиот.

(2) Органот што ја води постапката е должен лицата споменати во ставот (1) на овој член, пред нивното испитување или веднаш штом ќе дознае за нивниот однос спрема обвинетиот, да ги предупреди дека не мораат да сведочат. Предупредувањето и одговорот се внесуваат во записникот.

(3) Лице кое има основа да ускрати сведочење спрема еден од обвинетите е ослободено од должноста да сведочи и спрема другите обвинети, ако неговиот исказ според природата на работите не може да се ограничи само на другите обвинети.

Член 215

Последици од повредите на правилата на испитување на сведокот

Ако како сведок е повикано лице кое не може да биде сведок или лице кое не мора да сведочи, а за тоа не е предупредено или изречно не се откажало од тоа право или ако предупредувањето и откажувањето не е забележано во записникот, или ако е испитан малолетник кој не може да го сфати значењето на правото дека не мора да сведочи, или ако исказот на сведокот е изнуден со сила, со закана или со друго слично забрането средство, врз таквиот исказ на сведокот не може да се заснова судската одлука.

Член 216

Право на сведокот да не одговара на одредени прашања

Сведокот не е должен да одговара на одделни прашања ако е веројатно дека со тоа би се изложил себеси или својот близок роднина на тежок срам, значителна материјална штета или кривично гонење.

Член 217

Прашања кои не смеат да им се поставуваат на оштетениот и на сведокот

Забрането е на оштетениот и на сведокот да им се поставуваат прашања кои се однесуваат на нивниот сексуален живот и сексуалните склоности, политичкото и идеолошкото определување, расното, национално и етничко потекло, моралните критериуми и други особено лични и семејни околности, освен по исклучок, ако одговорите на таквите прашања се непосредно и очигледно поврзани со потребните разјаснувања на битните обележја на кривичното дело кое е предмет на постапката.

Член 218

Повикување на сведок

(1) Повикување на сведок се врши со доставување писмена покана во која ќе се наведе името и презимето и занимањето на повиканиот, времето и местото на доаѓањето, кривичниот предмет по кој се повикува, назначување дека се повикува како сведок и предупредување за последиците од неоправданиот изостанок (член 224 став (1)).

(2) Повикувањето како сведок на малолетното лице кое не наполнило 18 години се врши преку неговите родители, односно преку законскиот застапник.

(3) Сведоците кои поради старост, болест или тешки телесни мани не можат да се јават на поканата, можат да бидат испитани во својот дом или на друго место каде што се наоѓаат.

Член 219

Начин на испитување на сведок

(1) Сведоците се испитуваат одделно. Сведокот по правило одговорите ги дава усно.

(2) Сведокот претходно ќе се опомене дека е должен да зборува вистина и дека не смее ништо да премолчи, а потоа ќе се предупреди дека давањето на лажен исказ претставува кривично дело. Сведокот ќе се предупреди и дека не е должен да одговори на прашањата предвидени во членот 216 од овој закон и ова предупредување ќе се внесе во записник.

(3) Потоа сведокот ќе се праша за името и презимето, името на таткото, занимањето, престојувалиштето, односно живеалиштето, местото на раѓање, годините на возраста и за неговиот однос со обвинетиот и оштетениот. Сведокот ќе се предупреди дека е должен органот што ја води постапката да го извести за промената на адресата или на престојувалиштето, односно живеалиштето.

(4) При испитување на сведок не е дозволено служење со измама ниту поставување на такви прашања во кои е веќе содржано како би требало да се одговори.

Член 220

Препознавање лица или предмети од страна на сведокот

(1) Ако е потребно да се утврди дали сведокот препознава определено лице или предмет ќе се бара од него прво да ги опише и да ги наведе знаците по кои се разликуваат, па дури потоа ќе му се покаже лицето заедно со други нему непознати лица кои по правило треба да бидат меѓу пет и осум, чии основни карактеристики се слични со оние што ги опишал, односно со тој предмет, заедно со предмети од ист или сличен вид, по што ќе биде прашан да изјави дали лицето или предметот може да го препознае со сигурност или со определен степен на веројатност и во случај на потврден одговор да го покаже препознатото лице, односно предмет.

(2) Лицата врз кои се врши препознавање ќе се поучат на правото да повикаат бранител по свој избор, односно ќе им се обезбеди бранител и ќе се одложи препознавањето до доаѓањето на бранителот, но најдоцна во рок од два часа од времето кога е известен бранителот.

(3) Пред донесување наредба за спроведување истражна постапка, препознавањето се врши во присуство на јавниот обвинител, на тој начин што лицето кое е предмет на препознавање не може да го види сведокот, ниту пак сведокот може да го види тоа лице пред да пристапи кон препознавањето.

Член 221

Испитување на сведок преку толкувач и испитување сведок кој е нем или глув

Ако испитувањето на сведокот се врши преку толкувач или ако сведокот е глув или нем, неговото испитување се врши на начинот предвиден во членот 211 од овој закон.

Член 222

Заклетва на сведокот

Од сведокот може да се бара да положи заклетва. Пред главната расправа сведокот може да положи заклетва само ако постои страв дека поради болест или од други причини не ќе може да дојде на главната расправа. Причината поради која е положена заклетва ќе се наведе во записникот. Заклетвата се полага на начинот определен во членот 392 став (2) од овој закон.

Член 223

Лица кои не смеат да положат заклетва

Не смеат да положат заклетва:
1) лица кои во моментот на испитувањето немаат наполнето 18 години и
2) лица кои поради својата душевна состојба не можат да го сфатат значењето на заклетвата.

Член 224

Нејавување на сведокот на покана и одбивање да сведочи

(1) Ако сведокот кој уредно е повикан не дојде, а не го оправда изостанокот, или без одобрение или оправдана причина ќе се оддалечи од местото каде што треба да биде испитан, може со судска наредба да се доведе присилно, а судот може и да го казни со парична казна определена во членот 88 став (1) од овој закон.

(2) Ако сведокот дојде и без законска причина не сака да сведочи, иако е предупреден за последиците, може да се казни парично со казна определена во ставот (1) на овој член, а ако и потоа одбие да сведочи, ќе се казни со парична казна определена во членот 88 став (1) од овој закон. Ако сведокот и по втората парична казна одбие да сведочи, а постапката се води пред судот, може да му се изрече казна затвор до 30 дена.

(3) За жалбата против решението со кое е изречена парична казна секогаш одлучува советот од членот 25 став (5) на овој закон. Жалбата против решението не го задржува извршувањето на решението.

Член 225

Снимање при испитување на сведокот со визуелно-тонски средства

На предлог на странките, органот што ја води постапката може да одлучи испитувањето на сведокот да се снима со визуелно-тонски средства.

Член 226

Заштита на сведоци

(1) Ако постои веројатност дека со давањето исказ или со одговор на определено прашање, сведокот, соработникот на правдата или жртвата, односно оштетениот би се изложил себеси или нему блиско лице на сериозна опасност по животот, здравјето или физичкиот интегритет, загрозениот сведок може да го ускрати давањето исказ или изнесувањето на податоците од членот 219 став (3) на овој закон додека не се обезбедат услови за негова заштита.

(2) Заштитата на загрозениот сведок се состои во посебен начин на испитување и учество во постапката уредени со овој закон и со примена на мерки за заштита вон постапката уредени со посебен закон.

(3) Ако јавниот обвинител оцени дека стравувањето од опасност од ставот (1) на овој член е основано ќе го прекине испитувањето и ќе преземе итни дејствија согласно со одредбите за заштита на сведоците, соработниците на правдата и жртвите уредени со овој закон.

(4) Ако во текот на постапката загрозениот сведок изјави дека не сака посебен начин на учество и на испитување, тој ќе се испита според општите правила за испитување на сведоци. Претходниот исказ кој е даден според правилата за посебен начин на испитување на загрозен сведок може да се користи во текот на испитувањето, а потоа ќе се издвои од списите и ќе му се предаде на судијата на претходната постапка на чување во запечатен плик.

(5) Ако оцени дека барањето од ставот (1) на овој член е неосновано, јавниот обвинител постапува согласно со членот 219 од овој закон.

(6) Повикување на загрозен сведок во претходна постапка или на главна расправа се врши преку Одделението за заштита на сведоци при Министерството за внатрешни работи.

Член 227

Заштита на загрозен сведок во претходна постапка

(1) Веднаш штом ќе дознае за веројатноста за постоењето на околностите од членот 226 на овој закон, јавниот обвинител ќе преземе мерки за заштита на загрозениот сведок. Јавниот обвинител со тоа ќе го запознае загрозениот сведок.

(2) Јавниот обвинител со решение ќе го определи псевдонимот на загрозениот сведок, како и посебниот начин на учество во постапката и на испитувањето. На испитувањето на загрозениот сведок во претходната постапка не присуствуваат обвинетиот и неговиот бранителот, ниту оштетениот и неговиот законски застапник.

(3) Податоците за загрозениот сведок јавниот обвинител ќе ги запечати во посебен коверт и тоа ќе го забележи во списот, користејќи го псевдонимот на загрозениот сведок. Запечатениот коверт со податоците за загрозениот сведок може да ги побара и да ги отвори само второстепениот суд кога одлучува по жалба. На ковертот ќе се забележи дека е отворен и ќе се наведат имињата на членовите на советот кои ќе се запознаат со неговата содржина. Откако членовите на советот ќе се запознаат со неговата содржина, ковертот повторно ќе се запечати и ќе му се врати на јавниот обвинител.

(4) На загрозениот сведок не смее да му се поставуваат прашања со кои на директен или индиректен начин би го открил својот идентитет, местото на живеење, вработеноста и членовите на семејството.

(5) Лицата кои во кое било својство ќе ги дознаат податоците за загрозениот сведок се должни да ги чуваат како класифицирана информација.

Член 228

Заштита на загрозен сведок на главна расправа

(1) Писмено образложениот предлог за посебниот начин на испитување на загрозениот сведок, јавниот обвинител во запечатен коверт му го поднесува на судијата, односно советот за оцена на обвинителниот акт при поднесување на обвинителниот акт.

(2) Судот одлучува за предлогот на јавниот обвинител со решение кое е должен да го донесе најдоцна во рок од 48 часа од приемот на предлогот.

(3) Ако судот го прифати предлогот на јавниот обвинител, ќе го определи со решение псевдонимот на загрозениот сведок, ако дотогаш не бил определен, како и посебниот начин на учество во постапката и на испитувањето. Против решението на судот не е дозволена жалба.

(4) Посебниот начин на испитување може да се состои од прикривање на идентитетот, а во определени случаи и изгледот на загрозениот сведок (членови 229 и 230).

Член 229

Испитување под псевдоним

(1) Ако посебниот начин на испитување на сведокот се однесува само на прикривање на личните податоци, испитувањето ќе се спроведе под псевдоним без наведување на другите податоци од членот 219 став (3) на овој закон. Во другиот дел испитувањето ќе се спроведе според општите одредби за испитување сведок.

(2) По завршеното испитување загрозениот сведок го потпишува записникот со псевдонимот.

(3) Лицата кои во кое било својство ќе ги дознаат податоците за загрозениот сведок се должни да ги чуваат како класифицирана информација.

Член 230

Испитување со помош на технички уреди за пренос на слика и тон

(1) Ако посебниот начин на учество во постапката и испитувањето на загрозениот сведок се однесува освен на прикривање на податоците од членот 219 став (3) на овој закон и на прикривање на изгледот на загрозениот сведок, испитувањето ќе се спроведе со помош на технички уреди за пренос на слика и тон, при што ликот на загрозениот сведок и неговиот глас се изменети.

(2) Загрозениот сведок во текот на испитувањето може да се наоѓа во посебна просторија, која физички е одвоена од просторијата во која се наоѓаат судијата и другите учесници во постапката.

Член 231

Права на одбраната при испитување на загрозени сведоци на главната расправа

(1) При испитувањето на загрозените сведоци на главната расправа посебно ќе се внимава на правото на обвинетиот и на неговиот бранител да имаат соодветна и доволна можност да ги оспоруваат и да ги проверуваат нивните искази.

(2) Пресудата не може да се темели само врз основа на исказот на загрозениот сведок прибавен со примена на одредбите за прикривање на неговиот идентитет или изгледот заради негова заштита и заштита на неговите блиски лица.

Член 232

Испитување на посебно ранливи жртви и сведоци

(1) Оштетениот и сведокот за кој органот што ја води постапката ќе утврди дека со оглед на возраста, здравствената состојба, природата или последиците од кривичното дело, односно поради други околности на случајот се посебно ранливи, малолетно лице жртва на трговија со луѓе, насилство или сексуална злоупотреба и дека испитувањето во просториите на органот што ја води постапката би имало штетни последици по нивното психичко или физичко здравје ќе се испитаат на начин пропишан во овој член.

(2) Кога органот што ја води постапката ќе оцени дека тоа е потребно заради помош на оштетениот или сведокот од ставот (1) на овој член ќе му постави полномошник за време на испитувањето.

(3) Прашањата на оштетениот и сведокот од ставот (1) на овој член можат да се поставуваат само преку органот што ја води постапката, кој спрема таквото лице треба да се однесува со посебно внимание за да се избегнат штетните последици на кривичната постапка врз неговата личност, телесното и душевното здравје.

(4) Испитувањето на оштетениот и сведокот од ставот (1) на овој член може да се врши со помош на психолог, социјален работник или друго стручно лице, а органот што ја води постапката може да одлучи лицето да се испита со употреба на технички средства за пренос на слика и звук, без присуство на странките и другите учесници во постапката во просторијата во која се наоѓа оштетениот или сведокот, така што странките, бранителот и лицата кои имаат право да му поставуваат прашања, тоа го прават со посредство на органот што ја води постапката, психолог, педагог, социјален работник или друго стручно лице.

(5) При испитувањето на оштетениот или сведокот од ставот (1) на овој член, судот може да ја исклучи јавноста.

(6) Оштетениот или сведокот од ставот (1) на овој член не смеат да се соочуваат со обвинетиот, а со другите сведоци само по нивно барање.

3. Увид и реконструција

Член 233

Преземање на увид

(1) Увидот го презема јавниот обвинител, а по негово овластување и правосудната полиција кога за утврдување или разјаснување на некаков важен факт во постапката е потребно непосредно забележување.

(2) Осомничениот, бранителот и оштетениот можат да присуствуваат при увидот. Нивното отсуство не го одлага преземањето на увидот.

Член 234

Реконструкција на настан

(1) Заради проверување на прибавените докази или утврдување на фактите кои се од значење за разјаснување на работите, органот што ја води постапката може да одреди реконструкција на настанот, која се врши така што ќе се повторат дејствијата или ситуациите во условите под кои според прибавените докази се одиграл настанот. Ако во исказите на одделни сведоци или осомничени, односно обвинети, дејствијата или ситуациите се различно прикажани, реконструкцијата на настанот, по правило, посебно ќе се изврши со секој од нив.

(2) Реконструкцијата од ставот (1) на овој член може да се спроведе во потполност или со делумно користење на компјутерски симулации.

(3) Реконструкцијата не смее да се врши на начин со кој се навредува јавниот ред и морал или се доведува во опасност животот или здравјето на луѓето.

(4) При реконструкцијата по потреба можат повторно да се изведат одделни докази.

Член 235
Учество на стручно лице и вештак при вршењето на увидот и реконструкцијата

(1) Органот што врши увид или реконструкција може да побара помош од стручно лице од криминалистичко-техничка, сообраќајна или друга струка, кое, по потреба, ќе помогне во пронаоѓањето, обезбедувањето или опишувањето на трагите, ќе изврши потребни мерења и снимања, ќе направи скици и фотодокументација или ќе собере и други податоци.

(2) На увидот и на реконструкцијата може да се повика вештак ако неговото присуство би било од полза за давање наод или мислење.

4. Вештачење
Член 236

Определување вештачење

(1) Вештачење се определува кога за утврдување или оцена на некој важен факт треба да се прибави наод и мислење од лице кое располага со потребното стручно знаење. Вештачењето по правило го вршат вештаци запишани во регистарот на вештаци.

(2) Вештачењето се определува со писмена наредба.

(3) Во текот на претходната постапка наредбата ја донесува јавниот обвинител, а на главната расправа судот согласно со членот 394 став (2) од овој закон.

(4) Во наредбата ќе се наведе во однос на кои факти се врши вештачење и кому му се доверува.

(5) Ако за определен вид на вештачење постои високообразовна установа, научна установа или стручна установа или вештачењето може да се изврши во рамките на орган на државна управа, таквите вештачења, а особено посложените, ќе се доверуваат по правило на таква установа, односно орган. Ако вешт наод и мислење на орган на државна управа е приложен како доказ од страна на јавниот обвинител, а одбраната го оспорува истиот, може да му предложи на судот да нареди вештачење, кое ќе го изврши друга установа или орган.

(6) По правило, за вештачењето ќе се определи еден вештак, а ако вештачењето е сложено, тогаш може да се определат два или повеќе вештаци.

(7) Само по исклучок може да се определи за вештак лице кое има живеалиште во странство или странска стручна институција, кои според законите на матичната земја ги исполнуваат условите за вршење на вештачење, доколку во Република Македонија не постојат високообразовна установа, научна установа или стручна установа, трговец поединец – вештак или трговско друштво регистрирано за вршење вештачење, за определен вид вештачење.

(8) Органот од ставот (3) на овој член што го наредил вештачењето по претходно прибавено мислење од вештакот го определува рокот за вештачењето и за доставата на наодот и мислењето и тој рок може да биде продолжен само по образложено барање на вештакот.

Член 237

Должности на вештакот

(1) Лицето кое е повикано како вештак е должно да се јави на поканата и да даде свој наод и мислење во рокот определен во наредбата. Рокот определен во наредбата, од оправдани причини, може да се продолжи.

(2) Вештакот е должен до органот што го наредил вештачењето од членот 236 став (3) на овој закон да достави извештај, кој содржи: докази што ги прегледал, извршени тестови, наодот и мислењето до кои дошол и сите други релевантни податоци што вештакот смета дека се потребни за праведна и објективна анализа. Вештакот ќе образложи како дошол до определено мислење.

(3) Ако вештакот што е уредно повикан не дојде, а изостанокот не го оправда, или ако одбие да вештачи или ако не постапи во рокот определен во наредбата, може парично да се казни од 500 до 1.500 евра во денарска противвредност, а стручната установа од 1.000 до 3.000 евра во денарска противвредност. Во случај на неоправдан изостанок, вештакот може и присилно да се доведе.

(4) За жалбата против решението со кое е изречена парична казна одлучува советот од членот 25 став (5) на овој закон.

Член 238

Изземање на вештак

(1) За вештак не може да се земе лице кое не може да биде сослушувано како сведок (член 213) или лице кое е ослободено од должноста да сведочи (член 214), како и лице спрема кое е сторено кривичното дело, а ако е земено, врз неговиот наод и мислење не може да се заснова судската одлука.

(2) Причината за изземање на вештакот постои и во однос на лице кое заедно со обвинетиот или со оштетениот е во работен однос во ист орган или друго правно лице, како и во однос на лице кое е во работен однос кај оштетениот или обвинетиот.

(3) За вештак не може да се земе лице кое е испитано како сведок.

(4) Кога е дозволена посебна жалба против решението со кое се одбива барањето за изземање на вештакот (член 36 став (7)), жалбата го одлага извршувањето на вештачењето, доколку не постои опасност од одлагање.

Член 239

Постапка за вештачење

(1) Со вештачењето раководи органот што го наредил вештачењето од членот 236 став (3) на овој закон. Пред да почне вештачењето ќе се повика вештакот внимателно да го разгледа предметот на вештачењето, точно да наведе сé што ќе забележи и најде, и своето мислење да го изнесе непристрасно и во согласност со правилата на науката или вештината. Тој посебно ќе се предупреди дека давањето лажен исказ претставува кривично дело.

(2) Органот пред кој се води постапката му ги покажува на вештакот предметите што ќе ги разгледа, му поставува прашања и по потреба бара објаснување во однос на дадениот наод и мислење.

(3) На вештакот можат да му се даваат појаснувања, а може да му се дозволи и да ги разгледува списите. Вештакот може да предложи да се прибават докази, предмети и податоци што се од важност за давање наод и мислење. Ако присуствува на увид, реконструкција или на друго истражно дејствие, вештакот може да предложи да се разјаснат одделни околности или да му се постават одделни прашања на лицето кое се сослушува.

Член 240

Разгледување на предметот на вештачење

(1) Вештакот го разгледува предметот на вештачење во присуство на органот што ја води постапката и во присуство на записничарот, освен ако за вештачењето се потребни долготрајни испитувања или ако испитувањата се вршат во установи или во орган на државна управа или поради причини на моралот.

(2) Ако за целите на вештачењето е потребно да се изврши анализа на некоја материја, на вештакот ќе му се стави на располагање само дел од таа материја, доколку тоа е можно, а остатокот ќе се обезбеди во потребното количество за случај на дополнителни анализи.

Член 241

Записник за вештачењето и право за негово разгледување

(1) Во записникот за вештачењето или во писмениот наод и мислењето ќе се назначи кој го извршил вештачењето, број на лиценцата на вештакот и областа за која му е издадена лиценцата.

(2) По завршеното вештачење, органот кој го наредил вештачењето од членот 236 став (3) на овој закон ќе ги извести странките и бранителот доколку тие не присуствувале, дека вештачењето е извршено и дека записникот за вештачењето, односно писмениот наод и мислење можат да ги разгледаат.

Член 242

Вештачење во стручна установа или државен орган

(1) Ако вештачењето се доверува на високообразовна установа, научна установа или стручна установа или на трговско друштво регистрирано за вршење вештачење или на орган на државна управа, органот што ја води постапката ќе предупреди дека при давањето на наод и мислење не може да учествува лице од членот 238 на овој закон или лице за кое постојат причини за изземање од вештачење предвидени во овој закон, како и на последиците од давање на лажен исказ.

(2) На субјектите од ставот (1) на овој член ќе им се стави на располагање материјалот потребен за вештачењето, а ако е потребно, ќе се постапи согласно со одредбите на членот 239 став (4) од овој закон.

(3) Субјектите од ставот (1) на овој член го доставуваат писмениот наод и мислење потпишан од лицата кои го извршиле вештачењето.

(4) Одредбите од членот 239 ставови (1) и (3) на овој закон не се применуваат кога вештачењето е доверено на субјектите од ставот (1) на овој член. Органот пред кој се води постапката може да бара од субјектите од ставот (1) на овој член објаснување во однос на дадениот наод и мислење.

Член 243

Отстранување на недостатоци на вештачењето

Ако наодот или мислењето се нејасни, нецелосни или се во противречност сами со себе по наредба на органот што ја води постапката, вештачењето може да се врати на истите вештаци заради отстранување на утврдените недостатоци.

Член 244

Именување на технички советници

(1) Јавниот обвинител, како и обвинетиот и неговиот бранител имаат право да именуваат технички советници по правило од регистарот на вештаци, чиј број не може да биде поголем од двајца со цел да им помогнат во собирањето на податоци за стручни прашања или оспорување на вештачењето.

(2) Обвинетиот и неговиот бранител во случаи и под околности предвидени во овој закон за одбрана на сиромашни лица од членот 75 на овој закон имаат право на помош од технички советник на товар на Буџетот на Република Македонија.

(3) За технички советник не може да биде именувано лице кое согласно со членот 238 од овој закон не може да биде вештак.

Член 245

Дејствија на техничкиот советник

(1) По барање на странките, техничките советници можат да присуствуваат при вештачењето и на вештите лица да им даваат предлози или ставаат забелешки во однос на вештачењето, кои се внесуваат во извештајот.

(2) Ако техничките советници се именувани по завршеното вештачење можат да ги разгледаат наодот и мислењето или да побараат од органот што ја води постапката да бидат овластени да го прегледаат лицето или разгледаат предметот или местото што се предмет на вештачење.

Член 246

Преглед, обдукција и идентификација на леш

(1) Преглед и обдукција на леш ќе се преземе кога постои сомневање дека смртта е предизвикана со кривично дело. Ако лешот е веќе закопан ќе се определи ексхумација заради негов преглед и обдукција.

(2) При обдукцијата на леш се преземаат потребните мерки за да се установи идентитетот на лешот, и за таа цел посебно ќе се опишат податоците за надворешните и внатрешните телесни особини на лешот.

(3) Кога тоа е потребно ќе се применат идентификациони стручни и научни методи: земање и споредување на отпечатоци од прсти на лешот, анализа на ДНК примерок и споредување на добиениот ДНК профил со ДНК профилот на исчезнато лице или друго лице, крвни сродници на лицето за кое се претпоставува дека би можело да биде идентификувано, а по потреба и преземање на други анализи и примена на други стручни и научни методи со цел да се утврди идентитетот на лешот.

(4) Преглед и обдукција на леш во стручна установа се врши најмалку од двајца лекари, од кои најмалку еден е специјалист по судска медицина.

Член 247

Преглед и обдукција на леш надвор од стручна установа и изземање на лекарот што го лекувал умрениот

(1) Кога вештачењето не се врши во стручна установа, прегледот и обдукцијата на лешот ги врши еден, а по потреба двајца или повеќе лекари од судско-медицинската струка. Со ваквото вештачење раководи јавниот обвинител и во записникот го внесува наодот и мислењето на вештакот. Текот на секој преглед и обдукција на лешот мора да биде снимен визуелно-тонски, а кон записникот се приложува примерок од визуелно-тонската снимка.

(2) За вештак не може да се определи лекарот што го лекувал умрениот. При обдукцијата на лешот, заради давање разјаснување за текот и околностите на болеста, лекарот што го лекувал умрениот може да се испита како сведок.

Член 248

Психијатриско вештачење

(1) Ако се јави сомневање дека е исклучена или е намалена, пресметливоста на обвинетиот, поради трајна или привремена душевна болест, привремена душевна растроеност или заостанат душевен развој, ќе се определи психијатриско вештачење на обвинетиот.

(2) Ако се јави сомневање дека е исклучена или е намалена способноста на обвинетиот да учествува во постапката, поради трајна или привремена душевна болест, привремена душевна растроеност или заостанат душевен развој, ќе се определи психијатриско вештачење на обвинетиот, доколку со преглед од страна на стручно лице не може со сигурност да се утврди способноста.

(3) Ако според мислењето на вештакот е потребно подолго посматрање, обвинетиот ќе се испрати на посматрање во соодветна здравствена установа. Решение за тоа донесува судот. Посматрањето може да трае еден месец, а само по образложен предлог на управникот на здравствената установа по претходно прибавено мислење од вештаците може да трае најдолго до два месеца.

(4) Против решението од ставот (2) на овој член, обвинетиот и неговиот бранител можат да изјават жалба во рок од 24 часа од часот кога решението му е врачено на обвинетиот, односно бранителот. За жалбата во рок од 48 часа одлучува советот од членот 25 став (5) на овој закон. Жалбата не го задржува извршувањето на решението.

(5) Ако вештаците установат дека душевната состојба на обвинетиот е растроена ќе ја определат природата, видот, степенот и трајноста на растроеноста и ќе дадат свое мислење за тоа какво влијание имала таквата душевна состојба и какво сѐ уште има врз сфаќањето и постапките на обвинетиот, како и дали и во колкава мера постоело растројство на душевната состојба во време на извршување на кривичното дело.

(6) Ако во здравствената установа се упатува обвинетиот кој се наоѓа во притвор, судијата на претходната постапка ќе ја извести установата за причините поради кои е определен притворот, за да се преземат потребните мерки за обезбедување на целта на притворот.

(7) Времето поминато во здравствената установа ќе му се засмета на обвинетиот во притворот, односно во казната, ако биде изречена.

Член 249

Телесен преглед, земање крв и други лекарски дејствија

(1) Телесен преглед на обвинетиот или на други лица ќе се преземе и без нивна согласност ако е потребно да се утврдат фактите важни за кривичната постапка.

(2) Земање на крв и други лекарски дејствија, кои според правилата на медицинската наука се преземаат заради анализа, идентификација на лица и утврдување на други факти важни за кривичната постапка, можат да се преземат и без согласност од лицето кое се прегледува, ако поради тоа не би настапила некаква штета по неговото здравје.

(3) Примероци за спроведување на ДНК анализа може да се земат, кога тоа е потребно заради идентификација на лица или заради споредување со други биолошки траги и други ДНК профили, и за тоа не е потребна согласност од лицето.

(4) Не е дозволено спрема обвинетиот или сведокот да се применат медицински интервенции или да им се даваат такви средства со кои би се влијаело врз нивната свест и волја при давањето на исказ.

(5) Доколку не се поведе постапка, земените примероци согласно со овој член можат да се чуваат до застареност на кривичното гонење според одредбите на Кривичниот законик.

5. Снимка и електронски доказ

Член 250
Докажување со снимка

(1) Фотографии, филмови или други аудио или визуелни снимки добиени со технички средства може да служат како доказ во кривичната постапка.

(2) Во однос на снимката се постапува како и со другите предмети кои можат да се употребат како доказ, водејќи сметка да не се оштети или уништи и да се сочува нејзината содржина во неизменет облик. По потреба ќе се преземат потребни мерки за да се зачува снимката во неизменет облик или да се изработи нејзина копија.

(3) Доколку поинаку не е пропишано со овој закон, содржината на снимката се утврдува со нејзино репродуцирање. Снимката ја репродуцираат стручни лица.

Член 251

Електронски доказ

За прибавување на електронски доказ се применуваат одредбите од членовите 198 и 199 на овој закон, доколку поинаку не е определено со овој закон.

Глава XIX

ПОСЕБНИ ИСТРАЖНИ МЕРКИ

Член 252
Цел и видови на посебни истражни мерки

(1) Кога е веројатно дека ќе се обезбедат податоци и докази неопходни за успешно водење на кривичната постапка, како и податоци за лице кое е предмет на распишана меѓународна потерница кои на друг начин не можат да се соберат, може да се преземат следниве посебни истражни мерки:
1) следење и снимање на телефонските и другите електронски комуникации во постапка утврдена со посебен закон;
2) следење и снимање во дом, затворен или заграден простор што му припаѓа на тој дом или деловен простор означен како приватен или во возило и влез во тие простории заради создавање на услови за следење на комуникации;
3) тајно следење и снимање на лица и предмети со технички средства надвор од домот или деловен простор означен како приватен;
4) таен увид и пребарување во компјутерски систем;
5) автоматско, или на друг начин, пребарување и споредување на личните податоци;
6) увид во остварени телефонски и други електронски комуникации,
7) симулиран откуп на предмети;
8) симулирано давање и примање поткуп;
9) контролирана испорака и превоз на лица и предмети и одложување на приведување или одземање предмети;
10) користење на лица со прикриен идентитет за снимање, следење и собирање на информации или податоци и инфилтрирање во организирани криминални групи;
11) отворање симулирана банкарска сметка и
12) симулирано регистрирање на правни лица или користење на постојни правни лица за собирање на податоци и создавање услови за инфилтрирање.

(2) Во случај кога не се располага со сознание за идентитетот на сторителот на кривичното дело, посебните истражни мерки од ставот (1) на овој член може да се определат и спрема предметот на кривичното дело.

Член 253

Кривични дела за кои може да се определат посебните истражни мерки

Посебните истражни мерки може да се определат, кога постојат основи на сомневање:
1) за кривични дела за кои е пропишана казна затвор од најмалку четири години, а се подготвуваат, во тек е извршување или се извршени од страна на организирана група, банда или друго злосторничко здружение или
2) за кривичните дела убиство од членот 123; грабнување од членот 141; посредување во проституција од членот 191 ставови (1), (3) и (4); прикажување на порнографски материјали на малолетник од членот 193; производство и дистрибуција на детска порнографија од членот 193-а; намамување на обљуба или друго полово дејствие на малолетник кој не наполнил 14 години од членот 193-б; неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од членот 215 ставови (1) и (3); оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем од членот 251 ставови (4) и (6); изнуда од членот 258; уцена од членот 259 став (2); присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природна реткост од членот 265; изнесување, односно извезување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости од членот 266 став (1); отуѓување на културно наследство од особено значење во државната сопственост од членот 266-а; перење пари и други приноси од казниво дело од членот 273 ставови (1), (2) и (3) и од ставови (5), (6), (8) и (12); криумчарење од членот 278 ставови (3) и (5); царинска измама од членот 278-а; злоупотреба на службена положба и овластување од членот 353; проневера во службата од членот 354; измама во службата од членот 355; послужување во службата од членот 356; примање на поткуп од членот 357 ставови (1), (4), (5) и (6); давање на поткуп од членот 358 ставови (1) и (4); противзаконито посредување од членот 359 став (6); незаконито влијание врз сведоци од членот 368-а став (3); злосторничко здружување од членот 394 став (3); терористичка организација од членот 394-а ставови (1), (2) и (3); тероризам од членот 394-б и финансирање тероризам од членот 394-в сите од Кривичниот законик или
3) за кривични дела против државата (Глава XXVIII), кривични дела против вооружените сили (Глава XXIX) и кривични дела против човечноста и меѓународното право (Глава XXXIV) од Кривичниот законик.
4) за блиски лица и членови на семејствата на лицата наведени во точките 1), 2) и 3) од овој член.

Член 254

Поттикнување и помагање кај посебните истражни мерки

(1) Со преземањето на посебните истражни мерки од членот 252 став (1) на овој закон не смее да се поттикнува на извршување кривично дело.

(2) Против лицето кое ги презема посебните истражни мерки од членот 252 став (1) на овој закон нема да се преземе кривично гонење за дејствијата што претставуваат помагање за кривично дело, а се сторени заради обезбедување на податоци и докази за успешно водење на кривичната постапка.

