Закон за данокот на личен доход

ПРВ ДЕЛ

ОПШТИ ОДРЕДБИ

1. Предмет на законот

Член 1

Со овој закон се уредува оданочувањето на личниот доход на физичките лица, обврзникот за плаќање на данокот на личен доход, даночната основа за пресметување на данокот на личен доход, даночните стапки, роковите за плаќање на данокот на личен доход, како и други прашања кои се значајни за утврдување и плаќање на данокот на личен доход.

2. Видови доход

Член 2

Данокот на личен доход (во натамошниот текст: данок на доход) се плаќа годишно на збирот на доходот од сите извори, освен на доходот што е изземен од оданочување со овој закон.

Член 3

(1) Под личен доход се подразбираат следните видови доход остварени во земјата и во странство:
1) доход од работа;
2) доход од самостојна дејност;
3) доход од авторски и сродни права;
4) доход од продажба на сопствени земјоделски производи;
5) доход од права од индустриска сопственост;
6) доход од закуп и подзакуп;
7) доход од капитал;
8) капитални добивки;
9) добивки од игри на среќа;
10) доход од осигурување и
11) друг доход.

(2) На оданочување подлежи доходот од ставот (1) на овој член што е остварен во пари, во хартии од вредност, во натура, или во некој друг вид.

3. Даночен период

Член 4

(1) Даночен период за кој се утврдува данокот на доход е календарската година.

(2) На одделните видови доход од членот 3 на овој закон, во текот на годината се пресметува аконтација на данокот на доход.

4. Даночен обврзник

Член 5

(1) Даночен обврзник (во натамошниот текст: обврзник) на данокот на доход е секое физичко лице резидент на Република Македонија за доходот што го остварува во земјата и во странство.

(2) Резидент во смисла на овој закон е физичко лице кое на територијата на Република Македонија има постојано живеалиште или престојувалиште.

(3) Резидентот има престојувалиште ако на територијата на Република Македонија престојува непрекинато или со прекини 183 или повеќе дена во кој било 12-месечен период.

Член 6

Обврзник на данокот на доход, во смисла на овој закон е и трговец поединец, како и физичко лице кое се занимава со земјоделска дејност, со занаетчиска дејност и лице кое врши услуги или слободно занимање.

Член 7

(1) Обврзник на данокот на доход е и физичко лице кое не е резидент на Република Македонија за доходот што е остварен на територијата на Република Македонија.

(2) Обврзник на данокот на доход е и физичко лице кое непријавено врши дејност и остварува доход кој подлежи на оданочување според одредбите на овој закон.

Член 8

(1) Заради примена на даночното изземање или намалување кое произлегува од меѓународен договор за одбегнување на двојното оданочување, органот за јавни приходи по барање на обврзникот – резидент издава потврда за даночен резидент на Република Македонија.

(2) Формата и содржината на барањето, како и начинот на издавање на потврдата за даночен резидент од ставот (1) на овој член ги пропишува министерот за финансии.

(3) Потврдата за даночен резидент од ставот (1) на овој член, органот за јавни приходи е должен да ја издаде во рок од 30 дена од денот на поднесување на барањето за нејзино издавање.

(4) Заради одбегнување двојно оданочување, на обврзникот – резидент му се намалува пресметаниот данок на доход за износот на платениот данок на доход во друга држава, најмногу до износот што би се добил со примена на даночните стапки од членот 11 на овој закон.

5. Даночна основа

Член 9

Даночна основа за утврдување на данокот на доход претставува збир на бруто-доход остварен по сите основи (во пари, во хартии од вредност, во натура или во некој друг вид) во земјата и во странство, во текот на даночниот период, намалена за износот на:
1) придонесите од задолжително социјално осигурување;
2) даночното намалување и
3) нормираните или стварните трошоци предвидени со овој закон.

6. Даночно намалување

Член 10

(1) Даночното намалување се користи при исплата на доход од работа по основ на плата, надоместоци на плата и пензија.

(2) Даночното намалување при годишно пресметување на данокот на доход изнесува 96.000 денари.

(3) Даночното намалување за наредната година се утврдува врз основа на износот на даночното намалување од тековната година усогласено со 50% од стапката на остварениот пораст на просечната бруто-плата по вработен во Република Македонија во минатата година, согласно податоците од Државниот завод за статистика.

(4) Износот на даночното намалување од ставот (3) на овој член, пред почетокот на секоја година, најдоцна до 31 декември во тековната година го објавува министерот за финансии.

(5) При пресметување на годишниот данок на доход, даночното намалување се признава во висина на искористеното право на даночно намалување при аконтативното пресметување на данокот на доход за вкупно исплатениот доход од плата, надоместоци на плата и пензија.

7. Даночни стапки

Член 11

(1) За доходот од работа, доходот од самостојна дејност, доходот од авторски и сродни права и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи, данокот на доход се плаќа по прогресивни стапки и тоа:

на годишна даночна
основа

по стапка

До 1.080.000 денари10%
од 1.080.001 денар108.000 + 18% на делот од доходот над 1.080.000 денари

(2) За доходот од права од индустриска сопственост, доходот од закуп и подзакуп, доходот од капитал, капиталните добивки, доходот од осигурување и друг доход, данокот се плаќа по единствена стапка од 15%.

(3) За доходот од добивките од игри на среќа, данокот се плаќа по единствена стапка од 15%.

(4) По исклучок на ставот (2) на овој член за доходот од капитални добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд, данокот се плаќа по стапка од 15% доколку имателот ги поседувал до една година, односно по стапка 10% доколку ги поседувал за период од една до десет години.

(5) По исклучок на ставот (2) на овој член за доходот од капитал остварен по основ на камати на орочени депозити, данокот се плаќа по единствена стапка од 10%.

8. Надоместоци на кои не се плаќа данок на доход

Член 12

(1) Данок на доход не се плаќа на:
1) помош за социјална заштита;
2) субвенции доделени од државен орган за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на физички лица кои остваруваат доход од продажба на сопствени земјоделски производи од членот 43 и 47 на овој закон;
3) надоместок по основа на здравствено осигурување, освен надоместок на плата;
4) паричен надоместок за време на невработеност, утврден со закон;
5) детски додаток;
6) други социјални додатоци за деца, утврдени со закон;
7) цивилна инвалиднина, материјални права од боречка инвалидска заштита, како и плата на инвалидно лице согласно со закон;
8) надоместок за телесно оштетување;
9) надоместок во случај на смрт на вработеното лице, член на семејството на вработеното лице и член на семејството на обврзникот кој остварува доход од самостојна дејност до пропишаниот износ;
10) помош за претрпени штети од елементарни непогоди, до најнискиот износ утврден со општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, односно за вработените во нестопанството во висина утврдена со прописите за органите на државната управа;
11) помош за претрпени штети настанати од елементарни непогоди или други вонредни настани исплатени од Буџетот на Република Македонија и буџетите на Градот Скопје и единиците на локалната самоуправа;
12) стипендии на ученици и студенти што ги доделуваат органите на државната управа во согласност со закон и стипендии што ги доделуваат фондации врз основа на веродостојна документација, вклучувајќи ги трошоците за школарина/партиципација, превоз, сместување и исхрана;
13) награди на ученици и студенти освоени на натпревари во рамките на образовниот систем, доделени од Министерство за образование и наука, основни, средни и високообразовни установи;
14) надоместок за практична обука на ученици и практична настава на студенти во висина најмногу до 8.000 денари месечно;
15) надоместок на лицата волонтери согласно со Законот за волонтерство;
16) примени донации во согласност со Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности;
17) надоместок на трошоците за користење сопствен автомобил за потребите на работодавачот во висина од 30% од цената на литар гориво што го користи автомобилот за секој изминат километар, а најмногу до 3.500 денари месечно;
18) надоместок на трошоците за службени патувања, за теренски додаток (сместување, исхрана) или одвоен живот од семејството на вработени лица и на обврзникот кој остварува доход од самостојна дејност во висина на најнискиот износ утврден со општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството во Република Македонија, односно за вработените во нестопанството во висина утврдена со прописите за органите на државната управа;
19) организиран превоз до и од работа, како и исхрана за време на работа утврдени со закон, општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, односно за вработените во нестопанството во висина утврдена со прописите за органите на државната управа;
20) надоместок за учество на лице во органите за спроведување избори и други форми на непосредно изјаснување на граѓаните, како и надоместок на лице за работа во врска со пописот на населението;
21) алиментации и надоместок на штета по судска одлука и надоместок на штета како последица на несреќа при работа;
22) отпремнина што се дава при заминување во пензија во висина од две просечни месечни нето-плати по работник исплатени во Република Македонија во последните три месеци;
23) еднократен надоместок – испратнина заради трајно работно ангажирање на работниците при откажување на договорот за вработување од деловни причини (технолошки, економски, организациони и слични промени) утврден со закон;
24) надоместок на трошоци за службени патувања (трошоци за превоз, сместување и исхрана) при патување на државните репрезентации и спортските клубови на официјални првенства и други меѓународни натпревари;
25) награди на спортисти за постигнати резултати на официјални меѓународни натпревари;
26) стипендии за спортисти што ги доделуваат органите на државната управа согласно закон;
27) награди што ги доделува Организацијата на обединетите нации и меѓународните организации;
28) награди за животни достигнувања во науката, културата и спортот;
29) парични надоместоци доделени на национален уметник согласно со Законот за националниот уметник на Република Македонија;
30) паричен надоместок доделен на уметник и стручен соработник од областа на заштитата на културното наследство, кој остварил право на пензија и кој е добитник на една од наградите за областа на културата и уметноста, согласно со Законот за културата;
31) финансиска помош на физички лица – резиденти на Република Македонија која се користи за лекување во земјата или во странство, согласно лекарска документација и документација за трошоците за лекување (фактура, односно профактура) издадена од страна на здравствената установа која го извршила или ќе го изврши лекувањето, како и документирани трошоци за превоз и сместување неопходни за лекување на лицето;
32) исплатени донирани финансиски средства преку отворени специјални телефонски броеви за донации кои се користат за хуманитарни цели;
33) надоместок на штета по основ на животно и неживотно осигурување;
34) уплатени премии за колективно осигурување за вработените лица кои ги плаќа работодавачот за повреди на работа и за обврзникот кој остварува доход од самостојна дејност;
35) уплатена премија за животно осигурување за една календарска година, за вработени лица и за обврзникот кој остварува доход од самостојна дејност, во висина до две просечни месечни бруто-плати во Република Македонија, објавени во јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика;
36) уплатен придонес во доброволен пензиски фонд за една календарска година, за вработени лица и за обврзник кој остварува доход од самостојна дејност, во висина до две просечни месечни бруто-плати во Република Македонија, објавени во јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика;
37) камати на депозити по видување и трансакциски сметки;
38) камати по јавни заеми;
39) камати по обврзници издадени од Република Македонија и единиците на локалната самоуправа;
39-a) капитални добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд доколку имателот ги поседувал за период подолг од десет години;
40) надоместоци на трошоци за хотелско сместување, храна и превоз за лица кои не се вработени кај филмскиот продуцент, кои учествуваат при производство на филм наменет за јавно прикажување, во висина на стварните трошоци, утврдени врз основа на документ за направените трошоци;
41) надоместоци на трошоци за сместување, храна и превоз за лица кои се учесници на настани, организирани во рамки на активностите на организацијата основана согласно со Законот за здруженија и фондации, утврдени врз основа на документи за направените трошоци;
42) надоместоци на трошоци за сместување, храна и превоз за членови на синдикатот за активности во рамки на синдикатот, како и примања на членови на синдикатот од средствата на синдикатот согласно Статут, програма и одлуки на органите на синдикатот, врз основа на документи за направените трошоци, освен исплатени надоместоци на членови на синдикатот по основ на повремено или привремено вршење услуги;
42-а) надоместоци на трошоци за хотелско сместување (со категорија до четири ѕвездички) во износ најмногу до 6.000 денари дневно и надоместоци на трошоци за превоз на лица кои не се вработени кај исплатувачот, а се ангажирани во функција на дејноста на исплатувачот (во земјата и во странство), врз основа на документирани докази за направените трошоци, извештај за ангажманот и документи за основаноста на ангажманот (покана, агенда, програма, договор, работен налог и слично) и со потврден временски редослед меѓу сместувањето, превозот и извршената работа;
43) доход од продажба на собрани лековити билки и шумски плодови, остварен од физичко лице и
44) надоместоци на трошоци за хотелско сместување (со категорија до четири ѕвездички), превоз и надоместоци за трошоците за виза, за лица кои учествуваат во образовни и научни активности или настани на научни и образовни институции во земјата и во странство, утврдени врз основа на документи за направените трошоци.

