Закон за задолжителни нафтени резерви

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Предмет на законот

Член 1

Со овој закон се уредува обврската за обезбедување на високо ниво на безбедност на снабдувањето со сурова нафта и нафтени деривати преку формирање, чување и одржување на минимум резерви на сурова нафта и/или нафтени деривати во форма на задолжителни нафтени резерви (во натамошниот текст: задолжителни резерви), начинот и условите за формирање, чување и одржување на задолжителните резерви, воведување на неопходните процедури за интервенција заради справување со сериозен недостаток од нафтени деривати на пазарот и други прашања од значење за задолжителните резерви, како и основањето и надлежностите на Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви.

Дефиниции

Член 2

Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следното значење:

(а) “адитиви” се сите не-јаглеводородни соединенија што му се додаваат или се мешаат со даден производ заради изменување на неговите својства;

(б) “голем прекин во снабдувањето” е значителен и ненадеен пад во снабдувањето со сурова нафта и/или нафтени деривати во Република Македонија, кај договорните страни на Енергетската заедница, во Европската унија или во земја-членка на Европската унија, без оглед дали истото довело до ефективна одлука на ниво на Европската унија за пуштање во промет на задолжителни резерви;

(в) “домашна потрошувачка” се вкупните количини на нафтени деривати кои се пресметани согласно методот за пресметување на еквивaлентот на сурова нафта за домашна потрошувачка, испорачани во Република Македонија за енергетска и не-енергетска употреба при што овој збир ги вклучува испораките до секторот за преработка, секторите за индустрија, транспорт, домаќинства и до други сектори за “крајна” потрошувачка, вклучувајќи ја и сопствената потрошувачка на секторот за енергетика (освен погонското гориво за рафинериите);

(г) “енергетски субјект“ е правно лице кое врши енергетска дејност – складирање на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт и/или трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт и/или преработка на сурова нафта и производство на нафтени деривати и/или транспорт на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт, врз основа на лиценци издадени од Регулаторната комисија за енергетика;

(д) “задолжителни резерви” се сите резерви на сурова нафта и/или нафтени деривати кои Република Македонија е задолжена да ги чува како резерви за вонредни состојби во согласност со овој закон, а кои се состојат од енергетски производи наведени во членот 6 од овој закон;

(ѓ) “ниво на задолжителни резерви„ е физичко реално ниво на пополнетост на резервите со сурова нафта и/или нафтени деривати изразено во денови;

(е) “посебни резерви” се нафтени резерви кои се уредени во членот 34 од овој закон и се составен дел на задолжителните резерви;

(ж) “референтна година” е календарската година на податоците за потрошувачката или нето увозот кои се користат при пресметување на задолжителните резерви што треба да се чуваат или на оние што реално се чуваат во одреден временски период;

(з) “тикет“ е договор за опциско купување на сурова нафта и/или нафтени деривати по однапред утврдени критериуми во утврден временски период;

(ѕ) “трговско друштво – складиштар“ е правно лице кое врши енергетска дејност складирање на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт, врз основ на лиценца издадена од Регулаторната комисија за енергетика, а со кое Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви има склучено договор за складирање на задолжителни резерви;

(и) “физичка достапност” е организирање на локации и транспортирање на резервите со цел обезбедување на нивно пуштање во промет или ефективна испорака до крајните корисници и пазари во текот на временски рокови и под услови кои придонесуваат за ублажување на проблемите со снабдувањето кои настанале и

(ј) “централно тело за чување резерви„ е Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви на Република Македонија која е овластена за формирање, чување, одржување и продажба на задолжителни резерви.

Начело за субсидијарност

Член 3

(1) Во постапката на спроведување на одредбите од овој закон се применуваат одредбите од Законот за општа управна постапка, доколку со овој закон поинаку не е уредено.

(2) Во постапката при вршење на инспекциски надзор се применуваат одредбите од Законот за инспекциски надзор, Законот за државен пазарен инспекторат и Законот за техничката инспекција доколку со овој закон поинаку не е уредено.

II. ЗАДОЛЖИТЕЛНИ РЕЗЕРВИ, ФОРМИРАЊЕ, ЧУВАЊЕ, ПРЕСМЕТУВАЊЕ И СТАТИСТИЧКИ РЕЗИМЕА

Обврска за чување на задолжителни резерви

Член 4

(1) Задолжителните резерви се формираат и чуваат со цел да се обезбеди непречено снабдување на пазарот со сурова нафта и/или нафтени деривати во случај на нарушена енергетска сигурност предизвикана од вонредно пореметување и значителен и ненадеен пад во снабдувањето на пазарот со сурова нафта и нафтени деривати, според одредбите на овој закон и подзаконските акти кои од него произлегуваат. Вонредното пореметување на снабдувањето може да биде предизвикано со нарушување на регионалниот пазар на сурова нафта и нафтени деривати и/или од причини и услови на чие настанување неможе да се влијае, a се случиле на територијата на Република Македонија и/или во земјите преку кои се врши увоз на сурова нафта и нафтени деривати за потребите на пазарот во Република Македонија.

(2) Задолжителните резерви се користат во случај на нарушување и пореметување во снабдувањето со нафтени деривати кое може да биде предизвикано на пазарот во Република Македонија.

(3) Задолжителните резерви се користат и заради исполнување на меѓународните обврски на Република Македонија. 

Формирање на задолжителни резерви
Член 5

(1) Задолжителните резерви се формираат постепено во согласност со акцискиот план од член 12 став (2) на овој закон, со цел да се обезбеди вкупните задолжителни резерви кои се чуваат во секое време во Република Македонија да одговараат на најмалку 90 дена од дневните просечни нето увози или на 61 ден од просечната дневна домашна потрошувачка, во претходната календарска година, во зависност од тоа која од двете наведени количини е поголема.

(2) Просечните дневни нето увози и просечната дневна домашна потрошувачка за тековната календарска година, се пресметуваат врз основа на еквивалентот на суровата нафта за увозите и домашната потрошувачка во текот на претходната календарска година.

(3) Министерот надлежен за работите од областа на енергетиката, на предлог на Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви, пропишува методи и процедури за пресметка на просечните дневни нето увози и просечната дневна домашна потрошувачка.

(4) По исклучок од ставот (2) на овој член, просечните дневни нето увози и просечната дневна домашна потрошувачка за тековната календарска година, а кои се однесуваат за периодот од 1 јануари до 31 март, може да се пресметуваат и врз основа на увезените или потрошените количини во текот на претпоследната година пред односната календарска година.

(5) Обврските за чување од ставот (1) на овој член за тековната година, во однос на претходната година, се усогласуваат најдоцна до 1 април во тековната година и важат најдоцна до 31 март следната година.

Структура на задолжителните резерви

Член 6

(1) Задолжителните резерви кои се чуваат во форма на готови производи се составени од еден или повеќе од следните видови на нафтени деривати:
– Моторни бензини и авионски бензини;
– Дизелски горива – сите видови гасни масла и гориво за млазни мотори и
– Тешки гасни масла – масла за горење.

(2) Задолжителните резерви се составени од оние нафтени деривати од ставот (1) на овој член чиј заеднички удел во вкупната домашна потрошувачка во претходната калeндарска година, пресметани согласно членот 5 од овој закон, изнесува најмалку 75%.

(3) Уделот на нафтените деривати од ставот (2) на овој член во вкупните количини на задолжителните резерви кои се чуваат, ќе биде одреден врз основа на поединечните удели во вкупната домашна потрошувачка во претходната календарска година.

(4) Нафтените деривати од ставот (1) на овој член кои се чуваат како задолжителни резерви можат делумно да се чуваат во форма на сурова нафта. Уделот на суровата нафта неможе да биде поголем од 40% од вкупната обврска за чување на задолжителни резерви утврдена согласно член 5 на овој закон.

(5) Задолжителните резерви од ставовите (1) и (4) на овој член може да се чуваат и во нематеријален облик во форма на тикети.

(6) Моторните биогорива како и адитивите, се земаат предвид при пресметувањето на фактичките количини на задолжителните резерви што се чуваат доколку се смешани во конкретните нафтени деривати соодветно на техничките спецификации. Моторните биогорива и адитивите се земаат предвид и доколку треба да се смешаат со нафтените деривати коишто се чуваат заради исполнување на обврската за чување задолжителни резерви и со нив ќе бидат складирани во истите рафинерии или истите складишта или пак, во рафинерии и складишта, коишто се поврзани со оперативни цевководи. Моторните биогорива се земаат предвид во обем, во којшто можат, согласно техничките спецификации, да се смешаат со постоечките нафтени деривати и истите да се користат во транспорт.

Тикети

Член 7

(1) Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви, со цел исполнување на обврската за чување на задолжителни резерви од членот 5 ставот (1) од овој закон, може да склучува тикети со коишто трети лица се обврзуваат за определена цена да резервираат определени количини на сурова нафта и/или нафтени деривати по однапред утврдени критериуми во утврден временски период.

(2) Склучувањето на тикети се врши ако обврската за чување на задолжителни резерви неможе економично да се исполни на друг начин и доколку на тој начин резервираните количини во секое време и во целост и стојат на располагање на Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви.

Што не се вклучува во задолжителните резерви

Член 8

(1) При пресметување на нивото на задолжителни резерви кои се чуваат не се земаат предвид количините на сурова нафта во нафтоводи и количините на нафтени деривати во продуктоводи.

(2) За задолжителни резерви не се сметаат нафтените деривати од стоковите резерви утврдени со Законот за стокови резерви и оперативните резерви уредени со Законот за енергетика.

(3) Со цел исполнување на обврската за чување резерви, не се зема предвид суровата нафта што сеуште не е произведена, како ни количините што се чуваат:
1. во цевководи;
2. во вагони-цистерни;
3. во бункери на морски бродови;
4. на бензиски станици и малопродажни објекти;
5. од страна на други потрошувачи;
6. во бродови цистерни и
7. како воени резерви.

