Закон за класифицирани информации

ГЛАВА ПРВА

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој закон се уредуваат класификацијата на информациите, условите, критериумите, мерките и активностите што се преземаат за нивна заштита и безбедност, правата, обврските и одговорноста на создавачите и корисниците на класифицирани информации, национална и меѓународната размена, инспекцискиот надзор над спроведувањето на овој закон, како и други прашања во врска со пристапот и ракувањето со класифицирани информации.

Член 2

Обврска за заштита на класифицираните информации согласно со овој закон имаат сите корисници на класифицирани информации што имале пристап и/или биле запознаени со нивната содржина.

Член 3

Целта на овој закон е обезбедување на законито користење на класифицирани информации и оневозможување на секаков вид незаконит или неовластен пристап, злоупотреба и компромитирање на информациите.

Член 4

Одредбите од овој закон се применуваат на националните класифицирани информации и на класифицираните информации примени од странски држави и меѓународни организации или создадени во меѓусебна соработка, доколку со меѓународните договори ратификувани согласно со Уставот на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: ратификуваните меѓународни договори), поинаку не е уредено.

Член 5

За заштитата на класифицираните информации и примената на меѓународните стандарди, за реализирање на размената на класифицирани информации согласно со ратификуваните меѓународни договори, за вршење инспекциски надзор на спроведувањето на одредбите од овој закон и другите прописи од областа на класифицираните информации, како и за вршење на други работи утврдени со овој закон, е надлежна Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации (во натамошниот текст: Дирекција).

Значење на изразите употребени во овој закон

Член 6

Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:

1. „Информација“ е сознание кое може да биде пренесено во било која форма;

2. „Информација од интерес за Република Северна Македонија“ е секоја информација изготвена од орган на државната и локалната власт основан согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, правно лице основано од Републиката или од општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, физичко или правно лице, како и од странски државен орган, односно странско физичко или правно лице, која се однесува на безбедноста и одбраната на државата, нејзиниот територијален интегритет и суверенитет, уставниот поредок, јавниот интерес и слободите и правата на човекот и граѓанинот;

3. „Класифицирана информација“ е информација од делокругот на работа на орган на државната и локалната власт основан согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, правно лице основано од Републиката или од општините, градот Скопје и општините во градот Скопје или други правни лица којашто се однесува на јавната безбедност, одбраната, надворешните работи или безбедносни или разузнавачки активности на државата која согласно со закон мора да се заштити од неовластен пристап и е обележана со соодветен степен на класификација согласно со овој закон. Класифицирани информации може да претставуваат и документи, технички средства, машини, опрема, односно одвоени компоненти или оружје или алати што се произведени или се во процес на производство, како и доверливите пронајдоци што се однесуваат на одбраната и се од интерес на безбедноста на државата;

4. „Документ“ е секој пишан текст, нацрт или скица, репродукција, копија, фотографија, аудио, видео, магнетски, електронски, оптички или друг вид на запис, во кој се содржани информации;

5. „Штета“ е повреда на интересите на државата како последица од загрозување на безбедноста на класифицираните информации од интерес за Република Северна Македонија или информациите кои Република Северна Македонија е обврзана да ги заштитува согласно со ратификуваните меѓународни договори;

6. „Безбедносен ризик“ е можност за нарушување на безбедноста на класифицираната информација;

7. „Безбедност на класифицирана информација“ е збир на активности и мерки со кои се обезбедува заштитата на класифицираните информации од неовластен пристап и неовластено ракување;

8. „Безбедносен сертификат за физичко лице“ е документ со кој се потврдува дека за физичкото лице не постои безбедносен ризик за пристап и ракување со класифицирани информации;

9. „Безбедносен сертификат за правно лице“ е документ со кој се потврдува дека за правното лице не постои безбедносен ризик и дека поседува физички или организациски капацитети за ракување со класифицирани информации и/или за чување на класифицирани информации, согласно со закон;

10. „Дозвола за пристап до класифицирани информации“ е документ со кој се потврдува дека странското физичко или правно лице има безбедносен сертификат издаден во матичната држава и има право на пристап и користење на класифицирани информации во Република Северна Македонија;

11. „Потребно е да знае“ е принцип според кој се утврдува корисникот кој има потреба за пристап до класифицирани информации заради извршување на функцијата или на службената должност и службените овластувања, на дејноста или за спроведување на класифицирани договори;

12. „Создавач на класифицирана информација“ е овластен изработувач на класифицирана информација. Создавачи на класифицирани информации се органите на државната и локалната власт основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, правни лица основани од Републиката или од општините, градот Скопје и општините во градот Скопје и други физички или правни лица, што создаваат информации од значење за јавната безбедност, одбраната, надворешните работи и безбедносните и разузнавачките активности на државата;

13. „Дисеминација на класифицирани информации“ претставува распоредување на класифицирани информации согласно со принципот „потребно е да знае” до лица кои поседуваат соодветен безбедносен сертификат;

14. „Корисник на класифицирана информација“ е физичко или правно лице кое има потреба за пристап до класифицирани информации заради извршување на функцијата, службената должност и службените овластувања или за спроведување на класифицирани договори и кое има безбедносен сертификат, соодветен на класификацијата на информацијата;

15. „Ракување со класифицирани информации“ е процес кој го опфаќа секое постапување со класифицираните информации во времетраење на нивното постоење. Тоа подразбира нивно создавање, евиденција, пренос, користење, распоредување, рекласификација, декласификација, архивирање и уништување;

16. „Безбедносен појас“ е простор околу објектот којшто претставува минимална оддалеченост од објектот од која можат да бидат загрозени објектот и класифицираните информации во него;

17. „Безбедносна зона“ е простор или просторија во објектот во кој се ракува и во кој се чуваат класифицирани информации до степенот „ДРЖАВНА ТАЈНА“ и има потреба од соодветна физичка заштита;

18. „Административна зона“ е јасно определен заштитен простор што се воспоставува околу или пред безбедносните зони во коишто постојат можности за контрола на лица и возила;

19. „Класифициран договор“ е секој облик на договор или договор кој произлегува од него, вклучувајќи ги и преговорите за склучување на истиот, којшто содржи или овозможува пристап до класифицирани информации;

20. „Офицер за безбедност на класифицирани информации“ е лице овластено од одговорното лице во органот на државната и локалната власт основан согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, правно лице основано од Републиката или од општините, градот Скопје и општините во градот Скопје или во правното лице кое има должност да се грижи за ефикасно и координирано извршување на правата и обврските кои произлегуваат од овој закон;

21. „Криптографска безбедност“ е компонента на безбедноста на комуникациско информациските системи која ја опфаќа криптографската заштита, управувањето со криптографските материјали и развојот на методи на криптографска заштита, кои се спроведуваат преку шифра, код и дигитален потпис;

22. „ Криптографска заштита“ е оперативно планска активност во системот на криптографски материјали и производи кои се користат за заштита на класифицирани информации од неовластен пристап при изработка, ракување и чување на класифицираните информации;

23. „Криптографски производ“ е софтвер, систем или уред со кој се врши криптографска заштита;

24. „Криптографски материјали (крипто материјали)“ се криптографски алгоритми, криптографски хардверски и софтверски модули, крипто клучеви, насоките за нивна имплементација и придружната документација;

25. „Безбедносна акредитација на комуникациско-информациски системи“ е процес на формално одобрување на комуникациско-информациски системи за работа до одредениот степен на класификација, во посебни безбедносни услови во неговото оперативно опкружување и на прифатливо ниво на безбедносен ризик;

26. „Процес на управување со безбедносен ризик“ е процес на идентификација, контролирање, минимизирање или елиминирање на настани што можат да влијаат врз безбедноста на една организација или на системот што таа го користи;

27. „Комуникациско-информациски систем (КИС)“ е секој систем што овозможува создавање, чување, обработка, или пренос на информациите во електронска форма. Комуникациско-информацискиот систем ги вклучува сите средства потребни за негово функционирање, како инфраструктурата, организацијата, персоналот и информациските, комуникациските и други електронски ресурси.

ГЛАВА ВТОРА

КЛАСИФИЦИРАЊЕ НА ИНФОРМАЦИИ И СТЕПЕНИ НА КЛАСИФИКАЦИЈА

Член 7

Со класификација на информацијата се определува степенот на заштита на информацијата кој треба да биде соодветен со степенот на штетата што би настанала за Република Северна Македонија со неовластен пристап или неовластена употреба на информацијата.

Информациите кои се предмет на класификација се однесуваат особено на: јавната безбедност; одбраната; надворешните работи; безбедносни, разузнавачки и контраразузнавачки активности на државата; системи, уреди, пронајдоци, проекти и планови од важност за јавната безбедност, одбраната, надворешните работи; научни истражувања и технолошки, економски и финансиски работи од значење за Република Северна Македонија.

