Закон за заштита на правата на пациентите

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој закон се уредуваат заштитата на правата на пациентите во користењето на здравствената заштита, должностите на здравствените установи и здравствените работници и соработници, општините и фондот за здравствено осигурување во унапредувањето и заштитата на правата на пациентите, постапката за заштита на правата на пациентите, како и надзорот над спроведувањето на законот.

Член 2

Со заштитата на правата на пациентот се обезбедува квалитетна и континуирана здравствена заштита во согласност со тековните достигнувања во здравството и медицината, во рамките на системот за здравствена заштита и здравствено осигурување, соодветна на поединечните потреби на пациентот, со отсуство на каква било психичка и физичка злоупотреба, со целосно почитување на достоинството на неговата личност и во негов најдобар интерес.

Начела на заштита на правата на пациентите

Член 3

Заштитата на правата на пациентите се заснова на начелата на хуманост и достапност.

Начелото на хуманост се занова на:
1) почитување на личноста на човекот, како хумано суштество;
2) почитување на личната самоопределба;
3) физичкиот и психичкиот интегритет на личноста, како и сигурноста на човекот;
4) почитување на приватноста на личноста;
5) хумани (човечки) релации меѓу пациентот, здравствениот работник и здравствениот соработник засновани врз етички и деонтолошки принципи;
6) право на искажување на болка и на ослободување од непотребна болка, во согласност со тековното знаење во медицината и
7) хумана здравствена заштита на терминално болни.

Начелото на достапност се заснова на:
1) здравствени услуги што постојано се достапни и пристапни на сите пациенти подеднакво и без дискриминација;
2) континуитет на здравствената заштита, вклучувајќи соработка меѓу сите здравствени рабoтници, здравствени соработници и/или здравствени установи што можат да бидат вклучени во целиот процес на третман на одредена состојба или заболување на пациентот;
3) праведна и фер постапка за избор/селекција на медицински третман, во услови кога постои можност за избор од страна на здравствените установи на потенцијални пациенти за посебен третман кој е достапен во ограничен обем, при што изборот треба да се заснова на медицински критериуми, без дискриминација;
4) избор и промена на здравствен работник и здравствена установа, во рамките на здравствениот систем;
5) достапност на служби за домашно лекување, односно служби во заедницата каде што пациентот живее и
6) еднаква можност за заштита на правата на сите пациенти на територијата на Република Македонија.

Дефиниции

Член 4

Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:

1. ”Пациент” е лице, болно или здраво, кое ќе побара или на кое му се врши одредена медицинска интервенција со цел за зачувување и унапредување на здравјето, спречување на болести и други здравствени состојби, лекување или здравствена нега и рехабилитација;

2. ”Медицинска интервенција” е секој преглед, третман или друга активност со превентивна, дијагностичка, терапевтска цел или со цел за рехабилитација што ја презема овластен здравствен работник;

3. ”Медицинско досие” за пациентот е досие во кое се депонираат сите податоци и документи што се однесуваат на здравствениот статус на пациентот, медицинската, односно клиничката состојба, дијагнозата, прогнозата и третманот, како и сите други лични податоци, а кое се води во согласност со прописите од областа на здравствената евиденција и овој закон;

4. ”Здравствена установа” е установа основана и која работи согласно со прописите од областа на здравствената заштита;

5. ”Здравствена заштита на терминално болни” е заштита што му се дава на пациент кога не е повеќе можно да му се подобри прогнозата на состојбата со достапните методи за третман, како и грижа во периодот пред настапување на смртта и

6. ”Медицински податоци” се податоци што се однесуваат на здравјето на пациентот. Медицинскитe податоци, ги вклучуваат податоците што се однесуваат на анамнеза, дијагноза, прогноза и третман на пациентот, како и податоците што имаат јасна и блиска врска со здравјето на пациентот.

II. ПРАВА НА ПАЦИЕНТИТЕ

Член 5

Пациентот ги има правата пропишани со овој или со друг закон или со ратификуван меѓународен договор, конвенции, декларации и други меѓународни документи што се однесуваат на заштитата на правата на пациентите.

Пациентот има право на остварувањето на правата, пропишани со овој закон, без дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање, сексуална ориентација или кој и да е друг статус.

Пациентот има право на грижа, лекување и рехабилитација што се во согласност со неговите поединечни потреби и способности и што ја унапредуваат состојбата со неговото здравје, со цел да го достигне највисокото можно лично ниво на здравје, согласно со достапните методи и можности на медицината, а во согласност со прописите од областа на здравствената заштита и здравственото осигурување.

Личноста и достоинството на секој пациент мора да се почитува.

Пациентот има право за време на престојот во здравствената установа на лична сигурност.

Право на пациентот на учество во одлучувањето

Член 6

Правото на пациентот на учество во одлучувањето го опфаќа правото на информираност и правото на прифаќање или одбивање на определена медицинска интервенција.

Правото на пациентот на учество во одлучувањето може да се ограничи по исклучок само кога тоа е оправдано со здравствената состојба на пациентот, во случаите и на начин уредени со овој закон.

Право на информираност

Член 7

Пациентот има право, во сите фази на здравствената заштита, да биде потполно информиран за:
1) својата здравствена состојба, вклучително и за медицинската процена на резултатите и исходот на одредена медицинска интервенција, како и нејзините најчесто очекувани компликации;
2) препорачаните медицински интервенции, како и планираните датуми за нивно спроведување (програма за третман и рехабилитација);
3) можните предности и ризици при спроведувањето, односно поради неспроведувањето на препорачаните медицински интервенции;
4) своето право на одлучување за препорачаните медицински интервенции;
5) можните замени за препорачаните медицински интервенции;
6) причините за евентуалните разлики на постигнатиот резултат од медицински интервенции во однос на очекуваниот;
7) текот на постапката при укажувањето на здравствената заштита;
8) препорачаниот начин на живеење и
9) правата од здравствената заштита и здравствено осигурување, како и постапката за остварување на тие права.

Член 8

Информациите од членот 7 на овој закон на пациентот мора да му се дадат на разбирлив и соодветен начин за пациентот, со минимизирање на техничката, односно стручнатa терминологија, со цел да се добијат податоците од важност за третман на пациентот.

Член 9

Пациентот има право да побара второ стручно мислење за својата здравствена состојба, под услови пропишани со прописите за здравствена заштита и здравствено осигурување за давање на првото стручно мислење.

Второто стручно мислење од ставот 1 на овој член, на усно или писмено барање на пациентот, е должен да го даде секој здравствен работник со најмалку иста стручна подготовка, како и таа на здравствениот работник кој го дал првото стручно мислење, а кој непосредно не учествувал во првичната медицинска интервенција над пациентот.

Член 10

Пациентот има право да биде информиран за имињата, стручната подготовка и специјализацијата на здравствените работници кои му укажуваат непосредно здравствена заштита, преку задолжително јавно истакнување на лиценцата за работа издадена од соодветната комора во просторијата каде што работи.

Член 11

Право на информација има и пациент со трајно намалена способност за расудување, во согласност со неговата физичка, ментална и психичка состојба, како и неговиот старател или законски застапник.

Одбивање на прием на информација

Член 12

Пациентот има право, со писмена и потпишана изјава да одбие прием на информација за природата на својата здравствена состојба и очекуваниот исход на предложените или преземени медицински интервенции.

Член 13

Пациентот не може да се одрече од правото на информација во случаите во кои мора да биде свесен за природата на својата болест, за да не го загрози здравјето на другите.