Член 13

Обврзникот кој е вработен кај корисник на државна помош има право да користи даночно ослободување од данокот на доход во рамки на државна помош под услови и по постапка утврдени со закон.

ВТОР ДЕЛ

УТВРДУВАЊЕ НА ОДДЕЛНИТЕ ВИДОВИ ДОХОД

1. Доход од работа

Член 14

Доход од работа претставува секој доход што го остварува обврзникот по основ на работен однос, вклучувајќи го и доходот по договор за повремено или привремено вршење услуги на органите на државната управа, на домашните и странските правни и физички лица, како и на домашните и странските физички лица што вршат самостојна дејност, ако со овој закон не е изземен од оданочување.

Член 15

(1) За доход од работа се смета:
1) платата и надоместоците на плата од работен однос и исплата по основ на деловна успешност на работодавачот;
2) надоместоците на трошоците од работен однос исплатени над износите од член 12 на овој закон, сите други надоместоци на трошоци поврзани со работа утврдени со Законот за работните односи, општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, гранските колективни договори, колективниот договор на ниво на работодавач и прописите за органите на државната управа, износот на надоместок за закуп на имот како и износот на надоместок на трошоците поврзани со закупот на имотот на вработено лице кога надоместоците ги плаќа работодавачот;
3) пензиите;
4) примањата на членови на органите на управување и на органите на надзор на трговските друштва;
5) примањата на функционери, пратеници, советници и други носители на јавни функции;
6) примањата на професионални спортисти (премии, трансфери и сл.);
7) надоместоците за врвни спортисти;
8) надоместоците за практична обука на ученици и практична настава на студенти над пропишани износи од член 12 на овој закон;
9) надоместоците за време на боледување;
10) надоместоците за време на отсуство од работа;
11) надоместоците за работа на судии поротници, вешти лица и стечајни управници, кои немаат својство на вработени лица во соодветните институции или друштва;
12) надоместоците на членовите на Македонската академија на науките и уметностите;
13) платата остварена со работа во странство врз основа на работен однос заснован во земјата;
14) пензискиот надоместок од доброволно капитално финансирано осигурување;
15) придонесите во доброволен пензиски фонд уплатени од правно лице или обврзник кој остварува доход од самостојна дејност;
16) секој поединечно остварен доход врз основа на договор за повремено или привремено вршење услуги на правни и физички лица и
17) надоместоците за практикантска работа согласно Законот за практиканство.

(2) Како доход во смисла на ставот (1) на овој член се смета и друг доход од работа, кој наместо во пари се прима во вид на ваучери и други парични потврди, хартии од вредност, стоки, услуги или во некој друг облик кој има парична вредност.

Член 16

(1) Основа за пресметување на данокот на доход од работа претставува:
1) остварената плата и надоместокот на плата од работен однос и исплата по основ на деловна успешност на работодавачот, намалени за придонесите од задолжително социјално осигурување и даночното намалување за месецот за кој се исплатува платата;
2) износот на надоместоците на трошоци од работен однос исплатени над износите од членот 12 на овој закон и сите други надоместоци на трошоци поврзани со работа утврдени со Законот за работните односи, Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, гранските колективни договори, колективен договор на ниво на работодавач и прописите за органите на државната управа и износот на надоместокот за закуп на имот како и износот на надоместокот на трошоци поврзани со закупот на имотот на вработено лице кога надоместоците ги плаќа работодавачот;
3) платата остварена со работа во странство врз основа на работниот однос што е заснован во земјата, намалена за придонесите од задолжително социјално осигурување и даночното намалување;
4) пензијата намалена за придонесите од задолжително социјално осигурување и даночното намалување;
5) износот на примањето, надоместокот, односно доходот од член 15 точки 4), 5), 6), 11), 12) и 16) на овој закон;
6) износот на надоместокот за врвни спортисти, намален за придонесите;
7) остварената плата и надоместокот на плата од работен однос и исплата по основ на деловна успешност на работодавачот за странско физичко лице – нерезидент што ја остварува од работа кај резидент на Република Македонија, намалени за придонесите од задолжително социјално осигурување и даночното намалување за месецот за кој се исплатува платата;
8) износот на надоместоците на трошоци од работен однос исплатени над износите од членот 12 на овој закон и сите други надоместоци на трошоци поврзани со работа на странско физичко лице – нерезидент од работен однос кај резидент на Република Македонија утврдени со Законот за работните односи, Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, гранските колективни договори, колективен договор на ниво на работодавач и прописите за органите на државната управа;
9) остварената плата и надоместокот на плата од работен однос и исплата по основ на деловна успешност на работодавачот што ја остварува резидент на Република Македонија кој работи во странски дипломатски и конзуларни претставништва и меѓународни организации во Република Македонија намалени за придонесите од задолжително социјално осигурување и даночното намалување за месецот за кој се исплатува платата;
10) износот на надоместоците на трошоци од работен однос исплатени над износите од членот 12 на овој закон и сите други надоместоци на трошоци поврзани со работа утврдени со Законот за работните односи, Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, колективен договор на ниво на работодавач и прописите за органите на државната управа, што се исплатени на резидент кој работи во странски дипломатски и конзуларни претставништва и меѓународни организации во Република Македонија;
11) надоместокот за практична обука на ученици и практична настава на студенти, исплатен над износите од членот 12 на овој закон;
12) износот на уплатен придонес во доброволен пензиски фонд од правно лице или обврзник кој остварува доход од самостојна дејност, над износот утврден во член 12 точка 36) од овој закон;
13) пензискиот надоместок од доброволно капитално финансирано пензиско осигурување (трет столб) намален за износот на уплатените придонеси во доброволен пензиски фонд во случај кога придонесите се уплатени од физичко лице, односно износот на пензискиот надоместок од доброволно капитално финансирано пензиско осигурување (трет столб) намален за уплатените придонеси кои се оданочени согласно точка 12) на овој член.
14) износот на надоместокот за практикантска работа намален за придонесот врз основа на инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа или професионална болест и дополнителениот придонес за задолжително здравствено осигурување за случај на повреда на работа;
15) номиналната вредност на ваучерите и другите парични потврди и хартии од вредност кои не котираат на берза;
16) пазарната цена на хартиите од вредност кои котираат на берза;
17) цената што би се постигнала со продажба на стоките и услугите, во случаи на доход од работа исплатени во стоки и услуги и
18) надоместокот што би се постигнал на пазарот за примањата во некој друг облик кој не е наведен во точките од 1) до 17) на овој член.

(2) Висината на цената, односно на надоместокот од став (1) точки 17) и 18) на овој член ја утврдува исплатувачот на доходот од работа во моментот на давањето на соодветното примање.

(3) Ако органот за јавни приходи оцени дека утврдената цена, односно надоместокот од став (1) точки 17) и 18) на овој член е пониска од онаа што може да се постигне на пазарот, ќе ја утврди таа цена, односно надоместокот во висина која би можела да се постигне на пазарот.

Член 17

(1) Данокот на доход од работа од член 14 на овој закон е аконтативен.

(2) При аконтативното пресметување на данокот на доход од работа по основ на плата, надоместок на плата и пензија, даночното намалување се признава во износ од една дванаесеттина од објавеното годишно даночно намалување.

Член 18

(1) Од данок на доход од работа остварен со работа во странски дипломатски и конзуларни претставништва, односно кај претставници или службеници на такви претставништва во Република Македонија, ослободени се под услов на реципроцитет:
1) шефовите на странски дипломатски мисии акредитирани во Република Македонија, персоналот на странските мисии во Република Македонија, како и членовите на нивните семејства, ако тие членови на семејства не се државјани или резиденти на Република Македонија;
2) шефовите на странски конзуларни претставништва и конзуларните функционери кои се овластени за вршење конзуларни функции, како и членовите на нивните семејства, ако тие членови на семејства не се државјани или резиденти на Република Македонија;
3) функционерите на ООН и на нејзините специјализирани агенции како и стручњаците за техничка помош на ООН и на нејзините специјализирани агенции;
4) лицата вработени кај странски дипломатски и конзуларни претставништва и меѓународни организации, лицата вработени кај шефовите на дипломатски и конзуларни претставништва или меѓународни организации, ако не се државјани или резиденти на Република Македонија и
5) почесните конзуларни функционери на странски конзуларни претставништва, за доход од работа и надоместоци што ги добиваат од земјата која ги именувала за вршење на конзуларните функции.