Член 8

Класификацијата на информациите се врши според нивната содржина.

Степенот на класификација на информацијата го определува создавачот на информацијата, а со негово писмено овластување и друго лице.

Информацијата се означува со еден од степените на класификација:
– ДРЖАВНА ТАЈНА,
– СТРОГО ДОВЕРЛИВО,
– ДОВЕРЛИВО и
– ИНТЕРНО.

Член 9

Класифицираната информација со степен „ДРЖАВНА ТАЈНА“ е информација чие неовластено откривање би предизвикало загрозување и нанесување непоправливи штети на трајните интереси на Република Северна Македонија.

Класифицираната информација со степен „СТРОГО ДОВЕРЛИВО“ е информација чие неовластено откривање би предизвикало исклучително сериозна штета за виталните интереси на Република Северна Македонија.

Класифицираната информација со степен „ДОВЕРЛИВО“ е информација чие неовластено откривање би предизвикало сериозна штета за важните интереси на Република Северна Македонија.

Класифицираната информација со степен „ИНТЕРНО“ е информација чие неовластено откривање би предизвикало штета за работењето на органите на државната и локалната власт основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, правни лица основани од Републиката или од општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, кои се од значење за јавната безбедност, одбраната, надворешните работи и безбедносните и разузнавачките активности на државата.

Член 10

При класифицирањето на информацијата, создавачот, односно лицето овластено од него, треба да ја означи класифицираната информација со најсоодветниот степен на класификација со кој се обезбедува потребната заштита на државните интереси и безбедноста од членот 9 од овој закон.

Определувањето на соодветниот степен на класификација на информацијата се врши врз основа на проценка за можната штета и последиците кои би произлегле од неовластениот пристап до неа.

Член 11

Класифицирана информација со степен „ДРЖАВНА ТАЈНА“ определуваат: претседателот на Република Северна Македонија, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија, министрите во рамките на своите ресори, јавниот обвинител на Република Северна Македонија, началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, директорот на Агенцијата за разузнавање, директорот на Агенцијата за национална безбедност, директорот на Оперативно-техничката агенција, директорот на Центарот за управување со кризи, директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, како и лица овластени од страна на горенаведените субјекти.

Ако така е определено со закон, ратификуван меѓународен договор или друг пропис, класифицирана информација со степен „ДРЖАВНА ТАЈНА“ определуваат и лицата предвидени во тие акти.

Член 12

Информациите со чие откривање би се намалила ефикасноста на работењето на органите на државната и локалната власт основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, правни лица основани од Републиката или од општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, добиваат ознака „ЗА ОГРАНИЧЕНА УПОТРЕБА“.

Ознаката „ЗА ОГРАНИЧЕНА УПОТРЕБА“ не претставува степен на класификација, но до ваквите информации не е дозволен слободен пристап.

Начинот на чување и ракување со информациите за ограничена употреба со уредба поблиску ги уредува Владата на Република Северна Македонија.

Член 13

Ако во една информација се опфатени податоци за повеќе степени на класификација, создавачот е должен да го определи степенот на класификација на секој од нив посебно.

Целината на информацијата се класифицира според највисокиот степен на класификација, а на насловната страна на материјалот се означуваат другите делови со степени на класификација коишто припаѓаат кон информацијата.

Ако дел од документот содржи класифицирана информација со повисок степен на класификација, тој дел може да се издвои како посебен документ со соодветен степен на класификација.

Фуснотите нема да бидат класифицирани освен ако содржат или откриваат класифицирани информации.

Заради избегнување на безбедносен ризик употребата на фусноти треба да се сведе на минимум.

Член 14

Создавачот на класифицираната информација задолжително го означува на видно место степенот на нејзината класификација, согласно со овој закон.

Член 15

Ако информацијата не била означена со степен на класификација, а создавачот не може да се утврди или престанал да постои, класифицирањето на информацијата го врши правниот следбеник на создавачот.

Ако не може да се утврди ниту правниот следбеник од ставот 1 на овој член, означувањето на степенот на класифицираната информација го врши Дирекцијата.

Член 16

Со рекласификација се врши промена на степенот на класификацијата на информацијата.

Промена на степенот на класификација врши создавачот, а со негово писмено овластување и друго лице.

За промената на степенот на класификација на информацијата задолжително се известуваат корисниците на информацијата.

Начинот на промена на степенот на класификација на информацијата со уредба поблиску го уредува Владата на Република Северна Македонија.

Член 17

Класификацијата на информацијата престанува:
– на датумот означен на документот,
– со случување на определен настан наведен во документот,
– со истекување на временскиот период означен на документот и
– со декласификација.

Член 18

Со декласификација се врши промена од класифицирана информација во информација која е некласифицирана.

Декласификацијата од ставот 1 на овој член ја врши создавачот на информацијата или од него овластено лице, за што задолжително ги известува корисниците на информацијата.

Начинот на декласификација на информацијата со уредба поблиску го уредува Владата на Република Северна Македонија.

Член 19

Создавачот на класифицираната информација означува временски период или настан по кој информацијата може да биде рекласифицирана или декласифицирана.

Временскиот период или настанот по кој класифицираната информација може да биде рекласифицирана или декласифицирана не може да надминат период од десет години, освен во случај кога на класифицираната информација ѝ е потребна подолготрајна заштита утврдена со закон.

Член 20

Класифицираната информација со степенот „ДРЖАВНА ТАЈНА“ создавачот ја разгледува и оценува во период не подолг од десет години за да се оцени потребата од натамошно задржување на класификацијата.

Класифицираната информација со степенот „СТРОГО ДОВЕРЛИВО“ се разгледува и оценува во период не подолг од пет години за да се оцени потребата од натамошно задржување на класификацијата.

Класифицираната информација со степенот „ДОВЕРЛИВО“ се разгледува и оценува во период не подолг од три години за да се оцени потребата од натамошно задржување на класификацијата.

Класифицирана информација со степенот „ИНТЕРНО“ се разгледува и оценува во период не подолг од две години за да се оцени потребата од натамошно задржување на класификацијата.

Член 21

Ако со класифицираната информација се прикрива пречекорување на овластување, злоупотреба на функцијата или некое друго незаконско дејствие, односно казниво дело, таквата информација нема да се смета за класифицирана.

На лицата кои ќе ја пријават информацијата од ставот 1 на овој член до надлежен орган согласно со Законот за заштита на укажувачи, им се гарантира заштита согласно со закон.

Класифицирани информации на странски држави и меѓународни организации

Член 22

Класифицираните информации од странски држави или меѓународни организации со кои Република Северна Македонија има склучено меѓународни договори или на кои Република Северна Македонија им пристапила, го задржуваат степенот на класификација што се користи во таа држава или меѓународна организација.

Член 23

Дисеминација на странските класифицирани информации се врши согласно со принципот „потребно е да знае“ и поседување на соодветен безбедносен сертификат.

Начинот на определување на корисниците и вршењето на дисеминација на добиените странски класифицирани информации со уредба поблиску ги уредува Владата на Република Северна Македонија.

ГЛАВА ТРЕТА

КРИТЕРИУМИ, МЕРКИ И АКТИВНОСТИ ЗА ЗАШТИТА НА КЛАСИФИЦИРАНИ ИНФОРМАЦИИ

Член 24

За заштита на класифицираните информации, се преземаат мерки и активности за административна, физичка и индустриска безбедност, безбедност на комуникациско-информациски системи, како и за безбедност на лица-корисници на класифицирани информации.

Член 25

Критериуми кои особено се земаат предвид при утврдувањето на мерките за заштита на класифицираните информации се:
– степенот на класификација,
– обемот и формата на класифицираната информација и
– процената на ризикот за безбедноста на класифицираната информација.

Административна безбедност

Член 26

Мерки и активности за административна безбедност се:
– определување на степенот на класификација и обележување на класифицираната информација,
– прием и евиденција на класифицираната информација,
– определување начин за чување, ракување и контрола на класифицираната информација,
– репродукција, преводи и извадоци на класифицираната информација и одредување на бројот на примероците и корисниците,
– дисеминација на класифицирани информации,
– пренос на класифицирани информации,
– отстранување и уништување на класифицираната информација.

Мерките и активностите за административна безбедност со уредба поблиску ги уредува Владата на Република Северна Македонија.

Физичка безбедност

Член 27

Физичката безбедност се остварува со примена на физички и технички заштитни мерки со цел да се спречи неовластен пристап до класифицирани информации.

