Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

I. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ

Член 1

Предмет на Законот

Со овој закон се уредуваат правата, обврските и одговорноста на радиодифузерите, давателите на аудиовизуелните медиумски услуги по барање и операторите на јавни електронски комуникациски мрежи кои ги емитуваат или реемитуваат програмските сервиси на радиодифузерите.

Член 2

Цели на Законот

Целта на овој закон е во Република Македонија особено да се обезбеди:
– развој на аудио и и аудиовизуелните медиумски услуги,
– промовирање на слободата на изразување,
– развој на независната продукција,
– поттикнување, унапредување и заштита на културниот идентитет, јазикот и традицијата на заедниците во Република Македонија, почитување на културните и религиозните разлики, поттикнување на културата на јавен дијалог меѓу граѓаните со цел да се зацврстува заемното разбирање и толеранција за унапредување на односите меѓу различните заедници,
– поттикнување на творештвото, образовниот и научниот развој,
– заштита на интересите на корисниците особено на малолетните лица,
– развој на медиумската писменост,
– транспарентен, независен, ефикасен и отчетен јавен радиодифузен сервис,
– транспарентно, независно, ефикасно и отчетно регулаторно тело во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги,
– техничко-технолошки развој на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, конвергенција со електронските комуникации и услугите на информатичко општество,
– поттикнување и развој на конкуренцијата во аудио и аудиовизуелните медиумски услуги и реемитувањето на програмски сервиси преку јавни електронски комуникациски мрежи и
– развој на економијата во Република Македонија.

Член 3

Дефиниции

Одделни изрази, во смисла на во овој закон, го имаат следново значење:

1. Аудио или аудиовизуелна медиумска услуга е:
а) услуга која ја обезбедува давател на аудио или аудиовизуелна медиумска услуга и која опфаќа каква било форма на економска активност чија примарна цел е обезбедување на аудио или аудиовизуелни програми за да се информира, забавува и/или образува пошироката јавност преку електронски комуникациски мрежи и
б) аудио или аудиовизуелна комерцијална комуникација.
Услуги кои не претставуваат аудио или аудиовизуелни медиумски услуги се:
а) услуги што, пред сè, се нестопански и што не се во конкуренција со радио или телевизиското емитување, како што се приватните интернет страници и услуги што се состојат од обезбедување или дистрибуција на аудиовизуелна содржина создадена од приватни корисници за споделување и размена во рамките на заедници од интерес;
б) услуга на пренос, односно дистрибуција на програми за кои уредничката одговорност ја имаат трети лица;
в) каква било форма на приватна комуникација, како што е електронска пошта испратена до ограничен број примачи и
г) услуги чијашто примарна цел не е обезбедувањето на програми, т.е. каде што секоја аудиовизуелна содржина е само случајна за услугата и не е нејзина примарна цел како што се:
– интернет страници што содржат аудиовизуелни елементи само на помошен начин, како што се анимирани графички елементи, куси рекламни спотови или информации поврзани со некој производ или услуга која не е аудиовизуелна,
– игрите на среќа што вклучуваат паричен влог, вклучително и лотарии, обложување и други форми на услуги за коцкање,
– онлајн игри,
– пребарувачи,
– електронски верзии на весници и магазини и
– самостојни текстуално базирани услуги;

2. Аудиовизуелна програма е целина од подвижни слики со или без звук, што претставува посебен елемент во рамките на хронолошкиот редослед на програмите (програмска шема) или од каталогот со програми утврден од давател на аудиовизуелни медиумски услуги по барање. Аудиовизуелни програми се осмислени целини со забавна, образовна или со информативна функција. Пример за аудиовизуелни програми се играни филмови, спортски настани, комични серии, документарни емисии, детски програми, телевизиска драма и друго;

3. Аудио или радио програма е музичка и/или говорна содржина што претставува посебен елемент во рамките на хронолошкиот редослед на програмите (програмска шема). Аудио програми се осмислени целини од забавен, образовен или информативен вид;

4. Аудиовизуелна медиумска услуга по барање е нелинеарна медиумска услуга која ја обезбедува давател на аудиовизуелна медиумска услуга по барање и со која се обезбедува гледање програми во момент одбран од корисникот и на негово лично барање врз основа на каталог на програми утврден од страна на давателот на аудиовизуелната медиумска услуга по барање;

5. Аудио или аудиовизуелни комерцијални комуникации се звучни содржини или слики со или без звук што се направени:
– за директна или индиректна промоција на производите, услугите или имиџот на физичките или правните лица што вршат економска активност или
– за популаризација на некоја идеја или активност или за постигнување друг ефект.
Тие ја придружуваат или се вклучени во програмата за паричен или за друг надоместок или за самопромотивни цели на нарачателот. Форми на аудио или аудиовизуелно комерцијални комуникации меѓу другото се рекламирање, телешопинг, спонзорство и пласирање производи;

6. Давател на аудио или аудиовизуелна медиумска услуга е физичко или правно лице кое врши дејност на обезбедување на аудио или аудиовизуелна медиумска услуга и има уредничка одговорност за изборот на аудио или аудиовизуелната содржина и го определува начинот на кои тие се организирани. Давател на аудио или аудиовизуелна медиумска услуга, во смисла на овој закон, е радиодифузер или даватаел на аудиовизуелна медиумска услуга по барање. Лице кое врши само пренос, односно дистрибуција на аудио и/или аудиовизуелни програми за кои уредничката одговорност ја имаат трети лица, не се смета за давател на аудио или аудиовизуелна медиумска услуга;

7. Дополнителни услуги се аудиовизуелни медиумски услуги на обезбедување на содржини кои ги следат, односно ги надополнуваат аудиовизуелните програми кои се емитуваат преку електронски комуникациски мрежи. Пример за такви услуги меѓу другото се титлови, електронски програмски водич (EPG) и слично;

8. Емитување е изворно предавање на програми во аналоген или дигитален вид, наменети за прием од страна на јавноста што се распространуваат преку терестријален предавател, јавна електронска комуникациска мрежа или сателит;

9. Европски аудиовизуелни дела
1) европски аудиовизуелни дела, во смисла на овој закон, се:
– делата што потекнуваат од државите членки на Европската унија,
– дела што потекнуваат од трети европски држави кои се потписнички на Европската конвенција за прекугранична телевизија на Советот на Европа и кои ги исполнуваат условите од точката 3 на овој член и
– дела произведени во копродукција во рамките на договори кои се однесуваат на аудиовизуелниот сектор склучени меѓу Европската унија и трети земји и кои ги исполнуваат условите дефинирани во секој од тие договори;
2) одредбите од точката 1 алинеи 2 и 3 на овој член ќе се применуваат условно за делата кои потекнуваат од држави членки на Европската унија, а не се предмет на дискриминаторски мерки во трети земји;
3) делата од точката 1 алинеи 1 и 2 на овој член се оние кои се произведени претежно од автори и работници со живеалиште во една или повеќе држави од точката 1 алинеи 1 и 2 на овој член, доколку исполнуваат еден од следниве услови:
– да бидат произведени од еден или повеќе продуценти основани во една или повеќе од овие држави,
– производството на делата е надгледувано и фактички контролирано од еден или повеќе продуценти основани во една или повеќе од овие држави или
– уделот на копродуцентите од тие земји да преовладува во однос на вкупните трошоци за копродукција, а копродукцијата да не ја контролира еден или повеќе продуценти основани надвор од овие држави и
4) делата што не се европски, во смисла на точката 1 на овој член, туку се произведени во рамките на билатерални копродукциски договори потпишани меѓу државите членки на Европската унија и трети земји, ќе се сметаат за европски дела под услов копродуцентите од Европската унија да имаат мнозински удел во вкупните трошоци на продукцијата и продукцијата да не е контролирана од еден или од повеќе продуценти основани надвор од територијата на државите членки на Европската унија;

10. Македонски аудио или аудиовизуелни дела се делата изворно произведени од државјани на Република Македонија на македонски јазик, како и аудио или аудиовизуелни дела се делата изворно произведени од државјани на Република Македонија на јазиците на етничките заедници кои не се мнозинство во Република Македонија, како и делата на културното наследство во Република Македонија;

11. Независен продуцент е физичко или правно лице кое нуди продукција на аудио или аудиовизуелни дела, под услов:
– да нема учество во капиталот на радиодифузерот повеќе од 25% и
– радиодифузерот да нема учество во капиталот на продуцентот;

12. Програмски сервис или програмски канал е целина од програми и други елементи на една единствена аудио или аудиовизуелна медиумска услуга што ја обезбедува конкретен радиодифузер и што е наменета за прием од страна на јавноста;

13. Програма од сопствено производство е радио или телевизиска програма создадена по иницијатива и во организација на самиот радиодифузер. Како програма од сопствено производство се смета и програмата што се создава по нарачка на радиодифузерот (нарачана продукција), како и програмата произведена во копродукција. Во програма од сопствено производство не се смета рекламирањето, телешопингот и другите платени огласи;

14. Прикриени аудио или аудиовизуелни комерцијални комуникации е претставување со зборови, звуци или слики на стоки, услуги, име, заштитен знак или активности на производител на стоки или давател на услуги во програми, кога таквото претставување, од страна на давателот на аудио или аудиовизуелната медиумска услуга е наменето да служи како реклама и може да ја доведе јавноста во заблуда во врска со неговата природа. Таквото претставување се смета дека е извршено со намера особено доколку е направено за паричен или сличен надоместок;

15. Пласирање производ е секоја форма на аудио или аудиовизуелно комерцијална комуникација кое се состои од вклучување или посочување производ, услуга или заштитен знак во некоја програма, така што тие се вградени во нејзиното дејствие, за паричен или друг вид надоместок;

16. Радио емитување e линеарна аудио медиумска услуга која ја обезбедува радиодифузер со цел да овозможи истовремено слушање аудио програми врз основа на однапред утврден хронолошки редослед на програмите (програмска шема);

17. Радиодифузер е давател на аудио или аудиовизуелни медиумски услуги за радио или телевизиско емитување;

18. Реемитување на програмски сервиси е јавна електронска комуникациска услуга која ја обезбедува оператор на јавна електронска комуникациска мрежа и претставува примање и истовремено пренесување на радио или телевизиски програмски сервиси во целост и без каква било модификација во нивната програмска содржина, што радиодифузерите ги емитуваат за прием од страна на јавноста;

19. Рекламирање е секоја форма на огласување емитувано, односно објавено за паричен или за друг вид надоместок или за самопромотивни цели на физичко или на правно лице во врска со:
– трговија, бизнис, занает или професија со цел да се промовира понудата на производи и услуги, вклучувајќи недвижен имот, права и обврски во замена за плаќање или
– популаризација на некоја идеја или активност или за постигнување друг ефект;

20. Спонзорство е секој придонес од правно или физичко лице кое не е вклучено во обезбедувањето на аудио или аудиовизуелните медиумски услуги или во продукцијата на аудио или аудиовизуелни дела, заради финансирање на аудио или аудиовизуелни медиумски услуги или на програми, со цел да го промовира своето име, заштитен знак, имиџ, активности или производи;

21. Телевизиско емитување e линеарна аудиовизуелна медиумска услуга која ја обезбедува радиодифузер со цел да овозможи истовремено гледање аудиовизуелни програми врз основа на однапред утврден хронолошки редослед на програмите (програмска шема). Телевизиското емитување особено вклучува дигитално телевизиско емитување, пренос во живо (live streaming), емитување преку веб (webcasting) или обезбедување на медиумска услуга приближна на видео по барање;

22. Телевизиски или радио програмски сервис од општ формат е програмски сервис со програми главно од информативен, образовен, културен и забавен вид;

23. Телевизиски или радио програмски сервис од специјализиран формат е програмски сервис со најмалку 70% програми од ист вид (спортски, музички, културни, образовни, информативни или друго);

24. Телешопинг е емитување директни понуди до јавноста на производи или услуги, вклучувајќи недвижен имот, како и права и обврски во замена за плаќање. Директна понуда е секоја понуда која покрај информациите за добавувачот, карактеристиките и/или цената на производот или услугата, содржи и некој од следниве елементи: поштенска или електронска адреса, веб страница и/или телефонски број преку кои уште во текот на емитувањето може да се реализира купувањето. Форми на телешопинг се телешопинг спотови и телешопинг прозорци;

25. Телешопинг прозорци е непрекинато емитување на телешопинг со времетраење од најмалку 15 минути;

26. Уредничка одговорност во аудио или аудиовизуелна медиумска услуга значи одлучувачка контрола врз изборот на програмите и врз нивното организирање во хронолошкиот редослед на програмите (програмска шема), во случај на телевизиско или на радио емитување (линеарни услуги), или во каталогот на програми, во случај на  аудиовизуелни медиумски услуги по барање (нелинеарни услуги) и

27. Членови на семејство се брачниот и вонбрачниот другар, родители, деца, браќа и сестри, посвојувачи и посвоени деца, како и лица кои живеат во заедничко домаќинство.

II. НАДЛЕЖЕН ОРГАН

Член 4

Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

(1) Надлежен орган за работите што се предмет на овој закон е Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ( во натамошниот текст: Агенцијата).

(2) Агенцијата е самостојно и независно непрофитно регулаторно тело со статус на правно лице со јавни овластувања.

(3) Република Македонија е основач на Агенцијата. Имотот и средствата за работа на Агенцијата ги користи и со нив управува Агенцијата.

(4) Седиштето на Агенцијата е во Скопје.

(5) Агенцијата има печат.

(6) Печатот на Агенцијата има тркалезна форма. Во средината на печатот е грбот на Република Македонија, а околу него е натписот “Република Македонија – Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“.

(7) Работењето на Агенцијата се финансира од средствата обезбедени од Буџетот на Република Македонија, од приходите од надоместоците предвидени со овој закон, како и од заеми и друга финансиска и техничка помош.

Член 5

Начела во работата на Агенцијата

(1) Агенцијата во својата работа се грижи за постигнување на целите утврдени во членот 2 од овој закон.

(2) Агенцијата во својата работа е независна од друг државен орган или друго правно лице и треба да биде непристрасна кон нив.

(3) Агенцијата ги извршува работите во согласност со овој закон и прописите донесени врз основа на него, Законот за медиуми, Законот за општата управна постапка, доколку со овој закон поинаку не е одредено, други закони и стратешки документи на Република Македонија, како и меѓународните договори од областа на медиумите и аудиовизуелните медиумски услуги што ги склучила или на кои им пристапила Република Македонија.

Член 6

Надлежности на Агенцијата

(1) Агенцијата во согласност со овој закон:
– се грижи за обезбедување на јавност во работата на радиодифузерите,
– ја поттикнува слободата на изразување,
– се грижи за заштита и развој на плурализмот на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, охрабрува и поддржува постоење на разновидни, независни и самостојни аудио и аудиовизуелни медиумски услуги,
– презема мерки во согласност со овој закон во случаите кога е извршена повреда на одредбите на овој закон или на прописите донесени врз основа на него и условите и обврските од дозволите,
– се грижи за обезбедување заштита на малолетните лица,
– ги донесува актите кои произлегуваат од овој закон;
– се грижи за заштита на интересите на граѓаните во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги,
– утврдува постоење на недозволена медиумска концентрација,
– одлучува за доделба, одземање или продолжување на дозволите за телевизиско или радио емитување,
– презема мерки за времено ограничување на пренос и прием на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од други држави на територијата на Република Македонија согласно со членот 45 од овој закон,
– донесува листа на настани од големо значење за јавноста на Република Македонија,
– поттикнува медиумска писменост,
– врши надзор согласно со членовите 28, 29 и 30 од овој закон,
– ги води регистрите утврдени со овој закон;
– спроведува истражувања и анализи во врска со одделни прашања од областа на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги,
– врши мерење на гледаност или слушност на програмите, односно програмските
сервиси на радиодифузерите од Република Македонија и
– врши и други работи утврдени со овој закон.

(2) Начинот на мерење на гледаност или слушност на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите од Република Македонија го пропишува Агенцијата.

Член 7

Деловник за работа на Агенцијата

(1) Работењето на Агенцијата поблиску се уредува со Деловник за работа на Агенцијата.

(2) Деловникот за работа на Агенцијата особено содржи одредби за:
– заштитен знак и изработка и употреба на печати на Агенцијата,
– начин и постапка за водење на седниците на Советот на Агенцијата,
– постапка за именување и разрешување на претседателот и заменик на претседателот на Советот на Агенцијата,
– постапка за именување и разрешување на директор на Агенцијата,
– постапка за донесување на подзаконските акти и другите акти кои произлегуваат од овој закон,
– начин и постапка за доделување, одземање или продолжување на дозвола за телевизиско или радио емитување,
– начинот и постапката на водење на регистрите утврдени со овој закон и
– други одредби од значење за работењето на Агенцијата.

(3) Деловникот за работа на Агенцијата е јавно достапен и истиот се објавува на веб страницата на Агенцијата во рок од седум дена од денот на неговото донесување.

Член 8

Отчетност за работата на Агенцијата

(1) Агенцијата за својата работа дава отчет пред Собранието на Република Македонија со доставување на извештај за својата работа.

(2) Извештајот од ставот (1) на овој член Агенцијата јавно го објавува на својата веб страница и истиот го доставува до Собранието на Република Македонија на разгледување најдоцна до 31 март во тековната година.

(3) Извештајот од ставот (1) на овој член содржи:
а) годишен извештај за работа на Агенцијата за претходната година и
б) годишна програма за работа на Агенцијата за наредната година.

(4) Годишниот извештај за работа на Агенцијата за претходната година од ставот (3) точка а) на овој член особено соджи:
– извештај за реализацијата на активностите утврдени во годишната програма за работа на Агенцијата, за претходната година, во кој треба да се прикаже реализацијата на годишниот план за програмски надзор,
– финансиски извештај за реализација на финансискиот план за претходната година и годишна сметка со податоци за реализирани приходи, расходи, побарувања и обврски за претходната година групирани по структура и по организацона структура на Агенцијата и
– ревизорски извештај од независен меѓународен овластен ревизор и ревизорски извештај од Државниот завод за ревизија, доколку е извршена ревизија од него, како и став на Агенцијата во однос на резултатите од извршената ревизија.

(5) Со годишната програма за работа на Агенцијата за наредната година од ставот (3) точка б) на овој член се утврдени задачите и целите кои Агенцијата треба да ги исполни наредната година, согласно со овој закон и истата особено треба да содржи:
– програма на планирани активности и
– финансиски план за нaредната година, кој содржи податоци за реализација на планираните активности, планираните приходи и расходи на Агенцијата за наредната година групирани по структура и по организациона структура на Агенцијата, како и предвидените капитални инвестиции на Агенцијата за наредната година.

(6) Нереализираните средства од финансискиот план на Агенцијата од претходната година се пренесуваат во финансискиот план на Агенцијата за наредната година.

Член 9

Транспарентност во работењето на Агенцијата

(1) Агенцијата е должна да спроведува јавни истражувања и анализи во поглед на развојот и состојбите на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

(2) Агенцијата е должна најмалку еднаш на три месеци во текот на годината да организира јавни состаноци со цел да им овозможи на сите заинтересирани страни, да ги изразат нивните ставови и мислења по однос на развојот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во Република Македонија, а особено за:
– состојбите на пазарот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во Република Македонија и
– реализација на активностите и исполнување на целите од годишната програма за работа на Агенцијата.

(3) Добиените ставови и мислења од ставот (2) на овој член, како и ставот на Агенцијата по однос на истите во рок од седум дена од денот на одржувањето на јавниот состанок се објавуваат на веб страницата на Агенцијата.

(4) Агенцијата со подзаконски акт поблиску ги уредува:
– постапката и начинот на примање на предлози од заинтересираните страни,
– начинот и местото на објавување на конкурсите, пријавени кандидати и други информации поврзани со постапка за доделба на дозволи и
– податоците и информациите што Агенцијата ќе ги објавува како и начинот на пристап до истите, согласно со закон.

Член 10

Влијание на јавноста

(1) Агенцијата пред да донесе или измени подзаконски акт од своја надлежност, како и пред да ја донесе годишната програма за работа за наредната година, на својата веб страница јавно ќе го објави предложениот подзаконски акт, односно предложената годишна програма за работа за наредната година со цел да обезбеди јавна расправа, односно да им овозможи на сите заинтересирани страни да ги изразат своите мислења, гледишта и ставови во однос на предложениот подзаконски акт или предложената годишна програма за работа за наредната година.

(2) Рокот на траењето на јавната расправа од ставот (1) на овој член не смее да да биде пократок од 30 дена од денот на објавувањето на актите од ставот (1) на овој член.

(3) По истекот на рокот од ставот (2) на овој член, а пред донесувањето на подзаконскиот акт, Агенцијата има обврска јавно да ги објави на својата веб страница добиените мислења и коментари, како и ставот на Агенцијата по однос на истите.

Член 11

Органи на Агенцијата

Органи на Агенцијата се Совет и директор.

Член 12

Совет

(1) Советот е составен од седум члена.

(2) Членовите на Советот треба да ја претставуваат различноста на македонското општество со соодветна застапеност на двата пола.

(3) Членовите на Советот ако постапат спротивно на одредбите на овој закон, одговараат неограничено и солидарно за штетата настаната со таквата одлука. Нема да се смета за одговорен оној член на Советот кој укажал дека начинот на постапување е спротивен на овој закон, на начин што го издвоил своето мислење во записникот од седницата.

(4) Членовите на Советот се професионално ангажирани во Агенцијата со полно работно време со право на:
– месечен надоместок во висина до четири просечни месечни плати во Република Македонија според податоците објавени од Државниот завод за статистика, согласно со Деловникот за работа на Агенцијата,
– надоместок за патни трошоци, сместување и дневници за службено патување согласно со Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија.

(5) Средствата за месечниот надоместок и на другите трошоци на членовите на Советот се обезбедуваат од средствата на Агенцијата утврдени со финансискиот план.

(6) Работата на Советот поблиску се уредува со Деловникот за работа на Агенцијата во согласност со овој закон.

(7) Советот работи со кворум од најмалку пет члена, а одлуките и другите акти ги донесува со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.

(8) Советот за надлежноста од член 18 алинеја 15 од овој закон одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот во кое мора да има мнозинство гласови од вкупниот број членови на Совет кои припаг?аат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

(9) Советот од редот на своите членови избира и разрешува претседател и заменик на претседателот, на начин и по постапка утврдена со Деловникот за работа на Агенцијата.

Член 13

Седници на Советот

(1) Седниците на Советот ги свикува претседателот на Советот по сопствена иницијатива, а во случај на негово отсуство или спреченост по иницијатива на заменикот на претседателот на Советот. Претседателот на Советот е должен да свика седница на Советот по писмен предлог на три члена на Советот, или по писмен предлог на директорот на Агенцијата, најкасно во рок од три дена од денот на приемот на предлогот.

(2) Претседателот на Советот претседава на седниците на Советот и го претставува Советот, а во случај на негово отсуство или спреченост обврските ги извршува заменикот на претседателот на Советот.

(3) Одлуките и другите акти на Советот ги потпишува претседателот на Советот, или во случај на негова спреченост, заменикот на претседателот на Советот, најдоцна во рок од три дена од денот на нивното донесување.

(4) На седниците на Советот присуствува и директорот на Агенцијата, без право на глас, а можат да присуствуваат и други лица вработени во стручната служба на Агенцијата, како и други надворешни лица согласно со Деловникот за работа на Советот.

(5) Ако член на Советот смета дека има директен или индиректен приватен инетерес во врска со донесувањето на одлуки од надлежност на Советот, членот на Советот е должен за тоа да го извести Советот. Во овој случај Советот постапува во согласност со Законот за спречување на судир на интереси.

(6) Агенцијата на својата веб страница ги објавува дневниот ред од седниците на Советот најдоцна еден ден пред денот на нивното одржување, усвоените записници од седниците на Советот со изјаснувањето и гласањето на членовите на Советот, хрониките од седниците, како и донесените одлуки и другите акти, во рок од седум дена од денот на одржувањето на седницата.

(7) Материјалите за седниците на Советот ги подготвува стручната служба на Агенцијата и истите се доставуваат до сите членови на Советот на начин и во рок утврден во Деловникот за работа на Агенцијата.

(8) Советот е должен да одржи најмалку една седница во месецот.

Член 14

Именување на членови на Советот

(1) Собранието на Република Македонија ги именува членовите на Советот врз основа на претходно спроведен јавен конкурс и организирана јавна расправа за кандидати за членови на Советот.

(2) Собранието на Република Македонија објавува јавен конкурс на кој можат да се пријават кандидати за членови на Советот, најдоцна шест месеци пред истекот на мандатот на член на Советот.

(3) Кандидатите за членови на Советот кои се пријавиле на јавниот конкурс се должни да достават кандидатура во која детално ќе го наведат своето работно искуство и достигнувања во областа за која се стручни, изјава дека ги исполнуваат условите утврдени во членот 16 од овој закон и писма за поддршка од:
– две граѓански организации кои се активни подолго од пет години и кои постигнале резултати во сферата на медиумите и човековите права или
– најмалку едно новинарско здружение или
– релевантно здружение, асоцијација или комора од областа на информатичко-комуникациски технологии и услуги или
– две високо-образовни установи кои имаат студиски програми од областа на комуникологијата, новинарството, културата, економијата или правото.

(4) Комисијата за прашањата на изборите и именувањата е должна да провери дали кандидатите кои се пријавиле на конкурсот ги исполнуваат условите за пријавување на јавниот конкурс, како и условите за спречување на конфликт на интереси, утврдени во член 16 од овој Закон.

(5) Комисијата е должна во рок од еден месец по завршувањето на јавниот конкурс да организира јавна расправа за кандидатите кои ги исполнуваат условите утврдени во член 16 од овој Закон, на која ќе ги покани организациите кои дале поддршка на кандидатите, други медиумски и професионални новинарски организации, невладини организации од медиумската сфера и други релевантни субјекти.

(6) По завршувањето на јавната расправа, Комисијата за прашањата на изборите и именувањата ја составува предлог-листата на кандидати за членови на Советот. За конечната предлог-листа на кандидати за членови на Советот Комисијата одлучува со двотретинско мнозинство.

(7) При утврдувањето на предлогот на кандидати за членови на Советот, Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија води сметка за соодветна и правична родова и етничка застапеност на граѓаните на Република Македонија.

(8) При утврдувањето на предлогот на кандидати за членови на Советот, Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија не смее да предложи повеќе од двајца кандидати поддржани од ист поддржувач определен со ставот (3) на овој член.

