Закон за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост

I. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ

Член 1

(1) Со овој закон се уредуваат правата и должностите на државните органи во однос на набавката, користењето и располагањето со стварите во државна сопственост, што како долгорочни средства ги користат државните органи за извршување на работите и задачите во земјата и во странство, освен за стварите што ги користат дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија.

(2) Со овој закон се уредуваат и правата и должностите на правните лица основани од државата во однос на користењето на недвижни и движни ствари, размената на недвижни и движни ствари, продажбата и давањето во закуп на движни ствари во државна сопственост.

(3) Со овој закон се уредува и постапката за давање на користење на стварите во општинска сопственост на државните органи и на правните лица основани од државата како и постапката за продажба и давање под закуп на недвижни и продажбата на движни ствари во општинска сопственост, како и продажба на ствари за кои е издаден лист за предбележување на градба во корист на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје.

Член 2

Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:

1. “Државни органи“ се органите на државната управа и органите на законодавната, извршната и судската власт;

2. “Правни лица основани од државата“ се јавни установи од областа на здравството, образованието и науката, културата, детската заштита, социјалната заштита, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија основани од државата, независни регулаторни тела основани од државата, трговски друштва во целосна државна сопственост и други институции основани од државата;

3. „Ствари во државна сопственост што ги користат државните органи и правни лица основани од државата” се:
– недвижни ствари – згради посебни делови од згради (надворешни и кровни површини на згради), инфраструктурни објекти и други објекти кои државните органи и правните лица ги користат за извршување на работите во земјата и во странство или се стекнати во сопственост со средства од Буџетот на Република Македонија, во стечајни постапки, судски постапки, по основ на наплата на побарувања, врз основа на доделени кредити, економска помош од странство, согласно со начинот и условите утврдени во договорите за кредит, односно договорите за економска помош од странство,
– движни ствари опрема, опрема за сообраќај и за врски, специјален и универзален алат и опрема, борбени средства, орудија и опрема кои имаат наменски карактер за одбраната и безбедноста на Република Македонија, опрема за уредување и одржување на канцелариски и други простории и за вршење на технички, деловни, финансиски и други услуги, проектна документација, софтверски програми, долгорочни нематеријални средства и останати неспомнати средства што како долгорочни средства се користат за извршување на работите и задачите во земјата и во странство како и движни ствари кои државните органи и правните лица основани од државата ги стекнале во сопственост со средства од Буџетот на Република Македонија, во стечајни постапки, судски постапки, по основ на наплата на побарувања, врз основа на доделени кредити, економска помош од странство или по пат на донации, согласно со начинот и условите утврдени во договорите за кредит, односно договорите за економска помош од странство, односно договорите за донации;

4. Ствари во општинска сопственост што ги користат општините и правните лица основани од општините стекнати по било кој основ се:
– недвижни ствари – згради, посебни делови од згради и други објекти што како долгорочни средства се користат за извршување на работите и задачите;
– движни ствари – опрема, опрема за сообраќај и за врски, специјален и универзален алат и опрема, опрема за уредување и одржување на канцелариски и други простории и за вршење на технички, деловни, финансиски и други услуги, проектна документација, софтверски програми, долгорочни нематеријални средства и останати неспомнати средства што како долгорочни средства се користат за извршување на работите и задачите на општините и правните лица основани од општините.

5. ”Користење на ствари” е право на непосредна употреба на стварите од страна на државните органи, правните лица основани од државата, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје;

6. ”Времено користење на ствари” е користење на стварите за период до десет години;

7. “Трајно користење на ствари” е користење на стварите за период над десет години;

8. “Располагање со ствари” е право да се одлучува за сопственоста на стварите што ги користат државните органи и правните лица основани од државата;

9. “Одговорно лице“ е функционерот кој раководи со органот, односно органот на управување кој раководи со правното лице основано од државата и

10. “Комисија за недвижни и движни ствари” е комисија која ги спроведува постапките за продажба, давање во закуп и набавка на недвижни ствари и постапките за продажба на движни ствари како и постапките за избор на правно лице кое врши дејност или поседува дозвола за собирање и/или транспортирање, преработка, рециклирање и уништување на отпад, ако со друг закон поинаку не е определено (во натамошниот текст: Комисијата).

Член 3

(1) Со стварите во државна сопственост што ги користат државните органите и правните лица основани од државата, во името на Република Македонија располага Владата на Република Македонија, ако со овој или со друг закон поинаку не е определено.

(2) Со стварите во општинска сопственост во име на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје располага советот на општината, советите на општините во градот Скопје и Советот на град Скопје.

Член 4

(1) Постапката за продажба и давање во закуп на недвижни ствари, постапката за продажба и давање во закуп на движни ствари, како и постапката за набавка на недвижни ствари ја спроведува Комисијата.

(2) Во зависност од обемот на недвижните и движни ствари кои се предмет на продажба и закуп може да се формираат повеќе комисии.

(3) Комисиjата се формира за период од четири години и е составена од претседател и најмалку двајца членови и нивни заменици, од редот на вработените во државниот орган, односно во правното лице основано од државата.

Член 5

Продажбата, размената и закупот на недвижните ствари и продажбата на движните ствари се врши врз основа на проценета вредност согласно Законот за процена.

Член 6

Договорите за продажба, давање во закуп и набавка на недвижни ствари договорите за продажба и давање во закуп на движни ствари во име на Република Македонија ги склучува одговорното лице на државниот орган, односно на правното лице основано од државата. 

Член 7

(1) Средствата остварени од продажбата, размената, закупот или давањето на користење на стварите во државна сопственост се приход на Буџетот на Република Македонија ако со друг закон поинаку не е определено.

(2) По исклучок од ставот (1) на овој член средствата остварени од продажбата, размената, закупот или давањето на користење на стварите стекнати во сопственост во извршна постапка за наплата на побарувања од должници или стекнати во сопственост во стечајна постапка на име на Министерството за финансии, по основ на одобрени кредити од Компензационите фондови, се приход на наменските сметки на Компензационите фондови во Народната банка на Република Македонија.

(3) Средствата остварени од продажбата, размената, закупот или давањето на користење на стварите во општинска сопственост се приход на Буџетот на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, ако со друг закон поинаку не е определено.

(4) По исклучок од ставот (1) на овој член средствата остварени од продажбата и давањето во закуп на движни ствари и давањето на користење на движни ствари на правните лица основани од државата што ги стекнале во своето работење со сопствени средства, во стечајни постапки и судски постапки, врз основа на доделен кредит, економска помош од странство, од донации или во извршна постапка за наплата на побарување од должници, се приход на правните лица основани од државата.