2. Доход од самостојна дејност

Член 19

(1) Под доход од самостојна дејност се смета доходот остварен од стопанска дејност, доходот од давање професионални и други интелектуални услуги, доходот од земјоделска дејност и доходот од други дејности чија крајна цел е остварување доход.

(2) Под доход од стопанска дејност се подразбира доходот од производна, услужна, трговска, угостителска, превозничка и друга слична дејност.

(3) Под доход од професионални и други интелектуални услуги се подразбира доходот од здравствена, стоматолошка, ветеринарна, адвокатска, нотарска, консултантска, сметководствена, ревизорска, проценителска, инженерска, архитектонска, новинарска, спортска, културна и друга интелектуална дејност.

(4) Под доход од земјоделска дејност се подразбира доходот од производство, доработка, преработка и пласман на сопствени земјоделски производи, како и одгледување добиток и други стопанско-корисни животни и пласман на нивните производи.

Член 20

(1) Обврзник на данокот на доходот од самостојна дејност е трговец поединец, физичко лице кое врши земјоделска дејност, лице кое врши занаетчиска дејност и лице кое врши услуги, кое остварува доход од вршење дејност од членот 19 на овој закон.

(2) Обврзникот од ставот (1) на овој член се запишува во соодветен регистар.

Член 21

Основа за пресметување на данокот на доход од самостојна дејност е разликата меѓу вкупните приходи и вкупните расходи на обврзникот, зголемена за непризнаените расходи за даночни цели.

Член 22

(1) Ако повеќе физички лица остваруваат доход со заедничко вршење дејност, секое од нив е обврзник на данокот на доход за делот од доходот што му припаѓа според договорот за заедничко вршење дејност. Ако со договорот не е утврдено нивното учество, за утврдување на даночната основа се смета дека доходот се дели на еднакви делови.

(2) На висината на даночната обврска на физичкото лице за делот од доходот од став (1) на овој член нема влијание фактот дали доходот од заедничкото вршење дејност е распределен или не.

Член 23

Остварените вкупни приходи и вкупните расходи од член 21 на овој закон се утврдуваат во согласност со сметководствените прописи, сметководствените стандарди и одредбите на овој закон.

Член 24

(1) Амортизацијата на нематеријалните и материјалните средства се признава како расход од работењето на обврзникот до износот утврден со примена на амортизационите стапки пропишани со номенклатурата на средствата.

(2) Еднаш амортизираните средства или група средства не можат повторно да се вклучат во пресметка на амортизацијата при утврдување на основата за оданочување.

(3) Преостаната сегашна вредност на средствата кои не можат понатаму да се користат може да се амортизира во целина независно од пропишаниот век на траење.

(4) Владата на Република Македонија ја пропишува Номенклатурата на средствата за амортизација и годишните амортизациони стапки, како и начинот на пресметување на амортизацијата, односно отписот на вредноста на нематеријалните и материјалните средства.

Член 25

Кога со примена на функционалниот метод на амортизација, вкупната амортизација се зголемува за повеќе од 10% од амортизацијата пресметана со пропорционален метод, за пресметка на амортизацијата по функционален метод, потребна е согласност од органот за јавни приходи.

Член 26

Како расходи од работењето на обврзникот се признаваат и:
1) придонесите за пензиско и инвалидско осигурување, здравствено осигурување и придонесот за вработување на обврзникот кој остварува доход од самостојна дејност, данокот на имот, таксите и другите јавни давачки што се во функција на вршење на дејноста;
2) платениот данок на доход за извршени исплати кон физички лица.

Член 27

За непризнаени расходи за даночни цели се сметаат:
1) паричните казни и пенали платени од обврзникот;
2) казнените камати и паричните казни за неплатени или ненавремено платени даноци, придонеси и други јавни давачки;
3) трошоците за репрезентација;
4) трошоците за користење и одржување автомобили и други средства за превоз на обврзникот, како и трошоци за користење рентакар возила, во висина од 50% од износот;
5) исплатите по основ на стипендии;
6) каматите на кредитите што се користени за набавка на патнички автомобили, освен каматата по кредит за набавка на возила за изнајмување (рентакар), возила за авто-такси превоз, возила за обука на возачи и специјални возила (погребални, возила за помош на пат и слично);
7) износот на каматата по заем кој го надминува износот на камата кој би се платил на соодветен кредит од деловните банки, при што доколку обврзникот не може евидентирано да докаже дека висината на каматната стапка е во согласност со оваа одредба, каматата ќе се признае најмногу до висината на ЕУРИБОР стапката за девизните кредити со соодветна рочност и СКИБОР стапката за денарски кредити зголемени за еден процентен поен;
8) разликата меѓу трансферната цена, односно цената по која се реализира трансакцијата меѓу поврзани лица, и нејзината пазарна цена, при што при утврдување на разликата меѓу трансферната цена и пазарната цена се користи метод на споредливи цени на пазарот, односно предвид се земаат цените што би се оствариле на домашниот пазар или компаративниот странски пазар кога не би се работело за однос на поврзани лица, а кога тоа не е можно се користи метод на цена на чинење, односно предвид се земаат цените утврдени според трошоците за производство зголемени за вообичаената заработувачка;
9) исплатениот регрес за годишен одмор над износот утврден со Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството на Република Македонија;
10) надоместоците по основ на дневници за службени патувања во земјата и во странство, теренски додаток или одвоен живот од семејството на вработеното лице и на обврзникот кој остварува доход од самостојна дејност, над износот утврден со членот 12 на овој закон;
11) износот на надоместокот за закуп на недвижен имот како и износот на надоместокот на трошоците поврзани со закупот на имотот на вработеното лице кога надоместоците ги плаќа работодавачот;
12) трошоци исплатени за користење сопствен автомобил на вработеното лице и на обврзникот кој остварува доход од самостојна дејност кои се во функција на дејноста, над износот пропишан во член 12 на овој закон;
13) исплатената помош за претрпени штети од елементарни непогоди во износ кој го надминува најнискиот износ утврден со Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството на Република Македонија, на вработено лице и обврзник кој остварува доход од самостојна дејност;
14) уплатената премија за животно осигурување за една календарска година, за вработени лица и за обврзникот кој остварува доход од самостојна дејност, над две просечни месечни бруто-плати во Република Македонија, објавени во јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика;
15) уплатениот придонес во доброволен пензиски фонд за една календарска година, за вработени лица и за обврзникот кој остварува доход од самостојна дејност, над две просечни месечни бруто-плати во Република Македонија, објавени во јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика;
16) трошоците за економска пропаганда кои не се во функција на дејноста на обврзникот кој остварува доход од самостојна дејност и
17) други трошоци кои не се поврзани со вршење на дејноста на обврзникот кој остварува доход од самостојна дејност.

Член 28

(1) На обврзникот му се намалува даночната основа за извршените вложувања во материјални средства (недвижности, постројки и опрема) и во нематеријални средства (компјутерски софтвер и патенти), за проширување на својата дејност, во висина од 30% од извршените вложувања, со тоа што извршеното намалување не може да биде поголемо од 50% од утврдената даночна основа за истиот даночен период.

(2) Како вложувања во материјални и нематеријални средства не се сметаат вложувањата во патнички автомобили, мебел, теписи, аудиовизуелни средства, бела техника, уметнички дела од ликовната и применетата уметност и други украсни предмети за опремување на административните простории, освен вложувањата во патнички автомобили во дејностите: изнајмување возила (рентакар), авто-такси превозот, возила за обука на возачи и специјални возила (погребални, брза помош, возила за помош на пат и слично), за кои обврзникот има право на намалување на даночната основа во висина на извршеното вложување, но не повеќе од висината на даночната основа за истиот даночен период.

(3) За остварување на правото на намалување на даночната основа од став (1) и став (2) на овој член, услов е обврзникот да не ги отуѓи или на друг начин ги пренесе средствата за период од пет години, почнувајќи од годината во која е извршено вложувањето.

(4) Ако обврзникот документирано не докаже дека износот на намалувањето на даночната основа го вложил за намените од ставовите (1) и (2) на овој член и не ги отстапил основните средства, го губи правото на намалување по овој основ. Данокот кој би го платил да не го користел ова намалување се наплатува во износ зголемен со камата пропишана за даноците што не се платени во пропишаниот рок.

(5) По исклучок од ставот (1) на овој член, на обврзникот кој е должен согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања, да воведе и да користи фискален систем на опрема, односно фискална апаратура и интегриран автоматски систем за управување, му се намалува пресметаниот данок за набавени до десет фискални апарати, во висина на нивната вредност.

(6) Правото од ставот (5) на овој член обврзникот го остварува со одобрение од органот за јавни приходи по поднесено барање до 20 јануари наредната година, по годината за која се поднесува барањето.

(7) Органот за јавни приходи е должен во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето од ставот (6) на овој член за издавање одобрение за намалување на пресметаниот данок на доход да постапи по барањето.

(8) Доколку обврзникот не го искористи намалувањето од ставот (5) на овој член до крајот на тековната година, има право да го пренесе во наредниот период.

(9) Формата и содржината на барањето од ставот (6) на овој член ја пропишува министерот за финансии.

а) Паушално оданочување на доходот од самостојна дејност

Член 29

(1) Обврзникот кој поради определени околности не е во состојба да ги води деловните книги, или нивното водење значително му го отежнува вршењето на дејноста, има право да поднесе барање до органот за јавни приходи, данокот на доход остварен од вршење самостојна дејност да го плаќа според паушално утврден нето-доход.

(2) Кога органот за јавни приходи ќе оцени дека се исполнети условите од став (1) на овој член, го утврдува со решение паушалниот нето-доход на обврзникот, имајќи ги предвид:
1) местото каде што се наоѓа деловната просторија;
2) опременоста на деловната просторија;
3) пазарните услови во кои се врши дејноста;
4) површината на деловната просторија;
5) староста и способноста на обврзникот;
6) големината на нето-доходот на обврзникот кој под исти или слични услови врши иста или слична дејност и
7) други околности кои влијаат на остварувањето на доходот.

(3) Обврзникот од ставот (1) на овој член секоја година поднесува барање за паушално оданочување до органот за јавни приходи најдоцна до крајот на годината која ѝ претходи на годината за која се врши утврдување на данокот или во рок од 15 дена или од денот на регистрација во соодветен регистар, или пред отпочнување на вршење на дејноста.