Право на прифаќање и одбивање на определена медицинска интервенција

Член 14

Пациентот има право да прифати или да одбие определена медицинска интервенција, освен во случаите на медицински интервенции чие одложување или непреземање би го загрозило животот и здравјето на пациентот, односно животот и здравјето на други лица или би предизвикало привремено или трајно оштетување на неговото здравје, односно здравјето на други лица.

Прифаќањето или одбивањето на определена медицинска интервенција пациентот го изразува со потпишување на изјава.

Формата и содржината на образецот на изјавата за согласност, како и на изјавата за одбивање на определена медицинска интервенција, ги пропишува министерот за здравство.

Слепо лице, глуво лице кое не знае да чита, немо лице кое не знае да пишува и глувонемо лице, прифаќањето или одбивањето на определена медицинска интервенција го врши со изјава дадена пред двајца сведоци.

Заштита на пациент кој не е способен да даде изјава

Член 15

За пациентот кој не е при свест, за пациентот кој е примен во здравствена установа без негова согласност, за деловно неспособен или малолетен пациент, освен во случаи на неодложна медицинска интервенција, изјавата од членот 14 на овој закон ја потпишува неговиот родител, законскиот застапник, односно старателот.

Во интерес на пациентот, лицето од ставот 1 на овој член може да ја повлече изјавата до почетокот на интервенцијата на ист начин на кој таа е дадена.

Во случај кога интересите на пациентот од ставот 1 на овој член и неговиот родител, законскиот застапник, односно старателот се спротивставени, здравствената установа е должна веднаш да го извести надлежниот Центар за социјални работи кој решава според начелото на итност.

Член 16

Ако заради итноста на состојбата не може да се добие согласност од родителот, законскиот застапник, односно старателот од членот 15 став 1 на овој закон, пациентот ќе биде подложен на медицинска интервенција само во случај кога заради непреземање на таа интервенција непосредно би бил загрозен неговиот живот, односно животот на други лица или би бил во сериозна и непосредна опасност од тешко оштетување на неговото здравје, односно здравјето на други лица.

Интервенцијата од ставот 1 на овој член може да се спроведе без изјава за согласност на родителот, законскиот застапник, односно старателот на пациентот само додека трае непосредната опасност.

Заштита на правата на пациент над кој се врши научно истражување

Член 17

За вршење на научно истражување над пациент, неопходно е да се даде свесна, јасна и доброволна согласност од пациентот.

Согласноста на пациентот, во смисла на овој закон, е писмена, датирана и потпишана од пациентот изјава за согласност за учество во одредено научно истражување, дадена врз основа на прецизни и на разбирлив начин дадени информации за природата, важноста, последиците и ризиците на истражувањето. За деловно неспособен или малолетен пациент, изјава за согласност дава неговиот родител, законски застапник или старател, со одобрение на надлежниот центар за социјални работи.

Пациентот или неговиот родител, законскиот застапник или старателот во интерес на пациентот можат да ја повлечат согласноста од ставот 2 на овој член во секое време, на начин на кој таа била дадена.

Заштита на правата на пациент вклучен во медицинска настава

Член 18

Зa вклучување на пациент во медицинска настава неопходно е да се даде свесна, јасна и доброволна писмена или усна согласност од пациентот, дадена пред двајца сведоци врз основа на прецизен и на разбирлив начин, информации за природата, важноста, последиците и ризиците на наставата, дадени од страна на здравствениот работник што го вклучува пациентот во медицинската настава.

Член 19

Научно истражување над пациентот може да се изврши согласно со одредбите од овој или друг закон.

Научно истражување над пациентот може да се изврши само доколку се исполнети следниве услови:
1) не постои замена за истражувањето со која би се постигнала истата или приближно истата цел кај луѓето;
2) ризиците на кои се изложува пациентот се сразмерни на можната корист од истражувањето;
3) истражувањето е одобрено од страна на Етичкиот комитет при Лекарската, Фармацевтската или Стоматолошката комора во областа на здравството, со мултидисциплинарен состав, по спроведената независна анализа на неговата научна вредност, важноста на целта на истражувањето и оцената  на неговата етичка прифатливост;
4) пациентот над кој се врши истражувањето е информиран за своите права, како и за нивната заштита во согласност со овој закон и
5) добиена е изјавата за согласност на пациентот од членот 17 на овој закон.

Член 20

Научното истражување над пациент на кој му е одземена деловната способност, пациент кој не е во состојба да расудува, како и над малолетен пациент може да се преземе само доколку се исполнети условите од членот 19 на овој закон и ако:
1) резултатите од истражувањето можат да придонесат кон стварната и непосредна корист за здравјето на пациентот;
2) е добиена изјава за согласност од родителот, законскиот застапник, односно старателот, како и одобрение на надлежниот Центар за социјални работи и
3) пациентот не се противи на истражувањето.

По исклучок од ставот 1 точка 1 на овој член, во случај кога истражувањето не може да даде резултати од непосредна корист за пациентот, истото може да се одобри под условите пропишани во ставот 1 точка 2 на овој член, со тоа што целта на истражувањето да биде постигање на резултати што можат да бидат од корист на пациентот или други пациенти од иста старосна група или пациенти со иста болест и истражувањето да опфаќа минимален ризик и минимално оптоварување за пациентот.

Зафати на човековиот геном

Член 21

Зафат насочен кон промена на човековиот геном може да се преземе исклучиво во превентивни, дијагностички и терапевтски цели под услов целта на промената да не е воведување или промена во геномот на наследниците на пациентот.

Тестовите што укажуваат на генетски болести или служат за идентификација на пациентот, како носител на ген одговорен за болест или за откривање на генетската диспозиција или подложност на болест, можат да се вршат само со цел за постигање на здравствени цели или заради научно истражување врзано за здравствени цели и со соодветно генетско советување.

Пристап кон медицинското досие

Член 22

Пациентот има право да биде информиран дека за него се води медицинското досие и има право на увид во тоа досие.

Пациентот има право на свој трошок во реален износ да добие извод или копија на податоци и документи од медицинското досие од ставот 1 на овој член.

Пациентот има право да бара појаснување на податоците од медицинското досие што се однесуваат на него.

Податоците од медицинското досие се ажурираат на начин што обезбедува при внесот на нови податоци, да можат да се утврдат првично внесените податоци.

Член 23

Пациентот има право писмено да овласти лице кое ќе ги остварува во негово име правата од членот 22 ставови 1, 2 и 3 на овој закон за време, како и после престанокот на неговиот третман и лекување.

Во случај на смрт на пациентот, ако тоа пациентот за време на својот живот изречно не го забранил, право на увид во медицинското досие на пациентот има брачниот или вонбрачниот другар на пациентот, полнолетно дете, родител, полнолетен брат или сестра на пациентот, како и законскиот застапник, односно старателот на пациентот.

Лицата од ставовите 1 и 2 на овој член имаат право на свој трошок, во реален износ да добијат извод или копија на документи од медицинското досие на пациентот.

Член 24

За се што не е уредено со овој закон по однос на заштитата на личните податоци на пациентот, се применуваат прописитe од областа на заштитата на личните податоци.

Право на доверливост

Член 25

Пациентот има право на доверливост (тајност) на личните и медицинските податоци, кои мора да се чуваат во тајност и после неговата смрт, во согласност со прописите за заштита на личните податоци.