II. НЕДВИЖНИ СТВАРИ

А. ЗАЕДНИЧКИ ОДРЕДБИ

Член 8

Државните органи и правните лица основани од државата ги користат недвижните ствари во согласност со нивната намена и работите и задачите што ги вршат.

Член 9

(1) Владата на Република Македонија може да определи државен орган или служба кој ќе ги користи стварите заради остварување на надлежностите на повеќе органи.

(2) Владата на Република Македонија го уредува начинот на користењето, чувањето, одржувањето и евиденцијата на недвижни ствари од ставот (1) на овој член.

Член 10

Кога недвижна ствар заеднички користат повеќе државни органи, односно правни лица основани од државата, кои на договорен начин не можат да го определат начинот на користење, Владата на Република Македонија ќе го определи начинот на користење.

Член 11

Државните органи и правните лица основани од државата се должни да обезбедат чување и заштита на недвижните ствари, нивно економично и соодветно користење и уредно и навремено извршување на обврските што произлегуваат од користењето на стварите.

Член 12

(1) Недвижните ствари кои државните органи или правните лица основани од државата, престанале времено или трајно да ги користат поради промена на надлежностите, намалување на работите и задачите или поради други околности, може да се дадат на користење на друг државен орган или правни лица основани од државата, можат да се продадат, разменат или дадат во закуп, на начин определен со овој или друг закон.

(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, Владата на Република Македонија, може времено со или без надоместок, да даде на користење недвижна ствар на организациите и специјализираните агенции на Обединетите нации, Советот на Европа, НАТО, на странски држави за потребите на нивни амбасади или странски културни центри, односно катчиња.

Член 13

(1) За недвижните ствари на кои во катастарот на недвижности е запишано право на користење на државните органи или правните лица основани од државата, а кои трајно престанале да се користат, Владата на Република Македонија одлучува за престанок на правото на користење.

(2) Недвижните ствари од ставот (1) на овој член Владата на Република Македонија со одлука може да ги пренесе без надоместок во сопственост на општините, општините во градот Скопје, градот Скопје и јавните претпријатија основани од државата, јавните установи основани од државата и трговските друштва во целосна државна сопственост.

(3) Недвижните ствари сопственост на Република Македонија за кои во катастарот на недвижности не е запишано право на користење на државни органи или правни лица основани од државата,, Владата на Република Македонија може со одлука да ги пренесе без надоместок во сопственост на општините, општините во градот Скопје, градот Скопје и јавните претпријатија основани од државата, јавните установи основани од државата и трговските друштва во целосна државна сопственост.

Член 14

Користењето на недвижните ствари дадени на времено и трајно користење може да престане со одлука на Владата на Република Македонија во случаи кога стварите се користат спротивно на намената и извршувањето на работите и задачите.

Б. НАБАВКА НА НЕДВИЖНИ СТВАРИ

Член 15

(1) За набавка на недвижни ствари одлучува Владата на Република Македонија на предлог на државниот орган за чии потреби се врши набавката.

(2) Набавката на недвижни ствари од ставот (1) на овој член се врши со прибирање на понуди, со непосредна спогодба и на начин утврден во членот 67-б од овој закон.

Член 16

(1) За набавка на недвижни ствари државниот орган треба да има обезбедено средства со Буџетот.

(2) Државните органи можат до Владата на Република Македонија да поднесат предлог за набавка на недвижна ствар, само ако Република Македонија не располага со недвижност која би ги задоволила потребите за кои се предлага набавката.

(3) Предлогот за набавка на недвижни ствари го доставува одговорното лице на државниот орган.

1. Набавка со непосредна спогодба

Член 16-а

(1) Набавката на недвижни ствари со непосредна спогодба се врши за потребите на државните органи, а заради извршување на надлежностите за кои се основани.

(2) Набавката на недвижни ствари со непосредна спогодба се врши на недвижни ствари кои се во сопственост, со кои стопанисуваат или се дадени на користење на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје и Акционерското друштво за стопанисување со деловен простор во државна сопственост – Скопје.

(3) Државниот орган кој има потреба од набавка на недвижна ствар доставува барање до акционерските друштва од ставот (2) на овој член, да достават податоци и понуди за недвижни ствари кои се во сопственост, со кои стопанисуваат или се дадени на користење, а се наменети за продажба.

(4) Државниот орган кој има потреба од набавка на недвижна ствар заради извршување на надлежностите за кои е основан, доколку врз основа на пристигнатите понуди утврди дека одредена недвижна ствар која е во сопственост, со коja стопанисува или е даденa на користење на Акционерското друштво од ставот (2) на овој член, ги задоволува неговите потреби и е во рамки на обезбедените средства во Буџетот на Република Македонија за таа намена, до Владата на Република Македонија доставува предлог за набавка на недвижна ствар со непосредна спогодба.

(5) Предлогот за набавка на недвижна ствар со непосредна спогодба задолжително содржи:
– податоци за недвижната ствар која е предмет на понудата (површина и број на катастарска парцела каде се наоѓа, катастарска општина, број на имотен лист, број на зграда или посебен дел од зграда, намена на зграда и број на влез),
– вредноста на недвижната ствар според проценета вредност утврдена од овластен проценител, согласно со Законот за процена која не ги надминува обезбедените средства во Буџетот на Република Македонија за таа намена и
– називот на акционерското друштво од ставот (2) на овој член во чија сопственост е недвижната ствар предмет на набавка, односно со истата стопанисува или е дадена на користење.

(6) По предлогот за набавка, Владата на Република Македонија донесува одлука за давање согласност за набавка на недвижна ствар со непосредна спогодба.

(7) Државниот орган по завршување на постапката согласно со ставовите (3), (4) и (5) на овој член, доставува барање за купување на недвижни ствари до акционерското друштво од ставот (2) на овој член, кон кое се приложува одлуката од ставот (6) на овој член.

Член 16-б

(1) Со одлуката за давање на согласност за набавка на недвижна ствар со непосредна спогодба се определува државниот орган кој врши набавка, акционерското друштво од членот 16-а став (2) од овој закон во чија сопственост, стопанисување или користење е недвижната ствар, вредноста на недвижната ствар утврдена од овластен проценител согласно со Законот за процена, што претставува цена за набавка на недвижната ствар со непосредна спогодба.

(2) Врз основа на одлуката од ставот (1) на овој член одговорното лице на државниот орган за чии потреби се врши набавка со непосредна спогодба, склучува договор во писмена форма со органот на управување на акционерското друштво.

(3) На договорите од ставот (2) на овој член по однос на формата, содржината, обврската за солемнизација и ништовноста соодветно се применуваат одредбите од Законот за облигациони односи.

