Закон за задолжување на Република Северна Македонија кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за развојни политики за јавни финансии и конкурентност

Член 1

Република Северна Македонија се задолжува кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка со заем во износ од 125.000.000 евра, наменет за реализација на развојни политики за јавни финансии и конкурентност.

Член 2

Условите и начинот на користење на заемот од членот 1 од овој закон, се утврдуваат со Договор за заем за развојни политики за јавни финансии и конкурентност, кој ќе се склучи меѓу Република Северна Македонија и Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка.

Во име на Република Северна Македонија, Договорот за заем од ставот 1 на овој член ќе го потпише министерот за финансии или од него овластено лице.

Член 3

Рокот за отплата на заемот од членот 1 од овој закон е 12 години, со вклучен грејс период од четири години.

Каматната стапка е шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за фиксен распон.

На денот на повлекувањето на средствата од заемот, Република Северна Македонија ќе и плати на Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка еднократна провизија во износ од 0,25% од износот на заемот.

Република Северна Македонија ќе и плаќа на Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка провизија во износ од 0,25% од неповлечениот дел од заемот на годишно ниво.

Заемот ќе се отплаќа на 16 полугодишни рати секоја во износ од 6,25% од износот на заемот. Заемот ќе се отплаќа на 15 мај и 15 ноември секоја година.

Член 4

Корисник на средствата од заемот од членот 1 од овој закон е Министерството за финансии.

Член 5

Република Северна Македонија заемот од членот 1 од овој закон ќе го отплаќа од Буџетот на Република Северна Македонија.

Член 6

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.