По исклучок од ставот 1 на овој член, податоците за пациентот од ставот 1 на овој член можат да бидат откриени, ако:
– пациентот даде писмена согласност,
– се неопходни за медицинска интервенција на пациентот во друга установа,
– се неопходни за обработка пропишана со закон, од страна на здравствена установа што обезбедува здравствени услуги на пациентот,
– се искористат во историски, научни, истражувачки или едукативни цели, под услов идентитетот на пациентот да не може да се открие и
– тоа е во согласност со друг закон со цел за заштита на животите, безбедноста или здравјето на други лица.

Откривањето на податоците од ставот 2 на овој член се врши на начин и до степен до кој се остварува целта на откривањето на информацијата и се заштитува во најголема можна мера тајноста на податоците.

Податоците за пациентот добиени во случаите од ставот 2 на овој член се чуваат во согласност со прописите за чување на професионална и деловна тајна, како и за заштита на личните податоци.

Човечките субстанции од коишто може да се идентификува пациентот мора да се чуваат во тајност, во согласност со прописите за заштита на личните податоци.

Пациентот треба да даде писмена или усна изјава за лицата на кои може да им се даде информација за неговиот прием во болничка здравствена установа, односно изјава за лице за натамошна комуникација, како и за неговата здравствена состојба, односно за лицата на кои не смее да им се даде таква информација.

Согласноста за давање на информации може да се претпостави само во случаи кога тие се даваат на друг здравствен работник, односно установа што продолжува да му укажува здравствена заштита на пациентот.

Ако со овој закон поинаку не е уредено, обработката на лични податоци на пациентите се врши во согласност со прописите од областа на заштитата на личните податоци.

Право на одржување на контакти

Член 26

Пациентот има право на одржување на професионални контакти со лица од здравствената установа и контакти со други лица.

Пациентот во текот на престојот во болничка здравствена установа има право, во согласност со куќниот ред и можностите на установата, да:
1) прима посетители, како и да забрани посета на одредено лице или лица;
2) прима и испраќа пошта и води телефонски разговори на свој трошок;
3) следи радио и телевизиски програми;
4) учествува, по свој избор, во верски активности и
5) користи викенд-отсуство, во согласност со неговата здравствена состојба.

Установата од ставот 2 на овој член го утврдува куќниот ред со општ акт во согласност со нејзиниот статут.

Право на самоволно напуштање на здравствена установа

Член 27

Пациентот има право самоволно да ја напушти болничката здравствената установа, освен во случаите пропишани со друг закон, како и во случаите кога тоа би било штетно за неговото здравје или здравјето или безбедноста на други лица.

Во случајот од ставот 1 на овој член пациентот е должен да даде писмена изјава или усна изјава пред двајца присутни сведоци кои ја потпишуваат изјавата за намерата на пациентот да ја напушти установата.

Писмената изјава од ставот 2 на овој член се приложува во медицинското досие на пациентот.

Податокот за самоволното напуштање на здравствената установа без најава, надлежниот здравствен работник е должен да го запише во медицинското досие на пациентот.

Ако тоа го налага здравствената состојба на  пациентот, надлежниот здравствен работник е должен за напуштањето на здравствената установа од страна на пациентот без најава, да го извести лицето од членот 25 став 6 на овој закон, а во случаи пропишани со други прописи и надлежните органи.

Ако пациентот е неспособен за расудување, односно е малолетно лице, здравствената установа е должна за самоволното напуштање без најава да го извести неговиот родител, законскиот застапник, односно старателот, како и Центарот за социјална работа.

Ако пациентот е неспособен за расудување или е малолетно лице, а изразил желба или намера своеволно да ја напушти болничката здравствена установа, установата има право да го задржи на лекување доколку напуштањето би било штетно за неговото здравје до моментот на известување на неговиот родител, законски застапник, старател, како и Центарот за социјални работи.

Право на приватност

Член 28

Пациентот има право на услови што обезбедуваат приватност при медицинските интервенции, а особено при укажувањето на личната нега.

Медицинска интервенција или укажување на лична нега може да се примени само во присуство на оние лица кои се неопходни за извршување на интервенцијата, односно укажување на негата, освен ако пациентот се согласи да биде поинаку.

Пациентот сместен во болничка здравствена установа има право:
1) да биде сместен во одвоени простории од пациент со различен пол;
2) малолетен пациент да биде сместен одвоено од полнолетен пациент;
3) да поседува предмети за лична употреба за облекување, обезбедување на лична хигиена, како и за други лични и неопходни потреби, во согласност со неговата здравствена состојба и
4) за сместување различно од точките 1 и 2 на овој став пациентот може да даде писмена согласност.

Должности на пациентите

Член 29

Пациентот за време на престојот во здравствената установа е должен, во согласност со состојбата на неговото здравје, да:
1) се грижи за сопственото здравје;
2) даде вистинити и доволни податоци за својата здравствена состојба согласно со личниот капацитет и информираност;
3) им помага активно на здравствените работници кои му укажуваат здравствена заштита;
4) постапува според советите на здравствените работници за негова нега, третман и рехабилитација;
5) ги почитува правилата за однесување,  односно куќниот ред во здравствената установа;
6) прифати ангажман, доколку е тој дел од неговата рехабилитација и ресоцијализација во функција на реактивирање на неговите социјални вештини и
7) го почитува професионалното и човечко достоинство на здравствените работници.

Пациенти со ментална болест

Член 30

Пациентите со ментална болест, покрај правата и обврските утврдени со овој закон, ги имаат правата и обврските утврдени со Законот за ментално здравје.

III. ДОЛЖНОСТИ НА ЗДРАВСТВЕНИТЕ УСТАНОВИ И ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ И СОРАБОТНИЦИ

Член 31

Здравствената установа е должна на пациентите да им обезбеди услови за остварување на правата уредени во овој закон.

Здравствената установа во остварувањето на правата на пациентите уредени со овој закон соработува со здравствените установи на и вон територијата на Република Македонија.

Здравствената установа во остварувањето на правата на пациентите уредени со овој закон може да соработува и со установи вон територијата на Република Македонија.

Член 32

Се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување на пациентот.

Се забранува вршење на научни истражувања на пациенти и вклучување на пациент во медицинска настава без изречна согласност на пациентот предвидена во членот 17 став 2 од овој закон.

Се забранува преземање на зафати на човековиот геном за други освен превентивни, дијагностички и терапевтски цели и без соодветно генетско советување.

Се забранува дискриминација на пациентот.

Се забранува цензура или отворање на писмените документи на пациентот, како и набљудување на неговата комуникација со лица надвор од здравствената установа.

Се забранува ангажман на пациенти доколку тој не е дел од неговата рехабилитација и ресоцијализација во функција на реактивирање на неговите социјални вештини.

Се забранува преземање на медицински интервенции без согласност на  пациентот, родителот или неговиот законски застапник, освен во случај кога таквите медицински интервенции се неопходни за да се спречи смрт или влошување на здравствената состојба на пациентот.

Се забранува упад, односно мешање во приватниот и семејниот живот на пациентот освен или доколку постои согласност на пациентот и оправданост од аспект на вршењето на медицинската интервенција.