(4) Недвижната ствар набавена согласно со одлуката од членот 16-а став (6) од овој закон, се користи исклучиво заради вршење на надлежностите за кој е основан државниот орган кој ја врши набавката и истата не може да биде предмет на продажба во период од десет години сметано од денот на склучување на договорот од ставот (2) на овој член.

(5) Доколку од страна на државниот орган, недвижната ствар која била предмет на набавка со непосредна спогодба согласно со одредбите од членот 16-а од овој закон, се користи спротивно на условите од ставот (4) на овој член, ќе се смета дека не се исполнети условите од договорот што претставува основ за раскинување на договорот, а недвижната ствар се враќа во сопственост, стопанисување или користење на Акционерското друштво од членот 16-а став (2) од овој закон.

2. Набавка на недвижни ствари со прибирање на понуди

Член 17

(1) Набавката за прибирање на понуди се врши со објавување на оглас.

(2) Огласот за прибирање понуди особено ги содржи следниве податоци:
– назив и седиште на државниот орган кој ја врши набавката;
– предмет на набавката;
– проценета вредност на набавката;
– начин на плаќање (во готово или на рати);
– рокот за поднесување и начинот на поднесување на понуди;
– адреса на која се доставуваат понудите;
– јазикот на кој се доставуваат понудите и
– сопственичка документација за недвижната ствар предмет на понудата.

(3) Постапката за прибирање на понуди ја спроведува Комисијата со претходно даден оглас во два дневни весника кои се издаваат на македонски јазик, а кои излегуваат најмалку три месеци пред денот на објавувањето на огласот и еден дневен весник кој се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик во општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, на чие подрачје се наоѓаат недвижните ствари предмет на огласот, а кој излегува најмалку три месеци пред денот на објавувањето на огласот.

(4) Рокот за доставување на понудите не може да биде пократок од 10 календарски дена ниту подолг од 30 календарски дена од денот на објавување на огласот до денот на поднесување на понудите.

(5) По истекот на рокот од ставот (4) од овој член, Комисијата доставува известување до подносителите на понудите за времето и местото на јавното отварање на понудите.

(6) За јавното отворање на понудите Комисијата составува записник во кој се внесуваат податоци за понудувачите и за недвижните ствари предмет на понудата.

(7) Комисијата во рок од три дена од денот на јавното отварање на понудите ги доставува понудите заедно со документацијата на овластен проценител заради проценка на понудените недвижности, кој во рок од 30 дена е должен да изготви проценка и да ја достави до Комисијата.

(8) Комисијата во рок од три дена од пристигнувањето на проценките врши евалуација на понудите само на оние понудувачи кои ги исполнуваат условите од огласот и изготвува писмен извештај со предлог за избор на најповолна понуда кој се потпишува од страна на претседателот и членовите на Комисијата и се доставува до одговорното лице на органот кој врши набавка.

(9) При евалуацијата како критериуми за избор на најповолна понуда се сметаат проценета вредност на недвижната ствар која е предмет на понудата, местоположба, површина и катност на недвижната ствар и обезбеденост со инфраструктура.

(10) Врз основа на предлогот за избор на најповолниот понудувач, одговорното лице на државниот орган за чии потреби се врши набавка на недвижна ствар склучува договор со избраниот понудувач.

(11) Стручно-административните работи за склучувањето на договорите за набавка ги врши органот на чиј предлог се врши набавката.

(12) На договорите за набавка на недвижните ствари соодветно се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи.

В. ПРЕСТАНОК И ДАВАЊЕ НА КОРИСТЕЊЕ НЕДВИЖНИ СТВАРИ

Член 18

(1) Недвижните ствари во државна сопственост Владата на Република Македонија со одлука, може времено или трајно да ги даде на користење, со или без надоместок, на државни органи, на правни лица основани од државата, општините, општините во градот Скопје, градот Скопје, здруженија на граѓани и фондации.

(2) Кога недвижните ствари од ставот (1) на овој член се даваат на времено или трајно користење со надоместок, надоместокот ќе го определи Бирото за судски вештачења односно овластен проценител согласно со Законот за процена.

(3) За престанок на користење на недвижни ствари во државна сопственост што ги користат државните органи, правните лица основани од државата, општините општините во градот Скопје, градот Скопје, здруженија на граѓани и фондации, одлучува Владата на Република Македонија.

(4) За престанок и давање на користење на недвижни ствари во државна сопственост кои ги користат државните органи и правните лица основани од државата, општините, општините во градот Скопје, градот Скопје, здруженија на граѓани и фондации, одлучува Владата на Република Македонија.

(5) За престанок на користење на недвижни ствари запишани во Катастарот на недвижности на субјекти кои престанале да постојат во правниот промет, одлучува Владата на Република Македонија.

Член 19

Недвижните ствари во кои се извршуваат, односно треба да се извршуваат работите и задачите на органите на државните органи, правните лица основани од државата, општините, општините во градот Скопје, градот Скопје, здруженија на граѓани и фондации, Владата на Република Македонија ги дава на користење според:
– карактерот и специфичноста на работите и задачите;
– извршување работи и задачи во објект во закуп;
– специфичноста на опремата потребна за вршење на работите и задачите и
– бројот на вработените.

Член 20

(1) Одговорното лице на државниот орган, односно органот на управување кој раководи со правното лице основано од државата, врши внатрешно распоредување и го определува начинот на користење на недвижните ствари во кои се извршуваат работите и задачите на органот како и на движните ствари потребни за извршување на работите и задачите на органот.

(2) За внатрешното распоредување и определувањето на начинот на користење на недвижните ствари во кои се извршуваат работите и задачите на органите во состав на државните органи кои имаат својство на правно лице како и на движните ствари потребни за извршување на нивните работи и задачи одлучува Владата на Република Македонија.

Г. ДАВАЊЕ НА КОРИСТЕЊЕ НЕДВИЖНИ СТВАРИ ВО ОПШТИНСКА СОПСТВЕНОСТ НА ДРЖАВНИ ОРГАНИ И ПРАВНИ ЛИЦА ОСНОВАНИ ОД ДРЖАВАТА

Член 21

(1) Недвижните ствари во сопственост на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, Советот на општината, односно Советот на општините во градот Скопје и Советот на град Скопје, со одлука може времено или трајно да ги дадат на користење, со или без надоместок, на државни органи и на правни лица основани од државата.

(2) За престанок на правото на користење на стварите од ставот (1) на овој член одлучува на Советот на општината, односно Советот на општините во градот Скопје и Советот на град Скопје.

(3) Одлуката на Советот на општината, односно Советот на општините во градот Скопје и Советот на град Скопје, е основ за запишување во Јавната книга за запишување на правата на недвижностите.