Мерките за физичка безбедност треба да спречат прикриен или насилен упад од неовластено лице, да одвратат, спречат и детектираат неовластени активности, како и да овозможат поделба на персоналот во нивниот пристап до класифицирани информации согласно со принципот „потребно е да знае“.

Мерките за физичка безбедност се применуваат во објекти, згради, канцеларии, простории и други локации во кои се ракува, се чуваат или електронски се обработуваат класифицирани информации.

Просториите во кои се чуваат класифицирани информации со степен „ДОВЕРЛИВО“ и повисоко, се воспоставаат како безбедносни зони.

За заштита на класифицирани информации со степен „ДОВЕРЛИВО“ и повисоко се користи опрема, системи или други технички средства кои исполнуваат минимални стандарди, кои ги пропишува директорот на Дирекцијата.

Член 28

Мерки и активности за физичка безбедност се:
– процена за можно нарушување на безбедноста на класифицираната информација,
– определување на безбедносен појас околу објектот,
– определување на безбедносни и административни зони,
– организирање на физичка заштита и примена на технички средства за обезбедување на објекти и простории во кои се наоѓаат класифицирани информации,
– контрола на влез, движење и излез на лица и возила за пренос на класифицирани информации и
– физичко обезбедување при пренесување на класифицирани информации надвор од безбедносните зони.

Мерките и активностите за физичка безбедност со уредба поблиску ги уредува Владата на Република Северна Македонија.

Безбедност на лица-корисници на класифицирани информации

Член 29

Мерки и активности за безбедност на лица-корисници на класифицирани информации се:
– определување на офицер за безбедност на класифицирани информации,
– безбедносна проверка,
– издавање на безбедносен сертификат,
– издавање на дозвола за пристап до класифициани информации и
– проверка и оценување на способноста за постапување со класифицирани информации.

Мерките и активностите за безбедност на лица корисници на класифицирани информации со уредба поблиску ги уредува Владата на Република Северна Македонија.

Безбедност на комуникациско-информациски системи

Член 30

Безбедност на комуникациско-информациски системи е примена на безбедносни мерки за заштита на комуникациските, информациските и другите електронски системи и на класифицираните информации кои се создаваат, чуваат, обработуваат или пренесуваат во овие системи, со цел да се обезбеди нивна доверливост, интегритет, достапност, автентичност и неотповикливост.

Заради обезбедување на целите од ставот 1 на овој член се имплементира соодветен систем на безбедносни мерки за административна и физичка безбедност, безбедност на комуникациско-информациски системи, како и за безбедност на лица-корисници на класифицирани информации, со цел создавање на безбедносна околина во која функционираат комуникациските, информациските или другите електронски системи.

Системот на безбедносни мерки на комуникациско-информациските системи мора да се заснова на процес за управување со безбедносен ризик.

Член 31

Мерки и активности за безбедност на комуникациско-информациски системи се:
– акредитација на комуникациско-информациски системи и процеси,
– процена за можно нарушување на безбедноста на класифицираната информација со неовластено навлегување во комуникациско-информацискиот систем во кој се чуваат, обработуваат и пренесуваат класифицирани информации,
– утврдување на методи и безбедносни процедури за прием, обработка, пренос, чување и архивирање на класифицирани информации во електронска форма,
– заштита при создавање, чување, обработка и пренос на класифицирани информации во комуникациско-информациски системи,
– криптографска безбедност на комуникациски, информациски и други електронски системи преку кои се создаваат, чуваат, обработуваат со криптозаштита и пренесуваат класифицирани информации,
– заштита од компромитирачко електромагнетно зрачење,
– определување на зони и простории заштитени од компромитирачко електромагнетно зрачење и
– инсталирање на уреди за чување на класифицирани информации.

Мерките и активностите за безбедност на комуникациско-информациски системи со уредба поблиску ги уредува Владата на Република Северна Македонија.

Член 32

Мерки и активности за криптографска безбедност се:
– планирање, организација и имплементација на криптографска безбедност,
– евалуација и одобрување на криптоматеријали и криптопроизводи,
– изработка и развој на криптографски алгоритми и производи,
– планирање, организација и управување со криптоматеријали,
– примена на мерки и процедури за евиденција, безбедно ракување, чување и дистрибуција на криптоматеријали и криптопроизводи,
– обука на лица за работа со криптоматеријали и криптопроизводи,
– контрола на имплементација на мерките и активностите за криптографска безбедност и на начинот на употреба на криптографските материјали и производи.

Мерките и активностите за криптографска безбедност со уредба поблиску ги уредува Владата на Република Северна Македонија.

Член 33

Пренос на класифицирани информации преку комуникациски системи надвор од безбедносните зони се врши исклучиво со примена на криптографска заштита.

Индустриска безбедност

Член 34

Мерките за индустриска безбедност се применуваат со цел обезбедување заштита на класифицираните информации од страна на договарачите и субјектите вклучени во преговорите пред склучување на договор и во текот на реализација на класифицираниот договор.

Со мерките за индустриска безбедност се обезбедува заштита на класифицираните информации при транспорт и при воспоставување на процедури за посета на физички и правни лица на објекти каде што се ракува со класифицирани информации.

За пристап и ракување со класифицирани информации при реализирање на класифицирани договори, транспорт на класифицирани информации и посети на објекти каде што се ракува со класифицирани информации, физичките и правните лица од ставовите 1 и 2 на овој член треба да поседуваат соодветен безбедносен сертификат или дозвола за пристап до класифицирани информации.

За потребата за класифицирање на договор и фазите коишто претходат на склучувањето на договорот, вклучувајќи го и јавниот повик за учество во јавни набавки, правното лице треба да обезбеди мислење од офицерот за безбедност на класифицирани информации на субјектот што го распишува јавниот повик.

Мерките и активностите за индустриска безбедност ги опфаќаат мерките и активностите од членовите 26 став 1, 28 став 1, 29 став 1, 31 став 1 и 32 став 1 од овој закон.

Мерките и активностите за индустриска безбедност со уредба поблиску ги уредува Владата на Република Северна Македонија.

Размена на класифицирани информации со странски држави и меѓународни организации

Член 35

Класифицирана информација на странска држава или меѓународна организација е информација којашто надлежниот орган на странската држава или меѓународната организација ја отстапил на Република Северна Македонија со обврска да се обезбеди нејзина заштита.

Со класифицираните информации примени од странска држава или меѓународна организација се постапува на начин којшто е предвиден со ратификуван меѓународен договор.

Ако меѓународниот договор од ставот 2 на овој член не содржи одредби за начинот на постапување со класифицираните информации, се постапува согласно со одредбите од овој закон.

Член 36

Во случај на воена, вонредна или кризна состојба во Република Северна Македонија, по барање на надлежните органи согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, Дирекцијата може да врши размена на класифицирани информации со странски држави и меѓународни организации со кои не се склучени меѓународни договори по претходна согласност од страна на Владата на Република Северна Македонија, ако е тоа во интерес на Република Северна Македонија.

По завршување на воената, вонредната или кризната состојба од ставот 1 на овој член, Дирекцијата доставува извештај до Владата на Република Северна Македонија за разменетите класифицирани информации со странски држави и меѓународни организации со кои не се склучени меѓународни договори.

Член 37

Согласно со преземените обврски од ратификуваните меѓународни договори, Дирекцијата овозможува вршење контрола на овластени претставници на странски држави и меѓународни организации, на начинот на користење и заштита на класифицираните информации што од нив се отстапени на користење во Република Северна Македонија.

Контрола на начинот на користење и заштита на доставените класифицирани информации од Република Северна Македонија до странските држави и меѓународните организации врши Дирекцијата согласно со овој закон и ратификуваните меѓународни договори.

Користење на класифицирани информации

Член 38

Орган на државната и локалната власт основан согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, правно лице основано од Републиката или од општините, градот Скопје и општините во градот Скопје или физичко или правно лице во Република Северна Македонија кое има безбедносен сертификат или странски државен орган, институција или странско физичко или правно лице кое има безбедносен сертификат на матичната држава и дозвола за пристап до класифицирани информации издадена од Дирекцијата, може да биде корисник на класифицирани информации согласно со принципот „потребно е да знае“.

Член 39

За извршување на работните задачи, на лицата кои ракуваат со класифицирани информации во органите на државната и локалната власт основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, правни лица основани од Републиката или од општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, како и на други правни и физички лица им се издава безбедносен сертификат согласно со принципот „потребно е да знае“.

Безбедносен сертификат се издава за пристап до соодветен степен на класифицирани информации.

За издавање на безбедносен сертификат за пристап до соодветен степен на класифицирани информации, заинтересираното физичко или правно лице поднесува писмено барање до Дирекцијата.