Член 33

Здравствената установа е должна да :
1) му обезбеди лична сигурност на пациентот за време на престојот во здравствената установа;
2) го информира пациентот за правата од здравствената заштита и здравственото осигурување и постапката за остварување на тие права;
3) го информира пациентот, во сите фази на здравствената заштита во согласност со членот 7 од овој закон;
4) му ги даде на пациентот информациите пропишани со овој закон на начин пропишан со членот 8 од овој закон;
5) го информира пациентот за имињата, стручната подготовка и специјализацијата на здравствените работници кои му укажуваат непосредно здравствена заштита;
6) го извести Центарот за социјални работи во случаите од членот 15 став 3 на овој закон;
7) води медицинско досие за пациентот;
8) му обезбеди на пациентот информација и увид во медицинското досие, појаснување на податоците од медицинското досие што се однесуваат на него, извод или копија на податоци и документи од медицинскиото досие во согласност со членот 22 од овој закон;
9) ги ажурира податоците во медицинското досие на начин што обезбедува, при внесот на нови податоци, да можат да се утврдат првично внесените податоци;
10) во случај на смрт на пациентот, ако тоа пациентот за време на својот живот изречно не го забранил, овозможи право на увид во медицинското досие од членот 22 на овој закон на брачниот или вонбрачниот другар на пациентот, полнолететно дете, родител, полнолетен брат или сестра на пациентот, како и законскиот застапник, односно старателот на пациентот, како и да им овозможи извод или копија на документи од медицинското досие на пациентот во согласност со членот 23 од овој закон;
11) обезбеди доверливост (тајност) на личните и медицинските податоци на пациентот што се однесуваат на здравствениот статус на пациентот, медицинската, односно клиничката состојба, дијагнозата, прогнозата и третманот, како и сите други информации од лична природа, дури и по неговата смрт, во согласност со прописите за чување на професионална и деловна тајна, како и за заштита на личните податоци;
12) обезбеди чување на човековите субстанци од кои може да се идентификува пациентот на начин уреден со членот 25 став 5 од овој закон;
13) даде информација за приемот на пациентот во болничка здравствена установа, како и за неговата здравствена состојба во согласност со членот 25 став 6 од овој закон;
14) му овозможи на пациентот прием на посетители во текот на престојот во болничка здравствена установа, во согласност со куќниот ред на здравствената установа, односно да забрани посета на одредено лице или лица, во согласност со членот 26 став 2 точка 1 од овој закон;
15) му овозможи на пациентот да прима и испраќа пошта и да води телефонски разговори на свој трошок;
16) му овозможи на пациентот да следи радио и телевизиски програми во рамките на можностите на здравствената установа;
17) му овозможи на пациентот да учествува, по свој избор во верски активности во рамките на можностите на здравствената установа;
18) му овозможи на пациентот да користи викенд-отсуство во согласност со неговата здравствена состојба;
19) го истакне на видливо место куќниот ред;
20) го извести родителот, законскиот застапник, односно старателот на пациентот, како и Центарот за социјална работа за самоволното напуштање без најава, во случаи кога пациентот е неспособен за расудување, односно е малолетно лице;
21) му овозможи на пациентот услови што обезбедуваат приватност при прегледот, односно лекувањето, а особено при укажувањето на личната нега;
22) овозможи медицинската интервенција, односно медицинската нега да се укаже само во присуство на оние лица кои се неопходни за извршување на интервенцијата, освен ако пациентот се согласи да биде поинаку;
23) овозможи пациентот сместен во здравствена установа да биде одвоен од пациент со различен пол;
24) овозможи малолетен пациент сместен во здравствена установа да биде одвоен од полнолетен пациент и
25) овозможи пациентот сместен во здравствена установа да поседува предмети за лична употреба за облекување, обезбедување на лична хигиена, како и за други лични и неопходни потреби во согласност со неговата здравствена состојба.

Член 34

Здравствената установа е должна за приемот на пациент веднаш да ги извести родителите, законските застапници или други лица од кругот на лицата кои живеат во заедничко домаќинство со пациентот, односно лицата определени во согласност со членот 25 став 6 од овој закон.

Во случаите на прием на пациент со ментална болест се применуваат и одредбите од Законот за ментално здравје.

Член 35

Здравствената установа е должна, по приемот и распоредувањето на пациентот да спроведе процедура за дијагностика, третман и рехабилитација на пациентот.

Здравствената установа од ставот 1 на овој член е должна за спроведената процедура да води писмена белешка.

Програмата за третман од ставот 2 на овој член има за цел да се подобри здравствениот статус на пациентот најмалку до мера пациентот да се оспособи за нега и третман во заедницата во која живее.

Во програмата задолжително треба да се предвидат контролни прегледи, заради тековно утврдување на состојбата со здравјето на пациентот.

Член 36

Здравствената установа е должна веднаш да го отпушти пациентот ако преку својот стручен тим утврди дека состојбата со здравјето на пациентот е подобрена до степен да може да се упати на натамошен третман и нега во заедницата во која живее.

Пациентот од ставот 1 на овој член при отпуштањето задолжително се информира за состојбата со неговото здравје и се упатува за остварување на права во системот на здравствена заштита на ниво на заедницата во која живее.

Здравствената установа е должна за отпуштање на пациентот да ги извести родителите, законскиот застапник или другите лица од кругот на лицата кои живеат во заедничко домаќинство, односно лицата определени во согласност со членот 25 став 6 од овој закон.

Член 37

Болничката здравствена установа е должна да ги формира следниве внатрешни контролни тела:
1) комисија за контрола на квалитетот на здравствената заштита која врши процена на медицинските постапки со цел за унапредување на квалитетот на медицинската заштита и
2) комисија за етички прашања која расправа за прашања на медицинската етика.

Составот, надлежностите и одговорностите на внатрешните контролни тела од ставот 1 на овој член се уредуваат со статутот на здравствената установа.

Член 38

Здравствениот работник кој непосредно врши медицинска интервенција над пациентот е должен да:
1) се грижи за реализацијата на правата на пациентот пропишани со овој закон, при преземањето на медицинските интервенции;
2) ја врши совесно својата должност во согласност со правилата на медицинската етика, со единствена цел за заштита и унапредување на здравјето на пациентот;
3) му ги даде на пациентот информациите од членот 7 став 1 точки 1 до 8, како и членот 10 на овој закон;
4) даде второ стручно мислење во случаите и под условите пропишани со членот 9 став 2 од овој закон;
5) ја почитува волјата на пациентот во врска со информациите и медицинските интервенции, изразена во согласност со овој закон;
6) даде информации во согласност со членот 17 став 2 од овој закон, во случаи на научно истражување, односно во согласност со членот 18 од овој закон во случаи на медицинска настава;
7) обезбеди доверливост на податоците што се однесуваат на здравствениот статус на пациентот, медицинската, односно клиничката состојба, дијагнозата, прогнозата и третманот, како и сите други информации од лична природа, дури и по неговата смрт, во согласност со прописите за чување на професионална и деловна тајна, како и за заштита на личните податоци;
8) ја приложи писмената изјава од членот 27 став 2 на овој закон во медицинското досие на пациентот;
9) го запише во медицинското досие на пациентот податокот за самоволното напуштање на здравствената установа без најава;
10) го извести лицето од членот 25 став 6 на овој закон, а во случаи пропишани со други прописи и надлежните органи за напуштањето на здравствената установа од страна на пациентот, без најава и
11) воспостави хумани (човечки) релации со пациентот засновани врз етички и деонтолошки принципи.

IV. УНАПРЕДУВАЊЕ И ЗАШТИТА НА ПРАВАТА НА ПАЦИЕНТИТЕ

Комисија за унапредување на правата на пациентите во општината

Член 39

Со цел за унапредување на правата на пациентот, општината, како и градот Скопје формираат постојана комисија за унапредување на правата на пациентите, во согласност со прописите од областа на локалната самоуправа (во натамошниот текст: комисијата).

Член 40

Средствата за работа на членовите на комисијата од членот 39 на овој закон ги обезбедува општината за која е формирана, односно градот Скопје.