(4) Правото на паушално оданочување не може да се признае на обврзник:
1) кој врши трговска, угостителска и комисиона дејност (освен обврзникот кој врши трговска дејност исклучиво преку продажни места на организирани зелени пазари);
2) кој вработува повеќе од едно лице, покрај обврзникот;
3) во чија дејност вложуваат и други лица и
4) чиј нето-доход во годината што ѝ претходи на годината за која се врши утврдување на данокот е повисок од две годишни просечни бруто-плати по работник во Република Македонија според податоците на Државниот завод за статистика.

(5) Ако органот за јавни приходи утврди дека престанале условите поради кои на обврзникот му е признаено правото данокот да го плаќа според паушално утврден нето-доход, во наредната година ќе го задолжи да води деловни книги.

(6) Формата и содржината на барањето од ставот (1) на овој член ја пропишува министерот за финансии.

б) Водење деловни книги

Член 30

(1) Обврзникот на данокот на доход од член 20 на овој закон е должен да води деловни книги во кои ги искажува сите деловни промени на начин предвиден со овој закон.

(2) Обврзникот на данок на доход од член 29 и член 47 на овој закон не е должен да води деловни книги.

Член 31

(1) Обврзникот на данокот на доход од член 20 на овој закон е должен да води деловни книги по системот на двојно или просто книговодство.

(2) Деловните книги по системот на просто книговодство се:
1) книга на приходи;
2) книга на расходи;
3) книга на основни средства и ситен инвентар и залихи и
4) книга на парични средства, побарувања и обврски.

Член 32

(1) Обврзникот е должен деловните книги и другата евиденција да ги води уредно, ажурно и точно.

(2) Се смета дека деловните книги се водени уредно, ажурно и точно ако:
1) од нив може да се утврди вкупното работење на обврзникот, расчленото по одделни работни промени и тоа по хронолошки ред и во бруто-износ без пребивање;
2) во нив книжењето на приходите се врши секој ден, а најдоцна во наредниот ден, а книжењето на трошоците во рок од седум дена од нивното настанување;
3) книжењето на секоја деловна промена на средствата, приходите и трошоците на работењето се врши врз основа на веродостојна книговодствена документација и
4) во почетокот односно на крајот од годината е извршен попис на средства, залихите на материјалите, готовите производи, полупроизводите и недовршените производи, на трговска стока и ако оваа состојба е впишана во деловните книги.

Член 33

По завршувањето на деловната година, по книжењето на сите деловни промени, деловните книги се заклучуваат.

Член 34

Обврзникот е должен деловните книги, другата евиденција и документацијата да ги чува во деловната просторија. Ако водењето на деловните книги е доверено на регистриран субјект што врши сметководствени работи, деловните книги и документацијата се чуваат во просториите на субјектот.

Член 35

Формата и содржината на деловните книги, начинот на нивното водење и искажувањето на финансискиот резултат ги пропишува министерот за финансии.

Член 36

Деловните книги, другата евиденција и документација се чуваат најмалку пет години од последниот ден на деловната година на која се однесуваат, доколку со закон не е поинаку пропишано.

Член 37

(1) Обврзникот од членот 20 на овој закон составува годишен даночен биланс.

(2) Формата и содржината на даночниот биланс и начинот на неговото составување ги пропишува министерот за финансии.

3. Доход од авторски и сродни права

Член 38

Под доход од авторски и сродни права се подразбира надоместокот што го остварува обврзникот од авторски дела и предмети на сродни права уредени со Законот за авторското право и сродните права.

Член 39

(1) Обврзник на данокот на доход од авторски и сродни права е физичко лице кое остварува надоместок од авторски и сродни права.

(2) Обврзник на данокот на доход од авторски и сродни права е и физичко лице наследник или носител на авторски и сродни права.

Член 40

(1) Основа за пресметување на данокот на доход од член 38 на овој закон претставува остварениот надоместок намален за износот на нормираните трошоци во висина од:
1) 50% од надоместокот – за вајарски дела, таписерии, керамопластика, уметничка керамика и витраж;
2) 40% од надоместокот – за уметничка фотографа, ѕидно сликарство и сликарство во простор во техниките: фреска, графика, мозаик, интарзија, емајл, интарзирани и емајлирани предмети, костимографија, модно креаторство и уметничка обработка на текстил (ткаен текстил, печатен текстил и слично), сликарски дела, графички дела, индустриско обликување со изработување модели и макети, ситна пластика, уметнички решенија за сценографија, музички и кинематографски дела и реставраторски и конзерваторски дела во областа на културата и уметноста;
3) 30% од надоместокот – за научни, стручни и публицистички дела, изведување уметнички дела во областа на сериозната музика, балетот, операта и театарското и филмското актерство, за рецитирање, снимање филмови и идејни скици за таписерија и идејни скици за костимографија;
4) 20% од надоместокот – за преводи, предавања и слични интелектуални творби, изведување естрадни програми на забавна и народна музика како и за други авторски дела и предмети на сродни права кои не се наведени во овој член.

Член 41

На обврзникот, наследник или носител, кому му е пренесено авторското право и предметот на сродните права согласно закон, како трошоци му се признаваат само платените надоместоци на авторската агенција и на овластените лица за продажба и исплата на доходот.

4. Доход од продажба на сопствени земјоделски производи

Член 42

Под доход од продажба на сопствени земјоделски производи се подразбира доходот што обврзникот го остварува од промет на земјоделски производи од сопствено производство.

Член 43

Обврзник на данок на доход од продажба на сопствени земјоделски производи е физичко лице кое остварува доход од продажба на сопствени земјоделски производи на исплатувачи кои водат деловни книги и на физички лица надвор од продажни места на зелени пазари, а кое не се оданочува согласно со членот 20 од овој закон.

Член 44

Основа за пресметување на данокот за доходот од член 42 на овој закон претставува разликата помеѓу остварениот вкупен доход и нормираните трошоци во висина од 80%.

Член 45

Доколку обврзникот од член 43 на овој закон остварува вкупен доход во годината кој го надминува износот од 1.000.000 денари, должен е најдоцна до 15 јануари наредната година да се регистрира за вршење дејност согласно со закон.

Член 46

(1) Обврзникот од член 43 на овој закон кој во текот на календарската година остварил доход од продажба на сопствени земјоделски производи кој не го надминал износот од 1.000.000 денари има право на враќање на платениот данок за остварениот доход од продажба на сопствени земјоделски производи.

(2) Правото на враќање на платен данок од ставот (1) на овој член не го остварува обврзник кој во календарската година остварил друг доход кој се оданочува согласно со одредбите од овој закон.

(3) Правото на враќање платен данок од ставот (1) на овој член го остварува обврзникот кој во календарската година остварил доход кој не се оданочува согласно со одредбите од овој закон, освен доходот од членот 13 од овој закон.

(4) Врз основа на податоците од потврдените годишни даночни пријави, органот за јавни приходи изготвува листа на обврзници на кои треба да им биде вратен платениот данок која се доставува до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, заради потврдување или коригирање на податоците.

(5) По проверка на податоците од листата од ставот (4) на овој член, преку споредување со податоците од Единствениот регистар на земјоделските стопанства и други податоци со кои што располага Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, листата по потврдување или коригирање се доставува до органот за јавни приходи.

(6) Враќањето на платениот данок се врши најдоцна до крајот на годината која следи по годината за која што се однесува потврдената годишна даночна пријава.

Член 47

(1) Обврзникот на данокот на доход кој остварува доход од продажба на сопствени земјоделски производи на продажни места на зелени пазари, а не се оданочува согласно со одредбите од членот 20 од овој закон, се оданочува според паушално утврден нето-доход.

(2) Паушалниот нето-доход од ставот (1) на овој член го утврдува органот за јавни приходи врз основа на висината на закупнината на продажното место на зелениот пазар и големината на нето-доходот на обврзникот кој под исти или слични услови врши иста или слична дејност.

5. Доход од права од индустриска сопственост

Член 48

Под доход од права од индустриска сопственост се подразбира надоместокот што обврзникот го остварува од права уредени со Законот за индустриската сопственост.

Член 49

(1) Обврзник на данокот на доход од права од индустриска сопственост е физичко лице кое остварува надоместок од права од индустриска сопственост.

(2) Обврзник на данокот на доход од права од индустриска сопственост е и физичко лице наследник или носител на права од индустриска сопственост.

Член 50

(1) Основа за пресметување на данокот на доход од права од индустриска сопственост претставува надоместокот од членот 48 на овој закон што ги остварува обврзникот намален за износот на нормираните трошоци во висина од 10%.

(2) За обврзникот, наследник или носител на права од индустриска сопственост, кому му е пренесено правото од индустриска сопственост согласно закон, основа за пресметување на данокот претставува целиот износ на надоместокот.

6. Доход од закуп и подзакуп

Член 51

Под доход од закуп и подзакуп се подразбира доходот што обврзникот го остварува од издавање под закуп и подзакуп на недвижен и подвижен имот.

Член 52

Обврзник на данокот на доход од закуп и подзакуп на недвижен и подвижен имот е физичко лице кое остварува доход од закуп и подзакуп.

Член 53

(1) Основа за пресметување на данокот на доходот од закуп претставува бруто-доходот намален за нормираните трошоци во висина од 10% од доходот.

(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, основа за пресметување на данокот на доход од закуп на опремени станбени и деловни простории претставува бруто-доходот намален за нормираните трошоци во висина од 15% од доходот.

(3) Основа за пресметување на данокот на доход од подзакуп претставува бруто-доходот намален за закупнината што ја плаќа закуподавачот.

(4) Во доход од закуп и подзакуп се вклучуваат и надоместоците на трошоци за поправки, реновирање, вложување и слично, кои закупецот односно подзакупецот ги врши за сметка на закуподавачот.

Член 54

Ако пријавениот доход од закуп и подзакуп е помал од оној што може да се постигне според локални прилики, органот за јавни приходи го утврдува можниот доход со споредување на закупнината за сличен имот што се издава под закуп и подзакуп под приближно еднакви услови.

7. Доход од капитал

Член 55

Под доход од капитал с подразбираат:
1) дивиденди и друг доход остварен со учество во добивката кај правните лица;
2) камати од заеми дадени на физички и правни лица;
3) орочени депозити
4) камати од хартии од вредност и
5) друг доход од хартии од вредност или финансиски инструменти.

Член 56

Обврзник на данокот на доход од капитал е физичко лице кое остварува доход од член 55 на овој закон.