Член 255

Лица против кои може да се определат посебни истражни мерки

(1) Согласно со условите од членот 252 став (1) на овој закон, наредбата може да се однесува на лице кое:
1) сторило кривично дело од членот 253 на овој закон;
2) презема дејствие на извршување на кривично дело од членот 253 на овој закон;
3) подготвува извршување на кривично дело од членот 253 на овој закон кога подготвувањето е казниво според одредбите на Кривичниот законик или
4) лице за кое е распишана меѓународна потерница за кривично дело од членот 253 од овој закон.

(2) Наредбата може да се однесува и спрема лице кое прима или проследува пратки од осомничениот или осомничениот користи негово комуникациско средство или на кој било начин е во комуникација со лицето од ставот 1 точка 4) на овој член.

(3) Доколку при примената на мерката бидат следени и снимени комуникации на лица кое не се опфатени со наредбата, јавниот обвинител е должен да ги издвои и да го извести судијата на претходната постапка. По предлог на јавниот обвинител, судијата на претходната постапка може да нареди од целосната документација од примената на мерката да се издвојат само делови што се однесуваат на кривичното дело за кое е издадена наредбата.

Член 256

Орган овластен за наредување на посебните истражни мерки

Мерките од членот 252 став (1) точки 1, 2, 3, 4 и 5 на овој закон по образложено барање на јавниот обвинител ги определува судијата на претходната постапка со писмена наредба. Мерките од членот 252 став (1) точки 6, 7, 8, 9, 10, 11 и 12 на овој закон ги определува јавниот обвинител со писмена наредба.

Член 257

Содржина на наредбата и привремената писмена наредба

(1) Наредбата со која се определува една или повеќе посебни истражни мерки содржи:
– законски назив на кривичното дело,
– лицето или предметите врз кои ќе се применат мерките,
– техничките средства кои ќе се применат,
– обемот и местото на спроведување на мерките,
– сознанијата и доказите врз основа на кои се засноваат основите на сомневање и образложение за причините поради кои податоците или доказите не можат да се соберат на друг начин,
– органот што треба да ја спроведе наредбата и
– времетраењето на мерката.

(2) Привремената писмена наредба покрај елементите од ставот (1) на овој член содржи и податоци за времето (ден, месец, година, час и минута) кога надлежниот јавен обвинител усно од надлежниот судија побарал издавање на привремената писмена наредба.

(3) Наредбата, односно привремената писмена наредба за следење и снимање на комуникациите од членот 252 став (1) точки 1 и 2 и ставот (2) од овој закон, треба да ги содржат и видот на телекомуникацискиот систем, телефонскиот број или друг податок за идентификација на телекомуникацискиот приклучок, како и идентификацискиот број за секој од нив поодделно.

(4) Анонимизираниот примерок на наредбата, односно привремената писмена наредба од ставовите (1), (2) и (3) на овој член која се доставува до Оперативно-техничката агенција ги содржи:
– број на наредбата и органот кој ја издал,
– техничките средства кои ќе се применат,
– времетраењето на посебните истражни мерки и идентификациониот број и
– видот на телекомуникацискиот систем, телефонскиот број или друг податок за идентификација, како и идентификацискиот број за секој од нив поодделно.

(5) Анонимизираниот примерок од наредбата односно привремената писмена наредба од ставовите (1), (2) и (3) на овој член, кој за потребите на надзорот и контролата што се врши согласно со одредбите од овој закон, содржи податоци за:
– бројот на наредбата и органот кој ја издал,
– времетраење на мерката и
– идентификацискиот број.

(6) Анонимизацијата на податоците во наредбата, односно привремената писмена наредба од ставовите (4) и (5) на овој член, ја врши судијата кој ја издал наредбата.

(7) Начинот на анонимизацијата и на евидентирањето во соодветниот уписник во судот на анонимизираните примероци од наредбата од ставовите (4) и (5) на овој член, го пропишува министерот за правда.

Член 258

Овластен орган за спроведување на посебните истражни мерки

(1) Мерките од членот 252 на овој закон ги спроведува јавниот обвинител или правосудната полиција под контрола на јавниот обвинител. Во текот на извршување на мерката правосудната полиција изготвува извештај кој го доставува до јавниот обвинител по негово барање и во секој случај на секои 30 дена.

(2) По спроведување на мерките правосудната полиција изготвува конечен извештај кој го доставува до јавниот обвинител.

(3) Во извештајот од ставот (2) на овој член се наведени:
1) времето на почеток и завршување на мерката;
2) бројот и идентитетот на лицата опфатени со мерката и
3) краток опис за текот и резултатите од примената на мерката.

(4) Целокупната документацијата на техничкиот запис се доставува до јавниот обвинител, во прилог на извештајот од ставот (2) на овој член.

(5) Јавниот обвинител извештајот од ставот (2) на овој член и целокупната документација од ставот (3) на овој член, по донесување на јавно обвинителска одлука во рок од осум дена ги доставува до судот.

Член 259

Користење на посебните истражни мерки како доказ во кривичната постапка

(1) Податоците, известувањата, документите и предметите прибавени со примена на посебните истражни мерки од членот 252 на овој закон, под услови и на начин утврдени со овој закон, може да се користат како доказ во кривичната постапка.

(2) Изјавите добиени со примена на посебните истражни мерки од лица кои согласно овој закон се ослободени од обврската за сведочење не може да се користат како доказ.

(3) Лицата што учествувале во спроведувањето на мерките од членот 252 став (1) точка 10 на овој закон може да се испитаат како заштитени сведоци под услови определени со членот 226 до 232 од овој закон.

(4) Идентитетот на лицата кои учествувале во спроведувањето на мерките од членот 252 став (1) точка 10 на овој закон претставува службена тајна.

(5) Ако при примената на мерката не е постапено во согласност со одредбите на овој закон, врз добиените податоци не може да се заснова судската одлука.

Член 260

Времетраење на примена на мерките

(1) Посебните истражни мерки може да траат најдолго четири месеци.

(2) Продолжување на мерките од членот 252 став (1) точки 1, 2, 3 и 4 на овој закон најдолго за уште четири месеци може да одобри судијата на претходната постапка, а по образложено писмено барање на јавниот обвинител.

(3) За кривични дела за кои е пропишана казна затвор од најмалку четири години за кои постои основано сомневање дека се извршени од страна на организирана група, банда или друго злосторничко здружение, судијата на претходната постапка може да го продолжи рокот од ставот (2) на овој член за уште најдолго шест месеци, по писмено барање на јавниот обвинител, а врз основа на проценка на корисноста од собраните податоци со примена на мерката и врз разумно очекување дека со мерката и натаму може да се добијат податоци од интерес за постапката.

(4) Мерките од членот 252 став (1) точки 9, 10, 11 и 12 на овој закон можат да се продолжат до остварување на целта за која е определена мерката, а најдоцна до завршување на истрагата.

(5) Против решението на судијата со кое не се одобрува продолжување на времетраењето на мерката, по жалба на јавниот обвинител во рок од 24 часа одлучува советот на судот од членот 25 став (5) на овој закон.

Член 261

Запирање на посебните истражни мерки

(1) Кога ќе се постигнат целите заради кои се определени посебните истражни мерки или ќе престанат да постојат основите заради кои се одобрени, јавниот обвинител е должен веднаш да нареди запирање на мерките што тој ги определил, односно за тоа ќе го извести судијата и ќе побара нивно запирање.

(2) Ако јавниот обвинител се откаже од кривично гонење или ако собраните податоци со посебните истражни мерки немаат значење за водење на постапката, ќе се уништат под надзор на судијата, а за тоа јавниот обвинител ќе изготви записник.

Член 262

Известување на засегнатото лице

По прекинување на посебните истражни мерки, ако тоа не штети на постапката, по барање на засегнатото лице, јавниот обвинител ќе му ја достави писмената наредба. Засегнатото лице барањето може да го достави и до судот.

Член 263

Проширување на наредбата

Ако при спроведувањето на мерката се добијат податоци за кривично дело кое не е опфатено со наредбата, мерката ќе продолжи само доколку станува збор за кривично дело од членот 253 на овој закон и така собраните податоци може да се користат како доказ во кривичната постапка.

Член 264

Заштита на податоци во врска со посебните истражни мерки

Лице кое на кој и да било начин дознае податоци што се однесуваат или произлегуваат од примената на посебните истражни мерки е должно да ги чува како службена тајна.

Член 265

Автоматско или на друг начин пребарување и споредување на личните податоци на граѓаните

Мерката од членот 252 став (1) точка 5 на овој закон се состои во автоматско или на друг начин пребарување и споредување на збирките на лични податоци на лица и на други податоци кои непосредно се поврзани со нив и нивното споредување со определени карактеристики на лицето за кое основано се претпоставува дека е во врска со кривичното дело, со цел да се исклучат лицата кои не се осомничени или да се утврдат лицата кои ги поседуваат карактеристиките што се потребни за истрагата.

Член 266

Должности за контролорите на збирки на податоци

(1) Правните и физичките лица коишто вршат обработка на лични податоци се должни да овозможат непречено извршување на наредбата за примена на мерката од членот 252 став (1) точка 5 на овој закон.

(2) За целите од ставот (1) на овој член правните и физичките лица се должни да ги направат достапни личните податоци што се бараат и да им ги предадат на надлежните органи.

Член 267

Бришење или уништување на собраните лични податоци

Ако во рок од 15 месеци по завршување на спроведување на мерката од членот 252 став (1) точка 5 на овој закон не се поведе кривична постапка, сите собрани лични податоци се бришат или уништуваат под надзор на судијата на претходна постапка, јавниот обвинител и претставникот на Дирекција за заштита на личните податоци за што јавниот обвинител ќе состави записник.

Член 267-а

Чување и ништење на податоците собрани со посебните истражни мерки

(1) Податоците прибавени со примената на посебните истражни мерки се чуваат од страна на надлежниот јавен обвинител и по донесување на одлука од јавен обвинител се доставуваат до судот.

(2) Во случај кога надлежниот јавен обвинител ќе донесе одлука со која истрагата се затвора без можност за нејзино повторно отворање, податоците од ставот 1 на овој член, се предаваат на судија на претходна постапка.

(3) Во случај кога надлежниот јавен обвинител ќе поднесе обвинение, податоците од ставот 1 на овој член, се чуваат во судот, и тоа:
– во случај кога е донесена ослободителна или одбивателна пресуда,
– до истекот на роковите за застареност на кривичното гонење,
– во случај кога е донесена осудителна пресуда и
– до истекот на рокот за застареност на извршување на кривичната санкција.

(4) По истекувањето на рокот од ставот (3) на овој член, податоците се ништат за што се изготвува извештај.

(5) Решение за ништење на податоците од ставот (4) на овој член, донесува судијата на претходната постапка врз основа на посебно барање или по службена должност.

(6) Барањето од ставот (5) на овој член, го доставува надлежниот јавен обвинител или заинтересираното лице.

(7) Ништењето на податоците го врши судија определен од претседателот на судот каде што е водена кривичната постапка во која се користени тие податоци.

(8) За извршеното ништење, судијата изготвува извештај.

Член 268

Причини за ограничување на примената на посебните истражни мерки

(1) Мерката од членот 252 став (1) точка 2 на овој закон смее да се насочи само спрема осомничениот и да се спроведе само во домот на осомничениот. Мерката е дозволена и во дом на други лица само врз основано сомневање дека таму престојува осомничениот.

(2) Снимањето ќе се прекине ако за време на снимањето постојат показатели дека ќе се пресретнат искази што спаѓаат во основната сфера на приватниот и семејниот живот. Документацијата за таквите искази треба веднаш да се уништи.

Член 269

Лицата за истрага со прикриен идентитет и нивните овластувања

(1) Лицата со прикриен идентитет од членот 252 став (1) точка 10 на овој закон се припадници на правосудната полиција или исклучиво други лица кои со одобрение од јавниот обвинител, вршат истрага под прикриен или променет идентитет.

(2) За потребите на лицата за истрага со прикриен идентитет, може да се изготвуваат, менуваат и користат лични и други документи и исправи.

(3) Лицата од ставот (1) на овој член имаат право со променетиот идентитет да учествуваат во правниот промет.

(4) Надлежните државни органи и други правни лица се должни да овозможат да се изготват документите од ставот (2) на овој член.

(5) Вработените во државните органи и правни лица од ставот (4) на овој член се должни да ги чуваат како класифицирана информација сите податоци и информации во врска со изготвување на документите од ставот (2) на овој член.

Член 270

Заштита на тајноста на идентитетот на лицата за истрага со прикриен идентитет

Идентитетот на лицата за истрага со прикриен идентитет се чува во тајност и по завршувањето на постапката, заради заштита на животот, физичкиот интегритет или слободата на овие лица и на нивните блиски.

Член 271

Известување за примената на посебните истражни мерки

(1) Јавниот обвинител на Република Македонија еднаш годишно доставува извештај за посебните истражни мерки до Собранието на Република Македонија што се побарани во претходната календарска година.

(2) Во извештајот од ставот (1) на овој член треба да се наведе:
1) бројот на постапките во кои се наредени посебни истражни мерки согласно со членот 252 од овој закон;
2) кривичните дела што служеле како повод согласно со поделбата во членот 253 од овој закон;
3) дали постапката е поврзана со гонење на организиран криминал;
4) бројот на набљудувани објекти и бројот на набљудувани лица за секоја постапка според обвинети и необвинети лица;
5) времетраење на посебната истражна мерка;
6) дали од следењето произлегле резултати што се релевантни за постапката или постои веројатност дека можат да бидат релевантни за постапката;
7) ако од следењето не произлегле релевантни резултати, кои се причините за тоа, диференцирано, според техничките  причини и други причини и
8) трошоците кои произлегуваат од примената на посебната истражна мерка.

ВТОР ДЕЛ

ТЕК НА ПОСТАПКАТА

ОДДЕЛ А. ПРЕТХОДНА ПОСТАПКА

Глава XX

ПРЕДИСТРАЖНА ПОСТАПКА

1. Поводи

Член 272

Поводи за поведување кривична постапка

Јавниот обвинител и правосудната полиција за сторено кривично дело дознаваат со непосредно забележување, по допрен глас или по примена кривична пријава.

Член 273

Пријавување кривични дела

(1) Сите државни органи, јавни претпријатија и установи се должни да ги пријават кривичните дела за кои се гони по службена должност за кои се известени или за нив дознале на друг начин.

(2) Поднесувајќи ја пријавата, пријавителите од ставот (1) на овој член ќе ги наведат и доказите што им се познати и ќе преземат мерки за да се зачуваат трагите од кривичното дело, предметите што се употребени во неговото извршување или настанале од извршувањето и други докази.

(3) Секој може да пријави кривично дело кое се гони по службена должност.

Член 274

Поднесување на пријава

(1) Кривичната пријава се поднесува до надлежниот јавен обвинител, писмено или усно, телефонски, по електронски пат или со употреба на други технички средства и начини.

(2) Ако пријавата е поднесена преку електронски уред се обезбедува нејзин електронски запис и се составува службена белешка.

(3) Ако кривичната пријава се поднесува усно, пријавувачот ќе се предупреди за последиците од лажно пријавување. За усната пријава ќе се состави записник, а ако кривичната пријава е соопштена по телефон ќе се состави службена белешка.

(4) Ако кривичната пријава е поднесена до полицијата, до судот или до ненадлежен јавен обвинител, тие ќе ја примат пријавата и веднаш ќе ја достават до надлежниот јавен обвинител.

Член 275

Рок за одлучување по кривичната пријава

(1) Ако јавниот обвинител во рок од три месеци од денот на приемот на кривичната пријава не одлучи по пријавата, должен е веднаш писмено да ги извести подносителот на кривичната пријава и повисокиот јавен обвинител.

(2) Кон известувањето од ставот (1) на овој член до повисокиот јавен обвинител се изнесуваат и причините за неодлучување по кривичната пријава.

2. Полициски извиди

Член 276

Овластувања на полицијата

(1) По приемот на кривичната пријава или добиеното сознание за сторено кривично дело за кое се гони по службена должност, полицијата е должна да ги преземе потребните мерки за пронаоѓање на сторителот на кривичното дело, сторителот или соучесникот да не се скрие или побегне, да се откријат и обезбедат трагите на кривичното дело и предметите што можат да послужат како доказ, како и да ги собере сите известувања што би можеле да бидат од корист за успешно водење на кривичната постапка.

(2) Заради извршување на задачите од ставот (1) на овој член полицијата може:
1) да бара потребни известувања од граѓани;
2) да сопре, легитимира и да изврши потребен преглед на лица, превозни средства и багаж ако постојат основи на сомневање дека кај нив ќе се пронајдат траги на кривичното дело или предмети што можат да послужат како доказ. Времето на нивното задржување не може да биде подолго од шест часа. Полицијата може да употреби сила во разумна мера само како крајно средство ако тоа е нужно за да се изврши преглед на лицето, превозното средство или багажот;
3) да пренасочи или ограничи движење на лица и превозни средства на определен простор за нужно потребно време, но не повеќе од шест часа;
4) да преземе потребни мерки заради утврдување на идентитетот на лицата и на предметите;
5) да спроведе потрага, да распише распис по лицето и објава по имотот и имотната корист или по предметите по кои се трага;
6) во присуство на службено или одговорно лице да изврши преглед на определени објекти и простории на државни органи, институции што вршат јавни овластувања и други правни лица и да оствари увид во нивната документација и
7) да преземе други потребни мерки и дејствија предвидени со закон.

(3) За фактите и околностите што се утврдени при преземањето на одделни дејствија кои можат да бидат од интерес за кривичната постапка, како и за предметите што се пронајдени или се одземени ќе се состави записник. Лицата и патниците на превозното средство кои се прегледуваат или претресуваат треба да бидат известени дека за преземените дејствија ќе се состави записник.

(4) Јавниот обвинител има право и должност на постојана контрола врз полицијата при спроведување на овие дејствија. Јавниот обвинител може и сам да ги спроведува овие мерки.

Член 277

Земање отпечатоци, примерок за ДНК анализа и фотографирање

(1) Кога е потребно заради утврдување на идентитетот на лицата и предметите или во други случаи од интерес за успешно водење на постапката, правосудната полиција може да го фотографира осомничениот, да земе отпечаток од папиларните линии од прстите и дланките, да земе биолошки материјал за ДНК анализа, а по претходно одобрение на јавниот обвинител да ја објави и неговата фотографија. Правосудната полиција може од осомничениот да земе и примероци заради ДНК анализа, согласно со членот 249 став (3) од овој закон.

(2) Ако е потребно да се утврди од кого потекнуваат трагите оставени врз определени предмети, полицијата може да земе отпечаток од папиларни линии од прстите и дланките, како и биолошки материјал за ДНК анализа од лица за кои постои веројатност дека можеле да дојдат во допир со тие предмети.

Член 278

Препознавање

1) Во случај кога се работи за осомничен чиј идентитет и е познат на правосудната полиција и кој и е достапен, може да се применат следниве методи на препознавање од страна на сведоци:
а) со смотра;
б) со групна идентификација;
в) со видеофилм и
г) со соочување.

(2) Спроведувањето на овие видови на препознавање се врши во присуство на јавен обвинител.

(3) Пред да се пристапи кон препознавање, сведокот ќе го опише лицето кое е осомничено и за тоа ќе се состави записник.

(4) При препознавањето има право да присуствува бранителот на обвинетиот.

(5) Смотрата нема да се спроведе ако поради необичниот изглед на осомничениот или поради некоја друга причина, практично не може да се соберат доволно луѓе што личат на него за да биде правична постапката.

(6) Од секоја смотра ќе се сними видеоснимка или фотографија.

(7) Начинот на препознавање го утврдува министерот за внатрешни работи.

Член 279

Повикување граѓани од страна на правосудната полиција заради прибирање известувања

(1) Правосудната полиција може да повикува граѓани заради собирање на известувања за кривичното дело и сторителот или за други важни околности што се однесуваат на кривичното дело.

(2) Повикувањето се врши со писмена покана, во која мора да се наведат причините за неговото повикување и поука за правата од членот 69 на овој закон.

(3) Ако лицето кое ќе се јави на поканата одбие да даде известување, тоа повторно не може да се повикува за истата причина.

(4) Собирањето на известувањата од исто лице може да трае онолку време колку што е неопходно да се добие потребното известување, а најдолго четири часа.

(5) Известувањата од граѓани не смеат да се собираат присилно ниту со измама или малтретирање, а полицијата е должна да ја почитува личноста и достоинството на граѓанинот.

(6) Граѓанинот може повторно да се повикува заради собирање на известувања за друго кривично дело или сторител, а за собирање известувања за истото кривично дело може од важни причини да биде повикан само уште еднаш.

(7) Правосудната полиција повиканиот граѓанин не може да го испитува во својство на обвинет, сведок или вештак.

(8) Во случај кога правосудната полиција ќе оцени дека повиканиот граѓанин може да се јави во својство на осомничен веднаш го известува јавниот обвинител.

Член 280

Поднесување кривична пријава по полициските извиди

Врз основа на собраните сознанија правосудната полиција составува кривична пријава за извршените дејствија во која ги наведува и доказите што ги дознала. Со пријавата се доставуваат и предмети, скици, фотографии, списи за преземени дејствија, службени белешки, изјави и другиот материјал што може да биде корисен за успешно водење на постапката. Ако правосудната полиција дополнително дознае за нови околности, докази или траги од кривичното дело, е должна да собере потребни известувања и за тоа веднаш да го извести јавниот обвинител.

Член 281

Задржување на лицата затекнати на местото на извршување

Полицијата има право лицата затекнати на местото на извршување на кривичното дело да ги упати кај јавниот обвинител или да ги задржи до неговото доаѓање, доколку тие лица би можеле да дадат податоци важни за кривичната постапка и доколку е веројатно дека нивното испитување подоцна не би можело да се изврши или би било поврзано со значително одолжување или други тешкотии. За причините за задржувањето се известува задржаното лице. Задржувањето на овие лица на местото на извршување на кривичното дело не може да трае подолго од шест часа.

3. Прибирање потребни известувања

Член 282

Информирање на јавниот обвинител

(1) По приемот на кривична пријава или добиеното сознание за постоење основи на сомневање дека е сторено кривично дело за кое се гони по службена должност, полицијата, без одлагање по писмен пат го известува јавниот обвинител.

(2) Ако постојат основи на сомневање за кривично дело за кое е пропишана казна затвор од најмалку четири години или постојат причини за итност, полицијата, односно правосудната полиција известувањето на јавниот обвинител ќе му го даде веднаш по усмен пат.  На усното известување мора без одлагање да следи писмено известување, согласно со ставот (1) на овој член.

Член 283

Раководење на предистражната постапка

(1) По приемот на кривичната пријава или по добиеното известување од полицијата, со постапката раководи јавниот обвинител.

(2) Правосудната полиција е должна да постапува по наредбите и насоките на јавниот обвинител согласно со членот 284 од овој закон.

(3) Правосудната полиција продолжува со извидите и тогаш кога нема посебни наредби или насоки од јавниот обвинител и за спроведените мерки и дејствија го известува јавниот обвинител.

Член 284

Претходно прибирање на известувања

(1) Јавниот обвинител самиот или преку правосудната полиција, односно други лица вработени во истражните центри на јавното обвинителство, ќе ги собере известувањата потребни за одлучување по кривичната пријава, а по потреба тоа ќе го стори и преку полицијата или другите органи надлежни за откривање.

(2) За преземените мерки и проверки по наредба или по насоки на јавниот обвинител, полицијата и другите органи од ставот (1) на овој член, се должни да дадат известување најдоцна во рок од 30 дена од приемот на наредбата.

(3) Во наредбата јавниот обвинител може поблиску да ги определи потребните дејствија и да и нареди на полицијата без одлагање да го извести за преземените мерки. Ако јавниот обвинител бара да присуствува на овие дејствија, полицијата ќе ги преземе на начин со кој тоа ќе му се овозможи.

(4) Само во исклучително сложени случаи за тешки кривични дела извршени од повеќе лица или од организирана криминална група, правосудната полиција може да бара одобрение од јавниот обвинител за продолжување на рокот од ставот (2) на овој член. Во дополнително дадениот рок, кој не може да биде подолг од 30 дена, правосудната полиција е должна јавниот обвинител да го извести за дотогаш преземените дејствија и за резултатите од нив.

Член 285

Овластување на јавниот обвинител да повикува лица

(1) Заради прибирање потребни известувања, јавниот обвинител може да го повика подносителот на кривичната пријава, како и други лица за чии сознанија смета дека може да придонесат за оцена на веродостојноста на наводите во пријавата или за кои смета дека може да бидат сведоци во постапката, при што ги известува за причините за повикувањето. Притоа, соодветно се применуваат одредбите за повикување и испитување на сведоци.

(2) Јавниот обвинител може да го повика и осомничениот, при што согласно се применуваат одредбите од членовите 205, 206, 207, 208, 209, 210 и 211 на овој закон.

(3) За прибавените известувања од ставот (1) на овој член јавниот обвинител составува записник.

(4) Со одлука на судот присилно може да се доведе само лице кое не се одзвало на уредно доставената покана или лице кое очигледно избегнува да прими покана, ако неговото присуство е неопходно за разјаснување на околности битни за одлуката дали да се поведе истражна постапка за дело за кое се гони по службена должност и за кое е предвидена казна затвор повеќе од пет години.

Член 286

Прибирање известувања од лица во притвор

(1) Јавниот обвинител или полицијата, кога тоа ќе и го довери јавниот обвинител, со одобрение од судот можат да собираат известувања од лица кои се во притвор, доколку тоа е потребно заради разјаснување на други кривични дела и сторители.

(2) При прибирањето известувања од лице во притвор ќе се примени одредбата од членот 210 на овој закон.

Член 287

Обврска за доставување барани податоци до јавниот обвинител

(1) По барање од јавниот обвинител, државните органи, органите на единиците на локалната самоуправа, организации, правни и физички лица што вршат јавни овластувања или други правни лица ќе му ги достават податоците кои од нив ги барал. Јавниот обвинител од овие субјекти може да бара контрола во работењето на правно и физичко лице и привремено одземање до донесување на правосилна пресуда на пари, хартии од вредност, предмети и документи кои можат да послужат како доказ, да бара вршење на даночна контрола и да му бидат доставени податоци кои можат да послужат како доказ за сторено кривично дело или имот стекнат со извршување на кривично дело, извршување на инспекциска контрола и да бара известувања за податоци кои се во врска со необични и сомнителни парични трансакции.

(2) Субјектите од ставот (1) на овој член се должни на јавниот обвинител да му достават податоци, известувања, документи, предмети, банкарски сметки или списи кои му се потребни во текот на постапката. Јавниот обвинител има право да бара податоци, известувања, документи, предмети, банкарски сметки или списи и од други правни лица и од граѓаните за кои може основано да смета дека располагаат со такви податоци или информации.

(3) Субјектите од ставот (1) на овој член се должни да ги преземат потребните мерки во временски рок утврден во барањето, но најмногу во рок од 15 дена да ги достават на јавниот обвинител бараните податоци, известувања, документи, предмети, банкарски сметки или списи.

(4) Доколку субјектите од ставот (1) на овој член не постапат согласно со ставот (3) на овој член, јавниот обвинител може да му предложи на судот да изрече парична казна во висина од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност за одговорното, односно службеното лице во субјектите од ставот (1) на овој член и парична казна во висина од 5.000 до 50.000 евра во денарска противвредност за правното лице.

(5) Јавниот обвинител има право самиот да ги обезбеди и да изврши увид во бараните податоци, известувања, документи, предмети, банкарски сметки или списи, а за нивното недоставување ќе го извести одговорното односно службеното лице во субјектот до кој се обратил и може да предложи преземање на соодветни мерки определени со закон.

(6) Ако јавниот обвинител согласно со ставот (5) на овој член предложил преземање на соодветни мерки, одговорното, односно службеното лице во органот или лицето до кое се обратил е должно во рок од 15 дена да го известат за мерките кои се преземени.

(7) Увидот во банкарски сметки согласно со ставовите (1), (2) и (3) од овој член не претставува повреда на банкарска тајна.

(8) На барање на јавниот обвинител операторите на јавни комуникациски мрежи и даватели на јавни комуникациски услуги се должни да достават мета податоци кои операторот ги задржува согласно со Законот за електронски комуникации.

Член 288

Отфрлање на кривичната пријава

(1) Јавниот обвинител со решение ќе ја отфрли кривичната пријава ако од самата пријава произлегува дека пријавеното дело не е кривично дело за кое се гони по службена должност, ако настапила застареност или делото е опфатено со амнестија или помилување, ако постојат други околности што го исклучуваат гонењето или ако не постои основано сомневање дека пријавениот го сторил кривичното дело.

(2) Решението за отфрлање на кривичната пријава му се доставува на оштетениот со поука дека може во рок од осум дена да поднесе жалба до непосредно повисокиот јавен обвинител, а подносителот на пријавата се известува за причините за отфрлањето.

(3) Доколку жалбата е недозволена или ненавремена повисокиот јавен обвинител писмено ќе го извести оштетениот.

(4) Повисокиот јавен обвинител во рок од 30 дена по приемот е должен да одлучи по жалбата на оштетениот.

(5) Постапувајќи по жалбата, повисокиот јавен обвинител може со решение да го потврди решението за отфрлање на кривичната пријава или жалбата да ја уважи и да го задолжи понискиот јавен обвинител да ја продолжи постапката.

4. Тајност и судска контрола

Член 289

Тајност на предистражната постапка

Сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна.

Член 290

Судска контрола над законитоста

(1) Лицето кое смета дека со преземањето на некое од дејствијата е повредено некое негово право, може во рок од осум дена од дознавањето за преземањето на дејствието да поднесе жалба до судијата на претходна постапка, кој е должен со решение да одлучи за законитоста на дејствието или мерката, со што лицето не се ограничува во правото да поднесе кривична пријава и во правото својата правна заштита да ја остварува на друг начин.

(2) По испитувањето на законитоста на овие преземени дејствија, судијата на претходната постапка донесува решение, кое се доставува до јавниот обвинител и подносителот на жалбата. Против ова решение е дозволена жалба до советот од членот 25 став (5) на овој закон, кој е должен по жалбата да постапи во рок од три дена.

ГЛАВА XXI

ИСТРАЖНА ПОСТАПКА

1. Истражна постапка на јавниот обвинител

Член 291

Цел на истражната постапка

(1) Истражната постапка се поведува против определено лице кога постои основано сомневање дека сторило кривично дело за кое се гони по службена должност или по предлог.

(2) Истражната постапка ја спроведува надлежниот јавен обвинител, при што на располагање ја има правосудната полиција.

(3) Во истражната постапка:
– се собираат докази и податоци што му се потребни на јавниот обвинител за да може да одлучи дали ќе поднесе обвинение или ќе се откаже од кривичното гонење и
– се изведуваат доказите за кои постои опасност дека не ќе можат да се изведат на главната расправа или дека нивното изведување би било сврзано со тешкотии согласно со членовите 312, 313, 314, 315, 316, 317 и 318 од овој закон.

(4) Во текот на истражната постапка јавниот обвинител е должен да собира докази кои одат како на товар на осомничениот, така и во негов прилог.

Член 292

Наредба за спроведување истражна постапка

(1) Јавниот обвинител донесува наредба за спроведување на истражна постапка.

(2) Наредбата за спроведување на истражна постапка содржи лични податоци на осомничениот, опис и правна квалификација на делото. Во наредбата за спроведување на истражна постапка јавниот обвинител одредува да се извидат определени околности, да се преземат определени истражни дејствија и за одредени прашања да се испитаат определени лица.

(3) Пред да ја донесе наредбата за спроведување истражна постапка, јавниот обвинител може да го испита лицето против кое се бара спроведување на истражната постапка.

Член 293

Предлози на осомничениот, бранителот и оштетениот

Во текот на истражната постапка осомничениот, неговиот бранител и оштетениот можат да му даваат предлози на јавниот обвинител за преземање на определени дејствија и остварување на своите права.

Член 294

Надлежност на судијата на претходната постапка

(1) По донесувањето на наредба за спроведување на истражна постапка до судијата на претходната постапка јавниот обвинител може да стави образложен предлог за определување на мерка притвор или други мерки за обезбедување на присуство на обвинетиот. Судијата на претходната постапка е должен без одлагање да го разгледа ваквиот предлог и веднаш да одлучи по него. Ако судијата на претходната постапка не се сложи со предлогот на јавниот обвинител, за тоа ќе донесе посебно образложено решение. Против ова решение јавниот обвинител има право на жалба во рок од 24 часа до советот од членот 25 став (5) на овој закон.

(2) По предлог на јавниот обвинител, судијата на претходната постапка во текот на истражната постапка издава наредба за претрес на дом, други простории и лица. Ако судијата не се согласи со ваквиот предлог на јавниот обвинител, ќе побара да донесе одлука за тоа советот од членот 25 став (5) на овој закон во рок од 24 часа.

(3) Во случаи определени со закон, по предлог на јавниот обвинител, судијата на претходната постапка издава наредба за спроведување на посебните истражни мерки.

(4) Ако постои основано сомневање дека со стореното кривично дело е остварена имотна корист, јавниот обвинител може да му предложи на судијата на претходната постапка, имотот или средствата да се стават под надзор на судот и да издаде некоја од мерките за привремено обезбедување на имотот или средствата што се во врска со кривично дело.