Д. ПРОДАЖБА НА НЕДВИЖНИ СТВАРИ

Член 22

Недвижните ствари кои државните органи трајно престанале да ги користат може да се продадат.

Член 23

(1) За продажба на недвижните ствари одлучува Владата на Република Македонија, на предлог на државниот орган на кој му престанала потребата од користење на недвижната ствар.

(2) Предлогот за продажба на недвижни ствари го доставува одговорното лице во органот.

(3) Продажбата на недвижните ствари се врши со електронско јавно наддавање или со непосредна спогодба.

(4) Предлогот за продажба на недвижната ствар ја содржи почетната цена на недвижноста изразена во денари.

(5) Државниот орган е должен да обезбеди процена на недвижноста согласно со Методологијата за процена на пазарна вредност на недвижен имот донесена врз основа на Законот за процена. Проценетата вредност на недвижноста претставува почетна цена на недвижноста при продажбата.

Продажба на движни ствари и недвижни ствари кои претставуваат нераздвојна или технички-технолошка поврзана целина со недвижна ствар или движна ствар која е во сосопственост на државата и трети лица

Член 23-а

Доколку се јави потреба за продажба на движни ствари и недвижни ствари стекнати во други постапки во корист на Република Северна Македонија, кои претставуваат функционално нераздвојна или технички-технолошка поврзана целина со недвижна ствар или движна ствар која е во сосопственост на државата и трети лица, а каде државата се јавува како доминантен сосопственик, постапката за продажба на движните ствари и недвижните ствари како неделива целина може да ја спроведе Комисијата согласно одредбите за продажба на недвижни ствари од овој закон, по претходно добиена согласност од сите сосопственици.

Остварените средства од продажбата на стварите од ставот 1 на овој член Комисијата ги распределува сразмерно на идеалните делови на секој сосопственик.

1. Продажба на недвижни ствари со електронско јавно наддавање

Член 24

(1) Продажбата на недвижните ствари што ги користат државните органи се врши со електронско јавно наддавање, преку електронскиот систем за јавно наддавање со кој управува и оперира Министерството за финансии – Управа за имотно правни работи.

(2) За користењето на електронскиот систем за јавно наддавање државните органи и правните лица основани од државата кои вршат продажба на недвижни и движни ствари, согласно условите определени во овој Закон, не плаќаат надоместок.

(3) Постапката за електронско јавно наддавање ја спроведува Комисијата за недвижни и движни ствари со претходно дадена објава на електронскиот систем за јавно наддавање и во два дневни весника кои се издаваат на македонски јазик, а излегуваат најмалку три месеци пред денот на објавувањето на објавата и еден дневен весник кој се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик во општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, на чие подрачје се наоѓаат недвижните ствари предмет на објавата, а излегува најмалку три месеци пред денот на објавувањето на објавата.

(4) Објавата за продажба на недвижните ствари задолжително ги содржи следниве податоци за:
– недвижната ствар која е предмет на продажба (површина и број на катастарска парцела каде се наоѓа, катастарска општина и број на имотен лист, број на зграда, намена на зграда, број на влез, број на посебен дел од зграда);
– урбанистичко-планска документација за земјиштето на кое се наоѓа недвижната ствар која е предмет на продажба;
– почетната цена за недвижната ствар која е предмет на продажба;
– рокот за поднесување и начинот на поднесување на пријавите за учество на јавното наддавање;
– времето на започнување на јавното наддавање;
– условите за учество на јавно наддавање за странските физички и правни лица;
– услови за учество на јавното наддавање за домашни физички и правни лица;
– банкарска гаранција за сериозност на понудата во висина од 2% од проценетата вредност на недвижната ствар;
– обврската на најповолниот понудувач да ги уплати средствата во рок од 15 дена од денот на приемот на писменото известување за избор, во спротивно нема да се пристапи кон склучување на договор, а банкарската гаранција за сериозност на понудата ќе биде активирана а понудувачот во период од една година нема да може да учествува на секое идно јавно наддавање за предметните недвижни ствари;
– начинот и постапката за спроведување на наддавањето (начин на легитимирање на учесниците на јавно наддавање, потребен број на учесници согласно со закон, дефинирање на почетокот на јавното наддавање, рокот за уплата на најповолната понуда, обврски за исплата на данокот на промет, обврска за трошоците за солемнизација на договорот и право на приговор) и
– интернет страницата на која ќе се врши јавното наддавање.

(5) Во објавата за продажба можат да се пропишат посебни услови кои треба да ги исполнат учесниците на јавното наддавање, а кои услови не се предвидени со членовите 31 и 40 од овој закон.

Член 25

(1) За недвижната ствар која е предмет на објавата на јавно наддавање, можат да се пријават за учество сите заинтересирани домашни и странски физички и правни лица кои можат да се стекнат со сопственост на недвижните ствари на територијата на Република Македонија согласно со закон и кои ги исполнуваат условите дадени во објавата.

(2) Комисијата е должна во објавата да утврди рок за поднесување на пријавата за учество на јавното наддавање.

(3) Рокот од ставот (2) на овој член не може да биде пократок од 10 календарски дена ниту подолг од 30 календарски дена, сметајќи од денот на објавувањето на објавата до денот на поднесувањето на пријавите.

(4) Пријавата за учество на јавното наддавање се поднесува електронски и треба да ги содржи сите податоци и докази кои се утврдени во објавата за електронско јавно наддавање освен банкарската гаранција за сериозност на понудата која треба да се достави и во писмена форма.

(5) Комисијата по приемот на пријавите утврдува дали се доставени во определениот рок и дали се комплетирани согласно со условите во објавата по што ги известува подносителите на пријавите по електронски пат. На подносителите на пријавите кои се комплетни, комисијата во рок од три дена од денот на доставувањето на понудите им доставува корисничко име и шифра за учество на јавното наддавање, а на подносителите на пријавите кои не доставиле комплетна документација им доставува известување со образложение дека нема да учествуваат на јавното наддавање.

(6) Подносителите на пријави кои доставиле комплетни пријави за учество на јавното наддавање согласно со објавата, на денот на спроведување на јавното наддавање се регистрираат на интернет страницата наведена во објавата со корисничко име и шифрата за учество на јавното наддавање, по што имаат право на учество на јавното наддавање.

(7) Јавното наддавање ќе се одржи доколку учесниците ги исполнуваат условите дадени во објавата. Јавното наддавање ќе се одржи, доколку по објавата се пријавил и само еден учесник кој ги исполнува условите дадени во објавата и ја прифати почетната цена.

(8) Банкарската гаранција за сериозност на понудата за учество на јавното наддавање му се враќа на подносителот на пријавата во рок од 15 дена од денот на одржувањето на јавното наддавање, а банкарската гаранција на најповолниот понудувач му се враќа во рок од 15 дена од денот на уплатата на вкупната сума постигната на јавното наддавање.

