Закон за Владата на Република Македонија

I. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ

Член 1

Co овој закон се уредуваат организацијата, начинот на работа и надлежноста на Владата на Република Македонија.

Член 2

Владата на Република Македонија (во натамошниот текст: Влада), како носител на извршната власт е орган на Република Македонија кој работите од својата надлежност ги врши самостојно, во рамките на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори, а врз основа на принципите на транспарентност, ефикасност и заштита на човековите слободи и права.

Член 3

(1) Владата ја избира и разрешува Собранието на Република Македонија (во натамошниот текст: Собрание) со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

(2) При предлагањето на составот на Владата, мандаторот предлага министри за секое од министерствата утврдени со закон и министри без ресор.

(3) Владата стапува на должност со денот на изборот.

Член 4

(1) Bo рамките на правата и должностите утврдени со Уставот и со закон, Владата ја утврдува економската и развојната политика на државата, утврдува мерки за нејзино остварување и му предлага мерки на Собранието за остварување на политиката што се од негова надлежност; ја утврдува политиката на извршување на законите и други прописи на Собранието, го следи нивното извршување и врши други работи утврдени со закон.

(2) Bo рамките на своите права и должности утврдени со Уставот и со закон, Владата и секој нејзин член, за својата работа одговараат пред Собранието.

Член 5

(1) Владата донесува Деловник за работа на Владата (во натамошниот текст: Деловник).

(2) Bo согласност со овој закон со Деловникот поблиску се утврдува внатрешната организација, начинот на работа, како и други прашања од значење за работата на Владата.

Член 6

Заради остварување на својата надлежност Владата донесува годишна програма за работа.

Член 7

(1) Владата е должна да ја информира јавноста за својата работа и за реализација на програмата од член 6 на овој закон.

(2) Владата нема да објави информации што се однесуваат на националната безбедност, службена и деловна тајна, како и на личните податоци на граѓаните согласно со законот со кој се уредува заштитата на личните податоци на граѓаните.

(3) Прашањата кои се однесуваат за начинот на информирање на јавноста за работата на Владата, се уредуваат со Деловникот.

II. НАДЛЕЖНОСТ НА ВЛАДАТА

Член 8

Владата, покрај надлежностите утврдени со Уставот, ги врши и следниве работи:
1) ја утврдува развојната и економска политика;
2) утврдува програма за активности во областа на одбраната и безбедноста и го обезбедува нивното спроведување;
3) презема мерки за остварување на слободата на пазарот и претприемништвото, како и мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот;
4) го поттикнува економскиот напредок и остварувањето на порамномерен просторен и регионален развој и побрз развој на стопански недоволно развиените подрачја;
5) утврдува стратегија за привлекување на странски инвестиции;
6) одлучува за располагањето и користењето на државниот капитал во согласност со закон;
7) го поттикнува и помага научниот и технолошкиот развој;
8) утврдува стратегија и презема мерки за вклучување во европските и евроатланските интеграции и други меѓународни структури;
9) ги следи и анализира состојбите за остварување и унапредување на човековите права и граѓанските слободи;
10) го поттикнува развојот на институциите на цивилното општество;
11) презема мерки за создавање услови за остварување на правата на граѓаните на образование, здравствена заштита, социjално осигурување и развојот на човечките ресурси;
12) презема мерки за создавање услови за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните и
13) врши и други работи утврдени со закон.

Член 9

Владата е должна кога ќе оцени дека не се извршуваат законите и другите прописи или не се остварува утврдената развојна и економска политика и мерките за остварување на таа политика, да преземе мерки за кои е овластена, односно да му предложи на Собранието преземање на соодветни мерки.

Член 10

За време на воена или вонредна состојба, ако не постои можност за свикување на Собранието, Владата донесува уредби со законска сила по прашањата од надлежност на Собранието.

III. ПРАВА И ДОЛЖНОСТИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ И ЧЛЕНОВИТЕ НА ВЛАДАТА

Член 11

(1) Претседателот на Владата раководи со работата на Владата, одговорен е за нејзината работа и остварува соработка со другите органи, јавни претпријатија и установи.

(2) Претседателот на Владата го насочува дејствувањето на Владата во целина и на нејзините членови во согласност со програмските определби и насоките што таа ги утврдува.

(3) Претседателот на Владата ги потпишува прописите и актите што ги донесува Владата и се грижи за нивното спроведување.

(4) Претседателот на Владата формира Канцеларија која ќе му помага во вршењето на неговите права и должности кои произлегуваат од Уставот, закон и Деловникот.