(5) Во случаи определени со овој закон, по барање на јавниот обвинител или осомничениот, судијата на претходната постапка ќе спроведе доказно рочиште.

(6) Судија на претходната постапка постапува во постапка за меѓународна соработка во кривична материја според овластувањата определени со посебен закон.

Член 295

Истражни дејствија

(1) Во текот на истражната постапка, јавниот обвинител може согласно со одредбите од овој закон да ги преземе следниве истражни дејствија:
– претрес,
– привремено обезбедување и одземање на предмети или имот,
– испитување на осомничениот,
– испитување на сведоци,
– определување вештачење,
– увид и реконструкција и
– посебни истражни мерки.

(2) Истражни дејствија може да се преземат и пред поведувањето на истражната постапка доколку постои опасност од одлагање, под услови и во постапка уредени со овој закон.

Член 296

Учество на осомничениот, бранителот и оштетениот во истражната постапка

(1) Јавниот обвинител е должен на погоден начин да го извести бранителот, оштетениот и осомничениот за времето и за местото на извршувањето на истражните дејствија на кои тие можат да присуствуваат, освен кога постои опасност од одлагање. Ако осомничениот има бранител, јавниот обвинител по правило, ќе го извести само бранителот.

(2) Ако лице до кое е упатено известување за истражно дејствие не е присутно, дејствието може да се изврши и во негово отсуство.

(3) Лицата кои присуствуваат на истражните дејствија можат да му предложат на органот што ја води постапката, заради разјаснување на работите да им постави определени прашања на осомничениот и вештакот, а по дозвола од органот што ја води постапката и тие можат непосредно да поставуваат прашања. Овие лица имаат право да бараат во записникот да се внесат и нивни забелешки во однос на извршувањето на одделни дејствија.

Член 297

Надлежност за истражните дејствија

(1) Јавниот обвинител ги презема истражните дејствија на подрачјето на кое е надлежен да постапува.

(2) Ако интересите на истражната постапка го бараат тоа, одделни истражни дејствија може да ги презема и надвор од подрачјето на својата надлежност, но за тоа мора да го извести јавниот обвинител на чие подрачје се презема истражното дејствие.

Член 298

Стручна и техничка помош

(1) Заради разјаснување на одредени технички и други стручни прашања што се поставуваат во врска со прибавените докази или при преземање на определени истражни дејствија, јавниот обвинител може да побара од стручно лице или соодветна установа, да му даде потребни стручни објаснувања за тие прашања.

(2) За добиените стручни објаснувања јавниот обвинител ќе состави записник кој може да се користи во текот на постапката.

Член 299

Тајност на истражната постапка

(1) Доколку тоа го бараат интересите на кривичната постапка, потребата да се зачува тајна или да се заштити личниот и семејниот живот на оштетениот или осомничениот, јавниот обвинител ќе му нареди на лицето кое го сослушува, кое присуствува на истражното дејствие или кое ги разгледува списите, да ги чува како тајна определени податоци и ќе го предупреди за последиците од одавањето на тајната.

(2) Наредбата од ставот (1) на овој член посебно се внесува во записникот, односно се забележува во списите што се разгледуваат, со своерачен потпис на лицето кое е предупредено за должноста на чување тајна.

Член 300

Прекинување на истражната постапка

(1) Јавниот обвинител со наредба ќе ја прекине истражната постапка, ако:
– осомничениот е во бегство или е недостапен на државните органи,
– кај осомничениот по стореното дело настапило душевно заболување, растројство или друга тешка болест поради што не може да учествува во постапката или
– настапиле околности кои привремено го спречуваат кривичното гонење.

(2) Пред прекинување на истражната постапка јавниот обвинител ќе ги прибере сите докази за кривичното дело и осомничениот до кои може да дојде.

(3) Ако за време на прекинот на истражната постапка настапила застареност на кривичното гонење јавниот обвинител ќе даде изјава за откажување од гонење.

(4) Кога ќе престанат причините кои довеле до прекин, јавниот обвинител ќе ја продолжи истражната постапка.

Член 301

Завршување на истражната постапка

(1) Јавниот обвинител ја завршува истражната постапка кога ќе оцени дека состојбата на работите е доволно разјаснета за да може да подигне обвинение или да ја запре истражната постапка.

(2) Ако истражната постапка не се заврши во рок од шест месеци од денот на донесување на наредба за спроведување на истражна постапка, јавниот обвинител е должен за тоа да го извести вишиот јавен обвинител, кој во сложени предмети може овој рок да го продолжи за уште шест месеци. По исклучок, овој рок може да се продолжи уште за три месеци од страна на јавниот обвинител на Република Македонија.

(3) За кривични дела од областа на организираниот криминал рокот од ставот (2) на овој член може да биде продолжен за уште шест месеци од страна на јавниот обвинител на Република Македонија.

(4) Заради неправилности или одолжување на истражната постапка, осомничениот, неговиот бранител и оштетениот можат со поплака да се обратат до вишиот јавен обвинител. Во овој случај вишиот јавен обвинител ќе ги испита наводите од поплаката и доколку оцени дека тие се основани, ќе преземе соодветни мерки за завршување на истражната постапка или за отстранување на неправилностите.

Член 302

Известување на осомничениот за завршување на истражната постапка

(1) Пред истекот на рокот предвиден во членот 301 од овој закон јавниот обвинител е должен на осомничениот и бранителот да им достави известување за завршување на истражната постапка од страна на јавниот обвинител.

(2) Пред завршувањето на истражната постапка јавниот обвинител, ако тоа не го сторил претходно, е должен да го испита осомничениот.

(3) Известувањето содржи краток опис на кривичното дело за кое било постапувано, правната квалификација, со назначување дека сите списи од спроведената истражна постапка се дадени на чување во архивата на јавното обвинителство и дека осомничениот и неговиот бранител имаат право да ги прегледуваат списите и доказите и да составуваат препис.

(4) Известувањето содржи поука дека осомничениот има право во рок од 15 дена од приемот на известувањето да поднесе исправи, или други докази, списи од дејствијата на одбраната, или да бара од јавниот обвинител да собере определени докази.

(5) Јавниот обвинител е должен да го запознае обвинетиот со доказите што во истражната постапка ги прибавил против него, како и да му ги открие доказите за кои дознал, а кои можат да бидат од полза за одбраната.

(6) Во случај кога јавниот обвинител по барање на осомничениот или неговиот бранител собира определени докази, е должен тоа да го заврши во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето.

Член 303

Рок за поднесување обвинение по завршување на истражната постапка

(1) По завршувањето на истражната постапка и истекот на роковите од членот 302 на овој закон, јавниот обвинител е должен во рок од 15 дена да поднесе обвинение или истражната постапка да ја запре.

(2) Овој рок за кривични дела од областа на организираниот криминал може да трае до 30 дена.

Член 304

Запирање на истражната постапка

(1) Јавниот обвинител со наредба ќе ја запре истражната постапка, ако најде дека:
– делото што му се става на товар на осомничениот не е кривично дело кое се гони по службена должност,
– настапила застареност на кривичното гонење или делото е опфатено со акт на амнестија или помилување,
– настапиле други околности кои го исклучуваат кривичното гонење или
– нема докази дека осомничениот го сторил кривичното дело.

(2) Ако осомничениот е во притвор, веднаш се пушта на слобода.

(3) Наредбата за запирање на истражната постапка се доставува на осомничениот и оштетениот, со поука дека оштетениот може во рок од осум дена да поднесе приговор до непосредно повисокиот јавен обвинител.

(4) Доколку приговорот е недозволен или ненавремен повисокиот јавен обвинител писмено ќе го извести оштетениот.

(5) Повисокиот јавен обвинител во рок од 30 дена по приемот е должен да одлучи по приговорот на оштетениот.

(6) Постапувајќи по приговорот, повисокиот јавен обвинител може со решение да ја потврди наредбата за запирање на истражната постапка или приговорот да го уважи и да го задолжи понискиот јавен обвинител да ја продолжи постапката.

2. Дејствија на одбраната

Член 305

Предлози на бранителот за собирање на докази

Бранителот може во текот на постапката да му дава предлози на јавниот обвинител за преземање на определени истражни дејствија заради собирање одделни докази.

Член 306

Собирање на докази од страна на одбраната

(1) Бранителот може да презема дејствија заради пронаоѓање и собирање на докази во корист на одбраната.

(2) Овластувањето од ставот (1) на овој член бранителот може да го користи во текот на целата постапка.

(3) Дејствијата од ставот (1) на овој член може да се извршуваат од страна на бранителот, неговиот заменик, овластените приватни детективи и, кога е потребна посебна стручност од страна на техничките советници.

Член 307

Разговор, примање на изјави и собирање на известувања од страна на бранителот

(1) Заради собирање на известувања, бранителот може да разговара со лица кои можат да изнесат околности корисни за одбраната, освен со жртвата и оштетениот.

(2) Бранителот ќе може од лицето со кое разговара да побара писмена изјава или известување кое ќе се забележи на начинот наведен во членовите 91 и 92 од овој закон.

(3) Бранителот ги информира лицата од ставот (1) на овој член:
– за личното својство и за видот на разговорот,
– ако има намера само да разговара или пак да прибави изјави или известувања, тогаш да ги наведе начините и обликот на нивното забележување,
– за правото воопшто да не одговараат или пак да не дадат определена изјава и
– за забраната за откривање на прашањата поставени од полицијата или од јавниот обвинител и за дадените одговори.

(4) Од лицето кое веќе разговарало или е испитано од правосудната полиција или од јавниот обвинител не може да се бараат известувања за поставените прашања и дадените одговори.

(5) Изјавите или известувањата собрани со повреда на ставовите (1), (2), (3) и (4) на овој член не може да се користат.

(6) За прибавување на изјави или известувања на лице кое е во притвор, бранителот мора да добие посебно одобрение од судијата на претходната постапка, откако претходно лицето разговарало со неговиот бранител и било испитано од јавниот обвинител.

(7) Бранителот ќе го запре собирањето на податоци од обвинетото лице или од лице кое не е обвинето, ако од неговата изјава произлегува дека се товари себеси, или би се изложило на кривично гонење. Овие изјави не може да се користат против лицето кое ги дало.

(8) Кога лицето кое може да даде известувања корисни за одбраната не сака да даде известувања, бранителот може да побара од јавниот обвинител да го повика лицето за да го испита. Ова не се применува кон осомничени или обвинети во иста постапка. Испитувањето се спроведува во присуство на бранителот кој прв поставува прашања.

(9) Бранителот може да побара да се спроведе и доказно рочиште.

Член 308

Забележување на изјавите и известувањата

(1) Изјавата од членот 307 став (2) на овој закон, која е потпишана од лицето кое ја дало, ја заверува бранителот. Бранителот составува белешка во која наведува:
– датум кога ја примил изјавата,
– лични податоци за себе и лични податоци за лицето кое ја дало изјавата,
– потврда дека обрнал внимание на предупредувањето од членот 307 став (3) на овој закон и
– фактите што се наведени во изјавата.

(2) Изјавата се приложува кон списите на бранителот.

(3) Известувањата од членот 307 на овој закон ги забележува бранителот или лице кое го заменува.

Член 309

Пристап до приватни простории или простори кои не се отворени за јавност

Ако е потребно да се пристапи до приватни простории или во простори кои не се отворени за јавноста, во дом и простории поврзани со домот, а лицата што со нив располагаат не даваат дозвола за пристап, по барање на бранителот, пристапот го одобрува судот со образложена наредба со која се определува и неговото конкретно спроведување.

Член 310

Списи на бранителот

На јавниот обвинител и на судијата на претходната постапка бранителот непосредно може да им ги презентира информациите и доказите што се во прилог на обвинетиот.

Член 311

Можности за подготвување одбрана

(1) Бранителот за потребите на одбраната може во согласност со закон да бара податоци и известувања од државни органи, од органите на единиците на локалната самоуправа, од правни и физички лица што вршат јавни овластувања и од други правни лица и да бара да му се достават документи, списи и известувања.

(2) Субјектите од ставот (1) на овој член постапуваат по барањето на бранителот во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето, а доколку во постапката е определена мерка притвор, во рок од седум дена од денот на приемот на барањето, доколку со друг закон поинаку не е определено.

(3) Доколку субјектите од ставот (1) на овој член не одговорат во рокот предвиден во ставот (2) на овој член, бранителот може да бара од судијата на претходната постапка да нареди да му се достават бараните податоци, односно од судот во текот на главната расправа.

(4) Доколку судијата, односно судот постапи по барањето на бранителот од ставот (3) на овој член, а субјектите од ставот (1) на овој член не одговорат на барањето на судот во рокот предвиден во ставот (2) на овој член, судот ќе изрече парична казна на одговорното, односно службеното лице во субјектите од ставот (1) на овој член, во висина од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност.

3. Доказно рочиште

Член 312

Случаи кога може да се бара одржување на доказно рочиште

(1) Во текот на истражната постапка по барање на осомничениот и јавниот обвинител може да се одржи доказно рочиште. По барањето на странките за одржување на доказното рочиште со решение одлучува судијата на претходната постапка во рок од три дена.

(2) Доказно рочиште може да се одржи во следниве случаи, ако:
1) е веројатно дека сведокот поради болест или смрт нема да може да се испита на главната расправа;
2) е потребно вештачење, а доказите се однесуваат на лице, предмет или место чија состојба е подложна на неизбежни промени или
3) постојат конкретни околности што укажуваат дека сведокот е изложен на насилство, закана, ветување на пари или друга корист за да не сведочи или лажно да сведочи.

Член 313

Барање за одржување на доказното рочиште

Одржување на доказно рочиште странките можат да предложат во текот на истражната постапка. Во барањето за одржување на доказно рочиште се наведуваат доказите кои се предлага да се изведат на доказното рочиште и причината поради која доказите нема да може да се изведат на главната расправа.

Член 314

Одлуки по барањето за одржување на доказното рочиште

Судијата на претходната постапка во рок од три дена од приемот на барањето за одржување на доказното рочиште, со решение одлучува дали ќе го одбие или прифати барањето. Во решението со кое се прифаќа барањето, судијата на претходната постапка ги наведува доказите кои ќе се изведат на доказното рочиште и датумот на кој ќе се одржи рочиштето, а кој мора да биде во рок од десет дена од денот кога е донесено решението за прифаќање на барањето.

Член 315

Одржување на доказното рочиште

(1) Доказното рочиште го спроведува судијата на претходната постапка. За рочиштето ќе се известат осомничениот и неговиот бранител, јавниот обвинител и оштетениот.

(2) Недоаѓањето на една од странките која е уредно известена, а која не го оправдала својот изостанок не го спречува одржувањето на доказното рочиште. На рочиштето може да присуствува и застапникот, односно полномошникот на оштетениот.

(3) Во случај да не се појави бранителот на осомничениот судијата ќе му определи друг бранител согласно со членот 74 од овој закон.

(4) Доказите се изведуваат според правилата за изведување докази на главна расправа.

(5) Изведувањето на доказите не смее да се прошири на факти кои се однесуваат на осомничен чиј бранител не е присутен на доказното рочиште.

(6) Доколку изведувањето на доказите не биде завршено на едно рочиште, судијата ќе закаже следно рочиште во рок не подолг од седум дена.

Член 316

Одлагање на доказното рочиште

(1) Јавниот обвинител и осомничениот можат да бараат од судијата на претходната постапка одлагање на доказното рочиште ако со неговото одржување би се загрозиле едно или повеќе дејствија кои се преземаат во истражната постапка.

(2) Ако судијата на претходната постапка го прифати барањето за одлагање на доказното рочиште, ќе го определи и датумот кога тоа ќе се одржи, но во рок не подолг од оној кој е неопходен за завршување на истражните дејствија.

(3) Јавниот обвинител и осомничениот можат да побараат одлагање на доказното рочиште само еднаш.

Член 317

Присилно доведување на осомничениот

(1) Доколку осомничениот на доказното рочиште не се појави, а своето отсуство не го оправда, судијата може да нареди негово присилно доведување.

(2) Доколку осомничениот е во бегство ќе се примени членот 391 став (3) од овој закон. Решението за одржување на доказно рочиште во отсуство донесува судијата на претходната постапка.

Член 318
Употреба на доказите изведени на доказното рочиште

Доказите изведени на доказното рочиште може да се употребат на главната расправа само против оној обвинет чиј бранител бил присутен во текот на изведувањето на доказите на доказното рочиште, освен ако изречно се откажал од правото на бранител.

ОДДЕЛ Б. ОБВИНУВАЊЕ

Глава XXII

ОБВИНИТЕЛЕН АКТ И ОЦЕНА НА ОБВИНИТЕЛНИОТ АКТ

Член 319

Поднесување на обвинителен акт

(1) По завршување на истражната постапка кога јавниот обвинител ќе утврди дека постојат доволно докази од кои може да очекува донесување осудителна пресуда, го подготвува и поднесува обвинителниот акт до надлежниот суд.

(2) Обвинителниот акт се доставува до надлежниот суд во онолку примероци колку што има осомничени против кои се поднесува обвинителниот акт и нивните бранители и еден примерок за судот.

Член 320

Надлежност за оцена на обвинителниот акт

(1) Во случаите кога јавниот обвинител ќе утврди дека постојат доволно докази од кои може да очекува донесување осудителна пресуда за сторено кривично дело за кое е предвидена казна затвор до десет години, надлежен за вршење на оцена на обвинителниот акт е судијата за оцена на обвинителниот акт (судија поединец).

(2) Во случаите кога се исполнети условите од членот 319 став (1) на овој закон, а се работи за сторено кривично дело за кое е предвидена казна затвор од десет години или потешка казна, надлежен за вршење на оцена на обвинителниот акт е советот за оцена на обвинителниот акт.

Член 321

Содржина на обвинителниот акт

(1) Обвинителниот акт содржи:
1) име и презиме на осомничениот со лични податоци (член 205) и со податоците за тоа дали и од кога се наоѓа во притвор или се наоѓа на слобода, а ако е пуштен на слобода пред да се поднесе обвинителниот акт, тогаш колку поминал во притвор;
2) опис на делото од кое произлегуваат законските обележја на кривичното дело, времето, местото и начинот на извршувањето на кривичното дело, предметот на кој е извршено кривичното дело и средството со кое е извршено кривичното дело, како и други околности потребни за прецизно определување на кривичното дело;
3) законски назив на кривичното дело, со наведување на одредбите од Кривичниот законик што треба да се применат по предлог од тужителот;
4) означување на судот пред кој ќе се одржи главната расправа и
5) доказите врз кои се темели обвинителниот акт.

(2) Во прилог на обвинителниот акт јавниот обвинител ги доставува материјалните докази, записниците и снимките од испитувањето на лица и приложува листа на докази кои предлага да се изведат на главна расправа.

(3) Ако осомничениот се наоѓа на слобода, во обвинителниот акт може да предложи да се определи мерка за обезбедување присуство. Ако осомничениот се наоѓа во притвор или куќен притвор, обвинителот е должен да предложи притворот или куќниот притвор да се продолжи или да се укине.

(4) Со еден обвинителен акт може да се опфатат повеќе кривични дела или повеќе осомничени само ако според одредбите на членот 28 од овој закон може да се спроведе единствена постапка и да се донесе една пресуда.

Член 322

Притвор против осомничениот

(1) Ако во обвинителниот акт е ставен предлог против осомничениот да се определи притвор, или претходно определениот притвор да се продолжи или осомничениот да се пушти на слобода, или да се определи некоја мерка за обезбедување присуство, за тоа одлучува советот од членот 25 став (5) на овој закон веднаш а најдоцна во рок од 24 часа.

(2) Ако осомничениот се наоѓа во притвор, советот за оцена на обвинителниот акт по предлог на јавниот обвинител во рок од 24 часа од денот на приемот на обвинителниот акт го упатува обвинителниот акт до советот од членот 25 став (5) на овој закон за да испита дали сѐ уште постојат причините за притвор и да донесе решение за продолжување или укинување на притворот. Жалбата против ова решение не го задржува извршувањето на решението.

Член 323

Технички грешки во обвинителен акт

(1) Доколку по приемот на обвинителниот акт, судијата или советот за оцена на обвинителниот акт воочи дека обвинителниот акт содржи очигледни технички грешки, ќе го врати обвинителниот акт на јавниот обвинител.

(2) Јавниот обвинител е должен во рок од три дена да ги поправи грешките.

Член 324

Ненадлежност

Ако судијата или советот за оцена на обвинителниот акт утврди дека за кривичното дело што е предмет на обвинувањето стварно или месно е надлежен некој друг суд, ќе се огласи за ненадлежен и по правосилноста на решението го доставува предметот на надлежниот суд.

Член 325

Доставување на обвинителниот акт

(1) Судијата или советот за оцена на обвинителниот акт му го доставува обвинителниот акт на осомничениот кој е на слобода без одлагање, а ако се наоѓа во притвор во рок од 24 часа од приемот на обвинителниот акт кај судијата или советот за оцена на обвинителниот акт.

(2) Ако против осомничениот е определен притвор со решение на судијата на претходната постапка или на советот од членот 25 став (5) на овој закон обвинителниот акт му се предава на осомничениот при неговото притворање заедно со решението со кое се определува притвор.

(3) Судијата или советот за оцена на обвинителниот акт му го доставува обвинителниот акт на осомничениот со поука за право на приговор против обвинителниот акт.

Член 326

Постапување на осомничениот по приемот на обвинителниот акт

(1) По приемот на обвинителниот акт осомничениот:
1) може да поднесе приговор против обвинителниот акт согласно со членот 327 од овој закон или
2) може да поднесе изјава за признавање на вината согласно со членот 329 од овој закон или
3) доставува листа на докази кои предлага да се изведат на главната расправа.

(2) Листата од ставот (1) точка 3 на овој член, судот без одлагање ја доставува до јавниот обвинител.

Член 327

Приговор против обвинителниот акт

(1) Осомничениот има право да поднесе писмен приговор против обвинителниот акт во рок од осум дена од прием на обвинителниот акт.

(2) Приговор на обвинителниот акт може да поднесе и бранителот на осомничениот без изречно овластување од осомничениот, но не и против неговата волја.

Член 328

Оцена на приговорот

(1) По приемот на приговорот, судијата или советот за оцена на обвинителниот акт оценува дали приговорот е навремен и дали е изјавен од овластено лице.

(2) Ненавремениот и недозволениот приговор ќе се отфрли со решение.

(3) Ако судијата или советот за оцена на обвинителниот акт не донесе решение во смисла на ставот (2) на овој член пристапува кон оцена на обвинителниот акт.

Член 329

Изјава за признавање на вината

Обвинетиот може да поднесе изјава за признавање на вина во однос на сите или одделни кривични дела содржани во обвинителниот акт во рок од осум дена од приемот на обвинителниот акт.

Член 330

Начин на постапување при оцена на обвинителниот акт

(1) Оцената на обвинителниот акт судијата за оцена на обвинителниот акт ја врши самостојно, а советот за оцена на обвинителниот акт ја врши на седница на советот.

(2) Судијата или советот за оцена на обвинителниот акт контролата на обвинителниот акт може да ја вршат и на рочиште.

(3) Рочиште за оцена на обвинителниот акт се одржува кога судијата или советот за оцена на обвинителниот акт ќе оцени дека е потребно тоа или кога во поднесениот приговор против обвинителниот акт осомничениот навел подготвеност за давање изјава за признавање на вината во однос на сите или одделни кривични дела од обвинителниот акт.

Член 331

Седница на советот за оцена на обвинителниот акт

(1) Советот закажува седница во рок од осум дена од приемот на приговорот против обвинителниот акт, односно по истекот на рокот за поднесување приговор против обвинителниот акт.

(2) На седницата советот ги цени наводите наведени во приговорот против обвинителниот акт и основаноста на обвинителниот акт во однос на списите и доказите приложени кон него од страна на јавниот обвинител.

(3) По одржаната седница советот може да донесе една од одлуките наведени во членовите 336 и 337 од овој закон.

Член 332

Рочиште за оцена на обвинителниот акт

(1) Доколку судијата или советот за оцена на обвинителниот акт смета дека е потребно одржување на рочиште заради оцена на обвинителниот акт, закажува рочиште во рок не подолг од 15 дена од приемот на приговорот против обвинителниот акт, односно по истекот на рокот за поднесување приговор против обвинителниот акт.

(2) На рочиштето се повикуваат јавниот обвинител, осомничениот и бранителот, ако осомничениот има бранител. Повиканите се предупредуваат дека недоаѓањето кога се уредно повикани не го одлага одржувањето на рочиштето. Доколку повиканите не се уредно поканети, рочиштето се одлага за 15 дена.

(3) По исклучок од ставот (2) на овој член, ако поканата на осомничениот не можела да му се достави поради промена на адреса, рочиштето ќе се одржи во негово отсуство.

Член 333

Тек на рочиштето

(1) Јавниот обвинител накратко ги изнесува резултатите од истражната постапка, доказите на кои се заснова обвинителниот акт и кои го оправдуваат неговото поднесување.

(2) Осомничениот и неговиот бранител го образложуваат поднесениот приговор против обвинителниот акт, а ако приговор не бил поднесен може да укажат на доказите кои му одат во корист на осомничениот, на можните пропусти во истражната постапка или на незаконски прибавените докази, при што наведуваат во кој дел го оспоруваат обвинителниот акт. На рочиштето одбраната може да предложи листа на докази кои бара да се изведат на главната расправа.

(3) На рочиштето осомничениот може да даде изјава дека се чувствува виновен за сите или за одделни кривични дела од обвинителниот акт. Во ваков случај рочиштето продолжува согласно со одредбите од членот 334 на овој закон.

(4) Јавниот обвинител и бранителот може на наводите на спротивната странка да возвратат само еднаш.

(5) Кога судијата или советот за оцена на обвинителниот акт смета дека може да донесе одлука во однос на основаноста на обвинителниот акт го прогласува рочиштето за завршено.

Член 334

Тек на рочиштето кога има изјава за признавање на вината

(1) Ако осомничениот кој има бранител поднел изјава за признавање на вина во однос на сите или одделни кривични дела содржани во обвинителниот акт, односно дал ваква изјава на рочиштето, судијата или советот за оцена на обвинителниот акт проверува дали:
1) изјавата за признавање вина е дадена доброволно, свесно и со разбирање на последиците од неа, вклучувајќи ги и последиците сврзани за имотноправното побарување и трошоците на кривичната постапка и
2) постојат доволно докази за вината на осомничениот.

(2) Изјавата за признавање на вината се внесува во записник.

(3) Ако судијата или советот за оцена на обвинителниот акт ја прифати изјавата за признавање на вината, по предлог од осомничениот и неговиот бранител или на предлог од јавниот обвинител може да се бара одлагање на рочиштето заради спроведување постапка за спогодување и доставување предлог-спогодба согласно со одредбите од членот 483 до 490 на овој закон.

(4) Во случај на предлог од ставот (3) на овој член судијата или советот за оцена на обвинителниот акт го одлага рочиштето за период од 15 дена и определува датум за наредното рочиште.

(5) Ако судијата или советот за оцена на обвинителниот акт не ја прифати изјавата за признавање вина тоа го констатира на записник, ги запознава присутните странки и рочиштето за оцена на обвинителниот акт продолжува.

(6) Поднесената изјава за признавање на вината, односно записникот во кој е содржана изјавата за признавање на вината која судијата или советот за оцена на обвинителниот акт не ја прифатил не може да се користат како доказ во натамошната кривична постапка. Судијата или советот за оцена на обвинителниот акт ќе обезбеди поднесокот, односно записникот со изјавата за признавање на вината да се затвори во посебна обвивка и да се издвои од списите на предметот.

Член 335

Поднесување на предлог-спогодба

(1) Ако на рочиштето за поднесување на предлог-спогодба, јавниот обвинител и осомничениот и неговиот бранител поднесат предлог-спогодба со елементи предвидени во членот 485 од овој закон, судијата или советот за оцена на обвинителниот акт ја оценува предлог-спогодбата.

(2) Ако ја прифати предлог-спогодбата, судијата или советот за оцена на обвинителниот акт донесува пресуда согласно членот 490 од овој закон.

(3) Ако не ја прифати предлог-спогодбата, судијата или советот за оцена на обвинителниот акт донесува решение за неприфаќање на предлог-спогодбата и одлучува во однос на обвинителниот акт.

(4) Предлог-спогодбата која не е прифатена не може да се користи како доказ во натамошната кривична постапка. Судијата или советот за оцена на обвинителниот акт ќе обезбеди записникот со изјавата за признавање на вината и предлог-спогодбата да се затворат во посебна обвивка која ќе се издвои од списите на предметот, во смисла на членот 334 став (6) од овој закон.

Член 336

Оцена на обвинителниот акт

(1) Судијата или советот за оцена на обвинителниот акт ја оценува основаноста на обвинителниот акт во однос на сите кривични дела кога во приговорот против обвинителниот акт осомничениот не дал изјава за признавање на вината или ако дадената изјава за вина не била прифатена.

(2) Судијата или советот за оцена на обвинителниот акт оценува само одделни кривични дела од обвинителниот акт ако врз основа на прифатената предлог-спогодба советот за оцена на обвинителниот акт за одделни кривични дела од обвинителниот акт донел пресуда во смисла на членот 490 од овој закон.

(3) При оцена на обвинителниот акт, судијата или советот за оцена на обвинителниот акт го цени обвинителниот акт од аспект на наводите наведени во приговорот против обвинителниот акт, списите на предметот и доказите доставени во прилог на обвинителниот акт.

(4) Ако судијата или советот за оцена на обвинителниот акт, по службена должност или по предлог од одбраната утврди дека во списите се наоѓаат докази во смисла на членот 12 став (2) од овој закон, донесува решение за нивно издвојување од списите на предметот. Судијата или советот за оцена на обвинителниот акт ќе обезбеди издвоените докази да се затворат во посебна обвивка и се чуваат кај судијата на претходната постапка. Издвоените докази не можат да се разгледаат, ниту можат да се користат во постапката.

(5) Против решението за издвојување на доказите дозволена е жалба до советот на повисокиот суд.

(6) Кога обвинителниот акт е одобрен во однос на одделни кривични дела, судијата или советот за оцена на обвинителниот акт ќе донесе решение за раздвојување на постапката во однос на она кривично дело или оној осомничен во однос на кои обвинителниот акт е потврден.

(7) Судијата или советот за оцена на обвинителниот акт при одобрување на сите или одделни кривични дела од обвинителниот акт со посебно решение ќе одлучи и во однос на предлозите за спојување или раздвојување на постапката. Против ова решение не е дозволена посебна жалба.

Член 337

Основи за одбивање на обвинителниот акт како неоснован

(1) Судијата или советот за оцена на обвинителниот акт со посебно решение ќе го одбие обвинителниот акт како неоснован во однос на сите или одделни кривични дела, ако утврди дека:
1) делото што е предмет на обвинителниот акт не е кривично дело;
2) постојат околности што ја исклучуваат кривичната одговорност, а нема основ за примена на мерки на безбедност;
3) нема барање од овластен тужител, предлог на оштетениот или одобрение од надлежен државен орган, ако е тоа потребно според законот, или дека постојат околности што го исклучуваат гонењето или
4) нема доволно докази во прилог на обвинението.

(2) Кога судијата или советот за оцена на обвинителниот акт ќе донесе решение во смисла на ставот (1) од овој член ги доставува списите до јавниот обвинител.

Член 338

Образложение на решението за одобрување на обвинителниот акт

(1) Решението за одобрување на обвинителниот акт судијата или советот за оцена на обвинителниот акт го донесува во рок од 15 дена од денот кога е одржана седницата, односно рочиштето за оцена на обвинителниот акт.

(2) Решението со кое судијата или советот за оцена на обвинителниот акт го одобрува обвинителниот акт во целост или делумно мора да биде образложено. Со образложението не смее да се прејудицира решавањето на прашањата што ќе бидат предмет на испитување и оцена на главната расправа.

(3) При донесување на решението за одобрување на обвинителниот акт судијата или советот за оцена на обвинителниот акт не е врзан за правната квалификација на делото кое јавниот обвинител ја навел во обвинителниот акт.

Член 339

Клаузула за одобрување на обвинителен акт

Кога не е поднесен приговор против обвинителниот акт а судијата, односно советот за оцена на обвинителниот акт не оценил дека има потреба од одржување рочиште, по истек на рокот од осум дена од доставување на обвинителниот акт на осомничениот, го одобрува обвинителниот акт со клаузула за одобрување.

Член 340

Право на жалба од јавниот обвинител

Против решението на судијата или советот за оцена на обвинителниот акт со кое се прогласиле за ненадлежни и против решението со кое обвинителниот акт е оценет како неоснован во однос на сите или одделни кривични дела дозволена е жалба на јавниот обвинител до советот на повисокиот суд.

Член 341

Откажување од обвинителниот акт

(1) Јавниот обвинител може да се откаже од обвинителниот акт пред донесување одлука за неговото одобрување.

(2) По откажувањето на јавниот обвинител во смисла на ставот (1) на овој член, судијата, односно советот за оцена на обвинителниот акт носи решение за запирање на постапката, за што веднаш се известува осомничениот и неговиот бранител.

(3) Решението за запирање на постапката од ставот (2) на овој член му се доставува на оштетениот со поука дека може во рок од осум дена да поднесе жалба до непосредно повисокиот јавен обвинител.

Член 342

Привилегија на здружување (Beneficium cohaesionis)

Ако од повеќе осомничени само некои поднеле приговор против обвинителниот акт, а причините поради кои судијата или советот за оцена на обвинителниот акт нашол дека обвинителниот акт е неоснован им користат и на некои од осомничените што не поднеле приговор, судијата или советот за оцена на обвинителниот акт по службена должност ќе постапи како и тие да поднеле приговори.

