Закон за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година

1. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година (во натамошниот текст: „Буџетoт”) се извршува според одредбите од овој закон.

Член 2

Буџетските корисници и единките корисници се должни утврдените средства во Буџетот да ги користат наменски, рационално, економично и ефикасно.

2. ИЗВРШУВАЊЕ НА ОСНОВНИОТ БУЏЕТ

Член 3

Буџетските корисници кои во својот состав имаат единки корисници се должни да го контролираат наменското и законитото користење на средствата со кои располагаат единките корисници.

Член 4

Буџетските корисници и единките корисници не смеат да преземаат обврски или да направат расходи над лимитот на одобрените средства со Буџетот.

Член 5

Техниката на наплата на приходите, извршувањето на расходите и управувањето со ликвидноста се врши во согласност со актите пропишани од министерот за финансии.

Член 6

Буџетските корисници од централната власт можат да ги користат средствата само доколку во рок од 25 дена од денот на донесувањето на Буџетот до Трезорот при Министерството за финансии достават годишен финансиски план по квартали за користење на средствата по сметки, програми, потпрограми и ставки.

Буџетските корисници од централната власт кои во својот состав имаат единки корисници се должни до секоја единка корисник, во рок од пет дена од денот на донесувањето на Буџетот, да достават извадок од годишниот финансиски план по сметки, програми, потпрограми и ставки, во кој се содржани одобрените средства за одделните единки корисници.

Врз основа на извадокот од ставот 2 на овој член, единките корисници изготвуваат свој финансиски план по квартали, сметки, програми, потпрограми и ставки, кои имаат обврска да го достават до надлежното министерство, а надлежното министерство консолидираниот финансиски план да го достави до Министерството за финансии во рок од 25 дена од денот на донесувањето на Буџетот.

Во текот на годината, буџетските корисници од централната власт може да достават барање за измена на годишниот финансиски план по квартали, за користењето на средствата по сметки, програми, потпрограми и ставки, само доколку се работи за расходи кои не можеле да бидат навремено планирани и за истото е потребно да се достави образложение и ревидиран годишен финансиски план по квартали.

Врз основа на годишниот финансиски план, во текот на годината, буџетските корисници од централната власт изготвуваат предлог на финансиски план за даден квартал, по месеци, сметки, програми, потпрограми и ставки, кој го доставуваат до Трезорот при Министерството за финансии, најдоцна пет дена пред почетокот на кварталот за кој се однесува планот, заради негово одобрување.

Буџетските корисници од централната власт кои во својот состав имаат единки корисници се должни до Трезорот при Министерството за финансии да достават и збирен квартален план по месеци, сметки, програми, потпрограми и ставки за своите единки корисници.

Во текот на дадениот квартал, буџетските корисници од централната власт може да достават барање за измена на кварталниот финансиски план по месеци, сметки, програми, потпрограми и ставки, во рамки на износите одобрени за дадениот квартал.

Средствата од Основниот буџет во Раздел 090.02 – Министерство за финансии – Функции на државата се користат без одобрување на финансиски план.

Во случај кога Владата на Република Северна Македонија одобрува средства од раздел 090.02 – Министерство за финансии – Функции на државата на друг буџетски корисник, средствата се одобруваат како финансиски план (право на трошење) во разделот на буџетскиот корисник.

Член 7

Исплатата на плати на буџетските корисници од централната власт и единките корисници ја одобрува Министерството за финансии. Буџетските корисници од централната власт и единките корисници се должни два дена пред исплатата на плати, до Министерството за финансии да достават барање за одобрување на средства за плати кон кое ќе гo приложат образецот Ф-1 за бројот на вработените по име и презиме, плата како и други податоци предвидени во образецот во пишана и електронска верзија (на ЦД, електронска пошта и друго) за односниот месец за кој се однесува исплатата.

Во случај на нови вработувања, буџетските корисници од централната власт и единките корисници се должни да достават известување за обезбедени финансиски средства и да приложат образец М-1.

Член 8

На избраните и именуваните функционери кај буџетските корисници и единките корисници од денот на нивното именување заклучно со денот на нивното разрешување, им следува надоместок на трошоци за одвоен живот од семејството во висина од 30% од просечната месечна нето плата исплатена во Република Северна Македонија во претходните три месеци.

