Закон за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица

ПРЕДМЕТ НА УРЕДУВАЊЕ

Член 1

Со овој закон се уредуваат условите, начинот и постапката за остварување на правото на враќање на дел од данокот на додадена вредност искажан во фискалните сметки на физичките лица (во понатамошниот текст: враќање на данокот).

Член 2

(1) Одредбите од овој закон не се однесуваат на фискалните сметки евидентирани кај правно лице, трговец поединец, физичко лице кое врши самостојна дејност и физичко лице регистрирано за цели на данок на додадена вредност, независно дали кон фискалната сметка е издадена или не е издадена сметкопотврда, фактура или друг документ.

(2) Одредбите од овој закон не се однесуваат и на фискалните сметки кои се издадени заедно со сметките кои се издаваат од лицата кои извршуваат континуиран промет и за кои се предвидени последователни плаќања (испорака на струја, вода, телефонски услуги, греење и ладење и друго).

ПРАВО НА ВРАЌАЊЕ НА ДАНОКОТ

Член 3

(1) Правото на враќање на данокот се однесува на данокот на додадена вредност искажан во фискалните сметки за купени добра или користени услуги, издадени согласно со Законот за регистрирање на готовински плаќања.

(2) Правото на враќање на данокот може да се оствари само еднаш за една иста фискална сметка, односно правото на враќање на данокот не се остварува за фискалната сметка која е веќе пријавена согласно со член 6 од овој закон.

(3) Враќањето на данокот може да се оствари во висина од 15% од данокот на додадена вредност искажан во поединечна фискална сметка.

(4) Правото на враќање на данокот се остварува за секое календарско тримесечје во кое е издадена фискалната сметка.

(5) Највисока основица за пресметување на данокот за враќање, за едно календарско тримесечје, е искажаниот данок на додадена вредност во фискалните сметки во висина од 12.000 денари.

Член 4

По исклучок од член 3 на овој закон, правото на враќање на данокот не се остварува за: 
1) Фискална сметка чиј вкупен промет надминува 30.000 денари и
2) Фискална сметка која е сторнирана.

Член 5

Право на враќање на данокот имаат физичките лица кои ги исполнуваат следните услови: 
1) Имаат навршени 15 години возраст;
2) Поседуваат валиден документ за идентификација издаден од надлежен орган на Република Северна Македонија (лична карта или патна исправа);
3) Се регистрирани корисници на системот за електронска пресметка за приход и данок (Е-ППД) на Управата за јавни приходи и
4) Поседуваат трансакциска сметка кај носител на платен промет во Република Северна Македонија.

НАЧИН И ПОСТАПКА ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВОТО НА ВРАЌАЊЕ НА ДАНОКОТ

Член 6

(1) Правото на враќање на данокот се остварува со пријавување на податоците од бар кодот на фискалната сметка преку апликативен софтвер за оваа намена на Управата за јавни приходи.

(2) Пријавувањето на податоците од став (1) на овој член се врши најдоцна во рок од 10 дена од датумот на издавање на фискалната сметка, по кој рок фискалната сметка не може да се користи за остварување на правото на враќање на данокот.

(3) Техничките карактеристики и начинот на користење на апликативниот софтвер за пријавување на податоците од фискалната сметка ги пропишува министерот за финансии.

Член 7

(1) Издавачот на фискални сметки има обврска да ги пријави во Управата за јавни приходи фискалните сметки кои ги сторнира и сторните сметки, за кои физичките лица немаат право на враќање на данокот согласно со член 4 точка 2) од овој закон.

(2) Пријавувањето на сметките од став (1) на овој член се врши до поднесување на даночна пријава за цели на данок на додадена вредност. Даночниот обврзник кој нема обврска за поднесување на даночна пријава за цели на данокот на додадена вредност, пријавувањето на сметките од ставот (1) на овој член го врши најдоцна до 25 во месецот по истекот календарското тримесечје.

(3) Пријавувањето на сметките од став (1) на овој член се врши со скенирање на бар-кодот од фискалната и сторната сметка со примена на мобилна или десктоп апликација на Управата за јавни приходи за оваа намена.

(4) Техничките карактеристики и начинот на користење на мобилната или десктоп апликацијата за пријавување на сторнираната фискална сметка и сторната сметка ги пропишува министерот за финансии.

Член 8

Враќањето на данокот се врши на трансакциската сметка од членот 5 точка 4) од овој закон, по службена должност од страна на Управата за јавни приходи, во рок од 60 дена по истекот на календарското тримесечје во кое е издадена фискалната сметка.

Член 9

(1) Најнискиот износ за враќање на данокот за едно календарско тримесечје изнесува 50 денари.

(2) Доколку износот на данокот за враќање е понизок од износот од став (1) на овој член, истиот се пренесува за исплата за наредното календарско тримесечје.

(3) Исплатата на средствата се врши од Буџетот на Република Северна Македонија, преку Управата за јавни приходи.

Член 10

Вратениот износ на данокот на додадена вредност согласно со овој закон не претставува доход кој подлежи на оданочување со данок на личен доход.

НАДЗОР

Член 11

(1) Надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон врши Управата за јавни приходи.

(2) На постапката за надзор се применуваат одредбите од Законот за даночна постапка.

ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

Член 12

(1) Глоба во износ од 200 до 400 евра во денарска противвредност на даночен обврзник правно лице (микро трговец), од 300 до 600 евра во денарска противвредност на даночен обврзник правно лице (мал трговец), од 500 до 750 евра во денарска противвредност на даночен обврзник правно лице (среден трговец) и од 750 до 1.000 евра во денарска противвредност на даночен обврзник правно лице (голем трговец), ќе му се изрече на издавачот на фискалната сметка доколку не ја пријави во Управата за јавни приходи фискалната сметка која ја сторнира и сторната сметка (член 7).

(2) Глоба во износ од 50 до 150 евра во денарска противвредност на одговорно лице во правно лице (микро трговец), од 100 до 200 евра во денарска противвредност на одговорно лице во правно лице (мал трговец), од 150 до 250 евра во денарска противвредност на одговорно лице во правно лице (среден трговец) и од 200 до 250 евра во денарска противвредност на одговорно лице во правно лице (голем трговец) ќе му се изрече за прекршоците од ставот (1) на овој член.

(3) Глоба во износ од 100 до 250 евра во денарска противвредност на даночен обврзник трговец поединец и лице кое самостојно врши дејност ќе им се изрече за прекршоците од ставот (1) на овој член.

Член 13

Глоба во износ од 100 до 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице кое пријавило фискална сметка спротивно на член 2 од овој закон.

Член 14

Одмерувањето на висината на глобите од овој закон се врши согласно со Законот за прекршоците.

Член 15

Надлежен орган за водење на прекршочна постапка и за изрекување на прекршочни санкции за прекршоците пропишани со овој закон е Управата за јавни приходи.

ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 16

Враќањето на данокот и исплатата на средствата на трансакциска сметка на физичките лица за третото календарско тримесечје од 2019 година, согласно со овој закон, ќе се изврши најдоцна до крајот на 2019 година.

Член 17

Подзаконските прописи утврдени со овој закон ќе се донесат во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 18

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе отпочне да се применува од 1 јули 2019 година.