(4) Во пресметувањето на обврските за чување на резерви не се вклучуваат ни резервите коишто се чуваат од страна на енергетските субјекти во Република Македонија кои имаат преземено обврска за чување нафтени резерви на друга држава.

Собирање на податоци со цел утврдување на остварената потрошувачка и нето увозот на нафтени деривати во претходната година

Член 9

(1) Податоците за утврдување на остварената потрошувачка и нето увозот на нафтени деривати во Република Македонија во претходната календарска година, се собираат врз основа на одредбите од Законот за државната статистика и Програмата за статистички истражувања.

(2) Енергетските субјекти кои вршат преработка на сурова нафта и производство на нафтени деривати должни се во текот на календарската година до Државниот завод за статистика да доставуваат тековни месечни извештаи за произведените, увезените и испорачаните количини на нафтени деривати најдоцна до 20-ти во тековниот месец за претходниот месец.

(3) Енергетските субјекти кои вршат дејност трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт или увоз на нафтени деривати за сопствени потреби, должни се во текот на календарската година до Државниот завод за статистика да доставуваат тековни месечни извештаи за увезените и испорачани количини на нафтени деривати најдоцна до 20-ти во тековниот месец за претходниот месец.

(4) Покрај податоците од ставовите (2) и (3) на овој член, енергетските субјекти се должни во извештаите до Државниот завод за статистика да доставуваат и разложени податоци за залихите на сурова нафта и/или нафтените деривати кои ги чуваат за сопствени потреби како оперативни резерви согласно Законот за енергетика, нафтените резерви кои ги чуваат согласно овој закон и стоковните резерви согласно Законот за стоковните резерви, најдоцна до 20-ти во тековниот месец за претходниот месец.

(5) Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви и Агенцијата за стоковни резерви се должни до Државниот завод за статистика и до министерството надлежно за вршење на работите од областа на енергетиката, најдоцна до 20-ти во тековниот месец за претходниот месец, да доставуваат месечен извештај со разложени податоци за залихите на сурова нафта и/или нафтени деривати кои ги чуваат во претходниот месец.

(6) Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви и Агенцијата за стоковни резерви се должни до Државниот завод за статистика и министерството надлежно за вршење на работите од областа на енергетиката, до 31 јануари во тековната година, да доставуваат годишен извештај со разложени податоци за залихите на сурова нафта и/или нафтените деривати кои ги чуваат во претходната година.

(7) Врз основа на извештаите од ставовите (2), (3), (4) и (5) на овој член, како и податоците за сурова нафта и нафтени деривати добиени од Царинската управа на Република Македонија согласно член 33 ставови (1) и (2) на овој закон, Државниот завод за статистика најдоцна до 28 февруари во тековната година ја утврдува остварената потрошувачка и нето увозот на нафтени деривати во претходната календарска година и до министерството надлежно за работите од областа на енергетиката и Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви доставува претходен годишен извештај врз основа на собраните статистичките податоци, а со цел министерството надлежно за работите од областа на енергетиката да ја пресмета обврската за чување на задолжителни резерви за секоја тековна година, изразена во тони во еквивалент на сурова нафта.

(8) Покрај претходен годишен извештај согласно ставот (7) од овој член, Државниот завод за статистика се обврзува врз основа на податоците од ставовите (2), (3) и (4) на овој член до Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви и до министерството надлежно за вршење на работите од областа на енергетиката да доставува и месечни извештаи 55 дена од истекот на месецот за кој се однесува извештајот.

(9) Формата, содржината како и начинот на доставување и изготвување на извештаите од ставовите (7) и (8) на овој член, ги пропишува Државниот завод за статистика на Република Македонија во соработка со министерството надлежно за работите од областа на енергетиката и Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви.

Статистички резимеа

Член 10

(1) Енергетските субјекти кои ги вршат дејностите преработка на сурова нафта и производство на нафтени деривати; трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт или увоз на нафтени деривати за сопствени потреби и складирање сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт како и субјектите кои се должни да чуваат оперативни резерви согласно Законот за енергетика, должни се да доставуваат до Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви податоци за состојбата на сопствените комерцијални залихи, оперативните резерви и задолжителните резерви, на месечно ниво најдоцна до 20-ти во тековниот месец за претходниот месец.

(2) Министерството надлежно за работите од областа на енергетиката на предлог на Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви ја пропишува формата и начинот на доставување на податоци од ставот (1) од овој член.

(3) За количините, квалитетот, структурата и разместувањето на задолжителните резерви како и за количините, квалитетот и структурата на комерцијалните резерви од ставот (1) од овој член, вклучувајќи ги и задолжителните резерви на други држави кои се чуваат на територијата на Република Македонија врз основа на меѓународни договори, Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви составува месечни статистички резимеа, врз основа на податоците од членот 9 од овој закон и од ставот (1) на овој член.

(4) Министерството надлежно за работите од областа на енергетиката е должно статистичките резимеа од ставот (3) на овој член да ги доставува до Европската комисија. 

(5) Министерот надлежен за работите од областа на енергетиката, на предлог на Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви, ги пропишува правилата за подготовка и роковите за поднесување на статистичките резимеа од ставот (4) на овој член до Европската комисија.

Пресметување на нивото на задолжителни резерви

Член 11

(1) Нивото на задолжителни резерви коишто се чуваат се пресметува врз основа на методите и процедурите за пресметување на обврските за чување на резерви утврдени во прописот од став (2) на овој член.

(2) Министерот надлежен за работите од областа на енергетиката, на предлог на Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви, ги пропишува методите и процедурите за пресметка на нивото на задолжителни резерви од ставот (1) на овој член.

(3) Нивото на задолжителни резерви кои се чуваат во одредено време се пресметуваат со користење на податоци од референтната година како што е утврдено во член 5 ставови (2) и (4) од овој закон.

Прописи за утврдување на количината и структурата на задолжителните резерви

Член 12

(1) Формирањето, чувањето и обновувањето на задолжителните резерви, Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви го врши врз основа на следните прописи:
– акциски план за формирање на задолжителни резерви,
– годишна програма со финансиски план за тековната година и
– одлука за количината и структурата на задолжителните резерви за тековната година.

(2) Владата на Република Македонија, на предлог на Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви, донесува акциски план за формирање на задолжителни резерви во кој се уредува динамиката на формирање на задолжителните резерви изразена во денови на покриеност со сурова нафта и/или нафтени деривати согласно членот 5 став (1) на овој закон, динамиката и начинот на обновување на задолжителните резерви, организација на складирањето и територијалната разместеност на задолжителните резерви, како и потребата и начинот на инвестирање во обновување на постојните и изградба на нови складишни капацитети.

(3) Владата на Република Македонија, на предлог на министерството надлежно за работите од областа на енергетиката, најдоцна до 15 март секоја година, со одлука ја пропишува количината и структурата на задолжителните резерви пропишани во член 6 од овој закон, кои ќе се чуваат во тековната година, врз основа на нето увозот или реализираната домашна потрошувачка во претходната календарска година, во зависност од тоа која количина е поголема. Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви има обврска да го изготвува текстот на предлог одлуката од овој став и да го доставува до министерството надлежно за вршење на работите од областа на енергетиката, најдоцна до 10 март секоја година.

(4) Врз основа на одлуката на Владата на Република Македонија од став (3) на овој член и во согласност со акцискиот план од став (2) на овој член, Управниот одбор на Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви најдоцна до 31 март во тековната година донесува годишна програма со финансиски план со која подетално се уредуваат вредноста и динамиката на формирање, постапката и динамиката за обновување, како и продажба со цел обновување на задолжителните резерви.

Регистар на задолжителни резерви

Член 13

(1) За количината, структурата, разместеноста и расположивоста на задолжителните резерви, Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви води и одржува Регистар на задолжителни резерви (во натамошниот текст Регистар) кој постојано се ажурира. Регистарот особено ги содржи информациите кои се неопходни да се прецизира рафинеријата или складиштето каде што се чуваат задолжителните резерви, фактичките количини и видови на нафтени деривати од задолжителните резерви како и сопственикот на резервите. Резиме од Регистарот од овој став се доставува до министерството надлежно за работите од областа на енергетиката.

(2) Министерството надлежно за работите од областа на енергетиката, најдоцна до 25 февруари секоја година до Европската комисија доставува резиме од Регистарот на задолжителни резерви, во кое се дадени количините и видовите на задолжителните резерви вклучени во Регистарот последниот ден од претходната календарска година. 

(3) Покрај резимето од ставот (2) на овој член, министерството надлежно за работите од областа на енергетиката на Европската комисија и праќа целосна копија од Регистарот, во рок од 15 дена по добиено барање од Европската комисија. Оваа копија не мора да содржи чувствителни податоци во поглед на локацијата на резервите. Ваквите барања од страна на Европската комисија може да се поднесат не подоцна од пет години по датумот на кој се однесуваат бараните податоци и не се однесуваат на податоци за кој било период пред датумот на пристапување на Република Македонија во Европската Унија. 

(4) Министерот надлежен за работите од областа на енергетиката, на предлог на Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви, ги пропишува содржината, формата и начинот на водење на Регистарот, како и правилата за подготовка и роковите за поднесување на резимеа од Регистарот до Европската комисија.

III. ЧУВАЊЕ НА ЗАДОЛЖИТЕЛНИ РЕЗЕРВИ

Чување на задолжителните резерви

Член 14

(1) Задолжителни резерви се чуваат во сопствени и/или изнајмени складишни резервоарски капацитети на територија на Република Македонија.