(5) Претседателот на Владата остварува соработка и со трговски друштва, здруженија на граѓани и други правни лица.

Член 12

(1) Членовите на Владата имаат право и должност да учествуваат во работата на Владата; да даваат иницијатива за подготвување на закони и други прописи за чие предлагање е надлежна Владата, на прописи и други акти што ги донесува Владата и за утврдување на насоки и ставови; да даваат иницијатива за донесување на одлуки од надлежност на Владата, како и да учествуваат во вршењето на други надлежности на Владата во согласност со заклучоците на Владата и Деловникот.

(2) Членот на Владата кој е определен да учествува во работата на други органи и тела е должен да постапува по овластувањата, насоките и ставовите на Владата.

Член 13

Министерот самостојно раководи со министерството за кое е избран, го следи и е одговорен за спроведувањето на законите и другите прописи.

Член 14

Претседателот на Владата ужива имунитет, како и пратениците во Собранието на Република Македонија. За неговиот имунитет одлучува Собранието.

Член 14-а

Претседателот на Владата на Република Македонија на кој му престанала функцијата има право на лично обезбедување од шест лица вработени во организационата единица за обезбедување на лица и објекти во Министерството за внатрешни работи, како и право на користење на службено возило и возач.

Лицата од ставот 1 на овој член се избираат од страна на претседателот на Владата на Република Македонија на кого му престанала функцијата.

Претседателот на Владата на Република Македонија на кој му престанала функцијата, правото од ставот 1 на овој член го остварува во период ист со периодот на времетраењето на извршувањето на функцијата претседател на Владата на Република Македонија и започнува да го остварува од денот по престанување на функцијата.

Претседателот на Владата на Република Македонија кој ја вршел функцијата пократко од една година, правото од ставот 1 на овој член го остварува во период од една година од денот по престанување на функцијата.

IV. ПРЕТСТАВУВАЊЕ И ПРЕНЕСУВАЊЕ НА ОВЛАСТУВАЊЕ

Член 15

Претседателот на Владата ја претставува Владата.

Член 16

(1) Претседателот на Владата од редот на министрите определува заменици.

(2) Претседателот на Владата го заменува неговиот заменик.

(3) Претседателот на Владата може да им довери на замениците вршење на одделни работи што произлегуваат од неговите права и должности.

Член 17

По овластување на претседателот на Владата, секој член на Владата може да ја претставува во Собранието и во работните тела на Собранието и да го застапува ставот на Владата.

Член 18

(1) Претседателот на Владата на предлог на министер може да овласти државен секретар или раководител на сектор од надлежното министерство да учествува во работата на работните тела во Собранието.

(2) Ако претседателот на Владата не го прифати предлогот од став (1) на овој член тогаш Владата одлучува за овластувањето.

V. НАЧИН НА РАБОТА НА ВЛАДАТА

Член 19

(1) По прашањата од својата надлежност Владата работи и одлучува ако на седницата присуствуваат повеќе од половината членови на Владата.

(2) Во случај на спреченост и отсуство на членот на Владата, на седницата на Владата може да присуствува и одлучува заменикот на министерот кој го заменува членот на Владата со сите негови права, должности и одговорности и истиот се засметува во мнозинството присутни како да е присутен членот кој го заменува.

(3) Седниците на Владата редовно ги свикува претседателот на Владата по сопствена иницијатива или по барање од најмалку 1/3 од членовите на Владата, a може и по барање на министрите на еден од коалиционите партнери во Владата.

Член 20

(1) Ha своите седници Владата одлучува со мнозинство гласови од членовите на Владата.

(2) Bo случај кога на седницата на Владата при гласањето се добие еднаков број гласови, за донесена се смета одлуката за која гласал претседателот на Владата.

(3) Гласањето на седниците на Владата е јавно, освен ако со Деловникот не е определено гласањето за одделни прашања да се врши тајно.

Член 21

(1) Владата може да одлучува и со мнозинство гласови на членовите на Владата присутни на седницата, кога презема итни мерки за ефикасно остварување на безбедноста на државата и спроведување на подготовките за одбрана и во други вонредни околности.

(2) Членот на Владата кој од оправдани причини не присуствувал на седницата на која се одлучувало за прашањата од став (1) на овој член, може да побара свикување на нова седница на Владата во рок од 24 часа од одржаната седница, на која ќе се расправа и ќе се одлучи по тие прашања.