Одвоен живот од семејството се смета кога лицата од ставот 1 на овој член кои имаат семејство за издржување засноваат работен однос во орган на управа надвор од нивното живеалиште, а во местото каде што е седиштето на органот во кој имаат засновано работен однос не живеат со нивното семејство.

Надоместокот за трошоците за одвоен живот не им припаѓа на лицата од ставот 1 на овој член, доколку местото на живеење е оддалечено помалку од 100 километри од местото на работење.

На избраните и именуваните функционери кај буџетските корисници и единките корисници кои користат надоместок за одвоен живот од семејството не им следува надоместок за трошоците за превоз заради посета на потесното семејство.

Член 9

На лицата на кои им следува право на користење на службен стан согласно со закон, доколку истиот не може да им биде обезбеден, имаат право на надоместок за закупнина на стан. Владата на Република Северна Македонија ќе ја определи висината на надоместокот за закупнина на стан.

Надоместокот на трошоците за одвоен живот и надоместокот за закупнина на стан меѓусебно се исклучуваат.

Член 10

Одредбите од членовите 8 и 9 од овој закон, се применуваат и на лицата на служба во Армијата на Република Северна Македонија и во Министерството за внатрешни работи, на кои им следуваат овие права согласно со закон.

Член 11

За деновите кога вработениот е на службен пат, боледување, годишен одмор и отсуствува од работа по која било друга основа, надоместокот за одвоен живот не се исплатува.

Член 12

Надоместокот за селидбени трошоци, на лица на кои им следува право на користење на службен стан се исплатува во висина на вистинските трошоци за превоз на покуќнината.

Надоместокот за селидбени трошоци не следува доколку на вработениот му се исплатува надоместок за одвоен живот.

Член 13

Во случај на непрекинато боледување подолго од шест месеци на вработениот му се исплатува еднократна парична помош во висина од една последна исплатена просечна месечна нето плата во органот каде што е вработен.

Член 14

Во случај на заминување на работникот во пензија му се исплатува двократен износ за отпремнина пресметан врз основа на просечната месечна нето плата по работник во Републиката објавена до денот на исплатата.

Член 15

Во случај на смрт на вработениот, на неговото семејство му припаѓа парична помош во износ од 30.000 денари.

На вработениот, во случај на смрт на член на потесното семејство (родител, брачен другар, деца родени во брак или вон брак, посиноци, посвоените деца и децата земени на издржување) му припаѓа парична помош во висина од 15.000 денари.

Надоместоците од ставовите 1 и 2 на овој член се исплатуваат по претходно доставено барање со комплетирана документација во годината на настапување на смртта, односно во годината која следи по годината на настапување на смртта.

За работниците ангажирани со договори за отстапување на работник за привремени вработувања, средствата за исплата на солидарна помош на вработените ги обезбедува работодавачот, а исплатата ја врши Агенцијата за привремени вработувања.

Член 16

Буџетските корисници, правата стекнати по основ на членовите 8, 9, 12, 13, 14 и 15 од овој закон ги исплаќаат од одобрените средства со Буџетот.

Член 17

Буџетските корисници и единките корисници на средства од Буџетот на Република Северна Македонија, јавните претпријатија, агенции и јавно-правните субјекти основани од централната власт, како и трговските друштва основани од Република Северна Македонија, освен независните регулаторни тела со јавни овластувања утврдени со закон, можат да вработуваат работници на определено време, на неопределено време и да склучуваат договори за отстапување на работник за привремени вработувања, за вршење на привремени работи само под услов ако за тоа се обезбедени финансиски средства во Буџетот на Република Северна Македонија, односно во финансиските планови за тековната фискална година.

Министерството за финансии во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето за вработување на нови работници, писмено ги известува субјектите од ставот 1 на овој член за обезбедените финансиски средства за бараните вработувања.