(2) Дел од задолжителните резерви може да се чуваат и во земји – членки на Европската унија и/или земји потписнички на договорот на Енергетската заедница (Energy Community Treaty), врз основа на претходно склучен билатерален договор меѓу Република Македонија и земјата – членка на Европската унија и/или на Енергетската заедница, во која ќе се складираат и чуваат задолжителните резерви.

(3) За видот, количината и временскиот период на чување на задолжителни резерви надвор од територијата на Република Македонија одлучува Владата на Република Македонија.

(4) Кога задолжителните резерви се чуваат во изнајмени складишни резервоарски капацитети на територија на Република Македонија, истите капацитети може да ги користат и економските субјекти складиштари, увозници и трговци на големо со нафтени деривати, при што обврзувачки е залихите на сурова нафта и нафтени деривати од задолжителните резерви да се евидентираат одделно и со нив не смее да се постапува без претходен писмен налог и согласност од Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви.

(5) За чување на задолжителните резерви согласно ставот (4) на овој член, Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви склучува договор за складирање со вршителите на енергетската дејност – складирање на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт, кои се јавуваат во улога на трговски друштва – складиштари.

Права и обврски кои произлегуваат од чувањето на задолжителни резерви

Член 15

(1) Трговските друштва – складиштари од членот 14 став (5) од овој закон, за чување на задолжителни резерви треба да поседуваат лиценца за складирање на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт, издадена во согласност со Законот за енергетика, како и да поседуваат акцизна дозвола издадена во согласност со Законот за акцизите.

(2) Трговските друштва – складиштари од став (1) на овој член, имаат обврска да обезбедат најмалку 20% од своите вкупни функционални капацитети, за секој нафтен дериват одделно, за складирање на сурова нафта и/или нафтени деривати од задолжителните резерви на Република Македонија.

(3) Владата на Република Македонија на предлог на Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви ја пропишува висината на надоместоците за складирање и чување на задолжителните резерви.

(4) Трговските друштва – складиштари имаат обврска задолжтелните резерви кои ги чуваат во форма на готови производи, задолжително во секое време по квалитет да одговараат на важечките прописи за квалитет на течните горива во Република Македонија, истите да не содржат недозволени примеси и/или нечистотии кои можат битно да влијаат врз квалитетот и на фактичките количини на нафтените резерви.

(5) Трговските друштва – складиштари кои чуваат сурова нафта и/или нафтени деривати од задолжителните резерви, немаат право на задржување, заложно право како и извршување и пленидба над истите.

(6) Трговските друштва – складиштари имаат обврска на барање на Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви да овозможат слободен пристап до складишните капацитети како и да ја стават на увид целокупната документација од која е видлива дневната состојба на складот и состојбата на задолжителните резерви.

(7) Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви и трговските друштва – складиштари кои чуваат задолжителни резерви, должни се да им овозможат на овластените претставници на Европската комисија преглед на задолжителните резерви и пристап до местата каде што се чуваат истите, вклучително и увид во документацијата врзана за задолжителните резерви. 

(8) Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви и трговските друштва – складиштари кои за Агенцијата вршат чување и складирање на задолжителни резерви, должни се сите документи и податоци кои се однесуваат на видот, количината, квалитетот и територијалната разместеност на резервите, да ги чуваат најмалку пет години од денот на нивното создавање.

Забрана за користење на задолжителните резерви како средства за обезбедување

Член 16

Суровата нафта и нафтените деривати од задолжителните резерви кои се сопственост на Република Македонија и со кои управува Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви не можат да бидат предмет на задржување, залог, извршување и пленидба.

Расположивост на задолжителните резерви

Член 17

(1) Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви води сметка задолжителните резерви да бидат во секој момент достапни и физички пристапни и да не се врши нивно изнесување од складишниот простор без нејзино одобрение.

(2) Во случај на настанување на тешкотии и пречки кои ја отежнуваат расположивоста на резервите, Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви во секоја конкретна ситуација во зависност од видот на настанатите проблеми, во соработка со надлежни државни институции во рамките на нивните надлежности утврдени со закон, може да преземе дејствија за отстранување на тешкотиите и пречките што ја отежнуваат расположивоста на резервите, а со цел да се овозможи задолжителните резерви да бидат ставени на располагање на потрошувачите во определени временски рокови.

(3) За потребите на територијалната разместеност на задолжителните резерви, Република Македонија се смета за еден регион, земајќи ги предвид инфраструктурните карактеристики на земјата, големопродажната логистичка мрежа за снабдување на пазарот и локациите на складишните капацитети за сурова нафта и нафтени деривати.

(4) Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви се грижи задолжителните резерви територијално да бидат рамномерно распоредени, при што може во одделни подрачја да биде складирана поголема количина доколку тоа е потребно од технички и економски причини и доколку е обезбедено непречено снабдување на целокупната територија на Република Македонија.

(5) Резервите коишто се чуваат на територија на Република Македонија за друга земја-членка на Европската унија или на Енергетската заедница, кои треба да се употребат како мерка при постапка за вонредна состојба, не можат да бидат предмет на задржување, залог, извршување и пленидба.

(6) Во случај на примена на постапки за пуштање на задолжителни резерви на пазарот со цел обезбедување на непречено снабдување заради нарушена енергетска сигурност, Владата на Република Македонија треба да се воздржи од попречување, како и да забрани преземање на мерки кои го попречуваат трансферот, користењето или пуштањето во промет на задолжителните резерви што се чуваат на територијата на Република Македонија во име на друга држава.

IV. МАКЕДОНСКА АГЕНЦИЈА ЗА ЗАДОЛЖИТЕЛНИ НАФТЕНИ РЕЗЕРВИ

Македонска агенција за задолжителни нафтени резерви

Член 18

(1) Македонската агенција за задолжителни нафтени резерви (во натамошниот текст: Агенција за задолжителни резерви) е самостојно, независно и непрофитно правно лице кое извршува работи од јавен интерес и е централно тело за чување на задолжителни резерви, единствено овластена за формирање, одржување, чување и продажба на задолжителните резерви на Република Македонија, согласно овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

(2) Работењето на Агенцијата за задолжителни резерви се заснова на принципите на стручност, професионалност, транспарентност и одговорност за работењето.

Правен статус

Член 19

(1) Агенцијата за нафтени резерви за својата работа одговара пред Владата на Република Македонија.

(2) Седиштето на Агенцијата за задолжителни резерви резерви е во Скопје.

(3) Скратен назив на Агенцијата за задолжителни резерви кој ќе се употребува во домашниот правен промет е МАКОРА.

(4) Полниот назив кој ќе се употребува во меѓународниот правен промет е „Macedonian Compulsory Oil Reserves Agency.” Скратен назив во меѓународниот промет е MACORA.

Надлежности на Агенцијата за задолжителни резерви

Член 20

(1) Основни надлежности на Агенцијата за задолжителни резерви се:
– формирање, чување, обновување и управување со задолжителните резерви на Република Македонија;
– купување и продажба на сурова нафта и/или нафтени деривати со цел формирање и обновување на задолжителните резерви;
– склучување на тикети и договори врзани за други финансиски инструменти за формирање на задолжителни резерви и ограничување на пазарните и ценовни ризици во текот на формирањето и одржувањето на задолжителните резерви;
– пресметување на нивото на залихи на задолжителните резерви врз основа на податоци од референтната година;
– водење на евиденција за нивото, видот и територијалната разместеност на задолжителните резерви;
– изготвување и водење на Регистри на задолжителните и посебните резерви;
– осигурување на залихите на задолжителни резерви од ризици;
– предлагање начин за утврдување, пресметување, висина и уплатување на надоместокот за задолжителни резерви;
– прибирање на надоместокот за задолжителни резерви;
– водење на евиденција за висината на уплатата на надоместокот за задолжителни резерви;
– грижа за наменско трошење на финансиските средства за работењето на Агенцијата за задолжителни резерви;
– предлагање начин за утврдување, пресметување и плаќање на трошоците во врска со складирањето, чувањето и одржувањето на задолжителните резерви;
– следење на расположивоста на складишни капацитети за складирање на задолжителни резерви;
– изградба, обновување, реконструкција и одржување на нови и/или постоечки складишни капацитети;
– склучување на договори за складирање на задолжителните резерви и нивно евидентирање;
– предлагање начин за користење, физичка достапност и расположивост на задолжителните резерви во случај на нарушување на енергетската сигурност на државата предизвикана од пореметувања во снабдувањето од поголеми размери;
– пуштање на задолжителни резерви во промет во случај на настанување на поголеми нарушувања на снабдувањето на пазарот, согласно овој закон;
– надзор и управување со задолжителните резерви кои се складирани на територијата на Република Македонија или на територија на друга држава, согласно овој закон;
– надзор над спроведувањето на одребите на овој закон;
– соработка со надлежните државни органи и институции и стопански субјекти во Република Македонија како и соработка со меѓународни институции и
– редовно следење на домашниот и меѓународен пазар на сурова нафта и нафтени деривати.

(2) Покрај надлежностите и работите од став (1) на овој член, Агенцијата за задолжителни резерви врши и други работи во согласност со овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон, меѓународните договори од областа на безбедноста во снабдувањето ратификувани согласно Уставот на Република Македонија и со Статутот на Агенцијата за задолжителни резерви.