Барањето за издавање на безбедносен сертификат од ставот 3 на овој член се поднесува преку офицер за безбедност на класифицирани информации во правното лице.

Постапката за издавање на безбедносен сертификат за лицата вработени во Дирекцијата се спроведува преку офицерот за безбедност на класифицирани информации во Дирекцијата.

Безбедносен сертификат од ставот 2 на овој член издава директорот на Дирекцијата врз основа на претходно спроведена безбедносна проверка и оценка за постоење или непостоење на безбедносен ризик за ракување со класифицирани информации.

Член 40

Безбедносен сертификат за пристап и користење на класифицирани информации од сите степени, без претходна безбедносна проверка, заради непречено вршење на функцијата од денот на изборот до крајот на мандатот, добиваат: претседателот на Република Северна Македонија, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, замениците на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија и претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија.

Член 41

Безбедносен сертификат се издава на физичко лице кое ги исполнува следниве услови:
– да е државјанин на Република Северна Македонија,
– за безбедносен сертификат со степен „ДРЖАВНА ТАЈНА“ да не е државјанин и на друга држава,
– за безбедносен сертификат со степен „СТРОГО ДОВЕРЛИВО“ да не е државјанин на држава која не е членка на НАТО,
– да постои оправдана потреба за користење на класифицирани информации согласно со принципот „потребно е да знае“,
– да не постојат безбедносни пречки за пристап и ракување со класифицирани информации што се утврдува со оперативна проверка,
– физичкото лице да има деловна способност,
– лицето да наполнило 18 години, а за користење на класифицирани информации означени со степен „ДРЖАВНА ТАЈНА“ да наполнило 21 година,
– да не му е изречена санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност,
– да поседува уверение за неосудуваност, не постаро од шест месеци,
– од оперативната проверка за лицата наведени во безбедносниот прашалник да не произлегува постоење на безбедносни пречки за пристап и ракување со класифицирани информации.

Пред издавање на сертификатот, лицето мора да се обучи за ракување со класифицирани информации.

Член 42

Безбедносен сертификат се издава на правно лице кое ги исполнува следниве услови:
– да е регистрирано во Република Северна Македонија,
– да постои оправдана потреба за пристап и ракување со класифицирани информации согласно со принципот „потребно е да знае“,
– да не му е изречена санкција-забрана за вршење на дејност,
– да има обезбедено услови за физичка безбедност, административна безбедност и/или безбедност на комуникациско-информациски системи, доколку тоа го бараат условите од класифицираниот договор,
– да има обезбедено безбедносен сертификат за офицерот за безбедност на класифицирани информации во правното лице,
– да е финансиски и економски стабилно и
– да не постојат безбедносни пречки за ракување со класифицирани информации што се утврдува со оперативна проверка.

Финансиската и економската стабилност од ставот 1 алинеја 6 на овој член се утврдува со следниве документи што не треба да бидат постари од шест месеци:
– извод од регистрацијата на дејноста,
– документ за бонитет од надлежен орган,
– доказ од надлежен орган дека не е отворена постапка за стечај или ликвидација,
– доказ од надлежен орган дека со пресуда не му е изречена мерка на безбедност – забрана на вршење на дејности,
– потврда од надлежен орган за платени даноци, придонеси и други јавни давачки.

Член 43

Правното лице се смета за способно да обезбеди заштита на класифицирани информации доколку обезбеди услови за спроведување на мерките и активностите за заштита на класифицирани информации определени со овој закон.

Постапки за издавање на безбедносни сертификати

Член 44

Исполнувањето на условите за издавање на безбедносен сертификат се утврдува преку безбедносна проверка.

Безбедносната проверка од ставот 1 на овој член се врши врз основа на претходна писмена согласност од физичкото или правното лице кое поднело барање за издавање на безбедносниот сертификат, којашто е составен дел на барањето од членот 39 став 3 од овој закон.

Ако физичкото или правното лице во текот на постапката писмено ја повлече својата согласност за проверка, повторна постапка за безбедносна проверка не може да се спроведе пред истекот на една година од денот на повлекувањето на согласноста.

Член 45

Безбедносна проверка се спроведува пред издавање на безбедносен сертификат на правни и физички лица за пристап и ракување на класифицирани информации, со цел да се утврди постоење или непостоење на безбедносен ризик.

Безбедносната проверка започнува по поднесување на барањето од членот 39 став 3 од овој закон, до Дирекцијата.

Пополнетите податоци од безбедносниот прашалник претставуваат дел од содржината на безбедносната проверка.

Формата и содржината на обрасците на безбедносниот прашалник од ставот 1 на овој член ги пропишува директорот на Дирекцијата, а по претходна координација со надлежните служби кои се задолжени за реализација на оперативно безбедносните проверки.

Член 46

Пополнетиот прашалник за безбедносна проверка се означува со ознаката „ЗА ОГРАНИЧЕНА УПОТРЕБА“.

Податоците од пополнетиот безбедносен прашалник од ставот 1 на овој член се користат за целите на проверката и со нив се постапува согласно со закон.

Член 47

За користење на класифицирани информации означени со степенот „ИНТЕРНО“ не се врши безбедносна проверка и не се издава безбедносен сертификат.

Физичкото или одговорното лице во правното лице се информира за обврската за заштита на класифицираните информации од ставот 1 на овој член што му се дадени на увид, односно ракување.

Член 48

Во зависност од степенот на класифицираната информација за која е поднесено барање за издавање безбедносен сертификат за физичко лице, се врши безбедносна проверка соодветна на степенот на класифицираната информација и тоа:
а) од прв степен за информација класифицирана „ДОВЕРЛИВО“;
б) од втор степен за информација класифицирана „СТРОГО ДОВЕРЛИВО“ и
в) од трет степен за информација класифицирана „ДРЖАВНА ТАЈНА“.

Член 49

Со безбедносна проверка од прв степен се проверува:
– идентитетот на лицето (врз основа на приложена писмена документација) и оперативната проверка на податоците за лицето од надлежен орган,
– возраста од најмалку 18 години,
– државјанството на Република Северна Македонија,
– деловната способност на лицето (врз основа на уверение од надлежен орган) и
– постоење на безбедносни пречки за пристап и ракување со класифицирани информации кај лицето (утврдени со спроведување на оперативна проверка од страна на надлежен орган).

Член 50

Со безбедносна проверка од втор степен се проверува:
– идентитетот на лицето (врз основа на приложена писмена документација и оперативна проверка на податоците за лицето од страна на надлежен орган),
– возраста од најмалку 18 години,
– државјанството на Република Северна Македонија,
– деловната способност на лицето (врз основа на уверение од надлежен орган) и
– постоењето на безбедносен ризик или пречки за пристап и ракување со класифицирани информации кај лицето – барател на безбедносен сертификат и кај лицата наведени во безбедносниот прашалник (со спроведување на оперативната проверка од страна на надлежен орган),
– лицето да нема државјанство на друга држава која не е членка на НАТО.

Член 51

Со безбедносна проверка од трет степен се проверува:
– идентитетот на лицето (врз основа на приложена писмена документација и оперативна проверка на податоците за лицето од страна на надлежен орган),
– возраста од најмалку 21 година,
– државјанството на Република Северна Македонија,
– деловната способност на лицето (врз основа на уверение од надлежен орган) и
– постоењето на безбедносен ризик или пречки за пристап и ракување со класифицирани информации кај лицето барател на безбедносен сертификат и кај лицата наведени во безбедносниот прашалник (со спроведување на оперативната проверка од страна на надлежен орган),
– утврдување на способноста на лицето за ракување со класифицирани информации преку реализација на интервју од страна на овластено лице од надлежните служби кои ги вршат оперативно безбедносните проверки,
– лицето да нема државјанство на друга држава.

Член 52

На барање на Дирекцијата, оперативните проверки за постоење на безбедносни пречки за пристап и ракување со класифицирани информации ги вршат:
– Агенцијата за национална безбедност за сите физички и правни лица, освен за лицата утврдени во алинејата 2 на овој став и
– надлежните служби на Министерството за одбрана за сите вработени во Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија.

Член 53

Постапката за спроведување на безбедносна проверка трае најмногу до:
– четири месеци за безбедносната проверка од прв степен за физички лица,
– шест месеци за безбедносната проверка од втор степен за физички лица,
– шест месеци за безбедносната проверка од трет степен за физички лица и
– шест месеци за безбедносна проверка за правно лице.

По исклучок од ставот 1 на овој член, постапката за безбедносна проверка од трет степен за лицата назначени во надзорните тела кои вршат надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите, како и за ангажираните акредитирани национални и меѓународни технички експерти од тие тела, согласно со Законот за следење на комуникациите, трае еден месец од денот на поднесување на барањето.