Член 57

(1) Основа на данокот на доход од член 55 точка 1) на овој закон претставува износот на бруто-дивидендите, односно доходот од учество во добивката, распределени на обврзникот.

(2) Основа на данокот на доход од член 55 точки 2), 3) и 4) на овој закон претставува износот на пресметаната камата.

(3) Основа на данокот на доход од член 55 точка 5) на овој закон претставува износот на бруто-доходот.

8. Капитални добивки

Член 58

(1) Под капитална добивка се подразбира разликата помеѓу продажната и набавната цена при продажба или размена на недвижен имот, хартии од вредност, удели издадени од инвестициски фонд, учество во капиталот, друг подвижен и нематеријален имот.

(2) Под нематеријален имот од ставот (1) на овој член се подразбира имотот без физичка содржина, кој може да се идентификува.

(3) Ако разликата од став (1) на овој член е негативна, се остварува капитална загуба.

Член 59

Обврзник на данокот на доход од капитални добивки е физичко лице кое остварува добивка од членот 58 став (1) од овој закон.

Член 60

(1) Основа на данокот на доход од капитални добивки претставува разликата помеѓу продажната цена на недвижен имот, хартии од вредност, удели издадени од инвестициски фонд, учество во капиталот, друг подвижен и нематеријален имот и нивната куповна (набавна) цена.

(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, за капиталната добивка остварена од продажба на хартии од вредност, удели издадени од инвестициски фонд, учество на капиталот, друг подвижен имот и недвижен имот во кој обврзникот живее најмалку една година пред продажбата, се признаваат нормирани трошоци од 10%.

(3) На обврзникот кој остварува капитална добивка од продажба на недвижен имот, на негово барање, наместо нормираните трошоци му се признаваат стварните трошоци за инвестициски вложувања, доколку документирано ги докаже.

Член 61

(1) За целите на утврдување на капиталната добивка, како продажна цена на учеството во капиталот, друг подвижен имот и нематеријален имот се смета договорената цена, односно цената која органот за јавни приходи ќе ја утврди ако оцени дека договорената цена е пониска од пазарната.

(2) За целите на утврдување на капиталната добивка, како продажна цена на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд, се смета договорената цена.

(3) Како продажна цена при продажба на недвижен имот се смета договорената цена, а доколку органот за јавни приходи оцени дека договорената цена е пониска од пазарната, како продажна цена се смета пазарната вредност на недвижниот имот, утврдена од страна на единицата на локалната самоуправа и Градот Скопје според Методологијата за процена на пазарната вредност на недвижен имот, без данокот на промет на недвижности.

(4) За целите на утврдување на капиталната добивка, како куповна (набавна) цена на недвижен имот, хартии од вредност, удели издадени од инвестициски фонд, учество во капиталот, друг подвижен имот и нематеријален имот, се смета цената по која обврзникот го стекнал недвижниот имот, хартиите од вредност, уделите издадени од инвестициски фонд, учеството во капиталот и другиот подвижен и нематеријален имот.

(5) При продажба на недвижен имот кој обврзникот сам го изградил, за набавна цена се смета цената на чинење на недвижноста која обврзникот документирано ќе ја докаже, врз основа на трошоците направени за изградбата на недвижноста. Доколку истата не може да се докаже, за набавна цена ќе се смета цената на чинење (градежна цена) на ист или сличен недвижен имот во периодот на изградбата на подрачјето на кое се наоѓа недвижниот имот, а доколку во тоа подрачје нема таков недвижен имот во тој случај за набавна цена ќе се смета цената на чинење (градежна цена) на ист или сличен недвижен имот во периодот на изградбата, која ќе се утврдува како просечна цена за територијата на Република Македонија.

(6) Како куповна (набавна) цена на хартиите од вредност кои се продадени или купени на берзата се смета цената која обврзникот ја документира како стварно платена, или ако тоа не го стори, најниската објавена цена на берзата по која е извршена купопродажба во период од една година, која претходи на продажбата на хартијата од вредност.

(7) Кај хартиите од вредност кои не котираат на берзата, како набавна цена се смета цената која обврзникот ја документира како стварно платена, или ако тоа не го стори, нејзината номинална вредност.

Член 62

(1) Капитална загуба остварена со продажба на хартии од вредност се пребива со капиталните добивки остварени со продажба на хартии од вредност.

(2) Ако и по извршеното пребивање, според став (1) на овој член, се појави капитална загуба, вишокот се пренесува на идните капитални добивки во наредните три години.

Член 63

Данок на доход не се плаќа за капитална добивка остварена од продажба на недвижен имот, доколку:
– обврзникот, кој живее најмалку една година во недвижниот имот пред продажбата, го продава по истекот на три години од денот на стекнувањето;
– обврзникот го продава недвижниот имот по истекот на пет години од денот на стекнувањето;
– обврзникот го продава недвижниот имот стекнат по основ на наследување или подарок кој е ослободен од плаќање данок согласно одредбите од Законот за даноците на имот;
– обврзникот го продава недвижниот имот стекнат по пат на денационализација и
– доходот е остварен од продажба извршена помеѓу брачните другари, како и од страна на брачните другари, извршена на трето лице во случај кога продадениот недвижен имот е во непосредна поврзаност со развод на бракот.

Член 63-а

Данок на доход не се плаќа за капитална добивка остварена од продажба на хартии од вредност, кои се стекнати со емисија на хартии од вредност реализирана како иницијална јавна понуда.

9. Добивки од игри на среќа

Член 64

Под добивки од игри на среќа се подразбира доходот што обврзникот го остварува со учество во игри на среќа уредени со Законот за игрите на среќа и за забавните игри.

Член 65

Обврзник на данокот на доход за добивките од игри на среќа е физичкото лице кое остварило добивка од членот 64 од овој закон.

Член 66

(1) Основа за пресметување на данокот на доход на добивките од игрите на среќа претставува износот на поединечната исплата на добивката.

(2) По исклучок на ставот (1) од овој член, основа за пресметување на данокот на доход на добивките од игрите на среќа во обложувалница претставува износот на поединечната исплата на добивката намален за износот на поединечната уплата врз основа на која е остварена добивката.

(3) Под поединечна исплатена добивка не се подразбираат добивките остварени во текот на играта на среќа.

(4) Ако добивката од игри на среќа се состои од предмети, основа на данокот претставува пазарната вредност на предметите во моментот на остварувањето на добивката.

Член 67

(1) Данок на доход за добивките од општите игри на среќа не се плаќа, ако поединечната исплата на добивката не го надминува износот од 5.000 денари.

(2) Ако поединечниот износ на добивката од општите игри на среќа е поголем од износот утврден во став (1) на овој член, данокот се пресметува на целиот износ на добивката.

10. Доход од осигурување

Член 68

Под доход од осигурување се подразбира:
1) премијата за осигурување живот уплатена од правно лице или обврзник кој остварува доход од самостојна дејност;
2) премијата за неживотно осигурување уплатена од правно лице или обврзник кој остварува доход од самостојна дејност, освен премијата која е ослободена од оданочување согласно членот 12 точка 34) од овој закон; и
3) исплатената осигурана сума, освен надоместокот на штета согласно членот 12 од овој закон.

Член 69

Обврзник на данокот на доход од осигурување е физичкото лице кое остварува доход од членот 68 од овој закон.

Член 70

Основа за пресметување на данокот на доход од осигурување претставува:
1) износот на уплатената премија за осигурување живот од правно лице или обврзник кој остварува доход од самостојна дејност, над износот утврден во член 12 точка 35) од овој закон;
2) износот на уплатената премија за неживотно осигурување од правно лице или обврзник кој остварува доход од самостојна дејност; и
3) износот на осигурената сума намален за износот на уплатените премии за осигурување живот во случај кога премиите се уплатени од физичко лице, односно износот на осигурената сума намалена за износот на уплатените премии за осигурување живот кои се оданочени согласно точка 1) на овој член.

11. Друг доход

Член 71

(1) Друг доход во смисла на овој закон е секој доход кој не се смета за доход на физичките лица од членот 3 став (1) точки 1), 2), 3), 4), 5), 6), 7), 8), 9) и 10) од овој закон и не е изземен од оданочување со одредбите од членот 12 од овој закон.

(2) Како друг доход, во смисла на овој закон, се смета и доходот остварен од продажба на корисен цврст отпад, доходот остварен со електронска трговија преку интернет, доходот од маркетиншки интернет услуги, износот на неискористената финансиска помош од членот 12 точка 31) од овој закон, износот на неискористените донирани финансиски средства од членот 12 точка 32) од овој закон, како и кусоци во трговијата кои не се предизвикани од вонредни настани (кражба, пожар или други природни непогоди), кои не се на трошок на платата на одговорното лице.

Член 72

Обврзник на данокот на доход од друг доход е физичкото лице кое остварува доход од членот 71 од овој закон.

Член 73

(1) Основа за пресметување на данокот на доходот од членот 71 од овој закон е бруто-доходот.

(2) По исклучок на ставот (1) на овој член, основа за пресметување на данокот на доход за доходот од продажба на корисен цврст отпад, претставува бруто-доходот намален за нормираните трошоци во висина од 50%.

ТРЕТ ДЕЛ

УТВРДУВАЊЕ, ПРЕСМЕТУВАЊЕ И ПЛАЌАЊЕ НА ДАНОКОТ ОД ДОХОД

1. Утврдување на данокот

Член 74

(1) Утврдувањето на данокот на доход го врши органот за јавни приходи, доколку со овој закон не е определено поинаку.

(2) Органот за јавни приходи го утврдува данокот врз основа на аконтативно остварениот доход, деловните книги што ги води обврзникот, службените податоци што ги прибавил органот преку контрола, како и врз основа на други податоци и докази до кои ќе дојде во постапката за утврдување на данокот.

Член 75

(1) Физичко лице кое донира финансиски средства на правно лице според одредбите од Законот за донации и спонзорства во јавните дејности има право на намалување на данокот на доход утврден во годишната даночна пријава во висина од 20% од годишниот даночен долг на давателот на донацијата, но не повеќе од 24.000 денари.

(2) За остварување на даночното поттикнување физичкото лице – давател на донацијата до органот за јавни приходи доставува извештај најдоцна до 31 јануари наредната година.

(3) Формата, содржината и начинот на доставување и одобрување на извештајот од ставот (2) на овој член ги пропишува министерот за финансии.