Член 22

(1) По покана на претседателот на Владата, заради учество во расправата и давање мислења и предлози по прашањата за кои се повикани на седниците на Владата, без право на одлучување, можат да присуствуваат директори кои раководат со други органи на државната управа и управните организации, како и претставници на јавни претпријатија, здруженија на граѓани и фондации, установи и други правни лица.

(2) Bo Деловникот на Владата се определува кои други лица можат да присуствуваат на седниците на Владата.

Член 23

(1) За претресување на прашања од својата надлежност Владата може да образува одбори и комисии.

(2) Видот, бројот, составот и делокругот на работните тела од ставот (1) на овој член се уредуваат со Деловникот.

Член 24

(1) Владата образува стручни совети како постојани консултативни тела.

(2) Стручните совети од став (1) на овој член, на барање на Владата или по сопствена иницијатива, разгледуваат и даваат стручни мислења за определени правни, економски и други прашања.

(3) Претседателот и членовите на стручните совети ги именува и разрешува Владата на начин и во постапка утврдени во Деловникот.

VI. ОДНОСИ НА ВЛАДАТА CO СОБРАНИЕТО

Член 25

(1) Владата ги остварува односите со Собранието во рамките на правата и должностите утврдени со Уставот и со закон.

(2) Владата му дава мислење на Собранието за прашањата кои се во нејзина надлежност.

(3) Владата по предлозите за донесување на закон поднесени од други овластени предлагачи, доставува мислење до Собранието во рок од 15 дена од денот на приемот на предлозите.

VII. ОДНОСИ НА ВЛАДАТА CO ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Член 26

(1) Владата ги остварува односите со претседателот на Република Македонија во рамките на правата и должностите утврдени со Уставот и со закон.

(2) Bo остварувањето на своите права и должности Владата го информира претседателот на Република Македонија и може да побара од претседателот на Републиката да ја информира Владата за определени прашања кои произлегуваат од нивните надлежности во вршењето на извршната власт.

VIII. ОДНОСИ НА ВЛАДАТА СПРЕМА ОРГАНИТЕ НА ДРЖАВНАТА УПРАВА И CO ЕДИНИЦИТЕ НА ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА И ГРАДОТ СКОПЈЕ

Член 27

(1) Владата утврдува насоки и ставови за извршување на законите и другите прописи.

(2) Co насоките и ставовите се определува начинот на работата на министерствата, другите органи на државната управа и управните организации во извршувањето на законите и другите прописи, се определуваат рокови за донесување на акти за кои овие органи се овластени и за поднесување на извештаи по одделни прашања; се определува начинот на соработката со други државни органи, како и други прашања кои се од значење за остварувањето на функциите на овие органи.

Член 28

Владата може да даде упатства и насоки на определен министер, односно директор кој раководи со друг орган на државната управа и управна организација, како да ги изврши насоките и ставовите на Владата.

Член 29

(1) Владата, доколку смета дека одреден пропис кој го донел министер не е во согласност со Уставот, закон или друг пропис, може за тоа да му укаже на министерот.

(2) Владата може да задржи од извршување пропис кој го донел министер, доколку смета дека не е во согласност со Уставот, закон и друг пропис и му предлага на министерот во определен рок да го измени или повлече прописот.

Член 30

(1) Владата врши надзор над работата на министерствата и другите органи на државната управа и управните организации.

(2) Владата има право и должност да укине или поништи пропис или друг акт на министерствата, органите на државната управа и управните организации кој не е во согласност со Уставот, закон или друг пропис на Собранието, односно пропис на Владата.

(3) Владата има и други права и должности кон органите на државната управа утврдени со закон.

Член 31

Министрите се должни да ја известуваат Владата за актите кои ги донесуваат, а кои се однесуваат на начинот на остварувањето на уставните права на граѓаните, насоките на Владата, располагањето со финансиски средства (трошоци) и други значајни прашања од делокругот на министерството.

Член 32

(1) Ha органите на единиците на локалната самоуправа и на Градот Скопје, Владата може да им дава стручна и друга помош од значење за остварување и извршување на нивните задачи.

(2) Стручната помош се состои особено во: давање стручни мислења и упатства за примена на прописите, мислења за организациони и други прашања од интерес за правилно функционирање и унапредување на работата на органите од став (1) на овој член, како и други видови стручна и друга помош.

Член 33

Во остварувањето на соработката, органите на единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје на Владата и доставуваат податоци, информации и други материјали од значење за остварување на правата и должностите на Владата.

Член 34

Владата има право да укине или поништи пропис или друг акт на советот или на друг орган на единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје од доверената надлежност.