По исклучок од ставот 1 на овој член, постапката за безбедносна проверка од втор степен за лицата пред засновање на работен однос во Оперативно-техничката агенција, согласно со Законот за Оперативно-техничка агенција, трае еден месец од денот на поднесување на барањето.

Времетраење на безбедносните сертификати

Член 54

Безбедносниот сертификат издаден за информација класифицирана со степен „ДРЖАВНА ТАЈНА“ важи пет години.

Безбедносниот сертификат издаден за информација класифицирана со степен „СТРОГО ДОВЕРЛИВО“ важи десет години.

Безбедносниот сертификат издаден за информација класифицирана со степен „ДОВЕРЛИВО“ важи десет години.

Содржината и формата на образецот на безбедносните сертификати од ставовите 1, 2 и 3 на овој член ги пропишува директорот на Дирекцијата.

Член 55

Корисникот на класифицирани информации е должен да поднесе ново барање за продолжување на важноста на безбедносниот сертификат најдоцна шест месеци пред денот на истекот на неговата важност.

За физичкото и правното лице кое поднесува барање за продолжување на важноста на безбедносниот сертификат, се врши повторна безбедносна проверка согласно со овој закон соодветна на степенот на класифицираните информации што му се отстапуваат на користење.

Член 56

Ако се утврди дека физичкото или правното лице не постапува со класифицираните информации согласно со овој закон или повеќе не е исполнет некој од условите врз основа на кои е издаден безбедносниот сертификат, директорот на Дирекцијата донесува решение за одземање на безбедносниот сертификат и пред истекот на неговото важење.

Во решението од ставот 1 на овој член не се дава образложение за причините за одземање на безбедносниот сертификат.

Против решението од ставот 1 на овој член за одземање на безбедносниот сертификат и пред истекот на неговата важност, лицето има право на жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во однос на постапката за одземање на безбедносниот сертификат.

Член 57

Директорот на Дирекцијата може да донесе решение за одбивање на барањето за издавање на безбедносен сертификат за физички и правни лица ако не се исполнети условите од овој закон.

Во решението од ставот 1 на овој член не се дава образложение за причините за одбивање на барањето за издавање на безбедносен сертификат.

Против решението од ставот 1 на овој член лицето чие барање е одбиено може да поднесе жалба до

Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во однос на постапката за издавање на безбедносниот сертификат.

Член 58

Жалбата од членот 56 став 3 и членот 57 став 3 од овој закон се поднесува во рок од 15 дена од денот на приемот на решението, до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Решението по жалбата од ставот 1 на овој член, донесено од Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, е конечно.

Член 59

Барање за повторно издавање на безбедносен сертификат со ист или повисок степен може да се поднесе:
– по истекот на една година од правосилноста или конечноста на решението за одбивање на барањето за издавање на безбедносен сертификат и
– по истекот на три години од правосилноста или конечноста на решението за одземање на безбедносниот сертификат пред истекот на важноста.

При повторно издавање на безбедносен сертификат за лицата од ставот 1 на овој член, безбедносниот сертификат важи една година.

Член 60

Безбедносниот сертификат престанува да важи со истекот на рокот на неговата важност, како и во случај на:
– престанок на функцијата на лицата од членот 40 од овој закон,
– престанок на потребата за пристап до класифицирани информации согласно со принципот „потребно е да знае“,
– намалена ментална способност за постапување со класифицирани информации утврдена од надлежна медицинска установа,
– смрт на физичкото лице или престанок на правното лице.

Во случаите од ставот 1 алинеи 1, 2, 3 и 4 на овој член, офицерот за безбедност на класифицирани информации ги враќа безбедносните сертификати за физички и/или правни лица во Дирекцијата во рок од 15 дена од констатирањето на истите.

Член 61

Дозволата за пристап до класифицирани информации престанува да важи:
– со истекот на рокот на важноста наведен во дозволата,
– со извршување на задачата за која била издадена,
– ако потребата од издавањето на дозволата престанала да постои или е изменета и
– ако се утврди дека правното и физичкото лице не постапува со класифицираните информации согласно со закон.

Член 62

Обврската за заштита на тајноста на класифицираните информации продолжува и по истекот на важноста на безбедносниот сертификат.

Член 63

За потребите на судска постапка или постапка пред друг надлежен орган во која се користат класифицирани информации, субјектите во постапката е потребно да поседуваат безбедносен сертификат.

Постапката од ставот 1 на овој член се води во присуство на лицето за чиишто права, обврски или одговорност се одлучува во нејзини рамки и кога лицето нема безбедносен сертификат.

Лицето од ставот 2 на овој член е одговорно за исполнување на обврската за заштита на класифицираните информации согласно со овој закон.

Во постапката од ставот 1 на овој член, јавноста е исклучена.

Во случај кога создавачот на класифицираната информација не ја доставил класифицираната информација во постапката од ставот 1 на овој член, судот односно надлежниот орган е должен во рок од 15 дена од приемот на класифицираната информација да го информира создавачот и Дирекцијата за нејзиното користење во постапката.

Член 64

Дирекцијата води евиденција за издадените безбедносни сертификати и за пополнетите безбедносни прашалници.

Дирекцијата води посебна евиденција за издадените дозволи за пристап до класифицирани информации во Република Северна Македонија.

Содржината, формата и начинот на водење на евиденциите од ставовите 1 и 2 на овој член, ги пропишува директорот на Дирекцијата.

ГЛАВА ЧЕТВРТА

ОРГАНИ ЗА ЗАШТИТА НА КЛАСИФИЦИРАНИ ИНФОРМАЦИИ

Офицер за безбедност на класифицирани информации

Член 65

Органите на државната и локалната власт основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, правни лица основани од Републиката или од општините, градот Скопје и општините во градот Скопје и други правни лица, се должни да создадат услови неопходни за заштита на класифицирани информации и да преземат мерки за елиминирање на негативните последици ако дојде до откривање на класифицираните информации.

За ефикасно и координирано извршување на правата и обврските кои се однесуваат на класифицираните информации, во субјектите од ставот 1 на овој член се определува офицер за безбедност на класифицирани информации.

Член 66

Одговорното лице во субјектите од членот 65 став 1 од овој закон определува еден или повеќе офицери за безбедност на класифицирани информации, во зависност од бројот и обемот на класифицираните информации со кои се ракува во субјектот.

По исклучок од ставот 1 на овој член, во зависност од бројот и обемот на класифицирани информации, одговорното лице во субјектот може да ги врши работите на офицер за безбедност на класифицирани информации.

Офицерот за безбедност на класифицирани информации е должен да изготвува и поднесува квартални извештаи за својата работа и за состојбата со класифицираните информации директно до одговорното лице, освен во случајот од ставот 2 на овој член.

Доколку во субјектот се определени повеќе офицери за безбедност на класифицирани информации, одговорното лице определува еден од нив за координација со Дирекцијата.

Член 67

Офицерот за безбедност на класифицирани информации може да биде определен доколку ги исполнува следниве услови:
– да е државјанин на Република Северна Македонија,
– да не е државјанин на друга држава,
– да му е одобрен пристап до соодветно ниво на класифицирани информации според условите и постапката утврдени со закон,
– да има поминато обука за офицер за безбедност на класифицирани информации,
– да поседува соодветен безбедносен сертификат.

Член 68

Офицерот за безбедност на класифицирани информации е должен:
– да се грижи за спроведување на одредбите од овој закон и на ратификуваните меѓународни договори во врска со безбедноста на класифицираните информации во субјектот,
– квартално да ги проверува евиденциите и протокот на материјалите и документите,
– да се грижи за правилно и навремено спроведување на архивирањето и ништењето на класифицирани информации,
– да ја спроведе постапката за доставување барања за издавање на безбедносен сертификат во рамките на субјектот и да води евиденција на лицата за кои е спроведена постапка,
– да ја извести Дирекцијата за истекот на безбедносните сертификати, престанок на работењето или прераспоредување на корисниците на класифицирани информации,
– да ја извести Дирекцијата за потребата за промена на степенот на безбедносниот сертификат,
– да ја известува Дирекцијата, во писмена форма за секоја промена на податоците во безбедносниот прашалник или промена на условите за добивање на безбедносен сертификат за кои знаел или можел да знае дека настанала,
– да ги евидентира случаите на неовластен пристап до класифицирани информации или нивно компромитирање и на преземени дејствија и веднаш да ја извести Дирекцијата за таков случај и дејствие,
– да ги информира корисниците на класифицирани информации најмалку еднаш годишно за правата и обврските при ракување со класифицирани информации,
– да обезбедува стручна помош при класификацијата на информацијата во субјектот,
– да организира обука за корисниците на класифицирани информации во субјектот за заштита на класифицирани информации.