Наменско трошење на финансиски средства

Член 21

(1) Под наменско трошење на финансиските средства од членот 20 став (1) алинеја 11 од овој закон, се подразбира:
– подмирување на трошоците за купување на сурова нафта и/или нафтени деривати со цел формирање на задолжителните резерви;
– подмирување на трошоците за тикети и за договори врзани за други финансиски инструменти за формирање на задолжителни резерви и ограничување на пазарни и ценовни ризици во тек на формирање и одржување на задолжителните резерви;
– подмирување на трошоците за осигурување, складирање и обновување на задолжителните резерви;
– подмирување на трошоците за контрола на квантитетот и квалитетот на задолжителните резерви;
– подмирување на трошоците настанати како резултат на задолжување на финансиските пазари на капитал и останати трошоци на капиталот;
– подмирување на придружни трошоци (за разни студии, дозволи, истражувања, мерна опрема, заштитна опрема, мониторинг и сл.) во врска со создавање на предуслови за прифаќање и складирање на задолжителните резерви, а со цел зголемување на сигурноста на превозот и складирањето на опасни товари и ограничување на можностите за негативно влијание на животната околина;
– подмирување на оперативните трошоци за работење на Агенцијата за задолжителни резерви;
– подмирување на останатите трошоци поврзани со прашања од задолжителните резерви и безбедноста на снабдувањето кои произлегуваат од природата на дејноста;
– купување, градење, реконструкција и доградување на резервоарски капацитети и соодветни постројки и инсталации, како и управување со нив и
– подмирување на трошоци за редовно следење на домашниот и меѓународен пазар на сурова нафта и нафтени деривати.

(2) Складирањето на задолжителните резерви во сопствени капацитети како и управувањето со тие капацитети, Агенцијата за задолжителни резерви може врз основа на договор да ги довери на енергетски субјект со регистрирано седиште на територијата на Република Македонија.

Органи на Агенцијата за задолжителни резерви

Член 22

Органи на Агенцијата за задолжителни резерви се Управниот одбор и директорот.

Управен одбор

Член 23

(1) Со Агенцијата за задолжителни резерви управува Управниот одбор, кој се состои од пет члена.

(2) Членовите на Управниот одбор ги именува и разрешува Владата на Република Македонија. Три члена на Управниот одбор се именуваат на предлог на министерот надлежен за работите од областа на енергетиката од редот на реномирани и истакнати стручни лица и експерти во земјата од областа на нафтените деривати, еден член се именува на предлог на министерот надлежен за работите од областа на финансиите и еден член се именува на предлог на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.

(3) Членовите на Управниот одбор на првата конститутивна седница избираат претседател и заменик претседател на Управниот одбор.

(4) Мандатот на членовите на Управниот одбор трае четири години со можност за повторен избор.

(5) Владата на Република Македонија може да разреши член на Управниот одбор пред истекот на мандатот, во следниве случаи:
– на негово барање;
– ако не работи и постапува според закон и актите на Агенцијата за задолжителни резерви или неоправдано не ги спроведува одлуките на Управниот одбор и на Владата на Република Македонија или постапува во спротивност со нив;
– ако со својата несовесна и неправилна работа како член на Управниот одбор предизвика нарушување на вршењето на дејностите на Агенцијата за задолжителни резерви и
– ако ги занемарува или не ги извршува своите обврски како член на Управниот одбор.

Работи кои ги врши Управниот одбор

Член 24

(1) Управиот одбор на Агенцијата за задолжителни резерви ги врши следните работи:
– донесува Статут на Агенцијата за задолжителни резерви;
– донесува деловник за работа на Управниот одбор;
– донесува акти за организација, систематизација, плата и надоместоци како и други општи акти на Агенцијата за задолжителни резерви;
– донесува годишна програма за работа со финансиски план за тековната година;
– усвојува годишен извештај за работа со годишна сметка на Агенцијата за задолжителни резерви;
– усвојува предлог акциски план за формирање на задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, кој го донесува Влада на Република Македонија;
– усвојува предлог одлука за количината и структурата на задолжителните резерви кои ќе се чуваат во тековната година, која ја донесува Влада на Република Македонија;
– усвојува предлог уредба за начинот за утврдување, пресметување, висината и уплатување на надоместокот за задолжителни резерви, која ја донесува Влада на Република Македонија;
– усвојува предлог уредба за висина на надоместок за чување на задолжителните резерви, која ја донесува Влада на Република Македонија;
– усвојува предлог правилник за пропишување на методи и процедури за пресметка на просечните дневни нето увози и просечната дневна домашна потрошувачка, кој го донесува министерот надлежен за работите од областа на енергетиката;
– усвојува предлог правилник за формата и начинот на доставување на податоци за состојбата на сопствените залихи и задолжителните и оперативните резерви на месечно ниво, кој го донесува министерот надлежен за работите од областа на енергетиката;
– усвојува предлог правилник за методите и процедурите за пресметка на нивоата на задолжителните резерви, кој го донесува министерот надлежен за работите од областа на енергетиката;
– доставува известувања и предлози до Влада на Република Македонија по прашања од делокругот на работењето на Агенцијата за нафтени резерви;
– донесува посебни акти за работењето на Агенцијата за задолжителни резерви;
– ја утврдува вредноста на бодот за исплата на плати и надоместоци на вработените во Агенцијата за задолжителни резерви и
– му помага на директорот на Агенцијата за задолжителни резерви со давање на мислење и предлози за имплементација на планови, програми, акти и други активности.

(2) Покрај работите од став (1) на овој член, Управниот одбор врши и други работи кои се уредени со Статутот на Агенцијата за задолжителни резерви.

Директор на Агенцијата за задолжителни резерви

Член 25

(1) Со работата на Агенцијата за задолжителни резерви раководи директор кој го именува и разрешува Владата на Република Македонија.

(2) За директор може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови:
– да е државјанин на Република Македонија,
– со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност,
– да има стекнати 240 кредити според ЕКТС или VII/1 степен на образование,
– да има најмалку пет години работен стаж, од кои две години на раководна функција,
– да има соодветен доказ (сертификат), не постар од пет години, за положен англиски јазик и тоа: ТОЕФЛ ИБТ (со најмалку 74 бодови), или ИЕЛТС (најмалку 6 бодови), или ТОЛЕС (базично познавање), или ИЛЕК (најмалку Б2 ниво) или Кембриџ сертификат (Б1 ниво), или АПТИС (најмалку Б2 ниво) и 
– да поседува потврда за положен психолошки тест и тест за интегритет.

(3) Директорот се именува по спроведен јавен оглас за избор, објавен во три дневни весници кои се издаваат на целата територија на Република Македонија, од кои еден се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

Работи од делокруг на Директорот

Член 26

(1) Директорот на Агенцијата за задолжителни резерви ги врши следните работи:
– ја претставува и застапува Агенцијата за задолжителни резерви;
– ја организира работата и раководи со стручните служби на Агенцијата за задолжителни резерви;
– предлага општи и посебни акти за работењето на Агенцијата за задолжителни резерви до Управниот одбор;
– ги имплементира актите и одлуките на Управниот одбор;
– ги имплементира одлуките и актите на Владата на Република Македонија;
– поднесува акти и извештаи до Владата на Република Македонија;
– доставува годишен извештај за својата работа до Влада на Република Македонија на одобрување;
– предлага до Управниот одбор акциски план за формирање на задолжителни резерви;
– предлага до Управниот одбор годишна програма со финансиски план за тековната година;
– предлага на Управниот одбор одлука за количината и структурата на задолжителните резерви кои ќе се чуваат во тековната година;
– предлага до Управниот одбор уредба за начинот за утврдување, пресметување, висината и уплатување на надоместокот за задолжителните резерви;
– предлага на Управниот одбор уредба за утврдување на висината на надоместокот за чување на задолжителните резерви;
– предлага до Управниот одбор правилник за пропишување на методи и процедури за пресметка на просечните дневни нето увози и просечната дневна домашна потрошувачка;
– предлага до Управниот одбор правилник за формата и начинот на доставување на податоци за состојбата на сопствените залихи, оперативните резерви и задолжителните резерви на месечно ниво;
– предлага до Управниот одбор правилник за методите и процедурите за пресметка на нивоата на задолжителните резерви;
– предлага до Управниот одбор правилник за содржината, начинот и роковите за доставување на податоци за пласманот на нафтени деривати на домашниот пазар и уплатата на надоместокот за задолжителни резерви;
– изготвува извештај за работа на Агенцијата за задолжителни резерви во претходната година со годишна сметка и ги доставува на Управниот одбор на усвојување;
– предлага на Управниот одбор годишен план за јавни набавки;
– донесува одлуки и се грижи за спроведување на јавните набавки;
– се грижи за законито работење и трошење на финансиските средства;
– склучува договори во рамките на овластувањата утврдени со овој и друг закон и статутот на Агенцијата за задолжителни резерви;
– донесува поединечни акти од работењето на Агенцијата за задолжителни резерви;
– ги предлага и извршува општите акти за организација на работењето и систематизација на работните места;
– донесува поединечни акти за вработените од делокругот на работните односи;
– го пропишува начинот и постапката за вршење на контрола на спроведувањето на договорите за чување и обновување на задолжителните резерви склучени со трговските друштва – складиштари и
– го пропишува начинот и постапката за вршење на контрола на задолжителните резерви.

(2) Покрај работите од став (1) на овој член, Директорот одлучува и за други прашања утврдени со Статутот на Агенцијата за задолжителни резерви.

Стручни служби

Член 27

(1) Стручните, административно-техничките, помошните и другите работи за потребите на Агенцијата за задолжителни резерви ги вршат стручните служби на Агенцијата.

(2) Вработените во Агенцијата за задолжителни резерви кои вршат административни работи имаат статус на административни службеници.

(3) За прашањата кои се однесуваат на работниот однос на вработените од став (2) на овој член кои не се уредени со овој закон и со колективен договор, се применуваат одредбите од Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор.

(4) Вработените во Агенцијата за задолжителни резерви кои вршат помошни и технички работи имаат статус на помошно-технички персонал.

(5) За помошно-техничкиот персонал во Агенцијата за задолжителни резерви се применуваат прописите за работни односи.

Надворешни стручни лица

Член 28

За реализација на своите активности во согласност со овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон, меѓународните договори од областа на безбедноста во снабдувањето ратификувани согласно Уставот на Република Македонија и со статут, Агенцијата за задолжителни резерви може, врз основа на договор, да користи услуги на специјализирани правни и физички лица од земјата и странство.