2.1 ИЗВРШУВАЊЕ НА ОДДЕЛНИ РАСХОДИ УТВРДЕНИ ВО ОСНОВНИОТ БУЏЕТ

Член 18

Средствата утврдени во Раздел 040.01 – Влада на Република Северна Македонија, Потпрограма 10 – Aдминистрација, ставка 463 – Трансфери до невладини организации, наменети за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите ќе се користат врз основа на одлука на Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Комисија формирана од Владата на Република Северна Македонија.

Здруженијата и фондациите до Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат доставуваат програми за намената на бараните средства, по претходно распишан оглас.

Средствата утврдени во Раздел 040.01 – Влада на Република Северна Македонија, Потпрограма 14 – Иселеништво, се користат по претходно донесена програма од Владата на Република Северна Македонија, на предлог на министерот без ресор задолжен за дијаспора.

Средствата утврдени во Раздел 040.01 – Влада на Република Северна Македонија, Потпрограма 16 – Поддршка за печатење и дистрибуција на печатени медиуми, се користат по претходно донесена програма од Владата на Република Северна Македонија, на предлог на министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност.

Средствата утврдени во Раздел 040.01 – Влада на Република Северна Македонија, Потпрограма С4 – Програма за намалување на аерозагадувањето, се користат по претходно донесена програма од Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија.

Член 19

Средствата утврдени во Раздел 040.02 – Служба за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија, Потпрограма 1А – Реконструкција на згради на владини органи, се користат по претходно донесена програма од Владата на Република Северна Македонија на предлог на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија.

Член 20

Средствата утврдени во Раздел 040.10 – Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, Потпрограма 11 – Промоција на меѓуетнички односи, ставка 463 – Трансфери до невладини организации, кои се наменети за финансирање на програмски активности на здруженија на граѓани и фондации со цел промовирање на меѓуетнички односи ќе се користат врз основа на одлука на Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Средствата утврдени во Раздел 040.10 – Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, Потпрограма 12 – Одбележување на годишнина на Рамковниот договор, ставка 425 – Договорни услуги и ставка 426 – Други тековни расходи се користат по претходно донесена програма од Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Средствата утврдени во Раздел 040.10 – Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, Потпрограма 13 – Унапредување на односите меѓу заедниците, ставка 425 – Договорни услуги и ставка 426 – Други тековни расходи се користат по претходно донесена програма од Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Средствата утврдени во Раздел 040.10 – Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, Потпрограма К5 – Соодветна и правична застапеност на заедниците ќе се користат за вработување на припадници на заедниците кај буџетските корисници и единките корисници од централната власт, по претходно одобрение на Координативното тело за соодветна и правична застапеност формирано од Владата на Република Северна Македонија.

Член 21

Во Раздел 090.02 – Министерство за финансии – Функции на државата, Потпрограма 20 – Функции, ставка 426 – Други тековни расходи се обезбедуваат средства за плаќање на провизии за платен промет и за извршени услуги, надоместоци за комисии и други трошоци.

Член 22

Средствата утврдени во Раздел 090.02 – Министерство за финансии – Функции на државата, Потпрограма 20 – Функции, категории 45 – Каматни плаќања и 49 – Отплата на главнина, за отплата на камата и главнина по основ на странски и домашен долг, како и средствата утврдени во Потпрограмата 20 – Функции, ставка 485 – Вложувања и нефинансиски средства, наменети за плаќање на гаранции на државата согласно со одредбите од склучените договори, како и краткорочните позајмици кои се враќаат до крајот на фискалната година се извршуваат без оглед на планираната буџетска алокација за оваа намена.

Член 23

Средствата за финансирање на проектите од одделните компоненти од ИПА (национално кофинансирање и ИПА средствата од ЕУ) индикативно се планирани во раздел 090.02 – Министерство за финансии – Функции на државата, освен средствата за национално кофинансирање на петтата компонента од ИПА – Рурален развој кои се планирани во Разделот 140.04 – Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и Разделот 140.01 – Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

При ненавремен трансфер на средствата од ЕУ наменети за финансирање на проектите од одделните компоненти од ИПА, средства ќе се обезбедат од Буџетот согласно со интерните процедури на Министерството за финансии.

При извршување, приоритет во исплатата на средства ќе има финансирањето на проектите од одделните компоненти од ИПА.