За работите од ставот 1 на овој член, офицерот за безбедност на класифицирани информации изработува годишен план за работа, кој го доставува до одговорното лице на одобрување. Во случај кога одговорното лице ги врши работите на офицер за безбедност на класифицирани информации, тој го изработува годишниот план за работа.

Дирекција за безбедност на класифицирани информации

Член 69

Дирекцијата е самостоен орган на државната управа со својство на правно лице.
Дирекцијата:
– обезбедува континуирано спроведување на меѓународните стандарди и нормативи во преземањето на мерките и активностите за заштита на класифицираните информации,
– врши координација на активностите во обезбедувањето заштита на класифицираните информации со државните органи и институциите кои вршат размена на класифицирани информации со странски држави и меѓународни организации,
– ги подготвува, организира, спроведува и го следи спроведувањето на мерките и активностите за обезбедување заштита на класифицирани информации кои на Република Северна Македонија и се отстапени на користење од странски држави и меѓународни организации,
– презема активности за заштита на класифицирани информации отстапени од Република Северна Македонија на странски држави и меѓународни организации,
– учествува во изготвување на планови и програми на Република Северна Македонија за членство во меѓународни организации од областа за обезбедување заштита на класифицираните информации,
– планира и остварува меѓународна соработка за заштита и размена на класифицираните информации,
– предлага мерки за унапредување на заштитата на класифицирани информации,
– покренува иницијативи за склучување меѓународни договори со странски држави и меѓународни организации од областа на размената на класифицирани информации,
– врши акредитација на комуникациско-информациски системи и процеси,
– организира и спроведува обуки за безбедност на класифицирани информации,
– врши инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон и
– врши други работи утврдени со закон.

За своето работење Дирекцијата донесува годишен план, а подготвува и извештај кој го усвојува Владата на Република Северна Македонија.

Член 70

Во размената и заштитата на класифицирани информации со НАТО и со Европската Унија, Дирекцијата ги врши задачите за:
– координација и спроведување на безбедносните политики на НАТО и на Европската Унија во Република Северна Македонија, со цел обезбедување соодветно ниво на заштита на класифицираните информации согласно со ратификуваните меѓународни договори,
– безбедност на комуникациите за избор, управување и одржување на криптографската опрема за пренос, обработка и чување на класифицираните информации,
– спроведување безбедносна акредитација на комуникациско-информациските системи и процесите во кои се користат класифицирани информации,
– преземање мерки и активности за заштита на комуникациско-информациските системи од компромитирачко електромагнетно зрачење.

Член 71

Во размената и заштитата на класифицирани информации со НАТО Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија управува со материјалите за криптографска заштита на класифицирани информации и безбедно ракување, чување, дистрибуција и евиденција на криптоматеријалите.

Во делот на управувањето со материјалите за криптографска безбедност на класифицирани информации и безбедното ракување, чување, дистрибуција и евиденција на криптоматеријалите, Дирекцијата врши надзор над имплементација на мерките што ги спроведува надлежниот орган.

Регистри и контролни точки

Член 72

За вршење на работи од надлежност на Дирекцијата со НАТО класифицирани информации, класифицирани информации на Европската Унија и други странски класифицирани информации се воспоставуваат регистар, подрегистри и контролни точки.

Регистарот се воспоставува во Дирекцијата, а подрегистри и контролни точки се воспоставуваат во органите на државната власт основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, правни лица основани од Републиката и други правни лица, во коишто се ракува и се чуваат НАТО класифицирани информации, класифицирани информации на Европската Унија и други странски класифицирани информации.

Од подрегистрите и контролните точки од ставот 1 на овој член се доставуваат информации потребни за извршување на работите на Дирекцијата и се врши размена на класифицирани информации со странство.

На барање на корисниците на класифицирани информации Дирекцијата дава согласност за исполнување на условите за воспоставување подрегистри и контролни точки.

Размената на класифицирани информации меѓу Република Северна Македонија и странски држави и меѓународни организации се врши преку Дирекцијата, ако со закон, ратификуван меѓународен договор или друг аранжман поинаку не е уредено.

Член 73

Дирекцијата ги известува надлежните органи на странските држави и меѓународни организации за безбедноста на разменетите класифицирани информации и од нив прима известувања за безбедноста на класифицираните информации кои им се отстапени од Република Северна Македонија, согласно со ратификуваните меѓународни договори.

Член 74

На барање на Дирекцијата, органите на државната и локалната власт основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, правни лица основани од Републиката или од општините, градот Скопје и општините во градот Скопје и други правни и физички лица ѝ даваат информации кои се потребни за извршување на работите од нејзина надлежност.

Член 75

Со Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации раководи директор кој го именува и разрешува Владата на Република Северна Македонија.

Директорот се именува со мандат од четири години.

Директорот има заменик, кој го именува и разрешува Владата на Република Северна Македонија за време од четири години. Заменик директорот го заменува директорот во случај кога тој е отсутен или кога поради болест и други причини не е во можност да ја врши својата функција со сите негови овлaстувања и одговорности во раководењето.

За именување на директор и заменик директор се објавува јавен оглас во три дневни весници кои се издаваат на целата територија на Република Северна Македонија од кои еден се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

За директор и заменик директор на Дирекцијата може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови:
1) да е државјанин на Република Северна Македонија;
2) да нема државјанство на друга држава;
3) со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност;
4) да има стекнати 240 кредити според ЕКТС или VII/1 степен на образование;
5) да има најмалку пет години работно искуство;
6) да поседува еден од следниве меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години:
– ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 74 бода,
– ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 6 бода,
– ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) – најмалку Б2 (B2) ниво,
– ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) – положен,
– БУЛАТС (BULATS) – најмалку 60 бода или
– АПТИС (АPTIS) – најмалку ниво Б2 (B2) и 7) да поседува безбедносен сертификат со степен „ДРЖАВНА ТАЈНА“.

На директорот и заменик директорот на Дирекцијата му престанува функцијата пред истекот на мандатот за кој е именуван:
– ако поднесе оставка,
– по лично барање,
– поради исполнување услови за старосна пензија утврдени со закон, со право на продолжување согласно со прописите за работни односи,
– поради смрт,
– ако со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор од над шест месеци.

Владата на Република Северна Македонија ги разрешува директорот и заменик директорот на Дирекцијата ако е исполнет еден од следниве услови:
– ако се утврди дека не исполнува еден од условите утврдени во членот 74 став 5 од овој закон,
– ако одбие да поднесе изјава за имотна состојба и интереси согласно со закон или ако податоците содржани во изјавата се невистинити и
– очигледно ги прекрши правилата за судир на интереси, односно изземање во ситуации во кои директорот знаел или требало да знае за постоење на некоја од основите за судир на интереси, односно изземање предвидено со закон.

Член 76

Вработените во Дирекцијата се административни државни службеници. Во однос на нивните права и одговорности од работен однос се применуваат одредбите од Законот за административни службеници.

Вработените во Дирекцијата се упатуваат на работа во постојаните мисии на Република Северна Македонија при НАТО и ЕУ, согласно со потпишана спогодба за заедничка соработка со Министерството за надворешни работи.

За време на упатувањето, вработените се здобиваат со звање согласно со одредбите од Законот за надворешни работи.

Вработените во Дирекцијата треба да поседуваат соодветен безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации. Степенот на безбедносниот сертификат се утврдува со правилникот за систематизација на работните места во Дирекцијата.

Вработениот во Дирекцијата на кој за време на работниот однос нема да му биде продолжена важноста на безбедносниот сертификат или во текот на проверката ќе се утврди дека не може да добие безбедносен сертификат поради постоење безбедносен ризик за пристап и ракување со класифицирани информации, трајно се презема во друг државен орган или институција, на работно место на исто ниво за кое ги исполнува општите и посебни услови пропишани во актот за систематизација на другата институција.

Преземањето се врши врз основа на спогодба којашто ја потпишуваат раководните лица на двете институции.

На вработениот што се презема му престанува работниот однос доколку не го потпише новиот договор за работа во рок од 15 дена од датумот на кој му е доставен.

Вработените во Дирекцијата имаат службена легитимација која ја издава директорот на Дирекцијата.

Образецот на службената легитимација и начинот на нејзино издавање ги пропишува директорот на Дирекцијата.