Член 26

(1) Јавното наддавање започнува со објавување на вкупната почетна цена на недвижната ствар и се спроведува по пат на наддавање од страна на учесниците.

(2) Во првите пет минути од јавното наддавање учесниците можат да ја прифатат, односно зголемуваат цената на недвижната ствар. Јавното наддавање се смета за завршено во моментот на истекот на времето определено во објавата, при што доколку во истекот на последните две минути од определеното време за траење на јавното наддавање од страна на учесниците е дадена понуда, крајниот рок за завршување на јавното наддавање се продолжува за уште две минути, а ќе заврши кога за период од следните две минути нема нова дадена понуда.

(3) Јавното наддавање продолжува неограничено се додека во временски интервал од две минути има нова понуда.

(4) Доколку во првите пет минути од јавното наддавање не е прифатена понудата, односно не е дадена повисока понуда од учесникот на јавното наддавање, вредноста на недвижната ствар се намалува за 2% по што учесниците на јавното наддавање повторно ќе имаат можност да ја прифатат, односно зголемуваат цената на недвижната ствар без притоа да се ограничува минималниот чекор на зголемување. Доколку во истекот на последните две минути од вторите пет минути од јавното наддавање од страна на учесниците е прифатена понудата, односно дадена е повисока понуда, крајниот рок за завршување на јавното наддавање се продолжува за уште две минути, а ќе заврши кога за период од следните две минути нема дадено нова понуда. Доколку во времетраење од пет минути повторно нема понуда, вредноста на недвижната ствар повторно се намалува за 2% од првичната проценета вредност.

(5) Намалувањето на вредноста на недвижната ствар во текот на наддавањето, доколку станува збор за објава по првпат може да биде најмногу до 30% од проценетата вредност без разлика колку понудувачи се јавиле на јавното наддавање.

(6) Намалувањето на вредноста на недвижната ствар во текот на наддавањето, доколку станува збор за објава по вторпат може да биде најмногу до 30%, доколку на јавното наддавање се пријавил само еден заинтересиран учесник, а доколку се пријавиле двајца или повеќе учесници, намалувањето на вредноста на недвижната ствар може да биде до најмногу 50% од проценетата вредност.

Член 27

(1) За најповолен понудувач се смета учесникот на јавното наддавање кој понудил последна цена која претставува највисока цена за продажба на недвижните ствари.

(2) Комисијата по завршувањето на јавното наддавање изготвува записник за спроведеното јавно наддавање кој се доставува до сите учесници на јавното наддавање.

(3) Најповолниот понудувач во рок од 15 дена од приемот на писменото известување за избор е должен да ги уплати средствата од ставот (1) на овој член, а доколку не ги уплати средствата во овој рок нема да пристапи кон склучување на договор, банкарската гаранција ќе биде активирана и понудувачот во период од една година нема да може да учествува на секое идно наддавање за предметните недвижни ствари

(4) По завршувањето на постапката за јавно наддавање, со најповолниот понудувач, во рок од петнаесет работни дена по извршената уплата на цената на недвижните ствари, одговорното лице на државниот орган корисник на недвижноста, склучува договор за продажба на недвижните ствари. На договорот за продажба на недвижните ствари соодветно се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи.

Член 28

(1) Учесниците на јавното наддавање имаат право на приговор само по однос на постапката на јавното наддавање, во рок од три дена од одржувањето на јавното наддавање до Комисијата која одлучува по приговорот со решение во рок од пет дена од приемот на приговорот.

(2) Против решението од ставот (1) на овој член може да се изјави жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Член 29

(1) Договорот за продажба на недвижните ствари се склучува во писмена форма и особено содржи страни на договорот, предмет на договорот, односно конкретни податоци за недвижните ствари и обврска за купувачот за плаќање на данокот на промет и за нотарските трошоци.

(2) Договорот кој не ги содржи елементите од ставот (1) на овој член е ништовен.

(3) По склучувањето на договорот купувачот во рок од 30 дена истиот го доставува кај нотар заради вршење на солемнизација.

Член 30

Избришан 

3. Продажба на недвижни ствари со непосредна спогодба

Член 31

(1) Недвижна ствар со непосредна спогодба може да се продава врз основа на одлука на Владата на Република Македонија.

(2) Недвижната ствар од ставот 1 на овој член се продава со услов, а заради нејзино користење за опредeлена намена, во случаи на:
– користење на недвижна ствар за определена намена од областа на одбраната и безбедноста на Република Македонија (производи и услуги за потребите на одбраната и безбедноста);
– користење на недвижната ствар за научни, културни и образовни потреби;
– кога со продажба на недвижната ствар се презема и обврска за преземање на работници вработени во државните органи;
– користење на недвижната ствар за потребите на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје;
– користење на недвижната ствар од здруженија на граѓани и фондации за остварување на непрофитни дејности од интерес за Република Македонија;
– користење на недвижната ствар за изведување на научни, културни и образовни проекти од интерес за Република Македонија и
– користење на недвижната ствар за потребите на организациите и специјализираните агенции на Обединетите нации, Советот на Европа и НАТО.

(3) Кога недвижната ствар е продадена на начин определен со ставот (1) на овој член, а недвижната ствар се користи спротивно на намената за кој е продадена недвижната ствар со непосредна спогодба, ќе се смета дека купувачот не го исполнил условот од одлуката, односно договорот за продажба, што е основ за поништување на договорот.

(4) Договорот за продажба на недвижната ствар со непосредна спогодба, задолжително содржи обврска на државниот орган за следење на исполнување на условот од ставот (2) на овој член.

(5) Обврската за исполнување на условот од ставот (2) на овој член се однесува и на правните следбеници на купувачите.

Член 32

Кога се продава недвижна ствар со непосредна спогодба врз основа на одлука на Владата на Република Македонија, со одлуката се определува непосредниот купувач и вредноста на недвижната ствар, определена од Бирото за судски вештачења односно овластен проценител согласно со Законот за процена.

Ѓ. РАЗМЕНА НА НЕДВИЖНИ СТВАРИ

Член 33

(1) Размена на недвижни ствари може да се врши ако со размената се стекнува посоодветна недвижна ствар во која можат да се извршуваат работите и задачите на државниот орган, односно правните лица основани од државата.

(2) Размена на недвижни ствари во државна сопственост може да се врши меѓу државните органи и меѓу правните лица основани од државата.

(3) Стварите во државна сопственост може да се разменуваат и со недвижен имот сопственост на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, или сопственост на трети лица.

Член 34

(1) За размена на недвижните ствари одлучува Владата на Република Македонија, на предлог на државниот орган, односно правното лице основано од државата.