(9) Собранието на Република Македонија ги именува членовите на Советот со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

(10) Собранието на Република Македонија најдоцна еден месец пред истекот на мандатот на членот на Советот, треба да именува нов член на Советот.

(11) Претседателот на Советот е должен да го извести Собранието на Република Македонија за истекот на мандатот на член на Советот не подоцна од шест месеци пред истекот на истиот.

(12) Претседателот или членовите на Советот кои ги извршуваат овие функции може да бидат разрешени ако повеќе не ги исполнуваат условите потребни за извршување на функцијата. Постапката за разрешување е јавна.

Член 15

Мандат на членовите на Советот

(1) Членовите на Советот се именуваат за период од пет години.

(2) Членовите на Советот имаат право на уште еден мандат, врз основа на истата постапка утврдена во членот 14 од овој Закон.

(3) Во случај кога член на Советот ќе поднесе оставка или мандатот ќе му престане пред истекот на времето за кое е именуван, Собранието на Република Македонија ќе именува нов член на Советот врз основа на истата постапка утврдена во членот 14 од овој Закон.

(4) Советот може да работи доколку се именувани најмалку пет члена на Советот.

(5) Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги не смее да бара или да прифаќа упатства од било кое друго тело во врска со извршувањето на задачите кои им се доделени според овој закон. Ова не го спречува надзорот врз Агенцијата, определен со закон.

Член 16

Услови за именување

(1) Членови на Советот може да бидат лица државјани на Република Македонија со високо образование, работно искуство од најмалку осум години во струката и кои во јавноста се истакнале во областа на комуникологијата, новинарството, информатиката, културата, економијата или правото.

(2) За член на Совет не може да биде именуван:
– пратеник, член на Владата на Република Македонија, лице кое е именувано од страна на Собранието или Владата на Република Македонија, лице кое раководи со единица на локалната самоуправа, директор или член на управен или надзорен одбор на јавно претпријатие,
– лица кои извршуваат должност во органите на политичка партија или на верска заедница,
– лице кое е сопственик на удели или акции, член на орган на управување или лице кое на директен или индиректен начин има интерес во правно лице кое се занимава со аудио или аудиовизуелни медиумски услуги или во друштво кое врши слична дејност (рекламирање, електронски комуникации, производство и продажба на аудио и аудиовизуелна техничка стока и слично), а се однесуваат на аудио/аудиовизуелни медиумски услуги и оператори и/или даватели на јавни електронски комуникациски мрежи и услуги,
– лице чии членови на семејството имаат удели или акции или се членови на органи на управување во радиодифузери или
– лице кое е правосилно осудено на казна затвор подолга од шест месеци или ако му е изречена мерка забрана за вршење професија, дејност или должност подолго од шест месеци се додека казната, односно мерката не биде избришана од соодветниот регистар согласно со закон.

(3) За членови на Советот не може да бидат избрани лица кои биле членови на раководни органи на политички партии во последните 10 години, сметано од денот на објавување на Конкурсот.

(4) Членовите на Советот не смеат од радиодифузерите, давателите на аудиовизуелни медиумски услуги по барање и од операторите на јавни електронски комуникациски мрежи кои емитуваат, односно реемитуваат програмски содржини да примаат подароци, да прифаќаат услуги, ниту да стапуваат во односи кои би ги довеле до судир на интереси.

Член 17

Престанок на мандат на член на Советот

(1) На член на Советот му престанува мандатот по сила на закон пред истекот на времето за кое е именуван во следниве случаи:
– на негово барање,
– со прифаќање на функции или работа што се неспоиви со функцијата член на Советот согласно со овој закон,
– ако е правосилно осуден за кривично дело за кое е предвидена казна затвор во траење подолго од шест месеци или му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење професија, дејност или должност во траење подолго од шест месеци,
– ако не е во можност да ја извршува должноста повеќе од шест месеци во континуитет,
– настапила некоја од пречките за членство во Советот предвидени во членот 16 од овој закон,
– неоправдано отсуствува од три последователни седници на Советот или од пет седници во текот на една година согласно Деловникот за работа на Агенцијата или
– ако се утврди дека членот на Советот во постапката за негово именување дал невистини податоци или пропуштил да изнесе некои информации кои се важни за неговото именување.

(2) За исполнување на условите за престанување на мандатот на член на Советот пред истекот на времето за кое е именуван, предвидени во ставот (1) на овој член претседателот, односно заменикот на претседателот на Советот е должен да го извести Собранието на Република Македонија во рок од пет дена од денот на исполнувањето на условите од ставот (1) на овој член. Во овој случај се применува постапката утврдена во членот 14 од овој закон.

Член 18

Надлежности на Советот

Советот ги има следниве надлежности:
– донесува одлука за распишување на јавен конкурс за доделување на дозвола за телевизиско или радио емитување,
– донесува одлука за доделување, одземање или продолжување на дозволата за телевизиско или радио емитување,
– донесува одлука со која се дозволува, односно забранува промена во сопственичката структура на радиодифузер,
– донесува одлука со која се поништува одлуката со која е дозволена промена во сопственичката структура на радиодифузер,
– донесува одлука за поведување на постапка за утврдување на постоење на недозволена медиумска концентрација, по службена должност,
– донесува одлука со која се утврдува постоење на недозволена медиумска концентрација,
– го информира органот надлежен за авторските права и сродните права кога се сомнева дека е сторена повреда на истите,
– ги донесува подзаконските акти кои произлегуваат од овој закон,
– ги донесува општите акти за работа на Агенцијата,
– го донесува Деловникот за работа на Агенцијата,
– ја усвојува завршната сметка на Агенцијата,
– ги одобрува годишниот извештај за работа за претходната година и годишната програма за работа за наредната година на Агенцијата кои се составен дел на извештајот за работа на Агенцијата од членот 8 од овој закон,
– го донесува годишниот план за вршење на програмски надзор и Методологијата за вршење на програмски надзор,
– одлучува за преземање мерки за времено ограничување на пренос и прием на аудио или аудиовизуелни медиумски услуги од други држави на територијата на Република Македонија,
– донесува одлука за утврдување на листа на настани од големо значење за јавноста на Република Македонија,
– донесува Кодекс за однесување на членовите на Советот и вработените во стручната служба на Агенцијата,
– ги избира и разрешува директорот и заменикот на директорот на Агенцијата во согласност со овој закон и по постапка утврдена во Деловникот за работа на Агенцијата,
– дава одобрување за донесување на одлуките на директорот на Агенцијата за располагање со имотот, како и за вработувањата и отпуштањата на вработените во стручната служба на Агенцијата,
– го следи спроведувањето на годишната програма за работа на Агенцијата преку кварталните извештаи доставени од директорот на Агенцијата,
– донесува одлуки за преземање мерки во согласност со овој закон во случаите кога е извршена повреда на одредбите на овој закон или на прописите донесени врз основа на истиот и условите и обврските од дозволите,
– донесува одлуки за преземање на мерки за времено ограничување на пренос и прием на аудио или аудиовизуелни медиумски услуги од други држави на територијата на Република Македонија и
– врши и други работи утврдени со овој закон.

Член 19

Директор на Агенцијата

(1) Советот избира директор на Агенцијата по пат на јавен конкурс. Кандидатот мора да има завршено високо образование и работно искуство од најмалку осум години во областа на комуникологијата, новинарството, информатиката, културата, економијата или правото, како и искуство во раководење со организација од најмалку четири години.

(2) Кандидатот за Директор на Агенцијата за ААВМУ да не бил член во органи и тела на политичкa партија и да не бил избрано или именувано лице, функционер кој раководи со орган на државна управа, министерство и раководен орган на јавно претпријатие и акционерско друштво, основани од државата во период од 10 години, засметано наназад од годината во којашто ја поднесува кандидатурата.

(3) Избраниот кандидат за Директор на Агенцијата за ААВМУ не смее да биде член во органи и тела на политичка партија во периодот додека ја извршува функцијата.

(4) Советот е должен да го избере директорот на Агенцијата не подоцна од 30 дена пред истекот на мандатот на неговиот претходник.

(5) Директорот, неговиот брачен другар или вонбрачен другар, како и блиски роднини во права линија до второ колено, не можат да имаат дел на акции, директно или индиректно во организации што извршуваат активности што директно спаѓаат под надлежност на Агенцијата.

(6) Директорот е професионално ангажиран во Агенцијата со полно работно време.

(7) Советот избира и заменик на директорот на Агенцијата по пат на јавен конкурс со ист мандат како мандатот на директорот на Агенцијата.

(8) Заменикот на директорот на Агенцијата го заменува директорот на Агенцијата во случај кога тој е отсутен или кога поради болест или други причини не е во можност да ја врши својата функција, во сите негови надлежности и одговорности во раководењето.

(9) Заменикот на директорот на Агенцијата во соработка со директорот на Агенцијата врши работи од надлежност на директорот на Агенцијата што тој ќе му ги довери.

(10) Одредбите од ставовите (1), (2), (3), (4), (5) и (6) на овој член важат и за заменикот на директорот на Агенцијата.

Член 20

Надлежност на директорот

(1) Директорот ја организира и раководи со работата на Агенцијата, одговорен е за законитото работење на Агенцијата и ги има следниве надлежности:
– ја застапува и претставува Агенцијата,
– потпишува договори во име на Агенцијата,
– ги предлага општите акти за работа на Агенцијата,
– го предлага Деловникот за работа на Агенцијата, годишниот извештај за работа и годишната програма за работа на Агенцијата кои се составен дел на извештајот за работа на Агенцијата од членот 8 од овој закон,
– го предлага годишниот план за вршење на програмски надзор и Методологијата за вршење на програмски надзор,
– донесува решенија за прашања од надлежност на Агенцијата,
– издава потврди за регистрација утврдени со овој закон,
– ги предлага одлуките од надлежност на Советот,
– ги предлага подзаконските акти што се од надлежност на Советот,
– предлага листа на настани од големо значење за јавноста на Република Македонија,
– дава овластувања на други лица во рамките на своите надлежности,
– одлучува за вработувања и распоредување на вработените во стручната служба на Агенцијата и
– врши и други работи утврдени со овој закон и Деловникот за работа на Агенцијата.

(2) Директорот е должен на Советот да му доставува квартални извештаи за спроведување на годишната програма за работа на Агенцијата, како и квартални извештаи за преземените мерки во согласност со овој закон во случаите кога е извршена повреда на одредбите на овој закон или на прописите донесени врз основа на него и условите и обврските од дозволите.

(3) Мандатот на директорот е пет години, со право на уште еден мандат.

(4) Ако мандатот на директорот е завршен, а постапката за избор на директор не е завршена, директорот продолжува да ја врши функцијата се додека не се изврши избор на директор, но не подолго од шест месеци.

Член 21

Разрешување на директорот

(1) Директорот може да биде разрешен од Советот само во следниве случаи:
а) на негово барање;
б) во случај на спреченост за вршење на функцијата поради болест подолго од шест месеци;
в) прифаќање на функција или работа што се неспоиви со неговата функција на директор;
г) ако е осуден за кривично дело за кое му е изречена казна затвор во траење подолго од шест месеци или му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење професија, дејност или должност, во траење подолго од шест месеци;
д) повреда на одредбите на овој закон или на прописите врз основа на него што може да се утврди од извештајот за работа на Агенцијата или
ѓ) злоупотреба на функцијата според ревизорскиот извештај од членот 8 од овој закон.

(2) На директорот против кого е во тек постапка за разрешување му се овозможува одбрана пред Советот.

(3) Одлуката за разрешување на директорот покрај другото треба да ги содржи причините за неговото разрешување, детално образложени и истата се објавува на веб страницата на Агенцијата во рок од седум дена од денот на нејзиното донесување.

(4) Ако директорот е разрешен, а постапката за избор на директор не е завршена, функцијата директор ќе ја врши заменикот на директорот на Агенцијата, за период не подолг од три месеци.

(5) Одредбите од ставовите (1), (2) и (3) на овој член важат и за заменикот на директорот на Агенцијата.

(6) Одлуката од ставот (3) на овој член е конечна, а против истата може да се поднесе тужба до надлежниот суд, согласно со закон.

Член 22

Организација и вработување во Агенцијата

(1) Стручните, нормативно-правните, управните, управно-надзорните, материјално-финансиските, сметководствените, информатичките и другите работи на Агенцијата ги врши стручна служба чија внатрешна организација, делокруг на работа и услови за вработување поблиску се уредуваат со актите за внатрешна организација и систематизација на работите и задачите, согласно со Законот за работните односи.

(2) Одредбите од Законот за државните службеници не се применуваат на вработените во Агенцијата.

(3) Во состав на стручната служба на Агенцијата задолжително постои организациона единица за вршење на програмски надзор (мониторинг) на програмите кои се емитуваат од страна на радиодифузерите, давателите на аудиовизуелни медиумски услуги по барање и програмските пакети на операторите на јавни електронски комуникациски мрежи кои реемитуваат програмски сервиси од аспект на почитувањето на одредбите на овој закон, подзаконските акти и другите акти донесени од Агенцијата, дозволите и издадените потврди за регистрација, во согласност со годишниот план за вршење на програмски надзор и Методологијата за вршење на програмски надзор што ја утврдува Агенцијата со подзаконски акт.

(4) Стручната служба ги извршува работите од својата надлежност самостојно и непристрасно, придржувајќи се кон постапките утврдени со овој закон и прописите донесени врз основа на него.

(5) Вработен во стручната служба e должен да одбие налог да постапи спротивно на одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на него, како и другите акти на Агенцијата дури и кога таквиот налог доаѓа од претпоставен и за тоа да го извести директорот, претседателот и другите членови на Советот.

(6) Однесувањето на вработените во стручната служба на Агенцијата при вршењето на надлежностите утврдени со овој закон, прописите донесени врз основа на него и другите акти на Агенцијата поблиску се уредуваат со Кодекс за однесување на вработените во стручната служба кој го донесува Агенцијата и го објавува на нејзината веб страница.

Член 23

Мерки во случај на повреда на прописите

(1) Доколку се констатира непочитување, повреда или прекршување на одредбите од овој закон и подзаконските акти донесени врз основа на истиот, како и на условите и обврските утврдени со дозволата и другите акти на Агенцијата, против издавач на медиум, давателот на аудиовизуелни услуги по барање или операторот на јавни електронски комуникациски мрежи кои врши реемитување на програмски сервиси, Советот на Агенцијата може да ги преземе следниве мерки:
– јавна опомена,
– ќе поведе прекршочна постапка во случај кога и покрај изречената јавната опомена не го прекине прекршувањето и продолжува со вршење на истата повреда за која е опоменат, во рок утврден од страна на Советот на Агенцијата, согласно одредбите од овој закон,
– одземање на дозволата или
– ќе спроведе постапка за бришење од регистарот на даватели на аудиовизуелни медиумски услуги или од регистарот на радиодифузери, согласно одредбите од овој закон.

(2) За изречените мерки од став 1 алинеи 1 и 4 Советот на Агенцијата донесува соодветно решение. За мерката од алинеја 2 Советот на Агенцијата донесува предлог за поведување на прекршочна постапка. За мерката од алинеја 3 Советот на Агенцијата донесува Одлука. Против донесените решенија и одлуки е дозволена судска заштита, согласно член 24 од овој закон.

(3) Пред изрекувањето на јавната опомена, Советот на Агенцијата ќе побара од издавачот на медиумот да се изјасни во писмена форма за стореното непочитување, повреда или прекршување на одредбите од овој закон и подзаконските акти донесени врз основа на истиот, како и на условите и обврските утврдени со дозволата и другите акти на Агенцијата.

(4) Пред изрекување на мерките од ставот (1) алинеи 3 и 4, Советот на Агенцијата е должен да обезбеди јавна седница на која претставник на медиумот ќе ги образложи и аргументира постапките и причините за постапувањето на медиумот.

(5) По исклучок на одредбата од ставот (1) алинеја 2 на овој член, доколку се утврди непочитување на одредбите од членот 91 од овој закон, Советот на Агенцијата ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка без претходно да донесе решение за јавна опомена.

(6) Изречените мерки пропишани со овој член, со детално образложение, Агенцијата ги доставува писмено до сторителот на прекршокот во рок од три дена, сметано од денот на нивното донесување и истите ги објавува на својата веб страница.

Член 24

Право на судска заштита

(1) Одлуките и решенијата донесени во случај на повреда на одредбите од овој закон, дозволите, издадените потврди за регистрација, подзаконските акти и другите акти на Агенцијата се конечни.

(2) Против одлуките и решенијата од ставот (1) на овој член може да се поднесе тужба за поведување на управен спор пред надлежен суд.

(3) Тужбата за поведување на управен спор се поднесува во рок од 30 дена од денот на приемот на одлуката или решението.

Член 25

Соработка

(1) Агенцијата во својата работа треба да ги има предвид директивите на Европската унија, актите на Советот на Европа, меѓународните конвенции кои ги ратификувала Република Македонија, како и искуството на земјите членки на Европската унија.

(2) Агенцијата е должна да соработува, дава мислења, предлози и разменува податоци со министерството надлежно за работите од областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, Агенцијата за електронски комуникации, Комисијата за заштита на конкуренцијата, Државната комисија за спречување на корупција, Дирекцијата за заштита на лични податоци, Државната изборна комисија, Централниот регистар на Република Македонија, телото надлежно за заштита на авторските и сродните права и други државни тела, органи на државната управа, јавни претпријатија, единици на локалната самоуправа, јавни установи и институции од Република Македонија. При размена на податоците, Агенцијата е должна да ја обезбеди доверливоста на истите, согласно со закон.

(3) Агенцијата е должна да соработува и разменува информации со Државниот пазарен инспекторат, телото надлежно за заштита на авторските и сродните права и други надлежни органи и тела со цел да се обезбеди правна заштита на услугите кои се засноваат на или опфаќаат условен пристап, како и во спречувањето на можноста за употреба на недозволени направи кои овозможуваат пристап до услугите со условен пристап согласно со закон.

(4) Агенцијата согласно со своите надлежности, а во насока на спроведување на одредбите од овој закон, соработува со регулаторните тела од други држави и меѓународни институции и тела.

Член 26

Социјална инклузија и медиумска писменост

(1) Агенцијата презема активности за да ги поттикне давателите на аудио или аудиовизуелни медиумски услуги, своите услуги постепено да ги направат достапни за лицата со оштетен слух или вид.

(2) Агенцијата презема активности за поттикнување на медиумската писменост во Република Македонија.

(3) При преземањето на активностите од ставовите (1) и (2) на овој член Агенцијата соработува со невладини организации, здруженија на граѓани, образовните институции и други заинтересирани страни и истите ги објавува на својата веб страница.

(4) Преземените активности од ставовите (1) и (2) на овој член се составен дел на годишниот извештај за работа за претходната година на Агенцијата.

III. НАДЗОР

Член 27

Видови на надзор

(1) Агенцијата врши програмски, административен и стручен надзор.

(2) Програмскиот и административниот надзор може да биде:
– редовен надзор,
– вонреден надзор и
– контролен надзор.

(3) Редовниот надзор се врши врз основа на годишна програма за вршење на програмски, односно административен надзор, а кога се работи за програмски надзор и во согласност со Методологијата за вршење на програмски надзор донесени од страна на Агенцијата.

(4) Вонредниот надзор се врши врз основа на иницијатива поднесена од државни органи, правни или физички лица, како и во случај на сомневање по службена должност на Агенцијата.

(5) Контролниот надзор се врши по истекот на рокот определен во поединечниот акт донесен од страна на Агенцијата со цел да се утврди дали субјектот на надзорот:
– постапил по актот во целост,
– делумно постапил по актот или
– не постапил по актот.

Член 28

Програмски надзор

(1) Програмскиот надзор (мониторинг) се врши на програмите на радиодифузерите и давателите на аудиовизуелни медиумски услуги по барање, како и на програмските пакети кои ги реемитуваат операторите на јавни електронски комуникациски мрежи од аспект на почитувањето на одредбите од овој закон, дозволите, издадените потврди за регистрација, подзаконските акти и другите акти донесени од Агенцијата.

(2) Програмскиот надзор од ставот (1) на овој член го вршат вработени од организационата единица која за таа цел е формирана во стручната служба на Агенцијата. За секој извршен програмски надзор се составува писмен извештај кој се доставува до директорот на Агенцијата во рок од три дена од денот на извршениот програмски надзор.

(3) Доколку со програмскиот надзор е констатирана повреда или прекршување писмениот извештај содржи и предлог на мерка согласно со овој и друг закон.

Член 29

Административен надзор

(1) Административен надзор се врши на работењето на издавачите на медиуми од аспект на усогласеноста на нивното работење со условите утврдени со Законот за медиуми, овој закон и прописите донесени врз основа на него. Административниот надзор над работењето на издавачите на печатен медиум исклучиво се однесува само од аспект на усогласеност на нивното работење со обврските утврдени со членовите 6, 8, 14 и 15 од Законот за медиуми.

(2) Административниот надзор од ставот (1) на овој член го вршат вработени во стручната служба на Агенцијата согласно со актот за систематизација на работите и задачите во стручната служба на Агенцијата.

(3) За секој извршен административен надзор се составува писмен извештај кој се доставува до директорот на Агенцијата во рок од три дена од денот на извршениот административен надзор.

(4) Доколку со административниот надзор е констатирана повреда или прекршување писмениот извештај содржи и предлог на мерка согласно со овој и друг закон.

Член 30

Надлежност за вршење на стручен надзор

(1) Стручниот надзор над радиодифузерите се врши од страна на лица вработени во стручната служба на Агенцијата, по претходно овластување од Советот на Агенцијата, а само заради утврдување на исполнувањето на техничките услови во согласност со дозволата за телевизиско или радио емитување.

(2) Стручниот надзор од ставот (1) на овој член се врши само во рок од 30 дена од истекот на триесетиот ден од денот на започнувањето со вршење на дејноста утврден во дозволата за телевизиско или радио емитување, како и при промена на локацијата на просториите во кои се произведува програма (студија) или при проширување со нови студиски простории.

Член 31

Овластено лице за вршење на стручен надзор

(1) За овластено лице може да биде назначен вработен во стручната служба на Агенцијата кое има високо образование, со најмалку три години работно искуство во струката.

(2) Агенцијата на овластеното лице му издава службена легитимација која му служи за докажување на неговото службено својство и која е должен да ја покаже при вршењето на надзорот.

(3) Формата и содржината на службената легитимација од ставот (2) на овој член и начинот на издавање и одземање се утврдува со подзаконски акт.

Член 32

Постапка за стручен надзор

(1) Агенцијата е должна писмено да го извести радиодифузерот за почетокот на стручниот надзор кој не може да се изврши во рок пократок од седум дена од денот на доставувањето на писменото известување. Во писменото известување Агенцијата е должна да даде образложение за причините за вршење на стручен надзор.

(2) За извршениот стручен надзор овластеното лице составува записник кој го дава на радиодифузерот на потпис, а во случај радиодифузерот да одбие да го потпише записникот, овластеното лице во записникот ќе ги наведе причините за одбивањето.

(3) Кога поради обемот и сложеноста на стручниот надзор, неговата природа и околности не е можно да се состави записник во текот на вршењето на стручен надзор, записникот се составува во службените простории на Агенцијата во рок од три дена од денот на извршениот стручен надзор со образложение за причините за тоа.

(4) Записникот треба да содржи приказ на утврдената фактичка состојба при надзорот, како и констатирани забелешки, изјави и други релевантни факти и околности.

(5) Образецот за формата и задолжителните елементи од записникот за извршениот надзор Агенцијата го утврдува со акт.

(6) Овластеното лице е должно веднаш, а најдоцна во рок од три дена од денот на извршувањето на стручниот надзор записникот од ставот (2) на овој член да го достави до директорот на Агенцијата.

(7) Доколку со записникот е констатирана повреда или прекршување, овластеното лице е должно со истиот да достави и предлог на мерка согласно со овој закон.

Член 33

Права и обврски на радиодифузерот како субјект на стручниот надзор

(1) Радиодифузерот е должен на овластеното лице при вршење на стручен надзор да му овозможи непречено вршење на стручниот надзор.

(2) За непречено вршење на стручниот надзор одговара субјектот на стручниот надзор и одговорното лице во радиодифузерот.

(3) Радиодифузерот е должен на овластеното лице заради вршење на стручен надзор да му овозможи:
– во определениот рок влегување во просторија каде што се наоѓаат средствата и предметите за обезбедување на медиумски услуги и
– да му ги стави на увид и на барање на овластеното лице да му даде информации, податоци и документација или кои било други средства потребни за вршење на стручниот надзор.

(4) Радиодифузерот е должен по писмено барање на овластеното лице, во рок определен со барањето, а кој не може да биде подолг од 15 дена, на овластеното лице да му достави или подготви точни и целосни податоци, извештаи, материјали или други документи кои се неопходни за извршување на стручниот надзор.

(5) Доколку на овластеното лице при вршење на стручниот надзорот не му се овозможи влегување во станбена просторија, овластеното лице може тоа да го стори со налог издаден од надлежен суд.

(6) Радиодифузерот има право да дава изјави на записник и забелешки поврзани со стручниот надзор со образложение за причините за истите.

IV. ЗАШТИТА НА ПЛУРАЛИЗМОТ И РАЗНОВИДНОСТА НА АУДИО И АУДИОВИЗУЕЛНИТЕ МЕДИУМСКИ УСЛУГИ

Член 34

Забрана за таен содружник

Радиодифузер не може да има таен содружник, односно таен содружник не може да учествува со паричен или непаричен влог во радиодифузер.

Член 35

Учество на странско физичко или правно лице

(1) Странско физичко или правно лице може да основа или да учествува во сопственоста на домашен радиодифузер под истите услови утврдени со овој закон што важат за домашните физички или правни лица.

(2) Домашно правно лице чии основачи се и странски лица регистрирани во земји во кои согласно со прописите на тие земји не е дозволено или не е можно да се утврди потеклото на основачкиот капитал, не може да врши радиодифузна дејност, согласно со овој закон ниту да се стекне со удел во сопственост на радиодифузер.

(3) Доколку дополнително се утврди дека еден од основачите на радиодифузерот е правно лице од ставот (2) на овој член, соодветно ќе се применат одредбите од членот 43 од овој закон.

Член 36

Поврзани лица

(1) Поврзани лица, во смисла на овој закон, се лицата кои се меѓусебно поврзани преку управување, капитал или на друг начин и кога тие поради таквата поврзаност заеднички можат да ја креираат деловната политика, односно да дејствуваат на координиран начин заради остварување на заеднички цели, или кога едно лице има можност да насочува или значајно да влијае врз друго лице при одлучувањето за финансирањето, деловното работење или при одлучување за програмскиот концепт на радиодифузер.