ГЛАВА ПЕТТА

ПЛАНОВИ И ПРОГРАМИ ЗА РАБОТЕЊЕ НА ДИРЕКЦИЈАТА И ФИНАНСИРАЊЕ НА ДИРЕКЦИЈАТА

Член 77

Работата на Дирекцијата се води и реализира според принципите, нормите и процедурите кои важат во системот на планирањето, програмирањето и буџетското работење.

Член 78

Финансиските средства за потребите на Дирекцијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија.

Финансиските средства за потребите на Дирекцијата можат да се обезбедат и од други извори согласно со закон.

Финансиските средства за државните органи за потребите на заштитата, користењето и меѓународната размена на класифицираните информации се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија во рамките на финансиските средства на тие органи.

Органите на локалната власт основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, правни лица основани од општините, градот Скопје и општините во градот Скопје за потребите на заштитата, користењето и меѓународната размена на класифицираните информации обезбедуваат финансиски средства од сопствени извори и од финансиски и материјални средства на Република Северна Македонија.

ГЛАВА ШЕСТА

НАДЗОР

Член 79

Инспекциски надзор над спроведувањето на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон врши Дирекцијата преку инспекторите за безбедност на класифицирани информации (во натамошниот текст: инспекторите).

Работите на инспекцискиот надзор во рамките на Дирекцијата се вршат во посебна организациона единица.

Член 80

Во постапката за вршење на инспекциски надзор се применуваат одредбите од овој закон, а за прашањата што не се уредени со овој закон се применуваат одредбите од Законот за инспекциски надзор и Законот за општата управна постапка.

Начинот на вршењето на инспекциски надзор поблиску се уредува со Правилник што го донесува директорот на Дирекцијата.

Член 81

Инспекторот, кој го врши инспекцискиот надзор покрај општите услови утврдени со Законот за административни службеници потребно е да ги исполнува следниве посебни услови:
– да има стекнато 240 кредити според ЕКТС, или завршен VII/1 степен,
– да има три години работно искуство во областа на безбедноста на класифицирани информации,
– да има положено стручен испит за инспектор за класифицирани информации.

Начинот на полагање на стручниот испит за инспекторите за класифицирани информации со Правилник го пропишува директорот на Дирекцијата.

Додатокот на плата на инспекторот се регулира со Законот за инспекциски надзор.

Член 82

Инспекторот врши инспекциски надзор во органите на државната и локалната власт основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, правни лица основани од Републиката или од општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, како и на други правни и физички лица.

Во извршувањето на работата инспекторот е самостоен во својата работа. По потреба, на предлог на раководителот на организационата единица за вршење инспекциски надзор, директорот може да определи тим за инспекциски надзор составен од административни службеници од Дирекцијата.

Инспекторите се должни да постапуваат согласно со законот и прописите.

Инспекторите треба да обезбедуваат објективна примена на законот.

Член 83

Во вршењето на инспекцискиот надзор од членот 79 од овој закон, инспекторите се овластени:
– да вршат надзор над спроведувањето на овој закон и другите прописи од областа на безбедноста на класифицираните информации,
– да предлагаат мерки за отстранување на утврдените неправилности и недостатоци во определен рок и
– да преземаат други дејствија согласно со закон.

Член 84

Службеното својство на инспекторот се докажува со службена легитимација и значка.

При вршењето на инспекцискиот надзор, инспекторите се должни да се легитимираат.

Службената легитимација и значка од ставот 1 на овој член ја издава и одзема директорот на Дирекцијата.

Oбразецот, формата и содржината на службената легитимација и значка, како и начинот на нивното издавање и одземање, ги пропишува директорот на Дирекцијата.

Член 85

Заради вршење на инспекциски надзор, органите на државната и локалната власт основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, правни лица основани од Републиката или од општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, како и други правни и физички лица се должни да овозможат непречено вршење на надзорот од областа на безбедноста на класифицираните информации.

Инспекцискиот надзор може да биде редовен, вонреден или контролен.

Редовниот инспекциски надзор опфаќа надзор над спроведувањето на овој закон и се врши според Годишен план и месечен план за работа на секој инспектор што директорот на Дирекцијата ги донесува согласно со закон.

Вонредниот надзор се врши врз основа на иницијатива поднесена од органите на државната и локалната власт основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, правни лица основани од Републиката или од општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, физички или правни лица, како и во случај на сомневање на инспекторот (по службена должност).

Контролниот инспекциски надзор се врши по истекот на рокот определен во решението за отстранување на утврдени недостатоци.

При вршењето на инспекцискиот надзор, инспекторите имаат право на пристап и увид во секое време и без најава, во објекти, деловни простории, станбени простории и во простории во кои се ракува и се чуваат класифицирани информации.

За вршење на работите од ставот 6 на овој член во станбени простории, инспекторите се должни да обезбедат судски налог.

При вршењето на инспекцискиот надзор, инспекторите може да побараат присуство на овластено лице од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на полициските работи, заради нивна заштита.

Член 86

Ако при вршењето на инспекцискиот надзор, инспекторот утврди недостатоци и неправилности во врска со исполнетоста на условите за безбедност на класифицираните информации, донесува решение со кое наредува отстранување на утврдените недостатоци и неправилности во определен рок.

Против решението на инспекторот од ставот 1 на овој член, може да се поднесе жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.

По жалбата на решението на инспекторот одлучува Државната комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.

Член 87

За извршениот инспекциски надзор, инспекторот составува записник со наод на состојбата кој го доставува на начин и во рок предвиден со закон.

За предложените мерки за отстранување на недостатоците и неправилностите инспекторот донесува решение со рокови за нивно извршување. Одговорното лице во субјектот на надзорот е должно да постапи според решението и да го извести инспекторот за преземените активности.

Член 88

Ако инспекторот утврди дека во употреба се наоѓаат уреди, технички средства, инсталации и системи кои не одговараат на пропишаните безбедносни стандарди и критериуми за заштита на класифицирани информации, со решение изрекува забрана на нивна употреба и нивно отстранување.

Член 89

Ако инспекторот при вршењето на надзорот утврди дека постои непосредна опасност од нарушување на безбедноста на објектите или просториите, документите, опремата, системите и лицата во безбедносниот појас, безбедносната зона или административната зона, со решение изрекува забрана за користење на просторот, објектот или дел од објектот.

Член 90

Заради извршувањето на решението од членовите 86 став 1 и 88 од овој закон, инспекторот извршува запечатување на предметниот објект или простории.

Запечатувањето од ставот 1 на овој член се означува со жиг на Дирекцијата.

Содржината и формата на жигот, како и начинот на запечатување, со правилник ги пропишува директорот на Дирекцијата.

Член 91

По отстранување на утврдените недостатоци, поради кои е изречена мерката забрана, а по писмено барање на субјектот на кој му е изречена мерката, инспекторот извршува отпечатување.

Член 92

Во вршењето на надзорот во примената на одредбите од овој закон и другите прописи од областа на безбедноста на класифицираните информации, инспекторите можат да наредат преземање на следниве мерки:
– демонтирање, преместување или отстранување на опрема, уреди, инсталации и системи со кои се загрозува безбедноста на класифицираните информации,
– определување на безбедносен појас, безбедносни зони и административни зони околу објектот, просторот или просторијата во објектот во кој се ракува или се чуваат класифицирани информации,
– поставување на безбедносна информатичко-комуникациска опрема, системи и инсталации за безбедност на класифицираните информации,
– преместување или отстранување на лица без соодветен безбедносен сертификат или без соодветна дозвола за пристап во безбедносен појас околу објектот и од безбедносни и административни зони во објектот во кој се ракува или се чуваат класифицирани информации,
– преместување или отстранување на возила без соодветна дозвола за пристап во безбедносен појас околу објектот и во административни зони во објектот во кој се ракува или се чуваат класифицирани информации,
– изработка на интерни акти за процена на безбедносниот ризик за класифицирани информации и за нивна заштита во случај на вонредни околности,
– ажурирање и корекција на евиденциите на класифицирани информации и нивно отстранување и уништување,
– обезбедување на пропишани услови за дисеминација и пренос на класифицирани информации,
– забрана за прием, ракување, отстапување и чување на класифицирани информации и
– други мерки за кои инспекторот ќе утврди дека се во функција на заштитата на класифицирани информации во субјектот на надзор.

Член 93

Ако при вршење на надзор инспекторот утврди повреда на закон и други прописи која претставува прекршок, поднесува барање за поведување на прекршочна постапка согласно со одредбите од овој закон и Законот за прекршоците.

Ако при вршењето на надзорот инспекторот смета дека повредата претставува кривично дело, е должен веднаш да го извести директорот на Дирекцијата заради поведување постапка пред надлежен орган.