Член 343

Влегување на обвинителниот акт во равна сила 

Обвинителниот акт влегува во правна сила со денот на донесувањето на решението за негово одобрување, односно со впишување на клаузулата за одобрување на обвинителниот акт.

Член 344

Упатување на судење

(1) Обвинителниот акт, решението за негово одобрување, доставените материјални докази и листата на докази кои странките предлагаат да се изведат, се доставуваат до надлежниот суд.

(2) Записниците и снимките од испитувањето на лица се враќаат на јавниот обвинител.

ОДДЕЛ В. ГЛАВНА РАСПРАВА И ПРЕСУДА

Глава XXIII

ПОДГОТОВКИ ЗА ГЛАВНА РАСПРАВА

Член 345

Закажување на главна расправа

(1) Претседателот на советот со наредба го определува денот, часот и местото на главната расправа.

(2) Претседателот на советот ќе ја закаже главната расправа најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот на обвинителниот акт во судот, а за дела од организираниот криминал најдоцна во рок од 60 дена од денот на приемот на обвинителниот акт во судот. Ако во овој рок не ја закаже главната расправа претседателот на советот писмено ќе го извести претседателот на судот за причините поради кои главната расправа не е закажана. Претседателот на судот по потреба ќе преземе мерки главната расправа да се закаже.

(3) Ако претседателот на советот утврди дека во списите се наоѓаат записници или известувања од членот 94 на овој закон ќе донесе решение за нивно издвојување, пред закажувањето на главната расправа, а по правосилноста на решението ќе ги издвои во посебна обвивка и ќе му ги предаде на надлежниот јавен обвинител заради одвоено чување од другите списи.

Член 346

Место на одржување на главна расправа

(1) Главната расправа се одржува во седиштето на судот и во судската зграда.

(2) Ако во одделни случаи просториите на судската зграда не се погодни за одржување на главната расправа, претседателот на судот може да определи расправата да се одржи во друга зграда.

(3) Главната расправа може да се одржи и во друго место на подрачјето на надлежниот суд, ако тоа по образложен предлог од претседателот на судот го дозволи претседателот на повисокиот суд.

Член 347

Одбивање на предложени докази

(1) Претседателот на советот може да ги одбие предложените докази, ако:
1) предлогот се однесува на со закон забранет начин на прибирање на докази, на доказ чијашто употреба со закон не е дозволена или на факт којшто според закон не може да се докаже (незаконит предлог);
2) се нејасни, нецелосни или очигледно се насочени кон значително одолжување на постапката или
3) фактите што според предлогот би требало да се утврдат не се релевантни за одлучување, односно не постои поврзаност меѓу фактите што треба да се утврдат и решавачките факти, или таа поврзаност поради правни причини не може да се установи (неважен предлог).

(2) Претседателот на советот може да ги повика странките да дојдат во определен ден во судот за да ги образложат своите предлози, односно приговори во однос на предложените докази.

(3) Решението со кое се одбива предлогот за изведување на докази, мора да биде образложено. По предлог на странките советот може да го измени или отповика ова решение во подоцнежниот тек на постапката.

Член 348

Повикување лица на главна расправа

(1) На главната расправа ќе се повикаат обвинетиот и неговиот бранител, тужителот и оштетениот и нивните законски застапници и полномошници, како и толкувач. На главната расправа ќе се повикаат и сведоците, вештаците и техничките советници кои се предложени од тужителот во обвинителниот акт, односно обвинетиот во приговорот против обвинителниот акт или во посебен поднесок од членот 326 на овој закон, освен оние што претседателот на советот ќе ги одбие, во смисла на членот 347 од овој закон. Тужителот и обвинетиот можат на главната расправа да ги повторат предлозите што претседателот на советот не ги усвоил.

(2) Во поглед на содржината на поканите за лицата од ставот (1) на овој член ќе се применат одредбите на членовите 11 и 145 од овој закон. Кога одбраната не е задолжителна обвинетиот во поканата ќе се поучи дека има право да земе бранител, но дека главната расправа не ќе мора да се одложи поради тоа што бранителот не дошол на главната расправа или поради тоа што обвинетиот зел бранител дури на главната расправа.

(3) Поканата до обвинетиот мора да се достави така што меѓу доставувањето на поканата и денот на главната расправа да остане доволно време за подготвување на одбраната, а најмалку осум дена. По барање од обвинетиот или тужителот, а по согласност на обвинетиот, овој рок може да се скрати.

(4) Оштетениот што не се повикува како сведок судот ќе го извести во поканата дека главната расправа ќе се одржи и без него, а дека ќе се прочита неговата изјава за имотно-правното барање.

(5) Приватниот тужител ќе се предупреди во поканата дека ќе се смета оти се откажал од обвинението ако не дојде на главната расправа, ниту пак не испрати полномошник.

(6) Во поканата обвинетиот, бранителот, сведокот и вештакот ќе се предупредат за последиците од недоаѓањето на главната расправа (членови 365 и 368).

Член 349

Дополнителни судии и судии – поротници

Ако е веројатно дека главната расправа ќе трае подолго, претседателот на советот може да побара од претседателот на судот да определи еден или двајца судии, односно судии – поротници да присуствуваат на главната расправа, за да ги заменат членовите на советот во случај на нивна спреченост.

Член 350

Испитување на сведоци надвор од судот

(1) Ако се дознае дека некој сведок што е повикан на главната расправа, а сé уште не е испитан, не ќе може да дојде на главната расправа поради долготрајна болест или неподвижност, може да се испита во местото каде што се наоѓа.

(2) Сведокот, односно вештакот ќе го испита, а по потреба и ќе го заколне, претседателот на советот или судијата – член на советот, или неговото испитување ќе се изврши преку судијата на претходната постапка на судот на чие подрачје се наоѓа сведокот.

(3) За времето и за местото на испитувањето задолжително ќе се известат странките и бранителот, а оштетениот ако тоа е можно со оглед на итноста на постапката. Ако обвинетиот е во притвор, за потребата од негово присуство на испитувањето одлучува претседателот на советот. Кога странките и оштетениот присуствуваат на испитувањето ги имаат правата од членот 219 став (7) на овој закон.

Член 351

Одлагање на одржувањето на главната расправа

(1) Претседателот на советот може со решение по образложен предлог на странките да го одложи денот на одржувањето на главната расправа.

(2) Главната расправа може да се одложи и по службена должност поради здравствени или други оправдани причини.

(3) Причините за одлагањето и образложението за нив се внесуваат во наредбата за одлагање, односно записникот.

Член 352

Запирање на постапката заради откажување на тужителот пред да започне главната расправа

Ако тужителот се откаже од обвинителниот акт пред да започне главната расправа, претседателот на советот ќе ја запре со решение кривичната постапка и ќе им го достави решението на странките и на оштетениот, а за тоа ќе ги извести лицата кои се повикани на главната расправа, ако е закажана.

Глава XXIV

ГЛАВНА РАСПРАВА

1. Начело на јавност на главната расправа

Член 353

Јавност на главната расправа

(1) Главната расправа е јавна.

(2) На главната расправа може да присуствуваат само полнолетни лица.

(3) Лицата кои присуствуваат на главната расправа не смеат да носат оружје или опасно орудие, освен судската полиција, полицијата и службата за спровод и обезбедување на обвинетиот на казнено-поправните установи.

Член 354

Исклучување на јавноста

Од отворањето на заседанието па до завршувањето на главната расправа советот може во секое време по службена должност или по предлог на странките или оштетениот да ја исклучи јавноста од дел на главната расправа или од целата главна расправа, ако тоа е потребно заради чување на државна, воена, службена или важна деловна тајна, чување на јавниот ред, заштита на приватниот живот на обвинетиот, сведокот или оштетениот, заштита на безбедноста на сведокот или жртвата и/или заштита на интересите на малолетникот.

Член 355

На кого не се однесува исклучувањето на јавноста

(1) Исклучувањето на јавноста не се однесува на странките, на оштетениот, нивните законски застапници и полномошници, како и на бранителот, освен во случаи определени со закон.

(2) Советот може да дозволи на главната расправа на кој е исклучена јавноста да присуствуваат одделни службени лица, научни и јавни работници, а по барање од обвинетиот тоа може да им го дозволи и на неговиот брачен, односно вонбрачен другар и на неговите блиски роднини од членот 353 став (2) на овој закон.

(3) Претседателот на советот ќе ги предупреди лицата кои присуствуваат на главната расправа на која е исклучена јавноста дека се должни да го чуваат како тајна сé она што го дознале на расправата и ќе им укаже дека одавањето на тајната претставува кривично дело.

Член 356

Одлука за исклучување на јавноста

Одлука за исклучување на јавноста донесува советот со решение кое мора да биде образложено и јавно објавено.

2. Раководење со главната расправа

Член 357

Задолжителна присутност на главната расправа

(1) Претседателот и членовите на советот, како и судиите и судиите – поротници од членот 26 на овој закон, задолжително непрекинато присуствуваат на главната расправа.

(2) Должност на претседателот на советот е да утврди дали советот е составен според законот и дали постојат причини поради кои членовите на советот и записничарот треба да се изземат (член 33 точки 1, 2, 3, 4 и 5).

Член 358

Обврски на претседателот на советот

(1) Претседателот на советот раководи со главната расправа.

(2) Должност на претседателот на советот е да се грижи за сестрано претресување на предметот и за отстранување на сé она што ја одолжува постапката а не служи за разјаснување на работите.

(3) Претседателот на советот одлучува за предлозите на странките ако за нив не одлучува советот.

(4) За предлогот за кој не постои согласност од странките и за согласните предлози на странките што нема да ги усвои претседателот, одлучува советот.

(5) Решенијата на советот секогаш се објавуваат и со кратко образложение се внесуваат во записникот за главната расправа.

Член 359

Тек на главната расправа

(1) Главната расправа се одржува непрекинато и тече според редот што е определен во овој закон. Во случаите кога не е можно главната расправа да се заврши на едно рочиште, претседателот одлучува главната расправа да продолжи наредниот работен ден.

(2) Претседателот на советот може да определи да се отстапи од редовниот тек на расправањето поради посебни околности, а особено поради бројот на обвинетите, бројот на кривичните дела и обемот на доказниот материјал.

Член 360

Одржување на редот во судницата

(1) Должност на претседателот на советот е да се грижи за одржувањето на редот во судницата и за достоинството на судот. Тој може веднаш по отворањето на заседанието да ги предупреди лицата кои присуствуваат на главната расправа да се однесуваат пристојно и да не ја нарушуваат работата на судот. Претседателот на советот може да определи претресување на лицата кои присуствуваат на главната расправа.

(2) Советот може да нареди од заседанието да се отстранат лицата кои како слушатели присуствуваат на главната расправа, доколку тие и по опомената го нарушуваат одржувањето на главната расправа.

(3) Во судницата не можат да се вршат филмски и телевизиски снимања. По исклучок, претседателот на Врховниот суд на Република Македонија може да одобри такво снимање на одделена главна расправа. Ако снимањето е одобрено, советот на главната расправа може од оправдани причини да одлучи одделни делови на главната расправа да не се снимаат.

Член 361

Казнување поради нарушување на редот и дисциплината

(1) Ако јавниот обвинител, обвинетиот, бранителот, оштетениот, законскиот застапник, полномошникот, сведокот, вештакот, преведувачот, односно толкувачот или друго лице кое присуствува на главната расправа го нарушува редот или не се придржува на наредбите од претседателот на советот за одржување на редот, претседателот на советот ќе го опомене. Ако опомената биде безуспешна, советот може да нареди обвинетиот да се отстрани од судницата, а другите лица може не само да ги отстрани, туку и да ги казни со паричната казна предвидена во членот 88 став (1) од овој закон.

(2) По одлука на советот обвинетиот може да биде отстранет од судницата за определено време, а доколку повторно го нарушува редот на главната расправа, тогаш и за сето време додека трае доказната постапка. Пред да се заврши доказната постапка претседателот на советот ќе го повика обвинетиот и ќе го извести за текот на главната расправа. Ако обвинетиот продолжи да го нарушува редот и да го навредува достоинството на судот, советот може повторно да го отстрани од заседанието. Во тој случај, главната расправа ќе се доврши без присуство на обвинетиот, а пресудата ќе му ја соопшти претседателот или судија – член на советот во присуство на записничарот.

(3) На бранителот или полномошникот, кој по казната ќе продолжи да го нарушува редот, советот може да му ја ускрати натамошната одбрана, односно застапување на главната расправа и во тој случај странката ќе се повика да земе друг бранител, односно полномошник. Ако е невозможно обвинетиот или оштетениот тоа да го сторат веднаш без штета за своите интереси или ако во случај на задолжителна одбрана не може веднаш да се постави нов бранител или полномошник, главната расправа ќе се прекине или одложи, а на бранителот односно полномошникот ќе му се нареди да ги плати трошоците што настанале од прекинот или одложувањето.

(4) Ако судот го отстрани од судницата приватниот тужител или неговиот законски застапник, главната расправа ќе продолжи и во нивна отсутност, но судот ќе ги предупреди дека можат да земат полномошник.

(5) Ако јавниот обвинител го нарушува редот, претседателот на советот ќе го извести за тоа основниот јавен обвинител, а може и да ја прекине главната расправа и од основниот јавен обвинител да побара да определи друго лице да го застапува обвинителниот акт.

(6) Кога судот ќе казни адвокат кој го нарушува редот ќе ја извести за тоа Адвокатската комора на Република Македонија.

(7) Против решението за казната е дозволена жалба до повисокиот суд.

(8) Против други одлуки што се однесуваат на одржувањето на редот и управувањето со главната расправа не е дозволена посебна жалба.

Член 362

Кривично дело сторено на главна расправа

(1) Ако обвинетиот на главната расправа стори кривично дело ќе се постапи според одредбите на членот 393 од овој закон.

(2) Ако некој друг во текот на главната расправа стори кривично дело, советот може да ја прекине главната расправа и, по усно обвинение на тужителот, да суди за стореното кривично дело веднаш, а може за тоа дело да суди по завршувањето на започнатата главна расправа.

(3) Ако постојат основи за сомневање дека сведокот или вештакот дал лажен исказ на главната расправа за тоа кривично дело не може веднаш да се суди. Во таков случај претседателот на советот може да нареди за исказот на сведокот, односно на вештакот да се состави посебен записник, што ќе го достави до јавниот обвинител. Овој записник ќе го потпише испитаниот сведок, односно вештак.

(4) Ако не е можно веднаш да му се суди на сторителот на кривичното дело за кое се гони по службена должност, за тоа ќе се извести надлежниот јавен обвинител заради натамошна постапка.

3. Претпоставки за одржување на главната расправа

Член 363

Отворање на заседанието

Претседателот на советот го отвора заседанието и го објавува предметот на главната расправа и составот на советот. Потоа, утврдува дали дошле сите повикани лица, па ако не дошле, проверува дали им се предадени поканите и дали го оправдале својот изостанок.

Член 364

Недоаѓање на тужителот на главната расправа

(1) Ако на главната расправа што е закажана врз основа на обвинителен акт од јавниот обвинител не дојде јавниот обвинител, кој е уредно повикан, а не го извести судот за причините за својата спреченост, ќе се казни со парична казна предвидена во членот 89 од овој закон, а главната расправа ќе се одложи.

(2) Ако на главната расправа не дојде приватниот тужител, иако е уредно повикан, ниту неговиот полномошник, претседателот на советот или судијата поединец ќе ја запре постапката со решение.

Член 365

Недоаѓање на обвинетиот на главна расправа

(1) Ако обвинетиот е уредно повикан, а не дојде на главната расправа ниту го оправда својот изостанок или не може да му се врачи покана, а од околностите очигледно произлегува дека го одбегнува приемот на поканата, советот ќе нареди да се доведе присилно, во смисла на членот 157 од овој закон. Ако доведувањето не би можело веднаш да се изврши, советот ќе одлучи главната расправа да не се одржи и ќе нареди обвинетиот да се доведе присилно на идната расправа. Ако до приведувањето, обвинетиот го оправда изостанокот, претседателот на советот ќе ја отповика наредбата за присилно доведување.

(2) Ако уредно повиканиот обвинет очигледно избегнува да дојде на главната расправа, или ако судот направил два обида уредно да го повика обвинетиот, а сите околности укажуваат дека обвинетиот очигледно одбегнува да ја прими поканата, советот може да определи притвот согласно со членот 165 став (1) точка 4 од овој закон. 

(3) На обвинетиот може да му се суди во отсуство само ако е во бегство или ако не им е достапен на државните органи, а постојат особено важни причини да му се суди иако е отсутен.

(4) Решение за судење во отсуство на обвинетиот донесува советот по предлог од тужителот. Жалбата не го задржува извршувањето на решението.

Член 366

Недоаѓање на бранителот на главна расправа

Ако на главната расправа не дојде бранителот кој е уредно повикан, а не го извести судот за причините на спреченост кога за таа причина сознал или ако бранителот без одобрение ја напушти главната расправа, а не постои можност веднаш да се земе друг бранител без штета за одбраната, главната расправа по предлог на обвинетиот ќе се одложи, а може да се одржи и без присуство на бранител, ако одбраната не е задолжителна. Во случај на одлагање, советот со решение ќе одлучи бранителот да ги поднесе трошоците што настанале поради одложувањето ако тоа може да се препише на негова вина.

Член 367

Одржување на главна расправа и покрај недоаѓање на обвинетиот, односно поради отсуство на бранителот

Ако според одредбите на членовите 70, 71 и 77 од овој закон постојат услови за одлагање на главната расправа поради недоаѓање на обвинетиот, односно поради отсуство на бранителот, советот може да одлучи главната расправа да се одржи ако според доказите што се наоѓаат во списите очигледно би морала да се донесе пресуда со која се одбива обвинението.

Член 368

Недоаѓање на сведок или вештак на главната расправа

(1) Ако сведок или вештак неоправдано изостане и покрај уредната покана или пак очигледно избегнува да дојде на главна расправа, советот може да нареди веднаш да се доведе присилно.

(2) Главната расправа може да почне и без присуство на повикан сведок или вештак и во тој случај советот ќе одлучи во текот на главната расправа дали поради отсуство на сведокот или вештакот главната расправа треба да се прекине или одложи.

(3) Сведокот или вештакот кој е уредно повикан, изостанокот не го оправдал, советот може да го казни со паричната казна определена во членот 224 и 237 од овој закон, а може да нареди на новата главна расправа да се доведе присилно. Советот може во оправдан случај да ја отповика одлуката за казната.

Член 369

Испитување на сведок или вештак по пат на телефонска или видеоконференција

Сведок или вештак може да биде испитан по пат на телефонска или видеоконференција кога се наоѓа на територија на друга држава.

4. Одлагање и прекинување на главната расправа

Член 370
Причини за одлагање на главната расправа

(1) Судот одлучува за одложувањето и прекинувањето на главната расправа.

(2) Надвор од случаите посебно предвидени во овој закон, по барање на странките, бранителот или по службена должност, главната расправа ќе се одложи со решение на претседателот на советот ако е потребно подолго време за прибавување на нови докази, или ако во текот на главната расправа се утврди дека кај обвинетиот по стореното кривично дело настапило душевно заболување или душевно растројство или ако постојат други сериозни пречки за одржување на главната расправа.

(3) Главната расправа се одложува само за време колку што трае пречката, односно причините што довеле до одлагање, а претседателот на советот е должен секој нареден месец да го известува претседателот на судот за тоа дали сѐ уште постојат причините за одлагањето. Претседателот на судот ќе презема потребни мерки за забрзување на постапката.

(4) Во решението со кое се одлага главната расправа по правило ќе се определи денот и часот кога главната расправа ќе продолжи. Со истото решение претседателот на советот ќе нареди да се обезбедат доказите кои може да се изгубат или уништат поради одлагањето на главната расправа.

(5) Против решението од ставот (4) на овој член не е дозволена жалба.

Член 371

Продолжение на одложената главна расправа

(1) Ако главната расправа која е одложена се одржува пред истиот судија, односно совет, расправата ќе продолжи. Претседателот на советот може да определи главната расправа да почне одново.

(2) Главната расправа која е одложена почнува одново ако се изменил составот на советот или судијата поединец. Со согласност на странките, советот може да одлучи определени сведоци и вештаци да не се сослушуваат повторно, туку да се прочитаат нивните искази внесени во записниците од поранешната главна расправа.

(3) Ако одлагањето траело подолго од 90 дена, главната расправа мора одново да почне и сите докази мора повторно да се изведат. По испитување на странките судијата, односно советот може да одлучи сведоците и вештаците да не се сослушуваат повторно туку да се прочитаат нивните искази внесени во записниците од поранешната главна расправа.

(4) Ако во случај кога е задолжително присуството на бранителот, а обвинетиот во текот на главната расправа го отповикал полномошното или бранителот го откажал полномошното или без причина не дојде на главната расправа или пред време ја напушти главната расправа, претседателот на советот веднаш ќе го задолжи обвинетиот да определи друг бранител и ќе му постави рок од најмалку 15 дена за подготвување на одбраната, а потоа главната расправа продолжува. Во натамошниот тек на главната расправа повторното отповикување или откажување на полномошното може да се дозволи само со одлука на советот, ако тоа не е сторено со цел на одолжување на постапката.

(5) Ако надвор од случаите од ставот (4) на овој член обвинетиот ополномоштува нов бранител, главната расправа ќе продолжи без одлагање.

Член 372

Прекин на главната расправа

(1) Судијата, односно претседателот на советот може да ја прекине главната расправа поради одмор или поради истек на работното време, или поради прибавување на определени докази за кратко време или поради подготвување на обвинението или на одбраната, освен во случаите предвидени со овој закон.

(2) Прекинот на главната расправа продолжува секогаш пред истиот судија, односно советот.

(3) Ако главната расправа не може да продолжи пред истиот судија, односно совет или ако прекинот на главната расправа трае подолго од осум дена ќе се постапи според одредбите од членот 371 на овој закон.

Член 373

Повторен почеток на главната расправа во случај на измена на обвинението

(1) Ако во текот на главната расправа пред советот составен од еден судија и двајца судии – поротници во случај на измена на обвинението за кривично дело за чие судење е надлежен совет составен од двајца судии и тројца судии – поротници, советот ќе се дополни и главната расправа ќе почне одново.

(2) Советот може и без согласност на странките, односно бранителот, но по нивното испитување, да одлучи определени сведоци и вештаци да не се сослушуваат, туку да се прочитаат записниците за испитување на тие сведоци и вештаци.

5. Записник за главната расправа

Член 374

Начин на водење на записник за главна расправа

(1) Текот на главната расправа се снима тонски или визуелно-тонски.

(2) На почетокот на расправата, претседателот на советот ги известува присутните странки и другите учесници во постапката за тоа дека расправата се снима и дека снимката претставува тонски или визуелно-тонски запис од одржаната расправа.

(3) Кога не постојат технички услови за тонско или визуелно-тонско снимање на текот на главната расправа, претседателот на советот може да нареди за текот на главната расправа да се води стенографски записник.

(4) Стенографскиот записник, во рок од 48 часа од одржувањето на главната расправа ќе се дешифрира и прегледа, ќе се потпише од лицето кое го составува, странките, судијата поединец, односно претседателот на советот и ќе се приклучи кон предметот.

(5) Тонскиот или визуелно-тонскиот запис од одржаната расправа е дел од судскиот предмет кој се води во автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети (АКМИС).

(6) Тонскиот или визуелно-тонскиот запис не смее да се објавува, емитува и користи за намени и цели надвор од кривичната постапка.

(7) Странките и бранителот имаат право по одржувањето на главната расправа да добијат копија од тонската или визуелно-тонската снимка или во рок од три дена препис од стенографскиот записник, во печатена или електронска форма. Копија од снимката се доставува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа.

Член 375

Внесување на изреката на пресудата во записникот

(1) Во записникот на главната расправа се внесува целосната изрека на пресудата, со назначување дека пресудата е јавно објавена. Изреката на пресудата, содржана во записникот за главна расправа претставува изворник.

(2) Ако е донесено решение за притвор и тоа се внесува во записникот за главната расправа.

6. Почеток на главната расправа

Член 376

Влегување на судијата, односно на советот во судницата

(1) Странките и сите присутни во судницата го дочекуваат советот стоејќи.

(2) Странките и другите учесници во постапката се должни да станат кога му се обраќаат на судот, освен ако за тоа постојат оправдани пречки.

(3) Во судницата во која се одржува главната расправа, странките седат наспроти претседателот на советот и тоа од неговата лева страна обвинетиот и неговиот бранител, а од неговата десна страна јавниот обвинител или овластениот тужител, оштетениот и неговиот полномошник.

(4) Обвинетиот, сведоците и вештаците се сослушуваат на место определено од десната страна на претседателот на советот свртени кон обвинителот и обвинетиот.

Член 377
Услови за одржување на главната расправа

Откако претседателот на советот ќе утврди дека на главната расправа дошле сите повикани лица, или кога советот ќе одлучи дека главната расправа може да се одржи и во отсуство на некој од повиканите лица ќе го повика обвинетиот и од него ќе земе лични податоци заради утврдување на идентитетот.

Член 378

Утврдување на идентитетот на обвинетиот и давање на упати

(1) Откако ќе се утврди идентитетот на обвинетиот претседателот на советот ќе ги упати сведоците на место коешто за нив е одредено каде што ќе причекаат додека не бидат повикани заради испитување. Вештаците можат да останат да го следат текот на главната расправа.

(2) Сите обвинети остануваат во судницата во текот на целата главна расправа.

(3) Ако приватниот тужител треба да се испита како сведок нема да се отстрани од судницата.

(4) Претседателот на советот може да преземе потребни мерки за да се спречи договарањето меѓу сведоците, вештаците и странките.

Член 379

Воведни говори на странките

(1) Главната расправа започнува со држење воведни говори. Прво зборува тужителот, а потоа бранителот или обвинетиот.

(2) Обвинетиот има право да не одржи воведен говор.

(3) Во своите говори странките можат да изнесат кои решавачки факти имаат намера да ги докажуваат, да ги изложат доказите што ќе ги изведуваат и да ги определат правните прашања по коишто ќе расправаат. Во говорите не смеат да се изнесуваат факти за поранешна осудуваност на обвинетиот.

(4) Странките во воведниот говор не можат да се изјаснуваат за наводите и понудените докази на спротивната странка.

(5) Ако оштетениот или неговиот полномошник се присутни, предјавуваат имотноправно барање.

(6) Претседателот на советот може воведните говори на странките да ги ограничи на определено време.

Член 380

Поука за правата и изјаснување за вина на обвинетиот

(1) По воведниот говор на тужителот, претседателот на советот ќе го праша обвинетиот дали разбира за што е обвинет и доколку се увери дека обвинетиот не разбрал за што е обвинет, накратко ќе ја изнесе содржината на обвинението на начин најразбирлив за обвинетиот.

(2) Претседателот на советот ќе го поучи обвинетиот за правото да молчи или да даде свој исказ и ќе го советува внимателно да го следи текот на главната расправа, при што ќе му укаже дека може да изнесува докази во своја одбрана, да им поставува прашања на сообвинетите, сведоците и вештаците, и да става забелешки во поглед на нивните искази.

(3) Потоа претседателот на советот ќе го повика обвинетиот да се произнесе во однос на сите кривични дела на обвинението дали се чувствува за виновен или не.

Член 381

Донесување на пресуда врз основа на признание на вината во текот на главната расправа

(1) По поуката за правата на обвинетиот без оглед на природата и тежината на кривичното дело за кое се води постапката, обвинетиот може доброволно да ја признае вината во однос на едно или повеќе кривични дела од обвинението.

(2) По даденото признание за вината, судијата поединец, односно претседателот на советот е должен да испита дали признанието е доброволно, дали обвинетиот е свесен за правните последици од признавањето на вината, за последиците сврзани за имотноправното побарување и трошоците на кривичната постапка.

(3) По спроведувањето на дејствијата од ставот (2) на овој член од страна на судот, во доказна постапка ќе се изведат само оние докази што се однесуваат на одлуката за санкцијата.

(4) Во однос на пресудата или делот од пресудата што е донесена како резултат на признавањето на вината на обвинетиот во текот на главната расправа, обвинетиот не може да поднесе жалба поради погрешно утврдена фактичка состојба.

7. Доказна постапка

Член 382

Изведување докази

(1) Доказите се изведуваат по следниов редослед, и тоа:
1) докази на обвинението и докази врзани со имотноправното барање;
2) докази на одбраната;
3) докази на обвинението за побивање на доказите на одбраната (реплика) и
4) докази на одбраната како одговор на побивањето (дуплика).

(2) Во текот на главната расправа секоја од странките може со согласност на другата странка, да се откаже од изведување на доказот кој бил предложен.

Член 383

Начини на испитување

(1) При изведување на доказите дозволено е директно, вкрстено и дополнително испитување.

(2) Директното испитување го врши странката која го предложила сведокот, односно вештакот или техничкиот советник.

(3) Вкрстеното испитување го врши спротивната страна.

(4) Дополнителното испитување го врши повторно страната која го повикува сведокот, односно вештакот и прашањата што се поставуваат при ова испитување се ограничени на прашањата поставени во текот на испитувањето на спротивната страна.

(5) По завршувањето на испитувањето на странките, претседателот и членовите на советот можат да поставуваат прашања на сведокот, односно вештакот.

Член 384

Директно, вкрстено и дополнително испитување на сведоци

(1) Сведокот го испитува странката која го предложила согласно со членот 383 став (2) од овој закон. Прашањата за сведокот на спротивната странка се ограничени и се однесуваат на прашањата кои претходно биле поставени во текот на испитувањето на сведокот од странката која го предложила. Прашањата на повторното испитување на сведокот од странката која го предложила се ограничени и се однесуваат на прашањата поставени во текот на испитувањето на сведокот од спротивната странка.

(2) Прашањата што наведуваат на одговор не можат да се поставуваат во текот на директното испитување, освен во случаите кога има потреба да се појаснат изјавите на сведокот. По правило, прашања кои наведуваат на одговор се дозволени само во текот на вкрстеното испитување.

Член 385

Правила на судот во процесот на изведување докази

(1) Претседателот на советот ќе го контролира начинот и редоследот на испитување на сведоците и вештаците и изведувањето на доказите водејќи сметка за ефикасност, економичност на постапката и по потреба за утврдување на вистината.

(2) Претседателот на советот по приговор од странките ќе забрани прашање и одговор на прашање кое веќе е поставено, ако го оцени како недопустливо или ирелевантно за предметот.

(3) Претседателот на советот, ќе одбие изведување на доказ за кој смета дека е непотребен и без значење за предметот и за тоа ќе даде кратко образложение.

(4) Претседателот на советот по приговор од странките ќе забрани поставување на прашања кои во себе содржат и прашање и одговор, освен при вкрстено испитување.

(5) Претседателот на советот на предлог на странката што го предложила сведокот ќе одобри вкрстено испитување, ако поради исказот што го дава сведокот на главната расправа не може повеќе да се смета како сведок на странката што го предложила.

(6) Претседателот на советот за време на изведување на доказите се грижи за достоинството на странките, обвинетиот, сведоците и вештаците.

(7) Во текот на целата доказна постапка претседателот на советот се грижи за дозволеноста на прашањата, валидноста на одговорите, праведно испитување и оправданоста на приговорите.

(8) За приговорите изнесени усно на главна расправа во процесот на испитување на сведоците, вештаците и оштетениот, судијата одлучува веднаш со решение.

Член 386

Испитување на сведок

(1) Пред испитувањето на сведок, претседателот на советот ќе го опомене за должноста да му изнесе на судот сé што му е познато за предметот и ќе го предупреди дека лажното сведочење е кривично дело.

(2) Сведокот дава заклетва пред сведочењето која гласи: „Се колнам во својата чест дека за сé што ќе бидам прашан ќе зборувам вистина и дека ништо што сум видел и слушнал нема да премолчам”.

(3) Претседателот на советот ќе го предупреди или парично ќе го казни учесникот во постапката или кое било друго лице кое му се заканува, го навредува или ја доведува во прашање безбедноста на сведокот. По предлог од странките, судот може да им нареди на полициските органи да преземат неопходни мерки за заштита на сведокот.

(4) Доколку при дејствија од ставот (3) на овој член е сторено кривично дело кое се гони по службена должност, судот го известува надлежниот обвинител.

Член 387

Испитување на вештак и технички советник

(1) Пред испитување на вештакот, судот ќе го опомене на должноста да го изнесе мислењето на јасен начин и во согласност со правилата на струката, и ќе го предупреди дека дадениот лажен исказ за наодот и мислењето претставува кривично дело.

(2) Вештакот пред испитувањето полага заклетва која гласи: „Се колнам во својата чест дека вештачењето го извршив совесно и според правилата на својата струка и сé што ќе изјавам во врска со истото е точно.”

(3) Ако некоја од странките бара вештото лице да се испита на главната расправа, писмениот наод и мислење ќе бидат прифатени како доказен материјал само ако вештото лице кое го изработило вештиот наод и мислење дало свој исказ на главната расправа и била дадена можност да биде вкрстено испрашано.

(4) Одредбите за испитување на вештак соодветно ќе се применуваат и за испитување на техничките советници.

Член 388

Исклучок од непосредно изведување на доказите

(1) Доколку докажувањето на еден факт се заснова врз забележување од некое лице, тоа треба лично да се испита на главната расправа, освен во случаите кога се испитува заштитен сведок согласно со членот 228 од овој закон. Испитувањето не може да се замени со читање на записник од негов претходно даден исказ, ниту со писмена изјава.