Општината, односно градот Скопје се должни да определат, на лесно достапно место и јасно да ја означат канцеларијата на комисијата од членот 39 на овој закон со називот: “Канцеларија на Комисијата за унапредување на правата на пациентите”.

Член 41

Комисијата се состои од девет члена кои се избирааат во согласност со статутот на општината, односно градот Скопје, и тоа: претставници на пациентите – членови на здруженијата на пациенти, двајца претставници од невладините организации што се занимаваат со човечките права и граѓанските иницијативи, двајца лекари од општината и тројца членови делегирани од советот на општината, односно градот Скопје.

Членовите на комисијата не смеат да бидат вработени во здравствени установи во кои се укажува здравствена заштита. Мандатот на членовите на комисијата изнесува две години, со право на уште еден последователен избор.

Член 42

Комисијата, за подрачјето на општината за која е формирана, односно градот Скопје, ги врши следниве работи:
1) унапредување на правата на пациентите и нивната заштита;
2) ја следи и проценува состојбата со заштитата на правата на пациентите;
3) предлага мерки за подобрување на заштитата на правата на пациентите до надлежните органи;
4) соработува со надлежните органи;
5) разгледува поплаки од пациенти и предлага преземање на мерки до надлежни органи;
6) бара стручна експертиза ако оцени дека е тоа неопходно за утврдување на состојбатa;
7) води евиденција за поединечни поплаки на пациентите, како и на мерките преземени за заштита на правата на пациентите;
8) подготвува и поднесува годишен извештај за заштита на правата на пациентите пред советот на општината, односно градот Скопје;
9) издава информации, промотивен и друг материјал со цел за унапредување на правата на пациентите и
10) врши и други работи пропишани со овој закон.

Комисијата донесува деловник за својата работа со кој поблиску се уредува начинот на работа.

Член 43

Членовите на комисијата при вршењето на работите од членот 42 на овој закон се должни да обезбедат тајност и заштита на податоците, согласно со закон.

Заштита на правата на пациентите во здравствените установи

Член 44

Здравствената установа е должна да се грижи за заштитата на правата на пациентите.

Здравствената установа е должна да дава правни совети и правна помош на пациентите во однос на остварувањето и заштитата на нивните права.

Член 45

Министерството за здравство во здравствена установа во која се сместуваат пациенти назначува советник за заштита на правата на пациентите од редот на вработените во Министерството за здравство, со должност да:
1) дава правни совети и правна помош на пациентите во однос на остварувањето и заштитата на нивните права;
2) разгледува усни и писмени поплаки од пациенти и дава мислење за нивно решавање до директорот на здравствената установа;
3) посредува во мирното решавање на прашањата меѓу пациентот и здравствениот работник што произлегуваат од усна поплака;
4) води досие за секоја усна или писмена поплака на пациентите, како и на други поведени правни постапки за заштита на права на пациенти на таа здравствена установа кое, по завршување на постапката, станува составен дел од медицинското досие на пациентот;
5) ги информира и обучува здравствените работници во здравствената установа за остварувањето на правата на пациентите во согласност со овој закон и
6) врши и други задачи со цел за заштита на правата на пациентите во здравствената установа во согласност со овој закон.

Здравствената установа од ставот 1 на овој член е должна на видно и лесно достапно место да го истакне текстот на овој закон.

Здравствената установа од ставот 1 на овој член е должна да определи на лесно достапно место и јасно означи “Канцеларија на советникот за заштита на правата на пациентите”, како и да му ги овозможи на советникот од ставот 1 на овој член сите потребни услови за извршување на неговите обврски.

Член 46

За извршување на обврските од членот 44 на овој закон, здравствена установа во која не се сместуваат пациенти е должна да:
1) дава правни совети и правна помош на пациентите во однос на остварувањето и заштитата на нивните права;
2) разгледува усни и писмени поплаки од пациенти и да дава мислење за нивно решавање до директорот на здравствената установа;
3) посредува во мирното решавање на прашањата меѓу пациентот и здравствениот работник што произлегуваат од усна поплака;
4) води досие за секоја усна или писмена поплака на пациентите, како и на други поведени правни постапки за заштита на правата на пациентите на таа здравствена установа кое, по завршување на постапката, станува составен дел од медицинското досие на пациентот;
5) ги информира и обучува здравствените работници во здравствената установа за остварувањето на правата на пациентите во согласност со овој закон и
6) врши и други задачи со цел за заштита на правата на пациентите во здравствената установа.

Здравствената установа од ставот 1 на овој член е должна на видно и лесно достапно место да го истакне текстот на овој закон.

Член 47

Пациентот има право лично, преку неговиот родител, законскиот застапник, односно старателот на усна поплака до директорот на здравствената установа ако му е повредено правото.

Член 48

Пациентот има право лично, преку неговиот родител, законскиот застапник, односно старателот и на писмена поплака до директорот на здравствената установа, во рок од 15 дена од денот на повредата на правото или од сознавањето за повреда на правото.

Директорот на здравствената установа е должен да ги испита наводите во поплаката и во рок од 15 дена од денот на приемот на поднесокот да го извести пациентот или неговиот законски застапник.

Член 49

Пациентот, во врска со грижата, лекувањето и рехабилитацијата во здравствената установа има право лично, преку неговиот родител, законскиот застапник, односно старателот да поднесува претставки, предлози и други поднесоци до Министерството за здравство, надлежните органи и други институции.

Министерството за здравство е должно во рок од 15 дена да ги испита наводите во претставката и да го извести пациентот или неговиот законски застапник .

Претставките и другите поднесоци од ставот 1 на овој член се упатуваат и добиваат преку здравствената установа.

Член 50

Министерот за здравство овластува лице за заштита на правата на пациентите од редот на државните службеници во Министерството за здравство.

Работите и задачите на лицето од ставот 1 на овој член се уредуваат со актот за систематизација на Министерството за здравство.

Член 51

Министерот за здравство формира Државна комисија за унапредување на правата на пациентите.

Членовите на Комисијата од ставот 1 на овој член се избираат од редот на пациентите, невладините организации, медиумите, стручните лица во областа на заштитата на правата на пациентите, како и од Министерството за здравство.

Комисијата ги врши следниве работи:
1) презема активности за унапредување на правата на пациентите и нивната заштита;
2) ја следи и проценува состојбата со заштитата на правата на пациентите на територијата на целата држава;
3) ги следи меѓународните документи во областа на заштитата на правата на пациентите;
4) предлага мерки за подобрување на заштитата на правата на пациентите до министерот за здравство;
5) соработува со народниот правобранител и други надлежни органи;
6) соработува со комисиите за заштита и промоција на правата на пациентите формирани од страна на општините;
7) дава мислења, препораки и предлози на надлежните тела и органи за унапредување на заштитата на правата на пациентите;
8) бара стручна експертиза ако оцени дека тоа е неопходно за утврдување на одредена состојба;
9) подготвува и публикува полугодишен и годишен извештај за заштита на правата на пациентите за територијата на целата држава;
10) публикува информации, промотивен и друг материјал со цел за унапредување на заштита на правата на пациентите и
11) врши и други работи од значај за промоција на правата на пациентите и нивната заштита .

Комисијата донесува деловник за својата работа со кој поблиску се уредуваат организацијата и начинот на работа.

Заштита на правата на пациентите во областа на здравственото осигурување

Член 52

Фондот за здравствено осигурување на Македонија (во натамошниот текст: Фондот) е должен да обезбеди остварување и заштита на правата на осигурените пациенти од здравственото осигурување согласно со прописите од областа на здравственото осигурување.