ГЛАВА СЕДМА

ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

Член 94

Глоба во износ од 3.000 до 5.000 евра во денарска противвредност се изрекува за прекршок на правното лице-корисник на класифицирани информации, ако:
– не ги спроведе мерките за административна, физичка, безбедност на комуникациско-информациски системи, безбедност на лицата-корисници на класифицираните информации или индустриска безбедност на класифицираните информации, согласно со одредбите од членовите 26, 28, 29, 31, 32 и 33 од овој закон,
– не постапува со класифицираните информации, согласно со одредбата од членот 56 став 1 од овој закон (освен ако дејствието не претставува кривично дело),
– не извести за престанок на исполнетост на некој од условите врз основа на кои е издаден безбедносен сертификат, согласно со одредбите на членот 42 од овој закон,
– го попречува извршувањето на инспекцискиот надзор согласно со одредбите на членот 79 од овој закон.

Глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност се изрекува за прекршок на одговорното лице во правното лице-корисник на класифицирани информации за прекршоците од ставот 1 на овој член.

Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност се изрекува за прекршок на физичкото лице-корисник на класифицирани информации за прекршоците од ставот 1 на овој член.

Член 95

Глоба во износ од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност се изрекува за прекршок на правното лице-корисник на класифицирани информации, ако не ги преземе потребните активности за прием, обработка, утврдување на корисниците и не изврши дисеминација на класифицираните информации до нив, согласно со одредбите на членот 26 од овој закон.

Глоба во износ од 1.000 до 1.500 евра во денарска противвредност се изрекува за прекршок на одговорното лице во правното лице-корисник на класифицирани информации за прекршокот од ставот 1 на овој член.

Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност се изрекува за прекршок на физичкото лице-корисник на класифицирани информации за прекршокот од ставот 1 на овој член.

Член 96

Глоба во износ од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност, се изрекува на правно лице кое ќе постапи спротивно на обврската за заштита на класифицирани информации означени со степен „ИНТЕРНО“ од членот 47 став 2 и во смисла на членот 2 од овој закон.

Глоба во износ од 1.000 до 1.500 евра во денарска противвредност, се изрекува на одговорното лице во правното лице за прекршокот од ставот 1 на овој член.

Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност, се изрекува на физичкото лице за прекршокот од ставот 1 на овој член.

Член 97

Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност, се изрекува на правно лице кое спротивно на членот 12 открие информација со ознака „ЗА ОГРАНИЧЕНА УПОТРЕБА“.

Глоба во износ од 450 до 700 евра во денарска противвредност, се изрекува на одговорното лице во правното лице за прекршокот од ставот 1 на овој член.

Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност, се изрекува на физичкото лице за прекршокот од ставот 1 на овој член.

Член 98

Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност се изрекува за прекршок на офицерот за безбедност на класифицирани информации, ако:
– не исполни некоја од своите должности наведени во членот 68 од овој закон,
– го попречува вршењето на инспекцискиот надзор согласно со одредбите на членот 79 од овој закон.

Член 99

Глоба во износ од 1.000 до 1.500 евра во денарска противвредност, се изрекува на правното лице-создавач на класифицирана информација кое ќе постапи спротивно на членот 10 став 2 и класифицирана информација за која не е направена потребната проценка за можната штета и последици.

Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност, се изрекува на одговорното лице во правното лице за прекршокот од ставот 1 на овој член.

Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност, се изрекува на физичкото лице за прекршокот од ставот 1 на овој член.

Член 100

Глоба во износ од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност, се изрекува на правното лице-создавач на класифицирана информација кое ќе постапи спротивно на членот 16 став 3 и членот 18 став 2 и не го извести корисникот на класифицираната информација за промената на степенот на класификација или за нејзината декласификација.

Глоба во износ од 1.000 до 1.500 евра во денарска противвредност, се изрекува на одговорното лице во правното лице за прекршокот од ставот 1 на овој член.

Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност, се изрекува на физичкото лице за прекршокот од ставот 1 на овој член.

Постапка за порамнување со издавање на прекршочен платен налог

Член 101

За прекршоците утврдени во овој закон, согласно со Законот за прекршоците, инспекторот е должен на сторителот на прекршокот да му издаде прекршочен платен налог, пред да поднесе барање за поведување на прекршочна постапка.

Инспекторот е должен да води евиденција за издадените прекршочни платни налози и за нивниот исход.

Во евиденцијата од ставот 2 на овој член се собираат, обработуваат и чуваат следниве податоци: име и презиме, односно назив на сторителот на прекршокот, живеалиште, односно престојувалиште, седиште, вид на прекршокот, број на прекршочниот платен налог кој му се издава и исходот на постапката.

Личните податоци од ставот 3 на овој член се чуваат пет години од денот на внесување во евиденцијата.

Директорот ја пропишува формата и содржината на прекршочниот платен налог.

За се што не е определено со овој закон, во поглед на прекршочниот платен налог се применуваат одредбите од Законот за прекршоците.

Член 102

За прекршоците утврдени со овој закон, прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува надлежен суд.

ГЛАВА ОСМА

КАЗНЕНИ ОДРЕДБИ

Оддавање на класифицирани информации со степен „СТРОГО ДОВЕРЛИВО“ и „ДОВЕРЛИВО“

Член 103

Тој што на јавноста или на неповикано лице соопшти, предаде или стори достапна информација што е класифицирана со степен „СТРОГО ДОВЕРЛИВО“ до којашто има пристап согласно со закон и со тоа ги загрози или повреди виталните интереси на Република Северна Македонија, се казнува со затвор од една до пет години.

Тој што на јавноста или на неповикано лице соопшти, предаде или стори достапна информација што знае дека е класифицирана со степен „СТРОГО ДОВЕРЛИВО“, а до која дошол на противправен начин, се казнува со затвор од една до три години.

Тој што на јавноста или на неповикано лице соопшти, предаде или стори достапна информација што е класифицирана со степен „ДОВЕРЛИВО“ до којашто има пристап согласно со закон и со тоа ги загрози или повреди важните интереси на Република Северна Македонија, се казнува со затвор од една до три години.

Тој што на јавноста или на неповикано лице соопшти, предаде или стори достапна информација што знае дека е класифицирана со степен „ДОВЕРЛИВО“, а до која дошол на противправен начин, се казнува со парична казна или затвор од шест месеци до три години.

Ако делото од ставовите 1 и 3 на овој член, е извршено за време на воена состојба, сторителот се казнува со затвор од една до десет години.

Обидот за делото од ставовите 2, 3 и 4 на овој член, е казнив.

Ако делото од ставовите 1 и 3 на овој член, е сторено од небрежност, сторителот се казнува со парична казна или затвор до една година.

Неовластено откривање на класифицирана информација употребена во судска или друга постапка

Член 104

Тој што спротивно на закон, неовластено открие класифицирана информација со степен на класификација „ДРЖАВНА ТАЈНА“ за која дознал во судска или друга постапка, се казнува со затвор до пет години.

Доколку класифицираната информација е со степен на класификација „СТРОГО ДОВЕРЛИВО“ или „ДОВЕРЛИВО“, сторителот се казнува со затвор од една до три години.

Обидот за делото од ставот 2 на овој член, е казнив.

Ако делото од ставовите 1 и 2 на овој член, е сторено од небрежност, сторителот се казнува со парична казна или затвор до една година.

ГЛАВА ДЕВЕТТА

ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 105

Подзаконските акти предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Подзаконските акти донесени врз основа на Законот за класифицирани информации („Службен весник на Република Македонија“ број 9/2004, 113/2007, 145/10, 80/12, 41/14, 21/18 и 83/18), ќе се применуваат до денот на влегувањето во сила на подзаконските акти утврдени со овој закон.

Член 106

Прописите коишто регулираат прашања од областа на класифицираните информации ќе се усогласат со одредбите од овој закон во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 107

Безбедносните сертификати издадени до денот на влегувањето во сила на овој закон продолжуваат да важат до истекот на рокот на нивната важност.

Член 108

Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации основана со Законот за класифицирани информации („Службен весник на Република Македонија“ број 9/2004, 113/2007, 145/10, 80/12, 41/14, 21/18 и 83/18), од денот на влегувањето во сила на овој закон продолжува да работи како Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации согласно со надлежностите утврдени со овој закон.

Член 109

Директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации именуван до денот на влегувањето во сила на овој закон продолжува да ја извршува функцијата до истекот на мандатот за кој е именуван.

Член 110

Со денот на влегувањето во сила на овој закон, престанува да важи Законот за класифицирани информации („Службен весник на Република Македонија“ број 9/2004, 113/2007, 145/10, 80/12, 41/14, 21/18 и 83/18).

Член 111

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.