(2) Како поврзани лица од ставот (1) на овој член особено се сметаат:
– членовите на семејството,
– членовите на семејство на брачниот или вонбрачниот другар,
– лицата кои како иматели на вкупен удел во сопственоста, на акции или на други права во друго лице, учествуваат во управувањето на тоа лице со најмалку 25% од гласачките права,
– лицата кај кои едно исто лице има вкупен удел, акции или други права, врз основа на што учествува во управувањето во секое од тие лица со најмалку 25% од гласачките права,
– поврзаните друштва во смисла на Законот за трговските друштва,
– лицата кои со маркетинг или друг договор, во тримесечен или подолг период во една година остваруваат повеќе од 30% од приходи од рекламирање, телешопинг и спонзорство и
– лица кои се членови на управниот или надзорниот одбор во радиодифузерот и лицата кои се сметаат за поврзани со членовите на управниот или надзорниот одбор на начин утврден со овој член.

Член 37

Ограничувања за стекнување сопственост

(1) Физичко или правно лице кое е мнозински содружник или мнозински акционер во радиодифузер кој има дозвола за обезбедување на телевизиско емитување на државно ниво, како и поврзано лице со содружник или акционер во радиодифузер кој има дозвола за обезбедување на телевизиско емитување на државно ниво може да биде содружник или акционер, односно да учествува во сопственоста на само уште еден радиодифузер кој има дозвола за обезбедување на телевизиско емитување на државно ниво, но не повеќе од 50% од основната главнина на тој радиодифузер или 50% од правото на одлучување.

(2) Физичко или правно лице кое е мнозински содружник или мнозински акционер во радиодифузер кој има дозвола за обезбедување на телевизиско емитување на државно ниво, како и поврзано лице со содружник или акционер во радиодифузер кој има дозвола за обезбедување на телевизиско емитување на државно ниво може да биде мнозински содружник или мнозински акционер во најмногу уште еден радиодифузер кој има дозвола за вршење на радиодифузна дејност за телевизиско емитување на регионално ниво при што подрачјата на регионално ниво не се соседски и најмногу уште во два радиодифузера кои имаат дозвола за обезбедување на телевизиско емитување на локално ниво, при што подрачјата на локално ниво не се соседски.

(3) Физичко или правно лице кое е мнозински содружник или мнозински акционер во радиодифузер кој има дозвола за обезбедување на телевизиско емитување на регионално ниво, како и поврзано лице со содружник или акционер во радиодифузер кој има дозвола за обезбедување на телевизиско емитување на регионално ниво може да биде мнозински содружник или мнозински акционер во најмногу уште еден радиодифузер кој има дозвола за вршење на радиодифузна дејност за телевизиско емитување на регионално ниво при што подрачјата на регионално ниво не се соседски и во уште најмногу два радиодифузера кои имаат дозволи за обезбедување на телевизиско емитување на локално ниво, при што подрачјата на локално ниво не се соседски.

(4) Физичко или правно лице кое е мнозински содружник или мнозински акционер во радиодифузер кој има дозвола за обезбедување на телевизиско емитување на локално ниво, како и поврзано лице со содружник или акционер во радиодифузер кој има дозвола за обезбедување на телевизиско емитување на локално ниво може да биде мнозински содружник или мнозински акционер во најмногу уште два радиодифузера кои имаат дозволи за обезбедување на телевизиско емитување на локално ниво, при што подрачјата на локално ниво не се соседски.

(5) Физичко или правно лице кое е мнозински содружник или мнозински акционер во радиодифузер, како и поврзано лице со содружник или акционер во радиодифузер не може да основа, ниту да биде содружник или акционер, односно да учествува во сопственоста на издавач на печатен медиум кој издава дневен весник, новинска агенција, друштво за реклама и пропаганда, друштво за истражување на пазарот и јавното мислење, друштво за дистрибуција на аудиовизулни дела, друштво за филмска продукција или оператор на електронски комуникациски мрежи кој обезбедува реемитување или емитување на радио/телевизиски програми.

(6) Одредбите од ставовите (1), (2), (3) и (4) на овој член соодветно се применуваат и на физичко или правно лице кое е мнозински содружник или мнозински акционер во радиодифузер кој има дозвола за обезбедување на радио емитување.

Член 38

Посебна забрана за стекнување на сопственост

Политички партии, државни органи, органи на државна управа, јавни претпријатија, единици на локална самоуправа, носители на јавни функции и членовите на нивните семејства не можат да вршат радиодифузна дејност ниту да бидат основачи, соосновачи или да се здобиваат со учество во сопственоста на радиодифузерите.

Член 39

Недозволена медиумска концентрација

(1) Недозволена медиумска концентрација, во смисла на овој закон, постои кога физички или правни лица кои се основачи на радиодифузери, како и физички лица носители на функции на управување во радиодифузери се јавуваат истовремено како:
– поврзани лица во смисла на одредбите од овој закон,
– оснивачи на други радиодифузери спротивно на одредбите од членот 37 ставови (1), (2), (3) и (4) од овој закон,
– оснивачи на издавач на печатен медиум кое издава дневен весник што се дистрибуира на подрачјето на кое се емитува радио и/или телевизиската програма;
– оснивачи на новинска агенција и
– оснивачи на друштво за реклама и пропаганда, друштво за истражување на пазарот и јавното мислење, друштво за дистрибуција на аудиовизулни дела, друштво за филмска продукција или оператор на електронски комуникациски мрежи кој обезбедува реемитување или емитување на радио/телевизиски програми.

(2) Недозволена медиумска концентрација, во смисла на овој закон, постои кога радиодифузер:
– учествува во оснивачкиот капитал на друг радиодифузер спротивно на одредбите од членот 37 од овој закон,
– учествува во оснивачкиот капитал на издавач на печатен медиум кој издава дневен весник или на новинска агенција,
– учествува во оснивачкиот капитал на друштво за реклама и пропаганда,
– учествува во оснивачкиот капитал на друштво за истражување на пазарот и јавното мислење,
– учествува во оснивачкиот капитал на друштво за дистрибуција на аудиовизуелни дела или во друштво за филмска продукција,
– учествува во оснивачкиот капитал на оператор на електронски комуникациски мрежи кој обезбедува реемитување или емитување на радио/телевизиски програми,
– истовремено емитува радио и телевизиска програма, освен за субјектот кој врши јавен радиодифузен сервис,
– емитува радио или телевизиска програма и издава дневен весник што се дистрибуира на подрачјето на кое се емитува радио или телевизиската програма и
– емитува радио или телевизиска програма и се занимава со дејност на новинска агенција, друштво за реклама и пропаганда, друштво за истражување на пазарот и јавното мислење, друштво за дистрибуција на аудиовизуелни дела, друштво за филмска продукција или со дејност на оператор на електронски комуникациски мрежи кој обезбедува реемитување или емитување на радио или телевизиски програми.

Член 40

Утврдување на недозволена медиумска концентрација

(1) Постоењето на недозволена медиумска концентрација согласно со овој закон и постоењето на повреда на забраната од членовите 34, 35 став (2) или 38 од овој закон ги утврдува Агенцијата.

(2) Во постапката за утврдување на постоење на недозволена медиумска концентрација и на постоење на повреда на забраната од членовите 34, 35 став (2) или 38 од овој закон, се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка, доколку со овој закон поинаку не е определено.

Член 41

Претходно известување при промена на сопственичката структура

(1) Пред спроведување на каква било промена на сопственичката структура, радиодифузерот е должен да ја извести Агенцијата.

(2) Радиодифузерот не смее да ја спроведе промената на сопственичката структура пред истата да биде одобрена од страна на Агенцијата, односно пред правосилното завршување на управниот спор од ставот (9) на овој член.

(3) Агенцијата е должна во рок од 30 дена од денот на приемот на известувањето од ставот (1) на овој член да испита дали со предложените промени на сопственичката структура би се создала недозволена медиумска концентрација, во смисла на овој закон, односно да испита дали предложените промени на сопственичката структура се спротивни на забраната од од членовите 34, 35 став (2) или 38 од овој закон. Притоа, Агенцијата е должна да соработува и разменува информации со државни органи и тела, согласно со овој закон.

(4) Агенцијата може од оправдани причини да го продолжи рокот од ставот (3) на овој член, само еднаш, но не повеќе од 30 дена за што писмено ќе го информира радиодифузерот во рок не помал од три дена пред истекот на рокот од ставот (3) на овој член.

(5) Заради испитување на известувањето од ставот (1) на овој член радиодифузерот е должен по писмено барање на Агенцијата да и достави податоци од значење за одлучувањето.

(6) Доколку во роковите определени согласно со ставовите (3) и (4) на овој член се утврди дека со предложените промени на сопственичката структура не би се создала недозволена медиумска концентрација, во смисла на овој закон, односно дека истите не се спротивни на забраната од членовите 34, 35 став (2) или 38 од овој закон, Агенцијата во роковите определени согласно со ставовите (3) и (4) на овој член ќе донесе одлука со која ќе го дозволи спроведувањето на промената во сопственичката структура.

(7) Доколку во роковите определени согласно со ставовите (3) и (4) од овој член се утврди дека со предложените промени на сопственичката структура би се создала недозволена медиумска концентрација, во смисла на овој закон, односно дека истите се спротивни на забраната од членовите 34, 35 став (2) или 38 од овој закон, Агенцијата ќе донесе одлука во роковите определени согласно со ставовите (3) и (4) на овој член со кое ќе го забрани спроведувањето на промената во сопственичката структура.

(8) Одлуката од ставот (7) на овој член задолжително ги содржи причините поради кои Агенцијата го забранува спроведувањето на промената во сопственичката структура.

(9) Доколку Агенцијата не донесе одлука во роковите определени согласно со ставовите (3) и (4) на овој член се смета дека спроведувањето на промената во сопственичката структура е одобрена.

(10) Роковите определени согласно со ставовите (3) и (4) на овој член почнуваат да течат од денот кога радиодифузерот до Агенцијата ги доставил сите податоци определени со актот од ставот (11) на овој член.

(11) Агенцијата со посебен акт ги пропишува формата и содржината на известувањето од ставот (1) на овој член, како и потребната документација која се поднесува заедно со известувањето.

Член 42

Поништување на одлука со кое се дозволува спроведување на промена во сопственичка структура

(1) Агенцијата со одлука ќе ја поништи одлуката со која дозволила спроведување на промена во сопственичката структура ако таа одлука е донесена врз основа на неточни и/или нецелосни податоци за кои е одговорен радиодифузерот или истите се добиени по пат на измама, а имале одлучувачко влијание врз донесување на одлуката.

(2) Со одлуката од ставот (1) на овој член, Агенцијата:
– ја поништува одлуката со која го дозволила спроведувањето на промената во сопственичката структура,
– утврдува дека со предложените промени на сопственичката структура би се создала недозволена медиумска концентрација, односно дека истите се спротивни на забраната од од членовите 34, 35 став (2) или 38 од овој закон и
– му наложува на радиодифузерот во рок кој не може да биде пократок од 30 дена и не подолг од 90 дена од денот на приемот на одлуката од ставот (1) на овој член, да ја усогласи својата сопственичка структура со одредбите од овој закон.

(3) Агенцијата може да донесе одлука согласно со ставот (1) на овој член, без притоа да биде ограничен со роковите определени во членот 41 од овој закон.

(4) Доколку радиодифузерот не постапи во согласност со одлуката од ставот (1) на овој член Агенцијата ќе ја одземе дозволата за телевизиско или радио емитување на начин и по постапка утврдени со овој закон.

Член 43

Поведување на постапка за утврдување на недозволена медиумска концентрација по службена должност

(1) Доколку Агенцијата врз основа на сопствени сознанија или врз основа на податоци добиени од заинтересирани лица има сознанија за евентуално постоење на недозволена медиумска концентрација, односно за постоење на повреда на забраната од членовите 34, 35 став (2) или 38 од овој закон ќе ги испита таквите сознанија по службена должност без одлагање.

(2) При испитување на сознанијата од ставот (1) на овој член Агенцијата ќе побара од радиодифузерот, во рок кој не може да биде пократок од 15 дена и не подолг од 45 дена, да ги достави сите податоци од значење за одлучувањето на Агенцијата.

(3) Доколку при испитување на сознанијата од ставот (1) на овој член Агенцијата со одлука ќе утврди постоење на недозволена медиумска концентрација, односно повреда на забраната од членовите 34, 35 став (2) или 38 од овој закон и ќе му се наложи на радиодифузерот во рок кој не може да биде пократок од 30 дена и не подолг од 90 дена да ја усогласи својата сопственичка структура со одредбите од овој закон.

(4) Доколку радиодифузерот не постапи во согласност со одлуката од ставот (3) на овој член Агенцијата ќе ја одземе дозволата за телевизиско или радио емитување на начин и по постапка утврдени со овој закон.

V. ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА РАДИО ИЛИ ТЕЛЕВИЗИСКО ЕМИТУВАЊЕ И АУДИОВИЗУЕЛНИ МЕДИУМСКИ УСЛУГИ ПО БАРАЊЕ

V.1. Општи одредби

Член 44

Слобода на прием и реемитување

Се гарантира слободата на прием и реемитување на аудио или аудиовизуелните медиумски услуги од државите членки на Европската унија и другите европски држави потписнички на Европската конвенција за прекугранична телевизија на Советот на Европа на територијата на Република Македонија.

Член 45

Ограничување на прием и реемитување на аудио/аудиовизуелни медиумски услуги од други држави

(1) Со исклучок на одредбата од членот 44 од овој закон Агенцијата може да преземе соодветни мерки со кои времено ќе ја ограничи слободата на прием, односно на реемитување на аудио или аудиовизуелни медиумски услуги од други држави на територијата на Република Македонија, доколку се исполнети условите утврдени во ставовите (2), (3) и (4) на овој член.

(2) Мерките од ставот (1) на овој член во однос на програмските сервиси на радиодифузери ќе се преземат доколку:
– програмските сервиси на радиодифузери од други држави очигледно, сериозно и тешко ги прекршуваат одредбите од членовите 48 и 50 од овој закон и поттикнуваат расна, полова, верска или национална омраза и нетрпеливост,
– во текот на претходните 12 месеци радиодифузерот ги прекршил одредбите од ставот (2) алинеја 1 на овој член најмалку два пати,
– Советот писмено го известил радиодифузерот и Европската комисија за прекршувањето и за мерките кои планира да ги преземе доколку такво прекршување се случи повторно и
– консултациите со државата од која радиодифузерот емитува и Европската комисија не резултирало со спогодбено разрешување во рок од 15 дена од денот на писменото известување, а прекршувањето продолжува.

(3) Мерките од ставот (1) на овој член ќе се преземат во однос на аудиовизуелните медиумски услуги по барање доколку се исполнети следниве услови:
– мерката особено е неопходна за заштита, истражување, откривање и гонење на кривични дела, вклучувајќи ја и заштитата на малолетниците и борбата против поттикнување на омраза врз основа на раса, пол, религија или националност, како и за повреда на човечкото достоинство на поединците, заштита на јавното здравје, јавната безбедност, вклучувајќи ја и заштитата на националната безбедност и одбрана, како и заштита на потрошувачите, вклучувајќи ги и инвеститорите,
– мерката се презема против медиумските услуги по барање кои ги доведуваат во прашање целите од ставот (3) алинеја 1 на овој член или кои претставуваат сериозен и голем ризик дека тие цели ќе бидат доведени во прашање,
– мерката е пропорционално на целите од ставот (3) алинеја 1 на овој член,
– Агенцијата пред преземањето на мерката, не доведувајќи ги во прашање судските постапки, вклучувајќи ги претходните постапки и активности преземени во рамките на криминалистичка истрага, побарала од државите членки под чија надлежност е давателот на медиумски услуги да преземе мерки кои таа држава членка не ги презела или истите не биле соодветни и
– Агенцијата ја известила Европската комисија и државата членка, како и државата договорничка на Европската конвенциjа за прекугранична телевизија под чија надлежност е давателот на медиумски услуги за намерата за преземање на мерки.

(4) Во одредени итни сличаи Агенцијата може да отстапи од условите наведени во ставот (3) алинеи 4 и 5 на овој член и во тие случаи е должна во што пократок рок да ја извести Европската комисија и државата членка под чија наделжност е давателот на медиумските услуги за преземените мерки, или државата потписничка на Европската конвенција за прекугранична телевизија на Советот на Европа, наведувајќи ги причините поради кои смета дека станува збор за итен случај.

(5) Агенцијата веднаш ќе ја прекине примената на мерката од ставот (1) на овој член, ако Европската комисија утврди дека тие не се во согласност со прописите на Европската унија.

Член 46

Јурисдикција

(1) Одредбите од овој закон се применуваат на сите даватели на аудио или аудиовизуелни медиумски услуги кои се под јурисдикција на Република Македонија.

(2) Под јурисдикција на Република Македонија се оние даватели на аудио или аудиовизуелни медиумски услуги кои се основани во Република Македонија согласно со ставот (3) на овој член или оние за кои се применува ставот (4) на овој член.

(3) Давателот на аудио или аудиовизуелни медиумски услуги се смета дека е основан во Република Македонија доколку:
– седиштето на давателот на аудио или аудиовизуелни медиумски услуги се наоѓа во Република Македонија и уредничките одлуки во врска со аудио или аудиовизуелните медиумски услуги се донесуваат во Република Македонија,
– седиштето на давателот на аудио или аудиовизуелни медиумските услуги се наоѓа во Република Македонија, а уредничките одлуки за аудио или аудиовизелните медиумски услуги се донесуваат во држава членка на Европската унија и значителен дел од работната сила ангажирана на активности поврзани со аудио или аудиовизуелните медиумски  услуги е во Република Македонија,
– уредувачките одлуки за аудио или аудиовизуелните медиумски услуги се донесуваат во Република Македонија, а седиштето на давателот на аудио или аудиовизуелни медиумските услуги се наоѓа во држава членка на Европската унија, но значителен дел од работната сила ангажирана на активности поврзани со аудио или аудиовизуелните  медиумски услуги е во Република Македонија,
– седиштето на давателот на аудио или аудиовизуелни медиумски услуги се наоѓа во Република Македонија, а значителен дел од работната сила ангажирана на активности поврзани со обезбедување на аудио или аудиовизуелните медиумски услуги е и во Република Македонија и во друга држава членка на Европската унија,
– значителен дел од работната сила ангажирана на активности поврзани со обезбедување на аудио или аудиовизуелните медиумски услуги не е во ниту една од државите членки на Европската унија, но давателот на аудио или аудиовизуелни медиумски услуги ја започнал својата дејност во Република Македонија и има стабилна и ефективна врска со економијата на Република Македонија и
– седиштето на давателот на аудио или аудиовизуелни медиумски услуги се наоѓа во Република Македонија, а уредувачките одлуки се донесуваат во држава која не е членка на Европската унија, или обратно, а значителен дел од работната сила ангажирана на активности поврзани со обезбедување на аудио или аудиовизуелните медиумски услуги се наоѓа во Република Македонија.

(4) Под јурисдикција на Република Македонија се и даватели на аудио или аудиовизуелни медиумски услуги за кои не се применливи одредбите од ставот (3) на овој член во следниве случаи:
– користат сателитска врска лоцирана во Република Македонија и
– не користат сателитска врска лоцирана во Република Македонија, но користат сателитски капацитети што и припаѓаат на Република Македонија.

Член 47

Евиденција на емитувана програма

(1) Радиодифузерите се должни да водат дневна евиденција на емитуваната програма и да го снимаат излезниот сигнал на својата програма, а снимките од целокупната програма да ги чуваат најмалку 60 дена по емитувањето.

(2) Давателите на аудиовизуелни медиумски услуги по барање се должни програмите кои биле составен дел од каталогот неизменети да ги чуваат најмалку 30 дена по датумот кога престанале да им бидат достапни на корисниците.

(3) На барање на Агенцијата, давателите на аудио или аудиовизуелни медиумски услуги од ставовите (1) и (2) на овој член се должни да и достават автентична и интегрална снимка од програмите најдоцна во рок од три дена од денот на приемот на барањето.

(4) Во случај на покренување на судски спор давателите на аудио или аудиовизуелни медиумски услуги од ставовите (1) и (2) на овој член се должни да ги чуваат снимените материјали до завршувањето на спорот.

(5) Начинот на водење на дневната евиденција од ставот (1) на овој член, како и квалитетот на снимките од целокупната програма го пропишува Агенцијата.

(6) Радиодифузерите се должни за кинотечните добра и фонотечните добра, кои претставуваат културно наследство, да водат посебна евиденција согласно со Законот за заштита на културното наследство.

Член 48

Посебни забрани

(1) Аудио и аудиовизуелните медиумски услуги не смеат да содржат програми со кои се загрозува националната безбедност, се поттикнува насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, се повикува на воена агресија или на оружен конфликт, се поттикнува или шири дискриминација, нетрпеливост или омраза врз основа на раса, боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус, или која било друга основа.

(2) Посебните забрани од ставот (1) на овој член треба да бидат во согласност со практиката на Европскиот суд за човекови права.

Член 49

Обврски за кинематографски дела

Давателите на аудиовизуелни медиумски услуги не смеат да објавуваат односно пренесуваат кинематографски дела надвор од периодот утврден во договорите со имателите на права.

Член 50

Заштита на малолетни лица

(1) Давателите на аудиовизуелни медиумски услуги не смеат да емитуваат програми кои можат сериозно да му наштетат на физичкиот, психичкиот или моралниот развој на малолетните лица, особено програми кои содржат порнографија или непотребно насилство.

(2) Непотребно насилство претставува ширење текстуални, вербални и визуелни пораки со кои, во термини од програмата што им се достапни на малолетниците се глорифицираат физички, вербални или психолошки облици на садизам или слични видови на насилство кое е цел самото за себе и на ниту еден начин не може да се оправда ниту преку контекстот на жанрот, ниту преку мотивите на драмското дејствие на прикажуваната програма.

(3) Забраната од ставот (1) на овој член се однесува и на други програми кои веројатно би можеле да му наштетат на физичкиот, психичкиот или моралниот развој на малолетните лица, освен кога е обезбедено со нивното емитување или репризирање во одреден временски период и/или со примена на одредена техничка мерка, малолетните лица во периодот на емитување или репризирање нема на вообичаениот начин да ги слушнат или да ги видат тие програми. Кога вакви програми се емитуваат или репризираат во не кодирана форма, давателот на аудиовизуелни медиумски услуги е должен пред нивното емитување да обезбеди претходно акустично предупредување и можност да бидат препознаени со помош на визуелни знаци во текот на нивното времетраење.

(4) Агенцијата ќе ги пропише техничките мерки, периодите на емитување, акустичното предупредување, визуелните знаци и начинот на постапување на давателите на аудиовизуелни медиумски услуги во случаите од ставовите (1) и (2) на овој член.

(5) Операторите на јавни електронски комуникациски мрежи можат да емитуваат или реемитуваат програмски сервиси со порнографија само во кодиран облик. Забрането е емитување или реемитување на детска порнографија.

Член 51

Информации достапни за корисниците

(1) Давателите на аудио или аудиовизуелни медиумски услуги треба на своите корисници да им овозможат лесен, директен и постојан пристап најмалку до следниве податоци:
– името на давателот на аудио или аудиовизуелната медиумска услуга, односно називот, заштитниот знак или сопствениот скратен идентификациски знак (авизо, лого и слично),
– адресата на седиштето на давателот на аудио или аудиовизуелната медиумска услуга,
– податоци за контакт со давателот на аудио или аудиовизуелната медиумска услуга (телефонски број, адресата на електронската пошта и/или веб страница, контакт лице за брзо, директно и ефикасно стапување во контакт) и
– доколку е возможно и за надлежното регулаторно тело.

(2) Знаците за идентификација мора да бидат истакнати континуирано на сите програми, односно да се емитуваат најмалку еднаш во текот на еден реален час на радио програмата.

(3) Давателите на аудио или аудиовизуелните медиумски услуги можат да ги употребуваат само нивните знаци за идентификација.

(4) Давателите на аудио или аудиовизуелни медиумски услуги се должни за секоја промена на нивните знаци за идентификација да достават примерок од нив до Агенцијата.

Член 52

Обврски при обезбедувањето на квизови или други различни облици на наградно учествување

Давателот на аудио или аудиовизуелни медиумските услуги при емитување на квизови или други различни облици на наградно учествување на слушателите или гледачите е должен да обезбеди недвосмислено објавување на правилата за тие содржини и за јавно ветената награда, на начин пропишан од страна на Агенцијата.

Член 53

Аудиовизуелна комерцијална комуникација

(1) Аудиовизуелната комерцијална комуникација мора да биде веднаш препознатлива како таква.

(2) Не се дозволени прикриени аудиовизуелни комерцијални комуникации.

(3) Аудиовизуелната комерцијална комуникација не смее да користи потсвесни техники.

(4) Аудиовизуелните комерцијални комуникации не смеат:
– до го доведуваат во прашање почитувањето на човековото достоинство,
– да вклучуваат или промовираат каква било дискриминација врз основа на пол, раса, етничка припадност, националност, вера или уверување, инвалидитет, возраст или сексуална ориентација,
– да поттикнуваат однесување кое е штетно за здравјето или безбедноста и
– да поттикнуваат однесување што значително ја загрозува животната средина.

(5) Забранети се аудиовизуелни комерцијални комуникации со кои лажно ќе се претставува природата, карактеристиките, квалитетот или географското потекло на производите, услугите или комерцијалните дејности.

(6) За веродостојноста и точноста на тврдењата и податоците во аудиовизуелните комерцијални комуникации е одговорен нивниот нарачател, а за нивната усогласеност со закон одговорниот уредник во давателот на аудиовизуелната медиумска услуга.

(7) Не е дозволен каков било облик на аудиовизуелна комерцијална комуникација која промовира дрога, цигари или други производи од тутун, како и алкохол и алкохолни пијалаци , освен вино и пиво.

(8) Аудиовизуелните комерцијални комуникации за вино и за пиво не смеат:
– конкретно да бидат наменети за малолетници, а особено не смеат да прикажуваат малолетници како ги консумираат,
– да го поврзуваат нивното консумирање со подобрена физичка способност или со возење,
– да создаваат впечаток дека нивното консумирање придонесува за општествен или сексуален успех,
– да тврдат дека виното и пивото имаат терапевтски својства или дека се стимуланс, седатив или средства за решавање на личните конфликти,
– да поттикнуваат нивно неумерено консумирање или да ја претставуваат апстиненцијата или умереноста во негативно светло и
– да нагласуваат дека високиот процент алкохол е позитивен квалитет на алкохолните пијалаци.