(2) Исказите на сведоците дадени во истражната постапка и изјавите собрани во рамки на дејствијата на одбраната во текот на истражната постапка може да се користат при вкрстено испрашување или при побивање на изнесени наводи или во одговор на побивање, заради оцена на веродостојноста на исказите дадени на главната расправа.

(3) Записници за дадени искази на доказното рочиште можат со одлука на судот да се изведат како доказ со читање или репродуцирање.

(4) Доколку по започнувањето на главната расправа се појават индиции врз основа на кои може да се заклучи дека сведокот бил изложен на насилство, закана, ветување на пари или друга корист, за да не сведочи или лажно да сведочи на главната расправа, исказите на сведокот дадени пред јавниот обвинител во претходната постапка може со одлука на судот да се изведат како доказ.

(5) По исклучок од ставот (1) на овој член, записници за дадени искази пред јавен обвинител, може со одлука на судот да се изведат како доказ со читање или репродуцирање, ако лицето кое го дало исказот починало, душевно заболело или и покрај сите со закон предвидени средства за негово пронаоѓање останало недостапно.

Член 389

Постапка со испитани сведоци и вештаци

(1) Испитаните сведоци и вештаци остануваат во судницата, ако претседателот на советот не одлучи да ги пушти или привремено отстрани од судницата.

(2) По предлог на страните или по службена должност, судот може да нареди испитаните сведоци и вештаци да се отстранат од судницата и подоцна повторно да бидат повикани и повторно да се испитаат во присуство или отсуство на други сведоци или вештаци.

Член 390

Испитување на сведок кој не може да дојде пред судот

(1) Ако на главната расправа се дознае дека сведокот не може да дојде пред суд или доаѓањето му е значително отежнато, советот може ако смета дека неговиот исказ е важен да нареди сведокот да се испита преку видеоконференциска врска согласно со членовите 82 и 83 од овој закон или да го испита надвор од главната расправа претседателот на советот или судија член на советот.

(2) Ако е потребно да се изврши увид или реконструкција надвор од главната расправа ќе ги изврши претседателот на советот или судија член на советот.

(3) Странките и оштетениот ќе се известат секогаш, кога и на кое место ќе се испита сведокот, односно ќе се изврши увидот или реконструкцијата со задолжително присуство на странките на тие дејствија.

Член 391

Испитување на обвинетиот

(1) По предлог на одбраната се врши испитување на обвинетиот.

(2) Испитувањето започнува со прашања на бранителот, а потоа прашања поставуваат обвинителот, оштетениот и сообвинетите, согласно со членот 384 од овој закон.

(3) Доколку на главната расправа обвинетиот не даде исказ или даде поинаков исказ за одделни факти или околности, јавниот обвинител може да бара да се прочита или репродуцира исказот на обвинетиот даден претходно во постапката согласно со членот 207 од овој закон.

(4) Советот може по исклучок да одлучи обвинетиот привремено да се оддалечи од судницата, ако сообвинетиот или сведокот одбива да даде исказ во негово присуство или ако околностите покажуваат дека во негово присуство нема да ја зборува вистината. Откако ќе се врати во судницата, на обвинетиот ќе му биде прочитан исказот на сообвинетиот, односно сведокот.

Член 392

Записници за доказен материјал

(1) Материјалните докази како записник за увид, потврда за одземени и вратени предмети, книги, списи и друго, кои не се повторливи на главната расправа, ќе се внесат во записникот за главна расправа.

(2) Доказите од ставот (1) на овој член се доставуваат во оригинал.

(3) По исклучок од ставот (2) на овој член може да се користи како доказ и заверен препис или заверена копија.

(4) Доказниот материјал од ставот (1) на овој член се чита ако странките поинаку не се договорат.

Член 393

Измена и проширување на обвинението

(1) Ако обвинителот оцени дека изведените докази укажуваат дека се променила фактичката состојба изнесена во обвинението, може на главната расправа да го измени обвинението. Заради подготовка на одбраната, главната расправа може да се одложи. Во овој случај, не се врши потврдување на обвинението.

(2) Ако обвинетиот во текот на главната расправа во заседанието стори кривично дело или ако во текот на главната расправа се открие некое порано сторено кривично дело на обвинетиот, советот по правило, по обвинение на овластениот тужител, кое може да биде и усно изнесено, ќе ја прошири главната расправа и на тоа дело. Против тоа обвинение не е дозволен приговор.

(3) За да се подготви одбраната, судот во случај од ставот (2) на овој член може да ја прекине главната расправа, а може по испитувањето на странките да одлучи за делото од ставот (2) на овој член да се суди посебно.

Член 394

Дополнение на доказна постапка

(1) По завршената доказна постапка странките и оштетениот може да стават предлози за дополнение на доказна постапка за нови околности што се јавиле во текот на главната расправа.

(2) Заради отстранување на противречностите во наодите и мислењата на вешти или стручни лица, судот по предлог на странките или по службена должност може да определи супер вештачење. Супер вештачењето судот го определува по електронски пат со примена на правилото на случаен избор од регистарот на вештаци, во присуство на двете странки, односно на тужителот и бранителот.

(3) Ако не бидат ставени предлози за дополнение на доказна постапка или ако предлогот биде одбиен, советот, односно претседателот на советот ќе објави дека доказната постапка е завршена.

Член 395

Завршен збор

(1) По завршувањето на доказната постапка, судот ќе ги повика тужителот, оштетениот, бранителот и обвинетиот да го дадат својот завршен збор.

(2) Ако обвинението го застапуваат повеќе обвинители, или обвинетиот има повеќе бранители, сите можат да дадат завршен збор, но не смеат да се повторуваат и можат временски да бидат ограничени во излагањето.

Член 396

Завршување на главна расправа

(1) По завршните зборови, претседателот на советот ќе објави дека главната расправа е завршена и во записникот ќе внесе во колку часот расправата завршила.

(2) Потоа советот ќе се повлече на советување и гласање заради донесување пресуда.

Глава ХXV

ПРЕСУДА

1. Изрекување на пресуда

Член 397

Изрекување на пресуда

(1) Ако судот во текот на советувањето не најде дека треба повторно да се отвори главна расправа заради дополнување на постапката или разјаснување на одделни прашања, ќе изрече пресуда.

(2) Пресудата се изрекува и јавно се објавува во името на граѓаните на Република Македонија.

Член 398

Поврзаност на пресудата со обвинението (објективен и субјективен идентитет)

(1) Пресудата може да се однесува само на лицето кое е обвинето и само на делото што е предмет на обвинението содржано во поднесениот, односно на главната расправа изменетиот или проширениот обвинителен акт.

(2) Судот не е врзан за предлозите на тужителот во однос на правната оцена на делото.

Член 399

Докази врз кои се заснова пресудата

(1) Судот ја заснова пресудата само врз фактите и доказите што се изнесени на главната расправа.

(2) Судот е должен совесно да го оцени секој доказ поединечно и во врска со другите докази и врз основа на таква оцена да изведе заклучок дали некој факт е докажан.

Член 400

Докази врз кои не може да се заснова пресудата

(1) Пресудата не може да се заснова само врз основа на исказот на загрозениот сведок прибавен со примена на одредбите за прикривање на нивниот идентитет или изгледот заради негова заштита и заштита на негови блиски лица.

(2) Пресудата не може да се заснова само врз основа на исказ изведен согласно со членот 388 ставови (2) и (3) од овој закон.

2. Видови пресуди

Член 401

Видови пресуди

(1) Со пресудата обвинението се одбива или обвинетиот се ослободува од обвинението или се огласува за виновен.

(2) Ако обвинението опфаќа повеќе кривични дела во пресудата ќе се изрече дали и за кое дело се одбива обвинението или обвинетиот се ослободува од обвинението или се огласува за виновен.

Член 402

Одбивателна пресуда

Пресуда со која се одбива обвинението судот ќе изрече, ако:
1) за пресудување судот не е стварно надлежен;
2) постапката е водена без барање на овластен тужител;
3) тужителот од започнувањето па до завршувањето на главната расправа се откажал од обвинението;
4) немало потребен предлог, одобрение или ако надлежниот државен орган се откажал од предлогот, односно одобрението или ако оштетениот се откажал од предлогот;
5) обвинетиот за истото дело е веќе правосилно осуден, ослободен од обвинението или постапката против него е правосилно запрена со решение и
6) обвинетиот со акт на амнестија или помилување е ослободен од гонењето или кривичното гонење не може да се преземе поради застареност, или ако постојат други околности што го исклучуваат кривичното гонење.

Член 403

Ослободителна пресуда

Пресуда со која обвинетиот се ослободува од обвинението судот ќе изрече, ако:
1) делото за кое се обвинува не е кривично дело според законот;
2) има околности што ја исклучуваат кривичната одговорност и
3) јавниот обвинител или тужителот не докажал надвор од разумно сомневање дека обвинетиот го сторил делото за кое се обвинува.

Член 404

Осудителна пресуда

(1) Во пресудата во која обвинетиот се огласува за виновен судот ќе изрече:
1) за кое дело се огласува за виновен, со назначување на фактите и околностите што претставуваат обележје на кривичното дело, како и на оние од кои зависи примената на определена одредба од Кривичниот законик;
2) законски назив на кривичното дело и кои одредби од Кривичниот законик се применети;
3) на каква казна се осудува обвинетиот или се ослободува од казна според одредбите од Кривичниот законик;
4) одлука за алтернативна мерка;
5) одлука за мерките на безбедност, конфискацијата на имот и имотната корист и одземање предмети;
6) одлука за засметување на лишување од слобода, на притвор или на веќе издржаната казна и
7) одлука за трошоците на кривичната постапка, за имотноправното барање, како и за тоа дека правосилната пресуда треба да се објави преку печатот, радиото или телевизијата.

(2) Ако обвинетиот е осуден на парична казна, во пресудата ќе се назначи рокот во кој треба да се плати паричната казна и начинот на кој да се изврши замена на паричната казна во случај паричната казна да не може да се наплати ни по присилен пат.

3. Објавување на пресуда

Член 405

Објавување на пресуда

(1) Откако судот ќе ја изрече пресудата, претседателот на советот веднаш ќе ја објави. Ако судот не е во можност да ја изрече пресудата истиот ден по завршувањето на главната расправа, ќе го одложи објавувањето на пресудата најмногу за три дена и ќе го определи времето и местото на објавувањето на пресудата.

(2) Претседателот на советот во присуство на странките, нивните законски застапници, полномошници и бранител, јавно ќе ја прочита изреката и накратко ќе ги соопшти причините на пресудата.

(3) Објавувањето ќе се изврши и кога странката, законскиот застапник, полномошникот или бранителот не е присутен. Советот може да нареди на обвинетиот ако е отсутен, пресудата да му ја соопшти усно претседателот на советот или пресудата само да му се достави.

(4) Ако јавноста на главната расправа била исклучена, изреката на пресудата секогаш ќе се прочита во јавно заседание. Советот ќе одлучи дали и колку ќе ја исклучи јавноста при објавувањето на причините за пресудата.

(5) Сите присутни читањето на изреката на пресудата ќе го сослушаат стоејќи.

Член 406

Поуки и предупредувања

(1) По објавувањето на пресудата, претседателот на советот ќе ги поучи странките за правото на жалба, како и за правото на одговор на жалбата.

(2) Ако на обвинетиот му е изречена условна осуда, ќе биде предупреден од претседателот за значењето на условната осуда и за условите кон кои мора да се придржува.

(3) Претседателот на советот ќе ги предупреди странките до правосилното окончување на постапката за секоја промена на адресата да го известат судот.

4. Писмена изработка и доставување на пресуда

Член 407

Изработка и доставување на пресуда

(1) Пресудата што е објавена мора писмено да се изготви во рок од 15 дена по објавувањето, а во сложени предмети по исклучок во рок од 60 дена, рокови кои не можат да бидат пречекорени.

(2) Пресудата ја потпишуваат претседателот на советот и записничарот.

(3) Заверен препис од пресудата ќе се достави до тужителот, а до обвинетиот и бранителот согласно со членот 130 од овој закон. Ако обвинетиот се наоѓа во притвор, заверените преписи на пресудата мораат да бидат испратени во роковите предвидени во ставот (1) на овој член.

(4) До обвинетиот, до приватниот тужител и до оштетениот ќе се достави и упатство за правото на жалба.

(5) Заверен препис од пресудата со упатство за правото на жалба, судот ќе достави до оштетениот, ако има право на жалба, до лицето чијшто предмет е одземен со таа пресуда, како и до правното лице спрема кое е изречено одземање на имотна корист. До оштетениот кој нема право на жалба препис од пресудата ќе се достави во случајот од членот 63 став (2) на овој закон, со упатство за правото да бара враќање во поранешната состојба. Правосилната пресуда ќе се достави до оштетениот ако тој тоа го бара.

(6) Ако судот со примената на одредбите за одмерување на единствена казна за кривични дела во стек изрекол казна, земајќи ги предвид и пресудите што ги донеле и други судови, ќе достави заверен препис од правосилната пресуда до тие судови.

Член 408

Содржина на писмено изработената пресуда

(1) Писмено изработената пресуда мора наполно да и одговара на пресудата што е објавена. Пресудата мора да има увод, изрека и образложение.

(2) Уводот на пресудата содржи назначување дека пресудата се изрекува во името на граѓаните на Република Македонија, назив на судот, име и презиме на претседателот и на членовите на советот и на записничарот, име и презиме на обвинетиот, кривичното дело за кое е обвинет и дали бил присутен на главната расправа, денот на главната расправа и дали главната расправа била јавна, име и презиме на тужителот, бранителот, законскиот застапник и на полномошникот кои биле присутни на главната расправа и денот на објавувањето на изречената пресуда.

(3) Изреката на пресудата ги содржи личните податоци на обвинетиот (член 205 став (1)) и одлуката со која обвинетиот се огласува за виновен за делото за кое е обвинет или со која се ослободува од обвинението за тоа дело или со која се одбива обвинението.

(4) Ако обвинетиот е огласен за виновен, изреката на пресудата мора да ги опфати потребните податоци наведени во членот 404 од овој закон, а ако е ослободен од обвинението или ако обвинението е одбиено, изреката на пресудата мора да го опфати описот на делото за кое е обвинет и одлуката за трошоците на кривичната постапка и за имотноправното барање, ако било поставено.

(5) Во случај на стек на кривични дела судот во изреката на пресудата ќе ги внесе казните утврдени за секое одделно кривично дело, а потоа казната што е изречена за сите дела во стек.

(6) Во образложението на пресудата судот ќе ги изнесе причините за секоја точка од изреката, а особено фактите што ги цени како докажани или недокажани, од кои докази ги утврдил тие факти, од кои причини не уважил одделни предлози на странките, од кои причини се раководел при решавање на правните прашања и кои околности ги зел предвид при одмерувањето на казната.

(7) Ако обвинетиот се ослободува од обвинението, во образложението особено ќе се наведе од кои причини предвидени во членот 403 од овој закон се прави тоа.

(8) Во образложението на пресудата со која се одбива обвинението судот нема да се впушта во оцената на главната работа, туку ќе се ограничи само на причините за одбивањето на обвинението.

(9) Странките и оштетениот можат да се одречат од правото на жалба веднаш по објавувањето на пресудата. Во таков случај преписот од пресудата ќе се достави до странката и до оштетениот само ако го бараат тоа. Ако обете странки и оштетениот по објавувањето на пресудата се одрекле од правото на жалба и ако никој од нив не барал доставување на пресудата, писмено изработената пресуда не мора да содржи образложение.

Член 409

Грешки во пресудата

(1) Грешките во имињата и броевите, како и други очигледни грешки во пишувањето и сметањето, недостатоците во формата и несогласноста на писмено изработената пресуда со изворникот ќе ги исправи со посебно решение претседателот на советот, по барање од странките или по службена должност.

(2) Ако постои несогласност меѓу писмено изработената пресуда и нејзиниот изворник во поглед на податоците од членот 404 став (1) точки 1, 2, 3, 4, 5 и 7 на овој закон, решението за исправката ќе им се достави на лицата наведени во членот 407 од овој закон. Во тој случај рокот за жалба против пресудата тече од денот на доставувањето на тоа решение против кое не е дозволена посебна жалба.

ОДДЕЛ Г. ПРАВНИ ЛЕКОВИ

Глава XXVI

РЕДОВНИ ПРАВНИ ЛЕКОВИ

1. Жалба на пресудата на првостепениот суд

Член 410

Право на жалба и рок за поднесување

(1) Против пресудата донесена во прв степен овластените лица можат да изјават жалба во рок од 15 дена од денот на доставувањето на преписот од пресудата.

(2) Навремено изјавената жалба од овластеното лице го одлага извршувањето на пресудата.

Член 411

Субјекти кои можат да поднесат жалба

(1) Жалба можат да изјават странките, бранителот, законскиот застапник на обвинетиот и оштетениот.

(2) Во корист на обвинетиот жалба можат да изјават и неговиот брачен, односно вонбрачен другар, роднина по крв во права линија, посвоител, посвоеник, брат, сестра и хранител. Рокот за жалба и во тој случај тече од денот кога на обвинетиот, односно на неговиот бранител му е доставен преписот од пресудата.

(3) Јавниот обвинител може да изјави жалба како на штета така и во корист на обвинетиот.

(4) Оштетениот може да ја побива пресудата во однос на одлуката за трошоците на кривичната постапка, а доколку е досудено имотноправно побарување и во тој дел.

(5) Жалба може да изјави и лицето чиј предмет е одземен или од кое е конфискуван имот или имотна корист прибавена со кривичното дело, како и правното лице на кое му е изречено одземање на имотната корист.

(6) Бранителот и лицата од ставот (2) на овој член можат да изјават жалба и без особено овластување од обвинетиот, но не и против неговата волја.

Член 412

Одрекување и откажување од правото на жалба

(1) Обвинетиот може да се одрече од правото на жалба само откако му е доставена пресудата. Обвинетиот и пред тоа може да се одрече од правото на жалба ако тужителот и оштетениот кога имаат право да изјават жалба поради сите основи (член 407 став (4)) се одрекле од правото на жалба, освен ако обвинетиот според пресудата би требало да издржува казна затвор. До донесувањето на одлуката на второстепениот суд, обвинетиот може да се откаже од веќе изјавената жалба. Обвинетиот може да се откаже и од жалбата што ја изјавил неговиот бранител или лицата наведени во членот 411 став (2) од овој закон.

(2) Тужителот и оштетениот можат да се одречат од правото на жалба од моментот на објавувањето на пресудата па до истекот на рокот за изјава на жалба, а можат до донесувањето на одлуката на второстепениот суд да се откажат и од веќе изјавената жалба.

(3) Одрекувањето и откажувањето од жалбата не може да се отповикаат.

Член 413

Содржина на жалбата

(1) Жалбата треба да содржи:
1) означување на пресудата против која се изјавува жалбата;
2) основ за побивање на пресудата;
3) образложение на жалбата;
4) предлог побиваната пресуда наполно или делумно да се укине или преиначи, и
5) потпис на лицето што изјавува жалба.

(2) Ако жалба изјавил обвинетиот или друго лице од членот 411 став (2) на овој закон, а обвинетиот нема бранител, или ако жалба изјавил оштетениот, или приватниот тужител кој нема полномошник, а жалбата не е составена во согласност со одредбите на ставот (1) на овој член, првостепениот суд ќе го повика жалителот да ја дополни жалбата во определен рок со писмен поднесок или на записник кај тој суд. Ако жалителот не се јави на оваа покана, судот ќе ја отфрли жалбата кога не ги содржи податоците од ставот (1) точки 2, 3 и 5 на овој член, а ако жалбата не го содржи податокот од ставот (1) точка 1 на овој член ќе се отфрли кога не може да се утврди на која пресуда се однесува. Ако жалбата е изјавена во корист на обвинетиот, судот ќе ја достави до второстепениот суд кога може да се утврди на која пресуда се однесува, а ако тоа не може да се утврди, судот ќе ја отфрли жалбата.

(3) Ако жалба изјавил оштетениот или приватниот тужител кој има полномошник или јавниот обвинител, а жалбата не ги содржи податоците од ставот (1) точки 2, 3 и 5 на овој член или ако жалбата не го содржи податокот од ставот (1) точка 1 на овој член, а не може да се утврди на која пресуда се однесува, судот ќе ја отфрли жалбата. Жалбата со овие недостатоци изјавена во корист на обвинетиот кој има бранител судот ќе ја достави до второстепениот суд ако може да се утврди на која пресуда се однесува, а ако тоа не може да се утврди судот ќе ја отфрли жалбата.

(4) Во жалбата не смее да се наведуваат нови факти или нови докази освен оние за кои странките ќе докажат дека не можеле да ги изнесат до завршувањето на доказната постапка во текот на главната расправа бидејќи не им биле познати или достапни.

Член 414

Жалбени основи

Пресудата може да се побива:
1) поради суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка,
2) поради погрешно утврдена фактичка состојба,
3) поради повреда на Кривичниот законик и
4) поради одлука за кривичните санкции, за одземање на имотна корист, за трошоците за кривичната постапка, за имотноправните барања, како и поради одлука за објавување на пресудата преку печатот, радиото или телевизијата.

Член 415

Суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка

(1) Суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка постои:
1) ако судот бил непрописно составен или ако во изрекувањето на пресудата учествувал судија или судија – поротник кој не учествувал на главната расправа или кој со правосилна одлука е изземен од судењето;
2) ако на главната расправа учествувал судија или судија – поротник кој морал да се изземе (член 33 точки 1, 2, 3, 4 и 5);
3) ако главната расправа е одржана без лице чие присуство на главната расправа е задолжително според законот;
4) ако спротивно на законот јавноста била исклучена на главната расправа;
5) кога се повредени прописите на кривичната постапка по прашањето дали постои обвинение од овластен тужител или предлог од оштетениот, односно одобрение од надлежниот орган;
6) кога пресудата ја донел суд кој поради стварната ненадлежност не можел да суди во тој предмет или ако судот неправилно го одбил обвинението поради стварна ненадлежност;
7) кога судот со својата пресуда не го решил наполно предметот на обвинението;
8) кога пресудата се заснова врз доказ врз кој според одредбите на овој закон не може да се заснова пресудата освен ако со оглед на другите докази е очигледно дека и без тој доказ би била донесена иста пресуда;
9) ако обвинението е пречекорено (член 398 став (1));
10) ако со пресудата е повредена одредбата на членот 428 од овој закон;
11) ако пресудата е нејасна и противречна на самата себе или во неа не се наведени причините за решавачките факти или докази изведени на главната расправа, или
12) кога судот ги повредил одредбите за употреба на јазикот во постапката утврдена со овој закон.

(2) Суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка постои и кога судот додека ја подготвувал главната расправа или во текот на главната расправа или при донесување на пресудата не применил или неправилно применил некоја одредба од овој закон, ако тоа влијаело или можело да влијае врз законитото и правилното донесување на пресудата.

(3) Суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка постои и ако се повредени правата на одбраната, а тоа влијаело или можело да влијае врз законитото и правилното донесување на пресудата или правото на обвинетиот на правично судење.

Член 416

Повреда на Кривичниот законик

Повреда на Кривичниот законик постои, ако:
1) делото за кое се гони обвинетиот не е кривично дело;
2) има околности што ја исклучуваат кривичната одговорност;
3) има околности што го исклучуваат кривичното гонење, а особено ако настапила застареност на кривичното гонење или гонењето е исклучено поради амнестија или помилување или работата е веќе правосилно пресудена;
4) во однос на кривичното дело што е предмет на обвинението е применет закон што не може да се примени;
5) со одлуката за казната, за условната осуда или за судската опомена, односно со одлуката за мерката на безбедност, или за одземање на имотната корист е пречекорено овластувањето што го има судот според законот и
6) се повредени одредбите за засметување на притворот, како и на секое лишување од слобода во врска со кривичното дело и на издржаната казна.

Член 417

Погрешно утврдена фактичка состојба

(1) Пресудата може да се побива поради погрешно утврдена фактичка состојба кога некој решавачки факт погрешно е утврден или не е утврден.

(2) Погрешно утврдена фактичка состојба постои и кога на тоа укажуваат нови факти или нови докази, во смисла на членот 413 став (4) од овој закон.

Член 418

Одлука за казната, условна осуда и судска опомена, за мерката на безбедност или за одземање на имотната корист и објавување на пресудата

(1) Пресудата, односно решението за судска опомена може да се побива поради одлука за казната, условна осуда и судска опомена кога со таа одлука не е пречекорено законското овластување (член 416 точка 5), но судот не ја одмерил правилно казната со оглед на околностите што влијаат казната да биде поголема или помала и поради тоа што судот ги применил или не ги применил одредбите за ублажување на казната, за ослободување од казната, за условна осуда или за судска опомена, иако за тоа постоеле законски услови.

(2) Одлуката за мерката на безбедност или за одземање на имотната корист може да се побива ако не постои повреда на закон од членот 416 точка 5 на овој закон, но судот неправилно ја донел оваа одлука или не ја изрекол мерката на безбедност, односно одземање на имотната корист, иако постоеле за тоа законски услови. Од истите причини може да се побива одлуката за трошоците на кривичната постапка.

(3) Одлуката за објавување на пресудата преку печатот, радиото или телевизијата може да се побива кога судот за овие прашања донел одлука спротивно на законските одредби.

2. Постапка по жалба

Член 419

Поднесување на жалба

(1) Жалба се поднесува до судот што ја изрекол првостепената пресуда во доволен број примероци за судот, како и за противната странка и за бранителот заради давање одговор.

(2) Ненавремената (член 410) и недозволената (член 411) жалба ќе ја отфрли со решение претседателот на советот на првостепениот суд.

Член 420

Одговор на жалбата

(1) Еден примерок од жалбата првостепениот суд без одлагање доставува до спротивната странка (членови 130 и 131), која во рок од осум дена од денот на приемот на жалбата може да поднесе до судот одговор на жалба.

(2) Жалбата и одговорот на жалбата со сите списи, првостепениот суд во рок од три дена од приемот на одговорот на жалбата, односно по истекот на рокот за поднесување одговор на жалбата, ќе ги достави до второстепениот суд.

Член 421

Судија известител

(1) Кога списите по жалбата ќе стигнат до второстепениот суд, во рок од три дена од приемот на списите се определува судија известител. Ако во прашање е кривично дело за кое се гони по барање од јавниот обвинител, судијата известител без одлагање ќе ги достави списите до надлежниот јавен обвинител кој е должен да ги разгледа и без одлагање или најдоцна во рок од 15 дена, а кај посложени предмети најдоцна во рок од 30 дена, да му ги врати на судот.

(2) Јавниот обвинител, враќајќи ги списите, ќе достави писмен предлог до судот или ќе го извести судот дека ќе стави писмен предлог на седницата на советот.

(3) За седницата на советот ќе се извести јавниот обвинител и оној обвинет и неговиот бранител, или приватниот тужител кој во рокот предвиден за жалба или за одговор на жалбата барал да биде известен за седницата или предложи одржување на расправа пред второстепениот суд.

(4) Седницата на советот на второстепениот суд е јавна по барање на странките за кривично дело за кое може да се изрече казна затвор од над пет години.

(5) Судијата известител може по потреба од првостепениот суд да прибави извештај за повредите на одредбите на кривичната постапка, а може преку тој суд или преку судијата на претходната постапка на судот на чие подрачје треба да се изврши дејствието или на друг начин да ги провери наводите во жалбата во однос на новите докази и новите факти, или од други органи или правни лица да прибави потребни извештаи или списи. Првостепениот суд, односно надлежниот јавен обвинител што ја водел истражната постапка од кој судијата известител бара извештаи или преземање дејствија, должни се да постапат по таквото барање во рок кој не надминува 30 дена.

(6) Ако судијата известител утврди дека во списите се наоѓаат записниците и известувањата предвидени во членот 93 од овој закон, списите без одлагање ќе ги достави до првостепениот суд пред одржувањето на седницата на второстепениот совет, за да претседателот на првостепениот совет донесе решение за нивно издвојување од списите и, по правосилноста на решението, во затворена обвивка да му ги предаде на судијата на претходната постапка заради чување одвоено од другите списи.

Член 422

Седницата на советот

(1) Ако обвинетиот е во притвор или на издржување на казната, а има бранител, ќе се обезбеди присуство на обвинетиот само ако претседателот на советот или советот најде дека е тоа целесообразно.

(2) Седницата на советот започнува со извештајот на судијата известител за состојбата на работата. Потоа подносителот на жалбата ја образложува жалбата, а по него збор добива спротивната страна за да одговори на наводите во жалбата, односно во одговорот на жалбата, не повторувајќи го она што е содржано во извештајот, а заради дополнување на извештајот може да се бара да се прочитаат одделни списи.

(3) Недоаѓањето на странките кои се уредно известени не го спречува одржувањето на седницата на советот. Ако обвинетиот не го известил судот за промената на живеалиштето, односно престојувалиштето, седницата на советот може да се одржи иако обвинетиот не бил известен за седницата.

(4) На седницата на советот на која присуствуваат странките, јавноста може да се исклучи само под условите определени со овој закон согласно со членовите 353, 354, 355 и 356 од овој закон.

(5) Записникот за седницата на советот се приклучува кон списите на првостепениот и второстепениот суд.

(6) Решенијата од членовите 432 и 433 на овој закон може да се донесат и без известување на странките за седницата на советот.

Член 423

Одлучување на второстепениот суд

(1) Второстепениот суд донесува одлука на седница на советот или врз основа на одржана расправа.

(2) На седница на советот одржана во смисла на членот 422 од овој закон, доколку советот оцени дека ќе биде одржана расправа, таа се закажува најдоцна во рок од 15 дена од денот кога е одржана седницата на советот.

Член 424

Одржување расправа пред советот на второстепениот суд

(1) Расправа пред советот на второстепениот суд ќе се одржи, ако:
1) се утврди дека постои суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од членот 415 став (1) на овој закон кои според оцената на советот може да се надмине со одржување на главна расправа или
2) се утврди дека постои погрешно утврдена фактичка состојба во текот на првостепената постапка или кога новите факти и докази за првпат изнесени во жалбата се оценети како дозволени.

(2) Одредбите кои се однесуваат на главната расправа во првостепената постапка соодветно се применуваат и на расправа пред советот на второстепениот суд, освен ако со овој закон поинаку не е определено.

(3) На расправата пред второстепениот суд се повикуваат обвинетиот и неговиот бранител, тужителот, оштетениот, законските застапници и полномошниците на оштетениот и приватниот тужител, како и сведоците и вештаците за кои судот ќе одлучи да се испитаат.

(4) На расправата се изведуваат доказите кои не биле познати или достапни во текот на првостепената постапка, како и оние за кои советот ќе оцени дека е потребно да се изведат заради правилно утврдување на фактичката состојба.

Член 425

Тек на расправата пред советот на второстепениот суд

(1) Расправата пред второстепениот суд почнува со извештај на судијата известител кој ја изложува состојбата на работите, не давајќи свое мислење за основаноста на жалбата.

(2) По предлог или по службена должност ќе се прочита пресудата или делот од пресудата на кој се однесува жалбата, а по потреба и записникот за главната расправа.

(3) Потоа се повика подносителот на жалбата да ја образложи жалбата, а по него добива збор спротивната страна да одговори на наводите во жалбата. Обвинетиот и неговиот бранител имаат секогаш последен збор. 

(4) Тужителот може, со оглед на резултатот од расправата, во целост или делумно да се откаже од обвинителниот акт или да го измени обвинителниот акт во корист на обвинетиот.

Член 426

Донесување пресуда од советот на второстепениот суд

(1) По одржаната расправа, советот на второстепениот суд ќе донесе пресуда според одредбите од членовите 434 до 437 на овој закон.

(2) Во однос на писмената изработка на пресудата, советот на второстепениот суд е врзан за роковите предвидени во членот 407 од овој закон.

(3) При изрекувањето на пресудата советот е врзан со забраната пропишана во членот 428 од овој закон.

(4) Ако обвинетиот е во притвор, советот е должен да постапи според членот 438 став (3) од овој закон.

Член 427

Граници на испитување на првостепената пресуда

(1) Второстепениот суд ја испитува пресудата во оној дел во кој се побива со жалбата, но секогаш мора по службена должност да испита дали:
1) постои повреда на одредбите на кривичната постапка од членот 415 став (1) точки 1, 5, 6, 8, 9, 10 и 11 на овој закон и дали главната расправа спротивно на одредбите од овој закон е одржана во отсуство на обвинетиот, а во случај на задолжителна одбрана и во отсуство на бранителот на обвинетиот и
2) на штета на обвинетиот е повреден Кривичниот законик (член 416).

(2) Ако жалбата изјавена во корист на обвинетиот не ги содржи податоците од членот 413 став (1) точки 2 и 3 на овој закон, второстепениот суд ќе се ограничи на испитување на повредите од ставот (1) точки 1 и 2 на овој член, како и на испитување на одлуката за казната, за мерките на безбедност и за одземање на имотна корист (член 418).

(3) На повреда на законот од членот 415 став (1) точка 2 на овој закон, жалителот може да се повика во жалбата само ако таа повреда не можел да ја изнесе во текот на главната расправа или ја изнел, но првостепениот суд не ја зел предвид.

Член 428

Забрана за менување на полошо

Ако е изјавена жалба само во корист на обвинетиот, пресудата не смее да се измени на негова штета во однос на правната оцена на делото и на кривичната санкција.