Член 24

Во Раздел 090.02- Министерство за финансии – Функции на државата, Потпрограма 20 – Функции, ставка 465 – Исплата по извршни исправи, се обезбедуваат средства за плаќање на извршни исправи. Овие средства се извршуваат без оглед на планираната буџетска алокација за оваа намена.

Член 25

Во Раздел 090.02 – Министерство за финансии – Функции на државата, Потпрограма 20 – Функции, ставка 480 – Купување на опрема и машини, се обезбедуваат и средства за враќање на данок на додадена вредност при реализација на донација од јавен интерес како и средства за враќање на данок на додадена вредност и акцизи за реализација на проекти врз основа на договори меѓу Владата на Република Северна Македонија и странски донатори, во кои стои клаузула дека донираните средства не можат да се користат за плаќање на даноци. Овие средства се извршуваат без оглед на планираната буџетска алокација за оваа намена.

Поблиските прописи за начинот на спроведување на одредбите од ставот 1 на овој член ги донесува министерот за финансии.

Член 26

Средствата утврдени во Раздел 100.01 – Министерство за економија, Потпрограма Д0 – Поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи, ставка 464 – Разни трансфери, се користат по претходно донесена програма од Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерството за економија.

Член 27

Средствата утврдени во Раздел 121.01 – Министерство за животна средина и просторно планирање, Потпрограма 21 – Инвестиции во животната средина, се користат по претходно донесена програма од Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерство за животна средина и просторно планирање.

Средствата утврдени во Раздел 121.01 – Министерство за животна средина и просторно планирање, Потпрограма 2Е – Колекторски систем Охрид и Струга, се користат по претходно донесена програма од Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Член 28

Средствата утврдени во Раздел 130.01 – Министерство за транспорт и врски, Потпрограма 20 – Сообраќај и комуникации, ставка 464 – Разни трансфери се користат по претходно донесена програма од Владата на Република Северна Македонија на предлог на Министерството за транспорт и врски.

Средствата утврдени во Раздел 130.01 – Министерство за транспорт и врски, Потпрограма 30 – Урбанизам и градежништво, ставка 482 – Други градежни објекти се користат по претходно донесена програма од министерот за транспорт и врски.

Средствата утврдени во Раздел 130.01 – Министерство за транспорт и врски, Потпрограма ДА – Инвестиции во железничката инфраструктура, ставка 489 – Капитални субвенции за претпријатија и невладини организации се користат по донесена годишна програма за финансирање на железничката инфраструктура од Владата на Република Северна Македонија на предлог на управителот на инфраструктура.

Средствата утврдени во Раздел 130.01 – Министерство за транспорт и врски, Потпрограма ДА – Инвестиции во железничката инфраструктура, планирани на ставка 461 – Субвенции за јавни претпријатија, се користат согласно со донесена одлука од Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерството за транспорт и врски.

Средствата утврдени во Раздел 130.01 – Министерство за транспорт и врски, Потпрограма 3Б – Водовод и канализација за општините, ставка 425 – Договорни услуги и ставка 488 – Капитални дотации до ЕЛС, се извршуваат без оглед на планираната буџетска алокација за оваа намена во текот на годината и истите се рефундираат од сметката за заеми и сметката за донации за истата намена во Раздел 130.01 – Министерство за транспорт и врски.

Доколку до крајот на месец ноември во тековната година, не се изврши рефундирање на средства од ставот 5 на овој член, Трезорот по службена должност врши пренамена на средства од Буџетот на Раздел 130.01 – Министерство за транспорт и врски, од сите ставки и програми.

Член 29

Средствата утврдени во Раздел 140.01 – Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Потпрограма 30 – Земјоделство, ставка 489 – Капитални субвенции за претпријатија и невладини организации, ќе се користат по претходно донесена програма од Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Средствата утврдени во Раздел 140.01 – Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Потпрограма 51 – Заштита на растенија, ставка 464 – Разни трансфери, ќе се користи по претходно донесена програма од Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Средствата утврдени во Раздел 140.01 – Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Потпрограма 6Г – Програма за наводнување на јужна долина на Вардар, ставка 425 – Договорни услуги и ставка 482 – Други градежни објекти, се извршуваат без оглед на планираната буџетска алокација за оваа намена во текот на годината и истите се рефундираат од сметката за заем за истата намена во раздел 140.01 – Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Доколку до крајот на месец ноември во тековната година, не се изврши рефундирање на средства од ставот 3 на овој член, Трезорот по службена должност врши пренамена на средства од Буџетот на раздел 140.01 – Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, од сите ставки и програми.