(9) Не се дозволени аудиовизуелни комерцијални комуникации кои промовираат медицински производи и медицински третмани кои се достапни само на рецепт.

(10) Аудиовизуелните комерцијални комуникации за медицински производи и медицински третмани што се издаваат без лекарски рецепт не смеат да поттикнуваат нивна неразумна употреба, презентирајќи ги објективно и без преувеличување на нивните својства, во согласност со упатствата за нивно користење.

(11) Не се дозволени аудиовизуелни комерцијални комуникации за оружје, стрелачки и пиротехнички средства и фирми кои нив ги продаваат.

(12) На јавниот радиодифузен сервис не му се дозволени аудиовизуелни комерцијални комуникации за политички партии, коалиции и нивни претставници, независни кандидати и носители на политички функции.

(13) Аудиовизуелните комерцијални комуникации не смеат да им предизвикаат физичка или морална штета на малолетните лица.

(14) Аудиовизуелните комерцијални комуникации што им се упатени на малолетните лица или во кои тие учествуваат, не смеат:
– директно да ги наговараат малолетните лица да купат или изнајмат производ или услуга користејќи го нивното неискуство или лековерност,
– директно да ги охрабруваат малолетните лица да бараат од родителите или од други лица да им ги купат рекламираните производи или услуги,
– да ја искористуваат посебната доверба која малолетните лица ја имаат во родителите, наставниците или други личности и
– да ги прикажуваат малолетните лица во опасни ситуации.

(15) Аудиовизуелните комерцијални комуникации што се составен дел или ги придружуваат емисиите за деца, а се однесуваат на храна и пијалаци кои содржат хранливи материи и супстанции со хранлив или физиолошки ефект, конкретно од видот масти, заситени масни киселини, сол/натриум и шеќери, чие прекумерно внесување во вкупната исхрана не е препорачливо, не смеат да:
– содржат неточни или заведувачки информации за хранливата вредност на производот,
– сугерираат дека одредена храна или пијалак е замена за овошје и/или зеленчук и
– охрабруваат нездрави навики за јадење и пиење какви што се неумерено, претерано или неконтролирано конзумирање.

(16) Аудиовизуелните комерцијални комуникации задолжително се емитуваат на македонски јазик, со македонски превод или на јазикот на соодветната етничка заедница.

(17) Аудиовизуелните комерцијални комуникации треба да бидат:
– во согласност со важечките законски прописи што се однесуваат на лојалната конкуренција и
– вистинити и чесни, да не ја заведуваат јавноста и да не се против интересите на потрошувачите.

(18) Аудиовизуелните комерцијални комуникации не смеат да влијаат врз уредничката независност на давателите на аудиовизуелни медиумски услуги.

(19) Одредбите од овој член на соодветен начин се применуваат и на аудиокомерцијалните комуникации.

(20) Давателите на аудио или аудиовизуелни медиумски услуги можат да утврдат кодекс на однесување во врска со емитување на несоодветни аудиовизуелни комерцијални соопштенија, што ги придружуваат или се вклучени во детски програми, а се однесуваат на храна или пијалаци што содржат хранливи материи и материи со хранлив или психолошки ефект, особено масти, трансмасни киселини, сол/натриум и шеќери, чиешто претерано внесување не е препорачано во нормалната исхрана.

Член 54

Спонзорство

(1) Спонзорираните аудио или аудиовизуелни медиумски услуги или програми не смеат директно да поттикнуваат купување или изнајмување на стоки или услуги, особено преку нивно посебно промотивно препорачување.

(2) Во спонзорираните аудио или аудиовизуелни медиумски услуги или програми треба да биде јасно означено дека се работи за спонзорирана програма. Спонзорот треба јасно да биде идентификуван со името, логото и/или каква било друга ознака на спонзорот, како што е спомнување на неговите производи или услуги или негов карактеристичен знак, на соодветен начин, на почетокот, за време и/или на крајот на програмата.

(3) Во спонзорираните аудио или аудиовизуелни медиумски услуги или програми, нивната содржина, а во случај на радиодифузија и нивниот распоред не смее, во ниту еден случај, да претрпи влијание што би имало ефект врз одговорноста и уредничката независност на давателот на аудио или аудиовизуелни медиумски услуги.

(4) Правилата за спонзорство се уредуваат со подзаконски акт што го донесува Агенцијата.

(5) Не е дозволено спонзорство на вести, актуелно-информативни програми за тековните настани и на верски програми.

(6) Аудио или аудиовизуелните медиумски услуги или програми не смеат да бидат спонзорирани од правни или физички лица чија главна дејност е производство или продажба на цигари и други производи од тутун.

(7) Не е дозволено спонзорство на аудио или аудиовизуелни медиумски услуги или програми од страна на физички или правни лица чија главна дејност е производство или продавање на производи или давање на услуги, а чие рекламирање е забрането согласно со овој закон.

(8) Како отстапување од ставот (7) на овој член физички или правни лица чии активности вклучуваат производство или продажба на медицински производи и/или медицински третмани, можат да спонзорираат аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Во овој случај може да се промовира само нивното име или имиџ, но не и конкретни медицински производи или медицински третмани достапни исклучиво на лекарски рецепт.

(9) Не е дозволено идентификување на спонзорот во текот на документарните и на програмите за деца.

Член 55

Пласирање на производи

(1) Забрането е пласирањето производи.

(2) Како отстапување од ставот (1) на овој член, пласирањето на производи е дозволено во следниве видови на програми:
– кинематографски дела, филмови и серии направени за аудиовизуелни медиумски услуги, спортски програми и лесни забавни програми или
– во случаи кога за тоа не се плаќа, односно кога бесплатно се обезбедуваат стоки или услуги како што се продукциски реквизити или награди со цел за нивно вклучување во програмата.

(3) Отстапувањето од ставот (2) алинеја 1 на овој член не важи за програми за деца.

(4) Програмите кои содржат пласирање на производи, нивната содржина, а во случај на телевизиско емитување и нивниот распоред не смее, во ниту еден случај да претрпи влијание што би имало ефект врз одговорноста и уредничката независност на давателот на аудиовизуелните медиумски услуги.

(5) Во програмите кои содржат пласирање на производи треба да биде јасно означено дека се работи за програма во која има пласирање на производи. Овие програми мора да бидат соодветно означени на почетокот и на крајот на програмата и при продолжување на програмата по секоја пауза за рекламирање, со цел да се избегне забуна кај гледачите.

(6) Програмите кои содржат пласирање на производи не смеат директно да поттикнуваат купување или изнајмување стоки или услуги, особено преку нивно посебно промотивно препорачување.

(7) Во програмите кои содржат пласирање на производи не смее да му се придава претерана важност (истакнување или упатување) на производот за кој станува збор.

(8) Не е дозволено пласирање на цигари и други производи од тутун и пласирање производи на физички или правни лица чија главна дејност е производство или продавање на цигари и други производи од тутун.

(9) Не е дозволено пласирање на медицински производи и медицински третмани што се издаваат само со лекарски рецепт.

(10) Одредбите од овој закон со кои се уредува пласирањето на производи ќе се применуваат за програми што ќе бидат произведени по влегувањето во сила на овој закон.

V.2. Oбезбедување на аудиовизуелни медиумски услуги по барање (нелинеарни аудио и аудиовизуелни медиумски услуги)

Член 56

Обезбедување на аудиовизуелни медиумски услуги по барање

(1) Давателот на аудиовизуелни медиумски услуги по барање е должен пред да започне со обезбедување на одреден вид аудиовизуелна медиумска услуга по барање да достави пријава за евидентирање во регистарот на даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање кој се води во Агенцијата, за што Агенцијата му издава потврда за  регистрација.

(2) Пријавата се доставува на образец изготвен од Агенцијата и истиот се објавува на веб страницата на Агенцијата.

(3) Пријавата особено треба да содржи:
– назив на услугата и нејзина идентификација,
– фирмата, седиштето и даночниот број на давателот на аудиовизуелни медиумски услуги по барање, како и името и презимето на одговорното лице на давателот на аудиовизуелни медиумски услуги по барање,
– видот на услугата и краток опис на истата и
– датум на започнување со обезбедување на услугата.

(4) Со пријавата од ставот (3) на овој член се доставува извадок од Централниот регистар и технички опис со детални технички карактеристики за начинот на кој ќе се обезбедува услугата.

(5) Доколку пријавата не е целосна согласно со ставовите (3) и (4) на овој член, Агенцијата писмено ќе го извести подносителот на пријавата истата да ја дополни и достави во рок од десет дена од денот на приемот на известувањето.

(6) Агенцијата не смее да одбие да го евидентира давателот на аудиовизуелни медиумски услуги по барање во регистарот на даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање, односно да ја издаде потврдата од ставот (1) на овој член доколку пријавата ги содржи сите податоци од ставовите (3) и (4) на овој член.

(7) Агенцијата е должна потврдата од ставот (1) на овој член да ја издаде во рок од пет работни дена од денот на приемот на пријавата, односно од денот на истекот на дополнителниот рок од ставот (5) на овој член, доколку пријавата ги содржи сите податоци од ставовите (3) и (4) на овој член.

(8) Доколку Агенцијата не постапи согласно со ставот (7) на овој член се смета дека потврдата за регистрација е издадена.

(9) Давателот на аудиовизуелни медиумски услуги по барање е должен да ја извести Агенцијата за секоја промена на податоците наведени во пријавата во рок од 30 дена од денот на настанатата промена. Агенцијата е должна да ја внесе промената на податоците во регистарот на даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање, во рок од три дена од денот на приемот на известувањето.

Член 57

Регистар на даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање

(1) Агенцијата води регистар на даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање, кој особено треба да ги содржи:
– фирмата и седиштето, како и име и презиме на одговорното лице на давателот на аудиовизуелни услуги по барање,
– начинот на кој се обезбедува услугата,
– подрачјето на кое се врши дејноста,
– видот на услугата и краток опис на истата и
– датумот на започнување со обезбедување на услугата, како и секоја извршена промена при обезбедувањето на услугата.

(2) Агенцијата ги објавува на својата веб страница податоците од регистарот од ставот (1) на овој член имајќи ја предвид заштитата на личните податоци.

(3) Формата и содржината на регистарот од ставот (1) на овој член ги пропишува Агенцијата.

Член 58

Бришење од регистарот на даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање

Агенцијата ќе го избрише давателот на аудиовизуелни медиумски услуги по барање од регистарот од членот 57 од овој закон, доколку:
– давателот на аудиовизуелни медиумски услуги по барање во писмена форма ја извести Агенцијата дека престанал да ја врши дејноста,
– давателот на аудиовизуелни медиумски услуги по барање престане да ја извршува дејноста во период подолг од една година,
– давателот на аудиовизуелни медиумски услуги по барање повеќе не ги исполнува техничките услови за пренос на аудиовизуелни програми,
– давателот на аудиовизуелни медиумски услуги по барање не започне да ја врши дејноста во рок од три месеци од датумот за започнување на обезебедување на услугата наведен во пријавата од членот 56 став (3) од овој закон,
– на давателот на аудиовизуелни медиумски услуги по барање со правосилна судска одлука му е забрането вршење на дејност и
– давателот на аудиовизуелни медиумски услуги по барање престанал да постои.

Член 59

Надоместок за обезбедување на аудиовизуелни медиумска услуга по барање

За обезбедување на аудиовизуелни медиумски услуги по барање се плаќа годишен надоместок за надзор на сметка на Агенцијата согласно со членот 142 од овој закон.

Член 60

Промоција на производство и пристап до европски дела

(1) Давателите на аудиовизуелни медиумски услуги по барање, тогаш кога тоа е изводливо и со соодветни средства, треба да го промовираат производството и пристапот до европски дела. Таквото промовирање може да се однесува, меѓу другото, на:
– финансискиот придонес за производство и стекнување на права за европски дела или
– застапеноста и/или поставеноста на eвропските дела во каталогот со програми.

(2) На барање на Агенцијата давателите на аудиовизуелни медиумски услуги по барање се должни во рокот утврден во барањето на Агенцијата да и достават документи во врска со имплементацијата на одредбата од ставот (1) на овој член.

V.3. Обезбедување на телевизиско или радио емитување (линеарни медиумски услуги)

V.3.1. Општи одредби

Член 61
Начела

Радиодифузерите при вршењето на дејноста треба да ги почитуваат следниве начела:
– негување и развој на хуманите и моралните вредности на човекот и заштита на приватноста и достоинството на личноста,
– еднаквост на слободите и правата независно од полот, расата, националното, етничкото и социјалното потекло, политичкото и верското убедување, имотната и општествената положба на човекот и граѓанинот,
– поттикнување на духот на толеранцијата, заемното почитување и разбирање меѓу индивидуите од различно етничко и културно потекло,
– заштита на идентитетот на жртвите на насилство,
– почитување на пресумпција на невиност,
– поттикнување на меѓународно разбирање и соработка, чувство на јавноста за правичност и за одбрана на демократските слободи,
– отвореност на програмите за изразување на различните култури што се составен дел на општеството,
– зачувување и негување на националниот идентитет, јазичната култура и домашното творештво,
– објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења и овозможување на слободно оформување на мислењето на публиката за одделни настани и прашања,
– почитување на авторското право и сродните права,
– почитување на тајноста на изворот на информацијата,
– гарантирање на правото на одговор и исправка и
– самостојност, независност и одговорност на уредниците, новинарите и другите автори при создавањето на програмите и креирањето на уредувачката политика.

Член 62

Услови за обезбедување на телевизиско или радио емитување

(1) Дејноста обезбедување на телевизиско или радио емитување ја врши радиодифузер кој е запишан во Централниот регистар на Република Македонија, има седиште и уредништво во Република Македонија и има дозвола за телевизиско или радио емитување.

(2) Радиодифузер може да започне со обезбедување на телевизиско или радио емитување по добивање на дозвола за телевизиско или радио емитување.

(3) Дозволата од ставот (2) на овој член може да се издаде за подрачје на целата територија на Република Македонија, односно за државно ниво, за подрачје на одреден регион, односно за регионално ниво или за подрачје на одредено населено место со најблиската околина, односно за локално ниво, согласно со подзаконски акт донесен од страна на Агенцијата. Имателот на дозволата стекнува право да го емитува радио или телевизискиот програмски сервис во подрачјето, односно нивото за кое ја добил дозволата.

(4) Како подрачја на регионално ниво за кои се издава дозвола за вршење на радиодифузна дејност согласно со ставот (2) на овој член се сметаат зоните на распределба дефинирани во Планот Женева 06 кој е дел од Регионалната радиокомуникациска конференција за планирање на дигиталната радиодифузна служба во делови од регионите 1 и 3, во радиофреквенциските опсези 174-230 MHz и 470-862 MHz (RRC-06) на која и пристапила Република Македонија, освен зоната на распределба D1 – Црн Врв која се состои од два региона на емитување Скопје и Велес, односно подрачје на регионално ниво Скопје и подрачје на регионално ниво Велес. Подрачјето на регионално ниво Скопје ги содржи градот Скопје и општините Чучер Сандево, Арачиново, Илинден, Петровец, Зелениково, Студеничани и Сопиште. Подрачјето на регионално ниво Велес ги содржи општините Велес, Чашка, Свети Николе, Лозово, Градско, Росоман, Неготино и дел од општината Кавадарци.

(5) При обезбедување на телевизиско или радио емитување преку ограничен ресурс како што се радиофреквенции или преносен капацитет на дигитален терестријален мултиплекс на државно или регионално ниво, радиодифузерот е должен да обезбеди покриеност со сигнал на најмалку 80% од населението во Република Македонија, односно од населението во соодветниот регион.

(6) За обезбедување на телевизиско или радио емитување покрај условите и обврските пропишани во овој закон, радиодифузерот треба да исполнува посебни минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови во зависност од програмскиот формат, пропишани со подзаконски акт донесен од страна на Агенцијата.

Член 63

Начин на емитување

(1) Емитување на телевизиски програмски сервис може да се врши преку преносен капацитет на дигитален терестријален мултиплекс, јавна електронска комуникациска мрежа што не користи ограничен ресурс или преку сателит.

(2) Емитување на радиопрограмски сервис може да се врши преку радиофреквенции, преносен капацитет на дигитален терестријален мултиплекс, јавна електронска комуникациска мрежа што не користи ограничен ресурс или преку сателит.

Член 64

Употреба на јазик

(1) Радиодифузерите се должни да ја емитуваат програмата на македонски јазик и кирилско писмо, а во случаите кога програмата е наменета за заедница која не е во мнозинство, на јазикот и писмото на таа заедница.

(2) Доколку програмските сервиси што се реемитуваат преку јавни електронски комуникациски мрежи се титлуваат на јазик различен од јазикот на кој оригинално се произведени, мора да бидат титлувани на македонски јазик, или на јазикот на заедницата која не е во мнозинство, а го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, освен телешопингот и рекламите.

(3) Програмите на странски јазици или деловите од нив што се емитуваат на програмите на радиодифузерите треба да бидат преведени на македонски јазик, односно на јазикот на заедницата што не е во мнозинство.

(4) Одредбите од ставот (3) на овој член не се однесуваат на преноси на музички и сценски настани, на образовни програми за изучување на странски јазик, како и на деловите од програмите наменети за странци.

(5) Деловите од програмите што не се преведуваат се најавуваат на македонски јазик, односно на јазикот на заедницата што не е во мнозинство.

Член 65

Видови на радиодифузери

(1) Радиодифузер може да биде трговско радиодифузно друштво, јавнo радиодифузнo претпријатие или непрофитна радиодифузна установа.

(2) Трговско радиодифузно друштво можат да основаат правни и физички лица под услови утврдени со овој и друг закон.

(3) Јавно радиодифузно претпријатие се основа за целата територија на Република Македонија и врши функција на јавен радиодифузен сервис.

(4) Непрофитна радиодифузна установа може да се основа само за радио емитување и тоа од страна само на образовни, културни и други установи и здруженија на граѓани и фондации со цел за да се задоволат потребите и интересите на специфични целни групи.

(5) Повеќе субјекти од ставот (4) на овој член можат да добијат дозвола за емитување на програма на една радиофреквенција по принцип на поделба на времето за емитување (тајмшеринг).

(6) Со исклучок на ставот (4) на овој член, универзитетот како високообразовна установа може да основа радио како посебна внатрешна организациона единица (студентско радио) без својство на правно лице.

(7) На, радиодифузери кои обезбедуваат телевизиско емитување исклучиво наменето за рекламирање и телешопинг, како и за самопромовирање, соодветно се применуваат одредбите од овој закон.

Член 66

Регистар на радиодифузери

(1) Агенцијата води регистар на радиодифузери во Република Македонија, кој особено треба да содржи:
– фирма и седиште, како и име и презиме на одговорното лице на радиодифузерот,
– име и презиме на одговорниот уредник,
– адреса на уредништвото и адреса на одговорниот уредник,
– начин на емитување на програмскиот сервис (радиофреквенција, дигитален терестријален мултиплекс, сателит, или јавна електронска комуникациска мрежа),
– ниво на гледаност/слушаност (државно, регионално или локално),
– подрачје(а) на кое ќе се врши дејноста,
– сервисна зона и локација на техничкото средство за емитување, доколку се работи за радиотерестријално аналогно емитување,
– знак за идентификација и
– програмски концепт.

(2) Агенцијата ги објавува на својата веб страница податоците од регистарот од ставот (1) на овој член имајќи ги предвид прописите за заштитата на личните податоци.

(3) Формата и содржината на регистерот од ставот (1) на овој член ги пропишува Агенцијата.

Член 67

Програмски концепт на радиодифузер

(1) Форматот на програмскиот сервис на радиодифузерот (општ или специјализиран) и основните суштински насоки за работата на радиодифузерот се утврдени со програмски концепт.

(2) Програмскиот концепт на радиодифузер треба да содржи и програмска структура со која особено се утврдува:
– класификација на програмите во одделни групи според нивниот вид, како и предвиден квантитативен процентуален сооднос меѓу групите и
– предвидена застапеност на програма произведена од страна на самиот радиодифузер (in-house production) и продукција на македонски аудио/аудиовизуелни дела.

(3) Програмскиот концепт за телевизиско емитување треба да содржи и почетен износ на европски дела и дела од независни продуценти.

(4) За телевизиско емитување на регионално или локално ниво, како и за непрофитна радиодифузна установа не важи одредбата од ставот (3) на овој член.

(5) Образецот на програмскиот концепт од ставот (1) на овој член го изготвува Агенцијата и го објавува на својата веб страница.

(6) Радиодифузерот е должен да спроведува најмалку 80% од програмскиот концепт за кој му е издадена дозволата во текот на една недела.

(7) За промена или дополнување на програмскиот концепт врз основа на кој радиодифузерот ја добил дозволата за телевизиско или радио емитување, повеќе од 20%, радиодифузерот мора да добие претходна согласност од Агенцијата. Барањето за добивање на согласност се доставува на образец изготвен од страна на Агенцијата и објавен на нејзината веб страница.

(8) Програмскиот концепт врз основа на кој радиодифузерот ја добил дозволата за телевизиско или радио емитување, како и неговите промени или дополнувања се објавуваат на веб страницата на Агенцијата.

(9) Програмскиот концепт врз основа на кој радиодифузерот ја добил дозволата за телевизиско или радио емитување е составен дел на договорот за работа кој се склучува меѓу радиодифузерот и уредниците, односно новинарите.

(10) Одговорниот уредник е одговорен за имплементацијата на програмскиот концепт на радиодифузерот .

(11) Агенцијата подетално ќе ги пропише форматите на програмските сервиси за телевизиските или радио радиодифузери.

(12) Програмскиот концепт од ставот (1) на овој член се доставува до Агенцијата во постапката на доделување на дозвола за телевизиско или радио емитување.

(13) Одредбите од овој член не се однесуваат на јавниот радиодифузен сервис.

V.3.2. Начин и постапка на издавање на дозвола за телевизиско или радио емитување

Член 68

Дозвола за телевизиско или радио емитување

Дозволата за телевизиско или радио емитување ја доделува Агенцијата за одредено ниво на гледаност или слушаност (државно, регионално или локално), а имателот на дозволата стекнува право да го емитува радио или телевизискиот програмски сервис во подрачјето за кое ја добил дозволата.

Член 69

Начин на доделување на дозвола

(1) За програмскиот сервис на терестријално радио што се емитува преку ограничен ресурс како што се радиофреквенции или преносен капацитет на дигитален терестријален мултиплекс, дозволата за радио емитување ја доделува Агенцијата по пат на јавен
конкурс.

(2) За програмскиот сервис на терестријална телевизија доколку се емитува преку ограничен ресурс може да се емитува само преку преносен капацитет на дигитален терестријален мултиплекс за кој дозволата за телевизиско емитување ја доделува Агенцијата по пат на јавен конкурс.

(3) За програмскиот сервис на радио или телевизија што се емитува преку јавна електронска комуникациска мрежа што не користи ограничен ресурс или преку сателит, Агенцијата без јавен конкурс доделува дозвола за телевизиско или радио емитување.

(4) Постапката за доделување на дозвола за телевизиско или радио емитување е транспарентна и се води на начин што обезбедува еднаков, рамноправен и недискриминаторски третман на сите учесници во постапката.

(5) Агенцијата во соработка со Агенцијата за електронски комуникации, надлежното министерство, јавниот радиодифузен сервис и Јавното претпријатие Македонска радиодифузија, а по претходна добиена согланост од Владата на Република Македонија донесува План за намена и распределба на капацитети на дигитален терестријален мултиплекс на оператор на јавна електронска комуникациска мрежа кој има обврска за емитување на програмските сервиси на радиодифузерите. Утврдувањето на намената и распределбата на капацитети се врши имајќи го предвид исполнувањето на целите утврдени во членот (2) од овој закон.

(6) Планот од ставот (5) на овој член, покрај другото, треба да содржи:
– број на телевизиски програмски сервиси (стандардна/висока дефиниција),
– број на радио програмски сервиси,
– капацитети предвидени за дополнителни услуги, други придружни информации и податоци и
– предвидени капацитети за премин кон емитување на телевизија во висока дефиниција или други нови технологии.

(7) Планот од ставот (5) на овој член се објавува во “Службен весник на Република Македонија“ и на веб страницата на Агенцијата.

(8) Промената на Планот од ставот (5) на овој член не смее да ги намали параметрите за квалитетот на емитување на програмските сервиси на радиодифузерите кои во моментот се емитуваат.

Член 70

Доделување на дозвола за телевизиско или радио емитување по пат на јавен конкурс

(1) Агенцијата ќе донесе одлука за објавување на јавен конкурс за доделување на дозвола за телевизиско или радио емитување, по службена должност или по прием на писмено барање од заинтересирана страна, во согласност со Планот за доделување и користење на радиофреквенциите, Планот за намена и распределба на капацитети на дигитален терестријален мултиплекс, како и во согласност со студијата од ставот (3) на овој член.

(2) Доколку согласно со Планот за доделување и користење на радиофреквенциите или Планот за намена и распределба на капацитети на дигитален терестријален мултиплекс се утврди дека нема слободни радиофреквенции, или капацитети, Агенцијата во рок од осум дена од денот на приемот на барањето од ставот (1) на овој член ќе донесе одлука со која истото ќе го одбие.

(3) Одлуката од ставот (2) на овој член е конечна, а против истата може да се поднесе тужба пред надлежниот суд во рок од 30 дена од денот на нејзиниот прием.

(4) Доколку согласно со Планот за доделување и користење на радиофреквенциите, или Планот за намена и распределба на капацитети на дигитален терестријален мултиплекс се утврди дека има слободни радиофреквенции, или капацитети Агенцијата ќе изработи студија со која ќе ја утврди оправданоста за објавување на јавен конкурс, а особено од аспект на исполнувањето на целта на овој закон, како и од аспект на потребите на публиката. За да ги утврди потребите на публиката за телевизиско или радио емитување во соодветната сервисна зона, како и за видот, односно форматот на програмските сервиси за кои треба да се објави конкурсот, Агенцијата може да спроведе јавно истражување.