Фондот од ставот 1 на овој член е должен да дава стручна помош на осигурените пациенти при остварувањето и заштитата на нивните права од здравственото осигурување.

За целите од ставот 2 на овој член Фондот во секоја подрачна единица е должен да определи, на лесно достапно место и јасно да означи “Канцеларија за стручна помош на осигурените пациенти при остварувањето и заштитата на нивните права од здравственото осигурување”, како и да ги овозможи сите потребни услови за работа на канцеларијата.

Судска заштита на правата на пациентите

Член 53

Пациентот има право на судска заштита за сторена повреда на неговото право на начин и во постапка утврдена со закон.

V. НАДЗОР НАД ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ

Член 54

Надзор над примената на овој закон врши Министерството за здравство.

Член 55

Инспекциски надзор над спроведувањето на овој закон врши Државниот санитарен и здравствен инспекторат согласно со закон.

Член 56

Работното време на инспекторот во кое прима пациенти во врска со заштита на правата на пациентите пропишани со овој закон треба да биде видливо истакнато на влезната врата на канцеларијата.

Член 57

Во вршењето на надзорот од членот 55 на овој закон Државниот санитарен и здравствен инспекторат има право и должност на здравствената установа и на здравствениот работник и соработник да им забрани:
1) преземање на зафати на човековиот геном за други освен превентивни, дијагностички и терапевтски цели и без соодветно генетско советување;
2) дискриминација на пациентот;
3) цензура или отворање на писмените документи на пациентот, како и набљудување на неговата комуникација со лица надвор од здравствената установа;
4) ангажман на пациенти доколку тој ангажман не е дел од неговата рехабилитација и ресоцијализација што се во функција на реактивирање на неговите социјални вештини;
5) преземање на медицински интервенции без согласност на пациентот, неговиот родител или неговиот законски застапник, освен во случај кога таквите медицински интервенции се неопходни за да се спречи смрт или влошување на здравствената состојба на пациентот и
6) упад, односно мешање во приватниот и семејниот живот на пациентот освен или доколку постои согласност на пациентот и оправданост од аспект на вршењето на медицинската интервенција.

Член 58

Во вршењето на надзорот од членот 55 на овој закон Државниот санитарен и здравствен инспекторат има право и должност на пациентот за време на престојот во здравствената установа, во согласност со состојбата на неговото здравје да му нареди да:
1) даде вистинити и доволни податоци за својата здравствена состојба;
2) им помага активно на здравствените работници  кои му укажуваат здравствена заштита;
3) постапува според советите на здравствените работници за негова нега, третман и рехабилитација;
4) ги почитува правилата за однесување, односно објавениот куќен ред во здравствената установа, пропишани со општ акт на установата;
5) прифати ангажман, доколку е тој дел од неговата рехабилитација и ресоцијализација во функција на реактивирање на неговите социјални вештини и
6) го почитува професионалното и човечко достоинство на здравствените работници.

Член 59

Во вршењето на надзорот од членот 55 на овој закон Државниот санитарен и здравствен инспекторат има право и должност на здравствената установа да и нареди да:
1) му обезбеди лична сигурност на пациентот за време на престојот во здравствената установа;
2) го информира пациентот за правата од здравствената заштита и здравственото осигурување и постапката за остварување на тие права;
3) го информира пациентот во сите фази на здравствената заштита во согласност со членот 7 на овој закон;
4) му ги даде на пациентот информациите пропишани со овој закон на начин пропишан со членот 8 од овој закон;
5) го информира пациентот за имињата, стручната подготовка и специјализацијата на здравствените работници кои му укажуваат непосредно здравствена заштита;
6) го извести Центарот за социјални работи во случаите од членот 15 став 3 на овој закон;
7) води медицинско досие за пациентот;
8) му обезбеди на пациентот, односно на лицата утврдени со членот 23 од овој закон, увид во медицинското досие, појаснување на податоците од медицинското досие што се однесуваат на него, како и извод или копија на податоци и документи од медицинското досие во согласност со членот 22 став 2 од овој закон;
9) ги остварува правата од членот 23 ставови 1, 2 и 3 на овој закон од страна на лицата утврдени со членот 23 од овој закон и под условите што се пропишани со истиот член;
10) обезбеди доверливост на личните и медицинските податоци и по смртта на пациентот, во согласност со прописите за заштита на личните податоци;
11) даде информација за приемот на пациентот во болничка здравствена установа, како и за неговата здравствена состојба во согласност со членот 25 став 6 од овој закон;
12) овозможи прием на посетители во текот на престојот во болничка здравствена установа, во согласност со куќниот ред на здравствената установа, односно да забрани посета на одредено лице или лица, во согласност со членот 26 став 2 точка 1 од овој закон;
13) му овозможи на пациентот да прима и испраќа пошта и прави телефонски разговори на свој трошок;
14) му овозможи на пациентот да следи радио и телевизиски програми во рамките на можностите на здравствената установа;
15) му овозможи на пациентот да учествува, по свој избор во верски активности во рамките на можностите на здравствената установа;
16) му овозможи на пациентот да користи викенд-отсуство во согласност со неговата здравствена состојба;
17) го извести лицето од членот 25 став 6 на овој закон, а во случаи пропишани со други прописи и надлежните органи за напуштањето на здравствена установа од страна на пациентот, без најава, ако тоа го налага здравствената состојба на пациентот;
18) го извести родителот, законскиот застапник, односно старателот на пациентот, како и Центарот за социјална работа за самоволното напуштање без најава, во случаи кога пациентот е неспособен за расудување, односно е малолетно лице;
19) да му овозможи на пациентот услови што обезбедуваат приватност при прегледот, односно лекувањето, а особено при укажувањето на личната нега;
20) да овозможи медицинската интервенција, односно медицинска грижа да се примени само во присуство на оние лица кои се неопходни за извршување на интервенцијата, односно медицинската грижа, освен ако пациентот се согласи или бара да биде поинаку;
21) овозможи пациентот сместен во здравствена установа да биде одвоен од пациент со различен пол;
22) овозможи малолетен пациент сместен во здравствена установа да биде одвоен од полнолетен пациент;
23) овозможи пациентот сместен во здравствена установа да поседува предмети за лична употреба за облекување, обезбедување на лична хигиена, како и за други лични и неопходни потреби, во согласност со неговата здравствена состојба;
24) за приемот на пациент веднаш да ги извести родителите, законските застапници или други лица од кругот на лицата кои живеат во заедничко домаќинство со пациентот, односно лицата определени во согласност со членот 25 став 6 од овој закон;
25) по приемот и распоредувањето на пациентот да спроведе постапка за дијагностицирање, третман и рехабилитација на пациентот;
26) стручниот тим од членот 35 став 1 на овој закон да подготви поединечна програма за третман и рехабилитација во писмена форма за пациентот, во која задолжително треба да се предвидат контролни прегледи, заради тековно утврдување на состојбата со здравјето на пациентот;
27) го отпушти пациентот веднаш, ако стручниот тим од членот 35 став 1 на овој закон утврди дека состојбата со здравјето на пациентот е подобрена до степен да може да се упати на натамошен третман и нега во заедницата;
28) задолжително да го информира пациентот при отпуштањето за состојбата со неговото здравје и да го упати за остварување на права во системот на здравствена заштита на ниво на заедницата;
29) ги извести родителите, законскиот застапник, старателот или другите лица од кругот на лицата кои живеат во заедничко домаќинство, односно лицата определени во согласност со членот 25 став 6 од овој закон за отпуштањето на пациентот;
30) болничката здравствена установа да ги формира внатрешните контролни тела од членот 37 на овој закон, како и
31) да преземе други мерки пропишани со овој закон.