(2) Предлогот за размена ја содржи потребата за размена, вредноста на недвижната ствар во државна сопственост и вредноста на недвижната ствар во општинска, односно приватна сопственост за кои се предлага размената, како и податоци за недвижните ствари кои се предмет на размена (место, улица број, катастарска парцела, катастарска општина и површина).

(3) Вредноста на недвижните ствари од ставот (2) на овој член што се предмет на размена, се утврдува според проценетата вредност согласно со Законот за процена.

(4) Одлуката на Владата на Република Македонија за размена на недвижни ствари претставува основ за промена на сопственоста во Катастарот на недвижности.

Член 35

(1) Кога се врши размена на недвижни ствари меѓу државните органи и правните лица основани од државата и притоа постои разлика во вредноста на недвижните ствари што се разменуваат, разликата во вредноста не се надоместува.

(2) Кога се врши размена на недвижни ствари во државна сопственост со недвижни ствари во сопственост на општините, општините во градот Скопје и Градот Скопје или со недвижни ствари во сопственост на трети лица и притоа постои разлика во вредноста на недвижните ствари што се разменуваат, размената може да се изврши само доколку се плати разликата во вредноста.

(3) По исклучок од ставот (2) од овој член разликата во вредноста нема да се надоместува ако сопственикот на недвижната ствар што има поголема вредност од другата ствар со која се врши размена со нотарски заверена изјава се откаже од правото на надоместок за разликата во вредноста.

Е. ДАВАЊЕ ВО ЗАКУП НА НЕДВИЖНИ СТВАРИ

Член 36

(1) Недвижните ствари кои државните органи ги користат, може да се дадат во закуп, при што не смее да се наруши функцијата на државните органи.

(2) За давањето на недвижни ствари во закуп одлучува Владата на Република Македонија.

(3) По исклучок од ставот (2) на овој член, одговорното лице на државниот орган може да одлучи недвижна ствар или дел од недвижна ствар да се даде во закуп по престанок на работното време на државниот орган (со или без опрема) при што не смее да се наруши функцијата на државниот орган.

Член 37

(1) Давањето на недвижни ствари во закуп се врши со електронско јавно наддавање и со непосредна спогодба.

(2) Недвижните ствари дадени во закуп не можат да се даваат во подзакуп.

Член 38

(1) Висината на почетната месечна закупнина изнесува 0,5% од проценетата вредност на недвижната ствар.

(2) Вредноста на недвижната ствар од ставот (1) на овој член ја определува Бирото за судски вештачења односно овластен проценител, согласно со Законот за процена.

1. Давање во закуп недвижни ствари со електронско јавно наддавање

Член 39

За давање на недвижни ствари во закуп со електронско јавно наддавање, соодветно се применуваат одредбите од овој закон со кои е уредена постапката за продажба на недвижни ствари со електронско јавно наддавање.

2. Давање во закуп недвижни ствари со непосредна спогодба

Член 40

(1) Владата на Република Македонија, на образложен предлог на одговорното лице на државниот орган, може да одлучи определена недвижна ствар да се даде во закуп со непосредна спогодба.

(2) Недвижна ствар од ставот (1) на овој член се дава во закуп со услов, а заради нејзино користење за определена намена во случаи на:
– користење на недвижна ствар за определена намена од областа на одбраната и безбедноста на Република Македонија (производи и услуги за потребите на одбраната и безбедноста);
– користење на недвижната ствар за научни, културни и образовни потреби;
– кога со давање во закуп на недвижната ствар се презема и обврска за преземање на работници вработени во државните органи;
– користење на недвижната ствар за потребите на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје;
– користење на недвижната ствар од здруженија на граѓани и фондации за остварување на непрофитни дејности од интерес за Република Македонија;
– користење на недвижната ствар за изведување на научни, културни и образовни проекти од интерес за Република Македонија;
– користење на недвижната ствар за потребите на организациите и специјализираните агенции на Обединетите нации, Советот на Европа и НАТО и
– користење на недвижна ствар за потребите и во функција на граничните премини.

(3) Кога недвижната ствар е дадена во закуп на начин определен со ставот (1) на овој член, а недвижната ствар се користи спротивно на намената за која е дадена во закуп недвижната ствар со непосредна спогодба, ќе се смета дека закупецот не го исполнил условот од одлуката, односно договорот за закуп, што е основ за поништување на договорот.

(4) Кога недвижна ствар се дава во закуп со непосредна спогодба, врз основа на одлука на Владата на Република Македонија, со одлуката, на предлог на одговорното лице на државниот орган се определува закупецот и висината на закупнина.

Член 40-а

Договорите за закуп на недвижна ствар можат да се раскинат врз основа на спогодба меѓу договорните страни во писмена форма на која претходна согласност дава Владата на Република Македонија, а врз основа на направена процена од страна на Бирото за судски вештачења и претходно прибавено позитивно мислење од Државно правобранителство на Република Македонија

III. ДВИЖНИ СТВАРИ

А. ЗАЕДНИЧКИ ОДРЕДБИ

Член 41

Државните органи и правните лица основани од државата ги користат движните ствари во согласност со нивната намена и работите и задачите што ги вршат.

Член 42

(1) Движните ствари кои не се штетни по животната средина и здравјето, а кои државните органи или правните лица основани од државата, времено или трајно престанале да ги користат заради неисправност, технолошка некомпатибилност, технолошка застареност или се вишок, можат да се дадат на користење, да се продадат или да се разменат.

(2) За движните ствари од ставот (1) на овој член кои се штетни по здравјето и животната средина, државниот орган корисник или правното лице основано од државата се должни да преземат соодветни мерки предвидени со закон, заради заштита на здравјето и животната средина.

(3) За движните ствари кои поради нивната дотраеност, неупотребливост, или технолошка застареност не ги користат државните органи или правните лица основани од државата, не можат да се продадат или разменат, државните органи или правните лица основани од државата, врз основа на одлука за согласност од Владата на Република Македонија се должни да спроведат постапка за избор на правно лице кое врши дејност или поседува дозвола за собирање и/или транспортирање, преработка, рециклирање и уништување на отпад, доколку со друг закон поинаку не е определено.

(4) Примопредавањето на движните ствари од ставот (3) на овој член, се врши врз основа на записник кој го потпишуваат членовите на Комисијата и одговорното лице на избраното правно лице кое врши дејност или поседува дозвола за собирање и/или транспортирање, преработка, рециклирање и уништување на отпад.

(5) Записникот од ставот (4) на овој член претставува основ за бришење на движните ствари од внатрешната евиденција на државниот орган, односно правното лице основано од државата, воспоставена согласно со сметководствените прописи.