Член 429

Проширено дејство на жалбата

Жалбата поради погрешно утврдената фактичка состојба или поради повреда на Кривичниот законик изјавена во корист на обвинетиот содржи во себе и жалба поради одлуката за кривичната санкција и за одземањето на имотната корист (член 418).

Член 430

Привилегија на здружувањето (Beneficium cohaesionis)

Ако второстепениот суд по повод на која и да е жалба утврди дека причините поради кои ја донел одлуката во корист на обвинетиот се од корист и за некој од сообвинетите кој не изјавил жалба или не ја изјавил во тој правец, ќе постапи по службена должност како да постои таква жалба.

Член 431

Одлуки на второстепениот суд по жалба

(1) Второстепениот суд на седница на советот може да ја отфрли жалбата како ненавремена или како недозволена, или да ја одбие жалбата како неоснована и да ја потврди првостепената пресуда, или да ја преиначи првостепената пресуда, или да ја укине првостепената пресуда поради суштествени повреди и да го врати предметот на повторно одлучување или да ја укине првостепената пресуда и да одржи расправа.

(2) За сите жалби против иста пресуда второстепениот суд одлучува со една одлука.

(3) Во образложението на пресудата, односно на решението, второстепениот суд треба да ги оцени жалбените наводи и да ги изнесе повредите на законот што ги зел предвид по службена должност.

Член 432

Отфрлање на жалбата како ненавремена

Жалбата ќе се отфрли со решение како ненавремена ако се утврди дека не е поднесена во законскиот рок.

Член 433

Отфрлање на жалбата како недозволена

Жалбата ќе се отфрли со решение како недозволена ако се утврди дека жалбата ја изјавило лице кое не е овластено да поднесува жалба или лице кое се одрекло од жалбата или ако се утврди дека се откажало од жалбата или ако по откажувањето повторно изјавило жалба или ако според законот не е дозволена жалба.

Член 434

Одбивање на жалбата како неоснована

Второстепениот суд со пресуда ќе ја одбие жалбата како неоснована и ќе ја потврди пресудата на судот од прв степен кога ќе утврди дека не постојат причини поради кои пресудата се побива ниту постојат повреди на законот од членот 427 став (1) на овој закон.

Член 435

Преиначување на пресудата

(1) Второстепениот суд, уважувајќи ја жалбата или по службена должност со пресуда ќе ја преиначи првостепената пресуда ако утврди дека решавачките факти во првостепената пресуда правилно се утврдени и дека со оглед на утврдената фактичка состојба по правилна примена на законот треба да се донесе поинаква пресуда, а според состојбата на работите и во случај на повреди од членот 415 став (1) точки 5, 9 и 10 на овој закон.

(2) Ако второстепениот суд најде дека постојат законски услови за изрекување на судска опомена, со решение ќе ја преиначи првостепената пресуда и ќе изрече судска опомена.

(3) Ако поради преиначувањето на првостепената пресуда се стекнале услови да се определи, односно да се укине притвор врз основа на членовите 174 став (1) точка 5 и 175 ставови (1) и (5) од овој закон, второстепениот суд за тоа ќе донесе посебно решение против кое не е дозволена жалба.

Член 436

Укинување поради суштествени повреди

(1) Второстепениот суд, уважувајќи ја жалбата или по службена должност со решение ќе ја укине првостепената пресуда и ќе го врати предметот на повторно судење ако утврди дека постои суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка, освен ако не одлучи да одржи расправа пред второстепениот суд.

(2) Второстепениот суд може да нареди да се одржи нова главна расправа пред првостепениот суд пред целосно изменет совет.

(3) Второстепениот суд може и само делумно да ја укине првостепената пресуда ако одделни делови од пресудата можат да се издвојат без штета за правилното пресудување.

(4) Кога првостепената пресуда се укинува поради суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка, во образложението треба да се наведе кои одредби се повредени и во што се состојат повредите.

(5) Ако обвинетиот се наоѓа во притвор, второстепениот суд ќе испита дали сѐ уште постојат причините за притвор и ќе донесе решение за продолжување или укинување на притворот. Против ова решение не е дозволена жалба.

Член 437

Укинување на првостепената пресуда и одржување расправа

(1) Второстепениот суд, уважувајќи ја жалбата или по службена должност со решение ќе ја укине првостепената пресуда и ќе нареди одржување расправа доколку се исполнети случаите од членот 424 на овој закон.

(2) Второстепениот суд може и само делумно да ја укине првостепената пресуда ако одделни делови од пресудата можат да се издвојат без штета за правилното пресудување и во однос на тој дел да одржи расправа.

(3) Ако обвинетиот се наоѓа во притвор, второстепениот суд ќе испита дали уште постојат причините за притвор и ќе донесе решение за продолжување или укинување на притворот. Против ова решение не е дозволена жалба.

(4) Ако обжалената пресуда веќе еднаш е укината, тогаш второстепениот суд ќе одржи расправа и мериторно ќе одлучи по предметот.

Член 438

Враќање на списите до првостепениот суд

(1) Второстепениот суд ќе му ги врати сите списи на судот од прв степен со неговата одлука во доволен број заверени преписи заради предавање на странките и на другите заинтересирани лица.

(2) Ако обвинетиот е во притвор, второстепениот суд е должен својата одлука со списите да ја достави до судот од прв степен најдоцна во рок од 45 дена, a во посложени случаи во рок од 60 дена од денот кога ги примил списите од јавниот обвинител.

3. Жалба на пресудата на второстепениот суд

Член 439

Дозволеност на жалба

(1) Против пресудата на второстепениот суд е дозволена жалба до судот што одлучува во трет степен само во следниве случаи, ако:
1) второстепениот суд изрекол казна доживотен затвор, или ако ја потврдил пресудата на првостепениот суд со која е изречена таква казна;
2) второстепениот суд донел пресуда врз основа на одржаната расправа и
3) второстепениот суд ја преиначил пресудата на првостепениот суд со која обвинетиот е ослободен од обвинението и изрекол пресуда со која обвинетиот се огласува за виновен.

(2) За жалбата против второстепената пресуда решава судот од трет степен на седница на советот согласно со одредбите што важат за постапката во втор степен. Пред овој суд не може да се одржи расправа.

(3) Одредбите на членот 435 од овој закон ќе се применат и врз сообвинетиот кој немал право да изјави жалба против второстепената пресуда.

4. Жалба на решение

Член 440

Дозволеност на жалба против решение

(1) Против решението на судијата за претходната постапка и против другите решенија на судот донесени во прв степен, странките и лицата чиишто права се повредени можат да изјават жалба секогаш кога во овој закон изрично не е определено дека посебна жалба не е дозволена.

(2) Против решението на советот од членот 25 став (5) на овој закон донесено пред и во текот на истрагата, не е дозволена посебна жалба, ако со овој закон поинаку не е определено. Кога со овој закон е определено дека не е дозволена посебна жалба, решението може да се побива со жалбата на пресудата.

(3) Решенијата што се донесуваат заради подготвување на главната расправа и пресудите можат да се побиваат само во жалбата на пресудата.

Член 441

Поднесување на жалбата

(1) Жалбата се поднесува до судот што го донел решението.

(2) Жалба на решението се поднесува во рок од три дена од денот на доставувањето на решението, ако со овој закон поинаку не е определено 

Член 442

Суспензивно дејство на жалбата

Ако во овој закон поинаку не е определено, со поднесувањето на жалбата на решението се одлага извршувањето на решението против кое е изјавена жалба.

Член 443

Надлежен орган за одлучување по жалбата

(1) За жалбата против решението на првостепениот суд одлучува второстепениот суд на седница на советот, ако со овој закон поинаку не е определено.

(2) За жалбата против решението на судијата за претходната постапка одлучува советот од членот 25 став (5) на овој закон, ако со овој закон поинаку не е определено.

(3) Решавајќи за жалбата судот може со решение да ја отфрли жалбата како ненавремена или како недозволена, да ја одбие жалбата како неоснована, или да ја уважи жалбата и решението да го преиначи или укине и по потреба предметот да го упати на повторно одлучување.

Член 444

Соодветна примена на одредбите за жалба на пресуда на првостепен суд

(1) Врз постапката по жалбата на решението согласно ќе се применуваат одредбите на членовите 411, 413, 419, 421 ставови (1), (4) и (5), 427 став (1) точка 1, 428 и 430 од овој закон.

(2) Ако жалба е изјавена против решението од членот 522 на овој закон за седницата на советот се известува јавниот обвинител, а другите лица под условите предвидени во членот 422 од овој закон.

Член 445

Соодветна примена на одредбите за жалба на решението

Одредбите од членовите 440 и 445 на овој закон согласно ќе се применуваат и врз сите други решенија што се донесуваат според овој закон, ако со овој закон поинаку не е определено.

Глава XXVII

ВОНРЕДНИ ПРАВНИ ЛЕКОВИ

1. Повторување на кривичната постапка

Член 446

Oпшта одредба

Кривичната постапка што е довршена со правосилно решение или со правосилна пресуда може по барање од овластеното лице да се повтори само во случаите и под условите предвидени со овој закон.

Член 447

Преиначување на правосилна пресудата без повторување на постапката

(1) Правосилната пресуда може да се преиначи без повторување на кривичната постапка, ако:
1) во две или повеќе пресуди против истиот осуден правосилно се изречени повеќе казни, а не се применети одредбите за одмерување на единствена казна за дела во стек;
2) при изрекувањето на единствена казна со примена на одредбите за стек е земена како утврдена казната што е веќе опфатена во казната изречена според одредбите за стек во некоја поранешна пресуда;
3) кога по правосилноста на пресудата ќе се јават околности што ги немало кога се изрекувала пресудата или не биле познати иако постоеле, а тие очигледно би довеле до поблага осуда;
4) правосилната пресуда со која за повеќе кривични дела е изречена единствена казна не би можела да се изврши во еден дел поради амнестија, помилување или од други причини и
5) по правосилната пресуда со која обвинетиот е огласен за виновен за продолжено кривично дело се појават нови оштетени лица, првостепениот суд ќе ја преиначи пресудата во делот за имотноправното барање, а постапката се поведува по предлог на оштетените во рок од три месеци од денот на дознавањето на пресудата.

(2) Во случајот од ставот (1) точка 1 на овој член судот со новата пресуда ќе ги преиначи поранешните пресуди во однос на одлуките за казната и ќе изрече единствена казна. За донесување на нова пресуда е надлежен првостепениот суд кој судел во предметот во кој е изречен најстрог вид казна, а кај истовидни казни – судот што изрекол најголема казна, а ако казните се еднакви – судот што последен изрекол казна.

(3) Во случајот од ставот (1) точка 2 на овој член ќе ја преиначи својата пресуда судот што при изрекувањето на единствена казна погрешно зел предвид казна што веќе е опфатена во некоја поранешна пресуда.

(4) Во случајот од ставот (1) точки 3 и 4 на овој член првостепениот судот ќе ја преиначи поранешната пресуда во однос на казната и ќе изрече нова казна, или ќе ја ублажи претходно изречената казна или ќе утврди колку ќе се изврши од казната изречена со поранешната пресуда. 

(5) Новата пресуда ја донесува судот на седница на советот, по предлог од јавниот обвинител или од осудениот, а по испитувањето на спротивната странка.

(6) Ако во случајот од ставот (1) точки 1 и 2 на овој член при изрекувањето на казната се земени предвид и пресуди на други судови, заверен препис на новата правосилна пресуда ќе се достави и до тие судови.

Член 448

Продолжување на кривичната постапка

(1) Ако судот донел решение со кое го одбил обвинителниот акт како неоснован, кога пред почеток на главната расправа обвинението е отфрлено или правосилно одбиено или со решение постапката е правосилно запрена, по барање од овластениот тужител, може да се дозволи повторување на кривичната постапка (член 453 став (3)), ако се поднесат нови докази врз основа на кои судот може да се увери дека се стекнале услови за повторно поведување на кривичната постапка.

(2) Кривичната постапка правосилно запрена до почетокот на главната расправа може да се повтори кога јавниот обвинител се откажал од гонењето, ако се докаже дека до откажувањето дошло поради сторување на кривично дело. Во поглед на докажувањето на кривичното дело на јавниот обвинител ќе се применуваат одредбите од членот 450 став (2) на овој закон.

Член 449

Повторување на постапката во корист на осудениот

(1) Кривичната постапка завршена со правосилна пресуда може да се повтори во корист на осудениот, ако:
1) се докаже дека пресудата е заснована врз лажна исправа, визуелно-тонска снимка или врз лажен исказ на сведокот, вештакот, толкувачот или преведувачот, односно толкувачот;
2) се докаже дека до пресудата дошло поради кривично дело на судијата, на судијата – поротник или на лице кое ги вршело истражните дејствија;
3) се изнесат нови факти или се поднесат нови докази што самите за себе или во врска со поранешните докази се подобни да причинат ослободување на лицето кое било осудено или негова осуда според поблаг кривичен закон;
4) на некое лице за исто дело повеќе пати му е судено или ако повеќе лица се осудени поради исто дело што можело да го стори само едно лице или некои од нив;
5) во случај на осуда за продолжено кривично дело или за друго кривично дело што според законот опфаќа повеќе истовидни или повеќе разновидни дејствија се изнесат нови факти или се поднесат нови докази што укажуваат дека осудениот не го сторил дејствието што е опфатено со делото од осудата, а постоењето на овие факти би било од суштествено влијание врз одмерување на казната и
6) со правосилна одлука на Европскиот суд за човековите права се утврди повреда на човековите права и основни слободи во текот на постапката.

(2) Во случаите од ставот (1) точки 1 и 2 на овој член со правосилна пресуда мора да се докаже дека наведените лица се огласени за винови за односните кривични дела. Ако постапката против овие лица не може да се спроведе поради тоа што умреле или поради тоа што постојат околности што го исклучуваат кривичното гонење, фактите од ставот (1) точки 1, 2 и 3 на овој член можат да се утврдат и со други докази.

Член 450

Повторување на постапката на штета на осудениот

Кривичната постапка во исклучителни случаи може да се повтори на штета на осудениот ако пресудата со која обвинението се одбива е донесена поради стварна ненадлежност на судот, а јавниот обвинител покренал постапка пред надлежен суд и притоа побарал повторување на постапката.

Член 451

Лица овластени да поднесат барање за повторување на постапката

(1) Барање за повторување на кривичната постапка можат да поднесат странките и бранителот, а по смртта на осудениот барање можат да поднесат јавниот обвинител ако постапката се водела по негово барање или лицата наведени во членот 411 став (2) на овој закон.

(2) Барање за повторување на кривичната постапка може да се поднесе и откако осудениот ја издржал казната без оглед на застареноста, амнестијата или помилувањето.

(3) Ако судот што би бил надлежен за одлучување за повторување на кривичната постапка (член 452) дознае дека постои причина за повторување на кривичната постапка ќе го извести за тоа осудениот, односно лицето кое е овластено да го поднесе барањето.

Член 452

Судот кој одлучува за барањето и содржина на барањето

(1) За барањето за повторување на кривичната постапка одлучува советот од членот 25 став (5) на овој закон, на судот што во поранешната постапка судел во прв степен.

(2) Во барањето мора да се наведе по која законска основа се бара повторувањето и со кои докази се поткрепуваат фактите врз кои се заснова барањето. Ако барањето не ги содржи и овие податоци, судот ќе го повика подносителот во определен рок да го дополни барањето.

(3) При решавањето за барањето, во советот нема да учествува судијата кој учествувал во донесувањето на пресудата во поранешната постапка.

Член 453

Одлучување по барањето за повторување на постапката

(1) Судот со решение ќе го отфрли барањето ако врз основа на самото барање и на списите од поранешната постапка утврди дека барањето го поднело неовластено лице или дека нема законски услови за повторување на постапката, или дека фактите и доказите врз кои се заснова барањето веќе биле изнесени во поранешното барање за повторување на постапката што е одбиено со правосилно решение на судот, или дека фактите и доказите очигледно не се подобни врз основа на нив да се дозволи повторување или утврди дека станува збор за лажна исправа или лажен исказ на сведокот или вештакот, или дека подносителот на барањето не постапил според членот 452 став (2) од овој закон.

(2) Ако судот не го отфрли барањето ќе се достави препис на барањето до противната странка која има право во рок од осум дена да одговори по барањето. Кога на судот ќе му стигне одговор на барањето или кога ќе измине рокот за давање одговор, претседателот на советот ќе определи да се извидат фактите и да се прибават доказите на кои се повикува во барањето и во одговорот на барањето.

(3) По спроведените извиди судот со решение веднаш ќе одлучи за барањето за повторување на постапката според членот 448 од овој закон. Во други случаи, кога се во прашање кривични дела за кои се гони по службена должност, претседателот на советот ќе определи списите да се испратат до јавниот обвинител кој без одлагање ќе ги врати списите со свое мислење.

Член 454

Дозвола за повторување на постапката или одбивање на барањето за повторување на постапката

(1) Кога јавниот обвинител ќе ги врати списите, ако не определи извидот да се дополни врз основа на резултатите од извидот, судот ќе го уважи барањето и ќе дозволи повторување на кривичната постапка или ќе го одбие барањето ако новите докази не се подобни да доведат до повторување на кривичната постапка.

(2) Ако судот најде дека причините поради кои дозволил повторување на постапката постојат и за некој од сообвинетите што не поднел барање за повторување на постапката ќе постапи по службена должност како да постои такво барање.

(3) Во решението со кое се дозволува повторување на кривичната постапка судот ќе одлучи веднаш да се определи нова главна расправа, или предметот да се врати во состојба на истражна постапка, односно да се спроведе истражна постапка ако ја немало.

(4) Ако судот смета, со оглед на поднесените докази, дека осудениот во повторената постапка може да биде осуден на таква казна што со засметување на веќе издржаната казна би требало да се пушти на слобода, или дека може да биде ослободен од обвинението или дека обвинението може да биде одбиено, ќе определи извршувањето на пресудата да се одложи, односно прекине.

(5) Кога решението со кое се дозволува повторување на кривичната постапка ќе стане правосилно, ќе се запре извршувањето на казната, но судот по предлог од јавниот обвинител ќе определи притвор ако постојат условите од членот 165 на овој закон.

Член 455

Правила за новата постапка

(1) За новата постапка што се води врз основа на решението со кое е дозволено повторување на кривичната постапка важат истите одредби, како и за првата постапка. Во новата постапка судот не е врзан за решенијата донесени во поранешната постапка.

(2) Ако новата постапка се запре до почетокот на главната расправа, судот со решението за запирање на постапката ќе ја укине и поранешната пресуда.

(3) Кога судот во новата постапка ќе донесе пресуда, ќе изрече дека поранешната пресуда делумно или во целост се става надвор од сила или дека се остава во сила. Во казната што ќе ја определи со новата пресуда судот на обвинетиот ќе му ја засмета издржаната казна, а ако повторување е определено само за некое од делата за кои обвинетиот бил осуден, судот ќе изрече нова единствена казна според одредбите на Кривичниот законик.

(4) Судот во новата постапка е врзан за забраната пропишана во членот 428 од овој закон.

Член 456

Повторување на постапката на лице судено во отсуство

(1) Кривичната постапка во која некое лице е осудено во отсуство (член 365), а настапила можност повторно да му се суди во негово присуство, ќе се повтори и надвор од условите предвидени во членот 364 од овој закон, ако осудениот или неговиот бранител поднесе барање за повторување на постапката во рок од една година од денот кога осудениот дознал за пресудата со која е осуден во отсуство.

(2) Надвор од случаите предвидени во ставот (1) на овој член судот во секој случај ќе дозволи повторување на постапката, доколку против лицето осудено во отсуство во тек е постапка за екстрадиција и доколку државата во која се наоѓа лицето бара гаранции дека на лицето ќе му се дозволи право на повторно судење во негово присуство.

(3) Во решението со кое се дозволува повторување на кривичната постапка според одредбата од ставот (1) на овој член судот ќе определи на осудениот да му се достави обвинителниот акт, ако порано не му бил доставен, а може да определи предметот да се врати во состојба на истражна постапка, односно да се спроведе истражна постапка ако ја немало.

(4) Судот нема да дозволи повторно судење во отсуство на обвинет кому му било прифатено барањето за повторување на постапката поради судење во отсуство, доколку во текот на повторената постапка стане недостапен за органите на прогонот.

2. Барање за заштита на законитоста

Член 457

Основи за поднесување

Против правосилни судски одлуки јавниот обвинител на Република Македонија може да поднесе барање за заштита на законитоста ако е повреден Уставот на Република Македонија, законот или меѓународен договор, ратификуван согласно со Уставот на Република Македонија.

Член 458

Одлучување за барањето за заштита на законитоста против правосилни судски одлуки

(1) Барањето за заштита на законитоста поднесено од јавниот обвинител на Република Македонија во смисла на членот 457 од овој закон се поднесува до Врховниот суд на Република Македонија.

(2) Врховниот суд на Република Македонија за барањето одлучува на седница.

(3) Пред да биде предметот изнесен на решавање, судијата определен за известител може, по потреба, да прибави известување за истакнатите повреди на законот.

(4) За седницата секогаш ќе се известува јавниот обвинител.

Член 459

Привилегија на здружување (Beneficium cohaesionis) и забрана за менување на полошо

(1) При решавањето по барањето за заштита на законитоста судот ќе се ограничи само на испитување на повредите на законот на кои се повикува подносителот во своето барање.

(2) Ако судот најде дека причините поради кои ја донел одлуката во корист на осудениот постојат и за некој од соосудените во однос на кои не е подигнато барање за заштита на законитоста, ќе постапи по службена должност како да постои такво барање.

(3) Ако барањето за заштита на законитоста е подигнато во корист на осудениот, судот при донесувањето на одлуката е врзан со забраната пропишана во членот 428 од овој закон.

Член 460

Отфрлање, односно одбивање на барањето

(1) Ако јавниот обвинител го повлече барањето за заштита на законитоста, судот со решение ќе го отфрли барањето.

(2) Судот со пресуда ќе го одбие барањето за заштита на законитоста како неосновано ако утврди дека не постои повреда на законот на која се повикува јавниот обвинител во своето барање.

Член 461

Оцена на барањето за основано

(1) Кога судот ќе утврди дека барањето за заштита на законитоста е основано, ќе донесе пресуда со која според природата на повредата, или ќе ја преиначи правосилната одлука, или ќе ги укине во целост или делумно одлуките на првостепениот и на повисокиот суд или само одлуката на повисокиот суд и предметот ќе го врати на повторна одлука или судење до првостепениот или до повисокиот суд, или ќе се ограничи само на тоа да ја утврди повредата на законот.

(2) Ако барање за заштита на законитоста е поднесено на штета на осудениот, а судот ќе најде дека е основано, ќе утврди само дека постои повреда на законот, не засегајќи во правосилната одлука.

(3) Ако второстепениот суд според одредбите на овој закон не бил овластен да ја отстрани повредата на законот што е сторена во првостепената одлука или во судската постапка што и претходела, а судот што решава за барањето за заштита на законитоста подигнато во корист на осудениот ќе најде дека барањето е основано и дека заради отстранување на сторената повреда на законот треба да се укине или преиначи првостепената одлука, ќе ја укине или ќе ја преиначи и второстепената одлука иако со неа не е повреден законот.

Член 462

Правила на новата постапка

(1) Ако правосилната пресуда е укината и предметот е вратен на повторно судење, за основа ќе се земе поранешниот обвинителен акт или оној негов дел што се однесува на укинатиот дел од пресудата.

(2) Пред првостепениот, односно второстепениот суд странките може да истакнуваат нови факти и да поднесуваат нови докази и да предлагаат изведување на процесните дејствија заради разјаснување на прашањата на кои укажал Врховниот суд на Република Македонија во својата одлука.

(3) Судот при донесувањето на новата одлука е врзан со забраната пропишана во членот 428 од овој закон.

(4) Ако покрај одлуката на понискиот суд е укината и одлуката на повисокиот суд, предметот се доставува до понискиот суд преку повисокиот суд.

3. Барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда

Член 463

Услови за поднесување на барањето

(1) Лицето кое правосилно е осудено на безусловна казна затвор или малолетнички затвор од најмалку една година и неговиот бранител може да поднесе барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда поради повреда на законот во случаите предвидени со овој закон.

(2) Барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда се поднесува во рок од 30 дена од денот кога обвинетиот ја примил правосилната пресуда.

(3) Осудениот што не користел редовен правен лек против пресудата не може да поднесе барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, освен ако со пресудата на второстепениот суд наместо ослободување од казна, судска опомена, условна осуда или парична казна е изречена казна затвор, односно наместо воспитна мерка казна малолетнички затвор.

(4) Барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда не може да се поднесе против пресуда на Врховниот суд на Република Македонија.

Член 464

Надлежен суд

За барањето за вонредно преиспитување на правосилна пресуда одлучува Врховниот суд на Република Македонија.

Член 465
Основи за поднесување на барањето

Барањето за вонредно преиспитување на правосилна пресуда може да се поднесе:
1) поради повреда на Кривичниот законик на штета на осудениот од членот 416 точки 1, 2, 3 и 4 на овој закон или поради повреда од членот 416 точка 5 на овој закон, ако пречекорувањето на овластувањето се однесува на одлуката за казната, алтернативна мерка или конфискација на имот и имотна корист и одземање на предмети или одземање на имотна корист;
2) поради повреда на одредбите на кривичната постапка предвидени во членот 415 став (1) точки 1, 5, 8, 9 и 10 од овој закон и
3) поради повреда на правата на одбраната или поради повреда на одредбите на кривичната постапка во жалбената постапка, ако таа повреда влијаела или можела да влијае врз законитото и правилното донесување на пресудата или врз правото на обвинетиот на правично судење.

Член 466

Одлучување по барањето

(1) Барањето за вонредно преиспитување на правосилна пресуда му се предава на судот што ја донел пресудата во прв степен.

(2) Барањето што е поднесено ненавремено или го поднело неовластено лице или е поднесено во случај на осуда на кривична санкција поради која барање не може да се поднесе (член 463 став (1)) или според законот не е дозволена или кога подносителот се откаже од барањето, ќе го отфрли со решение претседателот на советот на првостепениот суд или судот надлежен за одлучување по барањето.

(3) Судот надлежен за одлучување по барањето му доставува примерок од барањето со списите на тужителот што постапува пред тој суд, кој може во рок од 15 дена од денот на прием на барањето да поднесе одговор.

(4) Првостепениот суд или судот надлежен за одлучување по барањето, со оглед на содржината на барањето може да определи да се одложи, односно да се прекине извршувањето на правосилната пресуда.

Член 467

Соодветна примена на други одредби од овој закон

Во поглед на барањето за вонредно преиспитување на правосилна пресуда соодветно ќе се применуваат одредбите на членовите 458 ставови (1), (2) и (3), 459, 460 и 461 ставови (1) и (2) од овој закон. При примената на членот 461 став (1) од овој закон, судот не може да се ограничи само на тоа да ја утврди повредата на законот, а одредбата од членот 461 став (2) на овој закон ќе се применува само во делот за изрекување на казната.

ОДДЕЛ Д. ЗАБРЗАНИ ПОСТАПКИ

Глава XXVIII

СКРАТЕНА ПОСТАПКА

Член 468

Дела за кои се води скратена постапка

Во постапката пред судот што суди во прв степен за кривични дела за кои како главна казна е пропишана парична казна или затвор до пет години, ќе се применуваат одредбите на членовите 469, 470, 471, 472, 473, 474, 475, 476, 477, 478, 479, 489 и 481 од овој закон, а доколку во овие одредби не е предвидено нешто посебно, согласно ќе се применуваат другите одредби на овој закон.

Член 469

Поведување на скратената постапка

(1) Кривичната постапка се поведува врз основа на обвинителниот предлог на јавниот обвинител или врз основа на приватна тужба.

(2) Обвинителниот предлог и приватната тужба се поднесуваат во потребен број примероци за судот и на осомничениот.

Член 470

Определување притвор

(1) Притвор може да се определи против лице за кое постои основано сомневање дека сторило кривично дело, ако:
1) се крие или ако не може да се утврди неговиот идентитет или ако постојат други околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство и
2) е во прашање кривично дело против јавниот ред или моралот, а особени околности го оправдуваат стравувањето дека осомничениот ќе го повтори тоа кривично дело или дека ќе го изврши кривичното дело со кое се заканува.

(2) Пред поднесување на обвинителен предлог притворот го определува судијата на претходната постапка, а по поднесување на обвинителниот предлог, надлежниот судија – поединец.

(3) Пред поднесувањето на обвинителниот предлог притворот не може да трае подолго од осум дена. За жалбата против решението за притвор решава советот од членот 25 став (5) на овој закон

(4) Притворот од поднесувањето на обвинителниот предлог до завршувањето на главната расправа може да трае најдолго 60 дена.

(5) Кога обвинетиот се наоѓа во притвор, судот е должен да постапува со особена итност.

Член 471

Елементи на обвинителниот предлог

(1) Обвинителниот предлог, односно приватната тужба треба да содржи: име и презиме на осомничениот со лични податоци, доколку се познати, краток опис на кривичното дело, означување на судот пред кој ќе се одржи главната расправа, предлог кои докази треба да се изведат на главната расправа и предлог осомничениот да се огласи за виновен и да се осуди според законот.

(2) Во обвинителниот предлог може да се предложи против осомничениот да се определи мерка за обезбедување присуство. Ако осомничениот се наоѓа во притвор или во куќен притвор ќе се назначи во обвинителниот предлог денот и часот од кога осомничениот е во притвор, односно во куќен притвор.

Член 472

Прием на обвинение во судот

(1) Кога судот ќе го прими обвинителниот предлог или приватната тужба, судијата претходно ќе испита дали судот е надлежен и дали постојат услови за отфрлање на обвинителниот предлог, односно на приватната тужба.

(2) Ако судијата не донесе решение од ставот (1) на овој член закажува главна расправа.

Член 473

Ненадлежност

(1) Ако судијата најде дека за судење е надлежен друг суд, ќе му го отстапи предметот по правосилноста на решението, на тој суд.

(2) По закажувањето на главната расправа, судот не може по службена должност да се огласи за месно ненадлежен.

Член 474

Отфрлање на обвинение

(1) Судијата ќе го отфрли обвинителниот предлог или приватната тужба ако најде дека постои некоја од основите предвидени во членот 337 од овој закон.

(2) Решението се доставува до јавниот обвинител или до приватниот тужител.

Член 475

Рочиште за помирување

(1) Пред закажувањето на главната расправа за кривични дела од надлежност на судијата поединец за кои се гони по приватна тужба, судијата поединец може да го повика само приватниот тужител и обвинетиот во определен ден да дојдат во судот заради претходно разјаснување на работите, ако смета дека тоа би било целесообразно за побрзо завршување на постапката. До обвинетиот кон поканата се доставува и препис од приватната тужба.

(2) На ова рочиште, судијата поединец може да даде предлог приватниот тужител и обвинетиот да се упатат на постапка за медијација доколку постои согласност кај обете страни.

(3) Ако страните се согласат да бидат упатени на постапка за медијација, судијата поединец носи решение за упатување на медијација и постапувањето продолжува според одредбите од членовите 491, 492, 493, 494, 495 и 496 на овој закон.

(4) Ако страните не се согласни да бидат упатени на медијација ниту дојде до нивно помирување и до повлекување на приватната тужба во текот на рочиштето за помирување, судијата ќе земе изјави од странките и ќе ги повика да поднесат свои предлози во поглед на прибавувањето на доказите.

(5) Ако судија поединец не најде дека постојат услови за отфрлање на тужбата, по правило, ќе закаже веднаш главна расправа и тоа ќе им го соопшти на странките.

(6) судијата поединец може веднаш да ја отвори главната расправа и по изведувањето на доказите да донесе одлука по повод приватната тужба. На ова посебно ќе се предупредат приватниот тужител и обвинетиот при доставувањето на поканата. 

(7) За нејавување на приватниот тужител на поканата од ставот (1) на овој член важи одредбата на членот 63 од овој закон.

(8) Во случај на недоаѓање на обвинетиот ако судијата одлучил да отвори главна расправа ќе се примени одредбата на членот 366 став (4) од овој закон.

Член 476

Лица кои се повикуваат на главна расправа

(1) Судијата ги повикува на главната расправа обвинетиот и неговиот бранител, тужителот, оштетениот и нивните законски застапници и полномошници, сведоците, вештаците и толкувачот.

(2) На обвинетиот во поканата ќе му се назначи дека на главната расправа може да дојде со докази за својата одбрана..  Во поканата обвинетиот ќе се предупреди дека главната расправа ќе се одржи и во негово отсуство ако за тоа постојат законски услови (член 365). До обвинетиот кон поканата ќе се достави и препис од обвинителниот предлог, односно од приватната тужба и ќе се поучи дека има право да земе бранител, но дека во случај кога одбраната не е задолжителна, поради недоаѓање на бранителот на главната расправа или земање бранител дури на главната расправа, не мора да се одложи главната расправа.

(3) Поканата до обвинетиот мора да се достави така што меѓу доставувањето на поканата и денот на главната расправа да остане доволно време за подготвување на одбраната, а најмалку осум дена. По согласност на обвинетиот овој рок може да се скрати.

Член 477

Место каде што се одржува главната расправа

Главната расправа се одржува во местото на судот. Во итни случаи, особено кога треба да се изврши увид или кога тоа е во интерес за полесно спроведување на доказната постапка, може по одобрение на претседателот на судот главната расправа да се определи и во местото каде што е сторено кривичното дело или каде што ќе се преземе увид, ако тие места се на подрачјето на тој суд.