IX. АКТИ НА ВЛАДАТА

Член 35

(1) За извршување на законите Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци.

Член 36

(1) Co уредба со законска сила Владата уредува прашања од надлежност на Собранието во случај на воена или вонредна состојба ако не постои можност за свикување на Собранието.

(2) Co уредба Владата го уредува извршувањето на законите; утврдува начела за внатрешна организација на министерствата и другите органи на државната управа и уредува други односи во согласност со Уставот и со законите.

(3) Co одлука Владата одлучува за одделни прашања и мерки за извршување на законите; основа стручни и други служби за своите потреби и заеднички служби за потребите на Владата и на министерствата и другите органи на државната управа.

(4) Co упатство Владата го пропишува начинот на работата на министерствата и органите на државната управа.

(5) Co програма се утврдуваат одделни прашања од надлежност на Владата за кои е потребно утврдување на динамика и рокови. Програмата содржи и финансиски план за нејзината реализација.

(6) Co решение Владата врши именување и назначување, односно разрешување од должност на директори кои раководат со органи на државната управа, државен, односно генерален секретар и други именувања и разрешувања за кои е овластена и одлучува за други прашања и за управни работи.

(7) Co заклучок Владата зазема ставови по прашањата што ги претресувала на седница; утврдува мислења по предлозите на закони и други прописи и по материјали што до Собранието ги поднеле други овластени предлагачи; одлучува за определени прашања на внатрешната организација и односи во Владата; ги определува задачите на министерствата и органите на државната управа и задачите на своите служби и зазема ставови за прашањата од својата надлежност.

X. ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА ИЗВРШУВАЊЕ НА ОДЛУКИТЕ НА УСТАВНИОТ СУД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Член 37

Укинат

Член 38

Укинат

XI. ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА ВЛАДАТА

Член 39

(1) Владата има генерален секретар кого го именува и разрешува Владата.

(2) Во однос на Генералниот секретаријат, генералниот секретар ги има правата и должностите на функционер кој раководи со орган на државната управа, а неговата работа се утврдува со Деловникот.

(3) За својата работа и за работата на Генералниот секретаријат, генералниот секретар им одговара на претседателот на Владата и на Владата.

(4) На генералниот секретар на Владата, Владата му именува заменик.

ХI-А. ДРЖАВЕН СЕКРЕТАР

Член 39-а

Вон сила

Член 39-б

Вон сила

Член 39-в

Вон сила

ХII. СЕКРЕТАРИЈАТ, СТРУЧНИ И ДРУГИ СЛУЖБИ НА ВЛАДАТА

Член 40

(1) За вршење на определени стручни работи се основа Секретаријат за законодавство.

(2) Секретаријатот за законодавство ги врши работите што се однесуваат на обезбедување на конзистентноста на правниот систем и давање стручни мислења за усогласување на предлозите на законите и на другите прописи со Уставот на Република Македонија, со законодавството на Европската Унија и со меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Македонија и дава стручни мислења по прописите на општината за кои Министерството за локална самоуправа тоа ќе го побара.

Член 40-а

(1) Се основа Генерален секретаријат како стручна служба на Владата.

(2) Генералниот секретаријат обезбедува координација и стручна поддршка за потребите на Владата, претседателот на Владата, неговите заменици, како и на членовите на Владата во остварувањето на нивните надлежности; остварува соработка и координација со министерствата и другите органи на државната управа и за прашањата за стратешките приоритети на Владата и посебно за спроведувањето на Рамковниот договор, го координира предлагањето, донесувањето и следењето на извршувањето на Годишната програма за работа на Владата; ги обезбедува неопходните информации и стручни совети и мислења во врска со креирањето и анализа на политиките на Владата; оперативно ја следи и известува Владата за остварувањето на заклучоците на Владата; обезбедува ефикасна подготовка и одржување на седниците на Владата и на нејзините работни тела, обезбедува информации за јавноста; ги координира активностите во врска со спроведување на реформата на јавната администрација остварува соработка со Стручната служба на Собранието на Република Македонија, на Претседателот на Република Македонија и со стручните служби на други органи на државната власт, како и невладините организации и други правни лица; остварува управување со процесот на работењето, врши други стручни и логистички работи утврдени со Деловникот, како и други работи кои ќе ги определи претседателот на Владата и Владата.

(3) Редовното информирање на јавноста за работата на Владата и за донесените заклучоци го врши портпарол на Владата на Република Македонија, кој го именува и разрешува Владата.