Статут

Член 29

(1) Со Статутот на Агенцијата за задолжителни резерви особено се регулираат:
– работите и задачите на Агенцијата за задолжителни резерви;
– начин на извршување на активности од делокругот на Агенцијата за задолжителни резерви;
– правата, надлежностите и одговорностите на вработените и
– други работи кои Агенцијата за задолжителни резерви ги врши во согласност со овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон, меѓународните договори од областа на безбедноста во снабдувањето ратификувани согласно Уставот на Република Македонија и со статут.

(2) На Статутот на Агенцијата за задолжителни резерви, Владата на Република Македонија дава согласност.

Начело на доверливост на податоците

Член 30

(1) Податоците во врска со количината и структурата на задолжителните резерви согласно овој закон се јавни податоци.

(2) Податоците во врска со територијалната разместеност на задолжителните резерви по количина и структура, согласно овој закон се класифицирани и за нив ќе се применуваат мерките за безбедност на класифицирани информации, согласно важечките прописи.

V. ФИНАНСИРАЊЕ

Начин на финасирање

Член 31

(1) Средствата наменети за покривање на трошоците за формирање, чување и одржување на задолжителните резерви како и за редовно работење на Агенцијата за задолжителни резерви, се обезбедуваат од:
– надоместокот за задолжителни резерви на сурова нафта и/или нафтени деривати (во понатамошниот текст: надоместок за задолжителни резерви);
– средства остварени врз основа на меѓународна соработка на програми и проекти;
– кредити и
– други извори.

(2) Средствата од став (1) алинеја 1 на овој член се приход на Агенцијата за задолжителни резерви и се уплаќаат на соодветна уплатна сметка во рамките на трезорската сметка, а средствата од став (1) алинеи 2, 3 и 4 на овој член се приход на Агенцијата за задолжителни резерви и се уплаќаат на соодветна сметка во рамки на трезорската сметка.

(3) Владата на Република Македонија на предлог на Агенцијата за задолжителни резерви, ги пропишува начинот за утврдување, пресметување и висината на надоместокот од став (1) алинеjа 1 на овој член, како и содржината, начинот и роковите за достава на податоци за пласманот на нафтени деривати на домашниот пазар. Висината на надоместокот за задолжителни резерви изразен во денари/литар/килограм за секоја категорија на нафтени деривати од член 6 став (1) на овој закон, се утврдува земајќи ја предвид потребата од финансиски средства во предметната фискална година и се пресметува со поделба на трошоците коишто се очекуваат со количините на задолжителни резерви предвидени да се чуваат и одржуваат во односната фискална година.

(4) Неискористените средства за финансирање од претходната година се пренесуваат за користење во наредната година.

Обврзници и настанување на обврската за уплата на надоместокот за задолжителни резерви

Член 32

(1) Обврзници за уплата на надоместокот за задолжителните резерви се:
– имателите на акцизна дозвола и
– увозниците на нафтени деривати во Република Македонија кои не се иматели на акцизна дозвола.

(2) За настанувањето, пресметувањето и обврската за плаќање на надоместокот за задолжителни резерви за обврзниците од ставот (1) алинеја 1 на овој член соодветно се применуваат одредбите на Законот за акцизите.

(3) Надоместокот за задолжителни резерви, за обврзникот од ставот (1) алинеја 1 на овој член го пресметува имателот на акцизната дозвола кој е должен да го уплати на соодветна уплатна сметка на Агенцијата за задолжителни резерви во рамките на трезорската сметка, во рок од 15 дена по истекот на секој календарски месец.

(4) Обврската за уплата на надоместокот за задолжителни резерви, за обврзникот од став (1) алинеја 2 на овој член настанува со настанување на царинскиот долг.

(5) Надоместокот за задолжителни резерви, за обврзникот од ставот (1) алинеја 2 на овој член го пресметува царинскиот орган при наплатата на царинскиот долг и го уплатува на соодветна уплатна сметка на Агенцијата за задолжителни резерви во рамките на трезорската сметка.

(6) Обврзниците за уплата на надоместокот за задолжителни резерви од ставот (1) на овој член имаат обврска во рок од 30 дена по истекот на календарскиот месец во кој е извршена уплатата на надоместокот за задолжителни резерви до Агенцијата за задолжителни резерви да доставуваат податоци за извршената уплата.

Соработка со надлежниот царински орган

Член 33

(1) За извршениот увоз на сурова нафта и нафтени деривати во Република Македонија, Царинската управа на Република Македонија е должна да изготвува месечен извештај и истиот да го доставува до Агенцијата за задолжителни резерви и до Државниот завод за статистика најдоцна во рок од 35 дена, за увозот извршен заклучно со последниот ден од месецот.

(2) За извршениот промет на нафтени деривати во Република Македонија, Царинската управа на Република Македонија е должна да изготвува месечен извештај и истиот да го доставува до Агенцијата за задолжителни резерви и до Државниот завод за статистика најдоцна во рок од 35 дена, за прометот извршен заклучно со последниот ден од месецот.

(3) Агенцијата за задолжителни резерви и Царинската управа се должни најмалку двапати годишно со записник да вршат срамнување на податоците од ставовите (1) и (2) на овој член.

VI. ПОСЕБНИ РЕЗЕРВИ

Посебни резерви

Член 34

(1) Агенцијата за задолжителни резерви може да чува и резерви на нафтени деривати во форма на посебни резерви кои се составен дел на задолжителните резерви, пресметани во денови на потрошувачка во согласност со условите утврдени во овој член и истите се чуваат со цел да се овозможи соодветна интервенција со пуштање во промет на количини на нафтени деривати кои се неопходно потребни за првичен одговор во случаи на посебна итност или да се пребродат локални кризи кои не се предизвикани од промена на цените на суровата нафта или нафтените деривати, а може да се однесуваат и на прекини во снабдувањето со природен гас. Посебните резерви се сопственост на Република Македонија и со нив управува Агенцијата за задолжителни резерви.

(2) Нивото на посебни резерви кои што се чуваат се пресметува врз основа на методите и процедурите за пресметување на обврските за чување на резерви утврдени во прописот од член 11 став (2) на овој закон.

(3) За исполнување на обврската за чување на посебни резерви соодветно се применуваат одредбите од членовите 14 и 15 на овој закон, освен за чување на посебните резерви од став (4) алинеи 10, 11, 12, 13 и 14 на овој член, за кои трговските друштва складиштари треба да поседуваат само акцизна дозвола.

(4) Посебните резерви може да бидат составени од еден или повеќе видови на нафтени деривати и тоа:
– Етан,
– ТНГ,
– Моторен бензин,
– Бензин за воздухоплови,
– Гориво за реактивни мотори од бензински вид, (од нафтен вид или JP4),
– Гориво за реактивни мотори од керозински вид,
– Друг керозин,
– Гасни масла /дизел гориво (екстра лесно масло за домаќинство и дизел),
– Мазут (со голема содржина на сулфур и со мала содржина на сулфур),
– Минерален терпентин (“White spirit” ) и SBP,
– Масла за подмачкување,
– Битумен,
– Парафински восоци и
– Нафтен кокс.

(5) Нафтените деривати кои се избрани да се чуваат за посебни резерви се утврдуваат врз основа на категориите од став (4) на овој член, а за секоја избрана категорија резервите одговараат на даден број на денови на просечна дневна потрошувачка измерена врз основа на нивниот еквивалент на сурова нафта во текот на референтната година, која е календарската година пред периодот на чување на посебните резерви.

(6) Збирот на еквивалентите на сурова нафта за количините на нафтени деривати коишто се користат во Република Македонија, а коишто биле избрани како посебни резерви, мораат во референтната година да претставуваат најмалку 75% од еквивалентот на сурова нафта за домашната потрошувачка. Домашната потрошувачка на нафтени деривати е збирот на „пресметани бруто домашни испораки“ само од нафтените деривати: моторен бензин, бензин за воздухоплови, гориво за реактивни мотори од бензиски вид (на база на нафта или JP4), гориво за реактивни мотори од керозински тип, други видови керозин, дизел гориво / природен гас (дестилиран мазут) и мазут (со висок или низок процент на сулфур). Еквивалентите на сурова нафта за домашна потрошувачка се пресметуваат со множење на конкретните количини на нафтени деривати од овој став со фактор 1,2 на збирниот показател.

(7) За потребата за формирање на посебни резерви, бројот на денови за кои што се чуваат посебни резерви, како и избраните нафтени деривати од став (4) на овој член одлучува Владата на Република Македонија, а одлуките остануваат во сила во времетраење од најмалку една година и нивните измени можат да влезат во сила само на првиот ден од календарскиот месец.

(8) Доколку Република Македонија одлучи да чува посебни резерви, Агенцијата за задолжителни резерви преку министерството надлежно за работите од областа на енергетиката на Европската комисија ѝ испраќа известување со прецизирање на нивото на резервите што се обврзала да ги чува, како и времетраењето на таквото чување. 

(9) Доколку Република Македонија не презела обврска во дадена календарска година да чува посебни резерви за најмалку 30 дена, може да обезбеди најмалку една третина од нејзината обврска за чување задолжителни резерви да се чува во форма на производи согласно ставовите (4) и (6) на овој член.

(10) Доколку во Република Македонија во дадена календарска година се чуваат посебни резерви за помалку од 30 дена, Агенцијата за задолжителни резерви изработува годишен извештај за преземените мерки за обезбедување на расположивоста и физичката достапност на задолжителните резерви како и аранжманите кои се направени за да ѝ обезбедат на Република Македонија да го контролира користењето на овие резерви во случај на прекини во снабдувањето со нафта. Тој извештај ѝ се испраќа на Европската комисија до крајот на првиот месец од календарската година на која се однесува. 