2. Посебна постапка за утврдување данок

Член 76

Кога лице поседува имот или располага со средства поголеми од оданочените, кои потекнуваат од доход на кои не е утврден данок или не е доволно утврден и чие потекло не може да се докаже, органот за јавни приходи донесува решение за утврдување на данокот на тој доход.

Член 77

Основа за пресметување на данокот претставува разликата меѓу вредноста на имотот и докажаната висина на средствата за негово стекнување.

Член 78

Данокот на непријавениот доход се пресметува по стапка од 70%.

3. Пресметување на аконтацијата на данокот на доход во текот на годината

Член 79

(1) На одделните видови доход од член 3 на овој закон, во текот на годината се пресметува аконтација на данокот на доход што се наплатува по одбивка од секој доход по поднесена електронска пресметка од исплатувач, поднесена електронска пресметка од физичко лице или врз основа на решение на органот за јавни приходи, освен ако не е поинаку определено со овој закон.

(2) Аконтацијата од ставот (1) на овој член претставува износот на данок кој обврзникот го плаќа во текот на годината, пред утврдување на годишниот данок на доход со годишната даночна пријава.

(3) Износот на платената аконтација на данокот на доход од став (1) на овој член се одбива од пресметаниот годишен данок на доход, а намалувањата се признаваат во износ во кој се одобрени при аконтативното пресметување.

а) Аконтација на данокот по одбивка

Член 80

(1) Аконтацијата на данокот на доход се плаќа по одбивка, односно исплатувачот на доходот го пресметува, задржува и плаќа данокот на доход за обврзникот при секоја исплата на следните видови доход:
1) доход од работа;
2) доход од авторски и сродни права;
3) доход од продажба на сопствени земјоделски производи, ако исплатувачот на доходот води деловни книги;
4) доход од закуп и подзакуп, ако исплатувачот на доходот води деловни книги;
5) доход од права од индустриска сопственост;
6) доход од капитал;
6-а) капитални добивки од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд;
7) добивки од игри на среќа;
8) доход од осигурување и
9) друг доход, ако исплатувачот на доходот води деловни книги.

Член 81

При пресметување на данок по одбивка на доходот од членот 80 од овој закон кој го остварува физичко лице – нерезидент кој е стварен корисник на тој доход, исплатувачот на доходот ги применува одредбите од важечкиот договор за одбегнување на двојното оданочување, доколку физичкото лице го докаже статусот на даночен резидент на државата со која Република Македонија има склучено договор.

Член 82

(1) Доколку примателот на доходот кој се оданочува со данок по одбивка е даночен резидент на странска држава со која Република Македонија има склучено договор за одбегнување на двојното оданочување, тогаш на доходот кој се оданочува се применува даночна стапка која не смее да ја надмине висината на даночната стапка која е пропишана за тој вид доход согласно со договорот.

(2) Даночно изземање или пониска стапка одредена во договорот со странска држава се применува на доходот кој се оданочува со данокот по одбивка ако исплатувачот располага со пропишани обрасци заверени од органот за јавни приходи и од надлежниот даночен орган на странската држава или одобрение за даночно изземање издадено од органот за јавни приходи.

(3) Начинот на примена на даночно изземање или намалување согласно со меѓународните договори за одбегнување на двојното оданочување на доходот кој го остварува странско физичко лице, како и формата и содржината на обрасците од ставот (2) на овој член ги пропишува министерот за финансии.

(4) Органот за јавни приходи е должен да издаде одобрение или да донесе решение за одбивање на издавање одобрение по поднесените барања за даночно изземање или пониска стапка од ставот (2) на овој член, во рок од 30 дена од денот на поднесување на барањето.

Член 83

(1) Доколку исплатувачот на доходот примени одредби од договорот за одбегнување на двојното оданочување, а не се исполнети условите од членовите 81 и 82 од овој закон и поради тоа е платен помал износ на данок, исплатувачот на доходот е должен да ја надомести разликата меѓу платениот данок и долгуваниот износ на данок согласно со одредбите од овој закон.

(2) Органот за јавни приходи по барање на нерезидентот е должен да издаде потврда за платениот данок во Република Македонија.

Член 84

(1) Аконтација на данокот на доходот од член 80 на овој закон пресметува исплатувачот за секој обврзник и за секој поединечно исплатен доход.

(2) Аконтацијата на данокот на доход од закуп и подзакуп (ако исплатувачот на доходот води деловни книги), на доходот од права од индустриска сопственост, на доходот од капитал, на добивки од игри на среќа, на капитални добивки од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд, на доходот од осигурување и друг доход се пресметува на соодветно утврдена даночна основа со примена на стапките пропишани во членот 11 од овој закон, а пресметаниот и платениот данок по одбивка се смета за конечно намирена даночна обврска.

(3) Аконтацијата на данокот од доход од работа, на доходот од авторски и сродни права и на доходот од продажба на сопствени земјоделски производи (ако исплатувачот на доходот води деловни книги) се пресметува на соодветно утврдена даночна основа со примена на следните стапки:

на месечна даночна
основа

по стапка

до 90.000 денари10%
од 90.001 денар9.000 денари + 18% на делот од доходот над 90.000 денари
Член 85

(1) Исплатувачот од членот 84 од овој закон, пред секоја исплата на доходот на кои аконтацијата на данокот се плаќа по одбивка, е должен до органот за јавни приходи да достави пресметка за бруто-доходот, одбитоците, пресметаниот данок по одбивка и нето-доход за исплата, за секој обврзник поединечно.

(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, исплатувачите на добивки од посебните игри на среќа се должни до органот за јавни приходи да достават пресметка за бруто-доходот и пресметаниот данок по одбивка за секој обврзник поединечно, кој остварил добивки од посебните игри на среќа најдоцна наредниот ден по денот на исплатата на доходот.

(3) По исклучок од ставот (1) на овој член, исплатувачите на капиталните добивки од хартии од вредност и на уделите во инвестициски фонд се должни до органот за јавни приходи да достават пресметка за бруто-доходот, одбитоците и пресметаниот данок по одбивка за секој обврзник поединечно, кој остварил капитални добивки од хартии од вредност и удели во инвестициски фонд најдоцна наредниот ден по денот на исплатата на доходот.

(4) Исплатувачот на добивки од посебни игри на среќа од ставот (2) на овој член е должен на органот за јавни приходи да му достави месечен извештај за исплатен доход – добивки од игри на среќа и за пресметаниот и платен данок по одбивка, најдоцна до 7-ми во тековниот за претходниот месец.

(5) Пресметката од ставовите (1), (2) и (3) на овој член се доставува по пат на пренос на податоци во електронска форма.

(6) Пресметката од ставот (1) на овој член ја одобрува органот за јавни приходи, пред да се изврши плаќањето на данокот и исплатата на доходот кај носителот на платниот промет.

(7) Пресметката од ставот (2) и ставот (3) на овој член ја одобрува органот за јавни приходи, пред да се изврши плаќањето на данокот кај носителот на платниот промет.

(8) Начинот на пресмeтка и уплата на аконтациите на данокот на доход, формата и содржината и начинот на доставување и одобрување на електронската пресметка за доход и данок ги пропишува министерот за финансии.

(9) Формата, содржината и начинот на поднесување на извештајот од ставот (4) на овој член ги пропишува министерот за финансии.

(10) По исклучок на ставот (1) на овој член, обврзникот за пресметка и уплата на данок на доход по основ на плата, надоместок на плата и исплата по основ на деловна успешност на работодавачот е должен пресметката да ја врши месечно, поединечно за секој обврзник за плаќање за соодветниот месец и податоците за пресметана плата или дел од плата, надоместок на плата и исплата по основ на деловна успешност да ги доставува до органот за јавни приходи најдоцна до 10-ти во тековниот за претходниот месец по електронски пат, на образец пропишан со Правилникот за начинот на пресметка и уплата на придонесите од задолжително социјално осигурување.

(11) Исплатувачот од членот 84 од овој закон е должен на обврзникот да му издаде примерок од пресметката за аконтацијата на данокот на доход и платените придонеси при секоја исплата.

(12) Органот за јавни приходи по службена должност прибавува податоци од други субјекти кои се од значење за утврдување на данокот, а се однесуваат на остварениот доход на физички лица.

Член 86

(1) Трговецот кој организира зелен пазар на кој се врши трговија на големо и мало е должен на органот за јавни приходи да му доставува извештај за корисниците на продажните места на зелените пазари, најдоцна до крајот на годината која ѝ претходи на годината за која се врши утврдување на данокот.

(2) За секоја промена на бројот на корисниците на продажните места на зелените пазари, трговецот кој организира зелен пазар е должен на органот за јавни приходи да му го доставува извештајот од ставот (1) на овој член најдоцна до 10-ти во месецот кој следи по месецот за кој се однесува промената.

(3) Формата и содржината на извештајот од ставот (1) на овој член ја пропишува министерот за финансии.

б) Аконтација на данокот што ја пресметува обврзникот

Член 87

(1) Во текот на годината обврзникот пресметува и плаќа аконтација на данокот на доход за следните видови доход:
1) доход од закуп и подзакуп, остварен од издавање на:
– физички лица,
– физички лица кои остваруваат доход од самостојна дејност, а данокот го плаќаат според паушално утврден нето-доход,
– дипломатски, односно конзуларни претставништва на странски држави и меѓународни организации, во случаи кога обврзникот остварува бруто-доход;
2) капитални добивки, освен капиталните добивки од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд
3) доход остварен од странство;
4) доход од работа во дипломатски, односно конзуларни претставништва на странски држави и меѓународни организации, кај претставници и службеници на такви претставништва кои имаат дипломатски имунитет за кои обврзникот сам го утврдува и уплатува данокот;
5) доход од продажба на сопствени земјоделски производи на физички лица надвор од продажни места на зелени пазари;
6) доход остварен од повремено или привремено вршење услуги на физички лица;
7) друг доход од членот 3 став (1) точка 11 од овој закон.

(2) Аконтациите на данокот на доход за доходот од ставот (1) точките 1), 2), 3) и 7) на овој член се пресметуваат по стапка од 15%, освен за доходот од работа и доходот од авторски и други сродни права остварени во странство. Пресметаниот и платениот данок, се смета за конечно намирена даночна обврска.