Средствата утврдени во Раздел 140.01 – Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Потпрограма МД – Рурален развој, ставка 425 – услуги, се извршуваат без оглед на планираната буџетска алокација за оваа намена во текот на годината и истите делумно се рефундираат од сметката за донации во раздел 09.002 – Министерство за финансии – функции на држава, Потпрограма МД – Рурален развој.

Доколку до крајот на месец ноември во тековната година не се изврши рефундирање на средства од ставот 5 на овој член, Трезорот по службена должност врши пренамена на средства од Буџетот на раздел 140.01 – Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Член 30

Средствата утврдени во раздел 140.04 – Агенција за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Потпрограма 20 – Финансиска поддршка во земјоделството, ставка 464 – Разни трансфери, како и средствата утврдени во Потпрограма 2А – Финансиска поддршка на рурален развој, ставка 489 – Капитални субвенции за претпријатија и невладини организации, ќе се користат по претходно донесени програми од Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Член 31

Средствата утврдени во Раздел 140.05 – Агенција за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија, Потпрограма 20 – Ветеринарно-здравствена заштита, ставка 464 – Разни трансфери, Потпрограма 30 – Безбедност на храна, ставка 464 – Разни трансфери и Потпрограма 40 – Ветеринарно јавно здравство, ставка 464 – Разни трансфери ќе се користат по претходно донесена програма од Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија.

Член 32

Средствата утврдени во Раздел 150.01 – Министерство за труд и социјална политика, Потпрограма 10 – Администрација, ставка 463 – Трансфери до невладини организации, ќе се користат со одлука на Владата на Република Северна Македонија, за финансирање на програмските активности на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, здруженијата на граѓани за борба против семејното насилство и Црвен крст на Република Северна Македонија, согласно со Законот за игрите на среќа и за забавните игри.

Член 33

Средствата утврдени во Раздел 150.01 – Министерство за труд и социјална политика, Потпрограма 3А – Изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита, се користат по претходно донесена Програма за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита од Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерството за труд и социјална политика.

Средствата утврдени во Раздел 150.01 – Министерство за труд и социјална политика, Потпрограма 4А – Изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица, се користат по претходно донесена Програма за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица од Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерството за труд и социјална политика.

Член 34

Средствата за заштита на социјално загрозеното население утврдени во Раздел 150.01 – Министерство за труд и социјална политика, Потпрограма 50 – Надоместоци за социјална заштита, ставка 471 – Социјални надоместоци, ќе се користат по претходно донесена програма од Владата на Република Северна Македонија и комплетирана документација од страна на центрите за социјална работа.

Член 35

Средствата за исплата на детски и родителски додаток утврдени во Раздел 150.01 – Министерство за труд и социјална политика, Потпрограма 52 – Надоместоци за детска заштита, ставка 471 – Социјални надоместоци, ќе се користат по претходно донесена програма од Владата на Република Северна Македонија и комплетирана документација од страна на Министерството за труд и социјална политика.

Член 36

Средствата за извршување на обврските на Република Северна Македонија по основ на пензиско и инвалидско осигурување утврдени со закон, во Раздел 150.01 – Министерство за труд и социјална политика, Потпрограма 60 – Поддршка на социјални фондови, ставка 431 – Трансфери до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија се исплатуваат на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија по претходно доставена пресметка од Фондот до Министерството за труд и социјална политика.

Член 37

Средствата за извршување на обврските на Република Северна Македонија по основ на капитално финансирано пензиско осигурување утврдени со закон, во Раздел 150.01 – Министерство за труд и социјална политика, Потпрограма 61 – Транзициони трошоци по основ на пензиска реформа, ставка 431 – Трансфери до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија се исплатуваат на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија по претходно доставена пресметка од Фондот до Министерството за труд и социјална политика.