Член 478

Приговор за месна ненадлежност

Приговор за месната надлежност може да се стави најдоцна до почетокот на главната расправа.

Член 479

Услови за одржување на главна расправа

(1) Главната расправа се одржува во присуство на јавниот обвинител, односно на приватниот тужител и на обвинетиот.

(2) За кривични дела за кои е пропишана парична казна или казна затвор до три години, ако обвинетиот не дојде на главната расправа, иако уредно е повикан или поканата не можела да се врачи поради очигледно одбегнување на обвинетиот да ја прими поканата, судот може да одлучи главната расправа да се одржи без негово присуство. За останатите кривични дела за кои се води скратена постапка, присуството на обвинетиот на главната расправа е задолжително.

Член 480

Тек на главната расправа

(1) Главната расправа започнува со изнесување на содржината на обвинението. Започнатата главна расправа ќе се доврши, по можност без прекинување.

(2) Ако на главната расправа обвинетиот даде изјава со која ја признава вината се постапува согласно со членот 381 од овој закон.

Член 481

Изрекување пресуда

(1) По заклучувањето на главната расправа судот веднаш ќе ја изрече пресудата и ќе ја објави со суштествените причини. Пресудата мора да се изработи писмено во рок од осум дена од денот на објавувањето.

(2) Против пресудата жалба може да се изјави во рок од осум дена од денот на доставувањето на преписот од пресудата.

(3) Одредбите на членот 174 од овој закон согласно ќе се применуваат и во поглед на укинувањето на притворот по изрекувањето на пресудата.

(4) Кога судот ќе изрече во пресудата казна затвор, може да определи обвинетиот да се стави во притвор, односно да остане во притвор, ако постојат причините од членот 165 став (1) точки 1, 2 и 3 на овој закон. Притворот во таков случај може да трае до правосилноста на пресудата, но најдолго 60 дена.

Член 482

Известување за седница на советот на второстепениот суд

(1) Кога второстепениот суд решава по жалба против пресудата на првостепениот суд донесена во скратена постапка, двете странки ќе се известат за седницата на советот на второстепениот суд само ако претседателот на советот или советот најде дека присуството на странките би било корисно за разјаснување на работите.

(2) Ако се работи за кривично дело за кое постапката се води по барање на јавниот обвинител, претседателот на советот пред седницата на советот ќе ги достави списите до јавниот обвинител, кој може да стави свој писмен предлог во рок од осум дена.

Глава XXIX

ДОНЕСУВАЊЕ НА ПРЕСУДА ВРЗ ОСНОВА НА СПОГОДБА НА ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ И ОСОМНИЧЕНИОТ

Член 483

Поднесување на предлог-спогодбата

(1) До поднесување на обвинение јавниот обвинител и осомничениот можат да поднесат предлог-спогодба со која бараат од судијата на претходната постапка да примени кривична санкција определена според видот и висината, во законски определените рамки за конкретното кривично дело, но не под границите за ублажување на казната определени со Кривичниот законик.

(2) Јавниот обвинител е должен кон предлог-спогодбата, заедно со сите докази да приложи и писмена изјава потпишана од оштетениот во однос на видот и висината на имотноправното побарување.

(3) Спогодувањето се врши меѓу надлежниот јавен обвинител и осомничениот во присуство на неговиот бранител.

Член 484

Предмет на спогодувањето

Предмет на спогодувањето е видот и висината на кривичната санкција што ќе се предложи во предлог-спогодбата, а ако постои согласност од осомничениот предмет на спогодување може да биде и имотноправното побарување од оштетениот.

Член 485

Елементи на предлог-спогодбата

(1) Предлог-спогодбата поднесена во смисла на членот 483 од овој закон мора да содржи:
1) податоци за јавниот обвинител, осомничениот и неговиот бранител;
2) опис и правна квалификација на кривичните дела опфатени со предлог-спогодбата;
3) предложената кривична санкција според видот и висината;
4) видот и висината на имотноправното побарување и начинот на негово остварување, ако осомничениот дал согласност во смисла на членот 484 од овој закон;
5) изјава на осомничениот дека свесно и доброволно ја прифаќа предлог-спогодбата и последиците што произлегуваат од неа;
6) изјава од јавниот обвинител и осомничениот дека се откажуваат од правото на жалба доколку се донесе пресуда со која се прифаќа предлог-спогодбата;
7) трошоците на постапката;
8) потпис на јавниот обвинител, осомничениот и неговиот бранител и
9) датум и место на склучувањето на предлог-спогодбата.

Член 486

Учество на бранителот на осомничениот во спогодувањето

(1) Осомничениот мора да има бранител од моментот на започнувањето на постапката за спогодување.

(2) Осомничениот избира бранител по сопствен избор. Ако самиот не избере бранител, претседателот на надлежниот суд му поставува бранител по службена должност.

Член 487

Неучество на судот во спогодувањето за вината

Судијата на претходната постапка не смее да учествува во постапката за спогодување меѓу јавниот обвинител и осомничениот и неговиот бранител.

Член 488

Постапување по предлог-спогодбата

(1) Во рок од три дена по приемот на предлог-спогодбата, судијата на претходната постапка закажува рочиште за оцена на предлог-спогодбата.

(2) На рочиштето ги повикува подносителите на предлог-спогодбата и должен е да испита дали таа доброволно е поднесена, дали осомничениот е свесен за правните последици од нејзиното прифаќање, за последиците сврзани за имотно-правното побарување и трошоците на кривичната постапка.

(3) Јавниот обвинител, осомничениот и неговиот бранител во текот на рочиштето не смеат да поднесат барање за утврдување кривична санкција различна од кривичната санкција содржана во предлог-спогодбата. Доколку јавниот обвинител или осомничениот и неговиот бранител поднесат вакво барање, се смета дека се откажале од предлог-спогодбата и судијата на претходната постапка донесува решение во смисла на членот 489 став (1) од овој закон.

(4) Судијата на претходната постапка ги поучува јавниот обвинител и осомничениот и неговиот бранител дека имаат право до донесување на одлуката да се откажат од предлог-спогодбата.

(5) Судијата на претходната постапка ги поучува јавниот обвинител и осомничениот и неговиот бранител дека прифаќањето на предлог-спогодбата се смета за откажување од правото на жалба на донесената пресуда врз основа на предлог-спогодбата.

Член 489

Одбивање на предлог-спогодбата

(1) Ако судијата на претходната постапка утврди дека прибавените докази за фактите важни за избор и одмерување на кривичната санкција не го оправдуваат изрекувањето на предложената кривична санкција, односно дека јавниот обвинител, осомничениот и неговиот бранител во текот на рочиштето поднеле барање за утврдување кривична санкција различна од кривичната санкција содржана во предлог-спогодбата, донесува решение со кое ја одбива предлог-спогодбата и списите ги доставува до јавниот обвинител.

(2) Во случај на донесување на решението од ставот (1) на овој член, записникот од одржаното рочиште и предлог-спогодбата не може да се користат во натамошниот тек на постапката и со нив ќе се постапи на начин уреден во членот 336 став (4) од овој закон.

(3) Против решението донесено во смисла на ставот (1) на овој член не е дозволена жалба.

Член 490

Пресуда врз основа на предлог-спогодба

(1) Ако судијата на претходната постапка ја прифати предлог-спогодбата изрекува пресуда со која не смее да изрече кривична санкција различна од кривичната санкција содржана во предлог спогодбата.

(2) Пресудата ги содржи елементите на осудителна пресуда согласно со членот 404 од овој закон.

(3) Пресудата се објавува веднаш, а се изготвува во писмена форма во рок од три дена од објавувањето. Пресудата без одлагање им се доставува на јавниот обвинител, осомничениот и неговиот бранител.

(4) Примерок од пресудата без одлагање му се доставува и на оштетениот. Ако оштетениот не е задоволен од одлуката за видот и висината на досуденото имотноправно побарување, своето право оштетениот може да го остварува во парнична постапка.

Глава XXX

ПОСТАПКА ЗА МЕДИЈАЦИЈА

Член 491

Услови за медијација

(1) Во случај кога делото се гони по приватна тужба надлежниот судија поединец на рочиштето за мирење од причини на целесообразност може да даде предлог до страните за давање согласност за упатување на медијација.

(2) Страни во постапката за медијација се осомничениот, неговиот бранител и оштетениот и неговиот полномошник.

(3) Согласноста може да се даде на записник пред судијата поединец или во писмена форма, заеднички или секоја страна посебно. Согласноста се дава најдоцна во рок од три дена од денот кога е предложено упатување на медијација.

(4) По дадената согласност од страните судијата – поединец донесува решение за упатување на страните на медијација.

(5) Доколку во определениот рок страните не дадат согласност, судијата – поединец носи решение дека предлогот за упатување на медијација не е прифатен и закажува главна расправа според одредбите за скратената постапка.

Член 492

Определување на медијатор

Во рок од три дена од дадената согласност, страните спогодбено определуваат еден или повеќе медијатори од Именикот на медијатори и за тоа го известуваат судијата поединец.

Член 493

Траење на постапката за медијација

Постапката за медијација може да трае најдолго до 45 дена од денот на дадената согласност од страните до надлежниот судија – поединец.

Член 494

Спроведување на постапка за медијација до постигнување спогодба

(1) Постапката за медијација до потпишување писмена спогодба, медијаторот ја спроведува согласно со одредбите на Законот за медијација.

(2) Медијаторот во договор со страните ќе ги определи термините за водење на медијацијата. Медијаторот комуницира со страните заедно или одвоено. Присуството на страните во текот на постапката за медијација е задолжително.

(3) Пред почетокот на постапката за медијација, медијаторот е должен да ги запознае страните со принципите, правилата и трошоците на постапката.

Член 495

Завршување на постапката за медијација

(1) Постапката за медијација може да заврши со потпишување писмена спогодба и се применуваат одредбите од членовите 495 и 496 на овој закон.

(2) Постапката за медијација, освен со потпишување писмена спогодба, може да заврши:
1) со писмена изјава на медијаторот, по извршените консултации со странките дека не се оправдани натамошни обиди за медијација, на денот на поднесувањето на изјавата;
2) со истекот на рокот од 45 дена констатиран со известување од страна на медијаторот;
3) со повлекување на страните во кое било време од постапката за медијација без притоа да ги наведат причините за тоа. Повлекувањето ќе се смета од денот на поднесување на изјавата за повлекување и
4) кога медијаторот со решение ќе ја запре постапката за медијација доколку смета дека е постигната спогодба што е незаконска или неподобна за извршување.

(3) Писмената изјава, известувањето или решението донесени од страна на медијаторот, односно изјавата за повлекување на странките во смисла на ставот (2) од овој член, без одлагање се доставуваат до судијата поединец кој закажува главна расправа според одредбите за скратената постапка.

Член 496

Потпишување писмена спогодба

(1) Ако постапката за медијација заврши со потпишување писмена спогодба на медијаторот и страните, спогодбата мора да ги содржи најмалку следниве елементи:
1) податоци за осомничениот, односно обвинетиот и неговиот бранител;
2) податоци за оштетениот, односно за приватниот тужител;
3) опис на настанот и правната квалификација на делото;
4) денот кога започнала постапката за медијација;
5) податоци за вкупниот број средби одржани со странките, заедно или одвоено;
6) предмет на спогодбата – надоместок на штета, извршување определени обврски од страна на сторителот, односно обвинетиот во полза на оштетениот, извинување од сторителот, односно обвинетиот до оштетениот, враќање на предмети или друг основ за кој страните постигнале спогодба;
7) рок за исполнување на обврските кој не може да биде подолг од три месеци;
8) одлука за надоместок на трошоците од постапката;
9) датум на составување на писмената спогодба;
10) потпис од страните во медијацијата и
11) заверка на спогодбата од страна на медијаторот со потпис и штембил издаден од Комората на медијаторите.

(2) Потпишаната писмена спогодба без одлагање се доставува до надлежниот суд.

(3) До истек на рокот за исполнување на обврските, осомничениот е должен да приложи доказ за исполнетост на обврските и за надоместок на трошоците на постапката кај надлежниот судија поединец.

(4) По прием на доказите и потврда за надоместок на трошоците на постапката во смисла на ставот (3) од овој член, судијата поединец носи решение за запирање на постапката.

(5) Решението донесено во смисла на ставот (4) од овој член се доставува до осомничениот и до оштетениот.

(6) Ако по истек на рокот за исполнување на обврските осомничениот не приложи докази дека ги исполнил обврските определени со писмената спогодба, судијата поединец закажува главна расправа според одредбите за скратената постапка.

Глава XXXI

ПОСТАПКА ЗА ИЗДАВАЊЕ КАЗНЕН НАЛОГ

Член 497

Услови за издавање казнен налог

(1) За кривични дела од надлежност на судија поединец кога за тоа се располага со доволно докази, јавниот обвинител може да поднесе предлог за издавање казнен налог.

(2) Предлогот за издавање казнен налог содржи:
1) лични податоци за обвинетиот;
2) опис на кривичното дело што се става на товар;
3) правна квалификација на делото;
4) доказите со кои располага обвинителството и
5) видот и висината на кривичната санкција или друга мерка која му се предлага на судот.

(3) Со предлогот за издавање казнен налог јавниот обвинител му предлага на судот изрекување на една или повеќе од следниве кривични санкции или мерки:
1) парична казна во висина од 10 до 100 дневни глоби;
2) условна осуда со утврдена казна затвор до три месеца или парична казна;
3) забрана за управување на моторно возило до две години и
4) конфискација на имот и имотна корист прибавена со кривично дело и одземање на предмети.

(4) Предлог за изрекување казнен налог може да поднесе и приватниот тужител со приватна тужба.

Член 498

Отфрлање на предлогот за издавање казнен налог

(1) Судија поединец ќе го отфрли предлогот за издавање казнен налог ако се работи за кривично дело за кое не може да се поднесе таков предлог. По жалбата на јавниот обвинител против решението за отфрлање одлучува советот (член 25 став (5)) во рок од 48 часа.

(2) Ако судијата поединец смета дека податоците во предлогот за издавање казнен налог не даваат доволно основа за издавање казнен налог или според тие податоци може да се очекува изрекување на некоја друга кривична санкција или мерка, а не онаа што ја предложил јавниот обвинител, по приемот на обвинителниот предлог ќе закаже главна расправа според одредбите за скратената постапка.

Член 499

Издавање казнен налог со пресуда

(1) Ако се согласи со предлогот од членот 497 на овој закон, судијата поединец ќе издаде казнен налог со пресуда со која ќе ги изрече кривичните санкции или другите мерки предложени од јавниот обвинител.

(2) Изреката на пресудата од ставот (1) на овој член ја содржи и одлуката за имотноправното барање, ако постои таков предлог. Во образложението ќе се наведат само доказите кои го оправдуваат издавањето на казнениот налог.

(3) Пресудата содржи поука за обвинетиот, во смисла на членот 501 став (2) од овој закон дека по истекот на рокот за приговор, ако приговор не е поднесен, пресудата ќе стане правосилна.

Член 500

Доставување на казнениот налог и право на жалба

(1) Пресудата со која е издаден казнениот налог му се доставува на обвинетиот и неговиот бранител ако го има.

(2) Обвинетиот и неговиот бранител можат во рок од осум дена од денот на приемот на пресудата да поднесат приговор против пресудата во писмена форма или усно или со записник во судот. Приговорот не мора да биде образложен, но може да содржи докази во корист на одбраната. Обвинетиот може да се откаже од правото на приговор до закажувањето на главната расправа. Плаќањето на паричната казна пред истекот на рокот за приговор не се смета за откажување од правото на приговор.

(3) На обвинетиот, кога од оправдани прични ќе го пропушти рокот за поднесување приговор, судијата поединец ќе му дозволи враќање во поранешна состојба со примена на одредбите од членовите 99, 100 и 101 на овој закон.

(4) Ако судијата поединец го отфрли приговорот како ненавремен или поднесен од неовластено лице, обвинетиот или лицето кое го поднело приговорот има право на жалба во рок од три дена до советот од членот 25 став (5) на овој закон.

(5) Ако судијата не го отфрли приговорот ќе закаже главна расправа по одредбите за скратена постапка (членови 468, 469, 470, 471, 472, 473, 474, 475, 476, 477, 478, 479, 480, 481 и 482). Притоа, судијата поединец не е врзан за предложените кривични санкции или други мерки содржани во предлогот на јавниот обвинител за издавање казнен налог.

(6) Со закажување на главната расправа се смета дека пресудата за издавање казнен налог воопшто не е донесена.

ТРЕТ ДЕЛ

ПОСЕБНИ ПОСТАПКИ

Глава XXXII

ПОСТАПКА ЗА ИЗРЕКУВАЊЕ АЛТЕРНАТИВНИ МЕРКИ

Член 501

Изрекување судска опомена

(1) Судска опомена се изрекува со решение.

(2) Доколку во оваа глава не е предвидено нешто друго, одредбите од овој закон што се однесуваат на пресудата со која обвинетиот се огласува за виновен согласно се применуваат и врз решението за судска опомена.

Член 502

Решение за судска опомена

(1) Решението за судска опомена се објавува веднаш по завршувањето на главната расправа со суштествените причини. Во тој случај претседателот на советот ќе го предупреди обвинетиот дека за кривичното дело што го сторил не му се изрекува казна, зашто се очекува дека и судската опомена врз него доволно ќе влијае повеќе да не врши кривични дела. Ако решението за судска опомена се објавува во отсуство на обвинетиот, судот ваквото предупредување ќе го внесе во образложението на решението. За одрекување од правото на жалба или за писмената изработка на решението согласно се применува одредбата на членот 486 став (2) од овој закон.

(2) Во изреката на решението за судска опомена, покрај личните податоци за обвинетиот, ќе се наведе само дека на обвинетиот му се изрекува судска опомена за делото што е предмет на обвинението и законскиот назив на кривичното дело. Изреката на решението за судска опомена ги опфаќа и потребните податоци од членот 404 став (1) точки 5 и 7 на овој закон.

(3) Во образложението на решението судот ќе изнесе од кои причини се раководел при изрекувањето на судска опомена.

Член 503

Побивање на решението за судска опомена

(1) Решението за судска опомена може да се побива поради основите наведени во членот 414 точки 1, 2 и 3 од овој закон, како и поради тоа што не постоеле околности што го оправдуваат изрекувањето на судската опомена.

(2) Ако решението за судска опомена содржи одлука за мерки на безбедност, конфискација на имот и имотна корист и одземање на предмети, за трошоци на кривичната постапка или за имотно-правното барање, оваа одлука може да се побива од причина што судот правилно не ја применил мерката на безбедност или за одземање на имотната корист, односно што одлуката за трошоците на кривичната постапка или на имотноправното барање ја донел спротивно на законските одредби.

Член 504

Повреда на Кривичниот законик при изрекување судска опомена

Повреда на Кривичниот законик во случај на изрекувње судска опомена постои, освен по прашањата наведени во членот 416 точки 1, 2, 3, 4, 5 и 6 од овој закон и кога со одлуката за судска опомена, за мерка на безбедност или за конфискација на имот и имотна корист и одземање на предмети е пречекорено овластувањето што судот го има според законот. 

Член 505

Жалба против решението за судска опомена

(1) Ако жалбата против решението за судска опомена ја изјавил тужителот на штета на обвинетиот, второстепениот суд може да донесе пресуда со која обвинетиот се огласува за виновен и се осудува на казна или со која се изрекува условна осуда, ако најде дека првостепениот суд правилно ги утврдил решавачките факти, но дека по правилната примена на законот даоѓа предвид изрекување на казна.

(2) По повод чија и да било жалба против решението за судска опомена второстепениот суд може да донесе пресуда со која обвинението се одбива или обвинетиот се ослободува од обвинението, ако најде дека првостепениот суд правилно ги утврдил решавачките факти и дека по правилната примена на законот доаѓа предвид изрекување на една од овие пресуди.

(3) Кога постојат условите од членот 434 на овој закон, второстепениот суд ќе донесе решение со кое се одбива жалбата како неоснована и се потврдува решението на првостепениот суд за судска опомена.

Член 506

Изрекување алтернативни мерки

(1) За кривични дела за кои може да се изречат алтернативни мерки: општокорисна работа, условно прекинување на водење на кривичната постапка и куќен затвор, по предлог на јавниот обвинител ако се исполнети условите во Кривичниот законик за примената на овие кривични санкции, судот може да ги изрече без одржување на главна расправа.

(2) Предлог за изрекување на алтернативни мерки може да поднесе и приватниот тужител.

(3) Пред изрекување на пресудата, судијата поединец ги повикува странките. Ако обвинетиот пред судот се противи на донесување на пресудата за изрекување алтернативни мерки, судот ќе отвори главна расправа и постапката ќе продолжи според одредбите за главната расправа во согласност со овој закон.

(4) Кога обвинетиот е согласен со предлогот, судот ќе донесе пресуда со која ќе ја изрече предложената алтернативна мерка.

(5) Во пресудата со која се изрекува општокорисна работа како примарна кривична санкција, судот ќе определи:
а) за кое дело се огласува за виновен, со назначување на фактите и околностите што претставуваат обележје на кривично дело, како и на оние од кои зависи примената на определена одредба од Кривичниот законик;
б) законски назив на кривичното дело и кои одредби од Кривичниот законик се применети;
в) вкупен број часови општокорисна работа;
г) вкупен број часови што мора да се извршат во текот на една недела;
д) место на извршување на општокорисната работа и
ѓ) последиците во случај на непридржување кон мерката и начинот на замена на општокорисната работа со казна затвор.

(6) Ако со пресудата судот изрекол парична казна до 90 дневни глоби или казна затвор во траење до три месеци а обвинетиот упатил барање за замена со алтернативната мерка општокорисна работа од членот 58-а став (3) на Кривичниот законик, судот донесува решение за начинот на замена на паричната казна, односно казната затвор со општокорисна работа.

(7) Покрај алтернативните мерки во пресудата во смисла на ставот (4) на овој член, судот може да одреди мерка на конфискација на имотот и имотната корист и одземање на предмети кога се исполнети законските услови за изрекување на тие мерки и да одлучи по имотно-правните побарувања на оштетениот.

(8) Ако е донесена пресудата од ставот (4) на овој член се смета дека странките се откажале од право на жалба.

Член 507

Решение за прекинување на постапката

(1) Кога се исполнети законските услови за условно прекинување на водење на кривичната постапка (член 58-а од Кривичниот законик), судот по предлог на овластениот тужител ќе донесе решение за прекинување на постапката во која ќе го определи рокот на прекинувањето на постапката и обврската на сторителот во тој рок да не стори ново кривично дело и да ги исполни другите предвидени обврски.

(2) По истек на рокот за прекинување, судот донесува решение за запирање на постапката доколку сторителот се придржувал кон условите и обврските определени со решението за прекинување на постапката.

(3) Против решението од ставот (1) на овој член странките имаат право на жалба во рок од осум дена.

Глава XXXIII

ПОСТАПКА СПРЕМА ПРАВНИ ЛИЦА

1. Општи одредби

Член 508

Примена на постапката

(1) Одредбите на оваа глава се применуваат во постапката за утврдување на кривичната одговорност и изрекување казни и други мерки на правни лица како сторители на кривични дела.

(2) Доколку со одредбите од оваа глава поинаку не е определено, во постапката спрема правни лица соодветно се применуваат одредбите од овој закон: за основните начела; за месната надлежност, за последиците од ненадлежност и судир на надлежноста; за изземање; за обвинет; за бранител; за поднесоци; за записници; за рокови; за враќање во поранешна состојба; за трошоци; за имотноправно барање; за донесување и соопштување на одлуките; за доставување на писмена; за повикување; за задржување на лица, за гаранција и одземање на патна исправа; за притвор; за докажување; за скратена постапка; за изрекување на мерката конфискација на имот и имотна корист и за одземање предмети; за редовни и вонредни правни лекови и за постапка за надоместокот на штета на неоправдано осудени лица.

Член 509

Целисходност на поведување на кривичната постапка

(1) Кога е поднесена кривична пријава против одговорно лице или претставник на правно лице, ако постојат основи на сомневање дека се исполнети условите за кривична одговорност на правните лица определени со Кривичниот законик, јавниот обвинител може по службена должност да бара покренување кривична постапка за истото кривично дело и против правното лице.

(2) Јавниот обвинител може да одлучи да не презема гонење или да се откаже од кривичното гонење врз основа на членот 45 од овој закон, ако правното лице нема никаков имот или имотот е толку мал, што не може да ги покрие ниту трошоците на кривичната постапка, или ако против правното лице се води постапка за стечај.

(3) За кривично дело на правното лице и на одговорното лице во правното лице се спроведува единствена постапка, а ако за тоа постојат оправдани причини постапката може да се раздвои.

Член 510

Надлежност на судот

(1) За водење на кривичната постапка против правно лице надлежен е судот каде што се наоѓа седиштето на правното лице, односно претставништвото на странското правно лице.

(2) Ако странско правно лице нема претставништво на територијата на Република Македонија, или ако се води единствена постапка против правното лице и одговорното лице во правното лице, надлежноста на судот се определува според општите одредби за месната надлежност на овој закон.

Член 511

Претставник на правното лице во кривичната постапка

(1) Во постапката против правното лице учествува овластениот претставник на правното лице кој ги има сите права и може да ги преземе сите дејствија што е овластен да ги презема обвинетиот во кривичната постапка.

(2) Овластен претставник на правното лице е одговорното лице во правното лице определено со закон, одлука заснована врз закон, статут или друг општ акт на органите на управување на правното лице. Ако овластениот претставник е и самиот обвинет за кривичното дело, за кое се води постапка и против правното лице, или е повикан како сведок во постапката, или постојат фактички или правни пречки тој да го претставува правното лице, правното лице е должно да определи со писмено полномошно друг претставник од редот на одговорните лица или вработените во правните лица. Писменото полномошно може да се даде и на записник пред судот пред кој се води постапката.

(3) Правното лице е должно на судот да му достави поднесок за овластувањето на неговиот претставник, како и докази за неговото овластување. Судот пред почетокот на главната расправа ќе го утврди идентитетот на претставникот на правното лице и неговото овластување за учествување во постапката.

(4) Правното лице е должно да определи претставник во рок од осум дена од денот на приемот на поканата за главна расправа. Ако правното лице во овој рок не определи претставник и за тоа не го извести судот, претставник на правното лице ќе определи судот пред кој се води постапката по службена должност и за тоа ќе го извести правното лице.

(5) Претставник по службена должност судот определува од одговорните лица или вработените во правното лице, а ако тоа не е можно од редот на адвокатите.

(6) Претставник по службена должност судот ќе определи и кога правното лице престанало да постои пред правосилното довршување на кривичната постапка, ако во рок од осум дена од престанокот на правното лице претставникот не го определил неговиот правен следбеник.

(7) Ако правното лице определи за претставник лице кое не може да има такво својство според одредбата од ставот (2) на овој член, судот ќе го задолжи во рок од осум дена да определи друг претставник. Ако во рок од осум дена правното лице не определи нов претставник, или ако го повлече полномошното на веќе определениот претставник, судот ќе определи претставник по службена должност.

(8) Претставникот по службена должност судот го определува со решение, против кое правното лице и од него определениот претставник имаат право на жалба, која не го задржува неговото извршување.

(9) Нужните издатоци за претставникот на правното лице, како и наградата за претставникот определен по службена должност влегуваат во трошоците на кривичната постапка.

Член 512

Бранител на правното лице во кривичната постапка

(1) Обвинетото правно лице може да има бранител што го определува овластениот претставник на правното лице. Кога како претставник на правното лице по службена должност од страна на судот е определен адвокат, тој ја врши и функцијата на одбрана на обвинетото правно лице.

(2) Правното и одговорното лице против кои се води единствена постапка за исто кривично дело, можат да имаат заеднички бранител, ако тоа не е во спротивност со интересите на нивната одбрана.

Член 513

Доставување на писмена

(1) Поканите и другите писмена, како и одлуките се доставуваат на адресата на која е регистрирано седиштето на правното лице, односно на адресата на претставникот на правното лице. Ако во текот на кривичната постапка правното лице го променило седиштето, е должно најдоцна во рок од три дена да го извести судот за новото седиште и адреса, во спротивно ќе се смета за уредна секоја достава извршена на претходната адреса.

(2) Пресудата со која на правното лице му се изрекува казна се доставува до претставникот на правното лице лично. Ако личната достава остане без успех, за уредна се смета доставата извршена со препорачана пошта на адресата на правното лице на која е регистрирано седиштето на правното лице или на адресата на неговиот претставник.

Член 514

Приведување

Ако уредно поканетиот претставник на правното лице не се јави на поканата и не го оправда својот изостанок, судот може да нареди негово приведување.

2. Обвинување и главна расправа

Член 515

Содржина на обвинението

Обвинението против правното лице мора да го содржи и името на обвинетото правно лице, неговото седиште според податоците во Централниот регистар на Република Македонија, матичниот број, името и презимето на неговиот претставник и неговата адреса, како и државјанството и бројот на пасошот на странецот определен како претставник на правното лице.

Член 516

Испитување и завршни зборови

(1) На главната расправа во единствената постапка против правното и одговорното лице прво се врши распит на одговорното лице за секоја точка од обвинението, а потоа и на претставникот на правното лице.

(2) Редоследот на изведување на докази го определува судот тргнувајќи прво од доказите што се однесуваат на одговорното лице.

(3) По завршниот збор на бранителот и претставникот на обвинетото правно лице, завршен збор има бранителот на одговорното лице и одговорното лице.

(4) Одредбите за донесување на пресуда без главна расправа (член 497) се применуваат и во кривичната постапка против правното лице.

(5) Судот може да одлучи ако е обезбеден бранител главната расправа да се одржи и без присуство на претставникот на правното лице, доколку уредно е повикан а не го оправдал своето недоаѓање, ако оцени дека неговото присуство не е неопходно.

Член 517

Мерки на обезбедување

(1) Во текот на постапката судот може по предлог на јавниот обвинител да определи една или повеќе привремени мерки согласно со одредбите за привремено обезбедување и одземање на предмети или имот од членовите 194, 195, 196, 197, 198, 199, 200, 201, 202, 203 и 204 на овој закон, како и забрана за вршење на определена дејност или на сите дејности на правното лице до завршување на постапката и забрана за статусни промени во правното лице. За изречените забрани се врши упис во судскиот или во друг регистар.

(2) Забраните од ставот (1) на овој член се изрекуваат со решение против кое претставникот на правното лице има право на жалба во рок од три дена до советот од членот 25 став (5) на овој закон. Жалбата не го задржува извршувањето на решението.

3. Пресуда и правни лекови

Член 518

Содржина на пресудата изречена на правното лице

Пресудата изречена на правното лице мора да содржи име на правното лице и негово седиште, матичен број, име и презиме на неговиот претставник и адреса на живеење, како и државјанство и број на патната исправа на странецот определен како претставник на правното лице.

Член 519

Запирање на постапката

Судот со решение ќе ја запре постапката ако во текот на постапката правното лице престанало да постои, а не постојат услови за изрекување на казна или мерка на конфискација на имот и имотна корист или одземање на предмети.

Член 520

Упис и достава на изречената привремена или трајна забрана за вршење определена дејност

(1) Правосилната пресуда со која на правното лице му се изрекува привремена или трајна забрана за вршење на определена дејност по службена должност, првостепениот суд ја доставува без одлагање до Централниот регистар на Република Македонија заради упис на изречената казна.

(2) Кога со пресудата е изречена казна престанок на правното лице, по нејзината правосилност таа без одлагање се доставува на судот надлежен за постапка на престанок на правното лице.

Член 521

Вонредни правни лекови

Во кривичната постапка против правно лице може да се користат вонредните правни лекови барање за повторување на постапката и барање за заштита на законитоста.

Глава XXXIV

ПОСТАПКА ЗА ПРИМЕНА НА МЕРКИТЕ ЗА БЕЗБЕДНОСТ, КОНФИСКАЦИЈА НА ИМОТ И ИМОТНА КОРИСТ, ОДЗЕМАЊЕ НА ПРЕДМЕТИ И ОТПОВИКУВАЊЕ НА УСЛОВНА ОСУДА

1. Постапка за примена на мерки на безбедност

Член 522

Општи одредби за изрекување на мерка на безбедност

(1) Ако обвинетиот сторил кривично дело во состојба на непресметливост, јавниот обвинител ќе поднесе до судот да изрече мерка на безбедност задолжително психијатриско лекување и чување на сторителот во здравствена установа, односно предлог за задолжително психијатриско лекување на сторителот на слобода ако за изрекување на таква мерка постојат условите предвидени со Кривичниот законик.

(2) Во овој случај на обвинетиот, ако се наоѓа во притвор, со решение ќе му се укине притворот, но нема да се пушти на слобода туку до завршувањето на постапката за примена на мерките на безбедност привремено ќе се смести во соодветна здравствена установа или во некоја погодна просторија.

(3) Со мерката од ставот (1) на овој член, судот може да определи привремена забрана на вршење професија, дејност или должност или забрана на управување со моторно возило. Одлуката на судот се доставува до надлежните органи или организации во кои сторителот е вработен или која е надлежна за вршење на надзор над спроведувањето на забраната.

(4) По ставањето на предлогот од ставот (1) на овој член обвинетиот мора да има бранител.

Член 523

Изрекување на мерка на безбедност и запирање на постапката за нејзина примена

(1) За примената на мерките на безбедност задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа или задолжително психијатриско лекување на слобода, по одржаната главна расправа, решава судот што е надлежен за судење во прв степен.