(5) Доколку студијата од ставот (4) на овој член се изработува заради објавување на јавен конкурс за доделување на дозвола за телевизиско или радио емитување, по писмено барање од заинтересирана страна, Агенцијата е должна истата да ја изработи во рок од три месеци од денот на приемот на барањето и да ја објави на својата веб страница.

(6) Доколку согласно со Планот за доделување и користење на радиофреквенциите или Планот за намена и распределба на капацитети на дигитален терестријален мултиплекс се утврди дека има слободни радиофреквенции, или капацитети и доколку со студијата од ставот (4) на овој член се утврди дека има оправданост за објавување на јавен конкурс, Агенцијата во рок од 15 дена од денот на објавувањето на студијата ќе донесе одлука за објавување на јавен конкурс за доделување на дозвола за телевизиско или радио емитување.

(7) Доколку со студијата од ставот (4) на овој член се утврди дека нема оправданост за објавување на јавен конкурс, Агенцијата во рок од осум дена од денот на објавувањето на студијата ќе донесе одлука со која ќе го одбие барањето од ставот (1) на овој член.

(8) Одлуката од ставот (7) на овој член е конечна, а против истата може да се поднесе тужба пред надлежниот суд во рок од 30 дена од денот на нејзиниот прием.

(9) Одлуката за објавување на јавниот конкурс за доделување на дозвола за телевизиско или радио емитување содржи образложение особено за причините за објавување на јавниот конкурс и се објавува во “Службен весник на Република Македонија”, на веб страницата на Агенцијата, како и во најмалку два дневни весници од кој едниот дневен весник е на јазикот на заедницата која не е во мнозинство, а го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија.

(10) Право на учество на јавниот конкурс има домашно и странско правно и физичко лице.

(11) Домашно правно лице чии основачи се и странски лица регистрирани во земјите во кои согласно со прописите на тие земји не е дозволено или не е возможно да се утврди потеклото на основачкиот капитал, не може да учествува на јавниот конкурс.

(12) Рокот за поднесување на пријави по конкурсот тече од првиот нареден ден од денот на објавувањето на одлуката од ставот (9) на овој член во “Службен весник на Република Македонија”.

Член 71

Содржина на одлуката за објавување на јавен конкурс

Одлуката за објавување на јавен конкурс за доделување на дозвола за телевизиско или радио емитување содржи:
– дејност (радио или телевизија) за која се распишува конкурсот,
– видот на програмскиот сервис, односно форматот утврден согласно со студијата од членот 70 од овој закон,
– нивото на гледаност/слушаност (државно, регионално или локално),
– подрачје(а) на кое ќе се врши дејноста,
– радиофреквенција(и) или капацитет во дигитален терестријален мултиплекс,
– број на дозволи за телевизиско или радио емитување,
– услови кои треба да се исполнат согласно со актот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови од членот 62 став (3) од овој закон, како и техничките карактеристики и параметри определени од страна на Агенцијата за електронски комуникации согласно со Законот за електронските комуникации и прописите донесени врз основа на него,
– критериуми за оценување и начин на бодирање согласно со членот 74 од овој закон,
– времетраење на дозволата согласно со членот 79 од овој закон,
– местото и времето кога може да се подигне конкурсната документација и висината и начинот на плаќање на надоместокот за документацијата,
– висината и начинот на плаќање на надоместоците утврдени со овој закон,
– висината и начинот на плаќање на надоместоците за користење на радиофреквенција или повеќе радиофреквенции ако се дел на една дозвола, односно висина и начин на плаќање за емитување преку слободен канал на мултиплекс,
– документацијата што треба да се поднесе заедно со пријавата согласно со членот 73 став (3) од овој закон,
– начинот за поднесување на пријавите и крајниот рок за поднесување на пријавите кој не може да биде пократок од 60 и подолг од 90 дена од денот на објавувањето на одлуката за објавување на јавниот конкурс во “Службен весник на Република Македонија“,
– адреса, место, датум и време на јавното отворање на пријавите,
– лице за контакт од кого кандидатите можат да добијат дополнителни информации,
– рок во кој ќе биде донесена одлуката за доделување на дозволата кој не може да биде подолг од 30 дена од денот на јавното отворање на пријавите и
– рок кој не може да биде подолг од седум дена во кој кандидатите ќе бидат известени за донесената одлука за доделување на дозволата, а која треба да содржи детално образложение со наведување на причините за донесување на одлуката.

Член 72

Конкурсна документација

Агенцијата е должна во конкурсната документација детално да ги образложи и допрецизира сите одредби од одлуката за објавување на јавен конкурс за доделување на дозвола за телевизиско или радио емитување.

Член 73

Пријава за учество на јавниот конкурс

(1) Кандидатите на конкурсот поднесуваат пријави на посебен образец чија форма и содржина ги пропишува Агенцијата и истиот треба особено да содржи:
– име и презиме, адреса, факс, е-маил и акт за државјанство на кандидатот или фирма и седиште на правното лице, доколку кандидатот е правно лице,
– природата и обемот на учество кој ќе го има кандидатот во сопственичката структура на радиодифузерот и негово учество во сопственичката структура во други радиодифузери, доколку ја има,
– име или назив, матичен или даночен број на други физички или правни лица, кои ќе учествуваат во сопственичката структура на радиодифузерот и нивното учество во други радиодифузери, доколку ги има,
– податоци за други правни или физички лица кои би можеле да имаат значително влијание врз уредничката политика на радиодифузерот од аспект на поврзани лица во смисла на овој закон,
– седиштето каде што ќе биде радиодифузерот, како и седиштето каде што ќе се носат уредничките одлуки и
– рок на започнување со вршење на дејноста.

(2) Образецот од ставот (1) на овој член се објавува на веб страницата на Агенцијата.

(3) Кон пријавата од ставот (1) на овој член се доставува следнава документација:
– понуден програмски концепт,
– доказ за регистрација на правното лице,
– доказ за сопственичката структура на правното лице,
– понудени технички, просторни, финансиски и кадровски услови, согласно со актот од членот 62 став (6) од овој закон и деловен план (технички проект со опис на постојната и планираната студиска опрема, особено во сегментот на продукцијата и податоци за постојната и планираната кадровска структура),
– доказ дека кандидатот не е во стечај и/или во процес на ликвидација издаден од надлежен орган на домицилната држава, или изјава од кандидатот дека не е во стечај и/или во процес на ликвидација заверена на нотар,
– соодветна исправа како доказ дека на кандидатот не му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на дејност од регистар или евиденција, или изјава од кандидатот дека не му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на дејност заверена на нотар,
– извештај за билансот на состојба и податоци од билансот на успех потврдени од Централниот регистар за последните две години, односно за странско правно лице, ревизорски извештај издаден од странска реномирана институција регистрирана за вршење на ревизија и кој треба да содржи податоци за вкупното економско работење на странскиот обезбедувач во последните две години,
– документи што го гарантираат финансирањето на деловниот план, односно на дејноста,
– изјава заверена на нотар дека ќе ги почитува техничките карактеристики и параметри утврдени во одлуката за објавување на јавен конкурс, а определени од страна на Агенцијата за електронски комуникации согласно со Законот за електронските комуникации и прописите донесени врз основа на него,
– изјава заверена на нотар дека ќе ги почитува понудените технички, просторни, финансиски и кадровски услови, како и обврските во понудениот деловен план,
– изјава заверена на нотар дека не ги прекршува одредбите од Главата IV на овој закон,
– изјава заверена на нотар дека ги прифаќа условите наведени во конкурсната документација,
– изјава заверена на нотар дека не постои судир на интереси согласно со Законот за спречување на судир на интереси и
– други податоци и документи што подносителот ги смета за корисни при одлучувањето за доделување дозвола.

Член 74

Критериуми за оценување

(1) Агенцијата ги оценува пријавите врз основа на следниве критериуми:
– предвидена застапеност на програма произведена од страна на самиот радиодифузер (in-house production) и продукција на македонски аудио или аудиовизуелни дела,
– квалитет, жанровска и тематска разновидност на содржините, со што ќе се даде придонес за поголема разновидност и плурализам на македонскиот пазар,
– застапеноста на програми со кои се поттикнува развој и зачувување на националната култура,
– предвидена застапеност на програми од независни продуценти и на европски аудиовизуелни дела,
– техничките услови за производство на програмите,
– просторните услови за вршење на дејноста,
– бројот и структурата на вработените потребни за вршење на дејноста,
– Финансиската способност за остварување на дејноста за времето за кое се доделува дозволата и понудените гаранции,
– понуден рок на започнување со вршење на дејноста и
– понудено време на дневно емитување.

(2) Доколку дозволата се однесува за телевизиско или радио емитување на регионално или локално ниво, освен критериумите од ставот (1) на овој член, дополнителен критериум е понудената застапеноста на програми што ќе третираат настани, информации и други содржини од значење за подрачјето во кое ќе се емитува програмата.

(3) Агенцијата во одлуката за објавување на јавен конкурс за доделување на дозвола за телевизиско или радио емитување од членот 71 од овој закон, го утврдува начинот на бодирање на критериумите од ставовите (1) и (2) на овој член, при што на критериумите од ставот (1) алинеи 1, 2 и 3 на овој член треба да им биде доделен најголем дел од вкупниот број на бодови.

Член 75

Одлука за доделување на дозвола

(1) Јавниот конкурс за доделување на дозвола за телевизиско или радио емитување е успешен доколку е примена најмалку една пријава која ги исполнува условите утврдени во конкурсот.

(2) Пред донесувањето на одлуката за доделување на дозвола за телевизиско или радио емитување, Агенцијата може да разменува информации со кандидатите заради појаснување на одредени делови од нивните понуди на начин утврден во Деловникот за работа на Агенцијата.

(3) Одлуката за доделување на дозвола за телевизиско или радио емитување со детално образложение се објавува во “Службен весник на Република Македонија” и на веб страницата на Агенцијата.

(4) Одлуката од ставот (3) на овој член особено треба да содржи:
– образложение за причините за изборот на кандидатот,
– податоци за избраниот најповолен кандидат,
– дејност (радио/телевизија),
– нивото на гледаност/слушаност (државно, регионално или локално),
– подрачје(а) на кое ќе се врши дејноста,
– начин на емитување на програмскиот сервис (радиофреквенција, капацитет од дигитален терестријален мултиплекс),
– период на важност на дозволата,
– начин на пресметка и начин на плаќање на надоместокот за дозволата,
– формат на програмскиот сервис,
– рок на започнување со вршење на дејноста,
– последиците за непочитување на рокот за започнување со вршење на дејноста и
– упатство за правен лек.

(5) Одлуката од ставот (3) на овој член може да содржи и други податоци во согласност со документацијата на јавниот конкурс, поднесената понуда, како и согласно со одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на него.

(6) Одлуката од ставот (3) на овој член Агенцијата е должна да им ја достави на сите учесници на конкурсот во рок од седум дена од денот на нејзиното донесување.

(7) Одлуката од ставот (3) на овој член е конечна, а учесниците на конкурсот кои не се задоволни од одлуката имаат право во рок од 30 дена од денот на приемот на истата да поднесат тужба до надлежниот суд. Постапката пред надлежниот суд е итна.

Член 76

Доделување на дозвола без објавување на јавен конкурс

(1) За доделување на дозвола за телевизиско или радио емитување преку јавна електронска комуникациска мрежа што не користи ограничен ресурс или преку сателит, не се распишува јавен конкурс и дозволата се доделува по барање на заинтересирана страна на начин и постапка утврдени со овој закон.

(2) Дозволата од ставот (1) на овој член ја доделува Агенцијата

(3) Барањето од ставот (1) на овој член треба особено да содржи:
– име и презиме, адреса, факс, е-маил и акт за државјанство на барателот или фирма и седиште на правното лице, доколку барателот е правно лице,
– природата и обемот на учество кој ќе го има барателот во сопственичката структура на радиодифузерот и негово учество во сопственичката структура во други радиодифузери, доколку ја има,
– име или назив и матичен или даночен број на други физички и правни лица, кои ќе учествуваат во сопственичката структура на радиодифузерот и нивното учество во други радиодифузери, доколку ги има,
– податоци за други правни и физички лица кои би можеле да имаат значително влијание врз уредничката политика на радиодифузерот од аспект на поврзани лица, во смисла на овој закон,
– седиштето каде што ќе биде радиодифузерот, како и седиштето каде што ќе се носат уредувачките одлуки,
– дејност (радио/телевизија),
– нивото, односно подрачјето на гледаност, односно слушаност на кое ќе се врши дејноста,
– техничкото средство за емитување (јавна електронска комуникациска мрежа што не користи ограничен ресурс или сателит и
– рок на започнување со вршење на дејноста.

(4) Со барањето од ставот (1) на овој член се доставува и преддоговор за емитување на програмскиот сервис, заверен на нотар, склучен со операторот на јавната електронска комуникациска мрежа која не користи ограничен ресурс или со операторот на сателит, како и документацијата определена во членот 73 став (3) од овој закон.

(5) Образецот на барањето од ставот (1) на овој член го изготвува Агенцијата и истиот се објавува на веб страницата на Агенцијата.

(6) Доколку барањето не ги содржи податоците од ставовите (3) и (4) на овој член, Агенцијата во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето ќе го извести за тоа барателот и ќе го задолжи во рок од десет дена од денот на приемот на известувањето да го дополни барањето.

(7) Агенцијата ќе ја донесе одлуката за доделување на дозволата од ставот (1) на овој член во рок од три месеци од денот на приемот на уредното барање, доколку утврди дека барателот ги исполнува условите и обврските утврдени со овој закон и прописите донесени врз основа на него и доколку на барателот не му била одземена дозвола за телевизиско или радио емитување во последните пет години.

(8) Пред да ја донесе одлуката од ставот (7) на овој член Агенцијата може да побара од барателот појаснување на одредени делови од барањето и документацијата од ставовите (3) и (4) на овој член, на начин утврден во Деловникот за работа на Агенцијата.

(9) Агенцијата одлуката за доделување на дозвола ќе ја објави на својата веб страница.

Член 77

Издавање на дозвола за телевизиско или радио емитување

(1) По приемот на одлуката за доделување на дозвола за телевизиско или радио емитување од членот 75 или 76 од овој закон, избраниот најповолен кандидат, односно барателот за доделување на дозвола без објавување на јавен конкурс треба да се регистрира во соодветниот регистар како трговско радиодифузно друштво или непрофитна радиодифузна установа.

(2) Агенцијата ќе ја издаде дозволата за телевизиско или радио емитување во рок од 15 дена од денот на приемот на регистрацијата од ставот (1) на овој член.

(3) Агенцијата за електронски комуникации врз основа на дозволата за радио емитување со користење на радиофреквенции издава одобрение за користење на радиофреквенции согласно со Законот за електронските комуникации.

(4) Агенцијата е должна во рок од пет дена од денот на издавањето на дозволата за емитување преку преносен капацитет на дигитален терестријален мултиплекс, или преку јавна електронска комуникациска мрежа, писмено да го извести операторот преку кој ќе се емитува програмскиот сервис.

(5) Операторот на дигитален терестријален мултиплекс ќе склучи договор со радиодифузерот кој од Агенцијата има добиено дозвола за телевизиско или радио емитување, за емитување на неговиот програмски сервис во рок од 15 дена од денот на приемот на известувањето од ставот (4) на овој член, согласно со одредбите од Законот за електронските комуникации кои се однесуваат на емитувањето преку дигитален терестријален систем.

(6) Операторот на јавна електронска комуникациска мрежа која не користи ограничен ресурс ќе склучи договор со радиодифузерот кој од Агенцијата има добиено дозвола за телевизиско или радио емитување, за емитување на неговиот програмски сервис во рок од 15 дена од денот на приемот на известувањето од ставот (4) на овој член почитувајќи ги принципите на објективност, транспарентност и недискриминација. Радиодифузерите се должни склучените договори да ги достават до Агенцијата во рок од 15 дена од денот на нивното склучување.

(7) Доколку страните од ставовите (5) и (6) на овој член не постигнат договор во утврдениот рок, Агенцијата за електронски комуникации по барање на една од страните поведува постапка за решавање на спор согласно со одредбите од Законот за електронските комуникации.

Член 78

Содржина на дозвола за телевизиско или радио емитување

(1) Дозволата за телевизиско или радио емитување од членот 77 став (2) од овој закон содржи:
– податоци за носителот на дозволата,
– начин на емитување на програмскиот сервис (радиофреквенции, дигитален терестријален мултиплекс, сателит или јавна електронска комуникациска мрежа),
– нивото на гледаност/слушаност (државно, регионално или локално),
– подрачје(а) на кое ќе се врши дејноста,
– детални податоци за сопственичката структурата во согласност со овој закон,
– знак за идентификација,
– програмски концепт,
– датум на започнување со вршење на дејноста утврден во пријавата на кандидатот односно во барањето за добивање на дозвола,
– период на важност на дозволата и
– начинот на пресметка и начинот на плаќање на надоместоците.

(2) Во дозволата за телевизиско или радио емитување од членот 77 став (2) од овој закон треба да се наведе дека имателот на дозволата е должен да работи во согласност со овој закон, прописите донесени врз основа на него, како и во согласност со условите утврдени во дозволата.

Член 79

Времетраење на дозвола за телевизиско или радио емитување

(1) Дозволата за телевизиско или радио емитување на трговските радиодифузни друштва и на непрофитните радиодифузни установи се доделува за временски период од девет години со можност за продолжување на истата.

(2) Дозволата за телевизиско или радио емитување може да се продолжи на барање на носителот за време од девет години. Барањето се доставува до Агенцијата во рок не подолг од шест месеци пред истекот на важноста на дозволата и истата се продолжува со одлука на Советот во рок не подолг од 30 дена од денот на приемот на барањето.

(3) При разгледување на барањето од ставот (2) на овој член, Агенцијата треба да го има предвид придонесот на радиодифузерот за поголема разновидност и плурализам на македонскиот пазар.

(4) Дозволата за вршење на радиодифузна дејност не може да се пренесува на друго лице.

(5) Против одлуката на Советот со која се одбива барањето за продолжување на дозволата, имателот има право да поднесе тужба до надлежниот суд во рок од 30 дена од денот на приемот на истата. Постапката пред надлежниот суд е итна.

Член 80

Надоместок за дозвола за телевизиско или радио емитување

(1) За дозволата за телевизиско или радио емитување радиодифузерите со исклучок на јавниот радиодифузен сервис, плаќаат годишен надоместок на сметка на Агенцијата согласно со овој закон.

(2) Висината на надоместокот за дозволата се определува врз основа на следнава формула: ((Н х БДП / 200.000) х Рт х Кп) + А) x 0.7, каде што:
Н – е број на вкупното население во подрачјето предвидено со дозволата, претставено како бодови, според последните податоци од Државниот завод за статистика,
БДП – е бруто домашен производ по жител, изразено во евра, а претставено како бодови, според последните податоци од Државниот завод за статистика,
Рт – е коефициент каде што за телевизиска програма е Рт=1, а за радиопрограма е
Рт=1/4,
Кп – е коефициент кој во зависност од форматот на радиодифузниот сервис изнесува за:
– програма на трговско радиодифузно друштво што опфаќа информативни, играни, документарни, образовни, програми од областа на културата, уметноста и хуманитарните науки, спортски, музички и забавни програми изнесува од 0,75 до1,
– специјализирани програми на трговско радиодифузно друштво чии содржини се од ист вид (спортски, музички, културни, образовни и друго), изнесува од 1,15 до 1,5,
– програми на трговско радиодифузно друштво наменети за телешопинг изнесува 2,5 и
– за програма на непрофитна радиодифузна установа изнесува 0,25 и
А – е константа која изнесува 100 бода за радио и 200 бода за телевизија.

(3) Вредноста на еден бод изнесува 1 евро пресметано во денарска противвредност по средниот курс на еврото според Народната банка на Република Македонија на денот на плаќањето.

(4) Начинот на пресметувањето, фактурирањето и наплатата на надоместокот за дозволата за телевизиско или радио емитување ги утврдува Агенцијата врз основа на горенаведената формула со подзаконски акт. Висината на надоместокот за дозволата за телевизиско или радио емитување Агенцијата ја соопштува на почетокот на календарската година по добивањето на податоците од Државниот завод за статистика.

(5) Годишниот надоместок се плаќа за секоја тековна година почнувајќи од датумот на доделување на дозволата за телевизиско или радио емитување во рок од 30 дена од денот на приемот на фактурата издадена од Агенцијата.

(6) Надоместоците што се платени за годината во која на радиодифузерите им е одземена дозволата за телевизиско или радио емитување, односно за годината во која престанала нејзината важност не се враќаат.

(7) Трговските радиодифузни друштва кои емитуваат програма на радио и кои што на почетокот на календарската година доброволно ќе пријават во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги процент на емитување на музика на македонски јазик и етничките заедници, за истиот процент ќе добијат намалување на висината на надоместокот за лиценца.

(8) Минималното намалување на надоместокот за лиценца по овој основ може да биде 10%, а максималното намалување до 30%. Трговските радиодифузни друштва кои емитуваат програма на радио и кои емитуваат музика повеќе од 30% на македонски јазик и етничките заедници, не може да добијат намалување на надоместокот за лиценца повеќе од 30%.

(9) Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе донесе подзаконски акт со кој ќе утврди план за времето и жанрот за емитување на музика на македонски јазик и етничките заедници за трговските радиодифузни друштва кои емитуваат програма на радио.

Член 81

Надоместок за користење на радиофреквенции

За користење на радиофреквенциите се плаќа годишен надоместок на сметка на Агенцијата за електронски комуникации согласно со Законот за електронските комуникации.

Член 82

Одземање на дозвола за телевизиско или радио емитување

Агенцијата ќе ја одземе дозволата за телевизиско или радио емитување пред истекот на рокот за којшто е издадена и ќе го избрише радиодифузерот од регистарот на радиодифузери во следниве случаи, по претходно доставено писмено известување доколку:
– имателот на дозволата не започне со вршење на дејноста во рокот утврден во дозволата,
– имателот на дозволата престанал со емитување на програмскиот сервис повеќе од 30 дена поради технички, финансиски или други причини,
– имателот на дозволата подолго од 30 дена од денот на започнување со вршење на дејноста, утврден во дозволата, не ги исполнил техничките, просторните, финансиските и кадровските услови што ги понудил во постапката на доделување на дозволата, а врз основа на извршен стручен надзор согласно со членот 30 од овој закон,
– имателот на дозволата дал неточни податоци кои биле важни за донесување на одлуката за доделување на дозволата,
– по издавањето на дозволата ќе настанат околности што претставуваат законски пречки за имателот на дозволата да ја врши дејноста,
– имателот на дозволата не го плати надоместокот во законски утврдениот рок,
– не се отстрани недозволена медиумска концентрација согласно со овој закон и
– на радиодифузерот со правосилна судска одлука му е забрането вршење на дејност.

Член 83

Постапка за одземање на дозвола

(1) Советот покренува постапка за одземање на дозвола за телевизиско или радио емитување по предлог на директорот на Агенцијата.

(2) Предлогот од ставот (1) на овој член се доставува до сите членови на Советот во писмена форма со детално образложение за причините за одземање на дозволата, а согласно со случаите од членот 82 од овој закон.

(3) Советот е должен во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот од ставот (1) на овој член да донесе одлука со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.

(4) Доколку Советот донесе одлука за одземање на дозволата истата мора да биде образложена и објавена во “Службен весник на Република Македонија”, на веб страницата на Агенцијата и во најмалку два дневни весници од кој едниот дневен весник е на јазикот на заедницата која не е во мнозинство, а го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија.

Член 84

Право на судска заштита против одлуката за одземање на дозвола

(1) Одлуката за одземање на дозволата за телевизиско или радио емитување е конечна, а против истата имателот на дозволата има право да поднесе тужба до надлежниот суд во рок од 30 дена од денот на нејзиниот прием.

(2) Постапката пред надлежниот суд е итна.

Член 85

Престанок на важност на дозвола по сила на закон

(1) Дозволата за телевизиско или радио емитување престанува да важи по сила на закон во следниве случаи:
– со истекот на рокот за кој е доделена,
– со писмена изјава на имателот со која се известува Агенцијата дека престанува со емитувањето на радио или телевизиска програма,
– ако имателот на дозволата престанал да постои,
– со одземање на дозволата од страна на Агенцијата,
– ако настапи стечај на имателот на дозволата или
– ако настапи ликвидација на имателот на дозволата.

(2) За престанок на важност на дозволата за телевизиско или радио емитување по сила на закон Советот не носи одлука. Агенцијата ќе го избрише радиодифузерот од регистарот на радиодифузери доколку дозволата престанала да му важи согласно со ставот (1) на овој член.

Член 86

Стечај или ликвидација на трговско радиодифузно друштво

(1) Над трговско радиодифузно друштво може да се спроведе постапка за ликвидација или да се отвори стечајна постапка согласно со закон.

(2) Одредбата од ставот (1) на овој член не се однесува на јавниот радиодифузен сервис.

V.3.3. Програмски принципи, права и обврски

Член 87

Настани со ексклузивни права за емитување

(1) Радиодифузер врз основа на добиени ексклузивни права е должен да емитува настани за кои се смета дека се од големо значење за општеството, на начин со кој на најмалку 80% од јавноста во Република Македонија ќе им го овозможи следењето на таквите настани преку директно или одложено емитување на телевизија со слободен пристап (бесплатна телевизија) утврдено во одлуката од членот 88 од овој закон.

(2) Радиодифузерите не смеат да ги користат ексклузивните права за емитување настани од големо значење за општеството на начин со кој публиката во други држави ќе биде оневозможена да го следи настанот што таа земја го пријавила како настан од големо значење.

Член 88

Утврдување на листа на настани од големо значење

(1) Советот донесува одлука со која утврдува листа на настани (национални или меѓународни) за кои смета дека се од големо значење за општеството и притоа одредува дали тие настани треба да бидат во целост или делумно достапни за директен пренос или онаму каде што е тоа неопходно или соодветно за јавниот интерес, а од објективни причини, во целост или делумно достапни преку одложен пренос. Одлуката треба да содржи и дополнителни податоци за тоа што треба да направат заинтересираните радиодифузери за да се почитува листата на настани од големо значење утврдена во другите држави.

(2) Агенцијата е должна за одлуката од ставот (1) на овој член да ја извести Европската комисија и Комитетот за прекугранична телевизија на Советот на Европа.

(3) Одлуката од ставот (1) на овој член Советот е должен да ја донесе навремено и на јасен и транспарентен начин согласно со членот 10 од овој закон.