Член 38

Буџетскиот корисник на централниот буџет при прераспределба на средства во рамки на одобрениот буџет, а кои се однесуваат на зголемување или намалување на расходнaта ставка 431 – Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија, мора соодветно да обезбеди и прераспределба на средствата утврдени во буџетот на Фондот.

Член 39

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија, до Министерството за финансии доставува полугодишен и годишен извештај со образложение за висината и намената на искористените средства од членовите 36 и 37 од овој закон како и образложение за преземените и планирани мерки за зголемување на наплатата на даночните и неданочните приходи во негова надлежност и предлози за намалување на трансферите, најдоцна еден месец по завршување на извештајниот период.

Член 40

Средствата утврдени во Раздел 160.01 – Министерство за образование и наука, Потпрограма TА – Изградба на основни училишта и TБ – Реконструкција на основни училишта, се користат по претходно донесена Програма за изградба и реконструкција на основни училишта од Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерството за образование и наука.

Средствата утврдени во Раздел 160.01 – Министерство за образование и наука, Потпрограма TГ – Изградба на средни училишта и TД – Реконструкција на средни училишта, се користат по претходно донесена Програма за изградба и реконструкција на средни училишта од Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерството за образование и наука.

Средствата утврдени во Раздел 160.01 – Министерство за образование и наука, Потпрограма 50 – Ученички стандард, Потпрограма TИ – Реконструкција на ученички домови, Потпрограма 60 – Студентски стандард и Потпрограма TК – Изградба и реконструкција на студентски домови се користат по претходно донесени програми од Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерството за образование и наука.

Средствата утврдени во Раздел 160.01 – Министерство за образование и наука, Потпрограма 71 – Научно-истражувачка работа, со исклучок на средствата утврдени во категоријата 48 – Капитални расходи, се користат по претходно донесена програма за научно-истражувачка дејност од Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерството за образование и наука.

Член 41

Средствата утврдени во Разделот 161.01 – Агенција за млади и спорт, Потпрограма 20 – Спорт, ставка 463 – Трансфери до невладини организации се користат за финансирање на спортот, за спортските федерации и клубови, согласно со Законот за игрите на среќа и за забавните игри.

Распределбата на средствата од ставот 1 на овој член ја врши Владата на Република Северна Македонија со одлука, врз основа на програма поднесена од Агенцијата за млади и спорт.

Средствата утврдени во Разделот 161.01 – Агенција за млади и спорт, Потпрограма 40 – Меѓународен програм, ставка 463 – Трансфери до невладини организации се користат по претходно донесена програма за развој на спорт и млади од Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Агенцијата за млади и спорт.

Член 42

Средствата утврдени во Раздел 190.01 – Министерство за здравство, Потпрограми 40, 50, 51, 52, 53, 54, 55, 56, 57, 58, 59, 60, 61, 62, 63, 64, 65, 66, 67, 68 и 69 се користат по претходно донесени програми од Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерството за здравство.

Распределбата на средствата утврдени во Потпрограмата 68, Министерството за здравство ја планира во соработка со Министерството за труд и социјална политика.

Член 43

Средствата утврдени во Раздел 190.01 – Министерство за здравство, Потпрограма 13 – Поддршка за социјални фондови, ставка 433 – Трансфери до Фондот за здравствено осигурување, ќе се користат врз основа на претходно доставена пресметка од Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија до Министерството за здравство.

Член 44

Средствата утврдени во Раздел 191.01 – Министерство за локална самоуправа, Потпрограма OА – Рамномерен регионален развој, ставка 464 – Разни трансфери се користат по претходно донесена програма од Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерството за локална самоуправа.

Средствата утврдени во раздел 280.01 – Биро за регионален развој, Потпрограма OА – Рамномерен регионален развој, ставка 488 – Капитални дотации до ЕЛС, се користат по претходно донесена програма од Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Бирото за регионален развој.

Член 45

Средствата утврдени во Раздел 090.02 – Министерство за финансии – Функции на државата, Потпрограма А0 – Децентрализација, ставка 441 – Дотации од ДДВ, се пренесуваат на сметките на општините врз основа на уредба донесена од Владата на Република Северна Македонија.