Член 40-б

(1) За вршење на работите поврзани со европските прашања и обезбедување на координација на органите на државната управа и другите органи и институции, како и за вршење на други стручни работи од оваа област, се основа Секретаријат за европски прашања.

(2) Секретаријатот за европски прашања ги врши работите што се однесуваат на: обезбедување на координација и усогласување на работата на органите на државната управа и другите органи и институции, за подготвување на Република Македонија за членство во Европската унија, вклучително и за преговори за членство во Европската унија; обезбедување на координација на активностите за спроведување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација склучена меѓу Република Македонија и Европските заедници и нивните земји членки и другите договори склучени меѓу Република Македонија и Европската унија, како и на работните тела формирани во рамките на склучената спогодба и другите договори со Европската унија; обезбедување на координација на процесот на подготвување на Македонската верзија на aquis communitaire (правото на Европската унија); обезбедување на координација заради усогласување на работата на претставниците на Република Македонија во институциите и телата на Европската унија; обезбедување на координација заради усогласување на работата на Република Македонија како држава членка на Европската унија; обезбедување на координација на странската помош од Европската унија и нејзините земји членки и другата странска помош поврзана за реформите комплементарни на процесот на интегрирање на Република Македонија во Европската унија; информирање на јавноста за активностите поврзани со процесот на европска интеграција и европските прашања; како и други работи поврзани со Европската унија кои ќе ги определи Владата.

(3) Со Секретаријатот за европски прашања раководи членот на Владата задолжен за европски прашања кој ги има правата и должностите на функционер кој раководи со орган на државната управа.

Член 40-в

Избришан

Член 40-г

Избришан

Член 41

(1) За своите потреби Владата може да основа и други самостојни или заеднички стручни и други служби.

(2) Co актот за основање на службите од став (1) на овој член, се утврдува нивната организација и делокруг на работа.

Член 42

Одредбите за правата, должностите и одговорностите на директорите, раководните државни службеници и другите државни службеници утврдени co закон, се применуваат и на Секретаријатот за законодавство Генералниот секретаријат, Секретаријатот за европски прашања, и стручните и други служби на Владата доколку со овој закон поинаку не е определено

XIII ИЗБОРИ ЗА ВЛАДА ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ИЗБОРИ ЗА ПРАТЕНИЦИ

Член 43

Сто дена пред одржувањето на избори за пратеници, а по претходна оставка на претседателот на Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија ќе избере нова, преодна Влада за спроведување на избори на пратеници, предводена од нов претседател на Влада кој го предлага најголемата политичка партија што го формира владиното мнозинство.

Член 44

(1) Заради организирање на избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, Собранието на Република Македонија на предлог на претседателот на Владата на Република Македонија, сто дена пред денот на одржувањето на избори за пратеници во Собранието на Република Македонија избира министер за внатрешни работи и министер за труд и социјална политика, на предлог на опозицијата со мандат кој трае до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, по што мандатот им престанува по сила на закон.

(2) Министерот за внатрешни работи го предлага партијата во опозиција со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија, по претходна консултација со двете политички партии со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија.

(3) Министерот за труд и социјална политика го предлага партијата во опозиција со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија.

(4) Министерот за внатрешни работи може да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања, на пониско или повисоко место на носители на раководна позиција во министерството, во согласност со закон. Министерот за внатрешни работи може да изврши и хоризонтални распоредувања на вработените кои се на негов предлог во бројката до 10% од бројот на хоризонтални распоредувања базирани на просекот на овие распоредувања во 2013 и 2014 година.

(5) Министерството за финансии и другите органи на државната управа и правни субјекти, веднаш по изборот на министерот за внатрешни работи од ставот (1) на овој член, ги одобруваат постапките за ангажирање на лица за потребите на кабинетот на министерот за внатрешни работи.

(6) Со денот на именувањето на лице на раководната позиција од ставoт (4) на овој член, министерот е должен да именува дополнителен заменик на предлог на дополнителниот заменик министер.

(7) Дополнителниот заменик на раководниот службеник од ставот (6) на овој член, заедно и рамноправно учествува во спроведувањето на надлежностите кои произлегуваат од закон и подзаконските акти.

(8) Сите акти од надлежност на раководниот службеник треба да бидат потпишани и од раководниот службеник и од дополнителниот заменик на раководниот службеник. Доколку актот е потпишан само од едното лице се смета дека истиот не произведува правно дејство.