(11) Доколку Република Македонија одлучи посебните резерви да ги пушти во промет, ќе се применуваат одредбите од членот 36 од овој закон.

Управување со посебните резерви

Член 35

(1) Агенцијата за задолжителни резерви води и одржува Регистар на посебни резерви, за сите посебни резерви што ги чува на територијата на Република Македонија, кој постојано се ажурира. Регистарот на посебни резерви особено ги содржи сите неопходни информации за прецизирање на точната локација на посебните резерви.

(2) Агенцијата за задолжителни резерви преку министерството надлежно за работите од областа на енергетиката на Европската комисија ѝ испраќа копија од Регистарот на посебни резерви во рок од 15 дена по добиено барање од Европската комисија. Оваа копија не мора да содржи чувствителни податоци за локацијата на резервите. Ваквите барања од страна на Европската комисија можат да се поднесат не подоцна од пет години по датумот на кој се однесуваат бараните податоци. 

(3) Агенцијата за задолжителни резерви изработува и статистички резимеа за посебните резерви и истите преку министерството надлежно за работите од областа на енергетиката ги поднесува до Европската комисија. 

(4) Кога посебните резерви се мешаат со други залихи на нафтени деривати, Агенцијата за задолжителни резерви ги презема неопходните мерки со цел да се спречи складиштарот да врши преместување на тие измешани деривати во обем кој ги претставува посебните резерви, доколку нема претходно писмено овластување од Агенцијата за задолжителни резерви.

(5) Посебните резерви коишто се чуваат или се транспортираат во рамки на територијата на Република Македонија неможат да бидат предмет на задржување, залог, извршување и пленидба без оглед на тоа дали тие резерви се во сопственост на Република Македонија или во сопственост на други земји.

(6) Министерот надлежен за работите од областа на енергетиката, на предлог на Агенцијата за задолжителни резерви, ги пропишува содржината, формата и начинот на водење на Регистарот на посебните резерви како и правилата за подготовка и роковите за поднесување на резимеа од Регистарот на посебните резерви до Европската комисија.

(7) Министерот надлежен за работите од областа на енергетиката, на предлог на Агенцијата за задолжителни резерви, ја пропишува содржината, формата и начинот на изготвувањето на статистичките резимеа за посебните резерви, како и правилата за подготовка и роковите за поднесување на статистички резимеа до Европската комисија.

VII. НАЧИН НА КОРИСТЕЊЕ НА ЗАДОЛЖИТЕЛНИТЕ РЕЗЕРВИ

Услови и начин на пуштање во промет на задолжителните резерви

Член 36

(1) Во случај на вонредно пореметување и нарушување на снабдувањето на пазарот со сурова нафта и нафтени деривати, Владата на Република Македонија, на предлог на Советодавната комисија од членот 38 од овој закон, донесува одлука за пуштање во промет на задолжителните резерви, со која се определува видот и количините на сурова нафта и/или нафтени деривати кои се пуштаат во промет, постапката и роковите за пуштање во продажба на задолжителните резерви, како и временскиот интервал во кој ќе се применува одлуката.

(2) Со одлуката од став (1) на овој член, Владата на Република Македонија истовремено одобрува привремено да се чуваат помали количини на сурова нафта и/или нафтени деривати од оние што се пропишани со член 5 став (1) или со член 34 на овој закон.

(3) Агенцијата за задолжителни резерви врз основа на одлуката од став (1) на овој член, нафтените деривати од задолжителните резерви ги пушта во промет на територијата на Република Македонија по пат на продажба по пазарни цени.

(4) Во случај на пуштање во промет на сурова нафта на територијата на Република Македонија, продажната цена ќе се одреди врз основа на средните котации на суровата нафта објавени во текот на испораката во Platt’s Crude Oil Marketwire.

(5) Во случај на пуштање во промет на сурова нафта и нафтени деривати од задолжителните резерви надвор од територија на Република Македонија, како интервенција врз основа на ефективна меѓународна одлука за пуштање на резерви во промет, продажната цена ќе се одреди врз основа на средните котации објавени во текот на испораката во Platt’s Crude Oil Marketwire и Platt’s European Marketscanu, за суровата нафта и/или нафтените деривати. 

(6) Во случај кога е донесена одлука согласно ставот (1) на овој член, а Агенцијата за задолжителни резерви не успее согласно ставовите (3) и (4) на овој член да пушти задолжителни резерви на пазарот, обврска зa купување и продажба како и испорака на нафтените деривати до крајните потрошувачи имаат трговските друштва кои складираат задолжителни резерви и/или енергетските субјекти кои вршат дејност трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт, сразмерно на висината на уплатата на надоместокот за задолжителни резерви во претходната календарска година.

(7) Средствата од продажбата на задолжителните резерви се уплаќаат на соодветна уплатна сметка на Агенцијата за задолжителни резерви во рамките на трезорската сметка.

(8) За пуштањето на задолжителните резерви како и за количините, Агенцијата за задолжителни резерви преку министерство надлежно за работите од областа на енергетиката веднаш ја известува Европската комисија. 

План за интервенција

Член 37

(1) Владата на Република Македонија, на предлог на министерството надлежно за работите од областа на енергетиката донесува План за интервенција во случај на вонредно пореметување на снабдувањето на пазарот со сурова нафта и/или нафтени деривати (во натамошниот текст: План за интервенција).

(2) Со Планот за интервенција се пропишуваат постапката, критериумите и условите за утврдување на настанување на вонредно пореметување на снабдувањето на домашниот пазар со сурова нафта и/или нафтени деривати и прогласување на нафтена кризна состојба, надлежност и одговорност за постапување во случај на пореметување на снабдувањето, мерките што се преземаат во случај на нафтена кризна состојба, правата и обврските на носителите на една или повеќе лиценци за вршење на енергетските дејности складирање и/или трговија и/или преработка и/или транспорт на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт, како и други постапки за нормализација на снабдувањето на пазарот.

(3) Со Планот за интервенција се пропишуваат и мерки кои вклучуваат смалување на потрошувачката на нафтени деривати во услови на настанато вонредно пореметување на снабдувањето на домашниот пазар или на нафтена кризна состојба.

(4) Планот за интервенција не се применува во случај на непосредна загрозеност на независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија и во случај на големи природни непогоди на територијата на Република Македонија.

(5) Владата на Република Македонија на предлог на Советодавната комисија од член 38 на овој закон, донесува одлуки за мерките и активностите пропишани со Планот од став (1) на овој член, кои се преземаат за заштита од непосредна опасност од пореметување во снабдувањето и отстранување на настанатите пречки во снабдувањето со нафтени деривати на пазарот.

Советодавна комисија

Член 38

(1) За спроведување на Планот за интервенција од членот 37 од овој закон, Владата на Република Македонија формира Советодавна комисија составена од девет члена.

(2) Членовите на Советодавната комисија ги именува и разрешува Владата на Република Македонија и истата е составена од:
– еден претставник од министерството надлежно за работите од областа на енергетиката именуван на предлог на министерот, од редот на именувани функционери и еден претставник од редот на раководните државни службеници;
– еден претставник од министерството за финансии, именуван на предлог на министерот, од редот на именувани функционери;
– директорот на Агенцијата за задолжителни резерви;
– претседателот на Регулаторната комисија за енергетика;
– по еден претставник од два енергетски субјекти со најголем удел на пазарот на нафтени деривати во големопродажба во Република Македонија, на ниво на членови на управата или извршни директори, именувани на предлог на министерот надлежен за работите од областа на енергетиката и
– по еден претставник од два најголеми потрошувачи на нафтени деривати во земјата од секторот индустрија, на ниво на членови на управата или извршни директори, именувани на предлог на стопански комори.

(3) Претседател на Советодавната комисија е претставник од министерството надлежно за работите од областа на енергетиката, а заменик претседател е Директорот на Агенцијата за задолжителни резерви.

(4) Мандатот на членовите на Советодавната комисија трае четири години, односно до истекот на мандатот на функциите во институциите односно субјектите од кои доаѓаат, со право на повторен избор.

(5) Советодавната комисија ги врши следните работи:
– иницира предлог за донесување на одлука за настанато вонредно пореметување во снабдувањето на пазарот со сурова нафта и нафтени деривати и прогласување на нафтена кризна состојба;
– предлага мерки и одлуки за нормализација на снабдувањето на пазарот со сурова нафта и нафтени деривати во случај на вонредно пореметување на снабдувањето;
– предлага дополнителни мерки за нормализација на снабдувањето на пазарот;
– предлага укинување на сите одлуки и мерки за нормализација на снабдување на пазарот и
– други работи согласно овој закон и Деловник за работа на комисијата.

(6) Советодавната комисија за својата работа одговара пред Владата на Република Македонија.

(7) Советодавната комисија работи и одлучува на седници. Начинот на работа и одлучување се уредува со Деловник за работа на Советодавната комисија кој го донесува Комисијата.

(8) На членовите и претседателот на Советодавната комисија не им следуваат никакви надоместоци.

(9) Административно – техничките работи за потребите на Советодавната комисија ги вршат стручните служби на Агенцијата за задолжителни резерви.

Соработка со меѓународни институции од областа на енергетиката во врска со пуштањето на задолжителните резерви

Член 39

(1) Министерството надлежно за работите од областа на енергетиката е задолжено за координација и соработка со Европската комисија. Соработката ги вклучува сите прашања кои се однесуваат на сигурноста во снабдувањето со сурова нафта и нафтени деривати особено во случај на поголеми нарушувања во снабдувањето како и прашањата на доставување на копии од регистрите и статистичките резимеа за состојбата со задолжителните резерви и посебните резерви во Република Македонија. Стручна помош на министерството обезбедува Агенцијата за задолжителни резерви. 