Член 46

Средствата од Буџетот на Република Северна Македонија за наменски и блок дотации се пренесуваат на сметки на општините врз основа на уредби донесени од Владата на Република Северна Македонија, во динамика усогласена со Министерството за финансии.

Член 47

Буџетските корисници кои се обврзани да изготват Програми за користење на средства од Буџетот, се должни до Владата на Република Северна Македонија да ги достават истите во рок од 30 дена од денот на објавување на Буџетот во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Владата на Република Северна Македонија е должна да ги донесе Програмите од ставот 1 на овој член во рок од 30 дена од денот на доставување од страна на буџетските корисници.

Буџетските корисници до Министерството за финансии доставуваат полугодишен и годишен извештај за реализација на програмите, најдоцна еден месец по завршување на извештајниот период.

Член 48

Поврат на приходи кои му припаѓаат на Буџетот се врши во случај кога се работи за погрешно, повеќе уплатени, односно наплатени приходи, како и за уплатени приходи по кои не е настанато правно дејство.

Пренасочување на приходи кои му припаѓаат на Буџетот се врши единствено кога се работи за погрешно уплатени приходи.

Повратот, односно пренасочувањето на приходите од ставовите 1 и 2 на овој член, освен приходите од ставовите 4, 5 и 6 на овој член, се врши со решение на Министерството за финансии. По исклучок за грешки настанати при вршење на платен промет, повратот, односно пренасочувањето со налог го врши Трезорот по писмено барање од страна на носителот на платниот промет и доказ за направената грешка.

Поврат, односно, пренасочување на приходите за кои е надлежна Управата за јавни приходи, се врши со решение на Управата за јавни приходи. По исклучок за грешки настанати при вршење на платен промет, повратот, односно пренасочувањето со налог го врши Управата за јавни приходи по писмено барање од страна на носителот на платниот промет и доказ за направената грешка.

Поврат, односно пренасочување на приходите за кои е надлежна Царинската управа, се врши со решение на Царинската управа. По исклучок за грешки настанати при вршење на платен промет, повратот, односно пренасочувањето со налог го врши Царинската управа по писмено барање од страна на носителот на платниот промет и доказ за направената грешка.

Поврат, односно пренасочување на приходи кои со својата дејност ги остваруваат органите на државната управа на посебните сметки, се врши со решение на органот на државната управа. По исклучок за грешки настанати при вршење на платен промет, повратот, односно пренасочувањето со налог го вршат органите на државната управа по писмено барање од страна на носителот на платниот промет и доказ за направената грешка.

Во постапката за поврат на погрешно, повеќе уплатени, односно наплатени приходи, како и за приходи по кои не е настанато правно дејство, не се засметува камата, доколку со друг закон не е поинаку уредено.

Начинот на постапување при извршувањето на повратот, односно пренасочувањето од овој член го пропишува министерот за финансии.

Член 49

Рокот за завршување на постапката за поврат, односно пренасочувањето на приходите, не може да биде подолг од 60 дена од денот на приемот на барањето, односно од денот на комплетирање на документацијата во врска со барањето за поврат, односно пренасочување на приходите.

Член 50

Правото на поврат на приходи, застарува во рок од пет години од денот кога истите се уплатени, односно од денот на дознавањето дека истите се погрешно или повеќе уплатени или дејствието не е извршено, доколку со друг закон не е поинаку уредено.

3. ИЗВРШУВАЊЕ НА БУЏЕТИТЕ НА САМОФИНАНСИРАЧКИ АКТИВНОСТИ, ДОНАЦИИ И ЗАЕМИ

Член 51

Средствата утврдени во Раздел 090.04 – Aгенција за стоковни резерви, Потпрограма 20 – Управување со стоковни резерви, ставка 484 – Стратешки стоки и други резерви, се користат по претходно донесена програма за формирање на стоковните резерви за 2020 година од Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Aгенцијата за стоковни резерви.

Член 52

Средствата утврдени во Раздел 090.07 – Дирекција за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, Потпрограма 20 – Задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, ставка 484 – Стратешки стоки и други резерви, се користат по претходно донесена програма за формирање на задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати за 2020 година од Управниот одбор на Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати.