Член 45

Заради организација на избори за пратеници, Собранието на Република Македонија на предлог на претседателот на Владата на Република Македонија, именува дополнителен заменик на министерот (во натамошниот текст: дополнителен заменик на министерот) во:
– Министерството за внатрешни работи – предложен од политичката партија на власт со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија,
– Министерството за труд и социјална политика – предложен од политичката партија на власт со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија,
– Министерството за финансии – предложен од политичката партија во опозиција со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија,
– Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство предложен од политичката партија во опозиција со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија и
– Министерството за информатичко општество и администрација – предложен од политичката партија во опозиција со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија.

Член 46

(1) Мандатот на дополнителниот заменик на министерот трае од денот на неговиот избор до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, по што мандатот му престанува по сила на закон.

(2) Дополнителниот заменик на министерот заедно и рамноправно со министерот учествува во остварувањето на надлежностите предвидени во Законот за организација и работа на органите на државната управа.

(3) Дополнителниот заменик на министерот, заедно и рамноправно со министерот ги разгледува и ги потпишува сите акти и документи кои ги донесува министерот или лица овластени од него, заменикот на министерот како и државниот секретар во соодветното министерство, а се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите.

(4) Секој акт во смисла на овој закон се доставува до министерот и дополнителниот заменик на министерот. Министерот и дополнителниот заменик на министерот се должни веднаш, а најдоцна во рок од еден ден да го одобрат или одбијат актот во смисла на овој закон.

Член 47

Ако актот или документот од членот 46 ставови (3) и (4) од овој закон е одобрен, т.е. потпишан само од едното лице се смета дека истиот не произведува правно дејство.

Член 48

(1) Во случај на несогласување меѓу министерот и дополнителниот заменик на министерот во министерствата, во врска со тоа дали одредено правно, финансиско и кадровско прашање се однесува на организација на изборите, Државната изборна комисија е должна, во рок од 24 часа да донесе одлука и истата да ја проследи до односното министерство.

(2) Одлуката на Државната изборна комисија е конечна.

(3) Во случај на сомневање произлезено од можно незаконско постапување од страна на министерот и/или неговиот дополнителен заменик, може да се поднесе тужба до надлежниот суд. Во случај да се спорат административни процедури и одлуки, по истите може да се поднесе тужба до надлежниот Управен суд.

Член 49

(1) Со денот на именувањето, дополнителниот заменик на министерот има право на неограничен пристап до сите акти, документи и информации кои му се на располагање на министерот.

(2) Вработените во министерството на барање на дополнителниот заменик на министерот се должни да му ги достават сите акти, документи и информации кои му се на располагање на министерот.

Член 50

Правата утврдени во Законот за плати и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на СРМ” број 36/1990 и „Службен весник на Република Македонија” број 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/2008, 92/2009, 42/10, 97/10, 162/10, 111/12, 145/12, 170/13 и 139/14), му припаѓаат и на дополнителниот заменик на министерот од денот на именувањето до крајот на месецот во кој му престанала функцијата.

Член 51

(1) Дополнителниот заменик на министерот има право на посебни советници и кабинетски службеници чиј број е еквивалентен на бројот на посебните советници и кабинетски службеници во кабинетот на министерот, според Законот за административни службеници.

(2) Посебните работни места од ставот (1) на овој член може да се пополнат со административни службеници во постапка уредена со Законот за административни службеници (мобилност) или во постапка без објавување на јавен оглас.

(3) Вработувањето на посебните работни места од ставот (2) на овој член трае до истекот на мандатот на дополнителниот заменик на министерот.

(4) Вработувањето на посебните работни места од ставот (2) на овој член може да престане и пред истекот на мандатот на барање на дополнителниот заменик на министерот или на барање на вработениот.

(5) За време на извршување на работните задачи во кабинетот на дополнителниот заменик на министерот на вработениот од ставот (2) на овој член му мируваат правата од работниот однос од претходното работно место.

(6) Вработениот од ставот (2) на овој член има право да се врати кај претходниот работодавач на исто или слично работно место кое одговара на неговата стручна подготовка најдоцна во рок од пет дена од денот на престанувањето на причината за мирување на правата од претходниот работен однос.

(7) Платата и другите надоместоци на вработените од ставот (1) на овој член е соодветна на платата на посебните советници и кабинетски службеници во кабинетот на министерот.

XIII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 43

Избришан

Член 44

Co денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на СРМ” број 38/90 и “Службен весник на Република Македонија” број 63/94 и 63/98).

Член 45

Овој закон влегува во сила co денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.