Член 89

Право на кратко известување

(1) Секој радиодифузер, под фер, разумни и недискриминирачки услови, има право на кратко известување за настани за кои постои висок интерес кај јавноста за кои ексклузивни права има радиодифузер од Република Македонија.

(2) Доколку радиодифузер од Република Македонија нема ексклузивни права за емитување на настан за кој постои висок интерес кај јавноста, пристапот до информации за настанот се обезбедува од друг радиодифузер од Република Македонија кој ги има ексклузивните права. Условите треба да се соопштат навремено пред случувањето на настанот за кои постои висок интерес кај јавноста за да им се даде доволно време на другите радиодифузери за користење на таквото право.

(3) Агенцијата го гарантира пристапот до настаните од ставовите (1) и (2) на овој член на тој начин што на радиодифузерот му овозможува слободен избор на кратки исечоци од преносниот сигнал на другиот радиодифузер со најмалку означување на нивниот извор. Начинот за пристап до преносниот сигнал го пропишува Агенцијата, врз основа на претходно добиено мислење од Агенцијата за електронски комуникации.

(4) Радиодифузерот може, наместо пристап до преносниот сигнал од ставот (3) на овој член, да оствари пристап до настаните од ставовите (1) и (2) на овој член и со присуство на местото на таквите настани заради снимање на краток исечок или со користење на снимен материјал од радиодифузерот кој има ексклузивни права за пренос на настанот за кој постои висок интерес кај јавноста.

(5) Кратко известување, во смисла на овој член, се смета известување во траење од најмногу една и пол минута. Кратките известувања се користат единствено во вести и спортски магазини кои не можат да се состојат само од кратки известувања на радиодифузерот, а во аудиовизуелните медиумски услуги по барање може да се користат само доколку радиодифузерот е и давател на аудиовизуелни медиумски услуги по барање и доколку истите ги нуди со одложен временски период.

(6) Радиодифузерот кој емитува настан за кој постои висок интерес кај јавноста може од радиодифузерот кој бара пристап да му побара само плаќање на стварните трошоци кои ги имал заради обезбедување на обврската за пристап. Предвидениот надоместок не смее да ги надмине дополнителните трошоци директно настанати со овозможување на  пристапот.

(7) Правото на кратко известување мора да се оствари на начин што нема да влијае на текот на настаните.

(8) Кога настанот за кој постои висок интерес кај јавноста се состои од повеќе организациски самостојни настани, секој самостоен настан во поглед на остварување на правата за краткото известување ќе се смета за настан за кој постои висок интерес кај јавноста.

(9) Кога настанот за кој постои висок интерес кај јавноста трае два или повеќе дена, радиодифузерот има право секој ден да обезбеди една кратко известување за тој настан.

(10) Радиодифузерот кој го искористил правото на кратко известување мора да му овозможи еднократно користење на снимката на друг радиодифузер кој настанот не можел да го сними и има право да бара надоместок за пропорционален, односно сразмерен дел од стварните трошоци како и наведување на неговото име на објавата.

V.3.4. Програмски стандарди

Член 90

Времетраење на дневно емитување кај радиодифузерите

(1) Радиодифузерите што вршат дејност на државно ниво се должни да емитуваат најмалку 18 часа дневно програма на радио и најмалку 12 часа дневно програма на телевизија.

(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, дополнителните програмски сервиси на Јавниот радиодифузен сервис, утврдени во членот 107 став (5) од овој закон можат да емитуваат и помал број часови програма дневно.

(3) Радиодифузерите што вршат дејност на регионално ниво се должни да емитуваат најмалку 12 часа дневно програма на радио и најмалку 8 часа дневно програма на телевизија.

(4) Радиодифузерите што вршат дејност на локално ниво се должни да емитуваат најмалку 10 часа дневно програма на радио и најмалку 6 часа дневно програма на телевизија.

(5) Непрофитните радиодифузни установи се должни да емитуваат најмалку 4 часа дневно програма на радио.

(6) Во дневната програма не се смета емитувањето на неподвижни слики, тест сигнали и други видови на аудио и аудиовизуелен материјал кои не се опфатени со дефинициите за аудиопрограма и за аудиовизуелна програма од членот 3 од овој закон.

Член 91

Обврски на радиодифузерите за емитување на европски дела и дела од независни продуценти

(1) Телевизиските радиодифузери кои емитуваат телевизиски програмски сервиси на државно ниво, тогаш кога тоа е изводливо и со соодветни средства треба да обезбедат најмалку 51% од вкупно емитуваните програми во текот на годината да бидат европски аудиовизуелни дела при што не се смета времето одредено за вести, спортски настани, игри, рекламирање, телетекст и телешопинг услуги.

(2) Радиодифузерите кои емитуваат телевизиски програмски сервиси на државно ниво се должни од буџетот наменет за програми да издвојат најмалку 10% за Европски аудиовизуелни дела од независни продуценти, при што најмалку половина од истите треба да бидат произведени во последните пет години.

(3) Обврската од ставовите (1), (2) и (5) на овој член радиодифузерите треба да ја исполнат прогресивно, врз основа на соодветни критериуми, во согласност со остварувањето на медиумските функции (информативна, образовна и забавна).

(4) Правилата за остварување на обврските од овој член се уредуваат со подзаконски акт што го донесува Агенцијата.

(5) Како отстапување од ставот (1) на овој член јавниот радиодифузен сервис е должен на најмалку еден телевизиски програмски сервис на македонски јазик да обезбеди не помалку од 60% од вкупно емитуваните програми во текот на годината да бидат европски аудиовизуелни дела.

(6) Во уделот на европски дела спаѓаат и аудиовизуелни дела од сопствено производство и македонски аудиовизуелни дела.

(7) Исполнувањето на обврските од ставовите (2) и (5) на овој член од страна на јавниот радиодифузен сервис се составен дел на годишниот извештај за работа на јавниот радиодифузен сервис за претходната година.

(8) Обезбедувањето аудио и аудиовизуелни дела од независни продуценти согласно со ставот (2) на овој член, јавниот радиодифузен сервис го врши согласно со годишната програма за работа на јавниот радиодифузен сервис за наредната година.

Член 92

Обврски на радиодифузерите за емитување програма на македонски јазик или на јазиците на заедниците во Република Македонија

(1) Трговските радиодифузни друштва кои емитуваат телевизиски програмски сервис се обврзуваат дневно да емитуваат најмалку 30% програма изворно создадена како македонски аудио или аудиовизуелни дела, a јавниот радиодифузен сервис најмалку 40%.

(2) Одредбата од ставот (1) на овој член не се однесува на програмските сервиси од специјализиран формат.

(3) Трговските радиодифузни друштва кои емитуваат телевизиски програмски сервис се обврзани најмалку половина од обврските утврдени во ставот (1) на овој член да ги остварат во периодот од 7,00 до 19,00 часот.

(4) Јавниот радиодифузен сервис е обврзан на најмалку еден радио програмски сервис на македонски јазик и на радио програмскиот сервис на јазиците на етничките заедници кои не се во мнозинство во Република Македонија, дневно да обезбеди најмалку 50% од емитуваната инструментална, вокална и/или вокално-инструментална музика изворно создадена во Република Македонија да биде на македонски јазик или на јазикот на етничките заедници кои не се мнозинство, а на вториот радио програмски сервис на македонски јазик дневно да обезбеди најмалку 30% од емитуваната инструментална, вокална и/или вокално-инструментална музика изворно создадена во Република Македонија да биде на македонски јазик.

(5) Правилата за спроведување на обврските од овој член подетално ги пропишува Агенцијата.

Член 92-а

Максимален износ за исплата на надоместок

Избришан

Член 92-б

Меѓуресорска комисија

Избришан

Член 92-в

Надлежност на комисијата

Избришан

Член 92-г

Јавен повик

Избришан

Член 92-д

Одобрување на предлог проект

Избришан

Член 92-ѓ

Следење на процесот на производство

Избришан

Член 92-е

Обврска за известување на Агенцијата

Избришан

Член 92-ж

Барање за исплата на надоместок

Избришан

Член 92-з

Барање за податоци и утврдување на трошоци

Избришан

Член 92-s

Распределба на исплатениот надоместок

Избришан

Член 92-и

Обврска за достава на дигитална копија

Избришан

Член 93

Користење на телефонски услуги со додадена вредност и телефонско гласање

(1) Радиодифузерите можат да користат телефонски услуги со додадена вредност, вклучувајќи го и телефонското гласање, освен во вести, во информативна и образовна програма, во верски служби и проповеди и во програми за деца.

(2) Во програмите на непрофитните радиодифузни установи не е дозволено користење на телефонски услуги со додадена вредност.

(3) Правилата за користење на телефонски услуги со додадена вредност во другите видови програми ги пропишува Агенцијата.

Член 94

Емитување игри на среќа

(1) Радиодифузерите можат да емитуваат игри на среќа организирани само од субјекти со лиценца од надлежен орган за организирање игри на среќа.

(2) Јавниот радиодифузен сервис на своите програми не може да организира и да емитува игри на среќа со обложување на спортски натпревари.

Член 95

Поврзување во единствен систем

(1) Радиодифузерите што вршат дејност на локално ниво можат да се поврзуваат во единствен систем за емитување на заедничка програма, само по претходно доставено известување до Агенцијата, но не подолго од 4 часа во текот на 24 часа.

(2) Радиодифузерите што се поврзуваат во единствен систем за емитување на заедничка програма се должни да ја известат Агенцијата за програмскиот концепт за заедничката програма и да именуваат одговорен уредник на програмата.

Член 96

Следење на изборна кампања

(1) За време на изборна кампања радиодифузерите се должни да ги почитуваат прописите со кои се регулираат изборите во Република Македонија.

(2) Агенцијата врши активности поврзани со изборите во Република Македонија во согласност со прописите со кои се регулираат изборите во Република Македонија.

Член 97

Идентификација на радиодифузер

(1) Радиодифузер треба да има свој знак за идентификација.

(2) Знакот за идентификација на радиодифузерот, мора да биде континуирано истакнат за време на емитување на телевизиската програма, односно да се емитуваат најмалку еднаш во текот на еден реален час на радиопрограмата.

(3) Во случаите кога радиодифузер емитува програма во единствен систем, во текот на траењето на таа програма тие, исто така, се должни да ги истакнуваат знаците на идентификација.

(4) Радиодифузер не може да употребува знак за идентификација поинаков од оној утврден во дозволата за вршење на радиодифузна дејност.

(5) Радиодифузерот за секоја промена на знакот за идентификација е должен да достави примерок од истиот до Агенцијата.

V.3.5. Рекламирање и телешопинг

Член 98

Услови за рекламирање и телешопинг

(1) Рекламирањето и телешопингот треба да бидат јасно препознатливи и одвоени од другите делови на програмата. За да не се спречува употребата на нови рекламни техники, освен со оптички и/или звучни средства рекламирањето и телешопингот можат да се одвојат од другите делови на програмата и со просторни средства.

(2) Правилата за новите рекламни техники ги пропишува Агенцијата.

Член 99

Начин на рекламирање и телешопинг

(1) Рекламирањето и телешопинг спотовите по правило се емитуваат во блокови вметнати меѓу програмите. Изолирани рекламни и телешопинг спотови, освен оние во преноси на спортски настани, треба да биде исклучок.

(2) Телешопинг прозорците мора да бидат јасно означени со оптички и звучни средства и да имаат непрекинато времетраење од минимум 15 минути.

(3) Не е дозволен телешопинг на медицински производи кои се предмет на авторизација за маркетинг, како и на медицински третмани.

(4) Рекламирање и телешопинг не може да се емитува и во програми за деца чие времетраење е еднакво или пократко од 30 минути.

(5) Во програмите за деца кои траат повеќе од 30 минути (без времето одвоено за рекламирање и телешопинг) може да се емитуваат рекламни и/или телешопинг спотови еднаш за секој период од 30 минути.

(6) Не е дозволено да се емитува рекламирање и телешопинг во верски служби или проповеди.

(7) Не е дозволено да се емитува рекламирање во програмите на непрофитните радиодифузни установи.

(8) Рекламирањето и телешопингот треба да бидат вметнати во програмите на радиодифузерите така што нема да се загрозат интегритетот и вредноста на програмата и правата на имателите на права, а притоа водејќи сметка за природните паузи, за времетраењето и за видот на програмата.

(9) Телевизиските и кинематографските филмови, освен сериските и документарните филмови, како и вести може да се прекинат за емитување рекламни и/или телешопинг спотови еднаш за секој предвиден период од најмалку 30 минути.

Член 100

Времетраење на рекламирање и телешопинг спотовите

(1) Времетраењето на рекламирањето и на телешопинг спотовите во програмите на радиодифузерите, освен за јавниот радиодифузен сервис, не смее да изнесува повеќе од 12 минути на еден реален час.

(2) Ставот (1) на овој член не се применува на:
– објави на радиодифузерот во врска со неговите сопствени програми и помошни производи директно изведени од тие програми и објави за спонзорство и пласирање на производи и
– соопштенија од јавен интерес и апели за добротворни цели што радиодифузерите ќе ги емитуваат бесплатно и ќе ги означат како „бесплатно емитување“.

Член 101

Забрана за учество во реклами и телешопинг на одредени лица

Во рекламите и телешопингот не смеат да бидат прикажувани, визуелно или тонски, лицата кои редовно презентираат вести и актуелни информативни емисии.

Член 102

Забрана за рекламирање

Државните органи, органите на државната управа, јавните претпријатија, единиците на локалната самоуправа, јавните установи и институции како и правните лица со јавни овластувања и трговските друштва во целосна државна сопственост не смеат да предвидуваат средства за информирање и запознавање на јавноста со свои услуги или активности преку приватни радиодифузери.

Член 103

Врематраење на рекламирањето кај јавниот радиодифузен сервис

Избришан

VI. ЈАВЕН РАДИОДИФУЗЕН СЕРВИС

Член 104

Македонска радио-телевизија

(1) Функциите на јавен радиодифузен сервис во Република Македонија ги врши Македонската радио-телевизија ( во натамошниот текст: МРТ).

(2) Република Македонија е основач на МРТ и истата има статус на јавно претпријатие и работи на начин и под услови утврдени со овој закон и актите донесени врз основа на него.

(3) МРТ како јавен радиодифузен сервис во Република Македонија е независна од кој било државен орган, друго јавно правно лице или трговско друштво и треба во уредувачката и деловната политика да биде непристрасна кон нив.

(4) МРТ врши дејност од јавен интерес во областа на радиодифузијата во Република Македонија што опфаќа производство и обезбедување на радио и телевизиски програми и програмски сервиси согласно со членот 107 од овој закон преку исполнување на програмски обврски, стандарди и начела согласно со членовите 91, 92, 110 и 111 од овој закон.

(5) МРТ има седиште во Скопје.

(6) МРТ основа регионални продукциони центри.

(7) Скратениот назив на Македонската радио-телевизија е МРТ.

(8) Имотот и средствата за работа на МРТ ги користи и со нив управува МРТ на начин и под услови утврдени со овој закон.

(9) Новинарите и уредниците во МРТ, како и лицата кои директно се инволвирани во производството и продукцијата на програмите во МРТ немаат статус на јавни службеници.

Член 105

Финансирање на МРТ

(1) Средствата за финансирање на радиодифузната дејност, за работењето и развојот на Македонска Радио Телевизија, Јавното претпријатие Македонска радиодифузија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија во висина од 0,8% до 1% од реализираните вкупни приходи во годината која претходи на фискалната година за која се утврдува износот.

(2) Средства од ставот 1 се распоредуваат на следниов начин:
– 74,5% за МРТ за покривање на трошоци за создавање и емитување на програмите и за техничко-технолошки развој,
– 19,5% за ЈП Македонска радиодифузија за одржување, употреба и развој на јавната радиодифузна мрежа и
– 6% за Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

(3) Дополнителен извор на средства за финансирање на МРТ се донации, продажба на програма и услуги, како и средства остварени од емитување на аудио и аудиовизуелни комерцијални комуникации емитувани во рамки на програмски содржини обезбедени врз основа на склучени посебни договори со обезбедувачи на аудио или аудиовизуелни дела со заштитени авторски права, во согласност со условите од договорот.

(4) Донациите од ставот (3) на овој член не смеат да влијаат или да ја нарушат уредувачката независност на МРТ.

(5) МРТ е должна за набавката на аудио или аудиовизуелни дела, односно на програмски содржини да склучи посебен договор со обезбедувачот на аудио или аудиовизуелни дела, односно на програмски содржини.

(6) Начинот и постапката на спроведување на јавни конкурси, начинот и постапката за набавката на аудио или аудиовизуелни дела, односно на програмски содржини и склучување на договорите се утврдува со акт донесен од директорот кој треба да обезбеди транспарентност, економичност, ефикасност и ефективност во управувањето на финансиските средства на МРТ, согласно со годишната програма за работа на МРТ за наредната година, овој закон и актите кои произлегуваат од него.

(7) За постигнување и одржување на поголем степен на програмски и техничко-технолошкиот развој на јавниот радиодифузен сервис можат да се издвојуваат и дополнителни средства и од Буџетот на Република Македонија за таа намена.

(8) Доколку МРТ не ги потроши сите обезбедени средства од Буџетот на Република Македонија во текот на годината, вишокот средства утврдени согласно годишниот финансискиот извештај се враќа во Буџетот на Република Македонија.

(9) Средствата од став 1 од овој член се обезбедуваат преку Буџетот на Министерството за информатичко општество и администрација.

(10) Начинот на финансирање на програмските сервиси и финансиското управување ќе се уреди со Деловникот и подзаконските акти донесени од страна на Програмскиот совет.

Член 106

Годишен извештај и годишна програма за работа на МРТ

(1) МРТ е должна на секои пет години да донесе стратегија за развој за наредните пет години која содржи и годишни планови за имплементација, што се ревидираат секоја година врз основа на анализа на спроведувањето на стратегијата.

(2) МРТ донесува Годишната програма за работа и истата е должна да ја достави до Собранието на Република Македонија најдоцна до 30 октомври во тековната година, а којашто се однесува за наредната година и истата особено треба да содржи:
– програма за работа за наредната година со планирани активности особено за исполнување на програмските обврски на МРТ согласно со овој закон и
– финансиски план за нaредната година кој ги содржи планираните приходи и расходи на МРТ за наредната година групирани по структура и по организациона структура на МРТ, како и предвидените капитални инвестиции на МРТ за наредната година.

(3) Во прилог на годишната програма за работа на МРТ за наредната година се доставува и усвоената годишна програма за работа на МРТ за тековната година.

(4) Финансискиот план од ставот (2) алинеја 2 на овој член го одобрува Собранието на Република Македонија најдоцна до 31 декември во тековната година.

(5) МРТ е должна да донесе Годишениот извештај за работа за претходната година МРТ кој е должна да го достави до Собранието на Република Македонија на разгледување најдоцна до 31 март во тековната година и истиот особено треба да содржи: 
– извештај за реализација на програмата за работа од претходната година,
– финансиски извештај за реализација на финансискиот план од претходната година и годишна сметка, со податоци за реализирани приходи, расходи, побарувања и обврски од претходната година групирани по структура и по организацона структура на МРТ и
– ревизорски извештај од независен овластен ревизор и ревизорски извештај од Државниот завод за ревизија, доколку е извршена ревизија од него, како и ставот на МРТ во однос на резултатите од извршената ревизија.

(6) Во прилог на годишниот извештај за работа на МРТ за претходната година се доставува и усвоената годишна програма за работа на МРТ за претходната година.

(7) Годишниот извештај за работа за претходната година и годишната програма за работа за наредната година се објавуваат на веб страницата на МРТ.

Член 107

Програми и програмски сервиси од јавен интерес што ги обезбедува МРТ

(1) МРТ во Република Македонија обезбедува најмалку еден телевизиски програмски сервис на македонски јазик, еден телевизиски програмски сервис на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кој е различен од македонскиот јазик, кои ќе емитуваат програма 24 часа секој ден во неделата, како и еден телевизиски програмски сервис кој ќе емитува програма на јазиците на другите не мнозински заедници во Република Македонија.

(2) МРТ во Република Македонија обезбедува најмалку два радиопрограмски сервиса на македонски јазик, еден радиопрограмски сервис на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кој е различен од македонскиот јазик кои емитуваат програма 24 часа секој ден во неделата и еден радиопрограмски сервис на јазикот што го зборуваат другите немнозински заедници кој ќе се емитува 24 часа.

(3) МРТ обезбедува посебни радиопрограми наменети за соседните земји и Европа на странски јазици.

(4) МРТ обезбедува посебни радиопрограми наменети за информирање на иселениците и граѓаните на Република Македонија кои живеат во соседните земји, во Европа и на другите континенти на македонски и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кој е различен од македонскиот јазик и на другите немнозински заедници.

(5) МРТ обезбедува најмалку еден радио и еден телевизиски програмски сервис преку сателит и/или интернет наменет за иселениците и граѓаните на Република Македонија кои живеат во Европа и на другите континенти на македонски јазик, на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кој е различен од македонскиот јазик кои емитуваат програма 24 часа секој ден во неделата и на јазикот што го зборуваат другите немнозински заедници кој ќе се емитува 24 часа.

(6) МРТ го обезбедува програмскиот сервис на Собранискиот канал утврден во Законот за Собранието на Република Македонија.

(7) Уредувачката одговорност за Собранискиот канал од ставот (6) на овој член ја има МРТ, а програмската шема на Собранискиот канал се усогласува во соработка со Собранието на Република Македонија.

(8) МРТ обезбедува посебни радио и телевизиски програми на програмските сервиси од ставовите (1) и (2) на овој член во кои се запазени регионалните и локалните посебности на Република Македонија.

Член 108

Емитување на програмските сервиси

(1) Програмските сервиси и програмите на МРТ од членот 107 ставови (1), (2), (3), (4) и (6) од овој закон ги емитува ЈП Македонска радиодифузија, како оператор на јавна комуникациска мрежа.

(2) Програмските сервиси на МРТ од членот 107 став (5) од овој закон ги пренесува ЈП Македонска радиодифузија, доколку поради технички или други причини ЈП Македонска радиодифузија не е во можност да ги пренесува овие програмски сервиси на МРТ, истите може да ги пренесува друг оператор на јавна комуникациска мрежа врз основа на претходно склучен договор со МРТ по спроведена постапка на јавна набавка во согласност со закон.

(3) Соодветно на расположливите средства и програмата за развој на МРТ, МРТ има право да ги користи и применува новите технологии во однос на своите програми и програмски сервиси.

Член 109

Трошоци за пренос, емитување и обезбедување на програмските сервиси

(1) Трошоците кои ги има ЈП Македонска радиодифузија за пренос и емитување на програмските сервиси и програмите на МРТ, освен за преносот на програмските сервиси и програмите од членот 107 ставови (4), (5) и (6) од овој закон се обезбедуваат од финансиските средства од Буџетот на Република Македонија

(2) Трошоците кои ги има ЈП Македонска радиодифузија за пренос и емитување на програмските сервиси и програмите од членот 107 ставови (4), (5) и (6) од овој закон се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

(3) Трошоците кои ги има МРТ за обезбедување на програмските сервиси од членот 107 ставови (1) и (2) од овој закон се обезбедуваат од финансиските средства од Буџетот на Република Македонија, емитување на аудио и аудиовизуелни комерцијални комуникации, донации, продажба на програма и услуги согласно со овој закон. Доколку овие средства не се доволни за целосно покривање на трошоците утврдени во овој став, истите можат да се дообезбедат од Буџетот на Република Македонија.

(4) Трошоците кои ги има МРТ за обезбедување на радиопрограмите од членот 107 ставови (3) и (4) од овој закон се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

(5) Трошоците кои ги има МРТ за обезбедување на програмскиот сервис од членот 107 став (5) од овој закон се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

(6) Трошоците кои ги има МРТ за обезбедување на програмскиот сервис, односно Собранискиот канал од членот 107 став (6) од овој закон, се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

Член 110

Обврски на МРТ во однос на програмите и програмските сервиси кои ги емитува

МРТ е должна при производството и обезбедувањето на радио и телевизиските програми и програмските сервиси од членот 107 од овој закон да:
– создава и емитува програми достапни за целокупната јавност во државата со цел за активно да придонесува за создавање и развој на слободното мислење и информирање на јавноста и да биде двигател на демократските процеси во државата,
– развива и планира програмска шема во интерес на целокупната јавност, а програмите да бидат наменети за сите сегменти на општеството без дискриминација, притоа водејќи сметка за специфичните општествени групи,
– обезбеди постојано, вистинито, целосно, непристрасно, праведно и навремено информирање создавајќи и емитувајќи високо квалитетни програми за сите важни политички, економски, социјални, здравствени, културни, образовни, научни, религиски, еколошки, спортски и други настани и случувања во Република Македонија, земјите од Европа и од светот,
– ја промовира и унапредува културата на јавен дијалог и да овозможи арена за широка јавна дебата по прашања од јавен интерес,
– не застапува и да не заштитува ставови или интереси на одредена политичка партија, политички, религиски или други групи, а програмите кои ги создава и емитува да бидат заштитени од влијание на власта, политички организации или други центри на економска и политичка моќ,
– придонесува за почитување и промоција на основните човекови права и слободи, приватноста, достоинството, угледот и честа на индивидуата, толеранцијата, разбирањето и почитувањето на различностите, чувството за мир, правда, демократските вредности и институциите, заштита на малолетници, еднаквоста меѓу половите, сузбивање на  дискриминацијата и придобивките од граѓанското општество,
– создава програми кои придонесуваат за негување и унапредување на знаењето и разбирањето за културниот идентитет на заедниците, да ги почитува културните и религиозни разлики и да ја поттикнува културата на јавен дијалог со цел да се зацврстува заемното разбирање и толеранција за унапредување на односите меѓу различните заедници во мултиетничка и мултикултурна средина,
– ја информира јавноста за регионалните и локалните посебности и настани во Република Македонија и да обезбеди отворена и слободна расправа по сите прашања од јавен интерес,
– информира, едуцира и емитува емисии за зачувување на културното и природното наследство, за заштита на околината и здравјето на луѓето, како и заштита на потрошувачите,
– информира и едуцира за другите култури, особено за Европските,
– информира и да емитува за настани за поврзани со функционирањето на меѓународните организации и нивните институции, особено оние чија членка е Република Македонија или планира да биде,
– ги негува и развива говорните и јазичните стандарди на сите заедници во Република Македонија, како и на дијалектите кои се говорат во неа,
– ги негува, поттикнува и развива сите облици на домашно аудио и аудиовизуелно творештво кои придонесуваат за развој на македонската култура и културата на заедниците кои живеат во Република Македонија и да придонесува за нивна меѓународна афирмација,
– обезбеди продукција и емитување на македонски аудио и аудиовизелни дела на независни продуценти,
– создава и емитува високо квалитетна програми со забавна содржина наменети за секоја возраст,
– промовира наука и да создава и емитува високо квалитетни образовни емисии во рамките на кои ќе биде дисеминирана цела палета на содржини од религиозни и социјални до научни и технолошки/информатички тематики,
– поддржува создавање и развој на прекугранични радио и телевизиски проекти согласно со меѓународните договори и соработката со радио и телевизиски радиодифузни компании од соседните и други држави,
– емитува театарски содржини,
– промовира спорт и рекреативни активности и да пренесува спортски настани од земјата и странство на кои учествуваат македонските национални тимови или спортисти, како и помалку застапените спортови, односно спортски настани,
– создава и емитува програми од национален интерес наменети за спречување на криминалот, општествено неприфатливото и ризично однесување и промовирање на безбедноста во заедницата,
– создава и емитува програми кои се однесуваат на поттикнување на претприемчивоста и економијата,
– создава и емитува програми кои се однесуваат на поттикнување на медиумската писменост,
– емитува кинематографски играни, документарни и други филмови,
– планира, развива, прилагодува, создава и емитува програми наменети за лица со сетилна попреченост, односно лица со оштетен слух и оштетен вид,
– создава и емитува програми наменети за информирање на иселениците и на граѓаните на Република Македонија кои не живеат во неа и
– обезбеди услови за користење и развој на современи техничко-технолошки стандарди во производството на програмата и да подготви план за премин во дигитална технологија, а особено за премин во телевизија со висока дефиниција.