Член 60

Во вршењето на надзорот од членот 55 на овој закон Државниот санитарен и здравствен инспекторат има право и должност на здравствениот работник кој непосредно врши медицинска интервенција над пациентот да му нареди да:
1) се грижи за реализацијата на правата на пациентот пропишани со овој закон, при преземањето на медицинските интервенции;
2) ја врши својата должност совесно во согласност со правилата на медицинската етика, со единствена цел за заштита и унапредување на здравјето на пациентот;
3) му ги даде на пациентот информациите од членот 7 став 1 точки 1 до 8, како и членот 10 на овој закон;
4) даде второ стручно мислење во случаите и под условите пропишани со членот 9 став 2 од овој закон;
5) ја почитува волјата на пациентот во врска со информациите и медицинските интервенции изразена во согласност со овој закон;
6) даде информации во согласност со членот 17 став 2 од овој закон во случаи на научно истражување;
7) обезбеди доверливост на податоците што се однесуваат на здравствениот статус на пациентот, медицинската, односно клиничката состојба, дијагнозата, прогнозата и третманот, како и сите други информации од лична природа, дури и по неговата смрт, во согласност со прописите за чување на професионална и деловна тајна, како и за заштита на личните податоци;
8) ја приложи писмената изјава од членот 27 став 2 на овој закон во медицинското досие на пациентот;
9) го запише во медицинското досие на пациентот податокот за самоволното напуштање на здравствената установа без најава;
10) го извести лицето од членот 27 став 6 на овој закон, а во случаи пропишани со други прописи и надлежните органи за напуштањето на здравствената установа од страна на пациентот, без најава и
11) воспостави хумани (човечки) релации со пациентот засновани врз етички и деонтолошки принципи.

Член 61

Во вршењето на надзорот од членот 55 на овој закон Државниот санитарен и здравствен инспекторат има право и должност на пациентот да му нареди да:
1) им помага активно на здравствените работници кои му укажуваат здравствена заштита;
2) постапува според советите на здравствените работници за негова нега, третман и рехабилитација;
3) ги почитува правилата за однесување во здравствената установа, пропишани со општ акт на установата и
4) го почитува професионалното и човечкото достоинство на здравствените работници.

Постапка за едукацијa

Член 61-а

Доколку при вршењето на инспекцискиот надзор државниот инспектор, утврди дека е сторена неправилност од членовите 63, 64 став 1 точки 4, 5, 13, 14, 15, 16, 17, 22, 23, 24, 30 и 65 став 1 точки 2 , 8, 10 на овој закон е должен да состави записник во кој ќе ја утврди сторената неправилност со укажување за отстранување на утврдената неправилност во рок oд осум дена и со истовремено врачување на покана за спроведување на едукација на лицето или правното лице каде што е утврдена неправилноста при вршењето на инспекцискиот надзор.

Формата и содржината на поканата за едукација, како и начинот на спроведување на едукацијата ги пропишува министерот за здравство.

Едукацијата ја организира и спроведува Државниот санитарен и здравствен инспекторат, во рок не подолг од осум дена од денот на спроведувањето на инспекцискиот надзор.

Едукацијата може да се спроведе за повеќе утврдени исти или истородни неправилности за едно или повеќе лица, односно за едно или повеќе правни лица.

Доколку во закажаниот термин лицето или правното лице над кое се спроведува едукација не се јави на едукацијата, ќе се смета дека едукацијата е спроведена.

Доколку лицето или правното лице над кое се спроведува едукација се јави на закажаната едукација и истата ја заврши, ќе се смета дека е едуциран по однос на утврдената неправилност.

Доколку државниот инспектор при спроведување на контролниот надзор утврди дека не се отстранети утврдените неправилности од ставот 1 на овој член, донесува заклучок со кој ја запира постапката на инспекциски надзор.

Доколку државниот инспектор при спроведување на контролниот надзор утврди дека не се отстранети утврдените неправилности од ставот 1 на овој член, поднесува барање за поведување прекршочна постапка пред надлежен суд.

Државните инспектори кои го извршиле инспекцискиот надзор водат евиденција за спроведената едукација, на начин пропишан од министерот за здравство.

Член 61-б

Министерство за здравство – Државниот санитарен и здравствен инспекторат за извршените контроли изготвува квартални извештаи и ги објавува на веб страницата на Министерство за здравство и на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, на унифициран квартален преглед.

Член 62

Државниот санитарен и здравствен инспекторат објавува шестмесечни извештаи за извршениот надзор над примената на овој закон кој содржи податоци за бројот на извршените редовни инспекциски увиди, како и увидите преземени по поднесени пријави од пациенти, преземените мерки и резултатот од преземените мерки, во согласност со прописите за заштита на личните податоци.

VI. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

Член 63

Глоба во износ од 50 до 100 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на пациентот, ако:
1) не даде вистинити податоци за својата здравствена состојба согласно со личниот капацитет и информираност (член 29 став 1 точка 2);
2) не ги почитува правилата за однесување, односно објавениот куќен ред, пропишани со општ акт на установата (член 29 став 1 точка 5) и
3) не го почитува професионалното и човечко достоинство на здравствените работници (член 29 став 1 точка 7).