Член 53

Средствата утврдени во Раздел 121.01 – Министерство за животна средина и просторно планирање, Потпрограма С1 – Унапредување на животната средина, се користат по претходно донесена програмаод Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Член 54

Приходите остварени од самофинансирачки активности, од донации и заеми, буџетските корисници од централната власт можат да ги користат за намените и во висина на износите утврдени со Буџетот врз основа на годишен финансиски план по квартали, сметки, програми, потпрограми и ставки и истиот е потребно да се достави до Трезорот при Министерството за финансии во рок од 25 дена од денот на донесување на Буџетот.

Буџетските корисници од централната власт кои во својот состав имаат единки корисници се должни до секоја единка корисник, во рок од пет дена од денот на донесувањето на Буџетот, да достават извадок од годишниот финансиски план по квартали, сметки, програми, потпрограми и ставки, во кој се содржани одобрените средства за одделните единки корисници.

Врз основа на извадокот од ставот 2 на овој член, единките корисници изготвуваат свој финансиски план по квартали, сметки, програми, потпрограми и ставки кои имаат обврска да го достават до надлежното министерство и до Министерството за финансии во рок од 25 дена од денот на донесување на Буџетот.

Во текот на годината буџетските корисници од централната власт можат да достават барање за измена на годишниот финансиски план по квартали, за користењето на средствата по сметки, програми, потпрограми и ставки, само доколку се работи за расходи кои не можеле да бидат навремено планирани и за истото е потребно буџетските корисници од централната власт да достават образложение и ревидиран годишен финансиски план по квартали.

Врз основа на годишниот финансиски план, во текот на годината, буџетските корисници од централната власт изготвуваат предлог-финансиски план за даден квартал, по месеци, сметки, програми, потпрограми и ставки, кој го доставуваат до Трезорот при Министерството за финансии најдоцна пет дена пред почетокот на кварталот за кој се однесува планот, заради негово одобрување.

Буџетските корисници од централната власт кои во својот состав имаат единки корисници се должни до Трезорот при Министерството за финансии да достават и збирен квартален план по месеци, сметки, програми, потпрограми и ставки, за своите единки корисници.

Во текот на дадениот квартал буџетските корисници од централната власт можат да достават барање за измена на кварталниот финансиски план по месеци, сметки, програми, потпрограми и ставки, во рамки на износите одобрени за дадениот квартал.

Член 55

Прераспределбата на утврдените средства на посебните сметки, меѓу расходните ставки, програми и потпрограми во рамките на буџетот на буџетскиот корисник, се врши со претходна согласност на министерот за финансии.

4. ВОДЕЊЕ НА ЕВИДЕНЦИЈА НА ПРЕЗЕМЕНИТЕ ОБВРСКИ НА БУЏЕТСКИТЕ КОРИСНИЦИ

Член 56

Буџетските корисници водат евиденција и вршат пријавување на преземени повеќегодишни обврски (ПО1 образец) и преземени обврски за тековната година (О1 образец).

5. ИЗВРШУВАЊЕ НА РАСХОДИ ОД СМЕТКИТЕ НА БУЏЕТСКИТЕ КОРИСНИЦИ ПО ОСНОВ НА ПРИСИЛНА НАПЛАТА

Член 57

Средствата за исплата по налози за извршување (решенија за присилна наплата и налози за извршување доставени од Народната банка на Република Северна Македонија) се извршуваат од ставката 465 – Исплата по извршни исправи.

За извршување на налозите за извршување, Министерството за финансии по службена должност врши пренамена на ставката 465 – Исплата по извршни исправи во висина на потребниот износ од другите ставки каде има расположливи средства во рамки на буџетот на буџетскиот корисник, освен од Плати и надоместоци.

По исклучок од ставот 2 на овој член, за Раздел 090.02 – Министерство за финансии – Функции на државата ќе се применува членот 24 од овој закон.

6. ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 58

Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година ќе се извршува од 1 јануари до 31 декември 2020 година.

Член 59

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”, а ќе се применува од 1 јануари 2020 година.