Член 111

Стандарди и начела

При продукција или презентација на програмите, новинарите и уредниците во МРТ, како и лицата кои директно се инволвирани во производството и продукцијата на програмите во МРТ, покрај другото се должни да:
– се придржуваат кон начелото на вистинитост, непристрасност и сеопфатноста на информациите,
– се придржуваат кон начелото на политичка избалансираност и плурализам на гледишта,
– обезбедуваат непристрасни, сеопфатни и важни информации и истите да ги презентираат јасно, недвосмислено и на начин на кој граѓаните ќе имаат можност слободно да го формираат своето мислење,
– не застапуваат или фаворизираат ставови или интереси на одредена политичка партија, здружение, личен интерес, религија или идеологија и во програмите еднакво да го уважуваат мислењето и уверувањето на другите,
– ја почитуваат приватноста, достоинството, угледот и честа на индивидуата,
– се придржуваат кон начелото на уставност и законитост во формирањето на информациите и програмите, вклучувајќи ја забраната за поттикнување на културна, етничка, религиозна, полова, расна, национална или други форми на нетолеранција,
– се придржуваат кон начелото на политичка независност и автономија на новинарите,
– прават јасна разлика меѓу информација, односно настан и став и
– ги почитуваат критериумите за квалитет, стручност, културни вредности и професионална компетентност во смисла на достигнатите национални и европски признати највисоки професионални стандарди и етички принципи за независно новинарство и квалитетна програма.

Член 112

Архивирање на аудио и аудиовизуелните дела на МРТ

(1) МРТ е должна да обезбеди долгорочно архивирање на аудио и аудиовизуелните дела кои се создаваат или се создале при вршењето на дејноста, како дел од аудиовизуелното богатство на Република Македонија и да обезбеди нивно трајно користење со соодветен квалитет.

(2) Аудио и аудиовизуелните дела од ставот (1) на овој член се достапни за јавноста преку плаќање на соодветен надоместок за обезбедување на нивна копија и испорака, по цена базирана на реален трошок.

(3) Начинот на архивирање на аудио и аудиовизуелните дела од ставот (1) на овој член, начинот на достапност до јавноста и висината на надоместокот од ставот (2) на овој член ги пропишува МРТ во согласност со програмата за развој на МРТ.

(4) Снимките од работата на Собранието, собраниските комисии и тела, јавните расправи и други важни настани претставуваат трајна архивска граѓа. Копија од истите се чува во библиотеката на Собранието и Државниот архив на Република Македонија, на јазик што го зборува пратеникот во оригинал без превод. Библиотеката на Собранието мора да обезбеди секој граѓанин по писмено барање и надоместок на трошоците да може да гледа и користи копија од снимките.

Член 113

Обезбедување влијание на јавноста

(1) МРТ е должна предлог-програмата за работа за наредната година со планирани активности особено за исполнувањето на програмските обврски на МРТ согласно со овој закон и предлог-програмата за развој на МРТ јавно да ги објави на својата веб страница, со цел да обезбеди јавна расправа, односно да им овозможи на сите заинтересирани страни да можат да ги изразат своите мислења, гледишта и ставови по однос на истите.

(2) Рокот на траење на јавната расправа од ставот (1) на овој член не смее да биде пократок од 30 дена од денот на објавувањето на предлог-програмите од ставот (1) на овој член.

(3) Коментарите, забелешките и предлозите на публиката за работењето на МРТ се објавуваат на веб страницата на МРТ заедно со одговорите на Програмскиот совет.

Член 114
Статут на МРТ

(1) Работењето, организацијата, управувањето и раководењето во МРТ, актите и постапката за нивно донесување, како и други прашања од значење за работењето на МРТ поблиску се уредуваат со Статутот на МРТ.

(2) Статутот на МРТ особено содржи одредби за:
– заштитен знак и седиште на МРТ,
– изработка и употреба на печати,
– застапување на МРТ,
– органи на МРТ и нивните надлежности,
– организациона структура на МРТ,
– начин и услови за обезбедување на програмска одговорност,
– постапка и начин на именување и разрешување на член на Надзорниот одбор на МРТ и на директорот и заменикот на директорот на МРТ,
– општите и другите акти на МРТ и постапка за нивно донесување,
– обезбедување транспарентност во работата на МРТ,
– постапката на спроведување на јавни конкурси и склучување на договори утврдени со овој закон и
– други прашања од значење за активностите и работата на МРТ.

(3) Статутот на МРТ се објавува во “Службен весник на Република Македонија” и на веб страницата на МРТ.

Член 115

Органи на МРТ

Органи на МРТ се:
– Програмски совет на МРТ,
– Надзорен одбор на МРТ и
– директор и заменик на директорот на МРТ.

Член 116

Програмски совет на МРТ

(1) Програмскиот совет на МРТ ги штити интересите на јавноста во поглед на програмските содржини кои ги емитува и се грижи за остварување на интересите, целите и надлежностите на МРТ.

(2) Со цел да се обезбеди уредувачка и новинарска независност и самостојност, Програмскиот совет на МРТ не смее да ги прегледува одделните емисии или други делови на програми пред истите да бидат емитувани, односно не може да донесува одлуки и ставови за нивното емитување.

(3) Програмскиот совет на МРТ е составен од 13 члена.

(4) Членовите на Програмскиот совет на МРТ треба да ја претставуваат различноста на македонското општество со соодветна застапеност на двата пола.

(5) Програмскиот совет на МРТ донесува Деловник за својата работа во согласност со овој закон и Статутот на МРТ.

Член 117

Овластени поддржувачи на членови на Програмскиот совет на МРТ

(1) Членовите на Програмскиот совет на МРТ ги именува и разрешува Собранието на Република Македонија врз основа на претходно спроведен јавен конкурс и организирана јавна расправа за кандидатите за членови на Програмскиот совет.

(2) Кандидатите за членови на Програмскиот совет на МРТ треба да бидат државјани на Република Македонија со високо образование, да имаат работно искуство од најмалку 8 години во струката, кои во јавноста се истакнале во областа на комуникологијата, новинарството, информатиката, културата, економијата или правото, од значење за Програмскиот совет.

(3) Кандидатите за членови на Програмскиот совет на МРТ кои учествуваат на јавниот конкурс се должни да достават кандидатура во која детално го наведуваат своето работно искуство, изјава за тоа дека ги исполнуваат условите утврдени во овој член и член 119 од овој закон и писма на поддршка од:
– најмалку две граѓански организации кои се активни подолго од пет години во областа на унапредувањето на човековите права, медиумите и демократијата и кои постигнале релевантни резултати во областа во која дејствуваат или
– најмалку едно новинарско здружение или
– најмалку две здруженија од областа на културата (здруженија на ликовни уметници, писатели, филмски работници и сл.) или
– релевантно здружение, асоцијација или комора од областа на информатичко-комуникациски технологии и услуги или
– најмалку две високо-образовни установи кои имаат студиски програми од областа на комуникологијата, новинарството, уметноста, економијата или правото.

(4) Комисијата за прашањата на изборите и именувањата е должна да провери дали кандидатите кои се пријавиле на конкурсот ги исполнуваат условите и правилата за конфликт на интерес утврдени во член 119 од овој Закон и да организира јавна расправа за предложените кандидати на која ќе ги покани организациите кои дале поддршка на кандидатите, други медиумски и професионални новинарски организации, невладини организации и други релевантни субјекти.

(5) По завршувањето на јавната расправа, Комисијата за прашањата на изборите и именувањата ја составува предлог-листата на кандидати за членови на Програмскиот совет на МРТ. За конечната предлог-листа на кандидати за членови на Програмскиот совет на МРТ Комисијата одлучува со двотретинско мнозинство.

(6) При утврдувањето на предлогот на кандидати за членови на Советот, Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија не смее да предложи повеќе од двајца кандидати поддржани од ист поддржувач определен со ставот (3) на овој член.

Член 118
Именување на членови на Програмскиот совет на МРТ

(1) При утврдувањето на предлогот на кандидати за членови на Програмскиот совет на МРТ, Комисија за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија води сметка за соодветна и правична родова и етничка застапеност на граѓаните на Република Македонија.

(2) Мандатот на членовите на Програмскиот совет на МРТ е пет години со право на уште еден мандат.

(3) Собранието на Република Македонија ги именува членовите на Програмскиот совет на МРТ со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

(4) Во случај кога член на Програмскиот совет на МРТ ќе поднесе оставка или мандатот ќе му престане пред истекот на времето за кое е именуван, Собранието на Република Македонија ќе именува нов член врз основа на истата постапка утврдена во членот 117 од овој Закон.

(5) Собранието на Република Македонија распишува јавен повик за доставување апликации за членови на Програмскиот совет, најдоцна шест месеци пред истекот на мандатот на член на Програмскиот совет.

(6) Собранието на Република Македонија најдоцна 15 дена пред истекот на мандатот на Програмскиот совет на МРТ ќе ги именува новите членови на Програмскиот совет на МРТ.

(7) Програмскиот совет на МРТ може да работи доколку се именувани најмалку девет члена.

Член 119

Неспоивост на функции

(1) Членови на Програмскиот совет на МРТ не можат да бидат:
– пратеници, членови на Владата, именувани или избрани функционери, раководни лица во државен орган, орган на државната управа, единица на локалната самоуправа или регулаторни тела, директори или членови на управни одбори на јавни претпријатија,
– лица кои во последните пет години биле носители на јавни функции или биле раководни лица во орган на политичка партија или верска заедница,
– лица вработени во МРТ и надворешни лица со кои МРТ има склучено договор за извршување на одредени работи,
– лица кои извршуваат должност во органите на политичка партија и
– лица кои, како сопственици на удели или акции, како членови на органи на управување, или како вработени, имаат интерес во други радиодифузери, новински агенции, друштва за реклама и пропаганда, друштва за истражување на пазарот и јавното мислење, друштва за филмска дистрибуција, друштва за филмска продукција или на друштва кои обезбедуваат јавни електронски комуникациски мрежи и услуги.

(2) Доколку за време на мандатот на член на Програмскиот совет на МРТ се исполни некој од условите од ставот (1) на овој член истиот е должен да го извести претседателот, односно заменикот на претседателот на Програмскиот совет на МРТ.

Член 120

Разрешување на член на Програмскиот совет на МРТ

(1) Член на Програмскиот совет на МРТ може да биде разрешен пред истекот на рокот за кој е именуван во следниве случаи:
– настанување на причини поради кои едно лице не може да биде именувано за член на Програмскиот совет на МРТ, предвидени во овој закон,
– ако неоправдано отсуствува од три последователни седници на Програмскиот совет на МРТ,
– со поднесување на оставка или
– ако со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор подолга од шест месеци или ако му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на професија, дејност или должност.

(2) Престанокот на мандатот го утврдува Собранието на Република Македонија на предлог на Програмскиот совет на МРТ.

(3) За исполнување на условите за престанување на мандатот на член на Програмскиот советот на МРТ пред истекот на времето за кое е именуван, предвидени во ставот (1) на овој член претседателот, односно заменикот на претседателот на Програмскиот советот на МРТ е должен да го извести Собранието на Република Македонија во рок од пет дена од денот на исполнувањето на условите од ставот (1) на овој член. Во овој случај се применува постапката утврдена во членовите 117 и 118 од овој закон.

(4) Во случај кога член на Програмскиот совет на МРТ ќе биде разрешен пред истекот на рокот за кој е именуван, Собранието на Република Македонија ќе именува нов член на Програмскиот совет на МРТ за преостанатиот дел од мандатот на предлог на соодветниот овластен предлагач.

Член 121

Седници на Програмскиот совет на МРТ

(1) Програмскиот совет на МРТ работи и одлучува на седници кои се одржуваат најмалку еднаш во три месеци и доколку се присутни најмалку девет негови члена.

(2) Седниците на Програмскиот совет на МРТ се свикуваат на предлог на претседателот или заменикот на претседателот на Програмскиот совет на МРТ, на писмено барање од најмалку пет члена на Програмскиот совет на МРТ, по барање на претседателот на Надзорниот одбор на МРТ или по барање на директорот на МРТ.

(3) Претседателот или заменикот на претседателот на Програмскиот совет на МРТ ја свикува седницата на Програмскиот совет на МРТ во рок кој не може да биде подолг од десет дена од денот на приемот на барањето за свикување на седница.

(4) Програмскиот совет на МРТ со мнозинство гласови од вкупниот број членови го избира и разрешува претседателот и заменикот на претседателот на Програмскиот совет на МРТ. Постапката за именување и разрешување на претседателот и заменикот на претседателот се утврдува со Деловникот за работа на Програмскиот совет на МРТ.

(5) Програмскиот совет на МРТ одлуките ги донесува со мнозинство гласови од вкупниот број членови присутни на седницата.

(6) Програмскиот совет на МРТ за работите утврдени во членот 124 став (1) алинеи 4, 6, 7 и 8 од овој закон одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Програмскиот совет на МРТ во кое мора да има мнозинство гласови од вкупниот број членови на Програмскиот совет на МРТ кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Член 122

Учество на седниците на Програмскиот совет на МРТ

(1) Седниците на Програмскиот совет на МРТ се јавни.

(2) На седниците на Програмскиот совет на МРТ, без право на одлучување, учествува претседателот или заменикот на претседателот на Надзорниот одбор на МРТ и директорот или заменикот на директорот на МРТ и на седниците, а во согласност со Деловникот на Програмскиот совет, можат да присуствуваат и учествуваат лица вработени во МРТ, како
и надворешни лица.

(3) Дневниот ред, записниците од седниците на Програмскиот совет на МРТ, донесените одлуки, како и изјаснувањето на членовите на Програмскиот совет на МРТ при постапката на гласање за одредено прашање, се објавуваат на веб страницата на МРТ во рок од седум дена од денот на одржаната седница.

Член 123

Надоместок на членовите на Програмскиот совет на МРТ

(1) За својата работа членовите на Програмскиот совет на МРТ добиваат надоместок во висина од една третина од просечно исплатена плата во Република Македонија по завршена седница, односно по исцрпување на дневниот ред утврден за таа седница.

(2) Членовите на Програмскиот совет на МРТ кои живеат надвор од Скопје имаат право на надоместок на патните трошоци кога присуствуваат на седниците на Програмскиот совет на МРТ во согласност со Правилникот за плати и други надоместоци.

(3) Надоместоците од ставовите (1) и (2) на овој член се обезбедуваат од средствата на МРТ утврдени со годишниот финансиски план.

Член 124

Надлежности на Програмскиот совет на МРТ

(1) Програмскиот совет на МРТ ги има следниве надлежности:
– го следи исполнувањето на програмските обврски, начелата и стандардите утврдени во овој закон, а во случај на нивно непочитување е должен писмено да го предупреди директорот на МРТ и може да побара од него да го прекине емитувањето на програмата,
– ги следи коментарите и укажувањата на публиката во однос на емитуваната програма на МРТ и имајќи ги предвид истите може во писмена форма да побара од директорот на МРТ да го прилагоди обемот, структурата или севкупниот квалитет на програмската содржина,
– донесува Деловник за своето работење,
– ги избира и разрешува членовите на Надзорниот одбор на МРТ,
– го избира и разрешува директорот и заменикот на директорот на МРТ,
– го донесува Статутот на МРТ,
– ги усвојува годишниот извештај за работа за претходната година и годишната програма за работа за наредната година на МРТ,
– ја усвојува програмата за развој на МРТ,
– ги донесува Општите правила за програмските и професионалните стандарди во МРТ и
– ги донесува општите акти за работењето на МРТ утврдени во Статутот на МРТ.

(2) Програмскиот совет на МРТ дава согласност на именувањата или разрешувањата на одговорните уредници во МРТ. Пред да ја донесе одлуката за именување или разрешување на одговорните уредници на МРТ, диреткторот на МРТ е должен да побара согласност од Програмскиот совет на МРТ. Со барањето за добивање согласност директорот на МРТ го доставува и мислењето на уредништвото. Доколку Програмскиот совет на МРТ не даде согласност за именувањата или разрешувањата на одговорните уредници во МРТ, за тоа писмено ќе го извести директорот на МРТ со детално образложение за причините поради кои не е дадена согласноста.

Член 125

Надзорен одбор на МРТ

(1) Надзорот над материјално-финансиското работење на МРТ го врши Надзорниот одбор на МРТ кој е составен од од седум члена.

(2) Членовите на Надзорниот одбор ги избира Програмскиот совет на МРТ врз основа на претходно спроведена постапка на јавен конкурс.

(3) Условите и постапката на избор и разрешување на член на Надзорниот одбор на МРТ се утврдуваат со Статутот на МРТ.

(4) Мандатот на членовите на Надзорниот одбор на МРТ трае пет години, со право на уште еден последователен избор.

(5) Членовите на Надзорниот одбор на МРТ треба да бидат лица со високо образование, кои поседуваат знаење и најмалку пет години искуство од областа на финансиското и сметководственото работење.

(6) Надзорниот одбор на МРТ работи и одлучува на седници кои се одржуваат најмалку еднаш месечно и доколку се присутни најмалку пет негови члена.

(7) Надзорниот одбор на МРТ од своите редови избира и разрешува претседател и заменик на претседателот на Надзорниот одбор на начин и постапка утврдена во Деловникот за работа на Надзорниот одбор на МРТ.

(8) Седницата се свикува на предлог на претседателот на Надзорниот одбор на МРТ, по писмено барање на најмалку два члена на Надзорниот одбор или по писмено барање на директорот на МРТ. Претседателот е должен седниците да ги свика во рок кој не може да биде подолг од пет дена од денот на поднесувањето на барањето за свикување на седница.

(9) Надзорниот одбор на МРТ донесува одлуки со мнозинство гласови од присутните членови. Ако бројот на гласовите е изедначен, гласот на претседателот ќе биде одлучувачки.

(10) На седниците на Надзорниот одбор на МРТ, без право на одлучување, учествува претседателот или заменик на претседателот на Програмскиот совет на МРТ и директорот или заменикот на директорот на МРТ. На покана на Надзорниот одбор, а во согласност со Деловникот за работа на Надзорниот одбор на седниците на Надзорниот одбор на МРТ можат да присуствуваат и други лица вработени во МРТ.

Член 126

Надоместок за членовите на Надзорниот одбор на МРТ

Членовите на Надзорниот одбор на МРТ за својата работа добиваат месечен надоместок во висина до една и половина просечна месечна плата во Република Македонија според податоците објавени од Државниот завод за статистика, согласно со Статутот на МРТ.

Член 127

Неспоивост на функции

Членови на Надзорниот одбор на МРТ не можат да бидат:
– пратеници, членови на Владата, именувани или избрани функционери, раководни лица во државен орган, орган на државната управа, единица на локалната самоуправа или регулаторни тела, директори или членови на управни одбори на јавни претпријатија,
– лица кои извршуваат должност во органите на политичка партија,
– лица кои како сопственици на удели или акции, како членови на органи на управување, или како вработени, имаат интерес во други радиодифузери, новински агенции, друштва за реклама и пропаганда, друштва за истражување на пазарот и јавното мислење, друштва за филмска дистрибуција, друштва за филмска продукција или на друштва кои обезбедуваат јавни електронски комуникациски мрежи и услуги,
– членови на Програмскиот совет на МРТ или
– вработени во МРТ и надворешни лица со кои МРТ има склучено договор за извршување на одредени работи.

Член 128

Престанок на мандатот на член на Надзорниот одбор на МРТ

(1) Мандатот на член на Надзорниот одбор на МРТ може да престане пред истекот на рокот во следниве случаи:
– настанување на причини поради кои едно лице не може да биде избрано за член на Надзорен одбор на МРТ, предвидени во членот 127 од овој закон,
– неоправдано отсуствува од три последователни седници на Надзорниот одбор на МРТ или од пет седници во текот на шест месеци,
– со поднесување на оставка или
– ако со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор подолга од шест месеци или ако му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на професија, дејност или должност.

(2) Претседателот на Надзорниот одбор е должен писмено да го извести Програмскиот совет на МРТ за престанок на мандатот на член на Надзорниот одбор на МРТ во рок од 15 дена од денот на настапувањето на случаите од ставот (1) на овој член.

(3) Програмскиот совет на МРТ ќе избере нов член на Надзорниот одбор на МРТ согласно со членот 125 од овој закон за преостанатиот мандат на разрешениот член на Надзорниот одбор на МРТ.

(4) Постапката за избор на нов член на Надзорниот одбор на МРТ, Програмскиот совет на МРТ ја започнува во рок кој не може да биде подолг од 15 дена од денот на разрешување на членот на Надзорниот одбор на МРТ.

Член 129

Надлежности на Надзорниот одбор на МРТ

(1) Надзорниот одбор на МРТ ги има следниве надлежности:
– врши надзор над материјално-финансиското работење на МРТ и во случај на утврдена неправилност му наложува на директорот на МРТ истата да ја отстрани,
– му дава препораки, предлози или мислења на директорот на МРТ за прашања кои се од финансиска природа,
– ја усвојува годишната сметка на МРТ,
– дава согласност на предлог-статутот на МРТ,
– дава согласност на предлог-финансискиот план на МРТ за наредната година врз основа на предлог-програмата за работа на МРТ за наредната година,
– дава согласност за склучување на договори за заем или банкарски кредити кои ја надминуваат вредноста утврдена во Статутот на МРТ,
– дава согласност за отуѓување и располагање со имотот на МРТ кои ја надминуваат вредноста утврдена во Статутот на МРТ и
– донесува деловник за својата работа.

(2) Надзорниот одбор на МРТ е должен во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето за согласност од ставот (1) на овој член да се произнесе по однос на истото. Доколку Надзорниот одбор на МРТ не даде согласност за поднесеното барање за тоа писмено ќе го извести директорот на МРТ со детално образложение за причините поради кои не е дадена согласноста.

Член 130

Директор и заменик на директорот на МРТ

(1) Директорот на МРТ раководи со работењето на МРТ и ја застапува и претставува МРТ.

(2) Директорот на МРТ има заменик.

(3) За директор и за заменик на директорот на МРТ може да биде избрано лице кое ќе понуди најквалитетна програма за работа на МРТ.

(4) Директорот и заменикот на директорот на МРТ, покрај условите од ставот (3) на овој член треба да имаат и високо образование, работно искуство од најмалку осум години во областа на комуникологијата, новинарството, информатиката, културата, економијата или правото, како и искуство со раководење организација од најмалку четири години.

(5) За директор и за заменик на директорот на МРТ не може да биде избран член на Програмскиот совет на МРТ и на Надзорниот одбор на МРТ.

(6) Директорот и заменикот на директорот на МРТ ги избира Програмскиот совет на МРТ врз основа на претходно спроведена постапка на јавен конкурс и поднесена програма за работа на МРТ за период од три години со можност за повторен последователен избор.

(7) Постапката за избор и разрешување на директорот или заменикот на директорот на МРТ се утврдува со Статутот на МРТ.

Член 131

Разрешување на директорот или заменикот на директорот на МРТ

(1) Директорот или заменикот на директорот на МРТ може да биде разрешен пред истекот на неговиот мандат во следниве случаи:
– на негово барање,
– ако не е во можност да ја извршува должноста повеќе од шест месеци во континуитет и
– не ги почитува програмските обврски, начелата и стандардите утврдени во овој закон и во годишната програма за работа на МРТ и по добиено писмено предупредување од Програмскиот совет на МРТ.

(2) Директорот или заменикот на директорот на МРТ против кого е започната постапка за разрешување претходно се известува за можните сомневања и му се овозможува одбрана пред Програмскиот совет на МРТ.

(3) Одлуката за разрешување на директорот или заменикот на директорот на МРТ, покрај другото, треба да ги содржи причините за неговото разрешување, детално образложени и истата се објавува на веб страницата на МРТ во рок од седум дена од денот на нејзиното донесување.

Член 132

Надлежности на директорот на МРТ

(1) Директорот на МРТ ги има следниве надлежности:
– ја претставува и застапува МРТ, одговорен е за законитото работење на МРТ и за исполнување на обврските на МРТ предвидени со овој закон,
– го предлага Статутот на МРТ,
– ги предлага општите акти за работењето на МРТ утврдени во Статутот на МРТ, ги предлага Општите правила за програмските и професионалните стандарди во МРТ, а по претходно добиено мислење од уредништвата на МРТ,
– го предлага годишниот извештај за работа за претходната година и годишната програма за работа за наредната година на МРТ и по нивното усвојување ги доставува до Собранието на Република Македонија,
– ја предлга годишната сметка на МРТ,
– ја предлага програмата за развој на МРТ,
– дава овластувања во рамките на своите надлежности,
– ги именува и разрешува одговорните уредници на програмски сервиси, а по претходно добиено мислење од уредништвата на МРТ и добиена согласност од Програмскиот совет на МРТ,
– одлучува за вработувања и распоредување на вработените во МРТ и
– врши и други работи утврдени со овој закон и Статутот на МРТ.