(6) Владата на Република Македонија може да определи државен орган или служба, кој/која во име на повеќе државни органи или правни лица основани од државата ќе спроведе постапка за избор на правно лице кое врши дејност или поседува дозвола за собирање и/или транспортирање на отпад, согласно со закон.

1. Набавка на движни ствари

Член 43

Движните ствари потребни за извршување на работите и задачите на државните органи и правните лица основани од државата се набавуваат на начин и во постапка утврдени со Законот за јавните набавки.

2. Престанок и давање на користење на движни ствари

Член 44

(1) Движните ствари во државна сопственост Владата на Република Македонија со одлука, може времено или трајно да ги даде на користење, со или без надоместок, на државни органи, на правни лица основани од државата, општините, општините во градот Скопје, градот Скопје, здруженија на граѓани и фондации.

(2) Кога движните ствари од ставот (1) на овој член се даваат на времено или трајно користење со надоместок, надоместокот ќе го определи овластен проценител согласно со Законот за процена.

(3) Движните ствари во државна сопственост за кои времено или трајно престанала потребата за користење од државните органи и правните лица основани од државата, можат времено или трајно да се дадат на користење на други државни органи, правни лица основани од државата, општините, општините во градот Скопје, градот Скопје, здруженија на граѓани и фондации, кои имаат потреба од користење на движните ствари.

(4) За престанок и давање на користење на движните ствари од ставот (3) на овој член одлука донесува Владата на Република Македонија, врз основа на која се склучува договор со кој се уредуваат правата и обврските за движните ствари кои се даваат на времено или трајно користење.

(5) Договорот од ставот (4) на овој член го склучува одговорното лице на органот, односно одговорното лице на правното лице основaно од државата.

(6) За престанок на користење на движни ствари во државна сопственост што ги користеле субјекти кои престанале да постојат во правниот промет, одлучува Владата на Република Македонија.

3. Пренесување на правото на сопственост на движни ствари

Член 45

(1) Ако движните ствари во државна сопственост не му се потребни на друг државен орган, или правно лице основано од државата, правото на сопственост на движните ствари во државна сопственост со или без надоместок, може да се пренесе на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје или на здруженија на граѓани и фондации.

(2) За престанок на користење и пренесување на правото на сопственост на движните ствари од ставот (1) одлучува Владата на Република Македонија.

(3) Правата и обврските при пренесувањето на правото на сопственост на движните ствари од ставот (1) на овој член се врши со договор кој го склучува одговорното лице на органот, односно органот на управување кој раководи со правното лице основано од државата.

4. Продажба на движни ствари

Член 46

Движните ствари во државна сопственост за кои кај државните органи, односно правните лица основани од државата, трајно престанала потребата од користење, можат да се продадат на начин и во постапка определена со овој закон, доколку со друг закон поинаку не е определено.

Член 47

(1) За продажбата на движните ствари во државна сопственост одлучува Владата на Република Македонија на предлог на одговорното лице на органот, односно органот на управување кој раководи со правното лице основано од државата.

(2) Кога се врши продажба на движни ствари во државна сопственост постапката за продажба ја спроведува Комисијата.

(3) Договорот за продажба на движни ствари во државна сопственост го склучува одговорното лице на органот, односно органот на управување кој раководи со правното лице основано од државата.

Член 48

(1) Продажбата на движните ствари во државна сопственост, се врши со електронско јавно наддавање.

(2) Почетна цена на движните ствари што се предмет на продажба со електронско јавно наддавање е проценетата вредност на движната ствар утврдена согласно со Законот за процена.

(3) Државниот орган, односно правното лице основано од државата, се должни да обезбедат процена на движната ствар согласно со Законот за процена.

Член 49

Во постапката за продажба на движни ствари во државна сопственост со електронско јавно наддавање соодветно се применуваат одредбите на овој закон со кои е уредена постапката за продажба на недвижни ствари со електронско јавно наддавањe.

5. Размена на движни ствари

Член 50

Размена на движни ствари може да се врши ако со размената се стекнува посоодветна движна ствар со која можат да се извршуваат работите и задачите на државниот орган, односно правното лице основано од државата.

Член 51

(1) Размена на движни ствари во државна сопственост може да се врши меѓу државните органи и меѓу правни лица основани од државата.

(2) Движните ствари во државна сопственост од ставот (1) на овој член, може да се разменуваат и со движни ствари кои се во сопственост на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, или сопственост на трети лица.

(3) Кога размената на движни ствари се врши меѓу државните органи и правни лица основани од државата и општините, општините во градот Скопје и градот Скопје и трети лица, за размената одлучува Владата на Република Македонија.

Член 52

Вредноста на движните ствари во државна сопственост предмет на размена се утврдува од страна на Бирото за судски вештачења односно овластен проценител согласно со Законот за процена.

Член 53

Кога се врши размена на движни ствари во државна сопственост меѓу државните органи и правните лица основани од државата, а притоа постои разлика во вредноста на движните ствари што се разменуваат, разликата во вредноста не се надоместува.

Член 54

(1) Кога се врши размена на движни ствари меѓу државните органи, правни лица основани од државата, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје и трети лица, а притоа постои разлика во вредноста на движната ствар што се разменува, размената може да се изврши само доколку се плати разликата во вредноста.

(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, разликата во вредноста нема да се надоместува ако сопственикот на движната ствар што има поголема вредност од другата ствар со која се врши размена, со нотарски заверена изјава се откаже од правото на надоместок за разликата во вредноста.

6. Давање во закуп на движни ствари

Член 54-а

Движните ствари во државна сопственост за кои кај државните органи и правните лица основани од државата престанала потребата од користење, може да се дадат во закуп.

Член 54-б

(1) За давање во закуп на движните ствари во државна сопственост одлучува Владата на Република Македонија на предлог на одговорното лице на органот, односно органот на управување на правното лице основано од државата.

(2) Постапката за давање во закуп на движни ствари ја спроведува Комисијата.

(3) Договорот за давање во закуп на движни ствари го склучува одговорното лице на органот, односно органот на управување на правното лице основано од државата.

Член 54-в

(1) Давањето во закуп на движни ствари во државна сопственост се врши со електронско јавно наддавање.

(2) Вредноста на движните ствари што се даваат во закуп се утврдува според сметководствената вредност на движните ствари и истата претставува почетна закупнина во постапката за електронско јавно наддавање.

Член 54-г

Во постапката за давање во закуп на движни ствари во државна сопственост со електронско јавно наддавање соодветно се применуваат одредбите од овој закон со кој е уредена постапката за продажба на недвижни ствари со електронско јавно наддавање.

