Закон за амнестија

Член 1 

Со овој закон се ослободуваат од гонење, се запираат кривичните постапки и потполно се ослободуваат од извршувањето на казната затвор (во натамошниот текст: амнестија), граѓани на Република Македонија, лица со законски престој, како и лица кои имаат имот или семејство во Република Македонија (во натамошниот текст: лица), за кои постои основано сомневање дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот во 2001 година, заклучно со 26 септември 2001 година.

Амнестијата се однесува и на лица кои и пред 1 јануари 2001 година подготвувале или сториле кривични дела во врска со конфликтот во 2001 година.

Со амнестијата од ставовите1 и 2 на овој член:
– се ослободуваат од гонење за кривично дело според Кривичниот законик и друг закон на Република Македонија лицата за кои постои основано сомнение дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот до 26 септември 2001 година;
– се запираат кривичните постапки за кривични дела според Кривичниот законик и друг закон на Република Македонија против лицата за кои постои основано сомнение дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот до 26 септември 2001 година;
– потполно се ослободуваат од извршување на казната затвор за кривични дела според Кривичниот законик и друг закон на Република Македонија лицата кои подготвувале или извршиле кривични дела поврзани со конфликтот до 26 септември 2001 година и
– се определува бришење на осудата и се укинува правната последица на осудата заклучно со 26 септември 2001 година;

Одредбите од ставовите 1, 2 и 3 на овој член не се однесуваат на лицата кои извршиле кривични дела поврзани и во врска со конфликтот во 2001 година кои се во надлежност и за кои Меѓународниот трибунал за гонење на лица одговорни за тешко кршење на меѓународното хуманитарно право на територијата на поранешна Југославија од 1991 година ќе поведе постапка.

Член 2

Одредбата од член 1 освен ставот 4 на овој закон се однесува и на лицата кои во периодот додека траел конфликтот не се одзвале на поканата и ја одбегнале воената служба и воената вежба како и на лицата кои самоволно се оддалечиле од вооружените сили.

Член 3

Се ослободуваат од извршување казната затвор за 25% од неиздржаниот дел од казната лицата осудени со правосилна пресуда за кривични дела пропишани со Кривичниот законик и друг закон на Република Македонија, ако и на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале со издржувањето на казната затвор во казнено-поправните установи во Република Македонија.

Одредбата од став на овој член не се однесува на лицата осудени за кривични дела против човечноста и меѓународното право, неовластеното производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, овозможувањето на употреба наркотични дроги психотропни супстанции и прекурзори, како и на лицата осудени на казна доживотен затвор.

Член 4

Ако против лицата од членовите 1 и 2 на овој закон не е поднесена кривична пријава истата нема да се поднесе.

Член 5

Постапката за примена на овој закон за лицата од член 1 став 3 алинеи 1 и 2 и член 2 на овој закон, против кои е во тек кривична постапка ја поведува по службена должност надлежниот јавен обвинител, односно надлежниот првостепен суд или лицето на кое се однесува амнестијата, односно лице кое во корист на обвинетиот може да изјави жалба.

Постапката за примена на овој закон за лицата од член 1 став 3 алинеја 3 и членовите 2 и 3 на овој закон за кои кривичната постапка правосилно е завршена ја поведува по службена должност казнено-поправната установа во која осуденото лице ја издржува казната затвор, а за лицата кои не отпочнале со издржување на казната затвор постапката ја поведува по службена должност судот што ја донел првостепената пресуда или по барање на јавниот обвинител или осуденото лице.

Решението за амнестија за лицата од ставовите 1 и 2 на овој член го донесува надлежниот орган согласно со Законот за кривична постапка односно Законот за извршување на санкциите во рок од три дена од денот на донесувањето на овој закон.

Член 6

Против решенијата од член 5 став 3 на овој закон жалба можат да поднесат јавниот обвинител, лицата на кои се однесува амнестијата и лицата кои во нивна корист можат да изјават жалба.

Јавниот обвинител не може да поднесе жалба против решението со кое лицето е амнестирано.

По жалбата против решението на првостепениот суд одлучува непосредно повисокиот суд, а против решението на казнено-поправната установа одлучува Министерството за правда.

Жалбата од став 1 на овој член не го задржува правото на извршување на решението.

Член 7

Во постапката за спроведување на овој закон се применуваат и одредбите на Законот за кривичната постапка и Законот за извршување на санкциите доколку со овој закон поинаку не е определено.

Член 8

Упатство за спроведување на овој закон може да донесе министерот за правда наредниот ден од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 9

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија“.