(2) Во случај на отсуство или спреченост од работа на директорот на МРТ работите од ставот (1) на овој член ги врши заменикот на директорот на МРТ.

Член 133

Соработка на МРТ

МРТ може да соработува со јавни радиодифузни сервиси од други држави и со меѓународни институции и тела од својот делокруг на работа.

Член 134

Хармонизација со Европската унија и друга меѓународна соработка

МРТ во својата работа треба да ги има предвид директивите на Европската унија, актите на Советот на Европа, меѓународните конвенции кои ги ратификувала Република Македонија, како и искуството на јавните радиодифузни сервиси од други држави, а посебно од земјите членки на Европската унија.

VII. 

Член 135

Средства за финансирање на радиодифузна дејност

Избришан 

Член 136

Наплата на радиодифузната такса

Избришан 

Член 137

Регистар на обврзници за плаќање на радиодифузната такса

Избришан 

Член 138

Пресметување, утврдување и наплата на радиодифузната такса

Избришан 

Член 139

Висина и начин на плаќање на радиодифузната такса

Избришан 

Член 140

Распределба на радиодифузната такса

Избришан 

VIII. РЕЕМИТУВАЊЕ НА ПРОГРАМСКИ СЕРВИСИ ПРЕКУ ЈАВНИ ЕЛЕКТРОНСКИ КОМУНИКАЦИСКИ МРЕЖИ

Член 141

Реемитување на програмски сервиси

(1) Операторот на јавна електронска комуникациска мрежа пред да започне со реемитување на програмски сервиси во Агенцијата доставува пријава за негово евидентирање во регистарот на оператори кои реемитуваат програмски пакети и регистрација на програмските сервиси кои ќе ги реемитува како целина во вид на програмски пакет.

(2) Пријавата од ставот (1) на овој член особено содржи:
– фирма и седиште, односно назив и адреса на операторот,
– име и презиме на одговорното лице на операторот,
– програмскиот пакет, односно листа на програмски сервиси од радиодифузери кои операторот планира да ги реемитува,
– начин на кој операторот ќе го обезбедува програмскиот пакет,
– подрачје на кое операторот ќе го обезбедува програмскиот пакет (сервисна зона) и
– датум на започнување со обезбедување на програмскиот пакет.

(3) Агенцијата со подзаконски акт ќе ги пропише содржината и формата на пријавата и потврдата за регистрација. Образецот на пријавата се објавува на веб страницата на Агенцијата.

(4) Со пријавата одговорното лице на операторот доставува и изјава со која потврдува под целосна кривична и материјална одговорност дека за реемитување на програмските сервиси од ставот (2) на овој член има уредено авторски и сродни права, согласно со Законот за авторските права и сродните права.

(5) Доколку пријавата е нецелосна, односно не ги содржи податоците утврдени во ставовите (2) и (4) на овој член, Агенцијата во рок од три дена од денот на приемот на пријавата, за тоа писмено ќе го извести операторот и ќе го задолжи во рок од пет дена од денот на приемот на известувањето да ја комплетира пријавата.

(6) Доколку оператотот не постапи по писменото известување од ставот (5) на овој член ќе се смета дека пријавата не е доставена.

(7) Агенцијата во рок од седум дена од денот на приемот на целосната пријава ќе издаде потврда за регистрирање на програмскиот пакет на операторот.

(8) Агенцијата е должна во рок од пет работни дена од денот на издавањето на потврдата од ставот (7) на овој член истата да ја достави до Агенцијата за електронски комуникации.

(9) Агенцијата води регистар на оператори кои реемитуваат програмски пакети и истиот особено содржи:
– назив и адреса на операторот,
– име и презиме на одговорното лице на операторот,
– програмски пакет, односно листа на програмски сервиси за кои операторот има регулирано авторски и сродни права за нивно реемитување и
– подрачје на кое операторот ќе ги реемитува програмските сервиси (сервисната зона).

(10) Агенцијата ги објавува на својата веб страница податоците од регистарот од ставот (9) на овој член.

(11) За промена на податоците наведени во ставот (2) на овој член, операторот е должен да ја извести Агенцијата во рок од 30 дена по настанатата промена. Доколку се врши промена во програмскиот пакет, по сопствена иницијатива или врз основа на правосилна судска одлука, операторот е должен да достави и нова изјава од ставот (4) на овој член. Агенцијата е должна во рок од три работни дена од денот на приемот на известувањето за промена на програмскиот пакет за истото да ја извести Агенцијата за електронски комуникации.

(12) Агенцијата е должна во рок од седум дена од денот на приемот на известувањето од ставот (11) на овој член за извршената промена да ја евидентира промената во регистарот од ставот (9) на овој член.

(13) Доколку Агенцијата врз основа на извршен програмски надзор согласно со овој закон утврди дека оператор реемитува програмски сервис кој не е регистриран согласно со овој член, Агенцијата во рок од седум дена од извршениот програмски надзор ќе донесе решение со кое ќе му наложи на операторот веднаш да го исклучи реемитувањето на програмскиот сервис. За донесеното решение Агенцијата ја известува Агенцијата за електронски комуникации и имателот на авторските и сродните права. Решението за исклучување на програмскиот сервис со детално образложение, се објавува на веб страницата на Агенцијата во рок од три дена од денот на неговото донесување.

(14) Агенцијата ќе го избрише операторот кој реемитува програмски сервиси од регистарот од ставот (9) на овој член, доколку:
– во писмена форма ја извести Агенцијата дека престанал да ја врши дејноста,
– престане да ја извршува дејноста во период подолг од една година,
– не започне да ја врши дејноста од датумот наведен во пријавата, а не ја извести Агенцијата за промена на истиот,
– со правосилна судска одлука му е забрането вршење на дејност и
– престанал да постои.

(15) Формата и содржината на регистарот од ставот (9) на овој член ги пропишува Агенцијата.

(16) Пријавата за евидентирање во регистарот на оператори кои реемитуваат програмски пакети и регистрацијата на програмските сервиси во вид на програмски пакети може да се врши и по електронски пат вклучувајќи ги и сите натамошни дејствија околу промените на истите на начин кој ќе го пропише Агенцијата.

Член 142

Надоместок за надзор

(1) Оператор кој реемитува програмски сервиси и давателот на аудиовизуелни медиумски услуги по барање плаќаат годишен надоместок за надзор кој го врши Агенцијата.

(2) Годишниот надоместок од ставот (1) на овој член изнесува 0,5% од вкупниот годишен приход на операторот кој реемитува програмски сервиси или на давателот на аудиовизуелни медиумски услуги по барање, остварен со реемитувањето на програмски сервиси или со обезбедувањето на аудиовизуелни медиумски услуги по барање во текот на претходната календарска година, или пократок дел од годината кога операторот кој реемитува програмски сервиси или давателот на аудиовизуелни медиумски услуги по барање почнал да ја обезбедува услугата.

(3) Операторот кој реемитува програмски сервиси и давателот на аудиовизуелни медиумски услуги по барање се должни најдоцна до 15 март во тековната година до Агенцијата да достави извештај за износот на вкупниот приход од ставот (2) на овој член.

(4) Операторот кој реемитува програмски сервиси и давателот на аудиовизуелни медиумски услуги по барање се должни најдоцна до 15 април во тековната година на сметка на Агенцијата да го платат годишниот надоместок за надзор врз основа на претходно доставениот извештај за износот на вкупниот приход од ставот (2) на овој член, а по претходно доставено решение и фактура од страна на Агенцијата.

(5) Доколку кај Агенцијата постои основано сомнение за вистинитоста на остварениот годишен вкупен приход, има право на трошок на операторот кој реемитува програмски сервиси или на давателот на аудиовизуелни медиумски услуги по барање да изврши процена на истиот од страна на надворешен независен ревизор.

(6) Доколку проценетиот вкупен приход отстапува од пријавениот вкупен приход, при наплата на годишниот надоместок од ставот (2) на овој член, Агенцијата ќе го задолжи операторот кој реемитува програмски сервиси или давателот на аудиовизуелни медиумски услуги по барање да ја плати пресметаната разлика.

Член 143

Обврски на оператор кој реемитува програмски сервиси

(1) Оператор може да ги реемитува програмските сервиси на домашни радиодифузери само во сервисната зона за која радиодифузерите ја имаат добиено дозволата за обезбедување на телевизиско или радио емитување и врз основа на регулирани авторски права и сродни права, согласно со Законот за авторските права и сродните права.

(2) Оператор може да реемитува програмски сервиси на радиодифузери од други држави согласно со членот 44 од овој закон и врз основа на регулирани авторски права и сродни права, согласно Законот за авторските права и сродните права.

(3) Со поднесување на пријавата во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги одговорното лице на операторот и одговорното лице на радиодифузерот доставува и изјава под целосна морална, материјална и кривична одговорност со која потврдува дека за реемитување на програмските сервиси ги има уредено ТВ правата за странскиот радиодифузер кој планира да го реемитува на целиот свој програмски сервис за територијата на Република Македонија.

(4) Во случај на реемитување на било кој дел од програмскиот сервис на радиодифузер од друга држава, за кој програмски сервис тој радиодифузер нема регулирани права за територијата на Република Македонија, целата морална, материјална и кривична одговорност паѓа на операторот кој го реемитува тој програмски сервис и на радиодифузерот, а постапката за утврдување на одговорноста за сторената повреда или прекршување, како и начинот на регистрација на законски застапник на радиодифузер од друга држава ја пропишува Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со подзаконски акт.

(5) Оператор кој реемитува програмски сервиси треба да обезбеди програмскиот пакет задолжително и бесплатно да ги содржи програмските сервиси на јавниот радиодифузен сервис.

(6) Операторот кој реемитува програмски сервиси е должен во претплатничките договори што ги склучува со своите претплатници да го наведе програмскиот пакет, односно листата на програмските сервиси кои ги реемитува во моментот, а за кои е издадена потврдата за регистрација од страна на Агенцијата.

(7) Операторот кој реемитува програмски сервиси е должен листата на програмските сервиси кои ги реемитува, а за кои е издадена потврдата за регистрација од страна на Агенцијата, тековно да ја ажурира на својата интернет страница.

(8) Операторот кој реемитува програмски сервиси е должен да води посебно сметководство за активностите поврзани со реемитувањето на програмските сервиси.

Член 144

Дополнителни обврски на оператор кој реемитува програмски сервиси

(1) Оператор кој реемитува програмски сервиси може да воспостави интерен телевизиски канал на кој ќе објавува само информации за функционирањето и услугите што истиот ги обезбедува. Обезбедувачот на програмскиот пакет е должен излезниот сигнал на интерниот телевизиски канал да го снима целосно и без прекин, а снимките да ги чува најмалку 30 дена по емитувањето.

(2) Оператор кој реемитува програмски сервиси не смее да го попречува слободниот прием на радио и телевизиски програмски сервиси што се емитуваат преку терестријален предавател.

(3) Операторите кои реемитуваат програмски сервиси или давателите на аудиовизуелни медиумски услуги по барање се должни својот излезен сигнал со иста содржина на онаа што им е достапна на нивните претплатници, континуирано да го испорачуваат до локацијата за прибирање на сигнали лоцирана во секои од подрачјата на регионално ниво согласно членот 62 став (4) од овој закон, заради негова натамошна дистрибуција до системот за програмски надзор на Агенцијата во Скопје.

(4) Локациите за прибирање на сигнали од ставот (3) на овој член ги утврдува Агенцијата и истите ги објавува на својата веб страница.

IX. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

Член 145

Избришан 

Член 146

Избришан 

Член 147

(1) Глоба во износ од 1.000 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице, ако:
1) не овозможи вршење на стручен надзор согласно со членот 32 од овој закон;
2) има таен содружник согласно со членот 34 од овој закон;
3) дополнително се утврди дека еден од основачите на радиодифузер е правното лице од членот 35 став (2) од овој закон;
4) се стекне со сопственост спротивно на членовите 37 и 38 од овој закон;
5) остварува недозволена медиумска концентрација спротивно на одредбите на членот 39 од овој закон;
6) не ја извести Агенцијата за промена на сопственичката структура (член 41 став (1));
7) спроведе промена на сопственичката структура пред истата да биде одобрена од страна на Агенцијата (член 41 став (2));
8) на Агенцијата по нејзино барање не и достави податоци од значење за одлучување (член 41 став (5));
9) не достави податоци од значење за одлучување на Агенцијата во постапката за утврдување на недозволена медиумска концентрација по службена должност (член 43 став (2));
10) емитува и создава програми со кои се загрозува националната безбедност, се поттикнува насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, се повикува на воена агресија или на оружен конфликт, се поттикнува или шири дискриминација, нетрпеливост или омраза врз основа на раса, боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус, или која било друга основа.
11) не ги почитува правилата за заштита на малолетната публика (член 50);
12) обезбедува телевизиско или радио емитување без дозвола за телевизиско или радио емитување (член 62 став(2));
13) обезбедува телевизиско или радио емитување во подрачје кое не му е определено во дозволата за телевизиско или радио емитување (член 62 став (3));
14) обезбедува употреба на јазик спротивно на членот 64 од овој закон;
15) не спроведува најмалку 80% од програмскиот концепт за кој му е издадена дозволата во текот на една недела (член 67 став (6));
16) го промени или дополни програмскиот концепт на радиодифузерот врз основа на која радиодифузерот ја добил дозволата за телевизиско или радио емитување повеќе од 10%, без претходна согласност од Агенцијата (член 67 став (7));
17) не постапува во согласност со одредбите од членот 77 став (5) или (6) од овој закон;
18) дозволата за телевизиско или радио емитување ја пренесе на друго лице (член 79 став (4)) и
19) не ги почитува обврските за емитување на европски дела и дела од независни продуценти утврдени во членот 91 од овој закон.

(2) Глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на одговорното лице на програмата во правното лице и на трговец поединец за сторениот прекршок од ставот (1) на овој член.

(3) Глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на физичко лице за сторениот прекршок од ставот (1) точка 11 на овој член.

(4) Прекршочната одговорност за сторениот прекршок по став (1) точка 10) на овој член не ја исклучува и кривичната одговорност утврдена со Кривичниот законик.

Член 148

(1) Глоба во износ од 2.500 евра во денарска проттиввредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице, ако:
1) не води дневна евиденција на емитуваната програма или не го снима излезниот сигнал на својата програма или снимките од целокупната програма не ги чува најмалку 60 дена по емитувањето (член 47 став (1));
2) програмите кои биле составен дел од каталогот неизменети не ги чува најмалку 30 дена по датумот кога престанале да им бидат достапни на корисниците (член 47 став (2));
3) во случај на покренување судски спор не ги чува снимените материјали до завршувањето на спорот (член 47 став (4));
4) не води дневна евиденција или не обезбедува квалитет на снимките од целокупната програма на начин пропишан од Агенцијата (член 47 став (5));
5) не обезбеди информации достапни за корисниците согласно со членот 51 став (1) од овој закон;
6) при квизови или различни облици на наградно учествување на слушателите и гледачите на аудио или аудиовизуелна програма не обезбеди недвосмислено објавување на правилата за тие содржини и за јавно ветената награда (член 52);
7) аудиовизуелната комерцијална комуникација не е во согласност со членот 53 од овој закон;
8) спонзорството не е во согласност со членот 54 од овој закон;
9) пласирањето на производи не е во согласност со членот 55 од овој закон;
10) аудиовизуелните медиумски услуги по барање се обезбедуваат без потврда за регистрација (член 56 став (1));
11) не ја извести Агенцијата за секоја промена на податоците во утврдениот рок (член 56 став (9));
12) врз основа на добиени ексклузивни права емитува настани од големо значење за општеството спротивно на членот 87 од овој закон;
13) не обезбеди право на кратко известување за настани за кои постои висок интерес кај јавноста согласно со членот 89 од овој закон;
14) не ги почитува обврските од членот 92 ставови (1) и (2) од овој закон;
15) користи телефонски услуги со додадена вредност, вклучувајќи го и телефонското гласање во вести, во информативна и образовна програма, во верски служби и проповеди и во програми за деца (член 93 став (1));
16) користи телефонски услуги со додадена вредност спротивно на членот 93 став (2) од овој закон;
17) емитува игри на среќа организирани од субјекти кои немаат лиценца од надлежен орган за организирање на игри на среќа (член 94 став (1));
18) организира и емитува игри на среќа со обложување на спортски натпревар (член 94 став (2));
19) се поврзува во единствен систем за емитување на заедничка програма, без претходно доставено известување до Агенцијата (член 95 став (1));
20) не ја извести Агенцијата за програмскиот концепт за заедничката програма или не именува одговорен уредник на програмата (член 95 став (2));
21) идентификацијата не ја обезбедува согласно со членот 97 од овој закон;
22) емитува рекламирање и телешопинг на начин спротивно на членот 99 од овој закон;
23) не ги објави годишниот извештај за работа за претходната година и годишната програма за работа за наредната година на својата веб страница (член 106 став (7));
24) не ја објави на својата веб страница предлог-програмата за работа за наредната година пред да ја достави во Собранието на Република Македонија (член 113 став (1));
25) реемитува програмски сервиси спротивно на членот 141 од овој закон;
26) најдоцна до 15 март во тековната година до Агенцијата не достави извештај за износот на вкупниот приход (член 142 став (3));
27) не ги почитува обврските од членот 143 од овој закон и
28) не ги почитува обврските од членот 144 од овој закон.

(2) Глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на одговорното лице на програмата во правното лице и на трговец поединец за сторениот прекршок од ставот (1) на овој член.

(3) Прекршочната одговорност за сторениот прекршок по став (1) точка 27) на овој член не ја исклучува и кривичната одговорност утврдена со Кривичниот законик.

Член 149

(1) Глоба во износ од 1.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правно лице, ако:
1) на барање на Агенцијата не и достави снимка од програмите најдоцна во рок од три дена (член 47 став (3));
2) пренесува кинематографски дела надвор од периодот утврден во договорите со имателите на правата (член 49);
3) знаците за идентификација не ги истакнува континуирано на сите програми, односно не ги емитува најмалку еднаш во текот на еден реален час на радиопрограмата (член 51 став (2));
4) употребува знаци за идентификација спротивно на членот 51 став (3)) од овој закон;
5) за секоја промена на знаците за идентификација не достави примерок до Агенцијата (член 51 став (4));
6) на барање на Агенцијата не достави документи во врска со промовирањето на производство и пристап до европски дела (член 60 став (2));
7) не го почитува времетраењето на дневно емитување утврдено во членот 90 од овој закон;
8) рекламирањето и телешопингот не се јасно препознатливи и одвоени од другите делови на програмата (член 98 став (1));
9) времетраењето на рекламирањето и на телешопинг спотовите изнесува повеќе од 12 минути на еден реален час (член 100 став (1));
10) во рекламите и телешопингот, визуелно или тонски, прикажува лица кои редовно презентираат вести и актуелни информативни емиси (член 101);
11) не склучи посебен договор за набавка на аудио или аудиовизуелни дела согласно со членот 105 став (3) од овој закон;
12) начинот и постапката на спроведување на јавните конкурси, начинот и постапката за набавката на аудио или аудиовизуелните дела, односно на програмските содржини и склучувањето на договорите се врши спротивно на актот од членот 105 став (4) од овој закон;
13) не го објави статутот на МРТ на веб страницата на МРТ (член 114 став (3)) и
14) не ги објави дневниот ред, записниците од седниците на Програмскиот совет на МРТ, донесените одлуки, како и изјаснувањето на членовите на Програмскиот совет на МРТ при постапката на гласање за одредено прашање и одлука на веб страницата на МРТ во рок од седум дена од денот на одржаната седница (член 122 став (3)).

(2) Глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на одговорното лице на програмата во правното лице и на трговец поединец за сторен прекршок од ставот (1) на овој член.

Член 150

Прекршочни санкции

(1) На правното лице за сторениот прекршок од членовите ,, 147, 148 и 149 од овој закон покрај глобата може да му се изрече и прекршочна санкција забрана за вршење на определена дејност во траење од шест месеци до три години. 

(2) На одговорното лице на програмата во правното лице за сторениот прекршок од членовите ,, 147, 148 и 149 од овој закон покрај глобата може да му се изрече и прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност во траење од три месеци до една година. 

(3) На трговец поединец за сторениот прекршок од членовите ,, 147, 148 и 149 од овој закон покрај глобата може му се изрече и прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност во траење од три месеци до една година. 

X. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 151

Одредбите од членот 46 ставови (3) и (4) од овој закон ќе се применуваат по приемот на Република Македонија во Европската унија.

Член 151-а

Одредбите од членовите 92, 92-а, 92-б, 92-в, 92-г, 92-д, 92-ѓ, 92-е, 92-ж, 92-з, 92-ѕ и 92-и од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија“ број 184/13, 13/14, 44/14, 101/14, 132/14, 142/16 и 132/17), нема да се применуваат од денот на влегувањето во сила на овој закон до 1 јануари 2019 година.

Член 152

(1) Собранието на Република Македонија ќе упати јавен повик за доставување на предлог на кандидати за членови на Советот на Агенцијата, согласно со членот 14 од овој закон, во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

(2) Овластените предлагачи од ставот (1) на овој член ги утврдуваат и доставуваат предлозите за членови на Советот на Агенцијата до Собранието на Република Македонија по постапка и во рок утврдени со овој закон.

(3) Собранието на Република Македонија во рок од еден месец од приемот на сите предлози од ставот (2) на овој член треба да ги именува членовите на Советот на Агенцијата на начин утврден со овој закон.

(4) Со именувањето на членовите на Советот на Агенцијата од ставот (3) на овој член им престанува мандатот на постојните членови на Советот за радиодифузија, освен на постојниот претседател на Советот за радиодифузија.

(5) Постојниот претседател на Советот за радиодифузија ја врши функцијата директор на Агенцијата до изборот на директор на Агенцијата согласно со ставот (8) на овој член, без право на глас при донесувањето на одлуките на Советот. Со изборот на директор на Агенцијата на постојниот претседател на Советот за радиодифузија му престанува мандатот.

(6) Постојните членови на Советот за радиодифузија имаат право да бидат именувани за членови на Советот на Агенцијата.

(7) Советот на Агенцијата именуван согласно со одредбите од овој закон ќе го донесе Деловникот за работа на Агенцијата во рок од 60 дена од денот на донесувањето на одлуката за именување на членови на Советот.

(8) Советот на Агенцијата од ставот (3) на овој член ќе донесе одлука за објавување на јавен конкурс за избор на директор на Агенцијата во рок од 15 дена од денот на донесувањето на Деловникот за работа на Агенцијата. Изборот на директор ќе се изврши во согласност со одредбите од овој закон и со Деловникот за работа на Агенцијата.

(9) Во рок од шест месеци од денот на донесувањето на одлуката за избор на директор на Агенцијата, Агенцијата ќе ги донесе актите кои произлегуваат од овој закон, а до денот на влегувањето во сила на актите, ќе се применуваат актите што важеле до денот на влегувањето во сила на овој закон.

(10) Средствата, правата, обврските и архивата на Советот за радиодифузија, како и вработените во стручната служба на Советот за радиодифузија ги презема Агенцијата.

Член 153

(1) Собранието на Република Македонија ќе упати јавен повик за доставување предлог на кандидати за членови на Програмскиот совет на МРТ до овластените предлагачи од членот 117 од овој закон во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

(2) Овластените предлагачи од ставот (1) на овој член ги утврдуваат и доставуваат предлозите за членови на Програмскиот совет на МРТ до Собранието на Република Македонија на начин и во рок утврдени со овој закон.

(3) Собранието на Република Македонија во рок од еден месец од приемот на сите предлози од ставот (2) на овој член треба да ги именува членовите на Програмскиот совет на МРТ на начин утврден со овој закон.

(4) Со именувањето на членовите на Програмскиот совет на МРТ од ставот (3) на овој член им престанува мандатот на постојните членовите на Советот на МРТ.

(5) Програмскиот совет на МРТ именуван согласно со одредбите од овој закон ќе го донесе Статутот на МРТ во рок од 60 дена од денот на донесувањето на одлуката за избор на членови во Програмскиот совет на МРТ.

(6) Програмскиот совет на МРТ од ставот (3) на овој член ќе донесе одлука за објавување на јавен конкурс за избор на членови во Надзорниот одбор на МРТ во рок од 15 дена од денот на донесувањето на Статутот на МРТ. Изборот на членови на Надзорниот одбор на МРТ ќе се изврши во согласност со одредбите од овој закон и со Статутот на МРТ.

(7) Со изборот на членовите на Надзорниот одбор на МРТ им престанува мандатот на постојните членови на Управниот одбор на МРТ.

(8) Програмскиот совет на МРТ ќе донесе одлука за објавување на јавен конкурс за избор на директор и заменик на директорот на МРТ во рок од 15 дена од денот на донесувањето на Статутот на МРТ. Изборот на директорот и заменикот на директорот на МРТ ќе се изврши во согласност со одредбите од овој закон и со Статутот на МРТ.

(9) Во рок од шест месеци од денот на донесувањето на одлуката за избор на директор и заменик на директорот на МРТ, МРТ ќе ги донесе актите кои произлегуваат од овој закон, а до денот на влегувањето во сила на актите, ќе се применуваат актите што важеле до денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 154

(1) Постојните оператори кои реемитуваат програмски сервиси преку јавни електронски комуникациски мрежи се должни во рок од девет месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон до Агенцијата да достават пријава за регистрација согласно со овој закон.

(2) Агенцијата, по службена должност, ќе изврши замена на постојните дозволи за вршење на радиодифузна дејност со нови дозволи за телевизиско или радио емитување во согласност со овој закон, во рок од 90 дена од денот на донесувањето на одлуката за избор на директор на Агенцијата, со рок на важност од девет години сметано од денот на издавањето на новата дозвола.

(3) Обврските утврдени во членот 92 ставови (4), (8) и (9) на овој член ќе се применуваат од 1 јануари 2014 година.

Член 155

Со денот на влегувањето во сила на овој закон престануваат да важат Законот за радиодифузната дејност (“Службен весник на Република Македонија” број 100/2005, 19/2007, 103/2008, 152/2008, 6/10, 145/10, 97/11,13/12 и 72/13), со исклучок на одредбата од членот 10 став (11) од Законот за изменување и дополнување на Законот за радиодифузната дејност („Службен весник на Република Македонија“ број 72/13).

Член 156

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.