IV. ДАВАЊЕ И ПРИМАЊЕ ДАРОВИ

Член 55

Република Македонија и државните органи, односно нивни претставници можат да примаат и да даваат дарови.

Член 56

Владата на Република Македонија со пропис ги уредува критериумите, начинот на давање и примање дарови, пријавувањето на даровите, начинот на процена на даровите, начинот на доплата за личен дар, како и користењето, чувањето и евиденцијата на стварите што станале државна сопственост по пат на дар.

V. ЕВИДЕНЦИЈА НА НЕДВИЖНИ СТВАРИ ШТО ГИ КОРИСТАТ ДРЖАВНИТЕ ОРГАНИ

Член 57

(1) Агенцијата за катастар на недвижности воспоставува единствена евиденција врз основа на Единствен идентификационен број (ЕИБ), за недвижниот имот во државна сопственост, како и недвижниот имот во државна сопственост што го користат државните органи и правните лица основани од државата.

(2) Владата на Република Македонија на предлог на Агенцијата за катастар на недвижности ќе го утврди Единствениот идентификационен број (ЕИБ) за државните органи и правните лица основани од државата.

Член 58

Избришан 

Член 59

Избришан 

Член 60

Избришан 

Член 61

Избришан 

Член 62

Избришан 

Член 63

Избришан 

Член 64

Избришан 

VI. ПОСЕБНИ ОДРЕДБИ

Член 65

(1) Недвижните ствари што ги користат државните органи, и правните лица основани од државата, за кои не може да се утврди основот за стекнување на правото на сопственост, се запишуваат во Катастарот на недвижности, врз основа на одлука на Владата на Република Македонија.

(2) Владата на Република Македонија, одлуката од ставот (1) на овој член, ја донесува на предлог на Државното правобранителство на Република Македонија.

(3) Државните органи и правните лица основани од државата, кои користат недвижни ствари за кои не може да се утврди основот за стекнување на правото на сопственост поднесуваат барање до Државното правобранителство на Република Македонија заради спроведување на постапка за запишување на правата на недвижностите во корист на Република Македонија во Катастарот на недвижности.

(4) По исклучок од ставот (3) на овој член, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје за недвижните ствари за кои не може да се утврди основот за стекнување на правото на сопственост, може да поднесат барање до Државното правобранителство на Република Македонија заради спроведување на постапка за запишување на правата на недвижностите во корист на Република Македонија во Катастарот на недвижности.

(5) Кон барањето од ставовите (3) и (4) на овој член, државните органи, правните лица основани од државата, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, се должни да достават известување дека за недвижната ствар која е предмет на запишување не се води постапка за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект.

(6) По утврдувањето на правото на сопственост на недвижните ствари, Агенцијата за кататстар на недвижности по службена должност ќе го запише правото на сопственост во Катастарот на недвижности.

Член 66

Правата и интересите на Република Македонија, односно на државните органи, во постапката за запишување на правата на недвижностите ги застапува Државното правобранителство на Република Македонија.

Член 67 

1) Одредбите од овој закон кои се однесуваат на продажба и закуп на недвижни и продажба на движни ствари со електронско јавно наддавање соодветно се применуваат и при продажбата и давањето во закуп на недвижни и продажбата на движни ствари во општинска сопственост.

2) Одредбите од овој закон не се применуваат во постапките за давање во закуп на недвижни ствари на правните лица основани од општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, од областа на културата, спортот, образованието, детската и социјалната заштита.

Член 67-а

(1) Недвижните ствари за кои е издаден лист за предбележано право на градба во корист на општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје, може да се продаваат согласно одредбите на овој закон.

(2) Продажбата на недвижните ствари од ставот (1) на овој член, се врши врз основа на Одлука донесена од страна на Советот на општината, Советот на општините во градот Скопје и Советот на град Скопје, по претходна проценка на вредноста на недвижната ствар за која е издаден лист за предбележано право на градба, согласно Законот за процена“. 

(3) Објавата за продажба на стварите од ставот (1) на овој член, покрај податоците од член 24 став (4) содржи и податоци од листот за предбележано право на градба.

(4) По завршување на постапката за продажба од ставот (1) на овој член, со најповолниот понудувач во рок 15 дена се склучува преддоговор во кој се утврдуваат условите, начинот и роковите за плаќање на цената постигната на јавното наддавање, како и роковите за склучување на договор за продажба по запишувањето на правото на сопственост на недвижната ствар за која било предбележано правото на градба.

Член 67-б

(1) Набавка на недвижна ствар за потребите на државен орган може да се врши и со учество во постапки за продажба на недвижни ствари во општинска сопственост како и за ствари за кои е издаден лист за предбележано право на градба во корист на општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје.

(2) За набавката на недвижна ствар од ставот (1) од овој член, донесува одлука Владата на Република Македонија на предлог на државниот орган кој врши набавката.

(3) Одлуката за учество во постапките од ставот (1) на овој член, го содржи и максималниот процент од проценeтата вредност на стварта до кој државниот орган ќе може да наддава, а кој не може да биде повисок од 30% од проценeтата вредност на стварта.

(4) Државниот орган за учество во постапката од ставот (1) на овој член, наместо банкарската гаранција за сериозност на понудата, ја доставува одлуката на Владата на Република Македонија од став (2) на овој член.

VII. КАЗНЕНИ ОДРЕДБИ

Член 68

Избришан 

Член 69

Избришан 

Член 70

Глоба во износ од 400 до 800 евра во денарска противвредност ќе им се изрече за прекршок на претседателот и членовите на Комисиите за недвижни и движни ствари и нивните заменици, доколку не ја почитуваат постапката и роковите утврдени со овој закон за:
– продажба на недвижни ствари (членови 22 до 29);
– давање во закуп на недвижни ствари (членови 36 до 40);
– набавка на недвижни ствари (член 17) и
– продажба на движни ствари (членови 46 до 49).

Член 71

Глоба во износ од 400 до 800 евра во денарска противвредност ќе им се изрече за прекршок на претседателот и членовите на комисиите кои спроведуваат постапка за продажба на недвижен имот во единиците на локалната самоуправа и градот Скопје и нивните заменици, доколку не ги почитуваат постапката и роковите утврдени со овој закон за продажба на недвижни ствари со електронско јавно наддавање.

Член 72

Избришан 

VIII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 73

Започнатите постапки за давање, за престанок и давање на користење, размена, продажба и закуп на недвижни и движни ствари, до денот на влегувањето во сила на овој закон ќе продолжат според законот по кој се започнати.

Член 74

Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за користење и располагање со стварите на државните органи („Службен весник на Република Македонија“ број 8/2005, 150/2007, 35/11, 166/12,137/13, 188/13, 27/14 и 180/14).

Член 75

Прописите што се предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 76

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.