Закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за „Проект за изградба на автопат – делница Миладиновци – Штип“ кој ќе се склучи меѓу Експорт – импорт банката на Кина и ЈП за државни патишта

Член 1

Република Македонија го гарантира намирувањето на обврските и исполнувањето на одредбите од Договорот за заем за “Проект за изградба на автопат – делница Миладиновци – Штип” кој ќе се склучи меѓу Експорт – импорт банката на Кина и ЈП за државни патишта во износ од 278.374.071,98 долари, доколку ЈП за државни патишта не ги исполнува и не ги сервисира обврските од Договорот за заем.

Член 2

Условите и начинот на користење на заемот од членот 1 од овој закон се утврдуваат со Договорот за заем кој ќе се склучи меѓу Експорт – импорт банката на Кина и ЈП за државни патишта за “Проект за изградба на автопат – делница Миладиновци – Штип”.

Член 3

Условите и начинот на активирање на гаранцијата од членот 1 од овој закон се утврдуваат со Гарантно писмо кое во име на Република Македонија ќе го потпише министерот за финансии.

Министерот за правда ќе издаде правно мислење за правната важност на Гарантното писмо од ставот 1 на овој член.

Член 4

Сите обврски кои произлегуваат од Договорот за заем од членот 1 од овој закон, како и сервисирањето на заемот, ќе го врши ЈП за државни патишта од приходите кои ги остварува во рокови и услови утврдени во Договорот за заем.

Член 5

Рокот на отплата на заемот од членот 1 од овој закон е 20 години, со вклучен грејс период од пет години.

Каматната стапка е фиксна каматна стапка и ќе изнесува 2% на годишно ниво за целото времетраење на заемот.

Заемот ќе се отплаќа во 30 еднакви полугодишни рати кои пристигнуваат за плаќање на 21 јануари и 21 јули.

Член 6

Во рок од 30 дена од датумот на склучувањето на Договорот за заем од членот 1 од овој закон на средствата од заемот ќе се плати еднократна провизија на Експорт – импорт банката на Кина во износ од 0,25% од износот на заемот.

На износот на неповлечените средства од заемот од членот 1 од овој закон ќе се плаќа провизија на Експорт – импорт банката на Кина во износ од 0,25% на годишно ниво.

Член 7

За регулирање на меѓусебните права и обврски кои произлегуваат од Договорот за заем и Договорот за гаранција, Министерството за финансии и ЈП за државни патишта ќе склучат посебен договор.

Член 8

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.