(3) Аконтациите на данокот на доход од ставот 1 точки 4), 5) и 6) на овој член и на доходот од работа и доходот од авторски и други сродни права остварени во странство се пресметуваат по следните стапки:

на месечна даночна
основа

по стапка

до 90.000 денари10%
од 90.001 денар9.000 + 18% на делот од доходот над 90.000 денари
Член 88

(1) Обврзникот кој во текот на годината остварува доход кој подлежи на оданочување со данок на доход врз основа на овој закон е должен да поднесе пресметка на аконтација на данок на доход и докази до органот за јавни приходи за:
1) доход од закуп и подзакуп, остварен од издавање на физички лица, физички лица кои остваруваат доход од самостојна дејност, а данокот го плаќаат според паушално утврден нето-доход и дипломатски, односно конзуларни претставништва на странски држави и меѓународни организации, во случаи кога обврзникот остварува бруто-доход, до 10-ти во месецот кој следи по месецот во кој е склучен договорот, односно до 10-ти во месецот кој следи по месецот во кој имотот е предаден во закуп или подзакуп, доколку во договорот е утврдено одложено издавање;
2) доход остварен од издавање имот под закуп и подзакуп на физички лица во случаи кога времетраењето на закупот е пократко од 31 ден во еден месец, до 10-ти во месецот кој следи по месецот на издавање;
3) капитални добивки од продажба на:
– учеството во капитал до 10-ти во месецот кој следи по месецот во кој е извршена продажбата или е извршен упис на промената на сопственоста во трговскиот регистар,
– недвижен имот до 10-ти во месецот кој следи по месецот во кој е заверен договорот за купопродажба на нотар,
– друг подвижен имот до 10-ти во месецот кој следи по месецот во кој е остварен доходот и
– нематеријален имот до 10-ти во месецот кој следи по месецот во кој е остварен доходот;
4) доход остварен од странство до 10-ти во месецот кој следи по месецот во кој е остварен доходот;
5) доход од работа во дипломатски, односно конзуларни претставништва на странски држави, кај претставници и службеници на такви претставништва кои имаат дипломатски имунитет и за кои обврзникот сам го утврдува и уплатува данокот до 10-ти во месецот кој следи по месецот во кој е остварен доходот;
6) доход од продажба на сопствени земјоделски производи на физички лица надвор од продажни места на зелени пазари до 10-ти во месецот за доходот остварен во претходниот месец;
7) доходот остварен од повремено или привремено вршење услуги на физички лица до 10-ти во месецот кој следи по месецот во кој е остварен доходот;
8) друг доход од членот 3 став (1) точка 11) од овој закон, до 10-ти во месецот за доходот остварен во претходниот месец.

(2) По исклучок од став (1) точка 4) од овој член, за доходот остварен по основ на плата и пензија од странство, за кој е платен данок во странската држава, обврзникот е должен да поднесе пресметка на аконтација на данок и докази за платениот данок до органот за јавни приходи, најдоцна до 31 март во годината што следи по годината во која е остварен доходот.

(3) Пресметката од ставот (1) на овој член обврзникот ја доставува по пат на пренос на податоци во електронска форма.

(4) Пресметката на аконтацијата на данокот на доход од ставот (1) на овој член ја одобрува органот за јавни приходи.

(5) Начинот на пресмeтка и уплата на аконтациите на данок на доход, формата и содржината и начинот на доставување и одобрување на електронската пресметка за доход и данок ги пропишува министерот за финансии.

Член 89

(1) Обврзникот – нерезидент поднесува пресметка за секој доход што го остварува, а за кој не е предвидено плаќање данок на доход по одбивка.

(2) Начинот на пресмeтка и уплата на аконтациите на данокот на доход, формата и содржината и начинот на доставување и одобрување на електронската пресметка за доход и данок ги пропишува министерот за финансии.

в) Аконтација на данокот на доход од самостојна дејност

Член 90

Аконтацијата на данокот на доход за доходот од членот 19 од овој закон кој се оданочува според вистински доход во тековната година, ја пресметува обврзникот врз основа на податоците од годишниот даночен биланс за претходната година.

Член 91

Доколку условите под кои е утврдена аконтацијата на данокот на доход значајно се изменат, обврзникот може да бара промена на аконтацијата, односно органот за јавни приходи може во согласност со новите околности да утврди нова аконтација.

4. Плаќање на данокот

а) Плаќање на аконтацијата на данокот по одбивка

Член 92

(1) Исплатувачот на доходот од член 80 од овој закон за кој аконтацијата на данокот на доход се плаќа по одбивка е должен задржаниот данок да го уплати при секоја поединечна исплата.

(2) Аконтациите на данокот на доход по одбивка се пресметуваат и плаќаат според стапката што важи на денот на исплатата на доходот, освен данокот на доход по основ на плата, надоместок на плата, пензија и исплата по основ на деловна успешност на работодавачот кој ќе се пресметува и плаќа според стапката и даночното намалување што важат за месецот за кој се пресметува и исплатува платата, надоместок на плата, пензија и исплата по основ на деловна успешност на работодавачот.

б) Плаќање аконтација на данокот од обврзникот

Член 93

(1) Аконтација на данокот на доход утврден во одобрените пресметки се плаќа најдоцна до 15-ти во месецот за претходниот месец за:
– доходот од закуп и подзакуп на кој аконтацијата на данокот не се плаќа по одбивка,
– капиталните добивки, освен капиталните добивки од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд
– доходот остварен од странство,
– доходот од работа во дипломатски, односно конзуларни претставништва на странски држави, кај претставници и службеници на такви претставништва кои имаат дипломатски имунитет, на кој данокот не е пресметан и платен по одбивка,
– доходот од продажба на сопствени земјоделски производи на физички лица надвор од продажни места на зелени пазари,
– доходот остварен од повремено или привремено вршење услуги на физички лица и
– друг доход на кој данокот не е пресметан и платен по одбивка.

(2) Данокот на доходот остварен во странска валута се пресметува во денарска противвредност по среден курс на Народната банка на Република Македонија на денот на остварување на доходот.

(3) Аконтација на данокот на доход утврдена со решение на органот за јавни приходи се плаќа за:
– доходот остварен од обврзник од членот 29 и членот 47 од овој закон до 15 во месецот за претходниот месец,
– доходот од закуп и подзакуп до 15-ти во месецот за претходниот месец,
– доходот од капитални добивки во рок од 15 дена од денот на доставување на решението и
– доходот прикажан во неодобрените пресметки од членот 88 од овој закон во рок од 15 дена од денот на доставување на решението.

в) Плаќање аконтација на данокот на доход од самостојна дејност

Член 94

(1) Месечната аконтација на данок на доход за самостојна дејност се плаќа во износ од една дванаесеттина од пресметаниот данок во годишниот даночен биланс, за претходната година.

(2) Обврзникот кој започнува да врши самостојна дејност месечните аконтации на данокот на доход за првата година ги плаќа на основица од 50% од просечна нето-плата по работник во Република Македонија објавена во јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика.

(3) Аконтацијата на данок на доход за јануари во тековната година се плаќа во висина на платената аконтација за декември претходната календарска година.

(4) Месечната аконтација на данок на доход се плаќа до 15-ти во тековниот за претходниот месец.

Член 95

Додека органот за јавни приходи не го утврди паушалниот нето-доход, за обврзникот од членот 29 од овој закон, обврзникот е должен да плаќа аконтација на данок во висина утврдена во решението за претходната година.

5. Даночна пријава

a) Годишна даночна пријава

Член 96

(1) Органот за јавни приходи изготвува годишна даночна пријава за обврзникот, која ги содржи податоците за остварениот доход и платените аконтации на данокот во текот на годината за која се утврдува данокот.

(2) Годишната даночна пријава, од ставот (1) на овој член, органот за јавни приходи ја доставува до обврзникот најдоцна до 30-ти април наредната година.

(3) Обврзникот на данокот на доход е должен да ја потврди точноста на податоците од доставената пополнета годишна даночна пријава од ставот (1) на овој член или да ја коригира пријавата најдоцна до 31-ви мај.

(4) Доколку обврзникот не ја потврди или коригира доставената пополнета годишна даночна пријава во рокот од ставот (3) на овој член, доставената пополнета годишна даночна пријава се смета за потврдена.

(5) Формата и содржината на годишната даночна пријава за утврдување данок на доход, начинот на доставување на годишната даночна пријава од страна на органот за јавни приходи и начинот на потврдување од страна на обврзникот ги пропишува министерот за финансии.

б) Годишен даночен биланс

Член 97

(1) Обврзникот кој остварува доход од самостојна дејност и кој води деловни книги е должен, по истекот на годината за која се утврдува данокот, најдоцна до 15-ти март наредната година да поднесе годишна пресметка за искажаниот финансиски резултат и даночен биланс.

(2) Доколку обврзникот од ставот (1) на овој член работел пократок период во една календарска година, за даночен период ќе се смета периодот од годината за која работел и за истиот период треба да состави годишен даночен биланс.

6. Пресметување на годишниот данок на доход

Член 98

Пресметаниот данок на доход во годишната даночна пријава од членот 96 став (3) од овој закон, се смета за утврдена обврска по која треба да се изврши плаќање во рокот пропишан со членот 100 од овој закон.

Член 99

(1) Доколку органот за јавни приходи не ја одобри корекцијата на годишната даночна пријава доставена од обврзникот од членот 96 од овој закон, данокот на доход го утврдува органот за јавни приходи со решение.

(2) Решението од ставот (1) на овој член органот за јавни приходи е должен да го донесе најдоцна во рок од 60 дена од денот на приемот на коригираната годишна даночна пријава.

(3) Решението за утврдување на данокот за обврзниците од членот 29 од овој закон, органот за јавни приходи е должен да го донесе најдоцна до 31-ви јануари во годината што следи по годината во која е поднесено барањето од членот 29 став (3) од овој закон, односно најдоцна до крајот на месецот кој следи по месецот во кој обврзниците започнуваат со вршење дејност.

(4) Решението за утврдување на данокот за обврзниците од членот 47 од овој закон, органот за јавни приходи е должен да го донесе најдоцна до 31-ви јануари врз основа на извештајот од членот 86 став (1) од овој закон или најдоцна до крајот на месецот кој следи по месецот за кој се однесува промената во извештајот од членот 86 став (2) од овој закон.

(5) Решението за аконтација на данок, за пресметките од членот 88 од овој закон кои нема да бидат одобрени, органот за јавни приходи е должен да го донесе во рок од 30 дена од приемот на пресметката, врз основа на службените податоци со кои располага за целите на утврдување на даночната обврска.

7. Плаќање на годишниот данок на доход

Член 100

(1) Обврзникот на данокот на доход за доходот остварен од самостојна дејност е должен разликата меѓу уплатената аконтација и пресметаниот данок на доход да ја уплати во рок од 15 дена од денот на истекот на рокот за предавање на годишниот даночен биланс.