Член 64

Глоба во износ од 1.400 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице, ако:
1) не му обезбеди лична сигурност на пациентот (член 33 став 1 точка 1);
2) не го информира пациентот за правата од здравствената заштита и здравственото осигурување и постапката за остварување на тие права (член 33 став 1 точка 2);
3) не го информира пациентот, во сите фази на здравствената заштита во согласност со членот 7 на овој закон (член 33 став 1 точка 3);
4) не му ги даде на пациентот информациите пропишани со овој закон на начин пропишан со членот 8 став 1 од овој закон (член 33 став 1 точка 4);
5) не го извести Центарот за социјални работи во случаите од членот 15 став 3 на овој закон (член 33 став 1 точка 6);
6) не води медицинско досие за пациентот (член 33 став 1 точка 7);
7) избришана;
8) избришана
9) во случај на смрт на пациентот, ако тоа пациентот за време на својот живот изречно не го забранил, не овозможи право на увид во медицинското досие од членот 22 на овој закон на брачниот или вонбрачниот другар на пациентот, полнолетно дете, родител, полнолетен брат или сестра на пациентот, како и законскиот застапник односно старателот на пациентот, како и да им овозможи извод или копија на документи од медицинското досие на пациентот во согласност со членот 23 од овој закон (член 33 став 1 точка 10);
10) избришана ;
11) не обезбеди чување на човековите субстанци од кои може да се идентификува пациентот на начин уреден со членот 25 став 5 од овој закон (член 33 став 1 точка 12);
12) не даде информација за приемот на пациентот во болничка здравствена установа, како и за неговата здравствена состојба во согласност со членот 25 став 6 од овој закон (член 33 став 1 точка 13);
13) не му овозможи на пациентот прием на посетители во текот на престојот во болничка здравствена установа, во согласност со куќниот ред на здравствената установа, односно да забрани посета на одредено лице или лица, во согласност со членот 26 став 2 точка 1 од овој закон (член 33 став 1 точка 14);
14) не му овозможи на пациентот да прима и испраќа пошта и да води телефонски разговори на свој трошок (член 33 став 1 точка 15), во рамките на можностите и куќниот ред;
15) не му овозможи на пациентот да следи радио и телевизиски програми во рамки на можностите и куќниот ред на здравствената установа (член 33 став 1 точка 16);
16) не му овозможи на пациентот да учествува, по свој избор во верски активности во рамките на можностите и куќниот ред на здравствената установа (член 33 став 1 точка 17);
17) не му овозможи на пациентот да користи викенд-отсуство во согласност со неговата здравствена состојба (член 33 став 1 точка 18);
18) не го истакне на видливо место куќниот ред (член 33 став 1 точка 19);
19) не го извести родителот, законскиот застапник, односно старателот на пациентот, како и Центарот за социјална работа за самоволното напуштање без најава, во случаи кога пациентот е неспособен за расудување, односно е малолетно лице (член 33 став 1 точка 20);
20) не му овозможи на пациентот услови што обезбедуваат приватност при прегледот, односно лекувањето, а особено при укажувањето на личната нега (член 33 став 1 точка 21);
21) не овозможи медицинската интервенција, односно медицинската нега да се укаже само во присуство на оние лица кои се неопходни за извршување на интервенцијата, освен ако пациентот се согласи да биде поинаку (член 33 став 1 точка 22);
22) не овозможи пациентот сместен во здравствена установа да биде одвоен од пациент со различен пол (член 33 став 1 точка 23);
23) не овозможи малолетен пациент сместен во здравствена установа да биде одвоен од полнолетен пациент (член 33 став 1 точка 24);
24) не овозможи пациентот сместен во здравствена установа да поседува предмети за лична употреба за облекување, обезбедување на лична хигиена, како и за други лични и неопходни потреби во согласност со неговата здравствена состојба (член 33 став 1 точка 25),
25) за приемот на пациент веднаш не ги извести родителите, законските застапници или други лица од кругот на лицата кои живеат во заедничко домаќинство со пациентот, односно лицата определени во согласност со членот 25 став 6 од овој закон (член 34 став 1);
26) избришана ;
27) стручниот тим од членот 35 став 1 на овој закон не подготви поединечна програма за третман и рехабилитација во писмена форма за пациентот, во која задолжително треба да се предвидат контролни прегледи, заради тековно утврдување на состојбата со здравјето на пациентот (член 35 став 2);
28) веднаш не го отпушти пациентот ако стручниот тим од членот 35 став 1 на овој закон утврди дека состојбата со здравјето на пациентот е подобрена до степен да може да се упати на натамошен третман и нега во заедницата (член 36 став 1);
29) пациентот од членот 36 став 1 на овој закон при отпуштањето задолжително не го информира за состојбата со неговото здравје и да се упати за остварување на права во системот на здравствена или социјална заштита на ниво на заедницата (член 36 став 2);
30) за отпуштањето на пациентот не ги извести родителите, законските застапници или другите лица од кругот на лицата кои живеат во заедничко домаќинство, односно лицата определени во согласност со членот 25 став 6 од овој закон (член 36 став 3) и
31) болничката здравствена установа не формира внатрешни контролни тела од членот 36 на овој закон (член 37 став 1).

Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице ќе му се изрече за прекршоците од став 1 на овој член и на одговорното лице во правното лице.

Член 65

Глоба во износ од 250 до 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на здравствениот работник кој непосредно врши медицинска интервенција, ако:
1) не се грижи за реализацијата на правата на пациентот пропишани со овој закон, при преземањето на медицинските интервенции (член 38 став 1 точка 1);
2) не му ги даде на пациентот информациите од членот 7 став 1 точки 1 до 8, како и членот 10 на овој закон (член 38 став 1 точка 3);
3) не даде второ стручно мислење во случаите и под условите пропишани со членот 9 став 2 од овој закон (член 38 став 1 точка 4);
4) не ја почитува волјата на пациентот во врска со информациите и медицинските интервенции, изразена во согласност со овој закон (член 38 став 1 точка 5);
5) не даде информации во согласност со членот 17 став 2 од овој закон, во случаи на научно истражување (член 38 став 1 точка 6);
6) не обезбеди доверливост на податоците што се однесуваат на здравствениот статус на пациентот, медицинската, односно клиничката состојба, дијагнозата, прогнозата и третманот, како и сите други информации од лична природа, дури и по неговата смрт, во согласност со прописите за чување на професионална и деловна тајна, како и за заштита на личните податоци (член 38 став 1 точка 7);
7) не ја приложи писмената изјава од членот 27 став 2 на овој закон во медицинското досие на пациентот (член 38 став 1 точка 8);
8) не го запише во медицинското досие на пациентот податокот за самоволното напуштање на здравствената установа без најава (член 38 став 1 точка 9);
9) не го извести лицето од членот 25 став 6 на овој закон, а во случаи пропишани со други прописи и надлежните органи за напуштањето на здравствената установа од страна на пациентот, без најава, ако тоа го налага здравствената состојба на пациентот (член 38 став 1 точка 10) и
10) не воспостави хумани (човечки) релации со пациентот засновани врз етички и деонтолошки принципи (член 38 став 1 точка 11).

Член 65-а

Глоба во износ од 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице, ако:
1) не му обезбеди на пациентот информација и увид во медицинското досие, појаснување на податоците од медицинското досие што се однесуваат на него, извод или копија на податоци и документи од медицинското досие во согласност со членот 22 од овој закон (член 33 став 1 точка 8);
2) не ги ажурира податоците во медицинското досие на начин што обезбедува при внесот на нови податоци да можат да се утврдат првично внесените податоци (член 33 став 1 точка 9);
3) не обезбеди доверливост (тајност) на личните и медицинските податоци на пациентот кои се однесуваат на здравствениот статус на пациентот, медицинската, односно клиничката состојба, дијагнозата, прогнозата и третманот, како и сите други информации од лична природа, дури и по неговата смрт во согласност со прописите за чување на професионална и деловна тајна, како и за заштита на личните податоци (член 33 став 1 точка 11) и
4) по приемот и распоредувањето на пациентот не спроведе постапка за дијагностика, третман и рехабилитација на пациентот (член 33 став 1).

Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице ќе му се изрече за прекршоците од став 1 на овој член и на одговорното лице во правното лице.

Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот од ставот 1 на овој член и на одговорното лице во правното лице.

За прекршоците од ставот 1 на овој член, на одговорното лице во правното лице, покрај глобата предвидена со овој член му се изрекува и дополнителна санкција забрана за вршење дејност професија или должност.

Член 65-б

За прекршоците утврдени во членовите 63, 64, 65 и 65-а од овој закон, државниот санитарен и здравствен инспектор е должен на сторителот на прекршокот да му издаде прекршочен платен налог, согласно Законот за прекршоците.

Државниот санитарен и здравствен инспектор е должен да води евиденција за издадените прекршочни платни налози и за исходот од покренатите постапки.

Во евиденцијата од ставот 2 на овој член се собираат, обработуваат и чуваат следните податоци: име и презиме, односно назив на сторителот на прекршокот, живеалиште, односно престојувалиште, седиште, вид на прекршокот, број на прекршочниот платен налог кој му се издава и за исходот на постапката.

Личните податоци од ставот 3 на овој член се чуваат пет години од денот на внесување во евиденцијата.

Формата и содржината на прекршочниот платен налог ги пропишува министерот за здравство.

Член 65-в

Одмерувањето на висината на глобата за правното лице се врши согласно Законот за прекршоците.

Член 65-г

За прекршоците утврдени со овој закон прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува надлежниот суд.

VII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 66

Здравствените установи се должни своето работење да го усогласат со одредбите на овој закон во рок од шест месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 67

Министерот за здравство ќе го донесе подзаконскиот акт предвиден со овој закон најдоцна во рок од три месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 68

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.