(2) Министерството надлежно за работите од областа на енергетиката и Агенцијата за задолжителни резерви ја претставуваат Република Македонија во работните, стручните и советодавните тела на Европската комисија кои се однесуваат на сигурност во снабдувањето.

VIII. НАДЗОР

Надлежни тела за спроведување на надзор

Член 40

(1) Надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон и на договорите за складирање, чување и обновување на задолжителни резерви врши Агенцијата за задолжителни резерви.

(2) Надзорот од став (1) од овој член го вршат овластени лица од редот на вработените во Агенцијата за задолжителни резерви, врз основа на писмено овластување од директорот на Агенцијата.

(3) Овластените лица се должни при вршењето на надзор да го покажат овластувањето, а на барање на трговското друштво – складиштар, односно на обврзникот за уплата на надоместокот за задолжителни резерви да му остават копија од истото.

(4) Овластените лица од Агенцијата за задолжителни резерви не се должни да го најават своето доаѓање.

(5) Овластените лица од Агенцијата за задолжителни резерви ги вршат работите на надзор и превземаат мерки за кои се овластени со овој и друг закон во поглед на:
– надзор над спроведувањето на договорите за складирање;
– увид и надзор над документацијата и евиденцијата за уплата на надоместок за нафтени резерви кај обврзниците за уплата на надоместокот согласно член 32 од овој закон;
– увид во документацијата и евиденцијата на трговските друштва – складиштари кои се однесуваат на складирањето, чувањето и другите дејствија во врска со задолжителните резерви превземени во согласност со овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

(6) Овластените лица од став (2) на овој член, ги вршат работите на надзор и превземаат мерки за кои се овластени со овој и друг закон, во соработка со надлежните инспекциски органи и/или избрано акредитирано контролно инспекциско тело и акредитирана лабораторија, во поглед на:
– квантитативна контрола на количините на задолжителните резерви и
– квалитативна контрола на нафтените резерви.

(7) При вршење на надзорот Агенцијата за задолжителни резерви може, врз основа на договор, да ангажира и други надворешни стручни физички или правни лица од релевантни области за вршење на поедини стручни активности.

(8) Овластените лица од Агенцијата за задолжителни резерви, надлежните инспекциски органи и ангажираните контролни тела и надворешни стручни лица, при вршење на надзорот должни се да водат сметка за заштита на јавниот интерес и за заштита на деловните интереси на трговското друштво – складиштар како и на обврзниците за уплата на надоместокот за задолжителни резерви.

(9) Идентичноста на копијата со оригиналот на документите, доказите и информациите ја потврдува со потпис овластен вработен кај трговското друштво – складиштар, односно кај обврзникот за уплата на надоместокот за задолжителни резерви.

(10) Трговското друштво – складиштар има обврска да соработува и на барање на овластеното лице за вршење надзор да овозможи непречен пристап до складишните капацитети во кои се чуваат задолжителните резерви како и просториите, документите, електронските системи или било кое друго средство во врска со задолжителните резерви предмет на надзор и да ја достави целокупната документација во врска со задолжителните резерви потребна за извршување на надзорот.

(11) Обврзникот за уплата на надоместокот за задолжителни резерви има обврска да соработува и на барање на овластеното лице за вршење надзор да овозможи непречен пристап до просториите, документите, електронските системи или било кое друго средство во врска со пресметката и уплатата на надоместокот за задолжителни резерви и да ја достави целокупната документација потребна за извршување на надзорот.

Акти и мерки во врска со спроведување на надзорот

Член 41

(1) При вршење на надзор на задолжителните резерви овластените лица од Агенцијата за задолжителни резерви изготвуваат записник.

(2) Записникот задолжително треба да биде потпишан од овластените претставници на Агенцијата за задолжителни резерви, претставниците од надлежните инспекциски органи, претставникот на ангажираното акредитирано контролно инспекциско тело, управител или магационер на склад, управител односно овластено лице кај обврзникот за уплата на надоместокот за задолжителни резерви, како и од надворешни стручни лица доколку истите се ангажирани.

(3) Во случај на утврдени неправилности, врз основа на записникот од став (1) на овој член, овластените лица за надзор до директорот на Агенцијата за задолжителни резерви поднесуваат писмен извештај со предлог мерки за отстранување на утврдените неправилности.

(4) Директорот на Агенцијата за задолжителни резерви во рамките на своите надлежности има право со решение да им нареди на трговските друштва – складиштари, односно на обврзниците за уплата на надоместокот за задолжителни резерви (во понатамошниот текст: правни субјекти), да го усогласат своето работење со условите предвидени во овој закон, подзаконски акти и договор, во рок од најмногу 30 дена од денот на приемот на решението.

(5) Доколку правните субјекти во рокот од став (4) на овој член целосно ги отстранат недостатоците наведени во решението, истите се должни да достават до Агенцијата за задолжителни резерви писмено образложение со соодветни докази во прилог, најдоцна во рок од пет дена од извршеното усогласување. По извршениот увид и оцена на доставеното образложение, Агенцијата за задолжителни резерви доколку ги прифати поднесените докази со записник ќе констатира дека усогласувањето е извршено.

(6) Доколку правните субјекти во рокот од став (4) на овој член делумно ги отстранат недостатоците наведени во решението, истите се должни да достават детално писмено образложение за ваквото постапување со соодветни докази во прилог, по што Агенцијата за задолжителни резерви може да одреди дополнителен примерен рок од најмногу 15 дена за целосно усогласување на работењето. По истекот на дополнителниот рок трговското друштво – складиштар, односно обврзникот за уплата на надоместокот за задолжителни резерви, се должни да достават писмено образложение за преземените мерки со соодветни докази во прилог, најдоцна во рок од пет дена од извршеното усогласување, а по извршениот увид и оцена на доставеното образложение Агенцијата за задолжителни резерви доколку ги прифати поднесените докази со записник ќе констатира дека усогласувањето е извршено.

(7) Доколку трговското друштво – складиштар, односно обврзникот за уплата на надоместокот за задолжителни резерви не постапат согласно роковите и условите од ставовите (4), (5) и (6) на овој член, Агенцијата за задолжителни резерви ќе поведе постапка пред надлежен суд соодветно на видот на прекршокот и висината на настанатата штета.

(8) Против донесените решенија од ставовите (4), (5) и (6) на овој член, трговското друштво – складиштар, односно обврзникот за уплата на надоместокот за задолжителни резерви имаат право да поведат управен спор во рок од 30 дена од денот на приемот на истите.

(9) Овластените лица од Агенцијата за задолжителни резерви, кои при вршењето на надзорот ќе констатираат дека има елементи на сторено кривично дело, должни се за тоа да достават извештај до директорот на Агенцијата за задолжителни резерви заради поведување на законска постапка пред надлежените органи.

Инспекциски надзор на задолжителните резерви

Член 42

(1) Инспекциски надзор на задолжителните резерви врши Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за техничка инспекција во согласност со нивните надлежности утврдени со закон.

IX. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

Висина на глоба

Член 43

(1) Глоба во износ од 7 до 10% од вкупниот годишен приход во деловната година што и претходи на годината кога е сторен прекршокот или од вкупниот приход остварен за пократок период од годината што му претходи на прекршокот доколку во таа година правното лице започнало да работи, ќе му се изрече на трговско друштво – складиштар ако задолжителните резерви неовластено ги користи или ги отуѓи или им ја промени намената или складишниот простор или на друг начин располага со суровата нафта и/или нафтените деривати од задолжителните резерви спротивно на договор и на овој закон.

(2) Глоба во износ од 3 до 7% од вкупниот годишен приход во деловната година што и претходи на годината кога е сторен прекршокот или од вкупниот приход остварен за пократок период од годината што му претходи на прекршокот доколку во таа година правното лице започнало да работи, ќе се казни трговско друштво-складиштар ако задолжителните резерви ги користи како средства за обезбедување на побарувања кон трети лица-залог или било кој друг вид на обезбедување или задржување и како средства за извршување и пленидба, согласно член 15 став (5) и член 16 од овој закон.

(3) Глоба во износ од 10.000 – 20.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на трговско друштво – складиштар, односно обврзникот за уплата на надоместокот за задолжителни резерви ако:
– задолжителните резерви кои ги чува по својот квалитет не одговараат на највисоките важечки стандарди за квалитет на течните горива во Република Македонија и истите содржат недозволени примеси и/или нечистотии кои можат битно да влијаат врз квалитетот и на фактичките количини на задолжителни резервите согласно членот 15 став (4) од овој закон;
– не обезбеди пристап до складишните капацитети каде се чуваат задолжителните резерви согласно член 15 став (6) од овој закон;
– не овозможи непречен пристап до просториите, документите, електронските системи или било кое друго средство во врска со пресметката и уплатата на надоместокот за задолжителни резерви и не ја достави целокупната документација потребна за извршување на надзорот, согласно член 40 став (11) од овој закон;
– не го уплати надоместокот за задолжителни резерви согласно член 32 од овој закон;
– не постапува во согласност со одлуките на Владата на Република Македонија во случај на пореметување на снабдувањето, согласно член 36 од овој закон;
– не прифати мерки согласно Планот за интервенција од член 37 од овој закон;
– не постапи согласно роковите и условите од ставовите (4), (5) и (6) на членот 41 од овој закон.

(4) Глоба во износ од 5.000 – 10.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на трговското друштво – складиштар, односно обврзникот за уплата на надоместокот за задолжителни резерви ако:
– не даде податок, даде неточен, нецелосен, ненавремен податок или пак податокот го дава на начин поинаков од пропишаниот согласно член 10 став (1) и членот 32 од овој закон.