(2) Обврзникот на данокот на доход е должен да ја плати утврдената обврска на данок на доход од членот 98 од овој закон најдоцна до 30-ти јуни во тековната година.

(3) Обврзникот на данокот на доход е должен разликата помеѓу утврдената обврска на данок на доход од членот 98 од овој закон и износот утврден со решение на органот за јавни приходи од членот 99 став (1) од овој закон да ја плати во рок од 15 дена од денот на доставувањето на решението.

(4) Ако обврзникот на данокот на доход во вид на аконтација платил поголем износ на данок од износот што бил должен да го плати, органот за јавни приходи му ја враќа разликата на обврзникот врз основа на барање кое обврзникот го искажува во годишната даночна пријава. Ако обврзникот не искаже такво барање, разликата се пренесува како аконтација на данокот на доход за следниот даночен период..

(5) Органот за јавни приходи е должен да ја врати разликата од ставот (4) од овој член на обврзникот во рок од 60 дена.

Член 101

На износите на даноците што не се платени во пропишаните рокови, обврзникот плаќа камата.

8. Гаранција

Член 102

За аконтациите на данокот на доход што се плаќа по одбивка при исплатата на доходот гарантира исплатувачот.

Член 103

За аконтациите на данокот на доход од член 88 и член 90 од овој закон, гарантира со својот имот обврзникот.

Член 104

(1) Во случај на смрт на обврзникот пред да се утврди висината на даночната обврска, даночната обврска преминува на наследниците.

(2) Плаќањето на утврдената обврска ќе се изврши од наследниците најмногу до висината на вредноста на наследениот имот.

ЧЕТВРТИ ДЕЛ

ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

Член 105

Глоба во износ од 100 до 250 евра во денарска противвредност, за сторен прекршок на даночен обврзник – трговец поединец и лице кое самостојно врши дејност, ќе му се изрече ако деловните книги, другата евиденција и документација не ги чува во деловната просторија или во просториите на регистриран субјект што врши сметководствени работи (член 34).

Член 106

Глоба во износ од 100 до 250 евра во денарска противвредност за сторен прекршок, на даночен обврзник – трговец поединец и лице кое самостојно врши дејност, ќе му се изрече ако деловните книги ги води неажурно (членoви 30 став (1), 31 и 32).

Член 107

(1) Глоба во износ од 100 до 250 евра во денарска противвредност за сторен прекршок на даночен обврзник – трговец поединец и лице кое самостојно врши дејност, ќе му се изрече ако:
1) не поднесе пресметка и даночен биланс во пропишаниот рок (членови 88 и 97);
2) не ги води или неточно ги води деловните книги (членoви 30 став (1), 31 и 32) и
3) деловните книги, другата евиденција и документација не ги чува најмалку пет години (член 36).

(2) За прекршоците од ставот (1) на овој член на даночен обврзник – трговец поединец и лице кое самостојно врши дејност може да им се изрече прекршочна санкција забрана за вршење професија, дејност или должност во траење од најмалку три до најмногу 30 дена. Ако прекршоците од ставот (1) на овој член се сторени за прв пат, забрана на вршење на професија, дејност или должност доколку се изрече, ќе се изрече само како самостојна санкција без глоба, а при повторно сторување на прекршоците од ставот (1) на овој член, забраната на вршење на професија, дејност или должност доколку се изрече, ќе се изрече заедно со глоба.

(3) Глоба во износ од 50 до 250 евра во денарска противвредност за сторен прекршок ќе му се изрече на даночен обврзник – физичко лице, доколку не поднесе пресметка (член 88).

Член 108

(1) Глоба во износ од 300 до 1.000 евра во денарска противвредност на даночен обврзник правно лице – исплатувач на доход (микро трговец), од 600 до 2.000 евра во денарска противвредност на даночен обврзник правно лице – исплатувач на доход ( мал трговец), од 1.800 до 6.000 евра во денарска противвредност на даночен обврзник правно лице – исплатувач на доход (среден трговец) и од 3.000 до 10.000 евра во денарска противвредност на даночен обврзник правно лице – исплатувач на доход (голем трговец) ќе му се изрече за прекршок, ако:
1) не го пресмета данокот и не го уплати на соодветната сметка (членови 84 и 92) и
2) не ги исполнува обврските од членот 85 од овој закон.

(2) Глоба во износ од 50 до 250 евра во денарска противвредност на одговорно лице во правно лице (микро трговец), од 100 до 500 евра во денарска противвредност на одговорно лице во правно лице (мал трговец), од 150 до 500 евра во денарска противвредност на одговорно лице во правно лице (среден трговец) и од 200 до 500 евра во денарска противвредност на одговорно лице во правно лице (голем трговец) ќе му се изрече за прекршоците од ставот (1) на овој  член.

Член 109

(1) Глоба во износ од 300 до 1.000 евра во денарска противвредност на трговец кој организира зелен пазар на кој се врши трговија на големо и мало (микро трговец), од 600 до 2.000 евра во денарска противвредност на трговец кој организира зелен пазар на кој се врши трговија на големо и мало (мал трговец), од 1.800 до 6.000 евра во денарска противвредност на трговец кој организира зелен пазар на кој се врши трговија на големо и мало (среден трговец) и од 3.000 до 10.000 евра во денарска противвредност на трговец кој организира зелен пазар на кој се врши трговија на големо и мало (голем трговец) ќе му се изрече за прекршок, ако на органот за јавни приходи не му доставува извештај за корисниците на продажните места на зелените пазари.

(2) Глоба во износ од 50 до 250 евра во денарска противвредност на одговорно лице во трговецот од ставот (1) на овој член (микро трговец), од 100 до 500 евра во денарска противвредност на одговорно лице во трговецот од ставот (1) на овој член (мал трговец), од 150 до 500 евра во денарска противвредност на одговорно лице во трговецот од ставот (1) на овој член (среден трговец) и од 200 до 500 евра во денарска противвредност на одговорно лице во трговецот од ставот (1) на овој член (голем трговец) ќе му се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член.

Член 110

Oдмерувањето на висината на глобата за правно лице, обврзникот кој остварува доход од самостојна дејност, трговец поединец, физичко лице и одговорно лице во правно лице се врши согласно со Законот за прекршоците.

Член 111

(1) Глоба во износ од 25 до 50 евра во денарска противвредност ќе се изрече на овластеното службено лице во органот за јавни приходи ако не издаде одобрение, односно не донесе решение во роковите утврдени со член 8 став 3, член 28 став 7, член 82 став 4 и член 99 ставови 2, 3, 4, и 5 од овој закон.

Член 111-a

(1) За прекршоците од членовите 105, 106, 107, 108 и 109 од овој закон за кои глобата е утврдена до најмногу 250 евра во денарска противредност за физичко лице, трговец поединец и лице кое самостојно врши дејност, 500 евра во денарска противредност за одговорно лице во правно лице и 1.000 евра во денарска противредност за правни лица, прекршочна постапка води и прекршочни санкции изрекува прекршочниот орган утврден согласно со Законот за даночна постапка.

(2) За прекршокот од членот 111 од овој закон и за прекршоците од овој закон за кои глобата за лицата од ставот (1) на овој член е утврдена над износите од ставот (1) на овој член, прекршочна постапка води и прекршочни санкции ќе изрекува надлежен суд.

ПЕТТИ ДЕЛ

ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 112

Пресметаниот данок на доход по основ на пензии и инвалиднини се отстапува на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување.

Член 113

За обврзниците кои во текот на 2018 година оствариле доход само од пензија исплатена од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Македонија, нема да се применува одредбата од членот 68 од Законот за персоналниот данок на доход („Службен весник на Република Македонија“ број 80/93, 70/94, 71/96, 28/97, 8/01, 50/01, 52/01, 2/02, 44/02, 96/04, 120/05, 52/06, 139/06, 160/07, 159/08, 20/09, 139/09, 171/10, 135/11, 166/12, 187/13, 13/14, 116/15, 129/15, 199/15, 23/16 и 190/17) која се однесува на обврската за доставување на пополнета годишна даночна пријава.

Член 114

Одредбата од членот 96 став (2) од овој закон која се однесува на обврската за доставување на годишната даночна пријава, нема да се применува за обврзниците кои во текот на годината оствариле доход само од пензија исплатена од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Македонија за даночните периоди од 1 јануари 2019 до 31 декември 2024 година.

Член 115

Пресметката на приходите остварени до 31 декември 2018 година заради пресметување на персоналниот данок на доход за 2018 година ќе се врши согласно со одредбите од Законот за персоналниот данок на доход („Службен весник на Република Македонија“ број 80/93, 70/94, 71/96, 28/97, 8/01, 50/01, 52/01, 2/02, 44/02, 96/04, 120/05, 52/06, 139/06, 160/07, 159/08, 20/09, 139/09, 171/10, 135/11, 166/12, 187/13, 13/14, 116/15, 129/15, 199/15, 23/16 и 190/17).

Член 116

Одредбите од членовите 55, 56, 57, 84 и 92 од овој закон кои се однесуваат на оданочувањето на каматите од орочени депозити, како и одредбите од членовите 58, 59, 60, 61, 62, 84 и 92 од овој закон кои се однесуваат на оданочувањето на капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд, ќе се применуваат од 1 јануари 2023 година.

Член 117

Започнатите постапки до денот на започнување на примената на овој закон ќе завршат согласно Законот за персоналниот данок на доход („Службен весник на Република Македонија“ број 80/93, 70/94, 71/96, 28/97, 8/01, 50/01, 52/01, 2/02, 44/02, 96/04, 120/05, 52/06, 139/06, 160/07, 159/08, 20/09, 139/09, 171/10, 135/11, 166/12, 187/13, 13/14, 116/15, 129/15, 199/15, 23/16 и 190/17).

Член 118

Подзаконските прописи предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 119

Со денот на започнувањето на примената на овој закон престанува да важи Законот за персоналниот данок на доход („Службен весник на Република Македонија“ број 80/93, 70/94, 71/96, 28/97, 8/01, 50/01, 52/01, 2/02, 44/02, 96/04, 120/05, 52/06, 139/06, 160/07, 159/08, 20/09, 139/09, 171/10, 135/11, 166/12, 187/13, 13/14, 116/15, 129/15, 199/15, 23/16 и 190/17).

Член 120

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе започне да се применува од 1 јануари 2019 година.