(2) Покрај лицата што мораат да се повикуваат на главната расправа ќе се повикаат како вештаци и лекари психијатри од здравствената установа на која ñ било доверено вештачењето во однос на пресметливоста на обвинетиот.  Обвинетиот ќе се повика ако неговата состојба е таква да може да присуствува на главната расправа. За главната расправа ќе се извести брачниот, односно вонбрачниот другар на обвинетиот и неговите родители, односно старателот, а според околностите и други блиски роднини.

(3) Ако судот, врз основа на спроведените докази, утврди дека обвинетиот сторил определено кривично дело и дека во време на извршувањето на кривичното дело бил непресметлив, ќе одлучи дали на обвинетиот, врз основа на испитувањето на повиканите лица и наодите и мислењата на вештаците, ќе му изрече мерка на безбедност задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа, односно задолжително психијатриско лекување на слобода. При одлучувањето која од мерките на безбедност ќе ја изрече, судот не е врзан за предлогот на јавниот обвинител.

(4) Ако судот најде дека обвинетиот не бил непресметлив ќе ја запре постапката за примена на мерките на безбедност.

(5) Против решението на судот во рок од осум дена од денот на приемот на решението можат да изјават жалба сите лица што имаат право да се жалат против пресудата (член 411), освен оштетениот.

Член 524

Предлог за изрекување мерка на безбедност заради измена на обвинителниот акт

Мерките на безбедност од членот 522 став (1) на овој закон можат да се изречат и кога јавниот обвинител на главната расправа ќе го измени обвинителниот акт, односно обвинителен предлог со поднесување предлог за изрекување на тие мерки.

Член 525

Изрекување мерка на безбедност во случај на битно намалена пресметливост

Кога судот ќе му изрече казна на лицето кое извршило кривично дело во состојба на битно намалена пресметливост, со истата пресуда ќе ја изрече и мерката на безбедност задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа или задолжително психијатриско лекување на слобода или задолжително лекување на алкохоличари или наркомани, ако утврди дека за тоа постојат законски услови.

Член 526

Доставување на правосилна одлука до судот што е надлежен да одлучува за лишување од деловна способност

Правосилната одлука со која е изречена мерката на безбедност задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа, односно задолжително психијатриско лекување на слобода согласно со членовите 523 и 525 од овој закон, ќе се достави до судот што е надлежен да одлучи за лишување од деловна способност. За одлуката ќе се извести и органот за старателство.

Член 527

Надзор над извршувањето на мерката на безбедност задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа и отпуштање на сторителот

(1) По службена должност или по предлог од здравствената установа или од органот за старателство, а по испитување на јавниот обвинител, судот што во прв степен изрекол мерка на безбедност задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа ќе ја запре оваа мерка и ќе определи отпуштање на сторителот од здравствената установа, ако врз основа на мислењето на лекарот утврди дека престанала потребата од лекување и чување на сторителот во таа установа, а може да определи негово задолжително психијатриско лекување на слобода.

(2) Кога од здравствената установа се отпушта сторителот чија пресметливост била битно намалена, а во таа установа поминал помалку време отколку што изнесува казната затвор на која е осуден, судот со решение за отпуштање ќе одлучи дали тоа лице ќе го издржи остатокот од казната или ќе биде пуштено на условен отпуст. На сторителот кој се пушта на условен отпуст може да му се изрече и мерка на безбедност задолжително психијатриско лекување на слобода ако за тоа постојат законски услови.

(3) По службена должност или по предлог од управата на здравствената установа во која обвинетиот се лекувал или требало да се лекува, а по испитувањето на јавниот обвинител, судот може на сторителот спрема кој е применета мерка на безбедност задолжително психијатриско лекување на слобода да му изрече мерка на безбедност задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа, ако утврди дека сторителот не се подложил на лекување или самоволно го напуштил или дека и покрај лекувањето останал толку опасен за својата околина што е потребно негово чување и лекување во здравствена установа. Пред донесувањето на одлуката судот по потреба ќе прибави и мислење од лекар, а обвинетиот ќе се испита ако неговата состојба го дозволува тоа.

Член 528

Примена на мерката на безбедност задолжително лекување на алкохоличари и наркомани

(1) За примена на мерката на безбедност задолжително лекување на алкохоличари и наркомани судот одлучува откако ќе прибави наод и мислење од вештак. Вештакот треба да се изјасни и за можностите за лекување на обвинетиот.

(2) Ако при изрекувањето на условна осуда на сторителот му е наложено лекување на слобода, а тој не се подложил на лекување или самоволно го напуштил, судот може, по службена должност или по предлог од установата во која сторителот се лекувал или требало да се лекува, а по испитувањето на јавниот обвинител и на сторителот, да определи отповикување на условната осуда или присилно извршување на изречената мерка задолжително лекување на алкохоличари или наркомани во здравствена установа или во друга специјализирана установа. Пред донесувањето на одлуката судот по потреба ќе прибави и мислење од лекар.

2. Постапка за одземање на предмети и конфискација на имот и имотна корист прибавена со кривично дело

Член 529

Одземање на предмети

(1) Предметите што според Кривичниот законик мора да се одземат, ќе се одземат и кога кривичната постапка нема да заврши со пресуда со која обвинетиот се огласува за виновен.

(2) Посебно решение за тоа донесува органот пред кој се водела постапката во моментот кога постапката е завршена, односно кога е запрена.

(3) Решението за одземање на предметите од ставот (1) на овој член го донесува судот и кога во пресудата со која обвинетиот е огласен за виновен, е пропуштено да се донесе таква одлука.

(4) Заверен препис на одлуката за одземање на предмети ќе се достави до сопственикот на предметите ако сопственикот е познат.

(5) Против одлуката од ставовите (2) и (3) на овој член сопственикот на предметите има право на жалба, поради непостоење на законска основа за одземање на предметите. Ако решението од ставот (2) на овој член не го донел судот, за жалбата одлучува советот од членот 25 став (5) на овој закон, на судот што бил надлежен за судење во прв степен.

Член 530

Општи одредби за конфискација на имот и имотна корист

(1) Имотот и имотната корист прибавени со извршувањето на кривичното дело се утврдуваат во кривична постапка.

(2) Јавниот обвинител е должен во текот на постапката да собира докази и да ги извидува околностите што се од важност за утврдување на имотот и имотната корист и да предлага мерки од членот 202 став (1) на овој закон.

(3) Ако оштетениот ставил имотноправно барање во однос на враќањето на предметите прибавени со кривично дело, односно во однос на износот што и одговара на вредноста на предметите, имотната корист ќе се утврдува само во оној дел кој не е опфатен со имотноправното барање.

Член 531

Постапка за конфискација на имот и имотна корист прибавена со кривично дело

(1) При конфискација на имот и имотна корист прибавена со кривично дело, лицето врз кое е пренесена имотна корист, како и претставникот на правното лице ќе се повикаат заради испитување во претходната постапка и на главната расправа. Во поканата ќе се предупредат дека постапката ќе се спроведе и без нивно присуство.

(2) Претставникот на правното лице ќе се испита на главната расправа по обвинетиот. На ист начин ќе се постапи во однос и на лицето врз кое е пренесена имотната корист, ако не е повикано како сведок.

(3) Лицето врз кое е пренесена имотната корист, како и претставникот на правното лице се овластени во врска со утврдувањето на имотната корист да предлагаат докази и по овластување на претседателот на советот да им поставуваат прашања на обвинетиот, на сведоците и вештаците.

(4) Исклучувањето на јавноста на главната расправа не се однесува на лицето врз кое се пренесени имотот и имотната корист и на претставникот на правното лице.

(5) Кога во текот на главната расправа ќе се утврди дека постојат услови за примена на мерката конфискација на имот и имотна корист, јавниот обвинител ќе предложи главната расправа да се прекине и да се повика лицето врз кое се пренесени имотот и имотната корист, како и претставникот на правното лице.

Член 532

Утврдување на висината на износот на имотот и имотната корист

(1) Јавниот обвинител во прибирањето на потребните докази за утврдување на висината на износот на имотот и имотната корист прибавени со кривично дело, може да побара потребни известувања од други државни органи, финансиски институции и други правни лица и граѓани кои се должни без одлагање истите да ги достават.

(2) Кога постои сомневање дека имотот се наоѓа во странство, судот е должен да распише меѓународна потерница или објава.

Член 533

Проширена конфискација

(1) Судот ќе изрече мерка проширена конфискација под услови пропишани во Кривичниот законик, ако обвинетиот во рок од една година од денот на започнување на главната расправа не може да докаже дека имотот или имотната корист се законски стекнати.

(2) Ако во рок пократок од рокот од ставот (1) на овој член судот донесе првостепена пресуда за кривичното дело, кога постојат законски услови за изрекување на мерката проширена конфискација, судот таа мерка ќе ја изрече со дополнителна пресуда против која е дозволена жалба согласно со одредбите од овој закон.

Член 534

Изрекување мерка проширена конфискација спрема трето лице

(1) Судот со решение ќе изрече мерка проширена конфискација под услови пропишани во Кривичниот законик и спрема трето лице ако во рок од две години од денот на започнувањето на посебната постапка за конфискација не докаже дека за имотот или имотната корист дал противнадомест што одговара на нивната вредност.

(2) Постапката за изрекување мерка проширена конфискација се води по предлог на јавниот обвинител.

(3) Против решението од ставот (1) на овој член лицето има право на жалба до непосредно повисокиот суд во рок од осум дена.

Член 535

Одредување на привремени мерки на обезбедување

(1) Кога се исполнети условите за конфискација или проширена конфискација на имот и имотна корист, судот по предлог на јавниот обвинител ќе нареди привремени мерки на обезбедување утврдени со членот 194 од овој закон.

(2) Мерките од ставот (1) на овој член судот може да ги одреди спрема трети лица за кои постои сомневање дека врз нив се пренесени имот и имотна корист прибавени со кривично дело без соодветен надоместок.

(3) Против решението со кое судот одредува привремени мерки на обезбедување, може да се изјави жалба во рок од осум дена.

(4) Одлуката по жалба непосредно повисокиот суд ќе ја донесе во рок од осум дена.

Член 536

Содржина на одлуката со која е изречена конфискација на имот и имотна корист

(1) Конфискација на имотна корист судот може да изрече во пресудата со која обвинетиот се огласува за виновен, во решението за судска опомена или во решението за примена на воспитна мерка, како и решението со кое се изрекува мерката на безбедност.

(2) Во изреката на пресудата или на решението судот ќе наведе кој имот или предмет, односно паричен износ се конфискува.

(3) Заверен препис на пресудата, односно на решението му се доставува и на лицето врз кое е пренесена имотната корист, како и на претставникот на правното лице, ако судот изрекол конфискација на имотот и имотната корист од тоа лице, односно од правното лице.

Член 537

Барање за повторување на постапката во однос на одлуката за конфискација на имотот и имотната корист

Лицето од членот 531 на овој закон може да поднесе барање за повторување на кривичната постапка согласно со членот 449 од овој закон во поглед на одлуката за конфискација на имотот и имотната корист.

Член 538

Соодветна примена на одредбите од овој закон во однос на жалбата

Одредбите на членот 412 ставови (2) и (3) од овој закон и на членовите 420 и 424 од овој закон согласно ќе се применуваат во однос на жалбата против одлуката за конфискација на имотот и имотната корист.

Член 539

Соодветна примена на другите одредби од овој закон

Ако во одредбите на оваа глава не е предвидено нешто друго во однос на постапката за примена на мерки на безбедност или за конфискација на имотот и имотната корист, согласно ќе се применуваат другите одредби на овој закон, ако со одредбите на овој закон поинаку не е определено.

Член 540

Посебна постапка за конфискација на имот и имотна корист и одземање на предмети

(1) Кога постојат фактички или правни пречки за водење на кривична постапка против сторител на кривично дело, судот по предлог на јавниот обвинител ќе спроведе посебна постапка за конфискација на имот и имотна корист и одземање на предмети, ако се исполнети условите од Кривичниот законик.

(2) Во постапката од ставот (1) на овој член, на предлог на јавниот обвинител, ќе се изведат потребните докази. Судот со решение ќе изрече мерка конфискација на имот и имотна корист и одземање на предмети ако се докаже дека се работи за имот или имотна корист стекнати со кривично дело или за предмети кои се употребени или настанале со извршување на кривично дело или треба да се одземат според одредбите на Кривичниот законик.

(3) Против решението од ставот (2) на овој член лицето од кое се конфискува имотот или имотната корист или одземаат предмети има право на жалба до непосредно повисокиот суд во рок од осум дена.

Член 541

Извршување на конфискација на имот и имотна корист

(1) Конфискацијата на имот и имотна корист се извршува во рок од 30 дена по правосилноста на пресудата.

(2) Налогот за извршување го издава судот што ја донел првостепената пресуда.

(3) Извршувањето се спроведува над имотот и имотната корист определени со судската одлука, а ако тоа делумно или целосно не е можно, извршувањето се спроведува од преостанатиот имот на лицето на кое му е изречена таквата мерка.

(4) Приговор на извршноста не е дозволен, а присилното извршување ќе се запре само ако лицето доброволно го врати имотот или ја плати висината на имотната корист на сметката на судот. Банките и другите финансиски институции каде што е сметката врз која се извршува оваа мерка, се должни да ја извршат без никакво одлагање и да спречат евентуално пренесување или финансиски трансакции.

(5) Правните дела склучени по извршувањето на кривичното дело, а со намера да се намали вредноста на имотот што е предмет на конфискација, се неважечки.

(6) Приговор е дозволен само по налогот со кој се определува извршување над останатиот имот.

(7) Приговорот се поднесува во рок од осум дена до непосредно повисокиот суд, кој одлуката ја донесува во рок од осум дена.

3. Постапка за отповикување на условната осуда

Член 542

Општа одредба

(1) Кога во условната осуда е определено дека казната ќе се изврши ако осудениот не ја врати имотната корист, не ја надомести штетата или не исполни други обврски, а осудениот во определениот рок не ги исполни тие обврски, судот што судел во прв степен ќе спроведе постапка за отповикување на условната осуда по предлог од овластениот тужител, а може и по службена должност.

(2) Судијата кој ќе биде определен за тоа ќе го испита осудениот ако е достапен и ќе ги спроведе потребните извиди заради утврдување на фактите и собирање на докази важни за одлуката.

(3) Потоа претседателот на советот ќе закаже седница на советот за која ќе ги извести тужителот, осудениот и оштетениот. Недоаѓањето на странките и на оштетениот, ако уредно се известени, не го спречува одржувањето на седницата на советот.

(4) Ако судот утврди дека осудениот не ја исполнил обврската што му била определена со пресудата, ќе донесе пресуда со која ќе го продолжи рокот за исполнување на обврската, ќе го ослободи од исполнување на таа обврска или ќе ја замени со друга соодветна обврска предвидена со закон или ќе ја отповика условната осуда и ќе определи утврдената казна да се изврши. Ако судот најде дека нема основа за донесување на некоја од тие одлуки, со решение ќе ја запре постапката за отповикување на условната осуда.

Глава XXXV

ПОСТАПКА ЗА ДОНЕСУВАЊЕ ОДЛУКА ЗА ПОКРАТКО ТРАЕЊЕ НА КАЗНАТА НА ЗАБРАНА, ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ПРАВНИТЕ ПОСЛЕДИЦИ ОД ОСУДАТА И БРИШЕЊЕ НА ОСУДАТА

Член 543

Решение за бришење на осудата

(1) Кога според законот бришење на осудата настапува со изминување на определено време и под услов осудениот во тоа време да не стори ново кривично дело, решение за бришење на осудата донесува по службена должност судот како орган надлежен за водење на казнената евиденција.

(2) Пред донесувањето на решението за бришење на осудата ќе се извршат потребните проверки, а особено ќе се соберат податоци за тоа дали против осудениот е во тек кривична постапка за некое ново кривично дело сторено пред истекот на рокот предвиден за бришење на осудата.

Член 544

Барање да се утврди дека бришење на осудата настапило според законот

(1) Ако судот не донесе решение за бришење на осудата, осуденото лице може да бара да се утврди дека бришење на осудата настапило според законот.

(2) За ова барање одлучува судот по испитувањето на јавниот обвинител, ако постапката се водела по негово барање.

Член 545

Решение со кое се утврдува бришење на условната осуда

Ако условната осуда не биде отповикана ни по една година од денот на престанувањето на времето за проверка, судот што судел во прв степен ќе донесе решение со кое се утврдува бришење на условната осуда. Ова решение ќе се достави до осудениот и до јавниот обвинител, ако постапката се водела по негово барање.

Член 546

Постапка за бришење на осудата

(1) Постапката за бришење на осудата врз основа на судска одлука се поведува по барање од осудениот.

(2) Барањето се поднесува до судот што судел во прв степен.

(3) Судијата кој ќе биде определен за тоа претходно ќе испита дали изминало потребното време според законот, а потоа ќе ги спроведе потребните извиди, ќе ги утврди фактите на кои се повикува барателот и ќе прибави докази за сите околности што се важни за одлуката.

(4) Судот може за однесувањето на осудениот да побара извештај од судовите на чие подрачје осудениот престојувал по издржаната казна, а може таков извештај да бара и од управата на установата во која осудениот ја издржувал казната.

(5) По извршените извиди и по испитувањето на јавниот обвинител, ако постапката се водела по негово барање, судијата ќе ги достави списите со образложениот предлог до советот на судот што судел во прв степен.

(6) Против одлуката на судот по барањето за бришење на осудата жалба може да изјават молителот и јавниот обвинител.

(7) Ако судот го одбие барањето затоа што осудениот со своето однесување не заслужил бришење на осудата, осудениот може барањето да го повтори по истекот на две години од денот на правосилноста на решението за одбивање на молбата.

(8) Во уверението што им се издава на граѓаните за бришење на осудата врз основа на казнената евиденција, заради остварување на нивните права во странство, бришаната осуда не смее да се споменува.

Член 547

Постапка за пократко траење на казните за забрана на вршење професија, дејност или должност, забрана за управување со моторно возило или за престанување на правните последици на осудата и за бришење на осудата

(1) Барањето за пократко траење на казните за забрана на вршење професија, дејност или должност, забрана со управување на моторно возило или за престанување на правните последици на осудата и за бришење на осудата, се поднесува до судот што судел во прв степен.

(2) Судијата што ќе биде определен за тоа претходно ќе испита дали изминало потребното време според законот, а потоа ќе ги изврши потребните извиди, ќе ги утврди фактите на кои се повикува барателот и ќе собере докази за сите околности што се важни за одлуката.

(3) За однесувањето на осудениот судијата може да побара извештај од судовите на чие подрачје осудениот престојувал по издржаната, простената или застарената главна казна, а може таков извештај да бара и од установата во која осудениот ја издржал казната.

(4) По спроведените извиди, а по испитувањето на јавниот обвинител, ако постапката се водела по негово барање, судијата ќе ги достави списите, со образложен предлог, до судот надлежен за донесување решение по барањето од ставот (1) на овој член.

(5) Судот од ставот (4) на овој член претходно ќе прибави мислење од јавниот обвинител ако постапката се водела по негово барање кој постапува пред тој суд.

Член 548

Одбивање на молбата

Во случај на одбивање на барањето, ново барање не може да се поднесе пред истекот на една година од денот на правосилноста на решението за одбивање на поранешното барање.

Глава XXXVI

ПОСТАПКА ЗА НАДОМЕСТОК НА ШТЕТА, РЕХАБИЛИТАЦИЈА И ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА ДРУГИТЕ ПРАВА НА ЛИЦА НЕОПРАВДАНО ОСУДЕНИ И НЕОСНОВАНО ИЛИ НЕЗАКОНИТО ЛИШЕНИ ОД СЛОБОДА

Член 549

Лица кои имаат право на надоместок на штета поради неоснована осуда

(1) Право на надоместок на штета поради неоправдана осуда има лицето спрема кое била правосилно изречена кривична санкција или кое е огласено за виновно, а е ослободено од казната, а подоцна по повод вонреден правен лек новата постапка правосилно е запрена или со правосилна пресуда е ослободено од обвинението или обвинението е одбиено, освен во следниве случаи, ако:
1) до запирање на постапката или пресудата со која обвинението се одбива дошло поради тоа што во новата постапка приватниот тужител се откажал од гонењето или оштетениот се откажал од предлогот, а до откажување дошло врз основа на спогодба со обвинетиот и
2) со решение во новата постапка обвинителниот акт бил отфрлен поради тоа што судот не бил надлежен, а овластениот тужител го започнал гонењето пред надлежниот суд.

(2) Осудениот нема право на надоместок на штета ако со свое лажно признание или на друг начин намерно ја причинил својата осуда, освен ако на тоа бил присилен.

(3) Во случај на осуда за кривични дела во стек, правото на надоместок на штета може да се однесува и на одделни кривични дела во однос на кои се исполнети условите за признавање надоместок.

Член 550

Поднесување на барање за надоместок на штета

(1) Правото на надоместок на штета застарува за три години од денот на правосилноста на пресудата со која обвинетиот е ослободен од обвинението или со кое обвинението е одбиено, односно во рок од три години од правосилноста на решението со кое обвинителниот акт бил отфрлен или постапката е запрена, а ако по повод жалбата решавал повисокиот суд во рок од три години од денот на приемот на одлуката на повисокиот суд.

(2) Пред поднесувањето на тужба за надоместок на штета до судот, оштетениот е должен со свое барање да се обрати до Министерството за правда заради постигнување спогодба за постоење на штета и за видот и висината на надоместокот.

(3) Во случајот од членот 549 став (1) точка 2 на овој закон за барањето може да се решава само ако овластениот тужител не презел гонење пред надлежниот суд во рок од три месеци од денот на приемот на правосилната одлука. Ако по истекот на овој рок овластениот тужител го преземе гонењето пред надлежниот суд по истекот на овој рок, ќе се прекине постапката за надоместок на штетата до завршувањето на кривичната постапка.

Член 551

Поднесување на тужба за надоместок на штета

(1) Ако барањето за надоместок на штетата не биде усвоено или по него Министерството за правда не донесе одлука во рок од три месеци од денот на поднесувањето на барањето, оштетениот може кај надлежниот суд да поднесе тужба за надоместок на штета. Ако е постигната спогодба само во поглед на дел од барањето, оштетениот може да поднесе тужба во однос на остатокот од барањето.

(2) Додека трае постапката од ставот (1) на овој член не тече застареноста предвидена во членот 551 став (1) од овој закон.

(3) Тужбата за надоместок на штета се поднесува против Република Македонија.

Член 552

Права на наследниците на оштетеното лице

(1) Наследниците го наследуваат само правото на оштетеното лице на надоместок на имотна штета. Ако оштетениот веќе ставил барање, наследниците можат да ја продолжат постапката само во границите на веќе поставеното барање за надоместок на имотна штета.

(2) Наследниците на оштетеното лице можат по неговата смрт да ја продолжат постапката за надоместок на штетата, односно да поведат постапка ако осуденото лице умрело пред истекот на рокот на застареноста и од барањето не се одрекло.

Член 553

Право на надоместок на штета на лица кои се неосновано лишени од слобода

(1) Право на надоместок на штетата му припаѓа и на лицето:
1) кое било во притвор а не дошло до поведување кривична постапка или постапката е запрена со правосилно решение, или со правосилна пресуда е ослободено од обвинението или обвинението е одбиено;
2) кое издржувало казна лишување од слобода, а по повод повторувањето на кривичната постапка, барањето за заштита на законитоста или барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда му е изречена казна лишување од слобода во пократко траење од казната што ја издржал, или му е изречена кривична санкција која не се состои во лишување од слобода или е огласено за виновно, а е ослободено од казната;
3) кое поради грешка или незаконита работа на органот неосновано или незаконито е лишено од слобода, или е задржано подолго во притвор или во установата за издржување на казната или мерката и
4) кое во притвор поминало подолго време отколку што трае казната затвор на која е осудено.

(2) На лицето кое според членот 158 од овој закон е лишено од слобода без законска основа, му припаѓа право на надоместок на штета ако против него не е определен притвор ниту времето за кое е лишено од слобода му е засметано во изречената казна за кривично дело или за прекршок.

(3) Надоместок на штета не му припаѓа на лице кое со свои недозволени постапки причинило лишување од слобода. Во случаите од ставот (1) точка 1 на овој член е исклучено правото на надоместок на штета иако постоеле околностите од членот 549 став (1) точки 1 и 2 на овој закон или ако постапката е запрена врз основа на членот 304 од овој закон.

(4) Во постапката за надоместок на штета во случаите од ставовите (1) и (2) на овој член согласно ќе се применуваат одредбите од оваа глава.

Член 554

Објавување на одлука за неоснованоста на претходната осуда во јавните средства и доставување на одлуката до други лица

(1) Ако случајот на кој се однесува неоправданата осуда или неоснованото или незаконитото лишување од слобода на некое лице е прикажано во јавно средство за информирање и со тоа бил повреден угледот на тоа лице, судот, по негово барање ќе објави во весниците или во друго јавно средство за информирање соопштение за одлуката од која произлегува неоправданоста на поранешната осуда, односно неоснованоста или незаконитоста на лишувањето од слобода. Ако случајот не е прикажан во средство за јавно информирање, вакво соопштение, по барање од тоа лице, ќе се достави до неговиот работодавач. По смртта на осуденото лице правото на поднесување на ова барање му припаѓа на неговиот брачен, односно вонбрачен другар, на децата, родителите, браќата и сестрите.

(2) Барањето од ставот (1) на овој член може да се поднесе и ако не е ставено барање за надоместок на штета.

(3) Независно од условите предвидени во членот 549 од овој закон, барањето од ставот (1) на овој член може да се поднесе и кога по повод вонреден правен лек е изменета правната квалификација на делото, ако поради правната квалификација во поранешната пресуда бил потешко повреден угледот на осуденото лице.

(4) Барањето од ставот (1) на овој член се поднесува во рок од шест месеци (член 550 став (1)) до судот што во кривична постапка судел во прв степен. За барањето одлучува советот од членот 25 став (5) на овој закон. При решавањето за барањето согласно се применуваат одредбите на членовите 549 ставови (2) и (3) и 553 став (3) од овој закон.

Член 555

Поништување на несправедлива осуда од казнената евиденција

(1) Судот што во кривична постапка судел во прв степен ќе донесе по службена должност решение со кое се поништува запишувањето на неправедната осуда во казнената евиденција. Решението се доставува до Министерството за правда.

(2) За поништеното запишување не смеат никому да му се даваат податоци од казнената евиденција.

Член 556

Ограничување на разгледување и препишување на списи

Лицето на кое му е дозволено разгледување и препишување на списите (член 123) што се однесуваат на неоправдана осуда или на неосновано или незаконито лишување од слобода, не може да употреби податоци од тие списи на начин што би бил од штета за рехабилитацијата на лицето против кое е водена кривична постапка. Претседателот на судот е должен на ова да го предупреди лицето на кое му е дозволено разгледување, и тоа ќе се забележи на списот, со потпис на тоа лице.

Член 557

Враќање на правата од работниот однос и социјалното осигурување

(1) На лицето на кое поради неоправдана осуда или неосновано лишување од слобода му престанал работниот однос или својството на осигуреник на социјално осигурување, му се признава работниот стаж, односно стажот на осигурување како да било на работа за времето за кое поради неоправданата осуда или неоснованото лишување од слобода го загубило стажот. Во стажот се засметува и времето на невработеност до која дошло поради неоправданата осуда или неоснованото лишување од слобода, а која не настанала по вина на тоа лице.

(2) При секое решавање за правото врз кое влијае должината на работниот стаж, односно на стажот на осигурување, надлежниот орган или правното лице ќе го земе предвид стажот признаен со одредбата на ставот (1) од овој член.

(3) Ако органот или правното лице од ставот (2) на овој член не го земе предвид стажот признаен со одредбата на ставот (1) на овој член, оштетеното лице може да бара судот наведен во членот 551 став (1) на овој закон да утврди дека признавање на ова време настапило според законот. Тужбата се поднесува против органот или правното лице кое го оспорува признаениот стаж и против Република Македонија (член 551 став (3)).

(4) По барање на органот, односно правното лице кај кое правото од ставот (2) на овој член се остварува, ќе се исплати од Буџетот на Република Македонија пропишаниот придонес за времето за кое со одредбата на ставот (1) на овој член стажот е признаен.

(5) Стажот на осигурувањето признаен со одредбата на ставот (1) на овој член во целост се засметува во пензискиот стаж.

Глава XXXVII

ПОТЕРНИЦА И ОБЈАВА

Член 558

Известување за адресата на лице на кое не му се знае живеалиштето или престојувалиштето

Ако не се знае живеалиштето односно престојувалиштето на осомничениот, односно обвинетиот или на сведокот кога тоа според одредбите на овој закон е неопходно, органот што ја води постапката ќе побара од Министерството за внатрешни работи осомничениот, односно обвинетиот или сведокот да го побара и да го извести за неговата адреса.

Член 559

Издавање потерница

(1) Издавање потерница може да се нареди кога постои наредба за приведување на лице кое се наоѓа во бегство, и тоа:
1) на осомничениот кој се бара поради основано сомневање дека сторил кривично дело кое се гони по службена должност и за кое според законот може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна или
2) обвинетиот против кого е поведена кривична постапка за кривично дело кое се гони по службена должност и за кое според законот може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна или
3) осуденото лице кое со правосилна пресуда е осудено на казна затвор.

(2) Издавање потерница наредува органот што ја води постапката.

(3) Издавање на потерница ќе се нареди и во случај на бегство на обвинетиот, односно осудениот од установата во која ја издржува казната без оглед на висината на казната, или бегство од установата во која се наоѓа лице лишено од слобода. Наредба во ваков случај издава раководното лице на установата.

(4) Издавање на потерница ќе се нареди и во случај на бегство на обвинетиот, односно осудениот од установата во која е упатен со судски акт во здравствена установа со мерка задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа. Наредбата ја издава судот по чија наредба лицето е упатено во установата по претходно добиено известување за бегство од установата.

(5) Наредбата на органот што ја води постапката или раководното лице на установата за издавање на потерница се доставува до Министерството за внатрешни работи заради извршување.

(6) Министерството за внатрешни работи води евиденција за издадените потерници. Податоците за лицата против кои е издадена потерница се бришат од евиденција кога потерницата ќе се отповика.

Член 560

Издавање објава заради утврдување податоци за имот и имотна корист

Ако се потребни податоци за имот и имотна корист за кои постои сомневање дека се прибавени со кривично дело или за одделни предмети што се во врска со кривичното дело или таквиот имот и имотна корист или предмети што треба да се пронајдат, органот што ја води постапката по службена должност ќе нареди издавање објава во која ќе се побараат податоците или известувањата да се достават до органот што ја води постапката.

Член 561

Издавање објава заради утврдување на идентитет

(1) Министерството за внатрешни работи издава објава заради утврдување на идентитет на непознати лешови и на лица чиј идентитет не е познат.

(2) Министерството за внатрешни работи може да објавува и фотографии на трупови и на исчезнати лица, ако постојат основи на сомневање дека со смрт, односно со исчезнување на тие лица дошло поради кривично дело.

Член 562

Повлекување потерница или објава

Органот што наредил издавање на потерница, или објава е должен веднаш да ја повлече кога ќе се пронајде бараното лице или имот и имотна корист или предмет, или кога ќе настапи застареност на кривичното гонење или на извршувањето на казната или други причини поради кои потерницата или објавата повеќе не потребна.

Член 563

Распишување на потерница и објава

(1) Потерница и објава распишува Министерството за внатрешни работи.

(2) Заради известување на јавноста за потерницата или објавата можат да се користат средствата за јавно информирање.

Член 564

Распишување на меѓународна потерница и објава и распишување на потерница и објава по барање од странски орган

(1) Ако е веројатно дека лицето по кое е издадена потерница се наоѓа во странство, Министерството за внатрешни работи може да распише и меѓународна потерница по претходно добиена изјава од органот што ја издал наредбата за распишување на потерница дека во случај на пронаоѓање на тоа лице ќе се побара екстрадиција.

(2) Ако е веројатно дека имотот и имотната корист или предметите се наоѓаат во странство, се распишува меѓународна објава кон која се приложува изјава дека во случај на нивно пронаоѓање ќе се побараат привремени мерки за замрзнување или конфискација на имот и имотна корист или одземање на предмети.

(3) По барање од странски орган, Министерството за внатрешни работи може да распише потерница и за лице за кое постои сомневање дека се наоѓа во Република Македонија ако во барањето е дадена изјава дека во случај на пронаоѓање на тоа лице ќе се побара екстрадиција.

Глава XXXVIII

ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 565

Донесување на подзаконски акти

Подзаконските акти предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од 12 месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 566

Завршување на постапките започнати пред примената на овој закон

Постапките започнати до отпочнувањето на примената на овој закон ќе се завршат според одредбите на Законот за кривична постапка („Службен весник на Република Македонија” бр. 15/97, 44/2002, 74/2002, 83/2008, 67/2009 и 51/11).

Член 567

Последица од отпочнување со примената на овој закон

Со денот на отпочнувањето со примена на овој закон престанува да важи Законот за кривична постапка („Службен весник на Република Македонија” бр. 15/97, 44/2002, 74/2002, 83/2008, 67/2009 и 51/11), освен за постапките коишто се водат согласно со членот 566 на овој закон.

Член 567-а

Вон сила 

Член 568

Влегување во сила и примена на овој закон

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а ќе започне да се применува од 1 декември 2013 година.