(5) Глоба во износ од 2.000 – 4.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на трговското друштво – складиштар и обврзникот за уплата на надоместокот за задолжителни резерви ако:
– не ја стави на увид и располагање документацијата во врска со работењето со задолжителните резерви согласно член 15 став (6) од овој закон;
– не ги чува податоците, евиденцијата и документацијата во врска со задолжителните резерви во роковите утврдени согласно член 15 став (8) од овој закон;
– проследи класифицирана информација во врска со задолжителни резерви согласно член 30 став (2) од овој закон.

(6) За дејствијата од ставовите (1) и (2) на овој член ќе му се изрече глоба во износ од 10.000 до 20.000 евра во денарска противредност за прекршок и на одговорното лице во правното лице.

(7) За дејствијата од ставот (3) на овој член ќе му се изрече глоба во износ од 2.000 до 4.000 евра во денарска противредност за прекршок и на одговорното лице во правното лице.

(8) Покрај глобата за прекршок од ставовите (1) и (2) на овој член на правното лице кое сторило два или повеќе прекршоци или во рок од една година ги повторува прекршоците од ставовите (1) и (2) на овој член, може да му се изрече и привремена забрана за вршење на одделна дејност во траење од една година, а на одговорното лице во правното лице за истиот прекршок му се изрекува и привремена забрана за вршење на одделна професија, дејност или должност во траење до една година.

(9) Покрај глобата за прекршокот од ставот (3) на овој член на правното лице кое сторило два или повеќе прекршоци или во рок од една година ги повторува прекршоците од став (3) на овој член, може да му се изрече и привремена забрана за вршење на дејност во траење од три до шест месеци, а на одговорното лице во правното лице да му изрече привремена забрана за вршење вршење на одделна професија, дејност или должност во траење до шест месеци.

(10) Покрај глобата за прекршокот од ставот (3) алинеја 5 на овој член, на правните лица кои не постапуваат во согласност со одлуките на Владата на Република Македонија во случај на пореметување на снабдувањето може да им се изрече и привремена забрана за вршење на дејност во траење од три месеци до една година, а на одговорното лице во правното лице да му изрече привремена забрана за вршење на одделна професија, дејност или должност во траење до една година.

Надлежен суд

Член 44

За прекршоците утврдени во член 43 од овој закон, прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува надлежниот суд

Постапка за порамнување

Член 45

(1) За прекршоците утврдени во член 43 од овој закон, Агенцијата за задолжителни резерви е должна на сторителот на прекршокот да му предложи постапка за порамнување пред да поднесе барање за прекршочна постапка.

(2) Овластените лица за вршење надзор составуваат записник во кој се забележуваат битните елементи на прекршокот, времето, местото и начинот на сторување на прекршокот, описот на дејствието на прекршокот и лицата затекнати на самото место.

(3) Во записникот се определува начинот на кој ќе се отстранат штетните последици од прекршокот, како и начинот на надминување на последиците од сторувањето на прекршокот.

(4) Агенцијата за задолжителни резерви во постапката за порамнување на сторителот на прекршокот му дава платен налог.

(5) Се смета дека сторителот на прекршокот со потпис на прием на платниот налог се согласува да ја плати глобата.

(6) Кога како сторител на прекршок се јавува правно лице, записникот и платниот налог го потпишува службено односно одговорно лице кое се нашло на лице место при контролата или друго службено односно одговорно лице кое изјавило дека има право да го потпише записникот и да го прими платниот налог.

(7) Изјавата од став (6) од овој член се забележува во записник.

(8) Сторителот на прекршокот е должен да ја плати глобата во рок од осум дена од приемот на платниот налог на сметката означена во платниот налог. Сторителот кој ќе ја плати глобата во тој рок ќе плати само половина од изречената глоба. Поуката за тоа право е дел од правната поука на платниот налог.

(9) Во постапката која ќе заврши со издавање на платен налог не се плаќаат трошоци на постапката.

(10) Ако сторителот не ја плати глобата во рокот предвиден во ставот (8) на овој член, овластените лица за вршење надзор ќе поднесат барање за поведување прекршочна постапка до надлежниот суд.

(11) Овластените лица за вршење надзор се должни да водат евиденција за покренатите постапки за порамнување и за нивниот исход.

X. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 46

(1) Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати основана согласно Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати („Службен весник на Република Македонија“ број 84/2008, 35/11, 84/12 и 43/14) со денот на отпочнување со примената на овој закон продолжува да работи како Македонска агенција за задолжителни нафтени резерви со надлежности утврдени со овој закон.

(2) Средствата, залихите, имотот, правата, побарувањата, обврските, архивата и документацијата од Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати со денот на отпочнување со примената на овој закон, во целост се пренесуваат на Агенцијата за задолжителни резерви.

(3) Вработените во Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, од денот на отпочнување со примената на овој закон до денот на започнувањето на примената на Законот за административните службеници (“Службен весник на Република Македонија” број 27/14) и Законот за вработените во јавниот сектор (“Службен весник на Република Македонија” број 27/14), продолжуваат да работат во Агенцијата за задолжителни резерви во согласност со претходно стекнатите звања на јавни службеници и во согласност со актите за организација на работењето и систематизација на работните места на Агенцијата за задолжителни резерви.

(4) Вработените во Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, кои вршат помошни и технички работи и немаат статус на јавни службеници со денот на отпочнување со примената на овој закон, продолжуваат да работат во Агенцијата за задолжителни резерви и во однос на нивните права, обврски и одговорности од работниот однос се применуваат општите прописи за работни односи.

Член 47

Членовите на Управниот одбор на Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати кои ја вршат оваа функција со денот на отпочнување сo примената на овој закон, продолжуваат да ја извршуваат својата функција за која се именувани како членови на Управниот одбор на Агенцијата за задолжителни резерви до изборот на нов Управен одбор од страна на Владата на Република Македонија.

Член 48

Директорот на Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати кој ја врши оваа функција на денот на отпочнувањето со примена на овој закон, продолжува да ја врши функцијата директор на Агенцијата за задолжителни резерви до именување на директор од страна на Владата на Република Македонија.

Член 49

(1) Владата на Република Македонија најдоцна до денот на отпочнување со примена на овој закон ќе донесе:
1) акциски план за формирање на задолжителни резерви од член 12 став (2) од овој закон;
2) одлука за количината и структурата на задолжителните резерви за тековната година, согласно членот
12 став (3) од овој закон;
3) уредба со која ги пропишува начинот на утврдување, пресметување, висината и надоместувањето на трошоците за чување на задолжителните резерви согласно членот 15 став (3) од овој закон;
4) уредба со која ги пропишува начинот за утврдување, пресметување и висината на надоместокот за нафтени резерви, како и содржината, начинот и роковите за достава на податоци за пласманот на нафтени деривати на домашниот пазар, согласно членот 31 став (3) од овој закон;
5) план за интервенција во случај на вонредно пореметување на снабдувањето на пазарот со сурова нафта и нафтени деривати согласно членот 37 став (1) од овој закон.

(2) Владата на Република Македонија најдоцна до денот на отпочнување со примена на овој закон ќе ги именува членовите на Управниот одбор и Директорот на Агенцијата за задолжителни резерви согласно членовите 23 и 25 од овој закон.

(3) Владата на Република Македонија најдоцна до денот на отпочнување со примена на овој закон ќе ја формира и ќе ги именува членовите на Советодавната комисија од членот 38 ставови (1) и (2) од овој закон.

(4) Министерот надлежен за работите од областа на енергетиката, на предлог на Агенцијата за задолжителни резерви, најдоцна до денот на отпочнување со примена на овој закон ќе донесе:
1) правилник за методите и процедурите за пресметка на просечните дневни нето увози и просечната дневна домашна потрошувачка, од членот 5 став (3) од овој закон;
2) правилник за формата и начинот на доставување на податоци за состојбата на сопствените залихи и задолжителните и оперативните резерви на месечно ниво од членот 10 став (2) од овој закон;
3) правилник за подготовка и роковите за поднесување на статистички резимеа до Европската комисија, за содржината, формата и начинот на водење на Регистрите за задолжителните и за посебните резерви, како и правилата за подготовка и роковите за поднесување на резимеа од Регистрите за задолжителните и за посебните резерви до Европската комисија, согласно членот 10 став (5), членот 13 ставови (2) и (4) и членот 35 ставови (6) и (7) од овој закон;
4) правилник за методите и процедурите за пресметка на нивоата на задолжителните резерви од членот 11 став (2) од овој закон.

Рок за формирање на задолжителните резерви

Член 50

Владата на Република Македонија ќе ги формира задолжителните резерви согласно членот 5 став (1) од овој закон, најдоцна до 31 декември 2022 година.

Статут на Агенцијата за задолжителни резерви

Член 51

Статутот на Агенцијата за задолжителни резерви од членот 29 од овој закон, ќе се донесе најдоцна до денот на отпочнување со примена на овој закон.

Престанок на важење на определени одредби

Член 52

Со денот на отпочнувањето на примената на овој закон престанува да важи Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати („Службен весник на Република Македонија“ број 84/2008, 35/11, 84/12 и 43/14).

Влегување во сила

Член 53

Одредбата од членот 25 став (2) алинеја 5 од овој закон кои се однесуваат на условот за познавање на странски јазик ќе отпочнат да се применуваат една година по денот на отпочнување со примената на овој закон.

Член 54

Одредбите од членот 27 ставови (2) и (3) од овој закон ќе отпочнат да се применуваат од денот на започнувањето на примената на Законот за административните службеници („Службен весник на Република Македонија” број 27/14) и Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија” број 27/14).

Член 55

Одредбите од членот 4 став (3), членот 10 став (4), членот 13 ставови (2) и (3), членот 15 став (7), членот 34 ставови (8) и (10), членот 35 ставови (2) и (3), членот 36 ставови (5) и (8) и членот 39 став (1) на овој закон, ќе отпочнат да се применуваат од денот на пристапувањето на Република Македонија во Европската Унија.

Член 56

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”, а ќе отпочне да се применува од 1 јануари 2021 година.